Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all articles
Browse latest Browse all 725

На секои избори –исти донатори!

$
0
0

Текстов е објавен во дневниот весник Фокус во изданието од 14-ти декември 2011-та .Третиот дел од истражувањето можете да го прочитате на овој линк.

Пишувале
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Ацо Петрушев, советник во општина Гази Баба, е задолжен со кредит од 200.000 денари, но тоа не го спречило за ВМРО-ДПМНЕ на последните и на претходните избори да донира 210.000 денари

На секои избори се повторуваат луѓето што даваат огромни суми пари како донација за ВМРО-ДПМНЕ. Според истражувањето на „Фокус“, едни исти лица се јавуваат на списокот донатори кои одвојувале повеќе од илјада евра на последните избори годинава, и двојно повеќе и на локалните и на парламентарните избори во 2009 година. Останува сомнежот дали станува збор за фиктивни донации или земјоделци, учителки, редари и пензионери редовно одвојуваат високи суми од заштедата, во име на партијата.

ДОЛГА Е ЛИСТАТА НА ДАРЕЖЛИВИТЕ

Ако сега сите донации од физички лица се со идентични суми од по илјада евра, во 2009 година, за локалните избори, се давале и повеќе пари и  различни суми. Така, на пример, младиот Борче Стамов, портпарол во Министерството за надворешни работи, редовно донира за владејачката партија. Оваа година дал илјада евра, но затоа во 2009 година, тогаш 22-годишниот службеник одвоил двесте илјади денари или повеќе од три илјади евра за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Стамов одби да даде каков било коментар за „Фокус“ поврзан со неговите донации за партијата.

Освен него, меѓу дарежливите граѓани се и низа општински советници, кои, како оваа, така и минатите години ја помогнале партијата со финансиски донации. Претседателот на Советот на општина Велес, Славчо Чадиев, оваа година, како и сите други донатори, дал „само“ илјада евра. Но, затоа на претходните избори Чадиев издвоил речиси 5 илјади евра од својот буџет за да ја помогне кампањата на ВМРО- ДПМНЕ за локалните и за претседателските избори. „Фокус“ го контактираше Чадиев, но тој одби да зборува за донациите по телефон.

– Вакви прашања не се прашуваат по телефон. Јас со новинари по телефон не зборувам од принцип. И од кај да знам која сте. Сѐ што имате, во живо ќе прашате – вели Чадиев.

И советничката од Град Скопје, Ирена Мишева, на овие избори „честела“ само илјада евра, но на претходните дала четири илјади евра повеќе или 300.000 денари.

Како едни од најактивните донатори повторно се јавуваат советниците од општина Гази Баба. На овие избори донирале речиси сите од советничката група на ВМРО ДПМНЕ, но без нивните донации не минале ниту локалните избори од 2009 година. Претседателот на Советот, Милан Андоновски, за само две години дал 5.000 евра за партијата. Илјада годинава, 4.000 во 2009 година. Неговиот сопартиец и колега во Советот, Ацо Петрушев, за локалните избори пред две години донирал 150.000 денари, а на овие избори 60.000 денари.

ЗА ПАРТИЈАТА И ЌЕ СЕ ЗАДОЛЖИ!

Ако Славчо Чадиев од општина Велес со новинарите разговара само во живо, Петрушев воопшто и не гледа причина да разговара со новинари на темава.

– Новинарите не се тие што треба да прашуваат за оваа работа. Новинарите само подгреваат вакви работи, вас ова не треба да ве интересира – рече Петрушев во телефонски разговор со „Фокус“.

Сепак, многу прашања на новинарите остануваат неодговорени. Како, дали можеби советникот потребите на партијата ги става и пред неговите лични потреби. Петрушев во својот анкетен лист за имотната состојба доставен до Антикорупциската комисија навел дека вози старо возило марка „типо“ од 2.000 евра, но и дека има долг за кредит од 200.000 денари земен уште во 2006 година. „Фокус“ пресмета дека со парите кои Петрушев ги донирал во овие три години, вкупно 210.000 денари, ќе можел слободно да си ги исплати останатите рати од кредитот.

Со ова, многу прашања околу донациите што физичките лица ги даваат за партијата остануваат неодговорени, особено затоа што парите се донираат преку каса-прими, а не преку трансакциска сметка, па невозможно е да се провери дали воопшто лицето одвоило пари од заштедата во име на партијата.

Финансирањето на изборните кампањи останува да биде една од најголемите рани за демократијата во земјава. Европската комисија веќе петта година по ред во своите извештаи ја нотира нетранспарентноста на партиите, кога станува збор за парите што им се слеваат на сметките.

крај


Viewing all articles
Browse latest Browse all 725

Trending Articles