Текстот е објавен на 09 април, 2015 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1018
Пишува Ирена МУЛАЧКА
Директорот на Фондот за здравство во Шведска и неколку службеници пред две години си поднеле оставки на работните места, откако оваа институција побарала од пациентите заболени од рак да достават лекарски потврди, во кои требало да го наведат датумот кога очекуваат да починат. Според медиумите, ваквите потврди биле побарани од повеќе од дваесетина пациенти, со намера да им биде одобрено понатамошно платено боледување.
Овој скандал доби голем публицитет во медиумите бидејќи шведскиот Фонд за здравство во последните неколку години драстично ги заострил условите за исплата на надомест во случај на боледување и отсуство од работното место. Во јавноста се крена голема фама, а случајот беше експресно разрешен, со оставки на одговорните лица.
За разлика од Шведска, македонскиот Фонд за здравство години наназад го следат низа скандали. Речиси сите директори на Фондот се соочија со кривични пријави за проневера, а дел од нив завршија и во затвор. Но, тоа не е сѐ. Иако, здравствената каса располага со буџет од вртоглави 390 милиони евра годишно, сепак со месеци доцни исплатата на породилните и другите видови боледувања, а се јавуваат и бројни проблеми при одобрувањето пари за лекување и операции во странство. Притоа многу деца на кои им е потребна трансплантација на коскена срцевина, операција на искривен ’рбет или кои имаат проблеми со срцето се оставени на цедило.
Во 2010 година, оваа здравствена институција ја тресеше уште една афера – недостигот од лекови во скопските аптеки, но и во аптеките во другите градови низ земјава. Сепак, во јавноста ќе остане запаметена прес-конференцијата на ексдиректорката Маја Парнаџиева – Змејкова и поранешниот министер за здравство Бујар Османи, кои само три дена пред предвремените парламентарни избори во 2011 година, на позитивната листа ги ставија лековите за болните од хронична миелоична леукемија, кои чинеа 2.000 евра месечно, а за кои пациентите претходно со години молеа да ги добијат.
Скандал во јавноста пукна и кога Фондот за здравство пред неколку месеци поднесе кривични пријави против 15.000 граѓани бидејќи внеле невистинити податоци за висината на нивните приходи, и со тоа оствариле право на здравствено осигурување. На аферите им нема крај, но да почнеме со ред.
ЗА САМО ЕДЕН МЕСЕЦ, ШЕСТ ДИРЕКТОРИ ВО ФОНДОВСКАТА ФОТЕЛЈА
Пред една недела, на директорското столче во Фондот за здравство седна Сашо Стефановски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој на 32-годишна возраст ќе управува со здравствената каса, која за оваа година има буџет од 390 милиони евра. Стефановски ја зазеде директорската фотелја во конкуренција од над 30 кандидати. Според неговата биографија, тој нема ниту еден ден работно искуство во ФЗОМ, бидејќи на ова место доаѓа од Министерството за одбрана, каде што ја извршуваше функцијата државен секретар.
Мора да се напомене дека од 2006 година наваму, Стефановски како политички кадар на владејачката партија експресно напредува во својата кариера и досега извршувал неколку функции. Тој е стоматолог по професија и на 22-годишна возраст почнува како асистент во Министерството за здравство, а три години подоцна станува советник во Град Скопје. Во меѓувреме, тој е претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а веќе во 2010 година, како што пишуваа медиумите, по партиска линија е вработен на Стоматолошката клиника.
По некое време, Стефановски станува државен секретар во Министерството за локална самоуправа, а сега, последната година ја имаше истата функција само во Министерството за одбрана.
Ова е шести директор на Фондот за здравство во последните две години, а до смена на директорските позиции дојде откако почина 9-годишната Тамара Димовска од Велес, која со месеци чекаше да се одобрат пари за операција во странство. Девојчето почина, а под притисок на јавноста по две недели, директорката Маја Парнаџиева – Змејкова и вториот директор Џемаили Мехази од морални причини си поднесоа оставки од функциите.
Така, само во рок од две недели беа сменети петмина директори. По оставките на старите, владата веднаш се зафати со работа и веќе на наредната седница за нови в.д. директори ги именуваше Сања Минкова, вработена како соработник за правни прашања во Канцеларијата на премиерот Никола Груевски, а како кадар на ДУИ, Орхан Рамадани, кој е поранешен директор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги „Македонија“. Минкова е сестра на сопругата на Јовица Латиновски, син нa Петре Латиновски, градоначалник на скопската Општина Бутел од редовите на ДПМНЕ, кој, пак, е советник во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов. Таа, исто така, била дел од раководната структура на прилепскиот Тутунски комбинат заедно со Рамадани, кој, пак, бил обвинет за злоупотреба на финансии, додека раководел со тоа претпријатие. Рамадани подоцна ги демантираше тие информации изнесени во медиумите.
Но, кариерата на Минкова како директорка на ФЗОМ траеше само 24 часа, бидејќи веќе наредниот ден беше отстранета од функцијата, со образложение дека нема работно искуство на специфично работно место од шест години. Нејзиното именување предизвика бура од негативни реакции на социјалните мрежи. На местото на Минкова, веќе истиот ден владата ја именува Кристина Христова, која дојде од позицијата директор на Секторот за фармација.
Но, таа на директорското столче имаше можност да седи само две недели, бидејќи веднаш се распиша конкурс на кој експресно беше избран Стефановски. Уште почудно во целата ситуација е тоа што од Фондот за здравство соопштение за тоа кој е новиот директор испратија во средата, а дури четири дена подоцна, во саботата, беше објавен конкурс за именување директори на оваа институција.
Останува нејасно прашањето, која е причината што прво беше соопштено името и презимето на новиот фондовски директор, за дури по три дена да излезе конкурс во весниците за избор на нови директори!?
ОСТАВКИ, РОКАДИ, НОВИ ФУНКЦИИ…
Иако најдолго во директорската фотелја се задржа Маја Парнаџиева – Змејкова, сепак и нејзиното „владеење“ не помина без црни дамки во кариерата. Таа, Фондот за здравство го раководеше заедно со Словенецот Јанез Јелникар како втор директор, кој на оваа функција дојде во 2008 година. Тој зад себе имаше богато работно искуство.
Јелникар на оваа позиција остана само две години, до 2010 година кога си поднесе оставка од функцијата.
Тој официјално тврдеше дека си оди поради лични (фамилијарни) причини, но неофицијални информации во тој период говореа дека вториот директор бил постојано под притисок и имал многу недоразбирања со Парнаџиева – Змејкова. Јелникар си замина, а на негово место една година подоцна дојде Џемаили Мехази од „интегративците“, кој не го криеше задоволството што како припадник на албанската етничка заедница застанува на чело на оваа институција. Двајцата директори во ФЗОМ функционираат по принципот на „врзани потписи“, од кои едниот доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а другиот од ДУИ.
Мехази амбициозно ја почна својата кариера во Фондот, но наместо приоритет да му се лековите и правата на осигурениците, тој во првата изјава за медиумите ја потенцираше соодветната и правична застапеност на етничките заедници во оваа институција.
По две години, „иди ми-дојди ми“ од фондовската фотелја направи и Парнаџиева – Змејкова. Во тој период, таа отиде на породилно боледување, а на нејзино место дојде Јован Грповски, десна рака на министерот за здравство Никола Тодоров. Во меѓувреме, до „Фокус“ пристигнаа документи во кои се наведуваше дека актуелната директорка конкурирала за помлад асистент по предметите макроекономија и државна регулација кај професорот Трајко Славевски на државниот Економски факултет. И до ден денес никој не дава информации – дали таа навистина планирала да го напушти директорското столче, па во меѓувреме ја разубедиле повторно да се врати на старата функција?
Рокадите во една од најголемите здравствени институции завршија за само една година, па секој си се врати на старото работно место.
Во тој период, и двајцата не сакаа да коментираат на оваа тема.
Скандал во оваа здравствена институција се случи и пред пет години, во 2010 година, кога тогашниот портпарол Дејан Гацов си поднесе оставка, бидејќи, како што рече, не сакал да биде дел од владината здравствена политика, која води кон распаѓање на системот. Тој, како главни виновници ги посочи Груевски и Мартин Протуѓер, жестоко обвинувајќи ги за лошите политики што се водат во здравството, а од кои најмногу страдаат граѓаните.
Многумина од нив упатуваа жестоки критики на адреса на Фондот, а досега имаше и неколку протести на револтирани граѓани, како и на матичните лекари и стоматолози, кои се жалеа поради ниската капитација што ја добиваат од ФЗОМ.
Притоа мора да нагласиме дека Фондот за здравствено осигурување има повеќе надлежности, меѓу кои планира и прибира средства од задолжителното здравствено осигурување, се грижи за законско остварување на правата на осигурениците и им пружа стручна помош, потоа ги плаќа здравствените услуги за осигурениците, но ги плаќа и надоместоците на плати. Исто така, ФЗОМ ги утврдува референтните цени на лековите, медицинските и ортопедските помагала, опремата, протезите и други потрошни материјали кои се користат во здравствената заштита на осигурените лица.
ДИРЕКТОРИ НА ОБВИНИТЕЛНА КЛУПА
Една од најголемите здравствени институции која располага со парите на граѓаните пречека многу директори, но и испрати неколкумина од нив во затвор. Не помина директор на ФЗОМ кој не заработи кривична пријава за проневера на пари или, пак, не купувал лекови за нереално високи цени и го оштетил Фондот за голема сума пари.
Најмногу проблеми со законот имаше екс директорот Ѓорѓи Тренковски, кој по трет пат треба да седне на обвинителна клупа, откако пред неколку месеци Апелација пресече и ја отфрли ослободителната пресуда што ја донесе Основниот суд Скопје 1.
Поранешниот директор на државната здравствена каса, кој доаѓаше од редовите на владејачката партија, по само неколку месеци откако си поднесе оставка од директорската функција, спектакуларно, со медиумска поддршка беше уапсен под обвинение за злоупотреба на службената положба. Исто така, тој беше обвинет и за авторизирање на плаќање на една фармацевтска компанија двапати за истата пратка. Со него заедно беше уапсена и директорката на „Градски аптеки“, Весна Огненовска, со која беа обвинети за финансиски малверзации тешки 450 илјади евра.
Тренковски беше притворен во ноември 2009 година, а судскиот процес против него почна во 2010 година. Во негова одбрана, тој тврдеше дека како директор немал контакти со должничко – доверителски односи со ниту една аптека и дека тоа било во надлежност на подрачната единица на ФЗО.
„Викиликс“ објави дека зад спектакуларното и јавно апсење на Тренковски стои шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер, кој пред да биде обвинет му се заканил со судска постапка, затоа што не се согласувал со моменталната политика на премиерот. Според „Викиликс“, на средбата со амбасадорот на 10 ноември, еден стипендист на програмата „Рон Браун“ и блиски соработници на Тренковски го информирале амбасадорот дека целиот настан бил политички мотивиран и оркестриран од премиерот затоа што рекол нешто што не треба, иако тоа го рекол приватно.
Според „Викиликс“, тие цврсто верувале дека Тренковски е невин и дека обвиненијата биле порака, не само до него, туку и до други, кои размислуваат да ја изневерат партијата. Тој во моментот е директор на германската фирма „Дрекслмаер“ во Кавадарци.
Директорската позиција во Фондот за здравство досега донесе неколку кривични постапки. Прв беше Војо Михајловски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ од владата на Љубчо Георгиевски, кој беше осуден на четири години затвор бидејќи купувал за нереално високи цени и го оштетил Фондот за над 3,5 милиони евра.
Потоа, Рубинчо Заревски, кадар на СДСМ спектакуларно беше уапсен за проневера на 15 милиони денари, но случајот не стигна на суд. Никола Пановски, исто така беше осомничен од МВР дека проневерил околу половина милион евра камати за веледрогериите. Обвинителството тогаш ја одби пријавата, бидејќи МВР не понуди доволно докази.
„Фокус“ испрати неколку прашања до Фондот, но до затворањето на весникот од таму не добивме повратен одговор. Новиот директор веднаш почна со работа, па на Светскиот ден на здравјето беше во посета на подрачната единица во Струмица.
Како и да е, здравствената институција што располага со парите на граѓаните редовно се фали дека обезбедува квалитетни здравствени услуги. Но, ситуацијата на терен изгледа поинаку. Наместо поевтини, граѓаните купуваат поскапи лекови, наместо 50 денари за пап-тест и брисеви, тие плаќаат над 500 денари, а да не зборуваме за добивањето пари за операции во странство и за долговите на болниците, кои според информациите, достигнаа над 50 милиони евра.
Очигледно, во Македонија здравјето и животот на луѓето не се приоритет.
Рамка:
БУЏЕТ ОД 390 МИЛИОНИ ЕВРА
Буџетот на државната здравствена каса секоја година се зголемува, но старите проблеми остануваат. Така, за 2015 година, на оваа институција на располагање и се рекордни 390 милиони евра, што претставува најголем буџет досега во историјата на фондовската каса. Според информациите, што во јавноста пред неколку месеци ги сподели ексдиректорката, најголем дел од паричниот колач бил распореден во буџетите на јавните здравствени установи, а до најголемо покачување дошла Градската болница „8 Септември“.
Претходната година, во 2014, државната здравствена каса располагала со буџет од 370 милиони евра, додека во 2013, буџетот бил околу 360 милиони евра.
Рамка:
ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ТУЖЕШЕ НЕКОЛКУ НОВИНАРИ
Пред три години Фондот за здравство тужеше неколку новинари за текстови објавени во медиумите, каде што се критикуваше работата на оваа здравствена институција. Се одржаа и неколку судски рочишта, но спас за новинарите беше новиот закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, бидејќи според стариот кривичен закон, сите тужби беа отфрлени, па Фондот не покрена нови судски процеси