Текстот е објавен на 28 март, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 964
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
„Српската власт не верува во Бог, туку во погубната митологија на Европската унија. Премиерот Ивица Дачиќ зборува за реална политика и не го интересира небесна Србија. Така зборуваше и Зоран Ѓинѓиќ и сите знаеме како заврши!“
Оваа заканувачка порака пред една година ја испрати српскиот владика Атанасие Јефтиќ на протестите во Белград против бриселскиот договор. Неговиот колега, пак, Амфилохие, во истиот период, на митинзи прогласуваше предавници и се молеше за „покој на душите“ на живи луѓе.
Да расчистиме. Овде зборуваме за Србија, за нејзините владици и нивната вмешаност во дневно-политичките случувања. Но, кога ќе го свртиме листот и ќе се вратиме во Македонија, можеме да констатираме дека ситуацијата е речиси идентична. Со една мала разлика. Дел од српските епископи ја напаѓаа власта, додека македонските се пуштија во битка против опозицијата.
Партијата на власт, од 2006 година ја има целосната поддршка од Светиот синод, кој пред две години почна активно да се занимава со политичка агенда. Нивниот прв јавен напад беше врз експремиерот Љубчо Георгиевски, кого го сардисаа со погрдни и навредливи зборови, барајќи од народот на демократски начин да го „награди“ со конечен заборав и да му го покаже неговото место во свршеното минато. Дури го нарекоа и најгласниот говорител на нечуените фалсификати и лаги за македонската вистина. Дали вакви зборови треба да се слушнат од устата на тие што го проповедаат Божјото слово!?
Сепак, нивната политичка мисија не заврши тука. Откако го „решија“ екслидерот на ДПМНЕ, почнаа да го превоспитуваат опозиционерот Андреј Жерновски. Го нападнаа дека не ја поддржал веронауката во училиштата, а дел од владиците подоцна си гледаа сеир додека „верниците“ од „Веритас“ ја уриваа Општина Центар. Да потсетиме само колку пати имаа слични ставови со „вмровците“ околу темите – забрана на абортусот и одбрана на уставното име на земјата. Дури во една пригода поглаварот Стефан и премиерот Никола Груевски заедно собираа пари за изградба на црквата „Св. Констатин и Елена“, која се гради во центарот на главниот град.
Многубројните примери нè носат и до главната поента. Можеме слободно да кажеме дека Македонија е секуларна земја само на хартија. Владиците редовно, речиси дневно, се произнесуваат за актуелни политички прашања. Дел од нив, одвреме-навреме се јавуваат и во улога на владини портпароли. Последниот пример е поддршката на повеќето архиереи за кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, и нивното агитирање во редовите на епархиите што ги предводат.
Каде е тука секуларноста и која е улогата на владиците во политичките случувања во земјава? Да се разбереме, политиката и мантијата не одат заедно. Политиката вклучува компромис, таа е уметност на можното – религијата инсистира на неможното. Затоа е речено: На Бога – Божјото, на царот – царевото!
ИВАНОВ ГО ПОДДРЖУВАМЕ КАКО ЛИЧНОСТ, НЕ КАКО ПРЕТСЕДАТЕЛ
Секој втор верник ќе ви каже дека верува во црквата како институција, но не и во нејзините пастири. Македонската православна црква со години ја тресат многу афери, од австралиската до онаа со хотелот „Изгрев“. Како тогаш да веруваме во искреноста на Христовите посланици на Земјата?
Наместо да го шират Божјото слово, да им се приближат на верниците и да им помогнат во тешките моменти, повеќето од нив се зафатени со политичка агенда. Тие секојдневно функционираат по одредена шема. Троа исповед, троа партиска агенда.
Нашите црковни извори коментираат дека за претстојните избори МПЦ-ОА е ставена во функција на владејачката партија. Дел од црковниот клeр речиси еден месец агитира за власта.
Најчудно во целата приказна е тоа што сите оние интелектуалци, што, пак, му ја дадоа поддршката на експретседателот, тврдат дека ќе гласаат за него само затоа што е добар пријател и човек. Оттука се поставува прашањето – Македонија избира претседател, кој ќе води добра меѓународна политика и ќе ги отвори вратите кон светот или, пак, добра, фина и послушна личност, со која поддржувачите се во пријателски односи?
На истата карта игра и владиката повардарски, Агатангел, чие име може да се најде на списокот на поддржувачи на Иванов. Тој не се крие и со години наназад јавно настапува во името на ВМРО-ДПМНЕ, oд партиски протести против наводно рушење на црква, па сè до одбрана на уставното име. Каде ДПМНЕ, таму и тој. Неговиот лик и глас ги има насекаде.
Последната недела во јавноста се вртат шпекулации дека повардарскиот владика ептен се заземал за победа на владејачката партија на изборите, па активно учествува во собирањето гласови. Но, нормално, тоа никој не треба да го знае.
– Немам ли право јавно да изразам поддршка? Еве, пак ќе повторам, го поддржувам јавно Иванов за претседател на државата. Тој нема да биде претседател само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на македонскиот народ. Едно знам, од која партија и да биде претседателот, треба да има добра соработка со црквите – изјави владиката Агатангел.
Јавна тајна е и тоа дека градоначалникот на Центар и не му е баш омилена фаца на епископот. Тој во неколку наврати јавно го „анатемиса“ Жерновски, обвинувајќи го дека поради него нема веронаука во училиштата. Неговиот собран револт против Жерновски, се истури летото, кога на плус 40 степени, заедно со „верниците“ учествуваше на протестите против наводното рушење на црквата „Св. Константин и Елена“. Еве, што кажа во тој период владиката:
– Ова е втора атака на Андреј Жерновски врз црквата, по барањето за укинување на веронауката во училиштата. Тој го провоцира народот во Македонија. Во 21 век, во распарчена Македонија, тој сака да урива црква. Доколку почне со уривање, лошо ќе помине – рече тогаш револтираниот владика.
Во ваквата политичка мисија тој доби поддршка од својот колега, владиката Иларион од брегалничката епархија. Како што времето поминува и ги засенува старите спомени, така на површина испливуваат нови. Според црковни извори, брегалничкиот архијереј веќе одреден период лови гласови за владејачката партија. Се шпекулира дека и тој е еден од поактивните владици, вмешан во политичките кругови, само настрана од медиумите.
Во понеделникот по телефон го побаравме владиката и откако се претставивме од кој медиум се јавуваме, едвај го дослуша прашањето што му го поставивме – дали и тој, како и неговите колеги, поддржува некој од кандидатите за претседател и дали агитира за некоја политичка партија? По краток одговор ни ја затвори слушалката.
– Мене не ме прашувајте ништо. Прашајте си ги нив. Тоа што ќе каже Светиот синод, јас го почитувам – истакна брегалничкиот владика.
ПИМЕН ДАДЕ ПОДДРШКА НА ИВАНОВ, НО НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЌЕ ГО ГЛАСА!
Иако политиката и мантијата не одат заедно, сепак имун на политичките случувања не остана ниту европскиот владика Пимен, кој пред неколку месеци, во интервју во „Фокус“, побара од македонскиот народ да се освести и да размислува со своја глава. Така, барем, велеше во тоа време.
Колку и да се кријат црковните веледостојници зад црковните порти, подалеку од очите и од ушите на верниците, сепак нивната пристрасност и обоеност за одредена партија редовно излегуваат на виделина. Владиката Пимен веќе подолг период ги споделува сите свои ставови на фејсбук-страницата на европската епархија, без разлика дали се работи за политички ставови или за одредени проблеми во општеството. Сепак, поголемиот дел од јавноста беше изненадена од настапот на европскиот архијереј, кој својата поддршка јавно му ја даде на кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фокус“ на оваа тема поразговара со епископот Пимен. Тој тврди дека поддржува личност, а не претседателски кандидат.
– Актуелниот претседател, г. Иванов, го поддржав како личност со која имам пријателски односи, а не како партиски кандидат. Можеби и другите кандидати, кога би ги сретнал и запознал, би ги добиле моите симпатии и препорака. Значи, поддржувам личност, а не партија или претседателска компетентност. Не би сакал да размислувам кои се тие и да им судам за нивниот наводен ангажман за изборите. Сепак, би сакал и Стево да го видам пред да одлучам за кого ќе гласам – тврди европскиот владика.
За наводните сомнежи дека „работи“ за кампањата на Иванов, тој вели:
– Не, ниту агитирам, ниту сакам да бидам вмешан во нечие водење кампања. Има луѓе кои се стручни за тоа, а, богами, и добро платени – вели Пимен.
Тој на некој начин се потруди да ја оправда партиската агенда што ја тераат дел од владиците.
– Па, не знам колку баш заземаме страна. Се обидуваме да сме над политиката и над партиите, да бидеме совест на веќе премногу политизираниот нарам, а колку успеваме во тоа, е друго прашање. Мислам и дека никој од нас не оди на гласање токму поради тоа, за да не биде обвинет за заземање страна. Може да го повикаме народот да си го исполни граѓанското право, ама не и да протежираме партија – истакна Пимен.
Сепак, ако се погледне реалноста, работите изгледаат малку поинаку. Не, само што дел од владиците не стојат настрана од политичките случувања во земјава, туку понекогаш забораваат која е нивната мисија, па јавно застануваат во одбрана на партијата на власт и нижат низа навреди и напади врз политичките противници. Со тоа, тие на некој начин влијаат врз изборот на неопределените гласачи кои, пак, од друга страна, бараат „просветлување“ – за кого да го дадат својот глас.
ПРЕКУ ИМЕЈЛ СЕ АГИТИРА ЗА ПРАТЕНИЦИ?
Како се приближуваат изборите, така црковните великодостојници се сè поактивни во своите епархии. Тие не гледаат ништо лошо во тоа што ќе „проповедаат“ народот да гласа за вмровскиот кандидат за шеф на државата. Ништо поразлични ставови од другите архиереи нема ни преспанско-пелагонискиот владика Петар. Тој, во изјава за „Фокус“, потврди дека му ја дава целосната поддршка на експретседателот Ѓорѓе Иванов.
– Го поддржав неговиот избор и немам никаков проблем тоа јавно да го соопштам. Еве, кажувам и дека ќе гласам за него. Тој е добар како човек и заслужува да победи – истакна за „Фокус“, владиката Петар.
Тој не дозволи да биде испровоциран од нашите прашања – дали во неговата епархија агитира за партијата на власт и зошто толку јавно ја подржува ВМРО-ДПМНЕ?
– Не се мешам во политика. Не гласам за партија, туку за човек – тврди преспанско-пелагонискиот владика.
Меѓутоа, предвремените парламентарни избори во 2011 година покажуваат нешто сосема друго. Во тој период, во неколку медиуми е објавено дека за време на велигденските празници, електронска пошта до верниците во европската епархија на МПЦ испратил извесен ѓакон, Антоние.
Во имејлот се објаснува дека црквата била замолена од државата, на иселениците да им се појасни начинот на гласање на изборите, но во сите документи од ДИК, тој го испратил и повикот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за кандидирање на кандидат за пратеник од нејзините редови.
Како што објавија во тоа време медиумите, ѓаконот Антоние писмото го испратил преку адресата на европската епархија на МПЦ. Од друга страна, пак, здружението на македонски заедници од Австралија, на крајот од април испратило писмо до ВМРО-ДПМНЕ, во кое посочува партијата да не прифати кандидат за пратеник кој е близок на владиката Петар.
На овој начин, сепак, се потврдува блиската врска меѓу црковниот клир и власта. Зошто е потребно поповите и владиците да агитираат за владејачката партија? Блискоста не беше спорна и порано; особено се познати блиските релации на архиепископот Стефан со ВМРО-ДПМНЕ. На речиси секоја фрлена лопата, тој ги осветуваше темелите. Наместо црковните лица да се занимаваат со духовните работи и со духовното обединување на народот, тие сè повеќе се инволвираат во политиката и се ставаат во служба на партиите.
Се надеваме дека македонските владици, откако ќе го прочитаат текстот, нема да ни фрлат анатема затоа што чепнавме внатре зад црковните порти!
Рамка:
ПОЛИТИКАТА И ЦРКВАТА НЕ ТРЕБА ДА СЕ МЕШААТ
Аналитичарот Даниел Дамески вели дека политиката и црквата не треба да се мешаат, но, сепак, секој може да си има свој личен став.
– Во принцип, сите владици треба да бидат во функција на граѓаните. Тука не треба да се меша политиката, ниту, пак, тие да се мешаат во неа. Незамисливо е владиците да тераат политичка агенда. Секој си има свој став и секој си го носи својот крст – тврди Дамески.