Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all articles
Browse latest Browse all 725

АРХИВА Компанија на Влатко Мијалков води кон пајажина од дваесетина фирми!

$
0
0

Текстот е објавен на 23 септември 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1303

По 24-часовно бегство, поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков се појави пред јавноста и институциите, бидејќи во спротивно членови на неговото семејство ќе одговараа за помагање, а семејниот имот ќе беше запленет. Во изминатиот период, Фокус во неколку наврати пишуваше како Мијалкови ја ширеа бизнис-империјата, односно за влезот во компанија-акционер во ЗК Пелагонија и АД Жито Полог, за  стекнување косопственост на Мериот, за формирање на Макс Бет… Но, неодамна пишувавме и за неговиот помлад брат Влатко Мијалков, кој по заминувањето од македонската Царина ја основал компанијата „Васт Енг“, која води до мрежа од 20 компании.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во исчекување на одговорот како властите концептуално и нормативно ќе ја спакуваат најавената професионална и финансиска лустрација во правосудството и јавниот сектор, антикорупционерите и експертите веќе јавно порачаа дека за таква операција неминовни ќе бидат и нови законски одредби за потекло на имот. Според нив, тоа е потребно поради постоење висок ризик јавните функционери на туѓо име да го евидентираат имотот стекнат на нелегален начин, а по завршување на функцијата да си го префрлат на свое име.

Всушност, постојната антикорупциска регулатива предвидува испитување на потекло на имотот на актуелни јавни функционери, како и на нивни блиски лица, доколку, се разбира, постојат индиции дека нивниот имот несразмерно се зголемил во однос на нивните примања. Арно ама, со надградба на законската рамка би се проширила ваквата обврска и кон поранешните функционери, со оглед дека многу од нив по завршувањето на мандатот стануваат бизнисмени, стекнуваат удели во компании, купуваат вредни недвижности итн.

Без друго, во оваа категорија на функционери кои по завршувањето на мандатот станале бизнисмени, а кои воедно важат за „блиски лица“ до други моќни и влијателни бизнисмени, спаѓа екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, прв братучед на поранешниот премер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Како што во неколку наврати досега пишувавме, откако тој се повлече од јавната служба, неговиот син Јордан Мијалков основаше и презеде неколку акционерски друштва и приватни компании од нафтениот, прехранбениот, земјоделскиот, угостителскиот и коцкарскиот сектор.

Меѓутоа, новите податоци што ги обезбеди „Фокус“ од надлежните институции откриваат дека и помладиот брат на Сашо Мијалков – Владимир Мијалков, кој за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ немаше јавна функција, туку беше на советничка позиција во македонската царина, основал приватна компанија. Притоа, проверките што ги извршивме покажуваат дека оваа фирма се доведува во директна и индиректна релација со десетици други компании од сферата на ИТ, градежништво, консалтинг, како и производство и трговија со струја. Дел од нив се поврзани преку заеднички сопственици и/или управители, додека дел се лоцирани на иста адреса. Кои се тие компании?

УПРАВИТЕЛОТ ВОДИ КОН МРЕЖА ОД НЕКОЛКУ КОМПАНИИ

Според податоците од Централниот регистар, Влатко Мијалков во мај минатата 2019 година ја основал компанијата за компјутерско програмирање „Васт Енг“ со седиште во скопската населба Кисела Вода, со паричен влог од 5.000 евра. Патем, ова е единственото трговско друштво во чија сопственичка или менаџерска структура се сретнува неговото име. Единствено, тој уште фигурира во рамки на здружението Боксерски клуб „Јордан Мијалков“ и во фондацијата „Свети Маченик Димитриј Солунски“, заедно со уште неколку лица, вклучително и неговиот брат Сашо Мијалков.

Меѓутоа, управителот на неговата единствена компанија „Васт Енг“, Игор Диманин, е дел и од други приватни фирми. Имено, тој на почетокот на 2018 година станува единствен сопственик на друштвото за помошни услужни дејности „АДЦЕХ“, формирано во 2011 година од страна на Ивица Крстевски. Во ист период, Диманин станува управител на местото на Крстевски и во друштвото за информатичка технологија „Бизнис Инвестмент Груп“ (БИГ), основано во 2008 година од страна на Ана Анчевска, но во меѓувреме негови сопственици станале Стефан Пулејковски и Благој Јовчевски.

Воедно, Диманин преку неговата „АДЦЕХ“ е единствен сопственик и во друга компанија. Станува збор за друштвото за производство и трговија со електрична енергија „Инвалл Мак“ формирано во 2015 година со непаричен влог од 44 милиони денари, каде управител е споменатиот Крстевски. Впрочем, оваа компанија е регистрирана по згаснувањето на „Инвалл Македонија“, која беше отворена во 2009 година од страна на шпанската енергетска компанија „Инвалл Грин Енерџи“, во партнерство со споменатите Пулејковски, Анчевска и уште две физички лица, за да гради ветерници во Штип.

Практично, по ликвидирањето на „Инвалл Македонија“, по спроведена стечајна постапка пред 5 години, нејзините удели во други компании ги презема новоотворената „Инвалл Мак“. Таков е случајот со компаниите за производство на струја, „Косвинд“ и „Космак Винд Енерџи“, чиј управител во цел период по основањето во 2011/2012 е Пулејковски. Но, „Инвалл Мак“ во 2017 година основа уште една фирма за производство на струја, заедно со турскиот бизнисмен Идрис Фатих Шахин („Капитол Груп“), со назив „ИФС Енерџи“, каде што пак управител е Крстевски.

МИЛИОНСКИ ПРИХОДИ ОД ТЕНДЕРИ ЗА ИТ-УСЛУГИ

Освен што се јавува како косопственик на „БИГ“ ДОО, содружник во згаснатата „Инвалл Македонија“ и долгогодишен управител на „Косвинд“ и „Космак Винд Енерги“, Пулејковски истовремено е сопственик и управител и на „Маринет Винерком“, основана во 2009 година за работа на спортски објекти. Оваа компанија, пак, се јавува како сопственик на друштвото за производство на струја основано во 2013 година, „Биомаса“, каде што Пулејковски минатиот месец станал управител. Претходно, на оваа позиција бил Боби Кузмановски, кој стана познат откако неговата фамозна „Гентомар“ доби два тендери за автобуски електронски картички вредни над половина милион евра.

Што се однесува до „Маринет Винерком“ на Пулејковски, таа е регистрирана на иста адреса (Капиштец 1А, Центар) заедно со неколку други компании. Една од нив е друштвото за производство на жичени производи, синџири и пружини, „Маримпекс-МГ“, формирано во 2011 година во Македонска Каменица, но во 2016 година го преместува седиштето во Скопје. Сопственици на оваа компанија се бугарскиот бизнисмен Марин Георгиев-Гаврилов („Витпром“, „Ларче“, „Лесовит“…), како и веќе споменатата Анчевска, поранешен сопственик на „БИГ ДОО“ и косопственик на згаснатата „Инвалл Македонија“.

Исто така, Анчевска е единствен сопственик и управител на ИТ-компанијата „Виста Груп“, регистрирана во 2009 година со паричен влог од 3 милијарди денари на иста адреса како и „Маринет Винерком“ и „Маримпекс-МГ“. Она што ја издвојува „Виста Груп“ од најголемиот број од другите фирми е што покажува значителна економска активност. Така, финансиските извештаи откриваат дека фирмата ја завршила 2019 година со приходи од 129 милиони денари и со добивка во висина од 8,8 милиони, што за 4 пати повеќе во споредба со претходната 2018 година.

Несомнено, голем придонес за овие солидни финансиски резултати имаат тендерите што ги добива „Виста Груп“ од државните институции, главно за одржување на сајтови и изработка на софтвер. Според податоците од Бирото за јавни набавки, компанијата досега склучила вкупно 45 договори за јавна набавка во вкупна вредност од 174 милиони денари. Само во минатата 2019 година биле склучени 5 договори за јавна набавка во вредност од 43 милиони денари, што значи дека една третина од вкупните приходи на компанијата за оваа година биле јавни пари.

ДВАЕСЕТИНА КОМПАНИИ НА ИСТА АДРЕСА КАЈ ОЛИМПИСКИ БАЗЕН

Ако споменатите „Маринет Винерком“ „Маримпекс-МГ“ и „Виста Груп“ на Пулејковски и Анчевска ги спојува иста адреса во Козле, тогаш дел од другите наведени компании ги поврзува друга заедничка адреса, каде што, патем речено, се наоѓа седиштето на дури дваесетина правни лица. Се работи за „Инвалл Мак“ во сопственост на АДЦЕХ на Диманин, како и „Косвинд“, „Космак Винд Енерџи“ и „Биомаса“, кои се поврзуваат со Пулејковски. Сите овие компании се регистрирани на булеварот Кочо Рацин број 33, каде што всушност е лоциран Олимпискиот базен.

Дополнително, на оваа адреса се наоѓа компанијата што стопанисува со базенот – „Полет“, чиј косопственик и управител е Мијалче Маневски. Оваа компанија за работа со спортски објекти е основана во 2006 година, кога истовремено се формира и друштвото „Полет Плус“, каде што единствен сопственик и управител е Маневски. Втората компанија е регистрирана со дејност „хотели и слични објекти за сместување“, од што произлегува дека е формирана заради хотелот „Центар“ што функционера во рамки на комплексот.

Понатаму, на оваа адреса е сместена и компанијата за производство и трговија со струја „Мист Енерџи“. Првично, основач и управител на фирмата била актуелната сопственичка на „Виста Груп“, Анчевска, но уште во првата 2013 година на нејзино место доаѓа уште еден познат и споменуван лик како поранешен сопственик на АДЦЕХ и БИГ ДОО, сегашен управител на „Инвалл Мак“ и „ИФС Енерџи“ – Крстевски. Сепак, во 2017 година друштвото преминува во рацете на Марјан Трајковски, кој пак, моментално е косопственик во компанијата за сметководство, ревизија и даночен консалтинг, регистрирана на иста адреса – „Таргет Фајнаншал Солушанс“.

И „Мист Енерџи“ може да се пофали со продуктивна соработка со државните институции, имајќи предвид дека досега склучила 88 договори за јавни набавки во вкупна вредност над 21 милиони евра. Сепак, и покрај големиот обрт што го прави компанијата, таа прикажува релативно ниска добивка, особено во последните години. Па, компанијата во 2017 година остварила приходи од 186 милиони денари и добивка од 1,7 милиони денари, за во минатата 2019 година приходите да паднат 67,5 милиони денари, а добивката на незначителни 327 илјади денари.

КОНСУЛТАНТСКА КОМПАНИЈА „ОДГЛЕДУВА“ ГРОЗЈЕ

Уште една од компаниите регистрирани кај Олимпискиот базен е и друштвото за одгледување на грозје „Агро-Тиквеш“. Оваа компанија е формирана во 2015 година од страна на компанијата „Бета Инвестинг“, која пак, е основана во 2008 година како консултантска компанија, додека во 2016 година ја менува дејноста и станува компанија за одгледување на грозје. Денес, управител на „Агро-Тиквеш“ е Маријана Кочовска, која воедно е управител и косопственик на “Бета Инвестинг“.

Интересно е што меѓу првите сопственици на „Бета Инвестинг“ бил веќе споменатиот Јовчевски, партнер на Пулејковски во „БИГ ДОО“, но неговото име истовремено фигурира и како сопственик на фирмите „Поинт Корп“ и „Волис Проперти“ и како управител на „ Поинт Корп“ и „Капитал Поинт“. Последната од овие компании – „Капитал Поинт“, исто така се јавува како содружник на „Бета Инвестинг“ уште при нејзиното формирање, заедно со бизнисменот Атанас Пашоски, сопственик на градежната фирма „Флорастат“, на друштвото за хортикултурно уредување „Триста Груп“, на „Астобан„ итн.

Своевремено беше објавено дека Мијалков по повлекувањето на царината се вработил токму во една од наведените компании „Капитол Поинт“, формирана во 2007 година за трговија и услужни дејности. Како сопственици на оваа компанија се јавуваат две, исто така, веќе споменати компании, основани во 2015 година. Тоа се „Поинт Корп“, која е во сопственост на Јовчевски, како и „Астобан“, која е во сопственост на Пашоски. Освен што се партнери во „Капитол Поинт“ преку две од нивните фирми, Јовчевски и Пашоски како физички лица се содружници во уште една компанија.

Таа компанија носи назив „Делта Пи Инженеринг“ и е формирана во 2009 година за електроинсталатерски работи. Иако нема никаква деловна активност, сепак, фирмата е важна од аспект дека како трет содружник се јавува кумановскиот бизнисмен Тони Каранфиловски, кој е сопственик на градежната компанија „Квалитет Пром“ и нафтената компанија „Детоил“, преку кои тој ги поседува „Рапид Билд“, ФЗЦ „11 Октомври“, „Инвест Билдинг“; „Мар Медика“… Како што е познато, Каранфиловски преку дел од овие компании е вклучен во милионскиот проект за изградба на национален гасовод.

АТРАКТИВНО ЗЕМЈИШТЕ И ЛУКСУЗЕН ОБЈЕКТ

Кога се говори за Каранфиловски, треба да се наведе дека неговата матична компанија „Квалитет Пром“ соработувала со бизнисменот Зоран Антиќ, чија компанија „М.Г. Фешн“ го купи спорниот плац спроти „Холидеј Ин“ за да гради висококатници. Прво, во 2007 година е формирана компанијата со назив „Волис Проперти“ од страна на Антиќ и Јовчевски, партнер на Пулејковски и Пашоски. Арно ама, оваа компанија никогаш финансиски не заживеала, па во 2013 година е формирана градежна компанија со назив „Волис Проперти ФЛ“.

Моментално, сопственици на „Волис Проперти ФЛ“ се „М.Г. Фешн“ на Антиќ, „ФМО Инженеринг“ на Олга Филиповска како и „Билдинг Капитал“, која е во сопственост на „Буилд Фасхион Гроуп“ од Прага. Патем речено, Пулејковски бил управител на компанијата од 2011 до 2015 година, кога неговото место го зазема Кузмановски, кој, како што веќе напишавме, е познат по случајот со автобуските електронски картички. Во истиот период, во сопственичката структура на компанијата влегува „Квалитет Пром“ на Каранфиловски, но во јуни годинава тој излегува и го отстапува местото „ФМО Инженеринг“ на Филиповска, каде што, пак, управител е Јовчевски.

Покрај другото, „Волис Проперти ФЛ“ настапи како инвеститор при изградбата на новиот објект спроти МНР, чиј изведувач пак беше „Рапид Билд“. Денес, во овој објект е сместено седиштето на телекомуникацискиот операторот што настана после фузијата на ВИП и ОНЕ – „А1 Македонија“, кој член на групацијата „А1 Телеком Австрија“, водечки провајдер за комуникациски и дигитални решенија во Централна и Источна Европа. Уште во 2017 година, австрискиот весник „Куриер“ изрази сомнеж дека овој објект на „Волис Проперти ФЛ“, кој наплаќа месечна кирија од 70 илјади евра од ОНЕ-ВИП(„А1 Македонија“), е во сопственост на луѓе од кругот на Груевски.

Конкретно, се работи за Сашо Мијалков-братучед на Груевски и поранешен шеф на тајната служба. Се смета дека Мијалков има блиски односи со телеком индустријата. „Нашите контроли не пронајдоа никакви наводи за неправилности кај сопственикот“, објаснува портпаролката на Телеком Австрија, Барбара Грос. Прашањето е само како контролорите воопшто можеле да ги проверуваат можните семејни врски меѓу политиката и бизнисот во Македонија?“, напиша Куриер.

СЛУЧАЈ БЕЗ ЕПИЛОГ: НАЦИОНАЛНА ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА

Во цела оваа бизнис-пајажина се провлекува едно име кој е заеднички именител на многу фирми – Стефан Пулејковски, чие име беше поврзано со случајот Национална платежна картичка уште од времето кога Груевски беше министер за финансии во владата на Љубчо Георгиевски. Поточно, Пулејковски во 2002 година, заедно со Дарко Дулиќ (син на покојната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Благородна Дулиќ) во 2002 година го доби бизнисот во вредност од три милиони евра од НПК, каде директор беше токму Владимир Мијалков.

Тогаш, Пулејковски и Дулиќ ја добиваат зделката преку компанијата „Виста Процесинг“, која паднала во стечај само една година откако го добила милионскиот бизнис. Веќе во 2004 година, државните ревизори констатираа дека постои можност опремата за НПК воопшто да не била испорачана. За ревизорите било симптоматично тоа што фирма која добила три милиони евра од државата за само нецела година се довела во ситуација да не може да ги сервисира обврските и да пропадне.

Во секој случај, овој случај остана без никаква институционална разрешница. Во меѓувреме, Пулејковски станува дел од десетици други компании, при што тој денес е содружник во компанија со назив „БИГ ДОО“, која првично е формирана од Анчевска, која, пак, е газда и управител на компанија со назив случен како и згаснатата контроверзна „Виста Процесинг“ – „Виста Груп“. Згора на тоа, Пулејковски ја поседува „Маринет Винерком“, регистрирана на иста адреса како и „Виста Груп“, која, патем речено, во изминативе години добила милионски тендери, вклучително и во периодот после политичките промени во 2017 година.

Паралелно со тоа, Пулејковски е генерален секретар на Националната пливачка федерација, која тесно соработува со Олимпискиот базен, каде пак, покрај компанијата-концесионер, се регистрирани дваесетина компании од разни области. Освен што имаат исто седиште, најголем дел од нив се поврзани преку исти лица во сопственичката и менаџерската структура. А, патот до нив тргна од новоформирана компанија на Влатко Мијалков, кој за прв пат одлучи да настапи како формален сопственик на трговско друштво.


БЕЗ КОМЕНТАР

Фокус“ испрати неколку прашања на официјалната мејл-адреса на „Васт Енг“ на Влатко Мијалков. Побаравме одговори на прашањата со каква цел е формирана компанијата и со што поточно се занимава, дали и каква поврзаност има со правните лица „АДЦЕХ“ и „БИГ“ ДОО, каде што управителот на „Васт Енг“ е сопственик, односно овластено лице, дали и каква поврзаност има со „Инвалл Мак“, каде што како сопственик се јавува „АДЦЕХ“, дали има некаква поврзаност со Стефан Пулејковски, кој е управител на „Космак Винд Енерџи“ и “Косвинд“, во чија сопственичка структура, пак, е „Инвалл Мак“ итн. Меѓутоа, до затворањето на весникот не добивме никаков одговор.

Воедно, се обративме и до дел од другите компании, како на пример „Мист Енерџи“ и „Агро-Тиквеш, со прашање дали имаат деловна или друг вид поврзаност со компаниите што се регистрирани на иста адреса на булеварот Кочо Рацин – „Инвалл Мак“, „СД-Ауто“, Космак Винд“, „Косвинд“, Васофт Тех“, „Таргет Фајнаншал“ и други? Патем, истото прашање го упативме и до Олимпискиот базен со кој стопанисува „Полет“, но не добивме никакви одговори.

Ист епилог имаше и обидот да добиеме одговор од Пливачката федерација, чиј генерален секретар е Пулејковски, кого го прашавме дека има поврзаност меѓу неговата „Маринет Винерком“ и другите компании на иста адреса – „Маримпекс“ и „Виста Груп“?


Viewing all articles
Browse latest Browse all 725

Trending Articles