Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all 912 articles
Browse latest View live

АРХИВА Зградата на „Водовод“ плива во раскош, претворена во музеј на национализмот!

$
0
0

Текстот е објавен на 24 ноември, 2017 година во неделникот „Фокус во бројот 1155

Пишува: Маја ВАСЕВА

Директорскиот кабинет во новата зграда на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ бил максимално обезбеден. Внатре можело да се влезе само со магнет, кој ќе ја отклучи вратата преку посебен механизам инсталиран на бравата. Влезот бил под посебен токен безбедносен систем и никој немал пристап внатре кога директорот не бил на своето работно место.

Овој магнет го наследи и новопоставениот директор Душко Весковски. Прво што направил, вели, е да го отстрани сензорот за кабинетот да биде подостапен за службениците и јавноста. Изгледа смешно што директор на градско јавно претпријатие се обезбедува на ниво како да е шеф на управа за разузнавање, но и интригантно затоа што се наметнува прашањето што се криело.

Дали под максимално обезбедување се чувало сонцето од Вергина, кое се наоѓа на тепихот? Во самиот центар од кабинетот, на црвен тепих се додадени шеснаесетте краци, кои чиниш треба да ги осветлат ѕидовите, сликите и фреските на нив. Под изработен по нарачка.

– За мене е чудно и несфатливо. Не знам како некој може да дозволи да се гази врз национален симбол. Зошто е сонцето поставено на подот, не можам да сфатам – вели Весковски.

Но, поранешниот директор, Александар Атанасов вели дека тука нема ништо спорно и дека не станува збор за строго обезбедуван кабинет.

– Не е тоа максимално обезбедување, напротив. Магнетот за влез во кабинетот го имаше секретарката. Штом секретарката го имала магнетот значи не сум бил максимално обезбеден. Тоа е направено некое време пред да се вселиме во зградата и не е ништо спорно – вели Атанасов.

Во врска со декорациите низ просторот во внатрешноста на зградата, тој вели дека се направени бесплатно. Подизведувачот се понудил декорациите да ги изработи про боно, така што сонцето на тепихот од директорскиот кабинет не чинело дополнително.

Сонцето од Вергина го има и на една од сликите закачени на ѕидовите. На триптихот се наоѓа и профилот на Александар Македонски. Петте слики во кабинетот на директорот се со етноелементи, христијански симболи и антички мотиви. Останатите се закачени во другите канцеларии.

Весковски вели дека само овие уметнички слики го чинеле буџетот на јавното претпријатие околу 30.000 евра, пари кои биле одвоени во тековната 2017 година. Нивен автор е македонскиот уметник Драги Хаџи Николов, кој го добил ангажманот во постапка со преговарање без објавување оглас и тоа само две недели пред одржувањето на локалните избори, а со тоа и смена на власта во Скопје.

Инаку, зградата е дело на најомилениот архитект на претходната власт, Жарко Чаушевски. Беше пролонгиран рокот за нејзина изградба, но постојат сомневања дека е пробиен и буџетот. Требаше да чини 9,5 милиони евра, а според некои истражувања трошоците ја надминаа оваа сума.

Атанасов, пак, е уверен дека цехот за изградба и опремување на зградата нема да биде поголем од седум милиони евра.

Новиот директор, Душко Весковски, засега не размислува за преуредување на просторот и вели дека претпријатието има приоритетни работи. Прв предизвик е, вели, да се доведе во ред финансиската кондиција. „Водовод и канализација“ е во толкави долгови што, додава тој, може да биде отежнато неговото понатамошно функционирање.

ЗГРАДАТА Е ДИВОГРАДБА И НЕМА СОПСТВЕНИК

Најспорно од сѐ е, сепак, тоа што зградата нема имотен лист, вели директорот. Барокната ротонда не е впишана во Катастар и на нејзиното место е сѐ уште впишана само празна парцела. Всушност, ротондата на „Водовод и канализација“ е диво здание.

За овој објект немаше ниту свечено отворање, што беше редовна пракса на претходната градска, но и централна власт. Се сеќаваме дека Коце Трајановски одеше на отворање улици, кружни текови, патчиња, канцеларии, па дури и на контејнери. Сепак, власта на ВМРО-ДПМНЕ не пресече лента и на оваа инвестиција.

Врз зградата не е извршен ниту технички прием и не е издадено одобрение за употреба. Со тоа не е испочитуван Законот за градење, според кој, објектот се става во употреба откако ќе се направи технички прием. Тоа значи дека администрацијата работи во простории за кои не е проверено дали се безбедни за работа.

– Ние сме фактички диво вселени. Доколку некој од вработените се повреди на работно место ќе има проблем при наплата на осигурување. Има и ред други проблеми што би се појавиле, од административна природа, а кои би предизвикале реперкусии. Ние фактички не можеме да го употребуваме овој објект затоа што нема сопственик – вели Весковски.

Сепак, тоа не го спречи претходното раководство да се всели во објектот и да ги напушти просториите кои дотогаш ги користеше позади зградата на „Макошпед“.

АТАНАСОВ: МОРАВМЕ ДА СЕ ВСЕЛИМЕ ЗАТОА ШТО ОСТАНАВМЕ НА УЛИЦА

Одредени позиции од договорот со градежната фирма изведувач „Алдинг Инженеринг“ не биле испочитувани. Затоа била активирана банкарската гаранција, а потоа фирмата покренала судски спор. На тужбата од „Алдинг“, „Водовод и канализација“ покренале контра тужба.

Според Атанасов, изведувачот доцнел во изградбата на објектот. Било предвидено зградата да биде готова за администрацијата да се всели на 10 март годинава, а на 15 март веќе им истекувала киријата. Издавачот на просторот каде што претпријатието беше под кирија, барал двојно поголема сума.

– Практично, останавме на улица. Затоа се вселивме порано кога сѐ уште не беа завршени одредени позиции и кога зградата не беше готова. Ние сѐ уште немаме примопредавање на објектот – вели Атанасов.

Освен задоцнувањето со изведбата, градежната компанија потфрлила и во квалитетот. Тоа е втората причина зошто е активирана банкарската гаранција. Според Атанасов, некои позиции од градбата се изведени фушерајски, а во дел е употребен неквалитетен материјал.

Гранитот вметнат во зградата, вели поранешниот директор, не е истиот тој што раководството на почетокот го избрало.

– Фактички, ни го фалсификуваа гранитот. На почетокот ни донесоа оригинал и ние го прифативме, но после тоа излезе дека не е истиот гранит што е употребен при изградбата, додава тој.

Атанасов тврди дека зградата ќе чини помалку од предвиденото. Наместо предвидените 9,5 милиони евра, според него, сумата нема да надмине 7 милиони евра. Таквата пресметка се должи на подигнатите банкарски гаранции. Претходно претпријатието ја активираше банкарската гаранција откако австриската фирма „Алпине“ прогласи банкрот и втората банкарска гаранција поради тоа што втората фирма не испочитувала позиции од договорот.

АДВОКАТ НА ФАМИЛИЈАТА АНГАЖИРАН ДА ГО БРАНИ ПРЕТПРИЈАТИЕТО

„Водовод и канализација“ има сектор за правни работи, кој работи на сите предмети од правна природа, вклучувајќи ги и тужбите. Сепак, бил ангажиран адвокатот Никола Додовски да го застапува претпријатието пред суд за тужба од фирмата „Алдинг Инженеринг“, која ја доврши изградбата на објектот.

Додовски важи за адвокат на Фамилијата. Застапуваше функционери на ВМРО-ДПМНЕ во разни судски случаи вклучувајќи ги и предметите на Специјалното јавно обвинителство.

Тужбата на „Алдинг Инженеринг“, како што вели Весковски, е тежок судски процес од кој претпријатието може да го извлече подебелиот крај. Покрената е поради тоа што претходното раководство ја активирало банкарската гаранција незадоволно од изведбата на објектот.

Изведувачот на зградата се смени во 2014 година откако австриската фирма „Алпине бау“ прогласи банкрот. Работите ги презеде подизведувачот „Алдинг Инженеринг“ со кој „Водовод и канализација“ склучи договор на седум милиони евра.

Весковски вели дека спорно е тоа што средствата од банкарската гаранција во износ од 370.000 евра не се искористени наменски. Наместо за трошоци поврзани со изградбата, парите, додава тој, биле потрошени за тековни обврски на претпријатието.

Но, Атанасов тврди дека нема ништо незаконско во тоа.

– Тоа покажува дека има комплетно неписмена гарнитура во „Водовод и канализација“. Не сакам да напаѓам никого, но треба да знаат дека средства од банкарска гаранција не се наменски средства, вели Атанасов.

Тој препорачува адвокатскиот тим на Додовски да остане во предметот. Вели дека најдобро го знаат материјалот.

– Ако биде јавното претпријатие „дил ориентед“ во тужбата со „Алдинг Инженеринг“ тогаш ништо не правиме. Но ако го смениме пристапот, тогаш сигурно ја добиваме пресудата во наша корист, порачува Атанасов.

СМЕТКАТА ЗАТНАТА, ДОЛГОВИТЕ СЕ ПРЕЛЕВААТ

Многу населби во Скопје сѐ уште немаат фекална канализација, а можат само да сонуваат за атмосферска. Поплавите низ градот не се ретка појава, ги има и при најмал дожд. Некои скопски населби сѐ уште немаат водоводна мрежа, а повеќето постојано се соочуваат со прекин во водоснабдувањето. Можно е наскоро поскапување на водата, цевките редовно се затнуваат или пукаат, народниот правобранител алармираше дека на граѓани им се наплаќаат милионски суми за неплатени сметки, со што се појави сомнеж дека на овој начин се финансираат загубите на претпријатието. И во тие околности се издигнуваше водоводен барок.

Некогаш профитабилното претпријатие сега тоне во долгови. Директорот Весковски вели дека проблем претставува превработената и партизирана администрација. Освен тоа, додава, дел од кадарот е неквалификуван

– Имаме раководител на стручен сектор кој по професија е политиколог. Такви примери има многу, но не сакам да ги именувам затоа што, сепак, се тоа луѓе што се вработени овде, вели директорот.

Јавното претпријатие брои околу 1.200 вработени. Но, само 25 отсто од нив се теренски работници, она од што „Водовод и канализација“ има реална потреба. Околу 75 отсто се службеници.

Инаку, само 20 отсто од Скопје е покриено со атмосферска канализација, а цели населби во општините Сарај, Ѓорче Петров и Гази Баба немаат канализациска мрежа. Покриеноста на руралните средини со атмосферска канализација на повеќето места е нула! Сѐ уште е во тек процесот на претпријатието со кој се прави замена на азбестните цевки. Тие сѐ уште сочинуваат над 10 отсто од вкупната водоводна инсталација, а се очекува дел од скопјани да пијат вода од азбестни цевки до 2020 година.

И покрај сѐ, зградата почна да се гради во 2011 година и требаше да биде готова до 2014, но доцнеше три години. Во текот на изградбата во 2014 јавното претпријатие подигна кредит во износ од 7,3 милиони евра за да се догради објектот. Кредитот од Комерцијална банка е со рок на отплата од 10 години, па месечно претпријатието издвојува 81.000 евра за да исплати рата. И така во следните осум години.

Освен тоа, ЈП „Водовод и канализација“ се соочува со тековни обврски кои не може навреме да ги подмири. Во моментов има побарувања од 4,6 милиони евра.

 

Рамка:

Атанасов ги купил сликите од негов сопартиец, Хаџи Николов беше советник на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија

Уметникот Драги Хаџи Николов, инаку од Гевгелија, во претходниот мандат беше советник на ВМРО-ДПМНЕ во оваа општина. Освен тоа, тој беше избран и за претседател на Советот, па претседаваше со него цел мандат. Допрва ќе се појаснува како дошло до тоа токму овој уметник да го добие ангажманот во постапка без објавување оглас, или како што се вели, преку договор склучен во четири очи. Уметникот изминативе години редовно имаше изложби во салоните низ Македонија.

Поранешниот директор на јавното претпријатие, Александар Атанасов, исто така потекнува од Гевгелија, но за „Фокус“ вели дека тоа е само случајност. За договорот со Хаџи Николов не одлучил тој, туку посебна комисија предводена од архитектот Жарко Чаушевски, кој е автор на градбата. Уметникот, инаку, станува претседател на гевгелискиот Совет во времето кога Атанасов е претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Гевгелија.

Дел од сликите се уште не се сместени, туку чекаат потпрени на ѕидовите. Атанасов посочува дека набавката е направена по претходно добиено одобрение од Советот за јавни набавки.

Освен со слики, канцелариите на раководството и администрацијата се опремени со нов мебел. Сѐ во зградата дише на ново и штотуку отпакувано. Конференциски маси, широки бироа, кожени фотелји и градини со специфични растенија на терасите.

Водата како симбол зазема почесно место на сите пет ката од барокната зграда. На секој кат има поставено по една фонтана, а најголема е фонтаната во холот кај влезот на странките. Млазеви жуборат низ цевки од плафонот до подот, со што се формира водна завеса.

Рамка:

Гемиџии го чуваат влезот на претпријатието

Павел Шатев и неколку солунски атентатори се мултиплицирани пред „Водовод и канализација“. Влезот на претпријатието го чуваат група гемиџии сместени на два постаменти. Откако во рамки на „Скопје 2014“ се постави споменик за секој знаен и незнаен херој од македонската историја, продолжија да се леат истите имиња, изгледа во недостиг на други. Таков е случајот со Павел Шатев. Овој револуционер е овековечен во седечка положба покрај триумфалната порта. Негов споменик има и на влезот на претпријатието.

Друштво на Шатев му прават неговите соборци. Јордан Поп Јорданов, Димитар Меџев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Цветко Трајков се претставени во споменици со човечка димензија од левата страна на влезот, а спомениците на Марко Бошнаков, Георги Богданови и Милан Арсов се поставени на десната страна.

Во чест на гемиџиите, инаку, веќе има споменик кој се наоѓа покрај Камениот мост, кој патем чинеше 1,45 милиони евра.


АРХИВА Кој се крие зад леринското здружение што го донираше споменикот на Ќосето?

$
0
0

Текстот е објавен на 15.08.2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 984

Владата предводена од Зоран Заев денеска ќе расправа да ја укине одлуката на претходната влада на Никола Груевски да и даде на користење деловен простор во државна сопственост во строгиот центар на Скопје на Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, кое стана познато во јавноста кога донираше 5 нови споменици, меѓу кои оној на Андов Јанев – Ќосето.

Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА

Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, на чие чело стои 73-годишниот Ташко Јованов, барем според она што можеме да го видиме на дело, е едно од најбогатите здруженија – донира 5 споменици за проектот „Скопје 2014“, небаре не беа доволни овие што ги имаме, па треба да се збогати колекцијата преку дополнителни донации во форма на споменици.

Ова здружение во јавноста не е познато по некои други големи дела, иако е основано пред седум години. И покрај тоа што неговата цел и дејност е „заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски идентитет, духовно, културно и економско обединување на Македонците од сите делови на Македонија и светот, грижа за граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од егејскиот дел на Македонија и Балканските војни, издавачка дејност“ и така натаму, сепак донацијата на петте споменици засега е најголемото обележје на оваа организација.

И сето тоа е во ред, доколку Здружението смета дека пет споменици ќе обезбедат афирмација на идентитетот и грижа за прогонетите Македонци, но она што паѓа в очи е следново: ако станува збор за хумана работа, дека, ете, сакале луѓето да си донираат од ќеф и љубов, тогаш зошто Здружението молчи? И уште нешто. Не видовме ниту една реакција од страна на градот Скопје на бројните прес-конференции на СДСМ, кои повикуваат на одговори за спорната донација, за која не се знаат ниту авторите, ниту, пак, сумата.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДОНАТОРСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ КОМУНИЦИРА САМО ПИСМЕНО

Седиштето на хуманото здружение се наоѓа на булеварот Партизански одреди, во Карпош 4. Со оглед на тоа што претседателот на Здружението, Јованов, прво не одговараше на нашите повици за да образложи од кои причини решиле да донираат, колку пари чинат спомениците, кои се авторите итн., се упативме на самото место. Станува збор за станбена зграда, односно во станот каде што живее Јованов е регистрирано и самото здружение. Не ни отвори никој, но успеавме да направиме краток муабет со соседите.

Да, да, Јованов е многу познат во последно време со спомениците. Во едниот стан живее тој, во другиот син му. Синот работи некаде во „Водовод и канализација“, а ќерката исто е во државна институција. Тој порано работеше во „Радио Бран“, а сега е пензионер… Има и службено возило „ауди“, го гледаме, доаѓа и оди по работа нешто…“, ни рекоа соседите.

Според одлуката на градот Скопје, здружението на 73-годишниот Јованов ќе донира споменик на генерал Михајло Апостолски, кој ќе биде поставен кај клучката кај „Континентал“. Кај Судска палата ќе биде подигнат споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето, а кај комплексот факултети споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Спомениците на Никола Петров Русински и Пере Тошев ќе бидат поставени во близина на Универзитетската библиотека. Сите, како по правило, ќе бидат качени на коњ, освен споменикот на Андон Лазов-Јанев.

Најевтините споменици што досега беа подигнати, а се дел од проектот „Скопје 2014“, чинеа околу еден милион евра (лавовите на мостот Гоце Делчев). Ако ја земеме оваа најниска сума, тоа значи дека здружението од Лерин на својата сметка имало над 5 милиони евра! Мора да се признае дека е малку симптоматично!

Од друга страна, донаторите се најчесто лица кои уште како сакаат да се пофалат за тоа во јавноста. Самата Валентина Стевановска се пофали со донацијата на скулптура на Александар Македонски во истоименото училиште во населбата Аеродром, а децата беа облечени во униформи од фалангата на Александар. Но, ова скромно здружение ни под разно не сака да ги коментира донациите на 5 споменици.

Повелете, на состанок сум“, ни рече претседателот на Здружението Јованов.

Ви се јавуваме во врска со вашата донација на пет споменици...“, ја почнавме реченицата, но тој нѐ прекина.

На состанок сум, не можам да зборувам“, рече Јованов и ја спушти слушалката.

Имавме и втор обид да го добиеме, но наидовме на следниот одговор:

Писмено ќе бидете сите известени за нашата донација на споменици. Пријатно!“.

ЈОВАНОВ СООПШТУВА САМО ЛОШИ ВЕСТИ

За Јованов во јавноста малку се знае. Минатата година беше актуелен при неговите напори да ја премине грчката граница како претседател на Асоцијацијата на Македонци од егејска Македонија и претседател на Здружението од Лерин при прославата на Илинден. Здружението било покането да присуствува на манифестацијата. Ташко Јованов претходниот ден се обидел сам да ја премине границата, но бил вратен од грчките власти, со објаснување дека тој е непожелна личност во Грција.

Тој минатата година без проблем даде прецизна изјава за провладиниот портал „Курир“, каде што објасни дека на грчката граница првиот автобус со српски регистарски таблички поминал без проблем, а вториот автобус пет часа бил задржан. Грчките цариници со часови го претресувале автобусот и го барале Јованов. Во официјалното образложение што го добил од грчката канцеларија за врски е наведено дека предводи националистичко здружение.

Претходно, пак, беше познат и по изјавите во јавноста околу барањата за враќање на имотите на Македонците во Грција.

Предметите за имотите сѐ уште се во грчките судови, документите уште не ни се вратени назад и очекуваме во текот на оваа година или при крајот на летово почеток, доколку не, по вторпат ќе ги поднесеме документите на другиот суд во Грција. На крајот, ако на тој начин не го решиме барањето, во тој случај документите ќе ги однесеме во Стразбур“, изјавуваше Јованов за медиумите.

Тогаш не му пречеа изјавите што ги даваше за медиумите, но сега, кога станува збор за донација на споменици, очигледно се јавува некој проблем кога Јованов треба да се појави пред медиумите со „среќна вест“.

ДОНАТОРОТ НА СПОМЕНИЦИ БЛИЗОК СОРАБОТНИК НА ТОДОР ПЕТРОВ

Името на претседателот на донаторското здружение се поврзува и со претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, кој во јавноста во последниве денови стана познат откако на 24-то Генерално собрание на Светскиот македонски конгрес го официјализира отворањето фондација, која ќе ги помага и поттикнува Македонците да раѓаат повеќе деца.

Во 2009 година, кога се одржа конститутивно собрание на Сојузот на здруженијата на Македонците од егејскиот дел на Македонија, во кое се обединија десет здруженија на Македонците од егејскиот дел на Македонија под името „Македон“, Петров ги поздрави присутните со следните зборови:

Светскиот македонски конгрес ви стои на располагање за координација, соработка и размена на искуства и информации по прашањата од остварувањето на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од егејскиот дел на Македонија од Балканските војни во 1912-1913 година, преку Граѓанската војна во Грција од 1948 година, до денес“.

Според нашите информации, соработката меѓу Петров и Јованов сѐ уште трае, а тие често се појавуваат за да дадат заеднички изјави во однос на правата на Македонците од егејскиот дел од Македонија. Освен овие податоци, за Јованов речиси и да нема други податоци познати за јавноста, па оттаму останува да виси прашањето: што е она што го натерало Здружението наеднаш да се јави како донатор на споменици?

ДОНАЦИЈАТА ОДИ ТАМУ КАДЕ ШТО ПОБЕДУВА ВМРО-ДПМНЕ

Она што е најсимптоматично во целата оваа донаторска приказна е периодот од декември 2013 година до моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите во Општина Центар. Имено, на седница на 28 декември 2013 година, во Општина Центар е донесена одлука дека Здружението на Јованов ќе донира споменици во центарот на Скопје. Од сега планираните пет споменици, за четири веќе била донесена одлука во Општина Центар. Но, во април, откако ВМРО-ДПМНЕ ги губи изборите, оваа одлука како да ја нема! Ги нема ниту донираните споменици, ниту се знае што се случува со одлуката.

Затоа, пак, истата одлука, овојпат за 5 споменици, се појавува во градот Скопје! Никој жив не се најде да објасни како е можно Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин на двапати да се јавува како донатор, и тоа за исти споменици?! Единственото име што ги поврзува овие две случувања е Александар Јанакиески, кој бил раководител во Општина Центар во Секторот урбанизам, а потоа, кога Андреј Жерновски седнува во градоначалничката фотелја во Центар, тој станува раководител на Секторот урбанизам во Град Скопје.

Како Јанакиески ги менува функциите, така се менуваат и донациите на здружението од Лерин. Прво донира споменици на Општина Центар, а по изборите, истите ги донира на градот Скопје. Како ова здружение ќе ги изработува спомениците со 45.000 евра приход за три години, останува нејасно, бидејќи на прашањата од опозицискиот СДСМ досега со одговор не се јави никој.

Она што останува како факт е дека донациите во Македонија се третираат мошне анемично. Никој не те прашува од каде и како си ги добил парите ако сакаш да изградиш споменик, ама уште како ќе те „распнат“ ако си остварил дополнителен приход! На кого како му одговара!

ТЕРМИНОТ ДОНАЦИЈА ЛЕСНО МОЖЕ ДА СЕ ЗЛОУПОТРЕБИ
Експертите тврдат дека во Македонија не е доволно разјаснет терминот донација, кој сѐ почесто се користи кога се поставува или се гради објект за кој во јавноста има многу поделени мислења. Оттаму, не се исклучува можноста донацијата да се користи за објекти како што е „Скопје 2014“, каде што веќе се потрошени енормни суми пари, па сето она што следува понатаму да се третира како донација од одреден субјект, кој на еден или на друг начин е близок до власта.

Но, за сето ова, според познавачите, постојат механизми кои се лесно употребливи, пред сѐ, Финансиската полиција и Управата за јавни приходи, која лесно може да провери од каде се добиени парите за донациите.

Да не зборуваме, пак, за тоа дека градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски, како носители на одлуката за нови споменици, имаат обврска за транспарентност пред јавноста и должност да соопштат: колку чинат спомениците, како се прибрани средствата и кои се авторите на новите споменици што ќе го красат Скопје!?

АРХИВА Сведоштво од “крвавиот четврток“ во Парламентот: Силеџиите се заканија: Нема живи да излезете

$
0
0

Текстот е објавен на 06 мај, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1126

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Сѐ уште многумина се фрапирани и згрозени од случувањата на „црниот понеделник“, кога припадници на безбедносните сили, по наредба на власта на тогашниот премиер Никола Груевски, физички ги отстранија опозициските пратеници од Собранието, за власта да може слободно да го донесе буџетот.

Но, овој настан пред четири години изгледа минорно и смешно во споредба со крвавото насилство од минатиот четврток, кога граѓанска толпа, очигледно инструирана од власта во заминување, упадна во парламентот и крвнички ги нападна и ги малтретираше пратениците од новото парламентарно мнозинство, а со самото тоа и граѓаните што тие ги претставуваат.

Несомнено, ваквата тиранија на малцинството врз парламентот и парламентарното мнозинство не значи ништо друго, освен удар врз демократијата и демократските институции, кои сѐ уште се под голема партиска контрола, штом органите задолжени за заштита на јавната и личната безбедност реагираа час и половина откако народните избраници беа изложени на насилство и линч, па дури и за обид за убиство.

Или земјава ќе го прележи најцрниот ден за македонската демократија како болест типична за една млада демократија, или, пак, ќе потоне заедно со оние сили што ја ставија како влог за спас на сопствената политичка кариера и слобода, за да можат на раат да ги трошат украдените пари од народот, од кој еден дел, изманипулиран до крајни граници, го брани нивниот криминал мислејќи дека ја брани државата?

ВРЕМЕ Е НАРОДОТ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ВЛАСТА

Откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, преку долгите и непродуктивни дискусии во парламентот, создадоа депресија кај граѓанството дека долгоочекуваните промени конечно ќе се реализираат, пратениците од СДСМ во последниот период почнаа да најавуваат дека ќе ја преземат одговорноста за избор на нов спикер на парламентот, како неопходен чекор кон избор на нова реформска влада. Тоа беше увертира за партискиот лидер Зоран Заев, кој на кобниот 27 април ја отвори парламентарната седница со порака дека околу 700.000 граѓани, претставени преку 69 пратеници, имаат обврска да се избере нов претседател на законодавниот дом.

Ова мнозинство овде има право и обврска да избере претседател на собранието од своите редови и за тоа ќе носи одлука во оваа сала, ќе носи одлука во некоја од другите сали во Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ… – рече Заев, наведувајќи кон заклучок дека изборот на нов спикер може да се случи надвор од парламентарната зграда, или во најмала рака – надвор од пленарната сала.

Згора на тоа, однесувањето на СДСМ во парламентот навестуваше дека оваа операција ќе се изведе некој друг ден. Имено, за време на „крвавиот четврток“, заменик-претседателот на СДСМ Радмила Шекеринска собирала потписи од пратениците за да се одржи собраниска седница и во петок, кој обично е неработен ден за собранието, бидејќи е резервиран за средби со граѓани на пратениците. Плус, истата вечер социјалдемократите имаа закажано седница на Централниот одбор.

Меѓутоа, на крајот испадна дека новото парламентарно мнозинство изведе добро осмислена, изненадувачка блиц-криг операција, вешто и итро избегнувајќи судир со колегите од ДПМНЕ, ама затоа испровоцира напад од граѓани, кои, како што отпосле се испостави, биле пропуштени во парламентот и насочувани низ парламентарните лавиринти токму од пратеници на оваа партија.

КАКО ПОЧНА ДА СЕ ВЖЕШТУВА АМБИЕНТОТ?

За разлика од монотонијата типична за претходните парламентарни седници, на критичниот ден дебатата се водеше во прилично зовриена атмосфера, која сериозно навестуваше дека се ближи момент на разврска, проследен со инциденти. Тоа беше директен повик за повеќе новинарски екипи, вклучително и за „Фокус“, кои дотогаш само повремено ги следеа бесцелните дискусии, реплики и котрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, да се упатат во парламентот.

Галеријата од каде што новинарите, фоторепортерите и снимателите ја следат и седницата и ги регистрираат настаните сѐ уште се полнеше, кога генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски побара да прекине расправата за избор на членови на Комисијата за избори и именувања и да се премине кон следната точка – избор на претседател. Во тие мигови, пратениците од СДСМ и албанските партии станаа на нозе за да излезе на површина фактот дека се мнозинство.

Целата ситуација дополнително се искомплицира откако Крсто Мукоски од оваа партија побара процедурална забелешка за да ја отпее македонската химна, што на нозе ги крена и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои почнаа гласно да скандираат – избори, избори! Дополнително масло во и онака разгорениот политички оган фрли пратеникот на БЕСА Зекрија Ибраими, кој, пак, побара процедурална забелешка за да ја отпее албанската химна, при што на нозе останаа само пратениците Албанци.

Веднаш потоа, претседавачот Трајко Велјановски ја затвори седницата и закажа нова за следниот ден. Речиси истовремено, пратениците на СДСМ повторно станаа од своите столчиња, инсистирајќи изборот за претседател повеќе да не се одолжува, додека оние од ВМРО-ДПМНЕ експресно се упатија кон собраниската говорница, за физички да спречат преземање на раководниот пулт во салата.

Воочливо беше тоа што некои од нив ја покрија говорницата, други скалите кои водат до бирото од каде што претседателот и генералниот секретар ја водат седницата, а трети предните странични делови, каде има врати за влез, односно за излез од салата. Притоа, во очи паѓаше екс хашкиот затвореник Јохан Тарчуловски, кој држеше контрола на вратата која се наоѓа од страна на пратениците на СДСМ.

Првично, Вељаноски не го напушташе спикерското столче, што предизвика бурни реакции од пратениците на СДСМ и од другите партии. Еден од нив довикна дека време е најстариот пратеник Бранко Манојловски од ДУИ да седне на столчето на Вељаноски. Случајно или не, Манојловски беше единствениот пратеник од новото парламентарно мнозинство, кој во тие моменти се измеша меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, комотно разговарајќи со некои од нив.

ТРИКОТ СО НАЈСТАРИОТ ПРАТЕНИК

По неколку минути, Вељаноски ја напушти претседателската фотелја и излезе од салата, повлекувајќи се во претседателскиот кабинет, па просторот од каде се води седницата останаа да го чуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Така, додека тие му го штитеа тронот на Вељаноски и го држеа на око Манојловски, Заев се сврте на спротивната страна и го повика Ферид Мухиќ да го води продолжението на седницата, како најстар пратеник кој ја прифатил таквата одговорност.

Паралелно со тоа, пратениците од СДСМ направија прстен околу него, така што сега тие го блокираа приодот до Мухиќ од пратениците на ДПМНЕ, кои дотогаш ја бранеа фотелјата на Вељаноски од Манојловски. Заштитен од пратениците на СДСМ, Мухиќ од своето место се обраќаше до јавноста, но речиси ништо не се слушаше што говори, со оглед дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласно скандираа „избори“, „ова е пуч“, „срамота“…

Сепак, за кратко време, Горан Мисовски од НСДП го презеде водењето на седницата и набргу го стави на гласање предлогот Талат Џафери од ДУИ да биде избран за нов претседател на Собранието. Во таква бурна атмосфера, тој констатираше дека Собранието го избра Џафери за претседател со 61 гласови „за“, ако се знае дека Али Ахмети не присуствуваше на седницата од безбедносни причини, петтемина пратеници од БЕСА си заминаа, а двајцата од ДПА воопшто не учествуваат во работата на Собранието по изборите.

Потоа Џафери се префрли од едната на другата страна од парламентот, практично минувајќи низ пратеничките клупи на ВМРО-ДПМНЕ, кои претходно беа испразнети, бидејќи тие, нели, излегоа да го бранат просторот од каде се води седницата. Тогаш Џафери беше прогласен за нов претседател на парламентот и веднаш даде заклетва дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно.

На тој начин, се изјалови планот или очекувањето на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе дојде до директна конфронтација меѓу пратениците, која би настанала доколку новото парламентарно мнозинство тргнеше да го преземе раководењето со седницата. Начинот како СДСМ, ДУИ и другите партии ја изведоа операцијата така ги постави работите, што пратениците на ДПМНЕ ги стави пред избор да бидат индиферентни, или, пак, да станат агресивни во случај да тргнеа физички да го спречат изборот на Џафери.

КОЈ ПРАВИ ДРЖАВЕН УДАР?

Како и да е, веднаш по изборот, Стефан Богоев од СДСМ дојде во галеријата да ги информира претставниците на медиумите дека во собраниската сала број три, која воедно е прес-центар во парламентот, ќе се обрати Заев. Додека сите новинари тргнаа во тој правец, качувајќи се по скалите што водат од пленарната сала до прес-центарот, Џафери даваше изјава во однос на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека неговиот избор претставува пуч.

Пуч не прави парламентарното мнозинство со избор на претседател, туку оние што делуваат против државата и не ги исполнуваат уставните обврски – рече тој, алудирајќи, покрај останатите, и на претседателот Ѓорге Иванов кој одбива да им го даде мандатот на партиите што имаат мнозинство во парламентот.

Додека Заев подготвен ги чекаше снимателите да се постават за да се обрати до јавноста, на еден од екраните во просторијата се емитуваше директен пренос на телевизијата Нова, која пренесуваше дека демонстрантите веќе ги совладале барикадите околу Собранието и се приближиле до влезната порта. Тогаш, некој од новинарите му довикна на Заев побрзо да се обрати, по што тој во кратки црти објасни дека Џафери е избран во легална собраниска процедура.

Веднаш потоа, Џафери увери дека ќе работи согласно Уставот и законите и во корист на граѓаните, како и дека нема да дозволи узурпација на институциите. Кога стана јасно дека голем дел од демонстрантите влегле во собраниската зграда и во пленарната сала, Џафери додаде дека тоа е државен удар и го повика Министерството за внатрешни работи да дејствува согласно законските обврски како одговорно за безбедноста на Собранието.

Сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата, еден од припадниците на личното обезбедување на Заев и припадниците на МВР, во својство на лично обезбедување на Оливер Спасовски како поранешен министер, стражареа пред влезната врата од прес-центарот. Откако увидоа дека се собираат сѐ повеќе луѓе и нема да можат сами да ја спречат толпата, и покрај заканата со огнено оружје, тие влегоа внатре и околу 19 часот ја заклучија вратата.

Како што одминуваше времето, тензијата и неизвесноста кај присутните растеше, особено со повремените обиди на демонстрантите да влезат во салата. Иако Заев преку присутните медиуми ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации, а повиканите институции да си ги вршат своите надлежности, сепак, обидите да се влезе во просторијата не престанаа.

И Мисовски се обидуваше да ги смири присутните, уверувајќи ги дека тука е новиот претседател на Собранието, кој ќе ги заштити, а новинарите ги советуваше да ги извадат легитимациите. Арно ама, подоцна се испостави дека ниту Џафери, ниту легитимациите не беа доволна заштита за присутните и за новинарите, од кои дел се здобија и со повреди.

ОБРАЧ ОКОЛУ ЗАЕВ

Истовремено, поголем дел од пратениците на новото парламентарно мнозинство се наоѓаа во галеријата на салата, каде што се стигнува по скали од надворешната страна. Поради опасноста дека доколку таму стигнат разулавени демонстранти, тие можат буквално да бидат фрлени долу, по сугестија на Шекеринска, беа поставени неколку маси една врз друга за тие да можат да се симнат надолу.

Една по една, неколку пратенички почнаа да се симнуваат долу во салата, меѓутоа брзо се измести балансот на масите и една пратеничка за малку ќе завршеше на подот. Бидејќи најголем број од пратениците немаа време да се спуштат долу, тие се засолнија во двете кабини од кои се врши превод од комисиските седници, потпирајќи столици на вратата за да не можат да бидат отворени.

Наскоро, демонстрантите ја разбија вратата, а личниот телохранител на Заев се обиде со раце да ја спречи толпата да влезе во просторијата. Меѓутоа, за кратко време попушти под притисокот и демонстрантите се впуштија кон Заев, околу кој почна да се формира обрач, составен од неговиот личен телохранител, припадници на обезбедувањето на Спасовски, пратеници на СДСМ и на ДУИ…

Фактички, обезбедувачите беа на првата линија на заштитата заедно со пратеникот Максим Димитриевски, додека до и зад Заев беа други пратеници  – Љупчо Николовски, Александар Кирацовски, Дамјан Манчевски, Благој Бочварски, Петре Шилегов, Реџаил Исмаили… Сосема на крајот, од десниот агол на просторијата, беа Џафери, Зијадин Села и други пратеници Албанци, веројатно поради проценката дека ќе бидат најмногу изложени на удар.

Маскирани лица со фантомки и качулки, облечени со маички и беретки со обележја на патриотски организации, но и средовечни и постари граѓани, чие однесување сугерираше дека тие силно веруваат оти ја бранат државата од домашните предавници, се втурнаа кон средината каде беше Заев со луѓето околу него. „Ајде сега да ве видам“, прво извика еден од хулиганите што први се втурнаа низ вратата, облечен во тренерки, маичка, со намотан шал околу целата глава и врз лицето.

Во просторијата имаше неколку крупни маскирани лица, со физички изглед типичен за припадници на безбедносните сили или на агенциите за обезбедување, кои ја скенираа просторијата, за да видат кој каде се наоѓа. Но, тие воедно ги посматраа луѓето со кои влегоа, што укажува дека дел од нив биле со инструкции да вршат менаџмент на ситуацијата и да контролираат кој, како и колку ќе биде нападнат.

Впечатливо беше тоа што меѓу демонстрантите, односно насилниците, имаше многу учесници од воениот конфликт во 2001 година, главно припадници на резервниот состав и на специјално формираната специјална единица „Лавови“. Таквата тажна и поразителна реалност доволно говореше дека владината антиалбанска пропаганда си поиграла со чувствата на овие лица, кои беа потиснати во време кога вмровски влади судски ги гонеа бранителите, ги амнестираа хашките случаи, негуваа плодна соработка со командантите од УЧК…

ОПШТА ПРЕСМЕТКА СО ПРЕДАВНИЦИ

Во таа бркотница, со дел од колегите, држејќи ги новинарските легитимации во една рака, се движевме во спротивен правец од демонстрантите, речиси залепени до ѕидот од десната страна. За кратко време, успеавме да излеземе низ вратата, додека од просторијата што ја напуштивме одекнуваа пискотници и тресоти. Туку што помисливме дека излеговме од метежот, ете, одзади ни се приближија неколку лица, кои со нервозен и строг тон прашаа: „Има ли некој од Телма?“.

Тогаш стана апсолутно јасно дека нема привилегирани и изземени во оваа таканаречена општа пресметка со предавниците, туку дека треба да се дисциплинираат и неподобните медиуми. Имајќи го тоа предвид, повеќето новинари ги ставивме легитимациите во џеб и почнавме да се движиме. Одејќи низ темниот ходник, каде се сместени дел од кабинетите на пратениците, сфативме дека Собранието е целосно надвор од контрола.

Поточно, еден од двата задни влеза низ кој поминавме откако се симнавме по скалите беше затворен, без да го чува ниту собраниското обезбедување. Снимките покажаа дека полициски специјалци, повлекувајќи се од предната порта, ги затвораат овие странични влезови однадвор, меѓутоа во тој момент немавме таква информација, што предизвикуваше дополнителна доза на неизвесност.

Цело време се слушаа звуци од сите страни, според кои јасно беше дека демонстрантите однадвор веќе го обиколиле целото Собрание, а оние што веќе беа внатре, покрај со пратениците, почнаа да се пресметуваат и со инвентарот. Кога страстите спласнаа, регистриравме дека немаше предмет што не беше скршен, оштетен или превртен, а на внатрешните ѕидови имаше голем број дупки од удари со нозе.

Помирени со фактот дека нема надвор, продолживме да се движиме по ходникот кон другиот страничен излез, каде што од една просторија излезе лице во цивилна облека, кое нѐ повика да влеземе внатре. Од безбедносни причини, просторијата беше целосно затемнета, а ролетните од прозорците спуштени од превентивни причини, доколку некој одлучи да фрла со камења и со други тврди предмети.

Човекот што нѐ засолни веднаш не предупреди да ги исклучиме телефоните и да бидеме исклучително тивки. Во еден од ретките моменти кога се разврза муабет, тој рефлектираше одредено ниво на разбирање на ситуацијата, истакнувајќи: „Многу од овие луѓе учествуваа во 2001 година, па зар сега да го гледаат ова што им се прави“?. Во секој случај, тој беше коректен и безусловно помогна.

За кратко време, тој собра уште неколку новинари, пред сѐ, од медиумите на албански јазик. Некои беа вознемирени и хистерично разговараа по телефон, бидејќи сѐ уште беа под импресии од соочувањето со насилниците, чии погледи јасно ја манифестираа нивната жед за крв. Други, пак, беа мирни и немоќно чекаа позитивна разврска, и покрај тоа што тогаш немаше простор за оптимизам, од причина што состојбите сѐ повеќе ескалираа.

ОД ЕДНА НА ДРУГА ЛОКАЦИЈА

Во истата просторија, за кусо време се појавија и двајца експонирани пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои пристигнале откако дел од демонстрантите ги пречекале во пленарната сала, каде, како што подоцна видовме, заедно ракоплескале, пееле песни, се поздравувале и се гушкале. Арно ама, и тие беа видно изненадени, па и уплашени од развојот на целата ситуација.

Лоша е ситуацијата. Мора да видиме што максимум може да се оствари од барањата на албанските партии и сите заедно да ги донесеме. Само така може да се смири ситуацијата – смета еден од нив, свесен дека тоа е неговото лично мислење, кое се судира со она на многу јастреби од партијата, кои резолутно велат – сменивме име, сменивме знаме, изгубивме општини – доста е!

Набргу потоа, без да забележам како, од просторијата исчезнаа двајцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои веројатно биле преместени во друга просторија, а набргу потоа и евакуирани. Но, во меѓувреме, пристигнаа уште уште неколку пратеници – еден од ДУИ, двајца од помалите албански партии и еден од СДСМ. За половина час пристигна лице и од собраниската администрација, со цел да ги пренесе пратениците – Албанци на посигурна локација.

Со оглед дека просторијата беше непосредно до еден од предните странични влезови на парламентот, кој многу лесно можеше да биде пробиен од протестантите, одлучив да заминам со пратениците во просторија на горниот кат, на задниот агол од другата страна на зградата. Во просторијата беше многу задушливо, но почна полесно да се дише откако некој успеа да се снајде во темнината и да ја пушти климата.

Ваква врата чини илјада евра, па кој да знае дали може да биде пробиена – говореше припадникот на собраниската администрација кој нѐ засолни во просторијата.

Службениот телефон во оваа канцеларија беше надвор од функција, но работеше службениот компјутер, од кој ги читавме медиумските известувања за ситуацијата. Главно сите бевме потпрени на мобилните телефони, од кои почнавме да ги добиваме првичните информации што се случува во останатиот дел од Собранието и надвор од него.

Е сега станува навистина опасно – загрижено коментираа пратениците безмалку во еден глас, откако стигна информација дека Албанци почнале да се групираат и да се упатуваат кон Собранието, за да се одмаздат за крвничкото претепување на Села, што би предизвикало и меѓуетнички судир.

Пратеникот од ДУИ, пак, беше во постојана комуникација со министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој уште тогаш го извести дека не може да стапи во контакт со директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој воедно беше шеф на оперативниот штаб за следење на состојбите околу протестите.

Јас бев против оваа идеја, зашто знаев дека ќе испадне вака. Требаше да го оставиме ВМРО да зборува колку сака, нека се бламира пред јавноста. И одредени функционери на СДСМ беа против и еден ден претходно водеа преговори во парламентот со претставници од ВМРО, но падна ваква одлука и еве што се случи – објаснуваше тој.

ЛИСТА ЗА ЛИКВИДАЦИЈА И ОБИД ЗА УБИСТВО

Во исто време, сите бевме сведоци на една мачна и нехумана глетка. Преку прозорците се гледаше како неколку специјалци се трудеа да направат простор за амбулантните возила, кои дојдоа да ги преземат повредените пратеници. Меѓутоа, нивните обиди завршија безуспешно, бидејќи разбеснетата топла не им дозволуваше пристап, еуфорично скандирајќи: „Нема да излезете!“.

Некаде по 21 часот, откога всушност Чавков се појавил во МВР и по речиси два часа нереди во парламентот издал наредба за ставање на ситуацијата под контрола, дојде припадник на специјалните сили да не извлече од просторијата. Но, само што се приближивме до излезната врата, тој нѐ врати назад, затоа што избувнал пожар при еден напад на демонстрантите, па мораше да оди да го локализира.

Набргу потоа, дојде друг тим на униформирани и неуниформирани припадници на полицијата, кои нѐ однесоа во просторијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, каде што беа сместени нападнатите пратеници. Таму глетката беше стравична: Заев, Спасовски, Манчевски, Николовски, Локвенец и Павле Богоевски беа со најсериозни траги на повреди. Раните на нивните глави беа бандажирани и во завои, но раскрвавените и расцепени кошули сведочеа за она што го преживеале.

Да не беше нашето обезбедување, но и да не се држевме сплотено,  демонстрантите ќе го убиеја Заев и некој од пратениците – Албанци. Сѐ што имаше во просторијата ни фрлија врз глава. Дури, еден од нив од галеријата гаѓаше со јарболот од знамето како со копје. Други правеа ласо од каблите за да нѐ уловат, па можеби и да нѐ обесат  – се потсетува еден од пратениците кој цело време додека се одвивале нападите беше веднаш до Заев.

Дел од напаѓачите се упатиле и кон галеријата, каде што успеале да го претепаат пратеникот Богоевски, но не успеале да ги отворат вратите од кабините за превод, каде беа заклучени неколку пратеници, претежно жени. Набљудувајќи ја целата драма што се случувала долу од птичја перспектива, тие раскажуваат дека насилниците имале листа за отстрел и патем носеле оружје.

Тие имаа список и знаеја кого да бараат. Убаво видовме како носат оружје, метални боксирачи и шипки, а еден од нив цело време го држеше пиштолот зад грб, чекајќи чиста ситуација да го убие Заев. Најкритично беше во еден момент кога сите станаа нахални, па ако не пукаше еден од обезбедувачите во воздух, сите ќе беа растргнати – вели еден од пратениците кој за време на инцидентите бил заклучен во една од кабините за превод.

Луѓето со кои разговаравме посочуваат оти Ѓорчев, заедно со неколку поразумни луѓе од редовите на демонстрантите, одиграл една од клучните улоги за спас на пратениците на СДСМ и ДУИ од разгневената толпа. Но, покрај него, во целиот хаос несебично помогнал и поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Флоровски, кој сега работи во ЈП Македонски шуми.

НАСИЛНИЦИ ИЛИ СПАСИТЕЛИ?

Инаку, овој дивјачки и, како што оцени Хојт Брајан Ји, кукавички напад, траел сѐ до 21.30 часот, кога почнале да упаѓаат специјалци од интервентниот тим на полициските Тигри. Кога ние пристигнавме во просторијата каде што беа сместени пратениците, ситуацијата се уште не беше целосно под контрола. Полицајците постојано се движеа во различни правци за да ги совладаат последните упоришта на насилниците.

Држиме насекаде колку што можеме. И нас не тепаа – се жалеше еден од нив, верувајќи дека ситуацијата наскоро ќе се среди.

Интересно беше тоа што во неколкуте поврзани соби во една просторија беа и петмина демонстранти кои упаднале во парламентот и потоа во прес-центарот. Едниот од нив се гледа на снимките објавени од медиумите, како триумфално упаѓа низ главниот влез и меѓу првите се качува нагоре по скалите, без да биде спречен од полицијата, додека друг е фатен на сликите што демонстрантите сами си ги сликале во пленарната сала.

Да видите како било на Вејце, на Карпалак – се обрати еден од нив пред пратениците на СДСМ во мое присуство, по што негов познаник го повлече и го однесе во друга просторија. Друг, пак, постојано повторуваше дека тие го спасиле Заев. Но, наредниот ден Мухамед Зеќири за медиумите изјави дека тие лицемерно глумеле спасители откако дошла полицијата.

Нејсе, покрај Ѓорчев, кој носеше пакети со вода, во близина за миг се појави и Јохан Тарчуловски, за кој потоа медиумите, врз основа на одредени видео-снимки, објавија дека ги насочувал демонстрантите во парламентот, откако вратата им ја отвориле двајца негови колеги од ВМРО-ДПМНЕ – Мукоски и Сашо Василевски. Исто така, во просторијата можеше да се забележи и некогашниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Соколов, кој веднаш по крвавите настани во парламентот на фејсбук напиша:

Албанската платформа не минува во Македонија. Видовте народот како реагира. Ако продолжите со предавството, овојпат ќе ја почувствувате реакцијата на народот и тоа поединечно секој од вас…“.

По извесно време, почнаа да се слушаат силни детонации однадвор, каде полицијата со шок-бомби ги растеруваше најтврдокорните демонстранти. Откако го формираше коридорот за извлекување, полицијата прво ги повика жените, потоа повредените и на крајот сите останати. Движејќи се надолу по скалите, полицајците апелираа до сите да не трчаат, но да се движат побрзо, бидејќи опасноста се уште не е сто отсто елиминирана.

Конечно, сите стасавме пред излезната врата која претставува службен влез за пратениците и вработените во Собранието. Таму, во првите редови стоеше раскрварениот Заев, кон кого се приближи Ѓорчев, при што двајцата срдечно и искрено се поздравија. На влезот однадвор се појави и Никола Тодоров, кој информираше дека сите повредени ја добиле потребната лекарска помош и дека се наоѓаат во стабилна здравствена состојба.

ЕВАКУАЦИЈА

Во тие моменти се појави и пратеникот од ДУИ со кого бевме засолнети во просторијата пред полицијата да не однесе во кабинетот кај Ѓорчев, од каде не евакуираше. Заедно со него, уште неколку пратеници и вработени во парламентот се качивме во хермелинот. Дури кога возилото со експресна брзина почна да се движи кон трговскиот центар Рамстор, сите почувствуваа олеснување и дека веќе дефинитивно се на безбедно.

За рекордно време од 10 минути пристигнавме во касарната во Ѓорче Петров, која функционира како база на Единицата за брзо распоредување. Само што пристигнавме, припадник на единицата не евидентираше, запишувајќи на обичен лист хартија име и презиме, матичен број, како и медиумот во кој работиме.

Можеби стотина припадници на ЕБР беа построени пред објектот каде дел по дел влегуваа повредените пратеници од СДСМ, на чело со Заев. Но, истовремено пристигнаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои можевме да ги забележиме Даниела Рангелова, Зоран Илиоски, Зоран Ѓорѓиевски и други.

За петнаесетина минути, повеќето од нив почнаа да се движат во обратен правец кон рампата на влезот на касарната, каде ги чекаше превоз. Каде се упатија пратениците на ДПМНЕ останува непознато, но Заев и неговите сопартијци се упатија кон партиското седиште на Бихаќка, каде беше пречекан како херој кој се жртвуваше само за да спречи граѓански судир. По овој настан, веќе ништо не може да биде исто.

РАМКА 1

Контрадикторни сведоштва

КАКО НАСТРАДА СЕЛА?

Постојат различни сведоштва околу тоа како настрадал лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села, кој беше најсериозно повреден при нападите на парламентот на 27 април.

Додека едни велат дека тој бил фатен кај вратата во моменти кога се обидувал да излезе, други тврдат дека бил извлечен за коса од толпата.

Висок функционер од неговата партија, пак, вели дека имаат сознанија дека бил удрен со тврд предмет и паднал во бессознание, по што не памети што се случило.

РАМКА 2

БЕСА не знаела за планот

ЗА НЕКОЛКУ СЕКУНДИ ИМ ИЗБЕГАВМЕ НА ДЕМОНСТРАНТИТЕ

Никој не нѐ информираше дека ќе има продолжение на седницата за избор за нов претседател, тврдат од БЕСА.

Ние си одевме дома како и секој ден. Заминавме само 10 секунди пред демонстрантите да го пробијат кордонот. Ако задоцневме, можевме да настрадаме надвор – вели пратеник од БЕСА.

РАМКА 3

Погрешна проценка

СДСМ НЕ МИСЛЕЛ ДЕКА НЕШТАТА ЌЕ ОТИДАТ ПРЕДАЛЕКУ

Од СДСМ велат дека очекувале оти ќе има спротивставување од ВМРО-ДПМНЕ во однос на изборот на нов спикер, но не очекувале дека нештата ќе отидат предалеку.

Значи, доколку никој не ги пуштил луѓето внатре, тие немало како да влезат. Но, дел од пратениците добиле наредба тоа да го сторат, без да бидат свесни во што се впуштаат и што следува – велат социјалдемократите.

РАМКА 4

Задоцнето оправдување

РАБОТИТЕ ИЗЛЕГОА ОД КОНТРОЛА, ОВА НЕ ОДГОВАРА НИКОМУ

 Настрана што нивната постизборна реторика стимулираше омраза и поттикнуваше насилство, од ВМРО-ДПМНЕ уверуваат дека тоа што се случило во парламентот во четвртокот никој ниту го посакувал, ниту го планирал.

Ова не одговара никому. Сега треба да спласнат тензиите па има решенија – лидерска средба, широка влада… – велат високи извори од ДПМНЕ.

Арно ама, оваа солуција речиси отпаѓа од игра во ситуација кога насилството во парламентот сега ја дискредитира партијата во меѓународни рамки и ја дисквалификува како преговарач на зелена маса.

АРХИВА: Напаѓачот не пукал во Заев зашто немал чиста мета!

$
0
0

Текстот е објавен на 15.02.2018 година во неделникот „Фокус“, во број 1167

Пишува: Валентина ВУРМО

Малку фалеше пратеникот Зијадин Села да биде убиен во Собранието, кога на 27 април 2017 година, толпа насилници влегоа во законодавниот дом. Додека со останатите пратеници од СДСМ беа притиснати во десниот агол на салата, Села во еден момент бил погоден во глава со статив од знаме. По ударот му се слошило, односно почнал неконтролирано да се движи, по што се струполил на подот. Околу него се собрале дваесетина луѓе, па додека со лицето лежел свртен кон подот, дваесетина нозе го удирале по главата, по телото, односно каде што ќе стигнеле. Не запреле со насилството иако целиот бил во крв, а додека го тепале извикувале: убиј го кучето, убиј го шиптарот!

Во моментот кога помислиле дека е мртов, неколкумина го изнеле од салата. Или, како што вели обвинителот Дарко Јакимовски, она што го спасило Села од смрт не е колебањето на тепачите, туку фактот дека не давал знаци на живот, односно мислеле дека е мртов.

Дека малку фалело да биде убиен сведочи и вештачењето на лекарите за повредите кои мУ биле нанесени на главата, од кои најмалку две биле животно загозувачки.

Но планот, според сценариото за Крвавиот четврток, не бил да се убие Села. Неговото претепување дошло спонтано, бидејќи насилниците биле понесени од „атмосферата“. Оној кој не требало да извлече жива глава од Собранието бил тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев.

ЗАГОВОРНИКОТ ГО ИСКАРАЛ НЕСУДЕНИОТ УБИЕЦ

„Фокус“ од доброупатени извори во истрагата дознава дека постои снимка од телефонски разговор, од чија што содржина се открива првичното сценарио за упадот во Собранието. Како што тврди нашиот извор, неколку месеци по инцидентот, истражните органи обезбедиле телефонски разговор воден меѓу двајца од учесниците во насилството. Наводно, едниот го кара другиот и го прашува зошто не го убил Заев, кога тоа било договорот? На ова соговорникот се правдал дека се обидувал, но немал чиста мета.

Дали навистина сценариото било да се ликвидира тогашниот лидер на опозицијата, ќе покаже истрагата која се уште е во тек. Она што веќе е утврдено со истрагата е дека нападот во Собранието бил однапред испланиран, односно не се случил „спонтано“.

Во таа насока одеше и објаснувањето на тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Мухиу, дадено во интервју за Алсат-М. Тој истакна дека нападот се одвивал по претходни скроени планови и евентуални сценарија, чија цел наводно била да се спроведе државен удар, дури и по цена да бидат убиени неколку пратеници. Нухиу посочи и дека МВР и Оперативниот штаб претходно изготвиле три евентуални планови за протестите, но тие пропаднале поради политичките убедувања внатре во полициските структури.

Постоеше сценарио да се удри по Собранието. Има и гласини што не сум ги потврдил, односно дека полицајците се повлекле од вршење на законските должности, бидејќи слушнале дека треба да чекаат уште некое време, со цел претседателот Ѓорге Иванов да ја извади армијата и да прогласи воена состојба, рече Нухиу.

Ова сценарио неколку дена пред Крвавиот четврток во Собранието го најави и „Фокус“, објавувајќи ексклузивна информација дека Иванов има намера да го активира оперативниот центар „Јасен“, кој всушност претставува скривница и канцеларија од каде што ќе можел да командува политичкиот и воениот врв во случај на воена опасност.

По седум месеци предистражна постапка, обвинителството уапси триесетина осомничени, меѓу кои и Митко Чавков, тогашниот директор на БЈБ, уште неколкумина вработени во МВР, шестмина пратеници и службеници од Собранието, како и десетина обични граѓани, кои беа дел од толпата.

Според сомнежите на обвинителството, вработените во МВР, на чело со Чавков, не реагирале навреме и дозволиле толпата непречено да влезе во законодавниот дом, дел од пратениците пак ги отворија двете собраниски врати, а дел ги насочуваа насилниците во која насока да се движат, а овие третите, пак, имале цел да ги нападнат опозициските пратеници. На учесниците и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, пак, кои исто така се осомничени во овој случај, за грев им се зема дека биле водачи на толпата која упадна во Собранието.

ПОРАКИТЕ МЕЃУ НАСИЛНИЦИТЕ ЌЕ ГО ОТКРИЈАТ СЦЕНАРИОТО ЗА 27 АПРИЛ?

Од Обвинителството побаравме одговор за тоа во која фаза е истрагата за овој случај и дали наскоро ќе биде поднесен обвинителен акт. Оттаму ни одговорија дека во моментот се сослушуваат сведоци и осомничени.

Надлежен јавен обвинител што постапува по предметот секојдневно сослушува лица во својство на сведоци и во својство на осомничени. Со оглед на тоа дека се работи за предмет во кој се опфатени поголем број на осомничени лица, за донесување на соодветна јавнообвинителска одлука е потребно време, ни одговорија од Обвинителството, од каде што додаваат дека во моментов не се во можност да споделат детали од истрагата за да не го нарушат нејзиниот тек.

Она, пак, што го дознавме неофицијално, од извори во обвинителството, е дека се очекува до крајот на неделата да завршат сослушувањата и да се оди кон финиширање на истрагата. Дознаваме и дека истрагата не одела подмачкано бидејќи имало проблем околу вештачењата на мобилните телефони на осомничените. Проблемот настанал околку нивното декодирање, бидејќи поновите модели на мобилни телефони се побезбедни, односно тешко може да се пробие нивниот пин. Сепак, дел од телефоните се веќе пробиени и сега се анализираат смс пораките. Со вештачењето на мобилните ќе се има и евиденција кој со кого разговарал на 27 април, но и деновите пред и потоа, се разбира, без да се знае содржината на рзговорите, бидејќи до неа се стигнува само преку прислушување на разговорите.

На овој начин обвинителството се обидува да ги врзе во мрежа осомничените, односно оние кои дента меѓусебе имале по неколку телефонски разговори. Исто така и од содржината на пораките може да се дознаат клучни детали. Иако е очекувано осомничените, доколку имале смс пораки кои ги поврзуваат со некакво нивно организирање на нападот, веднаш да ги избришале, сепак постои техничка можност за нивно враќање.

Покрај телефоните на осомничените, мобилните им беа одземени и на пратениците Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ и Весел Мемеди од Националната демократска преродба, која беше дел од коалицијата „Алијанса на Албанците“.

Вељаноски по настанот тврдеше дека тој за време на упадот бил во својот кабинет и не видел ништо што се случувало.

УНИШТУВАЊЕТО НА ТРАГИТЕ ЗАВРШИЛО НЕУСПЕШНО

Отежителна околност за истрагата, како што не брифираат од обвинителството,  е и тоа што увидот во Собранието не бил направен веднаш по кривичниот настан, туку со задоцнување. Во тој период на чело на обвинителството сѐ уште беше Марко Зврлевски, кој беше разрешен на средината на август.

Најпрвин истрагата за овој случај ја водеше Скопското јавно обвинителство, а дури по еден месец, на 31 мај, ја презеде Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Станува збор за сплет на инкриминирани дејствија кои што значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се препишат само како деликт на масата, ниту пак на од таму произлезени конкретни кривични дела на сторителите, информираа тогаш од Обвинителството.

Или, речено со други зборови, штом во истрагата се вклучува обвинителството за организиран криминал и корупција постојат докази дека дел од осомничените дејствувале како организирана група и освен кривичното тело „учество во толпа“ или „насилство“ ќе се гонат и за други потешки дела, како и што се случи, односно на товар им се стави кривичното дело „тероризам“.

Во октомври лани, пак, обвинители под палката на обвинителката Вилма Рускоска влегоа во Собранието. На лице место извршија реконструкција на настанот, односно се движеа по патеката која ја минале и осомничените. Самите се увериле дека трите собраниски врати не е возможно да се отворат од надвор, туку само одвнатре, бидејќи на двете кои беа отворени од пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски има безбедносни метални шипки.

Но насилниците не влегувале само преку овие две врати. Според извори од истрагата, дел од напаѓачите координирано влегле преку гаражата на Собранието, влез кој е дозволен само за службени возила.

Претпоставка е дека обвинителите го потврдиле и сомнежот дека толпата била насочувана од дел од осомничените, односно им било покажано по кој пат да се движат, бидејќи воопшто не е едноставно да се стигне во прес- салата, каде што се случи нападот на пратениците.

За да се сокријат доказите, односно да се прикријат оние кои им помогнаа на насилниците да влезат во Собранието, беше направен и обид да се избришат снимките од видео надзорот поставен во Собранието.

Двајца вработени добиле наредба од висок началник во УБК да влезат во Собранието и да ги земат хард-дисковите, по што ги зеле, но, за среќа, имале резервни хард-дискови и ние сепак успеавме да ги земеме снимките, потврди тогашниот министер Нухиу.

Задолжение за бришење на трагите на насилството, наводно имале и неколкумина вработени во законодавниот дом, а нивниот обид бил регистриран од камерите.

90-ТИНА ПОЛИЦАЈЦИ БИЛЕ ОКОЛУ И ВО СОБРАНИЕТО, А ТРЕБАЛО ДА СЕ 300

И покрај снимките од безбедносните камери и од оние кои ги регистрираа медиумите, се чини дека докажувањето на наводна вина на вработените во МВР, кои тој ден биле во Собранието ќе оди потешко, бидејќи веќе три години не функционирал тетра-системот, односно системот за регистрација на командите. Уште од 2014 година два сервера не биле вклучени во апаратот за снимање.

Како еден од главните виновници за слабата реакција на полицијата, бидејќи цели два часа пратениците од опозицијата беа оставени сами да се бранат од насилниците, е посочен Чавков, кој во тој период беше директор на Бирото за јавна безбедност и шеф на оперативниот штаб во МВР. Веднаш по крвавиот настан, министерот Нухиу појасни дека тој му сугерирал на Чавков дека ситуацијата во Собранието може да излезе од контрола, но тој му вратил дека се е под контрола. Па така, пред Собранието, каде што протестирале околу 5.000 граѓани, требало да има поставено 300 полицајци, но нивниот број бил далеку помал, односно околу 90, вклучувајќи ги и оние кои биле внатре во собраниската зграда.

Откако ситуацијата ескалирала, Нухиу не можел да воспостави контакт со Чавков, се до неговото доаѓање во Оперативниот штаб во 20 часот и седум минути. Од друга страна, тој бил достапен за тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бидејќи самиот обзнани дека таа вечер двапати разговарал со Чавков и му рекол полицијата да постапува професионално.

Истрагата, пак, покажа дека Чавков за време на Крвавиот четврток бил на само 100 метри оддалеченост од Собранието. Неговиот мобилен телефон бил лоциран на три базни станици и тоа на ВМРО-ДПМНЕ, „Алмако“ и Италијанската амбасада, поточно во триаголникот во центарот на Скопје.

Јавноста допрва ќе има можност да ја слушне одбраната на Чавков, иако на неодамнешната јавна седница во Апелациониот суд, каде што се расправаше за неговиот притвор, тој навести дека во никој случај нема да признае вина. Истакна дека со докази ќе потврдел дека раководел со акцијата за смирување на состојбата во Собранието.

– Од материјалните докази ќе се види дека со раководењето на акцијата во едни специфични околности дадов клучен придонес за спасување на животите на пратениците и нивна дислокација на безбедно. Апсолутно не се чувствувам виновен, рече неодамна Чавков.

Но и покрај неговата одбрана, жалбата за укинување на притворот му беше одбиена, па веќе два ипол месеци е зад решетки во истражниот затвор Скопје. Според неговиот адвокат Петар Василев, притворот му е продолжен по сите три основи и тоа дека постои опасност од бегство, дека ќе ја попречува кривичната постапка со прикривање на трагите и влијание врз сведоците или сооучесниците и дека постои опасност од повторување на делото.

КОЛКУ ОД НАСИЛНИЦИТЕ СО СЕБЕ НОСЕЛЕ ПИШТОЛИ?

Истрагата на обвинителството треба да покаже и дали и колку насилници влегле во Собранието со оружје. Од снимките кои ги објавуваа медиумите можеше да се види како кон пратениците маваат со се што ќе им дојде при рака, како стативи за камери, сталаци за знамиња, столови, шишиња, но остана непознато колку од нив со себе имале пиштол или друго огнено оружје.

Досега обвинителството го сподели само податокот дека еден од осомничените, Игор Југ, кој дотогаш се гонеше за „учество во толпа“, се гони и за неовластено носење на оружје. На повеќе снимки се гледаше како Југ во прес салата одвреме навреме ја држи раката под маицата зад грб, по што се создаде сомнеж дека носел пиштол.

Потоа и српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ тврдеше дека Југ имал задача да го убие Заев, но кумановецот преку фејсбук тогаш ги отфрли овие обвинувања.

Во салата беа испукани и два куршуми во воздух, од страна на обезбедувањето на сегашниот министер Оливер Спасовски.

Осомничените за 27 април се гонат за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Доколу бидат прогласени за виновни, се соочуваат со затворска казна од најмалку 10 години.

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години, стои во членот 313 од Кривичниот законик.

Сепак, по изготвувањето на обвинителниот акт ќе биде познато дали обвинителката Рускоска сите 35-мина осомничени ќе ги гони само за ова кривично дело. Во зависност од доказите, покрај ова кривично дело може да бидат обвинети и за уште неколку дела, како на пример, „насилство“, „обид за убиство“, „учество во толпа“, „злосторничко здружување“ и друго, за што се предвидени дополнителни затворски казни, но максималната збирна казна која може да се изрече е дваесет години.

За тоа кој ќе биде правниот епилог ќе мора најпрвин да се почека обвинителниот акт, а потоа и пресудата. Во секој случај, не треба да се дозволи невини луѓе да бидат ставени зад решетки, но од друга страна и оние кои планирале нечие убиство и насилство со кое ќе го загрозат уставниот поредок, не смее да се шетаат на слобода.

35 ОСОМНИЧЕНИ, ОД КОИ ЧЕТВОРИЦА ВО БЕГСТВО

Во овој случај, според податоците кои ги добивме од обвинителството, осомничени се 35 лица од кои четворица се во бегство.

На едно лице му се изречени мерки на претпазливост, за седум лица е одредена мерка куќен перитвор, а за останатите 23 лица е изречена мерка притвор, велат од обвинителството.

Имено, зад решетки во истражниот затвор „Скопје“ сѐ уште е Чавков, како и пратениците Сашо Василевски, Крсто Муковски и Љубен Арнаудов, а во домашен притвор се Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, додека на пратеничката  Жаклина Пешевска и е одредена мерка на претпазливост. Во домашен притвор од неоадмна е и оперскиот пејач Игор Дурловски, а актерот Владо Јовановски и Бетмен Илиевски сѐ уште се во затворски притвор.

АРХИВА Му ја укинале социјалната помош зашто имал пари да си го погребе синот!

$
0
0

Текстот е објавен на 31 март, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1121

Пишува Валентина ВУРМО

За да може достоинствено да го погребе својот прерано починат син, скопјанец кој со своето семејство живеел во голема сиромаштија, од свои роднини што работеле во Германија добил парична помош од 1.500 евра. Иако парите ги потрошил за ковчег, изработка на надгробна плоча и венци, за што поседувал и сметки, надлежните институции решаваат да му ја укинат социјалната помош од која дотогаш живееле, бидејќи сметале дека со овие пари семејството може да се издржува?! Во истиот период, или почетокот на 2015 година, над 1.600 граѓани го губат правото на парична социјална помош, бидејќи и тие преку брз трансфер на пари, од свои роднини или пријатели, добиле парична помош која им била неопходна за итни ситуации.

Овие граѓани одеднаш се нашле во безизлезна ситуација, бидејќи социјалното кое го добивале од државата, наеднаш им секнува, па остануваат и без корката леб која дотогаш можеле да им ја пружат на своите деца. Згора на се, добиле и обврска да ги вратат парите кои ги добиле како социјална помош исплатени во текот на 2014 година. И по две години институционална и правна битка, поголемиот дел од овие семејства не можат да ја добијат правдата иако аргументите се на нивна страна.

ОД ЦЕНТАРОТ ПОБАРАЛЕ И ДА ГИ ВРАТИ ПАРИТЕ

Уште не соземени од смртта на нашиот син, на почетокот од 2015 година од Центарот за социјални работи бевме известени дека ни се укинува правото на социјална помош, вели нашиот соговорник.

Тој појаснува дека Министерството за труд и социјална работа направило контрола и утврдило дека во август 2013 година, преку брз трансфер на пари, му легнале на сметка 1.500 евра, по што носи решение за прекин на социјалната помош. Од Министерството сметале дека со овие пари семејството може да се издржува, па затоа им ја ускратиле помошта од државата.

Но, она што не знаеле или не сакале да го утврдат, е дека со овие пари скопјанецот го погребал својот син, кој по тешко боледување прерано ја изгубил битката со животот. Парите, преку брз трансфер, му ги испратиле роднини од Германија, кои сакале да му помогнат во најтешкиот момент од животот, а тоа им го „налага“ и религијата, односно на ужаленото семејство да му помогне кој колку може.

Но, она што е скандалозно во случајот е што скопјанецот не ги сокрил парите, туку веднаш го информирал Меѓуопштинскиот центар за социјални работи (МЦСР), по што од службениците бил известен дека приходите од брз трансфер на пари не треба да се пријавуваат затоа што тоа не било утврдено со Правилникот.

До крајот на 2013 година и во текот на 2014 година скопјанецот продолжил да добива социјална помош, кога наеднаш во средината на февруари 2015 година добил решение од МЦСР дека му престанува ова прав. И тоа не е сѐ. Му било наложено да врати дел од парите што ги добил во 2014 година, со образложение дека неосновано ги добил?!

Тој побарал правна помош од Македонското здружение на млади правници, од каде што преку тимот адвокати со кои соработуваат, му помогнале да поднесе жалба до Министерството за труд и социјална политика, во која појаснил дека парите што ги добил од Германија ги потрошил за да го погребе својот син, но оттаму ја одбиле жалбата без да му дадат подетално образложение.

ДОБИЛ ПАРИ ЗА ОПЕРАЦИЈА НА СРЦЕ, ПА ОСТАНАЛ БЕЗ СОЦИЈАЛНА ПОМОШ

Решение, на државата да ѝ врати 23.492 денари, добил и жител на скопската населба Шуто Оризари. И тој според Центарот за социјални работи, на почетокот од 2015 година бил известен дека повеќе нема право на социјална парична помош, бидејќи добил средства преку брз трансфер на пари, а му наложиле и да ги врати средствата кои ги добил во 2014 година.

И овој граѓанин, како и претходниот, не негирал дека исто така од роднини од Германија добил пари, 3.800 евра, но истакнал дека ги искористил за операција на срце, која не можел да ја покрие со минималната социјална помош која ја добивал од државата.

Центарот за социјални работи во Шуто Оризари во целост бил запознаен со неговата здравствена состојба. Имено, тој е со влошено здравје, вградени му се два стента и имал операција на срцето, поради што роднини од странство му испратиле пари за да ги покрие сите болнички трошоци, кои не можел да ги покрие со малата социјална помош. Тој бил принуден да позајми од своите роднини, бидејќи ако не позајмел, не можел да ја изврши операцијата, вели Гоце Коцевски, проектен менаџер во Македонското здружение на млади правници, кои преку своите адвокати соработници, се вклучиле да му помогнат да ја истера правдата.

Токму затоа скопјанецот поднел жалба до Министерството, каде го обжалил решението на центарот за социјални работи.

Својата одлука институцијата ја заснова на Правилник, донесен во јануари 2015 година, со кој се утврдува дека секој корисник на социјална помош ќе го изгуби правото доколку добие средства исплатени преку брз трансфер.

Коцевски појаснува дека покрај погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, првостепениот орган при донесувањето на решението погрешно го применил и материјалното право.

Правилникот, во кој брзиот трансфер на пари се става како пречка за добивање на правото на социјална помош, беше донесен во јануари 2015 година. Ова значи дека тој не може да има ретроактивно дејство, т.е. да се однесува за 2014 година и врз основа на правилникот да се констатира незаконска исплата на парични средства. Бараат поврат на средства за 2014 година врз основа на пропис кој во тој период немал правна сила!? Покрај погрешната примена на материјалното право, се прави и повреда на Уставот, односно на членот 54, став 4, каде е наведено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејствие, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните, истакнува Коцевски.

Сепак и покрај очигледното незаконско постапување на центарот за социјални работи, Министерството ја отфрла поднесената жалба, поради што скопјанецот поднел тужба до Управниот суд. Судот, по речиси една година, одлучува во негова корист, односно ја усвојува тужбата, но не поради неуставноста, туку поради контрадикторности во решението од техничка природа.

Така завршил и управниот спор кој го повел уште еден жител на скопската општина Шуто Оризари. И во овој случај Центарот за социјални работи одлучил, а Министерството ја потврдило одлуката, глувонемо лице од оваа скопска населба да врати 49.028 денари, односно сите средства кои како социјална помош му биле исплатени во 2014 година. Освен задолжението да ги врати парите добил забрана во рок од една година за добивање социјална помош. Неговиот грев било тоа што во 2014 година на сметка, преку брз трансфер, му легнале 1.400 евра. Во жалбата скопјанецот појаснил дека парите ги испратил неговиот зет, а биле наменети за покривање болничко лекување на неговата мајка. Ова оправдување не било доволно за министерството, па откако жалбата била одбиена, повеле управен спор. Управниот суд одлучил дека решението е контрадикторно, бидејќи не било јасно за кој временски период му се оспорува правото на парична помош, па затоа предлага случајот повторно да се разгледа и одлучува, при што во повторената постапка да ги земат предвид укажувањата на судот.

УПРАВНИОТ СУД ГО ШТИТИ МИНИСТЕРСТВОТО

Иако овој граѓанин го добил случајот, сепак не ја добил и правдата. Коцевски истакнува дека Управниот суд се воздржува да ги укине овие решенија поради нивната неуставност, туку поради технички грешки или контрадикторности во податоците, без да се фати за суштината. Тој вели дека останува нејасно поради кои причини судот не зазема став дека решенијата се неуставни, кое нешто само по себеси требало да покрене засебна постапка за утврдување на одговорност во министерството. Вака, иако ја извојувале правната битка, овие граѓани не добиле ништо, односно се уште се оставени без социјална парична помош.

Но, има и случаи кога Управниот суд одлучувал негативно по тужбите на корисниците на социјална помош.

Во февруари 2015 година, уште едно семејство од Шуто Оризари, од центарот за социјални работи добива решение дека им запира исплатата на социјалната помош и дека треба да вратат 26.856 денари, кои им биле исплатени во 2014 година, а доколку не ги вратат им се закануваат со тужба пред надлежниот суд. Исто така, изречена им е и забрана за користење социјална помош во рок од една година.

Гревот на ова семејство било тоа што во 2014 година примиле пари преку брз трансфер и тоа од нивниот син кој живеел во странство, а за тоа не го известиле центарот во рок од 15 дена.

Семејството се правда дека парите нивниот син ги испратил не за да се издржуваат со нив, туку да уплаќаат рати за исплата на банкарски кредит, кој синот го подигнал пред да замине. Како поткрепа, поднеле и уплатници за исплата на кредитот.

И тука, според Млади правници, доаѓаме до прашањето дали и ова семејство било информирано дека во центарот морало да ги пријави парите кои им стигнале на сметка преку брз трансфер.

Доколку жалителот знаел дека ќе му се укине социјалната парична помош, тогаш би му наложил на синот од странство да ги уплаќа ратите за кредитот, вели Елена Георгиевска, проектен асистент во Млади правници.

Таа додава дека и во овој случај надлежните се повикуваат на Правилникот, кој во тој момент немал правна сила, односно донесен е во 2015 година, а со него се наложува да се вратат средства исплатени за 2014 година?!

Во конкретниот случај воопшто нема елементи на незаконска исплата од причина што наведениот Правилник на кој се повикува првостепениот орган не бил донесен, а жалителот ги исполнува сите законски услови за остварување на правото на социјална парична помош, објаснува Георгиевска, која додава дека веднаш била поднесена жалба до Министерството за труд и социјална политика.

Бидејќи министерството и во овој случај одлучува негативно, односно ја отфрла жалбата, семејството во мај поднесува тужба до Управниот суд, кој носи одлука дури по девет месеци. Одлуката е негативна, односно на штета на социјално загрозеното семејство. Судот сметал дека корисникот на социјалната помош морало да го извести центарот за социјални работи за добиените пари.

Судот при носењето на одлуката ги ценеше наводите дека Правилникот не бил на сила кога тужителот се стекнал со право на социјална парична помош во 2014 година, односно бил донесен во 2015 година, но најде дека се неосновани и не се основ за донесување на поинаква одлука. Ова од причина што во решението со кое му било признато правото на парична помош е наведено дека носителот на правото е должен да го извести центарот за социјална работа за секоја промена на фактите и околностите кои биле основ за признавање на правото, најдоцна во рок од 15 дена од денот кога настанале тие промени, се наведува во пресудата на Управниот суд.

ПРАВИЛНИКОТ СЕ МЕНУВА, НО НЕ И ТАБИЕТОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО

Управниот суд претставува клучна институција, која ја оценува законитоста на поединечни акти на органите на државната управа. Сепак, според Коцевски, долгото траење на постапката за решавање управни спорови отвора сомнеж во можноста граѓаните да остварат навремено правно разрешување на своите правни проблеми и барања.

– Оттука, времетраењето на постапките пред Управниот суд, кое често се мери со години, не секогаш е ефективно за остварување на правата на граѓаните. Во вакви случаи граѓаните повторно треба да вложат време и енергија и да поминат преку првостепената постапка пред органите на државната управа, но тоа воопшто не е гаранција дека органот ќе донесе поинаква одлука од претходната. Поради тоа, граѓаните се губат во административниот лавиринт и најчесто нивните права остануваат неостварени, што исто така значи и дека тие не добиваат ефективна заштита, вели Коцевски.

Од Млади правници појаснуваат дека проблемите почнуваат кога во јануари Министерството за труд и социјална политика дополнува два правилници според кои примени парични средства преку услугата брз трансфер на пари во износ над 50.000 денари се сметаат како имот од кој корисниците можат да се издржуваат и како таков, тие се должни да го пријават. Доколку лицето се стекнало со ваква сума пари, тоа ќе го изгуби правото на социјална односно постојана парична помош. Правилниците беа објавени во Службен весник на 26 јануари 2015 година, а стапија на сила наредниот ден од објавувањето.

Веднаш наредниот месец меѓуопштинските центри за социјална заштита без претходно да ги информираат граѓаните за дополнувањето, прибавиле податоци од НБРМ и донеле над 1.300 првостепени решенија со кои на голем број корисници на социјална и постојана парична помош им беше укинато ова право.

Сите решенија содржеле образложение дека во текот на 2014 година лицата примиле средства преку услугата „брз трансфер на пари“. Во решенијата центрите за социјална работа се повикуваат на донесените правилници во јануари 2015 година без оглед на тоа што правилниците не биле стапени на сила во моментот на приемот на средствата.

Но, не помина ниту еден месец по дополнувањето, министерството повторно ги измени споменатите правилници и го зголеми дозволениот износ на примени средства преку брз трансфер на пари од 50.000 на 70.000 денари.

Преку проектот на УСАИД за заштита на човековите права беа поднесени вкупно 50 жалби против решенијата со кои престанува правото на социјална односно постојана парична помош поради примени средства преку брз трансфер на пари пред 27 јануари 2015 година. Во сите жалби беа истакнати два основни жалбени наводи. Прво, се работи за очигледна ретроактивна примена на неповолен пропис што нашиот Устав не го дозволува, и второ, податоците се прибрани без потребната согласност од лицата кои користат социјална односно постојана парична помош, појаснуваат од Млади правници.

Од таму додаваат дека единствено биле прифатени жалбите на граѓаните кои на сметка добиле износ помал од 70.000 денари. Ваквата одлука министерството ја образложило со фактот дека постои поповолен пропис за граѓаните, па тој се зема во обзир. Останатите жалби, пак, Министерството ги отфрлило со идентично образложение.

МТСП не најде повреда на законот, бидејќи во жалбата не се наведуваат докази за факти кои би довеле до поинакво решение, одговарале од надлежното Министерство.

Нашите соговорници потенцираат дека клучно во целата ситуација е тоа што центрите за социјални работи не ги информирале засегнатите граѓани дека примањето средства преку брзиот трансфер на пари претставува законска пречка за користење на правото на социјална помош и треба да се пријави во определен рок во Центарот, од причина што корисниците не можат да знаат дека законодавецот донел нов Правилник врз основа на кој се утврдува начинот на кој се остварува правото, ниту пак читаат или му се достапни службените весници на РМ.

КХАМ ДЕЛЧЕВО: МИНИСТЕРСТВОТО МАНИПУЛИРА

Од невладината организација КХАМ Делчево (кхам на ромски значи сонце), пак, во декември 2015 година поднесоа иницијатива до Уставниот суд за промена на член од Правилникот за брз трансфер на пари.

Повеќе лица се обратија кај нас и побараа помош. По направените анализи се увиде дека бројот на донесени решенија за одбивање на барањата за социјална парична помош изнесува околу 1.600, на ниво на држава, а бројот на лицата кои примиле пари преку брз трансфер – изнесува 5.000 корисници на социјална парична помош, вели Зекир Абдулов, извршен директор на КХАМ Делчево.

Во јануари 2016 година, кога на министерското столче е Фросина Ременски, се носи одлука да се избрише спорниот член од правилникот. Меѓутоа, според Абдулов, центрите за социјална работа и понатаму носеле решенија со кои им се одбиваат барањата за социјална парична помош од причина што барателите оствариле приход во претходната година, а на оние лица на кои им е укината социјалната помош врз основа на спорниот член од правилникот им се нудени спогодби за враќање на средствата што ги примиле од државата.

На овие лица им е кажано дека откако ќе ги вратат овие средства после може да аплицираат со ново барање до центрите за остварување на правото за социјална парична помош, вели Абдулов.

Невладината организација во периодот април-септември постапувала по 47 случаи, главно предмети од Виница и Штип.

Од причина што во повеќето случаи се работеше за предмети кај кои беше поминат рокот за жалба, до центрите и министерството поднесовме предлози за поништување на донесените решенија врз основа на новиот правилник со кој се брише спорниот член.

Центрите за социјална работа воопшто не дадоа одговор, единствено центарот во Виница до странките достави допис дека предлозите за ништавност биле предмет на инспекциски надзор и дека наводно чекаат инструкции од Министерството за труд и социјална политика како понатаму да се третираат овие предмети, вели Абдулов.

Жалбите, пак, кои ги доставиле до министерството, со промената на министерката Ременски и враќањето на старо-новиот

министер Диме Спасов, експресно биле одбиени.

На мислење сме дека моменталната ситуација во државата влијае и не дозволува службите во министерството професионално да ја вршат својата работа, вели Абдулов.

Тој додава дека статусот на овие граѓани се уште не е решен, иако правилникот е сменет. Според нивните сознанија некои центри за социјална работа носат решенија со кои предлозите за ништавност на решенијата за прекин на социјалната парична помош по основ „брз трансфер на пари“ се отфрлаат и на странките им нудат спогодби за враќање на средствата како услов за поднесување барање за социјална парична помош во нареден период.

Иако по две години проблемите се решени во полза на граѓаните, сепак тие и понатаму остануваат обесправени. Две години се оставени без скршен денар, а дел од нив навлегле во дополнителни долгови бидејќи прифатиле да вратат дел од бараните средства, само за да можат во иднина да добиваат социјална помош.

Управниот суд, пак, ја имаше можноста да ја подели правдата, но очигледно повеќе уживаше во улогата да му се додворува на Министерството за труд и социјална политика, кое на грбот на социјално најзагрозените сакаше да инкасира половина милион евра во својата каса.

Рамка

СОЦИЈАЛЦИТЕ ЖИВЕАТ СО 166 ДЕНАРИ НА ДЕН

Минатата година, 28.018 македонски домаќинства живееле или подобро речено преживувале со 5.000 денари месечно, кои ги добивале како социјална парична помош. Овие семејства, за да врзат крај со крај, на располагање имале по 166 денари дневно. Со нив требало да купат храна за себе и за своите две деца, но и да ги покријат сите останати трошоци. Доколку, пак, веќе три години добивале социјална помош, четвртата ја живеат со двојно помала сума, или 83 денари на ден. Очигледно е дека овие луѓе се исправени пред невозможна мисија, бидејќи за овие пари не можат да се напијат кафе, а не да го прехранат семејството.

Надлежните се правдаат дека средствата што се издвојуваат се мали бидејќи е предвидено оваа помош да трае во краток временски период, но реалната состојба е дека илјадници семејства на овој начин живеат со години.

Рамка

ПОПЛАВА ИМ ЈА ОДНЕСЕ СОЦИЈАЛНАТА ПОМОШ

Скопјанец раскажува дека во 2014 година добивал социјална парична помош. Покрај тешката финансиска положба во која се наоѓале, ситуацијата дополнително им се отежнала кога поради поплавите пред три години им протекол покривот од куќата.

– Бидејќи парите од социјалното не ни стигнуваат за леб, а не пак со нив да направам поправка на куќата, побарав помош од брат ми кој живее и работи во Германија. Тој ми испрати околу 1.000 евра, кои ги потрошив на поправката, за што поседувам и фактури и фискални сметки. По една година или поточно во февруари 2015 година добив решение за престанок на социјалното, вели нашиот соговорник.

Тој против ова решение поднел жалба заедно со копиите од фактурите и фискалните, меѓутоа од Министерството за труд и социјална политика жалбата ја одбиваат без да одговорат и да се изјаснат по ниту еден од жалбените наводи.

Рамка

РЕМЕНСКИ: ОД ГРБОТ НА СОЦИЈАЛЦИТЕ САКААТ ДА УКРАДАТ 450.000 ЕВРА

Пратеничката Фросина Ременски од СДСМ, која неколку месеци ја извршуваше и министерската функција, вели дека од септември 2014 година до септември 2015 година дури 6.603 семејства го изгубиле правото на социјална помош, од кои околу 2.000 поради средства добиени преку брз трансфер на пари.

Покрај тоа што незаконски им ја укинаа социјалната парична помош, ги условија и да вратат дел од парите, па на овој начин требаше да се соберат околу 450.000 евра. Токму затоа го укинав овој спорен член од Правилникот, вели Ременски.

АРХИВА: Трајановски потрошил над 13 милиони евра за шминкање на Скопје со барокни фасади

$
0
0

Текстот е објавен на 17.11.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1153

Податоците што ги обезбеди „Фокус“ покажуваат дека Градот Скопје откога беше најавен проектот „Скопје 2014“ во 2010 година спровел постапки за обнова на 25 фасади во центарот на градот, за што биле биле склучени договори во износ од над 12 милиони евра само со градежни компании, меѓу кои може да се сретнат и фирми блиски до поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Но, доколку кон оваа сума се додадат парите за изработка на идејни и основни проекти, произлегува дека Градот за оваа намена потрошил над 13 милиони евра. Притоа, идејните решенија главно ги изработиле неколку архитекти, чии компании потоа ги изработиле и основните проекти, врз основа на што драстично се измени ликот на центарот на метрополата.

Пишувал
Влатко СТОЈАНОВСКИ

За време на децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, владите на Никола Груевски истурија милиони евра за изградба на нови објекти, на административни згради во барокно руво и на спомен-обележја од античката и современата историја, кои целосно го изменија ликот на главниот град. Освен што подигаа нови зданија во рамките на мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, властите потрошија огромни средства за козметичка интервенција и во изгледот на постоечките објекти, целосно трансформирајќи ги со нови фасади, а на тој начин менувајќи го целокупниот амбиент.

Имено, оваа операција на преоблекување на централното и урбаното подрачје на метрополата се спроведуваше преку Град Скопје. Според податоците што ги обезбеди „Фокус“, во периодот од 2010 година до денес, Градот предводен од довчерашниот градоначалник Коце Трајановски потрошил над 12 милиони евра само за градежни работи при реконструкција и обнова на фасади. Доколку кон оваа сума се додадат средствата од градската каса потрошени за идејни решенија и основни проекти, се доаѓа до износ од над 13 милиони евра.

Притоа, компаниите на авторите што ги изработувале идејните решенија добивале и тендери за изработка на основните проекти. Згора на тоа, дел од компаниите што ги изведувале фасадите на повеќе начини може да се доведат во корелација со поранешната централна власт на ВМРО-ДПМНЕ и локална власт на чело со Трајановски.

КОЈ ИМАЛ БЕНЕФИТ ОД НОВИТЕ ФАСАДИ?

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме информација колку постапки Град Скопје спровел за реконструкција и обнова на фасади на објекти во надлежност на општината во периодот од 2010, кога се најави проектот „Скопје 2014“, до актуелната 2017 година. Потоа, прашавме колку средства општината потрошила за реконструкција и обнова на фасади во посочениот период. И на крајот, се интересиравме кои компании ги вршеле работите, односно која компанија колку фасади реконструирала, кога и колку средства инкасирала за секој објект одделно?

Од Градот ни доставија одговор дека во периодот од 2010 година до денес обезбедиле вкупно 69 идејни конкурсни решенија, изработени од страна на 9 автори, за што потрошиле 4.911.727 денари (80.000 евра). Потоа, Градот посочува оти ангажирал 9 проектантски фирми, кои изработиле вкупно 50 основни проекти, за што исплатиле 33.074.986 денари (538.000 евра). Конечно, Градот истакнува дека склучил договори со 7 компании, кои реконструирале 25 фасади за сума од 777.336.442 денари (12.623.500 евра). Арно ама, од таму не ни доставија информации кои автори и компании ги изработиле идејните решенија, основните проекти и самите фасади, ниту колку средства зеле по тој основ за секој објект посебно.

Во секој случај, тоа значи дека Градот Скопје нарачал 69 идејни решенија и 50 основни проекти, врз основа на кои досега биле реконструирани и обновени 25 фасади, што е половина од објектите за кои Градот платил и добил основни проекти, а повеќе од половина помалку од оние што планирал да ги обнови, па нарачал идејни решенија. Како и да е, парите што Градот предводен од Трајановски ги потрошил за фасадите од фаза на идејно решение, преку основен проект, до изведба, се околу 13.241.500 евра, од кои, очекувано, убедливо најголем дел завршиле кај градежните компании што ги изведувале работите.

Меѓу авторите и компаниите што ги изработувале идејните решенија, основните проекти и ги изведувале новите фасади, може да се сретнат неколку имиња на физички и правни субјекти кои добиле најмногу и најголеми договори со градот за промена на ликот на објекти во центарот на Скопје. Интересно е тоа што некои од авторите на идејни решенија поседуваат компании кои потоа добиле тендер за изработка и на основниот проект. Но, она што е најиндикативно, дел од градежните компании што ги вршеле работите имаат конекции со поранешната градска власт предводена од Трајановски и со централната власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ.

НЕКОЛКУ АРХИТЕКТИ СТОЈАТ ЗАД МЕНУВАЊЕТО НА ЛИКОТ НА ГРАДОТ

Според податоците објавени од страна на Бирото за јавни набавки, Град Скопје во 2010 година распишал два конкурси за идејни решенија за реконструкција на фасади на објекти во централниот плоштад во Скопје (ул. „11-ти Октомври“ бр. 2 – објектот над ресторанот „Пелистер“ и ул. „Никола Вапцаров“ бр. 2 – објектот над кафулето „Тренд“). И во двата случаи, за најдобро идејно решение било избрано она на архитектите Никола Стакинов и Лазар Димов, чија „победа“ на двата конкурси им донела по 90.000 денари или вкупно 180.000 денари. Воедно, нивното идејно решение било прворангирано и на конкурсот на Градот во 2011 година за реконструкција на фасади на плоштадот Пела, за што ја добиле првата награда од 60.000 денари.

Понатаму, Градот Скопје во 2012 година распишал неколку конкурси за идејни решенија за фасади во централното градско подрајче – на самиот плоштад, на Рекорд, на ул. „Македонија“ итн., при што повторно се сретнуваат имињата на Стакинов и Димов. Имено, тие за идејните решенија на објектите познати како „Сити Галери“ и „Метропол“ добиле 450.000 денари. На останатите конкурси оваа година победиле архитектите Живко Чаушевски и Ѕвонко Ставревски, кои за изработка на идејни решенија на фасади на објекти на улиците „Димитрија Чуповски“, позната како Рекорд, „Никола Вапцаров“, една од улиците која од Рекорд водат кон плоштадот, и најпознатата ул. „Македонија“ добиле вкупна награда од 1.670.000 денари (Чаушевски добил 1.020.000, а Ставревски 650.000 денари).

Ништо поинаку не е ниту во 2013 година, кога Стакинов и Димов биле најдобри на конкурсот за фасади на објекти на улицата „Црвена скопска општина“ (спроти старата автобуска станица, каде порано беше Министерството за транспорт и врски), вреден 150.000 денари, додека Чаушевски бил прв на конкурсот за 5 објекти на „Кеј 13-ти Ноември“, вреден 90.000 денари. На третиот конкурс кој се однесувал за 16 објекти на булеварот „Илинден“ (од владината зграда кон Градскиот парк), пак, Стакинов и Димов ќе ги прават идејните решенија на 10 објекти, што ќе им донесе вкупно 250.000 денари, додека Ставревски инкасирал 50.000 денари за два објекти. Преостанатите две фасади ги работеле Бујар Муча и Предраг Андонов, кои за тоа добиле по 25.000 денари, или вкупно 50.000 денари.

Во 2014 година, Градот Скопје паузира со идејните решенија за фасади, но во 2015 и 2016 година продолжува да објавува конкурси, на кои како победници се вртат горе-долу истите луѓе. Така, на пример, Стакинов и Димов инкасирале 426.250 денари за идејните решенија за фасади на објект на „Димитрија Чуповски“ (Рекорд), на два објекти на „Црвена скопска општина“ и 3 објекти на Плоштадот ВМРО, во непосредна близина на централното седиште на ДПМНЕ. Покрај нив, Чаушевски во двете години добил вкупно 325.000 денари за 8 фасади на „Рекорд“ и на Плоштадот ВМРО, додека една фасада останала за Васил Велков (25.000 денари), Миодраг Никитовиќ (50.000 денари) и Петар Паскалиев (50.000 денари).

ЕМ АВТОРИ НА ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА, ЕМ ИЗРАБОТУБАЧИ НА ОСНОВНИ ПРОЕКТИ

Оттука може да се види дека врз основа на идејните решенија на неколку лица сменети се фасадите на многу објекти во центарот на Скопје. А, најмногу средства по овој основ инкасирале неколку архитекти, така што 80 отсто од средствата завршиле кај Стакинов, Димов и Чаушевски, додека помал дел заминал кај Ставревски, Муча, Андонов, Велков, Никитовиќ и Паскалиев. Сепак, приходите на најексплоатираните дизајнери на новиот лик на Скопје не се ограничени само на идејните решенија, со оглед на фактот што некои од нив поседуваат или се поврзани со компании кои ги изработувале основните објекти за реконструкција на фасадите.

Во тој контекст треба да се споменат Стакинов и Димов, чие дело е идејното решение за новиот објект на Народна банка, Рајскиот парк во Аеродром итн. Како што стои во Бирото за јавни набавки, тие во тендерските постапки спроведени од Град Скопје за изработка на основни проекти за изведба на нови фасади се претставувани од компанијата „Жагра-ком“. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија за изградба на нискоградба е основана во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски за првпат доаѓа на власт. Моментално, сопственик на компанијата е Живка Христова, а управител е Ана Џорџевиќ.

Според Бирото за јавни набавки, Стакинов и Димов претставувани преку „Жагра-ком“ склучиле два договори со Град Скопје за изработка на основни проекти за изведба на фасади во вкупен износ од 3.500.000 денари (1.200.000+2.300.000). Притоа, двата договори не биле склучени во отворена постапка, туку во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас. Во однос на тоа, објаснувањето од Град Скопје гласи дека авторите на идејното решение се избрани да го изработат и основниот проект од причина што „наградениот труд по својот архитектонски израз и намена по многу нешта е оригинално творечки и специфичен по идеја, содржина и технологија и како таков претставува основа за негова доработка и преработка во идеен проект и основен проект согласно Законот за градење“.

Исто така, Град Скопје склучил неколку договори за изработка на основни проекти и со компанијата „Архитектоника“, чиј сопственик и управител е семејството на Чаушевски, кој е автор на идејните решенија на многу објекти на Кејот, Рекорд, ул. „Македонија“, Плоштадот ВМРО, но истовремено е заслужен за новиот лик на владата, зградата на Водовод, а беше избран и за креатор на новиот лик на ГТЦ. Впрочем, тој е коуправител на компанијата заедно со неговиот брат Никола Чаушевски. Оваа компанија склучила десетина договори со Градот за основни проекти за фасади во вкупна вредност од над 14 милиони денари, и тоа сите во постапка со преговарање, бидејќи општината одлучила да му го додели тендерот на најдобриот или на еден од најдобрите понудувачи на конкурсот за идејни решенија.

КАДЕ ЗАВРШИЈА НАЈГОЛЕМИТЕ ПАРИ?

Арно ама, Стакинов, Димов и Чаушевски не се единствените кои изработиле и идејно решение и основен проект за фасади за одредени објекти. Истото е случај и со архитектите Муча и Андонов, кои изработиле идејно решение за фасади на објекти, а потоа нивната компанија добила тендер и за изработка на основен проект. Поточно, нивната компанија „Мегарон Инженеринг“ склучила договор со Градот во износ од 99.000 денари за изработка на основен проект, исто така, во постапка со преговарање без објавување на оглас, или со други зборови, без конкуренција и конкурентен натпревар, што, доколку постоело, ќе го намалело трошокот за Градот.

Исто така, Град Скопје склучил договори за изработка на основни проекти и со други компании, меѓу кои и битолската компанија „Проинг“, чиј сопственик и управител е Љубе Никодинов. Оваа компанија основана во 2000 година по основ на неколку договори за јавна набавка со Градот за изработка на основни проекти склучила договори во вкупна вредност од над 6 милиони денари. Потоа, меѓу субјектите што добиле тендери за изработка на фасади се „Инком“, „Паскал Проект“, „Градежниот институт“, кои, сепак, добиле помалку тендери во споредба со претходно споменатите.

Но, најголемите пари од изградбата на фасади се слеале на сметките на градежните компании што ги извршувале градежните работи. Па така, најмногу договори со Град Скопје за обнова на фасади склучила „Пелагонија АД Гостивар“, која инкасирала и најмногу средства. Конкретно, компанијата во 2014 година добила по три дела од два големи делливи тендери за реконструкција на објекти во центарот на Скопје, на улиците „Никола Вапцаров“ и „Димитрија Чуповски“, во вкупна вредност од скоро 2 милиони евра. Потоа, кон крајот на 2016 година, двете страни склучиле договор за реконструкција на фасади на 6 објекти на популарната ул. „Македонија“ во вредност од околу над 1,1 милиони евра итн.

На второ место, според бројот и висината на добиени тендери од Град Скопје, за реконструкција на фасади е „Бауер БГ“, која преку десетина договори добила околу 3 ипол милиони евра. Покрај договорите за реконструкција на повеќе фасади во центарот на Скопје, Градот и „Бауер БГ“ склучиле и неколку договори во постапки со преговарање без претходно објавување на оглас. Така, „Бауер БГ“ во 2011 година го добила тендерот за реконструкција на објект над кафулето „Тренд“ во износ од 471.500 евра, додека во 2013 година склучила нов анекс-договор за непредвидени работи во износ од 127.000 евра, што кореспондира со горната граница од максимално дозволениот праг од 30 отсто од вредноста на основниот договор.

ОД НАЈЕФТИН ПОНУДУВАЧ ДО НАЈСКАП ИЗВЕДУВАЧ

Овде треба да се наведе дека компанијата со Градот Скопје склучила договор по пат на преговори и за изградба на втората фаза од овој објект во износ од 287.500 евра. Како што објаснува Градот, по објавување на огласот, само една компанија, односно само „Баугер БГ“ се пријавила, доставувајќи понуда која е повисока од реалните цени на пазарот и проценетата вредност на набавката. Затоа, Градот одлучил да спроведе нова постапка со преговарање без претходно објавување на оглас, во чии рамки склучил договор со „Бауер БГ“, кој, сепак, бил повисок од проценетата вредност на договорот, со што компанијата за фасадата на овој објект, во првата и втората фаза, со основен и анекс-договор, инкасирала вкупно 886.000 евра.

Инаку, меѓу оваа градежна компанија, чии сопственици се Горан Димитров и Благој Димитров и градоначалникот Трајановски може да се најдат неколку допирни точки. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека компанијата е формирана во 2005 година, кога Трајановски е избран за градоначалник на Општина Гази Баба, функција што ја извршува се до 2009 година, кога станува градоначалник на Скопје. Моментално, компанијата има седиште на булеварот „Илинден“, но кога се формирала, случајно или не, имала седиште токму во општината Гази Баба.

За поврзаноста меѓу компанијата и Трајановски говори податокот дека во 2008 година „Бауер БГ“ победила на тендер на општината Гази Баба за тековно-инвестициски проекти во висина од 80.000 евра. Но, како Трајановски се сели во градоначалничкото столче во Град Скопје, така „Бауер БГ“ почнува да добива тендери од Градот, при што специфични се дузината анекс-договори. Со други зборови, оваа компанија првично ги добива тендерите како најефтин понудувач, но на крајот инкасира повеќе средства благодарение на анексите.

Во поткрепа на тоа има многу примери. Колку за илустрација, при крајот на 2013 година, Град Скопје на тендер ја избрал фирмата „Бауер БГ” за да реконструира дел од улицата која поминува покрај Француските гробишта, при што единствен критериум на тендерот била најниската цена. „Бауер БГ” со понуда од 500.000 евра ја победува конкурентската понуда од 507.000, меѓутоа, во 2014 година компанијата и Градот склучиле анекс-договор, со кој градежната компанија добива уште 66.000 евра. На тој начин, на крајот понудата на компанијата излегла поскапа за неколку десетици илјади евра.

ЈАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ И ОБВИНЕТИ ЛИЦА ДОБИЛЕ ДЕЛ ОД КОЛАЧОТ

Дополнително, во портфолиото на „Бауер БГ“ може да се вбројат бројни проекти како резултат на соработката со Град Скопје, но и со други државни органи и институции, меѓу кои изведбата на барокната фасада и оградата околу владата, изградба на плоштадот „Скендербег“ со надземен пешачки премин, неокласичниот објект кај „Бихаќка“ за три државни институции итн. Но, да се вратиме на изведбата на новите фасади во центарот на градот реализирани преку Град Скопје, за што значителни средства инкасирале и други градежни компании.

Една од нив е компанијата со австриски капитал „Билдинг Солушинс“, основана од ЛСГ Виена, која склучила договори за обнова на фасадите на „Рекорд“ во вкупен износ од над 2,7 милиони евра. По неа следува добро познатата компанија „Трансмет“ во сопственост на браќата Кочан, која, исто така, добила два тендери од Градот за фасади на улицата „Даме Груев“ (од ТЦ Плаза до Собрание на РМ) во вкупна вредност од над 2 милиони евра. Како што е познато, поранешниот управител на компанијата Сеад Кочан е обвинитет од страна на Специјалното јавно обвинителство во случајот „Труст“ за измама при добивање на милионски тендер за ископ на јаглен и јаловина од РЕК Битола.

Во редот на компании што соработувале со Градот за обнова на фасада мора да се спомене „Урбан Инвест“ од Кавадарци, формирана во далечната 1990 година од Славица Гркова и Јован Грков, која склучила 3 договори со Градот во вкупна вредност од околу 1,6 милиони евра. Всушност, сите договори се однесуваат на еден објект – „Сити Галери“. Прво, Градот и „Урбан Инвест“ во 2014 година склучиле договор во вредност од 1,5 милиони евра, но во 2015 година по пат на преговарање склучиле договор за непредвидени работи во износ од 96.500 евра, за во 2016 година да склучат уште еден анекс за истиот објект во износ од 15.000 евра.

На крајот, треба да се напомене и струмичката градежна компанија „Жикол“, која преку еден договор во 2014 година за обнова на фасади во централното градско подрајче инкасирала над 247.000 евра. Иако добила најмал дел од колачот од фасадите, сепак, оваа компанија може најдиректно да се доведе во корелација со ВМРО-ДПМНЕ, ако се знае дека сопственик на компанијата е таткото на довчерашниот управител Никола Пандев, кој во минатиот мандат беше советник во Општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Како што веќе пишувавме, оваа компанија почнува да доживува подем од 2012 година, откога склучува десетици договори за јавна набавка, чија вредност достигнува скоро 50 милиони евра.

МОРАТОРИУМ НА ФАСАДИТЕ

Според податоците од Министерството за економија, струмичката компанија „Жикол“ склучила и 4 договори за концесија за минерални суровини во 2011 и во 2014 година, од кои 2 се однесуваат за експлоатација на песок и чакал, а 2 за експлоатација на варовник. Паралелно со тендерите и концесиите, растеле приходите и профитот на компанијата, кои, како што откриваат нејзините финансиски извештаи, во последните години достигнале над 20 милиони евра (вкупни приходи), односно скоро 3 милиони евра (добивка), што значи дека се зголемиле за двојно во споредба со периодот претходно.

Кога ќе се направи пресек на сето тоа, слободно може да се констатира дека во периодот од 2010 година досега, Градот Скопје обновил 25 фасади во центарот на Скопје, за што потрошил над 12 милиони евра само за работите што ги изведувале градежните компании. Но, доколку кон оваа сума се додадат парите што Градот ги потрошил за изработка на идејни и основни проекти за менување на ликот на објектите, се доаѓа до податок дека Градот за време на раководењето на Трајановски потроишил над 13 милиони евра за обнова на фасади.

Веднаш по преземањето на локалната власт, новиот градоначалник Петре Шилегов дал усна наредба да се стопираат сите фасади што моментално се градат, за што биле предвидени околу 1 ипол милиони евра, кои новите власти ќе ги пренаменат за други потреби. Но, прашање е што се можеше да се направи со парите што веќе се потрошија за фасади од стиропор.

 

Слободан Најдовски, економист
НЕНАНЕМСКИ СЕ ПОТРОШИЈА ПОЗАЈМЕНИ ПАРИ ЗА СТИРОПОР, ГИПС И БАЛКОНИ

Парите потрошени за објекти и фасади во рамките на проектот „Скопје 2014“ се ненаменски потрошени средства, смета економистот Бладоја Најдовски.

Овие објекти и фасади имаат идеолошка димензија и се изградени за визуелно да го сменат ликот на градот, без притоа да имаат никаков економски бенефит. Изградбата на стиропорни фасади, барокни балкони, столбови од гипс нема никаква врска со енергетска ефикасност на објектот, што може да се направи со нови фасади на постоечки згради со вообичаен лик. Ако се знае дека ликот на градот се менуваше со позајмени пари, тогаш во овие проекти не може да се најде никаква економска логика и може да се каже дека милионски средства ненаменски се потрошија – објаснува Најдовски.

Тој додава дека овие објекти со стиропорни фасади ќе испаднат уште поскапи, бидејќи допрва ќе генерираат дополнителни трошоци за одржување.

 

Сања Рагеновиќ-Јовановиќ, архитект
СКОПЈЕ 2014“ ПОКАЖУВА НЕСТРУЧНОСТ И НЕЗНАЕЊЕ, ИНТЕРВЕНИРАЊЕТО СКАПО ЌЕ НЕ ЧИНИ!

Грешките во урбанизмот се страшни, се што е изградено е лага, вели архитектката Сања Рагеновиќ-Јовановиќ, која е поранешна претседателка на Здружението на архитекти.

Во историјата на уметноста не постои правец со кој би можело да се нарече архитектонското обликување на Скопје. Тоа е некој вид еклектицизам, непознат досега. Пострашно од архитектонското обликување, кое може да се преобликува, е функционалното решение и урбанистичката поставеност. Затоа се вели дека грешките во урбанизмот се страшни, непоправливи. Се што е изградено е лага. И историјата и стручноста и квалитетот и парите и урбанизмот и обликувањето и функцијата и имињата на објектите. Во меѓувреме, во 2014 година во една од неверојатно честите измени на Законот за градење се додаде и член 67-а, каде со закон е дозволено „советот на општините и советот на град Скопје со одлука да го утврдат изгледот на фасадите на објектите кои се во употреба и кои се наоѓаат во централното градско подрачје, доколку сметаат дека истите се од значење за општината или главниот град“. Овој член итно мора да се избрише – смета Рагеновиќ-Јовановиќ.

Таа истакнува сега главното прашање веќе не е какво е „Скопје 2014“, туку што ќе се прави со него. Според неа, треба многу мудро, стручно, внимателно и храбро да се постапи со објектите.

– Скопје 2014 ако остане такво какво што е нема да покажеме дека сме ја научиле лекцијата. Но, пред се, тој проект треба да се преработи, преобликува, дел да се сруши, покрај се друго и поради тоа што покажува нестручност, незнаење, наметнување на волја. Приказната за Александар Македнонски е националромантичарска, звучи убаво, на многумина им годи, но едноставно е невистинита. Баш би сакала да го видам тој јунак што ќе го тргне „Воинот на коњ“. Се разбира дека интервенирањето во „Скопје 2014“ скапо ќе не чини, а ние сме сиромашна држава. Сиромашни бевме и пред да се направи. Секогаш постојат приоритети (градинки, училишта, болници, фабрики, патишта, паркови) и никогаш пари немало доволно, но и „Скопје 2014“ е приоритет. За среќа, се уште постојат некои работи кои се поскапи од парите, а тоа е законот, слободата на творење, стручноста, науката, знаењето – посочува архитектката.

Според неа, мора да се формира проектантско биро, агенција или тело кое ќе вработи искусни и архитекти и урбанисти и инженери по сите фази, на кои единствена задача ќе им биде „Скопје 2014“, односно ќе се занимаваат со анализи, проектирање и технички решенија за „Скопје 2014“ и ќе ги носат одлуките.

АРХИВА: Текстилна компанија обвинета за даночно затајување наплатила 2 милиони евра за фасади во Карпош и Центар!

$
0
0

Текстот е објавен на 29.12.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1159

Фокус“ неодамна пишуваше дека Градот Скопје на чело со Трајановски во изминатите години потроши над 13 милиони евра за идејни решенија, основни проекти и изведба и реконструкција на фасади во центарот на градот. Но, новите податоци што ги обезбедивме покажуваат дека ниту скопските општини не штеделе средства за фасади, така што Карпош и Центар за стотина објекти досега потрошиле близу 6 милиони евра. Притоа, скоро 2 милиони евра завршиле кај компанијата „Тетрагон МК“, чиј сопственик Горан Самоиловски неодамна доби првостепена пресуда за даночно затајување во долгогодишен судски процес, кој моментално е пред апелацискиот суд.

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Петре Шилегов ја сопре изградбата на 95 барокни фасади во центарот на градот кои требаше да се вклопат во амбиентот на проектот „Скопје 2014“. На тој начин, новиот „градски татко“ донекаде го спречи процесот на барокизација на Скопје, меѓутоа не може да го спречи трошокот од градската каса за оваа намена, со оглед дека претходната администрација на Коце Трајановски спровела набавки и склучила договори со фирми кои не можат да се раскинат без да се плаќаат пенали.

Фокус“ пред неколку недели пишуваше дека Градот Скопје од 2010 година до крајот на мандатот на Трајановски на локалните избори оваа година обновил 25 фасади во центарот за Скопје, за што потрошил над 12 милиони евра само кон градежни компании, меѓу кои може да се сретнат и фирми блиски до поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Но, доколку кон оваа сума се додадат парите за изработка на идејни и основни проекти, произлегува дека градот за оваа намена потрошил над 13 милиони евра.

Како што веќе пишувавме, ликот на главниот град практично се измени врз основа на идејните решенија на неколку архитекти, пред се на Никола Стакинов, Лазар Димов и Жарко Чушевски, кои преку компаниите „Жагра-ком“ и „Архитектоника“ изработиле и низа основни проекти за изведба и реконструкција на фасади. Градежните работи, пак, ги изведувале неколку добро познати градежни компании, при што најмногу средтва инкасирала „Пелагонија“ АД Гостивар, а значаен дел од средствата добиле и „Бауер БГ“, „Трансмет“, „Жикол“…

Но, според новите податоци што ги обезбедивме врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, значителни средства за изградба на фасади не потрошил само Градот Скопје, туку и скопските општини со урбано јадро. Сепак, доколку за фасадите резлизирани преку постапки во градот може слободно да се каже дека се класично шминкање на централното градско подрачје, бидејќи се изведуваат само предните страни од зградата, општините Центар, Карпош и Аеродром изведувале и енергетски ефикасни фасади, кои се драстично поскапи.

Се на се, овие три општини во изминатиот период потрошиле околу 6 милиони евра за фасади, при што два милиони евра завршиле кај една компанија, која ги добивала тендерите откако нејзиниот сопственик заработил кривична пријава за даночно затајување и фалсификување и уништување на деловни книги, а неодамна беше и првостепено осуден.

ПОЛОВИНА ОД ПАРИТЕ НА ЦЕНТАР ЗА ФАСАДИ КАЈ ЕДНА КОМПАНИЈА

Податоците што ни ги доставија од Општина Центар откриваат дека во периодот од 2012 година досега реконстуирале 27 фасади, во вкупен износ од околу 1,8 милиони евра. Притоа, во 2012 година биле потрошени околу 377.000 евра за 11 фасади, во 2013 биле потрошени 202.000 евра за 3 фасади, во 2014 – 303.000 евра за 3 фасади, во 2015 година биле потрошени 386.000 евра за 4 фасади, во 2016 – 444.930 евра за 4 фасади и во тековната 2017 година потрошени се 122.000 евра за фасада на еден објект.

Оттука произлегува дека поранешниот градоначалник на Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ, во последната година од мандатот во 2012 година потрошил 377.000 за 11 фасади. По локалните избори во следната 2013 година, локалната власт ја презема Андреј Жерновски, избран од коалицијата предводена од СДСМ, во чие време централната скопска општина потрошила скоро милион ипол евра за изведба на фасади на 16 објекти. Причината за оваа разлика во цената произлегува од тоа што за време на Тодоровиќ се вршела типична обнова на фасади од естетски причини, додека во времето на Жерновски се правеше изведба на термички фасади, што ја дуплира цената на чинење.

За време на овој 6-годишен период, најмногу договори за реконструкција на фасади Општина Центар склучила со „Тетрагон МК“, која преку 9 тендери за време на мандатот на Жерновски инкасирала над 870.000 евра. По неа следува градежната компанија „Пелагонија“ АД Гостивар, која реконструирала 8 фасади за сума од нецели 400.000 евра. Меѓу компаниите што соработувале со општината се и „Гермак“, која реконструирала две фасади со, исто така, термичка компонента, за сума од 284.500 евра. А остатокот од средствата заминал кај „Изградба-Комерц“ (99.000 евра), „М.М.Л. Инжинеринг“ (92.500 евра), „Анизор“ (22.000 евра) итн.

Покрај тоа што склучила најмногу договори, компанијата што имала најплодна соработка со Општина Центар инкасирала средства и по основ на неколку анекс-договори. Така, општината во 2015 година склучила договор со „Тетрагон МК“ за изведба на фасада на објекти на „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Илинденска“ во износ од 222.500, односно 76.500 евра, за потоа во 2016 година да склучи анекс-договори за непредвидени работи од дополнителни 20.000, односно 6.000 евра. Исто така, двете страни склучиле анекс-договор во висина од 10.000 евра за фасадата на објект на „Климент Охридски“, чиј основен договор тежи 80.000 евра.

СО ИСТАТА ФИРМА НАЈМНОГУ СОРАБОТУВАЛА И ОПШТИНАТА КАРПОШ

Уште повеќе пари за изведба на фасади потрошила Општина Карпош. Имено, во периодот од 2009 до 2017 година, според Програмата за уредување на градежно земјиште и комунални работи за реконструкција и обнова на фасади и објекти, општината чело со веќе поранешниот градоначалник, лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, спровела 60 тендерски постапки во вредност од над 4,1 милиони евра. Информациите што ги добивме од општината говорат дека од вкупно 60 објекти завршени се 36, во тек на изведба се 16, додека за 8 објекти е објавен тендер. Овде треба да се истакне дека за еден од завршените објекти општината и компанијата што ја реализирала фасадата водат судски процес.

Инаку, фасадите на територија на Карпош ги изведувале 11 компании, меѓу кои и веќе споменатата „Тетрагон МК“. Освен со Општина Центар, оваа компанија склучила најмногу и највисоки договори за реконструкција на фасади и во соседната Општина Карпош, споредено со сите други фирми. Конкретно, „Тетрагон МК“ добил 12 тендери од Карпош во вкупен износ од над еден милион евра, при што највисок е оној за реконструкција на фасадите на објекти на „Никола Тесла“ и на „Партизанска“ од по 230.000 евра.

Според средствата инкасирани од Карпош за изведба на фасади, по водечката „Тетрагон МК“ следува „Алдинг Инжинеринг“, која реконструирала 12 фасади за сума од 605.500 евра. Потоа следуват: „Електроводомонт“ со 440.500 евра за 7 фасади, „Гермак“ со 388.000 евра за 6 фасади, „Ентер Дизајн“ со 288.000 евра за 6 фасади, „Елинг“ со 205.000 за 3 фасади, „Глигоров Трејд“ со 118.000 за 3 фасади. На крајот, со по една изведена фасада, доаѓаат „Аполо Инженеринг“ (136.000 евра), „Евроизградба“ (49.000), „Трго инженеринг“ (49.000), „Раритет“ (40.500) и „Дон Хаус“ (28.455).

Исто така, и Општина Аеродром потрошила пари на граѓаните за обнова на фасади во истиот период, но далеку помалку во однос на другите општини. Од податоците што ги добивме од оваа општина произлегува дека во 2011 година склучиле договор со „Инком инженеринг“ за реконструкција на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во износ од 73.000 евра, а во актуелната 2017 година склучила два договори со „Ми Комерц 2000“ од Кавадарци за 11 објекти од вкупно 620.000 евра. Па така, општината за време на владеењето на Ивица Конески од ВМРО-ДПМНЕ потрошила половина милион евра за оваа намена.

ИНДИЦИИ ЗА ФАВОРИЗИРАЊЕ И ПРОБЛЕМИ СО ЗАКОНОТ

Очигледно, од сите компании што соработувале со трите скопски општини за изведба на фасади најмногу се издвојува „Тетрагон МК“, која склучила најмногу договори со Центар и Карпош, чиј вкупен износ достигнува скоро 1,9 милиони евра. Проверката во системот на Бирото за јавни набавки покажува дека целокупната работа на компанијата со државните институции и органи се сведува на соработката со овие две општини. Токму за ваквата спрега неодамна реагираше невладината „Транспарентност Македонија“, која во еден од извештаите објави дека „склучувањето на повеќе последователни договори со една фирма за одредена јавна набавка може да создаде сериозно сомневање дека се работи за нејзино фаворизирање, што е спротивно на принципот на фер конкуренција и еднаков третман“.

Според податоците од Централниот регистар, „Тетрагон МК“ е основана на почетокот во 2008 година од страна на Горан Самоиловски (поранешен сопруг на Ганка Самоиловска-Цветанова, екс министерка за култура од ВМРО-ДПМНЕ), кој е сопственик и управител на ова друштвото за трговија со текстил. Сепак, во рамки на компанијата функционира подружница за градежни работи, преку која веројатно се изведуваат фасадите, како и маркетинг агенција, чиј управител, исто така, е Самоиловски. Воедно, тој е сопственик и управител на уште една компанија со сличен назив – „Тетрагон“ ДОО, која се занимава со трговија на мало со весници и канцелариски прибор.

Овие две компании беа споменати во кривична пријава што Министерството за внатрешни работи во 2011 година ја поднесе до Јавното обвинителство против десетина лица за даночно затајување и фалсификување и уништување на деловни книги. Според МВР, управители и вработени во неколку компании, меѓу кои и „Тетрагон“ ДОО и „Тетрагон МК“, во перидот од 2007 до 2011 година, со затајување на данок се стекнале со противправна имотна корист, оштетувајќи го буџетот во вкупен износ од над еден милион евра. Врз основа на оваа кривична пријава, пак, струмичкото јавно обвинителство поднесе акт до струмичкиот суд, кој на почетокот на годинава носи осудителна првостепена пресуда.

Според пресудата што ја поседува „Фокус“, „Тетрагон“ ДОО се осудува на парична казна од еден милион денари, „Тетрагон МК“ на казна од 200.000 денари, додека одговорното лице се осудува на затворска казна од 2 години и на парична казна од 5.000 евра. Во пресудата се наведува дека како управител на двете компании, со намера правните лица да одбегнат плаќање на ДДВ и персонален данок на доход, Г.С. дал лажни податоци за книговодствените евиденции на фирмите, при што стоката ја водел на залиха, иако истата била отуѓена со што, според судот, за 2011 година не пресметал и не платил ДДВ во износ од 10.432.076 денари и персонален данок на доход во износ од 7.597.913 денари.

Овој предмет моментално се наоѓа пред надлежен апелациски суд, кој треба да одлучи дали предметот во кој е опфатен сопственикот и управител на компанијата што инкасирала најмногу средства од Карпош и Центар за изведба на фасади ќе го врати на повторно одлучување, или, пак, ќе ја верификува првостепената во правосилна пресуда.

 

Одбраната тврди
ПРЕДМЕТОТ ЌЕ ПАДНЕ НА АПЕЛАЦИЈА

Фокус“ упати неколку прашања до „Тетрагон“ ДОО и сопственикот и управител на компанијата Горан Самоиловски, вклучително и за забелешките од Транспарентност Македонија и за судскиот процес, меѓутоа до затворањето на овој број од весникот не добивме одговори.

Сепак, успеавме да стапиме во контакт со струмичкиот адвокат кој е дел од одбраната во овој судски процес, Ване Андреев, кој вели дека случајот моментално се наоѓа пред надлежен апелациски суд.

Сметам дека има големи шанси случајот да падне на апелација, бидејќи првостепената пресуда се темели на неиздржани докази – изјави Андреев.

АРХИВА: Како Груевски, Ахмети, Еленовски и Петровски ги финансираа изборните кампањи?

$
0
0

Текстот е објавен во бројот 886 во неделникот „Фокус, “на 22 јуни, 2012 година 

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Како да проверите одредени сознанија, евентуално да добиете потврда за некакви неофицијални информации, или, уште повеќе, да искамчите некаков коментар за одредени дубиози кои сте ги детектирале во некаква истражувачка сторија? Ако прашањата не се благопријатни за власта, тогаш имате сериозен проблем. Тоа што сите државни институции  имаат гласноговорник, не значи дека јасно и гласно ќе добиете одговор, како што се вели, од втората страна. Секако, постои закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, но, освен што слободно ќе им пристапите, тие можат слободно потоа да ве шетаат низ времето или, преку заобиколување, да ви испратат некаков општ одговор. Дали оние кои треба да ја контролираат извршната власт ја играат таа нивна улога како што треба, или, сепак, извршната власт ги контролира нив? Првата опција е запишана во Уставот, но втората е наша реалност и редовна пракса. Зошто инаку би се „потепувале“ победниците на изборите секаде да инсталираат свои кадри, по можност со гард на горди послушници!?

Пред неколку недели Фокус се обиде да продре во мистеријата – како владејачката партија ќе ја покрие финансиската дупка од 3 милиони евра што остана да зјае после победата, а тоа да биде законска операција? Како на оваа пат позиција на ВМРО-ДПМНЕ реагираат Државниот завод за ревизија и антикорупциската комисија, кои по природа на работите, би можеле да ни помогнат во дешифрирањето на оваа равенка со неколку непознати? Но, и после 27 дена немаме одговор ниту од ревизорот ниту од антикорупциската. Веројатно одат да не фатат на кондиција, оти законскиот рок за одговор е до 30 дена. Од ВМРО-ДПМНЕ и не очекувавме да ја задоволат нашата легитимна љубопитност, оти ем не потпаѓаат партиите по законот за слободен пристап, ем видовме и чувме дека и премиерот Никола Груевски го ескивираше одговорот на едно вакво пратеничко прашање. Се разбира, објаснувањето дека ќе ги намират долговите согласно законот, не сметаме дека разјаснува нешто. Разбирливо, пак, медиумите кои се заплиснати со реклами од „новиот бран“, не се палат на 3 милионска вмровска дупка.

ДУИ НЕМА ДОЛГОВИ!

Со други зборови, не постојат куршуми кои можат да го пробијат ѕидот на молкот. Она што Груевци не сакаат да го откријат, вообичаено потоа се парафира од сите. Медиумите го респектираат таквиот однос, институциите, пак, доколку и не можат да избегаат – ќе ја префрлат вината на законот. А сите светски корупциски скандали се поврзани со финансирање на изборите и партиите. Донаторот, по правило, потоа си компензира со тендери. Од нив повторно дава на партијата, и така до бескрај се врти корупцискиот круг! Впрочем, владината соработка меѓу партиите на Груевски и Ахмети, опозицијата веќе ја прекрсти во тендерска коалиција!

Сите обиди да допрете до фирмите, кои вообичаено добиваат зделки со државата, се осудени на неуспех. А приватните компании, исто така, не потпаѓаат под законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, дури и ако заработуваат милиони евра од народните пари. Изминативе денови во дневниот весник Фокус се обидовме да истражиме која компанија стои зад „Трите врби во Вардар“ како изведувач. И дојдовме до фирмата Еуропроект од Селце. Не заинтригира и условот за тендерот за врбите – компанијата да мора да има вкупен приход над 400 милиони денари во последните 3 години. Зошто токму 400 а не 300 или 500 милиони, на пример? Но, од министерството за култура ова културно го објаснија со потребата да биде сериозна компанија, без да го расветлат реперот од 400 милиони!

Нејсе, ваквата затвореност беше поттик да ѕирнеме во изборните финансии на ДУИ. Или, поточно, како Државниот ревизор го истретирал отчетот на партијата на Али Ахмети? И што видовме? Неочекувано го најдовме одговорот на ревизорите за вмровскиот изборен долг. Тоа што беше заобиколено во извештајот за ВМРО-ДПМНЕ, го најдовме кај ДУИ. А таму пишува дека е незаконски изборните долгови да се намируваат преку редовната партиска жиро сметка. Уште позанимливо е што партијата на Ахмети нема финансиски опшки од изборите, а се дава ваквото толкување на законот, кое, пак, го нема во извештајот за партијата на Груевски. Да, таму ревизорите, не споменувајќи го конкретниот законски член, само ќе наведат дека редовна пракса е изборните долгови потоа да се плаќаат од партиската сметка!

Но да одиме по ред. За разлика од поголемиот брат- ВМРО-ДПМНЕ, што потроши 272.334.493 денари, според извештајот на ДУИ изборната кампања ги олеснила само 5.312.511 денари. Или 50 пати помалку. Уште нешто е различно, ако Груевци останаа должни околу 3 милиони евра после изборите, Ахметиевци немаат ваква мака, оти ним дури околу 100 евра им останале вишок. Дваестина функционери, меѓу кои и лидерот Али Ахмети се јавуваат како донатори со по приближно 4 до 5 илјади евра. Иако Ахмети се истакнал со минималец, наспроти колегите – дал за изборната кампања на партијата само 50.000 денари.

Дури и во конечниот извештај на ДЗР цели пасуси се идентични меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Со ревизијата е констатирано дека не постојат доволно докази за потврдување на бројот на седиштата на изборните штабови и начинот на нивно користење ( со или без надомест).“, е забелешката и за ДУИ, каква што имаше и за ВМРО-ДПМНЕ!

Сшто като исто! И едни и други имаат проблеми со изборните штабови, но, ова не им се зема како големо зло. Им се дава шанса до следниот изборен циклус да се поправат. Значи, се си е во ред, се што виделе ревизорите во вмровските и во дуи тефтерите било вистинито и објективно освен ова со седиштата на изборните штабови и законот!

Но, кај рапортот за изборните финансии на ДУИ, го пронајдовме она што е испуштено кај ВМРО-ДПМНЕ. Иако токму таму му беше место. Оти, Груевци останаа борчлии, а не Ахметиевци! Имено, Изборниот законик е дециден дека сите трошоци, треба да се покријат преку изборната жиро сметка.

ВМРО-ДПМНЕ ИМА СПЕЦИЈАЛЕН ТРЕТМАН!?

Да потсетиме, од конечниот извештај на Државниот ревизор за изборната сметка на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ни остана нејасен следниот навод на ревизорот:

„Имајќи ги предвид СОСТОЈБИТЕ ВО ПРАКСА ( н.з.), каде дел од учесниците во изборната кампања имаат создадени обврски кои не можат да се покријат од обезбедените средства на сметката на изборната кампања, ОВИЕ ОБВРСКИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСЕНИ  ВО ДЕЛОВНИТЕ КНИГИ ЗА РЕДОВНАТА СМЕТКА ( н.з.) каде ќе бидат покриени/платени  од извори кои не се наведени во член 83 од Изборниот законик”!

Со други зборови, ревизорот се повикува на состојбите во пракса, но, забележавме дека го занемарува членот 71, ставот 5, од Изборниот законик. Таму јасно и децидно е запишано: Сите трошоци за кампањата ИСКЛУЧИВО (н.з.) ќе се покријат од средствата на жиро-сметката за изборната кампања.

Токму заради ваквите дилеми, до Државниот завод за ревизија поставивме прашање:

Како оваа пракса за префрлање на обврски од изборна кампања на редовната сметка ќе ја вметнете во рамките на членот 71, став 5 од Изборниот законик?

Одговорот ветија дека ќе го добиеме согласно законот. Прашањето го испративме на 23 мај, па го очекуваме да пристигне токму последниот ден од законскиот рок -22 јуни. И кога ќе излезе овој број на Фокус, верувам дека ќе го имаме ставот на ДЗР. Но, се случи чудо! Чекајќи го одговорот, наеднаш го осознавме нивниот третман  токму на оваа законска одредба. Го здогледавме во ревизорскиот извештај за ДУИ. Ем партијата нема долгови, ем во тој извештај ревизорите ја наведуваат оваа законска одредба. Но, сега со наслов „Системски слабости“, што ќе рече дека системот е слаб, односно до законот е проблемот, а не е до лидерите и партиите! Еве го делот кој го нема кај ДПМНЕ а го има кај ДУИ.

„Затворањето на наведената ( изборната, н.з. ) сметка и подмирувањето на создадените обврски за изборната кампања од средства на сметката за редовно работење НЕ Е ВО СОГЛАСНОСТ ( н.з.) со одредбата на членот 71 став 5, каде е уредено дека „сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средства за изборна кампања“.

Ете, дојдовме до признанието на ДЗР дека она што планираат Груевци за расчистување на изборниот долг, не е во согласност со законот, иако лидерот вети дека ќе го сторат согласно законот. Но, натамошниот третман на овој законски став од страна на ревизорите е фатален по членот. Предлагаат „надлежните органи да превземат активности за преиспитување на погоре наведените законски решенија (меѓу кои е и ова, н.з.) и да предложат и достават до Собранието предлози за измени и дополнувања на Изборниот законик“! Со други зборови, ако вмровците не можат согласно законот, тогаш законот ќе се стокми за да биде согласно можностите на ВМРО-ДПМНЕ!

А дека само извештајот на ВМРО-ДПМНЕ има специјален третман, покажува фактот дека истите наводи за членот 71 став 5 ги видовме и во ревизорските белешки за изборните финансии на партијата на Мендух Тачи, ДПА, кај ЛДП, а претпоставуваме се повторува и кај другите партии. Зошто ревизорите ја изоставиле оваа „системска слабост“ само во извештајот за партијата на Груевски, останува да поставиме ново прашање и да чекаме, веројатно, уште нови 30 дена!

МАКЕДОНСКИ ПОШТИ КАКО ДОНАТОР!?

За очекување е сега таму каде што ревизорите застанаа, антикорупциската да продолжи. Да предложат на Собранието да го среди законот како што треба. И, евентуално, да вметнат одредба ретроактивно да важи, за да биде „согласно законот“. Од друга страна, Комисијата за спречување на корупцијата покрена кривична пријава против СДСМ затоа што подигнале кредит за изборната кампања. За волја на вистината, Изборниот законик не го наведува кредитот како дозволен извор за кредитирање, ама ниту го споменува како недозволен. Оттаму, зошто за кредитната изборна сеанса на опозициската партија не постапија со сугестија да се прецизира законот- или да забрани или да дозволи со кредит да се финансира изборна кампања? Наместо тоа, антикорупционерите удрија „автентичното“ толкување и видоа кривично дело? Како што и кривичното дело за кое Љубе Бошкоски е осуден на казна затвор, за што предизборно и закон се подизмени! Но, и тука се занемари дека да земеш пари од пријател е редовна практика!

Патем да потсетиме дека на 23 мај испративем неколку прашања и до Комисијата за спречување на корупцијата. Меѓудругото, нѐ интересираше следново: Телевизиите Канал 5 и Сител во своите извештаи за ланските парламентарни избори наведоа дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им должи околу 1,6 милиони евра, односно околу 740.000 евра. Дали ваквите долгови од изборната кампања се во рамките на законот, кога изборните жиро сметки треба да се згаснати? И добивме одговор дека поради сериозноста на прашањата не се во можност да ги одговорат до затворањето на весникот. Но, испративме ново барање со истите сериозни прашања, па сега се надеваме дека и овие одговори ќе ги добиеме 30-от ден, односно во петок на 22 јуни!

Да се вратиме на ДУИ, но сега не за изборните пари туку на извештајот за тековното финансирање на партијата. Во извештајот за 2011 година, објавен на веб страницата на ДЗР, меѓу донаторите, каде доминираат физички лица, се појавуваат и  АД Македонски пошти, Министерство за земјоделие, Собрание на Р.М. Казненопоправен дом, единици на локална самоуправа како Струга, Липково и други институции! Збунети од овие детали, упативме прашање до Бујар Османи, портпарол на ДУИ: Како го објаснувате ова, кога законот за финансирање на партии изрично го забранува?

Следуваше меѓуодговор дека ќе провери, но, претпостави дека најверојатно се работи за вработени во тие институции. Со оглед на тоа што Османи комуницира преку смс пораки, потоа стигна ваков одговор: „Проверив, тоа се институциите каде се вработени лицата кои што донирале во партија, но во извештајот прво излегува името на институцијата а потоа донаторот.“ Следуваше уште една смс преписка.

Фокус: А зошто за Вас како донатор не стои каде работите?

Османи: Тоа ќе прашате во ДЗР- како ги составува извештаите.

И ние постапивме според препораката. Свиткавме табак и повторно се обративме до Државниот завод за ревизија, иако, впечаток е дека извештајот закачен на веб страницата на ДЗР е поднесен од ДУИ, а не е составуван од ревизорите!

Останува да се надеваме дека ревизорите ќе ни ја разрешат оваа мистерија, па, макар, тоа било и 30-от ден откако прашавме. Важно е дека имаме закон за слободен пристап до информации од јавен карактер и ние слободно пристапуваме. Слободно прашуваме. И ослободени од некакви големи очекување дека може да се покрене некаква институционална машинерија, слободно и натаму ќе се интересираме за изборниот долг на ВМРО-ДПМНЕ од ланските избори!

 

ЛУСТРАЦИЈА – ДОНАЦИЈА!

Интересно е дека на списокот на донатори на ДУИ за 2011 година се и Даут Даути и Шпенд Винца. Доколку не станува збор за лица со исти имиња и презимиња, би требало ова да се членовите на Комисијата за лустрација, кои дојдоа на овие функции токму на предлог на ДУИ. Станува збор за 30.000 односно 27.500 денари, што и не е некаква голема сума. Ова не е незаконски, но, сепак, е тема за етичка дилема. Оти донаторите, во својство на членови на комисијата за лустрација, разгледуваат и досиеја на високи функционери на партијата за која даваат пари!?

 

ИЗБОРЕН ЗАБАВНИК!

Демократска десница на Филип Петровски и СДУ на Лазар Еленовски ги завршија ланските избори без освоени пратенички места ама со долгови. Според извештаите, партијата на Петровски пријавила непокриени долгови, тешки 631.309 денари, додека партијата на Еленовски била во минус 335.192 денари. Во меѓувреме, едниот стана заменик директор на Државната лотарија, а вториот кандидат за амбасадор.

Сепак, како своевиден куриозитет е финансискиот извештај на СДПМ на Бранко Јаневески, прописно ставен на веб страната на ДЗР. Нема ниту потпис ниту печат, ниту приходи или расход! Што сакал писателот да каже, останува да мудруваме!Инаку, Јаневски редовно се трка на избори, но СДСП никогаш не освоила пратеничко место, иако успева да внесе забуна кај гласачите поради сличниот назив со СДСМ. Важно е дека оваа партија преживува со години, а нејзиниот претседател за време на преродбата е директор на Управата за боречки прашања при министерството за труд.

 


АРХИВА: Дали Груевски ќе одговара за дупката од 3 милиони евра што ВМРО ја направи на изборите во 2011 година?

$
0
0

Текстот е објавен во бројот 873, во неделникот „Фокус“

Неограничената моќ што сега ја има ВМРО-ДПМНЕ, тоа што со свои подобни кадри ги има под контрола сите институции кои би можеле барем да го истражат случајот „3 милиони евра“, можеби ги залажува и вознесува дека ваквата илузија ќе трае вечно. За среќа, искуствата покажуваат, а историјата од антика до денес потврдува дека тркалото сепак се врти!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

ВМРО-ДПМНЕ својата слава ја темели на два столба- дека се патриоти и дека се чесни. Првиот епитет што си го стокмија самите, е посебна тема, но вреднувањето на патриотскиот учинок е еден од најподатливите за манипулација на „рајата“. Е за чесноста, пак, важат поегзактни критериуми. Партијата на власт, од корупциски агол вообичаено се оценува според стилот на финансирањето. Ем на изборните кампањи, ем на секојдневното живеење кое сепак чини доста пари. И тука веќе, дури без конкуренција, ВМРО-ДПМНЕ е најбогатата партија според она што го потроши и троши откако Груевски застане на челната позиција. Тоа е партија која како од шега собира милиони и милиони евра. Со каква магија ги менаџираат финансиите од донации останува тајна, освен ако не се посомневате дека можеби позицијата на власт им ја олеснува оваа милионска комоција.

И додека тековното егзистирање е буквало вон каков било јавен отчет, изборните фешти им се „согласно уставот и законите“ со некакви извештаи, но, во нив редовно изостануваат бизнисмените и фирмите како дародавачи. Се оди на извиканата шема за граѓанството како донаторска категорија. Сепак, финансирањето константно е проблематична тема од бриселски ракурс. Веќе петта година по ред Европската комисија во своите извештаи ја нотира нетранспаретноста на партиите кога се парите во прашање, кои, нели, би требало да им легнуваат на сметките, а не на црно!

НИТУ ВО ШИШЕ, НИТУ СПОРЕД ЗАКОН

Токму овие денови ГРЕКО, тело при Советот на Европа за борба против корупцијата, ќе нѐ анализира уште еднаш на ова поле. Имаше шест препораки, усвоени на пленарниот состанок кој се одржа во март 2010 година во Стразбур, кои Република Македонија требаше да ги исполни по однос на транспарентност во финансирањето на политичките партии. А кога не оди нешто, вообичаено се виновни законите а не владеачката елита. Претрпе измени и Изборниот закон, според кој се одвива финансирањето на изборните кампањи, а пред неколку месеци корекции доживеа и законот за финансирање на политичките партии.

А дека власта и на терен „Остварува“, доказ е дека за сефте сторија и апс на едел лидер. Љубе Бошкоски веќе е осуден на 7 години заради нелегално финансирање од пријател ама во улога на полициски соработник -провокатор. За главната опозициска партија СДСМ антикорупцинерите навезоа кривична пријава заради подигнат кредит за изборна кампања. Само мистеријата за 3 милионска евро дупка во есапот на ВМРО-ДПМНЕ останува како закопана во дупка. Оти е вмровска. Наша, патриотска до балчак! Толку пари ниту во шише ги собира, ниту ќе можат да го покријат борчот а тоа да биде законски!

Интересен е одговорот што премиерот Никола Груевски го даде на пратеничкото прашање на Тито Петковски, во смисла- како ќе го покријат овој криминал. Премиерот повторно не откри од кој извор ќе го пополнат минусот, ама сепак барем не удостои со деталот  дека должат на правни лица.

ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на изборната кампања остана со еден долг кон одредени правни лица и тоа е се. Тоа е долг кој во иднина треба да се регулира. ВМРО-ДПМНЕ била во многу полоша ситуација некогаш … Во времето кога вашата партија СДСМ беше на власт, ние бевме во опозиција, имавме неколку години блокирана сметка, па се справувавме некако“, возврати Груевски, без да расчисти според кој закон во иднината ќе го регулираат долгот.

И сега, со оглед на тоа што ова се случуваше на февруарската сесија за пратенички прашања, настанува еден проблем околу долгот „ што во иднина треба да се регулира“! Како ќе го регулираат а тоа да биде согласно Уставот и законите? Та, за избори партиите отвораат посебна жиро сметка, која се затвора кога парите што им следуваат од буџетот ќе им легнат на сметката, изборна нели. Оваа буџетска операција е веќе обавена во декември минатата година. Значи, ВМРО-ДПМНЕ според Изборниот закон треба да ја има затворено оваа сметка. Е штом ја згаснале, тогаш како ќе се раздолжуваат? Во законот и децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања“. Со други зборови, трошоците што ги сториле Груевци, а за нив уште не платиле, ќе треба да се надоместуваат од друга сметка, а тоа е забрането дури и за преробеници!

МЕДИУМИТЕ ДАВААТ НА ВМРО-ДПМНЕ, ВЛАДАТА ИМ ВОЗВРАЌА

Како второ, треба да се разграничат изборната жиро сметка, која во случајот покрива една широка коалиција од политички партии, наспроти тековната жиро сметка на ВМРО-ДПМНЕ која треба да ги покрива секојдневните партиски потребштини. Трето, Груевски мудро одмолча од кои славини ќе им дотечат тие 3 милиони евра! Четврто, на кои правни лица им должат, колкави суми, за да видиме кои бизнисмени имаат толкава разбирачка за долговите на владеачката партија. Петто, кое пак антикорупционерите воопшто не ги дразни, постои ли корупциски жички меѓу владата и некои медиуми. Имено, факт е дека владата истура милиони евра во одредени медиуми кои ја воспеваат преродбата, а истите пак, потоа, се јавуваат како најголеми донатори во услуги на владејачката партија за време на изборите. Демек овие им пуштаат предизборни спотови беспари, а во вредност дури и од неколку милиони евра, а потоа владата им пушта неколку милиони евра од буџетот за да ги рекламира своите политики. Можеби затоа не даваат владините кампањи да се емитуваат во опозициски медиуми?

Но, еве, да се потсетиме на една пикантерија што ја откри Велија Рамковски пред да биде уапсен. На двојниот изборен циклус во 2009, ем локални ем претседателски, телевизијата на Рамковски беше евидентирана во отчетот со донација во услуги од 1,6 милиони евра. Во последното интервју за Фокус пак, тој откри дека од 2006 до 2009 година Владата ѝ платила 4,5 милиони евра на А1 телевизија за реклами. При тоа додаде дека 225 илјади евра биле од ВМРО-ДПМНЕ, а за се постојат документи.

„Од тие 4,5 милиони евра, милион и двесет евра се платени од владата како за рекламирање на владини проекти, ама ние сметаме дека се од партијата. На пример, во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ одеше со реклами на нашата телевизија, но, подолг период не ни плаќаше. Баравме да го намират долгот и тогаш рекоа дека можат да ни платат на ваков начин. Тогаш реков, добро – платете!“, раскажа Рамковски, а оние кои го сместија во затвор истражија се, освен ваквите обвинувања за сомнителни маркетингшки шеми.

Ете, меѓудругото зошто е важно да се знаат фирмите кои се јавуваат како донатори? Можете потоа да измерите колку имало тука нати го, дајми го! Од друга страна, според законот политичките партии не можат да се финансираат од фирми кои „кога го даваат прилогот за партијата, вршат јавна услуга за државен орган или јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“. А формулацијата во законот „во момент кога го даваат прилогот“ остава впечаток дека фирмите можат да донираат пред или откако ќе склучат некаква зделка со државата. Фино стокмено, нема што!

Во секој случај, евидентно е дека од ВМРО-ДПМНЕ редовно се трудат да ги избегнат фирмите како нивни донатори. Во 2006 година ги наведоа само личните донации на нивни 89 членови. Пропуштија да кажат од каде им стигнале еден милион евра, па, да се посомневаме дека можеби им се од правни лица. На вонредните парламентарни избори во 2008 година кусо срочија дека обезбедиле 42 милиони денари од физички лица и, овој пат барем, наведоа општо дека 12 милиони денари им се од правни лица. Карактеристично за Груевци, не кажаа кои се тие добротвори од  бизнис заедницата! Такви изрази пак, немаше во нивниот отчет на двојниот изборен циклус следната, 2009 година. Уф, сепак за кампањата на Иванов беа наведени една земјоделска задруга и еден доеел, но со ситниш дури и за вмровските физички лица!

ДЕСЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПЕТ ИЗБОРНИ ТРКИ

И доаѓаме до ланските избори, кога избегнувајќи ги правните лица демек, наредија дури 530 физички лица, кои сите донирале по 60.000 денари. Како што веќе истражуваше дневен „Фо­кус“, на листата на ваквите донатори имаше земјоделци, учителки, секретарки, редари. Ма што се илјада евра за работничката класа! Дел од нив и не се сеќаваа колку и дали воопшто дале пари за ВМРО-ДПМНЕ. А на ваков начин биле собрани околу половина милион евра! Да потсетиме, ко­а­лици­ја­та на ВМРО-ДПМНЕ при­ја­ви де­ка во кам­па­ња­та по­тро­ши­ла 4,4 ми­ли­о­ни евра. За 1,1 ми­ли­он се оправ­да пред ин­сти­ту­ци­и­те, ме­ѓу кои се и овие па­ри, со­бра­ни од фи­зич­ки ли­ца, до­де­ка оста­на­ти­те беа до­на­ции токму од медиумите, главно од те­ле­ви­зи­и­те. Добија пара и од Буџетот за освоените гласови, но, недоволно- остана да зјае го­ле­ма­та дуп­ка во финансиите од 3,3 ми­ли­о­ни евра.

Ако се соберат пријавените трошоци за избори од 2006 до ланските, излегува дека официјално Груевци потрошиле безмалку 10 милиони евра. На страна секојдневните давачки што ги има секоја, особено голема партија од калибарот на ВМРО-ДМНЕ. И оваа богата партија не даде јасен и транспарентен одговор- од кои извори, преку кои сметки, од кого и на кого се однесуваат тие 3 милиони евра. Да, и според кој закон ќе ја санираат дупката!

А кога беше само опозициски лидер, истиот овој Груевски како можна корупција во владата на СДСМ го третираше дури и реновирањето на седиштето на ДУИ во Скопје, што го беа процениле на околу четврт милион долари. „ДУИ е богата партија и нема објаснување или транспарентност за нивните финансиски трансакции“, резонираа тогаш оние кои сега како богата партија не даваат објаснување за случајот 3 милиони евра!

Ама, во пастирски стил речено, вистината е како шило. Ќе врти, ќе врти и еден ден ќе излезе на виделина. Примерот со поранешниот француски претседател Жак Ширак, кој неодамна беше осуден за злоупотреба на општествени средства додека бил градоначалник на Париз, е поучен за споредба од два аспекти. Прво, му судеа за корупција од пред 15 години. Поточно му судеа затоа што користел буџетски пари за фиктивни вработувања во градската администрација, за лица кои работеле за партијата, а се исплаќале од градската каса. Второ, беше осуден условно на две години затвор. Наспроти кантарот на нашите судии кои измерија 7 години ефективен затвор за Бошкоски!

Оттаму, неограничената моќ што сега ја има ВМРО-ДПМНЕ, тоа што со свои подобни кадри ги има под контрола сите институции кои би можеле барем да го истражат случајот „3 милиони евра“, можеби ги залажува и вознесува дека ваквата илузија ќе трае вечно. За среќа, искуствата покажуваат, а историјата од антика до денес потврдува дека тркалото сепак се врти!

 

Автентично толкување
ЕЛЕКТРОНСКА (НЕ)ТРАНСПАРЕНТНОСТ?!

Во законот за финансирање на политичките партии стоеше и должноста партиите јавно на својата веб страница и во најмалку еден од дневните весници да го објават регистрарот на донациите, се мисли на оние за секојдневниот партиски живот. Ваков регистар не успеваме да детектираме на веб страницата на ВМРО-ДПМНЕ, освен доколку го објавиле да стои еден час, па го симнале. Оти, итроманите од портокаловиот табор можеби автентично протолкувале дека нема стриктна забрана да ја симнат ваквата информација, ниту пак децидно стои дека треба да е таму за век и веков.

Арно ама, со измените на овој закон, сторени во октомври лани, беше елиминирана обврската за објавување на донациите во еден дневен весник, со образложение- да се избегнеле дополнителни трошоци на партиите. За сите други партии можеби е и трошок еден оглас во весник, но, за ВМРО-ДПМНЕ која растура со вакви пропагандни објави, ем троши по неколку милиони евра на избори, образложението е апла шегобијно!

(АРХИВА) НЕВЕРОЈАТНО СВЕДОШТВО НА ЕВРЕЈКА ОД МАКЕДОНИЈА: Половина век и ги криеле корените, за да и го присвојат наследството!

$
0
0

Текстот е објавен на 09.03.2017 година во неделникот „Фокус“, во број 1118

Животната приказна на Биенвенида Езури, родена Бехар, Еврејка од Скопје, е како сценарио за филм. На четиригодишна возраст добила нов идентитет, за да се спаси од Треблинка, а на 13 години ја дознава вистината. Сосема сама заминува за Израел, а повеќе од половина век се обидува да го открие семејното стебло. Потрагата по корените, ќе и открие и наследство во Скопје, кое и ден денес не може да го добие. Државата за имотот му платила на Фондот на холокаустот на Евреите, а тие не и ги даваат парите

Пишува: Валентина ВУРМО

-Се до мојата 13-та година мислев дека сум Христина Тодорова, но тогаш дознав дека моето вистинско име е Биенвенида Бехар“.

Вака 78-годишната скопјанка, која веќе со години живее во Тел Авив, Израел, ја започнува својата неверојатна животна приказна. За да преживее, на четиригодишна возраст таа добила нов идентитет и родители.

Бехар е родена во Скопје, во еврејско семејство и тука, до својата четиригодишна возраст живеела со своите биолошки родители Ребека и Арон Бехари. При депортацијата на Евреите од Македонија во концентрациониот логор Треблинка, на 11 март 1942 година нејзините родители ја донеле најтешката одлука да ја остават својата ќерка единица на пријатели, и тоа во илегални услови, со нов идентитет и фалсификувано потекло.

Иако разделбата од своето дете е најтешка за секој родител, сепак тие на овој начин ја спасиле од сигурна смрт, бидејќи нивните животи завршуваат, односно тие се убиени во Треблинка. Доколку и Биенвенида заминала со нив, многу веројатно е дека ќе ја доживеала истата судбина.

Наместо во Треблинка, таа останува во Скопје, во домот на Александар и Блага Тодорови.

Моето спасување од Александар и Блага, според времетраењето и ризикот, е неспоредливо со било кое спасување на Евреи во Македонија, а и меѓу ретките примери во Европа. Морале да лажат за мене, да ме кријат по околните села на Скопје, подоцна и да подмитуваат луѓе од тогашната бугарска власт, но конечно, за моја среќа и нивна сатисфакција за искушенијата низ кои поминале, јас го преживеав погромот и растев како ќерка на Блага и Александар, како Христина Тодорова. Бев опсипана со љубов и грижа, раскажува за „Фокус“ Биенвенида, која пред неколку дена од Тел Авив пристигна во Скопје.

НА 13 ГОДИНИ САМА ЗАМИНУВА ЗА ИЗРАЕЛ

Биенвенида, или Бети, како што ја викаат пријателите во Скопје, ниту еднаш до својата 13-та година не се посомневала дека луѓето со кои расте не се нејзините биолошки родители. Како дете, во семејниот дом нашла парче хартија на кое пишувало „Арон Бехари му ја дава Биенвенида Бехар на Александар“, но тоа не го поврзала со себе. Сомнежот и се појавува кога во неколку наврати нејзините врсници и велат дека е посвоена и дека е Еврејка. Тогаш се присетува и на парчето хартија, и за првпат помислува дека можеби таа е споменатото девојче.

Скришум, еден ден излегува од училиште и решава да оди во Еврејската општина во Скопје. Штом зачекорува во просторијата, се сеќава дека не е првпат тука. Нејзиниот татко Александар ја носел да донираат пари за децата Евреи кои се без родители.

Таму ми ги потврдија сомнежите, односно дека јас сум Биенвенида Бехар, се присетува нашата соговорничка.

По неколку дена и признава на мајка си Блага дека ја знае вистината.

Бев потресена како и мојата македонска мајка. Болката дека Блага и Александар не се мои родители беше голема, а жалоста за биолошките родители на кои не се сеќавав, недефинирана но присутна, вели Бети.

Бидејќи тајната била откриена, мајка и споделила неколку спомени за нејзиното биолошко семејство, со кои биле добри пријатели. И раскажала дека вечерта пред нејзиното семејство да биде однесено во Треблинка, сите биле собрани заедно, збогувајќи се и исчекувајќи ја неизвесноста. Тогаш малото девојче се фрлило во прегратките на Александар, велејќи дека сака да оди кај него на гости. Родителите одлучуваат да ја остават на сигурно, и од утредента започнува нејзиниот живот како Христина.

Бети вели дека таа воопшто не се сеќава на овој период од нејзиниот живот, како да бил пресечен од нејзината меморија.

Во тоа време, кога ја дознава шокантната вистина, нејзиниот татко Александар е во затвор, осуден на 14-години за наводна соработка со окупаторот.

Од Еврејската општина, пак, добива примамлив предлог. И велат дека може да замине за Израел и дека таму ја бара нејзин дедо.

Исправена пред огромна дилема, од една страна и се јавува чувството дека е финансиски товар на својата спасителка додека нејзиниот сопруг е во затвор, а од друга страна тинејџерското видување дека е тоа е прилика за голема авантура да се стапне на друг континент, решава во октомври 1952 година, сосема сама, на 13 години, да замине во Израел.

Кога стапнува на израелско тло престојува во кибуц, еден вид на кампови кои функционирале како задруги. Сите кои биле сместени таму работеле и придонесувале за одржување на задругата, а од друга страна имале покрив над главата и храна.

Таму берев домати и бев задолжена да се грижам за кокошките. Еден ден, додека бев во градината, имав толку силна болка во стомакот, по што самата тргнав пешки да најдам некој да ми помогне. По пат сум изгубила свест, бидејќи кога се разбудив, бев во болница оперирана од слепо црево, вели Бети, истакнувајќи дека тогаш за влакно можела да ја изгуби битката со животот.

Од престојот во кибуцот на 16 години заминува во војска, иако задолжителната обврска за служење на воениот рок за девојките била од 18 години. Желбата порано да оди во војска е поради стравот да остане сама, бидејќи нејзините пријателки од кибуцот, кои биле постари, морале да заминат.

По обуката да ракува со оружје, добива и обука за медицинска сестра. Како што вели, видела и што треба и што не треба, а одвај извлекла жива глава, бидејќи еден ден додека патувале, камионот кој одел зад нив, наишол на мина и експлодирал.

Кога се вратила во кибуцот, побарала да ја пратат на школување за медицинска сестра, но не и дозволиле. Самата, пак, не можела да замине бидејќи немала пари. Тогаш случајно добива понуда да работи како манекенка, по што заработува самостојно а истовремено работи и во една болница.

Во меѓувреме, го запознава својот сегашен сопруг, за кого подоцна се мажи и добива две деца.

ОД 1961 ГОДИНА ГИ БАРА СЕМЕЈНИТЕ КОРЕНИ

Во август 1961 година или по девет години откако заминала за Израел, се враќа во Македонија. Тогаш има финансиска можност да се врати, но и причина, бидејќи идниот свекор и бара да го докаже своето еврејско потекло, зашто немала ниту еден документ или доказ.

Тука почнува нејзината битка да го докаже своето потекло.

Од разговорите со нејзините, како што ги нарекува, спасители, дознала дека нејзиниот биолошки татко Арон Бехар и Александар Тодоров биле пријатели и деловни партнери. И двајцата имале електро-инсталатерски дуќани во центарот на Скопје, а мајка и Ребека работела како службеник во дуќанот на Александар. Дознала и дека нејзиниот дедо по татко, Моше Бехар, бил свештено лице. И тоа било се.

Не прашував многу детали оти се плашев дека интересот за моите биолошки родители ќе го доживеат како израз на моја неблагодарност кон нив, а јас им бев бескрајно благодарна и искрено ги сакав, вели нашата соговорничка.

Таа додава дека сите години додека била во Израел била емотивно поврзана со нејзините спасители, кои и ден денес ги именува „мама и тато“. Ја користела секоја можност да ги посети во Скопје, а неколкупати и тие биле во Израел, при раѓањето на нејзините деца, при фамилијарните празници, како и при нивното прогласување за „Праведници“ во 1984 година.

За време на посетата таа дознава дека во 1948 година пред нејзиниот македонски татко Александар да биде упасен, се погрижил таа да биде запишана како наследник на куќата на нејзиниот дедо во Еврејското маало.

Откако го открив моето потекло, бев запознаена дека сум наследничка на таа куќа. Поради оштетувањата од земјотресот во 1963 година и новиот план за обнова и изградба на Скопје, таа беше срушена и мене ми беше надоместена вредноста на куќата, но не и вредноста на земјиштето, оти земјиштето беше национализирано, раскажува Бети.

По смртта на нејзините македонски родители (во 1996 и 1998), покрај изгубената родителска поткрепа почувствувала дека и недостасува дел од себе, односно имала уште многу неодговорени прашања поврзани со нејзината биолошка фамилија. Особено и паѓало тешко кога нејзините деца за училиште требало да направат семејно стебло, а нејзиното било празно, без ниту еден податок за претците.

При секоја нејзина посета на Скопје, најчесто за одбележувањето на Денот на депортацијата на македонските Евреи – 11 март, редовно имала контакти и средби со Еврејската заедница во Македонија. Тогаш, заедно со свои пријатели се обидувала да добие оригинален извод од матичната книга на родените, свидетелства од училиштето „Гоце Делчев“, каде се образувала, како и информации и документи за нејзината поширока фамилија и евентуален нивен имот.

Свидетелствата не ги добила никогаш, едноставно исчезнале, а со години не можела да добие ниту македонско државјанство, кое и следувало бидејќи е родена во Македонија. Била препраќана од шалтер на шалтер, за конечно државјанството да го добие во 2007 година.

НЕ И ДОЗВОЛУВАЛЕ УВИД ВО МАТИЧНИТЕ КНИГИ

Во 1996 година Бети доаѓа во Скопје поради боледувањето на мајка и. Ја користи приликата, па се најавува и во Еврејската заедница дека ќе ги посети за да ги пребара матичните книги на Еврејската општина од периодот 1919-1943, за да дознае нешто повеќе за своето биолошко семејство.

По кусо пребарување, го најдов записот за венчавањето на моите родители, Ребека и Арон Бехар, и гласно ја коментирав мојата радост. И во тој момент, Виктор Мизрахи, ми се чини тогашен претседател на Еврејска заедница во Република Македонија, ми ги зеде книгите и ги стави во касата изјавувајќи дека го боли грбот и не може да седи со мене. Истата вечер заминав за Израел надевајќи се дека при следната посета на Скопје детално ќе ги прегледам книгите и ќе откријам повеќе податоци за моето пошироко семејство, вели Бети.

Но, оттогаш, наместо потрагата да оди подмачкано, се се закочува. При наредната посета доживува шок, бидејќи добива одговор од Мизрахи дека матичните книги не постојат?!

На моето укажување дака ги видов книгите и дека видов како тој лично ги стави во касата, тој изјави дека тоа не е точно и дека книгите се изгубени!, вели Бети.

При секоја нејзина наредна посета во Скопје повторно се обидувала да направи увид во матичните книги, но постојано добивала одговор дека повеќе не постојат. Еднаш и кажувале дека биле уништени во поплавата во 1962 година, па во земјотресот во 1963, а слушнала и приказна дека изгореле во пожар што избувнал во просториите на Еврејската заедница. Тогаш сфатила дека Мизрахи и неговата сопруга, од за нив познати причини, по никоја цена не сакаат таа да има увид во матичните книги. Затоа, во секоја прилика и во Скопје и во Израел зборувала за своите сомнежи.

Свесна бев дека многумина не им веруваа на моите искази и дека дел од нив се посомневаа и во мојот здрав разум. Беше мојот збор наспроти нивниот. А нивните зборови се зборови на функционери во Еврејската заедница, функционери во Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, двајцата контактираат со Владата на РМ. Тој контактира со Светскиот Еврејски сојуз, тој е почесен конзул на Република Македонија во Израел, а јас… јас, возрасна жена која одвреме, навреме престојува во Скопје во тек на една недела, жена со трауми од осознавањето дека македонските родители не се и мои биолошки родители, жена со трауми за депортацијата на моите родители и роднини, жена без претци, жена со трауми од преселувањето на 13-години во Израел, истакнува Бети.

И покрај блокадата која ја добила, таа не се откажала. Како што вели, станала уште подосадна и во секоја прилика зборувала за овој случај. Конечно, по цели 17 години, на почетокот од 2014 година добива дигитален запис на матичните книги од периодот 1919-1943. Тогаш видела дека почнувајќи од 1924 година, речиси 90 отсто од записите за родените, венчаните, починатите, биле направени од нејзиниот дедо, кој бил рабин (еврејски свештеник). Конечно, добива сознанија и за пошироката фамилија. Открива дека 12 члена на нејзиното семејство се одведени во Треблинка, од кои две биле деца. Дознала и дека нејзината тетка заедно со сопругот и синот се преселиле во Сараево, а од таму во 1941 година биле одведени во логорите Ѓаково и Јасеновац, во Хрватска, и од таму им се губи трагата.

Покрај болката и тагата за своите најблиски, почувствувала и среќа бидејќи конечно ги пронашла своите корени но и доказ дека цели 17 години ја зборувала вистината, дека книгите постојат, поради што нејзината огорченост и нервоза биле оправдани.

ОД ФОНДОТ НЕ И КАЖАЛЕ ДЕКА Е НАСЛЕДНИК НА ПЕТ ИМОТИ

Во меѓувреме, започнал и процесот за денационализација и на имотите на депортираните Евреи и формирањето на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Фондот е основан во 2002 година и претставува единствено законско решение во Европа за заштита на сопственичките права на Евреите кои немаат живи наследници. За вредноста на денационализираниот имот на Евреите, жртви на холокаустот, државата изврши надоместок во корист на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Бети истакнува дека Еврејската заедница во Македонија, предводена од Мизрахи никогаш не ја информирала дека се води постапка за враќање на еврејските имоти, иако многу добро ја познавале нејзината историја. Мизрахи бил и гостин во нејзиниот дом во Тел Авив.

Откако самата дознала дека таков процес е во тек, во 2005 и 2007 година писмено се обратила до Еврејската заедница и до Фондот да и кажат дали нејзиното семејство има имот?

Добила скуден одговор, единствено за куќата, за која уште во 1962 година била прогласена за наследник, без никакви напатствија и совети. Постапката за попис на еврејски имоти за кои се исплаќа надоместок од Фондот, според неа, ја водела адвокатката Лилјана Мизрахи, сопруга на Виктор Мизрахи.

Работата на Еврејската заедница и на Фондот на холокаустот беше во рацете на фамилијата Мизрахи што овозможи затвореност на двете институции. Никаква информација или детал од работата на Фондот не можеше да се добие. И јас не можев ништо да направам пред тој ѕид. Ми преостана единствено емотивната сатисфакција  да добијам македонско државјанство што сосема случајно се случи еден месец пред истекот на рокот за поднесување барања за денационализација, појаснува Бети.

По добивањето на матичните книги во 2014 година и откако од нив ги открила членовите на семејството, пронашла и записници од бугарските власти за движните работи во живеалиштата на нејзиниот вујко, чичко и баба. При депортацијата, живеалишта биле запечатени за подоцна движните работи да бидат распродадени, а средства од тие продажби биле вложени во Бугарската национална банка. Пронашла и запис за одземена мала количина накит од нејзината мајка, како и записи за пријавени недвижни имоти од членовите на нејзиното семејство.

ЈА ОШТЕТИЛЕ ЗА НАД 200.000 ЕВРА

По новите сознанија, во април 2015 година повторно се обратила до Фондот со прашања дали имотите на тие личности се вклучени во Спогодбата за реституција на евјеските имоти. По четири месеци, во август, добила одговор од Фондот, поточно од директорот Горан Садикарио, кој и одговорил дека имотите на наведените личности не се вклучени во Спогодбата.

По моето укажување дека пронајдов тапии за недвижен имот на име на мојот татко, дедо и тетка, но и имот на мое име и на уште двајца братучеди, кои баба ни ни го купила додека сме биле деца, во ноември добив нов одговор од директорот Садикарио, во кој пишуваше дека тие имоти се вклучени во Спогодбата за реституција на еврејските имоти, но без никакво признавање на грешка или предлог за спогодување, за да се исправи тоа што Фондот го зел, а немал право да го земе, вели нашата соговорничка.

На истите прашања одговор побарала и од Министерството за финансии и од Комисијата за денационализација, по што добила одговор дека сите имоти на нејзиното семејство се вклучени во надоместокот кој државата му го платила на Фондот на холокаустот.

Според одредбите од Спогодбата за порамнување, Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се откажува од водење какви било постапки кон Република Македонија по основ на денационализација, а евентуалните спорни прашања ќе се решаваат спогодбено.

Фрустрира фактот дека едно дете од четири години инстиктивно се изборило за својот живот (вечерта, пред депортацијата, при разделбата на моите спасители со моите родители, јас сум изразила желба да одам кај пријателите на моите родители, веројатно исплашена од морничавата атмосфера на пакување за неизвесно патување, и така моите родители решиле да ме остават) и дека едно девојче од 13 години, само на брод за Израел, во кибуц, во војска, успеало да стане корисен и почитуван член на општеството, а не може да се избори со бирократското и неодговорно однесување на Еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, кои меѓу другото треба да се грижат и да ги негуваат врските со преостанатите преживеани жртви на холокаустот од Македонија, со неверување и горчина во устата објаснува Бети.

Таа додава дека, според нејзина проценка, оштетена е за 220-230 илјади евра, односно пари за пет имоти, во строгиот центар на Скопје, кои Фондот ги наплатил од државата. Според неа, тоа не смеело да се случи, бидејќи за овие имоти имало жив наследник и надлежните во Фондот знаеле за тоа, бидејќи ја познавале.

Ќе завршам со тоа дека неколкумина поединци од Фондот живеат од пепелот на умрените во Треблинка! Од 1996 година јас барав податоци, а тие ги криеја од мене. Мојата борба трае со години и нема да се откажам. Никогаш нема да им простам што од мене го криеја споменот за мојата фамилија, а потоа и наследството, револтирано истакнува Бети.

Таа додава дека наместо да добие извинување, ја обвинувале дека со нејзината приказна го нарушувала угледот на Фондот на холокаустот на Евреите и на Еврејската заедница во Македонија. Таа им возвраќа со прашањето „Кога вистината го руши угледот дали има смисла да се зборува за углед“?

Бети по половина век истржување и упорност успеа да го нацрта своето семејно стебло, но не успеа да го врати и споменот што останал од нејзините претци. Иако таа не бара одговорност од државата за која има само најубави зборови, бидејќи виновникот го гледа во поединци од Фондот, сепак државата во овој случај не смее да остане само нем сведок. Надлежните институции треба конечно да и ја овозможат правдата!

МОЛК ОД ФОНДОТ НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ

По обвинувањата на Бети, побаравме став, но и одговор на неколку прашања од Фондот на холокаустот на Евреите, но до затворањето на овој број од неделникот не добивме информација. Еве ги прашањата кои ги испративме на нивната имејл адреса:

  1. Зошто Еврејската заедница на Република Македонија (ЕЗРМ) и Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија (ФХЕМ) во период од 17 години (1996-2014), на Бијенвенида Езури и на други Евреи во Израел им одговориле дека матичните книги на Еврејската општина во Скопје за периодот 1919-1943 не постојат наведувајќи ­различни причини, земјотрес, поплава, пожар, за во 2014 година да се утврди дека книгите постојат и тоа во одлична состојба?
  2. Зошто ЕЗРМ и ФХЕМ не упатиле известување до организациите на преживеаните од Холокаустот во Македонија, во Израел и ширум светот, како и до поединци како Бијенвенида Езури, за која сте знаеле дека постои, дека ги идентификувале еврејските имоти за кои Република Македонија планира да даде надоместок, со прашање дали има живи наследници на тие имоти и да ги поучи за нивните права и законски одредби, особено затоа што законот има рок за извршување?

3.Зошто ФХЕМ не ја обештетува Бијенвенида Езури? Според неа станува збор за 220-230 илјади евра, бидејќи таа е наследник на неколку имоти, за кои Фондот добил пари од државата. Бијенвенида Езури се сомнева дека поединци во ФХЕМ ги злоупотребиле нејзините средства. Ве молам за став?

  1. Колку вкупно средства државата исплати за имотот на Евреите во Македонија, односно колку вкупно пари се слеани во Фондот?

АРХИВА: Лошата истрага и тенките докази на МВР ги ослободија обвинетите кај Смиљковското езеро

$
0
0

Текстот е објавен во бројот 1157, на 6.12.2017 година, во неделникот „Фокус“

Врховниот суд неодамна им ја укина доживотната казна затвор на обвинетите во случајот „Монструм“, бидејќи пресудата била неразбирлива и противречна. Не се утврдило кој точно ги убил момчињата и кои „улоги“ ги имале обвинетите. Забележаа и дека доказите биле тенки, па затоа на повтореното судење инсистираат на нови докази. За врховните судии виси и сведочењето на загрозениот сведок Е-1!

 Пишува: Валентина ВУРМО

По пет ипол години поминати зад решетки, четворица од обвинетите во случајот „Монструм“, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута, излегоа на слобода. Тие беа осудени на доживотна казна затвор, со две неправосилни пресуди, но ситуацијата вртоглаво се смени, кога Врховниот суд, неодамна, ги укина овие пресуди и случајот го врати од почеток.

Оваа одлука ја донесе советот на Врховниот суд во состав на претседателот на судот и на советот Јово Вангеловски, како и судиите Џемали Саити, Фаик Арслани, Шпенд Деваја и Рахилка Стојковска. Од Врховниот суд не откриваат дали одлуката била донесена едногласно, предочувајќи ни дека Записникот за советување и гласање според закон се запечатува. Од таму исто така не предупредија дека е казниво изнесување на такви информации.

Без оглед дали одлуката била донесена 5:0 или некој од судиите се спротивставил, сепак, очигледно е дека таа ја разбранува јавноста и предизвика измешани чувства и емоции. Семејствата на обвинетите се пресреќни што повторно можат да бидат заедно со своите најмили, а семејствата на убиените момчиња кај Смиљковското езеро, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Филип Славковски, како и рибарот Борче Стевковски, пак, доживееја нов удар. За нив овој кошмар никако да заврши, туку повторно и повторно го преживуваат.

– Раната никогаш нема да ни заздрави, но со тоа што ги пуштија на слобода ни забодеа уште еден нож во неа. Можеби е добро што ќе има повторено судење, бидејќи треба да се откријат сите извршители и учесници во масакрот, но не можеме да прифатиме дека излегоа на слобода, ни изјави Раде Славковски, татко на убиениот Филип.

ВРХОВЕН СУД: ПРЕСУДАТА Е НЕРАЗБИРЛИВА И ПРОТИВРЕЧНА!

Пресудата на Врховниот суд со кој се укинаа доживотните казни затвор за обвинетите во „Монструм“ е распослана на 20 страници. Покрај жалбените наводи на одбраната и ставот на обвинителката Лилјана Спасовска, судот во детали образложува зошто пресудата се укинува.

Ја оценуваат како неразбирлива и противречна на самата себе.

Во образложението на пресудата не е јасно од кои причини судот се раководи при наоѓањето, дека обвинетите се сторители на делата кои им се ставаат на товар, притоа судот не извршил соодветна анализа на доказите и не се наведени причините за релевантни факти, кои се однесуваат на законското битие на предметното кривично дело“, се наведува во пресудата на Врховниот суд.

Највисокиот суд открива дека осудителните пресуди се темелат на исказите на загрозениот сведок Е-1 и на исказот на обвинетиот Хаки Азири, кој го дал во истрага, кога имаше статус на загрозен сведок. Додека, пак, мотивот го утврдиле со изјавите на четворица сведоци на убиството Роми, кои според обвинителството и судот не биле ликвидирани, бидејќи целта на нападот биле Македонци.

Изведените докази, содржани во исказите на загрозениот сведок Е1 и сведоците А.Б., Н.К, Н.Д. и Б.М., не даваат одговор на прашањата кои се директните извршители на повеќекратното убиство. Одговорот на ова прашање не произлегува ниту од одбраната на обвинетиот Хаки Азири дадена во истрага, ниту тоа произлегува од извршената обдукција, од кои судот го утврдува начинот и причините за смртта кај убиените, се наведува во пресудата.

Врховните судии посочуваат дека од исказот на вештото лице прецизно не било утврдено времето на настанување на смртта кај убиените, бидејќи во наодот е даден широк рамковен период од 10-24 часа.

Тие исто така потенцирале дека пониските судови не утврдиле кој од обвинетите со какво оружје пукал, туку заклучокот го носат од еден разговор помеѓу обвинетите Алил Демири и лице чиј идентитет не бил утврден во истрагата. Демири и ова лице со прекар Бербер, во разговорот споменуваат буре, а според обвинителството ова било шифриран збор за пиштол?!

Пониските судови со сигурност не утврдиле, кој со што пукал, туку оваа околност ја заклучуваат од индиции кои произлегуваат од исказот на Хаки Азири и особено од телефонскиот разговор на обвинетиот Алил Демири, со лице со прекар Бербер, кога тие го употребуваат зборот бурето, што според првостепениот суд значи пиштол.

Во овој контекст Врховниот суд смета овие докази, во оваа фаза на постапката треба да содржат поголема доказна вредност, за да се утврдат правно релевантни факти“, се наведува во пресудата.

И ВРХОВНИОТ СУД СЕ СОМНЕВА ВО ИСКАЗОТ НА ЗАГРОЗЕНИОТ СВЕДОК „Е-1“

 Читајќи ја пресудата на Врховниот суд може да се заклучи дека истрагата за петкратното убиство била спроведена површно, односно не биле обезбедени сите потребни докази, за да се изгради цврсто обвинение, а потоа на него да се заснова и убедителна пресуда.

Судот наоѓа дека теоријата на случај на јавното обвинителство, која се гради на исказите на загрозениот сведок Е-1 и исказот на Хаки Азири даден во истрага, надополнета со останати докази, не го докажува случајот надвор од секое разумно сомнение, заклучиле врховните судии.

Тие во прашање го доведуваат дури и загрозениот сведок, посочувајќи на неговите контрадикторни изјави. Односно, потенцираат дека овој сведок Е-1 бил сослушан неколкупати во текот на постапката, при што се утврдиле суштински разлики во неговото сведочење. Посочуваат дека во истрагата како еден од извршителите сведокот го препознава лицето Алмир Дрпљанин, кој, пак, воопшто не е обвинет во оваа постапка.

На сведочењето на загрозениот сведок постојано реагираше и адвокатот Насер Рауфи, кој тврди дека целиот предмет е монтиран како што вели на наивен начин, преку загрозениот сведок. Тој појасни дека на загрозениот сведок, за време на истрагата, му биле дадени 48 фотографии, а тој требало да ги препознае учесниците во грозоморниот чин. Сведокот рекол дека ги препознал ликовите под број 2, 11, 17 и 29, односно ги видел кај Смиљковското езеро. Како што појасни Рауфи, сведокот наводно ги препознал обвинетите Сами Љута и Фејзи Азири. На фотографијата со број 11, иако бил ликот на Алмир Дрпљанин, сведокот рекол дека е Агим Исмаиловиќ. И четвртиот лик кој наводно го препознал е Абдул Јашари, кој исто така не е опфатен со обвинението. Токму затоа одбраната побарала да се најде Абдул и да се повика како сведок, но судот никогаш не сторил напор да го пронајде.

Тој тврди дека сведокот погрешно го опишал и обвинетиот Сами Љута.

За Љута загрозениот сведок кажал дека има долга коса, го препознал, го видел на дистанца од 50 метри, дека имал црна кожна јакна и фармерки, а претходно кажал дека имал тексас јакна, дека имал долга коса таласеста, превиткана на раменици. Љута, пак, никогаш намал долга коса, за што приложивме и доказ во судот. За Агим Исмаиловиќ вели дека имал брада со големина од четири-пет прсти, а потоа брада како на јарец, меѓутоа овој обвинет секогаш имал брада од 0,5 милиметри, вели Рауфи.

Тој додава дека овој сведок обвинетите ги опишал во облеката која ја носеле на денот кога беа уапсени, а снимките ги пренесуваа сите медиуми!

Адвокатот додава дека сведокот бил најден дури пет ипол месеци по настанот, што според него значи дека е лажен, зашто обвинителството било под притисок да конструира случај и да напише обвинение, бидејќи рокот му истекувал за 15 дена.

ЗОШТО ДРПЉАНИН НЕ БИЛ ОПФАТЕН СО ИСТРАГАТА?

Иако загрозениот сведок го посочил Дрпљанин како едно од лицата кои ги видел кај Смиљковското езеро, сепак тој никогаш не беше осомничен во овој случај.

Тој по четири месеци од петкратното убиство беше уапсен во Косово, а во 2016 година беше екстрадиран во Македонија, поради тоа што претходно беше осуден на казна доживотен затвор.

Имено, тој во 2010 година, во отсуство беше осуден за нападот врз патрола на „Алфите“ кај Природно математичкиот факултет, во ноември 2008 година, кога беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги останаа тешки инвалиди.

Извор на „Фокус“ од разузнавачките кругови потсетува дека кога Дрпљанин беше уапсен во Косово, на 26 јули 2012 година, во неговиот стан покрај големо количество оружје, била пронајдена и лична карта на првообвинетиот во „Монструм“ Алил Демири, кој е во бегство во Косово, факт што според нашиот соговорник укажува на врска помеѓу двајцата.

Нашиот соговорник дури прави и паралела на двете убиства кај ПМФ и кај Смиљковското езеро, односно потенцира дека и во двата случаи се користеле возила од Косово, лажни таблички, двете убиства биле извршени свирепо, и во истата оперативна зона Сингелиќ-Гази Баба.

Дека во петкратното убиство учествувале повеќе од шестмина, колку што беа обвинети, се признава и во самото обвинение и во пресудата. На неколку места, во делот каде што се објаснува подготовката на петкратното убиство и неговото извршување се споменуваат НН лица, или лица со непознат идентитет. Според обвинителството, овие НН лица, заедно со дел од тогаш обвинетите го разгледувале теренот околу Смиљковското езеро, или биле задолжени за логистиката на убиството, односно избирање на местото, на жртвите, како и бегање од местото на злосторството. Во НН лица слободно можат да се стават и нарачателите или креаторите на овој морбиден чин, кои до ден денешен останаа непознати. Овие непознати лица си останаа анонимни и се до завршувањето на судскиот процес, зашто како НН се споменуваат и во првостепената пресуда.

„НАПРАВИВМЕ ГОМНАРИЈА – УБИВМЕ ЧОВЕК“

Другиот исказ врз кој обвинителството го изгради овој случај е и оној на обвинетиот Хаки Азири, но во времето кога беше заштитен сведок. Тој тогаш кажал дека неговата улога била да ги пречека обинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ на обиколницата кај Качанички пат бидејќи, како што наводно му рекле, имале нерасчистени сметки со некого.

Во 23 часот тој добил телефонски повик од Алил Демири при што се договориле наредниот ден, околу 12 часот напладне, да се сретнат кај Демири дома. Откако се сретнале, се упатиле кон Сингелиќ кај Африм Исмаиловиќ, кој му рекол дека денеска ќе направат нешто поради нерасчистени сметки и го упатил истиот ден во 18 часот да го земе брат му Агим од дома и да го однесе во Топанско поле.

По договореното, Демири го сторил тоа и видел како Агим влегува во автомобил марка „опел омега“ – црвена боја кој бил паркиран на автобуската постројка. Агим го запалил автомобилот и се упатил во непознат правец. Потоа, по договорениот план, сам со својот автомобил марка „мазда“ се упатил кон обиколницата и чекал да дојде 19:20 часот и според планот да се појават Африм Исмаиловиќ и Алил Демири. Околу 20:00 часот, зад него се паркирало возило. Според неговите зборови дадени во истрагата, не можел да види кој се има внатре, но во неговото возило влегле Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

„Тие кај себе немаа оружје, носеа црни капи, но јасно им го видов ликот. Имаа ракавици и на себе носеа црни тренерки. Ги прашав што се случи, а Африм ми одговори: Направивме гомнарија, убивме човек, вози кај тебе дома. Тргнав со автомобилот, возев право, ништо не ги прашав ниту пак тие двајца разговараа“, изјавил Азири додека ја имал улогата на загрозен сведок.

Но, набрзо тој се откажа од заштитата и стана еден од обвинетите. За претходниот исказ велеше дека го дал под присила и бил психички малтретиран.

Можеби некој може да го издржи притисокот, но јас не можев, во МВР ми рекоа што да кажам пред истражен судија, ми ветија дека ќе ме пуштат дома. Не ги познавам тие што ми се закануваа, но никој не ми го гарантираше животот, можеа да ме убијат. Сега судењето е јавно и затоа кажувам сите да слушнат, немам никаква врска со убиството, рече Азири на едно од судењата.

Судот, пак, и понатаму му поклони верба на исказот кој Азири го даде во истрага, бидејќи посочуваше дека неговиот контакт со другите обвинети го докажуваа и телефонските разговори обезбедени со ПИ-мерки. Но тој се бранеше дека контактирал со Алил Демири бидејќи се братучеди и се на иста возраст, а на денот на убиството телефонот му бил исклучен бидејќи не сакал да оди на работа. Со Агим Исмаиловиќ, пак, имал само два телефонски разговори, во деновите по критичниот настан, а како што посочил, се слушнале бидејќи се познаваат.

Анализирајќи ги овие околности, Врховниот суд смета дека утврдената фактичка состојба е погрешно и нецелосно утврдена, ова дотолку повеќе што, ако прифатиме дека исказите на загрозениот сведок и одбраната на Хаки Азири, се основата, на која судот ја заснива теоријата на докажување, истите како такви не обезбедуваат континуитет на утврдениот заклучок од страна на пониските судови, особено ако се има во предвид и разликите кои се појавуваат од исказите на овие лица, во однос на тоа, каде се наоѓал обвинетиот Агим во 18 часот критичниот ден, дали на Смиљковското Езеро според исказот на загрозениот сведок, или во населбата Топанско поле, според изјавата на Хаки Азири, кој вели дека го зел од населба Сингелиќ и го однел на последна станица на автобуска линија бр 9, а првостепениот суд не сторил доволно напори оваа контрадикторност да ја расчисти, се наведува во пресудата на Врховниот суд.

КАДЕ ИСЧЕЗНА ВОЗИЛОТО „ОПЕЛ ОМЕГА“?

Судот заклучил и дека со првостепената и второстепената пресуда е сторена повреда на правото на одбраната на обвинетите, со тоа што на обвинетите и на бранителите им било оневозможено во текот на постапката, пред првостепениот суд да извршат увид во патничкото возило „опел омега“.

Три дена по петкратното убиство, тогашната министерка Гордана Јанкулоска на прес конференција соопшти дека е пронајдено возилото со кое се превезувале извршителите на Велигденскиот масакр. Црвена „опел омега“ беше еден од клучните докази на МВР, кој беше пронајден во близина на местото викано Вражји вир, на десетина километри од Смиљковското езеро.

МВР, а потоа и обвинителството, тврдеа дека во автомобилот било пронајдено и едно влакно кое укажувало на ДНК на обвинетиот Алил Демири. Наводно, тој седел на задното седиште, од десната страна, бидејќи на потпирачот на седиштето било најдено влакното.

Но одбраната се сомневаше во пронајдениот доказ, па бараше од судот да им дозволи да го видат возилото, бидејќи на прашање до вештакот дали на седиштата имало навлаки, тој одговорил дека не знае и дека само го вештачел влакното кое му било донесено. Токму затоа, од одбраната инсистираа да го видат возилото, но нивното барање било одбиено барем десетина пати.

По неколкуте барања, судијата прифати и дури и закажа датум кога да одиме да го видиме возилото, но подоцна ни кажа дека сепак нема да може да направиме увид, бидејќи обвинителството не се согласило, вели адвокатот Насер Рауфи, кој додава дека во ваков случај одлуката не ја носи обвинителството, туку судот.

Односно, Интерпол го најде сопственикот на возилото, кој живеел во Швајцарија, а неговиот татко го однел во Качаник – Косово каде што, како што рекол, го продал на непознато лице.

Останале неутврдени фактите по однос на наслоните за глава во задниот дел на возилото, а видено од фотографиите, тие се различни по структура, при што го доведуваат во прашање фактот од кое возило се, потоа кој е бројот на шасијата, каде се било регистрирано возилото, дали наслоните за глава на задниот дел се фиксни, или истите можат по потреба да се извадат, монтираат, демонтираат, како и со каква материјална структура се тие наслони, се потенцира во одлуката на Врховниот суд.

Меѓу доказите недостасувале и пет чаури, кои никогаш не биле пронајдени, а до ден денес не се најдени ниту двете автоматски пушки и пиштолот со кои беа ликвидирани жртвите.

ВРХОВЕН СУД: ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ НОВИ ДОКАЗИ!

Се уште не е познато кога ќе започне повтореното судење за случајот „Монструм“ и дали повторно предметот ќе биде во рацете на судијата Ивица Стефановски. Како што неофицијално дознаваме, судијата е на боледување, поради што се исклучува можноста предметот да се падне кај него.

Новиот судија ќе има тешка задача, бидејќи Врховниот суд дава прецизни насоки кои ќе мора да се испочитуваат, но бара и да се обезбедат нови докази, што е многу тешко, ако се има предвид дека поминаа пет ипол години од масакрот.

При повторното постапување, да се изврши повторна оценка на веќе изведените материјални и вербални докази, да се изведат и нови материјални докази, со кои потполно и целосно би се утврдиле решителните факти, правилно да се примени Кривичниот законик, а потоа да се донесе правилна и законита пресуда, посочуваат од Врховниот суд.

Исто така, врховните судии укажуваат дека пониските судови не утврдиле на кој начин и со кои дејствија, секој од обвинетите учествувал во извршувањето на кривичното дело. Од таму го доведуваат во прашање и кавалифицирањето на извршеното кривично дело, кое е посочено како Тероризам.

По однос на квалификацијата на кривичното дело Тероризам, во списите на предметот не постојат непосредни докази, кој и на кој начин го извршил повеќекратното убиство, како едно од конститутивните обележја на ова кривично дело. Исто така, од изведените докази не произлегува ниту второто обележје на ова кривично дело, односно не е утврдена постоење на умисла, односно намера за создавање на чувство на несигурност, или страв, кај неопределен круг на лица. Ова особено со оглед на фактот дека дејствијата на одделни дела се појавуваат како комплексно дејствие на извршување на ова кривично дело.

Засега останува неизвесно и дали СЈО ќе го преземе случајот, иако тоа беше најавено уште пред две години, кога со работа почна ова обвинителство. Останува да се почека дали новите докази кои ги бара Врховниот суд ќе произлезат од „бомбите“, па мистеријата околу овој случај конечно ќе се открие.

„Фокус“ пред околу една година објави дека незаконски биле прислушувани четворица од обвинетите. Според податоците со кои располагаме, најдолг период бил прислушуван Демири. Поточно, незаконското следење на неговите телефонски комуникации почнало две години пред да се случи Велигденскиот масакр, односно од февруари 2010 година и траело до крајот на годината. Прислушувањето продолжило и првите десет дена од 2011 година.

Демири нелегално бил прислушуван и на 20 април 2012 година, или осум дена по Велигденскиот масакар, кога му биле прислушувани разговорите на двата телефонски броја.

Осум дена по крвавиот настан кај Смиљковското езеро нелегално бил прислушуван и Агим Исмаиловиќ, а за неговиот брат, иако имаме информација дека и тој бил прислушуван, немаме точен податок во кој временски интервал.

Таргет на службите, без дозвола од судот, во одреден период бил и Фејзи Азири, кој незаконски бил прислушуван 34 дена, но откако се случило петкратното убиство. За него службите најмногу се интересирале во септември и октомври 2014 година, односно во периодот откако веќе е во затвор и осуден со првостепена пресуда. Она што е нејасно, е што сакале да дознаат од Азири вработените во УБК, дури две години по крвавиот настан?

Прашања има безброј, а одговори воопшто. Единствен непобиен доказ е дека Александар, Цветанчо, Кире, Филип и Борче, повеќе ги нема. Беа егзекутирани со 21 куршум!

ОБВИНЕТИТЕ МОЖЕЛО ДА СЕ ДРЖАТ ВО ПРИТВОР УШТЕ 4 МЕСЕЦИ?

Врховниот суд неодамна одлучи да им го укине притворот на обвинетите во „Монструм“ по што по пет ипол години поминати зад решетки, излегоа на слобода. Ваквата одлука врховните судии ја правдаат единствено со фактот што пресудата за овој случај е укината.

Со оглед дека пресудите се укинати, Врховниот суд најде дека со други превентивни мерки ќе се обезбеди присуството на обвинетите во текот на постапката. Поради тоа, судот одлучи овие обвинети да се пуштат на слобода веднаш, а им ги определи другите превентивни мерки со кои се обезбедува присуство на обвинетите, се вели во одлуката на Врховниот суд.

Таму се додава дека обвинетите не смеат да го напуштат градот во кој живеат и дека имаат обврска двапати неделно да се пријавуваат во Кривичниот суд.

Иако за одбраната беше очекувано обвинетите да излезат на слобода, сепак дел од јавноста остана шокирана. Правниците кои ги консултиравме истакнуваат дека постоела правна можност овие обвинети да се задржат во притвор уште максимум четири месеци.

Законот за кривична постапка предвидува дека обвинетите не можат да се држат во притвор повеќе од две години, сметано од периодот на подигање на обвинителен акт до првостепената пресуда.

Според математиката и според досегашната пракса на Кривичниот суд, од подигањето на обвинение па се до првостепената пресуда со која беа осудени на доживотен затвор обвинетите поминале една година и осум месеци во притвор, што значи дека им преостануваат уште четири месеци, согласно закон, да ги држат затворени. На овој начин, повеќе од три години во притвор беа држани обвинетите во случајот „Ровер“.

Сепак, во прилог на обвинетите во „Монструм“ оди праксата на Судот за човекови права во Стразбур, кој предвидува дека и за делата терорзиам, не е дозволиво обвинетите да се држат во затвор повеќе од четири години пред правосилноста на пресудата.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЛОБОДНО ГИ ТОЛКУВАЛО „ШИФРИРАНИТЕ“ РАЗГОВОРИ НА ОБВИНЕТИТЕ

Како докази во случајот „Монструм“, во првостепената постапка, беа приложени и транскрипти од разговорите на обвинетите, кои ги имале меѓу себе или со непознати лица, деновите по петкратното убиство.

Овие разговори во целост се објавени во првостепената пресуда, а од она што може да се забележи е дека обвинителството прави слободно толкување, посочувајќи дека обвинетите зборувале во шифри.

Така, на пример, во еден разговор се спомнува буре, кое требало да се фрли во канал, а обвинителството толкува дека бурето е всушност пиштол, кој обвинетите се договарале да го фрлат.

Или, пак, во еден од разговорите се зборува за храна, за стек и батак, а едниот соговорник вели дека батакот бил многу мрсен, па не можел да го изеде, а неговиот пријател лесно го изел стекот. Обвинителството овој разговор го толкува, па вели дека стекот се момчињата кои полесно биле усмртени, а батакот бил Александар, во чите тело завршиле најмногу куршуми и од пиштол и од автоматско оружје. Па кога велел дека батакот бил мрсен, и го оставил до пола, значело дека не можел да го докрајчи момчето.

 

АРХИВА Дури откако ќе станат бивши, на премиерите и на претседателите им се суди за црните партиски пари

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на шести јуни 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 974

Дузина шефови на држави и премиери од Европа, во изминативе две децении, беа обвинети и осудени за корупција. Речиси сите овие досиеја се темелеа на нелегално финансирање на нивните партии или изборни кампањи. Кеш пари на рака, швајцарски тајни партиски сметки, дубари преку државни тендери, провизии на црно, рекет преку маркетинг-агенции се разните креативни формули преку кои партиите низ европските држави ги полнеле на црно партиските чекмеџиња!

Главните актери на овие мегаскандали главно биваа обвинети откако ја губеа власта. Понекогаш корупциските афери го забрзуваа нивниот пад. Идеолошките определби на обвинетите поранешни највисоки државни функционери не даваа доминантен белег. Ги имаше и од левицата и од десницата.

Што друго е заедничко за судските процеси против премиерите и претседателите? Судските истраги обично траат со години. Понекогаш обвинувањата се мултиплицираа откако ќе се прочешлаа темелно партиските финансиски тефтери. Дел финишираа само со условни осуди за лидерите, кои по правило се прогласуваат за политички жртви. Некаде имаше и ефективен затвор. Најмногу заглавуваа благајниците, ама и партиските секретари.

Црните партиски финансии ги обелоденуваа медиумите, ама во демократиите со традиција и истражните судии се прославија со упорноста и со професионалноста.

Каде е Република Македонија во оваа крими-приказна? Иако сите премиери ги следеа обвинувања за корупција, засега судски процес веќе неколку години се води само против Владо Бучковски за случајот „резервни тенковски делови“, од периодот кога бил министер за одбрана. За нелегално финансирање, пак, спектакуларно беше уапсен и правосилно осуден Љубе Бошкоски, лидер на Обединети за Македонија, партија која не доби ниту еден пратеник на изборите, кои биле на „црно платени“.

Сепак, последниве месеци, опозицискиот СДСМ пласираше неколку скандали поврзани со владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Покренаа и кривична пријава против премиерот Никола Груевски, кој, пак, возврати со тужба за клевета против Зоран Заев. Знаејќи ги „капацитетите“ на нашето правосудство, тешко дека еден актуелен премиер може да добие каква било пресуда што нема да биде по негов вкус.

Тоа, сепак, не го менува фактот дека ВМРО-ДПМНЕ во низата изборни циклуси на кои ниже победи има драстично поскапа кампања од сите други. Финансиската изборна дупка од 2011 година, од околу 3 милиони евра, остана енигма како ја затворија.

Во досието „европски корупциски скандали“ ви ги пренесуваме искуствата од Франција, Италија, Германија, Словенија, Белгија, Хрватска, Шпанија, Грузија, Израел, Романија, Чешка, Украина…

ЖАК ШИРАК, бивш претседател – ФРАНЦИЈА
СО ПЛАТА ОД ПАРИЗ, А РАБОТЕЛЕ ЗА ПАРТИЈАТА

Жак Ширак е првиот поранешен француски претседател осуден за политичка корупција. Кон крајот на 2011 година, веќе на 77-годишна возраст доби две години условна казна затвор за скандалот со лажни фиктивни вработувања. Аферата се однесува на случувања од 1990-тите, кога Ширак бил градоначалник на Париз и претседател на партијата РПР (сега преточена во УМП), кога лица на платна сметка на градот работеле всушност за партијата РПР.

Во судскиот процес беа осудени уште деветмина, меѓу кои и внукот на генералот Шарл де Гол, но и братот на претседателот на Уставниот совет на Франција. И тие добија условни казни за злоупотреба на доверба и злоупотреба на општествени средства.

Ширак секогаш ги негираше обвиненијата тврдејќи дека не направил „никаква кривична или морална грешка“. Градот Париз не се појави како тужител во постапката бидејќи партијата на Ширак ја исплатила сумата што била злоупотребена за времето кога тој беше негов градоначалник.

Инаку, политичката кариера на десничарот Ширак одела од државен секретар за финансии, министер за земјоделие, градоначалник на Париз до претседател на Франција.

ЈАНЕЗ ЈАНША, бивш премиер – СЛОВЕНИЈА
ТУЖЕШЕ ЗА КЛЕВЕТА, АМА НЕ СЕ СПАСИ ОД ЗАТВОР!

Кон крајот на април, Вишиот суд во Љубљана ја потврди казната од две години затвор за некогашниот премиер, а сега лидер на Словенечката демократска партија, Јанез Јанша. Станува збор за корупцискиот скандал „Патриа“ – купување блиндирани возила од истоимената финска компанија. Според пресудата, Јанша во 2006 година, кога е премиер, од посредници на „Патриа“ прифатил ветување за парична награда од 2 милиони евра ако финската фирма ја снабди словенечката војска со оклопни возила, договор вреден 278 милиони евра. И за Јанша, како и за сите негови европски колеги обвинети за корупција, случајот е политичка конструкција.

Но, во март годинава, Јавното обвинителство побара истрага и за друг случај. Јанша е осомничен дека во 2005 година склучил сомнителни зделки со имоти за време на неговиот прв мандат. Се истражува дали продал земја за 130.000 евра, 10 пати над нејзината пазарна вредност и на градежните претприемачи им дозволил приватно да го финансираат купувањето на неговиот дом за 100.000 евра.

Се истражува и вредниот имот на Јанша и на потесното семејство во недвижности и автомобили, како и неговата работа од 2000 година. Во истрагата е вклучен и имотот на некогаш истакнатиот член на партијата на Јанша, Јоже Загожена, кој беше обвинет и во аферата „Патриа“, но во меѓувреме почина. Според некои медиуми, на негово име во една австриска банка биле пронајдени 271.000 евра.

Интересно е дека во 2008 година, финската национална телевизија емитуваше истражувачка сторија „Вистината за Патриа“ со експлозивно објаснување за корупција. Финските новинари, повикувајќи се на документи, заклучиле дека митото било дури 21 милион евра. Јанша ја смести оваа емисија во „предизборен арсенал“ и најави тужби за клевета. Со протестна нота до финската амбасада реагираше и владата… на премиерот Јанша.

Всушност, токму извештајот на антикорупциската комисија за овие зделки од пред година и пол доведоа до крај на неговиот втор премиерски мандат, само една година откако победи. Тој одби да даде оставка, но неговите коалициски партнери формираа нова коалициска влада со левоцентристичката Позитивна Словенија.

Сепак, за 13 јули се закажани предвремени парламентарни избори.

ЕХУД ОЛМЕРТ, бивш премиер – ИЗРАЕЛ
КЕШ ВО ПЛИКО!

Израелецот Ехуд Олмерт ( 68 г.) неодамна е осуден на шест години затвор за корупција за скандал од 1990-тите. И тој, како и Ширак, одговара за работи од градоначалничката „кауза“. Судот утврдил дека примил мито додека бил градоначалник на Ерусалим. Во истиот случај им се суди и на десетина владини функционери и бизнисмени.

Интересно е дека Олмерт уште како премиер, во 2008 година имаше неколку информативни разговори со полициските инспектори во својот кабинет во Ерусалим. Срцевината на корупцискиот скандал беше дека примил мито од стотина илјади долари за изборна кампања од еден бизнисмен, но и дека во два наврата зел надомест за патните трошоци додека бил министер за трговија и градоначалник на Ерусалим.

Тој ги негираше сите обвиненија. Но, посочениот американски  мултимилијардер и бизнисмен од еврејско потекло Морис Талански од Њујорк (кого печатот го споменуваше како „перач на пари“), призна дека на Олмерт пријателски му давал кеш во пликоа.

Олмерт потоа се вадеше дека „ништо од тоа не ставил во свој џеб“. Но, ете, доби казна затвор!

АДРИЈАН НАСТАСЕ, бивш премиер – РОМАНИЈА
„ДОЛГАТА РАКА НА ДНА

Повеќегодишниот лидер на моќната Социјалдемократска партија, Адријан Настасе е првиот романски премиер што е осуден за корупција. Доби две години затвор затоа што на нелегален начин внел околу 1,5 милион евра во партиската каса за изборите во 2004 година.

Според судот, Настасе ја финансирал својата претседателска кампања со пари добиени во рамки на симпозиумот „Трофеј за квалитетот“, кој го организирал Државниот градежен инспекторат. Парите биле дадени под форма на такса за учество во конкурсот, а завршиле на сметка на компанија блиска до Настасе. Оваа фирма била партнер на Државниот градежен инспекторат во организирање на конкурсот.

Откако казната му беше потврдена од Врховниот суд, Настасе се обиде да се самоубие пукајќи си во вратот. Сепак, се спаси, отслужи една третина од двегодишната затворска казна и во март 2013 беше ослободен. Имаше судска забрана да врши јавна функција за период од две години, но неговите социјалдемократи го примија назад во партијата.

Арно ама, по само 10 месеци, во јануари 2014 е осуден на 4 години затвор поради земање мито, за што претходно беше ослободен. Осуден е за зделки со кинески градежни материјали и мебел во вредност од 630.000 евра. Претприемачот за возврат бил назначен за шеф на Градежен инспекторат.

Настасе беше прогласен за виновен и за тоа што го уценувал поранешниот романски конзул во Шангај. Тој негира дека сторил нешто лошо оценувајќи дека случаите се политички мотивирани.

Неговата сопруга Дана беше обвинета дека наредила на официјални лица да се избегнат царинските прописи да донесе градежни материјали во земјата, да се достават во нивниот дом во Букурешт. Осудена е на 3 години условна казна поради соучесништво.

Всушност, маките на Настасе почнуваат од 2004 година, кога изгуби на изборите од Трајан Басеску, кој тогаш јавно порачал дека нема да се смири додека „корумпираниот Настасе не го види зад решетки”. Според некои коментари, Басеску сосема го потчинил Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (ДНА), па им се заканувал јавно на своите противници дека ќе ги стигне „долгата рака на ДНА“!

ВИЛИ КЛАС, бивш генсек на НАТО
СКАНДАЛ „АГУСТА“

Вили Клас одговараше за корупција кога беше генерален секретар на НАТО, ама за зделки додека бил министер во белгиската влада. Аферата се тркалаше неколку години, а во неа имаше корупција на партиски шефови, милионски воени договори, оставка на високи функционери, таинствено самоубиство на пензиониран генерал, нарачано убиство. Скандалот доби кодно име „Агуста“ поради набавките на хеликоптери од италијанската државна фирма со истиот назив – „Агуста“.

Сѐ почнува во јули 1991 година, во белгискиот град Лиеж кога е убиен поранешниот лидер на локалните социјалсити, Андре Кулс. Истрагата му е доверена на Вероник Ансиа, кој ќе открие дека убиството има врска со финансиското работење на СП во Лиеж. По претресот на канцелариите, ќе најде документи за тајни сметки во швајцарски банки, поврзани со италијанската државна компанија Агуста. Следува апсење на претставникот на белгискиот огранок на Агуста.

Дефинитивно, истрагата открива дека документите се поврзани со владејачката Социјалистичка партија со владините набавки за белгиската армија на 46 хеликоптери. Истражниот судија заклучува дека убиството на Кулс и купувањето на хеликоптерите се поврзани, па ги анализира деталите од договорот – под какви околности е договорена цената од 272.100.000 долари.

Доаѓа до сознание дека претставниците на белгиските вооружени сили инсистирале нарачката да оди од германската фирма или барем француската, кои аплицирале на тендерот. Италијанската Агуста се сметала за аутсајдер. Но, министерот за економија, социјалистот Вили Клас става потпис на документот со кој ја препорачува Агуста. Половина од цената наводно требало да се врати во Белгија, во вид на инвестиции, што ќе донело околу 4.000 работни места. Клас успева да обезбеди поддршка од лидерот на локалните социјалисти во Лиеж, Кулс.

Но, предностите на Агуста биле само на хартија. Од февруари 1993 година, фирмата имала изведено само 40 отсто од обврските.

Истрагата се проширува и во Италија, каде што се води антикорупциската акција „Чисти раце“. Полицијата таму го апси претседателот на Агуста, Роберто ди Алесандро. Се доаѓа до податоци за тајните средби со белгиските социјалисти, министри. Набрзо истрагата доаѓа до Вили Клас, кој во меѓувреме стана министер за надворешни работи. Тој негира дека знаел за тајните сметки на партијата.

Клас набргу напредува до функцијата генерален секретар на НАТО, но истрагата не запира. Во 1995 година, во просториите на фламанските социјалисти најдени се нови тајни швајцарски сметки. Уапсени се партискиот секретар, адвокатот и благајникот. Патем, откриено е дека 1.700.000 долари биле префрлени од италијанската фирма во знак на благодарност преку лажна панамска компанија во Белгија. Иако Клас демантира, сепак, благајникот дава изјава дека знаел за сите детали. Уапсен е ексшефот на кабинет на Клас.

Потоа државниот обвинителот бара од парламентот на Белгија да се симне имунитетот на Клас за да се појави на суд. Парламентарната комисија заклучува дека обвиненијата против Клас за корупција, фалсификување документи и измама се толку сериозни што тој треба да се појави пред судот. Препораката е поддржана од парламентарното мнозинство. Иако продолжува да инсистира на невиност, Клас си даде оставка. Беше само 13 месеци генсек на НАТО. Беше условно казнет за „пасивно мито“ во 1998 година.

 ХЕЛМУТ КОЛ, бивш канцелар – ГЕРМАНИЈА
„САМО“ ДВА МИЛИОНИ МАРКИ!!!

Хелмут Кол е историска фигура, со заслуги за обединувањето на двете Германии. Дваесет и пет години е лидер на десничарската ЦДУ. Во 1982 година станува германски канцелар, функција на која ќе остане дури 16 години. Во 1998 година ги загуби изборите препуштајќи му го канцеларското место на социјалдемократот Герхард Шредер.

Една година откако стана бивш канцелар, Кол го стасаа обвинувања дека преку тајни канали, во партиската каса внел 42 милиони марки. ЦДУ затоа мораше да плати висока казна, а Кол, кој од тие пари немал никаква лична корист, мораше да го отстапи местото на почесен претседател на партијата. Тоа се смета за најтешкиот момент во неговата политичка кариера.

Во судскиот процес, Кол признава дека за тајниот партиски фонд примил само околу 2 милиони марки, а не 42 милиони, како што се тврди. Но, одби да каже кој е дародавачот. Демантира и дека донаторот барал од германската влада какви било противуслуги. Според весникот „Гардијан“, пак, францускиот претседател Франсоа Митеран, наводно, преку државната нафтена компанија му префрлил на колегата Кол, односно на неговата партија ЦДУ, околу 30 милиони марки. Ваквата француска „донација“, наводно, била со цел за да се дојде до интегрирана Европа! Во секој случај, и Кол куртули од затвор со нагодба со судот.

Силвио БЕРЛУСКОНИ, бивш премиер –  ИТАЛИЈА
КАНОНАДА ОД СУДСКИ ПРОЦЕСИ

Неодамна, и експремиерот на Италија Силвио Берлускони беше прогласен за виновен за случај од деведесеттите години на минатиот век, а во врска со купување на телевизиските права на неговата медиумска империја. Казната беше 4 години затвор, но три му се простени поради возраста – 77 години. Доби и забрана да се кандидира на изборите во следните шест години!

Сепак, судот му одреди казна – една година да извршува „општествено корисна работа“. Ќе работи како волонтер во центар за пациенти што боледуваат од Алцхајмерова болест.

Инаку, уште во 1990-тите се водеа низа судски процеси против медиумскиот магнат и премиер. Беше обвинет за незаконско финансирање на неговата партија Форца Италија, но некако успеа да се извлече од  казната – 2 години и 4 месеци. Имаше постапки и за лажно водење книговодство, како и за подмитување даночни инспектори.

Патем, некогашниот италијански премиер Бетино Кракси умре пред неколку години во Тунис, во егзил. Немаше храброст да се врати во Италија каде што беше обвинет дека од разни бизнисмени примал куфери пари за својата политичка партија.

Иво САНАДЕР, бивш премиер – ХРВАТСКА
КОРУПЦИСКИОТ ОКТОПОД НА ХДЗ!

Виновни се и тие што молчеле, ја вртеле главата, го одобрувале начинот на финансирање на партијата“, ќе каже меѓу другото судијката, кога во март оваа година ги објави казните за Иво Санадер, неколкумина други бивши функционери, ама, како куриозитет, и за ХДЗ. Експремиерот заработи 9 години затвор, а ќе треба да врати и 15 милиони куни. Како отежителна околност за Санадер, судот го ценел и „количеството криминална волја и количеството некритичност“. Заработувал повеќе од доволно, ама бил ненаситен!

Партијата, пак, во буџетот ќе мора да врати 17 милиони куни, што инаку е разлика од 24 милиони, колку што е проценета противправната имотна корист за ХДЗ.

Во судскиот процес на столетието за политичко-корупцискиот октопод, во Хрватска, на обвинителна клупа, покрај експремиерот, се бројни поранешни министри и директори на јавни претпријатија. Обвинителството тврди дека оваа партија нелегално се финансирала од 2003 до 2009 година. Дел од парите завршувале во црните партиски фондови, а дел кај лидерот Санадер. Политичко-финансискиот рекет, пак, се спроведувал преку маркетинг-агенцијата „Фими медиа”.

Иако Санадер ја негираше вината, сепак, неколкумина, меѓу кои и сопственичката на „Фими медиа“, ја признаа вината. Благајничката на ХДЗ, пред судот посведочи дека секој месец Санадер ѝ доставувал список на луѓе, на кои требало да им се исплати „апанажа“, со точни износи. Се издвојувале пари и за некои медиуми. Се разбира, тоа не одело преку жиро-сметка.

Инаку, откако помина неколку месеци во притвор, Санадер се бранеше од слобода.

Јулија ТИМОШЕНКО, премиерка – УКРАИНА
ИЗЛЕЗЕ ОД ЗАТВОР, АМА ЗАГУБИ НА ИЗБОРИ!

Експремиерката на Украина, откако на претседателските избори во 2010 година загуби од Виктор Јанукович, се соочи со канонада од тужби и судски процеси. Во 2011 година, Јулија Тимошенко веќе беше осудена на 7 години затвор за злоупотреба на овластувањата при склучување договори за набавка на гас со Русија во 2009 година.

И се закануваа и со нови обвиненија за корупција: за избегнување плаќање данок, измама и обид за кражба во 1990-тите, кога била главна на украинската компанија за трговија со гас. Даночната полиција дури обнови истраги за уште 4 кривични предмети против неа. Ја товареа и за купување амбулантни возила по повисоки цени. Се обидуваа да ѝ накалемат дури и убиство на еден пратеник и бизнисмен!

Битката против неа се водеше и со други средства. На Јутјуб се извадија снимки од затворот, на кои таа наводно разменува нежности со својот адвокат!

Тимошенко го коментираше тоа како дел од репресивната кампања на Јанукович против опозицијата. И европските лидери ги сметаа како политички мотивирани процесите против експремиерката.

По уривањето на Јанукович преку уличните демонстрации, Тимошенко излезе на слобода по 2,5 години поминати в затвор. На изборите што се одржаа неодамна, сепак катастрофално загуби од Петро Порошенко, од партијата на Кличко.

ФРАНСОА МИТЕРАН, бивш претседател – ФРАНЦИЈА
МАТНИ ПРИСЛУШУВАЊА!

Се чини дека само смртта го спаси социјалистот Франсоа Митеран од судска казна. Беше претседател на Франција од 1981 до 1995 година. Во текот на една истрага за корупција, во 1990-тите, кога се најдоа врски меѓу партијата и избрани функционери, се дојде и до документи со името на Митеран. И тука се закочи! Тој како претседател даде аболиција на дел од веќе обвинетите. Сепак, една година откако почина Митеран, во 1997 година, благајникот на Социјалистичката партија доби две години условна казна за корупција.

Најмногу и најдолго, пак, јавноста се скандализираше со антитерористичката ќелија на Елисејската палата, која Митеран ја формира веднаш откако станува шеф на Франција. Оваа единица ќе функционира три години, но наместо против тероризмот, главно ќе се бори против скандалите кои можеле да го загрозат владеењето на штотуку избраниот претседател. Биле прислушувани дузина јавни личности, или имало околу 3.000 телефонски прислушувања на познати француски новинари, политичари и деловни луѓе под различни мотиви.

За илустрација, како голема опасност бил третиран еден писател, кој му се заканувал на Митеран дека ќе го открие постоењето на неговата вонбрачна ќерка. Таа, пак, со нејзината мајка живеела заштитена токму од антитерористичката ќелија на сметка на државата.

Скандалот го откри весникот „Либерасион“ во 1993 година, а влезе во суд дури во 2004 година, наводно поради податоци од безбедносен ризик. Во 2006 година, за овие телефонски прислушувања одговараа 12 високи функционери на елисејската ќелија, ама поради „непочитување на интимноста“ на прислушуваните. Седуммина беа осудени со условни казни, а Митеран беше назначен како „инспиратор и контролор на операцијата“. Почина уште во 1996 година, без да каже ниту еден збор за оваа афера.

Дел од прислушуваните новинари добија тапија и од Европскиот суд за човекови права, кој оцени дека правата на слободно изразување им биле нарушени.

 

ПОСТАПКИТЕ СЕ ВО ТЕК:

Марјано РАХОЈ, премиер – ШПАНИЈА
БЛАГАЈНИКОТ ПРОПЕА ЗА КЕШОТ

Пред една година, на антикорупцискиот тапет се најде и актуелниот шпански премиер Марјано Рахој. Скандалот пукна откако благајникот на неговата Народна партија (НП), чиј лидер е од 2004 година, беше уапсен под обвиненија за поткуп, перење пари и за даночни измами. Истрагата откри дека префрлил околу 47 милиони евра на швајцарски сметки. Во судската истрага тој посведочил дека владејачката партија веќе две децении води двојно книговодство, незаконски се финансира преку поткуп, од што личен ќар имале неколкумина, меѓу кои и премиерот. Лично, наводно, им предавал коверти со кеш. Во скандалот биле инволвирани и големи градежни компании, кои во замена за големи договори, давале донации во кеш на партиските челници.

Интересно е дека уште во 2009 година била покрената судска истрага за незаконски плаќања на функционерите на НС. И којзнае уште колку случајот ќе бил во фиока да не биле медиумските откритија. Биле објавени фотокопии од исплатените суми од нотесот на долгогодишниот благајник на НП, но и смс-пораките со кои премиерот му дава поддршка и охрабрувања на благајникот, како на пример „Правиме сѐ што можеме. Остани силен!“, демек да не подлегнува на притисокот од судот.

Шпанскиот премиер ги негира наводите. Демантира дека кога било земал пари на ваков начин истакнувајќи дека згрешил што му верувал на благајникот.

Новинарската истрага откри и дека Рахој, кон крајот на 1990-тите, кога бил министер примил околу 40 илјади евра во кеш од нелегални донации со кои се финансирала конзервативната партија.

Сепак, Рахој одби да даде оставка, на што повикуваше опозицијата. Но, судскиот процес веројатно ќе потрае!

Петр НЕЧЕС бивш премиер – ЧЕШКА
ПОТПЛАЌАЛ ПРАТЕНИЦИ!!!

Поради корупциски скандал, чешкиот премиер Петр Нечас пред една година си поднесе оставка од премиерската функција, но и од лидерската во Граѓанско-демократската партија. Повод беше аферата во која беше вмешана неговата најблиска соработничка и љубовница Јана Наѓова, обвинета за примање мито и злоупотреба на функцијата. Патем обвинети беа седуммина бивши пратеници и високи државни функционери, меѓу кој и офицер на воената тајна служба.

Се шпекулираше дека обвинителството може да открие уште корупциски скандали во врвовите на веќе бившата власт. Веќе во февруари годинава, полицијата го обвини Нечас за потплаќање тројца поранешни пратеници од неговата партија.

Според обвинението, експратениците од партијата на Нечас се откажале од своите функции кога требало да се донесат пакет-закони за рестрикции на буџетските трошоци, со кои тие не се согласувале, а во замена добиле високи функции во државни фирми. Зделката за стекнување противправна корист на пратениците, според обвинението, ја направил токму експремиерот.

НИКОЛА САРКОЗИ, бивш претседател – ФРАНЦИЈА
50 МИЛИОНИ ЕВРА КЕШ ОД ГАДАФИ!?

И Никола Саркози, откако стана бивш претседател на Франција, е постојано цел на истраги за финансирањето на неговата десничарска партија. Особено за неговата претседателска кампања од 2007 година. Запленетите дневниците на Саркози покажале дека неговата партија незаконски била финансирана од најбогатата жена во Франција, сопственичката на „Лореал“, Лилијан Бетанкур.

Инаку, сомнежите за црните пари во претседателската кампања почнаа сосема банално, со една семејна расправија меѓу госпоѓата Бетенкур и нејзината ќерка, но аферата потоа прерасна во политички скандал за финансиите на Унијата за народно движење (УНД), уште додека Саркози беше претседател.

Судијата што ја истражувал аферата „Бетенкур“ ги следел трансферите од Швајцарија. Од документите чија содржина, сепак, протече во јавноста, првата исплата била извршена во февруари 2007 година, а парите му била предадени на благајникот на Саркози, Ерик Воерт, во еден бар во Париз. Се истражуваше и втората исплата од 400.000 евра, за која истрагата се сомневаше дека парите му биле лично дадени на Саркози. Иако формалното обвинение против Саркози беше отфрлено лани, во октомври, беа обвинети други 10 лица.

Сепак, почната е истрага и за обвиненијата дека Саркози прифатил 50 милиони евра во кеш од Гадафи за нелегално финансирање на неговата изборна кампања во 2007 година. Судот за овој предмет дозволил да се прислушува телефонот на Саркози.

Потоа на еден портал беа објавени делови од прислушувани разговори меѓу Саркози и неговиот адвокат, преку кои се доаѓа до заклучок дека Саркози имал крт на висока позиција во судството, кој му давал информации за истрагата против него.

Тешко е да се прогнозира како ќе финишираат овие истраги!

Виктор ЈАНУКОВИЧ, претседател – УКРАИНА
„ОРГАНИЗИРАНА КРИМИНАЛНА ГРУПА“!

Новите украински власти го товарат Виктор Јанукович за убиствата и употребата на снајпери на киевскиот плоштад Мајдан. Издаден е налог за негово апсење, но се смета дека е во Русија каде што може да добие и политички азил.

Веќе се калкулира и со украдените пари. Обвинителството идентификувало најмалку 3 милиони долари украден имот. Но, се очекува вкупната сума да достигне десетина милијарди долари!!! Неговиот режим веќе го карактеризираат како „организирана криминална група“, чии пипци биле распространети насекаде во администрацијата.

Јанукович беше урнат оваа година, по двомесечни протести во Киев, кои почнаа откако не го потпиша договорот со ЕУ во полза на блиските односи со Русија.

Интересно е како се испреплетуваат политичките, ама и корупциските кариери на Јанукович и на Тимошенко. Во 2004 година, на претседателските избори кога е избран Јанукович, Портокаловата револуција не му дозволи да седне на претседателската фотелја поради изборни измами. Тимошенко беше симбол на тој Отпор, кој Јанукович никогаш не ѝ го простил. По неговата тесна победа на изборите во 2010 година, веднаш почнаа судските голготи на Тимошенко. Кога Тимошенко излезе на слобода, по превратот, Јанукович е под сомнеж за голема корупција!

Михаил СААКАШВИЛИ, претседател – ГРУЗИЈА
ПОЛИТИЧКА ОДМАЗДА ИЛИ…

Некогашниот грузиски лидер Михаил Саакашвили, една година откако стана бивш претседател, се сомничи за разни злоупотреби, корупција, лажни обвинувања, дури и за убиства. Засега Обвинителството смета дека е неопходно да го испраша како сведок во многу случаи. Имено, откако ја загуби власта, многу некогашни соработници на Саакашвили се обвинети, па и осудени за корупција. На пет и пол години е осуден за проневера и експремиерот Мирабишвили.

Сепак, Саакашвили изјави дека нема да учествува во „валкани интриги“, алудирајќи за неговото сведочење. Но, ако го игнорира судот, може да биде ставен на меѓународна потерница.

„Никој не е над законот, но почнувањето неколку истраги за експретседателот покренува сомнеж дека станува збор за политичка одмазда, особено кога институциите се кревки“, реагираше Стејт департментот. Откако му заврши мандатот во 2013 година, живее во САД и предава на Универзитетот во Бостон. Ги поддржа протестите во Украина против Јанукович.

Во 2000 година дојде на власт во Грузија преку „револуција на розите“, со имиџ на храбар реформатор, замина од власта со имиџ на автократ. На изборите во 2012 година изгуби од здружената опозиција иако анкетите му даваа огромна предност.

Архива: Таткото на Антонио Милошоски си купил општинско земјиште и училиште

$
0
0

 

Текстот е објавен на 6 јули 2012 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 888

Фамилијата на Антонио Милошоски во текот на вчерашниот ден стана повторно актуелна во јавноста откако тој објави дека во дворот на неговите родители била поставена експлозивна направа. Според него, бомбата била кукавички наместена со цел да ги убие или рани неговите родители. Бомбата ја нашол неговиот татко, Милош Милошоски додека работел во семејниот двор во с.Ижиште. Полицијата соопшти дека успешно ја демонтирала направата и работи на расчистување на случајот.

Таткото на Милошоски и претходно бил актуелен во јавноста со повеќе контроверзии. Фокус пишуваше за влијанието на семејството Милошоски во Авто-мото сојузот на Македонија, каде е вработен неговиот брат, како и за кичевското Здружение на возачи каде беше инволвиран неговиот татко.

Во продолжение сторијата во која Фокус пишуваше за Милош Милошоски, таткото на поранешниот министер за надворешни работи и сегашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој ја купил зградата на основното училиште во селото Ижиште, Македонски Брод, за четири илјади евра, што го потврди договорот до кој дојде „Фокус“. Освен евтината училишна зграда, Милошоски добил уште една поволна зделка. Дворот околу неа му бил продаден за само 100 денари од метар квадратен и за 747 метри квадратни платил 74.700 денари или околу 1.200 евра. Договорот за “Фокус” го потврди и продавачот на имотот, градоначалникот на општина Македонски Брод, Милосим Војнески!

Пишувала Кристина ОЗИМЕЦ

Живо пиле нема преку ден во селото Ижиште, кое се наоѓа во општината Македонски Брод. Селото кое брои едвај триесетина куќи е речиси напуштено, а во него едвај живеат неколку старци. Ижиште, и покрај неизмерните природни убавини, засега не е популарно кај туристите жедни за селски туризам, но затоа општинската зграда на Пласница, која е сместена на самиот почеток од ова село, има голема популарност. Во јавноста стана позната откако Милош Милошоски, таткото на поранешниот министер за надворешни работи и сегашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, ја купи заедно со дворното место за околу 30-тина илјади евра. По реакциите во јавноста, Државниот инспекторат за локална самоуправа ја прекина постапката бидејќи не биле почитувани законите и работата стигна дури до Уставниот суд. Но, во ова село неколкуте жители не знаат многу за ваквите договори и продажби. Таму животот тече поспоро од било каде. По качување нагоре надолу по ридиштата на селото од речиси  еден час, конечно екипата на „Фокус” виде жив човек. Постар, изморен дедо кој дошол до куќата на два дена, за да го провери овоштарникот и дворот. Прашавме како е да се живее во Ижиште и дали има по некој турист, авантурист, заинтересиран за селски туризам.

„Нема никој овде, дали двајца, тројца сме, раштркани по планиниве. Ниту издава некој, па да може да дојдете. Празно е, никој нема. Само за Водици се полни. Тогаш и амбасадори ни доаѓаат на гости, со Антонио ни доаѓале овде, полно е амбасадори за Водици. Оти татко му од овде е… Ене и онаа зградана ја имаат земено под концесија”, ни покажа дедото кон напуштената зграда од некогашното селско основно училиште.иво пиле нема преку ден во селото Ижиште, кое се наоѓа во општината Македонски Брод. Селото кое брои едвај триесетина куќи е речиси напуштено, а во него едвај живеат неколку старци. Ижиште, и покрај неизмерните природни убавини, засега не е популарно кај туристите жедни за селски туризам, но затоа општинската зграда на Пласница, која е сместена на самиот почеток од ова село, има голема популарност. Во јавноста стана позната откако Милош Милошоски, таткото на поранешниот министер за надворешни работи и сегашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, ја купи заедно со дворното место за околу 30-тина илјади евра. По реакциите во јавноста, Државниот инспекторат за локална самоуправа ја прекина постапката бидејќи не биле почитувани законите и работата стигна дури до Уставниот суд. Но, во ова село неколкуте жители не знаат многу за ваквите договори и продажби. Таму животот тече поспоро од било каде. По качување нагоре надолу по ридиштата на селото од речиси  еден час, конечно екипата на „Фокус” виде жив човек. Постар, изморен дедо кој дошол до куќата на два дена, за да го провери овоштарникот и дворот. Прашавме како е да се живее во Ижиште и дали има по некој турист, авантурист, заинтересиран за селски туризам.

Но, се лаже. Зградата не е под концесија, туку е продадена.

ЖИВО ЏАБЕ – УЧИЛИШТЕ ЗА 4 ИЛЈАДИ ЕВРА!

Поранешното основно училиште се наоѓа на почетокот од селото Ижиште, на една височинка, педесетина метра пред бензинската во селото. Руинираната зграда не вреди многу, но земјиштето околу неа е атрактивно бидејќи е покрај самиот автопат. Некој со малку фантазија овде би можел да заклучи дека местото е идеално за развој на бизнис од хотелиерството или спа ресорт, со оглед на планинскиот воздух и близината на селскиот извор кој се наоѓа на само 200 метри од него, или, пак, на некој друг бизнис од областа на угостителството. Купувач на училишната зграда е познатиот кичевски бизнисмен Милош Милошоски, истиот купувач и на контроверзната општинската зграда на општина Пласница. Според договорот за продажба склучен во октомври 2009 година до кој ексклузивно дојде „Фокус”, општината Македонски Брод претставувана од градоначалникот на општината Милосим Војнески му ја продала зградата на Милош Милошоски од Кичево. Зградата на училиштето има површина од 219 метри квадратни и по претходно донесена одлука од Советот на општина Македонски брод и по два пати објавен јавен оглас за продажба, таткото на пратеникот од владејачката партија ја купил за четири илјади евра.

„Продавачот е сопственик на недвижност на зграда основно училиште во с.Ижиште општина Македонски Брод, која е заведена во имотен лист бр.389 КПР.бр.749 со површина од 219 метри квадратни и не е активно по претходно донесена одлука од Советот на општина Македонски Брод и по два пати објавен јавен оглас за продажба, на кое наддавање најповолна сума понуди купувачот Милошоски Милош од Кичево”, се наведува во договорот.

Понатаму, со анекс договор составен на 4 јануари 2012 во просториите на општината Македонски Брод, без претходно објавен тендер, Војнески на Милошоски му го продава и дворното место на училиштето по цена од 100 денари за еден метар квадратен, односно за 747 метри квадратни тој плаќа само 74.700 денари или околу 1.200 евра. „Продавачот е сопственик на недвижен имот односно дворно место на училишната зграда во с. Ижиште општина Македонски Брод, која по претходно легално спроведена постапка училишната зграда е продадена на купувачот со договорот бр.05-996/3 од 16.10.2009 година. Советот на општина Македонски Брод донесе одлука за продажба на дворните места на училишните згради кои се неактивни кои се во сопственост на општина Македонски Брод бр.07-322/17 од 31.03.2010 година по утврдена цена од 100,00 денари за еден метар квадратен”, пишува во анексот до кој дојде „Фокус”.

Веднаш по уплатата на парите, според овој договор, купувачот Милошоски се стекнува со право на сопственост на дворното место кое припаѓа на училишната зграда во ова село. Дека продажбата се случила ни потврди и пратеникот Ердоган Сарач од Движењето за национално единство на Турците, кој на неколку наврати во парламентот реагираше за продажбата на општинската зграда во Пласница. Вели дека иако Министерството за локална самоуправа формирало комисија и донело одлука да биде стопирана постапката за Пласница, останатите работи поминале онака како што сакал градоначалникот на општината.

БЕЗ ТЕНДЕР, САМО СО АНЕКС!

– Не знам зошто јавниот обвинител не покренал никаква постапка по овие предмети. Ние сметаме дека мора Македонија да биде правна држава и го повикуваме јавниот обвинител да реагира за случајот со училиштето кое е купено за четири илјади евра, а земјиштето за само 100 денари од квадрат – вели Сарач за „Фокус”.

Според него, постои можност имотот да е препродаден на друго лице од Кичево!

Слична реакција има и градоначалникот на општина Пласница, Исмаил Јахоски. На прашањето, како е можно државно земјиште да се распродава по вака ексклузивно ниски цени од 100 денари за метар квадратен, тој вели – „сѐ е можно”.

– Кога тие се дрзнаа да ја земат општинската зграда, истите луѓе сега го земаат училиштето и сѐ е можно, тоа е истата приказна како со општинската зграда Пласница. Татко му на Антонио Милошоски ја купи земјата – објаснува Јахоски.

„Продавачот”, пак, на евтиното државно земјиште, градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, има друг став. На враќање од Ижиште го посетивме во неговата канцеларија и го прашавме која е логиката и ќарот на општината да продава државно земјиште за 100 денари квадрат?

– Не е државно, општинско е земјиштето. Општинско е друго, државно е друго. Советот на општина Македонски Брод донесе одлука дворните места на продадени училишта, напуштените, како зградата на општината, тој што ќе ја купи зградата, да ги купи и дворните места за 100 денари. Може дворното место да го купи тој што го купил објектот. За зградата имаше тендер, за сите дворни места беше без тендер – посочи Војнески.

На прашањето, дали смее да продава земјиште без јавен тендер, тој одговори:

– Советот донесе одлука без тендер да се продава, зашто не може друг да го купи земјиштето, може да го купи само тој што го купил објектот, не може објектот да го купи еден, а дворното место да го купи друг. Тоа е една привилегија за купувачите што го купиле објектот.

Градоначалникот на општина Пласница, Исмаил Јахоски, не се согласува со коментарите на градоначалникот на Македонски Брод, Војнески. За тоа дека општината смее да го продава земјиштето зашто е општинско, а не државно, вели дека ниедно земјиште не е општинско. – Ниту Владата, ниту кој било друг има право така да го распродава без тендер јавното земјиште. Зошто државниот обвинител не реагира, само тој знае. Прво се продава објектот, а потоа со анекс земјиштето. Зошто со анекс? Зошто немаше тендер, па можеби некој ќе понудеше и сто илјади, а не сто денари за него? И, како може договорот да биде солемизиран на нотар во 2012 година, а договорот да е склучен во 2009 година, тоа ми е апсолутно несфатливо – вели Јахоски, кој додава дека општината испратила и допис до Министерството за внатрешни работи, зградата на училиштето да се употреби за полициска станица, но тоа со оглед на околностите најверојатно нема да се реализира.

КУПЕНО ЛИ Е ДРУГО УЧИЛИШТЕ?!

Според стенографските белешки од 22 седница на Собранието, одржана на 26 јануари годинава, пратеникот Ердоган Сарач поставил пратеничко прашање до премиерот Никола Груевски, каде прашува – како му било дозволено на Милош Милошоски да купи општински згради и училиште?

„Градоначалникот Милосим Војнески, врз основа на одлуката на Советот на општината, објавува оглас за продажба на недвижен имот во сопственост на општина Македонски Брод, и тоа основно училиште во село Горно Крушје, општинска зграда на Пласница, општина Пласница. На огласот соопштува дека продажбата ќе се изврши на ден 23.12.2011 година во зградата на општина Македонски Брод. Тоа значи дека вие имате сознанија дека такво дејство ќе се случи, бидејќи дописот на општината е од 13.12.2011 година. Според изјавата на градоначалникот Војнески, на усното наддавање се јавува еден купувач по име Милошоски Милош од Кичево, инаку нам познат како татко на поранешниот министер за надворешни работи и сегашен актуелен пратеник, господинот Антонио Милошоски, кој по цена од 29.200 евра ја купува општинската зграда на Пласница, а веднаш потоа се прави анекс на договор на 4 јануари 2012 година, каде што го купува и дворното место од 3.920 квадратни метри по цена 100 денари по квадратен метар – елаборираше Сарач.

Тој од собраниската говорница се обрати: „Почитуван премиер, сметам дека во оваа купопродажба има судир на интереси, што е забрането со закон. Корупција, непотизам и секако сомнеж за бесправно богатење. Мене, како претставник на Турците во овој парламент и пратеник од оваа изборна единица, навистина ме загрижува оваа купопродажба. Јавно ве прашувам, дали ќе дозволите, поради коруптивни дејствија на ваши најблиски соработници да ги жртвувате одличните меѓунационални односи меѓу Турците и Македонците од овој крај и дали некој ќе одговара за овој криминал – праша пратеникот, истакнувајќи  дека во огласот ја пишува и цената за училиштето – 5.700 евра.

На неговото прашање одговори повиканиот, премиерот Груевски.

– Тоа што можам да го кажам е да го потенцирам оној факт што и самиот го спомна дека, ако таму има некоја грешка, таа е направена во времето кога се делеле општините и кога се правел делбениот биланс. Мислам дека и тој самиот во неговото излагање кажа дека тогаш е направена грешката, со тоа што укажа дека потоа имало некакви писма испраќани кон Владата. Не негирам дали имало или не, бидејќи не знам – одговара премиерот.

Тој додаде дека Владата не може да поништи договор, бидејќи не е потписник на тој договор и не е страна во договорот.

– Ниту продаваме, ниту купуваме. Се работи за односи меѓу други лица. Единствено што можеме да направиме е да ја испитаме процедурата, дали е во ред, за што Владата расправаше и формираше одредена комисија што деновиве или во наредните недела-две треба да ја испита процедурата, дали сѐ било според законот, дали имало повреда на процедурата. Ние не сме тие кои можеме да поништиме или да кажеме дека е нешто добро, односно да не поништиме, затоа што ние не сме учесници како Влада во тој дел. Така што, господинот Сарач веројатно ќе биде информиран кога ќе заврши тоа истражување што го прави Владата од неколку државни институции, кои треба да ја проверат законската постапка што се случувала, дали била во ред – објасни  премиерот Груевски.

Градоначалникот на општина Пласница, Исмаил Јахоски, за „Фокус” вели дека Владата неодамна донела одлука за растурање на договорот, но истакна дека таа не е спроведена.

И покрај тоа што поминаа неколку месеци, Владата уште не превземала конкретни мерки за расчистување на случајот. Во меѓувреме, Милош Милошоски доби уште една поволна зделка, на сличен начин како што ја доби општинската зграда на Пласница, за која имаше бура од реакции во јавноста. Земјиштето во Македонски Брод се распродава со анекс договори и без тендер, за само 100 денари од квадрат, а надлежните засега замижуваат дека постои проблем!

КАКО НАСТАНА СКАНДАЛОТ „ПЛАСНИЦА”?

Зградата на општината Пласница стана позната во јавноста откако медиумите објавија дека таткото на екс-министерот Антонио Милошоски ја купил сосе дворното место од речиси четири илјади метри квадратни, за триесетина илјади евра, поради што најверојатно општината ќе остане без простории. Градоначалникот на општината Пласница, Исмаил Јахоски, јавно обвинуваше дека зделката е направена тајно и нелегално во продажба договорена меѓу градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески и Милош Милошоски. Во медиумите реагираше и Милошоски, кој уверуваше дека општината нема да остане без простории, и понуди таа бесплатно да го користи објектот одреден временски период, доколку се договорат за тоа. Државниот инспекторат за локална самоуправа и општината Пласница  до Уставниот суд поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуката, бидејќи, според нив, одлуката била незаконита и спротивна на Уставот во поглед на законските овластувања при начинот на спроведување на постапката!

Милош МИЛОШОСКИ: ОБРАТЕТЕ СЕ ВО МАКЕДОНСКИ БРОД!

„Фокус” го контактираше и купувачот на училиштето и на дворното место во Ижиште, Милош Милошоски, за да го праша како успева да купи земјиште за толку ниски цени.

– Јавете се во општината Македонски Брод и таму сѐ ќе ви кажат, значи јас не можам ни да купувам, ни да продавам. Пријатно – кусо, по телефон, рече Милошоски.

Тој не ни одговори за тврдењата на пратеникот Ердоган Сарач од Движењето за национално единство на Турците, дека постои можност да го препродал имотот!

АРХИВА: Како нафтената компанија на градоначалникот на Пласница стана топ-10 „тендерџија“?

$
0
0

Текстот е објавен на 07.07.2016 во неделникот „Фокус“ бројот 1083

Пуцко Петрол“ е нафтена компанија во сопственост на семејството на градоначалникот на Пласница од редовите на ДУИ и претендент за уште еден мандат, Исмаил Јахоски. Оваа нафтена компанија се најде на листата со компании што добиле најголем број на тендери, независно од висината на склучените договори. Притоа, компанијата добивала тендери од општини управувани од ДУИ, која го кандидираше Јахоски за градоначалник на Пласница и на овие локални избори. 

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

На прв поглед, многумина мислат дека градежните компании доминираат во бизнисот, поради мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, кој отвори тезги за многу градежни фирми, чија оператива беше вклучена во изградбата на објектите. Според висината на договорите за градежна изведба можеби ваквиот впечаток е оправдан, бидејќи тука се вртат многу пари, кои се повеќе и повеќе се зголемуваат со анекси за непредвидени работи. Арно ама, врз основа на бројот на добиени тендери овие компании далеку заостануваат.

Анализата на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки откако е воведена обврската за транспарентно доделување на јавните пари, покажува дека меѓу првите десет компании што добиле тендери во изминативе години нема ниту една градежна фирма, туку убедливо преовладуваат фармацевтските компании. Дури 8 компании меѓу првите десет и припаѓаат на оваа исклучиво плодна гранка, што се објаснува со фактот дека најголемите буџетски потрошувачи се клиниките и болниците, кои имаат потреба од лекови, медицинска опрема, материјали за работа.

Но, останатите две места им припаѓаат на компании кои се занимаваат со трговија со нафта и нафтени деривати, што повторно е сосема логично од проста причина што јавните институции и установи имаат потреба и од ваквите енергенси, без разлика дали станува збор за греење во зимскиот период, за службените возила што ги користат, или, пак, за нешто трето. Очекувано, една од нив е најстарата нафтена компанија во земјава – „Макпетрол“, која денес е цел на преземање од сомнителна офшор фирма.

Очигледно е дека станува збор за обид за редефинирање на силите во нафтениот бизнис, односно свесно да се намали влијанието на најстарата нафтена компанија во овој сектор и да им се отстапи простор на конкурентните нафтени фирми, како и на помалите. А, некои од нив се во подем, ширејќи го присуството од година во година. Притоа, се поставува прашањето дали барем мал придонес за тоа имаат врските со одредени политички партии?

КОНФЛИКТ СО ВМРО-ДПМНЕ, СОРАБОТКА СО ДУИ

Инаку, другата нафтена компанија во топ-10, според бројот на склучени договори за јавни набавки, е многу интересна од аспект дека за релативно кус период прави подем на скалата на буџетски корисници. Станува збор за „Пуцко Петрол“, во сопственост на семејството на Исмаил Јахоски, долгогодишен градоначалник на Пласница. Тој извесен период беше мета на ВМРО-ДПМНЕ, поради што на удар се најде и неговата компанија, а во исклучително тешка положба се наоѓа и неговата општина поради игнорирање и опструкции од владата. Но, во меѓувреме се прешалта кон ДУИ, чиј кандидат за градоначалник беше на последните локални избори во 2013 година.

Поточно, тој влезе во конфликт со пратеникот на ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, откако неговиот татко Милош за 30.000 евра го купи објектот каде што беше сместена општината Пласница од соседната општина Македонски Брод, во чија сопственост беше недвижниот објект сосе земјиштето. Во тој период медиумите пишуваа дека оваа продажба подоцна била поништена, но на крајот испадна дека таа е целосно реализирана, па општината набрзо ќе се пресели во нов објект. Колку односите беа затегнати говори и тоа што Милошоски го актуелизираше ова прашање и во парламентот, па „интегративците“ застанаа во одбрана на Јахоски, предупредувајќи го пратеникот од ДПМНЕ да не го злоупотребува собранието за лични пресметки.

Всушност, тоа се случуваше во 2012 година, една година пред Регулаторната комисија за енергетика да му одземе дел од лиценцата на „Пуцко Петрол“ во делот за трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, со објаснување дека не поседувала доволно нафтени резерви за покривање на петдневен просечен обем на трговија. Арно ама, по поднесената жалба од страна на компанијата, Комисијата за решавање по жалби од областа на енергетиката ја укина одлуката за одземање на лиценцата само еден месец подоцна и побара ново разгледување на фактичката состојба. Потоа, државниот пазарен инспекторат утврдил дека количините на потребните деривати биле повеќе од предвидениот минимум.

Така, „Пуцко Петрол“ тогаш се спаси од канџите на регулаторот, кој формално треба да е независен, а фактички е под контрола на владејачката партија. Веќе во 2014 година компанијата се најде на удар на албанската опозициска ДПА, што по се изгледа беше во координација со партијата на Никола Груевски, која имаше интерес предизборно да го ослаби ДУИ, користејќи ја како инструмент партијата на Мендух Тачи. Во пресрет на двојните избори, ДПА упати обвинувања кон ДУИ дека негови функционери и доделувале милионски тендери на нафтената компанија на сопартиецот Јахоски, без почитување на процедурата.

ПРОБИВ НА ТЕНДЕР-ЛИСТАТА

Своевремено, споменатата нафтена фирма беше во сопственост на градоначалникот Јахоски, но тој истапил од сопствеништвото и моментално во Централниот регистар како единствен сопственик фигурира неговиот син Асмир Јахоски. Со 370.000 евра вкупен паричен и непаричен влог, компанијата е основана во Пласница во далечната 1999 година, но таа функционира од почетокот на деведесеттите како друг субјект. Во моментов располага со десетина подружници, односно складови на нафтени деривати и бензиски пумпи во Прилеп, Кавадарци, Кичево, но и во неколку населби во Скопје, како Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Сарај, а на сите како управител се јавува Божанка Грозданова.

Се до периодот 2012-2013 година, токму кога Јахоски е реизбран за градоначалник на Пласница како кандидат на ДУИ, оваа нафтена фирма нема добивано тендери. Ама, оттогаш почнуваат да се редат тендерите, па анализата на јавните набавки во рамките на проектот за отворени податоци спроведен од Фондацијата „Метаморфозис“ ја вбројува оваа компанија во групата на топ-10 тендерџии со освоени 175 тендери. Сепак, ова рангирање е според бројот на склучени договори за јавна набавка, а не според висината на добиените јавни средства, кои, доколку се соберат склучените договори, изнесуваат над 19 милиони евра.

Како што покажуваат финансиските извештаи на „Пуцко Петрол“ за последните две заокружени години, компанијата работи профитабилно. Ако профитот во 2014 година изнесувал 1,7 милиони евра, во 2015 година паднал на 1,3 милиони евра. Меѓутоа, и бројот на вработени пораснал од 98 на 138, што значи дека се зголемува обемот на работата. Во таа насока, и приходите пораснале од нецели 28 милиони евра на над 30 милиони евра, но исто така растат и трошоците, па има мал пад кај добивката.

Бездруго, во рамките на приходите на компаниите во значителна мера учествуваат и јавните набавки, кои продолжуваат и во актуелната 2016 година.

Бирото за јавни набавки објавило дека „Пуцко Петрол“тековната година склучил 20 договори за набавка на нафта и нафтени дервивати со низа институции и јавни установи, при што компанијата вкупно инкасирала 5,5 милиони евра. Отприлика тоа е една четвртина од вкупно добиените јавни пари на нафтената компанија во изминативе години.

ДИСКВАЛИФИКУВАНА КОНКУРЕНЦИЈА

Може да се сретнат низа општини, како и јавни претпријатија и установи во рамките на овие локални самоуправи управувани од кадри на ДУИ кои склучувале договори за снабдување со нафта со компанијата на нивниот сопартиец. Меѓу нив се Гостивар на Невзат Бејта, Тетово на Теута Арифи, Кичево на Фатмир Дехари, Чаир на Изет Меџити, Сарај на Беким Мурати итн. Тука има и министерства и други органи од извршната власт раководени од „интегративците“, пред се Министерството за одбрана, кое, во време кога го раководел Фатмир Бесими, склучило договор за снабдување со мазут вреден речиси еден милион евра.

Истовремено, треба да се напомене дека компанијата почнала да соработува и со општини предводени од градоначалници од други партии, како Кочани, Пробиштип, Македонски Брод, Струга, Студеничани. Впрочем, најголемите тендери „Пуцко Петрол“ не ги добил, условно кажано, од своите, туку од туѓите, па така, најголема сума во касата на оваа компанија се одлеала од АД „ЕЛЕМ“ за набавка на деривати за сопствените бензиски пумпи, која склучила договор од 1,6 милиони евра, додека со Министерството за внатрешни работи склучила договор за набавка на гориво од 1,3 милиони евра.

Увидот во јавните набавки за нафта и нафтени деривати, на кои учествувал и победил „Пуцко Петрол“, наведува кон заклучокот дека буквално за сите тендери на набавка на нафта критериумот за избор на најповолен понудувач е најниската цена. Не така ретко оваа компанија победувала на тендерите без конкуренција, како единствен понудувач, а во најголем број од случаите имало пријавено само двајца понудувачи. Она што е заеднички именител при многу тендери за набавка на нафта е фактот што компанијата победила во конкуренција на уште една компанија, нудејќи најниска цена, ама минимално беззначајно пониска од онаа на конкурентот. Ваквата разлика во тендер за масло за горење тежок 2 милиони евра изнесува нецели 500 денари?!

Исто така, се сретнува појава едниот конкурент да се дисквалификува при евалуцијата на понудите за ситен административен пропуст, па останал само еден учесник. Таков е случајот со набавката на енергенси за грејната сезона 2014/2015 склучен помеѓу Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и „Пуцко Петрол“, откако претходно бил елиминиран конкурентот „Супертрејд“, бидејќи не ги пополнил сите полиња од пријавата. Така останал само еден понудувач, кој склучил договор на проценета вредност на набавката од речиси 60.000 евра.

ШИРЕЊЕ НА БИЗНИСОТ

Речиси истовремено кога почна да освојува тендери, Јахоски го прошири присуството и влијанието во нафтениот бизнис со влезот во рафинеријата „ОКТА“, купувајќи го на почетокот на 2013 година токму удделот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој долги години директорува ДУИ. Се работи за 90.000 акции кои компанијата на Јахоски ги откупи за 625.000 евра, што ја прави оваа фирма втор по големина акционер во рафинеријата. Прв е „Хеленик Петролеум“, кој по спорната продажба на рафинеријата во времето на владата на Љубчо Георгиевски, кога Груевски беше министер за трговија, поседува 82 отсто од акциите.

И рафинеријата „ОКТА“, која учествува и во малопродажниот пазар со 27 бензиски станици, е чест добавувач на нафта на државните органи, при што најмногу буџетски средства на нејзина сметка се одлеале од Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати. Така, само од 2013 до 2016 година ОКТА потпишала 9 договори со Дирекцијата во вкупна вредност од над 30 милиони евра. Ова секако влијаело компанијата да излезе од негативата и во 2015 година да направи чиста добивка од 1,3 милиони евра во 2015 година, која во соодветен дел завршила и во „Пуцко Петрол“.

Во секој случај, приматот во нафтениот пазар го држи „Макпетрол“, која поседува 124 бензиски станици од вкупно 280 пумпи во земјава, покрива 60 отсто од пазарот со нафта и 35 отсто од пазарот со гас. „Макпетрол“ се наоѓа и на врвот на нафтени компании според бројот на добиени тендери, кој, според обработените податоци, изнесува 258, или за 83 повеќе во споредба со „Пуцко Петрол“. Меѓутоа, најстарата нафтена компанија се соочува со обид за преземање, што, со оглед на влијанието на компанијата во нафтениот пазар, значи и можно преструктирање на овој бизнис.

Откако неговите челници неодамна се соочија со обвиненија за криминал бидејќи, според Јавното обвинителство, незаконски пренесувале дел од добивката во фирмата-ќерка „Оилко“, сега на дело се спроведува обид за освојување на доминантниот управувачки пакет во ова акционерско друштво од страна на сомнителна офшор компанија, чии намери не се транспарентни, ама дефинитивно се сериозни, ако се знае дека ги обезбеди потребните милиони за откуп на акциите.

ПРЕСТРУКТИРИАЊЕ НА ПАЗАРОТ

Како што е познато, „Балкан Петролеум“, основана пред еден месец во Лондон, има намера да ги откупи акциите на акционерите на „Макпетрол“ по цена која е за 30 отсто повисока од постигнатата цена на акциите на берзата. Оваа компанија, поврзана со контроверзниот Израелец со украинско потекло, бизнисменот Ури Бидер, кој учествувал во пропаста на рафинерија во Романија, ја обезбеди и банкарската гаранција од 47 милиони евра, па најавува дека следен чекор е финиширање на останатите документи за да може да ги откупи акциите на потенцијално заинтересираните акционери.

Најголем акционер во „Макпетрол“ е токму „Оилко“ со контрола на над 20 отсто од акциите, но останатите им припаѓаат на многу други акционери, кои може да одлучат да ги продадат акциите и со таа одлука да ја променат сопственичката структура во компанијата. Дури и да сакаат да ги продадат акциите, сметките може да ги замрси контрапонуда на менаџментот на компанијата, со која би го спречила непријателското преземање.

Во исчекување на развојот на настаните, се плетат разни приказни која е заднината за преземањето на „Макпетрол“, а со тоа и можна промена на силите во нафтениот свет. Една од нив е дека од оваа операција најголема корист треба да имаат конкурентските нафтени компании, како што е на пример руската „Лукоил“, која влезе на македонскиот пазар непосредно пред „Макпетрол“ во 2007 година да ја формира спорната „Оилко“. „Лукоил“ порано најавуваше подготвеност да го откупи мнозинскиот пакет на акциите во „Макпетрол“, но на крајот од тоа ништо не бидна.

Во секој случај, корист од евентуалното неутрализирање и претопување на најстарата нафтена компанија би имале и, условно кажано, помалите нафтени фирми, кои ги го гледаат својот интерес за продор на пазарот. Несомнено дека една од нив е и „Пуцко Петрол“, која од година во година се повеќе ја ширеше мрежата на бензиски пумпи, влезе и во рафинеријата „ОКТА“, а стана и една од десетте компании која склучила најмногу зделки со јавните институции.


Исмаил Јахоски, градоначалник на Пласница
ДАЛЕКУ СМЕ ОД ПРВИ „ТЕНДЕРЏИИ“, НАСТАПУВАМЕ СО МИНИНАЛНА ДОБИВКА

Градоначалникот на Пласница Исмаил Јахоски вели дека „Пуцко Петрол“ не е меѓу првите компании, во конкуренција со другите нафтени фирми, кои добиваат тендери, особено според сумите што ги добиле за јавни набавки.

Има многу јавни набавки кои ги добиваме на ниски суми. Ние работиме со минимална добивка и затоа можеби добиваме тендери, бидејќи настапуваме со најповолна цена. Плус, големите нафтени компании не ни можат да ги задоволат вкупните потреби за нафта, па има простор и за помалите. Ние сме прва приватна нафтена комапнија, со 200 вработени, со бензиски пумпи низ цело Скопје, со модерни транспортери и складови. Ако ние продаваме 30.000 литри нафта годишно, има помали нафтени компании со само една бензиска станица кои продаваат и по 100.000 литри, но никому ништо – вели Јахоски.

Тој додава дека ретко на кој тендер настапил како единствен понудувач, туку најчесто имало конкуренција, иако самиот признава дека се дисквалификувале учесници.

Имало ситуации да се дисквалификуваат учесниците, но и да им се дозволи да учество на компании кои немаат соодветни лиценци. Нам еден период неосновано ни беше одземена лиценцата, што само говори дали и колку имам поддршка од власта. Напротив, јас сум имал проблеми и со компанијата, но и со општината која се соочува со блокирана сметка. Јас сум бил избиран со поддршка на повеќе партии, но никогаш не сум бил член и функционер на ниту една партија. Така е и денес! – истакнува Јахоски.


Јавно обвинителство
НЕМА НИКАКВА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ „ПУЦКО ПЕТРОЛ“

ДПА најавуваше дека до Јавното обвинителство ќе поднесе кривична пријава за сомнителни тендери на институциите раководени од ДУИ, пред се Министерството за одбрана со „Пуцко Петрол“. Но, на нашето прашање каков е епилогот во однос на оваа кривична пријава, од ЈО велат дека таква кривична пријава воопшто не пристигнала. Тоа значи дека обвинувањата повеќе биле во функција на предизборната кампања, отколку да се инсистира на правна разрешница. На крајот на краиштата, и единствената општина под контрола на ДПА – Студеничани, соработува со „Пуцко Петрол“.


Милосим Војнески, градоначалник на Македонски брод
ПРОДАЖБАТА НА ОБЈЕКОТ ВО ПЛАСНИЦА НА МИЛОШОСКИ Е ЗАВРШЕНА РАБОТА

Договорот за продажба на објектот каде е сместена Општина Пласница на Милош Милошоски, татко на пратеникот Антонијо Милошоски, за 30.000 евра е целосно реализиран, тврди градоначалникот на Македонски Брод избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Милосим Војнески.

Владата формираше комисија да го испита случајот, но немаше ништо спорно во продажбата, а тоа е потврдено и со правосилна судска пресуда – истакнува Војнески.

АРХИВА: Како беше лустриран кичевскиот судија Билески по налог на „моќникот“ од ВМРО-ДПМНЕ?

$
0
0

Текстот е објавен на 24.04.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1020

Специјалното јавно обвинителство вчера обелодени дека отвора истрага под кодно име „Моќник“ против неколку лица, меѓу кои и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски. Според СЈО, тој ја злоупотребил службената положба за незаконско присвојување на имот во Македонски Брод, каде била сместена и администрацијата на соседната општина Пласница на чело со градоначалникот Исмаил Јахоски. Поради тоа што Јахоски реагирал против продажбата на објектот, според СЈО, Милошски му праќал инспекции во неговата компанија Пуцко Петрол, но и нарачал лустрација на кичевскиот судија Драги Билески, сметајќи дека тој го штити градоначалникот на Пласница. Своевремено, Фокус пишуваше за контроверзите и пропустите околу оваа лустрација, која се базира на документ од кои впрочем се откажал и самиот автор.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една од низата „бомби“ што ги активираше опозицијата, целосно го урниса и онака нарушениот кредибилитет на процесот на лустрација, кој се употребува за пресметка со политичките неистомисленици и противници, наместо за прочистување на кодошкото минато, особено преку елиминација на луѓето кои до денес држат високи јавни функции, главно заработени со соработка со службите. Во таа насока, се редеа низа спорни лустрации на луѓе од различни сфери од општествениот живот, кои никогаш ниту прифатиле да бидат соработници на тајните служби, без оглед дали тоа било за паричен надоместок или за напредок во кариерата. Но, сепак, не спасија жива глава од лустрацискиот сатар.

Објавувањето на прислушуваните разговори меѓу високи функционери на власта покажаа дека, според лидерот на СДСМ Зоран Заев, ексминистерот за надворешни работи и актуелен пратеник Антонијо Милошоски му предочува на првиот лустратор Томе Аџиев да посвети внимание на барањето за лустрација на кичевскиот судија Драги Билески, иако лустраторите постојано ламентираат дека се независни и работат исклучиво врз основа на закон, а Аџиев знаел и да пламне кога ќе го обвинеле дека спроведува наредби „од горе“. Како што веќе пишуваше „Фокус“, не е докрај јасна причината за оваа лустрација, бидејќи кичевскиот судија не донел ниту една негативна пресуда против Милошоски и неговото семејство, кое имало имотно-правни спорови, но и бизнис-интереси во кичевското здружение на возачи. Аџиев, пак, е дел од битолското здружение на возачи.

Оттука, може само да се нагаѓа дали причините за лустрација на Билески се одмазда, политичка пресметка, педагошка лекција за другите. Неговиот син, кој работи како адвокат во Скопје, бил застапник на избрканите луѓе од кичевското здружение на возачи, кои повеле спор токму против таткото на Милошоски како секретар, Милош Милошоски, меѓутоа тоа била одамна и ниту семејството не верува дека тоа е причината за лустрација. Во прилог на другите тези оди тоа што веќе лустрираниот и пензиониран судија, сепак, важел за човек со авторитет, врз кој не можело лесно да се влијае, плус бил поблизок до левицата. На крајот на краиштата, неговиот случај може да биде пример за другите судии како може да завршат доколку не слушаат.

Настрана сето тоа, неговата лустрација изобилува со многу пропусти, кои покажуваат дека постоел силен порив да се лустрира судија од втор обид, само половина година пред пензионирање. А, тоа, пак, ги разголува сите слабости на овој процес воден од комисијата, претворена во маша против „непријателите“. Од друга страна, пак, сѐ погласни се шпекулациите дека за многумина јавни функционери во сите сфери на власта, и Македонци и Албанци, има соработнички досиеја, но тие се чуваат во фиока, со што така се обезбедува нивната верност и послушност.

ДАВАЛ ИНФОРМАЦИИ ЗА НАЦИОНАЛИСТИЧКА ГРУПА

Што се однесува до лустрацијата на Билески, во решението на лустраторите стои дека тој им давал информации на службите и им укажувал одредени сознанија на одредени лица кои биле интересни за Службата за државна безбедност, а кои претходно биле земени во оперативна обработка. Популарно наречената Лустрациска комисија го носи ова решение врз основа на неколку документи. Едниот од нив, впрочем, е службена белешка за извесен Живко Туфекџиоски, кој, според објавениот разговор меѓу Милошоски и Аџиев, ја покренал иницијативата за лустрација на Билески, кога всушност тој е лустриран.

Имено, ова досие е формирано во далечната 1968 година поради дејствување на Туфекџиоски на линија на македонски национализам и шовинизам. Според досието, тој бил опфатен во младонационалистичка група, чија цел била да се бори за обединување на трите дела на Македонија и формирање самостојна држава надвор од рамките на социјалистичка федеративна Југославија. Тој, меѓу другото, работел на регрутирање нови членови во групата и прибирање оружје, но и во самото досие се наведува дека никакви конкретни акции не биле преземени.

Дури во 1972 година се забележани повторни контакти меѓу членовите на групата од страна на службите. Во службена белешка изготвена од оперативниот работник Перо Крцоски во истата година, токму кога биле обновени контактите меѓу припадниците на групата, оперативниот работник пишува дека во два наврати се состанал со Билески, тогаш студент на скопскиот Правен факултет, кој во разговорите сам изразил желба да соработува со службите, односно да сподели сознанија за споменатата националистичка група, пред сѐ, за Туфекџиоски. Според Билески, како што пишува Крцоски, Туфекџиески бил занесен по политика и склон да критикува сѐ во општеството.

Друга службена белешка од 1975 година, пак, изработена од, исто така, Крцоски, открива дека изворот Билески од мајката на неговата сопруга разбрал оти едно лице му испратило на друго лице пари за поправка на црква во Кичевско, во која две години претходно била откриена икона – слика од бугарски владика. Според оваа документација, претходно Билески давал информации за Албанците од Кичево, но се правеле напори да се зближи и со македонските националисти. Во документацијата стои и оти овој извор се користи привремено, само додека престојувал на студии во Скопје.

ВО НЕДОСТИГ ОД ОРИГИНАЛИТЕ, СЕ ЦЕНЗУРИРААТ ФОТОКОПИИТЕ

Инаку, врз основа на овие белешки, Лустрациската комисија носи решение дека Билески соработувал со тајните служби од идеолошки причини и патем поради тоа напредувал во службата. Веднаш потоа, Комисијата бара од Републичкиот судски совет да му изрече привремена мерка за вршење на функцијата, што и се случува. Откако го загубил и спорот пред Управниот суд, каде што секое лустрирано лице може да ја оспори одлуката на лустраторите како повисока инстанца, тој се збогувал од работата, и тоа само 6 месеци пред да исполни услов за старосна пензија, што го покренува прашањето зошто толку на власта ѝ се брзало да го лустрира овој кичевски судија?

Да биде уште почудно и посомнително, лустраторите во 2012 година прво носат решение со кое ја верификуваат изјавата на Билески дека го исполнува дополнителниот услов за извршување јавна функција – не ги прекршил или ограничил правата и слободи на други лица преку соработка со службите. Арно ама, нешто подоцна истата година, лустраторите носат ново решение, врз основа на барање на трето лице (Туфекџиоски) за покренување постапка за утврдување факти. Пред да го стори тоа, Комисијата утврдила нови факти и докази, кои се наоѓаат во објавените документи.

Во обид да ја испере дамката дека бил соработник со службите, Билески официјално се обратил до Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, со прашање дали е регистриран како соработник во рамки на УБК-Скопје, како што се наведува во документацијата врз основа на која е лустриран. Од таму тој добива писмено известување дека воопшто не е евидентиран во документацијата на УБК и дека објавените документи од страна на лустраторите не потекнуваат од архивата на УБК.

Оттука, Билески од лустраторите ги побарал оригиналните документи врз основа на кои е лустриран, но добил само фотокопии, со образложение оти оригиналите се во Државниот архив, од каде што им ги доставиле на лустраторите на увид во времето кога ја носеле одлуката, по што биле вратени назад. Згора на сѐ, привлекува внимание фактот што на копијата што семејството Билески ја добило недостига своерачно напишаната забелешка во белешката објавена од лустраторите на нивниот сајт, веројатно од надредениот службеник што ја примил белешката од оперативецот. Единствената рачно напишана цензурирана забелешка гласи: „Голем наслов без содржина“, што укажува дека дури и да била навистина стокмена, содржината е празна и не соодветствува со силниот наслов.

ЕДНО ВЕЛИ СУДОТ, ДРУГО ОПЕРАТИВНИОТ РАБОТНИК

Поради сето тоа, Билески поднел тужба против решението на лустраторите до Управниот суд, бидејќи, навел тој во тужбата, фактичката состојба не била правилно утврдена и затоа бил изведен неправилен заклучок. Сепак, Управниот суд одлучил дека лустраторите правилно постапиле кога донеле решение по барање на трето лице за повторување на постапката поради тоа што се појавиле нови докази. Ист епилог добила и неговата жалба до Вишиот управен суд, и покрај тоа што, како што тврдат од семејството Билески, судот одлучувал врз основа на фотокопии кои може и да се фалсификувани, а не врз база на оригинални документи?!

Комисијата од увидот во документите утврдила дека тие упатуваат на соработка на тужителот со органите на државната безбедност при оперативно прибирање на информации што биле предмет на обработка, на начин што на органите им давал информации и укажувал на одредени сознанија за одредени лица кои биле интересни за СДБ, а кои биле земени во претходна оперативна обработка. Комисијата утврдила дека тој бил оперативна врска, таен соработник – информатор, за следење на активностите и коментарите на безбедносно интересни лица. Истиот свесно, тајно, организирано и континуирано преземал активности и соработувал со органите на државната безбедност“, наведува во образложението Управниот суд.

Ваквите наводи на судот, за кој од објавените прислушувани разговори меѓу властодршците, се целосно поклопени од страна на извршната власт, која инфилтрира партиски подобни судии, е во контрадикција со изјавата на оперативниот работник, кој фигурира како автор на полициските белешки врз основа на кои е лустриран Билески. Станува збор за веќе споменатиот Крцоски од Охрид, кој неодамна пред да почине ја дал следнава изјава заверена на нотар:

Службените белешки во кои како извор се јавува Драги Билески се без негово знаење и се темелат на мое лично видување од неврзан разговор кој не е воден по барање на изворот, а уште помалку во својство на таен соработник, информатор или доушник на службите. Не бил соработник ниту пак е регистриран од страна на службите, што е предуслов да има својство на таен соработник или информатор. Наводите од белешките не се веродостојни…“.

НОВ ЗАКОН ЗА НОВА ЛУСТРАЦИЈА

Оваа лустрација е извршена според новиот Закон за лустрација, поточно за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, донесен во 2012 година, кој целосно го замени законското решение од 2008 година, при што има неколку клучни новитети. Освен обврската лустрираните лица да бидат јавно објавени, или поинаку речено – изведени на ѕидот на срамот, другите се однесуваат на опсегот и на опфатот на лустрацијата.

Прво, лустрацијата беше определена да важи од 1994 година до донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2006 година, токму во годината кога ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски доаѓа на власт, што значи дека соработниците во овој речиси десетгодишен период се амнестирани. Второ, како извори на информации, освен државните органи –Управата за безбедност и контраразузнавање, Военото разузнавање, Агенцијата за разузнавање и Државниот архив, иницијативи за лустрација може да поднесуваат и трети лица, па дури е вметната и обврска сите физички и правни лица што поседуваат оригинални документи за лица што соработувале со службите, да ги достават до Комисијата.

Понатаму, исто толку битна промена што ја донесе новиот закон е самата дефиниција на соработничкиот однос, врз кој се врши лустрацијата. Доколку стариот закон предвидува потесна дефиниција, според која соработката со службите претставува „тајна, свесна, континуирана и организирана соработка и активност, заснована со писмен документ со органите на државната безбедност“, новиот закон пропишува поширока дефиниција, која овозможи лустрација на лица кои никогаш формално не ја завериле нивната соработка со службите, бидејќи на комисијата ѝ се дадоа овластувања да лустрира лице евидентирано во досиејата на органите за државна безбедност како „таен соработник, оперативна врска или таен информатор при оперативно прибирање известување и податоци што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државна безбедност…“.

На тој начин, се овозможија услови за лустрирање на поголем број луѓе, кои само се споменуваат со нечија полициска белешка, честопати без да бидат свесни дека некој нивен разговор ќе влезе во полициска евиденција, верно или зачинето со дополнителни детали согласно имагинацијата на авторите. Новиот закон прави основа да биде лустриран и Билески како информатор, кој не потпишал соработка, но спорни се тие нови докази што излегле, а претходно не биле земени предвид. Врв на сѐ би било доколку белешките се груб фалсификат, без разлика кој е нарачателот, а кој е спроведувачот на сценариото.

 

Драги Билески, лустриран судија
АЏИЕВ ТРЕБА ДА ДОБИЕ НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА ЛУСТРИРАЊЕ НЕВИНИ ЛУЃЕ!

ФОКУС: Како ја толкувате вашата лустрација на само 6 месеци пред пензионирање, и тоа во втор обид, откако го поминавте првиот филтер дека го исполнувате дополнителниот услов за да извршувате јавна функција?

БИЛЕСКИ: Ни мене не ми е јасно, бидејќи нема ниту основна причина јас да бидам лустриран. За жал, истиот претседател на лустрациската комисија, Томе Аџиев, се јавувал и во судски совет зошто не е постапено во првото решение на комисијата. Неговата одлука е закон, џабе жалба до судот, туку како Аџиев одлучил така, без оглед што тоа го направил врз основа на бела хартија. Овој човек треба да добие Нобелова награда за лустрација на невини луѓе.

ФОКУС: Кој е вашиот коментар кон содржината од објавените белешки врз основа на кои сте лустрирани, односно дали тие се веродостојни и автентични? Ги познавате ли луѓето што се споменуваат со нив, меѓу кои и Туфекџиоски?

Билески: Тие службени белешки не се мои, мој потпис нема, никој не ме прашал кога ги правел… Луѓето што се споменуваат во нив ниту ги знам, ниту ги познавам. Туфекџиоски ми е генерација, но со него во живот не сум седнал на муабет, ниту за време на гимназија, ниту потоа. За да давам информации за некој, јас со него морам претходно да разговарам. Ниту со еден од другите споменати луѓе од белешката не сум се дружел. Го познавав човекот кој наводно ја напишал белешката Крцоски, иако нема негов потпис на нив, но тој даде изјава заверена на нотар во која вели дека содржината на белешките нема врска со мене.

ФОКУС: Зошто мислите дека Комисијата го цензурирала овој дел од белешката при вашата проверка на документацијата и зошто сметате дека не ви биле дадени на увид оригиналните документи?

БИЛЕСКИ: За да скријат дека станува збор за обична игра, за исполнување нечија желба, а се знаеше кој е нарачателот. Оригинални документи едноставно не постојат, а фотокопиите најверојатно се фалсификат! Како може да сум информирал дека некојси печалбар што заминал во Америка пратил пари за црква, а не сум знаел колку пари пратил? Тој човек после сѐ информирал дека во последните 10 години не дошол во Македонија, па од каде ја нашле оваа службена белешка? Не ми е јасно како и Управниот суд пресуди врз основа на фотокопии, кога законот вели дека тоа мора да го прави врз основа на оригинални документи.

 

Дилемата остана
ВО УБК ГИ НЕМА, НО ДАЛИ АРХИВОТ ПОСТОЈАТ ОРИГИНАЛИТЕ ОД ДОСИЕТО НА БИЛЕСКИ?

Ако се знае дека Билески е лустриран од втор обид, по иницијатива на трето лице, откако, нели, се појавиле нови докази, се претпоставува дека иницијаторот ги доставил тие нови докази, бидејќи во спротивно она што дотогаш постоело како документација во државните органи за кичевскиот судија не било доволно за лустрација.

Се разбира, и ова треба да се земе со резерва бидејќи тој може да биде и лустриран врз старите документи, ама врз основа на новиот закон, кој дозволува лустрација и врз база на послаби факти.

За да нема дилеми, во Државниот архив прашавме дали оригиналните службени белешки за Билески постојат, како што тврдат лустраторите, како и кога е архивирано ова досие, но од таму не добивме одговор до затворањето на весникот.

Како што велат од семејството Билески, лустраторите воопшто не им ја дале писмено поднесената иницијатива од Туфекџиоски, а кога се обиделе да стапат во контакт со него, тој ги одбегнувал.


Игор Дурловски – терорист или уметник кој „само“ сакаше да спречи демократска промена на власта

$
0
0

Текстот е објавен на 1 декември, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1156

Зоран ДИМИТРОВСКИ

Му се чудам на очајот на Груевски, колку е беспомошен. Со апсењето на групата „тврдокорни“ за настаните од Крвавиот четврток, вели оти се „посипувала“ зла крв. Бре мајката! Сака да каже – немојте да не апсите и не не затворајте, зашто тоа ќе ви го правиме и ние кога пак ќе дојдеме на власт. За среќа, граѓаните знаат дека пастирот изминатава деценија арбитрерно апсеше и затвораше политички противници, иако тогаш, нели, кај него немаше „зла крв“, така што на сите им е јасно дека тоа повторно ќе го прави, ако некогаш му биде укажана шанса. Затоа, работата е токму во тоа – режим како неговиот, за него лично и да не зборуваме, никогаш повеќе да не се врати!

„ТВРДОКОРНИТЕ“ ЈА ОСТВАРИЈА ВОЛЈАТА НА ГРУЕВСКИ

Но, Груевски овојпат направи лексичка грешка, зашто зла крв може да се создаде или да се роди, но никако не може да се посипе. Всушност станува збор за фројдовски лапсус, зашто она што вообичаено се посипува – е пепел! Пастирот, значи, сакаше да каже дека веќе еднаш се посипал со пепел, но не е на одмет тоа уште еднаш да го направи, за да сфатат „тврдокорните“ дека тој не ги предал, злоупотребувајќи ги на 27 април, туку еве, се кае за она што тогаш го рекол за нив и стопати го одрекува.

Почувствувал тој задоцнета грижа на совест затоа што на Крвавиот четврток, веднаш по враќањето од Виена побара силеџиите во Собранието да бидат казнети. Но тоа, едноставно, не било во неговата природа. Зарем нарачателот на насилството да бара казна за силеџиите!? Неколку недели пред 27 април Груевски ги повика граѓаните да не седат дома по папучи, туку да излезат и да ја бранат унитарноста на државата. Претходно, по изборите на 11 декември лани, во Прогласот прочитан пред Државната изборна комисија рече оти ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи СДСМ да формира влада. А 27 април беше токму тоа, „тврдокорните“ се обидоа да ја остварат волјата на пастирот – да спречат влада на СДСМ.

Груевски сега сака да каже оти вечерта бил принуден да даде изјава за казнување на силеџиите во Собранието, небаре имал вперен пиштол в чело. Таква изјава тој не би дал по своја волја ни за жива глава. Еве, и Чавков е сведок, дека вечерта, додека си муабетеле по телефон од Виена, не станало збор за никакво повлекување и откажување од насилството… се додека, пусти Никола, не добил закана дека доколку на Македонија и се случи меѓуетнички судир, а тоа беше на работ да се случи, тој би можел да заврши на меѓународен суд, ако не ги повлече силеџиите и ако полицијата не ги спаси пратениците од линч.

„УМЕТНИЧКИ“ ТЕРОРИЗАМ

Па сепак, неколку месеци по Крвавиот четврток, откако доживеа фијаско на локалните избори и ги чу „советниците“ дека народот му свртел грб затоа што ги предал „тврдокорните“, пастирот рече – пу, пу, не важи. Се посипа со пепел и побара амнестија за нив, море се понуди него да го стават во апсана доживотно, само да ги ослободат „патриотите“.

Груевски не заслужува елементарно сочувство за злоделата што ни ги приреди, но мора да се признае оти беше тажно да се гледа во вторникот како народот го остави сам да мрзне пред Кривичниот суд, со дел од својата криминална тајфа и најблиските роднини на приведените. Да не си му во кожата. Мора да си помислил во тој миг, колку ли ќе има луѓе пред судот кога него ќе го апсат.

Навистина, последниве неколку недели, особено по драматичниот пораз на локалните избори, реториката на пастирот не само што е скарана со стандардите на политичкиот говор, тој одамна не е способен тоа да го прави, туку и со елементарната логика. Колку што се стега судскиот обрач околу неговите криминални злодела, толку ги засилува заканите.

„СДС“ ќе бил казнет за тоа што го правел, зашто тркалото се вртело. Ај, ај, ај! Кога немаш аргумент дека навистина станува збор за политички прогон, како што патетично ќе рече пастирот, на оние што мислат „македонски“, единствено што ти останува се клетвите и заканите. Како некаква баба нарикача е. Кукумјавка и клетварка. Во логиката тоа се нарекува логичка грешка – втерување страв, со кој пастирот очајнички се обидува да ја спречи правната држава.

Но за да уплашиш некого, треба да имаш моќ. Зашто не се плаши мечка со решето. Неговата немоќ, пак, е толку болна, што не е способен да мисли каков потсмев создава во јавноста. Особено кога и тој и Иванов тврдат дека граѓаните што си ја сакале и ја бранеле Македонија сега се нарекуваат и се гонат како терористи. Па зарем оперскиот пејач Игор Дурловски е терорист, или глумецот Владо Јовановски, патетично ќе извика пастирот.

Но работата не е во тоа дали Јовановски и Дурловски некој ќе ги нарече терористи, туку дали на 27 ноември активно учествувале во кривичното дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок. Во членот 313 од Кривичниот законик, се вели „Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.

Значи, не мора осомничените „угледни граѓани“ да земат калашњиков в рака, да ја кренат зградата на Владата или на Собранието со експлозив во воздух за да бидат осудени за ова кривично дело. Доволно е обвинителството, прво, да докаже дека имале намера да го загрозат уставниот поредок или безбедноста на државата и второ, активно да учествувале во организирање, поттикнување или спроведување акт на насилство за таа цел. Иванов и Груевски, пак, тврдат дека осомничените не само што не го загрозиле уставниот поредок, туку го штителе, бранејќи ја унитарна Македонија.

ДИРЕКТЕН ПРЕНОС НА ДРЖАВНИОТ УДАР

Но проблемот е во тоа што вечерта на 27 април не беше загрозена унитарна Македонија, за некој да ја брани, зашто никој во Собранието не го смени Уставот за да ја редефинира државата, туку беше директно загрозена најважната димензија на уставниот поредок – мирната и демократска смена на власта. Имено, според Уставот, Македонија е парламентарна демократија, во која власта се добива и се губи на избори, а парламентарното мнозинство по изборите вообичаено формира влада. Со директна блокада на работата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци го спречуваа парламентарното мнозинство да го конституира Собранието и да избере нов претседател, а потоа и да формира влада.

Кога пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците решија да ја надминат блокадата, остварувајќи ја волјата на мнозинството и избраа претседател во собраниската сала, толпа демонстранти, на кои група пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, сега осомничени, им ги отвори собраниските порти, откако „ги совладаа“ полицајците, влезе во зградата за да го поништи тој чин на избор, да ги казни пратениците на владеачкото мнозинство и да ја преземе власта. Што е тоа ако не е загрозување на уставниот поредок, обид за државен преврат, пуч!?

Односно, што мислеле Дамовски, Јовановски, Дурловски, Бетмен и компанија кога влегувале во Собранието? Дека ќе се напијат кафе во собраниското бифе? Или дека одат да го спречат СДСМ да формира влада! Илузијата дека на тој начин тие ја бранеле унитарна Македонија од фамозната Тиранска платформа, односно од федерализација и албанизација, не може да биде оправдување, зашто дури и да верувале дека го прават токму тоа, морале да бидат свесни оти спречуваат демократска промена на власта, загарантирана со Уставот.

Сепак, за да има елементи на споменатото кривично дело, треба да се докаже оти осомничените поттикнувале, организирале или учествувале во акт на насилство заради остварување на својата цел. Какви докази за тоа има обвинителството, ќе видиме допрва, иако за некои од осомничените има и ТВ снимки на кои го повикуваат народот да влезе во Собранието и да спречи „предавникот“ Заев да формира влада. Но, насилството го видовме сите на ТВ екраните во драматичната априлска вечер.

Видовме како пратениците се договараат по телефон а потоа ги отвораат портите за групата да влезе во Собранието, видовме како некои полицајци ги насочуваат и ги упатуваат силеџиите кон салата за прес конференции каде што беше Заев со пратениците. Забележавме оти меѓу демонстрантите имаше група со качулки, за кои подоцна се откри дека се припадници на подземјето, но и на безбедносните служби кои биле подготвени и организирани да спроведуваат насилство, видовме крвничко претепување на неколкумина пратеници, кои од линч и сигурна смрт ги спаси присебноста на нивното обезбедување…

Така што, кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок го виде цела Македонија на ТВ. За среќа, при изведувањето на превратот немаше човечки жртви. Случајот сакаше пратеникот Зијадин Села да остане жив. Од бруталното газење и ударите тој само ја изгубил свеста, иако неговите џелати како трофеј го влечкаа низ собраниската зграда мислејќи дека е мртов. А да загинеше, никој немаше да ги спречи веќе подготвените илјадници Албанци од скопските населби со оружје да дојдат пред Собранието и да почнат крвав меѓуетнички пир. Дали целта на организаторите на Крвавиот четврток била токму тоа – со убиство на Села, Заев и/или на Али Ахмети, кој тој ден одлучи да отсуствува од Собранието, да предизвикаат меѓуетнички крвав судир, по што единствениот излез ќе беше воведување вонредна состојба во која Груевски очајнички бараше некакво продолжување на сопственото владеење!?

ПАСТИРОТ ЌЕ ГИ НОСИ НА ДУША

Истрагата допрва треба да утврди какво било сценариото на организаторите на насилството од 27 април. Иако ќе бидат потребни многу докази и сведоштва да се откријат сите детали, неспорно е дека Македонија вечерта се соочи со обид за државен удар против демократски избраната власт, што е директно загрозување на уставниот поредок. Македонија се соочи и со обид за убиство на пратениците и лидерите на партиите од парламентарното мнозинство од страна на група силеџии организирана од челниците на ВМРО-ДПМНЕ, безбедносните служби и полициските и параполициските сили кои ги контролираше поранешната власт. Клучна улога во тој настан имаше МВР, односно специјалните единици под контрола на Митко Чавков, шеф на оперативниот штаб за обезбедување на Собранието, кој со намера или со несторување ги пропушти силеџиите во собраниската зграда.

Се сеќавам на јуни 2015 година кога Заев ја „пукна“ бомбата за убиството на Мартин Нешковски. Бевме пред Владата кога разгневената толпа гаѓаше со јајца, компири и камења кон Шампитата. Имаше неколку обиди толпата да го пробие полицискиот обрач пред Владата, но сите беа безуспешни. Без оглед на легитимитетот на борбата за вистината околу убиството на Мартин Нешковски, какво било влегување во зградата на Владата ќе претставуваше акт на насилство, за кој сторителите можеше дебело да одговараат. За среќа, полицијата реагираше жестоко, набргу стигна засилување и за кусо време со водени топови ја растера толпата. Но слична реакција на полицијата вечерта на 27 април изостана, барем додека Чавков не ги заврши „приватните работи во Центар“ и не доби наредба од пастирот дека ѓаволот ја однел шегата. И затоа сега мора да одговара како соучесник во обидот за државен преврат.

Во текот на „бомбите“ и подоцна, за време на Шарената револуција, Заев постојано им зборуваше на демонстрантите дека треба да се воздржат од насилство и дека не треба да помислат насила да влезат и да ги освојуваат легалните институции на власта.

Груевски, за разлика од него, не додржа. Кога веќе не можеше да спречи парламентарното мнозинство да избере претседател по легален пат, ги загна своите загари да организираат упад во Собранието. Покрај водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ и други авторитети на т.н. борба против Тиранската платформа, како Саво Климовски, Љубиша Георгиевски го повикуваа народот да упадне во Собранието и да ги казни „предавниците“.  Крвавиот четврток беше последниот чин од еднодецениската брутална диктатура на пастирот. Факт е дека тој изманипулира десетици уметници, глумци, режисери, писатели, интелектуалци и обични граѓани за да ја спаси сопствената кожа поради мега-криминалот на Фамилијата, но тоа никого не смее да амнестира.

Злата крв, значи, ја „посипа“ Груевски, но меѓу активистите на иницијативата „За заедничка Македонија“ кои ги нахрани со омраза и гнев против демократски избраното парламентарно мнозинство, за да го направат тоа што го направија на 27 април. Ако заглават во затвор, тој ќе ги носи на душа. Нивната утеха ќе биде што и пастирот нема да куртули.

АРХИВА Повеќе од 1.000 лекари во последните години ја напуштиле државата, ќе нема кој да ги лекува пациентите

$
0
0

Текстот е објавен на 10 октомври, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 992

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Со плата од 3.000 евра и неделни дежурства од 800 евра, лекарите во Словенија се меѓу најплатените на Балканот. За разлика од нив,  лекарите во Хрватска добиваат 1.100 евра месечно, додека „белите мантили“ во Романија, Србија и во Црна Гора заработуваат од 500 до 700 евра. Така барем покажуваат регионалните статистики.

Токму од тие причини, веќе неколку години тресе балканскиот синдром на миграција на лекарите, незадоволни од својот статус и од платите. Бројката станува алармантна. Повеќе од 650 лекари лани ја напуштиле  Србија, додека околу 300 лекари годишно од Хрватска заминуваат на работа во западноевропските земји.

Вакви се статистиките во соседните земји. Но, ништо поразлична не е ниту состојбата во Македонија. Со плати од 400 евра за општ лекар и околу 700 евра за лекар-специјалист веќе со години се гради здравствениот систем во државата. Токму затоа лекарската фела во земјава ја зафати треска за работа во странство, а миграцијата се сведува само на билет во еден правец.

Здравствените власти зад затворени врати, со години ја кројат судбината на лекарите, како со проектот плаќање по успешност, така и со најновата здравствена „реформа“, казни од 10 до 20 отсто од платата во наредните шест месеци. Според Никола Тодоров, секој според заслугата.

Тој на секој можен начин се труди да ја скрие реалната слика – колку лекари досега ги напуштиле македонските болници? Наместо да го загрижи алармантната бројка, министерот секојдневно излегува со нови идеи, како да ги пополни испразнетите лекарски столчиња.

Додека тој „креира“ здравствени реформи, лекарите масовно продолжуваат да го фаќаат првиот авион за Германија!

ТОДОРОВ ДА АНГАЖИРА ЛЕКАРИ И ОД АЛБАНИЈА И ОД БУГАРИЈА!

Пред повеќе од еден месец, Министерството за здравство објави оглас во српскиот весник „Политика“ за ангажирање лекари-специјалисти за македонските клиники и болници. Според огласот, лекарите треба да бидат ангажирани во болниците во Скопје, Охрид, Штип, Велес, Струмица… Во тој период, низ српските медиуми со денови се вртеше насловот „Македонија вработува наши лекари“.

Лекарите што ќе бидат ангажирани, потребно е да бидат специјалисти од која било специјалност во медицината, со најмалку 10-годишно работно искуство во својата област. Но, тоа не е сѐ. За нив ќе биде обезбедено сместување, ќе им биде исплатен соодветен надомест утврден со договорот на ресорното Министерство за текот на ангажманот, како и надомест за патни трошоци.

Лекарската фела на нож го дочека огласот за ангажирање српски лекари. Според нив, ова не е решение за натрупаните проблеми во здравството, ниските плати, партизацијата, лошите услови за работа… Тие тврдат дека треба да се најде трајно решение, за да се спречи масовниот одлив на лекари од земјава.

Ситуацијата во јавното здравство е страшна. Како лекарите да не бараат да си заминат, кога се соочени со постојани притисоци, закани и казни. Министерот постојано се заканува, а партизацијата го тресе здравството како никогаш досега. Партиската книшка е единствениот услов во денешно време да станеш лекар и нормално да останеш на работа. Не мора дури и факултет да учиш – тврди абдоменалниот хирург Милчо Пановски.

Тој додава дека со ваков начин на тортура и малтретирање на лекарите, уште многу од нив планираат да си ги спакуваат куферите и да си заминат.

– Кај нас има добри специјализанти, но тие ќе си одат затоа што никој не ги предложил од месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ, за да останат на работа. Морам да нагласам дека идејата со ангажирање српски специјалисти на министерот му е многу фина. Сега треба да почне да бара лекари и од Албанија и од Бугарија, за да имаме од сите говорни подрачја – српско говорно подрачје, албанско говорно подрачје и бугарско говорно подрачје – истакна професор Пановски.

Се обидовме да стапиме во контакт со српската Лекарска комора, од каде што побаравме одговори на неколку прашања – дали има заинтересирани лекари за работа во Македонија, колкави плати им се нудат и зошто земјава има потреба од српски лекари? До затворањето на весникот од таму не добивме одговор.

Но, пред неколку дена, одговор на едно од нашите прашања даде првиот човек во здравството. Тој се пофали дека дури 24 српски специјалисти се пријавиле на огласот на Министерството.

Сепак, мораме да нагласиме, дека ова не е првпат Тодоров да најави „увоз“ на странски лекари во државата. Пред две години, тој промовираше проект со кој во земјава требаше да пристигнат лекари од странство што ќе вршат обуки од различни области и ќе земаат идентична плата каква што добивале во својата матична земја.

Но, ова отвора болни прашања. Како здравствените власти имаат пари да ги плаќаат ангажираните лекари од странство, а немаат за лекарите во скопските клиники и болници? Зошто не најдат начин да ги стимулираат специјалистите и на тој начин да ги задржат најдобрите стручњаци во земјата?

Помпезно најавената здравствена реформа за кратко време пропадна. Единствениот лекар кој во тој период се одѕва на повикот, да ги обучува лекарите во битолската и во штипската клиничка болница е српскиот очен хирург Иван Стефановиќ, исто така директор на Очната клиника во Белград. Тој беше првиот и последен лекар од Србија што го ангажираше ресорното Министерство за обуки на лекари во болниците низ земјава.

Карактеристично за него е тоа што тој е очниот хирург кој пред три години го оперираше таткото на министерот Тодоров, Стојан. Според лекарите, по таа основа, падна и првата покана. Во лекарската фела се шпекулираше дека офталмологот добива голема сума пари за едукациите кои ги врши низ земјава, но од Министерството тогаш не сакаа да ја кажат точната сума.

СПАКУВАЈ КУФЕР ЗА ПЛАТА ОД 6.000 ЕВРА ВО ГЕРМАНИЈА

Додека првиот човек во здравството објавува огласи за ангажирање лекари во скопските клиники и болници, повеќето од македонските специјалисти со работно искуство повеќе од 20 години го фаќаат авионот за Германија, како една од најатрактивните дестинации за работа и доусовршување.

Според информациите, почетничка лекарска плата за 42 часа неделно во Германија е 4.000 илјади евра, без дежурства и прекувремени часови, а во највисоката платена група се лекарите што имаат над 12 години специјалистички стаж и добиваат околу 6.700 евра. Со дежурства, овој износ значително се зголемува, во зависност од платата на лекарите, па саботно дежурство таму е доста атрактивно, бидејќи за тоа се добиваат по 644 евра.

На таков чекор, да ја напушти својата родна земја и среќата да ја побара во Германија се одлучила 40-годишната К. Р. од Скопје, која веќе шест години живее и работи во германскиот град Минхен. Таа дипломирала во Македонија и само две години работела во јавното здравство. Нејзиното искуство, како што вели, е страшно. Платите тука се минимални, а казните се единствениот „мотив“ за работа.

Не дај боже да треба да бидеш лекар во македонска болница. Тоа е страшно и морничаво искуство. Работиш деноноќно, во катастрофални услови, со мали плати. И, на крајот, сфаќаш дека си учел за џабе – објаснува нашата соговорничка.

Таа во кратки црти ја објаснува живеачката во Германија. Вели дека живее во стан што ѝ го плаќа болницата каде што работи, а нејзината единствена должност било да научи германски јазик, бидејќи тоа е еден од основните услови за да почне со работа таму. Исто така, тврди дека е задоволна од платата што ја заработува и на крајот, само нагласува: „Никогаш повеќе нема да се вратам во Македонија, освен на гости“.

Дека германските болници ја отвораат вратата за лекарите што сакаат да продолжат да ја градат својата кариера таму и нормално, да заработат повеќе, покажуваат и податоците на германската Лекарска комора, која објавила отворен конкурс за нови 20.000 лекари од странство. Единствени критериуми за еден лекар да сака да се вработи во германска болница е да дипломирал на Медицински факултет, да го владее добро германскиот јазик и да учествува во тимска работа.

Доктор Лилјана Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека македонските лекари се едни од најквалитетните, но не се доволно финансиски мотивирани.

Докторскиот труд треба да се цени. Тука лекарите не се платени доволно. Затоа е потребно да се направат нови математики. Еден општ лекар треба да добива 40.000 денари месечно, а медицинскиот персонал околу 20.000, а не како сега. Платите се лоши, па затоа лекарите масовно си одат таму каде што ги плаќаат добро. Најмногу од македонските лекари заминаа во Германија – тврди доктор Чолакова – Дервишова.

Дека лекарите масовно го напуштаат родното огниште покажуваат и статистичките податоци на македонската Лекарска комора. За  последните три години, од таму потврда побарале 630 лекари, од кои само во првата половина на таков чекор се одлучиле 139 лекари, при што се очекува оваа година да го понесе рекордот на заминати специјалисти. За споредба, лани ваква потврда побарале 154 лекари, во 2012 година 138, а во 2011 на таков чекор се одлучиле 127 лекари, додека во 2010 година само 72 лекари.

Како по обичај, од Министерството за здравство ги игнорираат прашањата на „Фокус“. Неколку прашања испративме и на имејлот на шефот на кабинетот на министерот Ангел Митевски, но до затворањето на весникот тој не одговори.

ЛЕКАР ВО КАНАДА ИМА ПЛАТА ЗА ЕДЕН АВТОМОБИЛ

Државата не се грижи за лекарите, понижени се, деградирани и соочени со многубројни казни“. Со овие зборови, неколку лекари кои ја напуштиле Македонија пред повеќе од пет години го опишаа функционирањето на здравствениот систем. Сепак, тие не тргнале по патот на повеќето нивни колеги, кариера и поголема заработувачка да бараат во Германија, туку се одлучиле за дестинации преку океанот.

„Фокус“ стапи во контакт со некои од тие лекари, да ни објаснат каде живеат и работат, колкави плати земаат и дали некогаш би се одлучиле на чекорот да се вратат назад во родниот крај и да работат во македонските болници.

Еден од нив е д-р Владко Пеливанов, анестезиолог во градот Саскатон, Канада, каде што работи веќе седум години. Тој вели дека неговата плата е десетина пати повисока од платите на неговите колеги во Македонија.

Мене ми е битно колку заработувам, а не да се покажам како голем патриот. Условите за работа во болниците во Канада се неспоредливи. Платата не треба да се спомнува воопшто. Месечните примања на специјалистите се десетина пати повисоки на месечно ниво, од она што го нуди министерот. За илустрација, со една месечна плата, некои специјалисти можат да си купат средна класа автомобил – објаснува доктор Пеливанов.

Според него, едно е да бидеш патриот, ама друго е да си патриот со полн џеб и со среќно семејство. Тој го прашува министерот дали може да му го понуди тоа.

Секако дека не можете да ми го понудите, министре. Домот на човекот е таму каде што е среќен. Јас ова овде го сметам за свој дом и немам намера да се враќам – тврди доктор Пеливанов.

Дел од специјалистите велат дека тие што успеале да извлечат „жива глава“ од Македонија, тешко да се вратат назад. Една од нив е доктор Марија Марческа, анестезиолог во Торонто, Канада. Таа во кратки црти го објаснува убавиот и мирен живот таму, добрите услови за работа и високите плати.

Секој од нас „непатриотите“, како што милуваат да потенцираат сограѓаните, си има причини зошто ја напушта родната земја, роднините, пријателите, кариерата и се решава да почне да го гради својот живот од нула во друга земја. Овде одвај чекаш да се раздени, за да одиш на работното место, каде што се чувствуваш најпријатно. Кога имам проблематичен пациент, околу мене веднаш ќе се најдат уште најмалку пет анестезиолози спремни да помогнат – вели доктор Марческа.

Таа додава дека во Канада нејзините деца ќе можат да студираат на еден од најдобрите 20 универзитети, без за тоа да фаќаат врски, како што е случајот во нејзината родна земја.

Со две плати можеш да подигнеш кредит со ниска камата на 30 години, за да купиш куќа. Потоа, без вложен денар можеш да купиш автомобил на 72 месечни рати без камата. И не ти е грижа како се вика премиерот и неговото семејство, а вести слушаш само за да се информираш какво ќе биде времето утре. Се радуваш на викендите и планираш, каде, како и со кого ќе ги поминеш. Кога во мојата Македонија ќе се овозможат овие услови, тогаш сигурно веднаш се враќам назад – тврди доктор Марческа.

Најатрактивни дестинации во кои одат на печалба лекарите се Германија, Шведска, Дубаи, Кувајт и Канада. Таму платите се движат од 5.000 до 15.000 евра месечно.

Сѐ тече, сѐ се менува, само Никола Тодоров останува во министерската фотелја. За него не постои нерешлив проблем во здравството, како што не постоеше ниту во образованието. Во една пригода, видно изнервиран, министерот рече: „Ако лекарите си одат, нека си одат, на нивно место ќе вработиме други. Што сме ние виновни, ако вмровските кадри се најдобри“? Мислам дека оваа реченица на првиот човек во здравството доволно кажува. Сепак, ако продолжи ваквиот тренд на миграција на лекарите, единствено што ни останува е само да се молиме да не се разболиме!

Рамка:

ТОДОРОВ ПОЧНА СО КАЗНИТЕ ЗА „МОЈ ТЕРМИН“

Министерот Тодоров пред една недела наредил да се казнат 11 лекари на Ортопедската клиника со 10 отсто од платата во наредните шест месеци, затоа што доцнеле на „Мој термин“, неофицијално дознава „Фокус“. Освен тоа, тој на директорот му наредил да формира дисциплинска комисија, која ќе продолжи понатаму да се занимава со прашањето – дали тие лекари треба да добијат отказ?

Рамка:

Хелтгрупер

И СТУДЕНТИТЕ НА МЕДИЦИНА САКААТ ДА СЕ ИСЕЛАТ

Според резултатите од истражувањето на меѓународниот проект „Хелтгрупер“ спроведено меѓу студенти од прва година на Медицинскиот факултет во Скопје, дури 60,6 отсто од нив „сакаат да се отселат од Македонија“ по завршување на студиите, а 54,5 отсто би сакале да работат во приватното здравство.

Не е промашена поетската збирка, туку негативната кампања!

$
0
0

Текстот е објавен на 6 април, 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1174

Пишува: Стојан АНДОВ

Откако се подигна вревата околу збирката поезија од проектот „Млади поети“, ја зедов збирката и ја прочитав. Сакав да дознаам дали е втемелена оваа жестокост и барањата за санкции. Откако ја прочитав збирката се убедив дека промашувањето не е кај збирката, туку кај авторите на оваа кампања. За жал, на оваа кампања во социјалните мрежи на свој начин се придружи и „Плусинфо“, што го сметам за еден од најсериозните портали и затоа бев изненаден.

Вревата и не е околу збирката како целина туку околу две песни содржани во збирката. Едната песна под наслов „Моите соседи“ од Даниел Пиљаковски (вистинскиот автор бил Александар Блажевски), во целата оваа врева е означена и оценета како навредлива за Албанците во Македонија.

Ќе го наведам овде текстот на песната за читателот и сам да процени:

Агим е шофер, Бурим е шнајдер, Ветон е швајсер, Дардан е шверцер, Ѓерѓ е шмеќар, Крешник е шпедитер, Луан е штрајкбрехер, Љуљзим е шансониер, Музафер е шармер, Неџат е швалер, Халил е шминкер, Цфетко е шармер, Члирим е шинтер, Џафер е шумар, Шп`тим е шапкар

Опкружен со толку скиптари се чувствувам како цар!“

ЖЕСТОКА ОСУДА НА ПАРТИСКОТО ВРАБОТУВАЊЕ

Неколкупати ја читам песната и мој впечаток е дека таму нема ништо навредливо за Албанците во Македонија. Всушност, оваа песна на Пиљаковски (Блажевски) ми заличува на онаа „Шега“ на Кундера, кој поради неа навистина го обрал бостанот и многу пропатил по затворите. Но, овде кај нас, уверен сум дека не владее времето на Новотни што тогаш беше во Чехословачка, што било вистинската причина за страдањата на Кундера. Затоа мислам оти непотребна е големата возбуденост поради оваа песна и дека повиците за оставка на директорот немаат основа.

Другата инкриминирана песна од истиот автор носи наслов „Партиски вработена“:

„Велат дека пушела коор кај координаторот. Во канцеларија со знак за забрането пушење!

Велат дека му го диркала на директорот. Не е грда како Мирка, а знае добро да дирка!

Велат ги ставила градите на челото на градоначалникот. Наместо згради да гради, тој ги зграби нејзините гради.

Велат дека се плеткала со пратеникот во парламентот. Со толку платени пратеници кај нас имаме платеници!

Велат дека ја подигнала сукњата пред министерот. Тој немоќен и се извини оти неговиот орган е мини.

Велат дека го примила корнишонот на премиерот. Со коор тој ја нишанел и право „у срида“ погодил!

Велат дека дала се пред претседателот. Од она што го бива за прцање го викаат „прцадателот“.

Административната работничка со скромна платичка во денарска паричка ја доби со давање паричка!

Велат дека сите жени се коорви во паричката, но ти сирота грешнице си коорва и во душичката!“

Оние што го напаѓаат авторот на оваа песна и приоѓаат многу еднострано толкувајќи ја како вулгарно сексуален текст. Мислам дека содржината на песната е еднострано оценета. Овој текст фактички е жестока осуда на партиското вработување. Пошироко земено, оваа песна е во органска врска со некои основни начела застапени во поезијата во збирката. Ако внимателно се читаат песните може да се добие впечаток дека пред нас имаме демонстрација на љубовта кон татковината и кон својот народ, кон нивната историја, но, исто така, има и многу прецизна дијагноза на состојбите во нашето современо општество.

ПОЕЗИЈАТА НЕ Е ПОЛИТИКА

Тие состојби повеќе од поетесите и поетите во збирката ги оценуваат како лоши. „Човекот е тука, но човечноста ја изгубивме, ја нема веќе“ – велат тие. Тоа е многу строг но точен суд. Авторите на песните во збирката сметаат дека излез од таа ситуација може да се бара во борбата за љубов и слобода. Љубовта и слободата тие сметаат дека се заеднички клучни белези на човечноста. Ако се има во вид тој генерален став на поетесите и поетите, тогаш најопипливо, најфлагрантно и највоочливо отсуство на човечност е кај партиското вработување.

Прво, нечовечки е да се вработуваат луѓе и да се распоредуваат на работни места за кои не се стручни и не се оспособени. Со таа постапка сурово се казнуваат сите оние што се оспособени за тие работни места ама не се од партијата. На пазарот во Тафталиџе често среќавам едно момче, се вика Бесим. Тој ми вели честопати, дека завршил средно училиште за полицајци уште пред 5-6 години. Оттогаш се јавувал на сите конкурси и секогаш бил одбиен.

„Примаат бербери, лимари, тишлери, молери и што ти не… само да се од партијата. Јас не сакам ниту една партија бидејќи тие се клановски здруженија и таму не важат законите на земјата туку личната покорност и послушност пред надлежниот од партијата“. Ова што го кажува Бесим може да се слушне илјадапати или стотина илјади пати.

Односите на оние што се партиски вработени се такви што секој од нив мора да биде покорен пред, како што вели песната – координаторот, а потоа пред директорот, а потоа пред министерот, а потоа пред премиерот и претседателот. Убаво авторот ги набројал сите скалила каде партиски вработениот мора да ведне глава и да го занемари своето знаење и одговорноста пред законот. Во тоа е логиката на песната на Пиљаковски (Блажевски). И градите и корнишоните се само метафори, а метафора е и авторовото изедначување на партиското вработување со проституцијата.

Поезијата не е политика и стиховите во песната не се политички пароли. Во оваа смисла проституирањето е изнуда во општествениот однос кој владее кај нас. Се сеќавате ли на Достоевски и на неговиот извонреден роман „Злосторството и казната“. Откако Достоевски го опишува целиот гнилеж на нему современото општество во кое царуваат измамници, подмитливци, кодоши, арамии, облечени во фракови и така се возат во кочии, имаат и слуги и слугинки, а обичниот народ фактички одвај преживува.

Најздравата личност во тој роман, најстабилната, личноста со најизразена и цврста човечност е Соња Мармеладова. Таа во тогаш владеачкиот систем немала друг избор и животот го почнала како проститутка уште како дете. Но мајсторот Достоевски ги води работите кои покажуваат дека дотогашната проститутка е надмоќна личност над сите, и над оние што ја ценат и над оние што ја осудуваат и презираат.

НЕМА НИ ЉУБОВ НИ СЛОБОДА

Не сакам да го споредувам Пиљаковски (Блажевски) со Достоевски, меѓутоа важно е да се знае дека во неговиот текст стануваат проститутки и мажи и жени откако ќе прифатат партиско вработување. Не сексуални проститутки, туку проститутки на духот и карактерот. А понекогаш и вистински сексуални проститутки.

Песните на Пиљаковски (Блажевски) се јадровити, одат директно во јадрото. Во нив нема политизирање, нема политички пароли. Во времињата на крупни промени во општеството носителите на промените честопати ги повикувале поетите со својата дарба да им помогнат. Но поетот веќе не е поет ако стане слуга на политиката.

Во Руската социјалистичка револуција во 20-те години на минатиот век најпопуларен поет бил Демјан Бедниј. Неговите песни се одликувале со тоа што во своите стихови и пароли ја величал револуцијата и непосредно поединецот го врзувал за неа. За него истите работници што работеле во фабриката и пред револуцијата по револуцијата требало да бидат среќни поради тоа што доживуваат „социјалистички утра“, „социјалистички вечери“ итн. Но тие песни на Бедниј што погрдно биле наречени „Агитки“ брзо биле заборавени.

Вистинските поети во тоа време како Сергеј Есенин и Владимир Мајаковски имале друга судбина. Тие не биле така популарни како Демјан Бедниј, но на револуцијата поинаку гледале од него. Есенин никако не се вклопувал во барањата на револуцијата од него и од неговата поезија, длабокиот расцеп се гледа во неговата поема „Црниот човек“.

Слично било и со Мајаковски. Тој напишал една песна „Празаседавшисја“, која се однесувала на оние бројни бирократи кои присуствувале на безброј конференции, честопати, според зборовите на Мајаковски, истовремено и на две. Тоа, се разбира, не го дозволуваат физичките закони, ама во борбата против моќта на бирократијата Мајаковски се покажал како вешт и упорен борец употребувајќи го и наведеното тврдење. И двајцата големи поети, Есенин на 30 а Мајаковски на 32 години – се самоубиле!

Денес ние се уште живееме во тешки времиња чиј белег е беззаконието, криминалот, а честа и битна форма е и партиското вработување. Се сеќавате ли на оној кус разговор во бомбите меѓу премиерот Никола Груевски и тогашниот министер Миле Јанакиески, кога Груевски му вели: „Ти заврши ја оваа работа и нема ништо да потпишеш. Натаму пред законите нека му ја мислат Коце и Тони“.

Кога партијата е држава, т.е. државна власт, тогаш не може да се очекува постоење на „љубов и слобода“, како што бараат поетесите и поетите во оваа збирка, туку нема ни љубов, нема ни слобода. А директорот на Агенцијата за млади и спорт треба да го оставиме на мира и да му честитаме што придонел да се објави оваа збирка поезија од проектот „Млади поети“. Да им честитаме и на поетесите и на поетите за нивните убави творби.

АРХИВА: СЈО има 38.000 „бомби“ за петкратното убиство кај Смиљковско езеро

$
0
0

Текстот е објавен на 30 март 2018 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1173

Пишува: Валентина ВУРМО

Навршуваат шест години од велигденскиот масакр, односно од петкратното убиство што се случи кај Смиљковско езеро, а вистината за овој монструозен чин сѐ уште е длабоко закопана.

Семејствата на убиените момчиња Александар, Цветанчо, Филип и Кире, како и на рибарот Борче, сѐ уште носат црнина, а обвинетите што поминаа пет и пол години во притвор, од пред неколку месеци се на слобода. Од затвор излегоа откако Врховниот суд ги укина првостепената и второстепената пресуда за „Монструм“, и случајот го врати од почеток.

На 17 април, на обвинителна клупа повторно ќе седнат четворицата обвинети Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Фејзи Азири и Сами Љута, без Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство, но сега наместо судијата Ивица Стефановски, ќе им суди Огнен Ставрев и Осман Шабани, како втор судија.

Смена има и на обвинителското столче. Сега таму ќе седи обвинител од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), и тоа најверојатно обвинителката Фатиме Фетаи. Смената на обвинителите следува откако неодамна СЈО побара увид во предметот „Монструм“, по што донесе одлука да го преземе случајот, бидејќи постојат „бомби“, незаконски прислушувани разговори, поврзани и со ова убиство.

СЈО повеќе од две години водеше предистражна постапка за „Монструм“, но според нивната одлука случајот ќе го преземат во фазата до која е стигнат, односно нема да се враќа на самиот почеток, во истрага.

Се надевам дека за рочиштето во април ќе бидеме спремни за презентирање пред судот. Продолжува постапката во фазата во која се наоѓа предметот, изјави неодамна обвинителката Катица Јанева.

СЕ ОЧЕКУВААТ ИЗМЕНИ, НО НЕ И ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ОБВИНЕНИЕТО

Ова значи дека СЈО ќе оди со истото обвинение што беше поднесено уште на самиот старт од обвинителката Гордана Гешкоска, а на обвинителна клупа ќе седат истите обвинети.

Како што неофицијално дознава „Фокус“, измени на обвинителниот акт, сепак, се очекуваат, но некаде во фазата на завршните зборови. Дотогаш СЈО ќе треба да ги изведе доказите што ќе произлезат од прислушуваните разговори, а и оние кои веќе беа користени, поради што може да се очекува поместување од првичното обвинителско сценарио за петкратното убиство.

Не се исклучува ниту можноста дека за дел од обвинетите ќе се повлече обвинението, а на нивно место да се најдат нови обвинети, но и дека за дел ќе се зацементира уште повеќе.

Доколку, пак, СЈО уште на стартот го повлечеше обвинението и случајот се вратеше во фаза на истрага, тоа ќе значеше дека за тероризам немаше да може повторно да ги гони истите обвинети.

Од СЈО засега не сакаат да откријат детали, посочувајќи ни дека станува збор за крајно сензитивен случај, поради што треба да се почека да започне судењето, па како што најавуваат, се што имаат ќе презентираат во судница.

Она што сите го очекуваат од повторената постапка за овој случај е со сигурност да се утврди кои се убијците, кој го нарачал убиството и кој е мотивот, бидејќи досега ниту еден од овие елементи не беше целосно или воопшто разјаснет.

Сепак, како што неофицијално дознаваме, тоа што СЈО го презеде „Монструм“ нема драматично да ја смени сегашната ситуација, односно да ја разоткријат целосно мистеријата. Но, како што потенцира нашиот доброупатен извор, СЈО барем до половина ќе и се доближи до вистината.

За целата вистина се чини дека веќе е многу доцна, бидејќи СЈО има многу пречки на патот. Една од нив е временската дистанца од случувањето на крвавиот настан, бидејќи од тогаш поминаа цели шест години. Потоа, оневозможена е реконструкција на убиството, бидејќи местото каде што беше извршено, кај Смиљковско езеро, е значително изменето. Таму се изгради црква, се разора патот, поради што сликата е сосема поинаква.

Па така, и СЈО ќе располага со доказите кои на времето ги обезбедило Министерството за внатрешни работи, а во кои недостасуваше клучниот, односно оружјето со кое беше извршено убиството.

Она што СЈО го има во рака, според сознанијата на „Фокус“ се 38.000 телефонски разговори, од кои дел ги имаат како снимка, а за дел постојат само транскрипти, но сите се произлезени од незаконското масовно прислушување во УБК.

Што откриваат овие многубројни разговори поврзани со „Монструм“ засега е непознато, но како што веќе споменавме, постојат нови детали кои досега не ѝ биле познати на јавноста, но и на обвинителството и на судот, а за кои се очекува да разјаснат барем еден дел од крвавиот настан.

КАДЕ ИСЧЕЗНА ВОЗИЛОТО СО КОЕ СЕ ПРЕВЕЗУВАЛЕ УБИЈЦИТЕ?

Кога судијата Стефановски во 2014 година во Кривичниот суд им изрече доживотна пресуда на обвинетите, тој тврдеше дека вистината за овој крвав настан е разоткриена. Презентирајќи ја пресудата, опиша како убијците ја одбрале локацијата за убиството, како го организирале и кој бил нивниот мотив.

Па, така, според оваа верзија, договорот паднал убиството да се случи на 12 април 2012 година, на христијанскиот празник Велики Четврток, за да се предизвика страв кај македонското население. Како што се договориле, Алил Демири, заедно со браќата Исмаиловиќ, околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите во истиот момент упатени кон четирите момчиња. На само 50 метри случајно се затекнал и рибарот, кој бил усмртен со 5 куршуми, додека бегал кон автомобилот.

Умислата, пак, судијата ја докажуваше со фактот што полицијата кај еден од обвинетите, Демири, во неговиот компјутер, нашла инкриминирачки фотографии на Смиљковско езеро и на обиколницата. Тука се надоврзува и сведочењето на заштитениот сведок Е-1, кој изјавил дека неколку дена пред да биде извршено убиството, во повеќе наврати кај езерото ги видел обвинетите Љута, Азири и Исмаиловиќ, и тоа наутро околу 6 часот и попладне околу 18 часот, кога најверојатно ја прегледувале локацијата.

За време на судењето сведочеа над 70 сведоци, но меѓу клучните беа четворица рибари од ромска националност, кои изјавија дека покрај езерото, во тоа време, виделе неколку лица, од кои еден вооружен, кој откако ги прашал како се викаат, ги избркал.

Освен овие лица, сите сведоци забележале и паркиран автомобил покрај Смиљковско езеро, со темносина боја, со вклучени фарови. Откако се исплашиле, сведоците почнале да бегаат, по што се вратиле на истото место каде што ловеле риба. За кратко време слушнале пукање.

И во пресудата се наведува дека дел од сведоците виделе автомобил „фијат темпра караван“, но ова возило како да пропадна во земја. Како доказ беше приложен еден автомобил, црвена „опел омега“, со кој наводно убијците се превезувале.

Три дена по петкратното убиство, тогашната министерка Гордана Јанкулоска на прес-конференција соопшти дека е пронајдено возилото со кое се превезувале извршителите на велигденскиот масакр. Црвена „опел омега“ беше еден од клучните докази на МВР, кој беше пронајден во близина на местото викано Вражји вир, на десетина километри од Смиљковско езеро.

МВР, а потоа и обвинителството, тврдеа дека во автомобилот било пронајдено и едно влакно, кое укажувало на ДНК на обвинетиот Алил Демири. Наводно, тој седел на задното седиште, од десната страна, бидејќи на потпирачот на седиштето било најдено влакното. Други траги или отпечатоци од обвинетите не беа најдени.

Според направените вештачења, и примероците од земја најдена на калниците од возилото, за кое обвинетиот Хаки Азири, додека ја имаше улогата на заштитен сведок, изјави дека бил автомобил за бегство, се совпаѓале со примероците од земја земени од местото на убиството кај Смиљковско езеро.

Но, одбраната се сомневаше во пронајдениот доказ, па бараше од судот да им дозволи да го видат возилото, бидејќи на прашање до вештакот дали на седиштата имало навлаки, тој одговорил дека не знае и дека само го вештачел влакното кое му било донесено. Токму затоа, од одбраната инсистираа да го видат возилото, но нивното барање било одбиено барем десетина пати.

АВТОМОБИЛОТ НЕ ГО ВИДЕЛЕ НИТУ ГЕШКОСКА, НИТУ ТУФЕГЏИЌ

Ова возило со свои очи не го видела ниту обвинителката Гешкоска, која го напиша обвинението.

Овој доказ го имам видено само во фотодокументацијата, вака не, ни изјави Гешкоска.

Таа за „Фокус“ појаснува дека кога се случи петкратното убиство, истата вечер не била на самото место, бидејќи таму бил присутен обвинител од основното јавно обвинителство – Скопје, а по нецел месец истрагата ја презело Обвинителството за организиран криминал, во кое тогаш работела. Автомобилот не го видел ниту тогашниот истражен судија Владимир Туфегџиќ, кој, исто така, ни појасни дека доказот го видел само на фотографија. И тој, како и Гешкоска, во истрагата се вклучил подоцна, односно на 2 мај истрагата ја презел Одделот за организиран криминал.

Истрагата за овој случај се водеше по стариот Закон за кривична постапка, поради што собирањето на доказите беше под водство на полицијата, а не на обвинителството, како што е предвидено со новиот закон. Ова значи дека доказите во првите 20 дена биле собирани од крим техника од МВР, во присуство на тогашниот дежурен истражен судија и дежурен јавен обвинител. Гешкоска и Туфегџиќ ги добиле стокмени, а потоа тие ги презеле останатите дејствија.

Токму затоа до Кривичниот суд испративме прашање кој истражен судија бил на увид кај Смиљковско езеро, но до затворањето на овој број на неделникот не добивме одговор. И во МВР прашавме каде во моментот се наоѓа овој автомобил, и дали досега била спроведена истрага за да се провери дали навистина овој доказ постои. Но и овие прашања останаа неодговорени.

Кога МВР, пак, презентираше дека автомобилот е пронајден, а министерката појасни дека регистарските таблички биле од друго возило, пратеникот Сафет Бишевац, уште тогаш во Собранието и постави пратеничко прашање дали професионални убијци би се движеле со автомобил со заменети регистерски таблички?

Возилото е еден од доказите кој можеби ќе се покаже како клучен, изјави Јанкулоска на 19 април 2012 година.

И ЗА ВРХОВНИОТ СУД АВТОМОБИЛОТ Е СОМНИТЕЛЕН ДОКАЗ

И за Врховниот суд е спорно зошто Кривичниот суд не дозволи одбраната да го види автомобилот, па затоа дава насоки како да се постапи при повторувањето на постапката.

– Останале неутврдени фактите по однос на наслоните за глава во задниот дел на возилото, а видено од фотографиите, тие се различни по структура, при што го доведуваат во прашање фактот од кое возило се, потоа кој е бројот на шасијата, каде се било регистрирано возилото, дали наслоните за глава на задниот дел се фиксни, или истите можат по потреба да се извадат, монтираат, демонтираат, како и со каква материјална структура се тие наслони, се потенцира во одлуката на Врховниот суд.

Дали возилото постои или не, набрзо ќе се разоткрие, бидејќи СЈО со сигурност ќе побара со свои очи да го види автомобилот. Овој доказ, доколку постои до правосилноста на пресудата за случајот, задолжително мора да се чува. Доколку автомобилот „исчезнал“, тогаш ќе се зголеми сомнежот дека случајот бил монтиран од полициски структури. Врховниот суд дава и други прецизни насоки кои ќе мора да се испочитуваат.

– При повторното постапување, да се изврши повторна оценка на веќе изведените материјални и вербални докази, да се изведат и нови материјални докази, со кои потполно и целосно би се утврдиле решителните факти, правилно да се примени Кривичниот законик, а потоа да се донесе правилна и законита пресуда, посочуваат од Врховниот суд.

Од таму го доведуваат во прашање и квалифицирањето на извршеното кривично дело, кое е посочено како тероризам.

– По однос на квалификацијата на кривичното дело тероризам, во списите на предметот не постојат непосредни докази, кој и на кој начин го извршил повеќекратното убиство, како едно од конститутивните обележја на ова кривично дело. Исто така, од изведените докази не произлегува ниту второто обележје на ова кривично дело, односно не е утврдено постоење на умисла, односно намера за создавање на чувство на несигурност, или страв, кај неопределен круг на лица.

Тие, исто така, потенцирале дека пониските судови не утврдиле кој од обвинетите со какво оружје пукал, туку заклучокот го носат од еден разговор помеѓу обвинетите Алил Демири и лице чиј идентитет не бил утврден во истрагата. Демири и ова лице со прекар Бербер, во разговорот споменуваат буре, а според обвинителството ова било шифриран збор за пиштол?!

Пониските судови со сигурност не утврдиле, кој со што пукал, туку оваа околност ја заклучуваат од индиции кои произлегуваат од исказот на Хаки Азири и особено од телефонскиот разговор на обвинетиот Алил Демири, со лице со прекар Бербер, кога тие го употребуваат зборот бурето, што според првостепениот суд значи пиштол. Во овој контекст Врховниот суд смета овие докази, во оваа фаза на постапката треба да содржат поголема доказна вредност, за да се утврдат правно релевантни факти“, се наведува во пресудата.

ЗАШТИТЕНИОТ СВЕДОК ГО ПРЕПОЗНА ДРПЉАНИН, НО НИКОГАШ НЕ БЕШЕ ОСОМНИЧЕН

Читајќи ја пресудата на Врховниот суд може да се заклучи дека истрагата за петкратното убиство била спроведена површно, односно не биле обезбедени сите потребни докази, за да се изгради цврсто обвинение, а потоа на него да се заснова и убедителна пресуда.

– Судот наоѓа дека теоријата на случај на јавното обвинителство, која се гради на исказите на загрозениот сведок Е-1 и исказот на Хаки Азири даден во истрага, надополнета со останати докази, не го докажува случајот надвор од секое разумно сомнение, заклучиле врховните судии.

Азири на почетокот од истрагата беше загрозен сведок, но потоа се премисли и го повлече сведочењето, за кое велеше дека го дал под присила, по што стана обвинет.

Доколку судењето се водеше по новиот Закон за кривична постапка, тогаш неговото сведочење дадено во истрагата, за тоа како ги превезувал останатите обвинети и како во автомобилот признале дека убиле човек, немаше да се смета за релевантно, бидејќи важно е што ќе се каже во судница. Вака, по стариот закон, и понатаму постои можноста судот за релевантно да го земе сведочењето дадено во истрагата, на што и се темелеше речиси целиот случај, се разбира надополнет со останатите докази.

Врховните судии во прашање го доведуваат дури и загрозениот сведок, посочувајќи на неговите контрадикторни изјави. Односно, потенцираат дека овој сведок Е-1 бил сослушан неколкупати во текот на постапката, при што се утврдиле суштински разлики во неговото сведочење. Посочуваат дека во истрагата како еден од извршителите сведокот го препознава лицето Алмир Дрпљанин, кој, пак, воопшто не е обвинет во оваа постапка.

Иако загрозениот сведок го посочил Дрпљанин како едно од лицата кои ги видел кај Смиљковско езеро, сепак тој никогаш не беше осомничен во овој случај. Тој по четири месеци од петкратното убиство беше уапсен во Косово, а во 2016 година беше екстрадиран во Македонија, поради тоа што претходно беше осуден на казна доживотен затвор. Имено, тој во 2010 година, во отсуство беше осуден за нападот врз патрола на „Алфите“ кај Природно-математичкиот факултет во Скопје, во ноември 2008 година, кога беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги останаа тешки инвалиди.

Извор на „Фокус“ од разузнавачките кругови потсетува дека кога Дрпљанин беше уапсен во Косово, на 26 јули 2012 година, во неговиот стан покрај големо количество оружје, била пронајдена и лична карта на првообвинетиот во „Монструм“ Алил Демири, кој е во бегство во Косово, факт што според нашиот соговорник укажува на врска помеѓу двајцата.

СЈО ДА ГИ ОТКРИЕ И „ЗАШТИТЕНИТЕ МЕЧКИ“

Дека во петкратното убиство учествувале повеќе од шестмина, колку што беа обвинети, се признава и во самото обвинение и во пресудата. На неколку места, во делот каде што се објаснува подготовката на петкратното убиство и неговото извршување се споменуваат НН лица, или лица со непознат идентитет. Според обвинителството, овие НН лица, заедно со дел од тогаш обвинетите го разгледувале теренот околу Смиљковско езеро, или биле задолжени за логистиката на убиството, односно избирање на местото, на жртвите, како и бегање од местото на злосторството. Во НН лица слободно можат да се стават и нарачателите или креаторите на овој морбиден чин, кои до ден денешен останаа непознати.

Токму овие НН лица им создале сомнеж на родителите на убиените деца дека покрај заштитени сведоци има и „заштитени мечки“. Тие реагираат дека во пресудата дел од телефонските разговори и пораки на осудените со други лица се сокриени и се прогласени за државна тајна. Од многубројните разговори, како државна тајна се прогласени разговори кои доаѓале од пет мобилни телефони, а за кои родителите на децата тврдат дека се на функционери од ДУИ.

Од СЈО се очекува да го расчисти и овој сомнеж, односно обвинителите да посочат чии се телефонските броеви, но и која е содржината на разговорите. Ниту еден мотив за родителите, но и за целокупната јавност, не е доволно силен за да се изврши ваков грозоморен масакр, но сепак родителите и понатаму се сомневаат дека убиството е планирано подолго време, а во игра биле нечии бизнис интереси.

Дури 99 проценти сум уверен дека мотивот не е тероризам, туку сосема нешто друго, ни изјави таткото на Филип, Раде Славковски.

Како еден од мотивите се споменува и расправија за земјиштето околу езерото. Како што им кажувале на родителите на убиените деца, луѓе блиски до видни политичари сакале кај Смиљковско езеро да градат бензиска пумпа, по што настанала расправија за земјиштето. Се присетуваат и дека неколкумина инспектори им посочиле дека дел од групата била следена пред извршувањето на петкратното убиство, истакнувајќи:

„Знаевме дека нешто ќе сторат, ама никој не се надеваше на вакво нешто“.

Од друга страна, пак, семејствата на осудените уверуваа дека нивните блиски се невини, а целиот случај бил монтиран за да им се одземе земјиштето покрај Смиљковско езеро, кое го имале под концесија.

„Ние отсекогаш верувавме дека целата работа е за договорот за земјиштето што сме го направиле и некако се открива дека тоа е вистина. Незнам кој ќе гради или што ќе гради, само знам дека обвиненијата за убиство имаат врска со 39 хектари земјиште кои беа земени под концесија на 30 години во 2006 година, изјави во неколку наврати Бедри Ајдари роднина на обвинетиот Фејзи Азири.

Тој додава дека неколкупати имало обиди да се раскине договорот за концесија, но тоа било невозможно, па целта била постигната со петкратното убиство кај Смиљковско езеро.

СЈО е исправено пред тешка задача. Од специјалните обвинители јавноста очекува да ги разрешат сите дилеми, односно да ги разоткријат сите кои учествувале во велигденскиот масакр, сосе „заштитените мечки“. Ништо помалку од тоа!

АРХИВА: Дали Груевски ќе одговара за дупката од 3 милиони евра што ВМРО ја направи на изборите во 2011 година?

$
0
0

Текстот е објавен во бројот 873, во неделникот „Фокус“

Неограничената моќ што сега ја има ВМРО-ДПМНЕ, тоа што со свои подобни кадри ги има под контрола сите институции кои би можеле барем да го истражат случајот „3 милиони евра“, можеби ги залажува и вознесува дека ваквата илузија ќе трае вечно. За среќа, искуствата покажуваат, а историјата од антика до денес потврдува дека тркалото сепак се врти!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

ВМРО-ДПМНЕ својата слава ја темели на два столба- дека се патриоти и дека се чесни. Првиот епитет што си го стокмија самите, е посебна тема, но вреднувањето на патриотскиот учинок е еден од најподатливите за манипулација на „рајата“. Е за чесноста, пак, важат поегзактни критериуми. Партијата на власт, од корупциски агол вообичаено се оценува според стилот на финансирањето. Ем на изборните кампањи, ем на секојдневното живеење кое сепак чини доста пари. И тука веќе, дури без конкуренција, ВМРО-ДПМНЕ е најбогатата партија според она што го потроши и троши откако Груевски застане на челната позиција. Тоа е партија која како од шега собира милиони и милиони евра. Со каква магија ги менаџираат финансиите од донации останува тајна, освен ако не се посомневате дека можеби позицијата на власт им ја олеснува оваа милионска комоција.

И додека тековното егзистирање е буквало вон каков било јавен отчет, изборните фешти им се „согласно уставот и законите“ со некакви извештаи, но, во нив редовно изостануваат бизнисмените и фирмите како дародавачи. Се оди на извиканата шема за граѓанството како донаторска категорија. Сепак, финансирањето константно е проблематична тема од бриселски ракурс. Веќе петта година по ред Европската комисија во своите извештаи ја нотира нетранспаретноста на партиите кога се парите во прашање, кои, нели, би требало да им легнуваат на сметките, а не на црно!

НИТУ ВО ШИШЕ, НИТУ СПОРЕД ЗАКОН

Токму овие денови ГРЕКО, тело при Советот на Европа за борба против корупцијата, ќе нѐ анализира уште еднаш на ова поле. Имаше шест препораки, усвоени на пленарниот состанок кој се одржа во март 2010 година во Стразбур, кои Република Македонија требаше да ги исполни по однос на транспарентност во финансирањето на политичките партии. А кога не оди нешто, вообичаено се виновни законите а не владеачката елита. Претрпе измени и Изборниот закон, според кој се одвива финансирањето на изборните кампањи, а пред неколку месеци корекции доживеа и законот за финансирање на политичките партии.

А дека власта и на терен „Остварува“, доказ е дека за сефте сторија и апс на едел лидер. Љубе Бошкоски веќе е осуден на 7 години заради нелегално финансирање од пријател ама во улога на полициски соработник -провокатор. За главната опозициска партија СДСМ антикорупцинерите навезоа кривична пријава заради подигнат кредит за изборна кампања. Само мистеријата за 3 милионска евро дупка во есапот на ВМРО-ДПМНЕ останува како закопана во дупка. Оти е вмровска. Наша, патриотска до балчак! Толку пари ниту во шише ги собира, ниту ќе можат да го покријат борчот а тоа да биде законски!

Интересен е одговорот што премиерот Никола Груевски го даде на пратеничкото прашање на Тито Петковски, во смисла- како ќе го покријат овој криминал. Премиерот повторно не откри од кој извор ќе го пополнат минусот, ама сепак барем не удостои со деталот  дека должат на правни лица.

ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на изборната кампања остана со еден долг кон одредени правни лица и тоа е се. Тоа е долг кој во иднина треба да се регулира. ВМРО-ДПМНЕ била во многу полоша ситуација некогаш … Во времето кога вашата партија СДСМ беше на власт, ние бевме во опозиција, имавме неколку години блокирана сметка, па се справувавме некако“, возврати Груевски, без да расчисти според кој закон во иднината ќе го регулираат долгот.

И сега, со оглед на тоа што ова се случуваше на февруарската сесија за пратенички прашања, настанува еден проблем околу долгот „ што во иднина треба да се регулира“! Како ќе го регулираат а тоа да биде согласно Уставот и законите? Та, за избори партиите отвораат посебна жиро сметка, која се затвора кога парите што им следуваат од буџетот ќе им легнат на сметката, изборна нели. Оваа буџетска операција е веќе обавена во декември минатата година. Значи, ВМРО-ДПМНЕ според Изборниот закон треба да ја има затворено оваа сметка. Е штом ја згаснале, тогаш како ќе се раздолжуваат? Во законот и децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања“. Со други зборови, трошоците што ги сториле Груевци, а за нив уште не платиле, ќе треба да се надоместуваат од друга сметка, а тоа е забрането дури и за преробеници!

МЕДИУМИТЕ ДАВААТ НА ВМРО-ДПМНЕ, ВЛАДАТА ИМ ВОЗВРАЌА

Како второ, треба да се разграничат изборната жиро сметка, која во случајот покрива една широка коалиција од политички партии, наспроти тековната жиро сметка на ВМРО-ДПМНЕ која треба да ги покрива секојдневните партиски потребштини. Трето, Груевски мудро одмолча од кои славини ќе им дотечат тие 3 милиони евра! Четврто, на кои правни лица им должат, колкави суми, за да видиме кои бизнисмени имаат толкава разбирачка за долговите на владеачката партија. Петто, кое пак антикорупционерите воопшто не ги дразни, постои ли корупциски жички меѓу владата и некои медиуми. Имено, факт е дека владата истура милиони евра во одредени медиуми кои ја воспеваат преродбата, а истите пак, потоа, се јавуваат како најголеми донатори во услуги на владејачката партија за време на изборите. Демек овие им пуштаат предизборни спотови беспари, а во вредност дури и од неколку милиони евра, а потоа владата им пушта неколку милиони евра од буџетот за да ги рекламира своите политики. Можеби затоа не даваат владините кампањи да се емитуваат во опозициски медиуми?

Но, еве, да се потсетиме на една пикантерија што ја откри Велија Рамковски пред да биде уапсен. На двојниот изборен циклус во 2009, ем локални ем претседателски, телевизијата на Рамковски беше евидентирана во отчетот со донација во услуги од 1,6 милиони евра. Во последното интервју за Фокус пак, тој откри дека од 2006 до 2009 година Владата ѝ платила 4,5 милиони евра на А1 телевизија за реклами. При тоа додаде дека 225 илјади евра биле од ВМРО-ДПМНЕ, а за се постојат документи.

„Од тие 4,5 милиони евра, милион и двесет евра се платени од владата како за рекламирање на владини проекти, ама ние сметаме дека се од партијата. На пример, во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ одеше со реклами на нашата телевизија, но, подолг период не ни плаќаше. Баравме да го намират долгот и тогаш рекоа дека можат да ни платат на ваков начин. Тогаш реков, добро – платете!“, раскажа Рамковски, а оние кои го сместија во затвор истражија се, освен ваквите обвинувања за сомнителни маркетингшки шеми.

Ете, меѓудругото зошто е важно да се знаат фирмите кои се јавуваат како донатори? Можете потоа да измерите колку имало тука нати го, дајми го! Од друга страна, според законот политичките партии не можат да се финансираат од фирми кои „кога го даваат прилогот за партијата, вршат јавна услуга за државен орган или јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“. А формулацијата во законот „во момент кога го даваат прилогот“ остава впечаток дека фирмите можат да донираат пред или откако ќе склучат некаква зделка со државата. Фино стокмено, нема што!

Во секој случај, евидентно е дека од ВМРО-ДПМНЕ редовно се трудат да ги избегнат фирмите како нивни донатори. Во 2006 година ги наведоа само личните донации на нивни 89 членови. Пропуштија да кажат од каде им стигнале еден милион евра, па, да се посомневаме дека можеби им се од правни лица. На вонредните парламентарни избори во 2008 година кусо срочија дека обезбедиле 42 милиони денари од физички лица и, овој пат барем, наведоа општо дека 12 милиони денари им се од правни лица. Карактеристично за Груевци, не кажаа кои се тие добротвори од  бизнис заедницата! Такви изрази пак, немаше во нивниот отчет на двојниот изборен циклус следната, 2009 година. Уф, сепак за кампањата на Иванов беа наведени една земјоделска задруга и еден доеел, но со ситниш дури и за вмровските физички лица!

ДЕСЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПЕТ ИЗБОРНИ ТРКИ

И доаѓаме до ланските избори, кога избегнувајќи ги правните лица демек, наредија дури 530 физички лица, кои сите донирале по 60.000 денари. Како што веќе истражуваше дневен „Фо­кус“, на листата на ваквите донатори имаше земјоделци, учителки, секретарки, редари. Ма што се илјада евра за работничката класа! Дел од нив и не се сеќаваа колку и дали воопшто дале пари за ВМРО-ДПМНЕ. А на ваков начин биле собрани околу половина милион евра! Да потсетиме, ко­а­лици­ја­та на ВМРО-ДПМНЕ при­ја­ви де­ка во кам­па­ња­та по­тро­ши­ла 4,4 ми­ли­о­ни евра. За 1,1 ми­ли­он се оправ­да пред ин­сти­ту­ци­и­те, ме­ѓу кои се и овие па­ри, со­бра­ни од фи­зич­ки ли­ца, до­де­ка оста­на­ти­те беа до­на­ции токму од медиумите, главно од те­ле­ви­зи­и­те. Добија пара и од Буџетот за освоените гласови, но, недоволно- остана да зјае го­ле­ма­та дуп­ка во финансиите од 3,3 ми­ли­о­ни евра.

Ако се соберат пријавените трошоци за избори од 2006 до ланските, излегува дека официјално Груевци потрошиле безмалку 10 милиони евра. На страна секојдневните давачки што ги има секоја, особено голема партија од калибарот на ВМРО-ДМНЕ. И оваа богата партија не даде јасен и транспарентен одговор- од кои извори, преку кои сметки, од кого и на кого се однесуваат тие 3 милиони евра. Да, и според кој закон ќе ја санираат дупката!

А кога беше само опозициски лидер, истиот овој Груевски како можна корупција во владата на СДСМ го третираше дури и реновирањето на седиштето на ДУИ во Скопје, што го беа процениле на околу четврт милион долари. „ДУИ е богата партија и нема објаснување или транспарентност за нивните финансиски трансакции“, резонираа тогаш оние кои сега како богата партија не даваат објаснување за случајот 3 милиони евра!

Ама, во пастирски стил речено, вистината е како шило. Ќе врти, ќе врти и еден ден ќе излезе на виделина. Примерот со поранешниот француски претседател Жак Ширак, кој неодамна беше осуден за злоупотреба на општествени средства додека бил градоначалник на Париз, е поучен за споредба од два аспекти. Прво, му судеа за корупција од пред 15 години. Поточно му судеа затоа што користел буџетски пари за фиктивни вработувања во градската администрација, за лица кои работеле за партијата, а се исплаќале од градската каса. Второ, беше осуден условно на две години затвор. Наспроти кантарот на нашите судии кои измерија 7 години ефективен затвор за Бошкоски!

Оттаму, неограничената моќ што сега ја има ВМРО-ДПМНЕ, тоа што со свои подобни кадри ги има под контрола сите институции кои би можеле барем да го истражат случајот „3 милиони евра“, можеби ги залажува и вознесува дека ваквата илузија ќе трае вечно. За среќа, искуствата покажуваат, а историјата од антика до денес потврдува дека тркалото сепак се врти!

 

Автентично толкување
ЕЛЕКТРОНСКА (НЕ)ТРАНСПАРЕНТНОСТ?!

Во законот за финансирање на политичките партии стоеше и должноста партиите јавно на својата веб страница и во најмалку еден од дневните весници да го објават регистрарот на донациите, се мисли на оние за секојдневниот партиски живот. Ваков регистар не успеваме да детектираме на веб страницата на ВМРО-ДПМНЕ, освен доколку го објавиле да стои еден час, па го симнале. Оти, итроманите од портокаловиот табор можеби автентично протолкувале дека нема стриктна забрана да ја симнат ваквата информација, ниту пак децидно стои дека треба да е таму за век и веков.

Арно ама, со измените на овој закон, сторени во октомври лани, беше елиминирана обврската за објавување на донациите во еден дневен весник, со образложение- да се избегнеле дополнителни трошоци на партиите. За сите други партии можеби е и трошок еден оглас во весник, но, за ВМРО-ДПМНЕ која растура со вакви пропагандни објави, ем троши по неколку милиони евра на избори, образложението е апла шегобијно!

Viewing all 912 articles
Browse latest View live