Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all 787 articles
Browse latest View live

АРХИВА Нарцис кој е најверниот извршител на Пастирот

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на 28-ми ноември 2014-та во неделникот „Фокус“ во бројот 999

Ја оценија како најпаметна од министрите на Груевски во 2006-та, ама без капацитет да креира крупни политички одлуки. Три години подоцна, веќе беше верификувано дека е само лојален послушник од првиот ешалон на пастирот. За време на нејзиниот мандат како прв човек на полицијата, Македонија за прв пат влезе во листата на земји со политички мотивирирани полициско-судски процеси. Таа е и конкретен пример како меѓу Партијата и Државата не се знае границата. Портретот на Гордана Јанкуловска која, нели, се прави „согласно законот“, сигурно ќе биде дополнет со многу пастелни бои откако ќе стане бивш министер во тазе опозициска партија

Гордана Јанкулоска е лик кој неспорно (ќе) зазема впечатливо место во македонската транзиција. И според она што го говореше и, особено, според делата што остануваат зад неа. Не само како министер, кој убедливо најдолго, повеќе од 8 години, раководи со ресорот полиција, туку по неколкуте специфики, кои, благодарение на нејзиниот стил, ѝ дадоа белег на преродбата.

Прво, ниту еден министер, за време на својот мандат, немал, не една, ами два кривични предмети во обвинителството (финансирање на партијата во 2006 и АФИС), во кои тој би требало барем да биде сослушан како инволвирано лице.

Второ, ниту еден друг министер за внатрешни работи за време на изборна кампања, во која е ем носител на изборна листа, не следел и прислушувал лидери на опозициски партии ( Бошкоски во 2011 и Заев во 2014 година).

Трето, за првпат во нејзиниот мандат, Македонија беше вреднувана како држава со политички мотивирани апсења и процеси.

Четврто, никогаш пред неа, дури ни во стариот режим, не биле насилно исфрлани пратеници и новинари од собранискиот дом со полициска интервенција.

Петто, како ретко кога одредени соопштенија од МВР повеќе изгледаа како партиски прогласи, за што всушност и ОБСЕ/ОДИХР ја стави во својот извештај за изборите 2011, а особено во 2014.

Сите овие „перформанси“, Јанкулоска или ќе ги смести во нејзината омилена фраза „согласно Уставот и законите“ или ќе ги префрли како одговорност на други институции (судот, обвинителството, претседателот на Собранието итн). Во секој случај, се однесува како да нема допирни точки со овие феномени. Игнорирајќи ја така историската закономерност дека нејзиниот портрет ќе биде дополнет со многу живи и пастелни бои, откако ќе стане бивш министер во тазе опозициска партија.

ЖЕНА ОД ДОВЕРБА

Инаку, Јанкуловска е од оние најблиски соработници на Никола Груевски коишто немаат врска со она ВМРО-ДПМНЕ коешто изникна во 1990 година, како што се и Зоран Ставрески, Миле Јанакиевски или Елизабета Канческа Милевска. Но токму овие успеаја да го сменат личниот опис прво на партијата, ретуширајќи ја дури и улогата на првиот претседател Љубчо Георгиевски во основањето на ДПМНЕ, а потоа буквално им успеа и да го реформираат идентитетот на нацијата од словенски во антички, а државата во барокна творба.

Интересно, но во 1998 година, Јанкулоска била член на ДА на Тупурковски, иако без некаква функција. Спојот со Груевски датира од времето кога тој е министер за финансии, откако кон крајот на 1999 година Борис Стојменов беше тргнат од овој ресор. Таа е шеф на кабинетот на Груевски, а потоа, општопознато, еден од најдоверливите луѓе на наследникот на Георгиевски на партискиот трон.

Според нејзиното CV, дипломирала на Правниот факултет во Скопје, а магистрирала на University of Kent, Canterbury, Велика Британија. Сепак, според нејзиното дејствување од позиција на власт, ќе најдете малку допирни точки со британската демократија.

Според она што официјално ќе го наведе како своја работна заднина, таа само била шеф на кабинет на министерот за финансии Груевски, а од септември 2004 година и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ до нејзиното назначување за министер.

Не е јасно зошто ќе изостави да објави дека била и претседател на УО на Нова платежна картичка (НПК), ама и во АНАЛИТИКО АИ, каде што, пак, еден од сопствениците бил Ален Зекиров, сега веќе поранешен телохранител на шефот на УБК, Сашо Мијалков. Зар се срами од овие свои ангажмани!?

Назначувањето на Гордана за министер за внатрешни, по победата во 2006 година, беше изненадување. За тоа место на политичката берза најмногу се играше со името на Сашо Мијалков. Како дошло до овој кадровски пресврт, најдобро знае Груевски.

Но, полицијата никогаш немала помлад министер, и уште од понежниот пол. Навистина е активна 24/7. Знае и на терен да дели флаери, во кои се промовираат проектите од нејзиниот ресор, што изгледа и симпатично. Привлекуваше внимание прстенот што го носи на левиот палец. Според некои толкувања, жените носат прстен на палец за да ја означат својата независност и слобода.

Лично, пак, Јанкулоска ја доживувам како зависна од лидерот Груевски. Таа не ми изгледа како креатор, туку како лојален извршител од првиот ешалон на пастирот. Ресорот што го води, по природа на работите, ама и според нашите преродбенички политики, кои се темелат на казни, уште помалку асоцира на слобода.

Нејзиниот стил, барем во јавните настапи, наликува на бирократски, сувопарен „трактат“ на кој – „согласно законот“ му е основната супстанција. Со текот на времето, како што, нели, победите им се редеа во низа, како квасец растеше и нејзината ароганција. Што било да биде прашана за нејзиниот ресор, особено на пратеничките прашања (на интервју оди кај подобни новинари и медиуми, па некакви динамични разговори немала), одговорите се превртуваа во „деновиве пред години“ за лошите оставштини од СДСМ.

ФИНАНСИСКИ ДУБИОЗИ

Особено занимлив е периодот кога ДПМНЕ е опозициска партија, а Јанкулоска е партиски ген-сек. Таа е и шеф на изборниот штаб на изборите во 2006 година, кога како своевидно чудо – за првпат една опозициска структура собра многу повеќе пари од партијата на власт. И така, доаѓаме до првата специфика за нејзиното министерување, за двата предмета во обвинителството, во кое нејзиниот придонес е неспорен. Во кој правец, останува енигма, благодарение на сервилните институции.

Имено, за овие 8 години во јавноста излегоа многу дубиози, токму за парите од изборната кампања во 2006 година. Верувам дека „свети спас“ за Јанкулоска е фактот дека потоа, партијата ѝ беше победник, без оглед што таа стана прв човек на ресорот полиција. И да не беше, расплетот во вакви транзициски недовршени демократии е секогаш таков – врхушката е заштитена согласно законот што таа го толкува.

Имаше неколку истражувачки стории кои јасно го родија сомнежот – како ДПМНЕ собирала пари за изборите во 2006 година. На пример, од списокот на донатори доставен до ДИК, многумина не знаеја колку одвоиле за партијата. Некогашниот студентски лидер, пак, Самоил Малчевски јавно демантираше дека тој, заедно со неговата мајка и сестра, вложиле на партиското конто речиси 10.000 евра.

Да потсетам, годинава и членот на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година, Загорац Тумбовски јавно, преку ТВ Телма тврдеше дека дал околу 80.000 евра на „каса-прими“ за избори. Потоа, во отворено писмо до Груевски, го праша дали заборавил колку средства уплатил на жиро-сметката на АНАЛИТИКО, онаа, де, која Јанкулоска ја изоставува од своето CV. Уште повеќе, Тумбовски ќе наведе дека токму Груевски го „терал да ги носи парите на Јанкулоска“. Ќе повика и на графолошко вештачење, кое би потврдило дека „каса-прими“ е со потпис на актуелната министерка. Саркастично, пак, писмото ќе го заврши со постскриптумот „Осмели се – пријави корупција“!

Следуваше енергичен демант на овие наводи, коишто ги оквалификуваа како тешки клевети. Партијата ќе наведе и дека печатот на „каса-прими“ ливчињата е фалсификат. Патем, ќе ја доведат во прашање и кредибилноста на Тумбовски затоа што е осуден на 6 години затвор. Тоа што полицијата такви, осудени лица главно користи како „загрозени сведоци“ за да осуди некои „неподобни“ лица изгледа е небитно за владејачката партија. Како што немаа етички дилеми кога Љубомир Магаш од балканското подземје го третираа како релевантен извор, ама за можен криминал на Црвенковски и на Фрчкоски.

И тоа не е сѐ на оваа тематика. Во август 2009 година, кога почна судскиот процес за случајот „Изгрев“, колегата Саше Димовски во „Фокус“ објави дека браќата Миладинови биле донатори на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2006 година со околу 70.000 евра. Димовски тогаш поседуваше повеќе копии од „каса-прими“ на кои имаше печат од ВМРО-ДПМНЕ и сумата што била уплатувана. Но, тогаш овие наводи не наидоа на никаква реакција, ниту кај власта, ниту кај опозицијата.

Сепак, од сето ова, обвинителството отвори предмет само за обвинувањата на Малчевски. Тој бил на распит, но не и неговата мајка и сестра… И толку! Минуваат денови, а ќе биде и „минаха години“, период во кој гарант нема да има сериозна разврска. Ама, нели, песната „минаха години“ продолжува со „без да те забравам ас“. Убедена сум дека еден ден ова досие за дпмневските финансиски кампањи, застарено или не, сеедно, ќе добие логични одговори.

ОПОЗИЦИСКИ ЛИДЕРИ ПОД ПИМ МЕРКИ

Второто досие со кое се мачи обвинителството е она за „АФИС“. Кривичната пријава е од Фросина Ременски, професорка на Факултетот за безбедност, инаку сега е и во раководството на СДСМ под водство на Зоран Заев. За оваа афера во изминативе неколку недели пишуваше „Фокус“. Колегата Љубиша Арсиќ продолжува со новинарската истрага.

Да потсетам кусо, поентата беше: Каде исчезнаа два система за отпечатоци и лични карти? Обвинителството ја истражува сомнителната јавна набавка на опрема за отпечатоци АФИС, која иако била наменета за лабораториите на Факултетот за безбедност, на чуден начин завршила во МВР! Иако се платени три система, во МВР има само еден АФИС! Замислете, никој жив во Македонија не разјаснува – каде завршиле другите два. Дали можноста за користење на системот за производство на биометриски документи значи дека со двата АФИС-а што фалат можеле да се штанцаат лични карти заради изборна измама!? – е прашање од јавниот интерес што „Фокус“ се обиде да го анимира.

Но, доаѓаме до вториот украс на портретот на Јанкулоска – во нејзиното владеење со полицијата, кога таа е носител на изборна листа на ВМРО-ДПМНЕ, под посебни истражни мерки (ПИМ) биле двајца лидери на опозициски партии. При такви, погоренаведени сомнежи за финансирање на изборната кампања на ДПМНЕ во 2006 година, кога Јанкулоска е шеф на изборниот штаб, замислете, на полицијата ѝ биле најсомнителни финансиите на Љубе Бошкоски.

Да бидам искрена, ќе паднев во несвест од толкаво лицемерие. Официјално, и Иво Котевски обзнани дека Љубе бил под ПИМ мерки два месеца пред изборите. Финансиската дупка на истите избори од 3,3 милиони евра на ДПМНЕ до ден денес остана енигма. Освен ветувањето на Груевски дека сѐ ќе биде затворено „согласно законот“. Како – којзнае!

Пред неколку недели, и Заев објави дека има докази дека бил следен и прислушуван за време на изборната кампања на годинашниве  парламентарни избори. Фактот дека анестезираната јавност не се возбуди, доволно говори дека ваквите практики, од калибарот на „Вотергејт“, овде се доживуваат веќе како нормални.

Во тој контекст, и третата карактеристика за периодот на министерувањето на Јанкулоска – политички мотивирани апсења и процеси, не покренува желба за менување на ваквиот негативен имиџ за Македонија. Вообичаено, за вакви „клевети“ за политички мотивирани полициски и судски процеси, Гордана како и нејзиниот шеф Никола, гордо се вадат на Уставот, каде што, нели, пишува дека судството е независно. Со оваа гола фраза истовремено потврдуваат дека, согласно нивниот светоглед, и во времето на СДСМ било така. Зашто Уставот беше ист. Или, можеби, се применуваат различни принципи за нив – согласно Уставот, за СДСМ – согласно практиките во живо!

Но, фактичката состојба за македонските соображенија ја обзнани и Викиликс. Прочитавме дека американскиот амбасадор Филип Рикер во 2009 година ја известува централата во Вашингтон дека „Политичкото влијание на Груевски врз судот и полицијата не е тајна“. Тоа, пак, ја става Јанкулоска во улога само на лојален извршител на политиките на лидерот. Впрочем, во првичните дипломатски рапорти, кога новата министерка ги добива сите комплименти од амбасадата на САД, како најпаметна од новиот тим, сепак, е детектирано дека „не се смета дека ќе биде силен играч за клучните политички одлуки“.

ОД „ЦРН СПИСОК“ ДО ЦРНИОТ ПОНЕДЕЛНИК

Конкретно, за првпат, во Извештајот за човекови права на Стејт департментот за 2010 година беше регистрирано, во смисла „постоеле тврдења“, дека властите притвориле три лица од политички причини. Стануваше збор за Душко млекарот, Ѓорѓи Тренковски и доктор од случајот Метастаза“. Така се најдовме во друштво со Белорусија, како единствени европски земји со ваков „украс“. Годините што ќе следат ќе ја потврдат доследноста на Јанкулоска и ресорот што го предводи – да опстоиме на овој „црн список“. Се редеа Бошкоски со Кампања, завршувајќи со колегата Томислав Кежаровски.

Интересни се наводите што ги пренесува Викиликс за апсењето на ексдиректорот на Фондот за здравство, Тренковски. Амбасадата ќе го извести Вашингтон дека настанот бил политички мотивиран и оркестриран од премиерот, за да го казнат Тренковски за тоа што „рекол нешто што не треба, иако тоа го рекол приватно“. Значи, и според овој навод, Гордана е прва виолина во оркестарот на Груевски!?

Според документите на Викиликс, случајот бил толку очигледно политички мотивиран, што американската амбасада во Скопје морала веднаш да реагира кај Мартин Протугер и да побара ослободување на Тренковски од притвор. Според сознанијата на „Фокус“, најголем грев на ексдиректорот на ФЗ бил што не постапил беспоговорно на една од телевизиските куќи со национална концесија да ѝ се префрлат стотина илјади евра на име реклама за успесите на Фондот.

И доаѓаме до четвртиот заштитен знак на министерката – собраниските „одјеци и реаговања“. Млатењето на пратениците, онака крвнички, за црниот понеделник, од страна на полициски лица во цивил со оружје, во нормални држави е СРАМ. Кај нас, е бел понеделник за приврзаниците на Груевски, меѓу кои Гордана е нумеро уно. Верувам дека отстранувањето на новинарите од галеријата на Собранието беше да не ги регистрира сите „бели“ моменти. Тоа што двајца опозициски пратеници, со своите снимки од мобилен телефон ја разголија насилничката драмолетка врз опозиционерите, само малку им ја детронизираше сценаристичката теза дека овие самите си се тепале.

Невидена ароганција засилена од моќта, барем за европски демократски држави, Јанкулоска манифестираше и кога Тито Петковски, како прв човек на собраниската комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите од страна на МВР и од МО, побара разјаснување за случајот „Кампања“.

„Во кој период е следен и прислушуван Љубе Бошкоски? Дали МВР располага со налог од надлежен судски орган за примена на посебни истражни мерки и доколку постои таков налог – од кој датум е? Кои се причините за барањето посебни истражни мерки?“ – ова беа клучните прашања за кои Петковски побара одговор од министерката.

НАРЦИС, КЛЕВЕТИ И СТАНОВИ

Својствено за ликот и делото на десната рака на Груевски, сосе гордите послушници во улога на пратеници, не добивме никакви одговори, уште помалку логични, за една ваква акција од рангот на „Вотергејт“. Носител на изборна листа на владејачка партија, кој е и прв човек на МВР, да иницира надзор над еден лидер на опозиција, нека биде и согласно законот со судски налог, е скандал во европски држави. Многуте контроверзии, „независното“ судство не дозволи да се разјаснат, исто како и пратениците. Кога вака мазно помина преседанот, уште полесно е тенденцијата да премине во правило – па и Заев да добие таков полициско-судски третман за време на изборите 2014 година.

Инаку, Јанкулоска ја имаше и ретката привилегија да биде конкретно посочена во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во 2011 година, како конфликт на интерес меѓу нејзиното овластување како министер и нејзините активности како кандидат. Но, ниту вакви „примједби“ не ја „дојмија“. Напротив, секој нареден изборен циклус, ова равенство меѓу партијата и државата јакне во симбиоза. Со други зборови, уво не ја боли за овие „клевети“!

И ако ваквите забелешки од меѓународните фактори не ја потресуваат за да менува нешто, критиките од политичките конкуренти ѝ предизвикуваат душевни болки, за што сведочат и психијатриски вештачења по тужбите за клевета. Колку што се сеќавам, го тужеше Стевче Јакимовски затоа што јавно ја прашал, како успеала да добие стан во 2001 година, кој бил наменет за млади брачни двојки, кога не била во брачна состојба.

На истата тема, станбена, Петре Шилегов треба да ѝ плати 8.130 евра. Го тужеше портпаролот на СДСМ затоа што на прес-конференции јавно прашувал како ги стекнала становите што ги купила откако станала функционер. Мислам дека досега нема тужено новинар, но затоа ќе остане забележено дека во нејзино време новинар заврши во затвор за текст објавен пред 5 години.

За да биде портретот на Јанкулоска целосен, корисно е да се дополни со наодите од психијатриското вештачење. Пред психијатарот, на пример, Јанкулоска себеси се опишала како личност која немала каква било дамка во нејзината професионална кариера и личен живот. Како човек била крајно скромна, работлива и сѐ што сторила, сторила со личен труд, на чесен начин, немајќи притоа никаква помош од други. Патем, во психијатрискиот запис стои дека е нарцисоидна личност.

МВРО-ДПМНЕ

И последниот имиџ кој Јанкулоска го захефта на МВР, а со тоа и себеси – го претвори ресорот во МВР-ДПМНЕ. Да, некои соопштенија повеќе наликуваат на Центарот за комуникации, отколку на едно сензибилно министерство. Не се сеќавам дека во овие 24 години, МВР давал толкав партиски шмек во некои соопштенија, како во овие 8 години. Кога покренаа кривична пријава против Бучковски, а траеја натегањата за одземање на неговиот пратенички имунитет, МВР одби да одговори на некои јавни прашања од еден, сепак, поранешен премиер. Реакцијата беше дека не комуницираат со „лица од крим-евиденцијата“.

Или, куриозитетот со апсот на Заев за случајот „Глобал“. Откако неколку месеци пред вистинскиот апс, на сајтот на МВР осамна акцијата за злосторничката група на струмичкиот градоначалник, ама и кандидат за лидер на СДСМ, МВР ја повлече веста со пу, пу, не важи. Потоа, кога им загусти вистински, даваа платени огласи низ медиумите за криминалот на „лицето З.З.“! Уште тогаш го прогласив ова за моделче од модната сезона зима – пролет 1948-49!

Во интервјуто што го даде за „Утрински весник“ годинава, пак, Гордана открива уште еден дефект во нејзините, ама и партиските поимања на демократијата. Тоа што граѓаните на 7 последователни избори ги поддржале нивните политики било показател за нејзината и нивната успешност. Според оваа логика, Хитлер бил врв на успешни политики. Политичката филозофија дури  ќе ја срочи како „многу прецизна: бескомпромисна и неселективна борба со криминалот“. Наспроти сите поинакви оценки од меѓународните фактори, ама и од домашните „непријатели“!

Ќе одговори и дека не стравува од одмазда кога ќе замине од функцијата затоа што постапувала „принципиелно без претходни калкулации“, ем законот и мнозинството граѓани биле на нивна страна. Сепак, повторно изумува дека мнозинството е променлива категорија. Кога ќе го изгубат мнозинството, односно власта, дури тогаш се случуваат големи „земјотреси“. Секаде, па и кај нас.

Тоа се потврди и кога СДСМ го изгуби мнозинството. Дури тогаш Бучковски, Заев и другите сдсмовски фактори беа сместени во формулациите – злосторничко здружување, како што заштитените сведоци станаа ефикасна законска алатка за Љубе, некогаш министер токму за внатрешни работи, да окапе зад решетки.

Оттаму, познавајќи ги сите историски закономерности, не сум сигурна дури ни дека самата Јанкулоска, „една од најпаметните млади таленти од партијата на Груевски“ како што ќе ја оцени американската амбасада кога стана министер, верува дека сѐ ќе биде спокојно кога ќе стане бивша.

За ексамбасадорката МИЛОВАНОВИЌ, 2006 година:
ЈАНКУЛОСКА Е ЕДНА ОД НАЈПАМЕТНИТЕ МЛАДИ ПОЛИТИЧКИ ТАЛЕНТИ НА ВМРО-ДПМНЕ!

Првата нова влада на премиерот Никола Груевски, избрана во август 2006 година, сосема разбирливо, била од особен интерес и за Амбасадата на САД во Скопје. Каблограмот (06SKOPJE779) со наслов „Млади технократи доминираат во новата владина постава“, објавен на „Викиликс“, го потпишала поранешната американска амбасадорка Џилиен Миловановиќ и до Стејт департментот го испратила на 30 август 2006 година. Новата владина постава, наведува таа, „е составена од претежно млади, ентузијастички и доброобразовани „триесет-и-нешто“ технократи, некои од нив без какво било значајно бирократско искуство“, што на Груевски „веројатно ќе му обезбеди поголема контрола врз министрите“, кои ги оценува како „релативно зелени“ (млади, неискусни – н.з.).

Мошне интересно е мислењето на амбасадорката Миловановиќ за новиот министер за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Таа е „една од најпаметните млади политички таленти на ВМРО-ДПМНЕ“, смета амбасадорката. Откога ги наведува основните биографски податоци, нагласува дека „има силни менаџерски и организаторски вештини“, но и дека „нема полициско или искуство во извршувањето на законите“. Во спомнатиот Каблограм, Миловановиќ истакнува дека „таа е лице од највисока доверба на Груевски“, но, сепак, „не се смета дека ќе биде силен играч за клучните политички одлуки“.

За ексамбасадорот РИКЕР, 2009 година:
ПРИТВОРОТ СТАНА АЛАТКА ЗА СОЗДАВАЊЕ КЛИМА НА СТРАВ

„Политичкото влијание на Груевски врз судот и полицијата не е тајна. На ваков начин Груевски и неговиот внатрешен круг од ВМРО се обидуваат да воспостават партиска дисциплина и да ги задушат различните мислења. Апсењата со голем публицитет вршат притисок на политичката елита за да се воздржи од критикување на владата.

Обично апсењата се случуваат на улица, со медиуми во „случајна“ подготвеност. Притворот, пак, им е ефикасна алатка, со која се создава клима на страв, затоа што не само што ќе заклучи некого во затвор најмалку 30 дена, туку и предизвикува непоправлива штета на нивниот углед. Потоа ваквите тактики ѝ се продаваат на јавноста како доблесни владини напори против корупцијата, што помогна во задржување на поддршката на јавноста за овие навредливи акции“.

Во овие поенти од депешите што ги објави Викиликс, а ги испраќал амбасадорот Филип Рикер, јасно е детектирано дека Груевски е тој што има влијание врз полицијата и судството. Гордана е само извршител. Ден по изборите, на 6 јуни, Гордана даде уште една потврда на извештаите на Рикер. Приредија спектакл со апсењето на најжестокиот критичар на „петчлената банда на Груевски“, како што ги опишуваше Бошкоски во изборната кампања.

За НИКОЛА МЛАДЕНОВ:
ШТО Е ЧИСТО, А ШТО ДОКУМЕНТИРАНО!?

Во врска со трагичната смрт на основачот на „Фокус“, колегата Никола Младенов, се случи несекојдневен преседан. Заедно одржаа прес-конференција министерката Јанкулоска со врвот на судската власт и на обвинителските фактори. Поентата на овој собир беше дека сѐ е „согласно законот“. И во едно интервју таа ќе ја потенцира чистотата на уделот на МВР:

„Полициски случајот е целосно чист и документиран… Не велам дека некои поединци не ги интересираат информациите со кого контактирал, со кого соработувал, но во отсуство на каков било сомнеж и при фактичка состојба која целосно и неспорно укажува дека станува збор за сообраќајна несреќа, не гледам врз база на што органите на прогонот би отворале кривична истрага“.

Убедена сум дека ќе дојде ден кога ќе стане ДОКУМЕНТИРАНО што било целосно ЧИСТО! Толку!

ГИ ЗНААТ ТУЃИТЕ РОДНИНИ, НО НЕ И СВОИТЕ!

Кога МВР, без јавен оглас, на неопределено време вработи близок роднина на Боркица Груевска, сопругата на премиерот, Јанкулоска брилираше. Министерката што ги знае сите роднини на сдсмовците, та и платени огласи партијата дава за вакви шеми, тогаш објасни дека во МВР работеле близу 12.000 луѓе, па таа не можела да знае кој на кого му е роднина. Инаку, информацијата ја објави СДСМ, со сигурно многу повеќе од над 12.000 членови, поткрепувајќи го тврдењето со документ од Агенцијата за вработување со датум од 17 февруари 2011 година.

УТЕШИТЕЛНО ПРЕДИЗБОРНО

Јанкулоска можеше да се види во најразлични предизборни сеанси. Беше на пример во улога на „дијазепам“, кога верно следена од ТВ камерите одеше да го теши нивниот лик од изборниот спот што го оставила жена му, а Бранко го исмејувал. Но, постизборно, кога се обидоа да скријат дека за време на нивната славеничка еуфорија е убиен Мартин Нешкоски, партијата испрати делегација во домот на Нешкоски за да го убедуваат семејството да не кажува дека „државата им го уби синот“!


Архива: Судскиот совет избира судии кукавици без кредибилитет

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 25-ти октомври 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 942

Адвокатот Звонко Давидовиќ, на двапати успеа да ја докаже невиноста на браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски, обвинети за платено убиство во случајот „Ореше“. Додека е исправен пред „трета мајка“, го застапува првообвинетиот во случајот „Фаланга 2“, а истовремено се јавува и како сведок во актуелниот случај „Ликвидација“!

 

ФОКУС Новинарот Томислав Кежаровски, со првостепена пресуда е осуден на казна затвор од 4 години и 6 месеци во случајот „Ликвидација“. Дали ве изненади оваа казна бидејќи, иако не сте вклучен во одбраната, сте запознаен со случајот во кој учествувавте како сведок?

ДАВИДОВИЌ Да, изненаден сум бидејќи искрено не очекував осудителна пресуда. Навистина нема докази за овој судски случај. Првично, шокот е од пресудата за новинарот Кежаровски. Тој не направил никакво кривично дело. Не го открил идентитетот на заштитениот сведок, кој кон крајот на 2008 година стана загрозен сведок, а дури во 2010 година стана заштитен сведок.

И сега се поставува прашањето: зошто го заштитувале неговиот идентитет и неговата сигурност и безбедност, ако, наводно, уште пред да стане заштитен, бил откриен!? Целава работа нема логика. Зошто се чекаше пет години, а не се покрена истрага против новинарот во мигот кога наводно го сторил кривичното дело?

Кежаровски ја доби казната зашто судството, па и Министерството за правда не знаеја како да постапуваат со заштитени сведоци. Не можете нешто што е тајно да го користите како доказ за еден куп луѓе, а и понатаму да остане во тајност. Судот побара документи кога заштитениот сведок станал заштитен, кога загрозен, а од Одделението за работа со заштитени сведоци кажаа дека нема да ги достават зашто станува збор за тајни документи! И тука сѐ се завршува експресно под превезот на голема тајност!

ФОКУС Дали е нормално или е вообичаена практика четврто и петтообвинетиот да добијат повисока казна од првообвинетиот, како што се случи во пресудата за „Ликвидација“?

ДАВИДОВИЌ Не, не е нормално, но заканувачките казни за оддавање идентитет на заштитен сведок се: минимум четири години ако настанат штети и последици; закана по неговиот живот и тело − најмалку осум; и ако настане смрт на заштитениот сведок, може да се изрече казна затвор од дури 15 години.

Па, затоа, најверојатно судот морал да се држи до рамките на казната што ги предвидува законот. Но, како што знаеме и гледаме, заштитениот сведок е жив и здрав, и никогаш не се пожалил дека текстот кој го напишал Кежаровски му нанел некаква штета или проблем. Па, оттука, се поставува прашањето: на што се заснова и поткрепува изречената казна!?

ФОКУС Дали е коинциденција или, пак, има некоја скриена намера, тоа што во ист ден и до минута се поклопи изрекувањето на пресудата за „Ликвидација“ и јавната расправа во Апелација за случајот „Ореше“, со која треба да се пресече дали ќе се потврдат ослободителните пресуди за браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски или предметот по третпат ќе се врати на повторно одлучување?

ДАВИДОВИЌ Навистина не знам. Сепак, е многу чудно што во ист термин се поклопија двете судења. Ќе згрешат ако ги поврзат двата случаја и ако дозволат осудителните пресуди да имаат некакво влијание врз случајот „Ореше“ бидејќи ние на јавната седница, по третпат, им објаснивме една работа. Апсолутно не постојат никакви докази за вина на моите клиенти. На самото место на убиството се најдени две чаури, три животински влакна, едно догорче од цигара и четири траги.

Во текот на полициската постапката, во 2005 година, се утврди дека трагите се од Кољо Вељановски, сопственик на земјиштето, два пара траги одговараат на неговите чизми. Еден пар траги од неговиот син и еден пар траги од комшијата, кој му помагал да товари дрва. Догорчето е со женска крвна група, нулта, а моите клиенти имаат А позитив. И двете чаури се од оружје, кое можеби одговара на калашников.

Но, оружје не е најдено. Во мигот кога е случен настанот, триесет луѓе се приведени, меѓу другите и моите клиенти. Земена им е облеката и обувките и направена е парафинска ракавица. Нема никакви честички на облеката, барут. Нема никакви докази, а не, пак, трансакциска сметка по која би ги добиле парите од Америка за да го извршат наводното платено убиство.

Ова кривично дело е сериозна работа. Ние се лутевме кога судијата на двапати на браќата им изрече по дванаесет години затвор. Тоа е алиби-пресуда. За ова дело пресудата може да биде или ослободителна, или доживотна. Тоа е предмет во кој нема средина.zvonko davidovicОБВИНЕНИЈАТА СЕ ПОДНЕСУВААТ СЕЛЕКТИВНО

ФОКУС Заштитениот сведок „Бреза“, кој подоцна самиот си го откри идентитетот и сведочеше како Златко Арсовски, обвини дека му бил вршен притисок лажно да сведочи против обвинетите браќа. Нели треба да се поведе истрага за неговото обвинување?

ДАВИДОВИЌ Постои едно писмо од американската амбасада, кое најмногу кажува за овој случај. Кога се бараше екстрадиција на Ѓоре Петревски, од амбасадата побараа да се достави белешка од комуникацијата на првообвинетиот и браќата, нешто што го нема. Потоа бараа да се достави доказ за протокот на пари бидејќи првото обвинение беше дека убиството е извршено за 50.000 долари, па потоа намалија на 20.000 долари.

Но, и таков доказ не постои. Третата работа беше да посочат листа на сведоци кои се сослушани, кои, пак, на свој трошок Американците ќе ги сослушаат, независно. И четвртото барање беше од заштитениот сведок да се обезбеди изјава во прво лице еднина. Односно, да каже што тој лично видел зашто во неговата изјава стоеше дека му кажале, дека му се јавиле. За на крајот да финишира дека инспектори го притискале, му се заканувале по неговото дете.

Исто така, кажа дека Вељо Арсовски, озвучен и со камера, влегол кај него во затвор, што не е дозволиво бидејќи не му е роднина. Дури и призна дека една недела, наместо во затвор, бил на одмор со неговото семејство во Охрид. Понатаму, земан е од затвор кога ќе им текнело на инспекторите, а судечкиот судија и истражниот судија, кои го ставиле во притвор, ништо не знаеле. И сега, наеднаш, немате одговорност ниту на инспекторите, ниту на директорите на затворите. Треба против нив да се покрене истрага.

Требаше да одговараат и овластените службени лица од Одделението за работа со заштитени сведоци, но ниту тие не одговараа. Чуден е целиот случај и можеби тука се прекршува целото наше судство бидејќи на едно место ги покажа сите слабости. Новинарот, наместо да е награден бидејќи ја открил целата местенка, е казнет. А, тој што го натерал сведокот лажно да сведочи е на слобода. Тоа не е во ред.

ФОКУС Вклучен сте во одбраната и на актуелниот судски случај „Фаланга 2“. Дали сметате дека на обвинителната клупа, покрај Паско Кузман и другите вработени во Управата за заштита на културното наследство, треба да седнат и одговорни од МВР и Бирото за јавна безбедност бидејќи, според изјавите на обвинетите, овие структури цело време знаеле дека се копа, дека се бара злато, и на увид ја имале целата документација. Дали тоа што не реагирале навреме ги прави сооучесници, доколку навистина постои криминал?

ДАВИДОВИЌ  Јас тоа и го кажав во една изјава. Ние за сведоци ќе повикаме и припадници од МВР. Но, по исказите на обвинетите очигледно е дека за секое копање знаеле од МВР и од Бирото за јавна безбедност, па дури и давале асистенција. Чудна работа е да доставите фактура за асистенцијата, која ви ја платиле, а по три години да кажете дека незаконски сте платиле. А, вие сте барале да ви се плати! Истата ситуација како во „Ликвидација“. Инспектори од МВР кои беа во Одделението за работа со заштита на сведоци не се на обвинителна клупа, истото е и овде. Потполно истото. Некако, како селективно да се спроведува целата работа.

ФОКУС Во јавноста се шпекулира дека, сепак,  во „борбата за златото“ ќе падне и една голема ѕверка, чие апсење е оставено за некој погоден термин. Дали се навестува проширување на истрагата?

ДАВИДОВИЌ И до мене допреле овие шпекулации, но официјално засега нема ништо. Во моментот сме во фаза на доказната постапка, при што сослушуваме сведоци.zvonko davidovicЕРОЗИЈА НА СУДСТВОТО

ФОКУС На рочиштата на „Фаланга 2“ се доби впечаток дека приоритет на обвинителството и судот не е да се утврди  препродавање на артефакти, туку сите се интересираат за златото што се бараше во Делчевско и во Велешко?

ДАВИДОВИЌ Она што им беше одземено на моите клиенти во случајот „Фаланга“, веднаш им беше вратено. Зашто не станува збор за оригинали, за артефакти, туку за копии кои Музејот ги прави и ги продава. Не ги видовме ниту штитовите, ниту копјата, кои наводно ги препродавале, ниту, пак, златото, за кое на големо се зборува.

ФОКУС Дали се сомневате дека и зад овој случај постои некој скриен интерес или задна намера?

ДАВИДОВИЌ Често во јавноста се шпекулира, а и до нас стигнуваат тие гласини, дека зад одредени предмети се крие сосема нешто друго. Не знам, можеби. Честопати се зборува и за притисок врз судството. Многупати сум кажал дека не постои извршна власт која не сака да стави рака врз судството. Сите сакаат да имаат влијание врз судството. Но, судиите се тие што можат да го дозволат тоа, или не.

Во ситуација кога имате Судски совет составен од судии, кои самите ги избираат судиите − многу мал број предлагаат претседателот на државата и Собранието − и кога имаат траен мандат и свој буџет, зошто воопшто да подлегнат на притисок? Најголемата вина е кај судиите. Самите можат да одбијат и да пресудат според доказите и совеста. Аномалијата е тоа што Судскиот совет избрал судии што немаат кредибилитет. Кои немаат храброст. Има многу малку судски одлуки од кои можеме да учиме.

ФОКУС Според вашето долгогодишно искуство, како би ја опишале моменталната состојба во која се наоѓа судството?

ДАВИДОВИЌ Постои комплетна ерозија на судството, јас тоа упорно го кажувам. Судството е во една чудна ситуација. Сѐ што ќе предложи обвинителот, се уважува како по шаблон. Ќе предложи притвор, веднаш се носи решение за притвор. Сѐ што ќе се подигне како обвинение мора да има осудителна пресуда, па макар и условна казна.

Во судството треба да се направи голем рез, коренита промена, зашто судството ги изгуби сите атрибути на власт. И немаат повеќе кредибилитет затоа што секоја одлука што ја носат се оспорува и се коментира. Постои големо незадоволство. Некако обвинителството му наметна на судот обвинителски став, а тој го изгуби својот.

Се потрошија огромни средства за обуки, а ситуацијата не е променета. Судиите треба да сфатат дека не станува збор за премерување на кило сирење, дали било 900 грама или еден килограм, туку станува збор за човечки судбини.

ФОКУС Дали адвокатите се ставени во подредена положба бидејќи практиката покажува дека речиси секогаш се одбиваат вашите приговори, а збор добивате дури на завршните зборови?

ДАВИДОВИЌ Со сегашниот закон, обвинителот ги има сите докази, а одбраната нема ниту еден. Обвинителот предлага притвор и основано сомневање со куп докази, прислушувања и други документи. Во мигот кога обвинетиот го дава исказот, одбраната сѐ уште ги нема доказите, ниту ѝ се предочуваат. Се одредува притвор, а обвинетиот останува таму неколку месеци, а некогаш и година до две.

Почнува судењето. Се доставува обвинителен акт до судот. Судијата го добива обвинителниот акт со куп докази, а одбраната уште ги нема. Судијата ги гледа, ги чита. Тоа е притисок на обвинителството врз судот. Затоа што судијата е бомбардиран од информациите и доказите што ги има обвинителот, а одбраната не ја ни слуша. Почнува судењето со читање на обвинителен акт и исказ на обвинетиот.

Одбраната повторно мирува. Се изведуваат докази, како, на пример, телефонскиот број ѕвонел на друг телефонски број и толку. Обвинителот нема да објасни што значи тоа. Завршува доказната постапка и поминуваат месеци, по што судијата веќе е убеден во она што го тврди обвинителот. Следуваат завршни зборови кои судијата не ги ни слуша.Davidovic ПИМ-МЕРКИТЕ СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВААТ

ФОКУС Дали МВР ги злоупотребува посебните истражни мерки (ПИМ), врз кои најчесто, доколку на располагање се нема заштитен сведок, се кројат пресудите?

ДАВИДОВИЌ Честопати одбраната не ја гледа наредбата за ПИМ-мерките. Наредбата е покриена со „државна тајна“ или „строго доверливо“. Дел од адвокатите немаат сертификат за доверливи документи, па затоа судот и воопшто не ги покажува. Па, така, не може да се види дали наредбата е законска, дали во мигот кога е издадена постоело основано сомневање за таков чекор.

Според Законот за кривична постапка, ако за едно лице се водат ПИМ-мерки, тие може да траат седум месеци. Во мигот кога ќе завршат ПИМ-мерките, треба да се процени дали има кривично дело или нема. Ако нема кривично дело, обвинителот е должен сите документи да ги уништи, а не да ги чува со години. Ако ПИМ-мерките ги чуваш пет години е веќе опасно.

И самиот бев предмет на ПИМ-мерките во „Ликвидација“, кои биле прибавени пред неколку години. Недозволиво е такви ПИМ-мерки да се чуваат во фиока, со што се нарушува приватноста и интимата на кој било човек. И не знаете дека постојат, а тие може да ги употребат кога сакаат.

Тоа што е проблем кај овие мерки е тоа што честопати се работи само за видео, без тон. Гледате двајца или тројца од обвинетите како седат. Од каде знаете за што разговараат? Едноставно, на тој начин обвинителството врши влијание врз судот, убедувајќи го дека постои злосторничко здружување бидејќи обвинетите се среќавале.

ФОКУС Дали сметате дека МВР ја прекршува пресумпцијата на невиност на осомничените објавувајќи ги јавно нивните идентитети и апсења?

ДАВИДОВИЌ Судството и обвинителството ни забележуваат нам, адвокатите, кога јавно излегуваме и ги кажуваме работите, додека МВР и обвинителството, уште пред да почне постапката, во преткривична постапка, објавуваат снимки при претрес, кои се за интерна употреба, со што однапред те жигосуваат, што не е во ред.

МВР честопати излегува со соопштение дека се фатени убијците или, во случајот со „Ореше“, дека се пронајдени платените убијци, што е недозволиво. Штом имате снимка од спектакуларно апсење, како се врши претресот, веќе се влијае врз јавноста.

Во нормалните земји не е можно да видите такво видео и најчесто не се коментираат судските пресуди. Но, за жал, ние како одбрана сме принудени да го правиме тоа, затоа што во старт МВР прв ги покажува снимките. Судот е бомбардиран од МВР и од обвинителството, па затоа и мораме барем да направиме некаква рамнотежа.

Застрашувачки
РЕШЕНИЈАТА ЗА ПРИТВОР СЕ СПОРЕД ИСТ ТЕРК!

ФОКУС Дали со оглед на висината на казната за Кежаровски, од 4 години и 6 месеци, до правосилноста на пресудата можеше да му се дозволи да се брани од слобода или да му се изрече некоја од алтернативните мерки, наместо притвор?

ДАВИДОВИЌ Секако дека можеше да се пушти во домашен притвор, да му се одземе пасошот, па дури и да му се дозволи да се брани од слобода. Ништо немаше да биде спорно бидејќи членот од ЗКП, според кој притворот е задолжителен кај високите казни, е одамна укинат. Сега, за секој конкретен случај може да се реши дали ќе има притвор или не. Застрашувачки е тоа што решенијата за притвор се прават по еден терк. Ако земеш две различни решенија, нема шанси да погодиш на кој предмет се однесуваат. Подеднакво се исти, а тоа е недозволиво. Секој предмет е посебен. Мора да се процени индивидуално.

Монтирана приказна
ОБВИНЕНИЈАТА СЕ РЕКЛА-КАЖАЛА!

ФОКУС Во последно време, голем број од судските случаи се оценуваат како политички мотивирани. Дали оцената е оправдана?

ДАВИДОВИЌ Ако се суди врз основа на докази, нема да има такви сомнежи. Ако се симне превезот на тајност од некои работи, ако правилно се употребуваат ПИМ-мерките, а не да бидат исклучиво средство, ако се дадат и други докази, нема да се доаѓа во ваква ситуација. Трагедија е што луѓето одговараат и лежат во затвор, а за тоа нема докази. Нема правна сигурност, односно да бидеш сигурен дека ако те осудат, пресудата ќе биде заснована на докази. Обвиненијата се рекла-кажала. Едноставно кажано, се прави или се монтира приказна!

АРХИВА Скопје 2014 веќе изеде три пати повеќе пари од најавените 80 милиони евра на Никола Груевски!

$
0
0

Текстот е објавен на 27 јануари 2012 во неделникот „Фокус“ во бројот 865

Пишуваат Мери ЈОРДАНОВСКА Сашка ЦВЕТКОВСКА

Пред две години, ова време, или последниот четврток од февруари во 2010 година, премиерот Никола Груевски на седница на пратенички прашања во Собранието реагираше на наводите на опозицијата, која тогаш тврдеше дека проектот Скопје 2014 ќе чини повеќе од 200 милиони евра. Реплицирајќи му на пратеникот на СДСМ, Андреј Петров, Груевски смирено и многу сигурно изјави дека опозицијата непримерно и без докази фрла дрвја и камења по овој проект, а стотиците милиони кои ги спомнуваат се далеку од разумот.

– Проектот Скопје 2014 нема да чини 200, туку 80 милиони евра. Реализацијата на проектот, ако се има предвид дека ќе се спроведе во осум буџетски години, значи дека нема да бидат ангажирани големи средства – изјави премиерот на 25 февруари 2010 година.

Од тогаш до сега се направија многу ребаланси на буџетот, се склучија многу анекси на договорите, се појавија едночудо непредвидени работи, а богами и непредвидени споменици и објекти, кои  го дополнија и надградија Скопје 2014. Па така, осумдесетте милиони  на Груевски станаа дури и повеќе од 200 милиони евра, во тврда градба, претежно барокна.

ЧЕТВРТ МИЛИЈАРДА ЕВРА ЗА НОВОТО СКОПЈЕ

Ако се соберат парите предвидени во основните договори, па потоа и оние во анексите на договорите, „Скопје 2014“ стигнува до  фантастични 240 милиони евра. Службата за општи и заеднички работи, Министерството за култура и општина Центар се трите најважни „играчи“ во градежниот мејкап на Скопје, кои досега успеаја да потрошат речиси четврт милијарда евра од парите на граѓаните за згради, мостови, огради, споменици, фонтани…  Според проценките на државниот ревизор, овие суми дополнително ќе растат, ако се има предвид дека допрва ќе се гради новиот Драмски театар, новата зграда за администрацијата, двете згради спроти „Бристол“, во кои ќе бидат сместени повеќе институции, зградата на ЕЛЕМ, како и реконструкцијата на зградата на Министерството за правда. Секако, осумдесетте милиони на Груевски престанаа да бидат „Библија“ во која мора сите да се колнеме, откако Бирото за јавни набавки на интернет-страницата почна да ги објавува договорите на институциите и фрли светло врз вистинските размери  на кешот што го изеде „Скопје 2014“.

Но, освен потрошените пари, бирото овозможи и увид во тоа како се трошат парите. Александар Димитриевски, новинар во телевизијата „Алфа“, кој подолго време ги истражува набавките за објектите од „новото“ Скопје, вели дека најспорните елементи во нив се токму парите за „дополнителни и непредвидени трошоци”.

– Во практика, чести беа дополнителните договори за непредвидени работи со добитникот на основниот тендер. Во некои случаи, тоа беа разбирливи суми, но во некои значeше и 29 отсто повеќе пари за одредени зафати од првично предвидените. Со време, стана јасно и дека добар дел од работите на терен ги работат подизведувачи, што значи дека дел од добитниците на тендерите можеби немале капацитет да ги извршат работите за кои биле одбрани на оглас, или пак си нашле фирми кои ќе ја завршат работата за помалку пари отколку што тие добиле од државата. На сето ова треба да се додаде и фактот дека поради недоволно јасни причини, одредени објекти не се завршени во рокот во кој беа најавени. Иако, според досегашните информации, сите овие ситуации се законски покриени со анекс договори, сметам дека можеби доколку сите овие услови биле познати во првичните тендери, ќе имаше поголема конкуренција и можеби пониски цени за изведба на проектот – вели Димитриевски.

ПАЈАЖИНА ОД СОМНИТЕЛНИ ЗДЕЛКИ

Добро разработените шеми на корупција во јавните набавки се нотираат во речиси секој извештај на невладините организации што го мониторираат овој процес. Градежништвото е прво на листата. Тоа е сектор каде има исклучително исплатливи манипулации, се вели во еден од извештаите на Институтот за граѓански комуникации. Кога го читате нивниот извештај, имате чувство како да читате семинарска тема за владината гордост „Скопје 2014“.

„Анкетираните од овој бизнис тврдат дека постојат можности за неколку форми на злоупотреба:  користење на помалку квалитетен, а со тоа и поевтин материјал од оној со кој е конкурирано и е добиен тендерот, употреба на помала количина материјал од таа што е наведена во спецификацијата, како и фирмата што го добива тендерот, ниската цена поради која била најконкурентна, потоа, во текот на градбата да ја надградува преку законски дозволената ставка за непредвидени трошоци. Бидејќи до вакви манипулации доаѓа и покрај тоа што во текот на секоја градба е предвиден посебен субјект задолжен за надзор, очигледно е дека станува збор за непринципиелно поврзување меѓу изведувачот и субјектот што го врши надзорот“, се вели во извештајот.

Токму на ова се темели најспорниот момент и во договорите што Министерството за култура ги склучува со изведувачите на објектите, најчесто со фирмата „Бетон – Штип“. Последниот од низата анекс договори е склучен кон почетокот на месецов.  Речиси 112.000 евра ќе се одлеат од буџетот на сметката на оваа фирма за „набавка, изработка, испорака, инсталација, монтажа, испитување и пуштање во работа на опремата и инсталациите предвидени во основните проекти за Стариот театар“. Се поставува прашањето, како е можно како непредвидена работа да се третира набавката и пуштањето во работа на опремата?! Секој лаик, кој не знае да разликува гипс од бетон, сигурно ќе знае дека набавка и испорака на опрема и нејзино пуштање во употреба треба да биде составен дел од секој договор, кога се гради објект. Но, ова најверојатно е еден од најманипулативните, но законски начини како да се добие на тендер. Се добива според најниската понудена цена, а потоа договорот се пумпа со анекси за непредвидени трошоци, кои, ни повеќе ни помалку, изнесуваат 29 отсто (од дозволените 30 отсто од основниот договор).

Што друго Министерството за култура прифаќа под ставката „непредвиден трошок“? Од она што е објавено на Бирото за јавни набавки, богами и тешко може да се разбере. Така, за изградбата на Македонската филхармонија, се јавиле непредвидени работи кои чинеле околу 90.000 евра. Но, кога ќе го отворите огласот, за да видите за што станува збор, еве на каков текст ќе наидете: „Во текот на изведувањето на работите од страна на изведувачот, констатирани се определени дополнителни работи кои треба да се изведат на објектот, со цел за негова изградба согласно Основниот и Изведбениот проект, а кои не се предвидени со основниот Договор. Сето тоа е потврдено и од проектантот, надзорот и стручната поддршка за реализација на овој проект. Констатираните дополнителни работи се неопходни за завршувањето на основниот Договор и технички и економски не може да бидат одделени од него“.

А понекогаш го нема дури ни тоа. Единствено што стои е дека со истата фирма со која е потпишан основниот договор, подоцна се потпишува и анексот, поради „непредвидени и дополнителни работи“, кои не ја надминуваат сумата од 30 отсто, па оттаму не е потребно да се распишува нов тендер. Тоа го раѓа и сомнежот за манипулации со јавните набавки, што отвора и работа за јавниот обвинител, особено ако се земе предвид дека минатата година на јавни набавки со непосредна спогодба се потрошени околу 35 милиони евра, што е за 52 отсто повеќе од 2010 година.

МАКЕДОНСКИ СТАТУИ ГИ ДВИЖАТ СТРАНСКИТЕ ЕКОНОМИИ

Повеќе од 32 милиони евра се потрошени само за спомениците поставени низ центарот на Скопје. И ако премиерот гордо најавуваше дека овие зафати ќе ѝ помогнат македонската економија, бројките говорат нешто сосема друго. Градоначалникот на општина Илинден и Владата се гордеат со странска инвестиција од 2 милиони евра, а во исто време вкупно 32,2 милиони евра за скулптури се одлеаја во странство.  Десет милиони евра е инвестицијата на Италијанците во општина Петровец, која така гордо ја најави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, а Македонија како од шега потроши 20  милиони евра на лиење бронза во Италија. Соседна Србија и нивната леарница Јеремиќ сме ја „помогнале“ со 3 милиони евра, а домашните РЖ Институт АД и ДГ Бетон за лиење и постаменти добиле речиси 10 милиони евра.

Се разбира, во овие трошоци не се пресметани хонорарите на авторите. На некои од нив, како авторката на Воинот на коњ, Валентина Стефановска, една од омилените на креаторите на проектот, трудот им беше проценет на речиси 2 милиони евра.

ПРЕД ДА ГИ ПОТРОШАТ ПАРИТЕ, ГИ ИЗИГРАА ПРОЦЕДУРИТЕ

Кога сме веќе кај скулптурите, со нив почна приказната наречена „Скопје 2014“, а тие покажуваат дека не само финансиите, туку и процедурите, кои овозможија практично преку ноќ да се смени физиономијата на градот, беа во духот на нетранспарентноста, а дискутабилна беше и законитоста.

Ако им се верува на очите, Гоце, Воинот на коњ и Даме се споменици, но ако се чита урбанистичкиот план, тие се само спомен обележја и личности од локално значење. Навидум смешно, но во пракса – итро. Законот за споменици е јасен: ако се работи за личност од локално значење, решава општината, но ако е споменик во прашање, тогаш процедурата ја води републичкото Собрание. Па така, Гоце, Даме и Александар станаа личности важни за општината Центар, а со тоа се избегна жолчна и јавна расправа во парламентот.

Откако на овој начин ги „реши” спомениците, односно спомен обележјата, на општина Центар ѝ преостана да ги изгласа измените во урбанистичкиот план. Експресно и по скратена постапка, Центар за само еден месец ги донесе измените кои засекогаш ќе го сменат ликот на градот. И анкета и стручна рецензија и мислење на институциите, сѐ се направило на крајот на декември 2009 година. Така, на пример, општината побарала од Министерството за транспорт и врски да им ја одобри документацијата на 18 декември, а овие за само два дена „успеале“ да ја разгледаат документацијата детално и на 20-ти истиот месец да пратат мислење дека сѐ е во најдобар ред.

На 29 јануари Советот на Град Скопје ги усвоил измените во државниот урбанистички план, со амин од само петмина граѓани на општината и со негативно мислење од експертите.  Да, експертите констатирале дека висината на дел од објектите и површините за градење не се во согласност со нормативите за градење. Дури и Паско Кузман и Управата за културно наследство не одобриле градење околу Камениот мост, бидејќи влегува во заштитената зона. Но, сето ова општината го отфрлила и брзо и ефикасно си го остварила она што веќе си го намерила.  И така, споменикот на Гоце Делчев, наместо на културно,  денес останува да стои на „минско“ поле за верски, етнички, партиски, естетски, па дури и меѓународни конфликти.

Така, полека но сигурно, почна да станува јасно дека градот ќе се менува и тоа по партиски тертипи, без стручна дебата, без јавна расправа и секако, без референдумско изјаснување на граѓаните. што е пракса во секоја цивилизирана држава кога се менуваат урбанистичките планови.

Сомнежите почнаа со процедурите, а продолжија со парите. Засега се 240 милиони евра, сума која претендира да расте незапирливо, со темпото на Преродбата.

РАМКА 1

 Фирмата шампион

ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА САМО ЗА „БЕТОНШТИП“

Ако на пребарувачот на Бирото за јавни набавки ја внесете фирмата „Бетон – Штип“ и ги побарате зделките за Стариот театар и Музејскиот комплекс што оваа фирма ги склучила со Министерството за култура, само за анекс-договори (исклучувајќи ги основните договори), се доаѓа до фантастична сума од 2,9 милиони евра!

Зошто Министерството постојано ја форсира оваа фирма, како носител на набавките, останува нејасно. Основните договори за двата најскапи објекти се склучуваат токму со „Бетон – Штип“, а понатаму и сите „дополнителни и непредвидени работи“ кои тежат милиони, а како единствен понудувач се јавува истата фирма.

„Фокус“ веќе објави податоци за оваа фирма, каде директор е Илија Бреслиски, кој не е баш расположен да разговара со новинари. Нашиот последен обид да добиеме објаснување како токму штипската фирма успева да ги добие најголемиот број тендери, заврши со погрдни зборови и спуштање на слушалка од страна на директорот Бреслиски.

РАМКА 2

Прашања без одговори

КУЛТУРА НА НЕТРАНСПАРЕНТНОСТ

„Почитувани, со оглед на тоа што веќе еден месец чекаме одговор на прашањата за неделникот Фокус, принудени сме повторно да Ви ги поставиме, со надеж дека овој пат ќе бидете отворени кон јавноста и ќе не удостоите со одговор. Прашањата на кои упорно инсистираме на одговор се следните:

– Кога беа потпишани основните договори за изградба на Стариот театар, Музејскиот комплекс, Македонската филхармонија и Портата Македонија?

– Кој е износот на чинење содржан во основниот договор?

– Со која фирма е склучен основниот договор?

– Колку анекс-договори се потпишани досега за горенаведените објекти и за какви трошоци се однесуваа?

Се надеваме дека овој пат, во име на објективното информирање на јавноста и за подобра понатамошна соработка, ќе добиеме одговор на прашањата. Ви благодариме однапред“.

Ова е мејлот што втор пат „Фокус“ го испраќа до Министерството за култура, инсистирајќи на одговори, сѐ со цел да не се шпекулира околу сумата што се одлева од буџетот за проектот „Скопје 2014“. Одговор сѐ уште немаме добиено.

Анита Јовановска, портпарол на Министерството за култура, повторно истапи со истиот одговор, дека прашањата ќе ги проследи до надлежните служби. Но, за секој случај, нѐ упати да ја отвориме страницата на Бирото за јавни набавки и да си провериме самите. Јовановска, очигледно, не е запознаена дека основните договори од 2007 и од 2008 година не се достапни на оваа страница. Па еве, објавувањето на овој и-мејл, ќе го сметаме како наша трета молба за зголемување на транспарентноста на Министерството за култура.

РАМКА 3:

Државен завод за ревизија

ПРОЕКТOT ДОПРВА ЌЕ ЦЕДИ ПАРИ

Државниот завод за ревизија веќе се изјасни дека проектот „Скопје 2014“ допрва, во наредниве години, ќе цеди пари од буџетот преку анекс-договори.

Ревизорскиот извештај за Министерството на култура за 2010 година откри бројни слабости при изградбата на Македонската филхармонија, Стариот театар, Музејскиот комплекс, набавката на восочните фигури. Така, во изградбата на Македонската филхармонија, без да се распише тендер, дополнително бил ангажиран акустичар од Германија, на кој му биле исплатени околу 250.000 евра. Дополнителни промени биле направени и кај Триумфалната порта, со менување на идејното решение, па така во извештајот се вели дека трошоците не можат да се прифатат како реални и објективни.

„Во текот на 2011 и идните години извесно е дека Министерството за култура ќе пристапи кон склучување на дополнителни договори, преку спроведени постапки за јавни набавки со цел докомплетирање на изградбата“, се вели во ревизорскиот извештај.

Реагираа и од СДСМ:

– Додека во Јавното обвинителство молчат за негативните ревизорски извештаи за актуелните владини функционери, јас, како претседател на собраниската Комисија за култура, ќе иницирам јавна расправа и ќе предложам соодветни заклучоци за наодите на Државниот ревизор за работењето во Министерството за културa – изјави Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.

На ова одговори министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, која тврди дека ревизорите дале позитивно мислење за работата на нејзиниот ресор.

– Жалиме што овој ревизорски извештај на Министерството за култура се разликува од оној кога СДСМ беше на власт, кој беше оценет како негативен. Доколку сакате да дебатираме на тема „Скопје 2014“, со сите реални аргументи и факти, како и досега, така и во иднина, Министерството за култура секогаш ви стои располагање – изјави Милевска.

СТАР ТЕАТАР

19 јануари 2007 година – удрен камен-темелникот на Стариот театар

23 јануари 2007 година – потпишан Oсновниот договор 33-11/13

(договорот не е достапен на веб-страницата за јавни набавки)

Договорен орган:  Министерство за култура

Изведувач:  Бетон – Штип

Најавена цена: 4,5 милиони евра

2007- 2012: потпишани уште 7 анекс договори за непредвидени и дополнителни работи

Вредност на договорите:  1,5 милиони евра

Изведувачи: Бетон Штип, Ламоне Мореда, АДГ Конструктор Инженеринг ДД

Дополнителни трошоци: 25 милиони евра за набавка, инсталација, изработка и монтажа на инсталации, дополнителни и непредвидени работи, изработка на скулптури во гипс, мебел, опрема, осветлување, браварски услуги, проектантски надзор…

Изведувачи: Светлост театар ДОО Белград, Страбаг АГ, Ламоне Мореда ДОО и АД Соемс, Бетон-Штип и други физички лица.

Вкупна сума на чинење: Околу 30 милиони евра

МУЗЕЈ НА МАКЕДОНСКА БОРБА

19 мај 2008 година – потпишан Основниот договор 39-1140/28

(договорот не е достапен на веб-страницата за јавни набавки)

Договорен орган: Министерство за култура

Изведувач: Бетон – Штип

Најавена цена: 4 милиони евра

2008-2012 година: Потпишани се уште 6 дополнителни договори за непредвидени работи

Изведувач: Бетон – Штип

Вредност на договорите: 2,3 милиони евра

Дополнителни трошоци: 1 милион евра за масовни сцени, 100.000 евра за рамки за слики, 1,5 милиони евра за 105 восочни фигури, 200.000 евра проект за мебел, 818.000 евра мебел, 220.000 евра за осветлување, 420.000 евра за витраж, 2,3 милиони евра за уредување на ентериер.

Вкупно потрошени буџетски пари: 13 милиони евра

Забелешка: Лани во мај почина работникот Горан Трајковски, кој работеше на изградбата на објектот „Музеј на Македонската борба и жртвите од комунизмот“. Трудовата инспекторат тогаш утврди дека скелето од кое што падна работникот било неисправно.

УСТАВЕН СУД ЗАЕДНО СО ДРЖАВЕН АРХИВ И АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ

23.03.2009 – Удрен камен темелник на новата зграда на Уставниот суд

Најавена цена: 24 милиони евра

Договорен орган: Служба за општи и заеднички работи на Владата

(основниот договор не е достапен на веб-страницата за јавни набавки)

Изведувач: Гранит АД Скопје

Вкупно потрошени пари за трите објекти: 31,4 милиони евра, без да се пресметаат основните договори со изведувачите.

За што се трошеа парите: стручен надзор, проектантски надзор, ентериерно уредување, релјефни композиции, монтажа на канцелариски мебел, градежно занаетчиски работи, дополнителни и непредвидени работи.

Изведувачи: Гранит АД Скопје, Градежен институт Македонија АД, Бетон АД, Етапа проект и други.

Забелешка: „Утрински весник“ лани објави дека подовите, плафоните и прозорците во новиот објект на Уставниот суд ќе чинат речиси 2,5 милиони евра. „Сѐ ќе биде изведено убаво, со стил“, изјави за Утрински весник Васил Доневски, директор на Службата за општи и заеднички работи, според кого износот од 2,5 милиони евра за посочените елементи од објектот воопшто не е превисок, ако се има предвид неговата големина?!

Светилки и рефлектори од 750.000 евра ќе ги осветлуваат новите згради на Уставниот Суд, Јавното Обвинителство и Министерството за надворешни работи.

МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА

27.02.2008 година – Потпишан основниот договор бр 39-201/12

25.03.2009 – Поставен камен темелник на објектот

Договорен орган: Министерство за култура

Изведувач: австриската фирма „Алпине Бау“ од Салцбург

Најавена цена: 5,8 милиони евра

Трошоци 2009-2012 – дополнителни проектантски услуги (50.000 евра), стручен надзор (130.000 евра), карабина (5,9 милиони евра), дополнителни и непредвидени работи (80.000 евра), основен и изведбен проект со мерења за акустика (250.000 евра)

Вкупна цена: 7,1 милиони евра (1,3 милиони евра повеќе од предвиденото)

Забелешка: Во ревизорскиот извештај за работата на Министерството за култура за 2010 година стои дека при изградбата на Македонската филхармонија без да се распише тендер дополнително бил ангажиран акустичар од Германија на кој му биле исплатени околу 250 илјади евра.

СПОМЕНИЦИ И МОСТОВИ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР

 Леарница Јеремиќ, Србија – 3 милиони евра

Скулптура на Питу Гули – 118.000 евра

Изградба на скулптури во бронза – 184.000 евра

Скулптура на Ѓоргија Пулески – 78.000 евра

Скулптура на Димитрие Чуповски – 80.000 евра

Скулптура на Паднатите херои за Македонија– 2,6 милиони евра

Леарница Ујевиќ – 302.000 евра

Скулптура на Димитар Поп-Георгиев Беровски – 68.000 евра

Скулптура Македонски бранители – 234.000 евра

ДГ БЕТОН – 8,1 милиони евра

Градежни работи за спомен обележје на Паднатите херои за Македонија – 1,8 милиони евра

Изградба на мостот Око – 2,3 милиони евра

Изградба на Летниковец – 352.000 евра

Изградба на постамент за скулптури – 210.000 евра

Постаменти за скулптури – 341.000 евра

Фонтана со придружна содржина – 3,1 милиони евра

Леарница Фернандо Маринели – 16 милиони евра

Скулптура Воин – 3 милиони евра

Лиење на скулптури и релјефи во бронза – 4,5 милиони евра

Лиење на скулптурата Основачи на МРО – 1 милиони евра

Лиење на скулптури во бронза – 710.000 евра

Лиење на скулптури во бронза – 843.000 евра

Лиење на скулптури во бронза – 1,1 милиони евра

Лиење на скулптури во бронза – 1,1 милиони евра

Скулптура Прво заседание на АСНОМ – 1,5 милиони евра

Гемиџии – фондерија Артистика – 963.000 евра

Лиење на двата лава – 1,2 милиони евра

Лиење на двата лава – 1,1 милиони евра

Галерија Пиедро Баззанти – 3,2 милиони евра

Изградба на споменик на Цар Самоил – 1,3 милиони евра

Скулптура на Ченто – 780.000 евра

Скулптура на Јустинијан Први – 1,2 милиони евра

РЖ Институт АД – 1,8 милиони евра

Скулптура на Климент и Наум – 580.000 евра

Скулптура на Св. Кирил и Методиј – 543.000 евра

Лиење на скулптури во бронза – 234.000 евра

Скулптура на Карпош – 540.000 евра

Конструктор инженеринг ДД Сплит со Крин КГ Прилеп,

постаменти за скулптури –– 203.000 евра

Ламоне Мореда,
фонтана во Вардар – 830.000 евра

Промотивен материјал за скулптури и релјефи – 152.000 евра

ВКУПНО: 32,2 милиони евра

П.С.

Податоцитe се однесуваат само на достапните информации од Бирото за јавни набавки, односно, не се вклучени голем број други споменици, како и хонорарите на авторите!

 

АРХИВА Лицемерни гангстерчиња

$
0
0

Nikola_FOtoТекстот е објавен на 15 јануари 2010 во неделникот „Фокус“ во број 759

Пишува
Никола МЛАДЕНОВ

Пред дваесетина години, Американците ја почнаа жестоката кампања против пушачите. Пушењето го означија како најголемо зло, а пушачите се третираа безмалку како најголеми злосторници. Во кафеаните со десетина маси, дали две-три беа резервирани за нив. И тоа најлошите, на чекор од тоалетот. Слично беше и по институциите. Забрана насекаде, освен во некоја мала пет-шест квадратна просторија, и тоа не во сите нејзини соединети држави. Нормално, пушачите се чувствуваа како Евреите под Хитлер, презрени на секој чекор од проповедниците на здравиот живот. Кутрите се плашеа да запалат и на тротоар…Од кај да знаат, дека меѓувремено не е донесен закон, кој за таков грев не пропишал две тупаници сред чело и три клоци по задникот?!

Со текот на времето, пушењето беше забрането на сите јавни места, но, резултатите се покажаа трагикомични. После десет години не дојде до намалување на бројот на пушачите. Слична судбина имаа и разните болести, кои сѐ уште се припишуваат како последица од пушењето. Но, лудилото не престана. Забраната се ширеше на Европа. Земјите од Унијата пропишаа директиви, кои речиси го пресликаа американскиот рецепт на Стариот континент. И, види чудо, најдисциплираната европска нација, германската, прва дигна раце, па мошне брзо ги олабави ригидните правила за угостителските објекти.

Така, Германија и Австрија ја докажаа познатата вистина, дека ЕУ не значи проста униформираност, туку простор за негување и на различностите. За жал, во умот на нашиве припрости властодршци се прпелка некоја друга Германија. Тие уживаат во глумењето поголеми католици од Папата, па донесоа закон за сто-два-процентна забрана на пушењето. Не само во кафеаните, ами и на терасите, на отворен простор!!!

За оние што го преферираат современиот германски модел на живеење, овој фундаментално антиевропски закон не заслужува сериозен коментар. Тој треба да се исмее, сосе неговите автори, кои немаат никаква допирна точна со реалниот живот. Тие си умислуват дека ќе го направат она што не им појде од рака на Американците. Ќе сме ја отргнеле нацијата од цигарите и со тоа ќе сме ќареле 70-тина милиони евра годишно, колку што здравството го чинеле болестите од пушењето?! Бре, мајката, од кој ракав е извадена таа бројка? Каде се доказите дека само пушењето било причина за сите тие болести? Нормално дека ги нема, оти сѐ уште нема несоборливи докази дека одредени болести немало да нѐ навјасаат, само доколку болните биле непушачи. Тоа е дел од пропагандата за наивните… Во крајна линија, што правиме ако операцијата се покажа успешна, па народот ги батали цигарите? Таксите што се плаќаат за нив се меѓу најголемите ставки во буџетот. Зар мислите дека тие се помали од 70-те божем заштедени милиони евра?!

Но, еве уште потешко прашање за нашите ,големи домаќини,. Што правиме со луѓето, доколку престанат да пушат и навистина почнат да живеат по пет години повеќе?

Кој ќе им плаќа екстра пензии, бре, преродбеници низаедни? Звучи морбидно, но, кај ќе стигнеме ако завладее таа ,домаќинска, логика, па нашиве гилиптeри заиграат целосно на таа карта? Замислите, станува Грујо на лева нога и сфаќа дека пушењето е спас за празните му пензиски фондови, па удира контра-кампања: Пушете луѓе, умрете побрзо, оти тоа е здраво за македонскиот буџет.
Мислам, голема идиотштина е тоа, сите аргументи да почнуваат и да завршуваат со некакви ѓоа финансиски ,бенефити,. Башка, додека евентуално направиме некој ќар после 15-тина години во ставката канцер, кој ќе ги плати денешните воспаленија на белите дрогови кај младите, кои пушат пред кафулињата на ова студено време?

Да простите на споредбата, ама овој закон ми наликува на желбата на Енвер Хоџа, од религиските објекти во неговата Албанија да направи домови на културата. Едноставно, 80 отсто од луѓето што одат во кафулиња, кафеани, ресторани… се пушачи. Кога нив ќе ги снема таму, тогаш тие ,порочни, места ќе треба веднаш да се трансформираат во библиотеки. Навистина не ми е јасно, што сака власта да направи од кафеаните?! Барем за неа демократијата почнува и завршува со мнозинството. По која, тогаш, гангстерска логика, таа сака да ја наметне волјата на 20 процентното малцинство врз четирите петтини пушачи во кафеаните?! Не личи тоа на оваа власт, која не почитува ама баш никакво малцинство – од политичко, преку верско, се до сексуално. Од каде, богати, таа напрасна грижа за непушачите во кафеаните?!

Според мене, законот против пушачите има сосема друга цел. Прво, донесен е од авторитарни типови, кои мислат дека проблемите се решаваат со најобични забрани.

Второ, тој прилега на асоцијални, примитивни луѓе, кои мислат дека кафеаната е место за пијанчење, а не за дружење, забавување, договарање… Тие не ја сфаќаат нејзината цивилизациска суштина, како родно и работно место на граѓанската демократија.

Трето, власта сака да тренира строгост, за Македонецот секогаш да чувствува некаков страв, да не прави нешто што е недолично или забрането. Оттаму, простациве сакаат да нѐ дефокусираат од сите други глупости што меѓувремено ги прават, за, патем, да соберат и некоја екстра пара од казните што по овој основ ќе ги наплатат од осиромашениот граѓанин, за да го пополнат ограбениот буџет.

Се разбира, додека ние се караме околу законот, тие ќе толерираат пушење во објектите на ,нивните, луѓе. Плус, на бунџиите ќе може да им препишат анти-европска етикета. Демек, еве ви ја Европа по која толку пекате… Тоа, секако, не е точно, но, со будалетинки не можеш да се разбереш, оти тие постојат само за да го нервираат човека!

Во секој случај, сакам законов да потрае барем пет-шест месеци. Да се применува, и тоа жестоко, додека секој пушач не плати барем две драконски казни, сосе угостителите што сѐ уште се чувствуваат незгодно, оти му вртат грб на Грујо, додека овој ги трти кај што ќе стигне. После ќе биде полесно… Откако сите ќе ги почувствуваат ,благодетите, од војничкиов модел на демократија, многу полесно и ќе се раатисаме од него.

АРХИВА Портрет Никола ГРУЕВСКИ: Св. Никола ја чека бомбата

$
0
0

Текстот е објавен на 19 декември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1002

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

Денес, на денот на еден од најголемите светци во православието, кога градот Штип ќе му го додели орденот „Св. Никола“ на премиерот Груевски, небаре прогласува нов светец, граѓаните сѐ помалку си го поставуваат прашањето – што направи Никола за Штип и за Македонија за да го заслужи орденот?! Рака на срце, штипјани може да наредат повеќе причини – конечно, по осум години власт, почна изградба на експресен пат Велес – Штип, а се гради и автопат преку Св. Николе, во градот ќе има и музеј со восочни фигури на историските водачи на ВМРО – Ванчо Михајлов и Тодор Александров, има музеј-куќа на Јордан Мијалков, Штип е повторно македонски Манчестер и увезува од другите градови текстилни работници, иако работат за ситни пари, но најбизарната причина за орденот општинарите ја сместија во соопштението за настанот – во Штип е родена мајката на премиерот. Мајката на синот на нацијата!

КОМПЛЕКС НА ЖРТВА

А кога е Никола во прашање, мајка му е секогаш на прво место. Ако некој имал влијание врз него, велат упатените, тоа е токму неговата мајка Надежда Груевска. Никола летово ја поведе мајка си заедно со сопругата и двете ќерки десет дена на одмор во Турција, на покана на неговиот турски политички близнак Ердоган, од кого црпи драгоцени искуства за авторитарното владеење и со тоа ја покажа својата силна фамилијарна приврзаност карактеристична за патријархалните ТВ сапуници од Босфорот, што така милно за ушите катавечер ни ги читаат Јелена Жугиќ и актерската дружина. Но, таа симболика на приврзаност кон мајката, која инаку е за почит и восхит и одраз на добро воспитание кога станува збор за обичниот живот, може да биде товар за политиката и особено за кариерата на еден син единец, каков што е Никола.

Медицинската сестра или здравствен работник не само што е фактор во животот на младиот Никола, туку таа ги храни и неговите политички амбиции, а за време на неговата политичка кариера и особено во текот на премиерскиот мандат, дури и активно води политика, да речеме во Фондот за здравство, а не ретко остварува улога и на кадровик, чии консултации Никола особено ги цени. Но, и многу повеќе од тоа. Таа е тука да подметне грб, кога треба да се јави како сопственик на станови со заштедата од медицинскиот гурбет во Либија, кога го напаѓаат, да го брани жестоко, па и да се расправа на улица со неговите политички опоненти. Впрочем, политиката е многу валкан занает за мајките со чисто срце и нежна љубов за своите синови да имаат посебна улога во неа. Мајките се главно посесивни кон своите синови единци, нагласено емотивни и тешко може да сочуваат студена глава. Секој напад, а во политиката такви фрчат, тие го доживуваат драматично, а ако згора на тоа имаат и поголеми амбиции, тогаш тоа може да предизвика сериозни ломови.

Иако живеат одвоено, Никола гради односи и со татко му Тало, кој докторирал на Белградскиот универзитет и предава на Шумарскиот факултет во Скопје. Татковските корени од егејска Македонија, од с. Крушоради, Леринско, и егејската приказна ќе одиграат сериозна улога во развојот на тврдокорноста на Никола, кога станува збор за спорот со Грција. Но, родното место на татко му ќе добие особено на значење со изградбата на спомениците, кога здружение што го носи името на ова славно село, ќе се појави како донатор на пет споменици во Скопје!

Сепак, особено влијание врз формирањето на младиот Никола има братот на Надежда – Јордан Мијалков. Вујкото Јордан, велат нему блиските, посебно го гледал својот внук, особено откако родителите му се разделиле, па дури и повеќе од своите синови Сашо и Влатко.

Бидејќи Никола бил навикнат на кавги, а не ретко бил сведок и на физички грубости, со време изградил карактер на жртва. Отсекогаш за себе сметал дека има несовршен надворешен изглед, невообичаено широк од, неправилен нос, иако денес во зрели години за многумина изгледа допадливо. Тие што го посматрале одблизу велат дека поради сето ова изградил комплекс на инфериорност. Тој себеси се смета за неуспешен, но истовремено и за маченик. Него наводно секој се обидува да го искористи и да го жртвува, а тие што го жртвуваат, се разбира, се лоши луѓе.

ОБРАЗОВНИ ФРУСТРАЦИИ

За да не биде жртва, маченик, рано во својот живот решава да успее, да стане славен, да прави пари, да добие сила и она што му недостасува – моќ! Бидејќи Јордан и синовите живеат извесно време во Прага, стариот Мијалков таму е претставник на „Макотекс“, Никола добива желба да студира режија на Прашката школа. Тој младешки занес го инспирира да статира во култ претставата „Чија си“ од Сашко Насев, на крајот од 1980-тите во Драмски театар во Скопје. Желбата за успех и чувството на физичка немоќ го качува дури и во боксерскиот ринг. Но, Никола не успева ниту во театарот, ниту во боксот.

Кога Македонија се одделува од СФРЈ, Никола ја следи политиката одблизу, зашто во експертската влада е неговиот вујко – министер за внатрешни работи, но и штипската колонија тазе политичари – премиерот Никола Кљусев и министерот за правда Ѓорѓи Наумов, познати или блиски до неговото семејство! Поради поврзаноста со вујко му, силно го погодува сообраќајната трагедија во која загина Јордан, додека Никола е студент на Економскиот факултет во Прилеп. Сведоци тврдат дека Никола до денешен ден не прифаќа оти загинувањето на Мијалков било чиста сообраќајка, а во тоа време гробот на својот вујко го посетува многу почесто дури и од неговите синови.

Можниот неуспех го притиска многу силно студентот Никола, во 1994 година да дипломира на Економскиот факултет во Прилеп, во тоа време високообразовна институција со пониски стандарди, какви што Груевски премиерот, денес особено пизми. Познавачите велат дека токму тие негови рани прилепски фрустрации и несовршено образование го поттикнале неговото чувство да сонува недофатливи образовни височини. Никола е фасциниран од Кембриџ, Оксфорд, Харвард, Јејл и учениот свет, оттаму и усвоените програми од Кембриџ во македонското основно образование, а недовербата во луѓето што ја изградил поради чувството – објект на измама и жртва, кај него очигледно создава рефлекс на постојано испитување, тестирање.

Никола не верува во луѓето, дури ниту во најблиските пријатели. Секогаш ги става на тест. Тој мисли оти и братучедите може некогаш да го предадат. Околу него сите се измамници, против кои тој треба да се бори. Универзитетите штанцаат дипломи за пари, студентите не сакаат да учат, професорите не сакаат да го унапредуваат своето знаење и се фатиле цврсто за катедрите и за привилегиите. Ќе ѝ покаже тој што е образование на таа багра! А моќта што ја има, му дозволува тој овојпат да се служи со насилство, макар и со политичко.

Дипломата за Никола е само вовед во патот до успехот. Гребе со нокти да добие работа која може да го вивне во височините – економски, финансиски, пред сѐ. Станува брокер во експозитурата на бугарската Балканска банка, а неговата трансакција на Македонската берза за хартии од вредност е забележана како прва. Тој, всушност, има порив, токму поради чувството на несовршеност, секогаш да биде прв!

КАДРОВСКИ АДУТ НА ДВЕТЕ ДАМИ

Кога влегува во политиката, Никола е комплетен анонимус. Неговата кариера почнува во 1996 година, кога од високи кругови на штипското крило на ВМРО-ДПМНЕ му е сугерирано да влезе на кандидатската листа за општински советник во Центар. Тоа се поклопува со формирањето на Советот на интелектуалците на ВМРО-ДПМНЕ на крајот од 1995 година. Експремиерот Никола Кљусев станува претседател на Советот, и тоа како непартиска личност. Токму Кљусев е тој што го носи Никола во ДПМНЕ. Има разни шпекулации дали веднаш станал партиски член или, пак, бил само советник во Центар, кои не може да се потврдат, како впрочем и гласините во јавноста дека претходно наводно бил близок и до други партии од т.н. Сојуз за Македонија.

Кога станува член на советот на Општина Центар, Никола почнува да се запознава со структурите на партијата. Според вмровски инсајдери, советникот немал забележливи настапи на седниците, ниту, пак, бил забележан од водачите на партијата. Упатените велат дека главниот кадровик на ВМРО-ДПМНЕ Доста Димовска, но и лидерот Љубчо Георгиевски лично не го познавале Никола сѐ до 1998 година!

Иако тогаш „од авион“ се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со Демократска алтернатива ќе оствари победа, Никола не е активен учесник во кампањата. Поранешниот претседател Борис Трајковски, кој во тоа време ги води партиските надворешни работи, подоцна ќе изјави дека пред изборите 1998-та наводно го контактирал Никола и го замолил како економист да се вклучи посериозно во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот одговор бил дека би сакал, но не може зашто поради тоа би можел да ја изгуби работата во банката.

Како и да е, Груевски успева да се наметне како кандидат за министер во владата на Георгиевски. Неговата прва средба со мандатарот ја договараат две дами од опкружувањето на лидерот. Во еден познат скопски ресторан, каде што војводата е заедно со сопругата, двете дами кои се спротивставуваат на кадровската политика на Димовска, за Никола пред лидерот зборуваат во суперлативи. Не треба притоа да се одбегне фактот дека една од дамите имала и искра на привлечност и симпатија кон Никола, за чиј развој може само да се шпекулира.

Упатените велат дека причината Георгиевски да му понуди на Никола да стане министер за трговија, е книгата дијалози меѓу Груевски и Сем Вакнин, која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја прочитал и се заинтересирал за него. Во промоцијата на Никола во министер за трговија наводно учествувал и еден од нашите најпознати бизнисмени Светозар Јаневски, кој финансиски го помогна издавањето на книгата. Но, железната лејди на ВМРО-ДПМНЕ, уште на стартот се спротивставува на ова сѐ уште недозреано кадровско решение.

ЖЕЛЕЗНАТА ЛЕЈДИ ПРОТИВ НИКОЛА

Кога го презема Министерството за трговија, Никола си носи свои другари од детството и од средното економско училиште, меѓу кои денес еден од најголемите бизнисмени во пи-арот и во адвертајзингот во Македонија. Моментот кога Димовска го егзекутира Борис Стојменов од местото министер за финансии, поради аферата со продажбата на Стопанска банка, е миг за молскавична политичка кариера на Никола Груевски. Иако Димовска е против Груевски да биде министер за финансии, Георгиевски ја презема одговорноста. Набргу се случува конфликт меѓу Доста и Никола околу фамозниот кредит од една позната американска банка од 12,5 милиони долари за купување полициски возила „крајслери“ за потребите на Министерството за внатрешни работи со кое раководи Димовска. Груевски жестоко се спротивставува на набавката, иако таа на крајот се реализира преку роднина на претседателот Борис Трајковски, но веднаш потоа меѓусебните односи на сите овие личности стануваат непријателски. Покрај Димовска, на Никола му се спротивставуваат и министерот за образование Ненад Новковски, а подоцна и Љубе Бошкоски како министер за внатрешни работи. На Новковски особено му пречи што на седници на владата кога се одлучува за сериозни финансиски прашања, Никола излегува и им се јавува на телефон на професорите од Економскиот факултет Михаил Петковски и Живко Атанасовски, чии совети, како млад и неискусен министер, ревносно ги слуша. Тоа создава гнев кај министрите зашто преовладува чувството оти владата не ги води суверено своите финансии.

Бошкоски е министер за внатрешни работи во воената 2001 година, кога ММФ ѝ одобрува средства на Македонија да ја преброди воената криза (пари за бранителите). Но, министерот за финансии жестоко се спротивставува на предлогот и се жали кај Георгиевски. На една од владините седници, Бошкоски во свој стил му вели – „Дечко, има и други министри во владата, освен тебе!“ Во својата книга „Тоа сум јас“ Георгиевски потврдува дека Никола бил во непријателски односи со многу министри.

По поразот на ВМРО-ДПМНЕ во 2002 година, Никола станува советник во владата на Србија кај вицепремиерот Божидар Ѓелиќ. Проектите „Купувајте македонски производи“, успешната фискализација и медиумскиот пи-ар за т.н. пица-буџет го прават популарен реформатор и дарлинг на опозициските медиуми, за што своја заслуга секако имаат и идеите на неговиот економски советник, Сем Вакнин.

ОДБИ АМБАСАДОРСКО МЕСТО ВО ЛОНДОН

Најавата за повлекување на Георгиевски од лидерското место на ДПМНЕ е извонредна шанса популарниот министер, кој успева без големи лузни да се извлече од воената 2001 година, да биде пред самиот праг на успехот и моќта. Неколку месеци пред партискиот конгрес во Охрид, кој се одржа во мај 2003 година, Груевски почнува да размислува да стане лидер. Го има предвид одлучувањето во ВМРО-ДПМНЕ како класична султан-партија и знае оти за победа на конгресот на му е потребна поддршка од членството, туку од лидерот Георгиевски. Димовска и Трајковски, кој тогаш е во претседателскиот кабинет на државата, прават последен обид да го спречат можното доаѓање на Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Борис го повикува во својот кабинет и му нуди амбасадорско место во Лондон. Никола одбива! Доста и Борис знаат оти од ВМРО со Никола на чело ќе остане само ДПМНЕ.

На конгресот во Охрид, расположението на над 70 отсто од делегатите е неговиот противкандидат Марјан Ѓорчев да стане нов партиски претседател. Не оти Ѓорчев е вистинска замена за Георгиевски, но во споредба со Груевски, тој е меѓу основачите на партијата, а згора на сѐ е рафиниран и компромисен политичар, кој ја познава историската ВМРО и партијата, а подоцна и државата, може да ја поведе во мирни води. Но, по наредба на Георгиевски, расположението на делегатите се менува преку ноќ. Груевски е на партискиот трон!
Веднаш по конгресот во ДПМНЕ почнува да се шири незадоволство. Почесниот претседател Георгиевски сака и натаму да владее, Груевски не отстапува да биде единствен лидер. Никола носи свои луѓе во партијата и го зацврстува водството. Кулминација на конфликтот е фамозната седница на Централниот комитет на партијата во хотелот „Панорама“, на почетокот од 2004 година, кога буквално за влакно е избегнат жесток физички судир меѓу припадниците на Георгиевски и Груевски. На седницата треба да се гласа доверба на раководството. Двете армади, приврзаниците на Љубчо и на Никола се вооружени до заби. Пред седницата, Никола е уплашен од крвава разврска. Како човек кој се плаши од моќта, на своите најблиски соработници им вели дека е спремен да поднесе оставка и да си замине од местото лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Го убедуваат да не се повлекува!

Високи полициски и разузнавачки структури од надвор, по наредба на премиерот Бранко Црвенковски му даваат логистичка поддршка на Груевски. Во тоа свои прсти наводно имал и тогашниот шеф на ДБК Силјан Аврамовски, инаку главен за врски со американската ЦИА, кој долги години потоа во времето на Груевски останува заменик шеф на контраразузнавањето. Според познавачите на приликите, и американскиот амбасадор Лоренс Батлер лично му дава поддршка на Груевски.

Никола остварува тесна, но историска победа – 69 наспроти 67 гласови. Двата гласа од делегатите на ЦК кои му даваат предност се од Илија Китановски и Силвана Бонева, дотогаш цврсти приврзаници на т.н. бугарофилско крило предводено од Георгиевски. Којзнае како ќе изгледаше Македонија денес тогаш да загубеше Груевски?!

Но, предмет за поширока дебата е зошто од толку високи полициски и разузнавачки структури на владата на Црвенковски и од речиси сите негови медиумски инсталации тогаш беше поддржан Груевски.

НОЖ ВО ГРБОТ

По трагичната смрт на Трајковски во февруари 2004 година и вонредните претседателски избори, со учеството на ВМРО-ДПМНЕ на Груевски во вториот круг на претседателските избори, кога се знаеше дека кандидатот Сашко Кедев нема елементарни изгледи за победа, Груевски го легитимира изборот на Црвенковски за претседател. Се верува оти тоа е вратка за поддршката на Груевски од лидерот на СДСМ за критичните настани во „Панорама“.

Подоцна Груевски ќе изјави дека чувствувал оти тие денови за време на претседателските избори одел со нож во грбот, кој наводно му го забил Георгиевски, зашто агитирал за апстиненција од претседателските избори, откако Љубчо прво застана зад кандидатурата на Љубе Бошкоски, која ДИК не ја прифати.

Ножот в грб е класична интерпретација на еден карактер кој себеси се смета за жртва, велат познавачите на психолошкиот портрет на премиерот.

По тој настан, иако има само 5 пратеници, а ВМРО-НП на Георгиевски – 18, со огромна помош на претседателот Црвенковски и неговите медиумски и полициски слуги кои го форсираат како структура која му одговора на профилот на СДСМ, Груевски е фаворит на изборите. Црвенковски денес треба да одговори на прашањето дали имало дил – јас тебе претседател, ти мене премиер! Зошто инаку вечниот лидер на СДСМ застана во разузнавачко-подземен линч на премиерот Владо Бучковски и речиси отворено го помогна доаѓањето на власт на ДПМНЕ, 2006-та! По изборите, Груевски немаше мнозинство сам да состави влада, но рака му подаде Тито Петковски, кој со НСДП успеа да одземе 7 пратеници по отцепувањето од СДСМ, и Георгиевски кој божем во коалиција со ДПА ѝ даде поддршка на владата. Црвенковски, Георгиевски и Петковски имаат особени заслуги за метеорската кариера на Никола. Сѐ друго е историја!

СРЕЌНИ ТИ РАНИ, ЈУНАЧЕ!

Всушност, сите овие години, новинарите, политичарите и аналитичарите се прекршија да објаснат како и зошто Груевски владее така како што владее, авторитарно, конспиративно, пропагандистички и популистички. Во оваа пригода се обидовме да одговориме и на прашањето како тој дојде на власт и кој го смести во лидерската фотелја на ДПМНЕ и во Владата, но работата, барем за тие што сакаат демократија, слобода и правда, е во тоа како неговиот режим да падне.

Значи, најгорливото прашање поврзано со Никола овие зимски денови кога ќе му редат ордени, не се причините за одликувањата, тие се помалку или повеќе познати, туку како овенчаниот водач ќе ги пречека бомбите на Заев, како ќе одговори на нив, дали ќе им подлегне на тие темпирани политички експлозивни направи за кои сѐ поизвесно е дека нема да одекнат пред да завршат новогодишните и божикните празници.

Нему блиските велат дека политиката за Никола е екстензија на неговата внатрешна борба против злото. Надворешниот свет за Груевски е зол. Тој не прави рационални калкулации. Секој обид да го победите со втерување страв, не успева. Заканите и уцените ги одбива мазно! За него луѓето ги води стравот и лакомоста. Со политиката што ја води се обидува да ги поткупи сите оние на кои не може да им верува, а помалку и да ги застраши. Никола е непоправлив фаталист. Верува во судбината, во среќата, без која мисли оти нема успех. Не верува во моќта да ги промени нештата. Според неговото мислење, големи сили раководат со процесите, а тој е нивна жртва и бездруго не може да ги победи, ако тие силно запнат. Но тоа не значи оти нема да се бори. Згора на тоа, мисли оти има и лоша среќа. Штом дојде на власт, во Европа почна економската криза. Поради таа лоша карма не може да ја прероди Македонија така како што сака. Зашто, судбината не е во неговите раце.

Бидејќи не знае кој и што се крие зад бомбите на Заев, да речеме дека станува збор за надворешни сили, си вели – па што ќе даде Господ!? Но нема да седи со скрстени раце. Ако бомбите, за кои се говори дека се полни со лични политички компромитации навистина го втераат до ѕид, ќе подготви историски говор во кој ќе открие домашен и странски заговор против Македонија. Домашните заговорници вообичаено ќе ги најде во редовите на СДСМ и кај соросоидите, странските во шпионските агенции од соседството, пред сѐ, од Грција. Подготвен е да ги употреби сите оружја за да се одбрани. Многу му значи што мислат луѓето за него и за членовите на неговото најблиско семејство и не би сакал да го засрамат. Затоа ќе пука од сите оружја.

Тие што одблизу го познаваат, велат дека се лажат сите аналитичари кои мислат оти Груевски само манипулира со тоталитарната матрица на прогласувањето предавници, шпиони, заговорници, за да се задржи на власт. Тој не лаже, велат, туку навистина мисли оти неговите политички противници се компромитирани, дека се предавници на државата, петта колона и дека работат за грчките и за другите странски интереси против Македонија. Во неговиот ум, тој е Македонија и тој ја брани. Затоа е многу опасен!

И најексплозивните бомби на опозицијата, за изборна измама, за организиран криминал, за прислушување, за корупција, за нарачка на судски одлуки, па дури и за ликвидации, спремен е да ги жигоса и да ги отфрли. Неговото разбирање за корупцијата и за кршењата на законот од страна на власта, не е легалистичко и рационално. Бидејќи тој мисли оти неговите противници се служат со недозволени, подземни средства за да ја обезличат Македонија и да ја клекнат на колена и тој има право на измама, на криминал, на корупција, на контрола на судството, на партиски монопол и на подземни игри за да го порази непријателот.

Власта за него е одговорност. Товар му е, но чувствува историска должност да ја штити нацијата! Во една таква есхатолошка војна со предавниците, Никола смета оти сите средства се дозволени, а парите стекнати на недозволен начин се потребни да се добие војната. Лошите луѓе, злото, мора да се поразат и засекогаш да си заминат.

Но, Груевски не е сигурен оти ќе победи. Што ќе се случи, не знае никој. Тој единствено е сигурен во убедувањата дека никогаш нема да прифати уцени и закани. Тој е спремен за војна. Ја чека бомбата. Среќни ти рани, јуначе!

Рамка1

МАГИСТРАТУРА И ДОКТОРАТ

Иако ангажманот во политиката не дозволува многу време за други активности, Никола како премиер успеа и да магистрира. Магистерскиот труд насловен „Кон излезот“, беше промовиран во ноември 2007 година во МАНУ, во присуство на академици, министри и дипломати. Но, опозицијата на ова реагираше оти уште во 1998 година, во биографијата на министерот Груевски, која подоцна исчезнала, стоело оти во 1996 година тој завршил постдипломски студии по монетарна економија на Економскиот факултет во Скопје. Како и зошто Никола не успеал да магистрира додека бил во опозиција, иако имал време на претек, но тоа, сепак, му успеало како премиер, прашуваше опозицијата, но не доби одговор. Сега се говори дека на големо подготвува и докторат. Како само стигнува!? 24/7!

Рамка2

ЗОШТО ЉУБЧО НЕ И СЕ ИЗВИНИ НА НАЦИЈАТА ЗА НИКОЛА?

Многу подоцна, на прашањето зошто на партискиот конгрес во 2003 година застанал зад Груевски, а не зад Ѓорчев, Љубчо Георгиевски ќе изјави оти сметал дека Груевски ќе се занимава со економски реформи и не можел да претпостави дека ќе води политика на антиквизација, но, исто така, кажа оти, ако ништо друго, со Груевски на чело, ВМРО-ДПМНЕ ја поминала магичната граница од 300.000 гласови, која тој не можел да ја досегне.

Иако денес Георгиевски е силен идеолошки противник на Груевски, јавноста не забележа оти во меѓувреме се откажал од него, и покрај тоа што водеа војна за наследството на партијата. А да потсетиме оти Љубчо театрално се откажа од Борис Трајковски, кога во Собранието на РМ во октомври 2002 година ѝ се извини на нацијата што го кандидирал за претседател во 1999 година, зашто на тој начин, како што рече, ја девалвирале безбедноста на РМ и културно и цивилизациски ја девалвирале институцијата претседател. Љубчо го нарече Борис „полтрон на меѓународниот фактор“.

Рамка3

АРХИНЕПРИЈАТЕЛИТЕ ДОНЧЕВ И ГРУЕВСКИ

Конфликтот меѓу Ден Дончев (информатор за аферата „Македонска банка“) и Никола Груевски, денес вистински политички непријатели, датира од 1998 година, кога двајцата интензивно се дружат. Кога Дончев е втор човек на ревизиската компанија „Дилојт и Туш“ за Македонија (1997), го кани Никола на интервју за работа во една од петте најреномирани адвокатско-консултантски фирми во Лондон, „Вајт енд Кејс“. Шефот на одделот за Балканот на „Вајт енд Кејс“ по интервјуто му вели на Дончев оти Никола не го поминал тестот за хонорарно да биде ангажиран како финансиски консултант за „Дилојт и Туш“ на проектите на „Вајт енд Кејс“ во Македонија. Никола е лут и од овој момент натаму почнува да расте политичкото и лично архинепријателство меѓу Дончев и Груевски.

АРХИВА Антипушачкиот закон се крши со амин на власта

$
0
0

Текстот е објавен на 24 декември 2010 во неделникот „Фокус“ во бројот 808

Владата заседавала до доцна во ноќта, оти била многу загрижена од неспроведувањето на законот против пушачите. И решила да и тури крај на таа гооолема грижа. Од сега нема лабаво. Законот ќе важел за сите, оти, замислете, оние што не го почитувале овој, кој знае уште кои се други закони не ги почитуваат!? Да, тоа можеби е така, доколку сеуште има ненормални луѓе, кои не знаат дека пушењето е дозволено само во објектите на газдите што се во ,дил, со власта!?

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

Мојот став за антипушачката хистерија е познат и непроменет. Знам дека цигарите не се полезни, но, немам намера да ги оставам. Зошто повторно би го правел она што Марк Твен одамна го опишал како најлесната работа на светот!? Не верувам дека постои пушач кој барем десеттина пати не ги оставил цигарите, за потоа повторно да се врати на таа не баш здрава навика. На крајот на краиштата, познавам многу луѓе, кои после збогувањето со цигарите си навеале други проблеми. Едни удриле на храна, па напрасно се угоиле, други ја удвоиле желбата за алкохол, трети посегнале по дроги… Кога ќе подвлечам црта, тутунскиот чад ми изгледа како најмало зло!

Нормално, секој се теши на свој начин, секој си наоѓа најприкладни олеснителни околности за своите маани. За разлика од господата совршени во коцкестите згради крај Вардарот. Залудно е ним за маани да им се зборува. Тоа е исто како на слепецот за бои да му говориш. Затоа, и овој закон ќе го анализирам од ним познатиот агол. Да видиме, значи, какви можности за крадење на народот им пружа и оваа наводно голема борба за здрава нација во уште поздрава животна средина?

Убеден сум дека секој од нас знае барем по една кафеана или кафуле во својот град, каде на масата сеуште се послужуваат и пепелници. Газдите на тие објекти се „портокалово“ расположени. На прв поглед, тоа изгледа изненадувачко. Или барем охрабрувачко. Си вели човек, не е се загубено, оти, еве, и меѓу владините поддржувачи има разумни луѓе, кои не си ја сечат гранката на која што седат.

Луѓе што сфаќаат дека кафеана без пушачи е исто што и црква без верници. Но, тоа е така само на прв поглед. Веќе при втората цигара, никој нема дилеми. Точно, меѓу угостителите има многу „портокалови“ за ваквите кафеани да се бројат на прстите од една рака!

Фала на прашање, кршењето на антипушачкиот закон се врши со благослов на власта во строго определени локали. Нивниот број мора да биде мал, за во нив секогаш да се бара место повеќе. Слободното столче во тие ,оази на чадот, е вистинска скапоценост, без оглед на времето во денот или ноќта. И, штом е така, тогаш никој не смее ниту да праша за цените на „останатите“ услуги. Пијачката и лапачката е поскапа за најмалку четвртина од вообичаеното, но, кој мисли на цената кога со неа следува и цигара без опасност од стотици евра казна!?

Па, да, колкава и да е, сметката никогаш не е зголемена до тие височини, а за ќеифот ич муабет да не правиме. Зар поефтино би минале со последиците од чашката и цигарата в рака пред кафулето? Удрете ја математиката за две болештини од по седум дена и со песна ќе платите 100 денари за пијачката што вообичаено чинела 80 денари!

Се поставува прашање, колкав е ќарот од селективната примена на антипушачкиот закон? Кои локали се најпогодни за власта да им прогледува низ прсти? Навидум парадоксално, но, идеални се токму објектите што пред примената на законот работеле на работ на рентабилноста. Со слободниот влез за пушачите, власта комотно станува партнер во бизнисот на газдите кои до вчера мислеле да стават катанец на врата. Но, како може да се одреди рушветот за таа услуга, кој ќе ја овозможи долговечноста на зделката?

За пример ќе земеме солидна кафеана, која во добрите времиња имала приход од 30.000 евра месечно. Со антипушачкиот закон, нејзиниот приход се преполовил, како што се случило и кај конкуренцијата. Со 15.000 евра месечно, објектот е на позитивна нула, меѓутоа, со воведувањето на цигарите на менито, нејзините потенцијали автоматски се катапултираат. Наспроти некогашните 75, објектот сега без проблем работи со 100 проценти искористеност. Оти гости има како плева, се работи со резервација, затоа што не може да се постигне од гостите што некогаш бирале меѓу 100 локали, а сега се ограничени во потрагата по слободна маса во едвај десетте „благословени“ кафеани!

Значи, и со некогашните цени би се стигнало до 40.000 евра месечен приход. Но, како што реков, порокот си има цена, па сега се е поскапо за барем четвртина и приходот скока на заокружени 50.000 евра. Кој го тоа овозможи, дами и другари? Се разбира, влијателниот „портокалов брат“ од власта, кој за таа услуга може комотно да наплаќа 20.000 евра месечно, а угостителот уште да му биде и благодарен, затоа што, наместо позитивна нула, сега и за него има цели 15 илјадарчиња.

Така вели дигитронот: 15 за трошоците на работењето, кои едвај се покривале со почитување на антипушачкиот закон, 20 за поткуп на власта, 15 илјади за газдата и стигнавме до 50-те илјади месечен приход. Со само десет локали на таков режим на работа, власта печали 200 илјади месечно или 2,4 милиони евра годишно. Меѓутоа, тоа ни од далеку не е точната бројка. Нејзината вредност е пред се илустративна, колку да се знае процентуалниот распоред на поделбата на пленот. Нормално, потенцијалот на бизнисот се мери со годишниот приход на целиот сектор од нормалните времиња, сега поделен меѓу неспоредливо помалиот број угостители!

Глумењето ревносност во спроведувањето на законот ќе потрае, оти, очигледно, никој нема лесно да се откаже од мрсната заработувачка во услови кога практично се работи без конкуренција. Меѓутоа, велам, тоа е само дел од колачот. Замислете, што ќе се случува со објектите кои неминовно ќе пропаѓаат пред налетот на оваа незаконска конкуренција. Со тек на време, под притисокот на трошоците, голем дел од газдите ќе го напуштаат угостителскиот бизнис, па така ептен „природно“ ќе се зголемува бројот на муштериите за привилегираните. Друг дел ќе дигне раце од бизнисот воопшто, а тоа драстично ќе ја намали цената на нивните објекти. Еден Господ знае, колку пари ќе ќарат сите оние што сега имаат кеш на располагање за купување деловни простори!

Очигледно, на дело е „рекомпонирање“ на силите во овој мошне профитабилен бизнис. На едни ќе им се стемни, на други нагло може да им осамне. Во скоро време може да се очекува менување на сопственоста на кафулиња, кафеани, дискотеки… за прилично мали пари. Тешко може и да се претпостави, колкав профит ќе извлечат власта и нејзините миленици од наводно големата грижа за нашето здравје. На ниво на Македонија, секако, чија куповна моќ не е премногу голема, но, воопшто не е за потценување, доколку се насочи кон десет пати помалку објекти во угостителството.

Да не зборуваме за „секундарниот бенефит“ од дисциплинирањето на пушачите. Сите тие, до последниот, ќе бидат жигосани како сѐ уште неоткриени сторители на многу потешки недела. Оти, таква е логиката на оваа бескрајно алчна и безобразна власт. Замислете, на последната владина седница било заклучено дека сите кршачи на антипушачкиот закон се уште поопасни поради неодговореното детективско прашање: Какви ли се други незаконитости прават тие угостители, штом толку „дрско“ им отвориле врати на цигарите!? Не сакам да мислам, какви мудролии ќе смислат Груевци, откако ќе дојдат на теренот на моралот, на слабиот карактер кај пушачите… Тешко нас!

Да, нашите „преродбеници“ не сметаат за максимално глупави, од Марс паднати, па затоа божем не знаеме дека пушењето е дозволено само во објектите на газдите што имаат „дил“ со власта. Но, тоа не е ништо ново. Мене ме чуди опозицијата, која практично не го користи тутунскиот чад за големо палење на народното незадоволство. Безмалку половина гласачи се пушачи. Плус десеттиците илјади што живеат непосредно од угостителството, кое пропаѓа без пепелници на масите. Не е, белки, уште од сега да имаат подготвено свои луѓе, како замена за оние што „живи ќе бидат изедени“ откако ќе дојдат на власт, па не сакаат да го „расипуваат“ системот во кој сите мора да попушиме, за џебовите на грст среќници да чурат од задоволство!?

АРХИВА Сашо Тасевски: Го слават Ристо Шишков, а сега и тие ја доживуваат неговата судбина

$
0
0

Текстот е објавен на 27 декември 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 951-952

Сашо Тасевски е еден од ретките уметници кои се дрзнаа критички да ги опсервираат случувањата во државава. Тој е убеден дека како уметник тоа му е задача и поради тоа често си создавал непријатели.

Во интервјуто зборува за своите политички видувања, за тоа како ја губиме Македонија, за разочарувањето од менторот Љубиша Георгиевски, за уметниците во наводници и за состојбите во театарот, кој, според него, е далеку од театарската Лига на шампиони. Тасевски, меѓу другото, одржува стендап-комедии, пишува романи…

Разговарал
Владо АПОСТОЛОВ

ФОКУС: Автор сте на неколку книги…

ТАСЕВСКИ: Поточно шест, имам напишано преку 1.600 страници, колку една Библија (се смее).

ФОКУС: Се живее ли од пишување книги?

ТАСЕВСКИ: Штета е што во Македонија луѓе-креативци, автори не можат да живеат од идеја. Она што го кажуваат дека наводно се прави нешто во културата и во уметноста, тоа е само мртво слово на хартија. Хартијата сѐ трпи, а реалноста е сосема поинаква. Јас сум најчитан автор годинава во сите македонски библиотеки, во конкуренција и со странските автори. Сум ги победил и Ден Браун и Коелјо, значи повеќе ги барале моите книги отколку нивните.

ФОКУС: На што мислите кога велите мртво слово на хартија?

ТАСЕВСКИ: Тоа дека се зборува дека се вложува во уметноста и во културата…

ФОКУС: Па, големи пари се потрошија…

ТАСЕВСКИ: Меѓутоа, знаеме како стојат работите во Македонија. Јас, иако сум најчитан автор во 2013 година, никој жив ми се нема јавено да ми понуди превод на некоја книга или да ми издаде книга. Новата ја издадов сам, ниедна издавачка куќа не стои зад мене.

Смешно е да те игнорираат во годината кога добиваш таква престижна награда од НУБ „Климент Охридски“. Во која било земја би ти дотрчале барем десет луѓе за да ти кажат: Еј, човеку, имаш ли нешто ново напишано, дај ние да вложиме…? Тоа во Македонија нема да го доживееш. Вложувањата тука се побудени само од некои партиско-идеолошки емоции, така да кажам, или намери. Сето останато, вистинските луѓе, вистинската жива уметност, не се поддржува. Ниту автори, ниту, пак, идеја.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

НЕ ЗНАМ ЗОШТО СУМ НЕПОЖЕЛЕН ВО ТЕАТАРОТ

ФОКУС: Добро, зошто почна да пишуваш, актерството не беше доволно?

ТАСЕВСКИ: Во еден период од мојот живот, поради икс причини, бев непожелен да настапувам в театар, како што сум и ден-денес. Последната моја претстава беше пред две години. Истото ми се случува во изминативе 10 години зашто поради отвореноста со која ги кажувам работите стекнав многу непријатели.

Веројатно ми фалеше тој начин да се изразам. Од тие причини почнав да пишувам. Кога веќе почнав да пишувам и кога излезе „Шмизла“, па потоа кога излезе и „Пеперутка“, кој потоа стана култен роман, сфатив дека пишувањето треба да ми стане паралелна професија. За жал, нели не можам да живеам од тоа, кога би можел, отворено кажувам дека би го баталил театарот. Веројатно би дал оставка, меѓутоа такви се околностите.

А пишувам затоа што имам потреба да го кажам тоа што лежи во мене зашто сметам дека секој уметник мора да ги коментира случувањата во својата околина. Ако постојат реални индикатори дека треба да се биде загрижен, уметникот треба таа загриженост да ја искаже, да ја манифестира, да ја изрази преку своите книги, преку својата уметност и преку стендап-настапите во мојов случај…

ФОКУС: Рековте дека сте непожелен во театарот. Што точно се случува?

ТАСЕВСКИ: Па, никој точно не ви кажува што точно се случува, меѓутоа од некои икс причини не ми доделуваат улоги. Не играм. Последната улога во театарот ми е во „Грев или шприцер“ од пред две и повеќе години. Во нова улога не сум поделен. Се помирив со тоа. Да, губам и јас, меѓутоа многу загуби и македонскиот театар. Загуби многу и Драмски театар. Многу е погрешна политиката кога еден театар решава да излезе на терен понекогаш со резервни играчи, понекогаш и со натуршчици.

ФОКУС: Кој е Вашиот статус во Драмски театар?

ТАСЕВСКИ: Јас сум таму вработен…

ФОКУС: Како може Драмски театар да си дозволи да плаќа еден актер две години, а воопшто да не го користи?

ТАСЕВСКИ: Тоа е многу добро прашање. Еден новинар ми се јави, демек да искоментира: Знаеме што ти се случува тебе во театарот, што ти прават, меѓутоа и ние новинарите… Му велам, кога знаете, зошто не ги поставите тие прашања на вистинските места. Тие сега многу сакаат да го креваат Ристо Шишков, како на времето бил непожелен, му биле одземени некои права да се изрази како уметник…

Ништо ни за јота не се сменило во оваа држава, поточно во театарот!

И ден-денес има нови Ристошишковци, меѓутоа за нив денес не се зборува како што за Ристо Шишков никој не сакал да зборува тогаш кога тој бил жив. Нема никаква разлика.

И ЗА ДА ДОЈДЕШ НА ВЛАСТ ТРЕБА ДА СИ КОРУМПИРАН

ФОКУС: Во една колумна напишавте дека губејќи време во борба за некоја фикс-идеја за непостоечката самостојна Македонија од 1913, веќе и не забележуваме дека ја губиме оваа денешнава. Како ја губиме Македонија, што ќе ни се случи?

ТАСЕВСКИ: Мислам дека првиот дел од тоа што сум го напишал е јасен. Тоа го напишав кога беше оној манифест на таа групата, таканаречени големи интелектуалци кои ја палеа копијата од Букурешкиот договор. Тогаш напишав дека повеќе имаат право да излезат турските интелектуалци да демонстрираат за Букурешкиот договор зашто тогаш фактички ја делеле Турција, не ја делеле Македонија. Македонија не постоела како државен субјект во тоа време.

Оваа Македонија денес со Рамковниот договор фактички потпиша една неформална капитулација. Се виде што значи тој договор за територијалната поделба, практично тогаш се изврши една неформална федерализација. Како што одат работите, постепено се делиме по сите основи.

Оној момент кога Македонија ќе банкротира, кога меѓународните банки ќе ја секнат славината, моја претпоставка е дека ќе се случи ова.

Бидејќи проблемот за името нема да биде решен и тогаш Албанците ќе побараат од меѓународниот фактор: Видете, поради тој проблем на Македонците за името, ние што сме супер и фини не можеме да влеземе во Европа, дајте како што е ова вака поделено само и официјално да се доподели.

ФОКУС: Кое би било решението?

ТАСЕВСКИ: Едноставно за да се реши тоа еден ден, а територијално Македонија да остане ваква каква што е, секому дури и на ретардиран му е јасно дека тоа само со војна може да се направи. На друг начин е невозможно бидејќи концептот на Голема Албанија веќе се остварува.

ФОКУС: Често ја критикувате митоманијата поддржана од власта. Зошто власта има потреба да се навраќа кон минатото и зошто народот слепо ја следи на тој пат?

ТАСЕВСКИ: Затоа што власта е свесна дека не може ништо конкретно коренито да измени, зашто е свесна дека народот еден ден ќе се соочи со нејзините неуспеси, зашто кај нас сѐ уште не почнале да владеат, а веќе се корумпирани. Да бидам попрецизен. Во Македонија за да дојдеш на власт прво треба да бидеш корумпиран. Сите ние треба да бидеме свесни за тој шаблон на СДСМ и на ВМРО, кој се репетира на четири или на осум години, едноставно некој од горе, газдата на Македонија, кажал дека ќе имаме биполарен политички систем и во македонскиот и во албанскиот дел, по две партии кои ќе се менуваат во наредните 50 или 100 години, и тоа безболно ако е тоа можно.

ФОКУС: Мислите дека постои газда на Македонија?

ТАСЕВСКИ: Кога вие секои три месеци земате заем од ММФ, од Светска банка или од Дојче банка, што очекувате? Нормално некој ќе се запраша Who is your daddy? Е па, кој ти е татко? Тој што ти дава пари за џепарлак за да излезеш во град. Сите знаеме дека долгот е ропство, оној момент кога ќе почнеш да се задолжуваш, ти практично им го нудиш својот суверенитет на тацна на некои банкари, или поточно на тие што стојат зад нив. За сметка на тоа, тие те контролираат.

На пример, утре ако сакаат да го смениме името, првиот момент кога овде некој ќе се спротивстави, доволно е само славината да ја затворат. Постои еден податок дека по секое одбивање да се земе кредит од ММФ, некој од надвор ја втурнува таа земја во граѓанска војна. Тоа во многу земји и се случува. Тоа се случуваше и со СФРЈ. Тоа истото се случи и во Македонија. Веројатно Љубчо Георгиевски ќе потврди ако некој го праша, меѓутоа јас имам податок дека кога тој го одби ММФ, по неколку месеци почна војната во Македонија.

 

ШИРАТ НЕБУЛОЗИ ДЕКА ДОБРИОТ УМЕТНИК ТРЕБА ДА Е МИЛЕНИК НА ВЛАСТА

ФОКУС: Да се вратиме на митоманијата…

ТАСЕВСКИ: Која било власт или премиер се свесни дека не можат да направат радикален пресврт и работата е да се најде противтежа на неуспехот, кој ќе следи кога-тогаш. Не можеш секои три месеци да се задолжуваш, како што прави Ставрески во меѓународните банки и да очекуваш дека Македонија ќе оди напред.

Е овие што се сега на власт направија противтежа во онаа идеја за антиквизација, која, всушност, е еден вид повампирена фашистичка естетика со некои соц-реалистички елементи. Дури тоа не можеш ни кич да го наречеш, тоа е едно големо ништо!

Не се потсмевам јас на митоманијата, на спомениците, на тезите дека сме Македоноиди или на богот Македон. Трагедијата е што направивме нашите соседи, Европа и светот да ни се потсмеваат.

ФОКУС: Многу мал дел од оној културен естаблишмент реагираше за проектот „Скопје 2014“. Им недостасува на уметниците дистанца од ова што се случува или нешто друго е во прашање?

ТАСЕВСКИ:  Мислите, зошто одбиваат да го коментираат „Скопје 2014“? Па, многу е просто. Добиваат разни признанија од оваа држава, добиваат признанија на национални уметници, добиваат пари да снимаат филмови, добиваат бенефиции, добиваат црвен тепих по кој можат да газат. Уметниците во Македонија грото се многу корумпирани, а другите се исплашени или незаинтересирани.

Фактички многу малку уметници ја исполнуваат функцијата на она што значи да се биде уметник. А уметникот, според мене, мора да биде општествено ангажиран, мора да се биде интелектуалец во смисла да се биде совест и свест на едно општество. Да се коментираат проблемите на едно општество, тоа, меѓу другото, е задачата на уметникот. А овде, кај нас, одредени директори на театри шират тези од типот – „добриот уметник секогаш е миленик на власта“. Тоа се тешки небулози кои човек може да ги прокоментира само со гадење. Од тие „уметници“ не очекувајте дека ќе ги коментираат рак-раните што ги прават тие што им ги даваат бенефициите.

НОВИОТ ТЕАТАР СЕ ОТВОРИ СО СОЦ-РЕАЛИСТИЧКИ СЛЕТ

ФОКУС: Денес е 24 декември. Неколку недели пред фамозниот 24 декември, Вашите колеги се вклучија во таканаречената битка за буџетот. Подоцна многу срдечно му се заблагодарија на Груевски за новиот Стар театар. Зошто не Ве видовме Вас ниту на протестите ниту на промоцијата?

ТАСЕВСКИ: Прво, затоа што сум јас доследен на мојот повик, на мојата функција на уметник во ова општество. Не сакам да се мешам со разни лингури, хипокрити и останата багра. Тие протести беа многу смешни затоа што сето она што сме го учеле, барем мене што ме учеле на факултет, иако потоа излезе дека и мојот професор Љубиша Георгиевски се извалка политички, меѓутоа сѐ што ме учеше Љубиша Георгиевски пред да се извалка на начинот на кој се извалка, не се поклопува со тие протести. Нѐ учеше дека уметникот мора да биде авангарда во едно општество, дека уметникот е тој што треба да ги детектира сите проблеми, уметникот со новинарите треба да биде коректив на власта. Уметникот треба да сведочи за проблемите на едно општество и да ги коментира преку својата уметност. Да ја исполнува функцијата на еден интелектуалец.

Сето тоа што сега се прави, се коси со она што сум го учел на факултет, што сум учел од големи луѓе читајќи нивни книги и гледајќи нивни филмови. А тоа е дека добрите и вистинските уметници треба секогаш да бидат против власта. Секогаш треба да бидат на страната на послабиот, на тој што е понижен, повреден. Тоа е големината, благородноста на уметноста. На некој начин да се исмева со позициите на моќ и со дисторзиите што тие ги прават кај луѓето. Со тоа се занимавал Молиер цел живот, се исмевал со високото француско општество. Тоа го правел дури и еден Брехт, тоа го правел и Шекспир.

А овде кај нас излезе дека уметниците се најнепродуктивното и најлигавото и најпогубното нешто за ова општество. Оние што треба да го подобруваат, тие фактички го туркаат во поголема беда.

ФОКУС: На стадионот му ставивме уште една трибина, ама со фудбалот некако не ни тргна. Ќе има ли повеќе среќа театарот со новиот Стар театар?

ТАСЕВСКИ: Знаете што мислам дека ќе се случи со новиот театар? Ќе се случи истото како со арената Филип Втори. Тоа е огромно здание. Утре кога ќе се смени власта, ќе мора да се воведат рестрикции во трошењето.

МНТ кога беше и барака во Центар, беше во долгови, можете да замислите во какви долгови ќе биде со тие трошоци за парно, за осветлување…

Прво, никогаш нема да работи под полна пареа. Продукцијата ќе опадне зашто ќе се скратат парите. Дискутабилни се претставите што се прават и денес во нашите театри, меѓутоа тогаш ќе станат уште подискутабилни. Едноставно ќе нема пари за еден квалитетен продукт. Тоа ќе доведе публиката уште повеќе да се осипе. Не знам колку седишта има тој театар, ама ќе биде, не полупразен, туку дали и петтина ќе се полни од него. Билетот ќе биде поскап…

ФОКУС: Па, зошто тогаш воопшто беше обновен театарот?

ТАСЕВСКИ: Сѐ што е изградено за овие години е префрлање наметка преку очи да не гледаме дека се соочуваме со голем неуспех. И како нација и како држава и како народ. Што ако ја изградија арената Филип Втори кога нашиот фудбал падна на најниските гранки? Што ако го изградија Стариот театар кога нашиот театар во последниве 10 години е сѐ полош?

ФОКУС: А како Ви се виде претставата со која беше свечено отворен?

ТАСЕВСКИ: Видовте со каква претстава се отвори новиот театар, не знам како да го наречам тоа – слет. Можеби тоа треба да биде така, за отворање еден театар, под ваква власт, конзервативно-националистичка. Како што реков, тие прават споменици со една повампирена фашистичка естетика, а со соц-реалистички елементи. Еве ви исто – претставата на отворањето e една претстава која повторно конотира една големина на македонскиот народ, негов континуитет од вечни времиња, па до сега, а од друга страна имаш соц-реалистички елементи и сето тоа изгледа како да е слет. Уште транспарентите да ги извадат на кои ќе пишува „Да ни живее оној, да ни живее овој“.

ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ СИ ЈА НАКРИВИ КАПАТА

ФОКУС: Го споменавте Љубиша Георгиевски, кој бил Ваш ментор кога сте дипломирале на ФДУ. Контактирате ли со Вашиот професор?

ТАСЕВСКИ: Соработувавме, тоа морам да го кажам. Многу го почитував Љубиша како мој професор и како режисер. Можеби голем дел од она што сум сега се должи на една мотивација што сум ја презел од мојот професор. Меѓутоа, пред три или четири години, по една наша расправија на проба, која прерасна во приватна кавга, сето она што претставуваше тој човек за мене и како авторитет и како личност, се урна во вода за 10 секунди. Штета, навистина штета за него што дозволи да премине некои граници и да го направи тоа што го направи…

ФОКУС: Добро, тоа е личниот аспект. Што е во однос на неговиот општествен ангажман како уметник, дали си ја задржа улогата?

ТАСЕВСКИ: Тоа сакам да кажам дека неговиот уметнички ангажман практично падна во вода оној момент кога тој реши да му се придружи на Мефисто, ако како метафора на Мефисто ја земеме власта.

Сите оние приказни што ни ги раскажуваше за оние забранети претстави, за неговите авангардни политички решенија во претставите кои на почвата на Југославија предизвикувале големи контроверзии. Во одреден момент, практично падна сѐ во вода и Љубиша од некои свои лични причини реши да гази на целата таа оставштина.

Мислам дека и тој во една пригода го кажа тоа на некој начин, приватно. Дека решил да ја накриви капата малку бидејќи доста му било од тапкање по рамо. Го направи тоа што го направи, ќе му служи нему на чест зашто кај многу луѓе паднал во очите. Мене ми е практично малку и жал бидејќи лично се знам со неговото семејство. Особено со неговата ќерка Мери.

ФОКУС: Таа беше цел на напади во врска со протестите за кои зборувавме?

ТАСЕВСКИ: Мери на некој начин уште тогаш отворено проговори за аномалиите и беше жестоко нападната дури и од директорите на театрите. Буквално се најде на ветрометина, меѓутоа тоа беше голем потег на Мери. Тоа ја крена во моите очи и тоа е доказ дека не мора сите круши да паѓаат под крушата на која растеле. Таа збореше против корумпираноста на таканаречените уметници и нивното ставање во скутот на власта.

ФОКУС: Не е само Георгиевски човекот кој метафорички кажано му се придружил на Мефисто. Во политиката има многу актери. Веројатно политичарите имаат потреба од луѓе со углед во јавноста. Дали некогаш Ви била понудена таква улога?

ТАСЕВСКИ: За да ти понудат добра улога во политиката, треба да си малку оштетена личност. Во смисла – постојат луѓе што ги вршат тие регрутации, таква екипа на тимови што регрутираат има секоја партија. Меѓутоа за да добиеш добра улога во таа партија, ти мора да си оштетена личност. Лидерите на нашите партии се оштетени личности во смисла – нарцисоидни, премногу амбициозни, со валкани биографии.

Намерно ги бираат со „флекави“ биографии за да ги држат во рака и да бидат сигурни дека кога ќе дојдат на силна функција ќе го исполнат она кое никој нормален со силни етички принципи не би сакал да го направи.

Затоа мене никој не ми понудил улога во партија, затоа што без разлика дали се од ВМРО или од СДСМ, тие што го прават тоа, многу добро ја знаат мојата природа.

ФОКУС: Што ако утре некој дојде и Ви понуди да бидете пратеник, на пример?

ТАСЕВСКИ: Не верувам дека ќе дојдат, ама не можам да кажам што би одговорил. Не можам, од проста причина бидејќи ние луѓето не знаеме колку сме силни ако не се соочиме со некои искушенија.

Да, тоа е големо искушение кога ќе ти дојде Мефисто, ќе ти затропа со договорот и ќе ти рече: Подготвен си да потпишеш овде или не? Така што сега можам сѐ да ви кажам, и дека тоа резолутно ќе го одбијам или не знам што, меѓутоа кога ќе дојде моментот, тогаш важи онаа латинската Hic Rhodus, hic salta! – Овде е Родос, овде скокни да те видам! Затоа не можам да кажам што ќе одговорам, ама не ме викаат затоа што никој не сака човек што има автономен став за повеќе работи.

ЛУЃЕТО САКААТ НЕКОЈ ВО НИВНО ИМЕ ДА ПУШТИ ГЛАС

ФОКУС: Велат кога народот се оддава на игри на среќа, тоа е време на сиромаштија, а што се случува кога народот се оддава на комедијата и на сатирата?

ТАСЕВСКИ: Кога не можеш да го обесиш твојот душман „наглавечки“ за некоја бандера и да го тепаш со електричен пендрек, најубава замена за тоа е сатирата. Таа е поефикасно оружје. Зашто во оној момент кога ќе почнеш смешно да ја коментираш својата судбина и околностите во кои живееш, ти практично со тоа ги победуваш, ги надминуваш. Се креваш барем два прста над тие проблеми.

И кога една трагична околност ќе ја осветлиш со комедија, со сатира, спознанијата до кои ќе дојдеш за таа реалност се многу подлабоки.

Затоа сме сведоци на социјалните мрежи, разни твитерџии, блогери, фејсбук-манијаци, кои благодарение на својата сатира толку добро проникнале во работите, што просто нема шанси некого да не изнервираат, од тие што треба да бидат изнервирани.

Тоа го знам и од моите стендап-настапи кои никогаш не се „лајтерици“, никогаш не се само за секс, жени и за шминка туку многу има и политички хумор. И знам како реагирале луѓето на тоа. Едноставно тие сакаат некој да проговори, да пушти глас. А најубаво таа вистина ќе допре до нивните мозоци преку комедијата, исто како во рекламата каде што ако еден производ го коментираш преку комичното, многу полесно влегува во свеста на потрошувачите.

Затоа луѓето доаѓаат и ги сакаат стендап-комедиите. Тие што не се чувствуваат доволно силни тоа да го кажат од икс причини, доаѓаат на моите стендап-настапи и многу добро фаќаат сеир кога јас го кажувам тоа во мое име.

Без разлика што потоа јас ги сносам последиците за кажаното.

 

СЕГА СМЕ ВО СЕЛСКА ЛИГА!

ФОКУС: Што е она што покажува како котира нашиот театар во светот?

ТАСЕВСКИ: За да се мериш со светот во однос на театарот, мора да шеташ. Нашите театри веќе со години не одат никаде, конкретно еве зборувам за Драмски театар, ние одамна не учествуваме на големи фестивали. За да одиш по големи фестивали, се плаќаат и одредени котизации, едноставно не можеме да влеземе во таа Лига на шампиони.

ФОКУС: Според таа паралела, македонскиот театар е во Куп на УЕФА?

ТАСЕВСКИ: Ма не сме ни во Купот на УЕФА, во некоја локална селска лига сме во моментов. Квалитетот е паднат и по темите со кои се занимава театарот. Театарот одамна престана да биде потрага, престана да биде експеримент. Гледате и сами какви претстави се прават.

АРХИВА: Каква е врската на Томе Аџиев и Антонијо Милошоски со здруженијата на возачите?

$
0
0

Текстот е објавен на 17.04.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1019

Поранешниот адвокат Аџиев бил претседател на Управниот одбор на здружението на возачите од Битола сѐ до изборот за лустратор, кога се повлекува. Меѓутоа, набргу потоа станува содружник во компанијата за технички преглед на возила, основана токму од ова здружение. Таткото на пратеникот Милошоски, пак, беше секретар на кичевското здружение на возачите, а неговиот брат сѐ уште е застапник на Сојузот на здруженијата на возачите. И против двајцата се водеа судски процеси, кои засега завршуваат во нивна корист. По обелоденувањето на телефонскиот разговор од страна на опозицијата, во кој се слуша како Милошоски му предочува на Аџиев да посвети внимание на барање за лустрација на кичевскиот судија Билески, се поставува прашањето дали сето тоа е поврзано едно со друго?

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Покрај пресметката со неистомислениците, противниците и непријателите, етикетирајќи ги како кодоши и соработници на службите, во многу случаи врз основа на произволно третирање на полуписмени полициски пусулчиња, лустрацијата веројатно има уште една цел – елиминација на неподобни актуелни јавни функционери и ослободување функција за свои луѓе, на кои, нели, ќе може да се смета ако притреба.

Меѓу другото, тоа го потврди еден од последните објавени разговори од страна на опозицијата, кој, според опозиционерите, се води меѓу првиот лустратор Томе Аџиев и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и ексминистер за надворешни работи Антонијо Милошоски. Според овој разговор, Милошоски му најавува на Аџиев дека приватно лице ќе побара лустрација на кичевски судија, кој веројатно ѝ правел проблеми на власта или им пречел на моќни кичевски структури и лоби групи.

Она што остана незабележано при објавувањето на оваа битолска „бомба“, е изјавата од лидерот на опозицискиот ЛДП, Горан Милевски, кој се обиде да најде заеднички именител меѓу Аџиев и Милошоски во здруженијата на возачите. Како што рече тој, мора да се испита како првиот лустратор станал дел од битолското здружение на возачите, истовремено потсетувајќи дека и таткото на Милошоски е во кичевското здружение на возачите, додека неговиот брат е во централата во Скопје.

Во последните години јавноста дозна за многу внатрешни конфликти и судири во здруженијата на возачи по градовите низ државата, при што некаде старите раководства си ја задржаа доминацијата, а некаде се случи превласт, на елегантен начин или насила, сеедно. Такви приказни бездруго се раскажуваа и се плетеа за битолското и за кичевското здружение на возачи.

АДВОКАТ И ЛУСТРАТОР ВО ЗДРУЖЕНИЕТО НА ВОЗАЧИТЕ

Поради тоа што, како здружение на граѓани не може да работи профитабилно, битолското здружение на возачи мора да основа фирма-ќерка за да врши технички преглед на моторни возила по овластување од МВР. Така, тоа се јавува како основач на друштвото со ограничена одговорност за центар на возила и за технички испитувања „Еуротест Битола“.

Документацијата од Централниот регистар со која располагаме открива дека Аџиев е еден од содружниците во оваа компанија, основана кон средината на 2009 година. Според неговиот анкетен лист доставен до Антикорупциската комисија, Аџиев го стекнал сопственичкиот удел во 2010 година. Нашите сознанија, пак, говорат дека тој претходно бил претседател на Управниот одбор на Здружението на возачите, функција која морал да ја напушти со стапувањето на јавна должност.

Притоа, интересно е што една година по формирањето на Комисијата за верификација на фактите, тој станува содружник во компанијата формирана од здружението на граѓани, каде што претходно претседавал со УО. Паралелно со тоа, тој речиси цело време е претседател на лустрациската комисија, иако првото законско решение стриктно предвидуваше претседателот да ротира на секои 6 месеци. Тој претседателствуваше со овој орган додека непрекинато се редеа спорните лустрации.

Освен него, како содружници во компанијата прво се јавуваат уште шестмина, меѓу кои внимание привлекува Неда Бончановска, која е сопруга на Слободан Бончановски, поранешен раководител на секторот за финансии, а сега секретар на Општина Битола, предводена од градоначалникот Владимир Талески. Арно ама, податоците покажуваат дека така било само одреден период по формирањето на компанијата, бидејќи денешната тековна состојба посочува оти бројот на содружници се зголемил на дури 23 лица, што е за 16 повеќе од првичните.

Фирмата „Еуротест Битола“ е основана со вкупна главнина од околу 37.000 евра, во кои здружението како основач учествува со непаричен влог од 5.000 евра. Останатиот дел е паричен влог, а во него со 28.200 евра учествува секретарката на здружението Снежана Бошевска, која истовремено е управител на компанијата. Значи, секретарка на здружението учествува со паричен влог пет пати повеќе од вредноста што во фирмата ја вложило здружението, што мора да се признае дека не е мала сума, макар и за сопруга на успешен бизнисмен.

Останатиот дел го пополнуваат другите содружници, главно со сума од по 500 евра, колку што внеле Аџиев и Банчовановска. Отпосле, новите содружници внесуваат главно суми од по минимални 100 евра, што некои го толкуваат како обид со многу содружници да се затскрие трагата кој всушност стои зад оваа компанија, која патем има и две подружници. Станува збор за управување со две технички станици, од кои едната е лоцирана во Нова Битола, додека другата е понастрана, на патот за селото Кравари.

ЗДРУЖЕНИЕ ИЛИ КОМПАНИЈА?

За разлика од битолското здружение на возачите, каде што внатрешните превирања минаа без гласност во јавноста, „Фокус“ досега неколкупати пишуваше за судирите за превласт во кичевското здружение на возачите. Таму, главна улога имаше таткото на пратеникот Милошоски – Милош Милошоски, чиј избор за секретар на кичевското здружение на возачите пред неколку години предизвика револт кај дел од вработените во здружението, кои правдата ја бараа на суд.

На почетокот, Милошоски во 2007 година станал претседател на Управниот одбор на кичевското здружение, за потоа да биде избран за секретар, при што треба да се има предвид дека УО го бира секретарот. Еден од предметите против него се темелеше на тоа дека по незаконски пат бил избран на оваа позиција зашто не бил објавен конкурс, додека не го исполнувал условот од Законот за безбедност во сообраќајот да има четиригодишно високо образование.

Притоа, на негова адреса стасаа обвинувања дека ја оштетил касата на здружението и дека трошел произволно и неповолно, а паралелно бркал луѓе од работа, настрана што имало и такви со 25-годишен работен стаж. Поради тоа, набрканите Ленче Страшеноска, Спасе Србиноски и Зоре Којчески ја известуваат Управата за јавни приходи, која врши проверка на работата на компанијата основана од кичевското здружение на возачите – „Брекон ДОО“, каде што таткото на Милошоски, пак, беше еден од сопствениците со влог од 20.000 евра. Типично, останатите содружници и овде вложиле по стотина евра.

По проверките на надлежните институции, ова друштво згаснува, меѓутоа додека постоеше, го обележаа низа скандали. Прво, во 2010 година здружението на возачите склучува договор со компанијата што ја основа – практично само со себе – за закуп на деловен простор и опрема на здружението за период од цели 10 години. Второ, во 2011 година е склучен договор со кој „Брекон“ повлекува пари од кичевското здружение врз основа на заем од 308 илјади евра, со грејс период од една година, по што парите треба да се вратат на 60 месечни рати со годишна камата од 5 отсто.

Па, половина година по потпишувањето на договорот за заем, во септември 2011 година, „Брекон“ потпишува нов договор со фирма од Свети Николе, „Роксин“ за изградба на станица за технички преглед за моторни возила во скопска Кисела Вода, тежок 224 илјади евра. На некој начин, здружението преку своја компанија го сели, поточно го шири бизнисот и во Скопје, изнајдувајќи модел како да располага со парите надвор од здружението, во кое се заробени.

Познавачите ова го оценуваат како еден вид приватизација, бидејќи здружение на граѓани, според Законот за здруженија и фондации, не може да се приватизира, но може да се пренесе неговата непарична вредност. А, како што може да се види, возможно е да се испумпаат парите од една на друга адреса, за да може да се располага со нив и да се дели профит.

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ БЕЗ ПОЗИТИВНА СУДСКА РАЗРЕШНИЦА

Во тој период, Милошоски се повлекува од сопствеништвото во „Брекон“, а податоците покажуваат дека моментално не е застапник во кичевското здружение на возачите, туку таа функција ја врши Ненад Смилевски, вработен во Општина Кичево. Сепак, во меѓувреме, токму истата 2011 година за застапник на Сојузот на здруженијата на возачите, каде што се здружени локалните здруженија на возачите, назначен е неговиот друг син – Александар Милошоски, кој до ден денес ја врши оваа функција.

Неговото назначување буквално исцрта линија на поделба меѓу локалните здруженија на возачите. Поточно, Милошоски бил назначен на местото на веќе споменатата Башевска од битолското здружение, кое, заедно со велешкото, тетовското, прилепското, струмичкото и други здруженија бараа судска ревизија на оваа одлука, наспроти струшкото, кочанското, охридското и други здруженија, на чело со, се разбира кичевското, кои се јавија во улога на противници на ваквото барање.

Кон назначувањето на Милошоски претходеле промени во органите на возачката централа во Скопје со избор на нов Извршен одбор и избор на Диме Точков за претседател, кој доаѓа од кавадаречкото здружение на возачите, каде што, исто така, изби афера за преземање на здружението преку преврат. Потоа, Точков закажува нова седница на собранието, на која се менува статутот и називот на субјектот.

Како и да е, и покрај противењата, Централниот регистар ги усвојувања барањата за промени и Милошоски станува застапник на друштвото. Но, набргу потоа тој беше едно од раководните лица против кои беше поднесена кривична пријава. Според пријавата, парите од Фондот за развој до здружението, наместо за изградба, реконструкција и адаптација на станици, или, пак, за набавка на опрема и возила, завршиле во приватни џебови. Станува збор за над 140.000 евра.

Противниците на семејството Милошоски обвинуваат дека Антонијо ја злоупотребува неговата позиција и контакти за да врши притисок врз институциите за неговото семејство да го задржи влијанието во овој бизнис. Неговиот татко Милош за „Фокус“ пред неколку години велеше дека проверките на институциите покажале дека нема ништо незаконско и сите напади ги оцени како хајка против него од страна на луѓе што имаат спротивни интереси.

Во секој случај, сите судски предмети против него паднаа на домашните редовни судови, иако за некои од нив тоа се случи по вторпат, откако тужителите во еден случај во првостепена постапка го добија случајот, но апелација го враќаше на повторно одлучување. Како што информираат тие, случајот за вработувањето на Милош Милошоски паднал во Стразбур, додека чекаат епилог од луѓето, кои, според нив, незаконски биле избркани од работа.

ЛУСТРИРАН СУДИЈА ПО НАРАЧКА ПРЕД ПЕНЗИЈА

Како што може да се види, семејството Милошоски се соочувало со доста кривични пријави, а првиот лустратор Аџиев и таткото и братот на ексминистерот и актуелен пратеник Милошоски биле или сѐ уште се дел од возачките здруженија. Оттука, се поставува прашањето дали тоа е линкот меѓу нив двајца за да си дозволат слободно да разговараат, да предочуваат и да сугерираат, и уште поважно – дали лустрираниот кичевски судија им создал некои лични, семејни или бизнис-проблеми?

Се работи за веќе пензионираниот кичевски судија Драган Билески, кој во времето кога бил лустриран во 2010 година бил заменик-претседател на кичевскиот основен суд. Чудно, но вистино, тој беше лустриран наводно по барање на трето лице, како што се одвива разговорот, откако претходно добил потврда од државните органи дека не бил соработник на тајните служби од идеолошки причини и следствено на тоа – може да извршува јавна функција.

Ако се знае дека Билески бил лустриран само половина година пред да замине во пензија, неминовно се наметнува прашањето дали целта била само да се оцрни или етикетира, поради тоа што не бил под контрола на власта, поради блискост до опозицијата или, пак, од педагошки причини, како поука до другите помлади судии во Кичево? Или, пак, се работи за некаква одмазда?

Напротив, тој водел еден имотен спор во кој бил вклучен Милош Милошоски и пресудил во негова корист. Друго, Билески донел уште една одлука која може да се толкува во корист на семејството Милошоски. Во таа насока, тој одобрил финансиска контрола во „Пуцко петрол“ во сопственост на градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски, со кого семејството Милошоски водеше спор за општинската зграда.

Затоа, единствено нешто што би можеле да му го забележат е тоа што неговиот син, кој работи како адвокат, ги застапувал луѓето избркани од кичевското здружение на возачите. Но, од семејството Билески не веруваат дека лустрацијата е нарачана поради лична одмазда, бидејќи тие немале никаква кавга со семејството Милошоски. Што би можело да биде, од таму велат дека може само да претпоставуваат, но не можат да најдат ниту една конкретна причина, дотолку повеќе што само дел од предметите против Милошоски се воделе во кичевскиот суд, а друг дел во Гостивар.

Кога сѐ ќе се собере и одземе, Аџиев продолжува со спорните лустрации, семејството Милошоски ги добива сите судски предмети, а лустриран е кичевски судија по нарачка. Дали, сепак, некаде далеку во заднина сѐ се врти околу здруженијата на возачите?

 

Томе Аџиев, прв лустратор
ЗЕЛ КРЕДИТ, ПОДИГА КУЌА

Претседателот на лустрациската комисија, Томе Аџиев не одговори на нашите барања да се произнесе околу прозивките за неговото членување во битолското здружение на возачите.

Покрај тоа, тој е мета на обвинувања дека една третина од лустрираните доаѓаат од неговата родна Битола, како и дека го зголемил својот имот во последните години.

Анкетниот лист што го поднел до антикорупционерите покажува дека минатата 2014 година подигнал кредит од 20.000 евра и навел куќа во изградба истата година, без да ја наведе сумата.

Според фотографиите што пристигнаа до нашата редакција, оваа двокатна куќа, лоцирана на периферија во градот, е во завршна фаза.

 

Горан Милевски, пратеник и лидер на ЛДП
КОЈ НАВИСТИНА СТОИ ЗАД БИТОЛСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ НА ВОЗАЧИТЕ?

Пратеникот и лидер на опозицискиот ЛДП, Горан Милевски, пред неколку дена се обрати пред битолчани со барање да се испита целиот криминал во Битола и да се разобличат сите корумпирани службеници.

Дури тогаш ќе се дознае како првиот банкар во општината вртоглаво го зголеми својот имот. Како неговата сопругата станала една од сопствениците на Здружението на возачите од Битола. И внимавајте, кој сѐ е сопственик на тоа здружение. Меѓу другите и лично првиот лустратор Томе Аџиев, оној ист човек кој без приговор лустрира невини граѓани, новинари, писатели, судии и професори по телефонска наредба од Антонијо Милошоски. Сега ви е јасна врската помеѓу него и Милошоски – рече Милевски.

Тој се сомнева дека со големиот број содружници во компанијата основана од битолското здружение на возачите се прави вештачки привид за разводнување на капиталот, а впрочем, вистинската цел е затскривање на вистинските сопственици на друштвото.

 

Слободан Банчовановски, секретар на Општина Битола
СИТЕ ПРОВЕРКИ ПОКАЖАА ДЕКА СÉ Е ЧИСТО ВО ЕУРОТЕСТ!

Слободан Банчовановски, поранешен раководител на секторот за финансии, а денес секретар на Општина Битола, во изјава за „Фокус“ вели дека сите инспекциски контроли и проверки во битолското здружение на возачите и неговата компанија „Еуротест“, каде што содружник е неговата сопруга, покажале дека нема ништо спорно и незаконско.

Неколку вработени во компанијата која беа избркани поради големи пропусти прво анонимно бараа контроли, потоа не се ни затскриваа. Сите контроли покажаа дека се е чисто – тврди Банчовановски.

Тој ги отфрла обвинувањата дека го зголемил својот имот и зад нив гледа обид да се оцрнат успесите на Општина Битола.


АРХИВА Наместо правата на студентите, го бранат премиерот: Студентски правобранител стана советник на Груевски

$
0
0

Текстот е објавен на 1 октомври, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1043

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Помина речиси една година, откако 10.000 студенти излегоа на скопските улици и гласно кажаа „не“ на државниот испит и на новите измени во Законот за високо образование, кои од 2008 година досега доживеаја 12 измени и дополнувања. Незадоволни од новите реформи во образованието, кои можеа повеќе да им наштетат, отколку да им помогнат, студентите го формираа Студентскиот пленум, независно движење на кое му се приклучија студенти од сите факултети.

Тие организираа три масовни протести, при што го принудија премиерот Никола Груевски да попушти и новите законски измени да ги стави во мирување до 2017 година.

Студентите добија поддршка и од средношколците, но, сепак, без поддршка останаа од Студентскиот парламент, единствената организација што е признаена како официјален претставник на студентите и која треба да се бори за нивните права, интереси, барања и предлози. Но, наместо тоа, претставниците на Студентскиот парламент не се појавија на ниту еден од протестите и не учествуваа во ниту една од дебатите, а постојано ги критикуваа своите колеги, кои безмалку еден месец ги окупираа дел од факултетите.

Од нив не се слушна ниту збор за лошите услови во кои живеат студентите во студентските домови, за храната, влагата… Тие дури излегоа и на контрапротест пред неколку години, кога нивните професори протестираа против новите измени во Законот за високо образование. Но, во меѓувреме дадоа поддршка на владините реформи и застанаа во одбрана на екстерното тестирање.

„Фокус“ се обиде да истражи кои се луѓето во оваа невладина организација, зошто ја поддржуваат владината политика, кога нивна главна задача е да се борат за правата на студентите, зошто се фалсификуваат потписи на студенти за да се изберат студентски лидери на дел од факултетите и зошто повеќе од една година не се распишуваат избори за нов студентски лидер, иако мандатот на сегашното раководство е истечен?

СТУДЕНТСКИ ПАРЛАМЕНТ КАКО ШТАБ НА ДПМНЕ

Студентскиот парламент се дефинира како здружение на граѓани од автономен, невладин и непартиски кадар формирано да се бори за правата и интересите на студентите. Барем така пишува во Статутот на УКИМ. Но, очигледно претставниците на ова здружение само на хартија и во ветувањата пред нови избори ги „почитуваат“ овие правила.

Според Правилникот, работата на Студентскиот парламент треба да биде јавна и транспарентна и сите студенти да имаат увид во финансиските извештаи, како се добиваат парите и начинот на кој се трошат. Досега парламентите не располагаат со годишни планови за одржување седници, иако според Статутот предвидено е во една година да се одржат минимум шест седници (на матичните факултети и по десет седници), со што сериозно се ограничува правото на студентите да се запознаени со случувањата во органите на нивното претставничко тело. Тие, исто така, немаат објавено ниту еден записник од седница, а студентите дури и не знаат кои се членови на ова тело.

Ако се отвори нивната веб-страница може да се забележи дека во последниот период нема никакви активности, а не се објавени ниту финансиските извештаи. Единствено, како последна информација може да се прочита за конкурсот за избор на нов претседател на Студентскиот парламент при Стоматолошкиот факултет и кои се кандидатите за лидерското столче.

Исто така, досега нема организирано ниту една прес-конференција на која Студентскиот парламент ќе се изјасни за проблемите на студентите, кои, како што слушнавме во последните неколку месеци, се многубројни.

Но, тоа не е сѐ. Студентскиот парламент веќе подолг период го следат низа проблеми, од начинот на кој се избира новото раководство, па сѐ до вмешаноста на партијата на власт во неговата „работа“. Тоа особено дојде до израз за време на студентските протести, кога ниту сегашниот лидер Кирил Спиркоски, ниту пратениците чии имиња се чуваат во тајност, не се појавија на протестите, иако нивното место треба да биде во првите борбени редови. Нели се борат за правата на студентите?

Дополнителен проблем во целата ситуација претставува и тоа што Спиркоски речиси цела година седи на лидерското столче и управува со Студентскиот парламент со истечен мандат. Според Статутот, избор на студентски лидер се врши на секои две години, без право на реизбор. Тој во моментот е нелегитимен бидејќи мандатот му истекол уште пред една година, а сега е и нелегален претседател бидејќи мора да спроведе избори.

Студентскиот парламент веќе една година молчи по ова прашање, и не прикажува никакви записници од каде што може да се увиди дали тоа е така. Исто така, мандатот не може да се продолжува на толку долг временски период. Алармантно е што самиот универзитет не реагира по ова прашање, и дозволува претседателот и останатите претставници на СПУКМ се уште да седат и да гласаат во Сенатот. Со ова, УКИМ дозволува студенти кои немаат никаква правна основа да бидат таму, да учествуваат во работата на универзитетот, вели Александра Живковиќ од Младинскиот образовен форум, која учествувала во правењето анализа за студентското организирање во Македонија.

Дел од студентите со кои поразговаравме на оваа тема велат дека сега се планира распишување на избори за нов студентски лидер, но сѐ уште нема официјални информации. „Фокус“ се обиде да стапи во контакт со сѐ уште актуелниот претседател, но тој не одговори на нашите прашања.

На негова адреса, честопати досега пристигнуваа обвинувања дека одработува за владејачката партија, а, како што велат студентите, тоа се докажува и со начинот на кој беше избран на оваа функција. Тој беше избран во октомври 2012 година, а од вкупно 50.000 студенти на гласање излегоа околу 8.000, од кои за него гласале само една четвртина. Изборите поминаа со низа нерегуларности.

Во тој период, насекаде по социјалните мрежи се објавуваа фотографии од кои се гледа како ВМРО-ДПМНЕ им испраќа пораки на студентите, наведувајќи им го името и презимето на кандидатот чие име треба да го заокружат. Освен тоа, „вмровците“ ги уценувале бруцошите со давање соби во студентските домови, само ако гласаат за нивниот кандидат.

Постојано вртат од партискиот штаб на ДПМНЕ кај студентите за да им нагласат за кого да гласаат или, пак, пуштаат списоци за да се потпишат дека гласале за нивниот кандидат – тврдат студентите.

Александра Живковиќ од МОФ, пак, додава дека наместо избори, најчест случај за добивање статус на студентски претставник е преку собирање мала група студенти, кои однапред се договорени како меѓусебно ќе ги распределат функциите во парламентот.

Најчесто, тие се организирани по партиска линија. Исто така ,,ако погледнете кој ги сочинува органите на парламентот на универзитетот (претседателството, потпретседателите, комисиите за работа, изборните комисии) се забележува дека истите луѓе ротираат на различни позиции. Дополнително, истите студенти се претставници и во универзитетските и факултетските тела, како и во меѓународните студентски организации каде што СПУКМ е членка – тврди Зафировиќ.

Пред неколку години, имаше случаи каде што претседатели на СПУКМ објавуваа фотографии на кои се истакнуваат партиски симболи.

СО ФАЛСИФИКУВАНИ ПОТПИСИ ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА СТУДЕНТСКИ ПРАВА

Правниот факултет во Скопје, кој го носи името на „Јустинијан Први“ (императорот кој го кодифицирал римското право, а потекнува од овие простори), треба да претставува симбол на правдата и институција од која ќе излезат правници, адвокати и судии кои ќе ги спроведуваат законите. Но, по последните случувања се докажува токму спротивното! Имено, токму на овој факултет, според обвинувањата на студентите се фалсификувале потписи за избор на студентски лидер.

По две години сѐ уште не се знае кој е претседател на Студентскиот парламент на Правниот факултет, кога се одржале изборите и кој и колку од студентите гласале. Но, тоа што излезе во јавноста се документите на кои се потпишани делегатите во Студентскиот парламент од Правен, без да се кандидираат и без да бидат избрани на функцијата. Тие тврдат дека до нивното име и презиме на списокот стои и фалсификуван потпис!

Еден од нив е Горан Таневски, студент на мастер-студии на политички науки, кој во периодот кога се нашол на списокот бил втора година. Дека неговото име фигурира како делегат на Правниот факултет, Таневски дознал дури една година подоцна. Тој не можел да дозволи некој да го злоупотребува неговото име и затоа поднел кривична пријава до Јавното обвинителство против непознат сторител. Кривичната ја поднел во декември 2014 година, а уште двајца негови колеги ја поднеле оваа година во јуни. Досега од обвинителството немаат никаков одговор.

Целата работа е што Студентскиот парламент е невладина организација и добива пари преку проекти. Па, за да си ја задржат работата меѓу тројца-четворица и да си ги поделат парите, тие ги фалсификувале нашите потписи – тврди Таневски.

Тој додава дека од сите 40 делегати што ги имало на списокот, потписот е фалсификуван на повеќе од 15-тина. „Фокус“ располага и со записникот од одржаното Собрание на 14 октомври 2013 година, каде што, ако добро се разгледа, може да се забележи дека е препишан од записникот од Медицинскиот факултет, па дури и во неколку наврати се споменува името на овој факултет.

Со едногласна одлука беше одлучено Симона Димовска да биде новиот претседател на Студентскиот парламент на Медицински факултет – пишува во записникот.

Своите сомневања ги споделува и Таневски, кој на некој начин сака да ги охрабри своите колеги да поднесат кривични пријави, затоа што никој нема право да го злоупотребува нивното име.

Се гледа дека целиот записник е препишан од Медицинскиот факултет. Моите колеги не треба да дозволат некој да им го фалсификува потписот. Па, затоа ли сме на Правен факултет – прашува реторички Таневски.

Според нашите информации, некои студенти добивале закани да нѐ тужат, па дури им нуделе и пари.

Александра Живковиќ од МОФ вели дека фалсификувањето потписи е казниво кривично дело, и особено е загрижувачки што ова го направиле студенти токму од Правниот факултет. Сепак, додава дека тоа не ги изненадува.

– Во минатото, кандидати за претседатели на СПУКМ фалсификувале печати за поддршка на кандитатурата, се воделе судски спорови меѓу кандидатите, се организирале турбо-фолк забави со парите од студентските давачки, се уценувале и бркале студенти од студентски домови, организацијата директно учествувала во распределба на студентски легла по партиска линија, се трошеле финансии за патувања на меѓународни конференции за кои нема никаков отчет до студентите и уште многу други примери кои сведочат за неетичното, несовесно и нелегално работење на СПУКМ – вели Живковиќ.

Според неа, самиот процес на собирање триесетина студенти, кои немаат никаков легитимитет ниту овластувања, и заеднички се договараат кој ќе биде претседател на студентскиот парламент на факултетот, е во спротивност со Статутот на УКИМ.

Сличен став како неа има и поранешниот претседател на Студентскиот парламент, Самоил Малчески. Тој тврди дека за него се несфатливи таквите постапки.

Очигледно произлегуваат од нивната затвореност и страв да се соочат со студентите – тврди Малчески.

Тој беше претседател на ова здружение во периодот од 2007 до 2009 година, а веднаш по него беше избран Иван Живковски, кој ќе остане запаметен по тоа што ги организираше контрапротестите против професорите кои се спротивставија на измените во Законот за високо образование.

ВО ОДБРАНА НА ПРЕМИЕРОТ

Во рамките на Универзитетот функционира и студентски правобранител, кој се избира од редовите на Правниот факултет и чиј мандат трае две години без право на реизбор. Досега на ова столче седнале три студентски правобранители, а лани оваа позиција ја презеде Васка Бојаџи.

Иако нејзината работа според Статутот е заштита на правата на студентите кога им се повредени од органите на Универзитетот, сепак таа потврди дека не излегла да ги поддржи барањата на студентите, а ниту, пак, се појавила на студентските протести. Исто така, нагласи дека не добила никакви поплаки за притисоци и закани врз студентите.

Еве што таа изјави за медиумите во тој период:

Јас како студентски правобранител се залагам, пред сѐ, за институционално решавање на проблемите“.

Нејзината претходничка, Симона Јандревска беше поактивна на ова поле, но во одбрана на владините реформи. Таа неколкупати истакна дека Македонија има потреба од реформи во високото образование и дека таа ги поддржува.

Сметам дека реформите за кои се залага владата се на место и се вистински момент за нас младите. За време на праксата во Франција и Германија се соочував со проблеми затоа што немавме државен испит“ – тврдеше студентката за провладиниот „Курир“.

А дека Јандревска ги поддржува владините политики покажува и нејзиното работно место како советник за правни работи во Кабинетот на премиерот Груевски. Таа, исто така, пишува колумни и за провладиниот сајт „Република“, а на нејзиниот фејсбук профил можат да се најдат фотографии и со партиските симболи на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука, се поставуваат прашањата, како студентите да им веруваат на претставниците на Студентскиот парламент и на студентскиот правобранител, кога се гледа дека одработуваат за владејачката партија? Како да се обратат со нивните проблеми, притисоци и закани, кога знаат дека нема да бидат ислушани? Зошто оние кои треба да се залагаат за заштита на правата на студентите, на прво место ја ставаат партијата?

Претседателите на СПУКМ најчесто ќе ги видите насмеани и сликани со министрите за високо образование или, пак, со раководството на универзитетот, а нема да дознаете што се случувало на таа средба. Најчесто, таа организација остварува про форма средби со претставници на надлежните институции. Наместо да се борат за правата на студентите и со нив рамо до рамо да застанат на протестите, студентските функционери срамно молчат или ја поддржуваат владејачката партија само за да ги задржат своите функции и фотелји.

Рамка:

ЧЛЕНОВИТЕ НА СПУКМ СЕ ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ

Александра Живковиќ од МОФ вели дека нема информација колкумина се во Студентскиот парламент, но дека најчесто се дваесетина студенти кои фигурираат на истите места.

Мислам дека во моментов се останати само 3-4 студенти, вклучително и претседателот. Луѓето околу претседателот се најчесто негови блиски пријатели, кои без никаков правен основ се поставени на позициите. Ако ги разгледате приватните профили на социјалните мрежи на потпретседателите на СПУКМ, како и останатите истакнати членови, ќе увидите дека се прилично активни во полето на пропагирање гласање или поддршка за одредени политички партии – тврди Живковиќ.

Рамка:

Самоил МАЛЧЕСКИ:

СЕ ПРАВАТ ГОЛЕМИ ЛИДЕРИ, А СЕ КРИЈАТ ПО ЌОШИЊА

Самоил Малчески, поранешен претседател на Студентскиот парламент, вели дека оваа организација не функционира веќе подолго време.

Во јавност никаде ги нема, нивната веб-страница е недостапна, а на нивниот фејсбук- профил може да се забележат активности кои во време кога јас бев претседател во мандатниот период 2007-2009 тие активности беа маргинални. Наместо да си го одработат мандатот за кој се избрани и да застанат во одбрана на студентите, тие се занесуваат дека се големи лидери и се кријат по ќошиња! – вели Малчески.

АРХИВА: Кичевски судија стана кодош врз основа на полициски белешки од кои се одрекол и нивниот автор?!

$
0
0

Текстот е објавен на 24.04.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1020

По три години од неговата лустрација, името на Билески се врати во јавноста откако опозицијата го објави разговорот, според кој, Милошоски му вели на Аџиев да посвети внимание на неговата лустрација. Според документацијата што ни ја достави тој, оперативниот работник што ги изготвил белешките врз основа на кои е лустриран по вторпат, на барање на трето лице, се одрекува од напишаното. Семејството Билески се сомнева дали оригинални документи воопшто постојат бидејќи Лустрациската комисија не им ги доставила, туку само им дала цензурирани копии, додека Управниот суд ја отфрлил нивната тужба токму врз основа на фотокопиите. Дали оригиналите постојат и се архивирани во државните органи?

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една од низата „бомби“ што ги активираше опозицијата, целосно го урниса и онака нарушениот кредибилитет на процесот на лустрација, кој се употребува за пресметка со политичките неистомисленици и противници, наместо за прочистување на кодошкото минато, особено преку елиминација на луѓето кои до денес држат високи јавни функции, главно заработени со соработка со службите. Во таа насока, се редеа низа спорни лустрации на луѓе од различни сфери од општествениот живот, кои никогаш ниту прифатиле да бидат соработници на тајните служби, без оглед дали тоа било за паричен надоместок или за напредок во кариерата. Но, сепак, не спасија жива глава од лустрацискиот сатар.

Објавувањето на прислушуваните разговори меѓу високи функционери на власта покажаа дека, според лидерот на СДСМ Зоран Заев, ексминистерот за надворешни работи и актуелен пратеник Антонијо Милошоски му предочува на првиот лустратор Томе Аџиев да посвети внимание на барањето за лустрација на кичевскиот судија Драги Билески, иако лустраторите постојано ламентираат дека се независни и работат исклучиво врз основа на закон, а Аџиев знаел и да пламне кога ќе го обвинеле дека спроведува наредби „од горе“. Како што веќе пишуваше „Фокус“, не е докрај јасна причината за оваа лустрација, бидејќи кичевскиот судија не донел ниту една негативна пресуда против Милошоски и неговото семејство, кое имало имотно-правни спорови, но и бизнис-интереси во кичевското здружение на возачи. Аџиев, пак, е дел од битолското здружение на возачи.

Оттука, може само да се нагаѓа дали причините за лустрација на Билески се одмазда, политичка пресметка, педагошка лекција за другите. Неговиот син, кој работи како адвокат во Скопје, бил застапник на избрканите луѓе од кичевското здружение на возачи, кои повеле спор токму против таткото на Милошоски како секретар, Милош Милошоски, меѓутоа тоа била одамна и ниту семејството не верува дека тоа е причината за лустрација. Во прилог на другите тези оди тоа што веќе лустрираниот и пензиониран судија, сепак, важел за човек со авторитет, врз кој не можело лесно да се влијае, плус бил поблизок до левицата. На крајот на краиштата, неговиот случај може да биде пример за другите судии како може да завршат доколку не слушаат.

Настрана сето тоа, неговата лустрација изобилува со многу пропусти, кои покажуваат дека постоел силен порив да се лустрира судија од втор обид, само половина година пред пензионирање. А, тоа, пак, ги разголува сите слабости на овој процес воден од комисијата, претворена во маша против „непријателите“. Од друга страна, пак, сѐ погласни се шпекулациите дека за многумина јавни функционери во сите сфери на власта, и Македонци и Албанци, има соработнички досиеја, но тие се чуваат во фиока, со што така се обезбедува нивната верност и послушност.

ДАВАЛ ИНФОРМАЦИИ ЗА НАЦИОНАЛИСТИЧКА ГРУПА

Што се однесува до лустрацијата на Билески, во решението на лустраторите стои дека тој им давал информации на службите и им укажувал одредени сознанија на одредени лица кои биле интересни за Службата за државна безбедност, а кои претходно биле земени во оперативна обработка. Популарно наречената Лустрациска комисија го носи ова решение врз основа на неколку документи. Едниот од нив, впрочем, е службена белешка за извесен Живко Туфекџиоски, кој, според објавениот разговор меѓу Милошоски и Аџиев, ја покренал иницијативата за лустрација на Билески, кога всушност тој е лустриран.

Имено, ова досие е формирано во далечната 1968 година поради дејствување на Туфекџиоски на линија на македонски национализам и шовинизам. Според досието, тој бил опфатен во младонационалистичка група, чија цел била да се бори за обединување на трите дела на Македонија и формирање самостојна држава надвор од рамките на социјалистичка федеративна Југославија. Тој, меѓу другото, работел на регрутирање нови членови во групата и прибирање оружје, но и во самото досие се наведува дека никакви конкретни акции не биле преземени.

Дури во 1972 година се забележани повторни контакти меѓу членовите на групата од страна на службите. Во службена белешка изготвена од оперативниот работник Перо Крцоски во истата година, токму кога биле обновени контактите меѓу припадниците на групата, оперативниот работник пишува дека во два наврати се состанал со Билески, тогаш студент на скопскиот Правен факултет, кој во разговорите сам изразил желба да соработува со службите, односно да сподели сознанија за споменатата националистичка група, пред сѐ, за Туфекџиоски. Според Билески, како што пишува Крцоски, Туфекџиески бил занесен по политика и склон да критикува сѐ во општеството.

Друга службена белешка од 1975 година, пак, изработена од, исто така, Крцоски, открива дека изворот Билески од мајката на неговата сопруга разбрал оти едно лице му испратило на друго лице пари за поправка на црква во Кичевско, во која две години претходно била откриена икона – слика од бугарски владика. Според оваа документација, претходно Билески давал информации за Албанците од Кичево, но се правеле напори да се зближи и со македонските националисти. Во документацијата стои и оти овој извор се користи привремено, само додека престојувал на студии во Скопје.

ВО НЕДОСТИГ ОД ОРИГИНАЛИТЕ, СЕ ЦЕНЗУРИРААТ ФОТОКОПИИТЕ

Инаку, врз основа на овие белешки, Лустрациската комисија носи решение дека Билески соработувал со тајните служби од идеолошки причини и патем поради тоа напредувал во службата. Веднаш потоа, Комисијата бара од Републичкиот судски совет да му изрече привремена мерка за вршење на функцијата, што и се случува. Откако го загубил и спорот пред Управниот суд, каде што секое лустрирано лице може да ја оспори одлуката на лустраторите како повисока инстанца, тој се збогувал од работата, и тоа само 6 месеци пред да исполни услов за старосна пензија, што го покренува прашањето зошто толку на власта ѝ се брзало да го лустрира овој кичевски судија?

Да биде уште почудно и посомнително, лустраторите во 2012 година прво носат решение со кое ја верификуваат изјавата на Билески дека го исполнува дополнителниот услов за извршување јавна функција – не ги прекршил или ограничил правата и слободи на други лица преку соработка со службите. Арно ама, нешто подоцна истата година, лустраторите носат ново решение, врз основа на барање на трето лице (Туфекџиоски) за покренување постапка за утврдување факти. Пред да го стори тоа, Комисијата утврдила нови факти и докази, кои се наоѓаат во објавените документи.

Во обид да ја испере дамката дека бил соработник со службите, Билески официјално се обратил до Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, со прашање дали е регистриран како соработник во рамки на УБК-Скопје, како што се наведува во документацијата врз основа на која е лустриран. Од таму тој добива писмено известување дека воопшто не е евидентиран во документацијата на УБК и дека објавените документи од страна на лустраторите не потекнуваат од архивата на УБК.

Оттука, Билески од лустраторите ги побарал оригиналните документи врз основа на кои е лустриран, но добил само фотокопии, со образложение оти оригиналите се во Државниот архив, од каде што им ги доставиле на лустраторите на увид во времето кога ја носеле одлуката, по што биле вратени назад. Згора на сѐ, привлекува внимание фактот што на копијата што семејството Билески ја добило недостига своерачно напишаната забелешка во белешката објавена од лустраторите на нивниот сајт, веројатно од надредениот службеник што ја примил белешката од оперативецот. Единствената рачно напишана цензурирана забелешка гласи: „Голем наслов без содржина“, што укажува дека дури и да била навистина стокмена, содржината е празна и не соодветствува со силниот наслов.

ЕДНО ВЕЛИ СУДОТ, ДРУГО ОПЕРАТИВНИОТ РАБОТНИК

Поради сето тоа, Билески поднел тужба против решението на лустраторите до Управниот суд, бидејќи, навел тој во тужбата, фактичката состојба не била правилно утврдена и затоа бил изведен неправилен заклучок. Сепак, Управниот суд одлучил дека лустраторите правилно постапиле кога донеле решение по барање на трето лице за повторување на постапката поради тоа што се појавиле нови докази. Ист епилог добила и неговата жалба до Вишиот управен суд, и покрај тоа што, како што тврдат од семејството Билески, судот одлучувал врз основа на фотокопии кои може и да се фалсификувани, а не врз база на оригинални документи?!

Комисијата од увидот во документите утврдила дека тие упатуваат на соработка на тужителот со органите на државната безбедност при оперативно прибирање на информации што биле предмет на обработка, на начин што на органите им давал информации и укажувал на одредени сознанија за одредени лица кои биле интересни за СДБ, а кои биле земени во претходна оперативна обработка. Комисијата утврдила дека тој бил оперативна врска, таен соработник – информатор, за следење на активностите и коментарите на безбедносно интересни лица. Истиот свесно, тајно, организирано и континуирано преземал активности и соработувал со органите на државната безбедност“, наведува во образложението Управниот суд.

Ваквите наводи на судот, за кој од објавените прислушувани разговори меѓу властодршците, се целосно поклопени од страна на извршната власт, која инфилтрира партиски подобни судии, е во контрадикција со изјавата на оперативниот работник, кој фигурира како автор на полициските белешки врз основа на кои е лустриран Билески. Станува збор за веќе споменатиот Крцоски од Охрид, кој неодамна пред да почине ја дал следнава изјава заверена на нотар:

Службените белешки во кои како извор се јавува Драги Билески се без негово знаење и се темелат на мое лично видување од неврзан разговор кој не е воден по барање на изворот, а уште помалку во својство на таен соработник, информатор или доушник на службите. Не бил соработник ниту пак е регистриран од страна на службите, што е предуслов да има својство на таен соработник или информатор. Наводите од белешките не се веродостојни…“.

НОВ ЗАКОН ЗА НОВА ЛУСТРАЦИЈА

Оваа лустрација е извршена според новиот Закон за лустрација, поточно за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, донесен во 2012 година, кој целосно го замени законското решение од 2008 година, при што има неколку клучни новитети. Освен обврската лустрираните лица да бидат јавно објавени, или поинаку речено – изведени на ѕидот на срамот, другите се однесуваат на опсегот и на опфатот на лустрацијата.

Прво, лустрацијата беше определена да важи од 1994 година до донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2006 година, токму во годината кога ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски доаѓа на власт, што значи дека соработниците во овој речиси десетгодишен период се амнестирани. Второ, како извори на информации, освен државните органи –Управата за безбедност и контраразузнавање, Военото разузнавање, Агенцијата за разузнавање и Државниот архив, иницијативи за лустрација може да поднесуваат и трети лица, па дури е вметната и обврска сите физички и правни лица што поседуваат оригинални документи за лица што соработувале со службите, да ги достават до Комисијата.

Понатаму, исто толку битна промена што ја донесе новиот закон е самата дефиниција на соработничкиот однос, врз кој се врши лустрацијата. Доколку стариот закон предвидува потесна дефиниција, според која соработката со службите претставува „тајна, свесна, континуирана и организирана соработка и активност, заснована со писмен документ со органите на државната безбедност“, новиот закон пропишува поширока дефиниција, која овозможи лустрација на лица кои никогаш формално не ја завериле нивната соработка со службите, бидејќи на комисијата ѝ се дадоа овластувања да лустрира лице евидентирано во досиејата на органите за државна безбедност како „таен соработник, оперативна врска или таен информатор при оперативно прибирање известување и податоци што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државна безбедност…“.

На тој начин, се овозможија услови за лустрирање на поголем број луѓе, кои само се споменуваат со нечија полициска белешка, честопати без да бидат свесни дека некој нивен разговор ќе влезе во полициска евиденција, верно или зачинето со дополнителни детали согласно имагинацијата на авторите. Новиот закон прави основа да биде лустриран и Билески како информатор, кој не потпишал соработка, но спорни се тие нови докази што излегле, а претходно не биле земени предвид. Врв на сѐ би било доколку белешките се груб фалсификат, без разлика кој е нарачателот, а кој е спроведувачот на сценариото.

 

Драги Билески, лустриран судија
АЏИЕВ ТРЕБА ДА ДОБИЕ НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА ЛУСТРИРАЊЕ НЕВИНИ ЛУЃЕ!

ФОКУС: Како ја толкувате вашата лустрација на само 6 месеци пред пензионирање, и тоа во втор обид, откако го поминавте првиот филтер дека го исполнувате дополнителниот услов за да извршувате јавна функција?

БИЛЕСКИ: Ни мене не ми е јасно, бидејќи нема ниту основна причина јас да бидам лустриран. За жал, истиот претседател на лустрациската комисија, Томе Аџиев, се јавувал и во судски совет зошто не е постапено во првото решение на комисијата. Неговата одлука е закон, џабе жалба до судот, туку како Аџиев одлучил така, без оглед што тоа го направил врз основа на бела хартија. Овој човек треба да добие Нобелова награда за лустрација на невини луѓе.

ФОКУС: Кој е вашиот коментар кон содржината од објавените белешки врз основа на кои сте лустрирани, односно дали тие се веродостојни и автентични? Ги познавате ли луѓето што се споменуваат со нив, меѓу кои и Туфекџиоски?

Билески: Тие службени белешки не се мои, мој потпис нема, никој не ме прашал кога ги правел… Луѓето што се споменуваат во нив ниту ги знам, ниту ги познавам. Туфекџиоски ми е генерација, но со него во живот не сум седнал на муабет, ниту за време на гимназија, ниту потоа. За да давам информации за некој, јас со него морам претходно да разговарам. Ниту со еден од другите споменати луѓе од белешката не сум се дружел. Го познавав човекот кој наводно ја напишал белешката Крцоски, иако нема негов потпис на нив, но тој даде изјава заверена на нотар во која вели дека содржината на белешките нема врска со мене.

ФОКУС: Зошто мислите дека Комисијата го цензурирала овој дел од белешката при вашата проверка на документацијата и зошто сметате дека не ви биле дадени на увид оригиналните документи?

БИЛЕСКИ: За да скријат дека станува збор за обична игра, за исполнување нечија желба, а се знаеше кој е нарачателот. Оригинални документи едноставно не постојат, а фотокопиите најверојатно се фалсификат! Како може да сум информирал дека некојси печалбар што заминал во Америка пратил пари за црква, а не сум знаел колку пари пратил? Тој човек после сѐ информирал дека во последните 10 години не дошол во Македонија, па од каде ја нашле оваа службена белешка? Не ми е јасно како и Управниот суд пресуди врз основа на фотокопии, кога законот вели дека тоа мора да го прави врз основа на оригинални документи.

 

Дилемата остана
ВО УБК ГИ НЕМА, НО ДАЛИ АРХИВОТ ПОСТОЈАТ ОРИГИНАЛИТЕ ОД ДОСИЕТО НА БИЛЕСКИ?

Ако се знае дека Билески е лустриран од втор обид, по иницијатива на трето лице, откако, нели, се појавиле нови докази, се претпоставува дека иницијаторот ги доставил тие нови докази, бидејќи во спротивно она што дотогаш постоело како документација во државните органи за кичевскиот судија не било доволно за лустрација.

Се разбира, и ова треба да се земе со резерва бидејќи тој може да биде и лустриран врз старите документи, ама врз основа на новиот закон, кој дозволува лустрација и врз база на послаби факти.

За да нема дилеми, во Државниот архив прашавме дали оригиналните службени белешки за Билески постојат, како што тврдат лустраторите, како и кога е архивирано ова досие, но од таму не добивме одговор до затворањето на весникот.

Како што велат од семејството Билески, лустраторите воопшто не им ја дале писмено поднесената иницијатива од Туфекџиоски, а кога се обиделе да стапат во контакт со него, тој ги одбегнувал.

АРХИВА Ставрески ќе беше херој, ако со телефонот го треснеше Груевски по глава

$
0
0

Текстот е објавен на 11 септември, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1040

Разговарал Младен ЧАДИКОВСКИ

ФОКУС: Имам чувство дека бизнисмените полека, полека, со сѐ покритички тон зборуваат за владините економски политики, иако со години му аплаудираа на премиерот. Зошто наеднаш ги снема розовите очила, дали тоа го диктира економската ситуација или политичката?

ГЛИГОРОВ: Секако ова не се случува одеднаш. Да бидеме реални, периодот од 2006 до 2008 година се направија работи кои до тогаш беа мислена именка за претходните владејачки гарнитури. Дополнително, владејачката партија не беше сама на власт, и другите партии даваа мотив главната партија да се покажува и докажува. Се чини, клучна е 2008 година, кога граѓаните ја дадоа поддршката во поголем број на В-Д (намерно ја користам оваа кратенка за ВМРО-ДПМНЕ, сметам дека името ВМРО не смее да се користи во политички цели), а другите партии се дистанцираа и влегоа во длабока опозиција. Наместо да работат со граѓаните и со бизнисите, овие опозициски партии почнаа да го вреѓаат народот, а на бизнисмените да им се закануваат. Замислете каква грешка. Во такви услови, В-Д само си ги прибра фирмите под свое, а на граѓаните почна да им дели удопства со парите од истите тие граѓани.

ФОКУС: Но, кризата прогресираше…

ГЛИГОРОВ: Се чини дека првите зачетоци на реални критики почнаа од 2010 година наваму. Откако кризата се продлабочи, а се рашири во трошење непотребни работи, владата не си ги сервисираше своите обврски навремено, се појавија бројни и агресивни инспекции, а благодарение на протестите на младите, и секако на „бомбите“, се охрабрија многу луѓе јавно да ги кажуваат работите.

Инаку, во последните неколку години, бизнис-заедницата и нивните претставници предочуваат на проблемите на работните средби со државното водство. Кога се увиде дека работите не се подобруваат, почна процесот на засилено јавно искажување на мислењата.

ФОКУС: Мета на Вашите критики изминатиов период се економските политики на власта, сметате ли дека економијата не се движи во посакуван правец?

ГЛИГОРОВ: Не би рекол дека имам критики. Секогаш сум фокусиран да дадам предлози на решенија. За да имаш подобри решенија, треба да имаш добра анализа и да поставиш добра теза. Таквата анализа всушност се доживува како критика. Кога се обидувам да најдам решение и за мене или фирмата, тргнувам реално од работите и гледам кај се грешело. Значи, се критикувам прво себеси.

Инаку, да, економијата не се движи во правец на шесте основни цели кои важат за која било економија во светот. Секоја здрава економија се стреми кон генерално шест цели. Само ќе повторам како е кај нас во поглед на овие цели: нема еднаквост на сите пред законот (правдата не важи за секого исто), системот е неефикасен (премногу непродуктивни трошења, премногу чекања по шалтери и семафори, слаба патна и друга инфраструктура…). Во Македонија има слаба слобода на дејствување и изразување на секое поле, а сите се чувствуваме небезбедно со оглед на нередите во Куманово, тепањето новинари и неистомисленици, дивеењето на навивачки групи, насилни упади во општина…

Згора на сѐ слушаме од „бомбите“ како премиер разработува сценарија на удирање шлаканици на политички противници, и потоа на дело го гледаме неговиот заменик со демонстрација на завидни боксерски вештини. Потоа немаме потребна стабилност за здрава економија – политичките лидери имаат толкав антагонизам и немање сенс за државата, што дозволуваат да дојдат во ситуација потоа да ги тегнат за уши претставници од меѓународната заедница и во ситни утрински часови да менуваат клучни работи за државата.

Значи отсуствува предвидливост на законите и регулативата, нешто што го забележува и ММФ. На крајот, го немаме потребниот економски раст, а структурата на нискиот раст е неповолна за поголемиот број граѓани и реални бизниси. Како што гледате, не треба премногу да се анализира за да се заклучи дали правецот е добар или не е.

ДАЛИ СИ ПИЈАН ОД ДВЕ ИЛИ ОД ТРИ ЧАШКИ РАКИЈА?

ФОКУС: Проектот Скопје 2014, според многумина, е „мајка на македонските растечки задолжувања“. Има ли државата реална економија што може да ги издржи овие задолжувања?

ГЛИГОРОВ: Нема и не може да има за ваков тип трошења во толку кус период. Мислам, ни многу појака економија не може да си го дозволи тоа. Секој домаќин знае дека ако почне да троши на луксузни и непотребни работи само за да можат  комшиите да се воодушевуваат на неговиот двор, тераса, внатрешно уредување на собите и слично, а притоа парите што ги троши му се од позајмување, а не се заработени – тоа е неодржливо.

Објаснувањето на владата е дека ќе се заштеди на кириите што се плаќале и дека ќе се привлекуваат туристи. Зошто тогаш не дадат анализи и предвидувања колкав е периодот во години за повратот на инвестициите? Како и за колку време зградата на „Водовод“, која иницијално чини 8 милиони евра, ќе заштеди на кирии и колку туристи ќе привлече? Како што стојат работите, парите за постоечките кирии нема да бидат доволни за одржување на сите тие згради, а камоли да се отплатува нивната градба. Значи, кириите ќе се преточат во одржување на зградите, а сите ние ќе треба да ги враќаме парите што се позајмени за изградба на овие објекти.

Да се вратиме пак кај домаќинот. Кога се нема пари, евентуално може да се зајмат пари за да се финансираат активности кои би донеле дополнителни пари, а скромно да се подобруваат условите на живеење. Но, не да се истурат толку пари во услови на слаба економија.

ФОКУС: Аргумент на власта е дека Македонија и натаму е ниско накај средно задолжена земја? Клучно ли е тоа во мерењето на задолженоста?

ГЛИГОРОВ: Дали може да бидеш пијан од две или три чашки ракија? Тоа секако зависи дали ќе продолжиш или ќе престанеш да пиеш. Значи битен е трендот и „раширениот“ стомак. За време на оваа влада, јавните долгови се удвоени и нема на повидок дека задолжувањето и неликвидноста ќе сопрат. Како што кажав, ќе почнат и трошоци за одржување, некаде веќе почнаа трошоци за одржување. Се купија прскалки за палмите, за фонтаната во центарот дополнителни трошоци за подобрувања… Кога ќе го навикнете стомакот на обилни, тешки и нездрави јадења, тогаш е многу тешко да се сопре тој тренд. И настапува болест или има аномалии со здравјето, а ако се продолжи со тоа темпо, неретко се случува и – смрт.

ФОКУС: Доколку се остварат најавите дека надворешното задолжување може да подзапре, пред сѐ, од политички причини (се чини дека ММФ и СБ нема да сакаат предизборно да истурат пари во буџетот), ќе остане внатрешното задолжување како база за финансирање на трошењата. Како ова извлекување пари од домашната економија ќе се одрази внатре?

ГЛИГОРОВ: Ќе испоумреме сите. Да не помислуваме сега на тоа, туку да се потрудиме да го спречиме.

ПРЕМИЕРОТ ФРЛА ПРАШИНА ВО НАШИТЕ ОЧИ

ФОКУС: Многу актуелна е темата за субвенционирање на странските компании, откако Ван Хоол објави дека добиле 17 милиони евра од Владата. Каде е тука домашниот бизнис? Премиерот рече дека ако побара некој домашен бизнисмен и ако вети вработувања, ќе има субвенции и за домашните.

ГЛИГОРОВ: Тоа што го кажува премиерот е фрлање прашина в очи на сите домашни бизнисмени. Кажува дека домашниот треба да има проект со 1.000 вработувања, а во технолошките зони поволности користат и фирми со помалку од 100 вработени. Доделувањето големи милионски износи во евра на субвенции создава сомнеж на коруптивно и непазарно дејствување, а разочараност кај домашната бизнис-заедница. На која земја оваа влада е влада, се прашуваме?

ФОКУС: А како поинаку да се привлечат странците, ако нема поволности. Има и други земји, повеќето даваат бенефиции?

ГЛИГОРОВ: Не се бенефициите во пари клучни за инвестициите. За повеќето од инвеститорите не се пресудни ни ниските плати на вработените. Имав можност во два различни периоди лично да разговарам со двајца бивши премиери на Ирска во различни декади. Независно каква е состојбата сега, Ирска, како што знаеме, е најдобриот пример за привлекување странски инвестиции.

Имено, Ирска покренува неколку битни активности кои се протегаат најчесто и во рамките на една декада. На пример, официјализирање на англискиот јазик наместо нивниот мајчин јазик (галик) за да може подобро да се разберат со странците, односно да комуницираат течно со целиот свет. Потоа, преадаптирање на формалното и неформалното образование за потребите на тогашните индустриски трендови. Десетици илјади млади луѓе учат и студираат на струки кои се бараат од странските инвеститори, претежно од САД. Па, создавање квалитетна сообраќајна и друга инфраструктура. Ирска ги привлече инвеститорите и луѓето се вработија таму со повисоки плати од просечните плати во Ирска. Значи потребно е да се прават посуштински активности за да можете од дното на Европа да стигнете во средината, нешто што ѝ успеа на Ирска.

ФОКУС: Потребни се суштински промени кај нас?

ГЛИГОРОВ: Тука владата нѐ рекламира дека сме евтини, дека сме блиску до Европа, а реално не сме, со оглед на инфраструктурата и дека очајно ќе даваме субвенции. Тоа што во непосредна близина на зоната Бунарџик имаше „војна“ во мај оваа година, само ја обезвреднува ионака ниската вредност на тие инвестиции. Тоа што цела година државата е преокупирана со бројни афери, кампувања со блокирани сообраќајници, нецелосно и нефункционално-еднопартиско собрание – сето тоа влијае врз нашата цена на светскиот пазар. На нашите плати.

Одговорноста за ваквата состојба секако е, пред сѐ, на власта. И тогаш, нормално е да имаме пониска цена. Ако доматот на пазар е делумно скапан, пазарџиите го продаваат под цената и плус ти даваат дополнителни производи. Тоа се случува во реалноста во Македонија.

За примери, владата не треба да оди подалеку. Бугарија направи бизнис-паркови и ги „прибра“ сите познати светски и европски фирми кои опслужуваат пазари во речиси цела Европа. На пример, во Hewlett-Packard во Бугарија, според мои сознанија, работеа неколку илјади вработени. За споредба, во Македонија работат не повеќе од 10. Пред десетина години, HP канцеларијата во Бугарија имаше десетина вработени. Ова е далеку несразмерно од односот на населението. За платите да не збориме – тие во Бугарија во таквите странски фирми се европски. Зошто е тоа така? Така е поради погрешниот пристап кај нас.

ОПОЗИЦИЈА ГО ТУРКА ГРАЃАНСТВОТО ВО ПРЕГРАТКИТЕ НА ВЛАСТА

ФОКУС: Во една колумна напишавте дека економската политика се базира на неколку популистички столба, илјадниците проекти, Скопје 2014, таргетирањето големи групи, како земјоделците… Но, реалноста на теренот не покажува големо придвижување, БДП-то расте со недоволни стапки, младите се иселуваат, сиромаштијата е голема, зошто?

ГЛИГОРОВ: Јавно никаде не сум споменал израз „популизам“ или „популистичка“ бидејќи мислам дека тука лежи една од главните причини за неуспехот на опозицијата. Тоа е една од клучните грешки на опозицијата. Обичните гласачи или поточно најголемиот број гласачи, популизмот го смета за нешто добро. И така им се сервира: попули е еднакво со народ. Демек, власта е со народот.

Колку повеќе опозицијата споменува дека владата е популистичка, толку повеќе ги „турка“ граѓаните во „прегратките“ на постоечката власт. Природно е таа маса граѓани да ја поистоветува тогаш опозицијата со елитистичка. Елитисти се секако во далеку помал број.

Ова е „Пустецот“ на опозицијата, ова се стотиците илјади гласови вишок на контото на власта и секако дека тоа е несразмерно повеќе од стотина-двесте гласови од Пустец или неколку илјади лични карти плус. Стратегиски се греши. Втората клучна стратегиска грешка е формулацијата: ќе видите вие кога ќе се вратиме на власт. Тоа цело време лебди. И луѓето го чувствуваат. Се пристапува премногу агресивно за вкусовите на просечните македонски граѓани. И затоа не гласаат помасовно за опозицијата во прв ред. Потоа, секако, доаѓа тоа што се немало економска програма, се нема фокус на потребите на граѓаните и не се покажува дека се има капацитет за изведба на таа програма. Да не ја споменувам вечната тема и дилема за тоа дали и кој е вистинскиот лидер кај најголемата опозициска партија.

ФОКУС: Но, Македонија назадува…

ГЛИГОРОВ: Според сите теории и практики во светот, државната стратегија што ќе носи резултати за сите не може да биде успешна ако ставите 2.000 и повеќе проекти во својата програма за работа.Таквиот документ може да биде само добра листа на активности, но не и стратегија што ќе носи резултати (ќар) за сите.

Ако во таквата програма ставите дека проекти се стандардните активности на државата, нешто што нормално треба да се прави, тогаш ние ќе си тапкаме во место како држава. Тапкањето во место, во денешни услови значи уназадување бидејќи другите напредуваат.

ФОКУС: Мислите ли дека по девет години на власт, технократите на ВМРО-ДПМНЕ, кои во меѓу време прогресираа кон „националната преродба“, го изгубија допирот со реалноста?

ГЛИГОРОВ: Со преродбата, наместо да се преродиме, ние се одродивме. По сите основи сме поделени. Со преродбата „увезовме“ неколку министри и директори, претежно од САД, а „извезовме“ десетици илјади млади и надарени кадри насекаде во светот – некои спомнуваат бројки од неколку стотици илјади млади луѓе. Уште десетици илјади се на листа на чекање за одење во еден правец. Со ова е кажано сѐ.

ФОКУС: Има ли во опозицијата сила за здружување што ќе ги помести овие состојби. Објавувањето на „бомбите“ одигра одредена улога, но се чини дека е потребно теренско „освојување“ на гласачите?

ГЛИГОРОВ: Опозицијата како израз се одомаќини, и тоа прави добро само на еден дел од политичките партии. Некако се навикнавме терминот власт да биде поистоветена со една или со пакет од едни партии, а опозиција да се поистоветува со сето останато. Ако на некого постојано му велите дека е сиромав, тој со текот на времето ќе си се поистовети со тој термин, средината ќе го мисли дека е сиромав, и тој никогаш нема да биде богат, или барем многу потешко може да стане побогат. Ќе му биде врежано во потсвеста дека е сиромав. Моќна е таа алатка. Ако на некој човек повеќе луѓе му кажат дека е болен или болно изгледа, и тоа го направат во одреден временски период, и да е здрав, човекот може да оболи. И тоа тешко да оболи.

ФОКУС: Сакате да кажете дека е потребен поширок граѓански консензус?

ГЛИГОРОВ: Значи силата не е во опозицијата или во нивното здружување. Силата е во граѓаните и во нивните секојдневни потреби и проблеми. Силата е во родителите што ги губат своите чеда надвор. Во граѓаните што тешко составуваат крај со крај, а се образовани и нормални луѓе. Во чесните стопанственици кои не можат да си ги платат сметките и вработените, а работат напорно и со голема љубов во креирањето производи и услуги. Силата е во младите луѓе и во студентите, кои не гледаат перспектива во Македонија. Кои се едуцираат во супстандардни услови. Ако сите тие луѓе се мотивираат преку визуализирање на посветла иднина, ќе се ослободи една невидена енергија, која ќе ги промени работите на подобро. Едноставно, ќе ја урне оваа власт. Тоа за мене се вистинските „бомби“.

ФОКУС: Активно се вклучивте во политичкиот живот, мислите ли дека од позиција во Либералната партија може да влијаете врз подобрување на состојбите или очекувате посилно опозициско здружување?

ГЛИГОРОВ: Отсекогаш сум бил општествено активен иако не сум бил член на ниедна партија. Изворот на економските програми на дел од партиите во предизборните активности се мои дела. Да не споменувам дека во 2006 година сум индиректно креатор на економската програма на В-Д. Документот што го составив како тогашен претседател на Сојузот на стопанските комори, а врз база на интервјуа и трибини со стопанственици низ Македонија, го споделивме со сите поголеми политички партии. В-Д си го искористи во својата програма. Мојот мандат како претседател на ССК заврши крајот на 2008 година.

Размислував подолго време како да ја најдам формата на моето дополнително дејствување бидејќи ми се создаваше премногу немир во душата од состојбите во Македонија. Се вклучив во Либералната партија наредниот ден, веднаш по нередите во Куманово. Значи член сум на партијата некои стотина денови. Прво вакво искуство ми е да дејствувам од позиција на политичка партија.

ФОКУС: Ве оптоварува ли помислата дека без учество во власта не можете да стасате до целите што ви се зацртани?

ГЛИГОРОВ: Верувам дека прво треба подетално да ги согледаме потребите на граѓаните и бизнисите бидејќи секако не е сѐ црно, а и власта знае и може дури и црните работи да ги спакува како добри. Потоа заедно со претставници од нив да ја составиме програмата и истата да ја промовираме. Ако има партии, граѓански здруженија и реални невладини организации кои ќе имаат допирни точки со ваквата платформа, секако дека ќе соработуваме. Со некои дури и во фазата на креирање на програмата.

Битно е јасно да истакнам дека освојувањето на власта не е основниот двигател на нашето партиско дејствување, барем не е на моето лично дејствување. Подобриот живот на луѓето околу нас, просперитетните бизниси кои креираат благодат на општеството, богатите луѓе со дух и добра – тоа е целта зошто постоиме како партија. Секако дека од позиција на власт може да се направат овие работи побргу и подобро. Но, не сме оптоварени со тоа. Имам многу успеси за доброто на сите, а никогаш не сум бил во власта. Си мислам, а тек да бидам, небото е лимит.

Рамка 1

СТАВРЕСКИ МОЖЕШЕ ДА СТАНЕ НАЦИОНАЛЕН ХЕРОЈ

ФОКУС: Се чини дека не сте осамен во размислувањата, барем судејќи според „бомбите“ на опозицијата. Имено и министерот Ставрески тврдеше дека „немаме за леб, а трошиме за чоколадо“. Дали оваа реченица пластично ја опишува состојбата во македонската економија?

ГЛИГОРОВ: Подобро не можеше да се објасни оваа состојба. Секоја чест на министерот за добрата дефиниција. Уште да можеше да ја спроведе замислата за треснувањето со телефонот – по главата на главниот? Ќе беше национален херој.

Рамка 2

ЗАТВОР ЗА ДРЖАВНИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ

ФОКУС: Државните долгови кон компаниите и натаму се на високо ниво, на што бизнис-заедницата веќе алармираше, можеби во континуитет, но очигледно кондицијата на буџетот е таква каква што е, има ли излез од оваа ситуација?

ГЛИГОРОВ: Има. Да се казнуваат функционерите што не плаќаат. Во повеќе земји има закони во кои ако некој функционер или управител на јавно претпријатие распише тендер, а нема обезбедено буџет или доцни со исплатувањето на обврските, му се заканува затворска казна. Ако ова го примениме во Македонија, функционерите нема така лесно да набавуваат разни добра или да префрлаат пари само со дојава од некој што е погоре во хиерархијата. Тие ќе се борат да нема такви нешта затоа што во спротивно ќе лежат затвор.

АРХИВА Субрата Рој во притвор, госпоѓа Рој во Македонија!

$
0
0

Текстот е објавен на 18 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 980

Сосема легитимно е прашањето: дали на овој начин, преку добивање македонско државјанство, Субрата Рој сака да си ги заштити фамилијата и парите, а нашите државни органи го дозволуваат тоа заштитувајќи се под маската дека имаме посебен национален интерес од невидени инвестиции?! Јасно дека во ситуација каква што е, Субрата Рој ги користи сите можни механизми за да ги спречи индиските органи да трагаат по црните пари што ги контролираат неговата сопруга и синот. Но, она што е нејасно е: зошто македонската власт го дозволува тоа?!

Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА

Госпоѓата Свапна Рој е претседател на две компании – Сахара Мускан и компанијата Сахара за благосостојба во општеството.Таа е доктор на науки и има 15-годишно искуство во индустријата за недвижности. Воедно е сопруга на бизнисменот Субрата Рој и, од пред извесно време, државјанин на Република Македонија.

Што е она што госпоѓата Рој го постигнала за да стане рамноправен македонски граѓанин и државјанин? Законот вели дека е потребен посебен придонес во рамките на културата, спортот, науката, економијата… Од она што го знаеме, госпоѓата Рој нема дадено некој исклучителен придонес во македонскиот развој на спортот, културата, економијата или науката.

Но, очигледно има нешто што не го знаеме, па оттука и сомнежот дека македонското државјанство се наплатува, не преку инвестиции, туку преку создавање плодна почва за црни пари.

НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС ИМА, ИНВЕСТИЦИИ НЕМА

Голем број бизнисмени и вработени во индиски компании бараат македонско државјанство и тука нема ништо спорно. Ваков бил одговорот што го добил магазинот „Мани лајф“ кога се обратил до маркетинг-секторот на Сахара груп, компанијата на Субрата Рој, со прашање дали навистина семејството на индискиот бизнисмен се откажува од индиското државјанство. Со оглед на тоа што Индија не дозволува двојно државјанство, сега синот и сопругата на Субрата немаат друго државјанство освен македонско.

Факт е дека македонското државјанство е едно од најевтините во споредба со државите кои нудат државјанство во замена за инвестиции. Но, со оглед на тоа што многу индиски бизнисмени бараат државјанство од друга држава, во контекст се доведуваат владините напори за изнесување црни пари“, пишува магазинот за финансии.

Инаку, во 2012 година Владата го измени Законот за странци со цел да привлекува странски капитал. Па, така, со измените, државјанство може да добие секој што ќе инвестира најмалку 400.000 евра и што ќе вработи најмалку 10 лица. Ова се однесува на сите инвеститори, освен на оние што се занимаваат со угостителство и трговија.

Освен ова, странците, кои ќе купат имот од над 40.000 евра, имаат право за престој во Македонија една година.

Со ова, Македонија, според познавачите, станува рај за одредени бизнисмени, кои сакаат парите од родната држава да ги изнесат надвор и притоа да не одговараат, повикувајќи се на македонското државјанство што го добиле.

Но, тука има една мала финта која очигледно не им е позната на странските медиуми, а тоа е фактот што семејството на Субрата има добиено државјанство врз основа на член 11 од Законот за државјанство, а не врз основа на уредбата која овозможува странците да добијат пасош ако инвестираат минимум 400.000 евра и ако вработат најмалку десетмина. Тоа значи дека државата ќе има некаков особен научен, економски, културен, спортски или друг интерес од тоа што Субрата-јуниор и Свапна Рој, меѓу другото, ќе добијат дури и право на глас во земјава!

Но, со добивањето државјанство според овој член од Законот, се отвора уште едно, многу поважно прашање – зошто, ако навистина инвестициите на Субрата Рој беа реални, на неговото семејство не му се даде државјанство врз основа на инвестиции и вработувања, туку врз основа на национален интерес?!

Кога сме кај националниот интерес, не е лошо да се спомене дека Субрата Рој е во притвор од февруари годинава поради проблемите што ги има неговата компанија со индиската Комисија за хартии од вредност (СЕБИ), којашто го обвини за парабанкарство, односно за тоа дека надвор од банкарскиот систем собирал ситни депозити од околу 30 милиони Индијци. Комисијата во неколку наврати бараше тој да им ги врати парите на „штедачите“, меѓутоа Субрата тоа не го стори.

Оттаму, сосема легитимно е прашањето дали на овој начин, преку добивање македонско државјанство, Субрата Рој сака да си ги заштити фамилијата и парите, а нашите државни органи го дозволуваат тоа заштитувајќи се со маската дека имаме посебен национален интерес од невидени инвестиции?!

Сосема е јасно дека во ситуација во каква што е, Субрата Рој ги користи сите можни механизми за да ги спречи индиските органи да трагаат по црните пари што ги контролираат неговата сопруга и синот. Но, она што е нејасно е зошто македонската власт го дозволува тоа?

ЗНАЕ ЛИ ГОСПОЃА РОЈ ДА СТИГНЕ ДО МАКЕДОНИЈА?

Хотелот „Славија“, кој работеше успешно во текот на целата година, му се продаде на контроверзниот Субрата Рој: денес на таблата пред хотелот стои знакот на „Сахара груп“, хотелот е затворен и не работи. Сѐ што засега се одвива е делење државјанства на семејството на контроверзниот бизнисмен.

20 луѓе останаа без работа, 20 семејства останаа без леб, а Субрата Рој заврши во затвор во неговата земја за финансиски малверзации. Каде исчезнаа ветените луксузни хотели од познатите хотелски синџири? Каде исчезна ревитализацијата на Студенчишкото блато? Каде исчезна ветената сообраќајница од мостот до Горица? Каде исчезна аеродромот на вода? Каде исчезна туристичкиот комплекс во Љубаништа? Зошто охриѓани останаа без болница и соодветна здравствена заштита цели 3 години?“, изјави во април годинава претседателот на Општинската организација на СДСМ во Охрид, Томислав Тунтев.

Очигледно, Македонија нема некои придобивки од измените во Законот за странци, а во случајов ниту од членот 11 од Законот за државјанство. Кој и закон да го свртиме, видливи инвестиции нема, туку само испишани табли на кои стои името на компанијата на Субрата Рој. Впрочем, човекот сега очигледно има многу поголеми маки од тоа да инвестира во Македонија.

Иако од Сахара-груп во неколку наврати најавија дека нема да има никакви промени во инвестирањето во Македонија, засега конкретно нешто се само државјанствата што ги добија синот и сопругата на индискиот бизнисмен.

За тоа, врз каква основа им се дадени државјанствата на Свапна и Сушанто Рој, од Владата не добивме прецизен одговор.

Можам само да ви кажам дека беа исполнети условите од член 11 од Законот за државјанство“, ни изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Тој појасни дека Владата го има крајниот збор кога станува збор за доделување државјанство врз основа на овој член од законот.

Владата одлучува, но сето тоа се прави по претходно прибавено мислење од повеќе институции, зависно за што станува збор. Мислење се добива од МВР, понекогаш и од Министерството за финансии, Агенцијата за млади и спорт итн. Врз основа на сите мислења, Владата на седница носи одлука. Во конкретниот случај, исполнети беа сите законски предвидени услови“, рече Ѓорѓиев.

Од она што може да се види од известувањата во медиумите, на македонска почва госпоѓата Рој има стапнато еднаш, во 2012 година.

Делегацијата од индиската компанија ’Сахара груп‘, предводена од сопругата на сопственикот на компанијата Рој, Свапна Рој, престојува во петдневна посета на Охрид. Делегацијата ја сочинуваат 45 бизнисмени, меѓу кои и осум извршни директори од компанијата. Целта е подетално да ги анализираат потенцијалите за инвестирање и делегацијата да обезбеди технички информации за можностите за инвестирање, по најавата од страна на сопственикот на компанијата Субрата Рој пред две недели, кој најави дека планира голема инвестиција во Македонија“, објавија тогаш провладините медиуми.

Не знаеме каде е сега госпоѓата Рој и дали планира да дојде повторно во Македонија кај нејзините содржавјани, но чисто се сомневам дека воопшто го знае патот до нашата држава.

СПОРТИСТИ, ГЛУМЦИ… И РОЈ!

Да му се даде државјанство на лице од кое земјата има интерес, не е новина во светот. Но, во случајов, Субрата Рој нема македонско државјанство. Имаат неговиот син и сопругата, па оттаму нејасно останува каков ли национален интерес има Македонија од Свапна и од Сушанто Рој?

Досега, според податоците од МВР, македонски државјанства, според член 11 од Законот за државјанство, имаат добиено околу 250 лица. Еден од нив е и познатиот хрватски актер со српско потекло, Раде Шербеџија, кој стана Македонец пред неколку месеци. Минатата година тој се пријавил за македонско државјанство, а годинава барањето му било прифатено. Шербеџија, покрај хрватскиот поседува и словенечки пасош, а сега и македонски. Тој добро го зборува македонскиот јазик и вели дека го учел неговиот пријател, режисерот Милчо Манчевски.

Од другите лица, кои добија македонско државјанство според членот 11, најголемиот број се спортисти кои, играјќи за Македонија, постигнаа значајни успеси на натпреварувањата во фудбал, кошарка, ракомет, ватерполо и борење.

Минатата година македонски државјанства добија ракометарите Ренато Вугринец и Немања Прибак.

„Врз основа на законската процедура и член 11 од Законот за државјанство, Владата одлучи Ренато Вугринец и Немања Прибак да бидат примени во државјанство на Република Македонија. Сите надлежни институции дадоа позитивни мислења и одлуката е веќе донесена“, изјави лани во декември владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Државјанството им беше дадено откако се отвори шансата двајцата ракометари да настапуваат за Македонија, а услов за тоа е да имаат државјанство на Република Македонија.

Медиумите пред неколку месеци објавија дека, во моментов, во тек е постапка за прием во државјанство на 1.208 лица од особен национален и економски интерес.

Мора да се признае дека во сето ова имињата на Субрата-јуниор и на Свапна малку стрчат?! Дотолку повеќе, што ни Владата не дава конкретен одговор за националниот интерес што го имаат Свапна и Сушанто за Македонија?

ДУПКА ЗА КРИМИНАЛЦИТЕ

Романија е првата земја која почна да нуди државјанство за инвестиции и имаше иницијатива дури и пред економската криза да го погоди регионот, пишува порталот „Сетајмс“.

Според порталот, романско државјанство може да се добие, на барање, ако едно лице живее во земјата легално најмалку осум години или е во брак со романски државјанин најмалку 5 години. Условите се преполовуваат доколку барателот е познато меѓународно лице или е инвеститор. Во 2009 година, Сенатот усвои предлог од Тони Гребла, шеф на правната комисија на оваа земја, да се намали износот потребен да се инвестира во Романија на 1 милион евра, наспроти износот од 5 милиони евра, предложен од страна на Владата.

Во Австрија, пак, заинтересираниот бизнисмен ќе треба да вложи најмалку шест милиони евра во бизнис во оваа земја-членка на ЕУ или, пак, да донира два милиона евра во некоја австриска хуманитарна организација, за да може да аплицира за добивање државјанство.

Канада, пак, бара инвестиција од најмалку 800.000 канадски долари во период од пет години, како и поседување капитал од 1,6 милион канадски долари. Инвеститорот и членовите на неговото семејство добиваат дозвола за постојан престој, а по три години престој можност и за канадско државјанство.

Во Албанија, Владата усвои закон за државјанство и за натурализација на странци во случаи кога „Албанија има научен, економски и културен интерес“. Според законот, секое лице, што ќе инвестира повеќе од 147.000 евра во земјата, ќе добие пасош.

„Сетајмс“ пишува дека, наспроти предлагачите на новите закони, некои остануваат скептични, плашејќи се дека законите ќе создадат дупка за терористите и криминалците.

Тоа е мала сума пари, говорејќи во релативна смисла, за една терористичка организација, која може да ги искористи територијата, нејзините можности и простори, што ќе им овозможи на нејзините членови да добијат албанско државјанство“, изјавил Илир Ѓони, пратеник на Социјалистичката партија за албанската телевизија „Скрин“.

Оваа практика беше прекината во 2010 година во Црна Гора, откако соборениот премиер на Тајланд, Таксин Шинаватра, доби државјанство и покрај обвиненијата за корупција со кои се соочи во неговата родна земја.

Но, и покрај сето ова, Македонија не се откажува. Неофицијалните податоци говорат дека интересот за добивање македонско државјанство врз основа на инвестиции е премногу мал за Македонија. Сите играат на картата „национален интерес“ од Законот за државјанство, што зависи само од добрата волја на владините инстанци. А во случајот со Субрата Рој, очигледно дека добрата волја ги надмина сите граници на национален, спортски, научен и културен интерес!

Во согласност со Законот за државјанство!

Членот 11 од Законот за државјанство предвидува дека странец може со природување да стекне државјанство на Македонија ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес. Владата на Република Македонија со уредба ќе ги утврди критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство во смисла на став 1 од овој член. Владата на Република Македонија дава мислење за постоење на особениот интерес во смисла на став 1 на овој член. Покрај странецот од став 1 на овој член, со природување може да стекне државјанство на Македонија и неговиот брачен другар под условите од член 9 на овој закон.

Членот 9, пак, се однесува на тоа дека странец, кој е во брак со македонски државјанин најмалку три години и кој до поднесувањето на барањето непрекинато престојува во Македонија најмалку една година, може да се стекне со државјанство. Истото се однесува и на странец кој е во брак со македонски државјанин најмалку 8 години, а живее во странство, но има „цврста и ефективна поврзаност“ со Македонија.

Според ова, може да се очекува дека дури и Субрата Рој може да добие македонско државјанство, со оглед на тоа што е во брак со, сега, македонска државјанка, а во брак се повеќе од 8 години. Оној вториот дел, „цврстата и ефективна поврзаност“ со Македонија, воопшто нема да му биде тешко да го докаже. Доволно ќе биде само да ги презентира фотографиите од прегратките со министерот за финансии Зоран Ставрески!

Лица од Турција, Индија, Русија, САД и Црна Гора годинава добиле македонски пасоши

Во 2013 година 21 лице добиле македонско државјанство по член 11 од Законот за државјанство, информира Иво Котевски, портпарол на МВР.

Од економски интерес во 2013 година македонско државјанство добиле 8 лица, додека останатите лица се од спортски и културен интерес.

Во текот на годинава, пак, 16 лица добиле македонски пасоши според истиот член од законот, од кои 4 биле од економски интерес, а останатите лица се од спортски и културен интерес согласно Уредбата за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство на Република Македонија.

Апликантите кои се стекнале со државјанство на Македонија од економски интерес се  државјани на Турција, Индија, Русија, САД и Црна Гора.

АРХИВА Петте европски автократи

$
0
0

Текстот е објавен на 18 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 980

Зафатена со последиците од светската криза и порастот на национализмот, европската политичка елита немо ги посматра тоталитарните бравури на „виктаторот“ Орбан, веќе одамна има кренато раце од европскиот „севернокореец“ Лукашенко, нема вистински лек против турскиот „султан“ Ердоган, а со „малиот македонски наполеон“ Груевски едноставно не знае што да прави. Со европскиот силник број еден Путин, пак, принудена е да преговара, зашто штетата што тој може да ја направи може да чини милиони човечки жртви!

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Обединета Европа веќе ја гази седмата деценија од почетокот на остварување на идејата на Роберт Шуман за заеднички простор на слобода, демократија и подобар живот за граѓаните, а европскиот двор и неговата најблиска околина се уште вриштат од автократи, популисти и узурпатори на слободата, како никогаш да не се кренала фамозната железна завеса.

Дваесет и пет години по падот на Берлинскиот ѕид, кој државите од Источна и Југоисточна Европа формално ги придвижи кон политички плурализам и економски либерализам – слободата, демократијата, пазарното стопанство и човековите права во неколку земји од маргините на стариот континент, од регионот на Балканот, но и во срцето на Европа се уште се недофатлив идеал. Напротив, може да се рече оти трендот е негативен. Тие држави кинисале во обратен правец – кон диктатура!

За жал, целиот вокабулар од комунистичкиот тоталитаризам денес е повторно на сцена – пак има дисиденти и политички затвореници, прогони и погроми на инакумислечките интелектуалци, тајните служби повторно следат и прислушуваат, партијата на власт цврсто ги држи дизгините на судството, го зграпчува и го партизира цивилното општество, ја голта државната администрација, во медиумите низ пропаганда размножува странски непријатели и домашни предавници, го велича божемниот суверенизам, посебниот пат на нацијата и нејзините историски идеали, полицијата апси, притвора и суди, а владејачките фамилии се дават во корупција и организиран криминал.

Како нова „демократска и плурална“ практика, власта го задушува она што останало од слободните медиуми, ги казнува, ги отпушта од работа и ги затвора слободоумните новинари и интелектуалци, ги проскрибира и им го отежнува животот на невладините организации кои не ѝ се под контрола, ги рекетира, ги уценува бизнисмените, им се заканува и ги затвора олигарсите ако не ѝ платат за своите гревови и ако се непослушни. Наместо граѓанско општество, гради монструозна партиска држава.

Официјално, во Европа нема диктатури, зашто во сите земји од континентот се одржуваат парламентарни избори и во нивните устави е загарантирано правото на повеќепартиски систем, демократија и слободни избори. Но владеачката практика во неколку европски држави веќе подолго време негува само процедурална демократија, а практикува авторитарни, тоталитарни, популистички мерки, ги лажира и брутално ги краде изборите, го корумпира гласачкото тело, ја узурпира слободата и ја фалсификува демократијата, па политичките теоретичари овие режими ги нарекуваат авторитарен популизам, нелиберална демократија, демократура и сл.

И ако поради војните во поранешна Југославија, како и тешката економска и политичка транзиција во Источна Европа, во деведесеттите години од минатиот век Европската унија можеше да си дозволи режими како оној на Милошевиќ во Србија, или на Мечијар во Словачка, денес е вистинско чудо како и зошто Брисел и слободниот свет толерираат авторитаризам во срцето на Европа, дури во една земја членка на Европската унија, како што е Унгарија!

Зафатена со последиците од светската финансиска криза, растечката невработеност и порастот на национализмот во сопствениот двор, втерана до ѕид поради геостратегиските игри на големите сили, европската политичка елита немо ги посматра тоталитарните бравури на „виктаторот“ Виктор Орбан, веќе одамна има кренато раце од европскиот „севернокореец“ Александар Лукашенко во Белорусија, нема вистински лек против турскиот „султан“ Реџеп Таип Ердоган, па чини тргни-застани со преговорите за евроинтегрирањето на Турција, а со „малиот македонски наполеон“ Никола Груевски едноставно не знае што да прави, очигледно игнорирајќи го се додека неговиот режим не ги загрозува безбедносните интереси на Европа во овој регион.

Со европскиот силник број еден Владимир Путин, пак, чиј режим е икона за сите автократи, Европа е принудена да преговара, зашто штетата што тој може да ја направи и што веќе ја прави, се проценува на стотици милијарди евра, но поради неговиот империјализам може да чини и милиони човечки жртви.

Има повеќе анализи според кои авторитарни тенденции пројавуваат и други лидери на држави од Европа и од европското опкружување, на Балканот, на Кавказ, но некои од нив се класични протекторати (БиХ и Косово, на пример), други полека се вртат кон Запад и покрај нивната мафиократија (Црна Гора на Ѓукановиќ), трети, пак, се повеќе во азискиот одошто во европскиот двор (Азербејџан), па затоа решивме низ илустрација на неколку симболи што еден режим го оддалечуваат од демократијата, да потсетиме на заедничките црти на авторитарниот лик на петте европски силници.

ЛУКАШЕНКО, ЕВРОПСКИОТ СЕВЕРНОКОРЕЕЦ
ЗЕМЈА БЕЗ ОПОЗИЦИЈА

Неодамна Лукашенко прослави 20 години неприкосновена власт во Белорусија. Единствените слободни избори во оваа држава се одржаа во 1994 година, на кои Лукашенко победи со ветување дека ќе ги запре корупцијата и каубојскиот капитализам. Оттогаш систематски ја узурпира моќта со декрети, диктати, злоупотреба на парламентот, судството, тајните служби, медиумите, партиите, синдикатите, невладините организации. Изборите во 2001, 2006 и 2010 година Лукашенко ги доби „комунистички“ со над 75 отсто од гласовите. Неговиот противкандидат Андреј Саников, поранешен дипломат кој сега е во егзил, во 2010 година официјално доби само 2,43 отсто гласови!? Во парламентот во Минск со 110 места од 2000 година наваму нема ниту еден опозициски пратеник. Груевски барем ја има Роза!

ОРВЕЛОВСКИ ЗАКОНИ

Белорусија е последната земја во Европа во која има смртна казна, а затворениците не знаат кога ќе бидат егзекутирани за да чувствуваат страв дека секој ден им е последниот. За „среќа“ поради притисокот од Европа, Лукашенко една година не егзекутирал никого. Во главниот град Минск забрането е фотографирање владини згради, јавно собирање на повеќе од тројца луѓе без одобрение, како и аплаудирање – форма на протест кој го усвои опозицијата во 2011 година. За да се спречат демонстрации со молк, донесен е орвеловски закон кој забранува „акција или недостиг од акција“ на јавни места! Кај нас нема таков закон, ама полицијата, на пример, не дозволува мирни демонстрации пред Музејот на ВМРО!

ПЕТТА КОЛОНА

Како и во комунизмот, водечкиот државен весник „Советскаја Белорусија“ на насловната страница ги печати сите говори на Лукашенко од збор до збор. Државните медиуми, слично како и во Македонија, главно ја портретираат опозицијата како петта колона, финансирана од странските непријатели и пишуваат дека во светот владеат војни и економска криза, за разлика од Белорусија каде што „владее мир и хармонија“. Власта и тајните служби ги прогонуваат слободните новинари кои можат да објавуваат само на интернет порталите кои се хостираат надвор од Белорусија. Полицијата им влегува во домовите и им ги одзема компјутерите, бара да се регистрираат како странски новинари и често не им издава лиценца за работа.

ОРУЖЈЕ И РУСКА НАФТА

Тајниот економски дил на Лукашенко со својот народ е скромна социјална сигурност. Во Белорусија речиси и да нема невработеност (кај и да е, и кај нас ќе ја снема), просечната плата е околу 550 долари, здравството и образованието се бесплатни. Ова на режимот му успева со препродажба на субвенционирана нафта и гас од Русија, но и оружје на Судан, Ирак, Либија, Венецуела и Сирија. Режимот на јадица ги држи речиси сите вработени во јавниот сектор – 80 отсто од нив се со годишен договор од една година, така што може лесно да бидат избркани од работа ако се непослушни. Главен приватен бизнис, велат познавачите на приликите во Минск, е проституцијата.

ПАРТИЗАНСКИ ФИЛМОВИ

За да предизвика чувство на лојалност и подготвеност на жртва, режимот постојано ги потсетува граѓаните на страшните настани од Втората светска војна, во која Белорусија страдала повеќе од сите други европски држави. Во текот на војната, нацистите убиле повеќе од два милиони Белоруси, речиси една четвртина од населението. Познато е дека Сталин користел германски затвореници повторно да го изгради „градот херој“ Минск, како симбол на советскиот отпор. На државната телевизија денес се уште се прикажуваат партизански филмови, во секој град има споменици (Груевски тука води) на воените херои, на Ленин и Сталин, а учениците одат на задолжителни екскурзии во Музејот на Големата патриотска војна, во кој има огромна слика која го прикажува Лукашенко во бункер – униформиран, со двоглед и опколен од генерали, како да го заштитува својот народ од нова војна.

„БАТКАТА“ ВОЗИ МАЈБАХ

Иако е човек од народот, Лукашенко живее на голем приватен имот надвор од Минск. Во 1998 година од овој луксузен кварт ги избркал странските амбасади, откако решил да им го исклучи дотокот на вода и струја. Батка, како што го нарекуваат Лукашенко, има повеќе резиденции во Белорусија, луксузен „Боинг 767“ кој му припаѓал на поранешниот диктатор на Туркменистан, Сапармурат Нијазов, лимузина „Мајбах“ и носи часовник „Патек Филип“ кој вреди 17.000 долари. Се проценува дека е меѓу најкорумпираните лидери на светот. За да го докаже својот „мачоизам“ и омразата кон маргиналните групи и хомосексуалците, Лукашенко во една прилика изјавил – „Подобро е да бидеш диктатор, отколку геј“.

ПУТИН, НАЈСВЕТАТА АВТОКРАТСКА ИКОНА
НЕУСТАВЕН МАНДАТ

Според руските аналитичари, третиот претседателски мандат на Путин (од 2012 година) е неуставен зашто тој веќе имаше два четиригодишни мандати од 2000 до 2008 година, а во меѓувреме беше и премиер. Но Русија во времето на Медведев го промени Уставот зголемувајќи го претседателскиот мандат на шест години, што му овозможи на Путин повторно да се кандидира и да остане на власт до 2024 година. И покрај тоа, речиси сите изборни циклуси Путин ги манипулира за да обезбеди победа за кандидатите на неговата партија Обединета Русија. На регионалните и локалните избори во 2013 година, на пример, регистрацијата на вистинските опозициски кандидати беше речиси невозможна. Антикорупцискиот блогер Алексеј Навални сепак на градоначалничките избори во Москва успеа да освои 27 отсто од гласовите, иако немаше пристап до главните телевизиски станици.

СТРАНСКИ АГЕНТИ

Иако ужива речиси 80 отсто популарност, Путин ги прогонува и ги затвора вистинските опозиционери. Панк групата „Пуси Рајот“ ја држеше долго зад решетки, ги негува само своите олигарси, непослушните се или во егзил или во затвор (Ходорковски дури годинава го пушти), а многу учесници во опозициски демонстрации, новинари, интелектуалци, добиваат затворски казни за банални прекршоци.

Откако двајца опозициски кандидати (Лиаскин и Јанускас) пролетва ја објавија својата кандидатура за изборите на советници во Москва следниот септември, режимот ги обвини за наводна измама на донаторите на кампањата на опозицискиот кандидат за градоначалник на Москва, Алексеј Навални, кој се наоѓа во домашен притвор под слични обвинувања. Ако ги осудат, двајцата се соочуваат со 10 годишна затворска казна.

Учесници во масовните демонстрации одржани во Москва на 6 мај годинава под мотото „За Русија без Путин“ беа обвинети за учество во масовно безредие, зашто фрлале празни пластични шишиња, овошје и се соочуваат со казна затвор од осум години! По изборите во 2012 година Путин донесе закони со кои невладините организации кои добиваат странска помош мора да се регистрираат како „странски агенти“.

Истовремено, Кремљ ги помага разните националистички групации кои промовираат ксенофобиjа и лојалност кон државата, меѓу кои Евроазиското движење на Александар Дугин (неформален советник на Путин), чии следбеници негуваат нацистички симболи. Движењето заговара евроазиска руска империја наспроти евро-атлантските интереси, која ги вклучува Крим, делови од Украина и Грузија, што Путин почна да ја реализира, како и турско-арапско-словенска алијанса во Евроазија, идеја која има свои следбеници во Турција на Ердоган и во арапскиот свет.

КЛУЧ НА „РИА НОВОСТИ“

Кремљ ги контролира најважните медиуми во Русија, телевизиите, кои се 90 отсто извор на информации и доминира на интернет. Опозициските политичари имаат пристап само до интернет ТВ каналите како ТВ Дожд, а власта ги обесхрабрува бизнисмените да се рекламираат на вакви медиуми. Путин врши притисок врз медиумските газди, како Алишер Усманов, чие богатство во металната индустрија го прават чувствителен на влијанието на Кремљ. Неговиот весник Комерсант е се помалку објективен и се повеќе поврзан со Путин, а годинава тој ги сменил главните уредници на Газета.ру и радио станицата Комерсант ФМ. Груевски го копира со Минчо Јорданов, Орце Камчев и нивните медиуми. Со државните медиуми, пак, Путин е подиректен – ја укина РИА Новости, државната агенција со репутација на независен медиум и ја спои со новата Русија Денес, дел од државната пропагандна мрежа. Исламистичките веб-сајтови кои објавуваат текстови против Путин власта најчесто ги блокира, а на некои онлајн новински агенции како Росбалт, им ја одзема лиценцата поради обсцен јазик.

КРЕМЉ ШТИТИ МИТОМАНИЈА

Путин не се стеснува во животниот стил. Се разведе од жена му, има љубовница и често е во некое од луксузните ловишта или резиденции. Само одржувањето на неговите 20-тина луксузни резиденции, меѓу кои и империјалната палата во неговиот роден град Санкт Петерсбург, летни резиденции на Црното море, ловечки куќи во руските национални паркови, 58 авиони и четири јахти, чини околу 2,5 милијарди долари годишно. Се разбира, тие се во државна сопственост, но опозицијата го обвинува дека ги користи како свои.

Путин има колекција на рачни часовници во вредност од 700.000 долари. Како и другите автократи, на клучни владини позиции тој ги поставува своите пријатели од детството, поранешните соученици и колеги од КГБ или им доделува бизниси поврзани со извоз на нафта и гас, тендери за градежни проекти. Митото е речиси институционализирано во Русија. Шефовите не ги казнуваат своите вработени за земање мито, туку бараат дел за себе. Кремљ го толерира тоа зашто митото е главен извор на приход за милиони бирократи, чија поддршка е клучна за Путин.

СОЧНИ МИЛИЈАРДИ

Откако Путин дојде на власт во 2000, систематски ја блокира борбата против корупцијата. Во Русија има многу често антикорупциски кампањи, но нивната главна цел е елитата да се доведе во ред за да се спречи мобилизација на опозицијата. Путин потпиша декрет според кој државните функционери мора да ги вратат во земјата банкарските депозити или имотот кој го имаат вон државата или да се откажат од нив. И покрај тоа, има многу корупциски афери во власта, како онаа на Владимир Петкин, претседател на етичкиот комитет на Думата, кој имал имот на Флорида од 1,3 милиони долари и не го пријавил.

За Зимските олимписки игри во Сочи, Путин потроши речиси 50 милијарди долари, а голем дел од парите отидоа за повеќекратно натценети градежни проекти, што служело за корупција на државни службеници. Нешто слично како „Скопје 2014“!

„ОДБРАНБЕН“ ИМПЕРИЈАЛИЗАМ

Путин ја крена руската економија и гордоста на нацијата главно користејќи ги природните ресурси – нафтата и гасот, но неговата суверенистичка и одбранбена политика наспроти Запад, прераснува во империјалистичка, откако почна „да ги брани“ браќата Руси во соседството – Грузија, Украина. По руската анексија на Крим, како и најавите за воена интервенција во Украина, за прв пат по Втората светска војна мирот во Европа е доведен во прашање. Дури и во воено-неутрални европски држави како што се Финска и Шведска се засилија дебатите за придружување кон НАТО. Членките на Алијансата во соседството на Русија – Полска, Естонија, Латвија и Литванија бараат поголемо присуство на единиците на НАТО, како и американски ракетни одбранбени системи. Европа, пак, е распната помеѓу зависноста од руската енергија и рускиот пазар за своите производи и нема цврст и единствен одговор на империјализмот и авторитаризмот на Путин.

ОРБАН, ГОЛЕМИОТ „ВИКТАТОР“
СТИПЕНДИСТ НА СОРОС, ЉУБИТЕЛ НА ПУТИН

Во минатото Орбан постојано повторувал дека е антикомунист и критичар на рускиот империјализам, поради советската интервенција во Унгарија од 1956 година. Како Соросов стипендист, своевремено го критикувал и авторитарниот курс на Путин и постојано зборувал дека Унгарија нема да стане жртва на руската енергетска дипломатија. Но, во јануари годинава Орбан потпиша договор со Русија за кредит од 10 милијарди евра за доградба на единствената нуклеарна централа. Орбан често говори дека Русија и Кина се алтернатива за развојот на Унгарија.

МЕДИУМИТЕ ГО ШТИТАТ „ЈАВНИОТ МОРАЛ“

Четиригодишното владеење на Орбан има уништувачки ефект врз слободата на печатот. Државните медиуми и порано биле провладини, но Владата на Орбан почнала да ги презема приватните медиуми преку свои бизнисмени, кои добиваат пари од владините реклами. Класична шема! Контроверзниот закон за медиумите од 2010 година ја крена Европа на нозе, но успеа да ги симне само високите казни што ги предвидуваше. Законот бара од новинарите „балансирано известување“, „јавен морал“ и заштита на „човечкиот дигнитет“. Законот воведе култура на самоцензура карактеристична за комунизмот, каде што заканите за затворање медиуми и високите казни спречуваат критика на владата. Опозициското “Клуб Радио“ остана без лиценца во 2011 година. Нешто како А1 во Македонија.

СТАДИОН НА СЕЛО СО ПАРИ ОД ЕУ

Орбан е градител како и нашиот Груевски. Една од неговите бизарни градби, се разбира со помала помпа од „Скопје 2014“, е фудбалскиот стадион кој никна веднаш покрај неговата летна куќа во Фелчут, регион каде што има само неколку села. Стадионот е со 4000 седишта и чини 17 милиони евра.

Инаку, главните бизниси во Унгарија се во рацете на лојалистите од партијата на премиерот и нејзините сателити. Пред изборите, Орбан ги намали цените на комуналиите (слично на нашиот премиер кој им ги отпишува долговите на сиромашните) и воведе 16 отсто даночна стапка, една од најниските во Европа.

Во Будимпешата, каде што помалку го сакаат, Орбан пушти во употреба четврта метро-линија неколку дена пред изборите. Сепак, за да ги компензира парите од тоа што го истера ММФ од земјата, Владата на Орбан воведе десетина нови даноци, а планира скапо да ги наплаќа корпоративните телефонски разговори, да воведе високи концесии за рудниците и високи давачки за членарина на фирмите во бизнис коморите. (Којзнае какви поскапувања ја чекаат допрва Македонија, а Груевски почна со патарините).И покрај се, 97 отсто од сите државни инвестиции на Унгарија се финансирани од кохезиските фондови на ЕУ!

СВЕТА УНГАРСКА НАЦИЈА

Државата во новиот устав на Унгарија кој го донесе Орбан е дефинирана како „национална суштина“, а во преамбулата се зборува за гордоста на нацијата на етничките Унгарци. Орбан има ревизионистички соништа за Голема Унгарија преку обединување на унгарското малцинство во соседството – 3 милиони. Неговата партија го доведува во прашање Договорот од Трианон од 1920 година кој ги исцрта границите на модерна Унгарија (тука може да се угледа на Путин). Режимот им издава унгарски пасоши на етничките Унгарци кои живеат во Србија и Романија (за да гласаат како Македонците од Пустец, Гора), а градовите во овие држави ги нарекува со унгарски имиња.

Христијанството со новиот устав е кренато на ниво на национална религија. Во преамбулата има референци за Бог, за христијанството и за татковината, но иако Унгарија е република се споменува и „Светата круна на Унгарија“, верата и култот на Круната на Св. Стефан, национален симбол кој го користеле пронацистичките режими на Хорти и Салаши.

СПОМЕНИК НА ФАШИСТОТ ХОРТИ

Партијата со која раководи Орбан јавно се дистанцира од унгарската ултрадесница – отворено антисемитската партија Јобик, но Орбан не презема ништо против рехабилитацијата на Миклош Хорти, предвоен нацистички унгарски лидер, кому Јобик му изгради споменик во Унгарија, а Евреите потоа ја бојкотираа прославата за чествување на годишнината од Холокаустот. Орбан јавно се оградува, но ништо не презема против говорот на омраза и прогонот на Ромите и Евреите зад што стои ултрадесницата.

Според новиот Устав, бракот е заедница на еден маж и една жена и нема гаранции за заштита од дискриминација на граѓаните според сексуалната ориентација. Ете од кого гледа Грујо!

СКРОМЕН ЖИВОТ, ТАЕН ИМОТ

Истражувачки новинари во Унгарија откриваат се повеќе детали за корупцијата на семејството Орбан. Премиерот и неговото семејство живеат во скромна куќа во убав дел на Буда, а имаат и уште една селска куќа во Велчут. Но фамилијата сепак има многу имот. Жена му секоја година придодава нови и нови хектари земјиште. Се верува оти илјадници хектари земјиште на Орбан се на име на други две лица, негови фронтмени.

Згора на тоа, повеќе министри и пратеници на владеачката партија ФИДЕС имаат луксузни апартмани и куќи во елитниот дел на Будимпешта, кои не можат да си ги дозволат со своите примања. Нешто слично како пратениците и министрите на ДПМНЕ кои тешко можат да ги оправдаат своите нови станови. Фирми на партиски бизнисмени блиски до Орбан добиваат тендери тешки 100-200 милиони евра.

ГРУЕВСКИ, „МАЛИОТ НАПОЛЕОН“
ИЗБОРНА ИЗМАМА

За разлика од Виктор Орбан, кој беше еднаш на власт, па во опозиција, а потоа пак на власт, Груевски досега не изгубил на избори. Предавањето на власта на избори се смета како еден од главните критериуми на демократските општества. ДПМНЕ ги користи сите можни трикови за манипулирање на изборите и изборниот резултат. Иако ОБСЕ последните изборни циклуси ги оценува како компетитивни и ефикасно спроведени, тие одамна веќе не се „фер и демократски“. Опозицијата нема пристап до мејн-стрим медиумите, корупцијата на гласачкото тело поприма планетарни размери, државата и партијата се сплотени, партиски членови разнесуваат гласачи, избирачкиот список е полн со корумпирани гласачи од дијаспората и фантоми. ДИК нема контрола на издавањето лични карти.

ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОРЕНИЦИ

Според организациите за човекови права Македонија е држава во која има политички затвореници. Иако има формални обвиненија (некаде и пресуди) за сторен криминал против Љубе Бошкоски, Велија Рамковски, Мирослав Шиповиќ, нивното селективно таргетирање говори за политички мотиви на прогонот. ДПМНЕ ги проскрибира независните интелектуалци и критичарите, професионалните здруженија и невладините организации кои не ги контролира, ги етикетира како странски платеници и домашни предавници, пред се оние поврзани со фондацијата Сорос.

НОВИНАР ВО ЗАТВОР

Режимот ги контролира мејнстрим медиумите – националните телевизиски канали МТВ, Сител, Канал 5, Алфа. Независните Телма и ТВ 24 имаат незначителна гледаност, или пак власта им го отежнува пристапот до публиката. Власта врши притисок врз газдите на медиумите, електронски и печатени, уценувајќи ги со нивните бизниси, да ја усогласат уредувачката политика или да ги сменат главните уредници, да ги избркаат или да ги маргинализираат слободоумните новинари. Еден новинар кој пишуваше за злоупотребите на власта (Кежаровски) е повеќе од една година во притвор, против десетици новинари и опозициски медиуми – портали и весници, владини или партиски функционери покренаа тужби за клевета и навреда со барање највисока отштета.

ПОБЛИСКУ ДО БОГА

Историјата и нацијата се фундамент во владеењето на Груевски. Режимот ги реинкарнира историските корени на Македонците во антиката, а преку уникатниот споменично-градителски проект „Скопје 2014“ невиден во Европа и карактеристичен единствено за Северна Кореја, кова уникатна над-нација која добива комплекс поради својот идентитет.

Режимот ја користи црквата и религијата за своите партиски потреби. Власта гради крстови и цркви во населбите со македонско етничко население. Кампањата за многудетно семејство кое треба да ја спаси нацијата од исчезнување, ја пропагира со паролата – „со трето дете, поблиску сте до Бога“. Ја држи под контрола црквата и дозволувајќи ѝ да се корумпира (аферата „Изгрев“) ја користи за свои таламбаси. Како и секој автократ, Груевски наскоро ќе почне големи промени на Уставот.

КОРУМПИРАНИ ЕЛИТИ

Партиите на малите етнички заедници – Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, Турците се дел од коалицијата на владеачката ДПМНЕ и, иако не може да се рече оти има отворена дискриминација, факт е оти власта ги држи нивните политички елити на узда, корумпирајќи ги, не дозволувајќи пропорционален изборен систем каде што самите би избрале свои претставници во Собранието. ДПМНЕ ги користи и како контра-тежа наспроти најголемата етничка заедница – Албанците.

Груевски предложи уставни измени за промена на дефиницијата на бракот во заедница на еден маж и една жена. Идејата на оваа промена е да спречи евентуално менување на законот во иднина кој би дозволил еднополови бракови. Во меѓувреме, во Македонија имаше повеќе случаи на говор на омраза, но и насилни дејствија насочени кон геј популацијата.

СИРОМАШЕН ПРЕМИЕР, БОГАТ БРАТУЧЕД

Иако Груевски скромно живее во стан, еден од неколкуте во сопственост на мајка му, корупцијата на режимот, според опозицијата достигнува невидени размери. Аналитичарите веруваат оти легалното бизнис-богатство на неговиот братучед Мијалков е одлична можност за кавер-ап. Опозицијата лиферува бројни афери за непријавен имот – станови на пратеници, партиски функционери, министри, за сомнителни тендери на странски (грчката „Актор“) и домашни фирми („Висарис“). Со независна ревизија на мега-проектот „Скопје 2014“ лидерот на ЛДП изброја повеќе десетици милиони евра сомнително потрошени пари. За премиерот СДСМ објави и ЦД со телефонски разговор за наводно учество во незаконска продажба на Македонска банка, но обвинителството, судството, најчесто молчат или ги отфрлаат обвиненијата, стрелајќи во опозицијата.

ЕРДОГАН, НОВИОТ „СУЛТАН“ ОД БОСФОРОТ
СИЛУВАНИ ИЗБОРИ

Најлоши избори откако е на власт турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган (од 2002 година) беа последните локални избори пролетва, кои опозицијата ги оцени како брутална изборна кражба. На изборите, за неговата Партија на правдата и развојот (АКП) работел целиот државен апарат, како и во Македонија за ДПМНЕ. Во кампањата, на државен буџет биле ангажирани хеликоптери, авиони и автобуси. Власта го корумпирала со кеш гласачкото тело. Билбордите во градовите биле резервирани само за АКП. 90 отсто од времето државната телевизија ѝ го посветила само на владејачката партија. Изборните инциденти не можеле да се добројат – запалени гласачки ливчиња фрлени во ѓубре, пристрасно броење, 44 градови во Турција останале без струја во изборната ноќ… Згора на се, Ердоган доби честитки од иранскиот претседател Рухани, рускиот претседател Путин, азербејџанскиот автократ Илхам Алиев… Во Турција стравуваат што ги очекува на претседателските избори на 10-ти август.

ДОМАШНИ ПРЕДАВНИЦИ

Ердоган го обвини Фетула Ѓулен, исламски клерик и водач на движењето „Хизмет“, дека тој му ги наместил корупциските афери минатата година. Главна беше аферата во која синот на Ердоган и децата на тројца министри биле вклучени во корупциски скандал – зеле мито од неколку милијарди долари. Ердоган исто така го обвини движењето на Ѓулен, со кое неговата партија беше во коалиција, дека прислушувало илјадници телефони и им ги дало аудио-снимките на медиумите со кои го обвинија за корупција. Снимките се појавија пред локалните избори на 30-ти март, но како и це-дето на Груевски за Македонска банка, не ѝ наштетија на популарноста на Ердоган.

Фетула Ѓулен живее во егзил во Пенсилванија, САД, од 1997 година. Неговото движење пропагира форма на исламот што е граѓанска и има мрежа од бизниси, стотици училишта низ целиот свет и медиуми („Заман“). Ердоган побара екстрадиција на Ѓулен од САД и минатата есен направи чистка во полицијата и во државната администрација од луѓето поврзани со него.

СИКТЕР „ТВИТЕР“

Турскиот премиер се надмина себе си кога неодамна ги забрани Твитер и Јутјуб, кој ја емитуваше аудио-снимката во која на телефон разговара со својот син и му дава инструкции за корупција во бизнис зделка. Ердоган често ги напаѓа новинарите по име откако ќе напишат критички коментар, нешто слично како Груевски, по што некои од нив загубија работа, а некои добија тужби за велепредавство на државата. Најмалку 60 новинари беа отпуштени од работа како одмазда по минатогодишните протести на опозицијата во Гези Паркот во Истанбул.

Фирмите кои имаат медиуми блиски до власта добиваат милијарди долари на владините тендери, а оние кои поседуваат медиуми критички кон власта, добиваат даночни инспекции и плаќаат високи казни. Националната безбедносна агенција без судски налози ги прислушува новинарите што покриваат безбедносни теми. Десетици новинари во Турција се уште се во затвор осудени според антитерористичките закони. Најголемиот дел од нив се Курди, а се верува дека власта ги користи за пазарање во преговорите со курдската ПКК.

ЕКОНОМСКИ БУМ, МЕГА-ПРОЕКТИ

За време на дванаесетгодишното владеење на Ердоган, турската економија доживеа големи стапки на раст, а во 2010 година порасна за фантастични 8,9 отсто. Турција во меѓувреме ги подобри и услугите за граѓаните во здравството и образованието. За разлика од Груевски, кој допрва ќе гради патишта, Ердоган направи неколку мега-инфраструктурни проекти како што е подземното метро под Босфор, гради мостови, пруги. Сепак, како и кај нас, моделот на економски развој на неговата Партија на правдата и развојот главно се потпира на меѓународни долгови.

Пред изборите Ердоган има желба Турција да биде меѓу 10-те најсилни економии до 2023 година, кога државата слави 100 годишнина од модерната република на Кемал Ататурк. Но, светските економски аналитичари велат дека турската економија почнува да покажува знаци на замор, особено зашто ги губи пазарите во соседството – Ирак и Сирија каде што дивеат војни.

РЕПРЕСИРАНИ МУСЛИМАНИ

Во држава во која што џамија има на секој агол, Ердоган тврди дека муслиманите биле репресирани. Откако дојде на власт АКП, партиска линија е да се обвини Кемалистичката идеологија како исламофобична и одговорна за репресија и дискриминација на верниците муслимани во државната администрација, во бизнисот и во приватниот живот.

По очекуваната победа на претседателските избори, Ердоган планира да го смени Уставот што треба да му овозможи да ги зголеми ингеренциите на претседателот. Ердоган има амбиции да ги обединува муслиманите, особено му се драги оние од Балканот, а деновиве изјави дека и со оружје ќе ги брани оние во Босна.

Инаку, „султанот“ веќе ја направи најголемата промена – откако го исфрли влијанието на турската армија од политичкиот живот. Армијата имаше уставни овластувања да реагира ако режимот ги напушти секуларните и републиканските обележја и ако се сврти кон исламот или кон автократија. Но тоа е сега минато.

Иако во 2002 година изјавувал дека хомосексуалците треба да имаат свои права заштитени со закон, и дека начинот на кој тие во тоа време биле третирани во Турција бил нечовечен, кога дојде на власт Ердоган смета оти хомосексуалноста е спротивна на Исламот.

РАБОТА И САМО РАБОТА

Без оглед каков деспот е, пишуваат неговите критичари, за да ги оствари своите сништа, Ердоган работи дење и ноќе, или остава таков впечаток, односно „работи 24/7“ што би рекле ние во Македонија. На пример, Ердоган му се јавува на сопственик на весник за да се пожали на објавена вест од здравството на стр. 23, пишува стратегија за изборна кампања за претседател на фудбалски клуб и издава наредба да се сруши споменик за кој смета дека е грд! Плукнат Грујо, кој сепак гради а не руши споменици!

Воркохоличниот карактер на Ердоган има огромно влијание врз неговата популарност кај Турците. Кога пролетва во рударска несреќа во Сома загинаа 300 рудари, владините медиуми го фалеа министерот за енергија, Танер Јилдиз, дека „јаде и спие многу малку“ додека ги надгледува операциите за спасување. Ова, се разбира, за јавноста да не се сети да побара оставка од министерот за рударската несреќа. Провладиниот весник „Стар“ дури порача дека Јилдиз постигнал „зенит на човештина“. Каква сличност со Гордана Јанкуловска, која плачеше и тажеше од душа пред медиумите за загубата на колегите – пилоти од МВР во хеликоптерската несреќа!

АРХИВА Отворањето Устав без опозиција ја покажа ароганцијата на власта

$
0
0

Текстот е објавен на 11 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 979

Професорката по уставно право и политички систем Рената Тренеска – Дескоска беше еден од адутите на СДСМ за скопскиот регион на последните парламентарни избори во Македонија. Победата не се случи, а во меѓувреме се случи иницијативата за менување на Уставот, неуспешните преговори со власта и тензијата на меѓуетнички план.

Дескоска отворено ги кажува нејзините ставови во врска со отворањето на највисокиот државен акт без присуство на опозицијата како и за можностите за надминување на политичката криза во моментов.

Разговарала
Мери ЈОРДАНОВСКА

ФОКУС: Како гледате на најавите на премиерот Никола Груевски за промени во Уставот?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Можни се неколку причини за отварање на Уставот во овој момент. Едната можна причина е да се дефокусира јавноста од политичката криза која постои и од прашањата кои можеби допрва ќе се отвараат. Тоа ме потсетува на вицот “нишајте го возот да изгледа како да се возиме”. Другата можна причина е исполнување на политички договор на владините партнери, па во текот на постапката можеби ќе се отворат прашања кои наводно сега не се цел на уставните измени, а на крајот ќе завршат во Уставот. Како алиби за второто сценарио можеби ќе се искористат креираните етнички тензии. Не помалку веројатна е и третата причина, а тоа се парите, односно финансискиот интерес за власта од воведувањето на можност за отварање на финансиски зони, кои всушност претставуваат кукавичкото јајце во предлогот за уставни измени.

Во секој случај, очигледно е дека вистинските причини за уставните измени не се добронамерни и не се оние кои власта ги декларира.

ФОКУС: Дали тие прашања можат да се регулираат со закон, наместо да се отвора највисокиот државен акт?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Јас сум поборник на ставот дека “Уставот треба да се менува со рака што трепери”. Тоа значи, Уставот да го менувате само кога е најнеопходно и тоа после долга и инклузивна дебата. Вистинска дебата, со аргументи, а не нарачани говори и аплаузи. За мене како професор по уставно право нема дилеми дека Уставот содржи слабости кои треба да се изменат. Но, потребна е широка дебата која може да покаже дека не се најприоритетни прашањата кои сега се отвараат за уставни измени, туку можеби има некои кои се позначајни и поургентни.

Всушност, евентуален предлог за уставни измени од страна на Владата треба да следи по една таква дебата и опсежна анализа. Исто така, Уставот не е вреќа без дно во која можете да ставате се и сешто. Уставот е основен акт, кој треба да ги регулира основните начела и вредности на една земја, да содржи цврсти гаранции за човековите права и да ги постави границите на власта. Од првичната најава за уставните измени, видливо е дека најголем дел од нив се законска материја и не им е место во уставот.

ФОКУС: Собранието претрпе критики за носење закони во отсуство на опозицијата. Дали слично нешто ќе следува и со евентуалното менување на Уставот без опозиција?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Секако. Власта секогаш кога опозицијата отсуствуваше од Собранието на неделовнички начин спроведуваше итна или скратена постапка и „штанцаше“ закони. Во таквите постапки на „брзи прсти” се носеа стотици закони за 30-45 секунди. Во еден наврат за таквото однесување, претседателот на Собранието јавно се извинуваше, а по некое време истото го повтори. За промена на Уставот потребен е не само најширок политички консензус, туку и најширок општествен консензус. Затоа да почнувате уставни измени во ситуација кога опозицијата не ги признава изборните резултати и не учествува во работата на Собранието е израз на највисока ароганција и најголем доказ на отсуство на демократска свест кај власта. Катастрофално е во услови кога Собранието е без опозиција да се менува уставот.

СЕ ПРОЛОНГИРА МОЖНОСТА ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ЖАЛАТ ДО СТРАЗБУР

ФОКУС: Воведувањето уставна жалба ќе биде уште една нова инстанца пред граѓаните да ја бараат правдата пред Стразбур. Дали со ова „нивото“ на правдата ќе се намали уште повеќе?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Уставната жалба е инструмент кој постои во земјите кои имаат уставни судови. Кај нас од неразбирливи причини не постои во Уставот. Факт е дека при нејзиното воведување треба да се биде внимателен и да се воспостават гаранции кои ќе значат ефикасност во работењето на Уставниот суд бидејќи постои опасност истиот да се затрупа со предмети, што уште повеќе ќе ја оневозможи заштитата на правата, затоа што не случајно се вели “задоцнетата правда e неправда”. Она што е специфично за Република Македонија е што имаме Уставен суд кој е целосно анемичен и ставен под капа на власта. Тој е институција која целосно го изгуби својот кредибилитет. Наместо „чувар на уставот“ Уставниот суд се стави во улога на аминувач на неуставните политики на власта. Тоа можевме да го видиме во повеќе ситуации. Еден од посвежите е случајот со барањето за заштита на правата на новинарите кои им беа прекршени со нивното исфрлање од Собранието на 24 декември за да не бидат сведоци на бруталните постапки кои беа преземени спрема пратениците. Е, сега во ситуација кога Уставниот суд го изгуби целосно својот кредибилитет, основани се стравувањата на дел од јавноста дека со воведување на уставната тужба нема да додадете нов квалитет во заштитата на правата, туку само ќе ја пролонгирате можноста граѓаните да се обратат до Европскиот суд за човекови права. Исто така стои опасноста дека кога ќе се отвори за измена делот на Уставот посветен на Уставниот суд, ќе се отвори вратата и за евентуални барања со закон да се воведе бадентерово мнозинство при неговото одлучување.

ФОКУС: Сметате ли дека е неопходно да се вметне во Уставот бракот како институција помеѓу маж и жена?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Не. Ова прашање е законска материја и како такво е регулирано во закон. Во законот е јасно дефиниран бракот како институција помеѓу маж и жена и јас не гледам потреба таа законска одредба да се помести во уставот. Со воведување на ваква уставна дефиниција, правите само измена заради измена, без нешто суштински да смените.

СЕ НАТПРЕВАРУВАВМЕ ВО ЗАРОБЕН СИСТЕМ

ФОКУС: Учествувавте директно во изборниот процес како носител на пратеничката листа на СДСМ во првата изборна единица. Дали таквата позиција ви даде прилика непосредно да сведочите за појавите на изборна корупција, притисок и закани врз повеќе слоеви на граѓани, за кои партијата ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ на самиот изборен ден?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Последниве избори поминаа во целосно нефер и недемократски амбиент. Тоа можеше да се види и да се почувствува од самиот почеток на изборниот процес. Постојано се соочувавме со бројни прекршувања и изигрувања на изборните правила од страна на власта и бевме приморани да се натпреваруваме во еден „заробен“ систем, систем во кој постојат притисоци  кои предизвикуваа страв кај дел од избирачите и неможност слободно да си ја изразат својата волја, систем во кој постоеше изборна корупција со буџетски средства, систем во кој постоеја т.н. фантомски гласачи, луѓе кои ниту живеат, ниту некогаш воопшто живееле на адресите на кои беа запишани, систем во кој постоеше гебелсова пропаганда и медиумска блокада на опозицијата.

ФОКУС: Имавте ли соодветен пристап до медиумите?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Јас се соочив со ситуација како носител на листа практично да немам пристап до поголемиот број медиуми. Луѓе кои ги знам подолго време, некои од нив и ми се пријатели, а работат во одредени провладини медиуми, со срамење и жалење ми кажуваа дека не смеат да објават прилог во кој ќе информираат за предизборните активности кои ги водевме во единицата. За интервју, не можеше ни да се помисли. Трагична беше ситуацијата и кога гледавме потполно исти прилози на различни телевизии, потпишани од различни новинари, и се разбира сите беа негативни за опозицијата.  Она што е уште потрагично во целата ситуација е што ниедна институција не реагираше да се спроведе законот, да се обезбедат основни предуслови за фер натпревар. Затоа велиме дека се случи системска кражба на гласови. Изигравме натпревар на терен кој е поставен наугорница. Голот на власта беше на врвот од ридот, нашиот гол беше на подножјето. Ние трчавме угоре, знаејќи дека е невозможно во таков амбиент да ја задржиме топката, која природно се тркала удолу.

ФОКУС: Најголем дел од опозицијата не ги призна изборните резултати, што беше вовед во парламентарна, но и политичка криза, иако некои сметаат дека криза не постои, бидејќи парламентот функционира непречено со двотретинско и бадентерово мнозинство, а згора на тоа, има и опозиција. Како очекувате да се надмине ваквата ситуација, бидејќи очигледно е дека вашето клучно барање за техничка влада е неприфатливо за другата страна?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Дека постои политичка криза во државава секому му е јасно, освен на намножените „аналитичари“, кои со полни усти „славопојки“ за власта и перманентни критики за опозицијата ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните и се подложуваат себе си на потсмев не само на јавноста, туку и на оние кои им ги нарачуваат „анализите“ и „толкувањата“. Во земјава има политичка криза исто како што има правници кои сакајќи да и се додворат на власта со своите толкувања ги погазија елементарните правила за правни толкувања и ја срамат професијата, како што има луѓе што не се ни правници, а на долго и широко на провладините медиуми даваат правни толкувања.

ВЛАСТА НЕ ВЛЕГУВА ВО ПРЕГОВОРИ СО ДОБРИ НАМЕРИ

ФОКУС: Мислите дека власта не е свесна за политичката криза или само игра под маска на залажувања на јавноста?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Власта е сосема свесна дека има политичка криза. Да не беше така, немаше да оди на насилно верификување на мандатите на пратениците од опозицијата, спротивно на правните правила и на досегашната пракса. Да не беше така, немаше да дојде до противуставно одложување на констатирањето на оставките на пратениците од опозицијата. На власта и треба опозиција во Собранието, за да глуми „нормалност“. Од друга страна, опозицијата веќе не смее да си дозволи да биде декор во Собранието. Досега на политичката сцена имаме неодговорна власт, која брутално се однесува кон своите неистомисленици, која нема чувство за политичка и морална одговорност, која ги спречува сите механизми за правна одговорност на луѓето блиски до власта. Таа ситуација е неподнослива. Очигледно е дека власта нема намера да отстапи од тие свои практики. Таа во разговорите не влезе со волја да се подобрат состојбите во државата и да се изнајдат решенија за надминување на системските проблеми. Тоа ни е јасно на сите, па затоа и клучното политичко барање на опозицијата е техничката влада.

ФОКУС: Другите теми за разговор предложени од опозицијата, како на пример одвојување на државата од партијата, медиумите, прочистување на избирачкиот список и слично, се всушност препораки и забелешки на ОБСЕ/ОДИХР и на други меѓународни институции кои се влечат од 2011 до денес.

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Секоја власт во нормални демократски земји не би си дозволила истите забелешки да се провлекуваат во три изборни циклуси, без да ги реши спорните проблеми. Власта има обврска пред граѓаните да понуди решенија за тие проблематични прашања, без опозицијата да има потреба да ги отвара како тема. Но, тоа веќе три години во Македонија не се случува, што е уште еден доказ за немањето политичка волја кај власта за демократизирање на состојбите во државата. Ако власта не прифати разговори за техничка влада, не гледам решение за политичката криза. Тие може и да фингираат решение за кризата, со инсталирање на виртуелна опозиција. Градењето „потемкинови села“ всушност е специјалност на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, со тоа нема да ја решат кризата, туку само ќе ја продлабочат.

НЕ СЕ ВИНОВНИ ИЗБОРНИТЕ ПРАВИЛА, ВИНОВНА Е ВЛАСТА ШТО ГИ КРШИ

ФОКУС: Можна ли е друга епизода од политичкиот дијалог меѓу премиерот Никола Груевски и опозицискиот лидер Зоран Заев? Ако не верувате во демократскиот капацитет на власта во целина и во премиерот Груевски, зошто воопшто влегувате во преговори?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Досегашните преговори со власта во повеќе наврати не ни оставаат простор за веруваме во нивната добра волја да го спроведат договореното. Тоа се случи во повеќе наврати. Јас ќе потенцирам само два во кои лично сум учествувала. Извештајот за 24 декември не е имплементиран. Кога со мајскиот договор се договорило формирањето и мандатот на ад-хок комисијата, бил договорен и начинот на нејзино одлучување – а тоа е со мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ тогаш прифатиле усвојување на извештај со 3 гласа од комисијата. Извештајот кој беше потпишан од сите, ВМРО-ДПМНЕ го прогласи за палома хартија. Делот на заклучоците, или како што стоеше правни квалификации, од кои тие се обидуваат да се оградат е составен дел од извештајот, во кој е констатирано кршење на Уставот, Законот за Собрание и Деловникот на Собранието. Таквите констатации во секоја демократска земја во најмала рака би повлекле политичка одговорност за оние кои ги прекршиле правните акти. Значи имплементацијата на Извештајот требаше да почне од нив, но тоа не се случи.

Во вториот случај, при преговорите за измените за Изборниот законик, постојано се забележуваше изнасиленоста во разговорите. Се ценкаа за секое решение, особено кога стануваше збор за суштински барања за измени. Мојот став беше дека требаше да инсистираме на уште поригорозни одредби за одвојување на државата од партијата, на намалување на вкупното трошење на партиите за време на изборите, на намалување на времето кое еден субјект може да го користи за платено политичко претставување, на решавање на прашањето за гласањето на дијаспората, да не бараме обележување со видливо мастило бидејќи тоа не претставува никаква гаранција, а власта ќе го злоупотребува тоа барање и сл. Во преговорите СДСМ влезе со искрена добра волја да се постигне договор за подобрување на правната рамка и во имена таа добра волја отстапивме од еден дел од нашите барања. Сепак, договорените измени претставуваат исчекор во подобрување на Изборниот законик. Што е резултатот од тој договор? Првпат на најочигледен начин изборните правила не се виновни за лошиот изборен амбиент, туку нивното отворено кршење од страна на власта.

Заради таа акумулирана недоверба, сега е барањето за техничка влада која на непристрасен начин ќе овозможи да се создадат услови за фер натпревар и нема да ги злоупотребува своите овластувања за време на изборниот процес.

МЕЃУЕТНИЧКАТА ТЕНЗИЈА Е НАМЕРНО КРЕИРАНА

ФОКУС: Македонија се соочува со масовни протести базирани на меѓуетничка основа. Но, не гледаме реакции од ниту еден политички субјект, а и тие што ги има се на раб на анемичност. Како вие гледате на меѓуетничките односи во земјава и на протестите за случајот Монструм?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Владејачките политички партии премногу несериозно се однесуваат кон меѓуетничките односи. Наспроти нивното одлично меѓусебно разбирање во тендер-коалицијата, на терен користат груба националистичка реторика и поттикнуваат меѓуетничка нетрпеливост. Таа реторика кулминираше за време на изборната кампања која во еден значаен дел се потпираше на етнички прашања. Очигледно е дека двата владини партнери стремат кон хомогенизација во сопствената етничка група преку антагонизирање со другите. Меѓутоа, тоа е играње со оган. Незадоволството, револтот и омразата кои се сеат, остануваат кај граѓаните. Во таква атмосфера, доволна е и најмала искра за да предизвика експлозија.

Но, од друга страна останува и сомнежот дека меѓуетничката тензија која постои во моментот е намерно креирана, за да биде предигра во одредени настани кои можеби ќе следат. Тој сомнеж постои заради реториката која се користеше во судската постапка и во медиумите околу овој судски случај, особено во ситуација на целосна и отворена партизација на судството. При оценката на фактите во било кој случај и одмерувањето на казната не треба да се носат етнички или партиски „наочари“. За мене нема дилема дека секој за кој ќе се докаже дека сторил тешко кривично дело треба да одговара за истото.

АРХИВА Груевци купуваат скромен имот на кредит или од наследство, а другите живеат во хациенди со сомнително потекло

$
0
0

Текстот е објавен на 11 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 979

Владејачката партијата со невидена леснотија ги доведува во прашање имотите и примањата на сите оние што ја критикуваат, меѓутоа кога нејзините видни членови ќе се најдат во обратната ситуација веднаш го „вадат кубурот“ и душевно оболуваат.
Тие без никаков срам зборуваат за сомнителното потекло на туѓиот имот, верувајќи дека она што се знаело за нивните недвижности е заборавено, а се надеваат дека она што е далеку од очите на јавноста оти таму и ќе остане благодарејќи на контролата на медиуми и притисоците врз новинарите воглавно со тужби.

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

„Иле врати се, сѐ ти е простено!“ Ова е најинтересниот твит за соопштението кое ВМРО-ДПМНЕ неодамна го упати кон невладината „Транспарентност Македонија“ и кон новинарот и аналитичар Сашо Орданоски кој се перцепира како лицето на организацијата.

Шеговитиот интернетџија го коментираше вокабуларот на владејачката партија откако Илија Димовски замина од Центарот за комуникации. Немаме информации дали некој веќе го заменил „незаменливиот“ на пи-ар тронот, меѓутоа според навредливата содржина во соопштенијата се насетува дека некој се обидува да биде поголем Илија од Димовски.

Фино се забележува напрегањето, напорот да се остави впечаток, и во јавноста и во партијата, со соопштенија налик на она во кое ВМРО-ДПМНЕ го нарекува Орданоски „влечуга“.

Меѓутоа, ќе излажеме ако кажеме дека и во поновите јавни восклици на властодршците ги нема оние препознатливи елементи кои нѐ забавуваат веќе осма година. И сега битна нишка во еднонасочната комуникација на ВМРО-ДПМНЕ со народот се таканаречените „ад хоминем“ напади, партијата не демантираше ниту еден од податоците во извештајот на „Транспарентност“, меѓутоа го навреди Орданоски и цинично се занимаваше со неговата хациенда во Бардовци.

Од непристојниот текст што ВМРО-ДПМНЕ го нарекува соопштение требаше да сфатиме дека Орданоски го плаќаат непознати моќни донатори за да работи против државните интереси, а во полза на личната корист олицетворена во луксузен објект лоциран во една од уште полуксузните скопски населби.

ПОМНЕЊЕТО НА МАСАТА МОЖЕ ДА СЕ МОДЕЛИРА

Политичката игра на ВМРО-ДПМНЕ во голема мера се темели врз спознанието дека масата има кратко паметење и дека токму поради тоа, со редовни дози на пропаганда, може да се моделира меморијата на луѓето, барем на мнозинството кое не е дел од критичната јавност.

Ова е и научно докажано, колку и да звучи изветвено оваа фраза. Американскиот психолог, Елизабет Лофтус, која има издадено книга за престижниот универзитет Харвард, тврди дека многу е погрешно што луѓето својата меморија ја доживуваат како касетофон кој снима. Општо прифатено е дека меморијата функционира на тој начин што човекот ги снима податоците во својот мозок и кога и да му требаат само премотува назад и се присетува.

Меѓутоа, според Лофтус децениски истражувања покажуваат оти тоа едноставно не е точно и дека нашите сеќавања постојано се менуваат. Таа вели дека меморијата е како страница на Википедија:

„Можете да отидете и вие да смените нешто, меѓутоа истото може да го направат и други луѓе. Или пропагандата може да го стори тоа, ако смееме да додадеме нешто иако далеку од тоа дека сме психолози.“

Властодршците ова многу добро го знаат кога без трошка срам зборуваат за имотот на Заев, Шекеринска па и оној на Орданоски. Да се искрени и да сакаат да се расчисти ова прашање, кој од каде го набавил имотот, ќе ја прифатеа неодамнешната фрлена ракавица од СДМС за јавна дебата на само една и единствена тема – имотот на партиските функционери.

Тие без никаков срам зборуваат за туѓиот имот, верувајќи дека она што се знаело за нивниот е заборавено, а се надеваат дека она што е далеку од очите на јавноста оти таму и ќе остане, благодарејќи на контролата на медиуми и притисоците врз новинарите воглавно со тужби.

Токму затоа, без некакви амбиции да влијаеме врз колективното сеќавање и да бидеме поголем Илија од Димовски, дозволете да потсетиме што се пишуваше и што се објави за имотот на оние на кои устите им се полни со хациенди, странски донатори и со сомнителни примања.

СКРОМНАТА И МАЛА КВАДРАТУРА НА СЕМЕЈСТВОТО ГРУЕВСКИ

Имотната состојба на Никола Груевски стана тема неколку месеци пред тој да седне на премиерското столче, бидејќи тогашната владејачка СДСМ водеше црна кампања против лидерот на опозицијата со билборди, прес конференции и со случаи во Антикорупциската и во УЈП.

Таканаречениот „кејс“ – Станови на Груевски ја бранува јавноста и денеска од две причини. Покрај онаа очигледната дека се работи за имотот кој се поврзува со најмоќниот човек во Македонија, постои и интригата која доаѓа оттаму што во својот анкетен лист за имотот, ниту како пратеник, ниту како премиер, Никола Груевски никогаш не пријавил станови, а веќе јавноста одамна знае дека неговата мајка е сопственик на неколку „гајби“.

Ако се погледне последниот анкетен лист во Антикорупциска комисија ќе се види дека премиерот и сопругата имаат преку 30 банкарски депозити во најразлична форма и во неколку банки, нешто кеш и 30 уметнички слики, пет повеќе од претходно. Меѓутоа, станови или било каков недвижен имот нема!

Опозицијата во кампањата за претходните парламентарни избори, во 2011 повторно ја актуелизираше темата и тогаш на пресконфереција извади информација дека семејството на Груевски во перидот од 2000 до 2002 поседувало не четири шест  стана.

„Два стана на улицата „Владимир Комаров“ со вкупна површина од 124 m2, два стана на улица „Бихаќка“ со вкупна површина од 143 m2 и еден стан на улицата „Васил Ѓоргов“ од 86 m2 и еден стан на непозната адреса од 57,29 квадрати“, изјави тогашниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев.

Во молскавичната реакција на ВМРО-ДПМНЕ, покрај заканата за тужба и квалификацијата дека Гордан е камиказа, стоеше и тоа дека било вистина оти мајката на Никола Груевски поседува еден стан во населбата Капиштец купен 1986 година, тој е тој од 86 метри квадратни на улица „Васил Ѓоргов“ и дека „има два мали стана на „Бихаќка“ купени на кредит“.

Со други зборови, тогаш ВМРО-ДПМНЕ призна три од шестте станови кои му се калемеа на нејзиниот лидер. И денеска ситуацијата според Катастарот е таква, Надежда Груевска сѐ уште е газдарица на три стана, два на „Бихаќка“ и еден во Капиштец на „Васил Ѓоргов“.

Сепак, интересни се информациите за четвртиот стан кој наводно, барем така СДСМ тврдеше, го поседувало семејството на Груевски на улица „Владимир Комаров“.

Според опозицијата извесен Ј.Стојановски е актуелен сопственик на станот кој Груевски наводно го купил на 30. март 2000 година токму на адресата на „Владимир Комаров“. ВМРО-ДПМНЕ тогаш ништо не спомна за овој стан, меѓутоа за него во 2008 година пишувал „Утрински весник“.

Овој медиум информираше дека, според неговите информации од ЈП за стопанисување, мајката на Груевски склучила договор за стан кој се наоѓа во населбата Вардар, на улица „Владимир Комаров“, две и полсобен, со површина од 57 квадратни метри.

„Купопродажната цена е 2,4 милиони денари или 77.000 германски марки, а договорот е склучен на 24 март 2000 година. Купувачот уплатил сопствено учество од 30 отсто, 718.000 денари или 23.000 германски марки. Остатокот од 54.000 германски марки ќе го плаќа во 120 месечни рати“, стои во текстот на „Утрински“ кој УЈП го линкувала на својата интернет страница.

За извесниот Ј.Стојановски СДСМ ги поврзуваше и петтиот и шестиот стан. Според опозициската партија Ј.Стојановски е газда и на вториот стан на улицата „Владимир Комаров“ и на оној од 57 m2 на непозната адреса.

СДСМ го „товареа“ Груевски и за станот кој според нив припаѓал на неговиот брат Ѓорги Груевски а бил лоциран во објект кој, како што тврдеше опозицијата, го градела фирма блиска до бизнисменот, Орце Камчев.

ЗЕТОВЦИ НА КОИ ИМ ПАДНА СЕКИРАТА ВО МЕД

И пред да го свртиме вниманието од Груевски на другите негови истакнати сопартијци, дозволете да споделиме уште неколку интересни работи кои можеа да се прочитаат за становите на неговата мајка.

За двата стана на „Бихаќка“ и СДСМ во 2011 и „Утрински“ три години порано тврдеа дека се купени на 9 август 2001 година, еден ден по крвавиот настан на Карпалак за време на воениот конфликт со ОНА. Интересно е дека за овие два стана кои се наоѓаат во ист влез, на ист кат на „Бихаќка“ ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека имаат мала квадратура, додека УЈП исто така за „Утрински“ изјавила оти се со „скромна квадратура“.

Од друга страна, пак, СДСМ во сите јавни настапи никогаш не заборава во квадратурата на овие два стана да ги додаде и оние 16 квадрати од двете гаражи на „Бихаќка“. Сепак, ќе оставиме сами да решите каков епитет ќе им дадете на стан од 50 и на стан од 77 метри квадратни (без гаражите)!

Околу фамозните станови на Надежда Груевска треба да се потсети дека сѐ уште постои дилемата дали Груевски требало да ги пријави во анкетниот лист во Антикорупциска кога беше опозиционер.

СДСМ тврдеше дека во декември 2002 година како пратеник Груевски во анкетниот лист не пријавил никаков имот, иако како адреса на живеење го запишал станот на неговата мајка на „Васил Ѓоргов“, кој бил и нејзино живеалиште и затоа имал обврска да го нотира целиот нејзин имот.

Интересно е дека поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева во интервју за Фокус во 2011 година тврдеше дека денови пред да дојде на власт, Никола Груевски ја менува адресата на живеење.

„Значи, тој не живее на иста адреса со Надежда Груевска. Зошто е ова битно? Во законот пишува – Функционерите и лицата коишто живеат со нив во семејно домаќинство. Со самото тоа, дека тие не живеат во семејно домаќинство, Надежда Груевска не може да биде третирана од страна на Антикорупциската комисија“, објасни Тасева.

Ова отприлика објаснува зошто сега Груевски не ги пријавува становите на неговата мајка.

Најверојатно поради фактот дека Антонио Милошоски и Јани Макрадули на изборите во 2011 се судрија во петтата изборна единица, екс пратеникот од СДСМ неколкупати зборуваше за имотот на екс министерот за надворешни и за членовите на неговото пошироко семејство.

Така, уште пред изборите, Макрадули обвини дека не само мајката на Груевски, ами и тогашниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, во 2001 година и претходната година стекнал два стана кои претходно биле во сопственост на државата.

Според Макрадули, тогашниот портпарол на владата, Милошоски во март 2000 година поднел барање за доделување државен стан, а потоа станот по три месеци преминал во негова сопственост. Се работи за недвижен имот на улица „Кузман Јосифовски-Питу“, но СДСМ тогаш обвини дека по осум месеци Милошоски стекнал уште еден државен стан, и тоа на „Васил Ѓоргов“, на улицата на која, според ВМРО-ДПМНЕ, мајката на Груевски имала стан уште од 1985 година.

Но, СДСМ не остана на ова обвинување. Макрадули за време на изборната кампања повторно го прозва Милошоски и соопшти дека таткото на неговата сопруга изградил две куќи во медитерански стил на површина од повеќе од 1.100 метри квадратни во елитната скопска населба Бардовци.
Тој информираше и дека дедото на Милошоски бил графички техничар и живеел во скромна барака. Милошоски тогаш уште како министерот од Битола, каде што се одвиваше нивната изборна битка, само кратко демантираше и кажа дека она што го поседува го пријавил во имотниот лист!

И кога сме кај Бардовци, населбата која беше лајт мотив за овој текст треба да потсетиме дека во близина на ова елитно живеалиште куќа купи и најревносниот записничар на сдсмовскиот имот за време на транзицијата. Имено, Влатко Ѓорчев за „Фокус“ пред една година објасни дека тој и сопругата купиле куќа во селото Бардовци, меѓутоа не во оној елитниот дел и дека на тој подвиг се решиле откако неговата сопруга добила наследство од баба ѝ Американка во вредност од 195.000 долари.

Ѓорчев тогаш ни потенцираше дека разликата меѓу оние куќи на Водно на, како што тој ја нарекуваше, Црвената буржоазија и неговата е во тоа што тие вредат милиони евра и за тој имот нема јасно потекло.

ДИМЧЕМИРЧЕВЦИ

Последните превирања на темата околу имотот на функционерите се случи пред последниве избори кога гласноговорникот на СДСМ Петре Шилегов ги откри становите на високите владини функционери или на нивните блиски роднини сместени во една единствена зграда која се наоѓа спроти влезот на Министерството за надворешни работи. Во таа зграда станови поседуваат министерката Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг, двата сина на пратеничката Силвана Бонева и сопругот на заменик министерката Соња Лепиткова.

Но, тоа не беше сѐ. Во зградата станови имаат и советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје Слободанка Алексовска, телохранителот на Груевски Иво Павлов, како и мајките на ген секот во Владата Кирил Божиновски и на директорот на Управата за финансиско разузнавање Владимир Атанасовски.

Според Шилегов вредноста на сите овие станови е некаде околу милион евра, но она што е интересно е дека во бројните соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ и во реакцијата на споменатите газди на „Димче Мирчев“ никој точно не објасни како тоа толку видни партиски членови одбрале да живеат на едно место!

Каква ќе беше тоа приказна
А ЗАЕВ ДА ИМАШЕ ХОТЕЛ ВО БУГАРИЈА?

Замислете дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев има хотел во Бугарија. Угостителски објект кој се наоѓа во близина на националниот парк Рила, каде што е лоцирана резиденцијата на поранешниот бугарски комунистички лидер Тодор Живков и во непосредно опкружување на хотелот да биде природниот парк Бочиново, долж реката Бистрица, каде што се наоѓа два и пол километарско шеталиште со аквапарк и базен, како и ски-патеката Бодрост.

Замислете на официјалната интернет страница на угостителскиот објект да пишува дека се работи за нов хотел со три ѕвездички, кој располага со 36 соби, од кои 5 луксузни апартмани (еден за младоженци), софистициран ресторан со тераса, конференциска сала..!

Каква приказна ќе беше тоа за провладините медиуми? Меѓутоа таа приказна нема никогаш таму да ја прочитате, зошто веќе „Фокус“ ја објави и за жал хотелот не е на Заев. Туку на неговиот сограѓанин од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Васил Пишев!


АРХИВА Дури 550 од добитниците на лото-вработувањето оставени на улица!

$
0
0

Текстот е објавен на четврти јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 978

Кон крајот на минатата година, речиси сите вести на неколку национални телевизии почнуваа со прилог за среќните граѓани, кои, по години сиромаштија и безуспешна потрага по работа, си добија парче леб, и тоа во државните институции. Новата работа им ја донесе лотаријата што ја организираше ЈП „Македонски шуми“, а со која требаше да се згрижат вкупно 1.900 граѓани, од кои 300 лица со хендикеп. Дел удобно се сместија во државните јасли, но на повеќе од 500 им се губи трагата. Тие и по седум месеци и понатаму се невработени, без корката леб в рака!

Пишувала
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

ЈП „Македонски шуми“ и ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ се претпријатија кои се занимаваат со различни дејности, но кубурат со слични проблеми. И двете се соочуваат со огромни финансиски трошоци, а, згора на сè, најчесто работат и со загуба, или, пак, незначајна добивка.

Но, сепак, ова не претставува никаква пречка за нив бидејќи се расфрлаат со пари, како да ги имаат со купишта.

ЈП „Водовод и канализација“ ќе се задолжи со 7,3 милиони евра само за да се смести во барокна зграда, а додека тоа да се случи, плаќаат неверојатна месечна кирија од 25.000 евра месечно.

ЈП „Македонски шуми“, пак, минатата година запиша загуба во работењето, а од друга страна го зголеми бројот на вработени, се поднови со 33 возила, а до гуша е задолжено кај државата поради неплатен данок. Значи, заклучокот би бил дека немаат пари, но, од друга страна, трошат како да се богати или, народски речено, ги испружиле нозете надвор од чергата.

СЕДУМ МЕСЕЦИ ЧЕКААТ РАБОТА

Токму поради лошата финансиска состојба на ЈП „Македонски шуми“ остана нејасно зошто тогаш ова претпријатие ја доби можноста минатата година да ја организира лотаријата за вработување на 1.600 невработени од повеќе ранливи категории граѓани?

На 6 октомври минатата година, од 20.000 пријавени, 1.600 најсреќни, на лотарија си добија вработување, и тоа не какво било, туку во државни јасли. Во декември, пак, ги потпишаа договорите за работа, иако сѐ уште не беше познато каде ќе работат.

Огласот го распиша ЈП „Македонски шуми“, па по таа логика се очекуваше и дека сите среќници ќе бидат новопечени „шумари“, но набрзо работодавецот се премисли, па објасни дека избраните ќе бидат распоредени низ повеќе институции, општини и претпријатија. За себе си задржа само седумдесетмина.

Иако лотото им падна, сепак, од него не се офајдија сите. Најсреќните почнаа со работа по два месеца од изборот, дел неколку месеци подоцна, а има и такви кои по осум месеци се со непроменет статус, односно невработени.

„Бев еден од ’среќните‘ добитници на лотаријата за вработување. По изборот потпишав решение и требаше да почнам со работа од 2 декември 2013 година. Сѐ уште не сум вработен, односно не сум распореден на работното место, а во иста ситуација како мене се уште многу од избраните“, вели нашиот соговорник, кој сака да биде анонимен, бидејќи, како што вели, не сака да си ја уништи и најмалата шанса за вработување, на која сè уште се надева.

Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџовски, признава дека дел од избраните на лотаријата сѐ уште не почнале со работа.

„Не знам точна бројка, но околу 250 сè уште не почнале со работа. Овој застој е поради изборите, кога не смееше да има вработување, а потоа се чекаше и да се оформи владата. Набргу и овие граѓани ќе добијат работно место“, ветува Караџовски.

Ова објаснување е официјално, но она што неофицијално се зборува е дека вработувањето на овие кадри, ветено пред изборите, оди тешко бидејќи државната администрација е превработена и тешко се наоѓа слободно место.

Налог за вработување директно од Владата добија и општините, но дел од нив се спротивставија и не сакаа да ја преземат таа обврска. Дел од градоначалниците коментираа дека Владата се сликала на делењето на местата, а обврските за плаќање им ги давала на други.

На работното место не седнаа ниту 300-те добитници на втората  лотарија, која во ноември минатата година беше распишана за лицата со хендикеп, иако поминаа роковите, од 4 до 6 месеци, кои надлежните си ги зададоа.

Од невладината организација „Полио плус“ објаснија дека од оние лица, со кои контактирале, имале информација дека уште не почнале со работа. Повеќе детали побаравме и од Министерството за труд и социјална работа, бидејќи токму министерот Диме Спасов ги објаснуваше критериумите за учество во лотаријата.

„Постапката за сите оние инвалидни лица, кои ја имаат целокупната потребна документација согласно со Законот за вработување на инвалидни лица, е при крај и истите ќе почнат со работа при крај на месец јули. По засновањето на работен однос во ЈП „Македонски шуми“, истите ќе бидат распределени во веќе определени институции и органи на државната управа“, ни одговори Марјан Гиовски, портпарол на Министерството за труд и социјална работа, потенцирајќи дека целокупната постапка за вработување на овие лица ја спроведува ЈП „Македонски шуми“.

Тој додаде и дека, при рангирањето на првите 300, се посочило дека овие лица ќе засноваат работен однос во период од шест месеци.

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈП „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ ТРИ МЕСЕЦИ БЕЗ ПЛАТА

Додека овие граѓани го чекаат вработувањето, веќе вработените во ЈП „Македонски шуми“, од кои нови се 70, а стари над 2.400, се соочени со финансиски проблем. Последната плата што ја зеле е за април, за што добивме потврда и од директорот Караџовски. Ова значи дека им доцни платата за мај и јуни, а, еве, веќе излегува и за месец јули.

Директорот Караџовски вели дека претпријатието од 2009 до 2013 година бележело добивка, но минатата година имало загуба.

„Минатата година имавме загуба од околу 90 милиони денари. Причината за тоа е нелојалната конкуренција, односно големиот број дивокрадци“, вели Караџоски.

Но, токму во годината кога оствариле загуба, во претпријатието решија да се подноват со 33 нови возила, вредни 450.000 евра, кои, пак, ќе треба да ги исплатат на 36 рати. Од претпријатието тогаш се правдаа дека со новите возила ќе трошат 3,4 милиони денари годишно за гориво, додека со старите трошеле 8 милиони денари.

Освен новиот долг за возилата, претпријатието има и милионски долг кон државата за неплатен данок. Според податоците, кои неодамна ги објави УЈП, претпријатието за неплатен данок должи 236 милиони денари, но директорот ја негира оваа сума и потенцира дека станува збор за долг од околу 80 милиони денари.

„Тој износ не е точен од причина што не е извршено раскнижување на сума која датира од некои стари обврски, а кои, со законот донесен од минатата година, се претворија во траен влог на државата во претпријатието. Значи, станува збор за стари обврски, кои наскоро ќе бидат раскнижени, бидејќи имаше застој поради изборите“, објаснува Караџовски.

Одлуката да се прости долгот на ЈП, тежок 43 милиони евра, за данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, Собранието ја донесе пред точно една година.

Заменик-министерот за финансии, Ардијан Џеладин, ова го правдаше со потребата од поголема стабилност на претпријатието, потенцирајќи дека се работи за стар долг и оти по 2009 година тоа работи рентабилно и редовно ги исплаќа платите на вработените. Но, ова оправдување се покажа неточно бидејќи претпријатието повторно покажа загуба, а и доцни со исплатата на платите.

Против оваа одлука беа пратениците од опозицијата кои, наместо простување на долгот, бараа одговорност.

„Ова што се случува ја покажува слабоста на власта да не може да најде менаџерски тим којшто ќе знае да управува со македонските шуми. Тие се национално богатство на Македонија. Досега не сме виделе некој да понесе одговорност“, рече тогаш пратеникот Маријан Николов од СДСМ.

Ова претпријатие, формирано пред 15 години, заработува многу, но и троши многу, и тоа за плати. Со текот на годините таму се вдомија околу 2.400 луѓе, од кои четириесетина директори, а за сите заедно, само за плати, се одвојуваат по 1 милион евра месечно.

КРЕДИТ ОД 7,3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА БАРОКНАТА ЗГРАДА НА „ВОДОВОД“

Со домаќинско работење, според обвинувањето на опозицијата, не можат да се пофалат ниту во ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, бидејќи за да ја довршат започната барокна зграда, во која треба да се сместат, објавија дека ќе земат кредит од 7,3 милиони евра.

Темелите на барокното здание под Кале, кое се гради на местото на поранешните објекти на „Водовод“, беа удрени во декември 2011 година. Градежните работи ги почна австриската фирма „Алпине“, на која ѝ беа исплатени околу 2 милиони евра, но работата запре откако фирмата прогласи банкрот.

Во меѓувреме, „Водовод“ одлучи конзорциумот „Алдинг“ за 7,5 милиони евра да го доизгради објектот.

„Сметам дека задолжувањето е оправдано. Одлуката има првенствено економска логика. Ние со години сме под кирија, плаќаме околу 25.000 евра месечно. Долгорочно гледано, оваа инвестиција е исплатлива“, истакна неодамна в.д. директорот Бојан Василевски.

И сега од претпријатието го добивме сличниот одговор.

Основна причина за задолжувањето е токму водењето сметка по принципите кои значат економска логика. Оттука, Одлуката за земање кредит за доизградба на административната зграда е економски целосно оправдана. Гледано на долг рок, трошоците на јавното претпријатие значително ќе се намалат, а самото претпријатие ќе има своја сопствена зграда. Понатаму, како што и јавно соопшти ВД Директорот на Претпријатието, побрзата изградба на зградата ќе овозможи да не плаќаме кирија и што е уште позначајно, да ја избегнеме опасноста од неможноста да ги исплатуваме тековните активности, велат од ЈП „Водовод и канализација- Скопје“.

Оттаму додаваат дека плаќаат кирија за простор од 1.956 метри квадратни, на „Технометал Вардар“.

Она што е познато е дека новата фирма има рок од 18 месеци да ја заврши градбата, што значи дека за кирија ќе се потрошат уште 450.000 евра.

Од СДСМ, пак, остануваат на ставот дека наместо луксузен, претпријатието треба да изгради енергетски ефикасен објект.

„Имајќи предвид дека проектираната зграда на ’Водовод‘ има околу 5.000 квадратни метри површина, цената на чинење на 1 квадратен метар во оваа луксузна зграда надминува неверојатни 2.000 евра! Градоначалникот Коце Трајановски продолжува да се луксузира и да ги троши парите на граѓаните. По кој знае кој пат повторувам дека најсоодветно е новоизградениот објект во сегашната состојба да се продаде. Парите од продажбата би се искористиле за поскромен и енергетски ефикасен објект“, вели Дамјан Манчевски, советник во Град Скопје од СДСМ.

Од советничката група на СДСМ и коалициските партнери му упатија и прашање на градоначалникот Трајановски. Јавно го прашаа зошто инсистирал на изградбата на луксузниот објект и кој профитирал од зделката и зошто парите не се пренаменат за изградба на водоводна мрежа и замена на постојните азбестни цевки?

Претпријатието минатата година не било во загуба, но остварило профите од само 20.000 денари.

„Според Годишната сметка на претпријатието за 2013 година, вкупниот приход изнесува околу 1.282.000 денари, а вкупниот расход околу 1.262.000 денари. Едноставно претпријатието воопшто нема долг кон државата, објаснуваат од претпријатието“, каде што вкупно работат 1.120 вработени.

ВЛАДАТА МУ ДОЛЖИ НА „ВОДОВОД“, А ТОЈ ГРАДИ ПО НЕЈЗИН ВКУС

Поради слабата профитабилна состојба на претпријатието, покрај граѓаните кои редовно не ги плаќаат сметките за вода, директно одговорна е и Владата, според извештајот за работењето на ЈП „Водовод“. Имено, таа должи 96.000 евра за вода, а долг од 74.000 евра е направен во објектот „Македонија табак“, кој од страна на Комерцијална банка му бил даден под закуп на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. А, најголем должник е Ургентниот центар, кој за 2013 година има долг од 1,3 милиони евра.

Владата неодамна донесе мерка со која на корисниците на социјална помош ќе им се избришат долговите за електрична енергија, радиодифузна такса, парно, кредити и нотарски долгови, но не и долговите за вода, кои вкупно изнесуваат над 35 милиони евра. Очигледно е дека од некаде ќе мора да се плаќа барокниот луксуз во време кога приоритет е менување на азбестните цевки, кои се ризични по здравјето на граѓаните.

Одамна веќе е јасно дека кога станува збор за јавни претпријатија, властите не бараат економска логика, туку само партиска. Од една страна, работат нерентабилно и пропаѓаат во долгови, како ЈП „Македонски шуми“, а, од друга страна, пред избори се секогаш расположени за нови вработувања. Владата е тука, пак, со државни пари да ги аминува долговите.

ЈП „Водовод“, пак, по секоја цена, којашто во случајов е 7,3 милиони евра, реши доследно да го испочитува вкусот на владејачката гарнитура и да инвестира во барокна зграда. Сигурно дека можеле и поевтино да поминат, ама барок си е барок. Азбестни цевки има во цела Македонија, ама барок само во Скопје!

„Транспарентност Македонија“: Контроверзни задолжувања!

На идејата за задолжување на ЈП„Водовод и канализација- Скопје“, за изградба на барокен објект, се спротивставија и од невладината организација „Транспарентност Македонија“.

„Државата е еден од најнередовните плаќачи за вода, а на листата на должници се и министерство, студентски домови, други јавни претпријатија и големи приватни компании. Затоа опозицијата обвини дека јавното претпријатие водело двојна политика спрема должниците, односно од домаќинствата долговите ги наплаќа лесно, со извршители, додека државата и фирмите ги толерира. Затоа предупредуваме дека, ако ги наплатуваат сите долгови од државниот и приватниот сектор, не би имале потреба да се задолжуваат“, се наведува во извештајот на „Транспарентност Македонија“ за јуни.

Од невладината се сомневаат и дека кредитот ќе биде со каматна стапка пониска од 8 проценти, како што беше ветено, бидејќи истакнуваат дека каматната стапка за долгорочните кредити е повисока.

Тие реагираат и на високата месечна кирија, од 25.000 евра што ја плаќа претпријатието, прашувајќи дали ова е реалниот трошок кој треба да го понесе ова јавно претпријатие или, пак, е тоа нереално висока цена и луксуз?

АРХИВА Сатирата ја изгуби смислата во Грујово доба!

$
0
0

Текстот е објавен на четврти јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 978

Изгледа Груевски ќе владее сѐ додека не ја прошпарта целата Земјина топка. Не знам уште колку држави му останаа за визита од агендата наречена „роуд-шоу“, ама не е за потценување ниту екипажот што го придружува. Еве уште една идеја што не би ме шокирало ако стане стварност. Редно е државата да купи еден брод ала „Галеб“ со кој другарот Тито одеше по два месеца на крстосување низ Неврзаните земји. Зошто да се плаќаат авионски билети, па скапи хотели, кога еден суперлуксузен брод ќе заврши работа. Ем два месеца ќе бидеме раат!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Четврток 26/6/2014
„КОЈ САКА ДА БИДЕ ПРЕРОДБЕНИК“

Барем трипати на ден, небаре на антибиотик сум на 8 часа, добивам напад од навредите за умот со кои нѐ бомбардира владејачкиот естаблишмент. На моменти дури сум убедена дека се мајтапат со нас, неинфицираните од портокаловиот вирус. И овие 7 дена се посветив да откријам што ги шашардисува луѓево за олку да забегаат. Оние де, кои паѓаат „милом или силом“ во транс од „остварувањата“!

Итроманите од дпмневската групировка сплескаа, нели, над 400 страници изборна програма. Заборавив со колку проекти се беа накитиле, ама ќе да се илјадници. А ептен сум љубопитна колку од тие 400 илјади гласачи ја имаат исчитано и наизуст го знаат книгиштево. Толстој може вода да им носи. Јас, пак, сум на мисла дека најголем ќар имал тој што го печател ова „Свето писмо“!

Ме мачи и дилемата: дали  од штабот ќе ги испитуваат гласачите какви проекти на која страница се ветуваат. Да се провери колку научиле. Ич нема да ми биде „сапрајс“ доколку смислат некаков квиз кој, нормално, ќе се реализира на јавниот партиски сервис. Учесниците на квизот ќе треба да одговорат на 10 прашања од изборната програма „Проверено“. Квизот би го крстила „Кој сака да биде Преродбеник“, инспирирана од „Кој сака да биде милионер“. И така, нели, меѓу преродбеник и милионер нема голема разлика.

На пример, влечеш од барабанот прво прашање: Под кој реден број и на која страница е проектот „нема погрешна врата“!? Точниот одговор е: „нема погрешна врата“ е 83. проект на 112 страница. Проверено, и добиваш награда, на пример, бесплатно возење во автобусите на ЈСП цел месец.

Тој што ќе даде точни одговори на 9 прашања добива вработување, а генијалецот што прецизно ќе ги отпее сите десет одговори, пак, добива раководна функција… на државна сметка, се разбира. Ма, нема погрешна дпмневска врата. Чукни на која било вмровска порта, ти се отвора државното чекмеџе!

И знаете што е најсмешно!? Секогаш кога као се исмејувам со преродбеничките трендови, по извесно време тоа станува реалност. Проверено! Сатирата ја изгуби смислата во Грујово доба!

Петок  27/6/2014
СЛЕПИОТ ВОДАЧ

Ме јаде јанѕа дали измените на Уставот беа ветени во „Проверено“!? Или, тие му доаѓаат нешто како гратис за рајата. Да, тие имаат нанижано девет победи во низа, ама, сепак, не ми е јасно дали оние што ги гласале, автоматски поддржале и двојно зголемување на цената на некои проекти!? Дале ли бланко амин и за сите анекси на договорите!? Ако не егзистираше на нашава планета СДСМ, ќе ги загрижеше ли барем за стотинка од секунда возљубениците на Груевски зошто некои „проектчиња“ се тројно поскапи од нормалното!? Логични ли им се приоритетите, за тоа ли гласале, да се арчат народни пари за галии во непловен Вардар иако на прв поголем дожд ќе се удават низ градските улици!? Да, ќе цркнам да дознам за сите ли вакви настраности немаат гајле!

Една од трите инспиративни навреди денеска всушност ми беше големата мудролија на скопскиот градоначалник Коце Трајановски што ја скоцка за Панорамското тркало, тешко цирка 15,5 милиони евра. Нѐ утеши дека трошоците за овој проект немало да бидат на Градот, туку на Владата! Небаре Владата се полни со пари од граѓаните на Мадагаскар!? И скопјани помалку ќе ги боли, штом тркалото ќе го плаќаат ем со нивни, ем со парите на сите жители на државата. На некој од Кривогаштани, кој чека цела деценија да се доизгради фекална канализациска мрежа, веројатно панорамското тркало ќе му ја анестезира маката со отпадните води. Ма и да нѐ удават гомната, Тркалото во Скопје нека се врти!!!

Кога ќе чујам дека нешто им е скапо, а не штедат на материјал за вртелешки, повторно се далдисувам од поддржувачите!

За пилиштарите од ДПМНЕ и разбирам дека се како киборзи. Што ќе се рече – аминуваат. Иако, од друга страна, од младите се очекува бунтовност. Но, нели, преродба е, па важат некакви чудесни закони.

Ама на оние со бели коси им се чудам што сѐ голтаат за да бидат од  тимот што победува. Или, можеби, тие по навика од стариот режим се научени да го следат Водачот… Како оној на Радоје Домановиќ. Го имаме и Говорникот, во кого се кријат сите оние пропагандисти, кои постојано го убедуваат народот дека е многу мудар бидејќи само молчи и слепо го следи својот Водач, кој на крајот од овој сатиричен расказ се открива дека е слеп, а дека од „ветената земја“ нема ништо!

Нашата сатирична приказна уште нема крај!

Сабота  28/6/2014
ГРУПНО РАЗМИСЛУВАЊЕ

Сепак, најдов и научно објаснување за партиските војници, ама и оние што се одѕиваат на поимот интелектуалци иако не се баш мислечки сој. Не размислуваат со своја глава, туку, како што велеа некогаш, одат во Штабот по свое мислење. Е науката вели дека желбата да се биде прифатен во група, да не речам стадо, обично ја победува желбата да се биде во право или поривот за вистината. Станува збор за феноменот „групно размислување“!

Имено, во 50-тите години на минатиот век, американскиот психолог Соломон Еш ја истражувал моќта на конформитетот, промислувал за групите и лидерството. Како просечни граѓани поради конформизот што ги совладува следат секакви водачи. Еш собрал седум актери и само еден вистински случаен испитаник. На пример, им покажува два листа – на едниот е нацртана само една линија, а на вториот има три со различна должина. „Тешкото“ прашање е да одговорат која од трите линии е еднаква цртата на првиот лист хартија.

И приоритет добиваат „лажњаците“, кои сите по ред даваат погрешен одговор. Кога доаѓа редот на вистинскиот испитаник, забележливо било дека се двоуми. Не му е лесно. Внатре му се одвива судир меѓу желбата да биде дел од групата – мнозинска нели, или изборот – да верува на своите очи.

Е внимавајте – експериментот покажал дека дури 75 отсто од овие испитаници подлегнале на групното размислување. Тоа се конформистите! Ако се наддаде некаков материјален интерес за ваквата мисловна операција, којзнае за уште колку би скокнал процентот.

Претпоставувам дека оние 25 отсто што не го следеле систематското групно „лудило“ во експериментот на Еш, се гордееле со себе! Но, ова малцинство во нашиве услови веќе се чувствува лудо… и незаборавно! Оти, иако групното размислување е глупо размислување,  бајаги е исплатливо!

П.С. Квиз прашање: Што било одлучувачко за Марко Зврлевски и обвинителската компанија да го затворат досието „Македонска банка“ со среќен крај за премиерот? Желбата за вистината или припадноста кон групата!?

Недела  29/6/2014
ОГЛАС ЗА (ПАРТИСКИ) ИНТЕРЕС!!!

Деновиве имавме уште еден новитет од портокаловата продукција.

„Ова е само оглас за интерес, ова не е оглас за вработување“ , објасни Коце Трајановски.

Преведено по нашки, демек има оглас за 58 функции, ама само колку скопскиот градоначалник, да не речам сосе партијата на власт, да направеле база на податоци на можни кадри кои во иднина би ги ангажирале. Ќе појасни уште дека можеби не би ги ангажирале на тие функции за кои аплицираат, туку може и на други.

Изгледа дека им треба нов контингент партиско членство. Солидна база на податоци е кога знаеш кој сѐ има амбиции да биде на функција! Се сеќавам кога се збогатија со неколку десетици нови членови од една друга база на податоци – тазе дипломирани студенти. Дури и со слика и зборови ги прикажуваа преку платени огласи низ подобниот печат. Обидот на нас „неподобните“ да побараме неколку одговори од студентиве со просек ем со вмровска книшка, заврши просечно… како кога поставуваме прашања до Центарот за комуникации. Нѐ одбија! Со тоа положија уште еден испит со висока оценка, оној приемниот партиски!

Понеделник  30/6/2014
УСТАВЕН „НАРОДЕН“ БИЗНИС

Со промена на името на Централната банка ќе се менувал и изгледот на парите. Наместо називот „Народна банка“ ќе стоело „Банка на Република Македонија“, како што предвидува еден од осумте уставни амандмани што ги најави Владата. Според објаснувањето на гувернерот Димитар Богов, процесот на замена ќе се одвивал етапно. На новите банкноти ќе било новото име на банката.

Ете, гледате дека и во уставен амандман, со кој само се брише зборчето „Народна“, лежи некаков бизнис. Ќе се печатат нови пари, а некој ќе се опари од тоа.

Патем, деновиве потпретседателот на Аргентина, Амадо Буду е обвинет за корупција. Осомничен е дека во 2010 година кога бил министер за економија ја помагал една „фантомска“ компанија да купи печатница, која потоа склучила договори со државата, меѓу кои и печатење на аргентинските пезоси.

Се разбира, нашите власти се имуни на корупција… И судски тапии некои имаат за оваа нивна доблест. Го спомнав аргентинскиот случај со печатење пари колку да се види колку има расипани политичари низ светот, за разлика од нашите – чисти, ѓоа бебенце!

Вторник 1/7/2014
ВРЕМЕ Е ЗА „ГАЛЕБ“!?

Изгледа Груевски ќе владее сѐ додека не ја прошпарта целата Земјина топка. Не знам уште колку држави му останаа за визита од агендата наречена „роуд-шоу“, ама не е за потценување ниту екипажот што го придружува.

Љубопитна сум дали сме во суфицит или дефицит со странските инвестиции!? Да се собере на една страна колку народни пари се потрошени за плаќање неколку министри, па дузина економски промотори, плус платени огласи низ светскиот печат сосе роуд шоута, наспроти сите странски инвестиции за овие години. Ова чисто информативно, оти, нели, народот ги гласал деветпати во низа!

Еве уште една идеја, што не би ме шокирало ако стане стварност. Како што, демек, штедаџиски градат скапи згради за некои институции со адутот – да не плаќаме кирии, сугерирам дека е редно државата да купи еден брод ала „Галеб“ со кој другарот Тито одеше по два месеца на крстосување низ Неврзаните земји.

Зошто да се плаќаат авионски билети, па скапи хотели, кога еден суперлуксузен брод ќе заврши работа. Ем два месеца ќе бидеме раат, ние што не подлегнуваме на „групно размислување“! Плус, ќе има потреба за вработување на бродот уште цел еден контингент, кој носи нови гласови!

Среда  2/7/2014
ВЛЕЧУГИ И ЦИЦАЧИ!

И во Центарот за комуникации се чувствува освежување. Се освежија со нови етикети, иако стилот – на прашања и реакции да удрат ad hominem, по лошиот гласник – останува да го краси и натаму овој стратешки стожер на владејачката структура.

Еве, од денешното нивно соопштение како контра на извештајот на Транспарентност Македонија разбравме дека имаат сенс да детектираат во кој непријател чучи влечуга. И не сал они, туку и народот барабар со нив. Небаре во „Проверено“ имаат таков проект, па автоматски со гласот за ДПМНЕ, поддржувачите се стекнуваат со лиценца за откривање влечуги од луѓе.

„ВМРО-ДПМНЕ и народот одамна ги имаат препознаено ваквите влечуги и не ги перцепираат нивните порции полни со ветер и магла“,ќе срочат во едукативен стил од Центарот, конкретно лоцирајќи го Сашо Орданоски  како примерок од новата сорта предавници-отсек влечуги.

Искрено, не можам да разберам како од деветмина членови на Управниот одбор на Транспарентност го избраа Орданоски! Само тој е препознаен како влечуга или останатите осуммина ги чуваат за следниот извештај, да ги делкаат еден по еден.

Сепак, од сортата влечуги барем камелеоните се одамна преминати во нивните редови. Или, камелеоните се нивен имиџ. Плус, денес доминираат цицачите во Македонија. Оние, де, што го исцицаа буџетот!

АРХИВА Душевните болки власта ќе ги лекува со 760.000 евра од опозицијата

$
0
0

Текстот е објавен на 29 август 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 986

Тужбите за клевета и навреда им тргнаа од рака на владејачките функционери. Со нив мавтаат на секој изречен збор од опозицијата, а оние од опозицијата, пак, мака мачат секој ден да ја вршат работата на МВР и обвинителството. Прибираат докази за наводни афери на владејачките функционери, ама сè некако задоцнуваат. Возот им избегал, делото застарело. Па, наместо бараните решетки за нивните политички противници, добија околу 40 тужби за клевета, тешки 760.000 евра. Ем останаа без правда, ем го обраа бостанот!

Пишувала
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Наместо да добијат кривична завршница, многубројните „афери“ на власта без исклучок завршуваат пред граѓанскиот суд, каде што на обвинителна клупа, по некоја извитоперена правда, седнуваат тие што се посомневале во чесноста на одредени владини функционери. Па, така, товарот го носат тие што се осмелиле, во случајот, опозиционерите, а не можните сторители на криминал и корупција.

Покрај измешаноста на улогите, она што боде очи се и огромните парични обесштетувања што ги побаруваат „наклеветените“ како надомест за нивната душевна болка. Наместо симболично да побараат едно евро, нели, најважно е вистината да излезе на виделина, се бараат илјадници евра. Е, токму тука лежи зајакот. Се удира по буџетот на „клеветниците“, односно на партијата, за таа дополнително да ослабне, бидејќи без пари не претставува баш некаква опасност.

Дека сè е во парите покажуваат и сите досегашни изборни циклуси во Македонија. Победата секогаш ја носи партијата што не штедела на изборната кампања. Според конечните финансиски извештаи за последните избори, ВМРО-ДПМНЕ потроши 1,4 милиони евра, а СДСМ, скромни, 195.000 евра.

Парите победата на ВМРО-ДПМНЕ му ја донесоа и во 2006 година, кога за првпат се случи тогашната опозиција да потроши повеќе средства во кампањата од тогашната владејачка партија, СДСМ. Па, затоа веќе не изненадуваат огромните финансиски апетити на политичарите од власта, кои со што повеќе пари сакаат да си го исчистат образот, но и финансиски да ја уништат ривалската партија. Со еден удар да убијат две муви.

ЕДЕН МИЛИОН ДЕНАРИ, ПАРИ ЛИ СЕ?!

Финансиското уништување на противникот е веќе до толку усовршено, што безмалку функционира како рекет-служба. Шемата е едноставна. Се поднесува тужба, се приложува психијатриско вештачење или, пак, душевната болка едноставно се докажува на жими мајка и на крајот тука е судијата кој ја срочува сочната пресуда. На судиите, пак, повеќе никој не треба да им сугерира како да ја одмерат правдата. Самите си знаат како да го држат кантарот.

А, шанси за докажување дека се лојални имаат колку што сакаaт. Пресметката покажува дека во изминатите две-три години, против членови на опозицијата биле поднесени триесетина тужби, а уште десетина се во најава. Но, да се вратиме на парите. Сите овие тужби тежат неверојатни 760 илјади евра. Односно, доколку политичарите од опозицијата ги изгубат судските случаи, толкав ќе биде финансискиот удар за партијата.

„Досега се исплатени над 36.000 евра, а останатите побарувања од тужбите кои се сè уште во тек се околу 730.000 евра“, појаснуваат од СДСМ.

Најголемото побарување за залечување на душевната болка го има премиерот Никола Груевски, кој од лидерот на опозицијата Зоран Заев бара неверојатни 500.000 евра. Премиерот го тужи Заев за јавното обвинување дека тој бил вмешан во наводната криминална продажба на „Македонска банка“. Овој случај не доби завршница во кривичниот суд, бидејќи обвинителството не виде криминал, но затоа случајот експресно се пресели во граѓанскиот суд. Епилогот на овој случај е можен уште наредната недела, бидејќи на 1 и 2 септември се закажани две рочишта. Тогаш се очекува во судот да се соочат Груевски и Заев и да ги изнесат аргументите.

На премиерот му се посреќи со тужбите, бидејќи не толку одамна на овој начин си „заработи“ 10.600 евра од Тито Петковски, кој, според одлуката на судот, го наклеветил Груевски дека бил спремен да го промени името на државата. Но, еврата сè уште не легнале на контото на премиерот, бидејќи како што ни објасни Петковски, тој ја оспорил пресудата пред Уставниот суд и поднел барање за одлагање на извршувањето.

ШИЛЕГОВ И МАКРАДУЛИ МАГНЕТИ ЗА ТУЖБИ

Рекордот во тужби, пак, засега го држи портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Тој, иако по професија е адвокат, сепак сè почесто се наоѓа од другата страна во судницата. Во моментот против него се активни четири тужби, а во најава има уште 12, од моќни бизнисмени во приватни компании.

Според првостепената пресуда, Шилегов на министерската Гордана Јанкулоска треба да ѝ исплати 8.130 евра, иако таа му бараше 16.000 евра или еден милион денари. Ако помисливте дека Шилегов е оштетениот во случајот, грешите, бидејќи судијката дури и му се смилува, па реши да му заштеди 8.000 евра. Можеше да биде многу полошо!

Министерката, пак, за неколку дена, колку што имаше рочишта, си ја заработи ова солена сума бидејќи ѝ била нанесена душевна болка од тврдењето на Шилегов дека на сомнителен начин ја зголемила својата имотна состојба. Штом се осмелил да се посомнева, има и да си плати. Не залудно министерката до судот достави и невропсихијатриско вештачење за да го докаже степенот на душевната болка. Тоа што неколку дена не можела да ги погледне блиските и соработниците в очи, дебело си го наплати.

По исти стапки тргна и нејзината колешка Елизабета Канческа- Милевска, која пресмета дека 16.000 евра се лек и за нејзината душевна болка, исто така нанесена од портпаролот на СДСМ. Министерката за култура, пак, ја повредиле зборовите дека треба да сноси одговорност за проектот „Скопје 2014“.

Не е јасно дали на функционерите од власта сумата од 16.000 евра им е среќна, ама вистинска коинциденција е што толкаво е и побарувањето на првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, од Шилегов. Тој, пак, се навредил од тврдењето на портпаролот дека самиот себеси ја продал фирмата во Прага. Шилегов вели дека може само да претпостави зошто тројцата владини функционери бараат идентична сума.

„Сè што е под еден милион денари очигледно е дека за нив е ситна сума. Па, затоа, за да се запазат стандардите, си бараат милионска отштета“, вели Шилегов.

Нешто поскромен, пак, бил уредникот во „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, кој на Шилегов му бара 11.000 евра. Ако Јанкулоска, Канческа-Милевска и Мијалков не открија што ќе си купат ако добијат отштета, Латас јавно се пофали. Додека гостуваше во една телевизиска емисија истакна дека парите ќе ги потрошел на нов џип.

Со четири тужби, и тоа правосилни, може да се „пофали“ и Јани Макрадули, кои вкупно го чинеле 5.500 евра, плус судски трошоци. Од овие пари, 3.500 евра завршиле во џебот на Мијалков, а остатокот кај министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

„Кога пресудите станаа правосилни, и средствата беа исплатени. За жал, не ми е познато на што ги потрошиле парите“, иронично додава Макрадули, кој објаснува дека за сите четири пресуди поднел претставка до Судот за човекови права во Стразбур.

„Засега немам добиено одговор, но очекувам позитивни резултати, како што завршиле и случаите на двајца шпански пратеници и еден португалски пратеник, за кои судот одлучил дека не се виновни, бидејќи јавниот интерес е пред сè, објаснува Макрадули.

БОНЕВА ЕДНАШ НАКЛЕВЕТИЛА ЗА 800, А ЕДНАШ ЗА 10.000 ЕВРА

Трипати на обвинителна клупа седнала и поранешната пратеничка Весна Бендевска. На генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, Бендевска, според информациите од СДСМ, му исплатила 800 евра, бидејќи на прес-конференција го наклеветила Божиновски дека примал плата во исто време и од Собранието и од Владата, и дека бил недостоен да ја извршува функцијата генерален секретар. Оваа казна е една од најмалите што му била изречена на обвинет за клевета.

Но, освен една од најмалите казни, Бендевска ја има добиено и една од најголемите парични казни за клевета. Таа на министерот Зоран Коњановски му исплати 10.000 евра. Судот одлучи дека за време на предизборната кампања во 2008 година го наклеветила тогашниот министер за одбрана дека во периодот кога бил директор на РЕК „Битола“ имало голем број хаварии, намалено производство и разни проблеми во работењето на компанијата.

Третиот тужител на Бендевска бил и поранешниот министер за финансии Трајко Славевски, но оваа тужба поради застареност не доби судски епилог.

Од контото на опозиционерите се одлеале и уште 7.800 евра, кои во два наврата им биле исплатени на функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Поранешниот пратеник од Струмица, Панче Орцев, на сограѓанинот и колега Васил Пишев му исплати 1.400 евра. Орцев го нападнал Пишев дека имал резервна татковина, Бугарија, и дека од таму се финансирал.

Истата сума, младата социјалдемократка Ивана Спасовска ѝ ја исплати  на Силвана Бонева. Опозиционерката Милка Георгиева, пак, на своите сограѓани од владејачката партија, Сашо Николов, Николчо Миовски и Мане Манев им „искешира“ 5.000 евра.

Исто парично обесштетување судот ѝ измери и на министерката за култура Канческа-Милевска. Клеветник во случајот беше поранешниот пратеник Игор Ивановски, кој се посомневал во чесноста на министерката, повторно поврзана за проектот „Скопје 2014“. Ивановски сè уште не ги исплатил средствата бидејќи судот не му ја доставил пресудата.

Покрај правосилните пресуди, кои речиси по правило се во полза на тужителите, кои, пак, сосема случајно се од редовите на владејачката партија, во тек се уште десетина процеси. И тука се вртат илјадници евра, пари кои обичниот македонски граѓанин не може да ги заработи за целиот животен век, за разлика од нивните избраници, кои ова материјално богатство го добиваат за неколку дена без една капка пот. Освен, се разбира, со разболена душа која, нели, повеќе боли од онаа на „обичните смртници“, кои не добиваат никакво обесштетување за нивниот живот, проследен со секојдневно душевно растројство.

Но, да се вратиме повторно на милионот. Токму толку, или претворено во евра, 16.000, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, му бара на советникот во општината Сашо Тодоровски. Илјада евра помалку, пак, е побарувањето на битолскиот градоначалник Владимир Талевски, кој бил наклеветен од Васко Ковачевски. Толкав е лекот и за душевната болка на Љубисав Иванов–Ѕинго, што наводно му ја нанел Јован Манасиевски.

Со многу понескромни барања се тужителите на Магдалена Несторовска, од која Стевче Јакимовски бара 50.000 евра, Општина Карпош 30.000 евра и фирмата „Линк медија“ 20.000 евра.

Покрај политичарите од владејачката партија, меѓу тужителите е и синдикалецот Живко Митревски, кој од Мила Царовска бара, ни повеќе ни помалку, туку округли 10.000 евра.

Со закана од тужба, пак, се соочи и шефот на кабинетот на Заев, Љупчо Николовски, и тоа од неговиот сограѓанин, градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.

ЌЕ СЕ ОСМЕЛИ ЛИ НЕКОЈ СУДИЈА ДА ДОСУДИ 1 ЕВРО!?

Од Основниот суд Скопје 2, под чија капа се тужбите за навреда и клевета, не ни одговорија колку предмети регистрирале од оваа област и колку од нив се правосилни. Според податоците на Здружението на новинари на Македонија, регистрирани се околу 300 активни тужби, од кои само мал дел се правосилни.

Очигледно е дека декриминализацијата на клеветата и навредата не ги даде очекуваните резултати. Посочените примери сведочат дека наместо демотивирање, тужибабите се сè повеќе мотивирани да поднесуваат тужби, бидејќи доаѓаат до лесна и брза заработувачка, без разлика дали средствата ќе завршат во нивниот џеб или, пак, ќе ги донираат за матичната партија.

Ако до неодамна тренд им беше на овој начин да ги замолчат, па дури и да ги затворат критичките медиуми, сега истиот метод го користат и за замолчување и за уништување на опозицијата. Она што е очигледно е дека буџетот на опозицијата се топи, и тоа со брзина на светлината. И Заев на првото рочиште забележа дека побараните 500.000 евра имаа сосема друга цел, а не лечење на душевна болка.

„Ако интенцијата на премиерот е да докаже нешто, требало да побара едно евро. Зошто бара 500.000 евра, вие новинарите проценете, но и јавноста“, истакна Заев.

Нема да се шокираме или изненадиме доколку и овој процес заврши во полза на премиерот. Можеби нема да му биде досудена, до евро, бараната вртоглава сума, но како и да е, се очекува да го наполни џебот, без разлика дали неговиот или партискиот.

Сепак, она што загрижува е тоа што речиси сите челни луѓе на владејачката партија се пожалиле на душевна болка. Дел тоа го потврдуваат и со невропсихијатриско вештачење, а дел со личен исказ пред судот. Пред целата македонска јавност признаваат дека се со кревко здравје, со разнишана самодоверба и анксиозност, и тоа само за да дојдат до некое евро плус.

Тука нема дилема. Да не беше за пари, ќе бараа од судот само да го исчисти нивниот образ. Вака, од судот си заминуваат и со валкан образ, но и со валкани пари. А, со валкана тога си заминуваат судиите кои, внесени во додворувањето на власта, се дрзнуваат да заклучат дека душата на функционерите болела повеќе од онаа на „обичните смртници“, па затоа и се наплаќала поскапо?!

Сума сумарум, народот е оној што останува и без пари и без душа.

АРХИВА Само Хорхе е капитална инвестиција на Сорос

$
0
0

Текстот е објавен на 19 септември 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 989

Нашата толпа медиумски драскачи, деновиве удри хорски тажаленки, демек, колку само проекти од капитално значење можеле да се изградат со парите што Сорос ги вложил во Македонија за слобода на медиуми. Сепак, соросовата фондација има барем една капитална инвестиција – Ѓорге Иванов. Човекот си бил член на Управниот одбор, па троа капела паричка. Толпата новинарски драскачи нека истражи колку зел, а потоа нека ги претвори доларите во капитални објекти. А да беше фондацијата Сорос како АЕК, според нивниот есап барем, ќе изградеше дури 92 панорамски тркала низ државава за 22 години!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Четврток, 11/09/2014
ТОЛПА МЕДИУМСКИ ДРАСКАЧИ

Читајќи ги мемоарите на Шарл де Гол, открив еден прекрасен опис, кој е ептен адекватен на денешницава што ја креира преродбеничкиот корпус. Опишувајќи ги погромите што ги правел режимот на Петен кон француските граѓани со поинаков светоглед, францускиот генерал ја скенира и улогата што ја имале режимските новинари, стимулирајќи и поддржувајќи ги ваквите смртоносни хајки. Се разбира, тие само сладострасно ги извршувале наредбите од врвот. Оваа групировка, Де Гол ја нарекува „толпата новинарски драскачи“.

Е нашата толпа медиумски драскачи, деновиве уште еднаш силно се зададе кон „раскринкување“ на соросовата фондација. Онака групно во толпа, со безмалку исти наслови, обнародија дека од 1992 до денес биле изарчени 92 милиони евра! Во толпа се разиграа Нетпрес, Прес 24, Пулс 24, Денешен, Лидер, Курир, Република сосе ТВ-пакет аранжманот на Сител и Канал 5.

И се наежив и троа се разнежнив од тажаленките, демек, колку само проекти од капитално значење можеле со тие пари да се изградат! Ама и се израдував што срцкиве драскачки конечно „укапирале“ дека капитални проекти се градење автопатишта, училишта и инвестиции во енергетските потенцијали. Во таа графа не ги вклопија разни лаѓи, вртелешки и слични капиталци од Грујово доба. Што е прогрес! А не ме изненадува што толку се сакалдисаа што Сорос троши свои пари за „душмански“ намени, како слобода на медиуми. За еден драскач ова зборче нема значење.

Со вакви педантни математички вештини, ем завидни познавања на сите Грујови инвестиции, ги замолувам, како што се грижат за туѓи пари, да сторат троа напор и да пресметаат. На пример, од парите што ги добиваат од владините реклами, од НАРОДНИТЕ ПАРИ, колку капитални проекти сме пропуштиле. Еве, да земам компаративно на соросовите, парите што на ДПМНЕ ги даваат Сител и Канал 5 како донација за избори, колку автопатишта ќе изграделе.

Се разбира, целта на овие дрндупки е да нѐ дефокусираат од сулудиот арч на буџетските денари. И како што и предвидував, следуваше втор дел, хорско пеење со гуслачка поддршка – демек, оние што земале пари од Сорос веќе 5 дена ја игнорираат темата. Аууу, тие би да ни диктираат теми!? Нека наредат и кого да спружиме на насловна!?

Сепак, мислам дека соросовата фондација има барем една капитална инвестиција – Ѓорге Иванов. Човекот си бил член на Управниот одбор, па троа капела паричка. Толпата новинарски драскачи нека истражи колку зел, а потоа нека ги претвори доларите во капитални објекти.

Барем да беше фондацијата Сорос како АЕК, барем според нивниот есап, ќе изградеше дури 92 панорамски тркала низ државава за 22 години! Каква национална штета!!!

Петок, 12/09/2014
ТОП ГЕРМАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА

Конзервативецот Конрад Аденауер, канцелар на Германија од 1949 до 1963 година, германската јавност во 2003 година го избра за „Најголем Германец на сите времиња“. Му се восхитуваат дека воспоставил стабилна демократија во поразената Хитлерова Германија, трајно помирување со Франција, генерално преориентирање кон Западот. Демохристијаните од ЦДУ имаат и фондација што го носи неговото име, која од 2000 година има канцеларија во Скопје. И инвестираше бајаги во дпмневците на Груевски.

Со оглед на тоа што Фондацијата има декларативни барем заложби за демократија, владеење на право и човекови права, се прашувам: дали оваа фондација смета дека препороденото ДПМНЕ, според резултатите, им е од калибарот капитални инвестиции!? Драскаџиите нека пресметаат колку „Конрад Аденауер“ вложила во ДПМНЕ, а можела да нѐ усреќи со капитални проекти. Ако не знаат, нека прашаат во стожерот!

Сабота, 13/09/2014
И ОБСЕ ПАМЕТНО ИНВЕСТИРА!?

Како совесен возач кој се грижи за безбедноста во сообраќајот, од дечките на Јанкулоска добив приврзоче, на едната страна симболот МВР, на другата брендот на ОБСЕ. И троа се збунив! Владината кампања за безбедност во сообраќајот, согласно непишаниот закон, нели, нема да ја има на страниците на „Фокус“. Знаете, нашите читатели имаат безбедносна култура, тие си врзуваат појаси и такви мити работи. Што и јас го докажав на дело.  И добив награда- привезоче.

Арно ама, ми остана енигмата за ОБСЕ, кој ми го краси приврзокот за клучеви, во тандем со МВР-то!? Зашто, нели, креваа глас за селективноста на владините реклами! И потоа ќе нѐ жалат што рекламерството има чудни критериуми!?

Недела, 14/09/2014
НАЈДОБРА АМЕРИКАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА

Славица Арсова, ем уредник во ТВ Сител, ем главен уредник на порталот Прес 24, ем води емисија на ултра провладинито радио Слободна Македонија, ја прогласувам за најдобрата американска инвестиција во медиумската македонска сцена. Ем ја финансираа на обука во САД околу 9 месеци, ем ја помогнаа финансиски за порталот. Гледајќи ја на интервјуто на Сител вестите со премиерот Груевски, поднаучив и јас малку од американските „инвестициски“ искуства.

Ете, Арсова не најде простор на вестите за штрајкот на СОНК, ама си го праша премиерот за веста што не е вест. Ем го здрма со прашање од калибарот на тешка артилерија, во стилот: како се решивте на кампањата за безбедноста во сообраќајот!? Се стаписав што ли ќе одговори премиерот!

Алал да им е инвестицијата на Американциве!

Понеделник, 15/09/2014
АЕРОДРОМСКА ПАТРИОТИЧЕСКА ИНВЕСТИЦИЈА

Децата од училиштата во Општина Аеродром, секој понеделник ќе ја пејат македонската химна. Ете како се инвестира во патриотизам, и тоа беспари. Ме трогна дека сите анкетирани родители беа восхитени од аеродромскиот општински декрет – децата да си ја знаат химната.

Како малку забегана, влезена во патриотски филм, имам амандмани. Еднаш неделно е малку. Да се донесе закон по скратена постапка, каде што сите семејства точно во 7 часот наутро, секој ден, ќе мора семејно да ја испеат химната. Пред ручек, пак, да го пејат ама и да го изиграат „Пајдушкото“ – ем ги јакне семејните конекции, ем е забавно. Пред спиење, законот да одреди во колку часот – на пример 22.30, да биде обавезателна семејната пејачко-играчка сеанса со „Тешкото“. Оти не ни е лесно… а за лесен сон!

Вторник, 16/09/2014
ИМА РАЗЛИКА

Владејачката партија континуирано инвестира во експертски кадар. Тамам еден контингент ќе заврши работа одреден временски период во одбрана на ликот и делата на пастирот и неговите политики, кога, беља работа, ќе ги испратат сургун – низ амбасадите наши по светот.

Но, друго ми беше поентата. Го следев Владо Поповски во расправата во МАНУ за уставните амандмани, ем на Нова ТВ за Ќосето и други споменични сеанси и ликови од историјата. И професорот искажа и поинакви ставови од партијата чии бои ги брани во советот на град Скопје. Се присетив и на Бранислав Саркањац, исто така советник во Градот, ама за разлика од Поповски секогаш десничарски настроен, кој, пак, и не се сеќавам да го имало во јавноста. Овие двајца не ја преминуваат црвената линија, после која стануваш циркузант-експертутка.

Е сега, ставете ги Поповски и Саркањац  наспроти Каракамишева и Боцевски! Има разлика, и тоа драстична! Ама кои мислите дека се поисплатлива партиска инвестиција!?

Среда, 17/09/2014
ДРАСКАЧКИ ИНВЕСТИЦИСКИ СОН

Согласно традициите, кога груевци ќе наумат нешто, првин оставаат теренот да го изораат новинарските драскачи. Откако ќе го препарираат јавното мислење за злото што ја уништува Македонија, потоа следуваат законски или владини мерки по скратена постапка. А веќе неколку години соросовата фондација и Владе Милчин им се ноќен кошмар. И што е заднината на драскачкиот инвестициски сон. Ги наредија медиумите што добиле грантови од клетата соросова фондација. Редоследот беше следен: Плус инфо, Либертас, Бриф, А1 он, Телма, Слободен печат и неделникот Фокус.

Значи, да не бил Сорос, ќе ги немало тие медиуми. А замислете колку ќе беше убава живејачката на оваа античка почва да ги нема овие медиумски мрсници! „Остварувајте“- Ви се може… А што после!?

АРХИВА За шефот на тајната полиција не смее да се пишува јавно!

$
0
0

Текстот е објавен на трети октомври 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 991

Откако пред девет месеци Основниот суд Скопје 2 му ја одмери казната на дневен „Фокус“, за написите поврзани со првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, по сведочењето на поранешниот амбасадор во Прага, Игор Илиевски, сега се огласи и Апелациониот суд.

„Фокус“ има да плати, и тоа „солено“, над 9.000 евра, зашто не знаел дека информациите што ги добивал за јавниот функционер Мијалков не се од јавен интерес?! Од јавен интерес за судот не е и мистериозното исчезнување на Илиевски по објавените написи, бидејќи луѓе секојдневно исчезнувале!?

Пишувала
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Ретко кој имал можност да му го слушне гласот на првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, но и како таков, молчалив и таинствен, во јавноста преовладува чувството дека тој е еден од најмоќните и највлијателните функционери во државата. А, некои дури му придаваат и поголема моќ од онаа што е во рацете на неговиот братучед, премиерот Никола Груевски. Или, што би рекол народот, „тој пали, тој и гаси“.

Но, и покрај неговиот имиџ на „цврста рака во власта“, сепак шефот на тајната служба, колку и да звучи контрадикторно, има и „кревка“ душа, бидејќи сѐ почесто тужи за клевета и навреда, поради претрпена душевна болка од јавно изречен збор.

Гласот никогаш не му го слушнаа, барем не во судница, ниту судиите кои одлучуваа по неговите тужби, но тоа не ги спречуваше да пресудат во негова корист. Така, досега трипати го тужеше Јани Макрадули, и го победи, еднаш новинарот Љубиша Арсиќ, го тужи и Петре Шилегов, а деновиве ја однесе и „победата“ против „Фокус“ и поранешниот амбасадор во Чешка, Игор Илиевски. Ќе си земеме за слобода да додадеме дека победата му е само финансиска, зашто со оваа одлука треба да го наполни џебот со околу 20.000 евра, но не и морална. А, моралот и да сака не може да влезе во џебот. Нема место.

РОК ОД 15 ДЕНА ЗА ФИНАНСИСКО ЗАЛЕЧУВАЊЕ НА ДУШАТА

На крајот на декември 2013 година, Основниот суд Скопје 2, поточно судијката Јованка Спировска-Панева донесе пресуда со која, уредничката на веќе згаснатиот дневен „Фокус“, Јадранка Костова е казнета со 5.000 евра, новинарот Владо Апостолов со 1.000 евра, а уредникот и новинарот треба да ги надоместат и судските трошоци на адвокатот на Мијалков, Антонио Апостолски, во вредност од 3.312 евра.

Во судскиот процес обвинет беше и поранешниот амбасадор на Македонија во Чешка, Илиевски, кој, пак, на Мијалков, исто така треба да му плати 10.000 евра, а на оваа сума се додаваат и приближно 1.000 евра за судски трошоци. Оваа пресуда, по девет месеци, ја аминува и Апелациониот суд, по чија одлука веќе стана правосилна. Потписник на пресудата е претседателот на советот, судијката Лидија Димчевска, а членови на советот биле судиите Станка Зафировска и Енвер Беџети.

„Клеветничките“ два текста што му предизвикале тешки душевни болки на Мијалков беа објавени во дневниот „Фокус“, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков. Го обвинуваше и дека бил нем набљудувач на четирите закани по неговиот живот и три закани со бомба на амбасадата, како и дека не му помогнал во враќањето на неговиот син, кој наводно бил киднапиран од неговата поранешна сопруга и некој чешки адвокат.

Иако неколкупати беше побарано, Мијалков не одговараше на прашањата на „Фокус“ во кои се бараше негов коментар за обвинувањата.

Сега тужените имаат рок од 15 дена да ги исплатат парите, инаку им се заканува присилно извршување. Поднесувањето вонреден правен лек до Врховниот суд не го запира извршувањето на оваа одлука, па така парите ќе треба што поскоро да легнат на сметката на Мијалков.

ПОСТАПУВАЊЕТО НА МИЈАЛКОВ НЕ БИЛО ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС

За Апелациониот суд, како и за првостепениот, биле спорни три работи. Судовите утврдиле дека новинарот немало потреба да пишува за личното сведоштво на ексамбасадорот, во кое главна улога има шефот на тајната полиција, бидејќи информациите што биле пласирани, според нив, ниту биле од јавен интерес, ниту, пак, предизвикале или можеле да предизвикаат дебата за некое прашање од јавен интерес?! Па, така, според судот не е од јавен интерес доколку амбасадор се пожали дека се плаши за сопствениот живот, а потоа, откако ќе исчезне, како што тоа се случи со Илиевски, никој не треба да се интересира за тоа, каде е и дали е жив и здрав.

Понатаму, судот тврди дека на изворот не требало да му се верува, бидејќи иако бил поставен за амбасадор од владејачката гарнитура, сепак имал семејни проблеми, што според судиите го прави несериозен?!

„Тужените не само што не ги провериле информациите што ги објавиле, туку по оцена на овој суд, го занемариле и битниот факт дека тужениот Илиевски како физичко лице имал лични семејни проблеми и пратил имејл со наведената содржина за тој да се објави во негов личен интерес, очигледно за решавање на семејниот проблем…“, се наведува во пресудата на Апелациониот суд.

Ова, според мислењето на судиите, значи дека во иднина секој новинар најпрвин треба да се распраша за приватниот и семеен живот на соговорниците, на увид да го добие нивниот здравствен картон, па доколку се утврди дека се во среќен брак и здрави како дрен, само тогаш да објави нивна изјава.

Судиите посочуваат и дека не бил исполнет и третиот услов, а тоа е дека новинарот и уредникот не постапувале според професионалните стандарди, бидејќи не истражиле доволно и не собрале докази.

Тука нема многу да коментираме, туку само ќе потсетиме дека со години судот не можел да добие исказ од Мијалков како странка во неколку тужби, но затоа очекува новинарите редовно да го контактираат. Ако недостапноста на функционерот за јавноста, според судиите значи и алиби да не се напише ниту збор за него, тогаш им признаваме, тие се во право!

Ваквото образложение на второстепениот суд е неприфатливо за адвокатот на тужените, Тале Арсов, кој истакнува дека без да навлегува во оценка на вистинитоста на изјавата од поранешниот македонски амбасадор во Чешка, Илиевски, смета дека второстепениот суд неправилно ги ценел посебните законски основи кои ја исклучуваат граѓанската одговорност на тужените.

ЧОВЕК ШТО ИМА СЕМЕЈНИ ПРОБЛЕМИ НЕ Е ВЕРОДОСТОЕН ИЗВОР?!

Според Арсов, со текстот се покренуваат прашања од јавен интерес, бидејќи функцијата директор на УБК е од највисок јавен интерес. Исто така, тој објаснува дека воопшто не се доведува во прашање сериозноста на изворот, бидејќи станува збор за изјави на поранешен амбасадор, а биле запазени и професионалните стандарди бидејќи новинарот побарал мислење и направил истражување прибирајќи одлуки од Основниот суд Скопје 2 околу родителското право на поранешниот амбасадор.

„Второстепениот суд сметал дека ниту еден од овие три услови не се исполнети за да се исклучи граѓанската одговорност на тужените, особено ја потенцира сериозноста на изворот кој бил поранешен амбасадор со лични семејни проблеми. Според Апелација, тужените како новинари го занемариле „битниот“ факт дека поранешниот амбасадор – тужен Игор Илиевски како физичко лице имал лични семејни проблеми и праќал имејлови за нивно решавање. Овие аргументи воопшто не се битни, ниту ја намалуваат сериозноста на изворот и немаат логика“, вели адвокатот Арсов, кој додава дека во второстепената пресуда не се ценети сите жалбени наводи, а оние кои биле ценети, се образложени со контрадикторни и нелогични аргументи, што е добра основа за ревизија пред Врховниот суд.

Тој објаснува дека доколку овие аргументи поминат во Врховниот суд, оваа пресуда ќе биде пример за поставување нови стандарди во новинарството.

„Пред секое интервју изворот да пополни прашалник, да даде заклетва или медицинско уверение дека психички и ментално е стабилен и нема проблеми со семејството, НОН СЕНС! Само за споредба, тоа што поранешниот амбасадор за судот е несериозен извор, мас-медиумите во јавноста пласираат „експертски“ мислења од лица – поранешни амбасадори!“, заклучува Арсов.

Пред Илиевски да стане недостапен за јавноста, тој во своите дописи до „Фокус“ објаснуваше дека се вработил во МНР благодарение на претседателот Борис Трајковски, а во Чешка бил пратен со указ на неговиот наследник Бранко Црвенковски, додека цело време ја почитувал и ја продолжувал „визионерската политика на Киро Глигоров“.

И како што вели Илиевски, на 13 февруари 2011 година, актуелниот претседател Ѓорге Иванов му доделил пофалница за неговите достигнувања.

Тој го објасни и своето потекло. Татко му Миле работел како советник во Службата за државна безбедност (СДБ), а потоа починал под крајно мистериозни околности. Неговата мајка, Магдалена, пак, била заменик-претседател на ОК Центар на ВМРО-ДПМНЕ за време на првите повеќепартиски избори.

 

КОГА СЕ ДЕЛАТ КАЗНИ, „ФОКУС“ Е ПРВ, А ЗА РЕКЛАМИ ПОСЛЕДЕН

Покрај сите овие „аргументи“ на судот, за адвокатот Арсов, спорна

е и висината на досудената нематеријална штета од 6.000 евра која новинарите Костова и Апостолов треба да ја исплатат, а за која Апелација смета дека е справедлив паричен надомест за повредата на личните права на тужителот, кој соодветствувал на карактерот и природата на навредата.

Ако се земе предвид просечната плата на новинарите во Македонија, минусирано со трошоците на животот, тоа е паричен износ што ретко кој новинар може да го заработи годишно, а не, пак, да го исплати, со тоа практично сте му ја запечатиле судбината на новинарот, за каква справедливост може да стане збор? Овие факти се важни затоа што Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета предвидува при одредување на износот на паричното обесштетување судот облигаторно да ја земе предвид имотната состојба на тужените“, вели Арсов.

Нејасно е како судот успеал да измери со колку средства ќе успее да му ја залечи душевната болка на оштетениот, бидејќи до него не беше доставено психијатриско вештачење, ниту, пак, Мијалков се појави за да сведочи.

Иако во жалбата поднесена до Апелација, адвокатот Апостолски се повикуваше на психијатриско вештачење, сепак, претпоставуваме дека станува збор за грешка, бидејќи во пресудата на Апелација јасно се наведува дека вакво вештачење не било изготвено, зашто според нив не било ниту потребно. Според судот, надоместокот во конкретниот случај е одреден поради повреда на личните права, потенцирајќи дека не станувало збор за повреда од медицински карактер.

Висината на надоместокот во пресудата го правдаат и со фактот што „Фокус“ бил печатен медиум достапен на широката јавност, но по сѐ изгледа дека овој критериум важи само кога му се суди. Кога, пак, се одлучува во кои медиуми ќе се слеат владините пари за реклами, тогаш од најтиражен, станува најслабо продаван весник.

КАДЕ ИСЧЕЗНА ЕКСАМБАСАДОРОТ ИЛИЕВСКИ?

За проблемите на Илиевски јавноста првпат разбра на 17 октомври 2012 година, кога тој излезе на прес-конференција во еден прашки хотел и, како што самиот подоцна објасни, настапил како приватно лице, а не како дипломат.

Алармираше дека неговиот две и полмесечен син му го одзела сопругата, која, инаку, била по потекло од Шпанија. Наводно, во тоа ѝ помогнала некоја адвокатска канцеларија од Прага заедно со приватна агенција за обезбедување, а Илиевски спомна дека имало и физичко насилство.

Три дена подоцна, тогаш сè уште како амбасадор, Илиевски испрати допис до медиумите во кој вели дека било ризично што излегол во јавност и оти бил подготвен да се соочи со сите евентуални последици доколку некому му наштетил, некого засрамил или ако нарушил нечиј углед.

Десет дена по неговото второ обраќање, на МИА осамна вест дека мандатот на Илиевски завршил.

Следните два месеца немаше никаква информација за ексамбасадорот, сè додека тој јавно не настапи преку „Фокус“, а во истиот момент и скопски „Вест“ на насловната страница објави дека, според неофицијални информации, Илиевски пребегал во Полска и побарал азил.

Од објавените „спорни“ текстови поминаа речиси две години, а толкав временски период немаше трага од поранешниот амбасадор во Чешка, Илиевски. За време на судскиот процес против „Фокус“, адвокатот на Мијалков мудро сугерираше дека можеби Илиевски отишол во манастир, додека судијката аргументираше оти не е чудно ако човекот го нема, зашто луѓето постојано исчезнувале.

Илиевски не беше достапен ниту за судот и не присуствуваше на ниедно од рочиштата, му доделија адвокат по службена должност, кој, исто така, не размени два реда муабет со ексамбасадорот. „Фокус“ со Илиевски комуницираше исклучиво преку имејл, и тоа продолжи во текот на речиси целата 2013 година, меѓутоа непосредно пред последното рочиште, некаде во декември лани, од него се изгуби трагата и на интернет.

По една година, „Фокус“, во вторникот, повторно стапи во контакт со Илиевски, бидејќи ни одговори на нашата имејл-порака. Не сакаше да открие во која земја престојува, коментирајќи дека за тоа сѐ уште не е дојдено време.

„Легално престојувам во земја која ги почитува и имплементира правилата на Интерпол. Во земја која ја почитува Виенската конвенција за дипломатски односи, во земја која препознава тероризам“, вели Илиевски, кој додава дека можеби ќе престане да се крие кога ќе се реши случајот со киднапирањето на неговиот син.

„Кога ќе заврши сѐ, најверојатно ќе бидам во состојба повторно јавно да зборувам“, заклучува Илиевски.

Очигледно е дека никој во државата не го бара поранешниот амбасадор, или, пак, се обидува да му помогне во потрагата по неговиот син, а со ваквите судски одлуки се прави обид да се замолчат и тие што досега го барале.

Според логиката на судот, луѓе секојдневно исчезнуваат, а според онаа на власта, секој има право слободно да се движи, сѐ додека ја држи устата затворена.

ЗНМ: СУДОТ ГИ ОДВРАЌА НОВИНАРИТЕ ДА ПИШУВААТ ЗА ВЛАСТА

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осуди одлуката на Апелацискиот суд, со која се потврдува осудителната пресуда за „Фокус“.

„Сметаме дека одлуката на судиите Димчевска, Зафировска и Беџети сериозно ја прекршува слободата на изразувањето и ги одвраќа новинарите да пишуваат за евентуални злоупотреби на власта. Изречените надоместоци за нематеријална штета се превисоки и непропорционални на стандардот на македонските новинари. Судот воведува неприфатлива практика новинари да се осудат за клевета заради пренесена изјава. Ако новинарите ги проверуваат фактите на секоја изјава, како што бара судот, тогаш најголем дел од изјавите на јавни личности, не треба да се објавуваат“, потенцираат од ЗНМ.

Од новинарската асоцијација додаваат дека е апсурдно тврдењето на судот дека изјавата на Илиевски против Мијалков не е прашање од јавен интерес затоа што не се однесувала на начинот на кој тој ја извршувал функцијата.

„Илиевски во објавениот текст го обвинува директорот на УБК за злоупотреба на службена должност, што е прашање од врвен јавен интерес. Чудна е констатацијата на судот дека изјавата на поранешниот амбасадор не може да се третира како сериозен извор. Ако е тоа така, тогаш јавноста има право да знае како Илиевски воопшто станал амбасадор“, велат од ЗНМ, од каде што заклучуваат дека со овој судски процес директорот на УБК Мијалков ја игнорира препораката на Френк Ла Ру, специјален известувач за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување на Обединетите нации, кој во последниот извештај за Македонија порачува државните функционери и политичкиот врв да се воздржат од поднесување судски тужби против новинари.

СУДОТ ЈА ПРИФАТИ ТУЖБАТА НА МИЈАЛКОВ БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ И АДРЕСА

Кога на 8 јануари 2013 година, полномошникот на Мијалков, адвокатот Апостолски ја поднесе тужбата против новинарот и уредничката на „Фокус“, таа во судот била примена без матичен број и адреса на тужителот, што ја прави правно неиздржана. Иако на ова реагираше адвокатот Арсов, Апелациониот суд утврдил дека нема ништо спорно бидејќи истиот ден, ама малку подоцна, полномошникот на тужителот го уредил тужбеното барање. И покрај корекцијата, тужените примија тужба без личните податоци на Мијалков. Тие бараа тужбата уште на самиот старт да се отфрли како неуредна, но судот им го одби барањето.

Viewing all 787 articles
Browse latest View live