Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all 787 articles
Browse latest View live

АРХИВА Фокус открива: Каква бомба ќе активира Заев?

$
0
0

Текстот е објавен на 10 октомври, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 992

Пишувал Зоран ДИМИТРОВСКИ

Препораката од Европската унија со серијата задачи што Македонија треба да ги заврши ако сака да напредува на патот кон Брисел, е само календарски увод во разрешницата на политичките мистерии што изминативе неколку седмици се множат во јавноста и се закануваат да ја скројат иднината на Македонија.

Лидерот на СДСМ спектакуларно најави дека премиерот Груевски посрамен, во рок од три дена ќе си поднесе оставка, штом ќе тој го соочи со доказите што ги има, но, сепак, стравува дека тоа нема да биде добро за државата. Букефалистите, односно истурените антички пера на власта, сериозно го предупредија Груевски да не си игра со оган, откако обнародија оти пастирот наскоро би можел да подлегне на притисокот однадвор и да се обиде да протурка решение на спорот за името наводно по волја на Атина!?

Што се крие зад овие тајни на СДСМ и ДПМНЕ и каква иднина ја очекува Македонија во нивната светлина – разрешница на политичката криза, враќање на СДСМ во парламентот, делумни избори за пратеници, нови предвремени парламентарни избори или можеби нова политичка и/или меѓуетничка криза? Навистина, драматичните најави за идните случувања навестуваат неизвесна, бурна политичка есен-зима, чиј крај е непредвидлив. Но, да тргнеме со ред.

„ШПИОН 2“ ЗА ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА

Веќе подолго време режимот на Груевски се обидува да упати јасни сигнали во јавноста оти обвинувањата за предавство, одработување за грчките интереси и слично, кои власта редовно му ги упатува на лидерот на СДСМ и политичката дружина околу него, наводно не се без поткрепа. Доказите за тоа, според ДПМНЕ, лежат во фактот што тој често и сомнително патувал во Грција, арно ама тајната служба на државата – помно го следи! Така, во „Дневник“ летово осамнаа „шокантни“ докази – фотографии од кои може да се види оти Заев грчката граница ја преминувал пеш. Само малоумните можеа да поверуваат оти тие „откритија“ се резултат на некакво новинарско истражување. Напротив, тајната служба на братучедите преку овој текст сакаше да и упати директна порака на јавноста дека Заев е под присмотра зашто наводно е шпион! Згора на тоа, „Канал 5“ обнароди и оти снимката за случајот „Македонска банка“, разговорот меѓу Ден Дончев, пастирот и газда Нини за кешот, всушност била монтирана во грчките разузнавачки лаборатории.!? Сето ова требаше да сугерира оти „предавникот Заев“ бил шпион на атињаните, кој патувал тајно во Грција за да го земе наводно фабрикуваното цеде, со кое ќе се обиде да изврши политички атентат меѓу два изборни круга, против легално и легитимно избраниот македонски премиер. А сето тоа се разбира заради промена на името.

Целата таа медиумска харанга, која го придружи скандалозниот судски процес за клевета против Заев, своите рогови си ги покажа дури минатата недела. Лидерот на СДСМ во ТВ интервју јавно сугерираше оти има докази дека за време на изборите бил следен и прислушуван од безбедносните служби, како што рече, како брат Љубе, сакајќи да каже оти тоа власта не го правела тајно, туку официјално отворила предмет со основано сомнение за кривично дело од најтежок вид за што очигледно постоел и судски налог. Со оглед на тоа дека е малку веројатно оти Заев бил осомничен за шверцување дрога, оружје, бели робје или мигранти, јасно е, ако има судски налог, оти државата подготвувала процес „Шпион 2“ против лидерот на опозицијата, за некаков заговор против државата, велепредавство и слично!? Единствено што не е јасно во овој миг е дали случајот против Заев, ДПМНЕ и нејзините партиска полиција, суд и обвинителство, имале намера да го процесуираат веднаш по изборите, а потоа се откажале или, пак, сѐ е одложено за погоден миг, односно можеби допрва имаат намера да го пикнат лидерот на опозицијата зад решетки!? Како и да е, таквиот политички процес е без преседан во Европа, примерен само на режимите на Лукашенко и Ердоган. Дури ниту Путин не се дрзнува да отвора процеси за заговор против државата против опозициските лидери, па им измислува „финансиски криминал“ за да ги прогонува и затвора.

МАЧО-ТАКТИКА

Но, Заев и СДСМ очигледно се решиле мачоистички да одговорат на овој сомнабулен полициски терор од режимот. Од тие причини, лидерот на опозицијата и неговите политички соработници во изминативе неколку месеци сѐ почесто јавно ѝ упатуваат пораки на власта оти ќе ја изрезилат со документи за нови афери кои ќе ги обнародат, дека располагаат со докази за криминал со кои ќе го разобличат режимот и фамилијата, ќе го документираат политичкиот прогон на опозицијата итн.

Сепак, можеби токму поради грешките во чекори при пласирањето на аферата „Македонска банка“ и нереалните очекувања за политичкиот ефект на фамозната снимка врз изборите, Заев сега реши малку да „дува на јогурт“ и очигледно калкулира и со тајмингот и со начинот на активирање и дозирање на информативната „бомба“. Притоа, на сличен начин како што тоа го прави власта, со демонстрација на моќ и политички дисквалификации на противникот, и тој и луѓето околу него го креваат адреналинот во јавноста, говорејќи со јазикот и аргументите на силата, додека не се осигураат дека ќе можат да постигнат успех со силата на аргументите. Токму така, самоуверено и заканувачки звучат фразите „имаме начин да го натераме Груевски да се согласи на формирање техничка влада и предвремени парламентарни избори“, „Посрамен, Груевски за три дена ќе си поднесе оставка…“ и слични наводи според кои водството на опозицијата сака да ја увери јавноста оти многу скоро, за некој месец, де, Груевски веќе нема да биде премиер на Македонија!

Информациите за природата на „бомбата“ веќе кружат во подземните политички кругови, особено во новинарските и во дипломатските кулаори, но сѐ додека не видиме црно на бело, останува да рационализираме што навистина можеме да очекуваме од Заев и на каков одговор можеме да се надеваме од власта.

Притоа, да потсетиме дека уште за време на парламентарните избори, кои опозицијата ги прогласи за нерегуларни, недемократски и нефер, Заев и дружината најавија цврсти докази за изборниот фалсификат, факти за тоа како е договарано местењето на изборите. Опозицијата постојано повторуваше – ќе го докажеме и ќе го документираме изборниот криминал на Груевски! Иако јавноста виде дел од доказите на СДСМ, факт е оти медиумската машинерија на власта ги забошоти и ги релативизираше, така што вистината за тоа очигледно допрва подетално и потемелно ќе се разоткрива.

ШТО МОЖЕ ДА ГО ЗАСРАМИ ПАСТИРОТ?

Арно ама, Заев со својата храброст и врева сега дополнително ги подгрева очекувањата, па јавноста од СДСМ очекува афера за криминал во врвовите на власта многу потазе и многу поачик од оној во „Македонска банка“ и барем исто онолку драматичен колку и „Големото уво“ што своевремено го откри Бранко Црвенковски. Значи, нема да биде доволно откритието оти режимот го следел и прислушувал Зоран Заев за време на изборите, иако и тоа само по себе е скандал пар екселанс. Навистина, власта има моќ и располага со механизми да релативизира дури и афера со димензии на „Големото уво“ и да ја доведе во прашање нејзината веродостојност, како и снимката за случајот „Македонска банка“. Впрочем, на сличен начин ДПМНЕ во времето на Георгиевски го обвини СДСМ дека партијата прислушувала со паралелен систем и техника! Затоа овојпат ќе биде важна содржината на откритијата, а не, на пример, кој, кого и во која пригода следел или прислушувал. Ќе бидат важни доказите, аудио, видеоснимките, документите, сведоштвата за договарање изборни местенки, за криминални зделки, за корупција на владиниот и партискиот врв… И ќе биде уште поважно тие да бидат јасни, недвосмислени и неотповикливи!

Но, Заев ја крена летвичката многу повисоко, па сега сите се прашуваат што е тоа што навистина може да го засрами Груевски за да поднесе оставка во рок од три дена? И зошто обелоденувањето на таква вистина може да ѝ нанесе штета на нацијата и на државата? Снимка од тајно договарање на власта за компромис за името, наспроти патриотската непопустливост на Груевски и ДПМНЕ? Тоа навистина би можело да го засрами премиерот, но зошто би ѝ нанело штета на нацијата? Опозицијата не мора да прифати штетен компромис за името! Не верувајќи во капацитетот на Груевски да се засрами од каков било доказ за учество на луѓе од ДПМНЕ во нелегални зделки, криминал, корупција, изборна манипулација и слично, шегобијците почнаа „срамот“ да го бараат во евентуалното обелоденување факти од интимниот живот кои можат да ги компромитираат вмровските челници. Иако ова се забавни сеирџиски шпекулации на политичкото подземје, факт е оти таква вистина би можела да ја здрма фотелјата на Груевски. Но, повторно, зошто тоа би ѝ нанело штета на нацијата и на државата, како што вели Заев? Доволно ќе биде доказот да му го презентира на Груевски, не мора да го обелодени во јавноста! Особено ако во таквиот чин нема кривично дело.

МУХАМЕД АЛИ И „УЛТИМЕЈТ ФАЈТ“

Единствената причина за оправданоста на она што го говори Заев, велат нему блиските, може да се докази што би им наштетиле на меѓуетничките односи. Дали Заев има нешто компромитирачко за Али Ахмети и Никола Груевски? За вториот наспроти првиот или обратно? За односот на владејачката ДПМНЕ кон Албанците? Ќе открие ли некаков таен план за Илирида, или подготовка на владејачката партија за „второ полувреме“ од 2001-та?

Јавноста знае оти односот на ДПМНЕ кон партиите на Албанците е дволичен, каков што е и односот на ДУИ кон државата и демократијата. Заедно ги делат привилегиите од власта, а всушност шират меѓуетничка омраза. Се разбира, афера од таков маштап има капацитет да ѝ нанесе штета на нацијата и на државата, но какво било откритие за челниците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не мора да ја доведе во прашање иднината на Македонија, ако опозицијата има искрен однос. Слободарска Македонија, со помош на Запад, НАТО и ЕУ собра сили да ја запре војната од 2001-ва, па зошто не би можела да се справи со нова меѓуетничка криза? Особено затоа што на Балканот нема опкружување и атмосфера за нови војни.

Како и да е, сериозно разлутен од грубото, тоталитарно однесување на власта, од скандалозниот прогон на опозицијата, независните интелектуалци, новинарите и медиумите, со своите најави за скорешен политички пресврт, Заев почнува да личи на легендарниот Мухамед Али пред мечевите со Џо Фрејзер – кога пред почетокот в лице му се закануваше дека со него ќе го избрише патосот. Не знам дали и колку Заев има сила и моќ во своите политички мускули, претпоставувам дека не блефира зашто тоа може да го закопа, но никако не би требало да го потцени својот противник. Зашто, се покажа оти „боксерот“ Груевски во рингот мава и со нозе и со раце, како во „ултимејт фајт“, а згора на тоа користи и недозволени помагала.

За жал, и судиите во рингот се на негова страна и публиката е купена да вреска и силно да навива за пастирот, а ТВ камерите се слепи за недозволените удари во мечот и ги прикажуваат само нокдауните на Заев. Во такви услови, само кристално чиста афера со цврсти несоборливи докази, со меѓународна дипломатска и медиумска поддршка евентуално може да го принуди Груевски на елементарни политички отстапки за враќање на опозицијата во Собранието.

АНТИЧКА ФОРМУЛА

Најсилните два лоста што го крепат режимот на владејачката ДПМНЕ се коалициската поддршка од ДУИ, како и мнозинство Македонци кои веруваат во мантрата за патриотизмот на Груевски наспроти божемното предавство на опозицијата за спорот за името.

Токму тоа е втората тајна, која од редовите на власта драматично во јавноста ја пласираше најистуреното букефалистичко перо. Значи, разбравме оти Владата наводно имала намера, или така ја притискале однадвор, а таа демек подлегнува на притисоците да прифати компромисно решение – име со географска одредница за меѓународната заедница, а уставното име – Република Македонија да остане „само“ за домашна употреба. Тоа, наводно, била грчката „двојна формула“, која нас ќе нѐ обезличела. Немам причини да се сомневам во информираноста на античките пера. Особено затоа што и владината ДУИ, оценувајќи ги првите 100 дена Влада, наспроти ВМРО-ДПМНЕ соопшти оти сме биле блиску до решение на спорот за името. Наспроти тоа, изминативе неколку недели ДПМНЕ „искина опинци“ преку интервјуа и изјави на министерот за надворешни работи Никола Попоски да ја убеди јавноста оти причината зошто нема напредок во решението на спорот за името е тоа што Атина нема никаков интерес да се посвети на ова прашање, кое не било нејзин приоритет.

Но, по Берлинската конференција на германската канцеларка Ангела Меркел со државите од Западен Балкан стана јасно оти одговорноста и менаџирањето на процесот на интеграција на Македонија во Европската унија, што претпоставува и решавање на спорот за името, врз своите плеќи ќе го преземе Германија, која игра клучна улога и во санирањето на економската криза во Грција, од каде што се слушаат оптимистички пораки за скорешна стабилизација. Според упатените аналитичари во Грција, постојат големи шанси двајцата најголеми политички играчи, премиерот Андонис Самарас, лидер на владејачката Нова демократија и Алексис Ципрас, шефот на опозициската Сириза, веднаш по изборите, за кои сѐ уште не е извесно кога точно ќе се одржат, кој од нив и да формира влада, да се посветат на решение на спорот за името. А ако тоа одеднаш стане „приоритет“ во Атина, се разбира, под притисок на Берлин, Брисел и Вашингтон, тогаш и Скопје ќе нема каде да бега и ќе мора „да се качи на бродот“.

Бидејќи не е воопшто за верување оти Запад и ЕУ ќе ја притиснат Македонија да попушти за идентитетот, како што сакаат да нѐ уверат античките перодршки на ДПМНЕ, ако Атина навистина попушти за „ерга омнес“ и ако се согласи за „Република Горна Македонија“ за надворешна употреба како замена за референцата БЈРМ – што значи дека нема потреба да го менуваме Уставот и уставното име, прашање е каков поинаков одговор може да даде македонската Влада, освен да се пазари за местото на географската одредница и за некои други помалку важни детали.

ВНИМАТЕЛНО СО БОМБАТА

Се разбира, не треба да се сомневаме оти на режимот може да му одговара јавен отпор за таков тип решение на спорот за името токму од неговите советници од Аминта Трети за да може пред светот да вреска оти сака, ама ете, не може да склучи компромис. Но, ако се стокми таков меѓународен аранжман, на пастирот ќе му остане многу мал простор за политички маневар. Се разбира, тој секогаш може да го активира сценариото „случување на народот“ во кое се чувствува како риба во вода, но распишувањето нови предвремени избори во таква ситуација нема да биде излез од ќор-сокакот, затоа што ДУИ ќе биде на другата страна од дипломатските и од политичките барикади.

Оттаму и на Груевски му е нужен политички кислород кој може да го добие само ако СДСМ се врати во Собранието, зашто делумни избори за вештачко пополнување на собраниската дупка што зјае, само ќе го зовријат политичкиот котел.

Како и да е, јасно е оти периодот што следува, Берлин и Брисел ќе сакаат да го искористат да ги поттурнат Скопје и Атина да се приближат до решение на спорот за името. Во таква ситуација, ако се наѕира договор и ако в година е можен дури и референдум, ниту за ДПМНЕ, ниту за СДСМ не е добро опозицијата да биде надвор од парламентот.

Ете токму затоа, оваа есен, по горчливата препорака од Европската комисија за членство на Македонија во ЕУ, Груевски и Заев ќе мора да покажат резултат од политичкиот дијалог. Пастирот долго време се опира на барањето техничка влада пред следните избори, а информациите говорат дека долго време одбива да потпише политички договор дури со побенигна формулација – дека власта гарантира и се обврзува следните избори да бидат фер и демократски, зашто тоа за него би значело оти минатите биле измама.

Но, Заев е сега на потег. Си презеде огромна одговорност со најавите за политички земјотрес, па јавноста очекува да ја активира бомбата со која просторот на власта за политичка ароганција и опирање ќе биде стеснет. Се разбира, тоа мора да го направи внимателно, да не загине како бомбаш-самоубиец.

РАМКА

ЗОШТО ДЕН ДОНЧЕВ НЕ СВЕДОЧЕШЕ ЈАВНО?

За бумеранг-ефектот од случајот „Македонска банка“, кој заврши со скандалозна пресуда за клевета на Заев и глоба од 50.000 евра и немаше речиси никакво политичко влијание врз изборите, своја вина има и „соговорникот“ Ден Дончев. Судот го одби барањето на адвокатите на Заев, тој да биде сослушан како сведок, но ако „информаторот“ навистина сакал да помогне во политичкото разобличување на режимот и за уривање на митот за чесност на Груевски, тогаш требаше јавно, на прес-конференција или преку Јутјуб од Сиднеј или од Хонг Конг, сеедно, да проговори за договарањето кеш, за примопредавањето на парите од газда Нини и за тоа во чиј партиски џеб завршиле милионите од случајот „Македонска банка“.


АРХИВА Учебниците создаваат граѓани покорни на власта: Основците учат како да се откажат од слободата!

$
0
0

Текстот е објавен на 17 октомври, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 993

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

Убаво стокмени корици со многу фотографии, примери и фино објаснета цел е првиот впечаток кога ќе го земете в раце учебникот по граѓанско образование за осмо одделение. Учениците, барем според описот во наставната програма, треба да научат како функционира современото општество, да учат за придобивките во областа на човековите права и слободи и нивната непосредна заштита. Зборот „слобода“ дури и премногу често се спомнува во наставната програма по овој предмет – сето тоа со цел на 14-годишните идни академски граѓани да им се развие свеста што значи власта, но истовремено и што значи слободата, што значи моќта, но и како таа може да се злоупотреби.

И дотука сè е во ред, додека не стигнете до 14-та страница од учебникот, кога наидувате на дел кој во целост се коси со она што треба да значи „слобода на граѓанинот“.

Во лекцијата за „лојални граѓани“, меѓу другото, се вели дека „лојалните граѓани секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и ПО ЦЕНА ДА МОРААТ ДА СЕ ОТКАЖАТ ОД СВОИТЕ СЛОБОДИ“!

ЛОЈАЛНИ ГРАЃАНИ

Само што ќе ја отворите првата страница од учебникот по граѓанско образование, со големи букви наидувате на насловот ВЛАСТ. Претставен е еден човек, поставен на пиедестал, со силно стегната тупаница. Под него се наоѓаат сиви човечиња, а ако подобро се загледате, меѓу толпата застаната пред властодавецот има и шаховска фигура – пион. Според учебникот и неговите автори, тоа е претставата за власта. Понатаму, следува дефиницијата за моќта, која е испреплетена со дефиницијата за власта, па се вели дека „власта е форма на моќ која е прифатена од оние што се покоруваат, бидејќи ја сметаат за оправдана и праведна“. Но, дали и колку терминот „покорува“ е соодветен за да се прикаже дефиницијата за тоа што претставува власта?

Според Дигиталниот речник на македонскиот правописен јазик, пак, власта е дефинирана како политичко управување со јавните работи во една држава, функција на владеење. Зборот „покореност“ никаде не се споменува – токму напротив, се спомнува волјата на граѓаните и општествените организации.

И така, од „покорувањето“стигнуваме до 14-та страница, каде што учениците треба да научат за „лојалните граѓани“. Од лојалноста на граѓаните во голема мера зависи и успешноста на демократијата, се вели во учебникот. И потоа следува објаснување за она што, всушност, значи лојален граѓанин.

„Лојалните граѓани вообичаено се добри и одговорни работници. Работат вредно и своите вештини и способности ги користат на продуктивен начин. За својата благосостојба се заслужни самите и не се на грбот на општеството. Тие секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и ПО ЦЕНА ДА МОРААТ ДА СЕ ОТКАЖАТ ОД НИВНИТЕ СЛОБОДИ“, пишува во учебникот за граѓанско образование наменет за осмоодделенците.

Со оглед на тоа што тука лекцијата завршува, останува нејасно од какви слободи треба да се откажат граѓаните за да докажат дека се лојални и колку всушност ова претставува учење за човековите права и слободи или, можеби, станува збор за учење за лојалноста, покорувањето и неслободата?

„Со примерите како овој, се покажува целосна надмоќ на државата. Секаде каде што има слаби земји, луѓето сакаат да зборуваат и да пишуваат за државата. Од она што го видов во овие учебници, како да се извлекува пораката – ти без држава си ништо, ете на тоа ги учиме своите деца. А, всушност, клучната поента е дека детето е поважно од државата и кога тоа ќе се сфати, дури тогаш може да почне процесот на чистење на мозокот“, ни изјави аналитичарот Арсим Зеколи откако му го покажавме учебникот по граѓанско образование.

И не е само тој учебник. „Прочешлавме“ голем број содржини, разговаравме со многу професори и родители за да ги откриеме основните слабости во македонските четива и книги од кои учениците треба да црпат знаења. Се концентриравме на предметите по граѓанско општество, бидејќи за тие предмети добивме и најголем број забелешки – нешто што јасно ни даде до знаење дека во дел од содржините што ги изучуваат учениците, зборовите слобода и човекови права, не само што не се објаснети, туку и во целост се косат со нивното примарно значење.

ОД УЧЕНИЦИТЕ СЕ БАРА СЛЕПА ПОСЛУШНОСТ

По објаснувањето за она што значи лојален граѓанин, кој и по цена на слободата треба да ги следи правилата и прописите, во учебникот следува интересна задача за учениците за која е наведен цитат на извадок од Беседата кај Опит. Прашањето на кое осмоодделенците треба да одговорат е „која е пораката што Александар Македонски ја упатува до своите војници“. Следува пораката:

Македонци, нема сега да говорам за да го задржам вашето заминување од татковината, бидејќи, што се однесува до мене, можете да одите каде што сакате…Туку за да согледате дека со вашето заминување покажувате неблагодарност кон нас, кои сме толку заслужни за вас. Најпрво, ќе зборувам, како што е редно, за татка ми Филипа. Филип вас ве затекна како талкате бедни, облечени во кожи… Ве направи жители на градови, над истите варвари кои порано вас и вашите ве ограбуваа и заробуваа и станувавте нивни робови и поданици, ве стори господари и најголемиот дел од Тракија го присоедини кон Македонија…“

На неколкумина родители им го поставивме прашањето, дали се согласуваат нивните деца да учат од учебник со содржина во која јасно се алудира дека лојалноста кон државата е поважна од слободата, а како пример се дава говор кој укажува на тоа дека владетелот е тој што граѓаните ги прави достојни луѓе.

„Јас на моето дете не му дадов да го чита учебникот. Она што е напишано е небулозно и постојано алудира на тоа дека него власта ќе го направи лојален и совесен граѓанин. Не станува збор само за оваа лекција, туку и за многу други, каде што власта се става над сè. Затоа и често му велам, запамти го ова само кога ќе те испрашуваат. Потоа заборави го. Му го велам тоа со чиста совест, бидејќи не сметам дека ова е вистината и начинот на кој треба да ги образоваме и учиме нашите деца“, вели Снежана Симоновска, мајка на осмоодделенец.

Дефинициите и примерите во овој учебник му ги покажавме и на Петар Атанасов, професор по социологија и комуникации на Институтот за социолошко и политичко-правни истражувања. Тој смета дека дел од содржините прават непоправлива штета на учениците.

„Она што се случува со некои содржини во нив, еве, на пример со граѓанското образование, целосно се совпаѓа со „политичката филозофија“ на владејачката партија. Од примерите што се посочуваат е јасно што се цени и што се бара од граѓаните: послушност, слепо почитување на оние што владеат, дека власта е моќна, дека граѓаните треба да се лојални по секоја цена, па и по цена на откажување од сопствената слобода, за што светот се бореше изминатите 200 години. Ова не е случајно, овие текстови се слика на вредностите на „македонската десница“, која се обидува да изнедри некаква идеологија. Е, тогаш на сцена стапуваат полуписмени „едукатори“ и „експерти“, кои им ги исполнуваат желбите на власта и добиваме вакви учебници кои нанесуваат трајна штета во вредносната матрица на младите луѓе“, смета Атанасов.

ЗБОРОТ „ЈАС“ ПОЛЕКА ГО СНЕМУВА ОД ОБРАЗОВАНИЕТО

Во нашето истражување и читање на македонските учебници вклучивме повеќе професори и родители, кои ни помогнаа да ги лоцираме техничките и содржинските недоследности. Добивме десетина повици и уште повеќе пораки на електронска пошта за она што наставниците и родителите го сметаат за несоодветно во македонското образование.

Елизабета Секирарска, наставничка во средно училиште каде што води практична настава за група економски предмети, ни посочи повеќе проблеми со кои се соочуваат средношколците.

„Учебната година си трае, а нема учебници. Таков е случајот со наставните предмети за прва, втора и за трета година од економско-правната и трговската струка, образовен профил банкарски техничар. Буквално по ниту еден стручен предмет нема учебник. Не постои ниту прирачник, ниту учебник за реализација на наставните содржини. По предметот математика, кој е воведен од оваа година во текстилно-кожарската струка во трета година и ќе се полага како еден од предметите во рамките на државната матура, не се доставени ниту наставните програми, иако е веќе крај на септември“, посочува Секирарска.

Голем број родители ни пишаа дека учебниците што учениците ги добиваат бесплатно, се стари, искинати и им недостигаат корици.

„Многу учебници немаат корици, а фалат и страници. Па, ги наоѓаме на интернет во електронска верзија, ги печатиме за да не ги праќаме децата неподготвени на училиште. Да не зборувам за содржинскиот аспект. Во учебникот по општество за четврто одделение децата треба да истражуваат кои медиуми се најгледани и најчитани, а како избор се наведени медиуми како „Време“, „Шпиц“, А1 телевизија итн., кои повеќе не постојат“, ни пиша еден родител на четвртоодделенец.

Но, она што најмногу „боде очи“ во целата оваа приказна е нишката на пренагласување на национализмот и отсуството на индивидуата кога се учи за општеството во целина.

Во учебникот по општество за петто одделение, на пример, државата е дефинирана како „збир на институции според кои се однесуваат луѓето“. Ваква дефиниција, според експертите што ги консултиравме, не може да се сретне во други учебници. Во Дигиталниот речник на македонскиот јазик, државата е дефинирана како „политичко-правна, меѓународно призната, суверена општествена заедница со свои органи за остварување на законодавната, извршната и судската власт, организирана на определена територија“.

Во речниците на Германија, Италија и на други европски држави, државата е дефинирана како „нација или територија како организирана заедница што има една Влада“. Однесувањето на луѓето не го сретнавме во ниту една дефиниција за тоа што значи држава.

Во учебникот по граѓанско образование за седмо одделение, пак, во делот во кој се зборува за членството на Македонија во Европската унија и чекорите што треба да ги изоди за да стане дел од европското семејство, има дел кој повеќе наликува на говор од претставници на владејачката партија отколку на учебник полн со факти.

„Македонија ги почна и не запира со реформите. Со макотрпна работа и истрајност оди по патот кон Европа“, пишува во учебникот.

Според Суад Мисини, активист за човекови слободи и права, целта на ваквите дефиниции и презентации во македонските учебници е да се создаде таканаречена „поданичка свест“.

„Со сите овие примери се алудира дека не треба да постоиш како име и презиме, туку само како статистички податок. Тоа е огромното мнозинство денес, статистички материјал, назнака на избирачки список, процент во Заводот за вработување. Поданичката свест е главниот генератор на деспотскиот режим. И потоа, кога ќе ти се даде можност, а ти мислиш дека си созреан и мудар, ќе напишеш учебник кој никој нема сериозно да го редактира затоа што таму се ткае идеологијата на идните статистички маси, луѓе без свое јас“, вели Мисини.

ИСТОРИЈАТА СЕ ПОВТОРУВА

Учебниците полни со предрасуди, стереотипи и јакнење на националната свест не се нешто ново на македонската образовна сцена по која газат генерациите. Пред повеќе од една деценија, учебникот „Граѓанска култура“ за седмо одделение беше повлечен од основните училишта со посебно решение на тогашниот министер за образование и наука во заминување, Ненад Новковски. Причината за тоа беше една од лекциите за стереотипите и предрасудите, во која беа наведени вакви примери:

„Македонците мислат за Албанците дека се заостанати, некултурни, шверцери, не сакаат други народи, подмолни, агресивни, назадни, груби, кавгаџии, сакаат да владеат и слично…“

Исто така, авторите навеле две негативни особини според кои Македонците ги разликуваат Турците: дека се шверцери и заостанати. Како пример беа наведени и Евреите за кои пишуваше дека се премногу горди, прекумерно вообразени, сакаат луксузно да живеат, имаат одвратност кон тешка работа и претставуваат паразитски елемент во општеството, затоа што за себе бараат лесна работа… За црнците, пак, пишуваше дека би решиле многу од своите проблеми доколку не се толку мрзеливи, неодговорни и со мали знаења.

„Учебникот е повлечен ,бидејќи требаше нешто да се коригира во делот кај предрасудите, изјави тогаш за „Утрински весник“ едниот од тројцата автори на книгата, Гордана Костова-Трајкова.

Коригираниот учебник подоцна беше вратен во училиштата во ново издание, од каде што беа отстранети предрасудите.

Скандал со македонските учебници изби и во 2010 година, кога министер за образование беше Никола Тодоров. Така, во учебникот по општество за петто одделение Косово беше претставено како дел од Србија, а и знамето на државата беше погрешно. Во истиот учебник се појавија слики од пророкот Мухамед – на двете фотографии всушност се наоѓаше султанот Меврус, еден од главните духовни водачи на шиитите. За ваквите грешки во учебникот реагираа и припадниците на исламската верска заедница бидејќи во исламот не е дозволено визуелно да се прикажува пророкот Мухамед.

Во истиот учебник, современата македонска култура за која требаше да учат петтоодделенците по предметот општество се сведе само на 22 имиња, меѓу кои имаше музичари, актери и телевизиски водители, но ниту еден писател или сликар. На пример, како значајни имиња од нашата култура беа посочени Нора Шакири, Ферус Мустафов, Глигор Копров, актерите и телевизиските водители Тони Михајловски и Игор Џамбазов. Списокот на истакнати културни дејци во Македонија имаше и груби грешки, како онаа за музичарот Драган Даутовски, кој беше напишан како Дарко Даутовски.

Вината за овој скандал министерот Тодоров тогаш ја префрли на рецензентите.

„Ниту еден министер во Македонија, ниту сега, ниту кога било во иднина, веројатно, нема да може да биде стручен да ја провери содржината на сите учебници во државата и секој министер, како што правам јас, се потпира на стручното мислење на рецензентите. Доколку има пропусти, се нарушува и професионалниот дигнитет и кредибилитет на оние кои ги рецензирале учебниците“, изјави Тодоров во 2010 година.

Сепак, тој учебник беше повлечен, а тоа го чинеше буџетот еден милион денари. Но, не беше повлечен учебникот по физика за кој Институтот по физика на Природно-математичкиот факултет донесе заклучок дека е опасен по менталното и по физичкото здравје на учениците. Во овој учебник имаше сугестии да се допре жица низ која тече електрична енергија за да се види дека е жешка или, пак, ученикот при експериментот да раствори бакарсулфат, син камен или отров, што е крајно опасно.

ПРЕФРЛУВАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТА

Долг беше патот за да добиеме одговори од надлежните институции за тоа кој е надлежен и кој ја носи одговорноста за техничките и содржинските пропусти и недоследности во учебниците. На нашите прашања испратени до Министерството за образование, одговор не добивме. Им испративме и скенирани документи од учебниците по граѓанско образование со прашање дали Министерството смета дека содржините се соодветни за перцепцијата на учениците за тоа што значи лојалноста и слободата.

Зоран Радиќ, директор на Националната комисија за учебници, вели дека не ја памети содржината на учебниците и дека на комисијата мандатот ѝ е веќе истечен, а една година не е избран нов состав.

„Веќе една година не е избран нов состав на Националната комисија, така што не сум во тек што се случува. Ние бевме четири години, но во последнава година не сме се состанале бидејќи мандатот ни е истечен“, вели Радиќ.

Од  Државниот просветен инспекторат ни изјавија дека не се надлежни за веќе донесените учебници што се користат во училиштата.

„Штом учебниците се веќе донесени и се поминати (на Комисијата – н.з.), нашата надлежност е да вршиме контрола дали се користат во училиштата. Обратете се до Бирото за развој“, ни изјавија од инспекторатот.

Од Бирото за развој на образованието, пак, нѐ препратија до Педагошката служба.

„Ние сме единствено надлежни доколку Министерството формира комисија за разгледување на веќе постоечките учебници. Само во тој случај ние учествуваме во комисијата“, вели Весна Хорватовиќ, директорка на Бирото за развој.

Не успеавме да стапиме во контакт со авторите на учебниците за да ни објаснат која точно била поентата што сакале да ја постигнат во деловите од учебниците за граѓанско образование.

Во меѓувреме, тие учебници остануваат во училишните клупи. Во зависност од идеолошките определби и мислењата на родителите, наставниците и средината во која растат, ќе зависи како основците ќе ги сфатат поимите за слободата, лојалноста, правото на избор и покорувањето.

 РАМКА 1

Кој е процесот на издавање еден учебник?

Според Законот за учебници, за издавање еден учебник надлежна е Националната комисија за учебници, која брои 21 член, составена претежно од универзитетски професори и наставници од средното и од основното образование. Претходно, за секој учебник се формира тричлена рецензентска комисија од еден универзитетски професор и двајца наставници. Тие го разгледуваат понудениот учебник и доставуваат извештај до комисијата. Националната комисија е таа што, во зависност од извештајот, оценува дали учебникот ќе се користи. Доколку извештајот е позитивен, се препраќа до министерот за образование, кој  го има последниот збор пред учебникот да оди на печатење.

Во случајов, Националната комисија веќе една година мирува, бидејќи мандатот на членовите е истечен.

 РАМКА 2

Министерот се гордее со Кембриџ, родителите се жалат

 Еден од начините за да се справи со хаосот во учебникарството и да воведе нов, европски систем на образование, Министерството за образование го најде во воведувањето на Кембриџ програмата во учебниците за прво, второ и за трето одделение по математика и по природни науки. Но, останува отворено прашањето колку всушност овие новини навистина ќе внесат квалитет во образованието, со оглед на тоа што за програмата на Кембриџ реагираат голем број родители и наставници.

Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми со гордост ги најави новите учебници, иако дел од родителите и наставниците не се согласуваат со оваа програма.

„Македонија првпат ги има овие програми и е единствената земја во регионот што ги воведува во образовниот систем. Учебниците се квалитетни и прилагодени за нашите прилики и за возраста на учениците. Следната година ќе продолжиме со четврто, петто и со шесто одделение. Проектот ќе биде заокружен кога тие ќе бидат воведени до деветто одделение“, рече Адеми на првиот ден од учебната година, нагласувајќи дека станува збор за една од најкрупните реформи во образованието.

Зоран Радиќ, бившиот директор на Националната комисија, пак, смета дека во Македонија има добри учебникари кои можат да произведат квалитетни учебници.

„Претпоставувам дека овој чекор беше направен поради нашите тенденции да влеземе во ЕУ. Инаку, сметам дека кај нас има добри учебникари“, вели тој.

Родителите чии деца до минатата година учеа по старата програма, а сега се префрлуваат на програмата од Кембриџ, пак, си имаат друга мака.

„Ќерка ми до второ одделение учеше да брои до 20. Сега, со новата програма од Кембриџ, во трето одделение наеднаш треба да учи до 1.000. Тоа е сосема погрешен пристап. Ако се почнува нешто, треба да се почне од прво одделение, а вака од броење до 20, децата наеднаш почнуваат со дропки, множење и со делење. Едноставно, нема конзистентност“, вели Стојан Јовановски, родител на ученик од трето одделение.

РАМКА 3

Каква плата заработуваат родителите?

Ако се разгледаат учебниците од кои учат основците, можат да се најдат примери кои не кореспондираат со реалноста. Во учебник за четврто одделение, каде што се учи за месечните трошоци на едно семејство, пишува дека мајката зема плата од 32.000 денари, а таткото, пак, 30.000 денари, што е многу далеку од македонската реалност, ако се има предвид дека просечната плата во земјава изнесува околу 20.000 денари.

Рамка 4

Во српските учебници зборот „глупача“ се поврзува со жената

 Во Србија, слично како и кај нас, редовно избиваат скандали со учебниците, кои вријат од грешки и од недолични споредби. Во учебникот за граматика за шесто одделение, на пример, зборот „глупача“ е дефиниран како „женска личност“. На старото издание од учебникот по биологија за осмо одделение стоела фотографијата од актерот Николас Кејџ, сопругата Холи Хантер и нивното бебе.

Учебникот по историја за осмо одделение, пак, бил забранет затоа што авторот напишал дека Слободан Милошевиќ почнал да ја доживува славата и вербата кај народот кога рекол: Никој не смее да ве тепа!

Истражувачката приказна е напишана во рамките на проектот „Поддршка на независни медиуми во РМЗастапување и обуки за промовирање и почитување на најдобрите меѓународни практики“, поддржан од ЕУ, преку ЕИДХР, а спроведуван од Транспаренси Интернешенл Македонија и Electoral Reform International Services (UK).

Единствена одговорност за содржината на сторијата ја сноси авторот и таа не може да се толкува како како поглед на Европската Унија, ТИМ или на ЕРИС.

 

АРХИВА Политичките затвореници се множат, а Груевски ги дели со нула

$
0
0

Текстот е објавен на 18 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 980

Борба против криминалот во согласност со Уставот и законите. Оваа реченица е една од омилените на властите, со која го амнестираат секое свое политички мотивирано дејствување. Се кријат зад Уставот и законите, но тие, како најголеми „тужибаби“, сè почесто ги издаваат. Откриваат дека марихуаната, всушност, била див коноп, а наводното кривично дело само фатаморгана. Покажуваат како првично надуените судски случаи, со текот на времето пукаат како политички монтирани балони. Како наводните криминалци се, всушност, само политички жртви.

Пишувала
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Како никогаш досега, во изминативе две-три години се зборува за политички затвореници во Македонија, односно се полемизира има ли осуденици, кои само поради својата политичка или партиска активност или поради нечија политичка желба, ги почувствувале притворските решетки на своја кожа? Има ли политички мотивирани, или барем охрабрени, полициски истраги и монтирани судски процеси?

Сомнеж, а богами и позитивен одговор на овие прашања почнавме да добиваме од дел од домашните невладини организации, но сè почесто и од реномираните меѓународни асоцијации, познати во светот како заштитници на човековите права и слободи. За разлика од овие организации, кои на долго и на широко пишуваат и предупредуваат за политичките затвореници, власта има краток и јасен одговор. Политички затвореници нема!

Како што и јавно изјави премиерот Никола Груевски, а тој, нели, најубаво знае, сите што се во затвор биле осудени со аргументи и факти. Судовите биле независни и работеле според законите. Оние закони, пак, кои не чинеле, а врз основа на кои настрадале некои граѓани, биле донесени во времето на СДСМ.

„Тоа што некој сака да ги прикажува како жртви и како политички затвореници, тоа е дел од политичката манипулација на дневна основа“, е ставот на премиерот Груевски.

Ставот на Стејт департментот, пак, е поинаков. Во последниот извештај за човековите права, во одделот насловен како „Политички затвореници и противници“, се споменуваат новинарот Томислав Кежаровски и советникот на општина Центар, Миросав Шиповиќ. Во овие извештаи претходно се појавуваа и имињата на Велија Рамковски и Љубе Бошковски.

„Најголем проблем е што владата не го почитува целосно владеењето на правото и што нема јасна линија меѓу државните и партиските активности“, вака резимира Стејт департментот во делот за Македонија во последниот извештај за состојбата со човековите права.

И, сега, кој ја зборува вистината?

 

ОД МЛЕКАР ДО ПОЛИТИЧКИ ПРИТВОРЕНИК

Бидејќи Премиерот милува да се повикува на Уставот и законите, истото ќе го сториме и ние и, потпирајќи се на нив, ќе се осмелиме да кажеме дека млекарот Душко Илиевски од Битола беше политички притвореник. Тој, неговиот брат и татко, во 2010 година спектакуларно беа уапсени како одгледувачи на марихуана.

Но, она што фрли сомнеж врз вака подмачканата полициска приказна, беше фактот што, пред да биде уапсен, Илиевски стоеше на чело на протестите на млекарите, учествуваше на митинзите на опозицијата и зборуваше јавно против владејачката гарнитура и против Премиерот. Па, токму поради тоа беше сомнително како наеднаш токму во неговата нива изникна марихуана?

По неколку месеци влечкање по судови и по 12 дена поминати во притвор, Илиевски ја докажа својата невиност, односно успеа да докаже дека наводната марихуана во неговата нива е, всушност, див коноп. Но она што остана да виси е тврдењето на премиерот Груевски, кој пред целата македонска јавност изјави дека Илиевски е одгледувач на марихуана.

„Ме чуди што СДСМ реагираше дека фармерот Душко Илиевски бил нивни член и оти ние намерно сме го сториле тоа. Како може да биде намерно, кога таму марихуаната растела со месеци. Таа била израсната уште кога Бранко Црвенковски го посетил. Значи, ние не сме можеле да предвидиме дека Бранко ќе отиде во дворот каде што расте марихуана. Тоа бил негов избор, а не наш. Се работи за негувана марихуана, а не за дива. Така ме информираат од МВР, што значи дека некој внимавал на неа и ја одгледувал“, изјави премиерот Груевски непосредно по приведувањето на Илиевски.

Иако се утврди дека кажаното не е вистина, Премиерот не презеде никаква одговорност за клеветата,  ниту пак почувствува должност да му се извини на Илиевски.

Затоа Илиевски, заедно со својот брат и татко, на суд ја тужат државата за незаконското држење во притвор. Од државата бараат 5 милиони денари за душевната болка што ја претрпеле при спектакуларното апсење, притворање, обвинување, како и за материјалната штета што ја претрпеле додека биле во притвор.

ШИПОВИЌ, КЕЖАРОВСКИ, ВРАНИШКОВСКИ…

За власта, политичка пресметка не беше ниту притворањето на Шиповиќ, претседател на  советот во општина Центар, член на СДСМ, туку за неа тоа беше уште една од редовните борби против криминалот. Тоа што го апсеа во Виена, иако тој најави дека се враќа во Македонија, и тоа со трчање, беше уште еден доказ за (не)пристрасноста.

Но, ќе се согласиме дека подобро звучи дека го уапсиле отколку дека самиот се предал. А, немаше и да имаат аргументи како да го задржат цели осум месеци во притвор. Вака, се извадија дека постои опасност од бегство?! За тоа дали самиот Шиповиќ се смета за политички затвореник, тој не сака да зборува, бидејќи ќе почекал да заврши процесот, чијшто финиш се очекува до крајот на годината. Но, за таков го прогласија од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од Стејт департментот.

Во истиот ранг овие организации го ставија и новинарот Томислав Кежаровски, кој наводно уште пред пет години го открил заштитениот сведок во случајот „Ореше“. Со првостепена пресуда новинарот беше осуден на 4,5 години затвор. По шест месеци поминати во истражниот затвор „Скопје“и осум месеци во домашен притвор, Кежаровски сѐ уште чека Апелациониот суд да закаже јавна седница за неговиот случај. Расправата пред овој суд засега се одолговлекува без официјално објаснување, иако, кога станува збор за притворски предмети, брзината е најважна. Но, по сè изгледа, некому не му се брза.

При притворањето на новинарот, премиерот Груевски даде свое толкување, поточно, како што би рекол народот, ја избрка мувата од капата, објаснувајќи дека новинарот не бил многу познат, па излегува дека поради тоа и немал мотив да се пресмета со него. Сепак, ова образложение не ја разубеди јавноста во веќе изградениот став. Можеби навистина Премиерот немал мотив за пресметка, но тоа не значи дека мотивот му недостасувал на некој од неговите подредени, а сепак моќни соработници.

Според Хелсиншкиот комитет, првиот политички затвореник во Македонија по нејзиното осамостојување е архиепископот Јован Вранишковски.

Комитетот нотира дека во текот на 2013 година Вранишковски, заедно со уште 18 други лица (меѓу кои неговата мајка, сестра и вујко, свештени лица, следбеници и поддржувачи на нерегистрираната Православна Охридска архиепископија) беше обвинет за наводно перење пари преку здружение на граѓани кое планирало да изгради објект за средби помеѓу верниците.

Полициската акција за апсење на обвинетите беше наречена „Расколник“, што за Хелсиншкиот комитет е еднакво на предрасуда и претставува директна повреда на принципот на презумпција на невиност на обвинетите. Со неправосилна пресуда на Кривичниот суд во Скопје, Вранишковски беше осуден на тригодишна затворска казна, а сите други обвинети на двегодишни затворски казни, кои нема да се извршат доколку лицата во рок од пет години не сторат ново кривично дело.

Претставници на Хелсиншкиот комитет ги следеа сите судски рочишта, но не беа убедени во аргументите понудени од Јавното обвинителство за докажување на вина кај кој било од обвинетите“, стои во годинашниот извештај на организацијата.

Она што ги поткрепи сомнежите за начинот на кој овој случај се движеше низ судските лавиринти, е фактот што на денот за кога беше закажано објавување на пресудата судскиот совет одлучил предметот да го врати во фаза на главен претрес и во истиот момент, без знаење на обвинетите и нивниот бранител, соопштил дека пред судот ќе сведочи лице кое наводно договарало продажба на имот со Вранишковски. Сведокот тврдеше дека тој за земјиштето преговарал во негово име и во име на неговите соседи, кои го ополномоштиле преку писмено полномошно. Кога обвинетиот побара полномошното да се достави како доказ, судскиот совет го одби предлогот. Потоа набрзо беше донесена и пресудата.

На Апелациониот суд му беа потребни повеќе од седум месеци да закаже јавна седница, но таа се одложи бидејќи Вранишковски не беше спроведен од затворот „Идризово“. Судот ја одложи седницата за мај, по што обвинетиот повторно не беше спроведен. Сега се чека на „трета мајка“.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО СО ИСТИТЕ ЌОР-ФИШЕЦИ ЌЕ ПУКА ПО ЉУБЕ

Фактот што веќе четврта година зад решетки минува и некогашниот министер за внатрешни работи и лидер на партија, Љубе Бошковски, за власта сигурно е само случајност и нема никаква врска со тоа што го уапсија во моментот кога од најголем херој им стана најголем непријател. Додека лежеше во Хаг, го опејуваа и величеа, но кога покажа политички амбиции и почна да зборува, заврши со спектакуларно апсење пред очите на целата јавност. Истите оние, што се крстеа во него и што го прогласија за народен херој, одеднаш го претставија како корумпиран политичар, а безмалку и како убиец.

На Бошковски му остана да одлежи уште 1,5 година за делото „Кампања“, но како ова да не беше доволно, го вмешаа и во случајот „Ровер“. Со првостепената пресуда Бошкоски беше „замолчен“ за нови 12 години, но по одлуката на Апелација, предметот беше вратен од почеток. Второстепениот суд, јасно и гласно, пресудата ја нарече нејасна и неразбирлива, а дури и отворено се посомнева дека е незаконска.

Изреката на пресудата е недоволно јасна и разбирлива, а во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти кои се од битно влијание за законито одлучување во конкретниот кривично-правен настан“, се наведува во решението на Апелациониот суд.

Според овој суд, во случајот недостасуваат и докази кои ќе го поткрепат сценариото на обвинителството. Јасно се наведува дека за да се товари некој со кривичното дело помагање мора да се утврди неговата умисла, односно дека свесно помагал убиство, како и точно да се опише начинот на кој тој помогнал.

Со стартот на повторното судење, што се случи неделава, се очекуваше обвинителството да ги земе предвид забелешките на повисокиот суд, но, тоа не се случи. Обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова истакна дека останува на истиот обвинителен акт, без да внесе ниту една измена или дополнување. Исто така, посочи дека нема да предложи нови сведоци, а по сè изгледа ни докази, што е и очекувано зашто поминаа 13 години од двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев.

Ова значи дека и во повтореното судење не се очекуваат изненадувања. Буквално ќе се случи пресликување на рочиштата, кои, пак, не би можеле да предизвикаат поиздржана пресуда од претходната. Опциите се две. Или судијата ќе се осмели и, поради недостаток на докази и умисла, како што утврди Апелација, ќе донесе ослободителна пресуда, или, пак, ќе ја препише старата пресуда, која е повеќе од очигледно дека нема да помине пред Апелација.

И РАМКОВСКИ ВО РЕДОТ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ

И името на Велија Рамковски, сопственикот на некогашната А1-телевизија, провејуваше како политички затвореник. Иако му се судеше за прикривање на данок, сепак не можеше да се избегне очигледното ‒ дека за овој случај вистинскиот мотив беше затворање на медиумот. Фактите говорат дека на надлежните им текна да го расчистуваат криминалот во медиумот во периодот кога неговата телевизија беше најгледана, и кога и самиот тој беше најжесток критичар на власта.

Во периодот 2006 – 2008 кога истата телевизија немаше силна критичка острица кон власта, па дури може да се каже и дека поддржуваше дел од владините политики, немаше никакви докази за незаконско работење. Тие „испливаа“ на површина кога Рамковски го сврте грбот. Парламентарното мнозинство, по изборите во 2011 г., дури и пред да биде избрана новата влада, итно, небаре државата ќе пропадне, изгласа зголемување на бројот на членовите на Советот за радиодифузија. Така беше отворен патот за „решавање“ на телевизиите А1 и А2. Од колкава важност им било да исчезнат овие медиуми говори фактот дека овие измени се изгласаа во пакет со амнестијата на воените злосторства.

И овој случај беше проследен со грубо кршење на начелото на презумпција на невиност од страна на претставниците на власта и институциите, бидејќи уапсените предвреме ги прогласија за виновни. Правосилната пресуда стаса дури во 2013 г., кога Апелациониот суд ги потврди казните.

Рамковски зад решетки веќе ја минува четвртата година, а нешто помалку на медиумскиот етер не зрачи и најгледаната А1-телевизија.

И додека од година на година се редат примерите за политички затвореници во Македонија, власта упорно тврди дека во државата се спроведува правото, а правдата стигнува до секого. Сепак, треба да се разјасни дека правдата и правото се две различни работи. Правото треба да ѝ биде „послушник“ на правдата. Но, наместо да ѝ служи на правдата, правото честопати и измеќарува на политиката.

ШТО Е ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОРЕНИК?

Според став 3 од Резолуцијата 1900 на Советот на Европа од 2012 година, како политички затвореник се смета лице чие лишување од слобода е резултат на определување притвор во спротивност на некоја од фундаменталните гаранции содржани во Европската конвенција за човековите права. Во оваа категорија е и притворањето кое е резултат на постапка која е очигледно нефер и се чини дека е поврзана со политички мотиви на властите.

„КАМПАЊА“ ГО ЧЕКА РЕДОТ ВО СТРАЗБУР

Додека на Бошковски повторно му се суди за „Ровер“, во Стразбур се чека терминот кога на дневен ред ќе дојде случајот „Кампања“.

Сите пресуди во овој случај се резултат на монтиран и политички процес, во кој голем удел има и извршната власт, а се донесени во постапка и на начин спротивни на националното и меѓународното право“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Токму поради повредите на правото на правична судска постапка, Комитетот поднесе жалба до Судот за човекови права во Стразбур. Во жалбата се наведува дека со судењето на Бошковски не раководел непристрасен суд, дека му била повредена презумпцијата на невиност, дека јавноста била исклучена од судењето на незаконски начин, дека постапката била контрадикторна, а во постапката се користеле и незаконски докази.

Афера „Афис“: Невешт криминал или вешта изборна измама

$
0
0

Текстот е објавен на 24-ти октомври 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 994

За да ги архивира отпечатоците на криминалците, ФБИ го користи Системот за идентификација наречен АФИС (Automated fingerprint identification system). Тоа е комплетна техничка опрема со мултифункционални способности. Откако ги наметнал своите перформанси како исклучително погоден за обработка на податоци со отпечатоци, системот почнале да го користат многу американски држави, пред сѐ, полициите и научно-истражувачките институции и универзитети.

Цената на пазарот може да достигне и до еден милион евра за еден систем. АФИС-от на ФБИ има архивирано историја од преку 70 милиони кривични дела, потоа отпечатоци на повеќе од 40 милиони граѓани, како и податоци за стотина илјади криминалци, претежно терористи. Инаку, интересно е дека АФИС-системот во себе интегрира и дел кој произведува биометриски документи.

АФИС системот во Америка има свое место и во секојдневната практика. На пример, во базата мора да се внесат податоци за лицата што ќе купат оружје. Во некои држави на САД, отпечатоци од прстите се неопходни за медицинскиот персонал што работи со малолетници. По примерот на ФБИ, и Македонија има современ и скап АФИС систем во сопственост на МВР.

Но, како системот заврши во полиција и како наместо три, колку што се предвидени со јавната набавка, денес има само еден систем? Како при набавката на системот се направени незаконски постапки? Зошто и како е искористен Факултетот за безбедност, кој практично учествувал на огласот за опремување лаборатории објавен од Министерството за образование и наука (МОН)?

Кои се повисоките претставници од власта чија вклученост во криминалот ја истражува Јавното обвинителство? Зошто повеќе од една година државните институции не соработуваат со обвинителката задолжена за досието?

Дали, можноста за користење на системот АФИС за производство биометриски документи – лични карти и пасоши, значи дека двата системи што фалат, можеле да бидат искористени за штанцање биометриски документи заради изборна измама!?

„Фокус“ е во потрага по одговори на многуте прашања кои се наметнуваат во обвинителската истрага за сомнителното купување на АФИС-от, која трае повеќе од една година, односно погрешното спроведување на целата постапка и обидите отпосле да се сокријат траги преку кои обвинителот може да допре и до покрупни „фаци“ и скандал од поголеми размери, секако ако има храброст до крај да истражи и да утврди одговорност.

Ова последното е неопходно затоа што Јавното обвинителство лесно затвора досиеја кога сомнежот е вперен во високите функционери на власта, па макар и да постои снимка како доказ. За првпат пред јавноста ќе изнесеме како се одиграла шемата со софистицираната опрема. За полесно да се објасни играта со документи преку кои МВР стигнува до АФИС-системот на незаконски начин, ќе потсетиме на јануари 2010-та.

АПЛИКАЦИЈАТА СЕ ПИШУВАЛА ВО МВР!?

Во тоа време траел огласот на МОН, кое преку посебна потпрограма на својата буџетска сметка испратило повик до високообразовните институции да пријават проекти за опремување лаборатории. Огласот се однесувал исклучиво на државните универзитети и јавните научни установи.

Факултетот за безбедност, членка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, се пријавил со намера да опреми лабораторија за криминалистичка регистрација и идентификација. Но, уште на самиот старт почнуваат нелогичностите. Тогашниот декан Јанко Јакимов аплицира за опремата, но не го известува Наставно-научниот совет, Деканската управа и катедрите на факултетот, кои е неопходно да знаат и да одлучуваат. Зошто криел?

Наместо професори, на проектот насловен како „Набавка на систем за автоматизирана обработка на отпечатоци и траги од папиларни линии (АФИС)“, како раководител е потпишан Бранко Петрески од одделот за крим-техника при МВР. Со тоа практично е нарушена автономијата на универзитетот „Св. Климент Охридски“. Секако, нејасно е и зошто вработен во структурата на полицијата потпишува проект на научна институција? Но, неговото име не е исклучок. На документите во апликацијата стојат имиња и на други вработени во МВР!

Со повикот, МОН планирало да потроши дури 60 милиони евра за опремување универзитетски лаборатории, што навистина би ги олеснило истражувањата и би ги ангажирало научниците. Но, колку пари навистина се потрошиле и каде завршила опремата, особено онаа што се користи во полициските истраги? Кога факултетот ја подготвил апликацијата, се пријавил за опремување на АФИС лабораторија. Во огласот за доделување договор за јавна набавка е јасно наведено дека ќе се купи опрема за три АФИС-а. И тоа – еден на факултетот и два во Македонската радио-телевизија (МРТВ).

Секако, нејасно и нелогично е како МРТВ се пријавува на оглас предвиден за научно-истражувачки образовни институции!? Апликациите на факултетот, пак, се подготвувале во одделот за криминалистичка техника на МВР, институција која немала право да се јави на огласот на МОН и да искористи буџетски средства наменети за ресорот образование, но очигледно била заинтересирана за опремување лабораторија.

Затоа факултетот се пријавил како легитимен апликант, но во фиктивна постапка од која има само штета врз угледот на установата. Практично, раководството на факултетот учествувало во противправни дејствија, кои сега се во фокусот на обвинителската истрага, но отвораат и сомнежи за одговорност и кај повисоки функционери. Уште од самиот почеток било јасно дека факултетот се пријавува, а МВР ќе ја ќари опремата.

Можеби затоа за ваквата акција знаеле само малкумина на факултетот и затоа се прескокнати Наставно-научниот совет и Деканската управа, за да може што потајно да се набави опремата, за потоа да ѝ се предаде на МВР. Така и се случило, но со многу пропусти и незаконски постапки. Во секој случај, обвинителството има случај. Се разбира, ако му се дозволи да го затвори со обвинителен акт и одговорни лица.ЧУДНИ ОДЛУКИ НА ВЛАДАТА

Вкупната вредност за трите системи, според документот од Бирото за јавни набавки, изнесува приближно 152 милиони денари или безмалку 2,5 милиони евра.

Оваа цифра треба да се памети, затоа што калкулациите околу цената се прават подоцна. Опремата е набавена од француската фирма „Сафран“. Првично била во сопственост на МОН, но според логиката требало да заврши на факултетот.

Во договорот за трансфер на опремата со француската фирма, како краен корисник се наведува факултетот, но ставена е адресата на МВР и контактот на Министерството, како полицијата да е примател. Практично, опремата како да завршила во МВР. Значи, можно е од самиот старт да била однесена таму!

На почетокот, уште пред да се набави опремата, деканот Јакимов потпишал изјава под морална, кривична и материјална одговорност дека ќе ја инсталира лабораторијата и за 30 дена ќе ја стави во функција, но приемот ќе го направи откако ќе завршат градежните активности на објектот во факултетот, кој никогаш не постоел, ниту се градел.

Подоцна, во јули 2012 година деканот се премислил и напишал писмо до МОН, адресирано на лице без функција, извесен Игор Николовски, со кое укажува на потребата опремата да му ја отстапи на МВР, иако лабораторијата што ја отстапил со одлука на владата му била доделена пет месеци подоцна, во декември 2012 година.

Деканот, кој не им открил на колегите професори дека аплицирал на огласот, а бил должен, бидејќи според законот тој не одлучува сам, туку спроведува одлуки на органите на факултетот, сега повторно самиот се откажува од опремата која никогаш формално не ја ни примил, иако потпишал пријава под морална, материјална и кривична одговорност.

Тој во дописот до Министерството признал дека поцелисходно ќе биде ако современата и скапа опрема заврши во просториите на МВР! Деканите и ректорите како одговорни лица на факултетите и Универзитетот имаат законска обврска да се грижат за имотот и не можат самостојно да го отуЃуваат.

Но, само неколку дена по писмото на деканот, или во август 2012-та се прави примопредавање со записник  на опремата од француската фирма набавувач до Факултетот за безбедност преку МОН, односно до МВР, наместо до факултетот како краен корисник.

Дека факултетот наводно бил подготвен да ја прими опремата, потврдува токму дописот на Јакимов до Министерството оти во тек се градежни активности за оспособување на лабораторијата, но со ветување дека до април 2012-та просторот ќе биде подготвен.

Дописот практично бил искористен да се пролонгира доставата која никогаш и не се случила. Тоа го утврдила и комисијата на самиот факултет формирана заради одговор на барања за пристап до информации од јавен карактер околу лабораториите. Во извештајот, комисијата напишала дека нема никакви предадени средства на факултетот, не постои комплетна документација за целата постапка, ниту, пак, некакви договори.

Каде заминала опремата? Кој и каде ја инсталирал? На ова ќе се обиде да најде одговор истрагата на јавното обвинителство. Неколку месеци подоцна, во декември 2012-та, со одлука на владата потпишана од вицепремиерот Владимир Пешевски, МОН ја дава опремата на трајно користење на Факултетот за безбедност.

Но, ниту тогаш факултетот не видел опрема. Значи, одлуката била фиктивна, односно никогаш не се спровела. Десет месеци подоцна, во октомври 2013-та, со одлука потпишана од премиерот Никола Груевски, се укинува одлуката на Пешевски со која опремата за лабораториите му се предава на факултетот!? Истиот ден владата донела нова одлука, исто така потпишана од Груевски со која сега опремата му се дава на трајно користење на МВР.

Тука се направени најмалку две грешки. Прво, кога се даваат предмети на трајно користење, каков што бил првичниот пример, мора да изминат најмалку 10 години за да можат да се отпишат или отуѓат, или, пак, порано, но само доколку корисникот непрописно и несовесно ги користел.

Дали може писмото на деканот Јакимов до МОН со кое бара опремата да му се предаде на МВР наместо на факултетот, да се смета дека тој практично се откажува од опремата, ако се знае дека тој немал законско право сам да одлучува за имотот на Универзитетот?

Но, дури и да е така, тогаш како деканот утврдил дека факултетот не може да го користи системот АФИС и оти е неопходно да се откаже од него кога воопшто и не му бил испорачан на факултетот за да го инсталира? Зошто тогаш во јануари 2010-та деканот аплицирал за лабораторија за која тврдел дека му е неопходна за научно-истражувачки цели?

Во случајов, наместо за 10 години, Владата ги одзема стварите за 10 месеци без претходна проценка за нивното користење и за местото каде што тие биле евентуално инсталирани.

Следува втората грешка. владата ја предава опремата на МВР, иако таа е набавена како систем за опремување на државните универзитети и јавните научни установи.

Со тоа се потврдуваат првичните сомнежи дека подготвената апликација зад која стојат крим-техничари на МВР, а не професорите на факултетот, била наменета за опремување на полицијата, под изговор дека се опремуваат лаборатории на факултетот и во МРТВ. И на крајот, како владата повторно му ја доделува опремата на МВР, кога тоа и претходно е направено со договорот со Французите?МИНИСТРИ ПОПРАВАЛЕ ГРЕШКИ, НАПРАВИЛЕ НОВИ

Еден месец по чудните одлуки на владата, во ноември 2013-та, министрите за внатрешни работи и за образование, Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски потпишуваат договор за користење на опремата. Со тоа практично се прави обид да се заокружи целата постапка и да се прикаже дека работата е законски завршена.

Но, дали е така? Според договорот, опремата се дава на трајно користење без надомест. Така, мисијата се комплетира. Почнала со апликацијата на факултетот како образовна институција. Потоа се потрошиле 152 милиони денари за набавка.

Но, иако постоела одлука на владата, опремата не завршила на факултетот. По десет месеци им е одземена и предадена на МВР, но никој не знае за тие десет месеци зошто опремата не била на факултетот. Логично е од моментот на давање до моментот на одземање, системот АФИС да бил инсталиран на факултетот.

Во договорот меѓу Јанкуловска и Ристовски наведена е целата спецификација на опремата. Од неа е очигледно дека на МВР на користење му се дава еден АФИС систем. Но, тоа што остава сомнеж, а извори за „Фокус“ потврдуваат дека и обвинителката во истрагата е насочена да го утврди, е сумата која се наведува во договорот меѓу двете министерства. Имено, Јанкулоска и Ристовски потпишале дека опремата што ја презема МВР е вредна приближно 152 милиони денари или нецели 2,5 милиони евра – цифрата која и претходно ја забележавме во договорот за јавна набавка. Но, има една голема разлика, иако бројката е иста.

Во договорот стои дека опремата е за еден АФИС систем, додека во јавната набавка за истите пари се предвидени уште две такви лаборатории сместени во МРТВ. Како наеднаш е сменета сумата? Просто, првично со 152-та милиони денари се предвидело да се набават три системи, а на крајот толкава е вредноста на само еден АФИС!?

Каде се другите два, ако се знае дека дел од опремата можела да се употреби и за биометриски документи – пасоши и лични карти и дали сето тоа може да се доведе во врска со обвинувањата за штанцање документи и изборна измама?

Дополнително, преку Законот за слободен пристап до информации, кога МВР одговара за опремата, наведува дека таа е запишана во книговодствената евиденција во Министерството дури на 31 декември 2013 година, а не во август 2012 кога е извршено примопредавањето, а вредноста изнесува 60-тина милиони денари.

Што значи, малку повеќе од една третина од договорот на министрите од ноември 2013-та!

Останува енигма како е сменета вредноста на опремата за само неколку месеци!? Ова, од друга страна, пак, значи, ако се следи сумата, дека МВР, преку Законот за пристап до информации, признава дека има опрема само од еден АФИС, а министрите претходно потпишале договор со вредност за три. Тогаш одново е нејасно каде се другите два АФИС-а, ако набавката била 152 милиони денари и зошто во нивниот договор со МОН стои повисоката сума?

УЛОГАТА НА РЕКТОРОТ ЖОГЛЕВ

Ова се само документираните податоци што ги има „Фокус“, но и јавната обвинителка во предметот, Гордана Смаќовска. Испративме неколку писмени прашања до неа, согласно процедурата на обвинителството, но нашите директни прашања дали истрагата води кон политичари, дали се знае каде била опремата во периодот кога требало да биде на факултетот, кој и колкумина се повикани на испрашување, не добија одговор.

Јавното обвинителство известува дека во обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во тек се истражни дејствија и активности за прибирање на докази и утврдување на факти во врска со кривичната пријава за која прашувате. Обвинителството ги прави потребните анализи, по што ќе донесе соодветна одлука. Во моментов споделување на повеќе детали само може негативно да се одрази на истрагата“ – стои во одговорот на Смаќовска.

Со надеж дека и е неопходно повеќе време, со оглед на обемноста на предметот, но и сензитивноста која се наметнува затоа што во документите кои се истражуваат се појавуваат имиња на министри, па дури и на премиерот, очекуваме дека во наредниот период обвинителката ќе се произнесе подетално и ќе открие кој е одговорен за манипулациите со набавката на опрема и незаконските дејствија со предавање на безбедносните апарати на МВР наместо на полициската академија.

Но, „Фокус“ има информации дека нејзината истрага е отежната затоа што ниту една институција, особено МВР, не сака да соработува со обвинителството. Иако досието е отворено уште во април 2013-та, сепак, полицијата сѐ уште не ги доставува сите документи и записници што ги има за предметот.

Интересно е дека се добива впечаток оти МВР настојувало отпосле да се покрие за тоа што опремата завршила во неговите простории.

Ако кривичната пријава поднесена од професорката на факултетот Фросина Ременски била старт на истрагата, тоа значи дека јавното обвинителство веќе шест месеци трагало по докази кој се крие зад милионскиот скандал, кога владата ги донела одлуките, првата за одземање на опремата од факултетот и втората за нејзино предавање на МВР.

Договорот со сумата од 152 милиони денари на Јанкулоска и Ристовски е потпишан седум месеци по стартот на истрагата. Потоа, МВР со нов обид да се скрие срамот и стравот, испратило договор до факултетот кај еден од наследниците на Јакимов, деканот Оливер Бачановиќ.

Но тој, откако понудениот договор го ставил на дневен ред на Деканската управа, одбил да го потпише фиктивниот договор дека се согласува да отстапи предмети на МВР кои факултетот никогаш не ги ни примил, ни поседувал.

Понатаму, целата незаконита постапка ја знаел и ректорот на Универзитетот, Златко Жоглев. Тој и генералниот секретар, од професорката Ременски биле лично известени дека факултетот бил искористен како параван за опремување лаборатории во МВР.

Подоцна му биле предочени и документи. Затоа е нејасно зошто во годишниот извештај за 2012-та, инаку усвоен од Сенатот на Универзитетот во март 2013-та, нема ниту збор за опремата што ја добил факултетот, ниту збор за огласот. Иако знаел, и ректорот едноставно премолчал.

Згора на тоа, извештајот му поминал на седница на Собранието на РМ! Не е можно да не го интересирало како факултетот отуѓил ствари, кои претходно ги добил на трајно користење. Тоа е прашање за кое несомнено мора да се зборува отворено на седници на органите на Универзитетот.СЛУЧАЈОТ СМРДИ, ИНСТИТУЦИИТЕ СО ЗАТНАТ НОС

Откако професорката Ременски заедно со деканот Снежана Никодиновска-Стефановска, инаку првата наследничка на Јакимов, го пријавиле криминалот прво во ректоратот на Универзитетот, се соочиле со постапка против нив. Наместо надлежните да откријат кој тајно договарал со МОН и со МВР на каков начин да се опремат „невидливите“ лаборатории, тие ги суспендираат деканот и продеканите на факултетот.

Така, Никодиновска и Ременски за неколку месеци завршуваат со раководната кариера на факултетот, но, сепак, најмногу ќе останат запаметени, барем меѓу колегите, како професорки кои откриле криминал со опремување на лаборатории и пријавиле.

Откако останува без раководните позиции, Ременски не се откажува. Оправдани биле сомнежите дека разрешувањата на раководството се последица на откриените неправилности со лабораториската опрема.

Значи, наместо ректорот да се приклучи кон нивната пријава и да пројави интерес за случајот, тој ги симнува од позициите. Ременски не ја следи глувоста на ректоратот, туку ја исполнува граѓанската должност и самата поднесува кривична пријава.

Најпрво, против деканот Јанко Јакимов, Марина Малиш Саздовска, како проректор за финансии,  и Јован Андоноски, секретар на Факултетот за безбедност, како и против други лица, а подоцна и против ректорот Жоглев.

Е токму во тие „други лица“ се кријат имиња на повисоко позиционирани функционери. Според сознанијата на „Фокус“, пријавата четирипати е дополнувана со доказен материјал и е проширувана затоа што одговорноста се проширува кон сите што не постапиле по пријавувањето на криминалот, но и кон тие што се обиделе да прикријат докази.

Неофицијално, сега се проверува вклученоста на 15–тина лица, некои од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, дел од Крим-полицијата, како и вработени во Министерството за образование. Неколкумина од нив веќе биле испрашани за целиот случај.

На почетокот, осомничените се обиделе да ја намалат личната одговорност посочувајќи на други вмешани во дејствијата околу целиот проект со опремата.

Нагласиле дека тоа се повисоки структури во институциите. Згора на тоа, признале дека првичните состаноци како да се изведе целата операција, биле на повисоко ниво меѓу МОН, МВР и факултетот. Пониските структури само спроведувале.

Дали на тоа се должи инертноста на полициските служби кон обвинителството за законската обврска да му достават комплетен материјал неопходен за финиширање на истрагата?

Поранешниот декан Јакимов за „Фокус“ тврди дека идејата за целиот проект била на МВР. Тој имал и директни контакти со министерката. „Знаеше и министерката и врвот на МВР за целиот проект. Ние на крајот сфативме дека немаме услови за инсталирање на таквата скапа опрема. Тоа подразбираше и капитална инвестиција, која ние не бевме во можност да ја изградиме. Не се согласувам дека не знаеле професорите на факултетот. Вистина е дека опремата не дојде на факултетот и замина во МВР затоа што на крајот и владата се вклучи во процесот со носење одлуки околу опремата. Јас не знам до каде е истрагата, но знам дека ниту сум предизвикал штета, ниту сум имал лична корист“- изјави Јакимов.

Другите споменати во текстот не успеавме да ги контактираме, но со оглед на сериозноста на темата „Фокус“ останува отворен и за контрааргументи.

Како и да е, истрагата ќе мора да одговори на многу дилеми, пред сѐ, дали се купени три системи АФИС и каде се другите два, ако едниот, тој од факултетот, завршил во МВР. Од МРТВ, за каде што биле наменети другите два система, како што стои во документацијата, се изјасниле дека кај нив нема такви опремени лаборатории.

Ако навистина има уште два система во државата, ќе мора да се открие каде се и за какви цели се користат? Дали до сега се искористиле нивните „мултифункционални перформанси“? Особено зашто системите можеле да бидат користени и за производство на биометриски документи со кои на избори може да се гласа. Има ли МВР контрола на тоа?

Зошто набавена научно-истражувачка опрема заврши во МВР и зошто надлежните носеле одлуки и отпосле потпишувале договори? Кој ги принудил и какви мотиви имале деканот и ректорот да не ги известат професорите за сите активности, односно да не преземат мерки за откривање на одговорните? На крајот, сѐ се сведува на тоа дека сите знаат оти нешто смрди, но го третираат како прашање со кое, по сѐ изгледа, треба да се занимава само подносителот на пријавата и обвинителката, а не и другите институции.

Многумина од испрашаните тврделе дека, сепак, со набавката немало штета за државниот буџет, што е тотално ирелевантно. Се знае дека проневерите во јавните набавки не се однесуваат само на штета врз буџетот.

Во овој случај МВР, без ребаланс на буџетот не може да стане ниту директен, ниту индиректен корисник на буџетски средства од програми, особено не на другите министерства, каква што била оваа потпрограма во буџетот за МОН. Ако обвинителството се покаже професионално, тогаш ќе мора да удри и по „повисоките“.

Да потсетиме дека „највисоката“ шанса ја имаше еднаш јавниот обвинител Марко Зврлевски – да го гони премиерот Груевски за корупција со „Македонска банка“, но тој аудиоснимката ја прогласи за невалидна. Дали сега случајот со опремата ќе му отвори втора шанса за „крупни риби“ во мрежата? И дали воопшто ќе ја растегне мрежата? Или, тој радо би ја пропуштил и втората шанса. Е па, трета среќа!

 

Утре, вториот дел од истражувачката сторија: „Обвинителството решава дали ќе ја гони владата

АРХИВА Груевски ни ѕиркаше во спалната соба, а сега ни се пикна и во фрижидерот

$
0
0

Текстот е објавен на 26 октомври, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 994

Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Ако до неодамна владата ни беше во спалната соба, бидејќи нели не советуваше колку деца да имаме и нѐ предупредуваше дека не смееме ниту да помислиме на абортус, сега се пресели во кујната и буквално ни влезе во фрижидерот. Го отвораш, и таму, покрај вчерашната сарма и домашниот ајвар, се појавува премиерот, Никола Груевски, кој ти вели дека треба да го наполниш фрижидерот со свежи зеленчук и овошје, како и со морска риба и со свежо пилешко месо, кое никако не смее да се камуфлира со сомнителните замрзнати американски копани.

Ова значи дека најпрвин уредот треба да се исчисти од мразот што го совладал, бидејќи и досега бил полупразен, па убаво да се наполни со здрави и хранливи продукти.

Ама, она што не ни го појасни премиерот е како да се дојде до нив? Покрај сите совети и несоборливи факти, кои во изминативе денови ги слушнавме лично од него, презентирајќи ја најновата кампања „Здравјето е избор“, и покрај сите презентирани рецепти, тој не одговори на прашањето со кои пари граѓаните да ја исполнат неговата заповед? Дали тој месец, кога ќе се гостат со вргањ, лосос, ананас, маслиново масло, интегрално брашно, да не ја платат струјата, водата и парното…

Да биде иронијата поголема, кампањата тешка половина милион евра, иако нарачана уште од поодамна, пред јавноста беше презентирана на 17 октомври, или точно на Светскиот ден на сиромаштијата. А, Македонија на тој ден има и што да „слави“, бидејќи над 30 проценти од населението е сиромашно, а десетици илјади гладуваат, зашто немаат за леб, а не, пак, за бадеми и за лешници.

СЗО: ЗДРАВАТА ХРАНА Е СКАПА

 Но, според проценката на премиерот Груевски, „Здравјето е избор“ е досега најзначајната владина кампања.

Владата во континуитет нѐ советуваше како да бидеме добри домаќини, да станеме академски граѓани, да се откажеме од пороците, да бидеме толерантни и да градиме соживот, па откако го научивме сето ова, на ред дојдоа и советите за тоа како да се храниме.

„Наша обврска е од најнапредните научни сознанија во делот на здравата храна и здравиот начин на живот да ги доближиме до секој обичен граѓанин. Секој да може да го разбере тоа затоа што не секој граѓанин може да прочита што некој кажал на Јејл, на Харвард или што препорачува СЗО“, истакна Груевски, во обидот да ја доближи новата кампања до народот.

Тој додаде и дека на овој начин државата ќе заштедела, односно со кампањата ќе се превенираат и ќе се спречат многу болести за кои  трошела многу пари за лечење. Значи, ќе се олесни само буџетот на граѓаните, ама за возврат, пак, ќе пукаат од здравје.

Сепак, од владата признаа дека оваа генијална кампања не е нивна идеја, туку ја измислиле Финците. Ваков концепт за подигање на свеста кај граѓаните за водење здрав живот веќе 30 години се спроведувал во Финска, каде што смртноста била намалена за дури 70 проценти. Овој податок навистина звучи неверојатно, но она што македонската влада заборави да го сподели со својот народ е податокот дека просечната плата во Финска е 2.100 евра, или за седумпати повисока од македонската.

Исто така, премиерот се повика и на податоци од Светската здравствена организација, но заборави да го спомене нивниот податок дека здравата храна е скапа! Ова не е претпоставка или паушално тврдење, туку став на СЗО, од каде што минатата година излегоа со точна пресметка за тоа колку чини здравиот оброк. Па, така, од СЗО пресметале дека секој човек дневно треба да издвои дополнително 1,1 евро за здрава храна, што на годишно ниво е повеќе од 400 евра, или 1.600 евра за едно просечно четиричлено семејство. Од СЗО пресметале дека оброкот од зеленчук, риба и ореви е многу поскап од чинија индустриски месни преработки и други додатоци. Тие наведоа дека за дневно консумирање на 400 грама овошје или зеленчук треба да се издвојат дополнителни 1,17 евра и тоа само за едно лице. За брачна двојка со две деца тоа месечно се дополнителни 131 евро.

Како поткрепа на овие пресметки одат и последните податоци од Државниот завод за статистика, според кои, 1.146.400 граѓани во Македонија не можат да си овозможат да платат јадење со месо, риба или соодветно вегетаријанско јадење секој втор ден.

Според податоците на Евростат, Македонија, пак, е трета најсиромашна земја во Европа. И Светска банка укажува дека повеќе од 30 проценти од луѓето во Македонија живеат со помалку од еден долар на ден, а две третини од населението со помалку од два долари на ден.

По овие статистики, слободно можеме да заклучиме дека Македонците досега не се хранеле здраво, не дека не сакале или не знаеле, туку бидејќи немале пари.

Н:СПОРЕД ГРУЕВСКИ, НЕ БИЛО СÉ ДО ПАРИТЕ, ТУКУ ДО СВЕСТА?!

 Премиерот, пак, без да ги земе предвид овие загрижувачки статистички податоци, понесен од идејата од Македонците да направи здрава и силна нација, извика дека не било сѐ до парите, туку до свеста. Па, за да ја зголеми свеста на населението истакна дека од голема важност е секојдневно да се внесуваат овошје и зеленчук, со исклучок на компирот, додавајќи дека целозрнестите житарки, како што се пченката и пченицата, придонесуваат за подолг и поквалитетен живот. Од протеините, пак, ги издвои рибата и пилешкото месо.

Хм, и тука веднаш имаме проблем. Во старт ни е забранет компирот, кој речиси на сите македонски граѓани им претставува неизбежен дел од главниот оброк. Не само затоа што е вкусен, туку, пред сѐ, затоа што е евтин. Рибата, пак, се јаде најчесто за време на постите, и тоа онаа најевтината. А, со убава и квалитетна риба се изненадува стомакот  еднаш годишно, за Св. Никола. Морската риба, пак, и за овој празник останува нешто непознато.

Дека не е сѐ до свеста, туку до парите, покажуваат навиките на граѓаните, кои се хранат со овошје и зеленчук, но само во периодите кога цената на овие производи е достапна за нивниот џеб.

Не треба да сте експерт-нутриционист за да знаете дека здравата храна е многу подобра за вашето здравје, но не треба ниту да сте економски експерт за да знаете дека таа е многу поскапа. Затоа, наместо да се гледа производителот, на прво место секогаш е цената.

Така, на сите им е јасно дека маслиновото масло е покорисно, но доколку со него треба да го заменат сончогледовото, ќе треба да платат најмалку трипати поскапо. Ценовен шок ќе ги дочека и доколку наместо обичните сокови на растворање, си купат природни овошни сокови. Од јаткастите плодови, кои во зависност од видот чинат над 500 денари за килограм, можат да си го дозволат оревот, и тоа ако го имаат во сопствениот двор.

НИ ДАВААТ ЗАГАДЕНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, А НÉ УЧАТ ДА СЕ ХРАНИМЕ ЗДРАВО

Комуниколозите што ги контактиравме, истакнуваат дека се затекнати од најновата кампања, односно од улогата која во неа ја зазеде премиерот Груевски. Тој речиси половина час објаснуваше што е здраво да се јаде, а што е штетно, а на моменти беше доведен во ситуација кога со тешкотии изговараше одредени поими, што е и очекувано, бидејќи зборуваше за сфера, која професионално не му е воопшто блиска.

„Кај нас, по сѐ изгледа, се почнува и завршува со премиерот. Излегува дека ако тој не ни каже нешто, ние нема да послушаме, па затоа мора да се појави. Нормално е државата да прави или да финансира кампањи кои се во интерес на граѓаните, но за мене е неприфатливо нив да ги промовира премиерот. Еве, Германија имаше една кампања за штедење на водата, која пренесуваше практични совети за граѓаните, а се реализираше без Меркел да се појави во медиумите. Или, во Англија имаше кампања за здравата исхрана, но неа ја реализираше кулинарот Оливер, кој буквално упаѓаше во кујните на рестораните и ги учеше готвачите како да ја приготвуваат храната, вели комуникологот Весна Шопар.

Таа забележува дека кај нас работите се вршат наопаку, по обратен редослед.

„Додека тече кампањата за здрава храна, истовремено до нас стигнуваат и информации дека водата во Гевгелија има арсен, или дека нивите во близина на затворот во Куманово се загадени со фекалии, или дека почвата е загадена и во Велес, во Тетово… Па, како сега нѐ учат да готвиме здрава храна, а истата мораме да ја зготвиме во вода со арсен. Или од каде да бидеме сигурни дека купуваме органски производи, кога постојано слушаме за се поголем број загадени земјишта. Со кампањата ни велат дека „Здравјето е избор“, но ова всушност покажува дека ние немаме избор“, поентира Шопар, заклучувајќи дека приоритетите се измешани.

Според Марина Тунава, предавач во Високата школа за новинарство и односи со јавноста, кога станува збор за кампањи за подигнување на јавната свест и за промена на навиките на граѓаните, најдобро би било да се слушне гласот на стручните лица и гласот на обичните луѓе.

„Ако станува збор за кампања за здрава исхрана, тогаш тука има простор да се слушне гласот на нутриционистите, лекарите, професорите од факултетот за земјоделски науки и храна, граѓанскиот сектор… Во одредена фаза од кампањата може да се слушне и гласот на министерот за здравство, иако би требало да се има предвид дека и зачестеното појавување во јавноста и медиумите може да предизвика чувство на презаситеност кај публиката. Не е вообичаена пракса во светот или, пак, гарант за успех при водење кампањи од ваков тип да се појави премиерот на државата“, вели Тунева. 

Таа додава, дека за да успее кампањата, чија цел е од интерес и за поединецот и за државата, треба да се води сметка и за начинот на настапување, односно дали ќе се оди со “офанзивно наметнување на идејата“ или со користење на повнимателен пристап и пораки, водејќи сметка и за социјалниот момент и стандардот на оние на кои им е наменета – граѓаните.

Економските аналитичари и политиколози, пак, истакнуваат дека кампањата е излишна бидејќи македонските граѓани се хранат неквалитетно и нездраво, не зашто не знаат, туку затоа што немаат пари.

„Оваа кампања е спротивна на економската реалност во Македонија. Фактот што поголемиот дел од домашниот буџет граѓаните го трошат на храна, укажува на сиромаштија. И тоа постојано прават напори да ги намалат овие трошоци, поради што купуваат и неквалитетна, па дури и храна со изминат рок, бидејќи таа е поевтина, а сѐ со цел да им останат средства за другите давачки. Кога владата, при ваква реална ситуација, излегува со ваква кампања укажува на тоа дека тие изгубиле чувство за реалноста и дека си веруваат на сопствената пропаганда дека бележиме раст и развој“, вели универзитетскиот професор Здравко Савески.

ПОТРОШЕНИ НАД 20 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КАМПАЊИ

Ако граѓаните немаат пари за храна, владата веќе со години покажува дека има пари за кампањи. Пресметките покажуваат дека, владејачката гарнитура од 2007 година, па сѐ до денес, потроши околу 20 милиони евра за над триесетина кампањи, или во просек секоја чинеше околу половина милион евра.

Првите кампањи се појавија во 2007 година, кои според финансискиот извештај на Државниот завод за ревизија чинеле неверојатни 7,7 милиони евра. Една од кампањите беше за да се привлечат странски инвеститори во Македонија, а другата беше за образование.

Веќе од наредната, 2008 година, цената на кампањите почна да се објавува и на Бирото за јавни набавки, но владата никогаш не откри колкав дел од колачот оди за изработка на кампањите, кои ја вршат неколку маркетинг-агенции, а колку за емитување на медиумите.

Освен во 2007 година, владата за кампањи најмногу пари потрошила во 2009 и во 2011 година, односно во месеците по одржувањето на парламентарните избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ се јавува како победник. Токму поради таквата коинциденција со изборите, тогаш од СДСМ истакнаа дека се сомневаат дека преку кампањите ВМРО-ДПМНЕ ги враќа долговите за предизборните партиски кампањи.

Податоците покажуваат дека во 2009 година се потрошени рекордни 5,6 милиони евра за десет кампањи. Интересно е тоа што договорите за осум од кампањите се потпишани на ист датум, поточно на фамозниот 17.3.2009 година. Ова лесно може да се провери во податоците на Бирото за јавни набавки, од кои се гледа дека Генералниот секретаријат на Владата, во ист ден потпишал договори со дури 28 маркетинг-агенции. Тогаш во етерот одеа кампањи кои требаше да влијаат врз граѓаните да ги остават алкохолот и цигарите, а се редеа и нови епизоди од „Истражи ја Македонија“. Истата година одеше и кампањата, според која, кога дома имате пожар, немојте ни да помислите да спасите жива глава, туку спасете ги книгите. Ако вие не успеете да се извлечете, ќе ги прочита некој друг. Потоа следуваа и оние кои ги едуцираа граѓаните како да ја одржуваат јавната чистота, а по нив следуваа часовите по етика и етичко однесување. Оваа година се појави и кампањата против абортусот, односно 2009 година е точниот период кога владата непоканета ни влезе во спалните соби.

Во изборната 2011 година, пак, биле потрошени 3,5 милиони евра за девет нови кампањи. Со толку пари нѐ учеа како да бидеме подобри домаќини, ни го развиваа претприемачкиот дух, па повторно ја истражувавме Македонија. Освен „едукативни“ кампањи се правеа и такви што служеа за рекламни цели, односно се рекламираше набавената медицинска опрема, како и реформите во јавната администрација и судството.

Меѓу последните кампањи, пак, кои деновиве ги бомбардираа националните телевизии, се оние за безбедноста во сообраќајот и се разбира, најновата, за здравата исхрана.

Иако владата веќе осма година по ред упорно осмислува и реализира нови кампањи, сепак, јавноста остана покуса за информацијата дали тие имале некаков ефект. Досега само кусо информираа дека тие правеле истражување за ефектите, но не се „осмелија“ резултатите да ги споделат со јавноста. Зошто? Дали можеби не ги оправдуваат потрошените пари, за кои и така постојат сомневања дека се трошат нетранспарентно?

На овие прашања нема кој да одговори бидејќи премиерот е зафатен со стручни совети, како на пример оној дека консумацијата на сол во текот на денот за возрасни луѓе не треба да биде повеќе од шест грама, а кај децата и помалку, бидејќи според анализите солта го покачувала крвниот притисок.

Кога сме веќе кај крвниот притисок, премиерот изостави да каже и дека секојдневниот стрес и нервоза предизвикани од беспарицата, исто така, доведуваат до негово покачување. Но, за жал, за оваа дијагноза не го даде лекот. Најверојатно ќе следува нова кампања, која без сомнение ќе тежи, веќе уиграни, половина милион евра.

АРХИВА Злосторничко здружување на партиски музичари: Власта субвенционира измамничка естрада

$
0
0

Текстот е објавен на 21 ноември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 998

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Пејачот со експресен прогрес во кариерата, Даниел Кајмаковски, е новиот македонски преставник на Евросонг 2015 во Виена. Тој победи според гласовите на жирито и на публиката преку гласање со СМС телефонски пораки. На второ место заврши несудената евро-претставничка Тамара Тодевска, а на трето пејачката Евгенија Чанчалова – Еги. Нивните песни се наградени со повеќе од пристојни суми од 20, 15 и 10 илјади евра.

Дали заслужено завршија на првите три места и дали нивните гласови се регуларни, проверува полицијата. Исто како што проверува и за другите настапувачи на Скопскиот фестивал за кои биле испратени пораки од безимените телефонски броеви.

Местенките со гласови на Скопскиот фестивал ја отворија естрадната Пандорина кутија. Сите знаеле кои кланови во музиката можат да наместат, кои автори тоа го направиле и претходно, но исто така сите – молчеле. Јавната тајна останувала во круговите на естрадата и никој не одлучил да пријави, уште помалку јавно да изнесе тврдења со докази дека некој мести победници на фестивалите, иако многупати поразените композитори знаеле да напоменат дека има пропусти при гласањето.

Но, тука завршуваше се. Реагираше Александра Пилева на победата на Мартин Вучиќ, Адријан Гаџа на победата на Елена Ристевска, но нивните укажувања дека изборите се местат тогаш останаа како празни зборови. Сега нештата се поинакви.

Под истрага е и телефонското гласање на Макфест во Штип, но и ланското издание на скопскиот фестивал. Тие три фестивали се поврзуваат преку продукцијата План Б, чии сопственици Стефан и Игор Стефановски се кривично пријавени за компјутерска измама со гласовите, но и преку фирмата за спроведување на телевоутингот Видекс, чиј сопственик Борис Видевски исто така е осомничен.

Кругот на луѓе во оваа фаза од полициските проверки заврши со пејачот Елвир Мекиќ. Иако првично се спомена името на Јован Јованов, како пријател и соработник со План Б и Елвир Мекиќ, дека е главниот организатор на фантомското гласање, тој сепак изостана од полициската пријава, но истрагата за него трае. Во моментов го спаси и фактот дека е на постдипломски студии за филмска музика во Америка. Таму е неколку месеци, што значи дека на денот на гласањето за избор на песна за Евровизија не можел да учествува во местењето.

Но, дали и што правел претходно, со оглед дека има индиции за фиктивни гласови и на другите фестивали? Секако, клучно е да се истражи дали само продукцијата План Б имала илјадници телефонски картички, или тоа било профитабилно „хоби“ и на други композитори? Оттаму и коментарите дека „клановите“ со картички дури и соработувале меѓу себе, особено на фестивалите на кои од еден број можело да се гласа за три песни, па така, тие се договарале како да си менуваат гласови.

КОЈ ГИ ПРИЈАВИ ЈОВАНОВ И ПЛАН Б?

Јован Јованов првично куртули од пријава на МВР. Полицијата се правда дека јавниот обвинител инсистирал тој да биде изземен затоа што не е во државата и неговото отсуство не смее да ја попречи истрагата за да се утврди одговорноста кај другите. Но останува прашањето како тој заврши во полициската замка?

Во последните години беше еден од омилените композитори на власта. Толку му се веруваше на квалитетите и музичкото знаење, што за неколку изборни циклуси ги компонираше химните со кои партијата на Никола Груевски настапуваше пред граѓаните на митинзи и во телевизиските спотови.

Да не заборавиме дека во химните по правило се нагласува големината на партијата и политиката на Груевски како единствено исправна опција за државата. Композиторот беше толку во „шема“ со вмровците, што неговото влијание во партискиот музички избор не заврши само на предизборните химни. Секако паметиме и негови настапи на големите партиски митинзи.

Познато е дека приврзаниците на власта, па макар и со создавање музика за ВМРО-ДПМНЕ, кога – тогаш ќе заработат и од државните пари. Од нив може полесно и повеќе да се наплати, а тоа влијае пропорционално на лојалноста и посветеноста. Јованов беше и член на комисија во Министерството за култура, а беше задолжен и за многу музички владини проекти, пред се оние со препев на македонски стари песни од млади пејачи.

Но кој пријавил во полиција за местење фестивали? Или, кому поверувала полицијата, за тоа што со години се шепотело меѓу пејачите, за да започне со претреси и проверки? Ако сите на естрадата ја знаеле позицијата што ја имал Јованов кај власта, тогаш навистина морал да го пријави некој што исто така има релации со високи функционери, или пак некој што му прекипело, но притоа понудил и сериозни сознанија и докази за тоа кој, како и од каде мести телефонски гласови.

За поседување докази како се местело гласањето во јавноста зборуваше единствено Тамара. Таа преку Сител не откри какви докази поседува, но нагласи дека ќе ги предаде на истражните органи. Така таа самата се прозва за соработник на полицијата во намера да се открие целиот скандал, а виновниците да се казнат, како што и самата посака во текот на телевизискиот настап.

Тамара, веќе еднаш беше на Евросонг во 2008 та, заедно со Гаџа и Врчак. На два пати пак завршува на втората позиција, а нејзините песни потоа стануаа хитови и имаа позитивни коментари од критичарите. Годинава ја победи Кајмаковски, лани пак, Ламбе Алабаковски. Тогаш тој ја однесе победата за настап на Евровизија, токму како ексклузивец на План Б, но и ќари 20 илјади евра.

Наспроти Кајмаковски, кој победи со 3 500 гласа од телевизиската публика, Алабаковски победи со само 124 гласа по СМС пораки, Тамара тогаш имаше 89 гласа, а Димитар Андоновски беше трет. Бројката гласови се должи на два фактора – времето за гласање беше ограничено на мала минутажа, а пораките беа значително поскапи. Но ова го отвори сомнежот дека полесно било да се наместат резултатите од гласањето, особено за „клановите“ кои имале стотици, па и илјадници телефонски картички. Затоа полицијата го проверува и ланското гласање.

Претходно, кога на скопскиот фестивал Министерството за култура немаше предвидено парични награди, победници беа Влатко Илиевски, Влатко Лозановски, а една година групата „Некст тајм“, повторно ексклузивци на План Б. Иако тие години немаше пари за награди, сепак, како мотив е доволен престижот да се победи на фестивалот, а со тоа и да се настапи на Евросонг.

Токму победите на План Б ја насочуваат полицијата да проверува и во минатото. Пред се, ако се знае дека откриените 2 500 телефонски картички во акцијата на полицијата од пред една седмица не биле купени сите наеднаш, односно поголем дел од нив се трупале во последните неколку години. Ако се пронајдени 2 500 картички, а притоа полицијата открила дека четири до пет години се извлекувале спорните броеви, тогаш излегува дека доволно е секој ден да се купувале по две картички. Ова и не е толку тешко изводливо.

ЗА КОИ ПЕЈАЧИ ФАНТОМСКИ СЕ ГЛАСАЛО?

Да споменеме и други факти кои се исто така причина полицијата да се сомнева во поголем број местења, не само на последното издание на скопскиот фестивал. На штипскиот Макфест годинава првпат имаше парична награда, а со тоа и зголемени апетити кај композиторите и пејачите. На крајот победи Биба Додева, второто место го освои Дарко Илиевски, а третото, сега пријавениот за измама со гласови, Елвир Мекиќ.

Да напоменеме дека Илиевски е ексклузивец на Горила продукција, истата куќа која стои зад Тамара. На оваа продукција како да ѝ е судено да освојува втори места. Тогаш никој не ја оспори победата на Додева. И сега полицијата не е толку фокусирана на нејзините гласови, колку што е на броевите кои гласале за Елвир. Дали истите картички кои сега ги пронајде полицијата и за кои тврди дека биле користени за Скопје фест биле вклучени и неколку месеци претходно, на Макфест?

Но целата полициска интервенција во музичките фестивали потекна од минатата недела. Клучно е сега да се открие кои песни биле фаворизирани да победат и да земат дел од паричниот фонд. Така ќе се стигне до другите музичари кои лажирале гласови, а ги има повеќе, затоа што никој не верува, посебно во музичките кругови дека местенките завршуваат со План Б продукција и Стефановски.

Јавниот обвинител издал наредба да се проверат електронските комуникации на осомничените, особено на броевите кои ги користеле, а немаат име и презиме. Кога ќе се утврди за кои песни стигале гласовите, ќе се знае полесно кои автори е можно да имале свои групи на терен со десетици телефонски апарати и стотици картички.

Ако се следи кој која песна ја имал на фестивалот, тогаш логично е Мекиќ да гласал за Викторија Лоба, затоа што песната со која настапи е негова и на Јованов, а полицијата во неговиот стан откри стотици картички и голем број телефонски апарати. За ваквите сомнежи Лоба не сакаше да зборува со новинарите. Вистинската адреса, според неа, за новинарските прашања е таа на победниците на фестивалот.

Ако ја следиме нејзината изјава тогаш таа мисли на Кајмаковски, Тамара и Еги. Дали План Б можела да организира фиктивно гласање за победниците? Тоа е исто така на проверка. Додека немаме јасна ситуација каде оделе гласовите и дали ќе има повторување на фестивалот или телевоутингот, резултатите остануваат во сенка.

Очекувано е дека и Кајмаковски вината ја пренесува кај други кои сакале да му ја загрозат победата.

Мојата победа не е спорна. Некој веројатно се обиде да ми ја одземе, но не успеа. Јас, од друга страна, многу сум задоволен што властите во Македонија ја открија измамата“- изјави Кајмаковски од Белград.

За Тамара индициите се помали затоа што таа настапува за Горила продукција, која е силниот конкурент на План Б на музичкиот пазар. Еги, пак, настапи со песна на Григор Копров. Е сега, јавниот обвинител и тоа го проверува, дали третата позиција била фаворизирана за повисока?

„Фокус“ зборуваше со Копров, но тој имаше време само за неколку реченици со кои неколкупати повтори дека тој не е дел од приказната и не знае ништо за телефонските картички. Се повлече од разговорот откако го прашавме кои други кланови имаат фантомски картички и колку тие се користеле на претходните фестивали.

Со оглед дека План Б продукција, според истрагата, стои зад лажираното гласање, а притоа се знае дека тие немаа свој директен претставник на фестивалот, тогаш секако е интересно да се дознае со кого имале договор за местење на гласањето. Сомнеж отвора нивната претходна соработка со Јованов и Мекиќ и затоа не се исклучува дека пишувале пораки да им помогнат ним, а секако има докази дека испраќале пораки и за други пејачи. Полицијата на прес конференција нагласи дека првично три песни биле фаворизирани на нечесен начин.

ЧЕТВОРИЦА ПРИЈАВЕНИ ЗА ДВЕ КРИВИЧНИ ДЕЛА

Како и да е, сега полицијата има четворица за кои тврди дека учествувале во нерегуларностите. Пријавата ќе мора да се прошири на уште неколкумина. Нормално дека поседувањето картички, па и нека се илјадници, не е забрането со закон. Исто како и стотици телефонски апарати.

Понатаму, исто така не е противзаконски ако некој има броеви и гласа од нив за фестивалски победник затоа што секој има право да фаворизира своја песна. Но клучно е, и на тоа ќе се фокусира истрагата, како илјадниците картички завршиле кај неколкумина.

Со тоа може да се смета дека е направено кривично дело ако се потврди дека процедурата за издавање е прекршена. Затоа што картичките се на име тест, пријавени се на само две непостоечки адреси, а притоа излегле од мобилните оператори, неопходно е некој да биде одговорен од таму.

Колку и да не знаеле вработените дека картичките ќе завршат за лажирање резултати за Евровизија, прашање е дали имале право да ги издадат, особено на само две адреси и на непостоечки имиња. Ова со тест наликува како картичките да биле дадени на проба, за потоа да се склучи договор.

Има примери кога големи компании земаат по стотици картички на име тест, но по проверките и вклучувањето во системот, тие потпишуваат договори со операторот за користење на броевите и тогаш станува познат сопственикот и адресата. Во примерот со спорните картички најверојатно не е потпишан договор.

Тоа ќе биде отежнување затоа што потешко ќе се утврди сопственоста на картичките или пак осомничените ќе имаат простор да тврдат дека не се нивни. Тука се појавува дилемата дали некој од осомничените го споменал или понатаму во истрагата ќе го спомене името на Јованов, со оглед дека МВР не е откажано од негова евентуална инволвираност. Пред се, затоа што картичките се земале неколку години во неколку тури.

Како што се ределе фестивалите, така се нижеле и картичките. Адвокатот на Јованов, Дејан Павлоски, тврди дека тој нема врска со фестивалот затоа што е во Америка. Не очекува дека ќе има пријава за Јованов затоа што не постоеле докази. Инаку, Јованов претходно имаше заедничка продукција со Кристијан од План Б. Секако, одговорни ќе мора да има и кај пејачите, особено оние кои знаеле и биле подготвени, ако ја освојат наградата да ја поделат со гласачката група.

Полицијата има две кривични дела во пријавата. Едното е злосторничко здружување, дело кое се користи секогаш од истражните органи кога постои група и така се влијае врз висината на казните. Но тоа мора да е условено од друго кривично дело, односно да се докаже дека групата се здружила со намера да изврши злодело. Тука тоа дело е компјутерска измама.

Ако се следат членовите и ставовите на ова кривично дело, јасни се две работи. Прво дека вината најмногу се фокусира на фирмата Видекс, како спроведувач на телевоутингот, затоа што во членот 251 од Кривичниот законик пишува дека се казнува со затвор од една до 10 години тој што обезбедува имотна корист со внесување на невистинити податоци во компјутер и влијае врз резултатите при обработка на податоците.

Дали ова значи дека јавниот обвинител ги смета за невистинити податоците кои во форма на СМС порака пристигале во системот за гласање или пак дополнително Видевски можел да ги менува бројките директно во системот? Познато е само дека тој ги известувал членовите на План Б за текот на гласањето.

Но тоа што упатува дека полицијата ќе излезе со податоци за местење и на други фестивали е сознанието дека во врска со членот 251 е ставен и членот 45 кој подразбира продолжено кривично дело, односно дека и претходно е сторено исто или слично дело. Ако се утврди вина кај осомничените извесно е дека казната ќе биде затворска, затоа што и за злосторничкото здружување се предвидени од една до пет години.

Ќе има уште многу работа за истражните органи. До тогаш МРТВ, како организатор на фестивалот ќе молчи и ќе чека инструкции од полицијата  за тоа дали е неопходен нов фестивал или ново гласање. Нивна вмешаност во бројноста на гласовите не е утврдена.

ПАЗАРОТ НЕ, АМА ДРЖАВАТА ДАВА

Местенки на фестивалите имало отсекогаш, така тврдат сите кои се занимаваат со естрада. Но откако државата воведе парични награди тоа станало поинтензивно. Дури до таа мерка што се занемарува квалитетот на песните. Дури сомнежите одат до таму дека се местат и фестивалите на народна музика.

Иако наградите се тазе проект на Владата, сепак ги покажаа слабостите. Наместо да бидат мотив за квалитетна музика со регуларно гласање, кое ќе се почитува пред се од композиторите и продукциите, тие од самиот старт станаа мамка за лажирање музички избори. Кога се воведувале наградите, некои пејачи, исплашени токму од местења на фестивалите, предложиле наградниот фонд да се дели на сите пејачи подеднакво, или првите тројца да имаат малку поголеми награди од останатите.

Но, Министерството за култура успеа да ја наметне тезата дека е важно и да се  биде награден за победата, па затоа некој се досетил тоа да го прави на поинаков начин. Паричните награди се толкуваат и како обид на државата финансиски да го подобри статусот на авторите и пејачите со оглед дека нивниот обем на работа е намален, особено нивните настапи.

Понатаму, отсуството на музички емисии од телевизиските канали, како и незначителното емитување на нивните спотови, како можност за заработка, ги става пејачите во уште понепријатна ситуација. Дополнително, албумите малку им се продаваат и на крајот, речиси никој со години не направил концерт.

За да им олесни, државата воведе награди на фестивалите, но и „субвенции“ за издавање нови песни. Првичната замисла беше да се помогнат 200 песни со по 1000 евра. Некои тоа и го искористија, а првите субвенционирани песни имаа патриотски призвук.

Но, како и со фестивалите, така и со парите за издавање песни, државата предизвика негативни ефекти. Едноставно, работата на продукциите се намали затоа што на авторите, особено на новите, полесно им е да земат 1000 евра од државата отколку да платат композитор кој вреди и по 3000 до 5000 евра за песна.

Така македонската естрада тоне, а можноста за заработка ја гледа токму на фестивалите, поради што пејачите стануваат зависни од државата. А таа понатаму ги користи за партијата. Несомнено дека секој пејач сака да има настапи на партиски митинзи затоа што тоа е едноставен, лесен и ефикасен начин за заработка.

Од друга страна, пак, партиите сакаат на сцена пред секој митинг да им се пофрцкаат познатите пејачи. Од ова произлегува дека да не е партијата на власт, ќе нема естрада. Може ова звучи строго, но воведувањето награди, а со тоа промоција на нерамноправната битка, субвенционирањето пејачи за патриотски песни, како и ангажирањето на пејачите за митинзи се доволен факт дека без државната интервенција во музиката, уште потешко ќе опстои естрадата.

МАНИПУЛАЦИИ СО АВТОРСКИТЕ И ИЗДАВАЧКИТЕ ПРАВА!?

Како прилив на финансии таа ги користи средствата кои Здружението за заштита на музичките авторски права (ЗАМП) и Македонската музичка индустрија (ММИ) ги собираат од телевизиите, радијата, рестораните, ноќните клубови и сите корисници на македонската музика.

Иако двете организации по формата се здруженија на граѓани, сепак, со лиценци од државата тие имаат право на наплата. ЗАМП наплаќа за авторските права, тоа значи за композиторите, текстописците и аранжерите, додека ММИ за изведувачките права, односно за пејачите.

И тука државата има интервенција, пред се со наложувањето на телевизиите и радијата одреден дел од програмата да и биде посветен на македонската музика. Со тоа им се зголемува можноста за заработка преку авторските и изведувачките права.

Но и во ова нема ред. Имено, телевизиите и радио станиците самите поднесуваат годишен извештај колку и кои песни ги пуштиле во етер. Секако, тука има простор за манипулација затоа што секој радиодифузер може да прикаже колку сака песни дека емитувал во програмата со оглед дека не постои централен компјутерски систем што води евиденција.

Македонската практика мора да биде секогаш уникатна, па така е и сега. Постои спрега меѓу автори и пејачи од една страна и радиодифузерите од друга. Вториве можат да прикажат невистинити бројки колку една песна е пуштана во етер и така да ја зголемат заработувачката на крајот од годината.

Од друга страна, залудна е државната интервенција, особено кај телевизиите кои поради преплавеноста од турски и шпански серии музиката ја емитуваат во текот на ноќта кога има најмалку гледачи.

Потоа, купчето пари во ЗАМП и ММИ се зголемува од наплатата на паушали од угостителските објекти. Таму сумата се определува според бројот на маси во објектот, големината на просторот, работното време и други параметри, но наплатата за правата е задолжителна.

На крајот, кога се ќе се собере, дел оди кај авторите и пејачите, но тоа не се големи суми. Многумина земаат до 1000 евра годишно, само малкумина по неколку илјади.

За надминување на ситуацијата е неопходен цел систем кој точно ќе изброи која песна колку пати и на кои станици се вртела. Само така може да има чесен и квалитетен натпревар. Музичкиот новинар Антонио Димитриевски анализира дека така ќе има праведно делење на парите.

Од една страна се ЗАМП и ММИ, од друга се пејачите и авторите и на третата се медиумите. Ова свето тројство може да функционира само ако се поврзат во еден централен систем и со еден клик да можете да видите во моментов која песна на кое радио се слуша или која телевизија ја емитува. Само така нема да има лажирани бројки и само така ќе знаеме која песна е хит, кој пејач колку вреди и кој колку пари зема за авторски или изведувачки права“– заклучува Димитриевски.

Иако македонскиот музички пазар е мал, сепак ова многу лесно може да функционира. Па ако има регуларен начин на исплата на пејачите, може и ќе нема толкава потреба од државната интервенција, затоа што владините мерки се еднократна инфузија. Ова со авторските права би било постојан систем и начин за заработка.

И секако, да прашаме – зарем не е попаметно да се инвестира во музички школи, опрема, поттикнување на продукциите и создавање музички едуциран кадар, наместо да се интервенира со еднократни парични награди за неквалитетна музика, чија единствена публика е таа на партиските митинзи?

 

Рамка

 

СЕ МЕСТАТ И ФЕСТИВАЛИТЕ НА НАРОДНА МУЗИКА?

 

Сомнежите на полицијата во врска со местења на фестивалите одат и до таму дека и манифестациите за народна музика имаат фантомски гласови. Министерството за култура доделува награден фонд на „Цветници“ и на „Валандово“. И на тие фестивали исто така гледачите имаат можност да гласаат преку телефонски пораки. Годинава на „Цветници“ победи Татјана Лазаревска и беше наградена со 15 илјади евра. На „Валандово“ пак, според гласовите од телевоутингот, инаку спроведен од Видекс, победил Нино Величковски и бил награден со 20 илјади евра.

Рамка

ПАРТИСКИТЕ ХИМНИ ДОВЕРЕНИ НА ЈОВАНОВ

Музичката кариера на Јованов е врзана и со химните на ВМРО ДПМНЕ. Тој е автор на неколку, но првата ја има направено кога ВМРО ДПМНЕ дојде на власт. Потоа некоја помеѓу, и на крајот и последната „Има разлика“. Химните ги изведуваа секогаш популарни пејачи меѓу кои секогаш имаше место и за ексклузивците на План Б продукција.

АРХИВА Портрет Никола ГРУЕВСКИ: Св. Никола ја чека бомбата

$
0
0

Текстот е објавен на 19 декември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1002

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

Денес, на денот на еден од најголемите светци во православието, кога градот Штип ќе му го додели орденот „Св. Никола“ на премиерот Груевски, небаре прогласува нов светец, граѓаните сѐ помалку си го поставуваат прашањето – што направи Никола за Штип и за Македонија за да го заслужи орденот?! Рака на срце, штипјани може да наредат повеќе причини – конечно, по осум години власт, почна изградба на експресен пат Велес – Штип, а се гради и автопат преку Св. Николе, во градот ќе има и музеј со восочни фигури на историските водачи на ВМРО – Ванчо Михајлов и Тодор Александров, има музеј-куќа на Јордан Мијалков, Штип е повторно македонски Манчестер и увезува од другите градови текстилни работници, иако работат за ситни пари, но најбизарната причина за орденот општинарите ја сместија во соопштението за настанот – во Штип е родена мајката на премиерот. Мајката на синот на нацијата!

КОМПЛЕКС НА ЖРТВА

А кога е Никола во прашање, мајка му е секогаш на прво место. Ако некој имал влијание врз него, велат упатените, тоа е токму неговата мајка Надежда Груевска. Никола летово ја поведе мајка си заедно со сопругата и двете ќерки десет дена на одмор во Турција, на покана на неговиот турски политички близнак Ердоган, од кого црпи драгоцени искуства за авторитарното владеење и со тоа ја покажа својата силна фамилијарна приврзаност карактеристична за патријархалните ТВ сапуници од Босфорот, што така милно за ушите катавечер ни ги читаат Јелена Жугиќ и актерската дружина. Но, таа симболика на приврзаност кон мајката, која инаку е за почит и восхит и одраз на добро воспитание кога станува збор за обичниот живот, може да биде товар за политиката и особено за кариерата на еден син единец, каков што е Никола.

Медицинската сестра или здравствен работник не само што е фактор во животот на младиот Никола, туку таа ги храни и неговите политички амбиции, а за време на неговата политичка кариера и особено во текот на премиерскиот мандат, дури и активно води политика, да речеме во Фондот за здравство, а не ретко остварува улога и на кадровик, чии консултации Никола особено ги цени. Но, и многу повеќе од тоа. Таа е тука да подметне грб, кога треба да се јави како сопственик на станови со заштедата од медицинскиот гурбет во Либија, кога го напаѓаат, да го брани жестоко, па и да се расправа на улица со неговите политички опоненти. Впрочем, политиката е многу валкан занает за мајките со чисто срце и нежна љубов за своите синови да имаат посебна улога во неа. Мајките се главно посесивни кон своите синови единци, нагласено емотивни и тешко може да сочуваат студена глава. Секој напад, а во политиката такви фрчат, тие го доживуваат драматично, а ако згора на тоа имаат и поголеми амбиции, тогаш тоа може да предизвика сериозни ломови.

Иако живеат одвоено, Никола гради односи и со татко му Тало, кој докторирал на Белградскиот универзитет и предава на Шумарскиот факултет во Скопје. Татковските корени од егејска Македонија, од с. Крушоради, Леринско, и егејската приказна ќе одиграат сериозна улога во развојот на тврдокорноста на Никола, кога станува збор за спорот со Грција. Но, родното место на татко му ќе добие особено на значење со изградбата на спомениците, кога здружение што го носи името на ова славно село, ќе се појави како донатор на пет споменици во Скопје!

Сепак, особено влијание врз формирањето на младиот Никола има братот на Надежда – Јордан Мијалков. Вујкото Јордан, велат нему блиските, посебно го гледал својот внук, особено откако родителите му се разделиле, па дури и повеќе од своите синови Сашо и Влатко.

Бидејќи Никола бил навикнат на кавги, а не ретко бил сведок и на физички грубости, со време изградил карактер на жртва. Отсекогаш за себе сметал дека има несовршен надворешен изглед, невообичаено широк од, неправилен нос, иако денес во зрели години за многумина изгледа допадливо. Тие што го посматрале одблизу велат дека поради сето ова изградил комплекс на инфериорност. Тој себеси се смета за неуспешен, но истовремено и за маченик. Него наводно секој се обидува да го искористи и да го жртвува, а тие што го жртвуваат, се разбира, се лоши луѓе.

ОБРАЗОВНИ ФРУСТРАЦИИ

За да не биде жртва, маченик, рано во својот живот решава да успее, да стане славен, да прави пари, да добие сила и она што му недостасува – моќ! Бидејќи Јордан и синовите живеат извесно време во Прага, стариот Мијалков таму е претставник на „Макотекс“, Никола добива желба да студира режија на Прашката школа. Тој младешки занес го инспирира да статира во култ претставата „Чија си“ од Сашко Насев, на крајот од 1980-тите во Драмски театар во Скопје. Желбата за успех и чувството на физичка немоќ го качува дури и во боксерскиот ринг. Но, Никола не успева ниту во театарот, ниту во боксот.

Кога Македонија се одделува од СФРЈ, Никола ја следи политиката одблизу, зашто во експертската влада е неговиот вујко – министер за внатрешни работи, но и штипската колонија тазе политичари – премиерот Никола Кљусев и министерот за правда Ѓорѓи Наумов, познати или блиски до неговото семејство! Поради поврзаноста со вујко му, силно го погодува сообраќајната трагедија во која загина Јордан, додека Никола е студент на Економскиот факултет во Прилеп. Сведоци тврдат дека Никола до денешен ден не прифаќа оти загинувањето на Мијалков било чиста сообраќајка, а во тоа време гробот на својот вујко го посетува многу почесто дури и од неговите синови.

Можниот неуспех го притиска многу силно студентот Никола, во 1994 година да дипломира на Економскиот факултет во Прилеп, во тоа време високообразовна институција со пониски стандарди, какви што Груевски премиерот, денес особено пизми. Познавачите велат дека токму тие негови рани прилепски фрустрации и несовршено образование го поттикнале неговото чувство да сонува недофатливи образовни височини. Никола е фасциниран од Кембриџ, Оксфорд, Харвард, Јејл и учениот свет, оттаму и усвоените програми од Кембриџ во македонското основно образование, а недовербата во луѓето што ја изградил поради чувството – објект на измама и жртва, кај него очигледно создава рефлекс на постојано испитување, тестирање.

Никола не верува во луѓето, дури ниту во најблиските пријатели. Секогаш ги става на тест. Тој мисли оти и братучедите може некогаш да го предадат. Околу него сите се измамници, против кои тој треба да се бори. Универзитетите штанцаат дипломи за пари, студентите не сакаат да учат, професорите не сакаат да го унапредуваат своето знаење и се фатиле цврсто за катедрите и за привилегиите. Ќе ѝ покаже тој што е образование на таа багра! А моќта што ја има, му дозволува тој овојпат да се служи со насилство, макар и со политичко.

Дипломата за Никола е само вовед во патот до успехот. Гребе со нокти да добие работа која може да го вивне во височините – економски, финансиски, пред сѐ. Станува брокер во експозитурата на бугарската Балканска банка, а неговата трансакција на Македонската берза за хартии од вредност е забележана како прва. Тој, всушност, има порив, токму поради чувството на несовршеност, секогаш да биде прв!

КАДРОВСКИ АДУТ НА ДВЕТЕ ДАМИ

Кога влегува во политиката, Никола е комплетен анонимус. Неговата кариера почнува во 1996 година, кога од високи кругови на штипското крило на ВМРО-ДПМНЕ му е сугерирано да влезе на кандидатската листа за општински советник во Центар. Тоа се поклопува со формирањето на Советот на интелектуалците на ВМРО-ДПМНЕ на крајот од 1995 година. Експремиерот Никола Кљусев станува претседател на Советот, и тоа како непартиска личност. Токму Кљусев е тој што го носи Никола во ДПМНЕ. Има разни шпекулации дали веднаш станал партиски член или, пак, бил само советник во Центар, кои не може да се потврдат, како впрочем и гласините во јавноста дека претходно наводно бил близок и до други партии од т.н. Сојуз за Македонија.

Кога станува член на советот на Општина Центар, Никола почнува да се запознава со структурите на партијата. Според вмровски инсајдери, советникот немал забележливи настапи на седниците, ниту, пак, бил забележан од водачите на партијата. Упатените велат дека главниот кадровик на ВМРО-ДПМНЕ Доста Димовска, но и лидерот Љубчо Георгиевски лично не го познавале Никола сѐ до 1998 година!

Иако тогаш „од авион“ се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со Демократска алтернатива ќе оствари победа, Никола не е активен учесник во кампањата. Поранешниот претседател Борис Трајковски, кој во тоа време ги води партиските надворешни работи, подоцна ќе изјави дека пред изборите 1998-та наводно го контактирал Никола и го замолил како економист да се вклучи посериозно во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот одговор бил дека би сакал, но не може зашто поради тоа би можел да ја изгуби работата во банката.

Како и да е, Груевски успева да се наметне како кандидат за министер во владата на Георгиевски. Неговата прва средба со мандатарот ја договараат две дами од опкружувањето на лидерот. Во еден познат скопски ресторан, каде што војводата е заедно со сопругата, двете дами кои се спротивставуваат на кадровската политика на Димовска, за Никола пред лидерот зборуваат во суперлативи. Не треба притоа да се одбегне фактот дека една од дамите имала и искра на привлечност и симпатија кон Никола, за чиј развој може само да се шпекулира.

Упатените велат дека причината Георгиевски да му понуди на Никола да стане министер за трговија, е книгата дијалози меѓу Груевски и Сем Вакнин, која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја прочитал и се заинтересирал за него. Во промоцијата на Никола во министер за трговија наводно учествувал и еден од нашите најпознати бизнисмени Светозар Јаневски, кој финансиски го помогна издавањето на книгата. Но, железната лејди на ВМРО-ДПМНЕ, уште на стартот се спротивставува на ова сѐ уште недозреано кадровско решение.

ЖЕЛЕЗНАТА ЛЕЈДИ ПРОТИВ НИКОЛА

Кога го презема Министерството за трговија, Никола си носи свои другари од детството и од средното економско училиште, меѓу кои денес еден од најголемите бизнисмени во пи-арот и во адвертајзингот во Македонија. Моментот кога Димовска го егзекутира Борис Стојменов од местото министер за финансии, поради аферата со продажбата на Стопанска банка, е миг за молскавична политичка кариера на Никола Груевски. Иако Димовска е против Груевски да биде министер за финансии, Георгиевски ја презема одговорноста. Набргу се случува конфликт меѓу Доста и Никола околу фамозниот кредит од една позната американска банка од 12,5 милиони долари за купување полициски возила „крајслери“ за потребите на Министерството за внатрешни работи со кое раководи Димовска. Груевски жестоко се спротивставува на набавката, иако таа на крајот се реализира преку роднина на претседателот Борис Трајковски, но веднаш потоа меѓусебните односи на сите овие личности стануваат непријателски. Покрај Димовска, на Никола му се спротивставуваат и министерот за образование Ненад Новковски, а подоцна и Љубе Бошкоски како министер за внатрешни работи. На Новковски особено му пречи што на седници на владата кога се одлучува за сериозни финансиски прашања, Никола излегува и им се јавува на телефон на професорите од Економскиот факултет Михаил Петковски и Живко Атанасовски, чии совети, како млад и неискусен министер, ревносно ги слуша. Тоа создава гнев кај министрите зашто преовладува чувството оти владата не ги води суверено своите финансии.

Бошкоски е министер за внатрешни работи во воената 2001 година, кога ММФ ѝ одобрува средства на Македонија да ја преброди воената криза (пари за бранителите). Но, министерот за финансии жестоко се спротивставува на предлогот и се жали кај Георгиевски. На една од владините седници, Бошкоски во свој стил му вели – „Дечко, има и други министри во владата, освен тебе!“ Во својата книга „Тоа сум јас“ Георгиевски потврдува дека Никола бил во непријателски односи со многу министри.

По поразот на ВМРО-ДПМНЕ во 2002 година, Никола станува советник во владата на Србија кај вицепремиерот Божидар Ѓелиќ. Проектите „Купувајте македонски производи“, успешната фискализација и медиумскиот пи-ар за т.н. пица-буџет го прават популарен реформатор и дарлинг на опозициските медиуми, за што своја заслуга секако имаат и идеите на неговиот економски советник, Сем Вакнин.

ОДБИ АМБАСАДОРСКО МЕСТО ВО ЛОНДОН

Најавата за повлекување на Георгиевски од лидерското место на ДПМНЕ е извонредна шанса популарниот министер, кој успева без големи лузни да се извлече од воената 2001 година, да биде пред самиот праг на успехот и моќта. Неколку месеци пред партискиот конгрес во Охрид, кој се одржа во мај 2003 година, Груевски почнува да размислува да стане лидер. Го има предвид одлучувањето во ВМРО-ДПМНЕ како класична султан-партија и знае оти за победа на конгресот на му е потребна поддршка од членството, туку од лидерот Георгиевски. Димовска и Трајковски, кој тогаш е во претседателскиот кабинет на државата, прават последен обид да го спречат можното доаѓање на Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Борис го повикува во својот кабинет и му нуди амбасадорско место во Лондон. Никола одбива! Доста и Борис знаат оти од ВМРО со Никола на чело ќе остане само ДПМНЕ.

На конгресот во Охрид, расположението на над 70 отсто од делегатите е неговиот противкандидат Марјан Ѓорчев да стане нов партиски претседател. Не оти Ѓорчев е вистинска замена за Георгиевски, но во споредба со Груевски, тој е меѓу основачите на партијата, а згора на сѐ е рафиниран и компромисен политичар, кој ја познава историската ВМРО и партијата, а подоцна и државата, може да ја поведе во мирни води. Но, по наредба на Георгиевски, расположението на делегатите се менува преку ноќ. Груевски е на партискиот трон!
Веднаш по конгресот во ДПМНЕ почнува да се шири незадоволство. Почесниот претседател Георгиевски сака и натаму да владее, Груевски не отстапува да биде единствен лидер. Никола носи свои луѓе во партијата и го зацврстува водството. Кулминација на конфликтот е фамозната седница на Централниот комитет на партијата во хотелот „Панорама“, на почетокот од 2004 година, кога буквално за влакно е избегнат жесток физички судир меѓу припадниците на Георгиевски и Груевски. На седницата треба да се гласа доверба на раководството. Двете армади, приврзаниците на Љубчо и на Никола се вооружени до заби. Пред седницата, Никола е уплашен од крвава разврска. Како човек кој се плаши од моќта, на своите најблиски соработници им вели дека е спремен да поднесе оставка и да си замине од местото лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Го убедуваат да не се повлекува!

Високи полициски и разузнавачки структури од надвор, по наредба на премиерот Бранко Црвенковски му даваат логистичка поддршка на Груевски. Во тоа свои прсти наводно имал и тогашниот шеф на ДБК Силјан Аврамовски, инаку главен за врски со американската ЦИА, кој долги години потоа во времето на Груевски останува заменик шеф на контраразузнавањето. Според познавачите на приликите, и американскиот амбасадор Лоренс Батлер лично му дава поддршка на Груевски.

Никола остварува тесна, но историска победа – 69 наспроти 67 гласови. Двата гласа од делегатите на ЦК кои му даваат предност се од Илија Китановски и Силвана Бонева, дотогаш цврсти приврзаници на т.н. бугарофилско крило предводено од Георгиевски. Којзнае како ќе изгледаше Македонија денес тогаш да загубеше Груевски?!

Но, предмет за поширока дебата е зошто од толку високи полициски и разузнавачки структури на владата на Црвенковски и од речиси сите негови медиумски инсталации тогаш беше поддржан Груевски.

НОЖ ВО ГРБОТ

По трагичната смрт на Трајковски во февруари 2004 година и вонредните претседателски избори, со учеството на ВМРО-ДПМНЕ на Груевски во вториот круг на претседателските избори, кога се знаеше дека кандидатот Сашко Кедев нема елементарни изгледи за победа, Груевски го легитимира изборот на Црвенковски за претседател. Се верува оти тоа е вратка за поддршката на Груевски од лидерот на СДСМ за критичните настани во „Панорама“.

Подоцна Груевски ќе изјави дека чувствувал оти тие денови за време на претседателските избори одел со нож во грбот, кој наводно му го забил Георгиевски, зашто агитирал за апстиненција од претседателските избори, откако Љубчо прво застана зад кандидатурата на Љубе Бошкоски, која ДИК не ја прифати.

Ножот в грб е класична интерпретација на еден карактер кој себеси се смета за жртва, велат познавачите на психолошкиот портрет на премиерот.

По тој настан, иако има само 5 пратеници, а ВМРО-НП на Георгиевски – 18, со огромна помош на претседателот Црвенковски и неговите медиумски и полициски слуги кои го форсираат како структура која му одговора на профилот на СДСМ, Груевски е фаворит на изборите. Црвенковски денес треба да одговори на прашањето дали имало дил – јас тебе претседател, ти мене премиер! Зошто инаку вечниот лидер на СДСМ застана во разузнавачко-подземен линч на премиерот Владо Бучковски и речиси отворено го помогна доаѓањето на власт на ДПМНЕ, 2006-та! По изборите, Груевски немаше мнозинство сам да состави влада, но рака му подаде Тито Петковски, кој со НСДП успеа да одземе 7 пратеници по отцепувањето од СДСМ, и Георгиевски кој божем во коалиција со ДПА ѝ даде поддршка на владата. Црвенковски, Георгиевски и Петковски имаат особени заслуги за метеорската кариера на Никола. Сѐ друго е историја!

СРЕЌНИ ТИ РАНИ, ЈУНАЧЕ!

Всушност, сите овие години, новинарите, политичарите и аналитичарите се прекршија да објаснат како и зошто Груевски владее така како што владее, авторитарно, конспиративно, пропагандистички и популистички. Во оваа пригода се обидовме да одговориме и на прашањето како тој дојде на власт и кој го смести во лидерската фотелја на ДПМНЕ и во Владата, но работата, барем за тие што сакаат демократија, слобода и правда, е во тоа како неговиот режим да падне.

Значи, најгорливото прашање поврзано со Никола овие зимски денови кога ќе му редат ордени, не се причините за одликувањата, тие се помалку или повеќе познати, туку како овенчаниот водач ќе ги пречека бомбите на Заев, како ќе одговори на нив, дали ќе им подлегне на тие темпирани политички експлозивни направи за кои сѐ поизвесно е дека нема да одекнат пред да завршат новогодишните и божикните празници.

Нему блиските велат дека политиката за Никола е екстензија на неговата внатрешна борба против злото. Надворешниот свет за Груевски е зол. Тој не прави рационални калкулации. Секој обид да го победите со втерување страв, не успева. Заканите и уцените ги одбива мазно! За него луѓето ги води стравот и лакомоста. Со политиката што ја води се обидува да ги поткупи сите оние на кои не може да им верува, а помалку и да ги застраши. Никола е непоправлив фаталист. Верува во судбината, во среќата, без која мисли оти нема успех. Не верува во моќта да ги промени нештата. Според неговото мислење, големи сили раководат со процесите, а тој е нивна жртва и бездруго не може да ги победи, ако тие силно запнат. Но тоа не значи оти нема да се бори. Згора на тоа, мисли оти има и лоша среќа. Штом дојде на власт, во Европа почна економската криза. Поради таа лоша карма не може да ја прероди Македонија така како што сака. Зашто, судбината не е во неговите раце.

Бидејќи не знае кој и што се крие зад бомбите на Заев, да речеме дека станува збор за надворешни сили, си вели – па што ќе даде Господ!? Но нема да седи со скрстени раце. Ако бомбите, за кои се говори дека се полни со лични политички компромитации навистина го втераат до ѕид, ќе подготви историски говор во кој ќе открие домашен и странски заговор против Македонија. Домашните заговорници вообичаено ќе ги најде во редовите на СДСМ и кај соросоидите, странските во шпионските агенции од соседството, пред сѐ, од Грција. Подготвен е да ги употреби сите оружја за да се одбрани. Многу му значи што мислат луѓето за него и за членовите на неговото најблиско семејство и не би сакал да го засрамат. Затоа ќе пука од сите оружја.

Тие што одблизу го познаваат, велат дека се лажат сите аналитичари кои мислат оти Груевски само манипулира со тоталитарната матрица на прогласувањето предавници, шпиони, заговорници, за да се задржи на власт. Тој не лаже, велат, туку навистина мисли оти неговите политички противници се компромитирани, дека се предавници на државата, петта колона и дека работат за грчките и за другите странски интереси против Македонија. Во неговиот ум, тој е Македонија и тој ја брани. Затоа е многу опасен!

И најексплозивните бомби на опозицијата, за изборна измама, за организиран криминал, за прислушување, за корупција, за нарачка на судски одлуки, па дури и за ликвидации, спремен е да ги жигоса и да ги отфрли. Неговото разбирање за корупцијата и за кршењата на законот од страна на власта, не е легалистичко и рационално. Бидејќи тој мисли оти неговите противници се служат со недозволени, подземни средства за да ја обезличат Македонија и да ја клекнат на колена и тој има право на измама, на криминал, на корупција, на контрола на судството, на партиски монопол и на подземни игри за да го порази непријателот.

Власта за него е одговорност. Товар му е, но чувствува историска должност да ја штити нацијата! Во една таква есхатолошка војна со предавниците, Никола смета оти сите средства се дозволени, а парите стекнати на недозволен начин се потребни да се добие војната. Лошите луѓе, злото, мора да се поразат и засекогаш да си заминат.

Но, Груевски не е сигурен оти ќе победи. Што ќе се случи, не знае никој. Тој единствено е сигурен во убедувањата дека никогаш нема да прифати уцени и закани. Тој е спремен за војна. Ја чека бомбата. Среќни ти рани, јуначе!

Рамка1

МАГИСТРАТУРА И ДОКТОРАТ

Иако ангажманот во политиката не дозволува многу време за други активности, Никола како премиер успеа и да магистрира. Магистерскиот труд насловен „Кон излезот“, беше промовиран во ноември 2007 година во МАНУ, во присуство на академици, министри и дипломати. Но, опозицијата на ова реагираше оти уште во 1998 година, во биографијата на министерот Груевски, која подоцна исчезнала, стоело оти во 1996 година тој завршил постдипломски студии по монетарна економија на Економскиот факултет во Скопје. Како и зошто Никола не успеал да магистрира додека бил во опозиција, иако имал време на претек, но тоа, сепак, му успеало како премиер, прашуваше опозицијата, но не доби одговор. Сега се говори дека на големо подготвува и докторат. Како само стигнува!? 24/7!

Рамка2

ЗОШТО ЉУБЧО НЕ И СЕ ИЗВИНИ НА НАЦИЈАТА ЗА НИКОЛА?

Многу подоцна, на прашањето зошто на партискиот конгрес во 2003 година застанал зад Груевски, а не зад Ѓорчев, Љубчо Георгиевски ќе изјави оти сметал дека Груевски ќе се занимава со економски реформи и не можел да претпостави дека ќе води политика на антиквизација, но, исто така, кажа оти, ако ништо друго, со Груевски на чело, ВМРО-ДПМНЕ ја поминала магичната граница од 300.000 гласови, која тој не можел да ја досегне.

Иако денес Георгиевски е силен идеолошки противник на Груевски, јавноста не забележа оти во меѓувреме се откажал од него, и покрај тоа што водеа војна за наследството на партијата. А да потсетиме оти Љубчо театрално се откажа од Борис Трајковски, кога во Собранието на РМ во октомври 2002 година ѝ се извини на нацијата што го кандидирал за претседател во 1999 година, зашто на тој начин, како што рече, ја девалвирале безбедноста на РМ и културно и цивилизациски ја девалвирале институцијата претседател. Љубчо го нарече Борис „полтрон на меѓународниот фактор“.

Рамка3

АРХИНЕПРИЈАТЕЛИТЕ ДОНЧЕВ И ГРУЕВСКИ

Конфликтот меѓу Ден Дончев (информатор за аферата „Македонска банка“) и Никола Груевски, денес вистински политички непријатели, датира од 1998 година, кога двајцата интензивно се дружат. Кога Дончев е втор човек на ревизиската компанија „Дилојт и Туш“ за Македонија (1997), го кани Никола на интервју за работа во една од петте најреномирани адвокатско-консултантски фирми во Лондон, „Вајт енд Кејс“. Шефот на одделот за Балканот на „Вајт енд Кејс“ по интервјуто му вели на Дончев оти Никола не го поминал тестот за хонорарно да биде ангажиран како финансиски консултант за „Дилојт и Туш“ на проектите на „Вајт енд Кејс“ во Македонија. Никола е лут и од овој момент натаму почнува да расте политичкото и лично архинепријателство меѓу Дончев и Груевски.

АРХИВА За нештата да станат појасни: Од Никола до Никола има разлика

$
0
0

Текстот е објавен на 5 декември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1000

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Кога власта ќе успее да ги корумпира луѓето со нивните сопствени пари, тогаш демократијата ќе изгуби секаква смисла.“

Томас Џеферсон, претседател на САД 1800/1808 г.

Загрижувачки е кога она за што алармирал некој државник пред двесте и кусур години, вие сте имале „привилегија“ да го живеете. Да осетите на своја кожа како изгледа кога дури и една недовршена демократија ќе ја изгуби смислата. Да живееше во ова наше време, во 21 век, верувам дека Џеферсон ќе им искажеше должна почит на Груевски и на Ахмети за виртуозноста со која успеаја да ги корумпираат граѓаните со нивните, буџетските пари. Маркс, Енгелс и Ленин сосе Тито, пак, ќе ги одликуваа со медал за социјалистички заслуги за успешната акција Партијата да ја изедначат со Државата. Сталин ќе им се поклонеше за енергијата вложена во производство на домашни непријатели.

Но, овој вовед, ми беше потребен само како сценографија за да нагласам колку во вакви „благопријатни“ услови е вест еден неделник да успее да доживее 1.000. број. Особено што ниту претходницата на преродбениците, не само што не нѐ милувала, туку максимално се трудела да го збрише, дисциплинира, етикетира, минимизира и анатемизира весникот, кој како првенствена задача си поставил да ги лови грешките, забеганостите и корупциските скандали на властите. Тие, пак, „согласно Уставот“ се лоцирани во Владата.

Од друга страна, наспроти задоволството со илјадарката, притиска разочарувањето дека по 19 години битка со моќниците, Македонија успеа само да стане полнокрвна демократура. Тоа, пак, не го менува фактот дека архивата на „Фокус“, тоа богатство од 1.000 изданија, е најдоброто сведоштво за валканата и криминална транзиција од која сите врхушки профитираа, ама државата назадуваше. „Весникот на внатрешниот и надворешниот непријател“, пак, како константа, секоја влада го доживуваше како крвник.

ВИРУС ВО СИСТЕМОТ

Сепак „Фокус“, делото во кој е вграден духот на Никола Младенов -луциден, истражувачки, пркосен, ги доживува(ше), за сега и ги преживува најтешките денови, токму за времето на еден друг Никола. Груевски, де.

Се сеќавате на неговиот последен настап  на 24 Вести, неколку дена пред трагичниот настан, кога резигнирано нафрли дека „ти доаѓа да фатиш гитла од професијата“! Призна дека власта нѐ дисциплинирала, затоа што почнавме за банални работи да стискаме кочници. Спротивно на нашите пориви, да не вадиме нож на мртов Германец, почнавме да собираме „архива“, која ќе ја објавиме кога моќниците ќе станат немоќни. Не се свесни колку инсајдери навреме се исповедале. А има бајаги, но сега кошта пари. Жално, но вистинито.

Едно сум 102 отсто убедена, дека Никола, оној нашиот, не пастирот, би се гордеел со екипата што ја објавивме аферата „фабрика за пасоши“. Дури и ќе се израдуваше на соопштението на Агит-пропот дека сме им хумористични. Сме засмејувале и други власти, оти па нив да ги поштедиме од забава. Башка што овие од ДПМНЕ се на добар пат да ги ангажира ЦИА, ФБИ и НАСА како супер талентирани, за час-два да извршат вештачење на видео и на аудиоснимки. Ќе влезат во Гинисовата книга на рекорди според брзината со која удрија експертиза на „пасошарата“, како и на аудиоснимката за случајот „Македонска банка“.

Тоа што во стилот „уби го гласникот“ и „нападот е најдобра одбрана“, Гордана Јанкулоска настапи на Сител, со „провокативните“ прашања од Славица Арсова, суперинвестиција на Американците, е сосема очекувано. Сме слушале и порано дека „Фокус“ е диригиран од опозицијата, ама никогаш ваква глупост не треснал еден министер, и тоа јавно. И јавно ѝ упатувам БЛАГОДАРНИЦА на првата полицајка за овие комплименти. Штом студентските протести ги прогласија за опозициско масло, мене лично ми е ќеф да сум во истата група со студентите. Колку тие, толку и ние сме диригирани од СДСМ.

А сега уште една заедничка нишка што во еден сегмент нѐ спојува со студентските протести. Мотивот наш, а убедена сум и нивен, не е „само мене да ми е добро“, туку принципиелен – Македонија да биде добро место за живеење. Ете, Груевски убаво ја процени таа главна мантра на мнозинството – да се грижиш само за личните бенефити, а ич да не ти е гајле каква е големата слика, за тоа каде оди Македонија. Затоа се обиде на ситно да ги ќари студентите. Демек, олабавете, нема вас да ве стрефи екстерното или државниот испит, сеедно, туку тие по вас – од 2017. И студентското НЕ им е како опасен вирус во системот зашто може да инфицира и други. Наместо молчешкум да фаќаат усвет, да кренат глас овде. За себе, ама и за идните генерации.

КАКО НÉ КОНТРОЛИРАШЕ ОПОЗИЦИЈАТА!

И не затоа што како расипана плоча слушам алиби-напади од власта „под контрола на опозицијата се“, многу повеќе поради гебелсовштината, која налага илјадапати да се повторува лагата за да стане вистина, за илјадаркава на „Фокус“ решивме да ве потсетиме на доследноста на нашиот неделник кон сите власти. Зоран Димитровски како уредник при основањето во 1995 до 1998, а потоа и Теофил Блажевски за периодот од 1998 до 2002. И, секако, извадоци од уводниците на Младенов.  Да си припомниме за нашите постојани „контролирања од опозицијата“, а против злоупотребите на власта. Според овој терк, ептен сме ненормални. Оти кој жив има ќар од опозиција, особено што ние, од „Фокус“ докажавме дека не се бориме за функции, буџетски пари, тендери и такви ми работи.

И така доаѓам до моментот кога сакам да споделам со вас како и зошто сум главен уредник на „Фокус“ од 2003 година до денес. Со Никола сме пријатели од неговата брилијантна роља во „Млад борец“. Таков беше и тој – борец… до крај. Како човек кој не функционира во стадо, како индивидуалец, особено како „дело“ на мојот телевизиски ментор, покоен Никола Солдатов, (уште еден Никола) никогаш немав уреднички амбиции. Солдат велеше „кога ќе станеш уредник, пола бирократ си, а главен уредник полнокрвен бирократ“. И тоа се совпаѓаше со мојата природа. Ама станав главен уредник на „Фокус“!!!

И ај да си олеснам, да објаснам. Кога во 2003 година, по победата од „15 септември“, јас веќе 4 години работев во приватна телевизија, ама и 3 години бев колумнист на „Фокус“, младиот газда замоли да се тргнам од екранот, од вестите де, за да добиела телевизијата национална концесија од Бранко Црвенковски! Се жалел на колегите дека сум имала дпмневски ставови, ама денес е во нивен скут. Ќе ме плаќал, ама ќе се вадел дека сум во „Фокус“. Се осетив како стока на пазар. Следниот ден соопштив дека заминувам. Никола нашиот, нели, без двојба ми понуди вработување, ама и главен уредник. Е тука се натегавме.

Му објаснував дека сум ептен либерален тип, дека нема шанси да забранам поинаков став на тие што се бренд, дека не ме исполнува да „контролирам“ текстови, ама, сепак, си легнав на брашното. И не бев многу среќна од „функцијата“, согласно мојата природа. Ме исполнуваше слободата да анализирам, истражувам, да ги детектирам слабостите на победниците откако моќта ќе ги расипеше, деформираше.

Со Никола честопати сме имале различни ставови за некои настани. Но, ниту тој како сопственик ми забранил да се изразам, ниту јас, во принцип, како „главен уредник“ кому било од искусните новинари и колумнисти, сум цензурирала став затоа што размислувам поинаку. Да, во исто издание на „Фокус“ ќе сте можеле да прочитате различни опсервации на македонската стварност. Во изминативе години не се однесував спротивно на своите сфаќања, кои, пак, се во остар судир со ставот на мнозинството за „главен уредник“. Ми се налутија пријатели, ама срдечно ме поздравуваа многу непознати, обични граѓани.

ЛИЦЕТО Б.Ц. И ШВАЈЦАРСКИ СМЕТКИ

И што да кажам дека беше карактеристика на „Фокус“ од 2003 до денес? Освен за вљубениците на пастирот што овој детаљ сакаат да го избришат, „Фокус“ од 2002 до 2006 година беше на линија на отпорот против сдсмовската власт. Далеку пожестока од опозиционерите груевци, кои се осилија откако Бранко стана бивш. Ама затоа ги позајмуваат фокусовите изуми. На пример, Никола Младенов прв го нарече Бранко Црвенковски „лицето Б.Ц.“, како синоним за некој кој со силна пресија, со поддршка и на ДПМНЕ го набилда цензусот за да премине 50 отсто. Поентата ни беше дека не треба да се силува граѓанството за гласање.

И кога за референдумот за територијалната кројка се примени слична сдсмовска тактика, да се плаши администрацијата да излезе да гласа, опоменувавме дека тоа е опасна игра. И така излезе. ДПМНЕ ја прошири и ја надгради до совршенство. Нивниот слоган „некои прашања не заслужуваат одговор“ го прогласивме за убиствен за кревката демократура.  Денес, еве, илјадници прашања груевци ги третираат непријателски, оставајќи ги без одговор. Нивната пропаганда шири нивни „вистини“.

Кога беше објавена насловната со „Швајцарските сметки“, а директно беа прозвани Црвенковски и Костов, Владо Бучковски како премиер даде изјава дека е време и некој медиум да пропадне, со други зборови клеветниците си заслужуваат таква судбина. Не пропаднавме тогаш, а не пропаднавме ниту од отштетата што неодамна ја плативме, со помош на сите вас и на ЗНМ, на Сашо Мијалков. Но, како што тогаш некои обвинуваа за монтажа на сметките, така исто сега нѐ монтираат како монтажери на снимките за „пасошарата“.

Да потсетам и дека откривавме корупциски скандали пред опозициската ДПМНЕ. За Владата на СДСМ тоа беа конструкции, клевети и што уште не. Но, кога се смени власта, кога Груевски го презеде кормилото, добар дел од нашите „конструкции“ добија судски епилог. „Фокус“ прв се посомнева дека има нешто гнило во МЗТ ФОП. Влатко Ѓорчев дури дојде радосен во редакцијата барајќи ни ги документите – од фокусовата сторија да држат пресови. Ете, колку нѐ контролираа. Денес случајот има правосилна судска пресуда. Кога го отворивме, пак, случајот „Злетовица“, по две години опозициската СДСМ ја користеше таа насловна во спот за да атакува на власта.

Во тој четиригодишен период често го третиравме стилот на министерот за внатрешни Хари Костов како одмазднички. Опоменувавме и дека со таква селективна правда, ем спектакуларни апсења, одмаздата и фрустрациите ќе нараснат. Така и бидна. Денес овој стил е подигнат на квадрат. Прогнозирам дека и некоја следна власт нема да биде имуна на вакви пориви. Тоа е спиралата на злото. Ама ниту тие тогаш, ниту овие денес, барем кога се власт не ја сфаќаат улогата на медиумите во демократски системи. Добри сме само кога се во опозиција.

И уште нешто, а за заштитниот знак на неделникот – стрипот. Кога во четврток наутро разбравме за можната трагедија со авионот во кој претседателот Борис Трајковски патуваше за Мостар, експресно го стопиравме изданието на „Фокус“ за да се извадат трите страници од стрипот, каде што Борис беше главен лик. Имавме мерка.

Патем, за тие што се радуваат за казните, сакам уште да споменам дека кога Никола беше осуден за клевета, на Бранко со 30.000, односно на Хари со 20.000 евра, Фрчкоски јавно ликуваше за цената што ќе ја плати „Фокус“. Инаку, и тој вообичаено како и секој министер за внатрешни бил омилена тема на „Фокус“. Како паталец од „Фокус“, демек, саде мераци тераше за драконските казни. Неколку години подоцна ги осети судските аршини за одбрана на ликот и делата на Груевски со 25.000 евра. Ние, пак, не се ситевме, туку принципиелно кренавме глас.

КУРИРСКА ПРЕСМЕТКА СО СОРОСОИДИ

Сакам да објаснам и дека нашиот критички гард кон сите власти, не е затоа што некого мразиме лично. Ние само го опсервираме нивното владеење. Потоа сме ги заборавале нивните клевети кон нас, кога ќе паднеле. Така и Фрчкоски беше колумнист на дневен „Фокус“, со Црвенковски, пак, ама како лидер на опозиција правевме интервју.

Во оваа ретроспектива за илјадарката морам да ја нагласам и единствената тримесечна пауза. Со смртта на Никола, згасна и дневниот и неделниот „Фокус“. Од властите ниту куртоазна телеграма со сочувство. Но, благодарение на Фондацијата Сорос, која понекогаш била тема и за насловните страници на „Фокус“, успеавме да го рестартираме неделникот. Ама, ова изгледа ги вознемири „патриотите“. Баш беше убаво кога нѐ немаше. И удрија турбо кон „Фокус“ како соросоид. Кога не беше соросоид, беше сотрен од клевети. Тука секогаш на висина на задачите се и куририте. Тие прават скандал и од општопознат факт – колку Сорос помогнал на секој конкретен, а неколкумина се, независни медиуми. Што би рекол Велија, „дучанчина“, кои се борат за опстанок на максимално уништениот медиумски пазар со владините реклами.

За разлика од медиумите кои уживаат во благодатите на владината рекламна поддршка, „Фокус“ беше бојкотиран и од властите на СДСМ. Но, и тогаш и денес се бориме против ваквото корумпирање на медиумите. Колегите што не го гледаат овој дефект, ќе го осетат тоа еден убав ден. И што да кажам, освен дека некој се држи до принципите, други до партиите и до привилегиите. Нашиот принцип е да ги нервираме властодршците. Како што предвиде Младенов во првиот уводник далечната 1995 г., „за едните ќе бидеме факелот на слободата, за други продадени души. Или, нашата визија што ја сподели во стартот на дневниот „Фокус“, „Македонија, во која народот ја контролира власта, а не таа него. Која и да е!“

И за да не биде дека освен власта сите се фасцинирани од нас,  ме поттикна една расправа на Фејсбук со новинарот на МИА, Цветин Чилиманов. По принципот „слушнал“, безмалку нѐ направи финансиски мучкароши. Призна дека со години не купува „Фокус“, му засметале различни ставови за проблемот за името што во исто време во „Фокус“ ги имале Никола наспроти Мирка. Безмалку, сме го напуштиле курсот „името не го даваме“. Мене лично, нели на функцијата „главен уредник“, ова ми е „најшит“ теза. Оти патриотските флоскули секогаш биле параван за грабеж. И кога Бранко прогнозираше дека нема маж што ќе прифати промена на името, до патосот што го креираат груевци. Да потсетам, додека Милошевиќ „Косово не го даваше“, милијарди од народните пари завршувале во Кипар и на егзотичните острови.

Многумина Цветини не го разбрале ФОКУС. Некои не нѐ читале затоа што очекувале дека и по падот на Бранко, ние треба да се занимаваме со него. Сите тие што не сакаат да прогледаат како „власта ги корумпира граѓаните со нивни пари“, ќе почувствуваат дека демократијата изгубила смисла само кога нема да ги уживаат привилегиите што таа власт, во тие нивни 5 минути, им ги овозможила. Тогаш кога ќе се најдат од другата страна, на која секогаш е „Фокус“. Да, некои се борат да се укине робовладетелството како систем, додека некои робови само сонуваат да станат робовладетели.

И да завршам како што почнав, со уште една мисла на Џеферсон. „Кога луѓето се плашат од власта, во прашање е диктатура. Кога власта стравува од народот, се работи за слобода“. Мислам дека власта почнува да се стравува од народот.

П.С. Има разлика – еден Никола се бореше за „општество на слободни луѓе, кое нуди еднакви шанси за сите“. Друг Никола е посветен да станеме „збирштина од безрбетници, кои успеваат благодарејќи на слепата послушност на партиското племе“.

Да, навистина тука „нема компромис“!

Рамка 1

„ИНДИЈАНА ЏОНС МАНГАЛАКОВ“ ПРОТИВ „ФОКУС“

„Фокус“ прв пишуваше за аферата со американските батаци за што главен актер беше сопственикот на А1 ТВ, Велија Рамковски. И следуваше тужба за клевета. Но, текстот беше потпишан со луциден псевдоним Индијана Џонс – Мангалаков (дописник на телевизијата од Софија беше Тања Мангалакова). Се разбира, согласно законот тужбата гласеше на псевдонимот. И беше забавно кога службеничката во судот го повика Индијана Џонс – Мангалаков да влезе во судница. Секако, уредништвото стоеше зад сите наводи, поседуваше богата документација… И тужителот се повлече.

 

 


АРХИВА Локални избори: Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати или СДСМ ќе ја зацврсти власта?

$
0
0

Текстот е објавен на 14 јули, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1136

Пишувал Никола СПАСОВ

Од резултатите на локалните избори, кои се веќе закажани за 15 октомври, во голема мера ќе зависи стабилноста на сегашната влада и коалиција и ќе го одреди текот на политичките случувања во периодот потоа.

На нив ВМРО-ДПМНЕ гледа како на шанса да докаже дека „власта го изгубила легитимитетот“ и можност за барање нови парламентарни избори. Освен тоа, со добар резултат Груевски има можност да ги запре притисоците за внатрешни реформи и промена на лидерот, кои се сѐ посилни. СДСМ, пак, ќе цели да ја потврди изборната победа од декември и по подолг период, да ја преземе власта на локално ниво, кое со години беше резервирано за ВМРО-ДПМНЕ.

Локалната власт и градоначалниците веќе располагаат со сериозна политичка и финансиска моќ. Позитивниот исход за партиите ќе значи голема предност и во кампања на евентуални нови предвремени парламентарни избори.

 ОД КОЈА ПОЗИЦИЈА СТАРТУВААТ ПАРТИИТЕ?

Политичката атмосфера и контекстот ќе бидат многу важен фактор за исходот на изборите. Поголемите национални политики ќе имаат одредено влијание, но најважно ќе биде од која политичка позиција и моќ тргнуваат партиите.

ВМРО-ДПМНЕ се соочува со големи проблеми внатре во партијата. Сѐ посилните „реформатори“ може да влијаат врз исходот, во услови на тесни избори какви што очекувам. Тие може да решат да формираат паралелни листи или, пак, да истакнат свои кандидати доколку нивните барања за реформи не ги уважи актуелното раководство. Секако дека ќе ја искористат можноста да го зголемат своето влијание пред и за време на изборите, време кога Груевски ќе мора да тактизира во однос на нив. Евентуален независен настап на оваа група би бил силен удар за партијата и уште еден противник кој ќе одзема енергија и време.

Расцепувањето на десничарскиот глас е сигурен пат до пораз.

Покрај оваа опасност, тука е настапот на ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција, како и обвинувањата и судските процеси од СЈО, кои ќе имаат силно влијание врз изборите. Она што е позитивно за нив, е фактот што во најголем број општини тие се на власт и за актуелните градоначалници, кои бараат реизбор тоа може да биде предност. Освен што тие што имале успешен мандат може да се надеваат на поддршка, локалната политичка моќ и силните позиции, кои ги граделе со години ќе бидат нивна предност.

За првпат по 2005 година, СДСМ настапува од позиција на власт и ќе ги организира изборите. Ова е голема предност, но останува да се заврши процесот на промени на директорските места и другите важни позиции во сите ешалони на власта. Овој процес треба да се забрза за на изборите партијата да настапи со целосен капацитет и контрола на институциите.

Второ, СДСМ го контролира наративот и одредува владини политики кои ќе придонесат за зголемување на поддршката. Без разлика дали е тоа покачувањето на минималната плата, гасификацијата или други мерки од програмата, секој потег ќе влијае врз конечниот исход. Можностите за носење вакви политики целосно ги контролира партијата на власт и очекувам максимално да ги искористи во своја полза.

Негативно за СДСМ е што во моментов најголем дел од кадрите се ангажирани на владини позиции. СДСМ по 11 години во опозиција за многу краток рок треба да понуди добри кадри и во владините и во локалните институции. Тоа ќе биде голем предизвик, особено ако се знае колку се важни личностите при гласањето за градоначалници.

АЛБАНСКИТЕ ГЛАСОВИ И НАТАМУ РАСЦЕПКАНИ?

Албанскиот политички блок е во голем хаос. По историските избори на кои се случија суштински промени во гласањето на Албанците, локалните избори за нив се многу неизвесни. Расцепкувањето на гласовите се покажа како голема грешка и очекувам за овие избори да се обидат да се групираат. Од друга страна, СДСМ и натаму ја има поддршката од солиден процент Албанци и секако ќе се замеша во нивните математики. Сега СДСМ има одлична преговарачка моќ за коалицирање на локално ниво, но и за вториот круг при гласањето за градоначалници.

БЕСА за првпат ќе учествува на локални избори и според резултатите од парламентарните, има можност да освои некое градоначалничко место. Сепак, нивните позиции не се баш најдобри. Проблем е што преговорите ќе се одвиваат помеѓу СДСМ и ДУИ како партнери во власта и БЕСА по некоја логика би требало да преговара со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е малку веројатно да се случи и ризично за двете партии, што ја прави ситуацијата крајно компликувана.

Очекувам дека партиите ќе пристапат кон поединечно коалицирање во секоја општина и дека многу тешко ќе се направи генерален партиски договор на ниво на целата држава. Оттаму, исходот на изборите во мешаните општини е тежок за прогнозирање во овој момент.

 СЕКОЈА ПАРТИЈА РАЗЛИЧНО ЌЕ ГИ ТОЛКУВА РЕЗУЛТАТИТЕ

Неодамна, Илија Димовски изјави дека ако победат на локалните избори тоа ќе значи дека СДСМ нема легитимитет. Но, што вистински значи победа на локални избори? Локалните избори оставаат простор да бидат различно толкувани, освен ако победата не е толку убедлива, како онаа на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година. Бидејќи такво нешто нема да се случи сега, ќе биде многу тешко да се одреди кој победил или изгубил, а партиите ќе се повикуваат на оние резултати кои им одговараат.

Дали победа ќе значи освоен глас повеќе на листите, или, пак, повеќе градоначалници? Дали победа ќе значи освојување на најважните и најголемите општини или, пак, на Градот Скопје? На крајот, она што ќе биде важно е да се процени за колку е зголемена односно намалена политичката и финансиската моќ според освоените општини на партиите. Ова нема да се прави со просто пребројување.

На изборите во 2013 година, ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи во многу општини, но изгуби во Општина Центар. Многумина сметаа дека тоа е пирова победа и подоцна се покажа дека ваквите тврдења не биле далеку од вистината. Поради поразот во Центар, Груевски беше „принуден“ да нарачува шамари, да прави скандали и напади и да го разоткрива својот авторитарен карактер.

Дополнително, новото раководство направи ревизија на проектот „Скопје 2014“ каде што откри криминални тендери и нелегални активности. Сето ова генерираше многу негативен публицитет и несомнено влијаеше врз поширока промена во поддршката за Груевски и партијата.

 НА ШТО УПАТУВААТ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ПОСЛЕДНИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ?

Анализата на изборните резултати по општини, и споредбата на добиените гласови на изборите во 2013 и 2016 година упатува на следново сознание:

ВМРО-ДПМНЕ има стабилно гласачко тело. Споредбата на гласовите што ги добила таа партија во 2013 и 2016 по општини покажува дека партијата речиси и да нема изгубено гласачи. Процентот варира од 5 отсто до најмногу 10 отсто изгубени гласачи и тоа, пред сѐ, поради заминувањето на коалициските ДОМ и Демократскиот сојуз. Во одредени општини има и пораст.

Табела 1

Број на гласачи во некои општини на изборите во 2013 и 2016 година

 

  ВМРО-ДПМНЕ СДСМ
2016 2013 2016 2013
Аеродром 21320 22795 23220 14642
Карпош 14960 12936 21592 12331
Центар 10135 11549 18710 12866
Бутел 8947 8861 7845 4462
Ѓорче Петров 12381 10150 12121 8389
Куманово 20677 18792 22216 17507

 

СДСМ има голем пораст во гласачкото тело и тоа не е резултат само на албанските гласови како што во јавноста се наметнува. Напротив, голем пораст има и во општините со доминантно македонско население, како што може да се види во табелата погоре. Голем предизвик ќе биде да се мобилизира повторно овој протестен глас, кој на последните избори ја направи разликата. Голема закана може да биде фактот што локалните избори статистички се со пониска излезност што во оваа политичка констелација не му одговара на СДСМ.

Како што се гледа од табелата, дали изборите се локални или парламентарни, тоа малку влијае врз гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, на ова треба да се додаде најсилниот фактор, факторот на победник и настапувањето од позиција на власт. Веднаш по формирањето на владата, значителен процент гласови се префрлаат на контото на партијата која формирала влада, што се виде од последните објавени анкети. Оттаму, ќе биде интересно да се види колку ќе издржи цврстото гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ во нови услови и нова дистрибуција на моќта.

Врз основа на променетото изборно расположение на последните избори, СДСМ на локалните избори има големи шанси за победа во скопските општини Центар, Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров, но и во градот Скопје. Коалицијата на СДСМ на последните избори освои над 5.000 гласови повеќе во однос на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, голема шанса за победа СДСМ има и во општините: Битола, Струмица, Куманово, Струга, Берово, Богданци, Крушево, Маврово, Чучер Сандево, Студеничани и Арачиново

Општини во кои врз основа на резултатите од последните парламентарни избори шансите на СДСМ за победа се еднакви или речиси еднакви како оние на ВМРО-ДПМНЕ се: Бутел, Гевгелија, Дојран, Делчево, Кавадарци, Кочани, Крива Паланка, Прилеп, Радовиш, Старо Нагоричане, Чашка и Штип.

ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во предност во општините каде што традиционално победува, во Гази Баба и во Кисела Вода, како и во повеќето мали општини од источна Македонија, во изборните единици 3 и 4.

 ОД ШТО ЌЕ ЗАВИСИ ПОБЕДАТА?

Локалните избори се специфични по неколку нешта кои може да бидат пресудни во услови на изедначена трка како што може да очекуваме. Прв и најважен фактор – кандидатите! Само на локални избори може да се случи да победи независен кандидат или да се гласа драстично различно за кандидат и листа. Ги паметиме победите на Стевчо Јакимовски и Руфи Османи, но и големите разлики меѓу освоените гласови на кандидатите и листите. Еве еден пример колку многу може да влијае кандидатот при изборот на гласачите.

Табела2

 Избори за Град Скопје – резултати во Општина Центар

(кандидатот освојува повеќе од партијата)

 

ВМРО-ДПМНЕ СДСМ
Коце Трајановски 13434 8343 Јани Макрадули
Листа ВМРО 10150 8389 Листа СДСМ

 

Табела3

 Избори во општина Прилеп

(кандидатот на СДСМ освојува помалку од партијата)

 

ВМРО-ДПМНЕ СДСМ
Марјан Ристески 28632 18920 Хари Локвенец
Листа ВМРО-ДПМНЕ 26924 19178 Листа СДСМ

 

Кадровската понуда ќе биде од пресудно значење на овие избори, особено доколку тие се одржуваат самостојно. Неопределените или оние кои нередовно излегуваат на избори во истражувањата посочуваат дека кандидатот е најважен при изборот за кого ќе гласаат. За дури 80 отсто од неопределените ова е пресудно, а тие ќе го решаваат победникот на овие избори повеќе од кога било досега. Според анализите на Рејтинг, во просек 25 отсто од гласачкото тело може да гласа различно за листа и кандидат.

Секоја од партиите и коалициите мора да направат темелна анализа преку истражување, пред да донесат одлука дали ќе се кандидираат или кого ќе кандидираат, за да се максимизира гласот на неопределените. Анализата мора да се фокусира на степенот на прифатливост на кандидатот меѓу неопределените, оние кои нередовно гласаат (протестни гласачи) и малцинските гласачи во мешаните општини.

Втор фактор се локалните таргетирани стратегии и проекти. Локалните избори се 80 кампањи во една кампања. Кампањите мора целосно да се адаптирани на локалните проблеми и очекување од електоратот. Затоа потребно е да се изработат анализи, истражувања и програмски решенија специфични за секоја општина. Освен ова, на следните избори пораките и програмските решенија мора да се комуницираат таргетирано (по населби, по возрасни групи).

Секако, националните прашања и политики ќе играат важна улога, но без добра локална стратегија шансите за успех значително се намалуваат.

Трет фактор и многу важен за овие избори ќе биде коалицискиот потенцијал. Локалните коалиции со албанските партии и малите партии ќе бидат од извонредна важност за победа во што поголем број општини. Ова подеднакво важи и за листите и за градоначалниците во вториот круг.

Анализата покажува дека СДСМ во овој момент има далеку поголема поддршка од албанските гласачи, но и поголем потенцијал од гласот на малите партии кои не освоија мандати. Групирањето/коалицирањето ќе мора да се почне навремено и целта треба да има што помалку одлеани гласови по независни листи или мали партии.

 СДСМ СО ЗГОЛЕМЕНА ПОДДРШКА

 Според резултатите од испитувањата на јавното мислење во Македонија по формирањето на владата, поддршката за СДСМ и владата е во пораст. СДСМ има предност од околу 4 отсто во однос на ВМРО-ДПМНЕ а довербата во Зоран Заев и во владата се одржува на 60 отсто. Поддршката за премиерот Заев меѓу етничките Албанци останува исклучително висока. Доколку ваквата поддршка се задржи до локалните избори, може да се каже дека СДСМ ќе влезе во трката од подобра позиција.

Степенот на моменталната доверба во владата и задоволството од нејзиното работење во октомври ќе се одрази на локалните избори. Затоа, добро планирање на активностите и политиките на владата, како и нивното ефективно комуницирање со јавноста може да го трасира патот до победа на локалните избори.

 (Авторот е директор на Агенцијата „Рејтинг“)

 Рамка

ПАРТИИТЕ ДОЦНАТ СО КАМПАЊАТА

Се чини дека сѐ уште се тактизира и одлучува за кандидатите во сите партии. Доколку изборите се одржат на 15 октомври, како што е засега планот, може да се очекува започнување на кампањата некаде кон крајот на август, што е веќе прилично доцна.

Според активностите на некои од потенцијалните кандидати, може да очекуваме активно политичко лето, иако ефектот од нивните активности ќе биде далеку помал за време на одморите.

Во услови на доцен старт на кампањата најмногу трпат новите и непознатите кандидати кои немаат доволно време да се промовираат. Во вакви услови, етаблираните политичари, актуелните градоначалници и генерално кандидатите кои веќе и се познати на јавноста, имаат подобри шанси.

АРХИВА: Кредибилни избори со куп нерегуларности –масовен поткуп на гласачи, притисоци и уцени

$
0
0

Текстот е објавен на 13.01.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1110

Претседателот на парламентот, Талат Џафери, вчера ги распиша локалните избори, кои треба да се оддржат на 15 октомври, притоа апелирајќи сите учесници во изборниот процес да се однесуваат во согласност со Уставот и законските одредби и предизборниот период и изборниот ден да протечат во мирна, фер и демократска атмосфера. Иако сите политички актери оценија дека последните парламентарни избори се кредибилни, сепак, беа регистрирани низа нерегуларности и неправилности – злоупотреба на јавни ресурси, поткуп на гласачи, како и други изборни прекршувања и инциденти, од кои дел се поврзани со политички и полициски функционери. Дали овие изборни манипулации ќе се повторат на следните избори?

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Изминативе парламентарни избори завршија со тесен изборен резултат поради кој можеби речиси сите политички партии не ги оспоруваа, останувајќи на претходно утврдените позиции дека пржинските реформи обезбедија минимум услови за спроведување кредибилен натпревар. Арно ама, домашните и меѓународните набљудувачи, но и надлежните државни органи документираа серија изборни нерегуларности, што ја искривува перцепцијата за беспрекорни избори.

Во исчекување на конечните извештаи на релевантните организации, првичните оценки говорат за незаконско располагање со буџетски средства во предизборниот период, за хаотично спроведување на гласањето и неовластена евиденција на избирачите, како и за агитација, поткуп и разни притисоци врз гласачите. Што поточно покажува пресекот на изборниот процес, како на предизборниот период, така и на самиот ден на гласање, на 11 декември?

ЗЛОУПОТРЕБА НА ЈАВНИ РЕСУРСИ ЗА ПАРТИСКИ ЦЕЛИ

Граѓанската асоцијација МОСТ, која го набљудуваше периодот од распишување на изборите до денот на гласање со над 3.000 набљудувачи, нотирала серија нерегуларности во периодот од 15 октомври до 20 ноември. Меѓу нив е и вечната болест на владејачките партии – непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата, која се остваруваше преку притисоци врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи на владејачката партија, промовирање политичари или политички партии на настани организирани од јавни институции итн.

Понатаму, МОСТ во истиот период во повеќе општини детектира десетици случаи на притисоци за гласање или обезбедување гласачи за владејачката партија, злоупотреба на јавни ресурси за партиски цели, но и противзаконско располагање со буџетски средства за време на изборите. Во таа насока, регистриран е еден случај на почнување со изградба на објект финансиран со јавни средства и 9 случаи на одржување јавни настани по повод започнување изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства.

Според член 8 а од Изборниот законик, од денот на распишувањето на изборите до изборот на Владата, не може да се почне изградба на објекти финансирани со јавни средства кои не се предвидени со програма. Во периодот од 20 дена пред почнувањето на изборната кампања, па до изборот на владата, не може да се одржуваат јавни настани по повод почнувањето изградба или пуштањето во употреба на објекти финансирани со јавни средства. Сите овие случаи содржат индиции за сторени кривични дела и, доколку се докажат, според Кривичниот законик, за нив е предвидена казна затвор во траење од 6 месеци до 1 година“, се вели во периодичниот извештај на МОСТ.

Според оваа граѓанска организација, и самиот изборен ден минал со пропусти во постапката на гласање и сериозни индиции за поткуп и притисоци врз гласачите на одредени гласачки места. На денот на гласањето, неовластени лица присуствувале пред гласачките места за да вршат агитација, додека многу гласачи ги фотографирале гласачките ливчиња зад параваните, што укажува на индиции за поткуп и притисоци кои се случувале надвор од гласачките места.

Што се однесува до постапката на гласање во гласачките места, од таму забележале групно или семејно гласање и непочитување на тајноста на гласањето, злоупотреба на постапката за гласање на избирачи кои не можат да гласаат сами, пропусти во објаснувањето на начинот на гласањето на избирачите, хаос и неред во работата кај дел од општинските изборни комисии, а дел од избирачите не можеле да се пронајдат во избирачкиот список.

КРШЕЊЕ НА ИЗБОРНИОТ МОЛК И ГОВОР НА ОМРАЗА

И Хелсиншкиот комитет констатира низа неправилности уште при гласањето во дијаспората и кај посебните групи граѓани, кои своето избирачко право го остваруваат еден ден пред изборите. Тогаш, всушност, тече предизборниот молк, кој беше прекршен со тоа што неколку медиуми неофицијално објавуваа информации за изборни резултати во дијаспората и кај посебните групи граѓани, што претставува обид за манипулација на гласачите преку прикажување на наводно водство на одредена политичка партија.

Дополнително, од Хелсиншкиот комитет посочуваат повеќе случаи на гласачи кои не се впишани во избирачкиот список во казнено-поправните домови, поради што се оперира со бројка од над 650 затвореници кои не можеле да гласаат. Незапишани гласачи имало и во дипломатско-конзуларните претставништва во Брисел, каде што стотина Македонци со ромско етничко потекло не можеле да гласаат, додека во Виена на најмалку педесет лица им било оневозможено да го остварат правото на глас, иако тие тврдат дека претходно уредно се пријавиле во амбасадата.

Во општина Прилеп, во домот за стари лица Киро Крстевски – Платник, личните документи на болните биле задржани од страна на управата на домот и тие не можеле да го остварат своето избирачко право. Затвореник во КПУ Штип, пак, не извести дека не можел да гласа затоа што го немало на избирачкиот список, а дополнително не извести дека во затворот видел луѓе што веќе ја имале издржано затворската казна, а сепак гласале како затвореници. И во поголем број општини и избирачки места е пријавувано од страна на граѓани дека ги нема на избирачкиот список иако поседувале валидни лични карти и на претходните изборни циклуси можеле да го остварат своето право на глас“, се наведува во извештајот на Комитетот.

Од таму забележуваат и повеќе случаи на говор на омраза и повикување на насилство на социјалните мрежи. Говорот на омраза беше иманентен и во постизборниот период, особено за време на протестите пред ДИК, кога од присутните можеше да се слушнат скандирања кои повикуваат на омраза, раздор и нетрпеливост, од типот „Ќосето е жив“, како и реминисценцијата на „Ноќта на ножевите“. Тука има елементи на кривичните дела Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа и Загрозување на сигурноста.

Од оваа организација додаваат дека во иста насока е и списокот што циркулираше на социјалните мрежи со адресите на дел од кандидатите за пратеници на опозицијата и на активисти на Шарената револуција, со повик до приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, „да се посетат“ овие личности. Инаку, ваквиот јавен повик за линч претставува ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, за кое е предвидена казна затвор од една до пет години.

ЖИВИ БЕЗ ПРАВО НА ГЛАС, МРТВИ ГЛАСАЛЕ

Невладината организација „Цивил“, исто така, оцени дека, и покрај тоа што биле создадени минимални услови за слободни избори, сепак, изборниот процес, вклучително и изборниот ден, биле исполнети со голем број нерегуларности. Прво и основно, катастрофалната состојба на избирачкиот список оневозможила голем број граѓани да го остварат своето гласачко право, додека истовремено тоа го сториле фантоми и починати лица.

Покрај тоа, „Цивил“ нотираше дека вработените во институциите на државата грубо го кршеле изборниот молк, голем број избирачки одбори биле крајно непрофесионални и неетички, а еден дел немал доволно информации за тоа што треба да прават на избирачкото место. Дури, некои членови на ИО изгледале партиски, така што им сугерирале на гласачите за кого да гласаат, додека, од друга страна, партиски набљудувачи го заземале местото на членови на ИО и ги проверувале изводите од избирачките списоци, со цел да утврдат кој гласал, а кој не.

Државната изборна комисија не успеа да се извлече од политичките влијанија и не им го овозможи правото на глас на сите граѓанки и граѓани со право на глас. Одговорните за оваа состојба мора да се соочат со последиците од хаваријата на избирачкиот список и кршењето на правото на глас. Огромен беше бројот случаи на притисоци, уцени, полнење кутии, семејно и групно гласање, злоупотреба на малолетници и поткуп на гласачи во сите краишта на земјата“, сметаат од „Цивил“.

Оттука, од оваа организација испорачаа неколку препораки до ДИК и до другите надлежни институции, меѓу кои повторно, целосно пребројување на гласовите во сите изборни единици, прегласување во избирачките места во кои е забележано сериозно кршење на гласачкото право и изборните процедури, но и ревизија на неважечките гласачки ливчиња при броењето на гласовите, бидејќи за неважечки ливчиња се прогласувани и такви каде што јасно се гледа волјата на гласачите. Од сето тоа речиси ништо не беше прифатено, освен одлуката да се прегласува во едно избирачко место во тетовската Општина Теарце.

За ова дополнително гласање, од оваа невладина организација открија дека најголемата владејачка партија им нудела поткуп од 50 до 100 евра на гласачи за да не излезат на гласање, а како гаранција за тоа им биле одземани личните документи кои се неопходни за остварување на избирачкото право. Впрочем, тоа го потврди и полицијата, според која две лица со иницијали С.Ш. и Ф.И., во периодот од 22.12 до 24.12. минатата година, вршеле поткуп при избори и гласање.

ЗАКАНИ КОН ГЛАСАЧИ И ОБИДИ ЗА ПОЛНЕЊЕ КУТИИ

И други сознанија и откритија на набљудувачите од невладиниот сектор, но и на партиските набљудувачи, беа регистрирани и од страна на Министерството за внатрешни работи, при што некои од нив не успеало да потврди на терен, додека други да документира и да ги проследи до Јавното обвинителство. Во регистрираните настани и преземените активности на МВР што се однесуваат на изминативе предвремени парламентарни избори, може да се сретнат, условно кажано, помали изборни инциденти, но и сериозни изборни прекршувања.

Најголем број од пријавите се однесуваат на лица што го фотографирале гласачкото ливче по гласањето, што произведува сомнеж дека лицата биле уценети, поткупени или притиснати да гласаат за одредена партија, поради што мораат да обезбедат доказ по незаконски пат. Освен фотографирање на гласачкото ливче, во една ситуација е забележана појава и на фотографирање на изводот од избирачкиот список, што се случило во ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Ново Лисиче, каде што едно лице било усно предупредено да не го прави тоа.

Останатите пријави главно се однесуваат на агитација, организиран превоз и поткуп на гласачи. Па, така, во Ѓорче Петров бил приведен и член на ИО кој ги евидентирал гласачите. Во Шуто Оризари, пак, било забележано како транспорт на гласачи се врши и со службени возила од Дирекцијата за заштита и спасување со која раководи Шабан Салиу. Поткуп на гласачи бил забележан на повеќе места во Скопје, но и во други градови низ земјава, меѓу кои и Струмица, каде што 4 лица биле и приведени. Вредно за издвојување е и тоа што полицијата регистрирала случај дека пари им биле делени на луѓе во штаб на албанската ДУИ спроти ОУ „Дитурија“ во Сарај.

Исто така, регистрирани се притисоци и закани врз гласачи, како во Шуто Оризари, каде во центарот на населбата петмина лица му се заканувале на пријавувачот да гласа за ВМРО-ДПМНЕ.

Уште поекстремна била ситуацијата во Чаир, на улицата Дижонска, каде што пред гласачко место во училиштето стоеле 4 лица, кои агитирале за одредена партија. Еден од четворицата, од кои двајца биле косовски државјани, кога им се заканувал на гласачите покажувал и пиштол. Полицијата ги пронашла лицата и усно ги предупредила да се оддалечат од местото.

На крајот, во полициските билтени стојат и обиди за полнење гласачки кутии. Една таква пријава се однесува за лице од скопско Бојане, кое сакало да ги полни избирачките кутии, а друга пријава е поврзана со селото Ласкарци, каде што пријавувачите се пожалиле дека други луѓе сакале да стават повеќе ливчиња во гласачката кутија. Во Општина Тетово, пак, член на избирачкиот одбор од политичка партија откинал 5 гласачки ливчиња и му ги дал на друг член од политичка партија, кој отишол зад параванот и гласал, што ги враќа сеќавањата на едни други времиња, кога не се говореше за изборни инциденти, туку за груб и класичен изборен фалсификат.

ИНЦИДЕНТИ ПОВРЗАНИ СО ПОЛИТИЧАРИ И ПОЛИЦАЈЦИ

Во дел од инцидентите, на овој или на оној начин, биле инволвирани и политички функционери. Во таа смисла, до полицијата стасала пријава од Ш.А., набљудувач на СДСМ во Пласница, кој пријавил дека бил физички нападнат, односно бил фатен за врат од посматрачот од ДУИ, Асмир Јаоски, кој е син на градоначалникот Исмаил Јаоски. Во врска со овој настан, проверките на полицијата покажале дека Јаоски сторил прекршок „омаловажување на службено лице“ , поради што заработил барање за поведување прекршочна постапка.

Исто така, во полицијата стасала пријава дека во населбата Шуто Оризари, во близина на домот на градоначалникот Елвис Бајрам, син на пратеникот од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ Амди Бајрам, лица блиски до нив делеле огревни дрва на луѓе за да гласаат за неговата партија, а за таа цел ќе им биде обезбеден и организиран превоз. Иако полицијата извршила проверки во однос на оваа пријава, сепак, не успеала да ги пронајде ниту лицата, ниту дрвата.

Во охридската полиција, пак, извесен граѓанин со иницијали С.К. пријавил дека лице со иницијали Т.А. во својство на набљудувач од СДСМ, им нудел патни исправи на гласачи. Интересно е тоа што пријавениот бил роднина на екс разузнавачот Зоран Верушевски, кого власта го обвинуваше дека стои зад аферата со прислушување. Како и да е, за овој настан било известено струшкото обвинителство, кое наложило струшката полиција да изготви записник за примање кривична пријава, со цел натамошно постапување.

Не биле малку на број и пријавите што до полицијата пристигнале против полициски службеници. Една од нив, на пример, се однесува на полициски службеник од селото Долно Седларци во Општина Брвеница, кој, според пријавата, агитирал граѓани да гласаат за неговата партија. Во Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди стигнало и известување дека полициски службеник од селото Сенокос, Општина Врапчиште, идентификувал и запишувал гласачи за кои знаел дека не се симпатизери или членови на неговата партија.

Сети овие инциденти, без разлика дали се потврдени на терен или не, и без оглед каква ќе биде нивната институционална разврска, фрлаат дамка врз изборниот процес. Изборната волја на граѓаните не може да биде во целост реално отсликана ако тие добиваат директни и суптилни закани да гласаат за одредена партија, или, пак, непристојни понуди во секаква форма на поткуп. Тоа говори за суспендирана изборна волја, а не за изборен резултат кој во целост го рефлектира расположението на електоратот.

 

Уништување на изборен материјал
ГО СКИНАЛ ЛИВЧЕТО НА СОПРУГАТА

На изборите се сретнуваат и неколку ситуации на уништување изборен материјал, како на пример, на гласачко место во населбата Маџари во Општина Гази Баба, каде што граѓанин го искинал сопственото гласачко ливче на 14 ситни парчиња.

Но, има и случаи на уништување туѓо гласачко ливче. Во ОУ „Тоде Хаџистефов“ во Кавадарци, брачна двојка почнала меѓусебна кавга зад параванот, по што, откако не се договориле за кого да гласаат, сопругот го зел ливчето од неговата сопруга, го скинал и ја напуштил просторијата.

 

Нарушување на изборниот процес
ФИЗИЧКИ ПРЕСМЕТКИ, ПОПРЕЧУВАЊЕ ГЛАСАЧИ

Денот на изборите го обележаа и неколку физички пресметки на гласачките места низ Македонија, меѓу кои онаа во ОУ „Магдалена Антова“ во Куманово, каде што по вербална расправија, Д.Г. физички го нападнал членот на избирачкиот одбор Б.П., по што го напуштил местото.

На неколку гласачки места граѓани го попречувале изборниот процес. Во кичевски Зајас тоа го сторила поголема група граѓани, кои не биле дел од избирачкиот список.

Гласањето било во прекин и на едно избирачко место во Кочани, но не поради директна интервенција на човечки фактор, туку поради тоа што снемало струја.

 

Надвор од процедурата
ГЛАСАЛ ИАКО ГО НЕМА ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК

Луѓе гласале на избори иако ги немало во избирачкиот список за тоа место, како и граѓани што ги имало во списокот, ама на нивно место веќе бил потпишан друг гласач. Дамка врз регуларноста, ама и организираноста на избирачките одбори, фрлаат и примерите според кои гласале луѓе без да бидат проверувани со УВ-ламба.

Во скопско Ѓорче Петров гласач гласал иако не бил запишан во избирачкиот список за тоа гласачко место, односно гласал на погрешно место, додека во Аеродром друго лице гласало иако во избирачкиот список на неговото место веќе било потпишано друго лице, откако проблемот бил решен така што му било дозволено да се потпише на друго место во списокот.

Во истата општина забележани се и 4 случаи во кои не е проверено дали гласачите имаат трага од невидливо мастило, 2 случаи на нарушување на тајноста на гласањето, 4 случаи на семејно гласање, при што може да се смета дека 10 гласа биле злоупотребени.

 

Невообичаени инциденти
ПОЛИТИЧКИ ПОРАКИ ПРЕКУ АВТОМОБИЛИ И МУЗИКА

На изборите имало и невообичаени изборни инциденти. Еден од таквите случаи е поврзан со возило марка „голф“, управувано од 3 лица, кои на местото каде што треба да стои регистарска табличка напишале: „ДУИ број 3“.

Во функција на своевидна подвижна реклама било и возило марка „поло“, на кое биле прикачени звучници од кои ечела порака да се гласа за партијата на Амди Бајрам.

Во селото Средно Коњари, пак, од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, кој бил во непосредна близина на избирачкото место, за време на гласањето била пуштана гласна музика со песни за политичката партија со што причинувала незадоволство кај гласачите.

АРХИВА Сведоштво: Со фломастер ни пишуваа под раката за кого да гласаме и со камиони не водеа на гласање!

$
0
0

Текстот е објавен на 19 мај, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1128

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Често социјално ранливите категории граѓани знаат својот глас да го продадат за 10 или за 20 евра, за килограм месо, вреќа брашно или шеќер, за пакет масло, па дури и за едно кафе… Тоа е вообичаено цената на еден ромски глас, која се плаќа во сите досегашни изборни циклуси. Не се менуваат ниту тие што плаќаат, ниту тие што го примаат евтиниот поткуп, за некому да му обезбедат политичка моќ.

Според досегашната практика, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ во последните 11 години ги користи Ромите како евтина гласачка машинерија.

За начинот како Ромите биле уценувани и манипулирани за време на изборните процеси говорат и „бомбите“, кои во 2015 година ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, каде што можеше да се слушне какви се злоупотреби на избирачките списоци во Шуто Оризари правел пратеникот и лидер на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам. Во аудиоснимките што беа објавени во Универзална сала, каде што главна тема беа изборните нерегуларности имаше и телефонски разговор помеѓу поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и соговорник во кој објаснуваат како Бајрам успеал на избирачкиот список да ги вметне сите мртви до 2011 година и во нивно име се гласало и по неколкупати. Според разговорот, тоа било доволен доказ како пратеникот им помагал на „вмровците“ да ги добијат изборите.

Во уште една од опозициските „бомби“ беше објавен разговор меѓу екс првата полицајка Гордана Јанкулоска и пратеникот Славе Ѓошев од Струмица каде што можеше да се слушне навредлив и потценувачки однос кон ромската заедница. Таа во телефонскиот разговор вели дека ако треба циганите и за уши ќе ги влечат, но гласот мора да го дадат за ДПМНЕ.

Иако денот на изборите претставува единствена можност граѓаните да го искажат своето незадоволство, фрустрациите и проблемите од одредени политички партии, сепак во Македонија стана тренд во последните години гласачкото ливче да биде злоупотребено и искористено за да се добие глас повеќе и да се зацементира моќта. Тоа особено стана практика на владата предводена од Никола Груевски.

„Фокус“ се обиде да ги открие методите преку кои се користи ромскиот глас во предизборни цели, а информациите до кои дојдовме се фрапантни.

ПРЕД ИЗБОРИТЕ ШТАНЦАЛЕ ЛИЧНИ КАРТИ ЗА ДА ГЛАСААТ РОМИ

Специјалното јавно обвинителство веќе отвори истрага за изборни измами и за делото дискриминација и омаловажување на етничка заедница, за што пред десетина месеци, во август лани, во канцелариите на СЈО беа повикани неколку лица на распит. Од таму не даваат информации кои лица точно биле повикани да дадат исказ, за какви изборни измами се работи и дали и на кој начин Ромите биле злоупотребени во изборните процеси.

Според нашите информации, повеќето од нив не располагаат со лични документи, но затоа, пак, само неколку денови пред изборите се штанцале лични карти кои им биле делени. Тоа што е најчудно во целата приказна, а и самите го тврдат, е дека откако им биле изработувани лични карти, со нив тие оделе на гласање, а подоцна нивните документи „исчезнуваат“ се до наредните избори.

На денот на изборите нѐ ставаат во камион, ни пишуваат под раката со фломастер за кого да гласаме, а подоцна за тоа сме „наградени“ со храна, која ни е доволна за да останеме сити цел месец – раскажуваат Ромите, кои живеат во близина на гробиштата во село Драчево.

Ваквите методи, кои веќе години наназад ги користи власта не се изненадувачки, а кај овие етнички заедници тоа уште полесно поминува бидејќи некои од нив немаат и што да јадат, па преку уцените со 10 евра, вреќа брашно, пакет со масло полесно се купува нивниот глас.

Самка Ибраимоски, лидерот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) лани во август беше еден од функционерите кои беа повикани да дадат исказ во Специјалното јавно обвинителство. Тој во тоа време тврдеше дека доволно е само да ги достави списоците од 2011 година наваму, за да се види какви се манипулации се правеле со гласовите на Ромите за време на изборите.

Ибраимоски во изјава за „Фокус“ ги наброи дел од методите со кои се служела власта и ги злоупотребувала гласовите на ромската заедница.

Повеќето од нив немаат никакви лични документи. Им прават лични карти само пред изборите и потоа или ги поништуваат, или им ги чуваат во штабовите за да ги искористат за наредните изборни процеси. Ромите лесно паѓаат под влијание, ја знаете таа сиромавиот му верува на богатиот, па за нив се доволни 600-700 денари, вреќа брашно, месо за да ги убедат да гласаат за нив. Исто така, ги уценуваат дека ќе им ја укинат минималната социјална помош која ја добиваат, како и тоа дека ќе им се укине помошта за трето дете – вели Ибраимоски.

Тој објасни како мртвите за време на изборите „воскреснуваат“ и го користат своето гласачко право и тоа, како што вели со иронија, строго се определуваат својот глас да им го дадат на „вмровците“.

Тие имаат списоци на сите што се починати, ги ставаат на избирачкиот список и наместо нив, гласаат други. Таа манипулација што се прави со Ромите и начинот на кој се злоупотребува нивната лоша финансиска ситуација за изборни цели е страшна. Честопати се прашувам како им текнуваат сите тие методи што ги користат. Зар на никој не му е жал за тие луѓе што се на работ на егзистенција. Мора да сносат одговорност сите оние што ги уценуваат и злоупотребуваат Ромите – додава Ибраимоски.

Се обидовме да стапиме во контакт и со пратеникот Бајрам од Сојузот на Ромите, на чија адреса одат најмногу од обвинувањата за манипулација со оваа етничка заедница за време на изборите, но до затворањето на овој број од неделникот тој не одговараше на нашите телефонски повици.

МАНИПУЛАТИВНА ШЕМА ЗА ДОБИВАЊЕ ГЛАСОВИ

Власта предводена од ДПМНЕ во сите досегашни изборни процеси постојано ги проширува и надградува методите и начините како да добие поголема гласачка машинерија и да ги освои изборите. Но, на последните предвремени парламентарни избори што се одржаа на 11 декември, 2016 година ваквото задоволство не им беше овозможено, со оглед на тоа што со пржинскиот договор што го потпишаа лидерите на четирите најголеми партии мораше да се прочисти колку што можеше избирачкиот список, да се формира техничка влада, со што МВР автоматски отиде во рацете на СДСМ, па на тој начин им се скратија можностите за лажирање на изборниот процес.

Тоа не значи дека работите многу се променија, но сепак од власта во тој период немаше целосно одврзани раце да уценуваат, да се закануваат, да штанцаат лични карти и да ги прават сите изборни нерегуларности, за кои редовно години наназад се пишува во извештаите на ОБСЕ.

И во последниот изборен процес Ромите не беа изоставени од манипулативната шема на тогашната партија на власт. Иако тоа не се случуваше само кај нив, сепак според дел од невладините организации, на само една недела пред изборите многумина од нив не можеле да се најдат на избирачкиот список, со што биле вратени и не успеале да гласаат.

За првпат на овие избори, добар процент Роми ги немаше во списокот за гласање, иако со години ги имаше регуларно. Тоа што е уште почудно е што на списоците ги нема недела дена пред гласање – вели за „Фокус“, Ашмет Елезовски, извршен директор на Националниот ромски Центар и член на Европскиот ромски патувачки форум со седиште во Стразбур.

Според него, за време на последните избори, на Ромите им се плаќале долговите во локалните продавници, само да го дадат својот глас за одредена политичка партија, во случајот за ВМРО-ДПМНЕ.

Елезовски исто така беше и еден од најжестоките критичари на власта, кога пред две години одекна „бомбата“ во која се обелоденуваат притисоци врз Ромите за време на изборите и начинот како „циганите ќе се влечеле за уши“ и ќе се носеле на гласање. Елезовски во тој период тврдеше дека ова се зборови и речник што наликуваат на оној од Втората светска војна, кога се истребувале Ромите.

Ако во една држава има граѓани кои се купуваат за вреќа брашно, тоа е доказ за неуспехот и слабоста на самата држава – тврдеше тогаш Елезовски.

 РОМИТЕ ЖИВЕАТ НА РАБОТ НА ЕГЗИСТЕНЦИЈАТА

Незавидната и лоша состојба во која се наоѓаат Ромите ги прави уште повеќе подложни на манипулации и злоупотреби од политичките партии, со оглед на тоа што некои од нив немаат основни услови за живот, живеат во супстандардни услови во кои нема соодветен довод на вода за пиење и санитарија; домовите се мали, планирани за извршување и обезбедување на основните потреби, со животен простор од помалку од пет квадратни метри по член од семејството.

Ситуацијата е до толку лоша, што дел од нив во 21 век живеат во импровизирани куќи од картони, па кога ќе заврне ги посетуваат малкуте куќи на соседите што се изградени од цигли за да го „преживеат“ дождот. Според нивните раскажувања, подоцна повторно се враќаат во распаднатите домови и од остатокот од картоните го „градат“ својот нов дом.

Повеќе од 500 Роми живеат во близина на гробиштата во село Драчево. Една од нив е и Маличе Емин, мајка на две малолетни деца кои имаат застрашувачки услови за живеење. Таа има завршено само четврто одделение и вели дека не може да си најде работа. Се снаоѓа со социјална помош од 2.000 денари и од собирање на пластични шишиња по улиците.

За еден килограм пластика добивам 6 денари, па така, 100 до 200 денари заедно со семејството обезбедуваме дневно – раскажува Емин.

Според фотографиите со кои располагаме, може да се забележи во каква нехигиена живее ова ромско население, насекаде фрлени отпадоци и храна, кои можат да претставуваат извор на зарази.

Најтрагичното во целата ситуација е тоа што овие жени немаат никакви лични документи, не одат на гинеколошки прегледи и во 21 век се уште се пораѓаат во домашни услови.

Исто така, голем број жени Ромки во оваа населба не ги исполнуваат условите за здравствено осигурување поради немање македонско државјанство, немање соодветен статус – не се регистрирани ниту како вработени ниту како невработени, што е еден од условите за здравствено осигурување, нередовно пријавување во заводот за вработување, што е исто така еден од условите за задржување на правото на здравствено осигурување.

Како и да е, додека едни благодарение на власта ги наполнија џебовите и создадоа бизнис империи, други во 21 век живеат на работ на егзистенцијата и се молат тие и нивните дечиња да го преживеат денот. Има разлика!

Рамка:

Закани:

ОТКАЗИ ОД РАБОТА, УКИНУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНАТА ПОМОШ, УРИВАЊЕ РОМСКИ КУЌИ…

 Ашмет Елезовски, извршен директор на Националниот ромски центар тврди дека власта преку инволвирани партиски послушници користи и различни методи на заплашување на Ромите, како укинување на социјалните примања, на здравствените лекувања, откази од работа, уривање ромски куќи, иако има згради што до ден денес немаат имотни листови.

Рамка:

„Бомба“ за ромските гласови

НЕ ГЛЕДАЛЕ ОВИЕ ИДИОТИВЕ!

Една од „бомбите“ што одекна во Универзалната сала беше за изборните нерегуларности што ги правеле „вмровците“ во последните десет години. Меѓу нив можеше да се слушне и телефонски разговор помеѓу Јанакиески и соговорник на кој начин се користеле Ромите за гласање на изборите.

МЈ: Амди бајрам е цар бе.

С: хахаха, што праи?

МЈ: А?

С: Што праи?

МЈ: Неждет Мустафа и овој се жалеа што му напраил Амди, како ги победил. Знаеш што му напраил?

С: Што им напраил?

МЈ:… нели избирачкиот список беше прочистен заклучно со 2011 така?

С: Да.

МЈ: Ги зел сите умрени во 2012 година што се, по список…

С: И?

МЈ: И пуштил луѓе да гласаат во нивно име.

С: Ај што збориш? И? Тоа некој го знае?

МЈ: Е па он така вика…

С: Го фатиле?

МЈ: Му викам, му работи мозокот викам.

С: Као може да пушти, као ќе докаже дека се оние. Лична карта, ова она?

МЈ: Па ништо, си оди за некоја жена што е почината. Кој гледа…

С: Добро, ама мораш да дадеш лична карта. Што старата лична карта ќе ја дадеш?

МЈ: Е па не гледале овие идиотиве.

АРХИВА Власта ги деформираше градот и целата нација!

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на трети октомври 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 991

Вистинско задоволство е да се разговара со Златко Ориѓански, врвен композитор и гуру на култната „Анастасија“. Со голема леснотија и без страв говори за времето-невреме што го живееме, понекогаш звучи дури и сурово, а понекогаш додава симпатична доза хумор, па така очигледно успева и да го зачини својот живот и да го обезбеди балансот потребен за преживување во овој затворен македонски систем.

Ориѓански е автор на музиката за филмот на Милчо Манчевски „Пред дождот“. Како музичар, автор и продуцент застана и зад „Македонски љубовни песни“ и „Ритмистика“ – изданијата на неповторливата Вања Лазарова, а најсвежа е неговата соработка со Слободан Унковски и со Бени Шаќири.

Ориѓански провоцира со неговата критичка и остра мисла, нешто што не може никого да остави рамнодушен.

Разговарала
Мери ЈОРДАНОВСКА

ФОКУС: Во ова македонско сивило Вие сте еден од ретките што успева да наметне критичка мисла во јавноста. Од каде ви е слободата да го правите тоа?

ОРИЃАНСКИ: Мислам дека во последниве години се наметна една чудна теза во Македонија, дека ако имаш став за она што е политика, она што е општествен живот, а не се занимаваш со тоа, дека тоа е некој грев. Јас сум жив човек и логично е да имам став и мислење за моментот и местото каде што живеам, независно со што се занимавам.

Од друга страна, мислам дека, сега да не звучам претенциозно, ама сум оставил нешто за оваа земја, коцка во еден ѕид, и тоа ми дава некое право да зборувам. Затоа што ако се вратиме наназад од оној период кога работев со „Анастасија“, јас бев човекот што ја работи таа музика, и еве од таму си го земам тоа право да кажам што не ми се допаѓа.

Не знам зошто би имал страв. Јас сум роден овде, имам позитивен став кон земјата во која живеам и, се разбира, исто толку критички ги гледам сите работи околу мене.

ФОКУС: Но, кај нас кога се критикува, веднаш се лепи и етикетата дека не се сака сопствената држава. Критиката се поистоветува со предавство и непатриотизам.

ОРИЃАНСКИ: Да, има еден збор што често го користат и вашите колеги, кога ќе искажам став, тие велат „леле, колку си гневен“. Тоа не е гнев, тоа е имање здрав резон, здрава мисла и отворен поглед кон работите што се случуваат, но тоа не е гнев. Според нивниот резон, гневни беа и Киш и Мирко Ковач и Чаплин и Дилан и Ленон и Форман.

Сите најголеми светски уметници биле против која и да е власт затоа што има една друга логика внатре. Ти како човек што се занимава со таа работа, а не е политика, ти мораш да го гледаш светот малку понапред од тоа што го гледа еден обичен човек или политичар затоа што ти патуваш низ едни други светови, кои ти даваат еден друг поглед на многу нешта. Во принцип, за мене нема добра власт, прашање е само колку таа ќе те тепа, малку или многу и колку ти можеш да поднесеш.

ФОКУС: А колку тепа оваа власт?

ОРИЃАНСКИ: Оваа власт е чуден феномен и мислам дека е една од најлошите власти што Македонија ги имала во последниве дваесет и кусур години. Се разбира, таа е производ на многу историски околности што нам ни се случуваат, и како нација, и како држава, и јас секогаш ги барам одговорите малку поназад затоа што се поставува прашањето: кој ги произведе како генерација?

Значи ние како нација вистинските работи не ги поставивме на вистинското место и цело време лутаме, лево-десно, без мерки за вредност, иако имаше и позитивни работи што се случија. И одеднаш се појави оваа генерација. Од друга страна, јас не сакам да правиме трагедија од сето ова. Тоа се некои историски процеси кои човек малку тешко може да ги оцени, сега, во моментов. Мора да се направи мала дистанца.

Ние по 2-3 години од сега ќе знаеме точно што се случуваше во овој период. Мислам дека многу нешта ќе излезат на виделина и од многу нешта вистински ќе се уплашиме кога ќе ги видиме од другата страна. Зошто мислам дека секоја власт, па и оваа, се како театар – ние не знаеме што се случува позади сцената.

Можеби артистите се тепаат меѓу себе, можеби се дрогираат пред да излезат на сцена, а ние ја гледаме само првата линија. Несреќата во целото ова е што ова се млади луѓе, кои ниту имаат доволно животно искуство, ниту, пак политичко, и имам чувство дека ова е преголем товар за нив, кој ќе го платиме сите заедно.

Што е она на што јас најмногу им забележувам и мислам дека имам потполно право на тоа? Тие во овие 8 години, не само што деформираа еден град, туку деформираа и една цела нација на еден вештачки начин, обидувајќи се од Македонецот да направат нешто што тој реално не е.

ФОКУС: Во тој процес на деформација, соучесници на еден начин беа и ваши колеги, уметници.

ОРИЃАНСКИ: Сега е некоја ера кога лесно можеме да видиме што се случуваше пред 5 години и кој што кажа во одредено интервју и каде беше тој човек во 2010, да речеме. Оваа власт ги поминува последните километри, иако не можеме да видиме која ќе биде нивната замена. Но, уште сега гледам, кога почнува тлото малку да се мрда по изјавите на американските амбасадори, кои мислам дека не се случајни. Веќе сретнувам луѓе кои беа жестоки кон мене кога нешто ќе искритикував, а сега почнуваат да ми пеат друга песна, дека не мислеле баш така.

НЕ ПАЃАМ НА ТРИКОВИТЕ НА ВЛАСТА

ФОКУС: Го чувствувате ли стравот кај луѓето?

ОРИЃАНСКИ: Морам да направам споредба од пред две години, бидејќи од тогаш имам забележано некое отворање кај луѓето, не е огромно, но го има. Од друга страна, ако ме прашувате зошто јас немам страв, тоа е затоа што јас немам ништо од нив, не барам ништо од нив, ниту од оваа власт, ниту од претходната сум барал. Јас кога ќе кажам некој став, останувам на тоа, еве да кажеме кога стана збор за националните пензии.

Се појави некој фолирант од оперски пејач, кој садеше дрвја и на крај доби национална пензија. Јас тоа не го зборувам затоа што и јас ја барам таа пензија, не ми треба. Јас имам од што да живеам. Јас го кажувам тоа поради тупавоста на луѓето.

Затоа што јас прашав на Фејсбук: дали знаете што правеше овој човек, дали знаете каде пееше? И 90 отсто од луѓето не знаеја. Значи луѓето ги земаат тие работи здраво за готово. Но, таа реченица многу често се користи кај нас – демек, овој работи тука кај нас и во светот.

Сега таа реченица „и во светот“ никој никогаш не ја објасни, каде е тоа, во Берлин, Амстердам или Рим. И кога ќе го кажеа тоа и во светот, овој прост народ се пали на тоа, не е тоа зезање. И јас искажувам став и во име на моите деца зашто не сакам никој да ги прави будали.

Направивме музеј кој носи име Музеј на македонската борба и жртвите од комунизмот. За сега да го тераат моето дете да стои од изутрина на химната. Јас во 1987 година не станав на химната на Воената академија во Белград и ќе завршев во затвор поради тоа. Од денешен агол, јас би требало да им побарам пензија само поради таа работа.

Но, никогаш не сум го спомнал тоа, никој не ни знае за тоа. Сто полицајци ме испитуваа зошто не сум стоел на химната и сега дочекувам период повторно да дојдеме во еднопартиски систем и моево дете да оди наутро и да стои на химната. Јас немам ништо против химната, но каде, кога и зошто се прави тоа?

ФОКУС: Па, најверојатно поради истиот факт поради кој се градат и спомениците, билдање на патриотизмот и националната свест.

ОРИЃАНСКИ: Патриотизам и држава се градат со дела што ќе зрачат кон надвор, а не кон внатре. Има 5-6 работи од Македонија кои се успешни и ни покажале дека тие даваат најдобар резултат, и во погледот на името и на знамето и на идентитетот. Но, кога внатре се обидуваш на твоите луѓе да им кажуваш што се, тоа за мене е страшно.

Прво, нема логика, затоа што поединци не можат да му кажуваат на народот што е тој. Тоа е апсурдно. Тоа е исто како да земеш да му објаснуваш на твојот татко колку ти е татко. Ти од тој народ си разбрал дека си Македонец, значи тоа е како да ве прашам – од кого го научивте јазикот? Не можеш како поединец да седнеш дома и да се занесеш со идејата – еве јас ќе направам јазик и ќе му го шитнам на својот народ.

Тие ја играат таа игра. Што е дилемата за мене? Дали е тоа смислена подвала однадвор, а овие се доволно неуки за да го изведат тоа или, пак, ова навистина е еден налудничав авантуризам од дваесетина луѓе што треба да го платиме сите заедно. Тоа сѐ уште не ми е јасно.

ФОКУС: Сметате дека потезите им се толку интелигентни, па народот паѓа на тоа?

ОРИЃАНСКИ: Јас сум сигурен дека потезите не ги смислил ниту еден од нив. Таму нема толку интелигентен човек што може да ги смисли потезите, од автобусите, до наводно бесплатните учебници, до наводно бесплатните униформи. Јас на своите деца им кажувам, овие униформи што ги добивте, тие не се бесплатни. Што има бесплатно на светов? Ништо. Нив ги добивте со пари од мене, од сите други родители што дале да се формира тој буџет.

ВО ОВАА ДРЖАВА НЕ СЕ ЧУВСТВУВАМ КАКО СЛОБОДЕН ЧОВЕК

ФОКУС: Токму сега обработуваме една тема каде што наидовме на примери во учебниците каде што често се провлекува национализмот – државата над сѐ, власта над сѐ. Како во овие случаи ги воспитувате своите деца, едно да учат на училиште, а друго дома?

ОРИЃАНСКИ: Јас доста често седнувам да видам што има во нивните учебници и скоро имаше еден пример, не знам по кој предмет и пишуваше дека Грција излегува на Јадранско Море. Им велам, почекајте ќе отвориме атлас – не излегува на Јадранско Море. Го земам пенкалото и го чкртам тоа и пишувам дека не излегува. Честопати децата ги ставам и во непријатна положба.

Имав една случка, имам млад пријател, кој ми го работеше спотот за последната песна со Бени, Харис Багашов, многу талентирано момче од Тетово, и неговите родители во знак на благодарност ме повикаа кај него дома. Кога се вратив дома, првото прашање што ме праша ќерка ми, беше „а како е кај нив дома“?

Ја прашувам „како мислиш како е кај нив дома“. Па, вика, „како е наместено“? Ѝ велам, петпати подобро отколку кај тебе дома! А чекај, зошто ме прашуваш ова? И ми вика, па нели тие се Албанци? Викам, па сме зборувале за ова, тие се луѓе. И ми вели, па знаеш, во училиште ни кажувале дека Албанците се не знам какви…

Јас моиве деца не ги возам на тој воз, кај мене дома отсекогаш доаѓале разни луѓе, зборувале различни јазици, сум ги носел децата на разни места, да јадат бајрамска баклава и не знам што, доволно сум отворен за да сфатам дека нациите се само средство за манипулација на власта. Ништо друго. Сега работиме на една нова претстава со Унко, која се вика „Солун, градот на духовите“, по една книга на Марк Мазовер.

И таму има еден интересен податок, дека Солун бил космополитски град и некаде до 1910 година пред доаѓањето на Грците во Солун ретко кој се искажувал по националност. Сите по вера. Таму голем дел од населението биле Евреи од Шпанија пребегани во Солун и луѓето си функционирале без никаков проблем.

Така што, јас сум растоварен од тоа, тотално не ме интересира. И кога го гледам тоа сега, кај нас, како се храни една нетрпеливост, многу ме разочарува. Ако вака продолжи ова, има едно година-две како барам место каде би можел да живеам, а да не е Македонија. Сѐ има смисла до одреден момент.

Јас сум во години кога немам уште 500 илјади шанси, туку сакам да гледам во годиниве што ми се преостанати да си ги поминам раат, да не се занимавам си будалштини. А и утре да се промени власта, ќе ни требаат уште 20 години да се вратиме на нивото на 1994 година. Тоа е трагедијата. Нека грешам, но јас така го чувствувам тоа.

ФОКУС: А што би барале од друго место, какво треба да биде тоа место?

ОРИЃАНСКИ: Работата е само дали се чувствуваш слободен или не. Јас за првпат во Македонија не се чувствувам како слободен човек. Тоа не е мала работа. За мене зборувам, можеби некој се чувствува фантастично, не знам. Значи главната забелешка ми е дека не сум слободен.

ФОКУС: Што ве задушува?

ОРИЃАНСКИ: Еве, како за пример, судовите. Јас, надвор од музиката, имам свој живот. И одам на суд. Сум имал процес што трае 12 години. Сега го немам бројот на предметот, но, еве, би сакал министерот за правда да го земе предметот и ако не го мрзи нека седне 10 минути да го прегледа. Тоа што го видов на суд, тоа е надвор од паметот.

Не знам ни дали во Авганистан така се функционира. Што е страшното? Таму можете да видите што е врвот на некултурата, немањето образование, не ми е јасно кој ги примил тие луѓе на работа? И почнав да гледам, викам кој е судијата? Кога дошол на работа, кој го примил? Судијката е примена од претходните власти. Ние, всушност, сега ги живееме последиците од тоа неорганизирано живеење во изминативе 20 години. И сега е врвот на сето тоа.

СТАНАВМЕ ПРОВИНЦИЈАЛНА ПАЛАНКА

ФОКУС: Имате ли чувство како да се загубија стандардите? Како водечка филозофија да стана онаа познатата „наведната глава сабја не ја сече“.

ОРИЃАНСКИ: Еден генерален проблем е тоа што ние сме несозреана нација, недооформена, во сите правци. Ако гледаме цивилизациски, ние сме 150 години поназад од она што е европска мисла, култура, образование. Тоа мора да го признаеме дека е така.

Имав ситуација, возам велосипед и еден почна да вика по мене, ти си предавник. Е, кого предадов јас, што предадов?! Овие што ве искрадоа не се предавници, ама затоа јас сум предавник.

ФОКУС: Значи и вие влегувате во таа клапа на предавници и непатриоти.

ОРИЃАНСКИ: Е, ама има една работа, тие не можат да го негираат тоа што го правам јас. Затоа што не можат да го работат тоа. Тие толку сакаат да го можат тоа, ама не можат, зашто забораваат една друга работа. Луѓе-квалитети во која било област не се произведуваат туку-така, зашто тебе така ти текнало. Чешка не го произведе Форман зашто ѝ треба сега во моментов. Тој треба да се случи. Но, ако сте забележале, не постои човек од овде што дал нешто добро, а на крајот да не е исплукан.

Еве да тргнеме од еден Мисирков, Блаже Конески, Манчевски, па да завршиме со фудбалерите Пандев, Панчев. На крајот, сите. Зошто Пандев си отиде од репрезентацијата? Тоа беа луѓе што  дадоа нешто за земјава. Ние во суштина сме мала провинцијална паланка каде што луѓето како топчиња се судираат и тешко се дише.

А кога ќе го кажеш тој термин, на луѓето што се широки во мислата и шетале низ светов не им е проблем кога ќе кажеш дека сме провинцијална паланка. Јас на пример ако прочитам дека Македонија е провинцијална паланка, мене тоа не ме дрма. Ама овие другиве кога ќе ја прочитаат таа реченица, се препознаваат во тоа и беснеат.

ФОКУС: Колку критиката во уметноста во вакви услови може да опстојува? Чувството е дека уметниците творат единствено дела што ги задоволуваат критериумите на власта.

ОРИЃАНСКИ: Што е главниот проблем? Немаме резултат. Еве да го земеме за пример последниот филм на Столе Попов, „До балчак“. Го кандидираат за Оскар. Дај боже да добие, не сум го гледал, но капа ќе му симнам ако добие. Но, има еден момент што никој не го забележува, а тоа е од незнаење. Пред Оскарот се сите други фестивали, берлинскиот, Кан…

Мислите дека не ги пријавуваат филмовите таму? Ги пријавуваат, ама не им ги примаат. Мислите дека не ги примаат зашто некој нѐ мрази? Не, туку затоа што не се добри. Сакам да ви кажам дека немаме резултат од ниту една работа. Тие можат тука локално да зборуваат, со големи најави дека ќе се случуваат чуда, но нема резултат, не само кај филмовите, еве тргнете и од музиката. Каква музика, тука нема музика, мртва е.

НИКОЈ НЕ НÈ ПОКАНИ НА „БРАЌА МАНАКИ“

ФОКУС: Бевте ли на „Браќа Манаки“?

ОРИЃАНСКИ: На „Браќа Манаки“ беше 20 години од „Пред дождот“, но никој не нѐ покани.

ФОКУС: Ве погоди тоа? Очекувавте да ве викнат?

ОРИЃАНСКИ: Не, веќе не. Рамнодушен сум. Кога беше премиерата на „Пред дождот“, не беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, тогаш беа другите. Јас седев позади на скалите, немаше место. И кога нѐ прочитаа дека треба да излеземе на сцена, не можев да поминам од луѓето. Така што, ова е само едно финале. Што им останува сега? Можат да земат да нѐ избришат од филмот, дека не сме работеле, можат да ја тргнат музиката од рекламата „Купувајте македонски производи“. Тоа се работи од кои Македонија немала ништо подобро, ако имала, дајте да ги видиме. Но, за овие работи никој не реагира. Сите гледаат во некоја комисија да се пикнат, да земат некои ситни парички, нешто на кратки патеки.

ФОКУС: На „Браќа Манаки“ имавме можност да го видиме и недоразбирањето меѓу Лабина Митевска и Столе Попов.

ОРИЃАНСКИ: Не беше тоа нешто што не сме ние. Никој не зборуваше за филмот, немаше осврт. Можеби Столе е во право, дај боже да му е добар филмот, сѐ друго ќе се заборави, тоа е нешто што ќе остане. Е сега, дали им платиле на глумците или не, баш му напишав една порака на Марјан Ѓорѓиевски, зошто ми е симпатичен дечкото, и му реков, научи ја таа работа, пари на рака, Мара за рака. Нема тука ќе ми платите по два месеца.

ФОКУС: Во една пригода имате изјавено дека имаме државни уметници?

ОРИЃАНСКИ: Да. Ако погледате во нивните кариери, сите беа трета лига во претходното време. И сега тие се една група од полуспособни луѓе кои грчевито ќе се држат што е можно подолго.

ФОКУС: Во времето на Тито, барем режимските, оние таканаречените дворски, беа добри уметници, ако го земеме еден Крлежа.

ОРИЃАНСКИ: Видете, Тито беше фраер во таа смисла дека на чуден начин таа претходна буржоазија тој ја остави и ја внесе во системот.

А кај нас, веќе последнава фаза што ја живееме заличува на една мала лудница, каде што се изгуби што е реалност, а што фикција. Јас со мојава работа сум на дистанца од тоа, само се прашувам како човек да остане нормален и здрав во сето ова.

ОВАА ЧАУРА ЕДЕН ДЕН ЌЕ ПУКНЕ

ФОКУС: И, кој е рецептот за човек да остане нормален и здрав во ова општество?

ОРИЃАНСКИ: Јас гледам за себе, гледам да си ги уживам најбаналните работи од животот. Имам некоја способност брзо да заборавам. Во најдобар случај ќе бидам жив уште 20 години, мое е да оставам нешто добро, нова музика, да го поминам животот со луѓе што не ми носат тежина, да уживам во пиење ракија, возење велосипед.

Кај мене во зграда поради сите околности во кои живееме, луѓето си направија во подрум нешто како мал клуб. Почнаа да носат масичка, столчиња и на крај испадна една андерграунд атмосфера. И секоја вечер мажите се собираат да играат карти, па дури и за Нова година беа долу.

И пред некој ден, еден ми вика и што, кога ќе нѐ прашаат, што правевте вие за време на преродбата, додека овие правеа милиони? Игравме карти! И мислам дека кога ќе се случи отворањето на оваа чаура, која ќе пукне еден ден, тогаш ќе видиме каде се наоѓаме, и затоа сега во некои сегменти се воздржувам да давам одговори, иако ги чувствувам.

Можно е сето ова да заврши крваво зашто, пред сѐ, судирот меѓу Македонците и Македонците е голем, а да не зборуваме за Македонците и Албанците. Така што опасно е времето, но не значи дека не треба да се работи нешто, треба да се биде жив.

СЕКОЈА ВЛАСТ НЕКОГАШ ЌЕ БИДЕ ИЗНЕНАДЕНА

ФОКУС: Сметаш дека со сета оваа пропаганда постои некаква можност за промени на подобро и за раѓање нова интелектуална свест?

ОРИЃАНСКИ: Секоја власт се занесува со идејата дека ќе биде вечна и дека сѐ што прави е вечно. Тоа не е вистина. Ќе дојде момент, затоа што има нешто власта што не знае, а може и подобро да не ѝ го кажувам (се смее). Таа не знае дека има една нова генерација, не оваа мојата или вашата. Има нова генерација, која има 20 години и многу бурно следи што кажувам и што правам.

И ѝ се допаѓа и тоа што го правам и тоа што го кажувам. И таа полека ќе се групира и ќе се направи едно клопче од енергија, која во еден момент ќе ги изненади. Секоја власт некогаш ќе биде изненадена. И во Романија кога паѓаше Чаушеску претходно изгледаше дека тоа нема никогаш да се случи.

А и кај власта се гледа еден замор, верглање, повторување. Веќе многу луѓе среќавам што викаат: а бе јас не гледам телевизија, тоа не се гледа. Да излезеш во овој момент и да кажеш дека Македонија има поголем економски развој од Германија, каде што само „Мерцедес“ прави повеќе приход од цела Македонија, треба стварно да си убеден дека пред себе имаш исклучително глупаво население. И да ти поверуваат. И мислам дека такви трикови сè помалку и помалку ќе поминуваат.

НАРОДОТ ШТО ЌЕ ЈА ИЗГУБИ СМИСЛАТА ЗА ХУМОР ОДИ КОН СМРТ

ФОКУС: Какво ти е чувството кога го гледаш градот?

ОРИЃАНСКИ: Лошо. Јас често возам велосипед и тоа ме релаксира. Но, ова повеќе не е мој град. Ова не го кажувам дека јас сум оптоварен со спомени или со што било во минатото. Ме интересира моментот во кој живеам. Немам никаков проблем со градењето, имам проблем дека тоа е лошо и неубаво направено. Ако зборуваме идеолошки, има петстотини илјади проблеми внатре и елементарни непознавања на суштински работи.

Ова лесно може да заврши крваво на крајот. Не знам како власта не гледа дека целата атмосфера и енергија во Македонија е агресивна. Гледам по песниве што ги работам. Ќе им дадам песна што е помеланхолична и веднаш се лепат за неа. А ако им ја дадам втората, „Генерале“, е тоа малку потешко. А народот што ќе ја загуби смислата за хумор, значи оди кон смрт.

ПЕСНАТА „ГЕНЕРАЛЕ“ ИНСПИРИРАНА ОД ЛИК НА ФЕЈСБУК

ФОКУС: Што можеме да очекуваме од тебе во наредниов период?

ОРИЃАНСКИ: До Нова година ќе излезат две видеа, „Генерале“ и уште едно, „Е ова да го пиеш лепотице“, стихови од Дарко Лешоски. Ако забележувате, ви кажав 2-3 нови лика, Ханис, Дарко, Влатко. Ете тоа е една нова струја што мене ме интересира, нови по дух и по идеја. Мене ми е ќеф што водата не ме исфрли, бидејќи од мојата генерација имаше и други музичари што не преживеаја, зашто не се менуваа. Тие некои ликчиња се новиот зрак што ми докажува дека не е сѐ умрено.

А за песната „Генерале“ сите мислеа дека се однесува на Стојанче Ангелов (се смее), а јас со него до скоро не се ни познавав. Песната ми падна напамет кога некој полициски службеник на Фејсбук ме пцуеше, кој си ти, што си ти… Некој ми рече, оди прочитај таму, те навредуваат, а јас во принцип не читам такви нешта, кога ме пцујат. Си велам, кој го шиша, и прашав како му е името, а ми велат некој генерал му е потписот на Фејсбук. Веќе ја имав почнато музиката да ја работам и си реков, ова би било добро за песна. И така си играв, почнувајќи од тезата дека нема ништо толку сериозно на светов.

АРХИВА Синодот живее на висока нога: Македонските владици со плати од неколку илјади евра!

$
0
0

Текстот е објавен на 9 август, 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 931

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Новиот папа на Ватикан Франциск, кој пред неколку месеци седна на светиот престол, е вистински пример за скромност и социјална праведност. Тој како кардинал на Буенос Аирес живеел во мал стан, наместо во епископска резиденција, се откажал од превоз со лимузина и приватен шофер, а низ градот постојано се возел со автобус за да биде на ниво со своите сограѓани. Карактеристично за него е и што сам пазарува во супермаркет и сам си ја приготвува храната.

Пред да стане нов лидер на Римокатоличката црква, папата Франциск упати апел до Аргентинците, наместо да патуваат до Рим за да го прослават неговиот избор, парите да им ги дадат на сиромашните.

За разлика од него, со вакви карактеристики за скромност не можат да се пофалат македонскиот поглавар г. г. Стефан и архијерејите на Светиот синод на МПЦ. Тие живеат во луксузни и раскошни резиденции, возат скапи џипови и автомобили и земаат плата од по неколку илјади евра. Но, точната сума на парите и црковниот имот е најстрого чувана тајна, мистерија за сите!

Црковните веледостојници постојано велат дека тие не се должни да полагаат сметка никому затоа што отчет даваат само пред очите и ушите на Бога. Па, зарем е грев кон Бога да се знае колкави се платите и пензиите на македонските архиепископи и владици?

ЦРКОВЕН ЖИВОТ СО ВИСОКИ ПЛАТИ И СО РАСКОШНИ РЕЗИДЕНЦИИ

Живот обвиен со мистичност и со теории на заговор. Овие неколку зборови, на вистински начин го опишуваат животот на црковните веледостојници, кои како змија нозе ги кријат платите и пензиите што ги земаат.

Според информациите до кои дојде „Фокус“, поглаварот Стефан зема месечна плата од околу 3.000 евра, додека другите владици земаат плати околу 2.000 евра. Тука се вклучени редовната плата за митрополитските обврски и хонорарите што легнуваат на сметка на митрополитите. Сепак, во црковните кругови се шпекулира дека платата на архиепископот е многу повисока!

За него јавно не се знае ништо. Иако не е заветен на молчење, тој дефинитивно молчи како риба. За архиепископот Стефан јавно не се знае ниту колкава плата има, ниту што заработил додека е на оваа функција. Тој стана поглавар на свои 44 години и за него нема да важат законите на државата, па ќе остане на тронот и кога ќе наполни 64 години. Ниту тој, ниту неговите колеги не поднесуваат анкетен лист за имотната состојба. Јавноста малку знае за нивниот живот, а уште помалку за нивните приходи и пари.

Иако го дале заветот на сиромаштвото, кога се замонашиле, митрополитите во сите епархии се стотици пати побогати од починатиот бугарски патријарх Максим, кој земал месечна плата од 340 евра и ја подарувал во софискиот дом за хендикепирани деца. Кога починал, тој како единствен имот поседувал стар часовник и машина за пишување. Бугарскиот патријарх немал лична сметка во банка, ниту автомобил, станови, вили или земја. На располагање имал автомобил „мерцедес“, стар 21 година. Со слична имотна состојба располагал и починатиот поранешен српски патријарх Павле, кој, меѓу другото, редовно користел градски превоз или одел пеш.

За разлика од нив, македонските митрополити тераат живот на висока нога.

Митрополитот на Дебарско–кичевската епархија, г. Тимотеј вели дека не е проблем да се знае нивната плата, но зошто токму тоа треба да нѐ интересира?

– Вие ги средивте сите работи во државата, па ви дојде до платите на владиците. Еве, јас земам 40.000 денари. Дали сте задоволни од одговорот? И ние имаме потреби како сите други луѓе. А ако не ми верувате, одете во Пензиско и проверете – вели владиката Тимотеј.

Од друга страна, брегалничкиот владика Иларион не сакаше да одговори на ниту едно од прашањата на „Фокус“. Не сакаше да каже колкава плата зема и топката ја префрли на Светиот синод, па нѐ упати одговорите да ги побараме таму.

 ЛУКСУЗНО АВТОШОУ ВО ВОЗНИОТ ПАРК НА ВЛАДИЦИТЕ

Во меѓувреме, многумина од владиците ги обновија и епархиските резиденции ги направија луксузни места за живеење. Митрополитот Тимотеј  има ново епархиско седиште и резиденција во Светиклиментовото училиште, кое е старо повеќе од еден век и се наоѓа на Плаошник.

Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за односи со верските заедници, вели дека на владиците духовното секогаш треба да им биде пред материјалното.

– Јас едно знам, а тоа е дека владиците треба да бидат посветени на духовното, а не на материјалното. Тоа е основа на Библијата. Нивното живеење е работа со верниците и со социјално загрозените граѓани кои имаат потреба за помош. Никако приоритет не треба да им бидат парите и луксузниот начин на живот – вели Божиновска.

Уште поапсурдно во целата ситуација е тоа што дел од владиците се во пензија и по неколку години, но сѐ уште го држат местото во Синодот. Таков беше случајот со неодамна починатиот кумановско-полошки владика Кирил, како и со битолскиот владика Петар, кој веќе три години е во пензија, но сѐ уште не ја напушта својата епархија.

Освен редовните пензии, владиците можат да заработат хонорари бидејќи доживотно можат да држат литургии.

Колку во последните години македонските митрополити го ставаат материјалното пред духовното? Ова прашање честопати одекнува меѓу верниците, за кои животот на црковните веледостојници отсекогаш бил заштитен со ѕид. Тие речиси на сите црковно-народни собори се појавуваат во своите луксузни џипови и автомобили, од кои најевтините модели чинат од 25.000 до 50.000 евра. Само луксузниот „мерцедес P350“ на г. г. Стефан чини околу 100.000 евра!

Во возниот парк на владиците се случува луксузно автошоу. Таму може да се забележат џиповите „гранд чироки“, „туарег“, „ленд крузер“, како и „ауди“, „мерцедес“, „БМВ“ и „тојота“. По разните критики упатени на нивна сметка, последната година на црковно-народниот собор тие се поштедија од „злобните“ коментари на верниците и одбегнаа да дојдат со своите скапи возила.

Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека какви џипови и автомобили возат владиците и кој ги плаќа, не треба никого да го интересира.

– Ние такви одговори не можеме да даваме. Сите се на одмор. Не ми е јасно зошто ова прашање ве интересира? – беше краткиот одговор што го добивме од МПЦ.

ВО ЦРКВИТЕ „ЦВЕТА“ БИЗНИСОТ СО ПРИВАТНИ ПЕНЗИИ

Огромните суми пари што се влеваат во касата на МПЦ се користат и за плаќање приватни пензии на повеќето од свештениците. Повеќе од една година низ сите епархии е развиен „бизнисот“ со приватните пензии, кој е најактуелен во Брегалничката епархија, каде што повеќе од 60 отсто од свештениците се приватно осигурани. За ова тие добиваат амин од владиците.

Уште од сега за стари денови се осигуруваат поповите во Скопската епархија, Преспанско–пелагониската и Струмичката епархија.

Годишно свештениците уплаќаат во приватните осигурителни компании од 600 до 1.200 евра, а по одврзаните раце од поглаварот на МПЦ г. г. Стефан тие сами одлучуваат на колку пари ќе ја направат полисата.

– Веќе втора година на сметка на црквата се плаќаат приватни пензии. Тоа ни го плаќа црквата бидејќи ако треба да плаќам јас од свој џеб, не знам од каде ќе најдам пари. Тоа значи дека по 20-30 години, освен пензијата што ќе ја земеме од државата, ќе добиваме и приватни пензии. Секоја епархија си решава на која сума ќе бидат направени полисите – објаснуваат црковни извори.

Владиката брегалнички Иларион вели дека е запознаен со плаќањето приватни пензии на свештениците, но не знае како точно се одвива процесот. За повеќе детали тој нѐ упати во Скопската епархија.

Пред неколку месеци, владиката Агатангел од Повардарската епархија потврди дека се плаќаат приватни пензии, но дека секој свештеник си уплаќа од свои пари.

Иако Светиот синод е затворен круг во кој не допира ниту една институција или верник, сепак ние решивме да се позанимаваме со оваа финансиска тема. Но, очигледно, кога се во прашање парите, тие се најотворени кон верниците кога имаат потреба од донации за некој од манастирите, кој бил „жртва“ на пожар бидејќи нормално тие немаат пари за тоа. Нивните лични финансии ги кријат од надворешните „непријатели“. Се надеваме дека македонските владици нема да ни фрлат анатема затоа што чепнавме внатре зад црковните порти!

Рамка:

ПРВИТЕ АРХИЕПИСКОПИ НА МПЦ БИЛЕ ПРИМЕР ЗА СКРОМНОСТ

За разлика од сегашниот архиепископ Стефан и владиците на Светиот синод на МПЦ-ОА, во црковните кругови постоеле и скромни архиепископи. Како пример за скромност се споменуваат имињата на поранешните архиепископи Доситеј, Гаврил и Михаил.

Првиот архиепископ Доситеј бил светогорски монах и целосно го исполнувал заветот на сиромаштвото. Тој цела своја плата им ја раздавал на луѓето за разни нивни потреби и во фондот што го носел неговото име. Со исти карактеристики како него е г. г. Гаврил. Тој не живеел во резиденција, туку во мало станче.

 

АРХИВА Жени, храбри и опасни!

$
0
0

Текстот е објавен во новогодишниот број на „Фокус“.

Годината 2015 та, може слободно да ја означиме како година на будење на граѓанската свест, година на многубројни протести и демонстрации, на студентите, на средношколците, на хонорарците, на новинарите, на граѓаните против катастрофалните политики на владеачката врхушка, на башибозукот на режимот. Во првите борбени редови на отпорот, на барикадите против полицијата и специјалците пред Владата, пред водените топови на МВРО-ВМРО, пред пендрекот на полицајците, во камповите на бегалците во Гевгелија, многу често со својата храброст се истакнуваа повеќе наши сограѓанки, девојки, жени, студентки, пензионерки, ученички, интелектуалки, мајки, баби… „Фокус“ направи скромна листа на 11 хероини кои во 2015 година предничеа со својот борбен активизам, полни со решителност и желба за правда, слобода, солидарност и демократија

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Наместо пендрек – кармин, наместо гумени куршуми – гумени бонбони, наместо насилство – цвеќе, наместо водени топови – жив штит од жени. Вака жените во неколку наврати им се спротивставија на кордоните специјалци кои редовно ги пречекуваа на протестите пред Собранието и пред Владата во годината која изминува. Без трошка страв и со голема решителност, неколку од нив продефилираа покрај штитовите на специјалците и се соочија со нив, покажувајќи им дека не се плашат и дека се спремни, како што велат за, слободата до крај да се борат.

Нивните фотографии го обиколија светот и се најдоа на насловните страници на странските медиуми. Секоја во свој стил, но и со особен шарм му се спротивстави на строгото лице на специјалецот кој беше вооружен, со опрема и кацига, од главата до петиците. Се почна на 5 мај, 2015 година кога лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев ја објави „бомбата“ за убиството на 21-годишниот Мартин Нешкоски, каде што првата полицајка Гордана Јанкулоска, нејзиниот портпарол Иво Котевски и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков бараат начин како да го прикријат убиството.

Во тој период, во 17 часот пред Владата спонтано се собраа револтирани граѓани кои успеаја да стигнат на 100 метри пред влезот, каде ги пречека кордон – специјалци. Тие ја торпедираа Владата со јајца и домати, а во првите редови, жените направија жив штит со кој им се спротивставија на специјалците. Оттогаш, секој ден во 18 часот се одржуваа протести при што на разни креативни начини млади девојки, мајки со деца, возрасни

жени, баби… гласно негодуваа за лошото владеење, криминалот и скандалите што ги чувме од „бомбите“.

Дел од нив почувствуваа и лисици на рацете, беа бркани од полицајците, но тие смело пркосеа и не дозволија да ги спречи полициската бруталност и да останат дома пред телевизор, туку редовно излегуваа секој ден и бараа правда, при што го добија епитетот – хероини на годината. Сосема заслужено!

СЕ ПОЈАВИ ОТПОР ПРОТИВ ДРСКОСТА НА РЕЖИМОТ

Годината што изминува слободно може да се нарече година на жените, кои гласно му се спротивставија на режимот, на неправдата, на криминалот, на корупцијата, на лошите законски решенија… „Фокус“ направи листа од единаесет жени – хероини кои дефинитивно ја одбележаа 2015-та година и гласно им рекоа „не“ на неправдите. Не помина ден, без некоја од нив да излезе и да им даде поддршка на студентските и на средношколските протести, на протестите за прикривањето на убиството на младиот Нешкоски, на протестите против министерот за здравство Никола Тодоров од кој веќе неколку пати побараа морална одговорност и оставка, на протестите против загадувањето. Секоја од нив делува во својата област, а стравот е потиснат од поривот, за кој, како што велат, не ги остава да седат мирни, туку ги тера да бидат таму, во првите борбени редови. Нивното делување и отпорот се редовно критикувани од власта и од провладините медиуми, од кои честопати ги добиваат етикетите „предавници“, „шпиони“, „соросоиди“, „сдсмовци“. Но, сепак, тоа не ги запре во борбата за подобро утре.

jasmina golubovskaНа листата најхрабри се најде и Јасмина Голубовска, активист и борец за човекови права која на протестите пред Владата опколена во силен оклоп од специјалци извади сјајно црвен кармин, ги намачка усните и бакна штит на полицаец. Таквиот потег ја направи икона на отпорот, која на насилството и стравот му се спротивстави со бакнеж. Нејзината првична замисла била со карминот да нацрта срце, но полицаецот не и дозволил. Таа фотографија го обиколи светот, а за неа пишуваа многу странски медиуми кои ја пренесоа информацијата. Голубовска пред две недели дури се најде и на листата меѓу 17-те најхрабри и „најопасни“ жени на светот за годината што изминува.Таа учествува и во сите герила –акции кои ги организира Хелсиншкиот комитет за човекови права, а една од најпознатите е прошетката низ Скопје во барокна облека против инвестициите за проектот „Скопје 2014“, за кои власта досега потроши милионски суми.

2015-та за луѓето во Македонија сметам дека беше исклучително тешка и емоционална година. Никој од нас не очекуваше дека ќе се појави отпор против дрскоста на режимот кој стана неизмерно агресивен навлегувајќи во автономијата на секоја општествена пора. Посведочивме дека можеме да бидеме посилни и единствени, еднакво колку што можеме да бидеме гневни и разединети. Ги повторуваме грешките и се уште градиме отпор во себе, наместо на улица. Но режимот е таков – тврди Голубовска.

Таа тврди дека режимот ги спакува луѓето во мали и несигурни табори кои насобраниот гнев од бедата и борбата со секојдневието го канализираат кон својот замислен непријател, кој може да биде: партиски или етнички неподобен, соросоид, платеник, комуњар, шпион, дел од мрачни или било какви други сили.

Во 2016та очекувам да продолжат промените во секој од нас, поединечно. Да се промениме во похрабри, одлучни луѓе кои ќе ги зголемат своите барања и ќе се изборат за достоинствен живот. И на крајот, посакувам да не се плашиме затоа што секоја година помината во ропство, не води чекор поблиску до слобода – додава Голубовска.

gordana posimonovaОсвен неа, на листата храбри жени, но во областа на образованието е професорката на Земјоделскиот факултет, Гордана Попсимонова. Јавноста првпат ја запозна за време на студентските протести кога им даде целосна поддршка на студентите кои излегоа повеќе од 10.000 на улица и се спротиставија на државниот испит и новите законски измени во високото образование. Таа исто така беше дел од Професорскиот пленум и тврдеше дека е разочарана и гневна од сите спинови на власта, кои од самиот почеток ги извртуваат вистинските причини за реакцијата на академската јавност во Македонија. Попсимонова напиша многу колумни во кои отворено го критикуваше, како што велеше, режимот на Груевски, лошиот образовен систем, криминалот и корупцијата кои излегоа од „бомбите“ на Заев.

Ако се обидете да спуштите жаба во врела вода, ќе штурне уште пред да ја допре површината на водата. Меѓутоа, ако употребите студена, по можност барска, вода и температурата на водата долго и постепено ја загревате, жабата нема да сфати во кој момент е сварена. Нема ни да направи напор да избега од котелот. Ете, токму тука сме ние – во зовриен жабарник. Во македонскиот дел од пеколот. Како стасавме до тука? Со нашата индиферентност, игноранција, малодушност, себичност, со конформизмот, со сите наши мали и големи причини да молчиме и да одмолчуваме – тврди професорката Попсимонова.

Според неа, оваа година се случил КРИКОТ и луѓето конечно го кренале својот глас.

Конечно, проговоривме. Покажавме дека постоиме и дека не сме безлична маса која слепо ги заокружува изборните ливчиња. И, по цена на тоа што нас нé заокружуваа со црвени кругови – кажавме дека потемкиновото розово не е розово, туку дека е валкано и црно. И дека царот е гол. И не само гол, туку и прост, необразован и примитивен. Нé има многу. Повеќе одошто мислиме, повеќе одошто кажуваме, повеќе одошто очекуваат. Само треба тоа да го кажеме гласно. И да го напишеме јасно. Време е да излеземе од котелот. Можеби еден убав ден, ќе си помогнеме едни на други и ќе излеземе од него – во македонскиот дел од рајот – додава Попсимонова.

СО ПАМЕТ ВО ВИСОКО КРЕНАТА ГЛАВА

tamara causidisНовинарството во последните неколку години е клекнато на колена, се помалку има новинари кои професионално си ја вршат работата, додека се повеќе расте бројот на медиуми кои се поткупени од власта и кои цело време шират пропаганда за владините реформи и проекти. Една од дамите, која цело време се бори новинарството да се врати на вистинскиот пат и која постојано води битка новинарската фела да си ги добие своите права е Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Таа е жената која не остава ништо на случајноста, туку редовно се спротивставува на секое лошо законско решение, редовно организира протести за да се зачува достоинството на новинарската професија. Чаусидис беше најгласна на протестите за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, кој пет месеци помина во притвор во Шутка и уште седум месеци во куќен притвор. Таа секогаш беше во првите борбени редови, а помина и неколку часа пред Шутка во периодот кога тој беше повторно вратен во притвор.

Влеговме со многу ентузијазам во оваа година, излегуваме во магла, збунети и со плитко дишење. Но, не би рекла дека сме поразени во напорот да го видиме ова општество како оди во вистинска насока, со задоволни, достоинствени луѓе. Оваа година слушнавме дека сме човечиња изложени на свирепа манипулација и уцени. Добивме потврда дека она за што во изминативе години излегувавме на улица, она што гласно го извикуваме има име и има адреса. И, дека таа адреса може да се повлече само ако сме до крај принципиелни, сплотени и искрени во отпорот, во барањата да се сменат работите. Научивме и дека секоја калкулација, секоја задршка и манипулација, лошо сокриена амбиција се наплаќа, а цената е многу скапа и за жал, им се испорачува на сите, а најмногу на идеалите во кои веруваме – истакна Чаусидис.

Според неа, 5 мај, денот кога се протестираше за прикривањето на убиството на Нешкоски останува најважниот ден во 2015 година.

Тоа е поука, показна вежба на која можеме и мораме да го потпреме својот оптимизам, да учиме од грешките, бргу да препознаеме кога работите одат во погрешна насока. Тоа е мојата надеж за 2016. Со памет во високо крената глава – додава Чаусидис.

Таа исто така го крена својот глас и против законот за хонорарци, во кој тие сами требаше да плаќаат здравствено и пензиско осигурување. Пред неколку месеци, Владата го укина овој спорен закон откако се склучи пржинскиот договор и се најави дека ќе има предвремени парламентарни избори.

TOM_4265

Сепак, најемотивниот говор поврзан со отпорот против законот за хонорарци пред Владата го одржа преведувачката Марија Џонс, која исто така се најде на листата на „Фокус“ на 11 најхрабри жени за 2015 година. Таа им порача на првиот финансиер Зоран Ставрески и на премиерот Груевски дека народот живее во приказна на преживување во која се повеќе нема и дека само во Македонија мора да платиш за да работиш.

Таа вели дека постои една негативна изрека што никогаш не и се допаѓала  „глупав народ – силна држава”.

И, тука некаде меѓу глупавиот народ и силната држава е мојата желба за наредната година. На моите сограѓани им посакувам повеќе општество или shoqëri, да не ги редам сите јазици сега, убави зборови, наши, кои не се заемки од латинскиот, како во други, многу поголеми јазици. Во општеството имаме и права и одговорности кои многу добро треба да ги познаваме и да ги почитуваме. Во општеството никој не ни „дава” работа и плата, туку го нудиме својот труд за соодветен достоинствен надомест по правила за кои претходно сите сме се договориле, наместо премолчано да се согласуваме да бидеме најефтината стока на пазарот – тврди Џонс.

Листата на „најопасни“ жени не поминува без Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права која редовно може да се види на протести пред Јавното обвинителство, пред МВР барајќи од нив да ги решат случаите со нападите врз ЛГБТ заедницата.Таа исто така беше активна и гласна и на граѓанските протести пред Владата и Собранието барајќи начин за разоткривање на, како што вели, чудовишното лице на режимот, кој владее веќе 10 години. Во фиоката на Хелсиншкиот комитет може да се најдат еден куп документи за случаи кои тие ги покренале, за тоа колку политички затвореници има, а таа честопати алармира дека притворот се користи повеќе како заплашување, отколку како казнена мерка. Пировска е редовен борец за демократија и слобода.

Режимот потранспарентно започна да владее на 24 декември 2012 година, но го достигна својот врв во 2015 година. Сето она, што беше на ниво на наши заклучоци, критики и обвинувања за манирот на однесување на оваа власт, беше потврдено. Димензиите на злото беа целосно измерени, а ние соочени со предизвикот да му се спротивставиме. Од една страна, тоа беше катарзично доживување, морална сатисфакција за оправданоста на нашите тврдења, но и будење за сите оние кои што до тогаш го немаа препознаено вистинското лице на власта – вели Пировска.

РЕЖИМОТ НА ГРУЕВСКИ МОРА ДА ПАДНЕ

Иако повеќето од дамите вработени во Министерството за внатрешни работи мудро молчат за да го задржат своето работно место трпејќи го мобингот, притисокот и заканите од претпоставените, сепак една од нив го крена својот глас и му рече „не“ на самоволието во оваа институција која од „бомбите“ стана позната како „МВРО-ВМРО“.

angelovaЈасминка Ангелова, сопругата на генералот Стојанче Ангелов остана без работа, но храбро и се спротивстави на првата полицајка Гордана Јанкулоска. Таа испрати неколку писма до неа во која ја повика да си ги собере тајните агенти што ги следат двајцата сопружници и нивните деца и да прекинат да им се закануваат со апсења и закани по животот. Таа на протестите на 5 мај пред Владата беше удрена од свој колега –полицаец, додека сакала да се фотографира со друг колега.

Ангелова без двоумење вели дека во новата 2016–та очекува избори на кои ќе падне режимот на Груевски, но смета дека бидејќи се доцни со „договореното во Пржино“ изборите не треба да бидат одржани пред јуни.

Очекувам да се спроведе и попис. Нека биде и после изборите, но ние мораме да се преброиме за да ги видиме суровите последици од погубното владеење на Груевски. Очекувам одговорност за сите криминали на власта, како поука за следната власт дека никој во Македонија повеќе не е недопирлив. Очекувам да профункционираат институциите на државата и најпосле да започне процесот на позитивна селекција, со кој најдобрите ќе одат напред, а најдобрите меѓу најдобрите ќе раководат со институциите. Без разлика на нивните лични ставови и убедувања или политичка припадност – тврди Ангелова.

Таа додава дека во Новата година продолжува со нејзината борба која всушност е продолжение на борбата на нејзиниот сопруг.

Истовремено, моите ставови, анализи и сознанија за актуелните случувања, особено за состојбите во МВР, кои ги објавувам на личниот ФБ профил се пренесуваат и преку повеќето интернет-портали и допираат до јавноста. Посакувам во Новата 2016-та конечно да доживееме правда и вистинска слобода за сите македонски граѓани – вели Ангелова.

meriНа барикадите во борбата за слобода, демократија и правда се најде уште една жена која веќе неколку години активно делува на ова поле. Мери Николова е една од создавачите на платформата „УДАР“, која организираше неколку протести и која смета дека боксерската власт може да се сруши само на овој начин. Досега не поминал ниту еден протест без неа, сметајќи дека во моментов на тој начин може да придонесе барем нешто да се промени во државата. Таа пред неколку месеци беше главен иницијатор на предлог Законот за амнестија, при што успеа да собере 10.000 потписи и овој предлог да се најде пред пратениците во Собранието.

Според неа, 2016 ќе биде многу „жешка“ година, но сепак одлучувачка.

Од една страна, има оптимистичко сценарио – разрешување на политичката криза, заминување во историјата на корумпираната политичка елита и почеток на градење на вистинска, а не само формална, демократија. Од друга, има и песимистичко сценарио – продолжување на политичката криза што значи непочитување на Пржинскиот договор, неповлекување на корумпираните политичари, што ќе доведе до големи граѓански немири и продлабочување на кризата, а со самото тоа и стопирање на евроинтеграциите и воопшто, на развојот на државата – вели Николова.

Таа додава дека во оптимистичкото сценарио ќе продолжи со своите активности за подигнување на граѓанската свест за воспоставување вистински демократски вредности.

Во второто сценарио, песимистичкото, јас ќе се борам за соборување на криминалната власт како главна препрека за напредокот на општеството. Се надевам дека Македонија ќе смогне сила за да направи суштински промени. Овој процес е незапирлив и што поскоро се случи (во 2016 година), тоа подобро. Враќање назад нема – вели Николова.

На списокот на „Фокус“ за најхрабри жени се најде и името на актерката Ирена Ристиќ, која последната година е една од најактивните жени на сите протести. Карактеристично за неа е тоа, што освен што можеше да се види во театарските претстави или во македонски филм, немаше пракса да се појавува во медиумите, да дава изјави и интервјуа како граѓански активист. Но, сето тоа се промени годинава откако стана една од најголемите борци против лошите политики на власта. На еден од протестите, таа заедно со актерката Ана Костовска ја рецитираше Бушава азбука со текст прилагоден од „бомбите“. Ристиќ, исто така, е водителка и на шоуто „Контравести“,во кое преку хумор и сатира го објаснува начинот на владеење во Македонија.

2015 година беше кулминација на десетгодишниот кошмар низ кој минуваше Македонија. Години на политичка, социјална, морална криза. А, од последнава година произлегуваат првите две, ќе се согласите. Свесните и совесни граѓани, не можејќи веќе да чекаат одговорните структури да пораснат, да созреат и конечно да почнат да го работат она за што се добро платени, започнаа сами да создаваат простор за промени. Револтот таложен со години се излеа на улиците. Иако многу тешки и сурови, тие мигови открија една нова, убава Македонија – вели Ристиќ.

БЕГАЛЦИТЕ ДОБИЈА СВОЈА „МАЈКА ТЕРЕЗА“

lence zdravkinСовремената „Мајка Тереза“ или „Хероина на нашето време“ се двете имиња кои ги доби велешанката Ленче Здравкин, која речиси една година секојдневно и несебично им помага на мигрантите. Таа живее во непосредна близина на железничката пруга во Велес, а за да им помогне на бегалците таа својот дом го има претворено во магацин и прифатен центар за мигранти. Здравкин редовно пречекува мајки со бебиња и поголеми дечиња во чии очи се чита нивната молба за помош. Таа редовно е на релација Велес – Гевгелија и несебично им помага во нивните најтешки моменти.

По автопатиштата, по железничките пруги во ноќните часови почнаа да се движат некои црномурести момчиња, за кои никој не сакаше да каже кои се и од каде се. Се започна во март-април 2013 година. И покрај сите апели дека имаме бегалци  од Сирија, Авганистан, Ирак, Иран, Сомалија, Пакистан и други земји се молчеше, за во 2014 година бранот на бегалци да биде масовен. И дури кога во 2015 година почнаа да ни се редат несреќи со бегалците, откако загинаа многу од нив, Македонија во јуни го донесе законот за бегалци – вели Здравкин.

Според неа, јужниот дел на Македонија, Гевгелија станал центарот на светот.

Странски делегации и странски медиум пристигнуваа да видат како Македонија се справува со бегалската криза. Но институциите, невладините организации, волонтерите веќе ги поставија темелите на транзитниот центар за бегалци Винојуг. Денес центарот функционира со сите нишани: медицинска и правна помош, храна, вода, хигиенски средства, облека и се што е потребно во овие зимски денови. Бегалците од тука заминуваат насмеани и задоволни – додава Здравкин.

На истиот фронт со Здравкин е и муслиманката Мерсиха Смаиловиќ позната НВО активистка, која се залага за афирмација на жената муслиманка во сите сегменти во општествениот живот. Таа исто така им помага на бегалците кои транзитираат низ Македонија полесно да го поминат патот по кој тргнале, а честопати ги повикува и политичарите да дојдат во кампот во Гевгелија и да разговараат со бегалците.

Смаиловиќ тврди дека 2015 година била многу динамичина, со подеми и падови во однос на човековите права, хуманоста, слободата.

Зимата ја поминавме на пругата долж Македонија, пресретнувајќи ги измрзнатите бегалци од воените жаришта, кои заради нехуманиот закон кај нас, мораше со денови да пешачат. Тешкотијата се зголемуваше кога заедно со Human Rights Watch ги истражував ужасните услови и малтретирања на бегалците во Прифатниот Центар Гази Баба. Пролетта ексалираше со илјадници бегалци кои влегуваа и пешачеа, по патиштата во Македонија и нашите скромни можности да им помогнеме на сите – вели Смаиловиќ.

saraСепак, мора да нагласиме дека ако некој го крена народот на нозе, ја подигна енергијата кај луѓето и успеа да изнесе над 10.000 луѓе на улица тоа беа студентите. Тие преку движењето Студентски пленум го кренаа својот глас, им се спротивставија на владините реформи во образованието и ги потикнаа граѓаните на отпор. Една од нив, која секогаш беше во првите борбени редови е Сара Миленковска, студентка на Правниот факултет во Скопје. Таа беше дел и од протестот за слобода на Кежаровски, за спорниот закон за хонорарци…

Миленковска вели дека политичката криза е само симптомот на болеста на духот, од која општеството може да се излечи само кога секојдневието и системот на вредности ќе претрпат сериозни промени.

Се додека не се случат овие промени, граѓанинот ќе се соочува со криза на идентитет и наместо да разбере дека токму во него лежи моќта, тој лесно им ја предава на политичките партии кои ревносно ја користат. Треба да разбереме дека ние граѓаните сме значајни и затоа ние треба да бидеме креатори на нашето општество, кои го одржуваат здраво и прогресивно. Бидејќи секоја премолчана неправда не прави соучесници. Пасивноста е она што го има окупирано нашиот простор, девалвирано инстуциите, стигматизирано критичката мисла и ни го има оставено бегството во странство како последна слобода – истакна Миленковска.

Таа додава дека потребата за промена треба да биде системска.

Претворање на аполитичноста во партиципативна политичка култура со што во иднина директно ќе учествуваме во креирање политики. Јас делувам, зашто сметам дека тоа е потребно и бирам да не учествувам во тоа што го храни кршењето на духот – тврди студентката.

meri jonesМарија ЏонсНЕ ТРЕБА ДА СИ БИДЕМЕ ВОЛЦИ ЕДНИ НА ДРУГИ

Марија Џонс вели дека во општеството не треба да си бидеме волци едни на други, било на улица, во автомобил, или во супермаркетите кога им врескаме на вработените, без да не заинтересира зошто тие работеле и по триесет дена без престан, без ден одмор.

Не треба само да си ја смируваме совеста со донации за помош на оние на кои востановените права на здравствена заштита им биле одречени. Така само го признаваме поразот – додава Миленковска.

uranijaУранија ПировскаЌЕ ЈА ВРАТИМЕ СЛОБОДАТА НА НАШИТЕ УЛИЦИ

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет вели дека во овој период

раздвижувањето на граѓаните било забележливо и нивниот револт добил реална артикулација на улиците.

Од друга страна, стравот го замени бесот поради годините на толеранција на насилството, неказнивоста и целосната злоупотреба на институциите кои наместо да им служат на граѓаните им служеа на партиите на власт. Новата година нема да ја дочекаме со извојувана слобода, ниту пак со остварени очекувања, ако се имаат предвид партиските преговори и тоа што како краен продукт произлезе од нив. Сепак, нема да ја дочекаме поразени ниту пак обесхрабрени во желбата и ентузијазмот да ја вратиме слободата на нашите улици, на нашиот говор, мислите, убедувањата и во институциите кои на нас граѓаните ни припаѓаат – додава Пировска.

irena risticИрена Ристиќ: ЌЕ ПРОДОЛЖАМ ДА ДЕЛУВАМ

Ирена Ристиќ, актерка вели дека човечкиот потенцијал со години бил маргинализиран, игнориран и третиран како да не постои.

На улица излезе достоинствена, цивилизирана, едуцирана младина и повозрасна популација, кои заедно, рака под рака секојдневно извикуваа пароли чијшто НЗС е еден болен крик „Сакаме слобода!“. Се издвоија личностите со интегритет, наспроти опортунистите и апологетите на криминалната банда на власт, а конечно на виделина излезе и онаа најбројната и, според мене, најтажна група – исплашените – истакна Ристиќ.

Таа додава дека како идеалист по природа, целава ситуација ја принудува да не очекува ниту чуда, ниту инстант-просперитет во 2016.

Напротив. Знам само дека ќе се случи најприродното нешто. Пад на режимот и конечно соочување со пустошот што ќе го остават зад себе. Тие велат „Татковината се сака со дела!“ Јас им велам – да! И затоа и во 2016 ќе продолжам да “делувам”! – тврди Ристиќ.

mersihaМерсиха Смаиловиќ: ПОВТОРНО ЌЕ ПРОТЕСТИРАМЕ СО СТУДЕНТИ, ЗА БЕГАЛЦИ, ЗА ВОЗДУХ…

Мерсиха Смаиловиќ, активист вели дека протестирајќи на скопските улици со студентите, хонорарците, слободумните се бори за правата на децата да живеат во слободна земја од политичари кои немаат чувство за народот!

– Солидарноста се разбуди, ги надмина очекувањата но и вон границите на државата, иако полека, предрасудите сепак се разбиваат…. Но, повторно се вративме на почетокот, бегалците пак ги пресретнуваме на пругите, Европа и даде друга димензија на бегалската криза – претворајќи ја во криза на човештвото. И повторно ќе протестираме со студентите, со слободоумните, за бегалците, за елементарното право да дишеме… И се додека дишеме, макар и затруен воздух, ќе се бориме за нашите деца, за човештвото… И да, сите овие битки во 2015, ги водев со моето новородено девојче Амелија. Од таму доаѓаше енергијата, бевме две! – додава Смаиловиќ.

Фокус се заблагодарува на МОБ за отстапениот простор на малата сцена каде беше направена фото-сесијата

Среќен 8-ми март на сите припаднички на понежниот пол!

АРХИВА Шема на фиктивни вработувања во здравството

$
0
0

Текстот е објавен на 25 октомври, 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 942

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Во време кога повеќе од 800 лекари-специјалисти си заминуваат од скопските клиники и болници, првиот човек во здравството, Никола Тодоров, од петни жили се обидува да ја скрие реалната слика. Па, наместо да се соочи со вистината, тој секојдневно излегува со нови идеи како да ги пополни испразнетите лекарски столчиња.

Само во последната година, како што се намалуваше бројот на специјалистички кадри во земјава, така се зголемуваше бројот на конкурси и огласи за вработување. Меѓу нив беше и огласот за враќање на лекарите од приватното во јавното здравство, како и повикот на министерот сите лекари што работат во странство да се вратат во својата родна земја и да продолжат со работа тука.

Пред да навлеземе во деталите на оваа тема, ќе се навратиме неколку месеци наназад, за време на локалните избори, кога актуелна беше аферата „Пустец“. Во тој период опозиционерите обвинија дека владејачката партија со 2.000 фиктивни гласачи од Мала Преспа, Албанија, сака да ги фалсификува локалните избори во Центар со цел да ја задржи општинската власт. Тие тврдеа дека во еден стан има пријавено и по 60 лица кои треба да гласаат за градоначалник на најурбаната скопска општина.

Сепак, во овој број нема да зборуваме за фиктивните гласачи од Пустец, туку за фиктивните вработувања во здравството, а потсетувањето на оваа афера ни беше само краток вовед во темата. Сепак, нели, се работи за медицински „Пустец“!

Покрај сите партиски кадри, кои на почетокот на годината влегоа во клиниките и болниците, министерот Тодоров сѐ уште манипулира со јавноста дека лекарите не си одат, а згора на сѐ, дури ја убедува дека дел од нив се враќаат назад на работа поради добрите услови, новата медицинска опрема и високите плати. Дали неуспешната операција со фиктивните гласачи во Општина Центар е успешна операција на вработувања во здравството?

 ШЕМА НА ФИКТИВНИ ВРАБОТУВАЊА ВО ЗДРАВСТВОТО

Секогаш главен адут на партијата на власт за собирање гласови пред изборите се вработувањата. Во таа шема не изостана и здравствениот сектор. Само на почетокот на годината беа вработени околу 200 специјалисти, сите партиски кадри, потоа беа најавени уште 800 нови, а пред само еден месец околу 80 лекари од приватното се вратија во јавното здравство. Така барем најави министерот Никола Тодоров. Но, сепак, кога ќе се согледа реалната слика, повеќето од болниците немаат доволно кадар за работа и покрај сите досегашни вработувања.

Наша цел на истражување во овој број е преземањето на специјалисти од приватното во јавното здравство. На кој начин, како се изведува и со која цел? „Фокус“ располага со имињата и презимињата на специјалистите, имињата на приватните ординации, што ги отвориле лекарите или во кои работеле по неколку месеци, како и болниците во кои сега почнале со работа. Во целата фама со враќањето на белите мантили во јавните здравствени установи полека почнува да се одмотува клопчето и вистината да излегува на виделина.

Според наши информации, дел од лекарите што веќе почнале со работа во клиниките и болниците, претходно имале само неколку месеци работен стаж. Сѐ со цел да се поклопи приказната дека специјалистите веќе работеле во приватни установи. Нашите извори тврдат дека дел од нив за првпат во својата кариера почнуваат да работат, што значи дека немаат никакво работно искуство.

За целата шема со фиктивните вработувања да биде поверодостојна, специјалистите најпрвин регистрираат фирми, отвораат свои приватни ординации и по само неколку месеци ги затвораат. Нели сѐ мора да биде „согласно Законот и Уставот“. Кога ќе се проверат тие информации, во прв момент не може да се забележи некаков законски трик.

Нашите болнички извори велат дека за да не се пробие лесно шемата, дел од лекарите се вработуваат во приватни болници, исто така на неколку месеци. По објавувањето на огласот на ресорното Министерство, се префрлаат на работа во клиниките и во болниците во градовите од каде што доаѓаат: Скопје, Гевгелија, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Делчево.

„Фокус“ располага и со списокот на лекари кои завршиле студии во Бугарија и по истата шема се вработиле. И за нив тоа е прво работно искуство. Според нашите извори, заедничко за дел од лекарите е тоа што се членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, а дел од нив имале и потпретседателски функции во партијата. „Фокус“ одлучи јавно да не ги соопштува имињата на специјалистите.

Сепак, ова не се однесува на сите лекари кои се вратија од приватното во јавното здравство. Некои од нив имаат 20-годишно работно искуство, а потоа одлучиле според народната „сам свој газда“ да отворат свои приватни ординации. Откако не успеале, повторно се враќаат во старото гнездо. Од тие 80 лекари што веќе почнаа со работа, по специјалност најмногу има интернисти, гинеколози, кожни лекари, психијатри и анестезиолози.

ОРОВЧАНЕЦ: НЕ ПОСТОЈАТ ВРАБОТУВАЊА БЕЗ МАНИПУЛАЦИИ

Во досегашната историја на македонското здравство првпат се случува вакви „проекти“ за вработување да поминат на мала врата, без никаква врева. Никој не крена глас да се побуни или да побара отчет – што се случува и на кој начин се изведува целиот процес? Барем да излезеа и јавно да прашаа.

Оваа тема во последнава година ја следат скандалозните изјави на министерот за здравство Никола Тодоров, кој откако беше обвинет од опозиционерите дека вработува само партиски кадри, без трошка срам одговори:

Што сум јас виновен кога сите добри лекари се од партијата ВМРО- ДПМНЕ?  – истакна пред неколку месеци Министерот.

Во лекарската фела секојдневно кружат шпекулации, се прават анализи кој лекар од каде дошол, каде студирал, колку работно искуство има и, нормално, на која политичка партија ѝ припаѓа?

Дел од специјалистите велат дека не ја спорат работата на новите лекари и дека не се против какви било вработувања. Тие се само револтирани од начинот на кој се манипулира со нив и со јавноста.

– Ова е срамота што се случува. Знам дека со овие префрлања од приватно во јавно здравство се бара начин да се пополни бројот на специјалистите кои досега си заминаа. Тоа е огромна бројка. Се случува за време на операција да немаме доволен број на анестезиолози, што е страшно. Го лажат народот како што сакаат. Половина од тие специјалисти, кои ги кажуваат дека се префрлиле, немаат ден работен стаж. Страшно. Вака ли ќе ги лекуваме болните? – истакна лекар, кој сакаше да остане анонимен.

Според информации на „Фокус“, сите „префрлени“ специјалисти веќе почнале со работа. Повеќето од нив почнале на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, потоа во Градската болница „8 Септември“, во Здравствен дом „Скопје“, како и во општите болници низ земјава.

Поранешниот министер за здравство Ѓорѓи Оровчанец вели дека е запознаен со ваквата шема на фиктивни вработувања во здравството, но дека тоа воопшто не го изненадува.

– Кај оваа власт нема вработување без манипулации. Тие можат да прават што сакаат и никој од јавноста не може да има увид во тоа. Знам дека се спремни сѐ да направат, така што ништо не ме изненадува. Лесно е да манипулираш дека лекарите се враќаат, ама треба да кажеш дека дел од нив за првпат почнуваат со работа и дека воопшто не работеле приватно. Страшно во целата приказна е тоа што, покрај сите што си отидоа досега, допрва ќе има заминување на врвни стручњаци од јавните здравствени установи. Кој знае што тогаш ќе измислат? – тврди доктор Оровчанец.

Пред две недели „Фокус“ испрати неколку прашања до ресорното Министерство, но до затворањето на весникот повратен одговор од таму не добивме.

Според наши информации, дел од волонтерите по клиниките и болниците низ внатрешноста на земјава, кои со години работат за плати од 4.000 денари, воопшто не се нашле на ниту еден од списоците за вработување.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 


АРХИВА Професионалците во МВР и во АРМ нема да дозволат да ги злоупотребат Груевски и Иванов

$
0
0

Текстот е објавен на 13 април, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1123

разговарал Зоран ДИМИТРОВСКИ

ФОКУС: По инцидентот што се случи во кафеаната „Палас“ во Куманово и вашата пријава дека сте биле нападнати од група насилници, од МВР ве обвинија дека Вие сте го предизвикале настанот. Што точно се случуваше вечерта?

ДИМИТРИЕВСКИ: Својствено е оваа власт жртвите да ги претвора во злосторници а нивните партиски насилници да ги амнестира и наградува по заслуга. МВРО со кое владеат дванаесетта година со државата е задолжено за тоа, го употребуваат за пресметка со неистомислениците и народот.

За време на моја семејна веселба бевме нападнати од насилници, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, ги предводеше алкохолизиран вооружен полицаец во цивилка, пријавивме напад а партиските структури во МВР се уште монтираат и не можат наводно да го расчистат нападот врз мене?! По диригираното нарушување на јавниот ред и мир по првичниот полициски извештај се монтира и нарачана кривична пријава, која има за цел лично да ме дискредитира, иако физичкиот напад врз мене и сопругата беше брутален и насилен пред очите на многу присутни гости. Без да бидам сослушан јас и останатите присутни, се обидоа да ме прикажат како виновен во очите на јавноста, во што заедно со центарот за манипулации-информации на ВМРО-ДПМНЕ здушно учествуваа и провладините медиуми и нивните скрибомани.

 КАКО Е МОЖНО ЖРТВАТА ДА БИДЕ НАПАЃАЧ?

 ФОКУС: Но, и ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во јавноста за настанот, а сведочеше и 28-годишното момче. Ве обвинија дека Вие сте биле насилникот и тоа поради македонска песна!

ДИМИТРИЕВСКИ: Ова е лага и манипулација со јавноста. Кога сте нападнат, како е можно да бидете напаѓач?

ФОКУС: Во јавноста беше објавено и видео од настанот, а вие потоа коментиравте дека шнајдерите во МВР не го прикажале инцидентот каков што навистина се случил. Објаснивте дека од видеото може да се види како таткото насилник и синот насрнуваат на вас во обид да ве линчуваат. Што точно направија?

ДИМИТРИЕВСКИ: Точно е, напаѓачите и се познати на полицијата, наместо да ги штити потребно е да ги оневозможи да го повторат делото. Насилниците направија хаос, се закануваа, удираа и туркаа, по сите дури и по своите, беа срамно вулгарни. Има сведоци кои го потврдуваат тоа. Интервентната полициска група на крајот со свесни пропусти ги ослободи насилниците и се обиде да го затскрие делото.

ФОКУС: На Фејсбук напишавте дека СВР Куманово работи пристрасно и ви монтира случај, а не ги зема предвид вашите пријави. На што се точно вашите забелешки на истрагата?

ДИМИТРИЕВСКИ: Соопштението на МВР е наменско, неосновано и тенденциозно. Целиот случај е конструкција. Фактичката состојба не е утврдена и свесно е дозволено да се уништат дел од материјалните докази а други се прикриени од несовесни полицајци, кои потврдуваат дека насилниците се токму алкохолизираните лица кои не нападнаа и ни ја уништија семејната веселба. Не е направен алкотест ниту пак е фото-документирано местото на настанот, пријавата на 192 е избришана од евиденција но за среќа пораките на мобилните телефони стојат. Ова е пријавено од моја страна и во внатрешната контрола при МВР и истрагата е во тек. Верувам во чесните професионалци кои ги има во системот, очекувам да постапат по закон и да го расчистат случајот и да ги утврдат пропустите и одговорноста на пристрасните полицајци од истрагата и полицаецот сторител. Ова никогаш повеќе не би сакал да му се повтори на ниту еден граѓанин. Наводната пријава против мене е измислена, непостоечка и наменска, се работи за монтиран процес.

ФОКУС: Пред неколку недели објавивте дека пред вашиот дом биле испишувани графити со навредлива содржина. „Максо албански слуга“, „Максо предавник“. Го пријавивте ли тогаш настанот, имаше ли некаква истрага за тоа и дали тој настан има врска со она што се случи вечерта во кафеаната?

ДИМИТРИЕВСКИ: Графитите, ова насилство како и претходните телефонски закани, физичките следења и повиците за јавен линч се инструмент на оваа власт во заминување за заплашување на неистомислениците но тие немаат ефект кај мене и не можат да ме поколебаат во одлучноста да го промениме овој режим и да си ја повратиме државата. Сите случаи се пријавени уредно во полиција, се уште стојат неразрешени во полициските фиоки и обвинителството. Раководната номенклатура на режимот ја сочинуваат криптобирократи на чело со Груевски, кои безидејно се кријат зад народот барајќи спас во амнестија поттикнувајќи омраза и конфликти помеѓу граѓаните притоа прикривајќи ја сопствената клептократија. Заканите и монтажите се својствени за нив, но со тоа не можат да ја спречат промената на власта.

МАКЕДОНЦИТЕ НИКОГАШ НЕ БИЛЕ ШОВИНИСТИ

ФОКУС: Како пратеник во Собранието и претседател на Комисијата за одбрана во СДСМ, како ги доживувате заканите на организациите од типот на прилепската „Тодор Александров“ дека со сите средства ќе ја штитат државата од „клетите шпиони“?

ДИМИТРИЕВСКИ: Да се разбереме, режимската клептократија е спас за шпиунската демократија, на тоа мора да се стави крај, да се воведе нова пракса без поделба на ваши и наши, патриоти и предавници, Македонија на сите. Историјата да ја оставиме на историчарите, а одбраната и безбедноста на професионалната војска и полиција. Здруженија може да има но без да се злоупотребуваат за заплашување и вршење притисок врз граѓаните и политичарите. Македонецот никогаш не бил шовинист, режимов лукративно настојува да го втурне во тоа, сака да произведе конфликт за да се спаси од одговорност. Никола Груевски и неколкумина негови соработници, за криминални интереси, се обидуваат на различни начини да поттикнат поделби меѓу граѓаните и внесуваат вознемиреност. Поделбите нема да им успеат, граѓаните масовно го поддржаа концептот на заедништво. 700.000 граѓани, 67 пратеници во Собранието стојат зад концептот унитарна Македонија, едно општество за сите. Сите кои на каков било начин наштетиле или штетат на граѓаните ќе се соочат со одговорност.

ФОКУС: Имате ли информации дали ваквите организации се вооружени и каква е вашата проценка, дали тие може да предизвикаат покрупен инцидент?

ДИМИТРИЕВСКИ: Немам такви информации, одговорот е кај режимот, тој ги мотивира и организира. Ние сме сите исти Македонци кои политиката ги подели на подобни и неподобни, мораме заедно да го надминеме ова, манипулациите да престанат. Граѓаните се свесни, потребно е да продолжиме заедно да живееме со останатите заедници како што живееле и нашите предци со векови, не засегаат исти социо-економски проблеми, корупција и недостаток на правда. Очигледно е дека Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ се многу нервозни, ги очекува соочување со правените криминали, од искуство видовме дека знаат да се однесуваат непресметливо и тие ќе се обидуваат на секакви сценарија за дестабилизација за сопствени интереси. Затоа важно е во оваа ситуација граѓаните да не подлегнуваат на нивните провокации на конфликт и суштинско, без одложување, брз избор на новата влада којашто соодветно ќе ги заштити државните интереси на граѓаните и на Република Македонија.

ФОКУС: Има ли Министерството за внатрешни работи, односно министерот, кој доаѓа од ДУИ, контрола врз специјалните единици во МВР односно дали тие ќе ги штитат легалните македонски институции во случај на каков било напад, или, пак, по налог на директорот за јавна безбедност Митко Чавков, на пример, ќе ја штитат Фамилијата? Има ли можност за судир на органите на редот со овие паравоени формации?

ДИМИТРИЕВСКИ: Целата јавност знае дека МВР е партиски узурпирано, но, исто така, знаеме дека во МВР има професионалци кои нема да дозволат да бидат злоупотребени. Секоја активност спротивна на мнозинската волја на граѓаните и на државните интереси е противуставна и противзаконска и повлекува најтежок вид одговорност и мислам дека тоа е јасно за сите. Мирните протести се легитимно средство, полицијата е наша заедничка, на сите граѓани и секаков судир со неа треба однапред да се осуди.

РЕЖИМОТ ЈА ДОНЕСЕ МАКЕДОНСКАТА ОДБРАНА НА ДНОТО

ФОКУС: По јасните пораки на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека народот треба да ја брани унитарна Македонија, во јавноста се појавија и информации дека претседателот Иванов би можел да ја злоупотреби и Армијата на Република Македонија за заштита на криминалот на Фамилијата, особено ако Груевски не може да ги контролира единиците во МВР. Постои ли опасност од таков развој на настаните и како би можел Иванов да ја злоупотреби армијата?

ДИМИТРИЕВСКИ: Како и во полицијата и во Армијата постојат врвни професионалци кои не би дозволиле да ги жртвуваат интересите на граѓаните за мала група исплашени криминалци. Непресметливоста на политичарите како Иванов и Груевски никој не може да знае до каде може да оди. Веруваме во разумот на професионалците и на граѓаните кои ги гледаат сценаријата за провоцирање нестабилност од страна на Груевски. Уште еднаш би посочил дека каква било активност спротивна на државните интереси на Македонија е дело од најтежок вид, за што се понесува и сериозна одговорност. Токму овој режим ја доведе македонската одбрана на дното. Иванов наместо да го крши Уставот и да ја дестабилизира државата потребно е да ја праша армијата во каква состојба ја доведоа.

ФОКУС: Власта го запали фитиљот со т.н. Тиранска платформа. Згора на тоа, Груевски вели дека СДСМ ги губи поддржувачите Македонци кои сега откриле дека гласале за предавници. Каква е состојбата во Куманово? Бидејќи градот е специфична мултиетничка средина, Македонци, Албанци, Срби, Роми… Какви се вашите сознанија? Дали граѓаните на Куманово, пред се Македонците и Србите, навистина во поголем број, како што вели Груевски, и веруваат на оваа владина пропаганда?

ДИМИТРИЕВСКИ: Според досегашните мои согледувања „платформата“ е во функција на режимот. Македонија била и ќе биде унитарна но и просперитетна држава, без промена на пари, униформи, државни симболи и прекројување на историјата кои се неморална имагинација на режимот.

Куманово е пример како може граѓани од сите етнички заедници да живеат сложно и заедно. Прочитаниот конфликт од 9-ти мај во Куманово, покажа колку граѓаните се зрели, знаат да препознаат кога некој сака да ги злоупотреби и умеат да го спречат тоа. Концептот на едно општество е еден од темелите на предизборната програма на СДСМ, а влезе и во Програмата на новата реформска влада на унитарна Македонија. И тоа е единствениот валиден документ кој обезбедува реформи, правда, еднаквост, живот за сите граѓани во единствена Македонија. Времето на политичари како Никола Груевски кои поттикнуваат поделби, омраза, изолација на граѓаните и државата заврши. Република Македонија ќе ја добие новата реформска влада, ќе ги отвориме блокираните евро-атлантски перспективи на државата. Тие ќе донесат и економски напредок и ќе ја осигураат дополнително стабилноста и безбедноста на државата.

 

АРХИВА И семоќниот Ален Зеќиров мораше да заврши како Урко: Мијалков го откачи човекот што некогаш и беше газда на Гордана Јанкулоска

$
0
0

Текстот е објавен на 21 септември 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 899

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

„Тоа е подземје. Очигледно сѐ уште не си свесна како функционира тоа подземје и што сѐ се случува во тие кругови„, ми рекоа вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, кога се обидовме да ги дознаеме деталите за тоа, како Ален Зекиров, телохранителот на Сашо Мијалков, доби отказ на работното место и повеќе не е во тимот на личното обезбедување на директорот. Повеќе од јасно е дека нешто се „дрма” во владејачките структури пред почетокот на локалните избори и најавите за предвремени избори, но, и во делот на безбедносните служби, кои зад себе кријат многу други работи, а кои се сѐ, освен дел од безбедноста. Она што особено боде очи, се штурите соопштенија кои ги испраќа МВР кога нешто внатре се „крчка”. Прво, решението за отказ два дена патуваше до министерката Гордана Јанкулоска, за потоа да кажат дека доброто момче Зекиров е разрешен поради кршење на професионалните стандарди на полицијата!?

КОИ СЕ СТАНДАРДИТЕ?

Неразделниот чувар на директорот на УБК, според нашите информации, деновиве живее на друго место, не во својот стан. Кога се губи функцијата, а има бајаги работи што се знаат, стравот оправдано расте. Зекиров не можеме да го видиме низ скопските кафулиња, особено не во „Кала” на Ленинова. Активен е единствено на социјалната мрежа Фејсбук, каде деновите, кога се обелодени крајот на приказната меѓу него и Мијалков, осамна неговиот статус: „Овде во градов нема невработени, сите работат еден против друг!”. За тоа, пак, кој и како работи против него, и против кого сега работи Зекиров, се множат се повеќе шпекулации!

Токму и преку социјалната мрежа се обидовме да стапиме во контакт со Зекиров, но тој не ни одговори на нашите пораки, со кои баравме објаснување за заднината на неговото пријателство со шефот на УБК, Сашо Мијалков. Но, доволно е само да се разгледаат основните факти, кои полека се обелоденуваа во јавноста.

Прво, веста дека Зекиров не е веќе дел од обезбедувањето на Мијалков осамна на провладиниот интернет портал „Курир”, што значи дека веднаш се знаеше во чија корист треба да оди веста.

„Според информациите кои доаѓаат од колегите на Зекиров, во текот на вчерашниот ден во УБК дошло до инцидент по кој следувал отказ за овој член на обезбедувањето на директорот на оваа Управа при МВР.

Заменик министерот во МВР, Иво Котевски, во телефонски разговор за порталот ’Кирилица’ изјави дека кај министерката сѐ уште нема пристигнато на потпис решение со кое би престанал работниот однос на Зекиров”, напиша Курир.

МВР редовно како да ја прави истата грешка. Кога Котевски нешто одолговлекува, па вели дека нешто министерката не добила, па дека нема стигнато некоја пријава… небаре МВР е распространето на два континенти, тогаш веќе почнуваат и сомнежите дека нешто се случува. И потоа следуваше штурото соопштение, дека смената на Зекиров е поради кршење на професионалните стандарди на полицијата!

Хм, а не беше ли кршење на професионални стандарди кога Зекиров во 2009 година беше обвинет за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, откако со мотоцикл го прегази 73-годишниот Симо Серафимовски, кој со велосипед ја преминуваше улицата кај Трговскиот центар „Буњаковец”? Не беше ли кршење на професионални стандарди во судството, кога Зекиров не се појавуваше на судските рочишта, или судијата ги одложуваше затоа што „бил пребукиран”? Не, туку токму сега било констатирано дека Зекиров ги кршел професионалните стандарди!?

Очигледно, зад тие стандарди се кријат нестандарди, бидејќи ако гледаме од тој агол, Зекиров одамна ќе беше тргнат од функцијата. Прашањето е – зошто токму сега? И, како Зекиров ги прекршил сега стандардите, односно што сторил спротивно на професионалните стандарди?!

МИЈАЛКОВ ГО ОДБРА КИЧЕЕЦОТ

Според информациите што почнаа да се шират низ медиумите, а сѐ почесто и од колегите на Зекиров, на виделина осамнуваат сѐ повеќе информации за она што се случува зад вратите на УБК. Па, така, според информациите на „Фокус”, она што ја прелило чашата биле, всушност, односите меѓу Зоран Милески, познат како Кичеец, и Ален Зекиров, поради одредени бизнис зделки, чии детали сеуште не можеме да ги објавиме во целост, поради нивната сензитивност, односно, одредени сомнежи за наводна нелегалност околу тоа што и кој се крие зад тие бизниси. И, ај што нивните односи се заостриле околу тоа, кој ќе го земе приматот во бизнисот, туку завршиле и со меѓусебна физичка пресметка во едно од скопските кафулиња. Е, тука настанува најголемиот проблем. Од една страна, според неофицијалните информации, братот на Сашо Мијалков, Влатко Мијалков, и Кичеец ги врзува кумска врска. Од друга страна, пак, Ален Зекиров е верниот чувар на директорот на УБК. Па така, семејството Мијалкови се нашло пред свршен чин – кој од своите верни пријатели  да го избере? Подебелиот крај го извлече Зекиров, кој го загуби работното место, а со тоа и многу други привилегии кои беа скриени зад вратите на УБК.

И, сето ова наеднаш осамнува во провладиниот „Курир”, кој веста ја пренесе со доза на воодушевување.  Во превод – „лошото момче Зекиров тргнато од функцијата поради лошо постапување”. Прашање е, дали за сето ова била запознаена министерката Јанкулоска со оглед на тоа што на Иво Котевски му требаа два дена за да провери дали навистина Зекиров сѐ уште работи како телохранител на Мијалков!

ТЕЛОХРАНИТЕЛСКА СУДБИНА

На овој начин, Зекиров е оставен на милост и немилост по скопските улици. Ако досега можеше да помине три години неказнет за прегазување човек, сега сме во очекување судот експресно да го реши случајот. Пожртвуваноста некогаш носи привилегии, ама кога другата страна ќе го сврти грбот, тогаш на грб паѓаат сите товари. Во случајов, Зекиров и Мијалков меѓусебно се штитеа, кога дојде времето да пукне тиквата меѓу Дејан Митревски – Урко и директорот на УБК, Зекиров ја одбра страната на Мијалков… Според нашите информации, Урко и Ален, со месеци се непријатели од прв степен. Така, станува јасно, зошто Зекиров во последниов период не живее во својот дом и не го гледаме како една од главните фаци на Ленинова, што не е случај со Кичеец, кого Скопје го знае како еден од косопствениците на ресторанот „Арабеска”, заедно со Мите Николов – Брилијант.

Работата е повеќе од јасна. Телохранителите ја добиваат моќта преку оние што ги обезбедуваат. Но, не секогаш. Очигледно кај нас, телохранителите ја добиваат моќта единствено преку првиот човек на УБК, Мијалков. Тогаш им се прогледува низ прсти и кога ќе усмртат човек на улица, кога предизвикуваат тепачки, кога се пресметуваат на улица… Сепак, работите видно се менуваат, особено во последниов период. Имено, според легендите, наводно токму Мијалков му го сотре бизнисот на Урко со обезбедувањето и фирмата „Лупус”. Урко го снема од јавноста, агенцијата за обезбедување „Лупус” замина во историјата, а првиот човек зад премиерот остана само негово лично обезбедување. Агенцијата за обезбедување „СГС”, која уште на нераспишан тендер си ја обезбедуваше Триумфалната порта и ги чуваше граѓаните за време на прославата за 8-ми септември, наголемо си работи!

За Ален, бездруго, допрва ќе се види дали ќе има последици, и, ако ги има, какви ќе бидат тие. Во секој случај, ѕвездите на тајните служби престануваат да бидат толку големи, кога тајните почнуваат да се откриваат. Нечепнат, како по правило, останува само еден човек.

И, на крајот на краиштата, колку судбината на телохранителите кажува за нашите политичари? Дали, всушност, зад нивните инциденти и бизниси само се оддава токму она што го прават оние на кои им треба обезбедување?

РАМКА

ТАКА ЗАВРШУВААТ ЛОШИТЕ МОМЦИ?!

Дали тепачката или нешто друго ја прелило чашата, за Зекиров веќе да не биде едно од миленичињата на власта сѐ уште останува нејасно. Она што се знае како факт е дека тој беше тежок камен околу вратот за партијата пред изборите. Требаше да се тргне Зекиров, за кога тој ќе седне на обвинителна клупа, од ВМРО-ДПМНЕ да кажат: Ете, гледате, ние ги санкционираме нашите момчиња, кои не се однесуваат според демохристијанските начела на партијата. Ги разрешуваме, ги осудуваме. Или, пак, требаше да се носи товарот и сите инциденти што ги предизвика тој, да стојат како товар врз партијата, која сепак е далеку помоќна од она што Ален може сам да го носи!

Рамки

ВО ИГРА Е И АФЕРАТА „МАЏАР ТЕЛЕКОМ”?

Веќе екс-бодигардот на шефот на УБК Мијалков, Ален Зекиров, во опозициските денови на ВМРО-ДПМНЕ се појавува како основач и сопственик на фирмата за маркетинг услуги  и дистрибуција на СИМ – картички „Аналитико АИ”. Со оглед на тоа што во оваа партиска фирма биле вработени Гордана Јанкуловска, Мартин Протоѓер, Александар Бичиклиски, Елизабета Канчевска Милевска и Миле Јанакиевски, а директор бил Оливер Шамбевски, излегува, барем формално-правно нели, дека Зекиров ги вдомил во својата фирма сите сегашни битни фаци на преродбата.

Сепак, за опозицијата, „Аналитико” е партиска фирма со сомнителни мотиви за основање. СДСМ во неколку наврати го прозиваше Груевски на оваа тема, барајќи објаснување за што биле земени и каде отишле 120.000 евра што во пресрет на парламентарните избори во мај 2006 година, „Телеком” со договор ги префрла на „Аналитко АИ”.

„Какви услуги за премиерот Груевски одработувал „дрим тимот” на преродбата и дали „Аналитико АИ” е дел од аферата за перење пари за која е водена европска и американска истрага поради што е обвинет поранешниот директор на „Телеком”, прашуваа од СДСМ, потсетувајќи дека Телекомот е приватизиран со потпис на Груевски како министер за финансии.

Инаку, Аналитико АИ е ликвидирана дури во декември 2007 година, но позицијата на Ален Зекиров во неа, како основач, доволно говори дека располага со солиден материјал за овој „случај”. Веројатно тоа беше доволна причина да се подгреат шпекулациите дека, наводно, Зекиров се нудел на неколку странски адреси за неговите шанси да стане сведок-соработник во корупцискиот скандал за „Телеком”, стравувајќи дека отказот од МВР е само првиот чекор за неговото дисциплинирање!

Рамка 3

КОЈ Е ВСУШНОСТ ЗОРАН КИЧЕЕЦ?

Зоран Кичеец се појавува како една од главните фаци во Скопје околу 2006 година. Станува менаџер на кафеаната „Ден и ноќ” во времето кога беа хит забавите со Жаре Бербер во присуство на скопскиот џет сет. Во тоа време се зближува и со Урко, кога му организираат и борба со кик-бокс шампион, каде Кичеец, неизвесно е како, ама сепак победува!

Според нашите сознанија, некаде околу 2008/2009 година, Кичеец станува близок со Влатко Мијалков и од тогаш се гради и довербата меѓу нив. Како се гради таа доверба, така Кичеец се оддалечува од Урко, а постојат и сомневања за меѓусебни провокации во едно од нивните омилени кафулиња на Ленинова, но никогаш не дошло до посериозен инцидент меѓу нив.

Истовремено, Кичеец влегува во ривалство со Ален Зекиров, за кое се смета дека било добро контролирано од браќата Мијалкови. На крајот, браќата го бираат оној „пофиниот”, па го тргаат Ален на страна, наводно, по еден одржан состанок во МВР.

Се шпекулира дека освен од страната на Зекиров, до Кичеец стигнувале и закани од трети страни, па имало период кога низ градот тој се шетал со четворица телохранители. Но, сега за сега, тој е на сигурно, затоа што на негова страна ги има Мијалкови!

 

 

 

АРХИВА Каде пукна тиквата меѓу телохранителот Митревски и неговиот шеф Груевски: Втор жолт картон за Урко од фамилијата!

$
0
0

Текстот е објавен на 12 септември 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 988

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

Кога на некој ќе му ја дадете сета моќ, прашање на време е кога тој ќе почне да аздисува и да бара повеќе и повеќе. Тоа го гледаме каде и да се свртиме, барем тоа не е тешко во нашава Македонија. Најдобар показател за тоа се верните соработници на премиерот Никола Груевски. Дејан Митровски – Урко, човекот кој 15 години верно го следеше и штитеше премиерот, сега е суспендиран. Причините за тоа можеме само да ги погодуваме, но тргнувајќи од она што се влече во последниве неколку години, почнувајќи од случајот Мартин Нешкоски, па сѐ до битката за превласт меѓу агенциите за обезбедување, може да се изгради и досие Урко, кое е малку подлабоко од она што го гледаме низ медиумите, а тоа е дека тој е само еден мачомен по кого наводно копнеат сите жени во Македонија.

ВЕРНАТА СЕНКА ИЛИ МОЌНИОТ БРАТУЧЕД?

Според оние што ги познаваат релациите меѓу Груевски, Урко и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, долго време тлееше тензијата меѓу овие лица. Од една страна, Груевски го имаше својот верен и лојален соработник, а од друга страна неговиот братучед Мијалков, за кој се тврдеше дека не е во најдобри односи со верниот човек на премиерот. Груевски, очигледно, мораше да најде некаква средина за да ги задржи добрите релации со двајцата. Но, златната средина не издржа долго. Па, така, суспензијата на Урко во моментов се гледа како една последна порака до него „да не чепка таму каде што не му е местото“. Барем така велат тие што добро ги познаваат состојбите. До кога ќе трае суспензијата останува нејасно, но јасно е дека Груевски тешко ќе најде толку лојален соработник, па така сега му се дава мала пауза за работите да си дојдат на свое место, пред да ескалира ситуацијата.

Колку за потсетување, Дејан Митровски – Урко му е телохранител на Груевски од првиот ден кога седна во фотелјата министер за финансии. Со него остана и додека беше во опозиција. Со доаѓањето на Груевски на функцијата премиер неговиот прв телохранител стана алфа и омега и во полицијата, но и во многу бизниси во државата. Во сите овие години заедничка дружба, дури и двајцата магистрираа! Груевски стана магистер за економија, а Урко магистер за дипломатија. Неговата магистерска теза беше „Менаџирање во современата дипломатија на Република Македонија“.

Како и да е, факт е дека лојалноста се наплатува, па така и Урко не остана само на тоа да го чува Груевски од внатрешните и надворешните непријатели. Во полн ек му работеше агенцијата за обезбедување „Лупус“, а и фитнес-центарот „Магнус“. Кои други придружни бизниси ги имал, може само да се шпекулира, но упатените велат дека имало повеќе дополнителни бизниси со кои братучедот на Груевски не се согласувал и не ги одобрувал. Па, така Груевски се најде во теснец, да избира меѓу верната сенка или моќниот братучед.

 ОДАМНА СЕ НАЅИРАШЕ СУСПЕНЗИЈАТА НА УРКО

 Уште пред неколку години, „Фокус“ пишуваше дека агенцијата за обезбедување „Лупус“ на Дејан Митровски – Урко се повлекува од пазарот, веднаш откако агенцијата СГС (Секјурити Груп Сервисис) која се смета за блиска до владејачките структури почна масовно да го освојува пазарот. Откако агенцијата СГС со брзина на светлината ги добиваше тендерите, Урко ја почна постапката за повлекување од агенцијата за обезбедување „Лупус“. Сопственичкиот дел (кој гласеше на името на неговата сопруга) го препушти на неговиот дотогашен партнер и кум Влатко Стефановски – Рамче, чија, пак, сопруга беше исто така еден од основачите на агенцијата.

Сето тоа се случуваше многу суптилно. Најпрво, ако се обидувавте да ја отворите веб-страницата на „Лупус“, со големи букви стоеше единствено „Forbidden“ (Забрането). Уште пред неколку години „Фокус“ го поставуваше прашањето дали тоа „Лупус“ е забранета, на сметка на новата агенција СГС.

Во тоа време се ширеа и шпекулациите дека Урко се повлекува од профитабилнитe бизниси поради заострените односи меѓу него и полицискиот врв. Дали е тоа вистина, никогаш не се дозна бидејќи, очекувано, никој не сакаше да зборува официјално. Исто како што никој не сака да зборува ниту сега, по објавените информации дека Дејан Митровски е суспендиран од работната позиција.

Единствените информации што можеа да се добијат во јавноста е изјавата на портпаролот на МВР Иво Котески, кој единствено изјави дека Дејан Митровски – Урко е привремено суспендиран од работната позиција. За оваа, како што Котески ја нарече, „интерна постапка“, тој упати на Владата.

Поради интерната постапка, пак, од МВР само изјавија дека за нов телохранител на Груевски повторно ќе биде поставено лице од Шестата управа на МВР, но одбија да го соопштат неговото име поради заштита на приватноста.

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, пак, одби да даде повеќе детали за причините, наведувајќи дека нема што да додаде на изјавата од портпаролот на МВР, Котески.

Тоа што зачудува по интензивната „дружба“ на Урко и на Груевски, е како беше можно таа да заврши со само една штура изјава од портпаролот на МВР, без конкретно да се наведат гревовите на првиот обезбедувач?!

ИСТОРИЈАТА Е ДОЛГА И СЕ ПОВТОРУВА

Но, дали Груевски се откажува од него или не, се уште останува неизвесно. Наводно треба да заврши постапката за дисциплинска одговорност, односно интерната истрага пред да се знае конечниот епилог.

Познатиот кик боксер Дејан Митровски Урко беше недостапен за изјава за „Фокус“. Се обидовме да го добиеме и на неговиот мобилен телефон и писмено му се обративме, но одговор не добивме. Како и да е, ако подобро се изанализираат работите, дури и за опозицијата пред неколку години беше јасно дека нешто едноставно не штима во односот премиер-телохранител-братучед и дека проблемот настанал поради бизнис тензии.

Она што тогаш почна да се шири како информација е дека Груевски лично ги повикал Мијалков и Урко во неговиот кабинет, за да ги смирува тензиите.

Понатаму, името на Урко почна да се провлекува по убиството на младиот Мартин Нешкоски на плоштадот Македонија, во јуни 2011 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата. Социјалните мрежи и блогови вриеја од коментари од типот:

Спасов брутално го претепува и го треска од метална клупа, по што, поради излив на крв во мозокот, младиот Мартин Нешковски го губи животот. Подоцна разбравме дека тој всушност, да ти бил полицаец и тоа не обичен, туку специјален и припадник на една од појаките полициски единици во Македонија. Тој истовремено да ти бил и дел од поширокото обезбедување на премиерот под команда на прочуениот Урко. Обезбедувањето на премиерот го координира МВР. Тоа што истовремено, лицата од тој тип се и газди на агенции за обезбедување, тоа нема врска. Формално правно, обезбедувањето е под надлежност на МВР и сите тие лица задолжени за тоа, се под МВР.“

Потоа, се случи акцијата „Детонатор“, за која останаа да тлеат сомнежи дали станува збор за битка против криминалот или внатрепартиска пресметка за тоа кој да го земе приматот во профитабилниот бизнис на обезбедувањето.

За тоа како функционира овој бизнис многупати сме пишувале. Рекетот, уцените и заканите се главната алка, особено што зад секоја агенција за обезбедување, ајде што стои партија, туку стои висок функционер во МВР. Пардон, негова сопруга. Да не зборуваме за тоа дека Урко во одреден период, по ребрендирањето на Лупус, буквално го снема. Неговиот лик не „ѕиркаше“ на ниту една фотографија додека министерката Гордана Јанкулоска, тогашниот директор на Бирото за јавната безбедност Љупчо Тодоровски – Радникот и Мијалков гордо се сликаа пред полициските станици и автоматите за коцкање. Па така, се случија „Детонатор“ без Урко, а потоа и неговото повлекување од агенцијата „Лупус“, агенција која во меѓувреме се ребрендираше.

Сега, се случува и неговата суспензија. Познавачите, кои ни под разно не сакаат јавно да коментираат, велат дека зад сето ова нема еден виновник. Виновници се повеќе лица, па дури и самиот Урко кој веќе имал добиено еден жолт картон, а ова бил вториот.

СЕКОГАШ ПОБЕДУВА НАЈМОЌНИОТ

Да се вратиме на почетокот. Она што го велат познавачите е дека оној што ќе добие преголема моќ, често знае да ја злоупотреби. А сите знаеме како се злоупотребува моќта. Легално, сигурно не. Оттаму, останува да видиме што ќе преовладее. Дали личното пријателство меѓу премиерот и неговиот прв обезбедувач или пак интерната истрага ќе покаже дека „вака веќе едноставно не се може“. Што и да преовлада, досието на Урко и целата негова историја со Груевски и тоа уште како се дебели. Носат историја од времето на Љубчо Георгиевски кога Груевски беше министер за финансии, потоа во опозиција, а потоа и власт. За сето тоа време, се случија многу работи, за кои малку се знае, а уште помалку се зборува. Особено кога станува збор за шестата управа, обезбедувањето, агенциите за обезбедување, УБК и што уште не.

Тоа се деловите од општеството каде што преовладуваат бизнис интересите, а секогаш победува најмоќниот.

РАМКА 1

Што и да се случи, Магнус останува

Фитнес центарот „Магнус“ се поврзува со сега суспендираниот телохранител на Груевски, Дејан Митровски – Урко. Според податоците од Централниот регистар, овој фитнес центар се води на името на сопругата на Урко, Ирена Митровска. Таа е и директор и управител на фитнес центарот Магнус, но фотографијата на Урко стои во делот за информации.

Сопственикот на Магнус фитнес центарот е дипломиран професор по физичко воспитување, кој што поседува огромен број на признанија и сертификати од областа на бодибилдингот и кик-боксот. Доколку имате потреба за било какво прашање или ви треба помош за полесно и поефикасно да ги совладате вежбите, на располагање ви стојат нашите врвни лиценцирани инструктори со големо искуство. За МАГНУС фитнес -центарот да биде комплетно опремен се потрудивме да обезбедиме и освежителни пијалаци, туш кабини и соблекувални со магнетни клучеви“, пишува на веб-страната на Магнус.

РАМКА 2

Мачотипот, кој е сон за секоја жена…

Непосредно пред да се објави веста за суспендирањето на Урко, медиумите беа преплавени со фотографии од телохранителот на Груевски и текст за „мачотипот кој е сон на секоја жена“.

„Првиот човек кој што го чува премиерот Груевски уште од периодот кога беше министер за финансии, Дејан Митровски-Урко, на фоткиве може да се забележи дека е во континуирана форма и дека одлично изгледа на плажа. Неговото убаво вајано тело, не можете, а да не го забележите, посебно кога е разголен на плажа. На овие фотки кои тој ги постираше летово, Урко изгледа милион долари. Кик-боксерот редовно е во теретана  и вежба повеќе од 20 години. Мачотипот е сон на секоја жена, а ние ве оставаме да уживате со Урко и со неговата фотогалерија“, пишуваа дел од медиумите поставувајќи фотографии од телохранителот на премиерот.

Профилот на Фејсбук каде што беа постирани тие фотографии, сега е затворен.

АРХИВА Бизнис медиумско-полициски шеми: Кои се тајкуните што владеат со градежништвото, медиумите и со безбедноста?

$
0
0

Текстот е објавен на 14 февруари, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 958

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

Само преку една адреса и две компании лесно може да почне да се открива мозаикот за тоа колку, всушност, малку лица се кријат зад најмоќните фирми во земјава.

Почнувајќи го нашето истражување преку две фирми, друштвото за консалтинг и посредување „НВСП ДООЕЛ“ и агенцијата за обезбедување „СГС“, лесно може да се склопи мозаикот кој се крие зад дел од македонските медиуми, кој има дозвола за тргување со оружје, кој ги санира дупките во градот, па сè до тоа кој ги купува најголемите македонски компании. Клопчето, кое почна да се одмотува само преку една адреса, ни ги открива македонските бизнис полициско-медиумски шеми во Македонија, кои се уште како добро поврзани!

АГЕНЦИЈАТА „СГС“ ДЕЛЕЛА ПРОСТОРИИ СО ФИРМА БЛИСКА ДО КАМЧЕВ!?

Да се вратиме назад на почетокот од 2012 година, кога за првпат објавивме дека на пазарот се појави нова агенција за обезбедување, „Секјурити Груп Сервисис“ („СГС“). Агенцијата беше отворена кон крајот на 2010 година, а работите течеа со забрзано темпо – агенцијата им презеде голем број клиенти на нејзините конкуренти, па оттаму почна и нашата потрага по тоа кој се крие зад оваа агенција, која почна да зазема стратешки објекти во државата.

Истражувањето на „Фокус“ покажува дека прв сопственик на агенцијата за обезбедување „СГС“ е фирмата „НВСП ДООЕЛ“. Првично, седиштето на агенцијата за обезбедување се наоѓало на улицата Иван Милутиновиќ.

Во јануари 2012 година, „СГС“ го менува седиштето и се регистрира на улицата 11 Октомври.

Во април 2012 година, пак, се менува и сопственикот – фирмата „НВСП ДООЕЛ“ се брише, а наместо тоа, како сопственик се впишува 27-годишниот полјоделски работник Дејан Ќировски. Ќировски сега е сопственик на најмоќната агенција за обезбедување, која во јавноста се поврзува со директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Работите почнаа да стануваат јасни откако Дејан Митревски – Урко се повлече од агенцијата за обезбедување „Лупус“, која потоа се ребрендираше. Сè погласни стануваа и шпекулациите дека директорот на УБК, многу често го гледаат како влегува и излегува од новата агенција за обезбедување, прашање што на собраниска седница го отвори и Јани Макрадули од СДСМ.

Ниту Урко немаше идеја пред некој месец, кога го викнаа во кабинетот кај премиерот да ги решат конфликтите меѓу „Лупус“ и „алфите“, дека Сашо Мијалков ќе формира нова агенција за обезбедување што ќе му го земе половина од бизнисот – рече Макрадули пред две години.

Како управител на оваа агенција оттогаш досега се води извесен Мирољуб Давидов, кој само еднаш одговори на нашите повици пред да го смени телефонскиот број. Тогаш Давидов изјави дека станува збор за чисти шпекулации дека шефот на тајната полиција стои зад оваа агенција.

Немојте да ширите такви глупости. Тоа се чисти шпекулации. Си има документи чија е фирмата и тоа е тоа. Како сме ги добиле објектите за обезбедување? Па, си ја тераме нашата работа. Секој треба да си ја тера и да си ја работи како знае – ни рече Давидов во февруари 2012 година.

Иако потоа имавме многу обиди да го добиеме Давидов и телефонски, и преку електронска пошта, напорите беа залудни.

Во меѓувреме, бизнисот на „СГС“ станува видлив дури и за обичните граѓани бидејќи во центарот на Скопје не можеа, а да не се забележат дечките во црно, со амблем кој потсетува на шлем од македонската фаланга и, се разбира, со логото на „СГС“. Во тоа време, обезбедувачите на „СГС“ ги чуваа Триумфалната порта и музејскиот комплекс на ВМРО и на жртвите на холокаустот.

Ако сега се погледне веб-страницата на Бирото за јавни набавки, лесно може да се видат сите тендери од државните институции што „СГС“ ги има добиено во меѓувреме. Оваа агенција ги обезбедува АД Електрани на Македонија, ЕВН Македонија, Општина Кавадарци, средните училишта во Скопје, ЈП Стрежево Битола, патарините низ цела Македонија, Националниот парк Маврово, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, градот Скопје и многу други приватни компании.

СОПСТВЕНИК НА МЕДИУМ СО ОДОБРЕНИЕ ЗА ПРОМЕТ СО ОРУЖЈЕ

Сепак, она што уште тогаш ни падна в очи е фирмата „НВСП ДООЕЛ“, првиот сопственик на агенцијата за обезбедување „СГС“.

Сопственик на „НВСП“ е Владислав Стајковиќ, човекот кој воедно е и директор на фирмата „МОБИКО ДООЕЛ“, каде што сопственик е Жарко Луковски, кој важи за близок пријател на директорот на тајната полиција.

Ако се погледне тековната состојба на „НВСП“, може да се види дека во 2009 година ова друштво за консалтинг и посредување добива и одобрение за вршење промет со оружје, муниција и делови за оружје, издадено од Министерството за внатрешни работи – Биро за јавна безбедност!

На нивната веб-страница можат да се видат безброј активности, по што останува нејасно со што, всушност, се занимава оваа фирма!

Па, така, на листата се наоѓаат консалтинг-услуги, советувања, медијација и адвокатски услуги, потоа архитектонски дизајн и конструкциски проекти за безбедни градби. Понатаму следи обезбедување резиденции и простории, преку бизнис-менаџмент, а фирмата воедно е и официјален дистрибутер за мобилните телефони на „Алкател“ за мобилните оператори „Т-мобиле Македонија“ (каде што Жарко Луковски е главен извршен директор) и ВИП, како и за нивните мастер-дилери.

Она, пак, што најмногу паѓа в очи е што од неодамна оваа фирма станува газда и на новото „Радио Слободна Македонија“, кое, патем, е сместено во истата зграда со неделникот и порталот „Република“ (спроти Владата), само на различен кат. На фреквенцијата на ова радио свои емисии имаат водителот од телевизија „Канал 5“, Миленко Неделковски, Наташа Мерсовска, новинар и уредник од телевизија „Сител“, потоа Весна Петрушевска – Бејби итн.

На телефонскиот број што е оставен на веб-страницата на „НВСП“ деновиве не ни одговараше никој, па оттаму не успеавме да добиеме одговор од кои причини компанијата не е повеќе сопственик на агенцијата за обезбедување и кои се мотивите оваа фирма да влезе и во медиумскиот простор.

ШВАЈЦАРСКО-МАКЕДОНСКИ РЕЛАЦИИ

На оваа листа се испреплетуваат огромен број фирми, но кој е човекот што се крие зад нив? Имено, она што ни падна в очи е адресата на која првично била регистрирана агенцијата за обезбедување „СГС“, Иван Милутиновиќ. На оваа адреса е регистрирана и фирмата „Ексико“, за која „Фокус“ веќе пишуваше. Сопственик на „Ексико“ е фирма, регистрирана во Лугано, Швајцарија – „T&MJ Investments SA“, која се наоѓа на адресата Корсо Елвеција 16.

Кога пред неколку дена ја проверивме оваа адреса на „Ексико“ зад трговскиот центар Буњаковец во Скопје, на поштенското сандаче пишуваше „ЕКСИКО“, што значи дека во одреден период агенцијата за обезбедување „СГС“ и „Ексико“ функционирале на иста адреса.

Која е, всушност, фирмата „Ексико“? Изградбата на хотелот „Ибис“, кој е сместен на просторот зад хотелот „Јадран“, е во полн ек. Тој се гради на површина од 577 квадратни метри, од кои 416 се предвидени за градба. „Ибис“ беше најавен како дел од францускиот хотелски синџир „Ибис“, кој во светот има 800 хотели во 40 држави.

Во Македонија, пак, сопственици на хотел „Ибис“ се токму фирмата „Ексико“ и друштвото за производство, трговија и услуги „Орка Холдинг АД Скопје“ на познатиот македонски бизнисмен Јордан Камчев.

Врската меѓу мистериозната „Ексико“ и Камчев е во тоа што во фирмата на Камчев „Евро балкан груп АД“ (позната и како „Орка спорт“) има двајца Швајцарци, неизвршни членови на одборот на директори кои, пак, извесно време во Швајцарија работеле и во „Т&МЈ Investments SA, Lugano“.

„Фокус“ веќе пишуваше дека на швајцарскиот сајт „Манихаус“ (moneyhousе.ch), кој е еден вид архива на податоци за компаниите, може да се најдат информации за луѓето што работат или работеле во оваа компанија. Токму на овој сајт стои информацијата дека извесен Фабрицио Занарди од Лугано работел за „Т&МЈ Investments“, а во истата фирма идентичен временски период се задржал и неговиот колега Емилио Бинда од Балерна, место оддалечено само 25 километри од Лугано.

Интересно е дека токму овие двајца се членови на одборот директори на скопското акционерско друштво „Евро Балкан Груп“. Понатаму, токму „Евро Балкан Груп“ е фирмата што го регистрирала сајтот на „Оркаспорт“, а врска со Камчев има и еден од директорите во оваа компанија. Станува збор за Ненад Јосифовиќ, кој во македонските медиуми порано се појавувал како управител на „Мала Богородица“, а стана и член на Надзорниот одбор на Стопанска банка, која, заедно со ЗК „Пелагонија“, падна во рацете на Камчев.

Освен ова, „Ексико“, заедно со „Орка Холдинг“ и уште две компании, го купи и „Бетон Штип“, фирма која градеше голем дел од објектите од „Скопје 2014“. Според документацијата од „Бетон Штип“ од април 2013 година, 19,50 отсто од акциите поседува фирмата „ТИМ ДОО Скопје“, 16,99 отсто „Орка Холдинг“, 15,81 отсто „Езимит ДООЕЛ Штип“, а „Ексико“ поседува 14,35 отсто од акциите во „Бетон Штип“.

Ако се погледнат јавно достапните податоци од Бирото за јавни набавки, пак, може да се види дека фирмата „Ексико“, со потекло од Швајцарија, добивала тендери од Општина Центар за „санација на дупка од стар затрупан бунар“, а од Центарот за развој на вардарски плански регион Велес добила тендер за детски програми и реквизити за практицирање физички активности, што под знак прашалник ја става дејноста на оваа фирма, особено ако се земе предвид дека таа нема ниту веб-страница.

ЕДЕН ЧОВЕК ПОВРЗУВА ДВАЈЦА ИГРАЧИ

Но, документите од Централниот регистар во Панама покажуваат една клучна работа – имено, Емилио Бинда е човекот кој индиректно ги поврзува директорот на УБК, Мијалков, и бизнисменот Камчев. Како што веќе објави ТВ Нова, фирмата „Миртланис“ од Чешка, каде што единствен сопственик беше Мијалков, во ноември годинава тој ја продал на офшор-фирма од Панама. Името на фирмата од Панама е „Тасига Корп“. Еден од директорите во „Тасига Корп“, според документите на „Нова“, е Емилио Бинда, кој пријавил адреса на живеење во Лугано, Швајцарија, уште една офшор-дестинација. Емилио Бинда, како што објавивме и погоре, во текстот бил неизвршен член на одборот директори на „Евро балкан груп АД“ (позната и како „Кара“), а извесно време работел и во „Т&МЈ Investments ЅА“, Лугано (фирмата сопственик на „Ексико“).

Фирмата „Т&MJ Investments“ се наоѓа на адресата Корсо Елвеција број 16. Токму на оваа адреса се пријавени и живеалиштата на сите директори на „Тасига Корп“, офшор-фирмата што ја купи фирмата „Миртланис“.

Можеби сето звучи презаплеткано, меѓутоа, очигледно е дека и така треба да изгледа. Што позаплеткано, толку потешко се влегува во сопственичките структури, офшор-дестинациите и во сите компании со кои наводно раководат Швајцарци, Американци или Кипранци!

Рамка

СИТЕ БАРААТ ПОМОШ ОД ЕДНА АДВОКАТСКА КАНЦЕЛАРИЈА!!!

Уште едно нешто заедничко имаат сите компании споменати во текстот. Па, така, ако се отвори веб-страницата на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, се гледа дека како клиенти се јавуваат поголемиот дел од компаниите, кои на директен или на индиректен начин се поврзани со Мијалков или со Камчев.

Само за потсетување, адвокатот Серјожа Марков е брат на Маја Маркова –  Котевска (апелациска судијка и сопруга на портпаролот на МВР, Иво Котевски), а негова мајка е Љубинка Муратовска – Маркова, која од јануари 2007 е дел од Државната комисија за спречување на корупцијата. Токму парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ ѝ овозможи на Љубинка Муратовска – Маркова и по вторпат да биде член на Антикорупциската комисија бидејќи пратениците го сменија законот според кој антикорупционерите немаа право на два мандата.

На листата клиенти на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, меѓу другите, се наоѓаат и „Т-мобиле Македонија“, агенцијата за обезбедување „СГС“, телевизија Алфа, „Прва Република“, „Ексико ДООЕЛ“, „Ем Медиа ДООЕЛ“ (издавачот на порталот „Курир“), па дури и Македонската православна црква.

 

 

 

 

 

АРХИВА Забрането за малолетници и за луѓе со слабо срце: Во Клиниката на Величествениот починале 10 бебиња за еден единствен месец

$
0
0

Текстот е објавен на трети февруари 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 866

Пишувала Ирена Мулачка

Клиниката за која ќе стане збор во овој текст, всушност, е фикција. Ја нарекуваат клиниката на Величествениот, според името на кое се одѕива нејзиниот шеф. Ние веруваме дека таква болница, во која се случуваат толку страшни работи, едноставно, не може да постои, особено не во нашето реформирано и напредно здравство. Да ни рече некој дека ваква установа постои во некој од оние азиски и африкански бантустани, ајде, човек да поверува. Вака, останува уште еднаш да нагласиме дека станува збор за измислена клиника, за измислени приказни и за непостоечка земја.

Легендата вели дека во таа болница десет бебиња починале само за еден месец. Таму, скоро секое утро, денот почнува со извештај за нова жртва, а отстрелот на невините души на клиниката руши рекорди. Наместо да се радуваат на светлото на денот и на првите мигови од животот, новороденчињата од таму излегуваат во ковчежиња, а нивните семејства, наместо да ги пречекаат гостите со мекици, деновите ги поминуваат на гробишта. На вообичаениот утрински состанок со поданиците во бели мантили, султанот, Величествениот, во салата за состаноци влегува со прашањето: „Дали синоќа имавте средба со небото?“. Тоа, во превод, значело дали некое од новороденчињата претходната ноќ починало.

Атмосферата во таа клиника е нехумана и морбидна. По стапките на Величествениот, од кој, нормално, мора да учат сите негови слуги и робинки, во оваа клиника многу лекари заборавиле на основната Хипократова заклетва. Тажни приказни, судски процеси, изгубени животи, веќе неколку години по ред се провлекуваат како опашка зад оваа болница, која секоја наредна година, го добива медалот на уште „поуспешна“ од претходната. А новата 2012 година, како што вели легендата за оваа болница, за која и вие мора да верувате дека не постои, почнала наводно со смрт на десет новороденчиња!

ЛЕКАРКА ПОВРАЌАЛА ПРЕД ПАЦИЕНТКА СО ОТВОРЕН СТОМАК!

Само шест дена по новогодишните празници, кои во таа земја бантустан се прославија величествено, прва жртва била 23-годишна трудница, на која ѝ била утврдена дијагноза вонматерична бременост и на која под итно морало да ѝ биде извршена операција – и тоа баш во „славната“ клиника на Величествениот. Но, по сѐ изгледа, новогодишната и божиќната еуфорија сѐ уште ги држела лекарите, па во друштво на алкохол и во видно лоша состојба, една лекарка ја почнала операцијата. А со тоа и голготата на младата мајка, баш на најубавиот верски празник, на Бадник, на полноќ.

Лекарката со десетгодишно работно искуство, која вечерта ја „чувала“ клиниката, во алкохолизирана состојба (некои велат, ќутук пијана) го почнала својот експеримент врз пациентката, па наместо да го извади јајникот што бил оштетен од бременоста, на чудење на сите присутни поданици во бели мантили, таа ѝ го извадила здравиот јајник на младата пациентка. Но, тоа не е сѐ. Алкохолот почнал да врие во крвта на лекарката и таа, за време на операцијата, побарала кофа и повраќала во неа, додека пациентката лежела на масата за операции, со отворен стомак!

Во новиот дел од клиниката на Величествениот, новата година почна со еден друг, уште подраматичен случај. Како итен случај, на клиниката била донесена 26-годишна пациентка, во деветтиот месец од бременоста, со тешко крвавење. По извесно време, ѝ бил направен царски рез, а за време на операцијата, друга лекарката ѝ повредила голем крвен сад, при што дошло до обилно крвавење и критична состојба. На пациентката ѝ биле дадени многу трансфузии, а за трагедијата да биде поголема, бидејќи не можеле да го запрат крвавењето – ѝ ја извадиле матката! Такво нешто ретко се случува во 21 век. Таа жена никогаш веќе нема да може да роди. Патем речено, бебето сѐ уште е во критична состојба.

Во новиот дел од болницата, во новите „апартмани“, наменети за радост на младите и на идните мајки, се преселија старите скандали. Од таму многу пациентки излегуваат со болка во срцата и со кошмари, кои ќе ги следат цел живот. Така, една пациентка, во 35-тата недела од бременоста, изгубила едно од близначињата, поради кила. Тоа ретко се случува во болниците во 21 век. Лоша судбина имала и една друга пациентка со близначињата, од кои едното починало поради пукнати бели дробови. Непотребно го „пумпале“ со кислород. Мекиците ѝ загореле и на една пациентка со сличен случај – таа го изгубила своето бебе тешко 3.900 грама, поради прекумерна вентилација на белите дробови и пукање.

И тука не завршуваат легендите за болницата на Величествениот, односно сториите „произведени“ за помалку од еден месец. Една пациентка ја изгубила можноста да биде мајка, откако ѝ била извадена матката, поради нестручност и неажурност на лекарите. Дваесет и седумгодишната жена од едно село на југозапад на земјата, на „славната“ клиника била примена на 4 јануари, како итен случај, а операција ѝ била направена дури шест дена подоцна, на 10 јануари, откако дополнително ѝ се влошила состојбата. Ако навреме била извршена интервенцијата, оваа млада жена ќе имала можност да раѓа, а не на 27 години да остане без пород.

Крвавиот пир, на крајот на месецот, ќе заврши со уште една интрахоспитална инфекција, од многуте досега поминати и скриени од јавноста. Бебе на 29-годишна пациентка се заразило со клепсиела и сега неговиот живот виси на конец. Лани, во таа клиника, која постојано добива некакви награди, за партиски заслуги веројатно, поради интрахоспиталните инфекции, починаа многу бебиња.

ЧУВАРИТЕ НА СУЛТАНОТ ДЕЛАТ ПРАВДА СО ТУПАНИЦИ

Како што веќе рековме, шеф на оваа клиника, демек султан, е ликот кој се одѕива на името Величествениот. Велат дека човекот е опседнат со истоимената турска серија и дека ужива така да го нарекуваат. Ние, се разбира, не веруваме во тоа, бидејќи таков човек и таква клиника, нагласивме нели, можат да постојат само во кошмарните приказни, но не и во реалноста.

А сепак, некои злобници раскажуваат дека Величествениот е опкружен со везири, поданици, робинки и со слуги, за да му се најдат во секое време. Сите во бели мантили, се разбира. Сега има со што да се пофали. Има нова болничка зграда, во која си ги пресели и гадинките од старата, за да не им недостасува. Хуман некој султан…

Во времето на отоманската империја, кога големите султани владееле со харемите, нивните поданици им се поклонувале, ги удостојувале и на секаков можен начин се труделе да им угодат и да ги задоволат. И ете, по толку векови, ништо не е поразлично во клиниката на Величествениот. Таа за него е харем, во кој сите се подредени на улогите што ги добиваат, без право на глас, а по нешто можат да кажат само во периодот кога ќе ги напуштат своите работни места. Кога тој поминува по болничките ходници, неговите поданици мора мирно да го пречекаат, да му се поклонат, а откако турската хит-треска ја зафати и неговата земја бантустан, тој бара (сериозно) од неговите слуги да го викаат со тоа име, Величествениот.

Кој не сака да се сообрази со својата улога, да се клања и да молчи, или кој не одговара по партиска линија, тешко нему. Таквите се под секојдневни закани дека ќе добијат отказни решенија. На другите клиники баш и нема вишок работни места (се пополнија во последниве години), а тие луѓе и по природа се плашливи – и порано им служеа на шефовите, само што никогаш немале ваков, асли султан!

А кога велат „асли султан“, не се шегуваат. Велат дека Величествениот знаел и со закана со тупаници да подели правда. Таа мода се шири и на неговите поданици, кои со тупаници се пресметуваат со пациентите. Има среќни татковци и несреќни сопрузи, кои не можат да си ги совладаат емоциите, па сакаат да влеза во харемот без одобрение – па вратарите ги „убедуваат“ со тупаници и со боксови. Во еден таков случај, еден татко си добил ќотек од задолжените „боксери“, затоа што се налутил оти чекал два часа да влезе и да ги посети најмилите, а во меѓувреме им се „заканил“ на вратарите дека ќе оди кај Величествениот и дека и ќе ги наклевети.

На „боксерите“ на елитната клиника ова не им било прв пат да си ја испробаат својата сила врз граѓаните. Пред неколку месеци, се  степале дури и меѓу себе. Повредениот, кој го извлекол подебелиот крај, со тешки повреди бил пренесен на лекување на друга клиника, а и ден денес, долго време после крвавата тепачка, е на домашно лекување. За овој случај биле известени и институциите задолжени за ставање ред во бантустанот, биле поднесени пет кривични пријави, но засега нема никаков исход. Како што е ред.

Инаку, треба да се знае дека „чуварите на вратата“ во оваа клиника се важни фаци, бидејќи се под директна команда на Величествениот. Тие се и негови неформални бодигарди, луѓе од кои се плашат не само пациентите, туку и сите на клиниката. Бидејќи, тие ги „решаваат“ ситуациите така како што во популарните турски серии тоа го прават Саваж Балдар, Езел, Полат Алендер, Мемати и Муро.

ДА НЕ СИ ВО КОЖАТА НА ПАЦИЕНТКИТЕ

Во таква атмосфера, нормално, малку кој се грижи за пациентите, а најмалку за бактериите и за интрахоспиталните инфекции. Жртва на една таква инфекција беше и двомесечно бебе, од внатрешноста на земјата, на кое поради гангрена му беше ампутирана левата рака и подлактица. Бактериите стафилокока и стрептокока, но и лекарската негрижа, несовесното лекување и нехуманиот однос спрема бебето, се причините поради кои родителите правдата ќе ја бараат на суд.

Овој случај е многу тажен. Бебето било родена лани на 14 октомври, како предвреме родено бебе и поради тоа морало да биде задржано на лекување во клиниката на Величествениот. Таква (не)среќа имало. Десет дена по раѓањето, на раката на новороденчето биле забележани белузлави отоци, но никој не сакал да им објасни што се случува и со какви здравствени проблеми се соочува нивното првороденче. Родителите преживеале целосен хорор. Никој не им објаснувал ништо, секогаш кога доаѓале на клиниката било викано болничкото обезбедување. На нивното барање да го префрлат бебето во друга клиника, постојано добивале негативен одговор.

После извесно време, биле соочени со тешка одлука – да избираат помеѓу животот на бебето и ампутација на неговата рака. Сега, после тешката загуба, тие бараат вистината да излезе на виделина, тропаат на вратите на надлежните институции и бараат да се поднесе кривична пријава против непознат сторител за несовесно лекување. Исходот на нивната голгота е крајно неизвесен.

Султанот, се разбира, нема желба да разговара и да дава објаснување за ваквите непријатни работи. Ако баш мора – а ретко кога мора – се вади со фрази, се фали дека неговата клиника работи според протоколи и дека спасува животи и на мајки и на бебиња.

Една од жртвите на лекарите во клиниката на Величествениот е и 30-годишна пациентка, на која ѝ бил „спасен“ животот, откако во стомакот ѝ била заборавена стомачна газа долга два метра. Според институцијата за „спасување“ животи, пациентката имала малигно заболување, па ако лекарите не донеле одлука да ѝ ја остават газата во стомакот, немало да ѝ го излекуваат ракот! Не се работело за пропуст на лекарите,  туку за „сплет на околности, кои биле диктирани од здравствената состојба на пациентката и од други фактори, како што е на пример факторот време“. Значи, „факторите“, меѓу кои и „факторот време“, ја заборавиле газата во стомакот на пациентката!

Ајде да видиме како работеле „факторите“… Триесетгодишната жртва, која за влакно останала жива, била примена со дијагноза тубооваријален абцес, предизвикан од спирала. По извршената операција, од двајца лекари со помош на инструментарка со два месеца искуство, на пациентката ѝ била заборавена газата. По „успешниот“ зафат, таа веднаш била пуштена дома, само со таблети „панцеф“. По петнаесет дена повраќање и температура, скопјанката била примена на  друга клиника, каде што ѝ била извршена друга операција и била отстранета „спасоносната“ газа.

Случајот сега се провлекува цела една година по судските лавиринти, а семејството на засегнатата пациентка побарало обесштетување од клиниката, кое до ден денес не го добиле. После година и пол од настанот, младата пациентка не добила ниту извинување, каење или барем жалење за направената лекарска грешка. Според објаснувањата на нејзините родители, „славната“ измислица за ракот предизвикала душевни проблеми и депресија кај 30-годишната жена. Таа сѐ уште страхува дека родителите од неа нешто кријат, се сомнева да не би сепак да станува збор за малигно заболување. Да не е човек во кожата на оваа млада жена, чија единствена вина е што завршила на клиниката на Величествениот.

ПИСМА ПИШУВААТ, АМА НЕМА КОЈ ДА ЧИТА

И на крајот, пак ќе се навратиме на кобните новогодишни празници, кога поданиците во харемот на Величествениот очигледно биле во посебно, весело расположение. Три бебиња починале неколку дена пред новогодишните празници, во средата вечер, во текот на едно дежурство! Две од бебињата починале поради незрелост, породени во 26-тата недела, додека третото, родено во 31-вата недела, имало шанси да преживее, доколку не било заразено од опасната бактерија клепсиела.

Клепсиела, псендомонас и стафилокока се бактериите од кои врие одделот за интензивна нега, а кои многу често се кобни за животот на бебињата. Поради ова, писма со поплаки до институциите фрчат под сите страни на бантустанот, а содржината на писмата се страшните настани што ги доживеале пациентите, кои немале друг избор и помош побарале од оваа клиника.

Во едно од тие писма пишува: „Пред да го донесам на свет моето најмило, ги направив сите потребни испитувања и сите наоди за евентуални инфекции ми беа негативни. По породувањето, моето бебе прво беше заразено со стафилокока, а потоа со клепсиела. Можам да потврдам дека сите инфекции доаѓаат исклучиво од самата клиника, поради лошите хигиенски услови“.

Но, нејзиниот глас нема кој да го слушне. Не е тоа случајно, се разбира. Величествениот својата моќ и сила ја црпи од партијата што го поставила на власт. Во земјата бантустан владее некаква чудна демократија, во која тој што е на власт, додека е на власт, има неограничена моќ во сите сфери, па и во сферата на здравството. Така во оваа клиника, некогаш угледна здравствена институција, завладеа страв, трепет и хорор.

И ако некогаш поминете покрај неа и ги забележите мајките и бебињата на прозорците – што сега е можно, бидејќи, веројатно поради транспарентноста, на прозорците нема ролетни – сетете се дека тоа е местото каде што се раѓа најскапоценото нешто, животот. Таму можеби и вие сте родени. Тоа место не смее да биде ничиј харем, ничие царство, туку здравствена установа во која одговорни и љубезни луѓе ќе пружаат врвна здравствена заштита. Место во кое нема да се случуваат приказни какви што раскажавме.

А можеби е најдобро и вие, како и ние, да не верувате во тие приказни, да не верувате дека постои лик како Величествениот, да не верувате дека постои таква клиника и дека постои таква земја. И дека сите евентуални препознавања се само плод на вашата бујна фантазија.

Рамка 1

Инфекции, инфекции…

И ЛАНСКАТА НОВА ГОДИНА ПОЧНА „ВЕЛИЧЕСТВЕНО“!

По навика, секоја година на оваа клиника мора да почне со нешто „величествено“. Така, почетокот на ланската година почна весело, а можеше да заврши крваво. Поставената погрешна дијагноза и погрешната терапија на коцка го ставија животот на штотуку родено бебе. Се погоди таткото на бебето да биде некој серт човек. Дојде до обвинувањата од родителите, кои доведоа и до закани за тепачка и тужби, помеѓу таткото и првиот човек на клиниката. Бебето добило сепса, поради нечистотија и несоодветни услови. Таткото денес води судска битка со Величествениот и со раководителката на одделението за интензивна нега и решен е правдата да ја истера до крај.

Рамка 2

„Протоколи“

ШПРИЦОТ ОД ЗЕМЈА, PRAVO VO USTATA НА БЕБЕТО!

Во едно писмо, кое сведочи за состојбите на оваа клиника, се вели: „ Со исти раце сестрите ги фаќаат сите бебиња во инкубаторите, инфицираните и здравите, па нормално е дека инфекцијата се шири. Шприцот со кој му даваат сируп на бебето беше паднат на земја и како ништо да не било, го кренаа и истиот му го ставија в уста, за да прими терапија. Ноќниците и чаршавите не се менуваат по десет дена, а лебарки има на сите страни“.

Рамка 3

Кој сака да праша, добива ќотек

КРВАВА ТЕПАЧКА ПРЕД ПУБЛИКА

Вистински крвава тепачка настанала кога еден сопругот сакал да праша за состојбата на својата жена, но наместо тоа, добил тупаници и боксови – да не му падне на ум друг пат да праша било што. Прво го исфрлиле од клиниката (и тоа од новиот, елитен дел), како што тоа се прави во сите земји со модерно и реформирано здравство. Потоа со тупаници и клоци го удирале, сѐ додека човекот, сиот крвав, не паднал на земјата. Најпосле, реагирало и обезбедувањето на клиниката. Да биде пострашно, сето тоа се случувало пред публика. Во публиката, пак, имало пациенти и од други клиники, лекари и вработен медицински персонал. Никој не реагирал во заштита на тепаниот. Тој, пак, бил префрлен на друга клиника, да го средат. А на неговата сопруга, откако слушнала за настанот, ѝ се влошила здравствената состојба!

Viewing all 787 articles
Browse latest View live