Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all 787 articles
Browse latest View live

АРХИВА Скандал без разрешница: Антонијо Милошевски издал дипломатски пасош на дадилка

$
0
0

Текстот е објавен на трети февруари 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 866

Пишувала Славица ДУЉАНОВА

Дадилката Гордана Нанова која доби дипломатски пасош само поради тоа што е тетка на амбасадорката Корнелија Утевска –Глигорова, беше тема на последната седница на пратенички прашања. Пратеничката Радмила Шеќеринска, побара и написмено доби одговор од министерот за надворешни работи Никола Попоски.

– Барам да ми доставите список на носители на дипломатски и службени патни исправи издадени во периодот од 2006 до 2011 година, како и основата врз кој истите се издадени – побара Шеќеринска.

Но, наместо список, Шеќеринска како одговор го доби Правилникот за работа на МНР и Законот за издавање на патни исправи, по што  пратеничката постави дополнително прашање, кое гласи:

– До ден денеска никој не одговори како госпоѓата Гордана Нанова, за која дополнително се добиваат информации дека била блиска пријателка на семејствата на неколкумина луѓе во Владата на премиерот Никола Груевски, станала експерт и важна за нашата соработка со странство. И ако е тоа така, ако навистина се работело за експерт и за важен човек, зошто тој дипломатски пасош бил во меѓувреме поништен откако аферата излезе во јавност. Ваков тип на одговори не добив од министерот. Добив само цитирање на илјада и еден член од законот и од подзаконските акти кои ги знаеме. И врз база на тие закони, го поставив прашањето. Ова ме натера да помислам дека злоупотребите се многу поголеми. Затоа, уште еднаш од министерот барам јавноста да дознае колку луѓе во Македонија, согласно ставот 5 на членот 11 од Законот за патни исправи, го искористиле дискрециското право на овој или на претходниот министер. Кои се тие што ја задолжиле толку Македонија и по која основа стекнале право да носат дипломатски пасош? – праша Шеќеринска.

Попоски одговори во стилот „кој разбрал-разбрал”, продолжувајќи да цитира закони и подзаконски акти, но деталите и разрешницата за случајот со дипломатскиот пасош на дадилката и по елаборацијата на министерот, останаа енигма:

– Во однос на издавање на дипломатски исправи, согласно став 5 на член 11 од Законот за патни исправи на државјаните на Република Македонија, според кој со одобрение на ресорниот министер може да се издаде дипломатски пасош на лице кое со оглед на карактерот и улогата на неговата дејност е значајно за унапредување на дипломатските, политичките, економските и културните односи на Република Македонија и барањето јавноста да дознае колку луѓе во Македонија го искористиле ова законско право, МНР укажува дека согласно евиденцијата на надлежната организациска единица  во периодот од 2007-та, кога е предвиден овој основ во Законот за патни исправи, на државјаните на РМ до 2011 година се издадени вкупно 220 дипломатски пасоши, односно по години 2007-ма 32 пасоши, во 2008-ма -32 пасоши 2009-та -79, 2010- 43 и лани -28 пасоши – беседеше министерот!

ЗОШТО СЕ КРИЈАТ ИМИЊАТА

Попоски објасни дека конкретното прашање претставува личен податок, чија постапка на давање и користење е регулирана со Законот за заштита на личните податоци. Од Дирекцијата за заштита на личните податоци, спротивно на тврдењата на Попоски, велат дека нема зошто да не се знаат имињата на сопствениците на дипломатски пасоши, ако тие работат во државниот и во  јавниот сектор или пак на оние кои имаат јавни овластувања. Оттаму објаснуваат дека за сите други што не спаѓаат во оваа категорија, а имаат дипломатски патни исправи, треба да се направи проценка дали да се објават со име и со презиме.  Но, Уставот и Деловникот на Собранието го гарантираат правото на народниот избраник да добие одговор.

„Ако одговорот се однесува на прашање кое претставува тајна,  Владата,односно носителот на јавната функција, може да предложи одговорот да се даде на седница на Собранието без присуство на јавноста. За тој предлог одлучува Собранието, во согласност со овој Деловник”, пишува во 44 членот од Деловникот.

Но, по сѐ изгледа, ниту пратениците немаат моќ  да добијат одговор на незгодни прашања, ниту тајно, ниту јавно. Ина­ку, да потсетиме, за време на ман­да­тот на Ми­ло­шо­ски, и со негово одобрение, на 2 сеп­тем­ври 2010 година е издаден дип­ло­мат­ски пасош на Гордана На­но­ва, ро­де­на во село Љу­бан­ци, за ко­ја постојат ин­ди­ка­ции де­ка ра­бо­те­ла ка­ко да­дил­ка на де­ца­та на ма­ке­дон­ска­та ам­ба­са­дор­ка­та во Бер­лин, Кор­не­ли­ја Утев­ска – Гли­го­ров­ска. Ка­ко по­твр­да на овие твр­де­ња е и да­ту­мот на из­да­ва­ње на пат­на­та ис­пра­ва на да­дил­ка­та, што се совпаѓа со пер­и­о­дот ко­га и Утев­ска за­ми­на­ла во Гер­ма­ни­ја. Ам­ба­са­дор­ка­та не од­го­во­ри да­ли На­но­ва е да­дил­ка на неј­зи­ни­те де­ца и не упа­ти за од­го­вор во МВР. Инаку, на па­со­шот што го одо­брил ми­ни­сте­рот за над­во­реш­ни ра­бо­ти Ан­то­нио Ми­ло­шев­ски, е на­ве­де­но де­ка ста­ну­ва збор за „струч­њак”.

Из­во­ри за „Фо­кус” откри­ва­ат де­ка ам­ба­са­дор­ка­та, бо­жем, ја до­не­ла На­но­ва на ра­бо­та и ја прет­ста­ви­ла ка­ко сво­ја те­тка. Ду­ри еден од фо­то­гра­фи­те во МНР од­бил да ја фо­то­гра­фи­ра, ре­а­ги­рај­ќи де­ка се из­да­ва­ат па­со­ши без кри­те­ри­ум.

Ам­ба­са­дор­ка­та Утев­ска пред да за­ми­не во Гер­ма­ни­ја ра­бо­те­ше ка­ко шеф на ка­би­не­тот на Ан­то­нио Ми­ло­шев­ски. Прет­ход­но ра­бо­те­ла ка­ко тех­нич­ки се­кре­тар во ам­ба­са­да­та во Бон, ко­га функ­ци­ја­та ам­ба­са­дор ја вр­ше­ше Ср­ѓан Ке­рим. Порт­па­ро­лот на МНР, Бор­че Ста­мов, уште кога дневен „Фокус” ја отвори аферата, од­го­во­ри де­ка во слу­ча­јот со На­но­ва, ми­ни­сте­рот Ми­ло­шо­ски го иско­ри­стил сво­е­то ди­скре­ци­ско пра­во, а па­со­шот бил по­ни­штен, но не зна­е­ше да ка­же ко­га се слу­чи­ло тоа. Поминаа четири месеци а ние сѐ уште че­ка­ме од­го­вор од МНР за тоа ко­га е по­ни­штен па­со­шот, да­ли отка­ко се за­ин­те­ре­си­рав­ме за На­но­ва или прет­ход­но. Ми­ни­сте­рот Ми­ло­шо­ски, со ко­го ста­пив­ме во кон­такт, не са­ка­ше да ко­мен­ти­ра за слу­ча­јот.

„Фокус” тогаш продолжи да го истражува случајот, го посети родното место на Нанова, а таму нејзините роднини ни кажаа дека таа е во Германија со нејзината внука. Овие искази само ја потврдија нашата информација дека Утевска е внука на Нанова. Но, има ли санкции за ваквите постапки на министерот?

МИЛОШОСКИ МОЖЕ ДА ОДГОВАРА И КРИВИЧНО

По­ра­неш­ни­от ми­ни­стер за над­во­реш­ни ра­бо­ти, Ан­то­нијо Ми­ло­шо­ски, ја зло­у­по­тре­бил сво­ја­та функ­ци­ја, а мо­же и кри­вич­но да од­го­ва­ра за тоа што одо­брил из­да­ва­ње дип­ло­мат­ски па­сош на да­дил­ка­та на ам­ба­са­дор­ка­та во Гер­ма­ни­ја, Кор­не­ли­ја Утев­ска – Гли­го­ро­ва.

– Ди­скре­ци­ско пра­во за до­де­лу­ва­ње дип­ло­мат­ски па­сош, обич­но, се ко­ри­сти за вид­ни лич­но­сти, чи­е­што дејс­тву­ва­ње е во ин­те­рес на др­жа­ва­та. Не гле­дам ос­но­ва за из­да­ва­ње ва­ков до­ку­мент. Во овој слу­чај, јас мо­е­то пра­во го иско­ри­стив за дип­ло­мат­ски па­сош за То­ше Про­ев­ски и за Си­мон Трп­чев­ски – из­ја­ви во ноември за „Фо­кус”, Илин­ка Ми­тре­ва, по­ра­неш­на ми­ни­стер­ка­та за над­во­реш­ни ра­бо­ти.

Аси­стен­тот на Прав­ни­от фа­кул­тет, Дра­ган Го­цев­ски, ве­ли де­ка до­кол­ку ми­ни­сте­рот до­не­се од­лу­ка што не е пред­ви­де­на со за­кон, то­гаш не ста­ну­ва збор за при­ме­на на ди­скре­ци­ско пра­во, ту­ку за зло­у­по­тре­ба на служ­бе­но­то ов­ла­сту­ва­ње.

– За свес­но кр­ше­ње на за­ко­нот, ми­ни­сте­рот од­го­ва­ра и ка­ко служ­бе­но ли­це, во смис­ла на Каз­не­ни­от за­ко­ник што го пра­ви и не­до­сто­ен за вр­ше­ње на јав­на­та функ­ци­ја и од­го­во­рен за на­не­су­ва­ње ште­та на Ре­пуб­ли­ка Ма­ке­до­ни­ја. Сопс­тве­ник на дип­ло­мат­ски­от па­сош е др­жа­ва­та, а не по­е­ди­не­цот – об­јас­ну­ва Го­цев­ски.

Спо­ред аси­стен­тот на Прав­ни­от фа­кул­тет, не­за­кон­ско из­да­ва­ње јав­на ис­пра­ва, ка­ква што е дип­ло­мат­ски­от па­сош, мо­же да пов­ле­че кри­вич­на од­го­вор­ност за ми­ни­сте­рот за зло­у­по­тре­ба на служ­бе­ни ов­ла­сту­ва­ња, ко­ја се каз­ну­ва со каз­на за­твор од шест ме­се­ци до три го­ди­ни.

– Се раз­би­ра, пра­кти­ка­та и во све­тот по­ка­жу­ва де­ка ре­тко се при­ме­ну­ва­ат овие санк­ции за но­си­те­ли на ви­со­ки јав­ни функ­ции, но во раз­ум­ни окол­но­сти, ми­ни­сте­рот тре­ба да пре­зе­ме по­ли­тич­ка од­го­вор­ност, а по ини­ци­ја­ти­ва на Јав­но­то об­ви­ни­телс­тво и кри­вич­на – ве­ли Го­цев­ски.

Последново во Македонија тврдиме дека нема да се случи. Напротив, во овие околности „успех” е ако некој официјално се одважи за да каже, барем, дали и од кога дадилката прекинала да биде експерт. Затоа што, тешко дека ќе дојде одговорот како станала експерт, кој патува низ светот со дипломатски пасош. Наследникот на Милошоски, Никола Попоски, со одговорот во Собранието само го обвитка во уште поголема магла случајот со стручњакот Нанова!


АРХИВА Софија Куновска: Градоначалникот Коце Трајановски е елементарна непогода за Скопје, еднаква земјотресот во 1963 година

$
0
0

Текстот е објавен на 3 февруари 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 866

 Разговарала Јадранка КОСТОВА

ФОКУС Има уште една година до локалните избори. Дали сметате дека Скопје 2014 ќе биде адутот за уште еден мандат на вмровците во Скопје?
КУНОВСКА Пред да го коментираме „Скопје 2014” како проект, поважно е да го препознаеме милјето во кое се раководи градот Скопје. Треба да се потсетиме дека начинот на кој се спроведува „Скопје 2014” беше предвесник, а и сега е огледало на вкупното владеење на оваа власт. Зошто? Затоа што манифестациите на апсолутизам, таа приказна, која што ја живееме денес, најпрвин се почувствува во Советот на Град Скопје. Замислете, целиот проект „Скопје 2014” помина, а Советот воопшто не доби шанса за квалитетна расправа!?

ФОКУС Можеби вие не бевте доволно упорни?
КУНОВСКА Баравме „Скопје 2014” да се стави на дневен ред, а градоначалникот упорно наоѓаше начини, како да ни објасни дека тој не е надлежен. По десетина обиди, го стави на дневен ред, затоа што сфати дека е контрапродуктивно по него доколку и натаму избегнува. Но, замислете, го стави на расправа со образложение дека тој не учествува во проектот. Ставките преку кои финансиски учествува Градот во „Скопје 2014” биле минорни, со вредност од 5 милиони евра, и од типот – илуминација на мостови, замена на огради на мостови, промена на неколку фасади на плоштадот на Скопје и преместување на канализацијата на плоштадот заради потенцијалната црква. Но, суштински, тој се прогласи за ненадлежен за „Скопје 2014”!

 ФОКУС Можеби бил само искрен, дека ДРУГ е творец на проектот?
КУНОВСКА Јас би прашала: Дали е нормално на градоначалникот Блумберг да му се случи менување на лицето на неговиот град, на Њујорк, а тој да проба да изјави дека не е надлежен за тоа?! Дали е можно, фасадата на зградата на ОН да се претвори во барокна и за таа приказна Блумберг да се прогласи за ненадлежен, а Советот на Град Њујорк да изгласа дека не го интересира што се случува со зградата и со градот?

ОВАА ВЛАСТ СЕ ОДНЕСУВА КАКО ОКУПАТОР

ФОКУС Значи, Коце Трајановски не може да се пофали дека тоа е негов проект, мислам како градоначалник?
КУНОВСКА Па, самиот се дистанцира од него на секаков можен начин. Како што не може да се пофали ни дека автобусите се негов проект. Тој се согласи Владата да се прогласи за донатор на автобусите купени од парите на граѓаните, не само на Скопје, туку на цела Македонија. Комично, но, Коце Трајановски излезе да ѝ се заблагодари на Владата на РМ за донацијата. Изгледа му е нејасно дека донација може да биде кога господата министри ќе се брцнат во сопствениот џеб, а не во касата која ја полнат граѓаните.

ФОКУС Ако земеме по ставките, кој го финансира, а добар дел од оние згради и споменици одат на контото на Министерството за култура, дали власта го третира „Скопје 2014” како некаков културен проект?
КУНОВСКА Оваа власт се однесува како што се однесувале окупаторите на Скопје. Српскиот окупатор, кога доаѓа во Македонија, решава да постави пет пункта, преку кои ќе ја демонстрира својата доминација. Економската моќ преку банката што ја гради, Собранието – симбол на политичката моќ, Офицерскиот дом – симбол за воената доминација, театарот – симбол за културната доминација и железничката станица, која симболизира контрола врз транспортот и врските. Оваа власт буквално се однесува како окупатор, јас не знам како поинаку да разберете, дека двете клучни згради кои се симбол на политичкиот живот во Македонија, Собранието и зградата на Владата, прашање на ден е кога ќе добијат нов лик. А тука мислам дека многу посериозно е прашањето: Дали некој ги ретушира нашите идентитет и историја? Дали некој сака да ја бележи територијата на своето владеење? Дали сака временски да го детерминира постоењето на Република Македонија до нивното и од нивното доаѓање?

ФОКУС За вас „Скопје 2014” е окупаторски проект?
КУНОВСКА „Скопје 2014” е не само ужасен проект по својата естетика, не само недомаќински и сомнителен во однос на потрошените пари, туку е и опасен за идентитетот на современа Македонија. Тој им ја одзема силата и вредноста на најважните дела и творци од младата Македонија по 1945 година и ги загрозува обединувачките процеси со остатокот од развиениот свет. Ништо до сега олку силно не го нарушило меѓународниот углед на денешна независна Македонија, како владеењето на оваа власт, најсилно демонстрирајќи ја својата авторитарност и тоталитаризам преку проектот „Скопје 2014” и неговите потпоглавја. Швајцарија и Холандија се натпреваруваат во чоколади, часовници и лалиња. Дури и Косово се претставува себе си на рекламите на Си-Ен-Ен, како „КОСОВО ТХЕ ЅОУНГ ЕУРОПЕАНС”. Ние сме за жалење, со копјата во рака, нурнати во 323 година пр.н.е.
Затоа, мој личен став е дека секој сериозен и одговорен наследник на оваа гарнитура на власт има обврска да организира експертска ревизија на овие кардинални грешки и да интервенира со радикални чекори. Веројатно, таа ревизија ќе покаже дека дел од „Скопје 2014” треба да се преобликува, дел да се дислоцира, а ако е неопходно, дел и да се отстрани, и во физичка и во идеолошка смисла.

ВИЕ ГИ КРИТИКУВАТЕ, А ТИЕ ВИ МОНТИРААТ АФЕРА!

ФОКУС Барокот е своевидна филозофија на владеење на оваа власт?КУНОВСКА Да. А, сепак, никој до сега не излезе да објасни кој е идеолошкиот, филозофскиот, естетскиот, симболичкиот, семантичкиот контекст што лежи под овој избор. За жал, демократските алатки за корекција и контрола, на ниту едно ниво во државата практично во реалноста не функционираат. Не постои ниту еден инструмент кој што во дизајнирањето на системот, држава, ви е ставен на располагање како опозиција, за кој што ние можеме да се пофалиме дека сме го употребиле за да можеме да ја дисциплинираме оваа власт.

ФОКУС Очигледно е дека оваа гарнитура не трпи поинакво мислење?КУНОВСКА Сакате да кажам што се случува кога жестоко ќе ги критикувате  нивните проекти? Се случува да добиете монтирани телевизиски прилози на нивните телевизии и да завршите објаснувајќи се со нив на суд, при што забораваат дека ако навистина тие прилози кои што ги монтираат околу наводните криминали се вистинити, местото за промоција не е партиската говорница. Сите институции во оваа држава се во нивна власт. Тие не се платени да држат пресови, тие се платени да работат.

ФОКУС Имате лично искуство? И Вие ли станавте криминалец?
КУНОВСКА Така некако. По моето обзнанување дека Ирена Мишева има конфликт на интереси, бидејќи беше член и на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и е претседател на Советот на Градот, и напомената дека е и вработена во Телеком и член на борд на Телеком, наместо надлежните институции да се позанимаваат со конфликтот на интереси, епилогот е „убијте го гласникот”. Се обидоа да ме замолчат, со тоа што ме обвинија за наводен финансиски криминал, за уште понаводен бизнис. Нешто што за 5 минути се проверува во влошка во Централен регистар и се констатира дека не е вистина!
Втората ситуација е кога откриваме дека сопругот на претседателката на Советот, Ирена Мишева, се вработува во „Градски паркинг”, во делот на Пајак службата. Тоа го изнесовме во јавност и добивме контраудар од спротивната страна. Внимавајте, ние како Совет на Град Скопје, каде таа е претседател, сме основач на ова ЈП, а тој се вработува во истото. Што мислите, како се произнесе Антикорупциска?

ФОКУС Претпоставувам, како и во сите други ситуации каде тема е власта. Но, што стана со конфликтот на интереси на Мишева?
КУНОВСКА Ирена Мишева се откажа од позицијата член во Управниот одбор во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но и натаму жената си е претседател на Совет, си е вработена во Телеком и е член на бордот на Телеком. И понатаму мажот ѝ си работи во Градски паркинг.

ФОКУС Значи, ниту притисокот на јавноста не може да го измени партискиот став, а тој гласи дека нивните истакнати партиски луѓе можат да бидат на неколку места и функции?
КУНОВСКА Кога вие го изнесувате тоа на виделина, тие ви монтираат нов телевизиски прилог, во кој објаснуваат дека сте насилен, вулгарен, невоспитан, дека сте предизвикале инциденти и слично. Просто не постои начин да објасните дека тоа е измислено. А од нашиот независен правен систем, и самата веројатно знаете колку е можно да добиете брз и објективен судски епилог.

ЦЕНТАРОТ ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЛИСТИ ЗА ОТСТРЕЛ

ФОКУС Се јавувате ли во тие телевизии, за да демантирате? Ви бара ли некој воопшто изјава?
КУНОВСКА Не ми побарале изјава. Воопшто не сакаат да разговараат. Ми останува единствено да одржам прес-конференција, на која што ќе ја изнесам вистината и да се обидам со безуспешно терање на правдата на суд.

ФОКУС Ве обвинија за некаков криминал во МРТВ преку ваша фирма?КУНОВСКА Тоа беше за наводно некоја моја фирма, која воопшто ја немам. Дека сум потпишала некаков договор за некое време за реклами во вредност од 350.000 евра. И дека сум ги искористила секундите, а парите не сум ги платила, во времето на некоја претходна гарнитура, во 2002 година. Навистина не можам ниту јас да ви објаснам што сакаше „авторот” да каже.

ФОКУС Чија е таа фирма, што излезе на крајот?
КУНОВСКА Јас отидов во Централен регистар и за мене се сосем непознати имињата и презимињата на сопствениците на споменатата фирма. Се разбира, во историјата на фирмата не постои моето име. Водам судски спор против Мишева и Бичиклиски за клевета.

ФОКУС Но, оние што се надлежни, тоа не го истражуваат?
КУНОВСКА Ниту надлежните, ниту оние кои ги објавуваат прилозите. Две години ниту Бичиклиски, кој тоа го соопшти на прес-конференција, не се појавува на суд. И никој жив не може да го донесе на суд. Да беше во право, ќе гореше од желба тоа да го докаже.

ФОКУС Зарем судските курири не можат да влезат во Советот?
КУНОВСКА Еднаш влегоа и се направи голема драма, поради што сега имаме уште еден спор. Имено, тој судски доставувач се обиде на госпоѓа Ирена Мишева и на Бичиклиски да им достави судска покана, а тие произведоа нова ситуација. Го одбија курирот.

ФОКУС Со кое образложение?
КУНОВСКА Бичиклиски рече: Јас не сум Александар Бичиклиски , не ве познавам кој сте, и се тргна и си замина. Око не му трепна, а госпоѓа Мишева рече дека нема што тука неа да ѝ ги носат поканите, има домашна адреса.

ФОКУС Тоа го гледаме и во процесот што го води ГЕМ против Зоран Ставревски. И тој одбива на работа да ја прими поканата?
КУНОВСКА А дома никогаш не можат да ги најдат. Нели, работат 24/7. Видете, тие имаат едно место, што се вика Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, кое е професионална организација, каде што се прават списоци на луѓе за отстрел. Дали е тоа Ерван Фуере, Јелко Кацин, политички конкуренти, непослушни новинари, дали се студенти кои протестираат, интелектуалци… против било кој што може да им попречи, тие организираат акција. Констатираат дека, на пример, јас станувам прилично неподносливо критична кон градоначалникот или кон Мишева, и се фаќаат за работа, да ме „смират”.

ВРБИТЕ СЕ УМЕТНИЧКО ДЕЛО

ФОКУС Веројатно центарот избира и која метода да ја користат?
КУНОВСКА Да, креативни се многу, ама, како што имаат сѐ повеќе клиенти, така губат на квалитет. Прилично се површни. При тоа, на рака им оди тоа што го контролираат правосудниот систем. Затоа ви кажувам дека можеби основната работа за која што ние треба да разговараме е тоа, дали институциите во Македонија, во кои одиме да ја побараме сопствената заштита, ги носат вистинските наслови, вистинските имиња. Дали судот е сѐ уште суд.

ФОКУС Дали како Совет на Град Скопје расправавте за палмите, плажите, врбите, што сепак, се пласирани како проект на Градот?
КУНОВСКА Не. Палмите нѐ изненадија, а врбите се проект на Министерството за култура. Не знам дали знаете дека врбите се уметничко дело – инсталација. Ако земете суштински да ги погледнете неговите главни гестови кон Градот, ќе видите дека Коце Трајановски е елементарна непогода за Скопје, еднаква со земјотресот од 1963 година. Мислам дека е навреда за граѓаните на Скопје.
Знаете како, човекот излегува и ни објаснува дека изградил пет булевари. Би сакала да ми ги каже петте имиња на булеварите што ги изградил. Ако го прашате така, тој ќе ви каже Илинденска, Теодосие Гологанов…

ФОКУС Но, факт е дека овие улици добија нов изглед?
КУНОВСКА Илинденска е изградена улица и е улица. Булевар е нешто друго. Таа улица е проширена за половина лента од двете страни. Значи, тоа не е изградена улица, туку постоечка улица, проширена за по половина лента од двете страни и комунално уредена со тротоар и пешачка патека, што е редовна активност на еден градоначалник. Тоа не е вонреден потфат, капитален, вреден за воодушевување. Точно е дека го посла центарот на Скопје со три сантиметри нов асфалт.
Но, по што одевме ние до вчера? По земјен пат? Тие улици беа асфалтирани, асфалтот беше оштетен, а Коце го обнови горниот слој на асфалт на постоечките улици.

ФОКУС Излегува, според Вас, дека Коце ништо не направил?
КУНОВСКА Од клучните маки на скопјани, ништо не е пипнато. Водоводната мрежа е стара и во поголем дел азбестна и има губиток на питка вода од над 62 отсто. Но, затоа, барокната зграда на „Водовод” ќе чини 10 милиони евра. Откако стана видливо дека квалитетот на воздухот е ужасен, наместо средства, мерки и активности за подобрување на квалитетот на воздухот, градската власт се погрижи да не работат мерните станици за квалитетот на воздухот, за да немаме претстава што дишеме.
Е сега, ако низ наведените примери е јасно дека Трајановски не се грижи ниту за водата, ниту за воздухот, ниту за достапност до поевтина енергија-гас, ниту за посовремен јавен превоз, останува нејасно – за што треба да му заблагодарат скопјани? За палмите, за плажите, за порибениот Вардар, за Панорамското тркало за кое само за проект се предвидени половина милион евра, за справите за вежбање на кејот, за новиот забавен парк за домашни миленичиња планиран за годинава, за кантите за ѓубре на кредит од 10 години?!

ПОЈАДОКОТ НА КАМЕН МОСТ Е „НАЈКАПИТАЛНИОТ ПРОЕКТ”

ФОКУС Оние канти што беа бомбастично промовирани?
КУНОВСКА Да, градоначалникот за свој врвен капитален проект, за кој поддршка обезбедуваше од Министерството за финансии, со Ставрески и Груевски се сликаа на телевизиите со зелените канти за ѓубре. За тој проект позајмија 800.000 евра, кој ќе ги исплаќаат граѓаните на Скопје до 2023 година. Кога го земаа беше 2011 година, грејс периодот е до 2013, а до 2023 година ние ќе ги отплаќаме кантите во вредност од 800.000 евра.
А наспроти тоа имате Панорамско тркало, за кое од буџетот галантно се трошат половина милион евра наши пари, наш кеш, внимавајте само за проект! Нема ли овој град посериозни проблеми од тркалото? Јас не велам дека жичницата е лош проект, ама не може нашите деца да немаат пристојни тоалети во училиштата, а да трошиме за тениски игралишта, жичница и забавен парк за домашни миленичиња. Тоа е некако надвор од умот.

ФОКУС Добро,тоа се нивните приоритети…
КУНОВСКА Приоритети – да, меѓутоа, тие на крајот на краиштата треба да имаат некаква логика, затоа што ме интересира дали господинот Коце Трајановски, ако дома тоалетот му е во лоша состојба, прво ќе го направи него или ќе си изгради фонтана во дворот? Просто, домаќинско прашање.

ФОКУС Ни булеварите не му ги признавате како капитален проект?
КУНОВСКА Знаете што е нов булевар? Тоа е кога, на пример, помеѓу сервисната улица која тој ја прошири за по половина лента од двете страни, Иво Лола Рибар, и таа, исто така сервисна, што поминува покрај кулите во Капиштец, ќе се појави вистински булевар од 32 метри широчина, со по три ленти во двата правца, разделени со зеленило, налик на Партизанска, така како што предвидува Генералниот урбанистички план.
Од претходните градоначалници ќе останат капитални објекти, како клучката кај Континентал или Детелинката кај Бит-пазар, булевар Србија… Од Коце, пак, појадокот на Камениот мост, како огледало на стварноста кога се во прашање гладот и сиромаштијата. Панаѓурски играчки, козметика и разби-брига за народот.

ФОКУС Затоа „Водовод и канализација” ќе добие нова барокна зграда?КУНОВСКА Така е. Зградата чини 10 милиони евра, па вие сега поделете по бројот на квадрати колку ќе чини еден квадрат од таа зграда. Ние имавме иницијатива, наместо 10 милиони евра за зградата, да ги преполовиме средствата на 5, да се одбере некое поскромно решение, а другите 5 милиони евра да се инвестираат во промена на водоводната мрежа. Да не ви зборувам дека на периферијата на Скопје, луѓето сѐ уште имаат проблем со притисок на водата за пиење и дека дополнително се снабдуваат со вода од бунари.

ФОКУС Верувате ли дека Коце Трајановски ќе биде адутот на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори?
КУНОВСКА Можеби тој ќе биде адутот на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, но повеќе од сигурна сум дека нема да биде адутот на скопјани за свој градоначалник. Мислам дека најголемата услуга што Коце Трајановски може да му ја направи на градот Скопје, за тој конечно да стане поубаво место за живеење, е час поскоро да си замине.

ЗА МАЛИ ПРОЕКТИ МУ ДАВААТ ЛЕГИТИМИТЕТ НА РЕЖИМОТ

ФОКУС Се подготвувате ли во СДСМ за локалните избори, бидејќи кога сакаат тие ќе ги распишат?
КУНОВСКА Согласно досегашното поведение на ДПМНЕ, не би било изненадување да смислуваат трикови и за овие локални избори, како и за сите избори во нивна организација до сега. Како и да ѝ изгледа СДСМ на јавноста, тој внатре е силно организациски поставен и може во кое било време да излезе на изборно соочување. Има анализи за секоја единица на локалната самоуправа и евалуација на досегашните градоначалници и членови на совети, како од редовите на СДСМ, така и од политичките конкуренти. СДСМ нема проблем со неговиот капацитет и изборна понуда.
СДСМ, но повеќе од СДСМ и граѓаните на Република Македонија, имаат проблем со минимум демократски амбиент за фер изборна трка кога тоа треба да го организира ВМРО-ДПМНЕ. Не го тврдиме тоа само ние. Сѐ повеќе претставници на мисии и дипломати се на чисто со овој заклучок. Таа битка не треба да ја води СДСМ сам. Тука мораме да бидеме во принципиелна коалиција со сите граѓани, со НВО секторот, со меѓународната заедница и со медиумите, ако имаат минимум шанса за независност.

ФОКУС Колку како опозиција добивате простор на телевизиите со национална концесија?
КУНОВСКА  Јас шест години сум член на Советот на Град Скопје и до сега сум немала ниту еден повик од ниту еден новинар од МРТВ, за каква било размена на информации, а да не зборувам за изјава или за нешто слично. За волја на вистината, не се сеќавам дека сум го пречекорила прагот и во Сител и Канал 5. Таму сум присутна во монтираните прилози, кои служат за контра-пропаганда.

ФОКУС Сега сте во Советот за култура на СДСМ. Посветени сте на политиката, па, имате ли време за вашите други ангажмани?
КУНОВСКА Состојбите генерално, но и на полето на културата, како исклучително важен сегмент за мене, ме принудуваат да барам начин, да се борам. Советот за култура, формиран од СДСМ, каде членуваат истакнати индивидуалци, предизвикува силно. За своја цел има да ја помести Македонија на поинакво цивилизациско ниво. Ние како општество се наоѓаме во состојба на постојано пропаѓање, на морално, етичко, правно, економско, на онтолошко ниво и на многу други.
Сакам да им пружам отпор на состојбите, и како граѓанин и како уметник. Работам недоволно, не по моја волја. Минатата година снимив два краткометражни филма и имав мала улога во еден долгометражен филм.

ФОКУС Имам чувство дека успеаја да го најдат клучот до срцата на повеќето пејачи, актери, професори, спортисти. А секој што им влезе во проектите, потоа замолче!?
КУНОВСКА  Па, тоа е моето најголемо разочарување, што за мали проекти, за малку пари, многу луѓе во кои сум верувала, му даваат легитимитет на овој крајно недемократски, на моменти фашизоиден и ужасен режим. За жал, не сме многу славни по држењето до личниот интегритет!

Рамка 1

ТРАМВАЈОТ НАРЕЧЕН ЖЕЛБА „СКОПЈЕ 2314”

ФОКУС Зарем во сето она што се изгради до сега не гледате капитални проекти?
КУНОВСКА Градоначалникот во својот мандат не започна ниту еден капитален проект како гасификација на Скопје или трамвај. Постои претпријатие основано од Град Скопје АД „Енергетика”, создадено со идеја да спроведе гасификација. Три години има вработено директор и секретарка, Управен одбор и земаат плати и надоместоци, а нема едно метро гасна мрежа. Претходниот градоначалник, Трифун Костовски, му остави околу 5 милиони евра на Трајановски барем да го почне проектот „Трамвај” со изградба на депо за трамваите. Ги нема ниту парите, ниту депото. Трамвајот останува пуста желба за Скопје 2314 година!

Рамка 2

БАРОКОТ Е СИМБОЛ НА АПСОЛУТИЗМОТ

ФОКУС Очигледно дека оваа владејачка структура е обземена со барокот? Какви се скриените пораки од ваквата опсесија?
КУНОВСКА Барокот не предизвикува само визуелна рецепција. Барокот, покрај естетска, носи семантичка и симболичка димензија во себе. Тој е идеален одраз на една апсолутистичка и инквизиторска власт, која секојдневно на разни начини ни покажува дека сака да владее со страв, дека сака да покаже колку човекот е мал во ова општество, наспроти нејзината моќ!

Рамка 3

НА СКОПЈЕ МУ ТРЕБА СКОПЈЕИЗАЦИЈА

ФОКУС Дали се смени структурата на Скопје со Преродбата?
КУНОВСКА Еден од важните процеси што би требало час поскоро да почне да му се случува на Скопје, тоа е повторната скопјеизација на Скопје во културна, во граѓанска, во естетска смисла. Тоа е нешто што му претстои како задача на кој било добронамерник, кој ќе се најде во позиција да може тоа да го поправи!

АРХИВА Трајко ќе ги освестува пратениците да ја баталат чашката, уредно да се облечат и да научат да дебатираат!

$
0
0

Текстот е објавен на 20 јануари 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 864

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Наместо конструктивна дебата, заснована врз факти и аргументи, личните навреди и дисквалификации се главно обележје на седниците на Собранието, кое е огледало на општеството. Притоа, се добива впечаток дека како одминуваат годините во плурална Македонија, генерално, парламентарните состави стануваат се помалку квалитетни, секако, со чест на исклучоци, а се повеќе подложни на влијанија и притисоци. Затоа, неминовно се наметнува констатацијата дека актуелните пратеници не се во служба на народот, иако токму граѓаните ги сместиле во законодавните фотелји за период од четири години, туку претставуваат продолжена рака на извршната власт, која токму тие ја избираат и во секој момент може да ја разрешат.
Дали сето ова го имал предвид спикерот Трајко Велјановски, кога минатата година двапати им достави етички кодекс на народните избраници, кој пропишува елементарни правила на однесување што треба да ги знаат ученици, а не, пак, за парламентарци? Дали Велјановски сака на тој начин да ја скроти бунтовната и темпераментна природа на неговите колеги, да ги научи на пристојни манири и на учтиво однесување, или, пак, да ги натера да го збогатат квантумот на знаења?

СЕКОЈ НА СВОЕТО СТОЛЧЕ!

Инаку, првиот меѓу еднаквите законодавци, лани во јули им достави на пратениците кодекс за етичко однесување, веднаш по познатата случка со стечајците, кога дел од опозициските пратеници се судрија со припадници на полицијата, што не се дел од собраниското обезбедување. Овој инцидент, кој не дочека разрешница, создаде тензија меѓу власта и опозицијата, па тој го повлече предлогот. Сепак, нецела половина година подоцна, поточно пред Нова Година, првиот човек на народниот дом повторно побара поддршка за оваа идеја, доставувајќи го, според кажувањата на дел од пратениците, идентичниот предлог од пред шест месеци, за кој пратеничките групи треба да се изјаснат до крајот на месецов.
Во секој случај, целта на деветте члена на кодексот, како што се наведува, е воведување на стандарди за етичко однесување на пратениците, преку кои ќе се обезбеди зајакнување на интегритетот и достоинството на пратениците и ќе придонесе за јакнење на довербата на граѓаните кон Собранието. За да се постигне оваа цел, стои во нацрт-текстот, пратениците треба функцијата да ја вршат одговорно, совесно, чесно, објективно и транспарентно, во интерес на граѓаните. Потоа, тие треба да бидат посветени на функцијата како единствена и основна должност, да избегнуваат секаков судир меѓу функцијата и приватните интереси, да не го злоупотребуваат статутот за материјална корист за себе, членовите на семејството или партијата, како и да не примаат подароци и услуги од граѓани и организации, да ги почитуваат другите носители на јавни функции – државни и јавни функционери и други лица кои извршуваат работи поврзани со Собранието.
Покрај тоа, документот ги обврзува пратениците да присуствуваат на седниците и на работните тела на парламентот, при што отсуство е дозволено само во оправдани ситуации. Впрочем, непотребноста на ова ја потврдува самиот Деловник, кој во главата три одредува дека пратеникот има право, но и должност да учествува во работата и одлучувањето на Собранието. Единственото дополнување во кодексот е тоа што пратениците не смеат да ги напуштаат седниците за време на обраќања на претседателот на Собранието и на Републиката – функции кои моментно ги извршуваат Велјановски и Ѓорге Иванов, како и на гости од странство. Интересно е дека во оваа категорија на привилегирани го нема премиерот Никола Груевски!
Ако ова недоволно привлекува внимание, иако одредбите во голема мера се непотребни, бидејќи се подразбираат, со оглед на тоа што во спротивно, во некои случаи пратениците се недоветни, а во некои корумпирани, следат побаналните норми.

СО ЛИЦЕТО НАПРЕД, СО ГРБОТ ОДЗАДИ!

Имено, кодексот определува дека пратениците треба да избегнуваат изјави кои не се поткрепени со докази, да ја засноваат дискусијата на факти, логичка аргументација и на фер толкување. Од ова безмалку ограничување на слободата на говор на пратениците, кои меѓу другото, се еден степен позаштитени од аспект на кривична одговорност, произлегува дека тие освен законодавна, треба да вршат и истражна работа, бидејќи нема да можат да говорат само врз основа на индиции и да покренуваат морални дилеми, туку само врз база на докази. А како поинаку би собрале докази, ако не изигруваат полиција?
Нејсе, исто така, според предлог-кодексот, тие не смеат да му вртат грб на претседавачот со седницата, освен кога се обраќаат од главната говорница. Основно логично прашање во однос на ова е како од место пратеник би му вртел грб на претседавачот, освен ако нема маневарски простор и ротирачка фотелја? Или пак, доколку стои, пракса која замре откако либералдемократите останаа вон парламентот, но и тоа е возможно само ако пратениците се решат да ги испрочитуваат новинарите, кои ја следат седницата од галеријата одзади, што, се разбира, е тешко веројатно.
Згора на се, пратениците ќе треба да ги користат телефоните и лаптопите така што нема да го попречуваат текот на седницата. Што значи тоа, може само да претпоставуваме! На крајот, не смеат да зборуваат гласно на седницата, да не го прекинуваат говорникот, да не употребуваат гестикулации, изрази, синоними со кои го навредуваат соговорникот, да не истакнуваат знамиња, амблеми, текстови и слики со навредлива содржина. Треба да се придржуваат до принципите на човекови права и да не поттикнуваат расна, полова, верска, национална, социјална, здравствена и национална дискриминација.
Наспроти тоа, треба да бидат уредно и соодветно облечени, постојано да стекнуваат знаења за демократската и политичката култура и да го усовршуваат реторичкото знаење. Не смеат да консумираат алкохол за време на седниците, што поттикнува неколку прашања и дилеми. Дали досега праксата на опивање во Собранието е толку честа, па мора со декрет да се забрани? Ако се забранува „чашката”, зошто не се забрани и консумирањето наркотични средства и „швалерацијата”? На крајот, испаѓа дека единствен пратенички порок е „пијанењето”, па паѓаат во вода неодамнешните обвинувања на една пратеничка за „шмркање бело”.

УКАЖУВАЊЕ НАМЕСТО ПАРИЧНА КАЗНА

Се што беше наведено, освен сегментот за облекувањето, не треба да го земаат здраво за готово најголемиот дел од пратениците во средните и задните клупи, кои речиси никогаш не истапиле на собраниската говорница, ниту се јавиле за збор од место. Тие слободно може да се преселат во собраниското ресторанче, така што нивните говори, реторички вештини, демократски знаења се небитни, зашто веројатно никогаш нема да ги дознаеме. Другите, што често или повремено учествуваат во дискусиите за точките на дневен ред, па може да го прекршат кодексот, ќе заработат пријава за повреда од страна на секој пратеник до претседателот, која ќе се разгледува на секоја наредна координативна средба.
За непочитување на кодексот, се изрекуваат мерки укажување, јавно укажување и јавно укажување објавено на веб страната на Собранието. Претходно, претседателот на пратеникот мора да му изрече предупредување и доколку е незадоволен, пратеникот може да поднесе приговор, односно жалба кон најава на изрекување на соодветна мерка. Тоа се прави на координативна средба, на која се зазема став, а конечната одлука ја донесува претседателот. Фактот што казните се симболични, и во спротивност со кодексите во Европа – не удираат по џебот и по статусот на пратениците, само ја надополнува оценката за суштината на кодексот.
Колку за споредба, кодексот што Европскиот парламент го усвои лани, прецизно утврдува дека членовите на ЕП ќе мораат да пријават каква било надворешна активност од која ќе заработат повеќе од 5.000 евра годишно и мораат да одбијат подароци поскапи од 150 евра. Претседателот на Парламентот, откако ќе се консултира со советодавна комисија, може да одлучи да ги санкционира пратениците кои го кршат кодексот, како на пример со глоба еднаква на дневници од два до десет дена, привремена суспензија од парламентарните активности најмногу до десет дена или, пак, со губење на улогата известувач или друга избрана функција.
Оттаму, македонскиот кодекс во најава наместо парични казни и суспензија, предвидува само укажување, кое, во најстрашна варијанта, може да биде јавно. За пратениците кои, како што претходно беше кажано, секојдневно си разменуваат доза навреди, едно укажување плус е сосема ирелевантно. Поради тоа, уште отсега може да прогласиме неуспех на оваа инцијатива, која не претставува ништо друго, ами про-форма.

РАМКА 1
Партиите да се изјаснат
БОНЕВА И ИВАНОВСКИ ГО ДАЛЕ КОДЕКСОТ НА АНАЛИЗА

Координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Силвана Бонева и Игор Ивановски, ни изјавија дека се уште го анализираат етичкиот кодекс, па, како што велат, до крајот на месецот ќе се изјаснат дали за нив е прифатлив или не. Неофицијално дознаваме дека најверојатно, вмровците ќе го прифатат, а социјалдемократите ќе го отфрлат кодексот. Тоа на една седница пред неколку дена го навести пратеничката Весна Бендеска, која иронично прокоментира дека кодекс му треба на претседателот Велјановски, Тогаш, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и дофрлија дека правила на однесување му се потребни на Јани Макрадули, кој важи за еден од пратениците со најостар речник!

РАМКА 2
Собранието по стапките на Владата
МИНИСТРИТЕ ЗБОРУВААТ САМО СО ДОЗВОЛА НА ПРЕМИЕРОТ

По неколкукратно одложување, Владата во 2010 година усвои Етички кодекс, според кого премиерот и министрите треба да работат законито, професионално и ефикасно. Ниту еден од нив не смее да изговори збор за стратешките цели на Владата, ако претходно не добие одобрение од премиерот и не смее да изнесува информации од дискусии на владините седници. Администрацијата на Илинденска бб. мора да биде стручна и да не учествува во активности на политичка партија. Она што е нејасно е кој ќе им „суди”, имајќи предвид дека „огрешените” не подлежат под кривична одговорност.
– Овој документ е значаен зашто со него ќе се намали партизацијата на јавната администрација, проблем за кој повторно ќе има забелешка во следниот извештај на Европската комисија. Секоја европска држава има ваков кодекс со кој се придонесува за транспарентното работење на министрите и на функционерите – оценува за дел од дневните весници Борче Давитковски, актуелен декан на Правниот факултет.
Во прилог на тоа, свои етички кодекси имаат државните административци, локалната администрација, секоја државна институција како Агенцијата за државни службеници, како и полицијата, кој стои на видно место во секоја полициска станица, за да можат да го прочитаат не само полицајците, туку и граѓаните што треба да ги знаат полициските овластувања!

РАМКА 3
И новинарите со свој етички кодекс
СЛОБОДА НА ГОВОР – НЕПРИКОСНОВЕНО ПРАВО

Слободата на говор е неприкосновено право на новинарите, чие основно право е да ги почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите, да ги бранат човековите права, достоинството, да го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, да придонесуваат за јакнење на правната држава и контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Ова се дел од сегментите на Етичкиот кодекс за новинари, кој дефинитивно повеќе претставува слово на хартија, отколку ориентир за професионално новинарство!

 

АРХИВА Со судска алхемија, освен тигарот Спасов, сите други виновници останаа нечепнати од случајот „Нешковски“

$
0
0

Текстот е објавен на 20 јануари 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 864

Пишувал Жарко ЈОРДАНОСКИ

Ја знаете онаа славна дефиниција – „фудбалот е игра со топка, со 22 играчи и судија, во која секогаш победува Германија“? Според истиот терк, македонското судство може мошне прецизно да се дефинира како „правна игра“, поточно театарска претстава со обвинети, обвинители, бранители и судии, во која секогаш како победник излегува  – македонската Влада!

Ако некој смета дека ваквата дефиниција е претерана, нека ги погледне бројките на судските пресуди во кои, на пример, Република Македонија е тужена страна, и во колку од нив таа е прогласена за виновна. А потоа, колку од тие каде што е „невина“ паднале во судот во Стразбур. Ако и тогаш му останат некакви дилеми, слободно нека ја погледне целата постапка во случајот „Мартин Нешковски“, која, како што се вели кај нас, „финишираше“ неделава, со пресуда од 14 години робија за полицаецот- тигар Игор Спасов, обвинет за брутално убиство на младиот Мартин, извршено за време на прославата на партиската победа на ВМРО-ДПМНЕ по изборите на 5 јуни лани. Пресудата, а и целата постапка беше така шнајдерски скроена, така филигрански водена, само и само да ѝ се нанесе минимум политичка штета на владата и нејзиното Министерство за претепување, противејќи се притоа на моменти на правната логика, на, чувството за правичност и политичка одговорност, а на моменти и на здравиот разум.

БЕЗБРОЈ КРИВИЧНИ ДЕЛА БЕЗ РАЗВРСКА

Некој ќе рече, каква врска има овој случај со владата, па тука државата Македонија воопшто не се јавува како „странка“, ами му се суди на еден полициски службеник за пречекорување на овластувањата, кои за несреќа, завршиле фатално. Но, тоа само така изгледа, односно, вложени се огромни политички и јуристички напори, токму така да изгледа – дека државата нема врска со овој случај.

За тоа да се постигне, нашите  судски „германци“ имаа прилично сложена задача. Тие мораа да најдат начин да минимизираат, да игнорираат или да камуфлираат серија многу логични прашања, кои можат да бидат непријатни за власта, за надлежното министерство, прашања кои во секоја правна држава би морале да повлечат серија обвиненија за кривична одговорност, за несовесно постапување во службата, за злоупотреба на овластувањата. А во секоја одговорна демократија, би повлекле неколку гестови на политичка одговорност, оставки или разрешувања, во најмала рака од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, командирите на специјалната единица и слично.

САМО КРИЕЊЕТО НЕ УСПЕАЈА ДА ГО СОКРИЈАТ

За да не се поставуваат вакви и слични прашања, прво мораше да се ампутира секаква одговорност за очигледниот обид за забошотување на случајот, што беше направен од МВР, сосема свесно за тежината на злосторот. Сосема спротивно на процедурата, во редовниот билтен на МВР од 6 и 7 јуни немаше ниту збор за смртта на Нешковски. Во понеделникот портпаролот на МВР Иво Котевски на прес-конференција се огради дека таков случај не е пријавен и ги повика тие што имаат информации да го пријават. Споредно е дали портпаролот тоа го сторил свесно или и самиот не бил информиран. Некои сајтови, „квалитетно“ брифирани од полицијата објавија „спинувана“ вест дека за време на прославата на 5 јуни на некое момче „му се слошило“, и најверојатно умрело. Официјалните канали кон јавноста беа пристојно загушени, и да не беа оние другите, неофицијалните, смртта на Нешковски можеше да остане едно чудно „слошување“, не почудно од, да речеме самоубиство во кофа вода.

Но, отпрво на Твитер и Фејсбук, а потоа и на порталот Нетпрес, почнаа срамежливо да излегуваат парчиња од информации дека некое момче, по име Даниел, било претепано и оставено на Плоштадот. Потоа мрежите зовреа. Приказната ја подзеде и тогаш се уште живата А1, па работата излезе од (полициска) контрола. Да беше А1 „на време“ спастрена, можеше смртта на Даниел(името отпрво не се знаеше) да се претвори само во уште една урбана, интернет легенда, без епилог. Набргу почнаа и првите спонтани протести на кои се побара вистината за смртта на „Даниел“. Дури тогаш МВР сфати дека криењето не успеа и реши да признае дека убиството се случило.

Ова може да се смета за мала, но значителна победа на граѓанска Македонија против полициската држава, иако, според крајниот ефект, многу половична. И покрај маратонските протести, со кои граѓанството може да се гордее, никој не презеде политичка одговорност за срамната одлука да се прикрие едно убиство. Никому нема да му се суди за злоупотреба на службена положба и овластување и сокривање на информации од јавен интерес. Судиите и обвинителите направија натчовечки напори да ги превидат овие тешки кривични дела и успеаја да дојдат до крајот на судењето без да ги отворат тие прашања.

Патем, надвор од судницата, во политичките кругови, останува срамот што семејството на Мартин Нешковски, инаку приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, по партиска линија било „пријателски“ убедувано да замолчи, за да успее прикривањето на смртта на нивниот син! Што е тоа ако не е соработка во кривичното дело „прикривање“!?

„ЛОКАЛИЗИРАЊЕ“ НА ВИНАТА

Друга работа што мораше да ја постигне фарсичното судење на тигарот Спасов беше сета вина да остане само врз неговите широки плеќи, како најмалку штетна опција за власта. Вината да се локализира, за да не метастазира, да се изразиме медицински. Судските доктори на тој план направија чуда. Прво мораше Спасов да биде психолошки „извештачен“ како „психофизички здрав, ама емоционално незрел“, што е оксиморон од типот, „физички здрав, ама телесно болен“. Можеби ви звучи шашаво, што би рекол Ѓоле Иванов, ама функционира! Ваквата „дијагноза“ овозможи одговорноста за бруталното претепување на Матрин да остане „локализирана“ на Спасов. Доволно е нормален за да одговара, доволно нестабилен за да се објасни крвничкото тепање, а сепак не е претерано луд за да се постави логичното прашање кој е виновен што такви типови се вработуваат во нашата полициска менажерија. Така се заобиколи командната одговорност за нездраво однесување на еден државен службеник.

Се разбира, самата дијагноза не беше доволна. Уште една задача што требаше да ја изврши ова судење беше Спасов да нема никакви помагачи од редовите на полицајците кои биле на должност, за да може истрагата и обвинението да не се прошири и на нив, како што не се прошири. А тоа се косеше со многу сведочења на очевидците. Во текот на постапката, врз основа на сведочењата, семејството Нешковски поднесе кривична пријава против уште двајца полицајци, кои „критичната ноќ“ биле заедно со Спасов, и учествувале во целиот настан, но скопското обвинителство без пардон ја отфрли пријавата поради „недостиг на докази“. Сведочењата кај нас веројатно не се никаков доказ, ако некому така му одговара. Сосема беа игнорирани сведочењата според кои Мартин бил довлечен на местото каде е пронајден,  дека полицајците заминале без да му пружат помош. Се разбира, беше отфрлено тврдењето на тигарот дека и некој друг го удрил Мартин пред него, и тоа силно по носот, а вештачењето покажа дека токму тој удар бил фатален. Судот зеде дека Спасов сам го тепал момчето, а судската е последна. Не беа покренати други обвиненија за соучество, и тоа беше нов успех во локализирањето на делото, овојпат „по хоризонтала“.

„ПРИВАТЕН“ ЌОТЕК ОД СЛУЖБЕНО ЛИЦЕ!?

Друго исто така важно беше да се покаже дека Спасов го тепал момчето „приватно“, на своја рака, под ничија команда, дека во тоа никој не му помагал, ниту пак некој му дал таква наредба. За да нема проширување на обвинението по командна одговорност, односно вината да се локализира овој пат „по вертикала“. Тоа најдобро се постигнуваше ако се покаже дека Спасов воопшто не бил на работа таа вечер. А и ако бил, тоа го правел на волонтерска основа од преголема љубов кон Вождот, а не за плата. Токму затоа неговиот командир Игор Божиновски во сведочењето, мртов ладен соопшти дека Спасов не бил на должност, а тоа го повторија и неколку негови колеги, тигри, во изјави построени како под конец. Божиновски на најголем дел од прашањата одговараше со „не знам“, и „не сум дал таква наредба“. Така целиот случај на полициска бруталност со фатални последици се сведе на приватна тепачка на прослава, веројатно затоа што некој некого накриво погледнал. Сосема случајно, еден од степаните во „приватниот живот“ е полицаец. Каква вина тука може да имаат неговите шефови, кои таа вечер биле зафатени со многу поважни работи?

Можеби ви звучи смешно, ама и овој космодиск профункционира. Па така нема потреба да се навлегува во детали кој кого каде распоредил, со какви наредба, со какви задолженија и зошто. А кога одбраната побара да се стави на увид таа документација, за да се докаже дека навистина Спасов само се веселел на плоштадот, и никого не обезбедувал, беше повлечен аргумент дека таквата документација е „строго-пов“, „државна тајна“. Тонч! Спасов остана како риба на суво, полицаец-поединец со слаби нерви и силни тупаници, но не многу луд, во кавга со 22 годишно момче, кој знае околу што.

KOJ БЕШЕ „ГРЕВОТ“ НА МАРТИН?

Ако ви се чини дека токму тука – во мотивот за претепување на Нешковски, сега се отвора нова дупка, сосема сте во право. Ако е точна приказната на обвинението, дека Спасов не бил на должност, дека никого не обезбедувал, зошто би го тепал? Според сите искази, испаѓа дека гревот на Мартин, веројатно и самиот горлив вмровец, бил дека опасно му се приближил на премиерот Никола Груевски, односно „пристапил кон неовластено качување на бината“, што би рекле во К-15! Зошто во тоа би го спречувал специјалец што не е на должност!? Кој денеска ја сака толку својата работа па да ја врши и во слободно време, се разбира бесплатно!? Хм, нешто тука не штима.

Но, и оваа нелогичност ќе остане во аналите на нашето судство. Според некои шпекулации, што ги загатнаа блиски на семејството, Мартин не сакал само да го гушне премиерот, туку сакал нешто важно да му соопошти, нешто што не можел да го стори по регуларните канали, а се однесувало исто така на полициска бруталност, но истрагата никогаш не појде во тој правец. Ако има ронка вистина во тие шпекулации, и ако во таа насока се истражуваше, можеше да се покаже дека зад смртта на Нешковски се крие повеќе отколку несреќа при прекумерна употреба на сила од страна на полицаец. Но, и таа мистерија потонува во талогот на урбаните легенди, веројатно засекогаш!

 

 

 

АРХИВА Уште еден промашен проект на Тодоров: Лекарските обуки во странство се пералница за пари

$
0
0

Текстот е објавен на 06 ноември, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1048

Пишувал Ирена МУЛАЧКА

Пред три години, во февруари 2012 година, министерот за здравство Никола Тодоров ја посети болницата „Токуда“ во бугарската престолнина Софија, каде веќе неколку години како абдоменален хирург работи екс министерот за здравство во владата на СДСМ, Владо Димов, против кого беше покренато обвинение дека незаконски вработил членови од својата матична партија во струмичката болница. За иронијата да биде уште поголема, Тодоров со почнувањето на проектот за обуки на лекари во странство, најпрвин отиде во оваа болница каде се сретна очи во очи со Димов.

Оттука започна новиот „реформаторски“ подвиг на министерот, кој тргна на турнеја по реномираните болници во странство за да договара обуки на лекари, а на крајот сето тоа, зад затворени врати, со амин на Владата го внесе и во Законот за здравствена заштита. Тоа е еден од главните аргументи на владата на Никола Груевски, кој кога ги анализира состојбите во јавното здравство постојано се фали колку вложуваат во лекарите и нивната стручност со тоа што ги праќаат на скапи обуки во странство. Дури, и во последната партиска изборна програма „Избери дела“  проектот се истакнува како еден од најзначајните, кој придонесува за поквалитетно јавно здравство. Тоа редовно се слушаше и на митинзите, посебно во третата изборна единица каде министерот за здравство беше носител на изборната листа.

Но, да и погледнеме на реалноста во очи. По три години откако е воведен овој проект, работите во јавното здравство не мрднале од мртва точка. Повеќето од лекарите – стручњаци си заминаа во приватните клиники или на работа во странство, а тие што останале во Македонија постојано се жалат на лошите услови за работа и лекување на пациентите.

„Фокус“ истражуваше колку лекари досега заминале на скапи обуки во странство и колку народни пари се потрошени за овој проект. Зошто министерот за здравство ги обврзува лекарите задолжително да одат на едукации? Зошто воведува вртоглави суми пари како казни, за сите што не сакаат да одат на едукација или ако, пак, порано од предвиденото го напуштат јавното здравство? Дали на тој начин смета дека ќе го спречи одливот на медицински кадар од македонските болници?

ЗА ЛЕКАРСКИТЕ „ЕКСКУРЗИИ“ ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА

Повеќе од 1.500 лекари-специјалисти од 44 болници во последните три години заминаа на доусовршување во реномирани медицински центри во САД, Европа и Австралија за што досега од здравствената каса се потрошени повеќе од 1,5 милиони евра народни пари. Најчести дестинации каде што заминуваат лекарите се болницата „Гемили“ во Италија, потоа болницата „Флоренс Најтингел“ во Турција, болницата во Хамбург и клиниката Нинберг во Германија. Исто така, лекарите на едукации беа и во приватната болница „Сент Џон“ во Австралија и неколку болници во Америка и во Велика Британија. Обуките во странство во моментов се на сметка на Министерството за здравство, а секој лекар во зависност од тоа, во која болница престојува добива 500 евра месечно. Во трошоците се пресметани сместувањето, патните трошоци и еден оброк. Според проектот, престојот може да трае од еден месец до неколку години, во зависност од обуката.

Секој што ќе прочита, веднаш ќе помисли – колку многу ресорното министерство вложува во македонските лекари и постојано ги праќа на скапи обуки во реномирани медицински центри, и тоа на државна сметка. Но, дали е тоа навистина така и дали овој проект има друга позадина е најчестото прашање кое си го поставуваат повеќето лекари кои веќе ги посетиле обуките.

Некои од нив тврдат дека на тие обуки одат како на екскурзии, но ништо не научиле, затоа што немаат никаков пристап ниту до пациентите кои се лекуваат, ниту учествуваат во операциите, ниту пак лекарите кои работат таму им дозволуваат да им се мешаат во работата. Според нив, тие ги игнорираат, а назад во Македонија се враќаат само со еден лист хартија, наречен сертификат, а не со нови знаења. Со таа потврда го правдаат престојот во елитните светски медицински центри.

Нормално е дека секој лекар сака да се доусовршува во својата област и да оди на различни семинари и обуки во странство, но проблем е тоа што ние губиме по цел месец, па наместо нешто да научиме, ние си одиме на екскурзии и шетање. Повеќе ги гледаме знаменитостите во државата во која сме пратени, отколку што се обучуваме во болницата. Тие пари што ни ги даваа за таму, да ги вложеа во нашите болници немаше да имаме ваков колабиран систем – тврди лекар кој веќе ја поминал обуката и сака да остане анонимен.

Целиот процес почнува така што, од ресорното министерство со потпис од првиот човек во здравството до директорите на клиниките и болниците редовно стигнува писмо во кое се бара да се направи список на лекари кои наредната година ќе одат на обука во одредена болница во странство. Откако ќе се направи списокот, се враќа повратно во Министерството за здравство.

Според лекарите, тие на едукациите во странство можеле да учат само од гледање, затоа што нивните домаќини таму постојано ги игнорирале и ги третирале како „инвентар“.

– Како можеме да воведеме некој нов метод кога ќе се вратиме назад, кога ние немаме никаков пристап ниту до пациентите, ниту до медицинската опрема. Никој не научил само од гледање. Па, многу често се прашуваме зошто воопшто си ги трошиме парите и тоа наши народни пари. Не ги извадил министерот од својот џеб. Никој не е против обука, ама не ваква – додава истиот лекар.

За разлика од него, министерот за здравствоТодоров лани се пофали дека стекнатото знаење, лекарите го пренесуваат на своите колеги во матичната установа каде што работат, а новите методи што ги научиле таму веќе се применуваат во болниците.

Според статистичките податоци, во 2012 година на обука се испратени 69 лекари, во 2013 година – 501 лекар, а во 2014 година реализирани се 514 едукации. Последната година, според тврдењата на Груевски, на обука до септември биле испратени 600 лекари, а до крајот на годината таа бројка ќе се зголеми на 1.000 обуки во странство.

ЧАКАРОВСКИ: ОБУКИТЕ ВО СТРАНСТВО, ПЕРАЛНИЦА НА ПАРИ

Во последните неколку години, дел од лекарите го напуштија јавното здравство и заминаа на работа во приватните болници, а дел отидоа на работа во странство, во Германија, Италија и Канада каде земаат од 6.000 до 15.000 евра плата, во зависност од областа во која работат. Преплашен од заминувањето на лекарите, Министерот Тодоров ги воведе овие обуки, со што ги обврза – за едно доусовршување во реномиран медицински центар во странство, наредните неколку години да останат да работат во јавното здравство.

Дел од лекарите сметаат дека овој проект е промашена инвестиција на Министерството за здравство, а според нив, уште пострашно е тоа што никој не може да дојде до податоците – колку точно пари се потрошени.

– Од искуство на колегите, знам дека овој проект е промашен и претставува пералница на пари. Лекарите одат божем да научат нешто таму, а тие само седат и гледаат како се извршува некоја интервенција. За што се трошат парите, за гледање? Или, некој го користи проектот, за да дојде до паричка. Прво, нашата лиценца не важи никаде во светот, за ние да можеме да работиме по болници во странство – вели доктор Гоце Чакаровски од битолската Клиничка болница.

Според него, тие и така немаат доволно медицински персонал што ќе работи, а не, пак, да испраќаат лекари на обуки во странство.

Кај нас, пред некое време, од министерството побараа да се испратат лекари во странство на обуки, но не дозволија. И така нема кој да работи, а не и лекари да заминат во странство. Што ќе правиме тогаш, кој ќе ги лекува пациентите? Сите тие пари што ги дадоа за обуки во странство, од кои лекарите немаа никаква корист, да ги вложеа тука во болниците, немаше да имаме колабирано здравство  – додава доктор Чакаровски.

Со сличен став како неговиот е и поранешениот министер за здравство Ѓорѓи Оровчанец, кој смета дека овој проект е уште една популистичка мерка на владата на Груевски.

Како не им е срам да зборуваат и да ни презентираат дека рози цветаат во јавното здравство кога состојбата е катастрофална. Целта на овој проект е да ги задржат лекарите, затоа што и така нема кој повеќе да работи. Партизацијата е доведена до највисоко ниво, а последните години во здравството нема ништо ново, освен мртви – истакна Оровчанец.

Во јавноста се вртат муабети дека неколку странски болници во кои македонските лекари оделе на доусовршување ќе ги прекинат договорите со Министерството за здравство и повеќе нема да примаат документи и лекари од македонските болници. Една од болниците, за која најгласно се зборува е „Гемили“, лоцирана во италијанскиот град Рим. Нашите извори од таму тврдат дека болницата веќе подолго период планира да ја прекине соработката, но се очекува во најскоро време за тоа да го извести ресорното министерство.

ДРАКОНСКИ КАЗНИ ОД 25.000 ЕВРА ЗА НАПУШТАЊЕ НА ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

 Од лани, по директен налог на министерот за здравство Тодоров, околу 1.000 лекари и медицински персонал мораше да отидат на обука во странство, бидејќи во спротивно следуваат драконски казни и назадување во работата. Тој неколку пати на прес-конференции појасни дека нема да остане лекар во јавното здравство, што нема да отиде на едукација во странство. Тодоров нагласи дека вкупно 1.000 лекари од кои 800 доктори и 200 медицински сестри и болничари ќе одат на обука во некоја странска болница од својата област. Но, намерно или не, министерот не ги соопшти деталите за проектот.

Затоа, пак, „Фокус“ деталите ги пронајде во Законот за здравствена заштита и Законот за континуирано доусовршување во странство од полани, со дополнувања и измени во 2014 година. Според овој закон, член 179б, став 4, доктор на медицина, стоматолог и фармацевт што работат во терцијарно здравство, во рок од седум години за воведување нов здравствен метод или постапка имаат должност да поминат една година во странство на стручно доусовршување.

Во спротивно, ако во тие седум години лекарите не поминат една година на обука во странство, тогаш ќе бидат префрлени на секундарно ниво, односно на работа во поликлиники. Во Законот, исто така се наведува дека секој доктор е должен да оди на обука во странство. Ако случајно одбие, тогаш ќе се соочи со казна од 5.000 до 7.000 евра. Според законот, откако докторот ќе отиде на доусовршување, после тоа потпишува договор, дека во наредните три години нема да го напушти јавното здравство. Доколку се случи да си замине порано од тие три години, тогаш е должен да врати вртоглави 25.000 евра. Се ова е веќе објавено во Службен весник.

За да биде уште поапсурдно, сите лекари кои ќе отидат на обука мора да снимаат видео спот што ќе се врти на веб-страницата на ресорното министерство, презентација за методот што го усовршиле  и откако ќе се вратат од обука, мора да вршат едукации на своите колеги.

Но, ништо од сето ова не е чудно, затоа што откако Тодоров седна на министерското столче сите проблеми во јавното здравство ги „решава“ со драконски казни, без разлика дали се работи за специјализација или за обуки во странство. Најважно е здравствената каса или некој џеб да крцка!

Рамка:

СРПСКИ ЛЕКАРИ НЕ ДОЈДОА ДА РАБОТАТ ВО МАКЕДОНИЈА

Освен тоа што Министерството за здравство испраќа лекари на обуки во странство, сепак пред една година од таму пуштија оглас во кој бараа српски лекари да работат во болниците во Македонија. Во огласот се наведуваше дека лекарите мора да имаат десетгодишно искуство и да бидат од областа на офталмологијата, гинекологијата, ортопедијата и урологијата.

До ден денес, од министерството нема никаква информација дали некој од српските лекари се пријавил за работа и ако има такви, колкави плати земаат. Единствен лекар кој од Србија дојде да држи обуки во земјата е очниот хирург, кој пред неколку години му извршил операција на окото на таткото на Тодоров, Стојан.

Рамка:

„РЕФОРМИТЕ“ НА ТОДОРОВ НОСАТ МРТВИ ПАЦИЕНТИ

Екс министерот за здравство Ѓорѓи Оровчанец вели дека статистичките податоци покажуваат дека „реформите“ на Тодоров само ја зголемиле стапката на смртност во земјата.

Во овој момент, целото јавно здравство е во кома. За да се спаси ситуацијата мора да се направи целосна реорганизација. Фондот за здравство треба конечно да почне да си ја врши работата и да се грижи за пациентите. А, ако не сака, тогаш нека се укине. Исто така, мора кадровски да се реши проблемот, бидејќи за пет години ќе биде тотална катастрофа – додава Оровчанец.

АРХИВА Кои се новите членови на УМС на ВМРО-ДПМНЕ: Студентски активисти заробени во тело на партиски послушници?!

$
0
0

Текстот е објавен на 4 март, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1065

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 Нашата цел не е политичко здружување, туку нашата цел е да ја расветлиме целата вистина околу случајот за убиството на Мартин Нешковски. Ние сме незадоволни и револтирани од некои луѓе што се политички обоени од СДСМ“.

Со ваква изјава пред пет години, две недели по предвремените парламентарни избори на 5 јуни, 2011 година излезе Елена Милановска која остави посебно обележје пред камерите на телевизија „Сител“ кога не знаеше да каже која е причината што излегле на контра-протести и зошто им смета што неколку стотици млади луѓе подолг период протестираат против полициската бруталност барајќи правда за смртта на младиот Нешковски.

Не многу долг период по нејзината изјава, на социјалните мрежи осамнаа фотографии од Милановска „вооружена“ со вмровското знаме на себе, иако претходно тврдеше дека не е политички обоена и дека не учествува во никакви партиски активности, туку само сака на виделина да излезе вистината за смртта на 21-годишното момче.

Во периодот што следува, нејзиниот пример го следеа неколку млади луѓе од кои едни во неколку наврати ги „бранеа“ правата на студентите, други ги „бранеа“ правата на средношколците, а трети дури беа сместени во највисоките тела на Студентскиот парламент трудејќи се да им „обезбедат“ подобар живот на идните академски граѓани. Но, тоа што е најапсурдно во целата ситуација е што никогаш не заборавија да ги пофалат владините реформи во образованието. Тие ниту еднаш досега не се појавија на ниту еден студентски протест каде на улица излегоа околу 10.000 студенти, средношколци и граѓани, а не излегоа ниту еднаш да побараат објаснување од премиерот Никола Груевски за воведувањето на државниот испит на факултетите. Но, за таа цел уште на млади години добија по неколку функции и почнаа успешно да ги градат своите кариери.

„Фокус“ открива кои се луѓето што до вчера се „бореа“ за правата на студентите, а сега седат во функционерски фотељи? Дали тие цело време одработувале за партијата на власт, за да добијат работни места од соништата? Дали излегуваа на контра-протести, даваа изјави со поддршка на реформите во образовниот сектор, само за да се закитат со титула повеќе?

СТУДЕНТСКИ ПРАВОБРАНИТЕЛИ, ЧЛЕНОВИ НА УНИЈА НА МЛАДИ НА ДПМНЕ

Пред три недели, Извршниот комитет на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ е збогатен со неколку нови членови чии имиња се изненадувачки за јавноста, со оглед на тоа што дел од нив пред само две години се „бореа“ за правата на студентите. Со само еден клик на веб страната на владејачката партија можат да се забележат новите имиња на младите „вмровци“ за чиј избор одлучува претседателот на ИК на УМС, во овој случај Владимир Нелоски, кој го утврдува и вкупниот број на членовите. Нивниот мандат трае четири години со право на повторен избор. Тие имаат повеќе одговорности меѓу кои именуваат и разрешуваат  претседатели на Општински и Градски комитети, предлагаат ставови и заклучоци до Централниот комитет, го разгледуваат финансискиот извештај, формираат комисии и работни тела и ја координираат нивната активност…..

На листата можат да се најдат имињата на поранешни студентски правобранители, потпретседатели на Студентскиот парламент, како и сегашниот заменик министер за администрација, кои претходно во неколку наврати упорно тврдеа дека немаа никакви партиски активности, а цело време се кријат позади превезот на партијата.

Еден од новите членови кој се најде на листата на Извршниот комитет на Унија на млади сили на ДПМНЕ е Симона Јандревска, поранешен студентски правобранител која беше доста активна на ова поле, но повеќе во одбрана на владините реформи. Таа неколку пати истакна дека Македонија има потреба од реформи во високото образование и дека таа ги поддржува истите.

Сметам дека реформите за кои се залага Владата се на место и се вистински момент за нас младите. За време на праксата во Франција и Германија се соочував со проблеми затоа што немавме државен испит – тврдеше студентката за провладиниот „Курир“.

Јандревска истовремено работи како советник за правни работи во Кабинетот на премиерот Груевски, во меѓувреме исто така пишува колумни и за провладиниот сајт „Република“, а на нејзиниот фејсбук профил можат да се најдат фотографии и со партиските симболи на ВМРО-ДПМНЕ.

Јасно беше дека на тоа место се поставени луѓе блиски до владејачката партија. Тоа можеше да се забележи од нивното однесување кон студентите, начинот на кој жестоко ги бранеа реформите во образовниот систем, кои носеа само штета на студентите, потоа тоа што, наместо да застанат на чело на студентските протести, тие не дадоа никаква поддршка. А, еве сега гледаме за што се бореле цело време – истакна студент, кој сакаше да остане анонимен.

Оттука, се поставуваат прашањата, како студентите да им веруваат на преставниците на Студентскиот парламент и на студентскиот правобранител, кога се гледа дека одработуваат за владејачката партија? Како да се упатат со нивните проблеми, притисоци и закани, кога знаат дека нема да бидат ислушани? Зошто дел од нив кои треба да се залагаат за заштита на правата на студентите, на прво место ја ставаат партијата?

ЕДЕН ПО ЕДЕН СЕ СМЕСТИЈА НА ФУНКЦИИ

Јандревска не е единствената која се најде на листата на членови на Извршниот комитет на Унија на млади сили на ДПМНЕ. Кариерата по нагорна линија почна да се движи и за Јован Јаулески, поранешен потпретседател на Студентскиот парламент, кој се дефинира како здружение на граѓани од автономен, невладин и непартиски кадар формирано да се бори за правата и интересите на студентите. Но, баш Јаулески, кој неколку години се „бореше“ за студентските интереси се најде меѓу новите членови на ИК на УМС на ДПМНЕ.

Тој, исто така во периодот 2013/2014 година бил член и на некои тела на УКИМ, како што е Комисијата во која се одлучувало кои студенти ќе бидат сместени во студентските домови „Кузман Јосифовски Питу“, „Стив Наумов“ и „Невена Георгиева Дуња“, со што директно може да се поврзе со обвинувањата на повеќето од бруцошите и студентите дека местата во сите студентски домови се чуваат само за партиски членови и симпатизери.

Дел од нив постојано излегуваат во медиумите жалејќи се дека се обесправени при распределбата на легла, за што неколку пати досега поднесувале и приговори до Министерството за образование, но како што тврдат сѐ било за џабе.

Живеам сам со мајка ми во Неготино. Трета година сум на Филозофски факултет во Скопје. Досега, редовно ги завршувам студиите и имам висок просек. Немаме никакви приходи ниту јас, ниту мојата самохрана мајка. Епа, кажете ми уште колку треба да биде полоша мојата состојба, за да стигнам до кревет во студентски дом? Ме одбија на конкурсот, а не сфаќам зошто кога ги исполнувам потребните услови. Или, треба да ги сместат партиските членови – реагираше пред една година еден од студентите чие име не се нашло на списокот за сместување.

Но, тоа не е се. Според објавените информации на веб страната на партијата, на листата на нови членови се најде и Тимчо Муцунски, асистент на скопскиот Правен факултет, кој пред три месеци со изборот на технички министри и заменици министри, стана заменик министер за администрација во Министерството за информатичко општество.

Тој претходно беше доста активен на провладините медиуми како експерт кој редовно ја анализира политичката криза во земјава, преговорите што се водеа меѓу власта и опозицијата, студентските барања и протести. Муцунски веќе седум-осум месеци е редовен колумнист на провладиниот сајт „Република“, каде според напишаното може да се забележи дека редовно ги брани политиките на власта.

Тој, исто така е член и на Професорскиот контрапленум, каде што им даваше целосна поддршка на новите законски измени во високото образование, а ако се просурфа по интернет може да се најдат информации дека уште претходно бил дел од Унијата на млади сили на ДПМНЕ. На еден од интернет-порталите може дури да се прочита дека Муцунски преклани на 1 ноември бил на панел-трибина во Берово под мотото „Моја Македонија – Мои можности“, каде што биле најавени проектите за вработување на владата до 29 години, а Муцунски, според пишувањата во медиумите, бил модератор на трибината.

Пред неколку месеци, тој имаше и проблеми и со дел од професорите на Правниот факултет околу неговото работно место.

ЕДНИ СО ЕТИКЕТИ, А ДРУГИ ВО ФОТЕЉИ

Не стивнуваат негативните реакции меѓу студентите откако видоа кои имиња се најдоа на листата на Извршниот комитет на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се најмногу револтирани затоа што од дел од нивните колеги и од дел од професорите беа најчесто посочувани со прст на провладините медиуми дека се продолжена рака на СДСМ и дека излегуваа на протести за да ја бранат нивната политика, иако членовите на Студентскиот пленум јасно и гласно ги кажуваа своите барања и бараа средби со премиерот Груевски и министерот за образование Абдулаќим Адеми.

На повеќето од студентските протести тие беа заокружени со црвено сакајќи да алудираат на тоа дека се работи за партиски активисти кои се само тука за да потикнат револт кај другите студенти организирани од опозицискиот СДСМ и да најдат начин како да ја срушат власта под директна палка на Груевски.

– Не се плашете од етикетирање, кога нѐ етикетираат знаеме дека сме погодиле во сржта, каде нема како поинаку да се бранат. На наша страна се правото, критичното размислување и легитимитетот, да бараме да бидеме сослушани. Да покажеме дека студентите не се пасивизирана маса чија единствена цел е стигнување до парчето хартија наречено диплома, туку дека се свесни и активни чинители на едно општество и не дозволуваат да бидат обесправени! – тврдеа во тој период од Студентскиот пленум.

Од таму сметаат дека образованието е факелот на општеството кој се предава од една на друга генерација и оттаму образованието нѐ засега сите нас.

Затоа граѓани приклучете се! На маршот повикуваме секој да маршира како индивидуа – дозволена е само единствената значајна книшка – индексот! Студенти, донесете ги индексите! И знајте го ова, колку повеќе нѐ има, толку потешко е да нѐ заокружат!“ – поентираат од пленумот.

Иако, студентите не дозволија да се помисли дека нивните протести се партиски организирани, а дека тие се политички обоени, сепак во архивите на дел од провладините медиуми ќе останат да сведочат прилозите каде што идните академски граѓани кои само се бореа за своите права на секој можен начин беа етикетирани како „сдсмовци“ и „соросоиди“ кои дошле наводно со намера да ја рушат власта на Груевски.

Но, да завршиме како што почнавме. Сите тие студенти што досега излегоа на контра-протести и што тврдеа дека демонстрантите се политички обоени и сите тие што наместо да се борат за студентските права, ги бранеа владините реформи сега се дел од високи позиции во партијата или пак на високи функционерски места. Има разлика нели?

Рамка:

НЕЛОСКИ НЕ ОДГОВАРА НА ТЕЛЕФОНСКИТЕ ПОВИЦИ

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со сегашниот претседател на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски, за да ни објасни на која основа се изберени новите членови, како се избираат и зошто баш тие неколку се најдоа на листата на Извршниот комитет. Но, до затворањето на весникот не успеавме да добиеме повратен одговор на нашите прашања.

 

 

 

 

 

 

АРХИВА „Таргет“ на Јанева контра „Пуч“ на Зврлевски: Дали Мијалков ќе лежи 5 години во затвор наместо Заев?

$
0
0

Текстот е објавен на 26 ноември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1103

Кога во 2001 година, тогашниот опозициски лидер Бранко Црвенковски на прес-конференција ја откри аферата „Големото уво“, во која беа прислушувани стотина политичари, новинари и дипломати, тогашниот скопски заменик-обвинител, Марко Зврлевски, ја потврди веродостојноста на транскриптите и отвори истрага против тогашната министерка за внатрешни работи Доста Димовска и тогашниот началник на Управата за оперативна техника во МВР, Александар Цветков, обвинувајќи ги за нарачатели на прислушувањето.

Но, пред да се закаже првото судско рочиште, судијата доби решение за потпишана аболиција од страна на тогашниот претседател Борис Трајковски. И тука заврши сѐ. Имаше оштетени, бидејќи новинарите ја истераа правдата до крај и добија обесштетување, но немаше виновници, барем не со судска пресуда.

Петнаесет години подоцна, пак, аферата со прислушувањето се повторува, но овојпат надградена и проширена, односно таргет се илјадници прислушувани. Лидерот на опозицијата, овојпат Зоран Заев, повторно ја има улогата на пријавувач на скандалот, но наместо да го впери прстот во врвот на УБК, Зврлевски сега си креираше нов случај „Пуч“, во кој го гони пријавувачот на криминалот, Заев.

Но, по минатонеделната прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), истрагата за нелегалното прислушување го фати логичниот редослед, како и пред 15 години. Како нарачател е осомничен доскорашниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, а како извршители и соработници осомничени се уште деветмина вработени во Управата.

Зврлевски во 2001 година направи техничко вештачење кое покажа дека МВР и „Македонските телекомуникации“ поседуваат опрема за прислушување, а денес, ниту на крај памет не му падна да влезе во УБК.

Напротив, остави доволно простор опремата да биде уништена и да се сокријат трагите.

ДО 5 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА МИЈАЛКОВ И ЗА ГРУЈЕВСКИ

 Сепак, и по повеќе од една година, по откривањето на аферата за прислушувањето и чистење на „местото на злосторството“, Специјалното јавно обвинителство влезе во УБК, а обвинителите посочија и дека имаат доволно докази за да отворат истрага за нелегалното прислушување, која ја нарекоа „Таргет“.

Осомничени се десет сегашни и поранешни вработени во УБК на различни позиции, од највисоките до пониските ешалони. Тие се гонат за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, од член 353 став 2 од Кривичниот законик, за што е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години.

Иако од СЈО не ги споменаа нивните имиња, ниту, пак, ги соопштија нивните иницијали, што досега било пракса на истражните органи, сепак од нивните појаснувања може да се претпостави дека првоосомичен е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а второосомничен е Горан Грујевски, доскорашниот шеф на Петтата управа.

Истрагата на СЈО покажала дека од први јануари 2008 година до 31 декември 2015 година УБК незаконски прислушувала илјадници граѓани. Поточно, во овој период незаконски била следена комуникацијата на најмалку 4.286 телефонски броеви, а незаконски биле прислушувани уште и 1.541 граѓанин, за кои првично имало судска наредба, но продолжиле да им ги слушаат разговорите и по нејзиното завршување. Значи, нелегално биле прислушувани најмалку 5.827 граѓани, но бројката на оштетени се зголемува за неколку пати ако на нив се додаде и бројот на лицата кои комуницирале со телефонските броеви кои биле избрани како таргет (над 20.000 граѓани).

Прислушувањето се вршело преку три различни системи за следење на комуникациите. Првиот систем бил користен од почетокот на 2008 до крајот на ноември, кога без судска наредба биле прислушувани најмалку 229 телефонски броеви, и дополнителни 21, откако завршила судската наредба. Вториот систем бил во употреба од крајот на 2008 до крајот на јануари 2015 година, кога биле прислушувани 3.646 граѓани, а 1.268, надвор од периодот наведен во судските наредби. Третиот систем е користен до крајот на 2015 година, кога биле прислушувани 401 телефонски број, а 252 по завршетокот на законски дозволениот период.

СЈО: РАСПОЛАГАМЕ СО ГОЛЕМ БРОЈ ДОКАЗИ!

Доказите кои СЈО успеало да ги собере укажуваат дека тројца од осомничените, меѓу кои Мијалков и Грујевски, на вработени во УБК им давале наредби кои броеви да ги внесуваат во системот и да ги прислушуваат, без за тоа да постои судска наредба. Но, освен што давале усни наредби кои лица и во кој период да бидат прислушувани, имало ситуации и кога самите ја преземале работата во свои раце, односно лично ги внесувале броевите кои им биле таргет и ги слушале разговорите.

– Првоосомничениот кој бил на раководна позиција во УБК, иако немал никакво законско право, пристапувал кон слушање на телефонски разговори за кои не биле издадени посебни истражни мерки, а воедно давал и наредби за внесување на телефонски броеви во системот за следење на комуникации кои им припаѓале на лица со кои бил во блиски приватни односи, лица припадници на политичката, бизнис и новинарска фела во Македонија и други лица, велат од СЈО.

Оттаму додаваат дека второосомничениот, исто така раководно лице на оддел во УБК (Горан Грујевски) во многу случаи и самостојно го организирал прислушувањето, односно без учество на неговиот шеф.

Инволвираноста на Грујевски во аферата од СЈО ја поткрепуваат со докази кои покажувале дека тој бил запознаен со сите кориснички имиња и лозинки кои бил креирани за да се влезе во системот за следење на комуникациите, а истовремено бил автор и на посебниот начин на прибележување на незаконски прислушуваните разговори. Освен што наредувал, знаел и самиот да седне и да внесува броеви за прислушување.

Третото раководно лице, вмешано во аферата, е жена која, како и претходните двајца била на раководна функција. Нејзината задача била да дава наредби кои телефонски броеви да бидат ставени во системот, без за тоа да постои судска наредба, туку едноставно броевите до вработените ги доставувала напишани на обичен лист хартија. Дел од останатите осомничени најчесто биле задолжени да ги внесуваат броевите во системот, а дел да ја запишуваат содржината на разговорите, во транскрипти, кои подоцна наводно ги читале Мијалков и Грујевски.

Со години уиграната шема на прислушување била загрозена кога вработен во УБК зел дел од аудио записите и транскриптите од незаконски следените разговори. Потоа, му ги предал на друго лице, а тој, пак, преку трето лице, ги испратил до лидерот на СДСМ, Заев.

Покрај овие докази, на СЈО од голема корист им бил и компјутерот на второосомничениот, бидејќи во него останале траги кои сведочат за тоа дека во неговата канцеларија, на компјутерот, преслушувал дел од нелегално снимените разговори.

Од Специјалното јавно обвинителство уверуваат дека располагаат со доволно докази, за конечно да докажат дека прислушувањето е вршено во просториите на УБК, со службената опрема, по налог на раководните лица.

И покрај тешкотиите со кои се соочивме во предистрагата, сепак обезбедени се не само вербални, туку и многу материјални докази кои се во поткрепа на основаноста на сомнението, вели обвинителката Фатиме Фетаи.

Сепак, од СЈО признаваат дека работата дополнително им ја отежнало тоа што е уништен голем дел од доказниот материјал, односно уништени се два од трите системи за следење на комуникациите, за што, пак, се води посебна истражна постапка „Тврдина“.

Дел од доказите на специјалните обвинители им беа бришани и пред нос. Односно, на почетокот на годината кога ја почнале предистражната постапка, вработени во УБК бришеле податоци од серверите.

ТЕЛЕКОМ ОДБИВА ДА СОРАБОТУВА СО СЈО

Од СЈО информираа и дека еден од операторите одбивал да соработува, а како што дознаваме неофицијално, станува збор за Македонски Телеком. Наводно, од таму тврделе дека не располагаат со сите податоци кои од нив ги бара обвинителството. Токму затоа обвинителството од судија на претходна постапка побара налог за претрес во компанијата, но наместо брза реакција, како што е праксата во истражните постапки, од судот се уште не им одговориле на барањето. Од Кривичниот суд одбиваат и да одговорат кој судија на претходна постапка одлучува по барањата на СЈО за овој случај, упатувајќи не одговорот да го бараме од обвинителството, иако станува збор за нивен вработен.

Доколу СЈО изврши претрес во Телеком и открие дека сепак постојат податоците кои ги бараат, тогаш се отвора можност за кривичен прогон на одговорните лица. Главен извршен директор на Македонски телеком е Жарко Луковски, кумашин на Сашо Мијалков.

Но, она што е нејасно е зошто компанијата наеднаш решава да не постапува по барањата, бидејќи во март годинава, кога СЈО го презеде предметот „Пуч“, обвинителката Ленче Ристоска истакна дека се задоволни од соработката. Официјално, пак, од компанијата велат дека одговориле на сите барања на СЈО.

Инаку, телефонските оператори како правни лица веќе не можат да одговараат за нелегалното прислушување. Според член 175 од Законот за електронски комуникации, донесен во февруари 2014 година, операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи и на сопствен трошок да обезбедат опрема и да ја одржуваат. Ова значи дека законски се обврзани да му овозможат бланко приклучок на УБК, без да прашаат дали тој приклучок се користи законски. Претходните законски одредби предвидуваа одговорност на компанијата, поради што приклучувањето на телефонски броеви во системот за следење на комуникациите се одвиваше по претходно добиен судски налог и со контрола на надлежни лица, вработени во телефонскиот оператор.

Бидејќи сега операторите немаат можност да ја контролираат работата на УБК, во законот за нив не е предвидена ниту кривична одговорност. Сепак, предвидена е парична казна, односно глоба од 7 до 10 проценти од вкупниот годишен приход, доколку на своја рака компанијата врши незаконско и неовластено слушање, следење, чување, снимање, задржување или секој облик на пресретнување или надзор над комуникациите.

Сепак, не се амнестирани од кривична одговорност доколку одбијат соработка со надлежен истражен орган, односно ја попречуваат истрагата или уништуваат докази.

 ПРИСЛУШУВАЊЕТО ПРОДОЛЖИЛО И КОГА ОБВИНЕТИТЕ ОД „ПУЧ“ БЕА ВО ПРИТВОР

 Од СЈО истакнуваат дека оваа истрага неминовно ќе има импликации врз судската постапка за предметот „Пуч“, во кој за неовластено прислушување се обвинети лидерот на СДСМ, Заев, Зоран Верушевски, поранешен прв човек на ДБК, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во МВР и струмичанецот Бранко Палифров.

Според обвинението за „Пуч“, потпишано од обвинителот Златко Биковски, од 2010 година, па се до јануари 2015 година, вработениот во МВР, Звонко Костовски, кој во издвоена постапка се договори со обвинителството и прифати да оди три години во затвор, бил поттикнат од Верушевски и Лазаревски неовластено да слуша и прислушува телефонски разговори на владини функционери, но и на членови на опозицијата. Наводно, Звонко прислушувал, и тоа цели четири години, па снимките му ги давал на Лазаревски, кој му ги предавал на Верушевски. Тој, пак, според обвинението прибавувал тајни податоци и документи со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација и лице кое им служи, а неговата сопруга ги преведувала на англиски јазик. Обвинетиот Заев, пак, ги искористил снимките за да го уцени и присили премиерот Груевски да формира техничка влада. Накратко, тоа според обвинителството е „гревот“ на обвинетите.

По прес-конференцијата на СЈО, фактичката состојба е видно изменета, односно за едно кривично дело постојат две различни групи осомничени. Ваквата состојба е недозволена, бидејќи не може за прислушувањето да одговараат и едните и другите.

Од правниот тим на Заев очекуваат обвинението за „Пуч“ да падне во вода, односно прогнозираат дека СЈО ќе го редизајнира постоечкото обвинение, поточно за дел од обвинетите ќе го повлече обвинението, а на нивно место ќе ги гони новите осомничени.

Во прилог на Заев и на останатите осомничени во „Пуч“ оди уште еден многу важен елемент кој беше откриен со истрагата на СЈО. Поточно, од прибраниот доказен материјал произлегува и сомнение дека незаконското следење на комуникациите продолжило и после обелоденувањето на аферата со прислушувањето, а не запрело ниту кога дел од осомничените во „Пуч“ беа ставени во притвор, што покажува дека не можеле во исто време и да бидат зад решетки и да прислушуваат.

Поточно, на 31.12.2015 година незаконски биле прислушувани вкупно 138 телефонски броеви, а доказите кои ги поседуваме покажуваат дека процесот на злоупотреба на системот за следење на комуникациите продолжил и во 2016 година, вели обвинителката Фетаи.

ГРУЕВСКИ ВО НЕБРАНО

Специјалната обвинителка Катица Јанева досега во неколку наврати беше спречена во судница да го открие понатамошниот тек на „Пуч“, бидејќи рочиштата постојано се одложуваа. Еднаш главната расправа се одложи бидејќи се разболе поротник, а последниот пат, повторно „виновни“ беа поротниците, односно откако еден од нив решил да се повлече од лични причини, од судот експресно му најдоа замена и тоа не еден, туку двајца, но сосема случајно ги избраа без да поседуваат безбедносни сертификати. Судијката со големо жалење соопшти дека е принудена судењето да го одложи на неопределено?! И по речиси еден месец од судот се уште не закажале датум.

На последната главна расправа за предметот во јавноста познат како „Пуч“ беше кажано дека главната расправа се одложува на неопределено време бидејќи двајцата новоназначени судии – поротници се уште не ги добиле неопходните безбедносни сертификати за да може да постапуваат, и како што и претседателот на советот извести, веднаш по добивањето на неопходните сертификати дополнително ќе биде закажано продолжение на Главната расправа за што ќе се испратат покани до странките и јавноста ќе биде информирана, ни одговорија од Основниот суд Скопје 1.

Ова е официјалната верзија за одложувањето, а неофицијалната е пред избори да не се доведе во непријатна ситуација лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој на судењето е повикан во својство на сведок и тоа од специјалната обвинителка Јанева.

Груевски тука е фатен во небрано, бидејќи ќе биде ставен во мат позиција кога ќе треба да одговори на прашањето дали прислушуваните разговори, на кои го слуша својот глас се релевантни или не? Доколку одговори дека се вистинити, тогаш посредно ќе признае оти сите досегашни обвинувања за криминални активности кои се наслушнаа од разговорите имаат поткрепа, а доколку, пак, негира, односно ако и натаму стои на тезата дека разговорите се сечени, лепени и монтирани, и тоа на места каде што нему му одговара, тоа многу брзо ќе падне во судница, зашто вештачењата што ги нарачала СЈО веќе докажале дека снимките се автентични. Тоа е главната причина зошто не почнува судењето за „Пуч“.

Груевски за аферата остана недоискажан, иако уште одамна вети дека на сите дополнителни прашања ќе одговори во судница, но тоа никако да се случи.

-Ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и меѓународната јавност и ве повикувам да го следите случајот и да ги гледате доказите, да ги препознаете шпекулациите. Од денес ќе слушате секакви шпекулации, но вистината за сè ќе излезе на виделина“, изјави Груевски, пред речиси две години.

Истото Груевски го повтори и на 25 февруари лани, откако лидерот на СДСМ почна да ги објавува „бомбите“ во јавноста. Во меѓувреме, снимките од ПИМ мерките спроведени во неговиот кабинет беа објавени на Јутјуб, а тој неколкупати раскажуваше детали од разговорот со лидерот на СДСМ, објаснувајќи што од она што му го кажал Заев било „точно, делумно точно, а што неточно“.

Груевски не може да поверува дека првиот човек на опозицијата отворено зборувал дека соработувал со странски служби. Но, шест месеци подоцна, во интервју за порталот Прес 24 тој ја отфрли сопствената првична изјава која се однесуваше на странски служби кои патролирале со жолти комбиња, образложувајќи го својот став дека тие не се организатори на прислушувањето:

-Во денешно време на огромен технолошки напредок на најголемите суперсили во светот во разузнавачко безбедносната и телекомуникациска сфера, меѓу кои ги вбројувам и овие 4 земји, мислам дека не им е потребна осомничената агентурна мрежа во Македонија, доколку одлучат да дојдат до таков вид материјали. Оттука, нема логика тие да стојат како организатори на овој процес. Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа.

Сепак, Груевски додаде дека не се повлекува од тезата дека странска служба стои зад ова сценарио:

Не. Таа теза е базирана на три нешта. Прво, дека самиот Заев ми кажа и пет пати ми повтори дека странска разузнавачка служба го снабдила со материјалот. Второ, во самите компјутери на првоосомничениот најдени се транскрипти од телефонски разговори на политичари преведени на англиски јазик кој се користи во меѓународната комуникација и помеѓу држави каде англискиот не е официјален јазик, очигледно наменети за странци. И трето, во исказите двајцата од осомничените, а едниот од нив и со судска пресуда, се кажува дека самиот Верушевски им говорел дека материјалите кои тие илегално ги снимале, за што признаа дека примале и паричен надомест, се наменети за странска разузнавачка служба. Тоа се искази на неговите соработници.

По сечените, лепените и монтираните изјави на Груевски, се очекува и неговото сведочење во судница. Интересно ќе биде да се слушне, дали и кога на обвинителна клупа ќе седне неговиот соработник и братучед Мијалков, и понатаму ќе стои на ставот дека прислушувањето било помогнато од странските служби? Да не излезе народната, „Некој меѓу нас, не е наш“!

Рамка

ОСУДЕНИОТ КОСТОВСКИ СÉ УШТЕ НА СЛОБОДА

Дека незаконското прислушување се вршело во и со опрема на Петтата управа се тврдеше и во осудителната пресуда на Костовски.

Според обвинителниот акт, веќе осудениот Костовски по барање на Верушевски и Лазаревски во постоечкиот систем за следење на комуникациите на МВР внесувал телефонски броеви на повеќе лица.

Костовски се очекува во новото обвинение да се појави во улога на сведок, иако останува нејасно дали ќе се изнајде правна можност претходно да се поништи спогодбата со која беше осуден на тригодишна затворска казна.

Во моментот, Костовски не е во затвор, бидејќи по амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов беше пуштен на слобода, а по нејзиното повлекување, не се врати назад.

Од Основниот суд Скопје 1 пред неколку месеци ни одговорија дека му бил доставен упатен акт за да се јави на доиздржување на казната, но тој поднел молба за одложување во рок од три месеци, при што во жалбата навел дека тој е единственото лице кое се грижи за здравствената состојба на својот татко. По одбивањето на неговата молба, Костовски поднел жалба.

Според проверките кои ги направивме во Одделението за извршување санкции од каде е издаден Упатен акт за лицето да се јави на доиздржување на затворската казна, истиот до судијата за извршување санкции упатил молба за одлагање на спроведувањето кое било одбиено

од судијата. Па истиот вложил и втора молба за одложување која исто така со решение на судијата од 25.10.2016 година била одбиена по што лицето вложило жалба на решението. Постапувајќи по оваа жалба Кривичниот совет на овој суд, на 16.11.2016 година ја одбил жалбата како неоснована. Обвинетиот има рок од 8 дена по правосилноста да се јави на доиздржување на казната, велат од Кривичниот суд.

Рамка

ЗОШТО ГРУЕВСКИ НЕ Е МЕЃУ ОСОМНИЧЕНИТЕ ВО „ТАРГЕТ“?

Кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги презентираше т.н. бомби, односно прислушуваните разговори, речиси секогаш истакнуваше дека незаконското прислушување го нарачувал Сашо Мијалков во соработка со тогашниот премиер Никола Груевски.

Имаме докази дека зад гигантското прислушување стојат Никола Груевски и Сашо Мијалков, а не како што лаже премиерот дека зад тоа стојат странски служби, рече Заев, презентирајќи ја 27-та бомба, на 28 април минатата година.

Тој тогаш нагласи и дека пред една недела до Јавното обвинителство поднеле и 13 необјавени дотогаш аудио снимки, кои, како што рече, биле доказ кој стои зад прислушувањето. Повеќепати Заев говореше и за тоа дека Груевски бил корисник на материјалите од прислушувањето, дека добивал транскрипти од прислушуваните разговори. Па, затоа сега е нејасно, зошто СЈО со истрагата не го опфати и Груевски, односно зошто и тој не е осомничен во случајот „Таргет“?

АРХИВА Лекари во фамилијарна мисија: Менаџерите на болниците нишаат партиска врата за сто и една плата!

$
0
0

Текстот е објавен на 9 демекври, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1105

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

За време на изборната кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски не прекина да води пропаганда дека претседателот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев сака да го отпочне патот кон федерализација на државата и да воведе двојазичност на целата територија. Истата пропаганда ја тераат и провладините медиуми, кои за да потврдат дека тоа ќе се случи, редовно викаат гости во своите медиуми, кои низ примери објаснуваат каква штета со ваквиот потег може да и се нанесе на државата, а на тој начин единствено ќе страдале граѓаните.

Меѓу нив се најдоа имиња на лекари, професори, директори кои повеќе од десет години се во одбрана на политичките бои на власта, ги поддржуваат нивните политики, ги принудуваат колегите да гласаат за владејачката партија, ги убедуваат граѓаните да најдат по 15 гласачи, ако сакаат да добијат вработување или да го задржат веќе постоечкото. Таквата пропаганда, уцените и заканите не ги одминаа ниту вработените во здравствениот сектор. Повеќето од лекарите можат да се видат на телевизија како продолжуваат да спинуваат – што може воведувањето на двојазичноста да предизвика во операционите сали, па дури одат дотаму дека тоа ќе донесе поголема смртност на пациентите, додека, пак, други роварат по скопските клиники и се задолжени за привлекување поголема гласачка машинерија.

Но, голем проблем во целата приказна претставува тоа што на нив воопшто не им пречи тоа што јавното здравство се распаѓа, што тоне во долгови, што пациенти, родилки, бебиња умираат на секој чекор, а лекарите немаат со што да работат. Најголем проблем било воведувањето двојазичност, иако и тоа е добро спинувано и спакувано од владејачката партија.

Сепак, за тоа што со години одработуваат за власта, лекарите се и добро наградени, некои од нив со повеќе од седум функции, како претседатели на лекарски комисии, членови на управни одбори, советници, судски вештаци… Сѐ според заслугите.

 КАМИЛОВСКИ: ДВОЈАЗИЧНОСТА ЌЕ ГИ УБИЕ ПАЦИЕНТИТЕ

Пред неколку дена, трауматологот Виктор Камиловски, кој веќе со години е еден од ударните тупаници на ВМРО-ДПМНЕ, имаше интервју на Сител телевизија каде што објаснуваше каква штета на пациентите може да им нанесе воведувањето на двојазичноста на територијата на целата држава. Тој во име на лекарите ги објасни последиците, тврдејќи дека на тој начин ќе се отежнела работата во операционите сали.

Тоа би значело утнување на многу дијагнози, бидејќи јас треба да го прашам пациентот, да му земам анамнеза на јазик на кој јас не го говорам и уште потрагично тоа би значело во операциона сала на инструментарката Албанка да ѝ побарам инструмент на јазик кој не го говорам. Во тие критични моменти, тоа би значело дека може да се загуби човечки живот. Тој што го прокламира ова, многу згрешил, нека ги тргне рацете од здравството, докторите, медицината. Тоа значи смрт на пациент кој легнал на операциона маса. Кој ќе одговара? Лекарите се ептен уплашени од оваа идеја бидејќи ќе останат на улица, оти не го говорат јазикот – истакна Камиловски.

Од друга страна, пак, неговото интервју предизвика голем револт кај неговите колеги, кои тврдат дека тоа што го кажува Камиловски не е точно, дека одработува за партијата на власт и дека претставува срам за струката и за целата лекарска фела.

Тој е срам за струката. Но, од него ништо подобро не може ни да се очекува. Денес забранив кај нас во операциона сала да се зборува на албански јазик за доброто на пациентите. Не смееме да им го ризикуваме животот. Колегите прифатија и ќе зборуваат албански само надвор од сала – тврди абдоменалниот хирург Милчо Пановски.

Но, ајде да се потсетиме кој е трауматологот Камиловски и колку функции доби во последните десетина години откако ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година дојде на власт. Тој работи како трауматолог во болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, каде што пред неколку години беше и директор, но мораше да ја напушти директорската фотелја за да го задржи советничкото место во Општина Аеродром, откако ДПМНЕ побара од сите функционери да направат избор и да се откажат од една функција. Камиловски, исто така, е претседател на Советот во истата општина од редовите на владејачката партија, од каде што во последните неколку години потекнаа бројните идеи за изградба на луксузни паркови, фонтани, цркви за што се потрошени милиони евра народни пари.

Но, неговите функции не завршуваат тука. Тој во своето „слободно“ време работи и како судски вештак во Кривичниот суд, а истовремено работи и како лекар на повик во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Но, и тоа не е сѐ. Камиловски е претседател на Комисијата за здравство во ДПМНЕ, а член е и на една од комисиите за лекување во странство. Неговото име беше цел на напади и во периодот кога почина малата Тамара Димовска од Велес, која имаше искривен ’рбет и цели три години водеше битка со надлежните институции и лекарските комисии за да добие одобрение за лекување во странство. Деветгодишната Тамара почина за 30.000 евра, кои требаше да ги добие од државата, а Камиловски беше меѓу лекарите во комисиите што ги одбиле барањата.

Тој дури двапати се најде на листата на министерот Тодоров меѓу стоте најдобри лекари, за што како награда на трансакциска сметка доби двапати по 500 евра. Камиловски беше и еден од организаторите на контраштрајкот на лекарите пред Министерството за здравство, кои протестираа против своите колеги давајќи му поддршка на Тодоров за проектот плаќање по успешност. Тој честопати досега застануваше во одбрана на ресорниот министер, а пред неколку месеци, откако од министерот беше побарана оставка поради зголемениот број починати родилки и новороденчиња, Камиловски дури упати отворено писмо до јавноста со поддршка за Тодоров. Во писмото тврдеше дека нападите врз министерот се паушални и дека тој не е виновен за ништо што се случува во јавното здравство.

ЗДРАВСТВОТО ВО ДОЛГОВИ, ЕКОНОМСКИТЕ ДИРЕКТОРИ СО ПЛАТИ ОД 1.500 ЕВРА

Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, кои имаат 56 директори и 142 члена на управните одбори. До тоа дојде, откако „вмровците“ инспирирани од менаџирањето на банките, одлучија истиот систем да го применат во јавното здравство, така што болниците добија по двајца директори, еден стручен и еден економски директор. Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето. Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники. Пред да стапат на функција, за нивните шестмесечни курсеви беа потрошени 200.000 долари.

Според сликата што може да се види на терен и според коментарите на лекарите, во директорските фотелји се сместени партиски војници, кои наместо да имаат контрола над финансиското работење, тие во последните години ги зголемиле долговите на вртоглави 50 милиони евра. Лекарите обвинуваат дека економските менаџери повеќе се „бореле“ да го спречат штрајкот на лекарите во 2012 со закани за откази и притисоци врз вработените и за казнување на лекарите „непослушници“.

Нестручни, амбициозни, но алчни за моќ. Ваков е профилот на повеќето менаџери во јавното здравство, кои иако се анонимни за јавноста, сепак имаат голем придонес за случувањата на клиниките и за лошото финансиско работење. Според нашите информации, платите на менаџерите на клиниките се движат од 1.000 до 1.500 евра, што значи дека само за една година од буџетот во здравството за нивните плати се одлеваат повеќе од 1,5 милион евра.

Една од директорките е Анита Поповска, која повеќе од осум години е менаџер на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза. Таа е сестра на сопругата на министерот за здравство Тодоров, Александра, која, пак, работи на Институтот за патологија, каде што директорка е вујната на првиот човек во здравството Гордана Петрушевска. Поповска не е позната во јавноста затоа што секогаш се држи настрана од случувањата, не сакајќи нејзиното име да се провлекува по медиумите.

На листата економски менаџери може да се најде и името на Никола Ташев, кој неколку години беше менаџер на скопската Инфективна клиника, а речиси една година управува со финансиите на Клиниката за токсикологија. Според нашите информации, неговиот мандат е истечен од јуни годинава, но тој сѐ уште не ја напушта директорската фотелја, иако функционира како незаконски овластен потписник на сите документи.

Неговото име протече во јавноста откако неколку лекари од клиниката се пожалија дека се под постојани притисоци и закани од него, а кога дошол на клиниката, им ја зел канцеларијата на дежурните и си ја присвоил за себе. Дури, еден од лекарите, Нестор Поповски, во март годинава јавно обвини дека Ташев го избркал како партал од Стручниот колегиум без никаква причина.

– Економскиот директор свика Стручен колегиум на кој почна да вика на цел глас, а јас уште не знаев зошто викаше. Во еден момент ме повлекоа од столот и ме исфрлија надвор без никаква причина. Јас во животот не сум слушнал такво викање. Нема да дозволам некој да ме навредува и понижува по 37 години работно искуство. Откако дојде директорот, прави што сака на клиниката и никој ништо не му може. Ташев пали и гаси на Токсикологија – тврдеше пред неколку месеци за „Фокус“, доктор Поповски.

Тогаш од Токсикологија го демантираа Поповски, но затоа Лекарскиот колегиум уште еднаш потврди дека доктор Поповски бил избркан, со што е нарушен неговиот углед и дигнитет по 37 години работен стаж на клиниката.

САМО ГИНЕКОЛОГИЈА БЕЗ ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОР

Економските менаџери на скопските клиники, како што тврдат нивните колеги, имаат голем придонес во задолжувањето на клиниките, кои во моментот немаат основни материјали за работа, гази, инфузии, инјекции, лекови, а како што тргнала работата, не е чудо да останат и без струја, вода, парно…

Меѓу нив е и директорот на скопската Клиника за Дигестивна хирургија, Ѓорѓе Босилијанов, кој во јавноста стана познат за време на штрајкот на лекарите во 2012 година. Тие во тој период го обвинуваа за притисоци и закани врз нив, бранејќи им да го изразат своето законско право. Директорот јавно во клиниката се заканувал пред сите вработени, па дури и потврдно одговорил кога го прашале дали за таа задача е поставен како менаџер на клиниката.

За да се види ефектот од менаџерите и нивната „успешно“ завршена работа, лекарите велат дека прво треба да се погледнат долговите во клиниките и болниците.

Здравствените менаџери беа само популистичка мерка на оваа влада. Според нив, на овој начин во болниците ќе се работело домаќински. Е, дури сега гледаме колку се работи домаќински. Болниците и клиниките ќе останат без основните услови за работа, што ќе удри најмногу по грбот на пациентите. На овој начин прават само додатни трошоци. Еден економски директор зема плата од 100.000 денари, а лекар-специјалист од 40.000 денари, а од нив зависи животот на пациентите. Сѐ додека политиката е вмешана во болниците, тие ќе работат неуспешно – вели лекар, кој сакаше да остане анонимен.

Единствена клиника која нема економски директор е скопската Клиника за гинекологија. Таа веќе четири години е управувана од в.д. директорката Марија Хаџи-Лега, која се води како стручен директор. На нејзина адреса честопати пристигаат обвинувања од вработените, кои се жалат на нарушени меѓучовечки односи, лош третман, закани и притисоци… Хаџи-Лега беше уште една од директорките, која јавно водеше битка против штрајкот на лекарите и меѓу првите кои присуствуваа на контрапротестот пред ресорното Министерство за поддршка на проектот плаќање по успешност.

По воведувањето на проектот врзан потпис за менаџерите постоеше правилото дека ако во првите шест месеци од работењето покажат негативни финансиски резултати, автоматски ќе бидат сменети од функциите. Но, според досегашната практика, тоа воопшто не се случи и досега ниту еден од економските менаџери не беше сменет од функцијата.

Како и да е, факт е дека болниците тонат во огромни долгови, дека немаат основни материјали за работа и дека пациентите сами си купуваат лекови, инфузии, гази. Од друга страна, во извештаите за работата на болниците се наведуваше дека дел од економските менаџери трошеле народни пари за купување возила. Ете, тоа е „реформираното“ македонско здравство.

Рамка:

КЛИНИКИТЕ СО В.Д. ДИРЕКТОРИ

Дел од директорите на клиниките, иако со години се на оваа функција, сѐ уште се водат како в.д. директори. Никој нема објаснување зошто нивната ситуација не се менува и по четири-пет години „владеење“ со клиниките. Пред два месеца, во еден од дневните весници е објавен конкурс за избор на нови директори на речиси сите клиники, но дали поради предвремените парламентарни избори или поради нешто друго, овој процес се одложува.


АРХИВА Како Диме Спасов успеал да им избега на полицајците?

$
0
0

Текстот е објавен на 4 ноември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1100

Пишува Валентина ВУРМО

Пред три месеци, најмладата шведска министерка, со босанско потекло, 29-годишната Аида Хаџиалиќ поднесе оставка бидејќи возела под дејство на алкохол. Полицијата од Малме, во рутинска контрола кај неа утврдила присуство на 0,2 промили алкохол во крвта, што се смета за престап во Шведска.

-Тоа беше најголемата грешка во мојот живот и ќе ја преземам одговорноста. Ја најавувам намерата да поднесам оставка на министерското место. Разбирам дека многу луѓе се разочарани од мене и лута сум на себеси и секако длабоко жалам за тоа, изјавила Хаџиалиќ.

Шведскиот премиер Стефан Лофнен изјави дека не се обидел да ја спречи министерката да поднесе оставка, коментирајќи дека нејзината одлука покажала дека е искрена и треба да биде пофалена.

Доскорашниот најмлад министер во Македонија, а сега актуелен дополнителен заменик, 31-годишниот Диме Спасов, пак, не жали за своите постапки како неговата млада шведска колешка. Воопшто не му е жал, а богами и срам што оштети два автомобила, што не застана да се соочи со луѓето на кои им наштетил, што избега од полицијата, и тоа со трчање, што натера друг да ја преземе одговорноста за неговото дело, што надвор од работно време возеше службен автомобил, но и што свесно избегна да направи алкотест, и згора на сѐ, по дури 20 часа се појави на разговор во полициска станица.

УРИНАТА И ПО ПЕТ ДЕНА ЌЕ ПОКАЖЕЛА ДАЛИ СПАСОВ БИЛ ПИЈАН

И не само што не поднесе оставка, Спасов не почувствува ниту одговорност да се обрати и да се извини пред јавноста за своето однесување. Но, не само што тој не се сети да понесе морална одговорност, на тоа не го натераа ниту неговите поискусни и постари партиски колеги од ВМРО-ДПМНЕ. Ваквото однесување е и очекувано, бидејќи тие изградија култура на непризнавање вина, и тоа и во случаи кога биле фатени, што се вели, со „спуштени панталони“. Напротив, наеднаш стануваат жртви, а виновникот, како и секогаш, е СДСМ.

Но, да потсетиме накусо што точно се случи во петокот вечерта.

Според официјални информации од Министерството за внатрешни работи, во 23.20 часот, возач се јавува во полиција и пријавува дека во близина на Градскиот парк во Скопје, додека возел, бил удрен од џип „туарег“, кој се движел од спротивниот правец. По сообраќајната несреќа, возачот на „туарегот“, Спасов, не застанал, по што оштетениот тргнал по него. Но, набргу Спасов прави и втора сообраќајка, удирајќи во автомобил „рено“, по што без да застане, продолжил да вози кон улицата Алжирска, каде што бил запрен од полициска патрола.

Полицајците во записникот напишале дека од „туарегот“, во сопственост на Агенцијата за вработување, излегол дополнителниот заменик-министер Спасов и сопатничката Т.К. Според нив, Спасов самиот им кажал дека тој го возел автомобилот. Но, наеднаш се случува драма. Додека полицајците го утврдувале идентитетот на сопатничката, заменик-министерот, разговарајќи на мобилен телефон, се оддалечил од возилото неколку метри, а потоа почнал да бега. Да, да и тоа колку што го држеле нозете. Полицајците, заедно со екипа на единицата „Алфа“ тргнале по него, ја пребарале околината, но не го пронашле.

По два часа настанува заплетот, бидејќи на местото каде што Спасов го оставил автомобилот и сопатничката се појавил вработен возач од Министерството за труд и социјални работи и се пријавил дека тој го возел „туарегот“?! И покрај неговото упорно тврдење, полицајците констатирале дека не знае детали за сообраќајките, а им верувале и на своите очи бидејќи кога го запреле автомобилот од него излегол Спасов, а не оној кој се пријавил за „жртвено јагне“. Господинот што сакал да му се најде на заменик-министерот не бил негов личен возач, туку возач во Министерството, кој, пак, во моментот не е на работа, туку заминал на боледување. Најверојатно му се слошило откако се свестил во каква каша се вмешал.

Според неофицијални информации, Спасов преку функционери во МВР, од неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ дал ветување дека утредента во 10 часот ќе се појави на распит во полициска станица, но не го одржал ветувањето. Се појавил дури вечерта во 20 часот.

Она што останува нејасно е зошто Спасов чекаше да поминат дури 20 часа од инцидентот, па дури тогаш да се појави во полициска станица? Неговата неажурност предизвика низа шпекулации и сомнежи, во врска со тоа дали критичната вечер бил под дејство на алкохол?

Оваа дилема ќе остане да виси и понатаму бидејќи кога бил запрен од сообраќајната патрола не му бил извршен алкотест (ова можело да биде и дополнителна причина зошто избегал), а според информациите со кои располагаме, не му бил направен ниту кога се појавил во станицата, бидејќи поминало многу време. И навистина, доколку му бил направен тест, тој секако ќе бил негативен, а таков ќе бил и тестот од анализа на крвта, бидејќи алкохолот од крвта испарува од 10 до 12 часа. Единствено дилемата би се разрешила со анализа на урината, бидејќи трагите на алкохолот остануваат од три до пет дена. Но, не веруваме дека некој од полицајците, на кои им избега пред очи, се амбицирал до толку за да изнајде правен начин, односно да се обезбеди налог од јавен обвинител, да дојде до урината на дополнителниот заменик-министер!

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека земањето урина е еден од начините да се докаже пијанство, но кај нас се користи многу ретко.

– Процедурата е следна. Откако возач ќе биде запрен од полицијата и ќе одбие да направи алкотест, тогаш се носи во станица и по обезбедена наредба од јавен обвинител му се зема крв или урина. Сепак, важно е колку време поминало, колку тежи човекот и слично, бидејќи нема да се покаже точната вредност што ја имал во моментот кога го запреле, но, сепак, доколку пиел, тоа ќе се покаже, појаснува Давидовиќ.

СПАСОВ СЕ КРИЕ ОД ЈАВНОСТА

Спасов веќе неколку дена се крие од јавноста и не се огласи да ја раскаже својата верзија на приказната. Од „Фокус“ се обидовме да стапиме во контакт со него, но тој не одговараше на повиците на мобилниот телефон, ниту, пак, на смс-пораките. Му тропнавме и во канцеларијата, на третиот кат во Министерството, но не го затекнавме на работното место.

Вработен во неговиот кабинет нѐ информира дека Спасов во моментот не е во канцеларија, а на нашето прашање дали воопшто се појавил на работа, одби да одговори. Откако инсистиравме на одговор, бидејќи е од јавен интерес дали еден заменик-министер оди на работа или седи дома, нѐ упати прашањето да го поставиме по имејл. Испративме и имејл, но повторно не добивме одговор.

Во јавноста се појави верзија од приказната на Спасов, објавена на провладините медиуми, но немаше потврда дека заменик-министерот навистина стои зад неа. Според овие медиуми, Спасов бил жртва, односно откако неколкумина „лоши“ Албанци му се заканувале и му тропале по автомобилот, тој избезумено се обидувал да им избега. А, оправдување му најдоа и зошто им побегнал на полицајците, наместо кај нив да ги пријави „лошите чичковци“. Наводно не им верувал ниту на полицајците, па затоа сметал дека најмудро е да избега и да спаси жива глава, оставајќи ја сопатничката сама со „несигурните“ полицајци.

Како и да е, ќе мора да почекаме Спасов да се појави во јавност и уште еднаш да се обиде да објасни што се случило, а очигледно е дека ќе го почекаме и конечниот извештај од МВР бидејќи во него треба да се разрешат сите дилеми.

ДАЛИ СПАСОВ ЌЕ ОДГОВАРА ПРЕКРШОЧНО ИЛИ КРИВИЧНО ЗА БЕГСТВО?

Додека чекаме, според досега познатите факти и информации, анализираме за што би можел Спасов да понесе одговорност. На прва, очигледно е дека направил неколку прекршоци, но му се заканува и кривична одговорност.

Сепак, според повеќето правници што ги консултиравме, Спасов за бегство од службено лице може да одговара прекршочно, но не и кривично. Појаснуваат дека би одговарал кривично, доколку по сообраќајките воопшто не застанел пред полициската патрола и продолжил да вози, по што полицајците би тргнале да го бркаат. Или во случај да сторил потешка сообраќајка, односно прегазил пешак и не застанел да укаже помош или сторил поголема материјална штета. Според еден од нашите соговорници, би можел да одговара кривично во зависност од правната класификација што ќе го добие претходното дело што го сторил, односно ако истрагата утврди дека при двете сообраќајки сторил поголема материјална штета тогаш се одговара кривично, па и бегството од полицијата би било кривично дело.

Сѐ до глупостите со „вооружени Албанци блиски до СДСМ“ за волја на вистината немаше кривично дело со оглед на фактот дека кривичното дело Загрозување на безбедноста на сообраќајот, казниво по член 297 од Кривичниот законик, подразбира учесник во сообраќајот кој не се придржува на прописите и предизвика сообраќајка, треба телесно да повреди друг или да предизвика значителна имотна штета. Во отсуство на овие два елемента, сообраќајните незгоди кои ги предизвикал Спасов се прекршок и притоа, и да бил под дејство на алкохол, тој сам по себе не носи кривична одговорност како што лаички сметаат граѓаните, туку е посебен прекршок. Но, со наводите дека го бркале опасни криминалци, му ја удирале колата и му се заканувале дека ќе го убијат, Спасов се изложува на опасност да биде под кривичен прогон за Давање лажен исказ казнив според членот 367 од Кривичниот законик, доколку таквите наводи се испостават како неточни, појаснува за „Фокус“ адвокатот Јанаки Митровски.

Тој додава дека доколку Спасов навистина поднел кривична пријава против лицата кои наводно го бркале, пак се изложува на опасност од кривичен прогон за Лажно пријавување на кривично дело казниво според членот 366 од КЗ. Овие граѓани веќе самите отидоа во полиција и дадоа исказ дека Спасов лаже, односно дека не го бркале.

Според адвокатот Митровски, во случајот бегањето на Спасов од полицијата не е кривично дело, туку прекршок.

– Полицијата може да влезе дома кај кого било, да бара лице без наредба само ако треба да лиши од слобода лице кое е затекнато во вршење на кривично дело кое се гони по службена должност. Бидејќи тоа не е случај, (нема телесно повреден, ниту значителна имотна штета), мојот став е дека нема кривично дело, вели Митровски.

Тој вели дека во целиот случај има забелешка и кон МВР.

Главниот пропуст на МВР е самиот факт што дозволиле да се оддалечи од местото на настанот и пропустот да му се направи алкотест, со што ќе се потврделе или отфрлеле шпекулациите по тоа прашање. Постои опција да му се земе крв и утредента кога по 20 часа се појавил во ПС Карпош и да се обиде полицијата со метод на елиминација да утврдува дали имал присуство на алкохол, но тоа е тешко изводливо прво поради проток на многу време и второ поради оставање простор за одбрана (пиев денес и сл.), појаснува адвокатот.

Според адвокатот Насер Рауфи, Спасов треба да одговара кривично, а не прекршочно, за бегството од полицијата.

Според Законот за безбедност во сообраќајот, тој што предизвикува сообраќајна незгода е должен да застане, во спротивно му следува казна од 300 евра. Доколку возачот со своето однесување ја загрозува безбедноста, максималната казна е до три години затвор.

Покрај правната дилема дали Спасов треба да одговара кривично или прекршочно за бегство од полицијата, нејасно е и како полициските службеници дозволиле тој да им побегне? Дали веднаш тргнале да го бркаат или ги чекале на помош „Алфите“?

Па, на сите им е јасно дека доколку во ваков случај се осмели да бега некој „обичен“ граѓанин, а не функционер од власта, не само што ќе го фатат, туку и ќе го искршат од ќотек!

СПАСОВ СЕ ЛУКСУЗИРАЛ СО 5 ДРЖАВНИ АВТОМОБИЛИ

Со полноќното „дивеење“ на Спасов по улиците, што во најмала рака укажува на неморално однесување, на повидок е уште еден скандал, чија криминална тежина допрва треба да се испитува. Односно се откри дека Спасов располагал со дури пет луксузни возила, односно четири, „туарег“, „пасат“, „нисан“ и „голф“, во сопственост на Агенцијата за вработување,  и уште едно службено возило во сопственост на Министерството. Според министерката Фросина Ташевска – Ременски, Спасов и директорот на Агенцијата, Владо Поповски, треба да одговараат кривично, бидејќи ја злоупотребиле службената положба.

Имено, министерката тврди дека Спасов незаконски ги користел возилата на Агенцијата, бидејќи со одлука на владата, во август 2015 година, возилата од Министерството биле предадени на Агенцијата.

Тоа значи дека освен дополнителниот заменик-министер Спасов и директорот Поповски противзаконски, спротивно на Правилникот за користење службени возила во сопственост на Агенцијата, овозможил возилата да бидат на располагање на неовластени лица надвор од работното време и задачи, вели Ременски.

Ременски го демантираше директорот Поповски, кој по два дена молк, се огласи во јавноста правдајќи се дека лани, во октомври, бил склучен договор со кој Агенцијата на Министерството му ги отстапува техничките средства, меѓу кои и дел од возилата.

Министерката, пак, истакна дека Поповски може да дозволи возилата на Агенцијата да ги користат само тамошните вработени и тоа во работно време од 8.30 до 16.30 часот, а договор за отстапување може да склучи само со претходно донесена одлука на владата.

Таа приложи и документација според која четирите возила во април биле регистрирани и тоа од страна на Агенцијата, што докажува дека се во нејзина сопственост.

Од Агенцијата, пак, и реплицираа дека ширела дезинформации, повторувајќи дека работеле според законските процедури. Од таму побараа и извинување од министерката, во спротивно се заканија дека ќе ја тужат за клевета и навреда.

Покрај сомнежот дека Спасов незаконски се возел во овие автомобили останува нејасно зошто му биле потребни дури пет автомобили? За разлика од него, односно од луксузниот возен парк со кој располагал, центрите за социјални работи користат застарени и одвај функционални возила.

Она што дополнително го става Спасов во непријатна ситуација е фактот што и да станува збор за службено возило, кое му следува со закон, тој не смее да го користи за приватни цели, надвор од работното време, во случајот во период околу полноќ.

До неодамна Спасов немал приватен автомобил, бидејќи во анкетниот лист додека бил на функцијата министер не е наведен таков податок. Во анкетниот лист што го доставил, откако станува дополнителен заменик-министер, под заеднички имот со сопругата е додаден лизинг во вредност од 5.000 евра, но без детали за тоа со која марка автомобил се подновиле.

СООБРАЌАЈКИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ

Спасов не е единствениот функционер од редовите на владејачката партија што учествувал во сообраќајна несреќа. Нивна заедничка особина е што уште неколкумина, како и него, бегаат од местото на несреќата и најпрвин не признаваат дека учествувале во неа.

Во април 2012 година, тогашниот градоначалник на Старо Нагоричане, Миодраг Јовановиќ, со службениот автомобил „шкода октавија“ прегази пешак и побегна од местото на несреќата. Пешакот, 31-годишен кумановец, поради тешките телесни повреди за кратко време почина.

Јовановиќ беше откриен по спроведената полициска истрага, а подоцна и осуден на 15 месеци затвор.

Две години подоцна, сообраќајка доживеа и актуелниот градоначалник на Дојран, Борче Стамов, односно се судри со друг автомобил, во кој беа момче и девојче од Богданци, кои претрпеа тешки телесни повреди. МВР се обиде да ја сокрие сообраќајката, а потоа се правдаше дека не известува за сообраќајки во кои нема жртви. Завршницата за овој случај остана непозната за јавноста, поради што го побаравме градоначалникот Стамов. Тој накратко ни пиша дека случајот е целосно расчистен и аргументите биле на негова страна, но истакна дека нема да дава повеќе информации за „Фокус“, бидејќи како што вели, кога се случила сообраќајката, неделникот предвреме го осудил.

Речиси шест години, пак, траеше судскиот процес во кој му се судеше на Ален Зекиров, тогашниот телохранител на Сашо Мијалков. Зекиров беше обвинет дека во 2009 година, возејќи мотор на пешачки премин го прегазил 73-годишниот Симо Серафимовски, додека го туркал својот велосипед. Серафимовски почина, а Зекиров дури во 2014 година беше прогласен за виновен и осуден на шестмесечна затворска казна.

Во јули годинава, во сообраќајна несреќа учествуваше и Дејан Митровски- Урко, поранешниот телохранител на експремиерот Никола Груевски. Сообраќајката се случи во скопската населба Кисела Вода, кога Митровски управувајќи автомобил се судри со 22-годишен мотоциклист, кој им подлегна на повредите. За овој случај обвинителството сѐ уште не поднесе обвинителен акт.

Основното јавно обвинителство – Скопје интензивно работи на истражување на сите сегменти од сообраќајната несреќа за која покажувате интерес. Во моментов се очекуваат наодите од комплетното сообраќајно-техничко вештачење на настанот, кое е во завршна фаза. По пристигнување на резултатите од вештачењето ќе може да се донесе јавнообвинителска одлука во овој предмет и да се изнесат повеќе детали за причините за несреќата, ни одговорија од обвинителството.

Казна од шест и пол години затвор доби 27-годишниот Љубиша Видојковиќ, за сообраќајна несреќа во која загина 20-годишната студентка Фросина Цековска. Цековска почина на самото место откако беше прегазена на пешачки премин во Скопје. Видојковиќ не е функционер од власта, но во јавноста кружеа шпекулации дека тој не го возел автомобилот, туку зад воланот седел син на висок функционер од владејачката партија. Во ова сценарио се сомневаа и родителите на Цековска, но обвинителката ја исклучи оваа можност, тврдејќи дека Видојковиќ бил снимен од безбедносните камери, а и ДНК анализата покажала дека тој го управувал возилото.

Факт е дека на секој учесник во сообраќајот може да му се случи сообраќајна несреќа, но многу е важно дали ќе ја понесе одговорноста и ќе се извини доколку згрешил. По четири дена криење, редно е Спасов да излезе пред граѓаните, да се извини за своето недолично и неморално однесување, и да си поднесе оставка. Само така, и никако поинаку, ќе докаже дека пораснал!

СВЕДОЧЕЊЕ ШТО ОТВОРА НОВ СОМНЕЖ ЗА ПРОЕКТОТ „СКОПЈЕ 2014“: Дел од барокните градби во Скопје се дивоградби

$
0
0

Текстот е објавен на 8 декември 2016 година, во неделникот „Фокус“, во број 1105

Пишува: Валентина ВУРМО

Речиси и да не остана педа земја во центарот на Скопје што не е претворена во градилиште. На атрактивни парцели, во срцето на главниот град се распослаа објектите и спомениците од „стратегиско“ значење за државата, преку реализација на проектот „Скопје 2014“, а дел завршија во рацете на приватни инвеститори, кои, како по некое непишано правило, градат бетонски зданија, повисоки и пошироки од соседните.

Веќе и да нема уличка во поширокото централно подрачје на која не се гради или не се подготвува за градење. Желбите на инвеститорите, пак, се задоволуваат со постојаното менување на деталните урбанистички планови, за да можат најпрвин да добијат атрактивна парцела, а потоа на неа да изградат што е можно поголем објект, иако претходно на таа локација не била предвидена таква градба.

Централното градско подрачје е „мека“ за градежниците бидејќи тука е најскап квадратот, а со тоа и нивната заработувачка, па поради тоа борбата кој да го приграби земјиштето во центарот на градот е најголема.

Филтер на аздисаните градежници треба да биде советот на општината, бидејќи од гласот на советниците зависи дали и како ќе се менува Деталниот урбанистички план, односно тие можат да реагираат доколку некоја градежна маркица е зголемена по обем, висина и квадратура, и тоа да не го дозволат. Но, практиката покажува дека, наместо да реагираат, најчесто премолчено аминуваат.

Затоа на последните локални избори борбата за Центар беше толку жестока. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ направи сѐ за општината да остане во нејзини раце, бидејќи стравуваше дека сета документација од проектот ќе премине кај политичкиот противник, па лесно ќе се види дали и колку е украдено? Од друга страна, пак, партијата на власт не сакаше ниту да ја изгуби моќта да одлучува за тоа кому и за колку да му ги продаде градежните парцели.

Дел од сомневањата за криминал во „Скопје 2014“ излезе на површина по направените ревизии на проектот по нарачка на новата локална власт, поради што градоначалникот Андреј Жерновски поднесе кривична пријава до скопското јавно обвинителство. Таму, пак, веќе три години истражуваат и никако да мрднат чекор понапред. Предистражна постапка отвори и Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

НЕЛЕГАЛНИ ИМОТНИ ЛИСТОВИ

И додека обвинителите истражуваат, „Фокус“ дојде до нови сознанија што фрлаат дополнителен сомнеж дека проектот не е чист. Поточно, според нашиот извор, кој инсистира да остане анонимен, се правеле манипулации и при впишувањето на делот од објектите во катастарот на недвижности.

Значи, покрај тоа што неконтролирано растеа трошоците за изградба на објектите и спомениците, за дел од нив на лице место се менувале и димензиите, кои не одговарале со оние напишаните во одобренијата за градба. Или, пак, имало и случаи кога објектите се граделе на земјиште за кое не биле расчистени имотно-правните односи, поради што не можеле легално да се впишат во катастарот, а со тоа не можело ниту да се извади имотен лист.

Нашиот соговорник ни раскажува дека кога во Агенцијата за катастар на недвижности требало да се впишат објектите од проектот, или објекти изградени од странски инвеститори, од стратегиско значење за државата, некои од вработените добивале задолженија по кои требало итно да постапуваат, односно да ги решаваат со приоритет.

И сѐ ќе беше в ред доколку овие објекти, меѓу кои беа и Музејот на револуционерната борба, мостот кон обвинителството, споменикот „Воин на коњ“, Музејот на холокаустот, зградата на ВМРО-ДПМНЕ, имаа уредна документација. Но, во предметите имаше несовпаѓање на издадената документација, во смисла на поголема површина или габарит од изграденото, дислокација на објектите и несовпаѓање на носителите на сопственоста, поради што не постоеше легален начин за нивно впишување во Катастарот, открива нашиот извор.

Додека локалната власт во Центар беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, ваквите недостатоци се исправувале, но по промената тоа било оневозможено.

Практиката беше тие предмети и пред да бидат поднесени за впишување во Катастарот, се даваа на разгледување на геометар, за подоцна да не бидат одбиени, зашто така би имало доказ, односно би останала трага за причините за одбивањето. Затоа, откако ќе се утврдеа недостатоците, исправките се вршеа во општината, но со менувањето на власта и отпочнатата ревизија на проектот, исправките беа оневозможени, вели нашиот соговорник.

Корекции на документацијата, според неговото кажување, биле правени и за впишување на споменикот „Воин на коњ“ или Александар Македонски. Кога го поставиле споменикот, геометрите утврдиле дека е поставен на локација надвор од градежната дозвола, по што се интервенирало во проектната документација, се прекројувале парцели, а потоа легално бил впишан во евиденцијата на Катастар.

Откако вонредното пеглање на документацијата било запрено, со што се оневозможил и легалниот упис, вработените наводно добивале наредби и биле под притисок по секоја цена да ги впишат објектите, иако документацијата не била исправна. Оној кој им го вршел притисокот се правдал дека и нему му вршат притисок од Министерството за транспорт и врски.

За ваквите обвинувања одговор побаравме од директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славчо Трпевски, но до затворањето на овој број од неделникот не добивме одговор.

СЕ НАДМИНУВАЛЕ ДИМЕНЗИИТЕ И СЕ БРИШЕЛЕ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ИМОТИТЕ

За да биде појасно зошто дел од овие објекти не можеле легално да се впишат во катастарот, нашиот соговорник посочува неколку примери. Така, за објектите од проектот „Скопје 2014“ кои се изградени покрај кејот на Вардар, вели дека проблемот настанал бидејќи на терен не се градело според проектната документација.

Според проектите, беше предвидено овие објекти да имаат и две подземни нивоа. Но, поради близината на реката Вардар, при градењето се појавувало вода, поради што на почетокот не се граделе, но најчесто биле запишувани како да се градат. Поточно, приватните геодетски фирми кои биле ангажирани за премер на објектите, доколку наидат на отстапувања од проектот со изведбата, се случуваше едноставно да го прецртаат проектот, без оглед на реалната состојба на терен, за да не се утврди дека објектот како-така изграден не би можел да се запише, објаснува нашиот извор.

Проблеми се појавиле и при впишувањето на новоизградениот барокен објект во кој се смести Министерството за финансии. Имено, на земјиштето каде што се градеше овој објект, според катастарската евиденција се водел недоизграден објект (карабина), поранешна Југобанка, кој била впишана во три имотни листови, еден на Република Македонија, вториот на физичко лице и третиот на правно лице. Овие имотни листови со запишано право на сопственост биле на сила се до запишувањето на Република Македонија како единствен сопственик врз основа на ново издадено Одобрение за градење од Министерството за транспорт и врски.

Ова впишување не смеело да се изврши бидејќи геометар утврдил дека објектот е во фаза на карабина и како таков не смеел да биде предмет на мерење, а никако предмет на упис, но и покрај тоа, било донесено решение за упис, со што се поништени трите претходно запишани имотни листа, а се со цел да може да се постапи по новодонесеното Одобрение за градење на министерството, вели нашиот соговорник, кој додава дека притоа воопшто не биле известени дотогашните сопственици дека нивниот имот со запишано право на сопственост, е избришан од евиденција.

Околу запишувањето на сопственоста запнала работата и со објектот кој се гради на местото на Офицерскиот дом. Поточно, тука како инвеститори се јавувале шестмина, односно јавни претпријатија, акционерски друштва и Република Македонија. Според Законот за градење, секогаш како сопственици се запишуваат инвеститорите, секој на својот реален дел на имотот. Но, наредбата била да се заобиколи законот и објектот да се запише само на име на државата, бидејќи потоа само со одлука на владата, објектот би им се дал на други институции, во согласност со потребите. На ова реагирале останатите инвеститори, а завршницата не ни е позната.

Нашиот извор истакнува и дека во катастарот незаконски бил запишан и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите. Според неговото тврдење, овој објект бил впишан иако не било приложено одобрение за употреба, а законот ја предвидувал таа одредба.

Од Агенцијата за катастар на недвижности, покрај одговор за споменатите нерегуларности, побаравме и да ни кажат дали овие објекти се впишани во системот, односно дали имаат имотни листови, но ниту на ова прашање на добивме одговор.

СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ СÈ УШТЕ НЕ Е ЗАПИШАНО ВО КАТАСТАР

Но, според нашиот соговорник, вакви дубари не се правеле само со објекти изградени во Општина Центар. Тој ни посочува пример и од Општина Карпош. Поточно, тука се појавил проблем при впишувањето приватен објект, кој ги надминувал димензиите споредено со тие што биле дадени во одобрението за градба. За овој објект, вработените во Катастар неколкупати го враќале барањето назад, бидејќи приватните геодети констатирале дека објектот е поголем од предвиденото. Во ваков случај, доколку се утврди дека објектот не е во согласност со важечкиот Детален урбанистички план, се руши во оној дел кој отстапува од мерките. Но, наместо уривање, инвеститорот обезбедил геодетски елаборат од приватна фирма, која утврдила дека сѐ е во ред, односно го прецртала проектот, како да е ист со оној на терен, иако било познато дека не е така, односно визуелно се разликувал. И покрај овие отстапки, објектот бил запишан, а години наназад веќе бил во употреба.

Според нашиот извор, одредени нерегуларности се појавиле и за новото партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ, за што и Општина Центар поведе постапка.

Според информации од Општина Центар, објектот на ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не е впишан во Катастар, бидејќи покрај изграденото партиско седиште, сѐ уште се гради и вториот дел, кој треба да биде хотел, па дури откако ќе се заврши, ќе се изврши впишувањето. Со стариот детален урбанистички план, на ова место не било предвидена толку голема градежна парцела, од 1.200 квадратни метри, но проширените граници објектот ги добива во 2007 година со измени на ДУП-от.

Како што неодамна објави БИРН, целата градежна парцела се простирала врз државно земјиште и според официјалните документи уште на почетокот од наредната 2008 Агенцијата за катастар на недвижности ги зела работите во свои раце, прекројувајќи и спојувајќи парцели, така што, ВМРО-ДПМНЕ можела потоа со еден договор во пакет да ја купи целата земја. Тоа, според БИРН, се случило веќе наредната 2009. Односно во јуни таа година, Миле Јанакиески, во име на Министерството за транспорт и врски, ѝ го продал целото земјиште на ВМРО-ДПМНЕ по пат на непосредна спогодба. Од страната на партијата овој договор го потпишал Мартин Протогер во улога на тогашен генерален секретар.

Партијата го купила земјиштето за нешто повеќе од 130.000 евра, односно приближно за 110 евра по квадрат.

Во наредните години, со неколку промени на ДУП-от за „Мал ринг“, габаритот на објектот пораснал од почетните 700 квадрати на околу 1.200 или колку што е целата градежна парцела, висината скокнала од 25 на 29 метри со што се зголемил и бројот на катови од шест со приземје на осум со приземје и поткровје на кое подоцна му е доградена и тераса.

Одобрението за градба, пак, е издадено меѓу вториот и третиот круг од локалните избори во Општина Центар, односно на 10 април 2013 администрацијата на градоначалникот во заминување, Владимир Тодоровиќ, на ВМРО-ДПМНЕ ѝ издала одобрение за градба на седиштето. Со тоа законски го покрила и го обезбедила градењето на новото седиште.

Од Општина Центар, пак, веќе со месеци се закануваат дека ќе ја урнат терасата на објектот, бидејќи била нелегално изградена, но според последните информации што ги добивме, терасата, сепак, ќе остане, за што било изнајдено „соодветно“ решение.

КОЈ ПРВ ЌЕ ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ, ЈАНЕВА ИЛИ ГЕШКОСКА?

Документацијата за дел од споменатите објекти со месеци веќе ја чепка и Специјалното јавно обвинителство, од каде што отворија предистражна постапка за случајот „Скопје 2014“. Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, неодамна беше повикан да даде исказ. Тој во 2013 година ги ангажираше антикорупционерите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски да изготват ревизорски извештај за проектот.

Конечно, овие ревизорски извештаи се најдоа во вистински раце и ние може да очекуваме правдата да биде задоволена. Не може Македонија да излезе од оваа криза доколку нема правна разрешница на сето она што го слушавме и сето она што е направено. Да бидам подиректен, нема излез од оваа криза доколку оние што ги сторија криминалите не одговараат за тоа, изјави неодамна Жерновски по распитот во СЈО.

Претходно, документите за проектите во Деталниот урбанистички план „Мал ринг“, каде што се сместени најголемиот дел од спомениците и објектите од владиниот проект „Скопје 2014“, општината ги достави во СЈО. За овој проект се потрошени над 600 милиони евра, а во ревизијата откри дека дел од спомениците и објектите биле преплатени.

Од тимот на Јанева се воздржуваат од коментари. Потврдуваат дека за овој предмет е отпочната предистражна постапка, но поради тајноста на постапката одбиваат да соопштат повеќе детали.

Ревизорските извештаи заедно со кривична пријава, градоначалникот во 2013 година ги достави и до Скопското јавно обвинителство, но и по три години „истражување“, тимот на обвинителката Гордана Гешкоска не презеде конкретни чекори. Од обвинителството не одговорија на нашето прашање во која фаза е истрагата за овој предмет.

Додека од ова обвинителство се думаат како да ги оправдаат нерегуларностите во проектот, од СЈО веќе почнаа со работа. Специјалните обвинители објавија дека независно од предистражната постапка за проектот отвориле истрага, со кодно име „Тендери“, поради сомнеж дека последниот тендер од еден милион евра за завршните работи за „Музејот на ВМРО“ бил наместен.

Првоосомничена во случајот е министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска. Освен неа, осомничени за злоупотреба на службената положба се уште три члена на комисијата за јавни набавки.

Според обвинителката Фатиме Фетаи, на 14 јуни 2011 година по телефон, министерката за култура Канческа-Милевска на раководното лице од фирмата „Бетон“ – Штип му кажала да ги работи завршните работи на Музејот на македонската револуционерна борба, а дека тендерот ќе биде објавен подоцна.

Министерката, според СЈО, рекла дека сè е договорено за ниту една друга фирма да не може да го добие тендерот.

Огласот, според веб-страницата на Бирото за јавни набавки, бил објавен на 17 јуни 2011 година, три дена откако во „Бетон“ – Штип веќе знаеле дека ќе го добијат тендерот.

Министерката, пак, ги демантираше овие обвинувања, потенцирајќи дека објектот е чист како солза.

Нејзината реакција е очекувана, бидејќи што ѝ преостанува, освен да спасува жива глава, а на СЈО, пак, да ги докаже своите основани сомнежи.

На крајот, веќе е очигледно зошто ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се обидуваше да остане на власт во Општина Центар. Освен што ја изгубија својата градежна „мека“, ја изгубија и контролата над „Скопје 2014“. На виделина останува да излезат лажните и набилдани фактури, кои како и лажниот мермер не е возможно да се кријат вечно.

РАЗГОВОР ГРУЕВСКИ – ЈАНАКИЕСКИ

Музејот на ВМРО вселен на диво

НГ: Музејот на ВМРО на диво си работеше?

МЈ: Па не знам дали сега има употребна, ама работеше… Претседателе, пола државна администрација не му се упишани објектите во Катастар…

НГ: Е па диво нека се вселат, а?

МЈ: Кој може да ги запре?

НГ: Ај ќе зборам со Никола, ај. А што може да бидат вака последици, ако се вселат на диво?

МЈ: Не дај Боже, нешто ако се случи, не знам, пожар…

НГ: Некој ако се сопне, скрши нога доле и…

МЈ: Не, не. Пожар, да падне зградата…

НГ: Пожар, а?

МЈ: Такво нешто…Па зошто се вселиле…

НГ: Или да падне зградата вика… Може да падне зградата? Трајче се смее, вика нема да падне.

МЈ: Не може ништо да се случи. Не може да го запише во Имотен лист, тоа е вака проблем што…

АРХИВА: Матна водоводна спрега меѓу Техноскоп и комуналните претпријатија

$
0
0

Текстот е објавен на 28.04.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1125

Јавните комунални претпријатија од целата држава се групирани во непрофитното здружение на граѓани АДКОМ. Овластено лице на оваа организација на даватели на комунални услуги од 2010 година наваму е сопругата на сопственикот и сестрата на управителот на компанијата за трговија со водоводна опрема „Техноскоп“. Во истиот период, компанијата склучила бројни договори токму со комуналните претпријатија од целата држава во вкупен износ од над 10 милиони евра!

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Околу два проценти од територијата на Македонија се водена површина, што ја прави земјава подрачје со задоволителни водни ресурси, иако распределбата е доста нерамномерна. Водите се природна богатства и јавни добра, чие користење е од суштинско значење за економски развој на една држава, но и за задоволување на основните потреби на граѓаните. Целта на управувањето на водите од страна на властите е да се заштитат водите, да се подобрат водните ресурси, да се постигне достапност до доволно количество квалитетна вода за наводнување, за производство на струја, но и за конзумирање од страна на луѓето.

Што се однесува до водата за дистрибуција до домаќинствата и до други корисници, во Законот за води се наведува дека водата за конзумација до крајните потрошувачи се доставува преку домашен водоснабдителен систем – цевковод. Јавното водоснабдување на населението впрочем претставува снабдување со вода за пиење на повеќе од пет домаќинства, односно повеќе од 20 жители. Притоа, начелото на универзалност на водостопанските услуги се обезбедува преку недискриминација, квалитет и ефикасност, економски прифатлива цена и целосно покривање на областа на извршување на услугата.

Со новиот Закон за утврдување на цени на водните услуги, како и измените во Законот за енергетика, на Регулаторната комисија за енергетика и беше определена уште една надлежност токму во доменот на регулирање на цените на водните услуги, односно утврдување на тарифите за снабдувањето со сурова вода и вода за пиење, собирање и одведување на урбани отпадни води и пречистување на отпадни води. Досега, овие тарифи, односно цени се утврдувале од страна на комуналните претпријатија, градоначалниците и општинските совети, меѓутоа искуството покажало дека овој процес не бил секогаш ефикасен.

Со оглед дека јавните комунални претпријатија претставуваат природни монополи како даватели на водни услуги, регулаторот, како независна институција, од следната 2018 година треба да биде коректив на нивното делување. Се предвидува регулирањето на цените да им помогне на давателите на водните услуги подобро да ги планираат своите трошоци, да ја зголемат својата ефикасност и да ги подобрат квалитетот. А, за да се добие квалитетна услуга, неопходно е да се формираат цени кои ќе ги одразуваат оправданите трошоци на работењето на претпријатијата.

Во исчекување на имплементација на ваквите новитети во комуналниот сектор и водостопанските услуги, „Фокус“ открива една неколкугодишна спорна спрега поврзана со комуналните претпријатија, кои делат тендери за компанија поврзана со овластеното лице во здружението каде членуваат.

НЕВЛАДИНО ЗДРУЖЕНИЕ НА КОМУНАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

Имено, јавните комунални претпријатија, кои од следната година ќе треба да испорачаат услуга по регулирана цена, најверојатно се единствените јавни претпријатија кои се групирани во здружение на граѓани. Станува збор за здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, кое презема низа активности за унапредување на комуналната дејност во земјава. Оваа невладина и непрофитна организација практично ги здружува јавните комунални претпријатија од целата држава, така што денес брои 75 членки.

На официјалната интернет страница, АДКОМ посочува оти здружението ги застапува интересите на комуналните претпријатија и ги поддржува, помагајќи им со сигурни, достапни и квалитетни услуги од сферата на комуналната дејност. Главните прокламирани цели на здружението се тоа да стане моќно лоби на давателите на комунални услуги пред централната власт, да се надгради, афирмира и да продолжи да функционира како ефикасен центар за услуги на ЈКП, сите граѓани да добиваат навремени и квалитетни комунални услуги итн.

Како основни придобивки за нејзините членови, од АДКОМ таксативно ги наведуваат: подобрување на законската рамка која се однесува на комуналната дејност; промоција и застапување на заедничките интереси на своите членови пред извршната власт и трети лица; поддршка за институционално и организациско јакнење на општинските комунални претпријатија; вршење консултации и давање совети на своите членови во врска со тековни прашања од нивното работење; анализа на проблемите на комуналните претпријатија и предлагање решенија; учество во стручни советувања, конференции, работилници…

Фактички, се работи за невладино здружение, кое е составено и се финансира од јавните комунални претпријатија, што значи дека во име на граѓаните настапува и брани јавни и институционални интереси. Ова здружение е основна платформа на овие јавни претпријатија, кои, како што дознаваме, во голема мера ги игнорираат стопанските комори, каде функционираат здруженија и ограноци за комунални дејности, со цел зближување на комуналните претпријатија и приватните компании што делуваат во овој сегмент. Во таква ситуација, многу приватни производители и трговци со водоводна опрема неофицијално велат дека се обиделе да се зачленат во АДКОМ, за да бидат поблиску до комуналните претпријатија, меѓутоа нивните барања биле одбиени.

ВОДОВОДНИ ТЕНДЕРИ ВО МИЛИОНСКИ ИЗНОСИ

Податоците од Централниот регистар што ги обезбеди „Фокус“ покажуваат дека како овластено лице што го застапува здружението на даватели на комунални услуги, основано во 2004 година, фигурира Лолита Стојановска, која е поврзана со етаблираната приватна компанија за трговија на водоводни материјали – „Техноскоп“. Конкретно, Стојановска е сопруга на сопственикот на друштвото за трговија на големо со метална стока, цевки, уреди и друга опрема за водовод, Бошко Стојановски и истовремено сестра на управителот на оваа компанија основана далечната 1996 година, Димититар Поплазаров. Со оглед дека оваа фирма добила бројни тендери токму од комуналните претпријатија, кои се застапувани од блиска роднина на првите луѓе на компанијата, се поставува прашањето дали овде постои непринципиелно позиционирање на барем една од двете страни, па дури и судир на интереси гледано во поширока смисла?

Историјатот на промени покажува дека Јордан Милков од Кавадарци прво бил овластено лице на АДКОМ од формирањето во 2006 година се до 2010 година, кога на негово место дошла Стојановска. Една година претходно, пак, компанијата на нејзиниот сопруг, „Техноскоп“, почнува да добива тендери, главно од комунални претпријатија, со исклучок на неколку договори за јавна набавка склучени со министерства и општини. Така, пресметките откриваат дека во овој осумгодишен период компанијата инкасирала јавни средства во вкупен износ од околу 12,5 милиони евра.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Техноскоп“ најголемите договори ги склучил со Министерството за транспорт и врски. Првиот се однесува за набавка на куќни, повеќемлазни, ултразвучни водомери со поставување и вградување во систем за далечинско отчитување во водоснабдителниот систем на Пробиштип, склучен во 2015 година во износ од над 600.000 евра. И вториот договор со истото министерство е склучен во 2016 година за набавка на куќни, повеќемлазни, ултразвучни водомери и нивна интеграција во мобилна мрежа за далечинско отчитување, како и набавка на куќни, волуметриски водомери за мобилна и фиксна мрежа, во износ од речиси еден милион евра.

Дополнително, на официјалната интернет страница, во делот кај референтната листа, „Техноскоп“ информира дека соработувал со градежната компанија „Жикол“ на уште еден тендер од ова министерство за изградба на систем за водоснабдување на населените места Ваташа, Глишиќ, Марена и Сопот со пречистителна станица за вода за пиење, по принцип клуч на рака. Овој тендер бил вреден над 2,3 милиони евра, или за 683.000 евра повеќе од проценетата вредност на договорот, при што „Жикол“ бил задолжен за изведбените работи, а „Техноскоп“ за набавката и монтажата и пуштањето на системот во работа. Како што веќе пишувавме за „Жикол“, оваа компанија во сопственост на татко на советник во струмичкиот совет од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Пандев, во периодот од 2012 година наваму добила тендери од речиси 50 милиони евра!

СО РАСТОТ НА ЈАВНИТЕ ПРИЛИВИ РАСТАТ И ВКУПНИТЕ ПРИХОДИ

Безмалку сите останати јавни средства од околу 11 милиони евра во касата на „Техноскоп“ во последните осум години се слеале од водоводните претпријатија. Така, во овој период од 2009 година до денес, кога фирмата добива тендери, само со скопското водоводно претпријатие склучила договори во вкупна вредност од над четири милиони евра. Најголем договор меѓу двете страни е склучен во 2009 година за систем за далечинско отчитување на водомери во износ од над 378.000 евра, по што следи оној за набавка на систем за автоматско управување со фреквентни регулатори и софт-стартери во 2015 година од 281.500 евра итн.

Понатаму, компанијата склучила низа договори со комуналните претпријатија од други градови низ земјава – Прилеп, Велес, Кичево, Виница, Кавадарци, Крива Паланка, Пробиштип, Гевгелија, Радовиш… Меѓу поголемите тендери на „Техноскоп“ со комуналните претпријатија од внатрешноста на државата, кои се заглавени во длабоки финансиски проблеми, за издвојување е договорот со штипското комунално претпријатие склучен во 2012 година за набавка на шахти во износ од 328.500 евра. Исто така, треба да се истакне и договорот со струмички „Комуналец“ од 2013 година за набавка на лиено железни фазонски делови, затворачи и сл. за речиси 308.000 евра.

Инаку, финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека тоа во последните години, паралелно со приливот на јавни средства, бележи и раст на вкупните приходи. Ако во 2009/2010 година, приходите на компанијата изнесувале околу 2 милиони евра, тогаш заклучно со изминатава 2016 година, тие пораснале на над четири милиони евра. Тоа значи дека во овој период приходите на компанијата се зголемиле за повеќе од двојно, но, како што растеле приходите, така се зголемувале и расходите, па на крајот од годината добивката на компанијата се движи во нормала од околу 650.000 евра.

Ниту од невладината АДКОМ, ниту од компанијата „Техноскоп“, до затворањето на овој број од весникот, не одговорија на нашите прашања во врска со нивната меѓусебна поврзаност. Но, упатените со кои разговаравме велат дека ова е контроверзна состојба, имајќи предвид дека, според нив, јавни комунални претпријатија се групираат во здружение на граѓани, раководено од лице во роднинска врска со сопственици на компанија со која, случајно или не, склучува бројни и вредни договори.

Како и да е, во меѓувреме многу рурални средини немаат водовод, а во многу градски делови водата тече низ дотраени мрежи со стари и штетни азбестни цевки, кои чекаат подобри времиња да бидат променети.

 

Бизнисмени тврдат
НЕМАМЕ РАМНОПРАВЕН ПРИСТАП ДО КОМУНАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА

Од неколку приватни компании што се занимаваат со производство и трговија со водоводна опрема се жалат дека се дискриминирани, од причина што, истакнуваат тие, имаат ограничен пристап до комуналните претпријатија, за разлика од други, според нив, привилегирани компании.

Тие се организирани во невладиното здружение кое практично не прима приватни компании за непосредно да дојде до контакт меѓу двете страни, додека истовремено здружението го раководи лице кое може да влијае врз нив кога носат одлука за одредена набавка или ангажман. Од друга страна, стопанските комори примаат и приватни компании што се занимаваат со оваа дејност покрај комуналните претпријатија, меѓутоа тоа нема ефект во ситуација кога комуналните претпријатија, барем најголем дел од нив, го игнорираат, сметајќи го за целосно легитимно и репрезентативно здружението. За жал, за ваквата состојба придонесоа и централните власти, кои секогаш кога има консултации во врска со проект од ваква природа го почитуваат само здружението – велат нашите соговорници.

АРХИВА: По Субрата Рој, на Македонија ѝ избега уште еден индиски инвеститор

$
0
0

Текстот е објавен на 24.07.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1033

Во 2012 година, индискиот инвеститор Субрата Рој во земјава беше дочекан со најголеми почести, а владиниот врв го најави како спасител на економијата, не можејќи да ги доброи најавените вложувања. По три години, ситуацијата се измени од корен. Наместо вложувања од стотици милиони евра, Индиецот купи само еден хотел од 5 милиони евра и отиде в затвор во сопствената држава. Во истиот период во државата се појави уште една индиска инвестиција, која требаше да направи бум во образовниот сектор. Отворија градинка, а требаше да градат и универзитетски комплекс. Но, како што дознава „Фокус“, и овие Индијци почнале да ги пакуваат куферите

Пишувала
Валентина Стојанчевска

Ако се прави анализа на говорите на премиерот Никола Груевски, очекувано е резултатите да покажат дека фразата – странски инвестиции му е една од најупотребуваните, која ја има буквално во секое негово обраќање, па дури и кога им честита некој празник на граѓаните. Тие се неговиот најголем маркетиншки адут, кој иако досега многупати издишал како пробен балон, сепак не се откажува од него при себерекламирањето. Можеби и затоа секоја наводна странска инвестиција се најавува помпезно, за да звучи поуверливо, но факт е дека атмосферата се стишува кога треба да се сумираат резултатите и придобивките од неа.

Во предизборната програма за периодот од 2011 до 2015 година, насловена „Манифест за реформи и развој“, владејачката партија најавува меѓу 300 и 555 милиони евра странски инвестиции годишно. Но, есапот покажува дека оваа сума е недостижна, бидејќи минатата година вкупната вредност на овие инвестиции изнесуваше 262 милиони евра, или само 10 милиони евра повеќе од претходната 2013 година.

Како еден од спасителите кој требаше да ја оживее домашната економија се најавуваше индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој за првпат во Македонија пристигна во јуни 2012 година.

Овој инвеститор најавуваше дека ќе изгради туристички комплекс на охридското крајбрежје, фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20 илјади грла говеда. Преку овие инвестиции, пак, требаше да се вработат над 3.000 невработени.

По три години, ниту еден од овие проекти не се реализираше. Кравите не пасат во Џумајлија, а на нивите воопшто не влегоа тракторите. Охрид, наместо новиот Лас Вегас, со казина и хотели, си остана со неизменет личен опис, а Македонија не стана место за снимање боливудски филмови.

Скопјани, пак, не го добија ветениот подарок, односно споменик на Мајка Тереза, бидејќи по само еден месец, откако индискиот бизнисмен дојде во Македонија, Врховниот суд на Индија донесе одлука да врати околу 5 милијарди американски долари на еден милион инвеститори кои биле измамени во градежниот бизнис. Минатата година Субрата заврши зад решетки, а неговите фирми во Македонија, освен една, и понатаму функционираат, но без да се зафатат со некои големи активности.

ВЕТУВАА ЛУКСУЗНИ ХОТЕЛИ ВО ОХРИД, А НА КРАЈОТ ЌЕ РЕНОВИРААТ САМО ЕДЕН!

Откако стана очигледно дека најавуваните проекти нема да се реализираат, сѐ погласно се шпекулира дека наскоро и тимот Индијци што останаа во Македонија ќе си заминат, а фирмите ќе се затворат. Се зборува дека единствената пречка им била купениот хотел „Славија“, кој им ги забавува плановите за „незабележително бегство“.

Од „Сахара групацијата“, пак, и покрај многубројните пропаднати ветувања, велат дека не се откажуваат од Македонија. Во контакт со нив стапивме преку агенцијата „Елемент ПР“, која е задолжена за нивниот маркетинг.

– „Сахара групацијата“ е посветена на нејзините инвестиции во Република Македонија, иако не беше во можност да ги исполни своите обврски во земјоделскиот сектор. Сепак, фокусирани сме кон секторот туризам и угостителство. Во моментот, Сахара е поддржана од нејзините канцеларии и операции од Скопје и Охрид, како и од десетчлениот тим и наскоро ќе почне со регрутација на повеќе луѓе за извршување на работните задачи, велат од групацијата за „Фокус“.

Од индиската компанија истакнуваат дека наскоро ќе почнат со реновирање и изградба на хотелот „Славија“ во Охрид, кој го купија во 2013 година, за 5 милиони евра. Според фотографиите што ни ги испратија, планираат овој хотел да го уредат во луксузно место наречено „Сахара“, а истакнуваат и дека очекуваат хотелот да биде подготвен за употреба до крајот на оваа година.

– Проширувањето и реновирањето веќе е скицирано од група македонски архитекти и дизајнери на ентериер, поддржани од тимот за ентериер на „Сахара“, кој се наоѓа во Мумбаи, Индија. Хотелот е дизајниран да биде светска дестинација за туризам, додека истовремено ќе биде и дестинација за светски конференции, корпоративни настани, велат од индиската компанија.

Од таму додаваат и дека се очекува наскоро фамилијата промотери да ја посетат Македонија, со цел, како што велат, да го придвижат проектот на своите први, но цврсти чекори во Македонија.

– Поради ова, може да се заклучи дека Сахара, под лидерството на Субрата Рој, е посветена на обврските да ја придвижи инвестицијата напред, велат од компанијата.

Сепак, колку и да е голема волјата на оваа странска компанија да остане во Македонија, очигледно е дека најавуваните инвестиции од стотина милиони евра паднаа во вода, а на крајот сѐ ќе заврши со реновирање на еден хотел во Охрид.

А сѐ уште се свежи сеќавањата од 2013 година, кога Рој со тогашниот министер за земјоделство Љупчо Димовски и министерот за финансии Зоран Ставрески, качени на трактори и со сите обичаи, го означија проектот за земјоделство, кој требаше да тежи 211 милиони евра. Според договорот, компанијата на бизнисменот Рој беше должна да набави 20.000 грла крави, а очекувањата беа дека дневно ќе се произведува по 80.000 литри млеко. Вкупната инвестиција, само во овој бизнис, требаше да достигне 1,6 милијарди евра. Милионски инвестиции се најавуваа и за Љубаништа, но на крајот Индијците не вложија ниту евро.

СУБРАТА СÈ УШТЕ Е ЗАД РЕШЕТКИ, А НЕГОВИТЕ ФИРМИ РАБОТАТ СО ЗАГУБА

Според информациите објавени во некои светски медиуми, дознавме дека Рој сѐ уште е во притвор и дека неговиот спор сѐ уште не е завршен. Овој скандал беше обелоденет уште пред доаѓањето на Рој во Македонија, односно во 2010 година, кога еден од сметководителите на „Сахара“ испратил писмо до Комисијата за хартии од вредност на Индија за да се истражува издавањето хартии од вредност во градежништвото од страна на компаниите на Рој. По четиригодишна истрага, тој во февруари 2014 година беше уапсен, со цел да го продаде својот имот и да ги собере парите потребни за обесштетување на инвеститорите.

Сега од компанијата само кусо коментираат дека се работи на негово пуштање на слобода бидејќи биле обезбедени средства од продажба на имот на компанијата.

Според податоците од Централен регистар, Субрата Рој во Македонија имаше регистрирано вкупно четири компании. Прво, во август 2012 година ја регистрираше „Сахара Глобал Цом ДОО Скопје“ наменета за изградба на станбени и нестанбени згради, со основна главнина од само 5.000 евра. Оваа фирма, сепак, немаше долг век на траење, бидејќи е во ликвидација. Од групацијата тогаш појаснија дека затворањето било од техничка природа, односно оваа фирма реално не функционирала, а сите трансакции и проекти се спроведувале преку друга компанија.

Втората компанија на Рој беше регистрирана неколку дена подоцна, исто така со почетен влог од 5.000 евра, под називот „Сахара Пуре Еатаблес“, за преработка на земјоделски производи. Според податоци од Централниот регистар, оваа фирма веќе две години работи со загуба. Односно, во 2013 година имале приход од 2,3 милиони денари, но расход од 8,8 милиони денари. Минатата година, пак, имале зголемен приход од 3,8 милиони денари, но и расход од над 199 милиони денари, што покажува дека работеле со огромна загуба.

Третата компанија е регистрирана во декември 2012 година, со назив „Сахара Глобал Доел“, како друштво за градежништво, услуги и развој. Од финансиската состојба на оваа фирма може да се заклучи дека и таа во изминативе две години работела со загуби. Во 2013 година имале половина милион денари приход, а расход од 90 милиони денари. Лани, направиле приход од 1,3 милиони денари, а расход од 38 милиони денари. Сепак може да се заклучи дека оваа фирма стои добро финансиски подобро од останатите, бидејќи нејзиниот финансиски капацитет е од 518 милиони денари. Последната четвртата компанија на Рој е „Марине Хоспиталити“, регистрирана како друштво за трговија. Оваа фирма во изминативе две години работи со загуба, односно воопшто нема приход, а забележала загуба од 262 илјади денари.

ПРОПАДНА УШТЕ ЕДНА ИНДИСКА ИНВЕСТИЦИЈА

Судбината на „Групацијата Сахара“ се чини ја снајде и уште една индиска компанија, која покрај најавените големи инвестиции во образовниот сектор, почна да се повлекува по поминати две години во земјава.

Станува збор за компанијата „Цел Глобал“, која требаше да направи инвестициски бум во образовниот сектор.

Пред две години ја отворија елитната градинка „Сент Пол“, во скопската населба Карпош, а според информации од родители кои се распрашувале за условите и за цената, месечниот престој чинел солени 280 евра. Но, како што дознаваме неодамна менаџментот решил да ја затвори градинката. Се обидовме да ја дознаеме причината, но телефонските броеви за контакт во градинката се исклучени. Наидовме и на затворена врата, иако на неа сѐ уште стоеше повикот за упис на деца. На истата адреса каде што се наоѓа, регистрирана е и фирмата, но и од таму не добивме одговор што се случува.

И оваа компанија, кога во Македонија дојде во 2012 година, даваше големи ветувања, кои засега се далеку од реализација. А, еве што кажа генералниот менаџер Амриш Чандра на свеченото отворање на градинката:

Ова е прв бебешки чекор на „Цел Глобал“ во Македонија, но секако не последен. Како компанија имаме инвестициско портфолио кое планираме да го реализираме во Македонија и на Балканот. Одлучивме Македонија да биде образовен центар од каде што ќе се шириме, изјави пред две години, Чандра.

Компанијата најавуваше и отворање интернационално средно училиште, кое требаше да работи според стандардите на средните училишта во Велика Британија и во Канада, како и изградба на универзитетски комплекс. Нивната замисла беше кампусот да се распостели на 200 хектари со образовни институции од сите нивоа, објекти за домување на жителите на кампусот, како и помошни објекти од културно-забавен карактер, кои требаше да бидат лоцирани на дел од езерото „Младост“ во близина на Велес. Според изјава на Чандра, кој јавниот сервис МРТВ го посочува како директор на индиската корпорација, делови од објектот требаше да проработат во септември минатата година.

Според податоците во Централниот регистар, фирмата сѐ уште е активна. Во 2013 година пријавиле приходи од 720.797 денари, а имале расходи од речиси 5,2 милиони денари, што значи дека работеле со загуба, од над 4,4 милиони денари. Минатата година, пак, компанијата имала зголемен приход и тоа од 1,1 милион денари, а пријавила расходи од 3,1 милион денари.

Сепак, активноста на фирмата не значи дека ќе продолжи со најавените инвестиции, а особено сомнеж фрла фактот што од „Цел Глобал“ одлучија да се повлечат на првиот чекор, односно да ја затворат градинката.

Иако на отворањето присуствуваше и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој дури ја сечеше и црвената лента, а и тврдеше дека компанијата има сериозни намери да инвестира во иднина, сега не сака да одговори зошто индискиот инвеститор се повлекува од Македонија. Не добивме одговор на поставените прашања испратени преку електронска пошта, а на телефонските повици не одговараше ниту портпаролот на министерот, Маријан Гиовски.

ВРСКАТА НА РОЈ СО УШТЕ ЕДЕН НЕУСПЕШЕН ИНДИСКИ ИНВЕСТИТОР

Оваа индиска компанија официјално не е поврзана со Рој, а и од „Сахара“ демантираат дека стојат зад неа, но постои врска која може и да е сосема случајна, но, сепак, постои.

Тоа е името на генералниот менаџер на компанијата, Амриш Чандра. Тој во Македонија, во ист временски период се јавува и како генерален менаџер на „Цел Глобал“, но и како генерален менаџер на „Сахара“, компанијата на Рој. Тој за македонските медиуми даваше изјави од името на двете компании.

– Во моментот се врши сеење на 230 хектари земјиште со зелен грашок што се употребува како сточна храна. Сеењето го вршат четири македонски компании од Источна Македонија кои имаа искуство со Сахара и во првата фаза кога се обработуваше земјата, изјави Чандра, претставен како генерален менаџер на „Сахара“ во Македонија.

Истиот човек, Чандра, беше и генерален координатор на Сахара Балканскиот мировен фестивал што во Скопје го организираше „Сахара Групацијата“. Тој за македонската јавност ја објаснуваше содржината на фестивалот, а на истиот се појави во придружба на Субрата Рој и на неговото семејство. Со Рој, на секоја негова посета во земјава се дружеа и целиот владин и државен врв, а кога немаше каде да бега, премиерот се правдаше пред јавноста дека владата никогаш не тврдела дека Рој ќе инвестира во Македонија. Но, покрај краткотрајното памтење на Груевски, медиумите потсетија на една од многуте изјави на министерот Ставрески, кој го тврдеше спротивното.

– Проектот на „Сахара груп“ за инвестирање во македонското земјоделство и посебно во млеко производството од денес станува реалност. Тоа е најголемиот проект, најголемата инвестиција во македонското земјоделство во последните 25 години, изјави Ставрески на 27 август 2013 година.

Фактите покажуваат дека на крајот најголемата странска инвестиција стана најголемата владина лага, која имаше за цел да го билда популизмот на партијата. А народот имаше шанса во живо да одгледа уште една боливудска серија, за која никако да се сети дека на крајот секако ќе заврши трагично. По сѐ изгледа дека се погодија актерите, па неизвесноста ги држеше сѐ до финишот.

 

Наместо подарок, споменикот на Мајка Тереза ќе нѐ чини 5 милиони евра

На почетокот на годината, Министерството за култура објави тендер за избор на компанија што ќе гради „објект со скулптурална композиција“, која се однесува на новиот споменик на Mајка Tереза со дозволена висина од дури 32 метри.

Првичните проценки се дека од државниот буџет за овој споменик од проектот „Скопје 2014“ ќе се издвојат околу 5 милиони евра, иако Рој најавуваше дека тоа ќе биде неговиот подарок за Македонија.

АРХИВА Луѓе од власта во Центар имаат имот вреден 500 милиони евра!

$
0
0

Текстот е објавен на 14 август, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1036

Разговараше: Љубиша АРСИЌ

ФОКУС: Документацијата што ја има Општина Центар, односно градежниот инспекторат покажува дека новото партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ од првичните 1.600 квадрати се проширило на осум илјади преку неколку интервенции во Деталниот урбанистички план во Советот на општината. Како е правено тоа и дали тоа значи дека вредноста на објектот е неколкукратно зголемена?

СТОЈЧЕСКИ: Во периодот од 2007 до 2012 година со вкупно пет интервенции во Деталниот урбанистички план за Малиот ринг каде што се наоѓа партиското седиште, градежната парцела е проширена со земјиште во сопственост на РМ, со што и предвидената градба од првичните околу 2.000 квадратни метри со искористеност на градежната парцела од 70 отсто, достигнала неверојатни над 8.000 квадрати со 100 отсто искористеност на градежната парцела.

Ова е класичен пример за злоупотреба на државните институции за зголемување на вредноста на партискиот имот, и тоа низ бројки од прилика изгледа вака: ако во 2007 година, на градежната парцела на партиското седиште била предвидена градба од 2.000 квадрати и би ја отстапиле на инвеститор кој на партијата би ѝ дал 35 отсто од идната градба, ВМРО-ДПМНЕ би се стекнала со имот од 700 квадратни метри, кој според пазарната вредност во тој дел од Центар од 2.500 евра по квадратен метар би чинел 1 милион и 750 илјади евра. Со сегашната состојба со последните измени на ДУП-от од 2012 година, според која на истата парцела е предвиден објект од 8.000 квадратни метри според истите пресметки, партијата ќе се стекне со имот од 2.800 квадратни метри, а тоа во пари би изнесувало 7 милиони евра. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ само со злоупотреба на мнозинството во Советот на Општина Центар се стекнало со дополнителен партиски имот во вредност од 5 милиони и 250 илјади евра!

ЦЕНТРАЛНИТЕ ОРГАНИ СЕ НЕЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ДИВОГРАДБАТА

ФОКУС: Што утврдија инспекторите кога извршија контрола на зградата? Какви неправилности се откриени?

СТОЈЧЕСКИ: На територијата на Општината, инспекцијата моментално контролира повеќе од 70 активни градби кои се од втора категорија и на секоја од нив градежните инспектори на Општината го контролираат нивното градење минимум трипати во текот на градбата, со цел да утврдат дали инвеститорите градбата ја изведуваат согласно одобрените проекти од страна на Општина Центар. Меѓу овие објекти се наоѓа и градбата на која како инвеститор се појавува „Бетон“, а се наоѓа на имот во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ. Објектот е со мешовита намена Б5 и Б4 (хотелски комплекс и трговски објект), од кои дел според меѓусебен договор треба да му припадне на сопственикот на парцелата, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Секторот за инспекциски работи во Општина Центар, при извршувањето на своите редовни работни задачи, изврши контрола на градбата. Притоа, од увидот на самото место, првично констатираше дека дел од објектот е ставен во употреба иако за тоа не се исполнети законските предуслови кои предвидуваат дека градбата на објектот треба да е завршена. Ова треба да биде констатирано од страна на надзорен инженер кој ја следи изведбата на објектот и заедно со геодетски елаборат и записник од страна на надзорот дека градбата е изведена во согласност со одобрениот проект, да се достават до Општина Центар со барање општината по извршената контрола да ги испрати до Агенцијата на катастар и недвижности на РМ, по што објектот ќе биде запишан во регистерот и за него ќе биде изваден имотен лист и тој ќе биде пуштен во употреба.

ФОКУС: Но, беше спомената и узурпација на државно земјиште?

СТОЈЧЕСКИ: Инспекторите, исто така, увидоа дека градбата на објектот од западната страна излегува надвор од сопствената градежна парцела и дел од градбата узурпира имот во сопственост на РМ (тоа е делот на самиот влез во деловните простории каде што е изграден балкон кој во целост се протега на земјиште на РМ). На нашите забелешки околу тој дел на градбата и самиот инженер на „Бетон“ со смеење ни покажа одобрение издадено од страна на Град Скопје во кое стои дека согласно член 73 од Законот за градење се издава одобрение за поставување настрешница во рамките на објектот. Согласно тој член, кој предвидува за кои градби не е потребно издавање одобрение за градење, каде што спаѓа урбана опрема и поситни градби децидно е наведено дека одобрението, односно решението за овој тип градби, од втора категорија, го издаваат градоначалниците на општините, како и градоначалниците на општините во рамките на Град Скопје, но никаде не е наведено дека одобрение може да издаде Град Скопје.

ФОКУС: Тогаш зошто општината не издаде решение за уривање на дивоградбата? Се тактизира ли од политички причини и до кога ќе се толерира незаконие?

СТОЈЧЕСКИ: Општинското раководство одлучи да ги покани луѓето од Град Скопје, како орган кој го издал спорното одобрение и државниот градежен инспекторат, да извршиме заедничка контрола и на издаденото одобрение, како и на спорната градба, по што заеднички би констатирале дали издаденото одобрение е во согласност со Законот за градење, односно дали е издадено согласно ингеренциите на градоначалникот на Град Скопје, како и тоа дали изведената градба на самото место може да се вклопи во настрешница во состав на објектот. Ова барање Општина Центар го испрати со цел да избегне какво било политичко влијание и етикетирање на инспектирањето на општината врз градбата чиј инвеститор е „Бетон. На нашето писмено барање за заедничка контрола одговори само Државниот градежен инспекторат кој во краткото известување, повикувајќи се на некои законски одредби, укажува дека нашето барање нема правен основ и од тие причини е одбиено. По одбивањето на Државниот градежен инспекторат и молкот на Град Скопје, Општина Центар во текот на овој месец ќе изврши повторен инспекциски надзор на наведената градба, по што ќе бидат донесени конкретни управни акти во согласност со Законот за градење.

ФОКУС: Тоа значи дека ќе го урнете партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ? Што ако, сепак, не се издаде решението? Има ли градежниот инспекторат поинакви опции, освен да премолчи?

СТОЈЧЕСКИ: Напоменувам повторно дека во текот на август, Секторот за инспекциски работи ќе изврши повторна контрола на градбата на „Бетон“ Скопје и дека по извршениот надзор ќе следат конкретни управни акти кои ќе се однесуваат на усогласување на градбата согласно одобрениот проект. Инвеститорот и да сака да ја комплетира документацијата за спорниот дел од градбата, не може од причина што таа е спротивна на позитивните законски одредби кои ја покриваат оваа област.

ФОКУС: Дали вие извршивте увид во просториите на партијата? Колкав дел ѝ припаѓа на зградата, односно кој е одговорен за прекршувањата на законот, ВМРО-ДПМНЕ или „Бетон“ како инвеститор?

СТОЈЧЕСКИ: Ако забележувате, цело време во интервјуто напоменувам дека Општина Центар врши инспекциски надзор над градба чиј инвеститор е „Бетон“ Скопје. За нас како Општина Центар небитно е дали инвеститорот градбата ја изведува на земјиште во сопственост на физички лица, во сопственост на правно лице или како во конкретниот случај, во сопственост на политичка партија. При извршениот прв инспекциски надзор на инспекторите на Општина Центар им беше дозволен увид само во делот од градбата кое е со намена Б5 односно хотелски комплекс, но не и на делот од градбата кој веќе е пуштен во употреба, а е со намена Б4 – трговски објект. Причината зошто не ни беше овозможен увид во тие простории од страна на инвеститорот остана непозната. Но, станува јасно ако се суди според тоа што веднаш по извршениот инспекциски надзор, политичката партија ВМРО-ДПМНЕ побрза преку соопштение, уште еднаш да ја изманипулира македонската јавност и да каже дека седиштето на политичката партија сѐ уште се наоѓа во старите простории (сѐ до денес не знаеме каде се наоѓаат тие, со оглед дека за да се изгради објектот беше срушено нивното старо седиште), иако пред очите на целата македонска јавност видовме како со голем партиски митинг беа пуштени во употреба новите простории на партијата на Груевски. На прашањето колкав дел од идната градба ќе ѝ припадне на политичката партија, јас не можам да ви одговорам.

ФОКУС: Додека Општина Центар е во дилема како ќе постапи за да покаже пред граѓаните дека го спроведува законот, односно дека законот е еднаков за сите, има ли простор ВМРО-ДПМНЕ или „Бетон“ да ја комплетираат документацијата и да спречат евентуална интервенција на градежниот инспекторат, ако се има предвид и најавата на „Бетон“ дека ќе ја исправи грешката за една година?

СТОЈЧЕСКИ: Изминативе две години многубројни се примерите каде што централната власт повикувајќи се на спроведување на законите и владеење на правото ја опструира работата на општината преку најразлични форми на притисок кој во одредени случаи вклучуваше и лишување од слобода. Опстојувајќи во намерите законите да важат за сите подеднакво, а најмногу за тие што се повикуваат цело време на нив, Општина Центар до крај законски ќе ја спроведе постапката на инспекциски надзор на градбата на „Бетон“ Скопје и притоа ќе донесе соодветни управни акти во согласност со законот. Најавата на инвеститорот дека во рок од 12 месеци ќе ја исправи грешката, односно дека во рок од 12 месеци ќе ја заврши градбата на објектот, не значи дека инвеститорот не го прекршил законот и со тоа нема да биде санкциониран, туку напротив, тоа е само признание дека „Бетон“ спротивно на законот пуштил дел од објектот во употреба.

НЕМА УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН ВО КОЈ ВЛАСТА НЕМА ИНТЕРЕС

ФОКУС: Со оглед дека на градежната инвазија ѝ нема крај, за која многу истражувања и анализи откриваат дека е пералница за пари, дали постојат и други објекти за кои власта пројавува интерес, а притоа инсистира на мегаломански градби, односно дали Советот на општината е под притисок за измени во урбанистичките планови со кои би им се удоволило на бизнисмените блиски до владејачката партија?

СТОЈЧЕСКИ: Според сите досегашни анализи, а и според телефонските разговори што ги слушнавме во политичките бомби кои се однесуваат на Општина Центар, можеме само да заклучиме дека точно оваа општина била и сѐ уште е најинтересна за инвестициите на луѓе блиски до владејачката гарнитура. Самиот податок дека луѓе блиски на власта во Општина Центар преку градежно изградено и неизградено земјиште поседуваат имот вреден околу половина милијарда евра, е доволен да претпоставите под каков притисок работи општинското раководство заедно со мнозинството во Советот. Секако, мегаломанските проекти и желбата за нивно надградување не запираат, а со самото тоа и притисокот е сѐ поголем.

ФОКУС: Дали тоа значи дека нервозата кај луѓето од ВМРО-ДПМНЕ не е поттикната само поради партиското седиште кое е под опсервација на инспекторите, туку нивните интереси се загрозени со повеќе објекти, односно со неможноста да ги вметнат во урбанистичките планови?

СТОЈЧЕСКИ: Законската обврска што произлезе од новиот ГУП на град Скопје, каде што во старите урбанистички планови се преминува на планирање на градски четврти, а со тоа и обврската сите општини во градот Скопје да изработат нови детални урбанистички планови усогласени со новиот генерален урбанистички план на град Скопје ја отвори пандорината кутија и ги зголеми апетитите на луѓето блиски до власта да тргнат во остварување на своите лични интереси. Точно дека нервозата на ВМРО-ДПМНЕ, како што поминува времето и се наближуваат предвремените парламентарни избори ќе биде поизразена од причина што овие луѓе никако не можат да се помират со фактот дека ја изгубија довербата на граѓаните на Општина Центар и дека општинското раководство нема да ги аминува и да потклекне на нивните притисоци за остварување на нивните лични интереси.

ФОКУС: За колку објекти имате податоци дека власта пројавува интерес? Каде треба да се градат тие објекти и кои се инвеститорите?

СТОЈЧЕСКИ: Кога ќе кажете дека нивниот имот е вреден 500 милиони евра дали мислите дека тоа се неколку објекти? Буквално секаде, во сите урбанистички планови има по неколку објекти. Нормално, некаде интересот е голем, некаде помал, но, секако, секаде има интерес на одредена групација на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Тука се парцелите Панорама на Водно, плацевите кај куќата на Ристо Гуштеров на Водно, хотелскиот комплекс зад „Рамстор“, хотелите на плоштадот, плацот на „Туш“ кај МРТВ, градбата на спортски терени кај стадионот, парцелата зад новата зграда на МНР, каде што е предвиден комерцијален објект, а претходно бил предвиден верски објект и уште многу други помали локации.

ФОКУС: Кој стои зад градењето? И на каков начин ВМРО-ДПМНЕ се обидува да влијае, односно да исползува максимални висини и габарити на зградите?

СТОЈЧЕСКИ: Во заднина на тие градби стојат луѓе веќе добропознати на јавноста преку објавените телефонски разговори. Прашањето би требало да биде – кој стои позади тие луѓе? Верувам дека одговорот го знаете сите. Да не се залажуваме дека само со губењето на општината и менувањето на дел од раководниот кадар нивните врски се прекинати, како со општината, така и со планерските куќи што ги изработуваат ДУП-овите. Само како податок – планерските куќи се оние истите што ги изработувале ДУП-овите и во време кога со општината раководеше и ВМРО-ДПМНЕ, кои секогаш знаат и да ги спуштат цените за изработка на плановите и под реалните, само да ја добијат работата, да го изработуваат планот.

ФОКУС: И сега, кои објекти се на дневен ред во Општина Центар? Како оди процедурата? Ќе има ли седница на Советот за урбанистичките планови?

СТОЈЧЕСКИ: По две години од мандатот на новото општинско раководство, први нацрт-планови што ги изгласа Советот на општината беа плановите за Дебар Маало и Мирче Мацан. И во двата ДУП-ови беше интервенирано од страна на општинското раководство за намалување на висината и намалување на габаритот на дел од предвидените градби со цел да не се дозволи неконтролирана урбанизација на тие делови од централното градско подрачје. Токму за тие објекти што ги намаливме интерес покажува власта. Овие намалени објекти се на истите лица што се појавуваат насекаде. Нема да ги именувам затоа што како сопственици на имотите се јавуваат физички лица на кои им е ветено дека ќе добијат зголемени габарити и висини ако склучат договори дека тие би биле инвеститори на парцелите, но ова е неофицијално оти се разбира дека тие не можат да ги остварат своите ветувања.

ОПШТИНАТА ИНТЕРВЕНИРА, НО ВМРО-ДПМНЕ Е УПОРНА

ФОКУС: Дали досега општината интервенирала некако за овие објекти?

СТОЈЧЕСКИ: Би ги споменал планираните градби на улицата 29 Ноември и на Круг во Дебар Маало кај кафе-барот „Круг“, кои беа намалени. Лично сметам дека мојата улога во сето ова е дел од причината за отпочнување на валканата кампања за моја дискредитација.

ФОКУС: Дали овие објекти повлекуваат значителни измени во урбанистичките планови и како општината ќе ги третира?

СТОЈЧЕСКИ: Сите планирани измени во ДУП-овите мора да се во согласност со реалната можност за нивна имплементација на самото место, секогаш не е битно дали планираните измени драстично го менуваат изгледот и планираната квадратура. Многу побитно е дали тоа може реално да се изведе. Зашто во постапката на спроведување на ДУП-овите и реализацијата на планираните градби Секторот за инспекциски работи секогаш е најдиректно изложен на притисоци за спроведување на невозможното, односно реалната потреба на граѓаните за спроведување на нереално планираните ДУП-ови.

ФОКУС: Ги споменавте проектантските куќи што им удоволуваат на претставници на власта да градат огромни згради во несоодветни подрачја…

СТОЈЧЕСКИ: Е, тука веќе навлегуваме во прашањето што е прво, кокошката или јајцето и знаете, имам навистина голема дилема дали градежниците се тие што се поврзуваат со планерите или обратно? Мое лично мислење е дека поттикнати од планерите (со ретки исклучоци), градежните фирми за максимализирање на својот профит доведоа до ова, вака да изгледаат денес, особено одредени делови на Општина Центар.

ФОКУС: Дали сето ова и како можеме да го поврземе со парцелите на Водно, кои, како што слушнавме од аудиоснимките на опозицијата, интерес пројавува и самиот премиер?

СТОЈЧЕСКИ: Според моите сознанија, а притоа стигаат информации и од ВМРО-ДПМНЕ, кои ми укажуваат на тоа дека партиското седиште ќе биде само изговор за валканата кампања против мене, а вистинските причини се сосема други, каде што се кријат бизнис-интереси на луѓе блиски до власта, секако дека и парцелите на Водно можеме да ги ставиме во тој дел, дури и како број 1, зашто, како што слушнавме, за нив интерес има лично премиерот. Власта ја користи истата шема на манипулација. На верниците им измисли проблем со црквата само за да ги добие хотелите на плоштад. Сега демек заради партиското седиште ќе ги натера да протестираат практично заради заштита на бизнис-објектите низ целата општина и на крајот, очекувано е дека јас ќе настрадам само затоа што се обидувам законски да ги попречам во нивното незаконие со десетиците објекти низ Општина Центар.

ФОКУС: Објаснете што се случува во моментов со парцелите на Водно. Дали таму нешто се прави, дали општината има отворено некаков предмет?

СТОЈЧЕСКИ: Во моментов среќни сме што ништо не се случува. За парцелите на Водно знаете дека Општината е во перманентен двегодишен притисок за пристап кон спроведување на ДУП-от, односно пробивање пешачка патека за приод кон наведените парцели, со што ќе се отвори можноста за отпочнување со градежни активности.

ФОКУС: Проверивте ли зошто и како се уриваат гаражи на Водно и чиј интерес е тоа?

СТОЈЧЕСКИ: Тоа се гаражите кои се на приодот на пешачката патека која ги поврзува парцелите. За нив градежниот инспектор Милан Пижула има донесено решенија за отстранување во текот на 2013 година. Под притисок на Државниот управен инспекторат, Општина Центар пристапи кон спроведување на решенијата по реакциите на граѓаните на населбата Водно и доставената иницијатива за огласување на решенијата за ништовни. Општината ја одложи акцијата сѐ до одлуката по поднесената иницијатива чие разгледување е во тек.

 МИ ТОКМАТ АПСЕЊЕ

ФОКУС: Со оглед дека вие сте главен инспектор по урбанизам и дека власта смета оти вие сте еден од оние кои им застанува на патот при нивното урбанистичко „остварување“, а веќе имаше медиумска кампања против вас кога ја черечеа и вашата биографија, очекувате ли лична одмазда?

СТОЈЧЕСКИ: За мојата биографија можам само да им кажам дека, високо образование имам завршено, а и претходно сум работел на раководно место во Министерство за правда, и тоа во перидот од 2010 до 2012 година. Ги исполнувам сите услови за раководител на Секторот за инспекциски работи, а и самото мое назначување двапати беше исконтролирано од државниот управен инспекторат, кој не најде никакви забелешки. За друго, оставам да истражуваат. Секако, периодов тоа и го прават. Личната одмазда и нападите кон мене и моето семејство само кулминираа со медиумската кампања, која навистина беше завидна. Цела недела или точно седум дена сите провладини медиуми ми посветија барем по пет минути во ударните термини. Ако земете дека во просек една секунда во ударен термин на телевизиите е некаде околу 250 евра, изненаден сум што толку потрошија на мене и им благодарам.

ФОКУС: Дали сте исплашени дека власта може да оди и чекор понатаму, па да ви подготви посериозно црно сценарио?

СТОЈЧЕСКИ: Знаете, Општина Центар со случајот на Мирослав Шиповиќ влезе во извештајот на Стејт департментот за почитување на човековите права. Нема да ме зачуди, во сѐ поочигледната нервоза што владее во ВМРО-ДПМНЕ, сѐ да се случи. Моите информации што ги добивам од луѓе блиски до партијата ми говорат дека власта нема да избира средства и начини во последните моменти од владеењето да посегне по секакви методи само да ме отстрани од патот кој им носи личен профит. Според медиумската кампања што беше насочена за моја лична дискредитација и според информациите кои стигаат до мене, не е исклучено да се обидат да инсценираат поткуп, да извадат заштитен сведок или да измислат разни невистини кои би им помогнале да монтираат судски случај против мене. Сакам на крајот со една реченица да им порачам – Секторот за инспекциски работи – општински инспекторат при Општина Центар не е сектор кој ви ги прифаќа мислењата од Министерството за транспорт и врски и не ги спроведува Вашите желби! Силно ќе се спротивставиме на сите притисоци и во никој случај нема да потклекнеме на сите уцени и закани, кои само ни покажуваат дека сме на вистинскиот пат да продолжиме совесно да работиме почитувајќи ги законите и во интерес на граѓаните на Општина Центар.

РАМКА1

МИ ИЗГЛЕДА ДЕКА ЌЕ СЕ ПОВТОРИ НАПАДОТ НА ОПШТИНАТА

ФОКУС: Со интересот во повеќе објекти во Центар се потврдува дека играта е многу поголема од самото партиско седиште!

СТОЈЧЕСКИ: Мене ми изгледа дека ќе се повтори нападот на Општина Центар, како тогаш, кога верниците ја нападнаа општината бранејќи ја црквата, а незнаејќи дека ги бранат хотелите на плоштадот, тема за која вие во „Фокус“ први пишувавте. Мислам дека повторно раководството на ДПМНЕ ќе си поигра со чувствата на вистинските поддржувачи на партијата и како што веќе гледаме, ќе ги злоупотреби за пресметка со Општина Центар со изговор за одбрана на партијата (а сами рекоа дека седиштето не им е таму) се со цел остварување на своите лични бизнис-интереси. А таквите и понатаму имаат силна логистичка поддршка во секторот за урбанизам, посебно во делот на планирањето.

 Рамка2

И КАЈ МРТВ – ТРГОВСКИ ОБЈЕКТ НА СОМНИТЕЛНО СТЕКНАТО ЗЕМЈИШТЕ

 ФОКУС: Уште еден предмет кој е во архивата на Општината е плацот кај МРТВ, поточно во околината на бензинската пумпа на „Макпетрол“ кој државата го купи од словенечки „Туш“, а потоа заврши кај фирма блиска на владејачката партија. Што е вистината за овој случај?

СТОЈЧЕСКИ: Таа парцела Владата уште во 2006-та и ја додели на „Туш“ како директна странска инвестиција, за што мислам дека „Туш“ има добиено и повластена цена од страна на државата, која, ако не се лажам, мислам дека тогаш изнесуваше пет евра по квадратен метар. Сега во моментот како сопственик на таа парцела се појавува ОМЕГА БИЛДИНГ, која е во сопственост на БЕТОН ШТИП. Како се префрлила сопственоста од „Туш“ на друго правно лице и дали „Туш“ имал право земјиштето да го продава како градежно неизградено земјиште, треба да го прашате јавниот правобранител и Министерството за транспорт и врски.

ФОКУС: Што сака власта таму да изгради? Колкава површина има објектот и дали ќе им се издаде неопходната документација за градба?

СТОЈЧЕСКИ: На таа парцела предвидена е градба со намена Б4 – трговски објекти со вкупна изградена површина од околу 42.000 квадратни метри. До денес, до општината мислам дека не е поднесено барање за издавање одобрение за градење на таа парцела, а ако се поднесе, јасно е дека согласно законот во соодветна постапка општината мора да издаде такво одобрение.

 

 

АРХИВА Им избегав на киднаперите од УБК, а пред локалните избори ми местеа и ликвидација

$
0
0

Текстот е објавен на 28 мај, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1025

Разговараше: Љубиша АРСИЌ

ФОКУС: По пет месеци поминати во притвор, сега од слобода ја очекувате завршницата на истрагата за досието „Јагула“, во кое ве сомничат за финансиски криминал. Очекувате ли дека ќе финишира со обвинителен акт или, пак, Јавното обвинителство ќе се откаже од гонење?

ПЕТРЕСКИ: За судскиот предмет не знам што да очекувам, но овие денови сум во исчекување како ќе заврши политичката ситуација во Македонија. Тоа е тоа што го исчекувам и што ми се наметнува како приоритет. За процесот само можам да се надевам дека ќе заврши во моја полза ако претходно судството стане нормално.

ФОКУС: Сметате дека евентуална промена на политичката сцена ќе има влијание и врз вашиот случај?

ПЕТРЕСКИ: Промената на политичката сцена ќе направи пресврт и во мојот случај. Ако ништо друго, барем ќе стивнат политичките притисоци затоа што целиот процес почна така. Очекувам дека, ако прекинат влијанијата врз истражните органи од страна на власта, предметот нема да биде отворен, односно нема да почне судски случај затоа што само така е исправно. Ова не го зборувам затоа што сум од СДСМ, туку поради фактичката ситуација и аргументите, кои се во моја полза. Кога обвинителот ме запознаваше со содржината на предметот, јас не видов издржани аргументи. На пример, не знам зошто бев пет месеци во притвор, а уште помалку зошто е отворен предметот. Од она што се зборуваше и се пласираше во јавноста и од медиумската кампања на провладините медиуми за злоупотреби, испадна дека нема врска. Нема никаква врска тоа што првично беше објавено, а нема врска ниту со кривичната пријава.

ФОКУС: Тогаш со што има врска вашиот случај и ако нема злоупотреби што ви ставаат на товар?

ПЕТРЕСКИ: Ако се погледне со објективни очи, не очекувам никакво дело да ми стават на товар. Истрагата е во тек и сега не можам да откријам многу работи. Но, јасно стана дека нема злоупотреба на службената положба оти е очигледно дека нема штета ни за општината, ни за државата. Стојам на фактот дека кој работи може и да згреши. Но, таквите грешки, и да постојат во мојот случај, сепак не се за да се обезбеди нечија имотна корист. Сите тие постапки за кои контрираме во рамките на истрагата, а се поврзани со тендерски набавки, ги прави администрацијата на општината и како што гледам јас, сѐ е во ред со нив. Не се во ред уцените и обидите на власта да ме осуди.

ФОКУС: Па, тогаш врз основа на што ги темели доказите Јавното обвинителство?

ПЕТРЕСКИ: Јас тврдам дека администрацијата ги спроведувала тендерите совесно и транспарентно и затоа велам дека е постапувано според законските прописи. Со оглед дека власта постојано ги менуваше законите, и да има некаква грешка, не е толку голема за да има одредување притвор, а уште помалку затворски казни. Оттаму, јас не можам да најдам логика како обвинителството при евентуален судски процес ќе го докажува делото, освен ако не постојат силни притисоци.

НЕМА ДЕЛО, САМО ЧИСТА ПОЛИТИКА

 ФОКУС: Значи дека случајот го сметате за политички, а не за кривичен?

ПЕТРЕСКИ: Тврдам дека целиот случај е политички. Пред сѐ, да се анулира мојот политички рејтинг и моите остварувања додека бев градоначалник. Сигурен сум дека тие достигнувања што ги имавме јас и вработените во општината се убедливо најдобри во споредба со сите градоначалници претходно, па и со сегашниот. Некому тоа навистина му пречело и се обидел да најде начин како да ме отстрани од игра. Но, ќе видиме до кога, мислам дека им доаѓа крајот.

ФОКУС: Кои аргументи ги нудите за да ја уверите јавноста дека навистина политички ви се одмаздуваат и дека не сте сториле кривично дело?

ПЕТРЕСКИ: Тие аргументи ги темелам врз резултатите што се постигнати, а сите тие се наведени во отчетот на општината. Едноставно, граѓаните гледаа самите колку бевме на терен и колку работевме. Многу од проектите беа поврзани со водовод и канализации, а тие не се гледаат. Фонтани не правев, како некои други. Се фокусирав на најпотребните, суштинските работи. Ако се земат резултатите – колку километри патишта сме асфалтирале, колку километри пешачки патеки сме изградиле, колку игралишта, како се грижевме за училиштата, станува јасно кој работел за Охрид. Но, некој сакаше да ги погази ти резултати, а мене да ми наштети. Друго објаснување нема за мојот процес.

ФОКУС: Пред да продолжиме за тоа што го преживувате во притвор, да ве потсетам дека власта при нападите против вас како најсилен аргумент го користи долгот на општината што сте го оставиле зад себе?

ПЕТРЕСКИ: Приказната за долговите, која ја наметнуваат противниците од власта, воопшто не е точна затоа што јас, на пример, никогаш не зедов кредит за моето работење. Долговите ги наследив, но и голем дел од нив се платени. Долговите што тие ги наследиле, се очекувани, и тие се на власт, иако победија на нечесен начин. Голем дел од долговите се наследени, а некои не ни беа ни познати. Имаше стотици предмети во судовите за експропријација отворени пред 20 или 30 години, и сега доаѓаат за исплата. И во текот на денационализацијата се вратија голем број имоти на кои општината имала инфраструктурни зафати и судските предмети доаѓаа за извршување. Последните месеци од мојот мандат ми дојдоа неколку милиони евра за исплата по овие две основи.

ФОКУС: Значи дека некои обврски, кои по логиката може да ѝ припаднат на централната власт, практично ги презела општината?

ПЕТРЕСКИ: Ќе ве потсетам на едно време, во Југославија имаше децентрализација на власта и тогашните први луѓе на општините имаа поголеми ингеренции. На пример, во здравството (поставуваа директор на болница и здравствен дом), во полицијата (назначуваа началник), во јавниот превоз и во образовниот процес (избираа директори на училишта и претпријатија). И во тоа време кога се граделе болници, училишта, носители на тие проекти биле општините. И тогашните предмети за експропријација биле заведени против општината. На пример, болницата во Охрид била изградена врз нечиј имот и сопствениците покренале процес против општината. Потоа во Македонија, во 2006-та се обидовме да се децентрализираме. И имаме ситуација кога сопственик на зградите на полицијата и на болниците се МВР или Министерството за здравство, а ние мораме да ги обесштетуваме граѓаните. Притоа немаме никакви ингеренции врз тие институции.

ФОКУС: Сакате да кажете дека обесштетувањето на сопствениците на имотите врз кои има изградено институции од јавен карактер е виновно што оставивте 30 милиони евра долг на општината?

ПЕТРЕСКИ: Тоа беше причина за блокирање на сметката на општината. Но, сепак, фактите се малку поинакви од пропагандата на власта. Кога дојдов на позицијата градоначалник, буџетот беше 1,8 милион евра, а познатите долгови беа 14 милиони и уште вакви потенцијални долгови од 20 до 30 милиони евра. На Охрид му беа неопходни инвестиции оти заостануваше во својот развој. Така, моравме да влеземе во нов инвестициски циклус – ем да враќаме долгови, ем да инвестираме. Во многу села, во многу населби направивме голем број проекти. За мене водење општина е како да водиш семејство – прво тоа што е неопходно. Не одев јас да купувам чоколада пред да донесам леб и млеко, за разлика од политичарите на ВМРО-ДПМНЕ. Буџетот се зголеми на десетина милиони евра, а долговите беа колку два годишни буџети. Кога дојдов вкупните долгови беа колку седумгодишни буџети, а сега се два. Ама власта само бројките од долговите ги објавува, а не и буџетот. Затоа не е точно дека сум ја презадолжил општината.

ЗА ДА ПОБЕДИ ВО ОХРИД, ВЛАСТА ДУРИ И ЌЕ МЕ ЛИКВИДИРАЛА

ФОКУС: Ако сето ова што го зборувате е вистина, како ги загубивте изборите?

ПЕТРЕСКИ: Со наместени избори. Избори со директни закани и уцени врз граѓаните. Во Македонија сме сведоци дека има многу начини за нечесни избори. Сега ми текнува на седум до осум нерегуларности да наместиш избори, а кај нас во Охрид беа применети сите: имаше фантомски гласачи од Албанија, имаше гласачки ливчиња што се делеа претходно, имаше и гласачки ливчиња на кои пишуваше Општина Карпош во горниот дел, имаше закани и уцени.

ФОКУС: Некои од овие нерегуларности се споменуваат и во опозициските аудиоснимки што ги објавува Зоран Заев.

ПЕТРЕСКИ: Тоа за кое зборува, пред сѐ, Мартин Протуѓер беше јасно уште во предизборната кампања. Секоја моја предизборна активност беше проследена со инцидент. Каде и да се појавев, ми пуштаа насилници да ме следат и да ме провоцираат. Бевме под закани и јас и моето семејство. Бизнисмените во Охрид беа повикувани на средби и заплашувани дека нема да продолжат да работат ако не платат и не застанат зад мојот противкандидат.

ФОКУС: Ако постојано во врат ви дишеле насилници, тогаш што најстрашно ви се случи за кое јавноста не знае?

ПЕТРЕСКИ: Прво ќе кажам дека телефонските снимки од прислушувањето, особено тие со Јанкулоска мене ништо не ми потврдија затоа што јас со тоа живеев. Со уцените и со заканите што тие ги споменуваат. Постојано ми се јавуваа дека ќе ме апсат. И сега затоа знам дека сѐ е организирано и наместено, дури и да доживеам сообраќајка, имале во план. Живеев со тоа и затоа сега кога ги слушам снимките, ништо не ме изненадува. Дури и малку слушнавме од тоа што го преживувам. Но, сепак, тоа ми значи, за граѓаните да се уверат како ме наместија и како ми се одмаздуваат. Тоа што на Жерновски му се случува овие две години, мене ми се случуваше осум години.

ФОКУС: Како да ви направат сообраќајка? Со намера да загинете?

ПЕТРЕСКИ: Па, така требало, и тоа во петокот, пред локалните избори. Но, по сѐ изгледа, откако веќе знаеле дека го ставиле под контрола изборниот процес, односно дека имаат наместено поголем број гласови од моите, се откажале. Ова ми го потврдија лица што знаеле сѐ за операцијата за мое физичко отстранување, а која требало да се изведе од две лица со џип. Значи, власта не избира механизми како да ги неутрализира противниците, особено тие кои со резултати го заслужиле вниманието и гласот на народот.

ФОКУС: А сега, дали се чувствувате безбедно, барем кога патувате?

ПЕТРЕСКИ: Не знам дали треба повеќе да им се плашам. Веќе сите го знаат нивното лице. Но, тоа што со сигурност го знам е дека целиот период од 2009-та наваму, многупати имаа обиди да ме наместат, како на пример, за поткуп, како што на Заев му измислија дело. Директно доаѓаа лица кои ми нудеа пари за некаква работа. Постојано бев прислушуван и следен. Забележував многу сомнителни лица во моја близина. Дури и јавно кажав дека сум прислушуван, а Иво Котевски од МВР ми се закани дека ќе ме тужи ако не докажам дека сум прислушуван. Ми беа пуштани разни насилници да ми се закануваат. Еднаш ме собраа во возило за наводно некаква средба во Маврово. Ме зедоа двајца, еден од УБК, но откако сфатив што е работата, им избегав под изговор дека треба да купам цигари. Ми рекоа прво дека во Струга ме чекаат на некаква средба, па кога тргнавме низ главната улица на Охрид, ми кажаа дека одиме во Маврово, и тогаш се исплашив и им реков да застанат на бензинска пумпа и избегав.

ФОКУС: Дали подоцна дознавте кој ве зел и каде сакал да ве однесе?

ПЕТРЕСКИ: Го познавав едниот од нив, но не сакав понатаму да се распрашувам. Знам дека беше обид за моја ликвидација, така барем изгледаше ситуацијата.

ФОКУС: И ова ѝ го припишувате на власта?

ПЕТРЕСКИ: Па, слушнете ги снимките, многумина прашуваат за мене и за моето апсење. Со нив се потврдува што сакала власта со мене. Еден од соговорниците чиј глас јас го препознав е познат македонски бизнисмен, дури и тој се интересира за моето приведување. Зошто? Затоа што многумина се влезени во шемата на ВМРО-ДПМНЕ и сакаат уништување на сите што им стојат на патот.

КОГА СТЕ И ПРОТИВНИК ВЛАСТА, ВЕ ТОЛЧИ ДО КРАЈ

 ФОКУС: Сепак, иако не им биле успешни обидите за физичка ликвидација, успеаја да ве неутрализираат на избори. Тоа секако е подобра варијанта и за нив и за вас.

ПЕТРЕСКИ: Тие избори беа целосно изместени. Охрид нема толку жители колку што имаше гласови. Замислете, на избори излегле 36 илјади граѓани! Реално е кај нас да излезат 22 до 23 илјади. Затоа велам дека тие се откажале од сите опасни планови кога пресметале дека ќе имаат гласови за победа на нивниот кандидат. Првпат кога победив, имав 11.000 гласа. Сега имав 13.000, што значи оти рејтингот ми пораснал. Но, спорни и нелогични се нивните гласови.

ФОКУС: Добро, ако ве победиле со наместени избори, кои, сепак, се признати од Државната изборна комисија и ако на вашето место беше избран друг градоначалник, не значеше ли тоа ваше отстранување? Зошто тогаш им требаше судски случај?

ПЕТРЕСКИ: Па, такви се тие, одат до крај. Сѐ што може да ти направат, ќе ти направат, само да те нема на политичката сцена. И додека бев градоначалник, ме проверуваа, но и двете години откако не сум. И мене и моите соработници, сите нѐ повикуваа во полиција. Нѐ испрашуваа многупати. На вработените им се закануваа да признаат за мене и така ќе се спаселе тие. Ме притворија пет месеци за наводно влијание врз сведоци и можност од бегство, а тие практично им влијаат и на сведоците и на другите осомничени да застанат против мене, но тоа нема да им помине. Од прислушуваните снимки стана јасно дека тие се плашеле за имотите околу Охрид, особено за имотите што требаше да ги присвои Субрата Рој. Единствени што им се спротивставивме бевме јас, Паско Кузман, кој, исто така, заврши со судски процес и владиката Тимотеј, кого не можат да го гонат оти е високо црковно лице. Не можејќи да ги остварат своите нечесни идеи, решија да ме отстранат и да ме стават в затвор. Едноставно, да ме столчат.

И ДА СИ ЗДРАВ, ВО ПРИТВОР ЌЕ СЕ РАЗБОЛИШ

ФОКУС: Уште малку околу процесот „Јагула“. И по пет месеци во притвор, обвинителството не успеа да ја заврши истрагата. Сега сте во очекување. Но, во какви услови престојувавте со оглед дека здравствената кондиција ви е лоша?

ПЕТРЕСКИ: Тоа се нехумани услови, бевме во 10 квадрати тројца притвореници и со отворен тоалет. Целата соба е црна од влага и мувла, едноставно и здрав да си, ќе се разболиш, а не болен како мене. Но, цела среќа што барем вработените беа коректни со мене и за тоа сум им благодарен.

ФОКУС: Имаа ли оправдување за толку долгиот притвор?

ПЕТРЕСКИ: Секако дека не. Сѐ беше изживување. Јас уште од самиот старт им покажав дека немам намера да се кријам. Секогаш кога ме повикуваа во полиција, се пријавував. Дополнително, кога дојдоа во мојот дом во Охрид околу 50 полицајци за да ме уапсат, јас не бев таму. Бев во Скопје. Сопругата ми се јави и јас веднаш им ја дадов адресата на која бев во Скопје.

ФОКУС: Предметот против вас е комплексен и има 15 осомничени. Сега сите сте на слобода. Дали е можен пресврт, односно дали може истрагата да прекине или пак некои од осомничените да застанат против вас?

ПЕТРЕСКИ: Не верувам дека некој ќе застане против мене оти сите ја знаат вистината. Добро е што јавниот обвинител добро го познава предметот и убеден сум дека полека ќе сфати оти таму нема дело. Најдиректно ми се става на товар некаква  грешка во процедура при јавни набавки во општината. Не за тоа дали работата е завршена или не е, не дали количините се тие или не се, туку дали работата била почната пред време – дали нешто сме започнале да правиме пред да заврши тендерот. Најважно е дека нема финансиски криминал, иако некои нивни медиуми пласираа бројки од 20 милиони евра.

ФОКУС: За крајот од овој разговор да прашам за вашиот наследник и како сега се води општината. Колку Бакрачевски е самостоен во одлуките и колку е потчинет на власта?

ПЕТРЕСКИ: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ сега се за сите проекти за кои претходно беа против. Неговата работа не можам да ја коментирам оти е ограничен многу. Не смее да излезе од партискиот шаблон. А за еден градоначалник е важно да има самостојност а не да биде послушник. Тој е практично задушен. Принудуван е да има поинаков аршин спрема вработените, така му се наложува од партиската централа.

ФОКУС: Како да ништо не е променето во Охрид откако тој е на власт, таков ли ви е впечатокот?

ПЕТРЕСКИ: Сметам дека тоа што му ветуваа дека власта ќе му помага, го направи да се однесува како да е вработен во влада, како чиновник. Сите нивни градоначалници работат по ист налог. Тоа што централната власт му ветуваше дека ќе му помогне, падна во вода. Сега власта самата себе си не може да си помогне. Тој е оставен на цедило и многу му е тешко сигурен сум, особено при ваква политичка состојба кога власта по секоја цена се обидува да се спаси и да се извлече од криминалот. Сега неговите проекти се практично моите со кои ме блокираше министерот Јанакиески. Сите заложби да влезам во проекти од јавно-приватно партнерство ми ги рушеа нивните советници затоа што биле лоши, а сега наеднаш станаа добри. Со еден збор, власта од добар лекар направи лош градоначалник.

Рамка

ПРОТУЃЕР ПОСЕГНА ПО ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ

ФОКУС: На снимките за кои зборувате се споменува и некаков имот за кој интерес пројавува Мартин Протуѓер. За што се работи?

ПЕТРЕСКИ: Тоа е најверојатно негов приватен имот или на некој негов близок, но се наоѓа во строго заштитено подрачје, а тоа значи дека нема вредност. Тој бара да се урбанизира за да може вредноста на имотот да порасне за понатаму да го продаде или не знам што да прави. Но тој имот би се зголемил и до 100 пати според вредноста ако се пренамени. Тој е во строго заштитено подрачје, познатото охридско блато.

Рамка

ЌЕЛИЈАТА ЈА ДЕЛЕВ СО ДРУГИ НЕПРАВЕДНО ОБВИНЕТИ

ФОКУС: Со кого ја делевте ќелијата?

ПЕТРЕСКИ: Со Часлав Кузмановиќ златарот, обвинет за кражбата во Археолошкиот музеј кого го осудија на правда. И тој имал закани да стане сведок против другите обвинети во процесот. По три месеци закани, кога не го убедиле за сведок, настрада и тој како обвинет. Вториот цимер ми беше Арслан Подар од Грчец, тој беше одговорен за дрога. Беше присилен да признае нешто што не сторил за да добие поблага казна. Пазарот му беше наместо 10, да добие пет години.

АРХИВА Сашо Мијалков и Горан Грујевски шпионирале за српската разузнавачка служба!

$
0
0

Текстот е објавен на 9 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1092

Пишува Валентина ВУРМО

Многумина се изненадија кога на 16 септември 2013 година, во утринските часови полицијата влезе во домовите на поранешните разузнавачи Маријан Ефремов, Александар Диневски, генералот Горан Стојков, поранешниот директор на Дирекцијата за спречување на перење пари Ване Цветанов и уште кај десетина звучни имиња за пошироката јавност, сомничејќи ги за „шпионажа“, „злосторничко здружување“, „изнуда“ и за уште неколку кривични дела. Осомничените набргу станаа обвинети, а подоцна и осудени во првата шпионска афера „Шпион“, со пресуда дека на странски разузнавачки служби продавале информации за безбедноста, како и за политичките и економските случувања во земјава, а наводно уценувале и јавни личности со „чувствителни“ информации кои ги поседувале за нив.

Второто изненадување, во врска со овој судски предмет, се случи минатата недела, кога на јавната седница во Апелација, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ја аминуваше првостепената пресуда, барајќи единствено намалување и ублажување на казните за дел од осудените, наместо, како што се очекуваше, да побара нејзино укинување.

Повикувајќи се на материјалите од прислушуваните разговори, СЈО пред шест месеци ја презеде надлежноста за овој случај. Токму затоа осудените беа затекнати од одлуката на специјалните обвинители, прашувајќи се зошто го зеле случајот во свои раце? Тие имаа информација дека СЈО поседува дури 88 телефонски разговори, кои сведочеле за тоа дека предметот е полициско-политичка конструкција, бидејќи наводно се слушале инструкции од власта за тоа како да се апсат, како да им се суди и како да им се пресуди.

СПЕЦИЈАЛНИТЕ ОБВИНИТЕЛКИ ПОБАРАА УСЛОВНИ КАЗНИ ЗА ШЕСТМИНА

Како и да е, Специјалното обвинителство, имајќи го предвид целиот доказен материјал за предметот од една, и прислушуваните разговори од друга страна, реши сепак да им даде предност на доказите на судот.

Поточно, СЈО ги оцени како неосновани поголемиот број од жалбите на обвинетите и му предложи на Апелациониот суд да ги отфрли, а ги прифати само жалбените наводи на одбраната за висината на казните, кои според обвинителството се превисоки. Затоа му предложи на второстепениот суд да ги намали, а на шестмина осудени затворските пресуди да им ги замени со условни, и тоа на Марјан Маџовски, Георги Хаџи Мицев, Живко Петковски, Ване Цветанов, Тоше Кошиновски и Кирил Соколов.

Специјалното обвинителство на јавната седница предложи да бидат направени и дополнителни вештачења за оружјето најдено кај генералот Стојков и кај Цветан Дамјановски и да бидат обезбедени дополнителни докази за делото прикривање кое му се става на товар на Маријан Ефремов.

– Првостепениот суд пропуштил да изврши вештачење и да прибави докази за релевантни факти за оној дел на кој се однесуваа жалбите на Стојков, Дамјановски и на Ефремов. Во однос на другите жалби на обвинетите лица, кои се однесуваат како на утврдување на фактичката состојба така и на повредата на ЗКП и Кривичниот законик, предложивме да бидат одбиени како неосновани бидејќи по проучување на целокупниот доказен материјал, кој беше навистина обемен, утврдивме дека ваквите жалбени наводи не наоѓаат никаква поткрепа и затоа предложивме да бидат одбиени како неосновани, рече обвинителката Ленче Ристоска, додавајќи дека Кривичниот суд постапил правилно прогласувајќи ги обвинетите за виновни.

Специјалните обвинителки како неосновани ги отфрлија жалбите на одбраната за примената на ПИМ-мерките, во кои се тврдеше дека биле незаконски, а ги отфрлија и жалбите за тоа дека доказите биле на странски јазик. Најоспоруваниот дел од страна на одбраната е кривичното дело злосторничко здружување, што според СЈО е исто така неосновано, поради тоа што за постоење група не мора групата да има хиерархија, поделени улоги и директно учество, туку е потребно да се изрази волја да се биде дел од група, што се докажува од доказите, односно од меѓусебната комуникација на обвинетите, рече образложувајќи ја својата одлука обвинителката Елизабета Јосифовска.

По неочекуваниот заплет, од одбраната се обидоа да дадат неколку толкувања на оваа одлука. Дел сметаат дека СЈО прави обид да балансира и да прави компромис, а според други, влијание имало тоа што колешките не сакале да ѝ се спротивстават на обвинителката Лиле Стефанова, која сега е дел од тимот на СЈО, а претходно застапувајќи го обвинителството за Организиран криминал и корупција, го сработи обвинението за „Шпион“. Сепак, Ристоска уверуваше дека Стефанова сега не работела на овој предмет, и дека за него биле задолжени лично таа и обвинителката Јосифовска.

Покрај обвинетите, затекнати од ставот на специјалното обвинителство беа и нивните бранители.

Доколку предметот е монтиран како што тврдат обвинетите, СЈО не смееше да предложи прифаќање на пресудата, а доколку, пак, од прислушуваните разговори се гледа вина кај обвинетите, тогаш не можеше да побара намалување на нивните казни, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

ЕФРЕМОВ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛО НА СВЕДОЦИТЕ

Првообвинетиот Ефремов, кој со првостепената пресуда е осуден на 15 години затвор, за неколку кривични дела, образложувајќи ја својата жалба пред Апелациониот суд, упати голем број обвинувања, кон судската, но и кон извршната власт. Како што рече, Одделението за организиран криминал во судот и обвинителството служеле за уништување на граѓаните кои претставуваат директна опасност за откривањето на криминалите на власта.

– Класичен пример за тоа е токму овој предмет „Шпион“, во кој криминалната власт уништува десетина професионални разузнавачи и припадници на безбедносниот систем, кои се „ноќна мора“ за власта, бидејќи поседуваат еден куп информации од разузнавачки карактер за тоа како на монструозен начин се разнебитува македонската држава, односно се пљачкосува сопствениот народ, обвини Ефремов.

Тој ја обвини и обвинителката Лиле Стефанова, која го напиша обвинението за „Шпион“.

Обвинителството употреби лажни сведоци, а вршело и уцена на сведоци со закана на губење на слободата, со загрозување на приватноста, со губење на работното место, со што сведоците биле доведени пред свршен чин да потпишат изјави под притисок, изјави кои веќе биле составени од страна на обвинителството и полицијата, а со цел да се оформи обвинението за „Шпион“, рече поранешниот разузнавач, кој додаде дека во таа насока било и задржувањето на приватни (интимни) работи, како што се видеа, слики, и други материјали меѓу него и сведоците, а кои им биле одземени при претресите на нивните домови.

Од друга страна, пак, посочи дека во предметот немало ниту еден доказ, односно документ со ознака на доверливост „државна тајна“, ниту бил прикажан во текот на постапката, туку биле обвинети дека „продавале“ информации на странски служби кои веќе биле јавно познати.

Исто така, Ефремов потенцираше дека не биле идентификувани лицата на кои наводно им ги предавал информациите и не било утврдено на која странска разузнавачка служба ѝ припаѓаат.

Не постојат докази дека на државата ѝ е нанесена политичка, воена и економска штета. Сите прибавени докази се добиени на незаконски начин, односно за кривичното дело шпионажа ПИМ мерките морало да ги одобри Врховниот суд, а не како во случајот истражен судија од Кривичниот суд, истакна Ефремов во својата жалба.

За кривичното дело „злосторничко здружување“, што, покрај шпионажата исто така му се става на товар, пак, рече дека е небулоза, бидејќи обвинетите меѓусебно не се познавале, немало умисла за извршување на наводните кривични дела, не била докажана стекната имотна корист, а немало ниту организатор на групата.

ЕФРЕМОВ: ПОЛА ВЛАДА ШПИOНИ!

 Тој обвини и дека полицијата и обвинителството прикривале доказен материјал со кој се докажувала неговата невиност.

Според пресудата, како свој соработник сум го имал и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, и од него сум „црпел“ информации кои наводно сум ги доставувал до грчката и украинската служба. Судот и него, но и останатите кои ги предложивме, а наводно биле мои соработници, ги одби за сведоци. Прво, затоа што политичкиот врв не дозволи да се сослушаат нивни пратеници, а второ, на тој начин ќе се утврдеше целата вистина, бидејќи во моите извештаи, кои беа содржини од дневни весници, интернет, книги, наведував имиња на лица, иако не сум имал контакт со нив, рече Ефремов.

Првообвинетиот додаде и дека огромен број документи кои биле одземени од него, во постапката биле скриени и неприкажани, како на пример сметките и лицата потписници на офшор-компании на луѓе од власта со кои наводно се переле народни пари во странство.

Образложувајќи ја својата жалба на јавната седница пред апелационите судии истакна и дека во Македонија се шпиoнира, но тие случаи не стигнувале до судот. Тој обвини дека во шпиoнската мрежа се вклучени високи функционери од власта, бизнисмени и новинари.

Како вистински пример за кривичното дело „злосторничко здружување“ го наведе дејствувањето на актуелната власт.

Овие луѓе меѓу себе се познаваат, комуницирале, се договарале и со умисла вршеле кривични дела (рекетирање, тајни сметки, перење пари…), при што се стекнале со огромна имотна корист. На нив треба да им се суди, а не на професионалци кои ја разоткриле криминалната банда на Никола Груевски, обвини Ефремов од судница.

Тој наведе и неколку примери за шпионажа во Македонија, на кои како што рече, лично работел, а доказите се во судот, каде што се наоѓаат неговите запленети компјутери.

Откривање на двајца вработени во Воената разузнавачка служба на Македонија како продаваат информации на разузнавачи на странска служба од соседството, поточно за српската. Едниот од нив беше шеф на ВРС, Сашо Мијалков, и подоцна на УБК, а другиот сѐ уште е во една од управите, Горан Грујевски. За сето тоа постои архивиран материјал и докази во компјутерите во кои работев. Доколку не се уништени, постојат во судот, обвини од судница Ефремов, на јавната седница минатиот четврток.

Поранешниот разузнавач обвини дека открил шпионска мрежа и во редовите на високи офицерски чиновници во Министерството за одбрана, проневера со опрема за прислушување, а во шпионската мрежа наводно фатил и неколкумина бизнисмени.

По спроведена оперативна акција во странство донесов доказ за инволвираност на високи политички, воени и бизнис структури-лица, кои се ставаат во функција на агент на Српската разузнавачка служба во Македонија за конкретни суми и конкретни задачи, додаде Ефремов.

Тој во судница ги наведе со име и презиме, но ние ќе ја споменеме само нивната професија. Па така, обвини началник кој месечно наводно земал по 1.200 евра од една странска разузнавачка служба. На двајца високи функционери во МВР на товар им стави дека од странска служба биле искористени како линк со посредување во проституција со малолетнички од Албанија.

За да ги поткрепи овие обвинувања истакна дека за се постои архивски материјал и докази во компјутерите на кои работел, а во кои увид има судот.

Открив и документирав амбасадор на Македонија како учествува во сексуални односи со малолетничка во стан кој е озвучен од тамошната служба. За ова постои скајп комуникација помеѓу мене и мојот извор од странската држава, што исто така е на увид на судот. Вработен во УБК, пак, истовремено е во брак со две жени од кои со едната има дете, а таа е странска државјанка. Тој има и врски со лица од бизнис-секторот на јужниот сосед, кои придонесоа за одлив на големи суми пари преку аферата „Актор“. И за ова има докази во судот, тврди поранешниот разузнавач, кој додаде дека брат на поранешен вработен во АРМ, а кој живее во една европска земја, е потписник на сметка на фирма оформена од актуелната власт, наводно, за перење на пари, појаснувајќи дека сето ова што го навел е оперативна работа која била во неговиот домен.

СО ПРЕСУДАТА САКААТ ДА ГО ЗАМОЛЧАТ, ТВРДИ ДИНЕВСКИ

Обвинетиот генерал Горан Стојков, кој е осуден на 9-годишна затворска казна, пак, обвини дека непријателите не можеле физички да го ликвидираат, па му го наместиле судскиот случај. Сепак, за разлика од Ефремов, тој непријателите не ги прозиваше по име и презиме.

Неговото апсење во овој случај, можеби предизвика најголемо изненадување, бидејќи од човек кој неуморно, на терен, меѓу гласачите, агитираше за ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во 2011 година, а за кој се шпекулираше и дека ќе добие висока државна функција, заврши со обвинение.

А, еве што во 2011 година Стојков им порача на гласачите:

Апелирам на лојалноста на безбедносните сили кон тие што можат и тие што сакаат да им помогнат. Мојот авторитет го заложувам за опцијата на ВМРО-ДПМНЕ, да можеме утре сите заедно гордо да бидеме исправени пред нашите деца и нашите внуци. Ги повикувам затоа сите бранители со трезвена глава да размислат што понатаму“, истакна генерал Стојков“, непосредно пред изборите.

Ако се земе предвид официјалната изјава од МВР, дека обвинетите во акцијата „Шпион“, кои се гонат за оддавање на државни тајни на странски служби, како и изнуди и уцени, биле следени околу две години, тогаш може да се претпостави дека, додека Стојков „трчал“ за партијата, бил под посебен надзор на безбедносните служби. Останува само непознато, кој бил неговиот грев кон партијата?

И тој пред апелационите судии тврдеше дека е невин, а со голема горчина зборуваше дека се уште не може да разбере како можеле да му судат за оружјето, кога тука ситуацијата е кристално јасна. Истакна дека за сите 16 парчиња оружје и муниција имал дозвола од МВР, и дека не бил виновен што никој од МВР не го повикал да ги раздолжи, а негова била обврската само да ги чува. Објасни и дека еден од пиштолите е од 1917 година и се смета за трофејно оружје.

Поранешниот разузнавач, Александар Диневски, осуден на четири и пол години, пак, појасни дека е осуден главно поради две причини и тоа, неговите политички несогласувања со власта и неговите детективски истраги за, како што вели, тешки злосторства кои го довеле до врвовите на власта.

И покрај негирањето на вината на обвинетите, и ставот на Специјалното јавно обвинителство дека се виновни, сега се е во рацете на Апелациониот суд. Тие можат да ја укинат првостепената пресуда, да ја потврдат, да им ги намалат казните или да го вратат предметот од почеток. Можеби СЈО оправдано ја донело својата одлука проучувајќи ја пресудата од над 1.000 страници, но останува отворено прашањето дали некој ќе ги „проучи“ обвинувањата на Ефремов? Доколку некој го сфати сериозно, на повидок ни се уште најмалку десетина шпионски афери!

Рамка

Н: СУДОТ НА ЕФРЕМОВ НЕ МУ ЈА ВРАЌА КАСЕТАТА ОД СВАДБА!?

 Освен компјутерите и пари, од домот на Ефремов биле запленети и лични работи, кои според него иако немаат никаква врска со судскиот предмет, сѐ уште не му биле вратени назад. Тој се сомнева дека се одземени со цел дополнително да му се наштети или да му се наруши приватноста.

Не ми се вратени приватни работи, како слики, касета од свадба, крштевка, летувања, приватни забави, зошто? Ова е спротивно на член 81 од Европската конвенција за човекови права. Што ќе им се овие приватни работи, освен за малоумни планови што мислат да ги прават, истакна Ефремов.

Рамка

ИМАЛО ОБИД ЗА АТЕНТАТ НА ЦРВЕНКОВСКИ?

 Поранешниот разузнавач Ефремов на јавната седница истакна и дека имал докази за обид на атентат на поранешниот претседател Бранко Црвенковски од сегашни и тогашни функционери на УБК во соработка со член на политичка партија од албанскиот блок.

Постојат документи согласно законските прописи за работата на Агенцијата за разузнавање. А, зошто, затоа што постоеше и странски фактор – извршител од соседна држава, истакна Ефремов.

Рамка

И НОВИНАРКА ШПИОНИРАЛА ЗА ГРЦИЈА?

Ефремов, откривајќи наводни шпионски афери пред Апелациониот суд, спомена и позната македонска новинарка, која сега ја брани власта, а била соработник на контраразузнавачката служба на Македонија за Грција.

Таа не е ставена под лупата на лустрацијата, иако јас лично ја „водев“ на врска и ја плаќав. Постојат докази во архивите на службата, обвини Ефремов.

 


АРХИВА Чавков го подготвил МВРО-ВМРО за нова изборна кланица

$
0
0

Текстот е објавен на 9 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1092

Пишува Љубиша АРСИЌ

Тоа што анонимниот, младиот и неискусен Владимир Атанасовски од Делчево е поставен на првата позиција во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) е само потврда дека и натаму конците во виталната служба, која го организирала и спровела незаконското прислушување, ги влече некој друг. Иако не се присутни, Сашо Мијалков и Горан Грујевски, сепак и натаму се клучните фигури во безбедносно-разузнавачкиот систем. Тоа и не е тешко да се претпостави оти нивните инсталации со партиски послушници се надградуваат и прошируваат цела деценија.

Власта е неуморна во обидот да воспостави целосна контрола врз Министерството за внатрешни работи (МВР), а во голем дел и успева во тоа, затоа што само така може да се контролира изборниот процес, уште повеќе кога постои намера изборите да се наместат, како што тоа се правело во претходните неколку циклуси, што се потврди со аудиоснимките од прислушуваните материјали. Дека полицијата одигрувала клучна улога во изборните местенки, потврдува и фактот што во канцелариите на МВР со знаење и учество на највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле формирани партиски штабови.

Тоа значи дека од таквите партиски испостави на власта им се издавале наредби на полициските службеници кои, особено на денот на изборите, морале да дејствуваат во име на законот и да ги штитат гласачите од злоупотреби за да овозможат фер изборен процес, а не во име на партијата да ги загрозуваат правата на граѓаните.

Логично е дека за да се наместат избори, неопходна е целосна контрола врз процесот, а таквата контрола е можна само ако го имате полицискиот апарат под своја команда. Во текот на неколкуте последни избори на ВМРО-ДПМНЕ ѝ беше полесно затоа што создаде цела мрежа со уценети и купени гласачи, а со асистенција на полицијата, која ја претвори во партиски сервис, ги контролираше гласачите и изборниот процес до последен глас, најчесто преку злоупотреба на државните ресурси.

Во ситуација кога на кормилото на полицијата повторно застанува Оливер Спасовски од СДСМ, секако дека на власта ѝ станува непријатна позицијата во МВР, но Груевски, нели, ништо не остава на случајноста и има резервен план кога станува збор за контрола врз полицијата, односно врз изборниот процес.

Колку прераспоредувања во МВР направи ексминистерот Чавков, кој се наметна како главен партиски кадар во полицијата, пандан на со години незаменливата Јанкулоска? Колку партиски полицајци незаконски се вработени во МВР во последните две години со цел да се докрајчи професионализмот во полициските редови? Дали споулавените јавачи на мвровската апокалипса може да ги заузда Спасовски со 15-те смени на раководни позиции кои има право да ги направи, за малку да ја насочи полицијата кон вистинските обврски кои ги има во текот на изборите? Дали и како може да се сруши полициската тврдина на Чавков, Мијалков, Груевски и Грујевски во ситуација кога МВР се полни со непрофесионален кадар каде што постојано има место за роднините на полициските функционери?

ПРЕРАСПОРЕДУВАЊА И ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА

Овие прашања се наметнуваат како дилема по јавниот срам на Оливер Андонов, кој беше искористен како еднодневна мушичка, само уште еднаш на дело да покаже колку вреди да се срамиш и да голташ за партијата од која очекуваш некаква привилегирана позиција, но и по назначувањето на Чавков на позицијата директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) од каде што се управува со целата униформирана полиција. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски смешното, еднодневно министерување на Андонов го образложи како заштита на полицијата од СДСМ и затоа според него било неопходно да се назначи Чавков за директор на БЈБ! Но, фактите говорат дека од таа позиција беше отстранет Горанчо Савески, избор на владејачката партија, кој очигледно не бил доволно лојален кон МВРО-ВМРО зашто во време додека Спасовски беше министер во првиот неколкумесечен мандат, не му се спротивставувал според партиските наредби на Фамилијата. Практично, Оливер Андонов беше искористен само за во директорската позиција во БЈБ да се врати сигурниот партиски полициски егзекутор Митко Чавков, кој беше главен и во времето додека Гордана Јанкулоска раководеше со партискиот штаб во МВР.

Така, сега е веќе очигледно оти власта, преку Чавков, но и преку пионот Атанасовски во УБК, ќе настојува да ги заштити позициите кои Фамилијарната полиција ги има на терен. Тоа се двете позиции кои Спасовски не може да ги смени, односно и да сака, нема да му помине (на предлог на министерот нив ги именува Владата), наспроти фактот дека станува збор за двете клучни места за контрола на безбедносниот и разузнавачкиот систем.

Полициски извори за „Фокус“ откриваат дека стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за полициско преземање на изборите почнала уште месеци наназад, но кулминира периодов како што наближува изборниот ден. Неофицијално, иако точната бројка е тешко да се провери, Чавков пред да замине од министерскиот кабинет направил преку 400 рокади во структурата на МВР. Поставувал попроверени и партиски полојални кадри на позициите, кои по сѐ изгледа сметал дека ќе му значат за изборите, па однапред сакал да се осигури кога ќе биде поставен на директорската функција во БЈБ. Како се направени тие рокади и дали секое прераспоредување е законско односно дали кадарот сега одговара на позицијата според искуството и знаењето, е тотално неважно кога приоритет е како да се победи на избори.

Изворите наведуваат дека имало преместувања на инспектори од секторот за економски криминал во одделението за малолетничка деликвенција. Многу кривично-правни случаи и предмети, се коментира низ МВР, остануваат отворени и во моментов нема можност да се завршат затоа што многумина оперативци сега имаат поинакви задачи, односно голем број од нив стануваат партиски слуги. Друг солиден метод за полициска контрола врз изборите се партиските вработувања. Јавна тајна е дека на последниот конкурс во МВР се примени 600 полицајци во експресно брз рок, со неефикасни тестови за проверка, со никаква контрола на криминалното минато на кандидатите. Едноставно, примени се оние за кои низ локалните партиски комитети биле направени списоци. Така, ВМРО-ДПМНЕ задава двоен удар, вработува партиски деца пред избори за да ја засили доминацијата во „вмровските семејства“, но и да биде сигурна дека има полициски кадар врз кој може да спроведува партиски наредби.

Ако се направи математика на последните неколку конкурси, кои во МВР станаа чести како уписите на факултет, тогаш за последните две до три години биле примени околу 2.000 полицајци. Нема да изненади сознанието дека сите се проверени младинци, заведени на партиски список, лесни за манипулација. Тие се подготвени да сторат сѐ за партијата, само да ја имаат посакуваната државна работа. Ваквите огласи за вработување ниту содржат критериуми, ниту, пак, се организираат според финансиски план, едноставно, како да си прави избор на членови за партиски органи, се избираат само подобните, но не и подобрите.

Првиот пат кога Спасовски беше избран за министер, ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се трудеше да не му дозволи ниту едно вработување. Дури и смените што тој ги направи на неколку позиции му беа оспорени пред Управниот суд, кој, како партиска машинерија, во рекордно време од само неколку дена, незапаметено во судската историја, застана на страната на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, кога Чавков повторно ја презеде министерската позиција од Спасовски, наеднаш МВР утврди дека има недостиг од 600 полицајци. Освен што го натрупаа МВР со полицајци, кои сигурно ниту самите немаат поим каде и што ќе работат, на кандидатите кои останаа без место во полицискиот строј не им беше оставено правото да се жалат и да имаат увид во тестирањето. Ова го отвора прашањето за подзаконските акти донесени во МВР во последните месеци. Сега тимот на Спасовски ќе мора да провери колку таквите акти, врз кои е организиран и конкурсот за вработувања, се незаконски. Тие акти се клучни за дејствувањето на полицијата во предизборието.

Како пример, ќе издвоиме дека во полициската станица во Куманово, со подзаконски акт се избрани двајца советници на кои им се дадени посебни ингеренции. Дали тие двајца ќе имаат овластувања поголеми од началникот кој е извесно дека ќе го постави опозицискиот министер? Дали со такви решенија и низ другите станици власта ќе ги попречи кадрите на Спасовски да ги извршуваат задачите? Ова значи дека ќе мора да се направи итна проверка на сите интерни одлуки во МВР за да се намали штетата.

ЧАВКОВ СИ ЈА ВРАБОТИЛ СНААТА КАКО НАЧАЛНИК ЗА КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ!

Додека Спасовски трага по незаконието во подзаконските акти на МВР за да спречи партиско дејствување во полицијата, власта има и трета стратегија – засилување на позициите во МВР преку вработување роднини. И тоа не е тајна – полицијата е натрупана со роднини и пријатели на вмровските функционери. Ем заради бројност на партиското членство, ем заради контрола на полициските сили. Извори на „Фокус“ пренесуваат дека поинтензивно во последните месеци, но и во последните година до две, вмровските кадри си ги вработиле членовите на семејствата.

Истурениот играч на власта, Чавков, немал потреба да го вработи синот оти има успешен бизнис, но затоа во МВР имало место за снаата, и тоа како началник за компјутерски криминал. Сопругата од матичното одделение во Струмица, пак, си ја вработил во одделот за прекугранична соработка како советник на помошникот на директорот на граничната полиција. Ништо поскромен не останал ниту Љупчо Андоновски, ексдиректорот на УБК, сега само советник. Неговата позиција му ги отворила вратите на неговиот син, ни помалку ни повеќе, право во УБК. Патем, сестрата на Андоновски е началник во втората управа на УБК. Нивните примери ги следи и Горан Грујевски, главниот осомничен за уништување на опремата за прислушување во предметот на Катица Јанева познат како „Тврдина“. Тој си ја поставил сопругата во одделот за меѓународна соработка со „Интерпол“. Се споменуваат и други негови роднини во Петтата управа, но и низ другите управи на УБК.

Место за своите деца во УБК направиле и началниците Зоран Глигоров и Ивица Вучевски, а Ристо Зафировски, помошникот директор во Третата управа си ги позиционирал двата сина, едниот во Првата управа, другиот во одделот за меѓународна соработка. Во бројноста на вработени роднини се впишал и Илија Смилевски, исто така помошник директор, кој отворил место за сопругата, синот и снаата.

Некои од споменатите, но и уште многумина други, постојано, во континуитет успеваат да ги вработат своите деца, роднини и пријатели. Затоа МВР во последните години е претворено, не само во партиски штаб, туку и во роднинска испостава на Фамилијата. Голем број од новите вработувања се на позиции за кои не се исполнети условите. Иако со последните смени на позиции, пред сѐ, на клучните во БЈБ и во УБК, беше изразена еден вид недоверба кон Андоновски во УБК и кон Горанчо Савески, ексдиректорот на БЈБ, сепак нивното повлекување на советнички места не ја менува стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за полициска контрола врз изборите.

Уште повеќе ако се знае дека агентите на УБК до денот на изборите ги спроведуваат активностите околу врбување гласачи, додека полицајците на БЈБ главниот збор го имаат на денот на изборите. Имено, во МВР се формира оперативен штаб преку кој се управува со униформираната полиција која е на терен.

ДОВОЛНИ ЛИ СЕ 15 КАДРОВСКИ СМЕНИ ЗА БЕЗБЕДНИ И ФЕР ИЗБОРИ?

Дали Спасовски може да го извлече МВР од ваквите партиско-роднински канџи? Како тој со 15 кадровски смени може да го промени МВР? Како министерот да ја наметне контролата врз полициските службеници, а со тоа да ги натера на законито постапување во текот на изборниот процес? Очекувано е дека Спасовски не е во подобра позиција отколку првиот пат. А ако се има предвид што му се случуваше тогаш, лесно е да се претпостави дека истото ќе му се повторува со уште поголем интензитет, зашто влогот сега е поголем.

Да потсетиме оти тројца негови советници кои беа поставени да ја следат работата на тогашниот директор на УБК, Андоновски, биле сместени во подрумска просторија без увид во службените материјали и без повици за состаноци. Комуникацијата на Спасовски со тогашниот дополнителен заменик министер Чавков одела по писмен пат, што е небулозно за двајца функционери кои раководат со огромно и значајно министерство во кое многупати мора да се носат брзи одлуки. Како ли сега ќе комуницираат Спасовски и Чавков, кој како директор за јавна безбедност му е подреден на министерот, особено во текот на изборниот процес и на денот на изборите, кога секоја минута е важна не само за безбедноста на изборите, туку и за спречување злоупотреби во редовите на полицијата? Дополнително, Чавков преку тужби му ги оспори на Спасовски сите кадровски смени во експресни процеси и сега не е јасно како ќе заврши таа приказна.

Дали Спасовски ќе го повтори истото танго со кадровските решенија кои му стојат на располагање? Колку ќе биде сигурен во изборот на конкретните личности, но и на функциите на кои ќе може да изврши смена? Првиот пат, тој постави началници на сите сектори низ државата со намера преку првите луѓе да воспостави контрола, но кога замина од функцијата и го наследи Чавков веднаш започнаа одмаздите против началниците на Спасовски кои при нивното поставување покажале некакви резултати. Извори на „Фокус“ откриваат дека се покренати дисциплински постапки против ексначалниците во Куманово и во Битола. Тоа секако дека претставува своевидна закана за идните началници кои СДСМ ќе сака да ги постави.

За да може колку-толку да се надева на спречување на злоупотребите врз изборниот процес, Спасовски мора да одигра мудро – да постави вистински професионалци, ослободени од партиски реваншизам и слепа послушност за да може нивниот интегритет да го наметне во работната средина, оти тешко ќе им оди на началниците во колектив преполн со партиски пајташи во униформа. Во консултации со безбедносни експерти, преку анализа на секторите во МВР и нивните ингеренции, се заклучува дека Спасовски не смее да испушти да размислува одново да ги преземе сите сектори низ државата со поставување началници. Потоа, да постави свој човек во Внатрешната контрола затоа што таму се прават големи злоупотреби, па и изборни, зашто обично се штитат полицајците кои учествуваат во изборни нерегуларности.

Ако униформираната полиција е под контрола на БЈБ, во случајов на Чавков, тогаш Спасовски мора да размислува да ги преземе специјалните единици, како „Тигар“ и „ЕБР“, но и посебната единица „Алфа“, која многу често била користена во партиски цели. Сериозноста на ситуацијата налага Спасовски да се обиде да постави човек и во Петтата управа, надлежна за следењето на комуникациите, каде што, според голем дел вработени, и натаму Горан Грујевски го има главниот збор. Понатаму, Градската управа на УБК за Скопје е исто така важен сегмент, исто како и некои пониски оперативни позиции. Сепак, пред сите овие смени, Спасовски ќе мора да ги провери донесените подзаконски акти во МВР од последниот период за да знае како да се однесува, да открие какви замки му се поставени, оти ако нешто посакуваат Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, тоа е полициска контрола врз изборниот процес.

Рамка

НОВО ПРИСЛУШУВАЊЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧИ?

Ако Спасовски успее да постави свој човек во Петтата управа, секторот за следење на комуникациите, тоа не значи дека ќе може да спречи прислушување и злоупотреба на снимки. Експертите укажуваат дека е неопходна контрола врз мобилните оператори, а не само контрола во УБК. Современата технологија овозможува софтверите на операторите да испратат линкови надвор, затоа што сега не постојат жици во системот, туку се е преку електронски кодови. Преку тие линкови може да се прислушува, а центарот не мора да биде во УБК, туку во некој друг партиски штаб.

И во извештајот на Рајнхард Прибе беа нотирани забелешки за Петтата управа и контролата врз прислушувањето. Затоа се наметна и потребата од нов закон за електронски комуникации, особено во контролните механизми. Во време кога Спасовски неколку месеци беше министер биле направени обиди да се дефинира ново законско решение кое ќе предвиди построга контрола, но се останало на хартија.

Рамка

СПАСОВСКИ И ГРУЈЕВСКИ СИ ПИШУВАЛЕ ПИСМА

Кога Оливер Спасовски му пишал писмо на Горан Грујевски за да го праша врз основа на кој закон поставените камери низ Скопје од проектот „Безбеден град“ наместо за евиденција на прекршоци во сообраќајот каква што им е првенствената намена, се користат за потребите на УБК, Грујевски кратко одговорил дека Спасовски врши упад во безбедносниот систем.

Рамка

КОМИСИЈАТА НЕ НАШЛА ДИСЦИПЛИНСКА ОДГОВОРНОСТ КАЈ ГРУЈЕВСКИ!

Во МВР наводно била формирана комисија која имала задача да утврди дали има дисциплинска одговорност кај Горан Грујевски од Петтата управа за уништувањето на опремата за прислушување, она за што СЈО води истрага. Во комисијата членови биле една началничка од одделот за аналитика, еден агент на УБК од Кисела Вода, една полициска службеничка, двајца инспектори од секторот за Професионални стандарди и една секретарка во улога на записничар. На една од седниците наводно присуствувал и самиот Грујевски. И погодувате – на крајот комисијата не утврдила дисциплинска одговорност кај шефот на Петтата управа за уништување на опремата, но чудно е тоа што таа воопшто расправала за дисциплинска одговорност за дело кое се гони како кривично и за кое е предвидена затворска казна.

Рамка

ЧАВКОВ БЕШЕ ДИРЕКТОР НА БЈБ КОГА МВР БЕШЕ МВРО

За време на последните изборни циклуси додека ексминистрката Јанкуловска формирала партиски штаб во просториите на МВР, како што самата си признава во телефонските снимки, Чавков бил директор во Бирото за јавна безбедност, каде што ќе биде и на следните избори. Практично тој го знае рецептот, затоа што не можел да не знае дека ВМРО-ДПМНЕ има истурен штаб во МВР, како полицијата може да ја има контролата и да учествува во местење избори. Сега ќе има потешкотии оти министер е Спасовски, а не Јанкулоска, иако тоа многу ќе зависи од самиот Спасовски. Инаку, најдиректен доказ, иако имаше претпоставки и сознанија, дека МВР е во погон на ВМРО-ДПМНЕ, е аудио снимката на која Јанкуловска самата си објаснува како на денот на избори функционира централата на МВР. А ако така функционираат главните на полицијата тогаш е лесно да се знае како делуваат оперативците на терен.

Разговор на Гордана Јанкулоска и соговорник:

ГЈ: Како е во правна расположението?

С: На нивооо…

ГЈ: Победничко? Имате некои проблеми?

С: Да… вие во МВР?

ГЈ: Ние во МВР, ВМРО-МВРО, исто, два штаба имаме…Еден партиски, еден за странците кај што ги носиме… Ич неаме, за разлика од други институции, не се ни устручаваме ништо…Кол Центар имаме у МВР…

С: Убаво…

ГЈ: А, бре..

Рамка

СПАСОВСКИ : КАНДИДАТИТЕ ШТО СЕ ПОРАЗЕНИ НА КОНКУРСОТ ДА СЕ ПРИЈАВАТ ВО МВР

Целта на оваа влада треба да биде овозможување фер и демократски избори. Јас се надевам дека ќе овозможиме слободно изјаснување на граѓаните на следните избори. Точно е дека има многу нови вработувања и преместувања во МВР кои можат да се искористат како изборна корупција. Затоа ние ќе им овозможиме на кандидатите кои не се задоволни од исходот на конкурсот за вработување во МВР да поднесат приговори за да можеме да ги разгледаме предметите, изјави министерот Спасовски за „Фокус“.

Официјалните прашања пак, кои ги испративме по мејл до МВР останаа без одговор. Со оглед на новата раководна поставеност во полицијата претпоставуваме дека одговорите ќе ги чекаме подолго време, особено ако се знае дека се однесуваат на постапките на Чавков во врска со партиските и роднинските вработувања во МВР.

 

АРХИВА Интервју со Владимир Пивоваров: Немаше вистински истраги за Крпач и за Младенов!

$
0
0

Текстот е објавен на 30.09.2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1095

Полициската кариера ја почнал во 1985 година, како инспектор по економски криминал, а ќе дотурка до шеф за воено разузнавање и контраразузнавање во Министерството за одбрана. Иако од 2005 г. се посветува на професурата, сепак, Владимир Пивоваров шест месеци и 10 дена беше советник на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за безбедноста и контраразузнавањето.
Во интервјуто за „Фокус“, Пивоваров наведува повеќе контроверзии од истрагата за случаите со самоубиството на Коста Крпач, смртта на Никола Младенов и крвавите настани во Диво насеље. За скандалот со масовното прислушување, пак, тврди дека вистината е сосема поинаква од обвинението во Пуч.

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Бевте советник на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Што за период од 6 месеци можевте да промените?

ПИВОВАРОВ: Суштината на Пржинскиот договор беше да може министерот Оливер Спасовски да создаде барем минимални услови за фер и демократски избори. Тоа беше приматот на Пржино. Меѓутоа, влегувањето во МВР на министерот Спасовски и тимот што тој го избра наиде на невидени и неочекувани пречки.

ФОКУС: Значи тоа навистина било ВМРО-МВРО?

ПИВОВАРОВ: Апсолутно било така. Имајќи предвид сѐ што се случувало, од 2006 наваму, бил воспоставен целосен систем, кој функционирал исклучително на партиско-социјална основа, а не на професионална. И затоа доаѓаме до тука, Република Македонија да е во една многу тешка, не само безбедносна ситуација. Не знам зошто се употребува поимот политичка криза, ние во Македонија имаме криминална криза. Значи, криминалот е основа за оваа криза, за која велиме дека е политичка, а со самото тоа се дава можност на тие што го сториле криминалот, да бидат фактор, политички, со кој се преговара. Такво нешто не е познато во светски рамки.

БАСТИОН НА НЕЧЕСНОТО

ФОКУС: И од бомбите слушавме како бившата министерка и шефот на УБК местат судии, обвинители… МВР бил бастионот на груевизмот.

ПИВОВАРОВ: Сега не би употребувал некои посебни термини, меѓутоа би кажал дека МВР било бастион за она што е нечесно, што е криминално. И тоа не е тајна, затоа со доаѓањето на министерот Спасовски, јасни беа неговите определби – прво декриминализација, како основен предуслов за професионализација на Министерството.

ФОКУС: Но, не успеавте за шест месеци во тоа?

ПИВОВАРОВ: Не би кажал дека не сме успеале од кривично-процесен аспект ако ги гледаме работите. МВР, согласно сегашниот закон за кривично-процесна постапка, е само инструмент во рацете на јавниот обвинител. И како очекувате, токму пред малку ги спомнавте, луѓето од тефтерчињата да дадат наредба за спроведување некои одредени дејствија. Или, пак, дали мислите дека доколку се побараше примена на ПИМ мерки за докажување или осветлување одредени кривични дела, дека прво немаше таа мерка да биде деконспирирана, и дека второ лицето против кого би требало да биде применета дека нема да биде известена. Значи тоа е логиката на еден врзан процес во кој немате никаква шанса да успеете, односно само ќе бидете насамарени, доколку сакате во тој период што го зборувам за шест месеци да дојдеме до вистината за она што се случувало.

ФОКУС: Веројатно имало и такви што доаѓале, што признале дека биле дел од таков еден криминален систем, под принуда?

ПИВОВАРОВ: Она што го забележавме за ова време во МВР е дека сѐ функционирало под принципот на страв. Принцип на казни, принцип на истерување од работа, впрочем, слушнавте и на снимките дека секој што ќе се спротивстави на ставовите на министерката дека ќе биде ставен на отстрел. Дури и премногу заканувачки беше МВР кон одредени личности, фрлање во ендек, уништување семејства. Значи, сето тоа било реалност. Тоа бил основниот инструмент како се владеело во МВР. Еве да ви кажам оние најхрабрите, кои поднеле барање до судот за одредено скусување на нивните права кои им следуваат согласно законот, мислам дека за последниве седум години, МВР им има исплатено на име на отштета осум милиони евра.

ФОКУС: Поради хировите на Јанкулоска?

ПИВОВАРОВ: Апсолутно поради хировите, и многупати велам, кој и да е министер, доколу одговара и материјално и кривично што ги носи таквите незаконски решенија, тој би размислил дали тоа би го правел. И во иднина тоа мора да го смениме во новите законски решенија.

НЕ ПОСТОИ СОВРШЕН ЗЛОСТОР

ФОКУС: Но, која дрскост да се уништува опремата, материјалите од прислушувањето. Што говори тоа? Паника, страв од процесот?

ПИВОВАРОВ: Можност за избегнување кривична одговорност. Сепак, тие што го правеле тоа, свесни се дека на повеќе места, таквите електронски податоци се забележани.Така што уништувањето на опремата беше нивен погрешен чекор со цел да можат потоа истрагата во „Пуч“ да ја насочат во погрешна насока. Што е суштината за истрагата во „Пуч“? Суштината е да се докаже дека некое трето лице имало контрола врз УБК. Нешто несфатливо. Таа е тезата во пријавата. Бидејќи во уништената опрема можевме целосно да детектираме кој во кое време, кој број го прислушувал, значи сите метаподатоци точни и прецизни и во таа ситуација ќе ја дознаевме вистината. За да не се дознае вистината…

ФОКУС: Се разболе поротникот…

ПИВОВАРОВ: Не, тоа што се разболе поротникот, тоа е само еден сегмент, зборувам за техниката. Овој процес е така криминално создаден, меѓутоа тие што го правеа тоа, треба да знаат дека не постои совршен злостор. Тоа впрочем го докажа и СЈО. Значи, целиот тек на истрагата докажа како одел процесот, зошто одел процесот и дури се утврди и мотивот. Кога во едно кривично дело, кога поднесувате пријава, го утврдувате мотивот, значи вие целосно сте го решиле случајот. Затоа што во практика многу предмети се поднесуваат, мотивот не е утврден. Во овој конкретно, мотивот беше утврден.

ФОКУС: Кој е мотивот?

ПИВОВАРОВ: Мотивот е криење на материјалните докази за да не се дознае вистината. А вистината е поинаква од обвиненијата во „Пуч“.

ФОКУС: И сега, прислушувале странски служби или…

ПИВОВАРОВ: Логиката на нештата уште во старт укажуваше дека вакво обемно прислушување не може да врши ниту една странска разузнавачка служба, која може е и најнепријателски настроена. Ниту Северна Кореја кон Јужна Кореја не врши такво масовно прислушување. Значи, прво се прави таргет, во таргетот може да бидат одредени политичари, генерали и безбедносни структури. Таа бројка нека биде, зашто ние сме мала држава, не повеќе од 50-60 луѓе. Меѓутоа, вие да имате 20.000 прислушувани луѓе, тоа е лудост. Да имате таква техника, и техничка можност, вие да го направите во овој обем, такво нешто може да биде направено само од Управата за безбедност и контраразузнавање.

ПРИСЛУШУВАЛЕ И ЗА ЕКОНОМСКИ ЦЕЛИ

ФОКУС: Тие телефонски разговори, дневно, веројатно некој ги селектира, ги сублимира и ги испраќа до крајниот корисник!?

ПИВОВАРОВ: Внатрешниот пат не знам како одел, меѓутоа било строго наменето конкретно за политички цели и во одредени ситуации, колку што ми е познато, дури и за економски цели, за стекнување одредени профити. Вие знаете, ако ја следите берзата и ако имате инсајдерска информација секунда пред некој да донесе одлука, како може лесно да се збогатите? Многу лесно.

ФОКУС: Значи, преземани се фирми со информации од прислушување.

ПИВОВАРОВ: Апсолутно, тоа е многу добар начин, и затоа секогаш велев дека доколку немаш вистинска контрола на службите што располагаат со најсовремена техника, а тоа е УБК, службите се претвораат во монструми. Не се претворат во бранител на човековите права и слободи, туку генерално ги кршат, не само кон политичките опоненти, туку кон секој граѓанин. Вие направете анкета, верувам дека 99,9 отсто ќе ви кажат дека се сомневаат дека се следени. И што направивме, почна Пржино, година и пол никој повеќе не го спомна проблемот дали повторно се следат комуникациите.

ФОКУС: Што бидна со случајот со лажни дипломи во МВР што го отвори Спасовски?

ПИВОВАРОВ: За еден дел од дипломите беа поднесени кривични пријави. Но, не ми е јасно што толку долг период помина, а не е почната постапката. Значи таа е врската и со обвинителството и со судовите. Она што е заведено од тефтерчето, сѐ е пресликано во стварноста. Имате таму некои чудни случаи, каде што е изминат долг временски период, дошло до апсолутна застареност на кривичното дело, значи сторителот не можете кривично да го гоните, туку треба да се поништи таквата диплома преку Министерството за образование, односно Државниот просветен инспекторат, кој е задолжен за контрола на ваквите нешта. Меѓутоа, помина еве речиси една година и нема исход, односно не се поништени тие дипломи. На што ви укажува тоа? Тоа е тој клиентелизам. Ваквите луѓе, ако утре добијат наредба да пукаат во народот, тие ќе пукаат, а тие луѓе до ден денешен се во МВР.

ФОКУС: Очекувате дека некој ќе даде наредба да пукаат?

ПИВОВАРОВ: Ако продолжат да се движат во оваа насока работиве, не знам каде ќе завршиме. Сѐ оди кон подгревање судир меѓу граѓаните.

ФОКУС: Катица Јанева бара измени на законот, да можат да имаат заштитени сведоци, но очигледно постои отпор во владејачката структура.

ПИВОВАРОВ: Ќе ви кажам зошто постои отпор. Доколку постоеше таков оддел во ингеренции на СЈО, немаше да го има случајот Крпач. Вака излегува дека тие луѓе што го правеле криминалот, дека тие треба да ви ги штитат сведоците.

ИСТРАГАТА ЗА КРПАЧ МОРА ДА СЕ ПОВТОРИ

ФОКУС: Вие бевте во кабинетот на Спасовски, кога Коста Крпач се самоуби. Немате дилеми дали е самоубиство?

ПИВОВАРОВ: Криминалистиката како наука вели дека секогаш за секој и најочигледен случај мора да има минимум две верзии. Основната верзија е дека е самоубиство, или е убиство. Натамошната истрага треба да ги потврди хипотезите за едната или за втората верзија. За да дојдете до вистината, мора да направите една сеопфатна истрага. Она што мене ми падна в очи, за што мислам дека мора да биде повторена истрагата еден ден, тоа е прво и основно начинот на влегување во станот кој бил заклучен од внатрешна страна. Секоја брава дава можност за откривање какви и колку клучеви влегувале во таквиот стан. Под претпоставка дека таквиот стан имал два клуча, сопругот и сопругата, значи прашањето ќе беше одговорено со вештачење, дали и трето лице со некој дупликат клуч или со некоја посебна направа има влегувано во станот.

ФОКУС: Тоа не е направено.

ПИВОВАРОВ: Не можеше да се направи зашто влегувањето беше со физичко кршење на бравата. Ако физички ја скршите бравата, значи вие нема што да вештачите.

ФОКУС: А како ќе влезеа без да ја скршат бравата?

ПИВОВАРОВ: Значи со сечење, со брусалка, со опкружување на бравата, многу лесно и многу едноставно бравата ќе биде сочувана. Да, насилно мораше да се влезе, ама не на тој начин, сосема на поинаков начин за да ги сочуваме материјалните докази. Тоа е првиот момент. Вториот момент е пребарувањето на местото на настанот, увидот што е правен. Од она што мене ми е познато, значи имаме капење крв кон земјата, односно по сила на гравитацијата. За успешно да ја извршите истрагата, за да ја дознаете материјалната вистина, мора да направите криминалистичка реконструкција.

ФОКУС: Во што се сомневате?

ПИВОВАРОВ: Она што јас го правам како реконструкција, ми укажува на тоа дека, ако е извршено пукање во срцето, тука повредени се артериите, артериите имаат мускули. Во моментот на настапувањето на смртта, 10, 15 или 20 секунди, тие продолжуват да прават контракт, односно да стискаат и да испумпуваат крв. Ако било така, тогаш во околината, на ѕидовите, на плафонот, на целиот кревет, па дури и на чаршафот, кој е навлечен врз телото на покојникот, ќе видиме дека нема такви траги на излевање крв.

ФОКУС: Чекајте, на чаршафот со кој е прекриен, нема крв?

ПИВОВАРОВ: Таа крв, колку што се сеќавам од фотографиите, не беше она што треба да се очекува. Значи тоа е нешто минимално за во ваков случај да биде веродостојно, по мое видување. Третиот момент е мобилниот телефон. При првиот увид не е пронајден мобилниот телефон, во просторија колку и да е голема, четири на четири, а при повторниот увид, она официјално што го дознавме од истрагата, се наоѓа мобилниот телефон.

МНОГУ РАБОТИ ВО ИСТРАГАТА ЗА МЛАДЕНОВ СЕ НЕЈАСНИ

ФОКУС: Како при првиот увид не можеле да го најдат телефонот?

ПИВОВАРОВ: Така официјално соопшти МВР, тие што тогаш ја воделе истрагата. И затоа велам дека мобилниот телефон требаше да одговори на многу поединости, следејќи го џи-пи-ер-ес на телефонот, кои се лицата што биле во негова близина, во кој временски период биле во близина, да потврдиме или да одречеме дека некои лица се наоѓале во неговата околина, пред вршењето на кривичниот настан, за време и по вршењето на кривичниот настан. Со ваквиот чин се врзаа целосно рацете на СЈО.

ФОКУС: Во која смисла?

ПИВОВАРОВ: Затоа што во иднина верувам дека никој, поради настанатата ситуација, поради опасноста по живот, нема да се нафати да биде заштитен сведок. Или судот, на толку докази немате мерка притвор, а во друга ситуација истите судии, за 30 ќебапи пресудиле по две-три години затвор.

ФОКУС: Ме потсетивте кога говоревте за телефонот на Коста Крпач, на случајот со контроверзното загинување на Никола Младенов. Телефонот не се најде никогаш.

ПИВОВАРОВ: За ова имав јавна дебата, а потоа и приватна дебата со госпоѓата обвинителка Гордана Гешкоска и ѝ објаснив дека предметот што го предавав на ФОН се викаше Оперативна техника и опрема. Значи тоа е токму следењето на телефонските комуникации. Треба да знаеме дека сите базни репетитори ги покриваат сите корисници на територијата на Македонија. Како вие патувате, како сигналот доаѓа прикрај, значи новиот базен репетитор ве прифаќа затоа што има поголем сигнал и тоа се регистрира во софтверот на мобилниот оператор. Најступидната изјава на Гешкоска беше дека не знаат каде бил Младенов, затоа што листата на појдовни и дојдовни повици на мобилниот завршува во 16 часот и 5 минути, на базните станици Капиштец 2 и Трнодол. Тоа е приказна за мали деца. Движењето на било кој мобилен се регистрира и кога нема повици, туку се додека работи батеријата на мобилниот. А во снимките самите тие потврдуваат дека е најден според сигналот од мобилниот телефон. Многу други работи во таа истрага се нејасни… Можеше многу лесно, токму во уништената опрема да се утврди дали Никола Младенов, бидејќи бил под Посебни истражни мерки (ПИМ)…

ФОКУС: Зошто бил под ПИМ-мерки?

ПИВОВАРОВ: Па, зошто Вие сте биле под ПИМ-мерки?

ФОКУС: Значи тие имале увид каде оди тој?

ПИВОВАРОВ: Апсолутно. И кој е во негова близина имале увид, значи чиј мобилен телефон зрачи во близина, со претпоставка дека сопственикот на мобилниот го носи својот телефон. За сѐ се има увид. Од таму не можам да сфатам една работа – во тој период поминале три патроли од БПС-Петровец, републичката станица за безбедност во сообраќајот. Кривината што ја минуваат каде што се случил настанот, виделе, забележале, ако било така, значи тие први би јавиле дека има паднато возило во провалија и оштетена ограда, би го сигнализирале ова на „Македонија пат“ да си ја поправи оградата.

ФОКУС: А можно е да не работат камерите?
ПИВОВАРОВ:
Кај нас многу работи се случуваат и кога на некој не му одговара нешто, велат во тој момент не работеа камерите…

ФОКУС: Како при убиството на Мартин Нешкоски…

ПИВОВАРОВ: Да, тоа е систем на лажење. Не може камерата сега работи, а утре не работи. Тој систем перфектно функционира и во секој момент е во кондиција.

ТРЕБА МЕЃУНАРОДНА ИСТРАГА ЗА ДИВО НАСЕЉЕ

ФОКУС: Во овој период додека бевте во МВР, како советник, дојдовте ли до сознанија плус за крвавите настани во Диво насеље?

ПИВОВАРОВ: Меѓународната заедница бараше да се спроведе меѓународна истрага. Но, сегашнава гарнитура со сите можни сили и средства ја одрекува можноста за таква истрага, сѐ било чисто. Во случај кога имате поделени мислења, прво владините институции требаше да предложат дополнителна истрага со странски експерти, со домашни, значи поширок круг. Ќе најдевме законска форма да го направиме тоа. Но, од страна на тие што ја спроведувале акцијата, упорно и на секој начин се гледа да се оневозможи можност за доаѓање до новите сознанија за настанот.

ФОКУС: Многу е чудно, во такво населено место да се праќаат првите групи полицајци како глинени гулаби на стрелање. Тоа е или дилетантски, или не знам како да го искоментирам.

ПИВОВАРОВ: Она што беше изнесено во јавноста е дека наводно налогот што го имале лицата што први пристигнале со две возила во Куманово, во Диво насеље, бил за апсење на наркодилерски групи. Разликата меѓу наркодилерска група и терористичка организација е како Бог и шеширџија.

ФОКУС: Сте раководеле ли со слични акции како шеф на военото разузнавање и контраразузнавање на Министерството за одбрана?

ПИВОВАРОВ: Да ви кажам што е најсомнително во оваа акција? Ако навистина имале сознанија дека тоа е терористичка организација, прво и основно беше со блокатори да ја исклучите мобилната телефонија, како основен начин за комуникација меѓу т.н. терористи. Ние така постапувавме. Така бевме чекор пред нив, затоа што ние со нашите врски, кои се со фреквенција над исклучените, може да комуницираме. Значи, прво ги оневозможуваме во нивната комуникација. Такво нешто јас не видов. Не се случи во Куманово.

Второ, ако гледаме меѓународни практики за вакви работи, прво полицијата или безбедносните служби повикуваат во рок од 24 часа, во присуство на владини и невладини организации, населението да излезе и дури тогаш се вели – сите што ќе се затекнат се легитимна мета како терористи. Зошто кај нас такво нешто не се направи?

ФОКУС: Акцијата ја водел Митко Чавков?

ПИВОВАРОВ: Од официјалните податоци така излегува. И ако имате ваква ситуација, со смени на директорот на УБК и на министерката, ништо не се реши. Во суштина покажавме дека овој безбедносен систем функционирал катастрофално, па се случило ова што се случило. Затоа се прави реформа и реорганизација на целиот систем. Кај нас што се случува од тогаш до денеска? Прием на нови кадри, она што е рак-рана во МВР, кадри што немаат допирна точка со безбедноста, се носат по некој партиска линија и од нив очекувате дека ќе ја подобриме безбедносната ситуација во државава. Апсолутно, не.

ФОКУС: Што очекувате? Ќе има ли избори на 11 декември?

ПИВОВАРОВ: Она што мора да се случи во Македонија е ден поскоро да има избори. Оваа криминална криза на која ѝ дадовме политички предзнак мора да се реши. Значи, ние од ден на ден, еве ако разговараме со обичниот дуќанџија или бурекчија или месар, ќе видиме дека прометот е паднат на половина. Ако продолжиме вака, ќе нема кој да им влезе во дуќанот. Ако не земеме некоја еврообврзница, ќе немаме плата за јавната администрација и за пензиите. Што правиме тогаш?

Случај Младенов
ГЕШКОСКА ЧИТАЛА ШТО И ДАЛА ЈАНКУЛОСКА!

ФОКУС: Со обвинителката Гешкоска, што зборувавте за случајот Никола Младенов?

ПИВОВАРОВ: За она што таа го кажа на прес-конференцијата, а што мене ми е симптоматично, нема логичности, ама и дека стручно не е изводливо она што таа го презентираше. Жената рече дека ѝ дале писание да прочита.

ФОКУС: A некој ѝ дал тоа да го прочита?

ПИВОВАРОВ: Министерката ѝ го дала…

ФОКУС: Јанкулоска на Гешкоска ѝ дала што да чита на пресот?

ПИВОВАРОВ: Така е. Тоа е недопустливо, обвинителот треба да е самостоен, независен, да биде убеден од доказите и само таквите докази да може да ги презентира. И она што беше нејасно, делумно беа презентирани некои работи кои апсолутно не говореа, не конвергираа со вистината.

Клиентелизам
СЕ РАБОТИ ЗА СТРАВ

ФОКУС: Како ѝ успеа на оваа власт да создаде таква мрежа на извршители на криминалните проекти?

ПИВОВАРОВ: Туку се работи за страв, односно давање некои бенефиции во животот, седи кај си, затоа што за таму не си. На пример, голем број дипломи, да се изразам така, се со неверојатна содржина. Луѓето се со несоодветно образование. Кога му даваш нешто некому што не му следува, тој се чувствува должен. Тоа е тој клиентелизам, кој е создаван со години.

Светла точка
НА СЈО 18 ГОДИНИ ЌЕ ИМ БИДАТ МАЛКУ

ФОКУС: Катица Јанева спомна три случаи конкретно, за кои ѝ е потребен институтот заштитен сведок. Убиството на Мартин Нешкоски, „Монструм“ и „Сопот“. Индикативно е однесувањето на албанските партии во Собранието!?

ПИВОВАРОВ: Значи не им одговора. Ако им одговараше, и тие доколку притиснеа, мислам политички гледано ДПМНЕ ќе останеше сама на позиција дека нема потреба од вакви законски измени. Во таква ситуација, мислам дека ќе имаше парламентарно мнозинство за бараните промени од СЈО. Оддел за заштитени сведоци и оној полициско-истражителен дел се неопходни СЈО за да може побргу да ги решава случаите. Не 18 месеци, туку 18 години ќе им бидат малку, ако продолжиме вака. Свесно и намерно се опструира, да се купи ден. Според мене, единствената светла точка во моментов, во правниот систем во државава е токму СЈО. А кој го напаѓа СЈО? Оние кои се чувствуваат дека сториле кривични дела и еден ден, во некоја нормална законска постапка, ќе се најдат зад решетки.

АРХИВА ВМРО-ДПМНЕ ја токми војската за изборни цели?!

$
0
0

Текстот е објавен на 21 октомври, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1098

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Објавените аудиоснимки од незаконското прислушување јасно покажаа дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја користела полицијата за изборни нерегуларности. Во предизборната кампања се искористувале капацитетите и државните средства од МВР, полицијата се користела за притисок и закани кон гласачите, а на изборниот ден се формирал и партиски штаб во просториите на МВР од каде што се контролирал целиот процес, сѐ до броењето на гласовите.

Токму затоа, главната причина опозицијата да добие министерско место во МВР со Договорот од Пржино во владата што ќе ги организира изборите, беше ВМРО-ДПМНЕ да ја загуби привилегијата да ја впрегнува полицијата во партиска полза.

Сепак, десетината смени што ги направи министерот за внатрешни работи на СДСМ, Оливер Спасовски, кои беа дел од дополнителниот партиски договор во јули годинава, не може да гарантираат дека опозицијата ќе има контрола врз изборниот процес. Причината за ова не е што ВМРО-ДПМНЕ преку дополнителниот заменик-министер Оливер Андонов и директорот за јавна безбедност, екс министерот Митко Чавков, продолжуваат со антагонизмот и спротивставувањето на сите одлуки на министерот. Впрочем, решенијата од Договорот од Пржино имаа за цел заемна контрола на партиите од власта и опозицијата врз изборниот процес, за да се спречи учество на полицијата во изборни местенки.

Но, соочена со губењето на апсолутната контрола врз МВР, владата на ВМРО-ДПМНЕ не седела со скрстени раце. Како што „Фокус“ веќе пишуваше, неколку недели по потпишувањето на Пржинскиот договор, на тајна седница владата одлучила АРМ, која е под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ, да се модернизира и опреми за фантастични 250 милиони евра. Сепак, ако зад оваа мегазделка, за која треба да се потрошат пари од буџетот во наредните десет години се кријат лукративни интереси на луѓе од власта, тогаш со други потези што ги влече, очигледно е оти владеачката партија имала намера да ја употребува армијата за политички цели.

„Фокус“ дознава дека министерот за одбрана Зоран Јолевски донел Правилник за начинот на работа на Воената полиција, кој ги прецизира активностите кои можат да ги преземат воените полицајци, кои многу наликуваат на овластувањата што ги имаат полицајците на МВР!

Правилникот за начинот на работа на Воената полиција е потпишан летово, а старешини во АРМ толкуваат дека практично со документот, но и со постојаното продолжување на кризната ситуација со мигрантите од завојуваните подрачја, се прави своевидна подготовка на војската како замена за МВР во услови кога контрола врз полицијата има и опозицијата.

ОБЈЕКТИТЕ ЗА ДЕЛУВАЊЕ НА ВОЕНАТА ПОЛИЦИЈА ЌЕ ГИ ОПРЕДЕЛИ ВЛАДАТА

Правилникот донесен во јули годинава има седум членови во кои се пропишува начинот на работа на овластените службени лица на воената полиција и на нејзините припадници.

Во членот 2 од документот се наведува какви мерки и активности смеат да преземат воените полицајци и во кои услови и ситуации.

Така, на пример, во него се вели дека овластените службени лица на Воената полиција при извршување на работите кои се преземаат заради спречување кривични дела можат да делуваат во воените единици и установи, на простор каде логоруваат воени единици или на терен каде се изведуваат вежбовни активности на војската. Ова е нивна вообичаена надлежност. Но, како што предвидува Правилникот, воените полицајци можат да делуваат и во објекти и зони определени од Владата!

Понатаму, во членот 2 од Правилникот се набројани конкретните дејствија кои смеат да ги преземат полицајците во одредена ситуација. На пример, Воената полиција смее да легитимира лица за утврдување идентитет, да затвори пристап или да не дозволи напуштање на одреден простор, да проверува лица, превозни средства и багаж или присилно да отстрани лица од определен простор. Сето ова армиските полицајци можат да го прават во објекти и зони кои ќе ги определи владата, како што е наведено во условите за дејствување.

Или во пракса, тоа би значело дека доколку власта сака да стави под контрола одредена институција, како Владата, Собранието, судовите, министерствата, државните институции, автопатиштата… може да ги активира воените полицајци.

Во наредниот, членот 3 од Правилникот, на министерот за одбрана му се дава правото да определи кои лица, команди или објекти ќе може да бидат опфатени од мерките, активностите и постапките на Воената полиција. Односно, министерот има право подиректно да определи кога и какви мерки ќе преземе Воената полиција откако претходно Владата ќе ги определи зоните и објектите во кои пристап би имала полицијата.

И со овој член, очигледно се потврдува дека власта сака да има Воена полиција со пошироки овластувања за да може при евентуални ситуации да ја ангажира. Останува отворено прашањето дали со ваков ангажман на армиските полицајци, може да се поклопи делувањето на припадниците на МВР. Во Правилникот нема никаква одредба за координација со МВР.

Да претпоставиме дека владата ќе определи објект за спроведување активности на Воената полиција преку приведување, задржување сомнителни лица, затворање влезови и излези, а таму може да дејствуваат припадници на МВР. Како двете полиции ќе постапуваат во конкретниот случај? Дали одлуката на владата и на министерот за одбрана е посилна од одлуката на МВР за распоредување на своите службеници? Може ли да дојде до судир?

Понатаму, во членот 4 на Правилникот се предвидува воените полицајци по проценка и потреба да може да носат и цивилна облека, налик на полициските „Алфи“. Имено, иако се наведува дека воените полицајци при извршување на задачите носат униформа, ознаки и оружје, јасно е нагласено дека при извршување на посебни задачи тие може униформата да ја заменат со фармерки и маица по наредба на командантот на Воената полиција.

Членовите 5 и 6 од Правилникот дефинираат кога и како се користат светлосните и звучните знаци од возилата на полицијата, односно дека воените полицајци при спроведување на активностите мора да ги почитуваат правата на граѓаните.

И АРМИЈАТА ВРАБОТУВА ПРЕДИЗБОРНО

Во ситуација кога Министерството за одбрана избира да молчи и да не одговара на мејловите испратени од „Фокус“ директно во кабинетот на министерот, не можеме прецизно да утврдиме зошто е донесен Правилникот, со каква цел, како и во кои ситуации ќе се применува, дали активностите на Воената полиција нема да се преклопат со тие на полицијата и конечно, дали власта има план, во случај на нужда, граѓански демонстрации и сл. да активира воени полицајци на денот на изборите? Одговорите ги има министерот Јолевски, но не сака да ги сподели со јавноста, исто како што не сака да зборува за тајните милионски тендери на кои се фаворизираат компании, партнери на власта.

Но, површната анализа на Правилникот укажува дека тој практично им отвора можност на владата и на министерот да преземат активности кои природно му припаѓаат на МВР. Ако се знае дека во владата има само двајца министри од опозицијата, тогаш е едноставно да се прогнозира дека мнозинството лесно може да определи објект или зона за делување на Воената полиција, која пак е под контрола на министерот Јолевски. Командантот на Воената полиција нема простор за тактизирање и ќе мора да ги послуша политичките авторитети. Од целиот план, пак, во Правилникот е изоставен претседателот Ѓорге Иванов, како врховен командант!

Извори од АРМ за „Фокус“ пренесуваат дека недоволниот број припадници на Воената полиција, кој е околу 200, е можно да се дополни со припадници од старешинскиот и воениот состав на АРМ преку фиктивни обуки, но и преку огласот што беше објавен на почетокот од годината за вработување на 90 лица во АРМ, од кои половината би биле во специјалните единици, вклучително и во Воената полиција. Имено, неофицијално на конкурсот се пријавиле речиси 300 кандидати, а во игра се и синови на некои старешини во војската чие место, како што се коментира, е однапред резервирано. Инаку, по примерот на Митко Чавков во МВР кој пред да биде симнат од министерската функција вработи над 600 полицајци, така и министерот Јолевски, во изборна година ќе ја пополни армијата со нови војници. Огласот беше објавен на почетокот на годината во период кога се закажуваа изборите во април, кои се пролонгираа за јуни, за на крајот да се закажат за во декември.

Во табелата со наведени проекти преку кои АРМ ќе се модернизира и опремува, а за кои „Фокус“ објави повеќе текстови, не е посочено колку од опремата ќе се намени за воената полиција. Јолевски, 250-те милиони евра ќе ги потроши за ремонт на хеликоптерите, модернизирање на тенковите, за нови оклопни возила и за уште друго вооружување и опрема за војската.

Но, она што ги поврзува Правилникот за воената полиција и опремувањето на АРМ е хронологијата на настаните. Некако сѐ како да почнува од Договорот во Пржино, кога власта го има првото чувство дека СДСМ полека ќе преземе контрола врз некои државни институции. Затоа, две седмици по договорот Владата носи одлука за опремување на војската. Соочена со опасноста дека нема да може да има контрола врз полицијата, ВМРО-ДПМНЕ се фокусира на војската која би можела да ја употреби, ако е неопходно. Не случајно на тендерите за набавка на опрема и оружје на АРМ им се става назнака „доверливо“. Изворите на „Фокус“ коментираат дека за владејачката партија е приоритет и Воената полиција да добие опрема, слична на полициските специјалци.

УШТЕ САМО ГРУЕВСКИ ДА МУ НАМИГНЕ НА ЈОЛЕВСКИ

Потоа беше прогласена кризна состојба поради ситуацијата со мигрантите, која, исто така, се искористи за ангажирање на армијата на терен. Беше предвидено кризната состојба да трае до 15 јуни годинава, но следуваше ново продолжување со важност до јуни наредната година. Кризната состојба е одличен изговор за армиските активности и за нивно тестирање. Пред да биде донесена одлуката во Собранието, министерот им објасни на пратениците дека целта да се продолжи кризната ситуација до крајот на годинава е да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на армиските сили во функција на заштита на границата кон север и кон југ. Коалицискиот партнер ДУИ беше против оваа одлука со објаснување дека на новиот парламент треба да му се остави да одлучи дали да ја продолжи кризната состојба, но ВМРО-ДПМНЕ го оствари тоа што го замисли – ја остави армијата активна на терен.

Инаку, планот за опремување на армијата беше дефиниран кога началник на ГШ на АРМ беше Горанчо Котевски, кој набргу потоа беше сменет со Методија Величковски. Новиот началник направил повеќе смени и рокади во армискиот раководен состав со што практично е обезбедена контрола на армискиот врв, преку кој се остварува и командата со Воената полиција. Потоа, следуваа пензионирања на 40-тина офицери, меѓу кои и четворица генерали, со што се отвори патот за соработниците на ВМРО-ДПМНЕ да напредуваат и да се позиционираат во врвот на војската.

Практично, ВМРО-ДПМНЕ има се подготвено за евентуална употреба на Воената полиција за политички цели, а опасноста е тоа да се случи на избори. Постои Правилник со кој Владата и министерот Јолевски имаат овластувања да ја употребат Воената полиција и за други цели, потпишани се првите пет договори со воени компании за набавка на армиска опрема, Воената полиција преку мигрантската криза е активна на терен со месеци, особено во граничните подрачја, а врвот на АРМ е построен со проверени старешини. Се е практично спремно. Уште само Груевски да му намигне на Јолевски.

Рамка

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЈА ОДЛИКУВАШЕ ВОЕНАТА ПОЛИЦИЈА

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод 18 август, денот на АРМ, ги одликуваше со орден за воени заслуги, Баталјонот на воената полиција и Инженерскиот баталјон. Орденот за воени заслуги на двата баталјони на армијата им се доделува за исклучителен придонес и поддршка во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурност на македонските граѓани, особено во справувањето со бегалската криза како глобален безбедносен предизвик.

Практично, Иванов ги награди воените полицајци кои и натаму, согласно одлуката дека бегалската криза е продолжена, остануваат на терен. Иванов не е споменат како врховен командант во Правилникот на министерот Јолевски и практично се исклучува и неговата одговорност.

Рамка

ИВАНОВ ПРИЗНА ДЕКА САКАЛ ДА ЈА УПОТРЕБИ АРМ ЗА ПОЛИТИЧКИ ЦЕЛИ

Во своето образложение на скандалозната одлука од 12 април за аболиција на 56 политичари осомничени за кривични дела од „бомбите“, претседателот Иванов, меѓу другото, рече дека сакал да ја  употреби и АРМ за смирување на состојбите.

„Во Македонија се води специјална војна како дел од стратегиите за предизвикување тензии и воспоставување постојани политички кризи со технички влади за неможност во справување со закани и доведување во положба на потчинетост… Првата опција беше да дејствувам реактивно. Тоа подразбираше да стојам по страна, и да чекам се додека состојбата во Македонија не ескалира. Тогаш ќе морав да ја ангажирам Армијата за смирување на состојбата. Но, со тоа ќе ја оставев јужната граница незаштитена и отворена за илегална миграција. Тоа ќе беше сигнал за милиони потенцијални мигранти дека Балканскиот коридор е повторно отворен. Тогаш Македонија ќе беше преплавена со мигранти. Втората опција беше превентивна. Тоа подразбираше да наметнам нови правила на наметнатата игра со Македонија. Да преземам контрола врз играта и да обезбедам предност за Македонија“.

АРХИВА Зошто има толку многу лекари меѓу кандидатите за градоначалници?

$
0
0

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во 2013 година во бројот 923

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Избори се ближат. Се наближува денот „Д”. По само три месеци од црниот 24 декември, кога во Собранието се кршеа копјата меѓу владејачката партија и опозицијата при носењето на буџетот за 2013 година, ќе се кршат копјата за ,општински татко, односно, за градоначалничката фотелја во наредните четири години.

Граѓаните се ставени пред нов испит. Лојалните членови на партиите веќе знаат за кого ќе го дадат својот глас, но битката се бие за неопределените гласачи, кои можеби сѐ уште се во дилема дали да гласаат и за кого да гласаат? Впрочем, партиите во последен момент ги исфрлија своите адути за локалните избори.

Интересно е дека добар дел од кандидатите за градоначалници се облечени во бели мантили. Само што дел од нив ќе се тркаат под знамето на лавчето, а дел се со знакот на тупаницата симболизирана во роза. Речиси и да нема град во земјава, каде што нема барем еден кандидат за градоначалник, кој по професија е лекар.

„Фокус” се обиде да ги преброи поважните кандидати кои ќе учествуваат на локалните избори и кои на 24 март ќе се обидат, освен лекарската титула, да си залепат и градоначалничка. Ќе се потрудиме да одговориме на прашањата која е моќта на белиот мантил, за граѓаните на своето ливче да го заокружат неговото име и презиме? Дали лекарите со различни специјалности, кои им пружаат здравје на граѓаните, ќе им пружат и посветла иднина? Дали политичките партии играат на картата на здравјето на граѓаните, па во рингот го „фрлаат” најпознатиот лекар во градот?

„БЕЛИ” ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ ФОТЕЛЈИ

Изборната кампања е во полн ек. Секоја вечер политичките партии митингуваат низ градовите во земјава, ветуваат светла иднина, а главниот говор поминува во знакот на противникот, кој, нели, ништо не направил за своите граѓани. Првиот лекар што ја отвори кампањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во градот под Самуиловата тврдина е доктор Никола Бакрачевски, кој по професија е кардиолог и сигурно излекувал многу срца во Охрид. Тој моментално е директор на Кардиолошкиот завод во Охрид и на изборите ќе „ги вкрсти ракавиците” со актуелниот градоначалник на оваа општина Александар Петрески. На конвенцијата Бакрачевски, ниту го спомена градоначалникот, ниту ја спомена СДСМ. Тој преку поезија ги кажа проблемите во Охрид.

– Се слушаат пискотници од Галичник до Река, се слушаат пискотници од Даљан до Велгошти, од Косел до Љубаништа, од Билјанини извори до Лакочереј. Што тешка несреќа ги збрала и мажите и жените? – праша доктор Бакрачески.

Лидерот Никола Груевски при промоцијата на кардиологот рече дека тој е скромен и успешен човек посветен на својата професија да им помага на луѓето, па со истата таа посветеност ќе го води и Охрид. Бакрачевски дури нагласи дека ако стане градоначалник, ќе одвои еден ден во неделата да им се посвети на своите пациенти, настрана од градоначалничките обврски. Ова доволно кажува зошто лекарите се главниот адут за победа на локалните избори на сите политички партии.

За освојување на локалниот „престол” во Куманово копјата ќе ги вкрстат двајцата лекари-специјалисти, доктор Зоран Дамјановски – Циц, од сино- жолтите, кој по професија е гинеколог и по вторпат ќе ја бара довербата на кумановци, и хирургот Зоран Ѓорѓиевски, кој доаѓа од редовите на владејачката партија. Опозицијата типува на актуелниот градоначалник како на еден од сигурните победници. Од друга страна, неговиот противкандидат Ѓорѓиевски за кој „Фокус” пишуваше дека пред неколку месеци беше во првите борбени редови на штрајкот на лекарите против проектот плаќање по успешност, по кандидатурата за градоначалник, ВМРО-ДПМНЕ му ја затвори устата. Но, фактот дека во Куманово во трката за градоначалник учествува и, сега веќе бившиот сдсмовец Виктор Цветковски, ја подгрева надежта на ВМРО-ДПМНЕ за опцијата – „двајца се караат, третиот користи”.

Во последен момент, својата кандидатура за општински татко на една од најпосакуваните скопски општини ја поднесе и Андреј Петров, кој по професија е кожен лекар и ја извршува функцијата генерален секретар на СДСМ. Тој во Карпош ќе им се спротистави на досегашниот градоначалник, а тазе исклучениот од СДСМ Стевче Јакимовски, кој се кандидираше под логото на Српската напредна странка и Јагнула Куновска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

На сигурна победа во малото гратче Крива Паланка оди гинекологот Горан Младеновски од опозицискиот СДСМ, кој меѓу своите сограѓани важи за скромен и повлечен човек, кој посветено си ја врши работата. За помалите градови каде што луѓето се познаваат едни меѓу други, успешната кариера и лекарската професија се доволни причина во Сојузот за иднината да го сметаат за фаворит.

Уште еден лекар, кој ќе ја бие битката за општински татко на Битола е стоматологот Менде Диневски, кој на 24 март ќе му се спротистави на својот конкурент од владејачката партија Владимир Талевски. Диневски е актуелен пратеник во македонското Собрание и претседател на Комисијата за здравство. Тој веќе неколку години остро ги критикува здравствените реформи на ВМРО-ДПМНЕ и влегува во остра полемика со првиот човек на Министерството за здравство Никола Тодоров, кој, пак, сега е шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Од сино-жолтите за градоначалничките фотелји ќе трчаат уште двајца лекари. Доктор Јордан Проевски, кандидат за градоначалник на Ресен, кој беше промовиран за време на работното лето на СДСМ и стоматологот Кире Алексов, кој во последен момент по одлуката за прекин на бојкотот на локалните избори, беше избран за кандидат за прв човек на Свети Николе.

Освен во македонските партии и во албанските, приматот на овие локални избори им падна на белите мантили. Од редовите на „интегративците” битката за Струга ќе ја бие доктор Арбен Лабуништа, кој по професија е пулмолог, а негов противкандидат од опозициската ДПА е лекарот Селајдин Зела.

Ова се само дел од белите мантили, кои во наредните четири години се во план лекарското столче да го заменат со градоначалничкото и во своето „ЦВ” покрај Хипократовата заклетва, да го удрат мурот и на политичката заклетва.

ПОЛИТИЧКАТА ЗАКЛЕТВА КАКО ЗАМЕНА ЗА ХИПОКРАТОВАТА!

 Кој ќе добие, а кој ќе загуби, ако во градоначалничката фотелја седне лекар? По промоцијата на кандидатите и по најголемата застапеност на белите мантили на политичката сцена, овие прашања во последниот период се најмногу актуелни меѓу граѓаните, кои имаат различни ставови на оваа тема. Некои сметаат дека лекарите треба да се посветат на својата првична професија и на лекувањето на пациентите, додека други се на мислење дека добар лекар може да биде и добар политичар.

„Фокус” за оваа тема постави прашање до неколку експерти: Зошто лекарите се посакувани кандидати за градоначалници на скоро сите политички партии?

Комуникологот Петар Арсовски вели дека стекнатиот углед на лекарот во својата средина му овозможува поголеми шанси за победа на претстојните локални избори.

– Кога станува збор за лекарите, тие имаат вграден углед во својот град и можат да очекуваат победа на изборите. Тоа особено се однесува за помалите градови. Второ, докторот е локална позната личност, кој стекнал популарност меѓу населението, има многу пациенти кои се задоволни од него и кои веднаш би го дале својот глас за него. Трето, сите лекари се со високо образование и на тој начин го подобруваат своето „ЦВ”. И четврто, тие имаат голема мрежа на контакти и би можеле да бидат добри менаџери – вели Арсовски.

Тој додава дека во целата приказна најмногу губат пациентите, бидејќи тие во наредните четири години можат да останата без својот лекар, кој ќе биде посветен на градење политичка кариера.

Владимир Божиновски, политиколог од Институтот за демократија, објаснува дека партиите најчесто ги избираат за кандидати за градоначалници, оние кои се популарни и ценети меѓу народот.

– Лекарите се ставени најчесто на листите за градоначалници, затоа што тоа е ценета и почитувана професија и на тој начин можат да добијат многу гласови, особено во помалите градови. Може да се каже дека на сите локални избори од 90-тите години наваму, оваа професија доминира. Многу полесно е да промовираш некој кој е познат, отколку некој кој е анонимен – вели Божиновски.

За разлика од нив, дел од експертите тврдат дека партиите прават страшна грешка што ставаат лекари за кандидати за градоначалници, затоа што во овој период кога во земјава има недостиг на кадри не е пожелно белите мантили да вмешаат прсти во политиката.

Можеби хипократовата заклетва, почитуваната професија и борбата за животот на пациентите ќе им ја донесе победата на лекарите на локалните избори, но, во време кога болниците работат со по еден или двајца специјалисти или немаат воопшто специјалисти, лоша е политичката игра во која главната улога ја имаат докторите. Граѓаните во моментот ќе ја дадат поддршката на својот лекар, но загубата ќе ја почувствуваат откако тој ќе седне на градоначалничкото столче!

Рамка:

ТРОЈЦА ЛЕКАРИ ВО БИТКА ЗА СТРУГА

Битката за градоначалник на Струга од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти неговите двајца противници лекари, Арбен Лабуништа од ДУИ и Селајдин Зела од ДПА, ќе ја бие хирургот Владо Кочоски. Постои можност тој да ја добие поддршката на најголемата опозициска партија, ако вмровците се согласат да ја поддржат советничката листа на СДСМ.

– Ние сме подготвени на тоа, ќе видиме како ќе одговорат од другата страна. Што се однесува до другите општини Долнени и Брвеница во овој момент се уште не сме отвориле никакви разговори – истакна шефот на Изборниот штаб на СДСМ, Игор Ивановски.

 

АРХИВА Пивковски: Стравувам дека Субрата Рој може да биде втор Моше Баум

$
0
0

Текстот е објавен на 26 август, 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 934

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

„Тие што зло мислат и зло прават, нашиот народ вели зло ги снаоѓа, кога-тогаш! Ако не сега, до седмо колено зло ќе ги следи. Затоа немојте да мислите на лошо, немојте да мислите на зло зашто злото ќе си дојде. Мислете на добро и правете добри дела“. Вака на млекарите од Могила во 2009 година им се обрати шефот на државата Ѓорѓе Иванов на митингот за време на претседателските и локалните избори, кои се одржуваа истовремено. Тогаш млекопроизводителите тоа го сфатија како клетва и многу се налутија. Снимката од тој говор на Иванов досега не беше јавно експонирана, но ако се просурфа на интернет, многу лесно може да се најде видеото објавено на Јутјуб. Додека Иванов држеше говор, симпатизерите на владејачката партија викаа и свиркаа по него, лути затоа што никој не им ги исплатил парите од млекото продадено во „Сведмилк“. Тој, наместо да ја смири ситуацијата, вината ја префрли на опозицијата и, како што велат могилчани, „ни фрли клетва“. Денес, четири години подоцна, со потсмев велат дека сѐ уште мака мачат да ја уништат фрлената „клетва“.
А дека жителите на овој земјоделски крај никако не можат да се разберат со власта или со претставниците на власта, покажаа и минатите локални избори.
Премиерот Никола Груевски на последните локални избори, како речиси никогаш дотогаш, жестоко се нафрли врз независниот кандидат за градоначалник Стево Пивковски, кој, патем, беше член на неговата партија. Но, и тој не му остана должен, на боксерот му возврати со боксерски удар. Денес е градоначалник на ова битолско село.
Во општина Могила, 16 години наназад владееше ВМРО-ДПМНЕ, можеби затоа е толку голема болката што градоначалничката фотелја ја запоседна друг човек, кој не е по мерка на премиерот Груевски.
Кои и какви „гревови“ имаше Пивковски, како денес се снаоѓа во градоначалничката фотелја, му пречат ли заканите што на негова сметка ги упатува владејачката партија, како овој некогашен борец за правата на млекарите гледа на сегашната економска ситуација, дали смета дека Џумајлија со Субрата Рој може да биде спас за млекопроизводството или ќе се отвори нова рана? Доволно предизвикувачки прашања за екипата на „Фокус“ да се упати во местото каде што се водеше една од најинтересните битки за градоначалник!
На локалните избори се кршеа копјата меѓу Славко Велевски, кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, кој владееше 16 години со општината, и Стево Пивковски, кој на изборите настапи како независен кандидат.

ПРЕМИЕРОТ МИ БЕШЕ ГОСТИН, А ОД МИТИНГОТ МИ СЕ ЗАКАНИ“

Могила, срцето на Пелагонија, како што го нарекуваат неговите жители, е претежно земјоделско-сточарски крај, во кој се одгледуваат сите раноградинарски култури, се произведува тутун и се чува добиток. Неговите жители велат дека земјата е толку плодна, што дури раѓа човек.
Во центарот на ова пелагониско место е сместена општината, споменикот на македонскиот револуционер Димче Могилче и споменикот на битолската Мајка Тереза, хуманитарната добротворка Захарија Шумљанска. Интересно е тоа што и двата споменика се направени во антички стил.
Во Могила живеат околу 1.500 жители, а заедно со околните села се околу 6.000. Неколку жители беа наши водачи низ ова пелагониско место. Сликата што можеше да се забележи на терен се големите површини земја на која се произведуваат раноградинарски култури и тутун. Локалните жители велат дека не се плашат затоа што има што да работат и да заработуваат. Но, тврдат, дека честопати имаат проблеми со нередовната исплата на производите од страна на откупувачите.
Тие се револтирани од зачестените инспекции, кои ги казнуваат со над 3.000 евра, ако на пример ги фатиле со дрва.
„Знаат да дојдат и да нѐ казнат со по неколку илјади евра, а не знаат да го ценат тоа што ние го правиме за оваа општина. Во последниот период има зачестени пожари на планината. Сите бараат помош од нас. Зошто јас да отидам да ја спасувам планината, кога претходно ме казниле 3.000 евра. Не ме интересира, како што нив не ги интересира“ – раскажува за „Фокус“ еден од жителите на Могила.
По кратката прошетка низ ова пелагониско место, во центарот на Могила затекнавме млади луѓе заседнати на пладневно кафе. Тие ни објаснија дека ова е единственото кафуле каде што излегуваат во вечерните часови, но нагласија дека тука доаѓаат големи музички ѕвезди од Македонија и од Србија.
На топлото време, по нивите можеа да се забележат мал број луѓе кои береа тутун, додека другите чекаа времето да залади и да се скрие сонцето за да се фрлат на работа.
Локалните жители нѐ пречекаа со своите маки и проблеми. Тие сѐ уште се борат да почнат да газат на асфалт и да добијат чиста вода за пиење. Повеќето со кои разговаравме не бараат вработување, туку бараат земја за обработка.
„Во Могила жителите сакаат да работат, желни се за работа. Тука успева секоја култура од домат, пиперка, тутун, но луѓето немаат земја“, како во хор објаснуваат тие.
За време на локалните избори, неколку дена пред 24 март, премиерот Никола Груевски со жесток говор го нападна независниот кандидат Стево Пивковски.
„Следниот ден првпат го гледаме на телевизија Стево. Тогаш видов кој бил ортакот на криминалецот. Се појави, вика, напаѓа, се заканува. Пак ми се јавува тој што сега е во затвор и ми вели, гледаш ли со кого имаш работа. Сакаш утре пак да ти ги донесам. Затоа Стево нека си ги гледа своите 90 илјади евра со кои изгради фарма и нека е среќен што не е веќе во друштво со ортакот, а Могила да си тера со чесен и исправен човек – рече Груевски пред локалните избори.
Тој заборави да каже дека „криминалецот“ Пивковски е член на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од 15 години. Со партиска книшка. На митингот, Груевски, исто така, заборави да спомне дека често ја посетувал фармата за крави на независниот кандидат.
„Недостоинствено е еден премиер да се заканува на обичен човек како мене. Го слушнав целиот говор и напад од премиерот и сѐ уште не можам да поверувам дека тоа се негови зборови и дека може за мене да го каже тоа. Затоа што тој најдобро знае кој е Стево Пивковски?! На почетокот на својот мандат доаѓаше кај мене на фармата за крави. Не знам од каде излезе поврзувањето со Велија Рамковски“, вели за „Фокус“, новиот градоначалник на Општина Могила, кој, се чини, сѐ уште се чуди од каде толкава жолч во настапот на премиерот!

ПИВКОВСКИ ЖРТВА НА „СВЕДМИЛК“

Самиот тек на приказната нѐ тера да се вратиме неколку години наназад во времето кога актуелни беа „Сведмилк“, изиграните млекопроизводители и Моше Баум. Таа приказна се забошоти, а „Сведмилк“ им остана должен куп пари на млекарите.
Новиот градоначалник на Општина Могила, Стево Пивковски, беше дел од таа приказна што Никола Груевски го искористи за напад врз него и обвинувања дека бил ортак на Велија Рамковски, иако за волја на вистината, никогаш ниту се откри, ниту власта трагаше по некаква поврзаност на Рамковски со „Сведмилк“. Шведската млекарница, всушност, беше отворена во 2006 година, како една од првите „големи инвестиции“ кои ги најави токму преродбата. Нејсе, Пивковски за „Фокус“ во целост ја раскажува приказната за „Сведмилк“. Тој негира дека Груевски посакал да се сретне со него. Децидно ги негира сите обвинувања. Се колне во своите три деца дека воопшто не профитирал од „Сведмилк“, туку дека таму сѐ уште му стојат заглавени 50.000 евра за предаденото млеко и уште околу еден милион евра на могилчани.
„Јас веќе подолг период имам фарма за крави. Јас се борев во тоа време да се обесштетат млекарите затоа што ја знаев нивната мака. Ние бевме десетина пати на разговори во Владата за да се најде решение и да излеземе од таа криза. Со драга волја сакав да помогнам, а сметав дека тоа што сум член на ВМРО-ДПМНЕ само ќе ги олесни работите. Чувањето на кравите е една од десетте најтешки работи во светот“, објаснува Пивковски.
Првиот човек на општината вели дека му е нејасно во каков контекст и зошто воопшто бил поврзан со името на Велија Рамковски, кога, нагласува Пивкоски, „јас него го познавав само од телевизија“.
„Да ме ставаат во поврзаност со „Сведмилк“ е трагично затоа што јас таму изгубив 50.000 евра. Освен мене, таму загубија уште многу луѓе и пропаднаа многу фарми. Повеќе бев исплашен со случувањата во „Сведмилк“, кога застанаа толпа граѓани, отколку од заканите на Груевски. Случувањата со „Сведмилк“ ми беа најголемата тежина“, тврди Пивковски.
Според него, вистината не може да му биде закана.
„Кога беа настаните со „Сведмилк“, тука нема ВМРО-ДПМНЕ, нема СДСМ. Тогаш настрадаа сите сточари од земјава. Изборите не ми беа тешки и не можат да се споредат со тоа што го преживеав во „Сведмилк“ – истакна Пивковски.
За него подолг период се пуштале информации дека ги зел парите од „Сведмилк“, станал цел на напади на одредена група луѓе и тогаш донел одлука да се повлече.
„На луѓе од СДСМ им должеа по 100.000 евра. И што требаше ние да направиме? Да се разделиме политички и едни на други да си копаме очи. Сите имавме една заедничка цел – да си ги вратиме парите. Премиерот со заканите против мене ми направи услуга. Сите што мислеа дека јас сум ги зел парите од „Сведмилк“, по нападот од него ми се извинија. Груевски ми заврши голема работа. Понатаму што сака нека се случува. Понекогаш животот не вреди ако за нешто си лажно обвинет. Се спротивставив затоа што душата ми е чиста како солза“, вели новиот градоначалник на Могила.
Бидејќи неговиот главен бизнис е одгледување крави, го прашавме дали може да ни објасни за земјиштето во Џумајлија, кое го зема индискиот бизнисмен Субрата Рој и како таму ќе се чуваат 20.000 крави.
„Ова е навистина зачудувачки со Субрата Рој, дека ќе донесе толку крави! Баш би сакал да го видам тоа чудо! Во Џумајлија има доволно површина, но не знам дали има систем за наводнување. Ако нема систем за наводнување, тогаш многу тешко. Јас викам да не биде втор Моше Баум. Кога во срцето на Пелагонија нема услови за одгледување толку крави, јас не знам дали таму воопшто тоа може да профункционира. Живи били, па видели“ – истакна првиот човек на општината.

МОГИЛА ОСЛОБОДЕНО ОД „РОПСТВОТО“ НА СТАЛИН

По заканите од премиерот, Пивковски ги добил и симпатиите на опозициските партии и на неопределените гласачи. Во првиот круг, тој имаше 50 гласа разлика од неговиот противник Славко Велевски, за во вториот круг таа предност да за зголеми за повеќе од 600 гласа. Владејачката партија по 16 години ја загуби градоначалничката битка во Општина Могила. Цели четири мандати прв човек на општината беше Славко Велевски, кој ВМРО-ДПМНЕ го кандидираше за петти мандат. Могила на овие локални избори изгледаше како во каубојски филм на Дивиот Запад. Битката се биеше како за парламентарни избори. Луѓе од власта доаѓале да ги убедуваат жителите да гласаат за Велевски, а според нивните наводи и поткупувале гласачи со брашно и со масло за јадење, им ветувале работни места. Во тој период се шпекулираше дека работата била дојдена до таму што приврзаниците на двајцата кандидати почнале и физички да си ги одмеруваат силите.
Новиот градоначалник ја објаснува целата голгота што ја преживеал од владејачката партија.
„Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ. За кандидат за градоначалник аплициравме повеќемина од партијата, ама раководството на партијата повторно се одлучи за Славко Велевски. Пред да се избере конечниот кандидат, останавме уште неколку луѓе. Мислев ќе нѐ викнат на разговор, но тоа не се случи. Мандатот повторно му беше доверен нему. Тогаш јас одлучив да се кандидирам за независен. По толку мандати на еден ист човек, јас мислев дека се потребни промени и дека нема да биде тој човек, раскажува Пивковски.
Тој додава дека и на локалното население им здодеало од истиот човек и сакале некој нов да ја преземе градоначалничката функција.
„Тој самиот си призна дека имало партиски вработувања и дека си сместувал свои луѓе. Јас претходно никогаш не сум бил дел од општината. Да не се лажеме, сите знаеме како функционираат работите во државата и како се вработуваат луѓето, само со партиски книшки“, тврди градоначалникот на Могила.
Пивковски по изборите не знае во која партија припаѓа.
„Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ, од таму велат дека ме исклучиле. Јас навистина не знам каде припаѓам. Имам партиска книшка од ВМРО-ДПМНЕ, но најбитно ми е во овие четири години Општина Могила да се развива – истакнува Пивковски.
За време на изборите, независниот кандидат ги добил гласовите и од најголемата опозициска партија, СДСМ. Тие, пак, велат дека се ослободиле од 16-годишното „ропство“ на Сталин, прекар кој му го дале на Велевски.
„Тој првично дојде на функцијата како кандидат на ЛДП, а подоцна како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Тука го имаме РЕК Битола. ВМРО-ДПМНЕ најмногу добива поради нив. Си вработуваат луѓе во РЕК Битола, блиски на досегашниот градоначалник, луѓе кои немаат завршено средно образование, а земаат по 40.000 денари плата“, тврди Јасмина Гугулевска, советник од СДСМ.
Таа во детали опишува како владејачката гарнитура ги добива секои избори во Могила.
„Луѓето се плашат дека нема да ги добијат субвенциите. Пред избори реално им се јавуваат на луѓето и им велат ако не гласате за нас, нема да ви ги исплатиме субвенциите. Една половина им даваат пред избори, а другата половина им ја ветуваат за по изборите. Тоа не се субвенции што ги дели Никола Груевски, тие се наши пари и ни припаѓаат. Ни земаат од едниот и ни даваат малку во другиот џеб“ – вели Гугулевска.
Од таму потенцираат дека пред локалните избори, тие во нивниот штаб донеле педесетина образовани млади луѓе, а до крајот на изборната кампања, од нив останеле само пет. Партијата на власт, како што велат, ги поткупила сите тие луѓе и им ветила вработувања.
За време на изборите, Славко Велевски, кандидатот од владејачката партија, се фалеше дека со говорот на премиерот се докажало кој е нивни кандидат и за кој треба да гласаат могилчани. Екипата на „Фокус“ при посетата на Могила се потруди да стапи во контакт со поранешниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Славко Велевски. На неговиот мобилен телефон не се јавуваше, а никој од локалното население не знаеше да ни каже каде можеме да го најдеме.
Општината има 7 милиони денари долг оставен во наследство на новиот градоначалник. Во Советот на општина Могила има шест советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и двајца независни.
Тешкото артилериско оружје што се употреби на локалните избори од страна на партиите само покажува дека главната битка се води кој да го заземе престолот, односно градоначалничката фотелја. Повеќето граѓани кои се на работ на сиромаштијата ги чекаат изборите, со надеж дека нешто ќе се смени, додека локалните шерифи се натпреваруваат кој ќе седне на тронот. И на жителите на Могила им беа потребни 16 години да го симнат „вечниот“ градоначалник и затоа треба да се сфати дека никој не е вечен. Кога-тогаш, крајот доаѓа!
Времето е пред Пивковски, независен кандидат, кој во срцето на Пелагонија го урна црно-белиот партиски свет!

Рамка 1
ГРУЕВСКИ БЕШЕ КЛУЧ НА ПОБЕДАТА НА ПИВКОВСКИ

Јасмина Гугулевска, советничка од СДСМ вели дека тие немале свој кандидат за прв човек на општината, туку имале од коалицискиот НСДП.
„Ние на локалните избори бевме ставени пред свршен чин, дали пак да го гласаме Сталин или независниот кандидат кој потекнува од владејачката партија. Стево Пивковски доби со членството на СДСМ. СДСМ во првиот круг имаше 570 гласови за градоначалник и сите тие се прелеаја кај Пивковски во вториот круг. Груевски го исплука независниот кандидат, но истовремено го исплука најобичниот селанец на Могила, сточарот и земјоделецот, па затоа беше јасно за кого треба да гласаме во вториот круг, вели Гугулевска!

Рамка 2
ГО НАЛУТИВ ГРУЕВСКИ БИДЕЈЌИ СЕ КАНДИДИРАВ ЗА НЕЗАВИСЕН

Стево Пивковски, првиот човек на општината, вели дека е свесен дека нападот од премиерот врз него е затоа што излегол и како член на ВМРО-ДПМНЕ се кандидирал за независен.
„Не знам колку политиката бара чесни и искрени луѓе или само луѓе кои веруваат во нешто. Ако нешто навистина не е добро во околината околу нас, тогаш треба да бидеш маж и да излезеш да кажеш дека тоа нешто не е добро. Јас јавно излегов и кажев дека давањето петти мандат на еден човек не е можно. Па, треба да бидеш како Бог, за да се случи нешто такво. Претходникот не го заслужуваше тој мандат. И на денот на изборите се случи тоа што сите го очекувавме“, ја објаснува својата победа Пивковски.

Viewing all 787 articles
Browse latest View live