Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all 911 articles
Browse latest View live

АРХИВА ЗА СЛУЧАЈОТ „РОВЕР“: Трипати му нуделе слобода само за да сведочи лажно против Љубе!

$
0
0

Текстот е објавен на 11 јули 2015 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1031

Валентина Стојанчевска

По три години поминати во притвор, обвинетите во случајот „Ровер“, Зоран Трајковски, Гоце Митровски, Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, повторно се на слобода. Зад решетки и понатаму остана ексминистерот Љубе Бошкоски, бидејќи му остана да одлежи уште 11 месеци од затворската петгодишна казна што ја доби за случајот „Кампања“.

Но, со прекинување на притворот, за овие обвинети не запре и судската голгота, бидејќи наесен се очекува повторно да седнат на обвинителна клупа, каде што по третпат ќе им се суди во Основниот суд Скопје 1, бидејќи Апелација по вторпат ја укина првостепената пресуда и го врати случајот на почеток. Нивната правна битка допрва претстои, но убедени се дека конечно ќе ја докажат правдата, а зад решетки ќе завршат тие што го монтирале целиот случај.

Случајот „Ровер“ е еден од најкритикуваните во судската практика, кој воскресна по 11 години од убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев. На обвинителството, по една деценија, во 2012 година, конечно, му светна дека нарачател на убиството бил Орце Коруновски, а Бошкоски како тогашен министер му бил психолошки помагач, бидејќи му ветил дека нема да ги гони убијците. Останатите, пак, се помагачи на психолошкиот помагач?!

Неуспешно скроениот обвинителен акт, според адвокатите и обвинетите може да го согледа и обичен правен лаик. Без конкретни докази, но со многу имагинација и фантазија, и се разбира со заштитен сведок, спакувани за долгогодишна робија на Бошкоски. Останатите обвинети, пак, како што во неколку наврати истакна ексминистерот за внатрешни работи, се жртви за тој полесно да се задржи во затвор. Колку повеќе луѓе се вмешани, толку случајот ќе биде поуверлив за јавноста.

Засега е повеќе од јасно дека оваа логика на креаторите не се покажа како многу успешна, бидејќи во неа не се увери Апелација, а не, пак, јавноста, која веќе одамна ја изгуби довербата во третата власт.

 ОД УСПЕШНИ ПОЛИЦИСКИ ИНСПЕКТОРИ ГИ НАПРАВИЈА КРИМИНАЛЦИ

Со излегувањето на слобода, обвинетите конечно добија можност и надвор од судница да проговорат за „Ровер“. Пред да бидат уапсени, Трајковски и Митровски самите ловеле криминалци, односно биле вработени во Министерството за внатрешни работи.

Се сретнавме со Митровски. Додека му судеа, не зборуваше многу, и буквално изгледаше дека не му е јасно зошто му судат. И сега вели дека не се променило ништо. Очигледно е само дека по 22-годишна импресивна полициска кариера, во јули 2012 година, животот му се свртел наопаку. Воопшто не се надевал дека од инспектор оперативец, со завршен Факултет за безбедност и поминувајќи ги сите скалила на напредување, за миг ќе заврши на другата страна, со лисици на рацете, обвинет за помагање на двојно убиство.

По три години поминати во притвор, од кои седум месеци во истражниот затвор „Скопје“, пред една недела повторно може слободно да се движи. За „Фокус“ раскажува дека никогаш не се надевал оти ќе биде вплеткан во вакво сценарио.

– Ме обвинуваат за нешто против што сум се борел цел живот – борба против криминалот, што со љубов сум го учел и работел, чесно, совесно, одговорно врз основа на закон. Сум работел на откривање убиства и силувања, каде што имам постигнато големи резултати за што сум бил и наградуван, а тие ме обвинуваат дека јас сум учествувал во кривично дело убиство како помагач. Само не знам што тоа сум помогнал? Ова е измислена приказна со заштитен сведок. Јас знам дека немам никаква врска со овој измислен судски процес, а и тие што работеле на овој случај, уште подобро од мене знаат, вели Митровски.

Тој 15 години работел во одделот за крвни деликти, а потоа и во секторот за економски криминал, а во 2007 година, по многубројните успеси и ниту една професионална дамка бил деградиран и распореден на работно место во полициска станица за обезбедување на државната граница Чашка. А, само неколку месеци пред да биде прераспореден, бил награден за расчистување на убиството на скопјанката Сандра Китаноска, која беше ограбена, силувана и убиена од бездомникот Дино Диновски, кој подоцна беше осуден на доживотен затвор.

– Штом во 2006 година се смени власта, почна и „расчистувањето“ на редовите во МВР, односно тие што размислуваа со своја глава и професионално си ја вршеа работата беа прераспоредувани на пониски работни места. Но, и за тоа никогаш не се побунив, вели нашиот соговорник.

Додава дека за разлика од многумина, имал „среќа“ да биде уапсен на работното место, а не среде ноќ, дома пред својата сопруга и синот единец. Но, тоа, сепак, не ги поштедило од трауми, кои сите заедно и ден денес ги преживуваат. Веднаш по апсењето, на 24 јули 2012 година, му бил одреден притвор, а му бил прекинат и работниот однос, односно му била запрена платата.

Тогаш почнува неговата вистинска голгота. Го ставаат зад решетки, а ниту самиот не знае зошто. Вели дека ниту ден денес не знае зошто е вмешан во овој монтиран случај. Истакнува дека тој е креиран за Љубе Бошкоски, но за да изгледа поуверливо, најверојатно, им требало да затворат уште луѓе, па едниот од нив е и тој. Вели и дека не го разбира обвинителниот акт, но и дека не подготвувал одбрана бидејќи немал од што да се брани.

Досега за целиот мој работен век како професионален инспектор, чесен совесен, скромен, заработив дијабетес, минус на сметките и притвор. А најголема награда што ја добив од државата и од МВР за мојот голем придонес во борбата против криминалот е обвинението за помагање во убиство. Болно е кога одам со лисици на рацете и ме носат како криминалец. Болно е да одговараш за нешто што не си го направил. Голема неправда, вели Митровски, кој е осуден на неправосилна казна од пет и пол години затвор.

КРЕАТОРИТЕ НА „РОВЕР“ САМИТЕ ДА СИ СТАВАТ ЛИСИЦИ

Во обвинението за него се чини пишува и најмалку, поточно има само една реченица, дека вечерта по убиството се возел со Коруновски со автомобил и ги сокривале трагите од убиството. И толку! Без обвинителот барем да се обиде да објасни како и на кој начин ги сокривале трагите. Исто така, се споменува и заштитениот сведок, односно дека седел во кафеана, во друштвото, каде што наводно се договарало убиството.

Митровски објаснува дека го познавал Коруновски, но со него се среќавал само службено. Критичната вечер имале средба, но за тоа изготвил и доставил службена белешка, коментирајќи дека да имало вистина во обвинувањето оти прикривал траги, сигурно немало да остави писмен доказ. Објаснува дека за време на неговата работа не седел само во канцеларија, туку работел и на прибирање сознанија со кои криминалците биле предавани на обвинителството и судот.

– Иако се трудев да не зборувам за работењето во МВР поради доверливоста на информациите, сепак и пред судот морав да објаснам дека Орце Коруновски беше човек на ДБК. Мојот контакт со Коруновски беше поврзан со расчистување на убиствата на полицајците во Арачиново во 2000 година и обидот за атентат на претседателот Киро Глигоров. Работев на тие случаи, а за тоа знаеше и заменик министерот Драги Гроздановски, бидејќи од него добив посебна задача за тие случаи. Подоцна продолжив со Љубе Бошкоски, во време на воениот конфликт работев на откривање сторители на убиства, па сега се поставува прашањето дали во тој период сум дошол до некои сознанија за кои јас не знам, а некој кој е инволвиран се плаши и затоа ме сместува во овој случај за да не ми се слушне гласот. Времето ќе покаже зошто ми се прави оваа голема неправда, вели Митровски.

Нашиот соговорник сега се надева на ослободителна пресуда и на правда. И покрај тригодишната голгота, која сѐ уште не е завршена, тој вели дека не му е воопшто важно да бара материјално обесштетување, бидејќи слободата за него нема цена, туку ќе се задоволи кога сите оние кои учествувале во монтирањето на случајот ќе завршат со лисици на рацете.

За луѓето што се вмешани, а работат во МВР, во обвинителството и во судот, ми е драго што ја познаваат работата и знаат што следува, односно свесни се дека ќе одговараат. Затоа очекувам од оние во МВР самите да си ги стават лисиците на рацете, а оние од судот и обвинителството да ги замолат и нив да им ги стават. Убеден сум дека тој ден ќе дојде. Нудат безвредност, безморалност и бездушност, но нема да победат. Злосторниците за многу кратко време ќе одговараат за сите недела што ги направиле, заедно со фамилијарните креатори на кризата, истакнува Митровски.

МУ НУДЕЛЕ СЛОБОДА ДОКОЛКУ СВЕДОЧИ ПРОТИВ ЉУБЕ

За разлика од Митровски, кој речиси и да немал контакти со Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски бил во неговото блиско опкружување. Во МВР почнал да работи во 1991 година, а за време на двојното убиство му бил шеф на обезбедувањето на Бошкоски и самостоен инспектор во тајната полиција, сектор за оперативно изведување. Во моментот кога го апсат е на боледување, но работи во Центарот за известување и командување. И тој ја има „среќата“ како Гоце, да не го апсат дома, пред двете деца и сопругата, туку додека вежба, поради повреда на грбот, покрај кејот на Вардар.

Можеби е и очекувано што поради неговата блискост со Бошкоски, тој имал најмногу притисоци да го предаде, а да се спаси себеси. Но, Трајковски, кој доби затворска казна од осум и пол години, вели дека не подлегнал ниту на еден притисок или ветување. Истакнува дека ќе се бори до крај и дека ќе ја докаже вистината.

Трајковски за „Фокус“ споделува информации кои досега беа непознати за јавноста. Раскажува дека дури трипати бил убедуван или „добронамерно советуван“ да соработува со службите и да сведочи против Бошкоски, а на тој начин тој да си ја „заработи“ слободата.

– Еден месец пред да ме уапсат бев повикан на разговор во Управата за безбедност и контраразузнавање. Прво имав разговор со двајца високи полициски функционери, кои 1,5 час ме испрашуваа и тоа најмалку за убиството на Маријан Тушевски, туку разговаравме и за Љубчо Георгиевски, како и за наводни криминали на Љубе. Ме убедуваа да посочам некоја злоупотреба што ја направил Љубе, за да можат да го гонат. Уште тогаш им реков дека е чист, но тогаш им ја видов и намерата дека планираат да го апсат. Веднаш потоа бев повикан и на разговор кај четворица началници кој траеше повеќе од десет часа, односно ме земаа од работа во 8.30 часот, а ме пуштија во 19 часот, и тоа на истата тема, посочува Трајковски.

По исцрпниот разговор, Трајковски си продолжил со секојдневното темпо, но по еден месец му ставаат лисици на рацете.

Тогаш ја дава првата изјава пред истражната судијка, но вели дека на 19 септември барал дополнување, бидејќи првиот пат, затечен од ситуацијата, не успеал да се искаже. Дополнувањето на кое требало да присуствуваат и адвокатите на останатите осомничени било закажано за во 13 часот, но тој бил одведен порано.

Истражната судијка не беше задоволна од она што имав да го дополнам, бидејќи како што му соопшти по телефон на обвинителот, не им вршело работа за Љубе, па бараше од мене да кажам дека кога се случило убиството, јас и Бошкоски сме седеле заедно во едно од кафулињата кои се во близина и сме го гледале чинот или, пак, дека Љубе од комби го гледал убиството. Ми рече: „Кажи го ова и слободен си, вратата е таму. Зошто невин да лежиш в затвор“, се присетува Трајковски.

Тој не подлегнал ниту овојпат, туку вели дека ја кажал вистината. Последната понуда за трампа на решетките со слобода ја добил пред нецели два месеца, на 20 мај, кога в затвор го посетил човек од власта, со кого соработувале во минатото.

– И тој ме убедуваше да сведочам против Љубе, а за возврат ќе си ги скратам маките и набргу ќе излезам, односно ќе добијам четиригодишна затворска казна. Му реков, и денеска да ме апсат и да ми судат по новиот Закон за кривична постапка, според кој има можност да се спогодиш со обвинителот, и да ми понудат само еден ден затвор, а потоа да излезам на слобода, нема да прифатам, истакнува Трајковски.

Последната понуда да се сврти против Бошкоски на Трајковски му укажува дека власта била свесна оти нивниот монтиран предмет повторно ќе падне на Апелација и дека наскоро мора да се донесе ослободителна пресуда.

ТРЕТА МАЈКА ЗА СУДОТ

Според обвинението, Трајковски се товари дека ги распоредил инспекторите за набљудување и документирање на местото каде што се случило убиството, а потоа дека ги повлекол во база и им наредил да не зборуваат за настанот и да не пишуваат службени белешки. Тој вели дека како самостоен инспектор, но и како шеф на тогашното обезбедување на Бошкоски немал такви овластувања.

Исто така тој јавно ја прашува обвинителката Лидија Раичевиќ – Вучкова, како е можно да тврди дека убиството го извршиле високостручни професионални платени убијци, а истите да се одлучат да го извршат на толку јавно и прометно место.

На местото на убиството има неколку кафулиња, кои во тоа време беа доста посетувани од полицајци и агенти, а во близина е и полициската станица Карпош. Самото тврдење е несериозно, а вакво сценарио нема ниту во криминалистичките филмови, вели Трајковски.

Тој тврди и дека Бошкоски не бил во блиски, ниту пак во добри односи, со Коруновски, за да му вети дека ќе го покрие злосторството.

-Баш во тој период, а и по убиството, излегуваше неделникот „Сведок“, на кој сопственик беше Коруновски, а во него постојано се пишуваше против Љубе и против мене, потсетува Трајковски.

Според него, скандалозно е и тоа што обвинението е засновано на изјави на двајца сведоци, од кои едниот е заштитен, а другиот е познат како „професионален“ сведок, односно сведочи каде што ќе затреба.

Трајковски искрено се надева дека на овој судски циркус наскоро ќе му дојде крајот, а со тоа ќе запре и голготата што ја преживува целото негово семејство.

Ваквите местенки не нѐ погодуваат само нас обвинетите, туку и нашите најблиски. Страдаат нашите деца, сопруги и родители. Затоа треба што поскоро да се дојде до вистината, а преку неа и до слободата, на што искрено се надевам и верувам уште од првиот ден, истакнува Трајковски.

И обвинетиот Сашко Јовановски е поранешен вработен во МВР. Тој е обвинет дека ги лоцирал двајцата починати и им јавил на извршителите. Ова го тврдел заштитениот сведок, кој, пак, муабетот наводно го слушнал од Коруновски, кој сега е починат. И покрај сведоците кои го потврдија неговото алиби дека за време и по извршувањето на убиството бил во друштво на девојка во некое кафуле, сепак тој беше осуден на казна затвор од седум години.

На доживотен затвор, пак, беа осудени Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, а Вук Вукичевиќ доби 15 години затвор. Овие српски државјани ниту еднаш не присуствуваа на судењата, бидејќи надлежните органи не успееја да ги пронајдат. Седум години затвор доби Ивица Ристиќ, а пет и пол години затвор доби пензионираниот припадник на МВР, Никола Негриевски.

Но, сега и овие казни не важат, бидејќи Апелација неодамна повторно ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење. Засега не се познати причините, бидејќи одлуката сѐ уште се пишува, но, сепак, одбраната претпоставува дека второстепениот суд повторно ќе бара да се утврди фактичката состојба и да се докажат кривичните дела. Сѐ уште останува неизвесно и дали судијата Илија Трпков повторно ќе го води судењето, бидејќи по второто укинување Апелациониот суд може да наложи процесот да го води нов судски совет.

Обвинителката Лидија Раичевиќ – Вучкова, пак, ќе биде ставена пред нови маки бидејќи по вторпат Апелација ѝ укажува дека обвиненијата треба да ги поткрепи со докази.

ЌЕ ДОЧЕКА ЛИ БОШКОСКИ ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА?

Како во првата, така и во втората пресуда, обвинителката и првостепениот суд се задржаа на истата верзија за тоа како се случило убиството на 11 јули 2001 година. Имено, се наведуваше дека во 2000 година дошло до меѓусебни расправии и тепачки меѓу Маријан Тушевски и Орце Коруновски, поради бизнис-интересите за стопанисување со плеј-баровите и дискотеките во Скопје. Наредната година, според судот, Коруновски донел одлука да го убие Тушевски, за што наводно ги ангажирал Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ. Тие, пак, во државата влегле илегално, со помош на Ивица Ристиќ, а за превозот и сместувањето во стан се погрижил Вук Вукичевиќ. По еден месец, Коруновски го искористил личното пријателство со тогашниот министер за внатрешни работи Бошкоски, од кого побарал и добил согласност и однапред дадено ветување дека ќе му помогне во извршувањето на убиството со отстранување на пречките, а, исто така, и однапред му ветил дека ќе го прикрие кривичното дело. За оваа цел, пак, Љубе, наводно, го ангажирал Зоран Трајковски, кој на местото на убиството требало да постави неколкумина колеги кои ќе замижат при собирањето докази. Сашо Јовановски и Вукичевиќ, пак, беа обвинети бидејќи наводно им кажале на извршителите каде се жртвите, а подоцна им помогнале и да избегаат. Нарачателот Коруновски и Гоце Митровски, пак, по убиството се возеле и ги отстранувале трагите и поврзаноста на нарачателот со убиството?! Откако завршило сѐ, Ристиќ им помогнал на извршителите да заминат од државата. Со вакво образложение сите обвинети беа осудени на долгогодишен затвор, но токму ова сценарио не помина пред Апелациониот суд, кој го нарече нејасно и неразбирливо, а дури и отворено се посомнева дека е незаконско. Според овој суд, во случајот недостасуваат и докази што ќе го поткрепат сценариото на обвинителството. Јасно се наведува дека за некому да му се товари кривичното дело помагање, мора да се утврди неговата умисла, односно дека свесно помагал убиство, како и точно да се опише начинот на кој помогнал.

По второто паѓање на „Ровер“, се поверојатна е теоријата на Бошкоски за овој случај. Тој на завршните зборови истакна дека пресудата била договарана во кафеана и по телефон.

Имам докази за телефонски разговор во кој се посочуваат висините на казните, односно како пресметуваат колку би ни било доволно за да поминеме во ќелија. Знаеме и места во Скопје, поточно една кафеана каде што се договарале казните, не само за мене, туку и за другите обвинети. Во една таква ситуација, кога судската власт е нем послушник и извршител на наредбите на власта, ние имаме уништена правна држава“, рече Бошкоски од судница.

Можеби третото судење за Бошкоски и останатите ќе биде и трета среќа. Или, како што вели поранешниот инспектор Митровски:

Правдата е бавна ама стигнува. Крајот секако ќе биде со ослободителна пресуда, само прашање е колку од животот ќе ми биде уништен и неповратно одземен, полн со страдање и болка“.

The post АРХИВА ЗА СЛУЧАЈОТ „РОВЕР“: Трипати му нуделе слобода само за да сведочи лажно против Љубе! appeared first on Фокус.


АРХИВА Како Мицкоски и партнерите добија концесии за три хидроцентрали?

$
0
0

Текстот е објавен на 02 ноември 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1204

Откако власта предводена од СДСМ долго време го прозиваше опозицискиот лидер Христијан Мицкоски да одговори како станал косопственик на хидроцентрали за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски деновиве обелодени дека ги отуѓил уделите од 7 проценти, притоа повикувајќи ги тоа да го сторат и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Кога оваа тема стана актуелна пред една година, Фокус пишуваше на кој начин компанијата поврзана со Мицкоски ја стекнала концесијата за изградба на 3 мали хидроцентрали во Источна Македонија. Имено, вмровскиот лидер до неодамна беше косопственик на „Енерготек“ заедно со неговиот соработник Димитар Димовски, првиот човек на „Витаминка“ Сашо Наумоски и други луѓе, која формирала конзорциум со струмичката „Минка-ДА“, која всушност овозможува заедничкиот субјект „Минка-Енерготек“ да ги исполни условите од јавниот повик, особено во поглед на висината на приходите. Но, сепак, по завршувањето на целиот процес, „Минка-ДА“ се повлекува од конзорциумот па бизнисот му останува само на „Енерготек“…

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Како одговор на обвинувањата на опозицијата дека владата на Зоран Заев му доделила земјиште на вицепремиерот Кочо Анѓушев за изградба на хидроцентрала, од владејачкиот СДСМ посочија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски добил концесија за изградба на неколку хидроцентрали во време на претходната влада на Никола Груевски, чиј советник за енергетика беше токму Мицкоски. Како што е познато, Мицкоски подоцна го замени Груевски на челното место на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно ја извршуваше функцијата генерален секретар.

Ако во прв момент овие напади кон актуелниот опозициски лидер може да се стават во контекст на секојдневната меѓупартиска битка за оцрнување на противникот и сопствен политички профит, која се базира на обвинувања кои не упатуваат на законски прекршувања, туку пред се на неетички дејства, тогаш тие добиваат сосема поинаква димензија и тежина доколку дојдат од некој сопартиец, некогашен пријател или близок соработник. Во таква ситуација, изворот тешко може да се дискредитира како што е случајот при меѓупартиска препирка.

Имено, ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, во отвореното писмо што го испрати до Мицкоски по повод исклучувањето во партиските органи поради гласањето на неколку вмровски пратеници за иницијативата за уставни измени, меѓу другото, го прашува како успеал како универзитетски професор да дојде до неколку хидроцентрали токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ? Се разбира, станува збор за реторичко прашање, кое изразува обвинување дека била користена власта за одредени привилегии.

Без оглед на мотивите и позадината на ваквите напади, тоа бездруго го пројавува интересот за одговори на прашањата во кои компании Мицкоски има или имал удели, кои се неговите партнери и соработници, колку хидроцентрали изградиле тие и каде се лоцирани? Но, од особена важност е прашањето дали Мицкоски бил на јавна служба во време кога компаниите добиле концесија, склучиле договор, стекнале земјиште, обезбедиле дозволи и лиценца…? Постојат ли одредени злоупотреби, маневри или прекршувања?

САМО ЕДЕН ПОНУДУВАЧ Е ДОВОЛЕН

Според Законот за водите и Законот за концесии и јавно приватно партнерство, концесијата за стопански дејности преку користење на водите ја дава владата. Првично, владата започнува постапка за доделување на концесијата, по предлог на Министерството за животна средина, изработена во согласност со Водостопанската основа на РМ и плановите за управување. Исто така, за предлогот е потребна согласност и од министерствата за земјоделство, економија, транспорт и врски, oдбрана, култура, внатрешни работи, како и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.

Согласно посочената регулатива, предметот на концесија треба да содржи место и период за кој се доделува, критериуми врз основа на кои се врши изборот на најповолната понуда, како и правила врз основа на кои се спроведува постапката. Како критериуми за избор на најповолната понуда се наведени квалитетот, техничките, естетските, функциониналните и еколошките карактеристики, како и највисокиот понуден концесиски надоместок. Се предвидува дека елементите на критериумите треба да бидат дефинирани во јавниот повик.

Врз основа на ваквите законски одредби, во јануари 2014 година, Министерството за животна средина објави јавен повик за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија од сливовите на реките Вардар, Треска, Брегалница, Струмица и Црн Дрим. Повикот им дозволуваше право на учество на сите домашни и странски правни лица, кои требало да достават потврди за регистрирана дејност, биланс на состојба и успех за 2011, 2012 и 2013 година, потврди дека против нив не се води стечајна постапка…

Покрај тоа, во јавниот повик стои дека некои концесии се однесуваат за една хидроцентрала, додека некои хидроцентрали се нудат во пакет преку една концесија, така што вкупно требало да се спроведат 48 постапки за 80 хидроцентрали. Патем, понудувачите можеле да дадат понуди за една или за повеќе локации, односно за една или за повеќе групи локации, но не повеќе од една понуда за една локација, односно за група локации. Притоа, немало никакви ограничувања во поглед на конкуренцијата, од проста причина што минималниот потребен број способни понудувачи кои можат да поднесат понуда по локација е само еден.

ЛИЧНИ ПРИЈАТЕЛИ, БИЗНИС-ПАРТНЕРИ, ПОЛИТИЧКИ СОРАБОТНИЦИ

Покрај останатите, на овој повик учествувала компанија каде малцински сопственик е актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој претходно им беше советник за енергетика на екс премиерите Груевски и Емил Димитриев, како и директор на државната компанија за производство на струја – ЕЛЕМ. Всушност, оваа компанија формирала конзорциум со друга компанија, која добила концесија за изградба на хидроцентрала на реката Брегалница со капацитет од 868 киловати, како и концесија за изградба на две хидроцентрали на Клепалска река, од кои едната е со капацитет од 180, а другата од 313 киловати. Сите се наоѓаат во реонот на Пехчево.

Впрочем, конзорциумот го формирале „Минка“ ДА од Струмица и „Енерготек“од Скопје. Според податоците од Централниот регистар, „Енерготек“, која е формирана во мај 2014 година за издавање и управување со недвижен имот со основна главнина од 10.000 евра, е распоредена меѓу 6 косопственици. Најголем содружник со влог од 3.600 евра е генералниот директор на прилепска „Витаминка“ Сашо Наумоски, по кој следуваат Орце Тодоровски со влог од 2.200 евра, Димитар Димовски со влог од 1.400 евра, Трајче Николоски со влог од 1.200 евра и Мицкоски со влог од 1.000 евра. На крајот, најмал удел од 600 евра поседува Стефан Трајкоски, кој воедно е и управител на друштвото.

Оттука, Мицкоски учествува со мал процент во сопственичката структура на компанијата, каде партнер е со некои пријатели и соработници. Како што е познато, тој е добар пријател со Тодоровски, додека формално соработува со Димовски, кој порано беше раководител на секторот за урбанизам и државен советник за урбанистичко планирање во Министерството за транспорт и врски за време на министерувањето на Миле Јанакиески, а по политичките промени и лидерската смена во ДПМНЕ стана член на партискиот Извршен комитет. Згора на тоа, опозицискиот лидер уште одамна е бизнис-партнер со Трајкоски.

Моментално, Трајкоски е управител и косопственик на компанијата за инжинерство и техничко советување „Фонко Хидро“, заедно со Војдан Трајковски. Историјатот на друштвото покажува дека прв сопственик на оваа компанија е „Фонко ИНТ“, која ја формирала „Фонко Хидро“ само 4 дена пред да падне во стечај кон крајот на 2010 година. На средината на 2012 година, пак, нов газда на „Фонко Хидро“ станува Милан Тасевски, за во ноември истата година на негово место да дојдат Трајковски и Мицкоски. Партнерите во „Енерготек“ биле единствени косопственици на „Фонко Хидро“ се до септември 2015 година, кога Мицкоски излегува од компанијата и во април истата година станува советник во премиерскиот кабинет.

КОМПАНИЈАТА ШТО ГИ ОВОЗМОЖУВА КОНЦЕСИИТЕ СЕ ПОВЛЕКУВА

Така, Мицкоски и неговите содружници во „Енерготек“ формирале конзорциум со струмичка компанија, кој практично учествувала во постапката за добивање концесија за изградба на три хидроцентрали. Тоа е компанијата „Минка“ – ДА, формирана во 2002 година за трговија на мало со моторни горива и мазива. Единствен сопственик на фирмата, чија главнина изнесува над 60.000 евра, е струмичанецот Драги Василев, кој е и управител на друштвото, во чии рамки функционираат подружници за бензиска пумпа, угостителски објект… Дополнително, „Минда“ ДА како правно лице и Василев како физичко лице се и биле поврзани и со други компании.

Податоците што ги обезбедивме покажуваат дека „Минка“ – ДА се јавува како основач на компанијата за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива „Минка – Оил“, формирана во 2011 година, кога добива лиценца за трговија на големо со сурова нафта и нафтени деривати во времетраење од 10 години. Кон крајот на годината, „Минка“ – ДА ја формирала и компанијата „Минка – Транс“ за товарен патен транспорт. Исто така, Василев порано ја поседувал и градежната компанија „ДМ Оил“, која изгради објект од 10.000 квадратни метри во Прилеп во вредност од над 4 милиони евра, при што еден е деловен простор, а друг дел е катна гаража.

Што се однесува до соработката што „Минка“ ДА ја остварува со „Енерготек“ за изградба на трите хидроцентрали, таа е од исклучителна важност за добивањето на концесијата. Токму поради „Минка“ ДА, концорциумот се квалификува да учествува во постапките за концесија, со оглед дека еден од условите во јавниот повик налага заинтересираните компании во 2011, 2012 и 2013 година да имаат вкупни приходи од најмалку 500 евра по киловат час, што во превод значи да имаат приходи од над 434.000 евра за хидроцентрала на Брегалница, односно најмалку 246.500 евра за хидроцентралите на Клепалска река. Ако се знае дека „Енерготек“ била новоформирана компанија, произлегува дека овој услов бил исполнет благодарение на „Минка“ ДА, која, според финансиските извештаи, во трите години остварила приходи од над 12 милиони евра.

Поради концесиите за изградба на хидроцентралите, здружените „Минка“ ДА и „Енерготек“ во август 2014 година ја формирале компанијата „Минка-Енерготек“. Првично, „Минка“ ДА поседувала повеќе од половина од уделите во заедничката компанија, но во 2017 година доаѓа до пренос, така што „Енерготек“ стекнува 99 отсто од главнината во „Минка-Енерготек“, претставени преку основна главнина од 620.000 евра. На тој начин, „Минка“ ДА на почетокот била носечка компанија во конзорциумот, играјќи клучна за задоволување на условите од јавниот повик, но откако административните процедури и градежните зафати завршиле, се повлекла на сметка на „Енерготек“.

ДОГОВОР ЗА КОНЦЕСИЈА, ЛИЦЕНЦИ ЗА РАБОТА И ИЗГРАДБА НА ОБЈЕКТИТЕ

Според објавите во Службен весник, владата на ВМРО-ДПМНЕ на први август 2014 година донела одлука со потпис на тогашниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески за доделување концесија на „Минка-Енерготек“ за користење вода за производство на електрична енергија на реката Брегалница и на Клепалска река за период од 23 години од склучувањето на договорот за концесија, при што 3 години се предвидени за изградба на централата, а 20 години за работа. По истекот на овој период, приватните стопанственици се обврзани да ги предадат хидроцентралите на државата.

Според одлуката, концесионерот треба да и плати на државата еднократен надоместок од над 11 милиони денари за двете концесии, како и годишен надоместок во висина од 2 проценти од остварената просечна цена на произведената електрична енергија. Според информациите со кои располагаме, овој конзорциум бил единствена заинтересирана страна за двете концесии, па како единствен учесник во постапките доставил понуда од по идентични 92.500 евра за двете концесии. На крајот, нвината понуда била прифатена бидејќи владата оценила дека се исполнети условите од јавниот повик и тендерската документација.

Врз основа на тоа, конзорциумот на „Минка“ -ДА и „Енерготек“ ја добива концесијата за трите хидроцентрали во август 2014 година, по објавен јавен повик на почетокот на годината. Ако „Минка“ – ДА е компанија со повеќе од 15-годишно искуство, чии финансиски резултати биле пресудни за концесијата, на крајот доминантен содружник во заедничката компанија „Минка-Енерготек“ станува „Енерготек“, која е формирана во мај 2014 година. Тоа е само 3 месеци откако е објавен јавниот повик за доделување 48 концесии за изградба на 80 хидроцентрали, а само 3 месеци пред да ја добие концесијата за три хидироцентрали заедно со „Минка“ – ДА. Како и да е, набргу потоа „Минка-Енерготек“ потпишува договор за концесија, ги обезбедува потребните лиценци за работа и ги гради хидроцентралите.

Поточно, „Минка-Енерготек“ склучува договор за концесија со Министерството за животна средина во мај 2015 година, кога воедно стекнува привремен стаус на повластен производител на електрична енергија. Веќе во јуни 2016 година компанијата добива лиценци од Регулаторната комисија за енергетика за производство на електрична енергија за период од 25 години за трите хидроцентрали, иако, како што се наведува во одлуките, објектите не се изградени и немаат употребна дозвола. Арно ама, регулаторот донел одлука за стапување на сила на овие лиценци во август за двете хидроцентрали на Клепалска река и во ноември за хидроцентралата на Брегалница, откако инвеститорот доставил извештај за извршен технички преглед од страна на надзорен инжинер.

РАЗИЈДУВАЊА И ПОКЛОПУВАЊА СО СОВЕТНИЧКАТА И ДИРЕКТОРСКАТА ФУНКЦИЈА

Значи, една година по формирањето на „Енерготек“ и 8 месеци откако конзорциум со „Минка“ – ДА ја добил концесијата за изградба на 3 хидроцентрали во Пехчево, Мицкоски му станува советник за енергетика на Груевски. Арно ама, еден месец откако бил назначен на оваа позиција, во април 2015 година, „Минка-Енерготек“ го склучува договорот за концесија со Министерството за животна средина во мај истата година, а подоцна во текот на годината компанијата добива согласност од владата за закуп на земјиште за изградба на централите. Непосредно пред Мицкоски да биде именуван за директор на ЕЛЕМ во октомври 2016 година, регулаторот издава лиценци за работа на централите, а стапувањето во сила на една од нив го потврдува откако тој веќе управувал со државната компанија.

Иако Мицкоски не бил владин советник и функционер кога конзорциумот на „Минка“ – ДА и „Енерготек“ ги добил од владата двете концесии за изградба на три хидроцентрали, од СДСМ сметаат дека класичен судир на интереси претставува фактот што Мицкоски бил советник на премиерот во време кога заедничката компанија на конзорциумот „Минка-Енерготек“ го потпишала договорот за концесија и добила под закуп државно земјиште, независно што тоа е поврзано токму со концесијата. Социјалдемократите јавно го прашаа вмровскиот лидер дали знаел дека Владата на Груевски ќе објави јавен повик и дали однапред ги договорил концесиите?

Реагирајќи на ваквите обвинувања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека поседува 7 проценти од акционерски капитал на три хидроцентрали во вредност од 3 милиони евра, што претставува 200.000 евра, кои, како што рече, ги заработил пред да влезе во политиката. Од неговата партија објаснуваат дека ги добиле концесиите транспарентно, на јавен повик на кој не се јавила ниту една друга компанија. Целокупната инвестиција, според опозициската партија, е реализирана со 20 отсто сопствени средства на инвеститорите и 80 отсто кредитен заем. Од таму додаваат дека за се уредно е платен данок.

Во врска со оваа тема и за сите прашања и дилеми што се наметнуваат, „Фокус“ стапи во контакт со Мицкоски, кој се согласи да ни одговори на неколку прашања по електронски пат, меѓу кои како ја остварил соработката со партнерите во „Енерготек“, како оваа компанија се здружила со „Минка“ ДА за концесиите, зошто одлучил да излезе од сопствеништвото на „Фонко Хидро“…? До затворањето на овој број од весникот на добивме одговори.

The post АРХИВА Како Мицкоски и партнерите добија концесии за три хидроцентрали? appeared first on Фокус.

АРХИВА Интервју со Биљал Касами: Република Северна Македонија ќе биде држава на сите етнички заедници

$
0
0

Текстот е објавен на 10.08.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1192

Лидерот на БЕСА, Биљал Касами, деновиве е во центарот на вниманието, поради тоа што ја условува поддршката на неговите двајца пратеници во парламентот, кои се неопходни за конечно усвојување на уставните амандмани, преку кои треба да се имплементира Преспанскиот договор. Меѓу другото, Касами бара промена во дефиницијата за државјанството, односно зборот „македонско“ да не важи за граѓаните што припаѓаат на албанската и другите помали етнички заедници. Со Касами разговаравме вo периодот по лидерските средби и референдумот што се оддржа во втората половина на минатата година, кога најави дека ќе предложи уставен амандманан преку кој одредницата „20 проценти“ да се преформулира во „Албанци“ и „албански јазик“, но не посочи дека ќе бара интервенции и во делот на државјанството. Сепак, тој истакна дека националноста, односно етничката припадност, треба да се разликува од државјанството.

Разговарал Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Како претставник на албанската опозиција, бевте еден од учесниците на лидерските средби во скратен формат на кои беше постигнат договор за пржински правила на игра на следните избори и за нов модел на финансирање на партиите, но не и за претстојниот референдум. Како се одвиваа преговорите и што беше пречка да се постигне договор и за референдумот?
КАСАМИ
Преговорите нормално дека не се одвиваа најдобро. Имаше моменти каде што сите се согласувавме и имаше и моменти каде што се чуствуваше дека исходот ќе биде таков како што испадна. За дел од ставовите се усогласивме сите, но за најважната тема во моментот – референдумот, не успеавме сите заеднички да постигнеме договор за исходот од овој процес да биде прифатлив од сите страни.

ФОКУС Точно ли е дека на средбата опозицијата ветила дека нема да повика на бојкот на референдумот?
КАСАМИ
Сигурно мислите на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ние како опозициона партија имаме јасен став во врска со референдумот дека мора сите заедно да работиме за да имаме успешен референдум и да може заеднички да го изградиме патот кон ЕУ и НАТО.

ФОКУС Навистина ли на маса била ставена и темата за еден вид амнестија на дел од обвинетите во предметите на Специјалното јавно обвинителство, преку интервенција во Кривичниот законик, со што делата за злоупотреба на службена положба би застареле?
КАСАМИ
Тоа што можам да ви го кажам од овој дел е дека зборот „амнестија“ не беше употребен во ниту еден момент од состаноците и најмалку од наша страна ќе беше дозволено да се преговара за било каков вид на „амнестија“ во моменти кога и така имаме многу потешкотии со правниот систем, непрофесионалната администрација и ред други работи кои се клучен услов за интегрирање на земјата во Европската Унија.

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ ДРЖАВА НА СИТЕ ЕТНИКУМИ

ФОКУС Кога актуелен беше предлогот Република Илинденска Македонија, изјавивте дека треба да остане на сила привремената референца се додека новото решение не се постигне во договор со сите релевантни страни. Дали сега го оценувате за прифатливо решението Република Северна Македонија?
КАСАМИ
Ние меѓу првите реагиравме за тогашниот предлог и времето покажа дека сме во право. Името Република Северна Македонија е прифатливо затоа што, според нас, токму ова име ќе треба да биде и почетокот на градењето на државата меѓу Македонците, Албанците и другите помали етнички заедници, со тоа што националноста, односно етничката припадност, ќе се разликува од државјанството. Со други зборови, Република Северна Македонија ќе биде држава на сите етнички заедници со тоа што Македонците имат свој обезбеден и зачуван идентитет и на ист начин треба го почитуваат идентитетот на Албанците и на другите помали етнички заедници. Во суштина, ова и ќе биде нашата понуда за да изградиме општество за сите како рамноправни граѓани, без предрасуди, и заеднички да работиме за што побрз влез во ЕУ и НАТО.

ФОКУС Дали, според вас, референдумското прашање треба да се однесува исклучиво на договорот со Грција, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, или, пак, тоа треба да го содржи членството во ЕУ и НАТО, бидејќи, како што вели СДСМ, договорот се прави токму заради деблокирање на евроатлантските интеграции?
КАСАМИ
Да не беше членството во НАТО и ЕУ, немаше да има потреба од ваков договор со Грција. Договорот е за решавање на еден долгогодишен спор кој не држи надвор од европското семејство и граѓаните треба да знаат дека овој договор е потпишан токму заради деблокирање на интегративните процеси и за крајната цел – членство во НАТО и ЕУ.

ФОКУС Како ги коментирате позициите на Алијансата за Албанците и претходно на ДУИ дека референдум воопшто не е потребен од едноставна причина што на крајот парламентот треба да донесе одлука?
КАСАМИ
Не би сакал да коментирам изјави на други политички партии зашто сигурно тие за изнесените ставови имаат и политичка одговорност. Една работа треба да биде јасна – референдумот е најдемократскиот процес за декларирање на граѓаните за тоа во кој правец ќе се движи Македонија во иднина. Ние како Албанци сме убедени дека НАТО и ЕУ се единствената опција и без друга алтернатива за Македонија, но референдумот ќе треба јасно да докаже дали истото го мислат и од македонската етничка заедница, за ова прашање да не се искористи во иднина за политички калкулации или да остави простор за оспорувања. Нормално дека пратениците ќе треба да ја почитуват волјата на народот и да постапат според нивните очекувања. Овој процес ќе треба да се заокружи со отворање на Уставот преку негови измени.

ФОКУС При евентуално отворање на Уставот, ќе поднесете ли и вие ли уставни амандмани?
КАСАМИ
Ние ќе побараме одредницата „20 проценти“ да се формулира во „Албанци“ и „албански јазик“, со тоа што ќе се допрецизира дека етничка заедница над 20 проценти по бројност се Албанците, бидејќи нема никаква логика да се оспорува нашиот идентитет и јазик. Доколку ние покажуваме разбирање и се солидаризираме со поголемата етничка зедница во зачувување на македонскиот идентитет, очекуваме исто така да има разбирање од македонската страна за нашите логични и аргументирани барања и еднаш засекогаш да се затворат прашањата што цело време ни висат како тежина, а во суштина ќе создадат атмосфера на градење доверба меѓу двете најголеми етнички заедници, на тој начин што ќе им се гарантираат еднакви права и на другите помали заедници.

СДСМ НЕ ГИ ПРИФАЌА РАЦИОНАЛНИТЕ БАРАЊА НА АЛБАНЦИТЕ

ФОКУС Колку референдумот може да се смета за успешен ако повеќе од половина од излезените гласаат „за“ договорот, но притоа излезноста е под 50 отсто, што значи дека на гласање излегле помалку од 900.000 гласачи? Верувате ли дека е можна мобилизација на електоратот во толкав обем?
КАСАМИ
Јас сум оптимист дека референдумот ќе успее. Доколку на референдум не излезат над 50 отсто граѓани, тој референдум нема никаква правна обрвска, така што ние политичарите застапени во Собранието ќе мора да сносиме одговорност. При гласање на договорот во Собранието ние увидовме дека има мнозинство што се „за“ договорот што подразбира за членство во НАТО и ЕУ, но не знаеме колку ги има „против“ или колку ги има што не се заинтересирани за ова прашање и сакаат да остават на политичарите да одлучат и да сносат политичка одговорност. Уште еднаш потенцирам дека најбитно е граѓаните да го кажат својот став за да може да се имплементира волјата на мнозинството.

ФОКУС Како би се спровеле уставните измени, имајќи предвид дека парламентарното мнозинство брои 67 пратеници, а со сите про-ЕУ и про-НАТО партии оваа бројка не може да надмине повеќе од 75 пратеници? Оттука, за уставни измени неопходна е поддршка и од најмалу 5 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, која се противи на договорот за ново име за севкупна употреба.
КАСАМИ Како што кажав и претходно, сега сме концентрирани во успехот на референдумот како процес. Не би сакал во овој момент да навлегувам во можни сценарија зашто тоа може само да му наштети на процесот на референдумот. Уште еднаш укажувам дека многу е важно граѓаните на најдемократски начин преку референдумско изјаснување да го кажат своето мислење.

ФОКУС Доколку уставните измени не може да се спроведат, дали како неминовност се наметнуваат предвремени парламентарни избори? И дали во таква ситуација можно е да настапите со заедничка листа со СДСМ и со други партии чиј главен заеднички именител ќе бидат евроатланските интеграции?
КАСАМИ И предвремените парламентарни избори се една од опциите, но цениме дека се уште е рано за заедничка листа со политички партии што се од други етнички заедници, посебно кога се уште не гледаме ни во СДСМ партија што може да ги прифати рационалните барања на Албанците за да можеме заеднички да ја изградиме оваа држава. Видовме и досега дека нивната реторика е празна и освен што искористија неколку поединци, за Албанците не направија ништо конкретно. Што се однесува до албанските политички партии, имаме многу заеднички цели, а особено патот кон НАТО и ЕУ и од оваа перспектива имаме отворени врати за соработка.

ВЛАСТА НАПРАВИ ПРИТИСОК ВРЗ СУДСТВОТО ЗА ПРОМЕНА НА ПАРТИСКИ ЛИДЕР

ФОКУС БЕСА беше најпријатно изненадување на последните парламентарни избори, но по неуспехот на локалните избори се подели на два дела, при што и двете страни реферираат кон брендот како легални и легитимни наследници. Какви се моменталните состојби во партијата?
КАСАМИ Движењето БЕСА помина еден процес кој ние го нарековме период на зрелост и мислам дека после организираниот конгрес на партијата, кој беше најдемократски и транспарентен, досега успеавме да изградиме консолидирана структура што може да ги совлада сите предизвици. Движењето БЕСА е една политичка партија и за тоа каде е легитимитетот и легалитетот се виде на лидерските средби и не би сакал да коментирам пропаднати сценарија на поединци кои по секоја цена сакаа уништување на партијата.

ФОКУС До каде е судскиот процес за логото БЕСА и што се случи со кривичните пријави што поранешните сопартијци ги поднесоа против вас за злоупотреба и фалсификат?
КАСАМИ
Моментално се наоѓаме во еден апсурден и нелогичен спор што повеќе од 6 месеци не држи по судските лавиринти, откако сигурно од страна на власта е направен притисок за незаконски да се промени претседател на политичка партија. Но, откако не можеа толку лесно да го изведат тоа, сега не знаат како да ја поправат грешката бидејќи направен е преседан кој Македонија може скапо да го плати откако ќе започне процесот на скрининг на судската власт. А, за овој случај се информирани сите релевантни меѓународни институции, така што, ако на власта и е битно само волјата на една мала група незадоволни поединци тогаш треба да мисли за последиците. Нашиот политички ангажман продолжува и посилно со многу јасна визија.

ФОКУС Може ли да откриете поконкректно кои беа причините за партискиот раскол и колку долго се таложеа проблемите, несогласувањата и разијдувањата?
КАСАМИ Јас повеќе сакам ова прашање да остане во минатото како еден горчлив спомен што не направи уште посилни во нашите политички определби. Накусо кажано, тие поединци што ја напуштија партијата не сакаа да бидат глас на структурата туку сакаа управување на партијата со далечински управувач од структури што немале врска со Движењето Беса. Јас останав верен на структурата и членството, а тие останаа верни на нивните ментори кои пак сигурно имаат други цели. Затоа, и без никаков услов станаа предавници на три пратенички мандати за да бранат интереси на одредени кругови што само и наштетија на партијата.

ФОКУС Од денешна гледна точка, дали сметате дека стратешка грешка беше тоа што не станавте дел од владата на СДСМ и ДУИ после парламентарните избори, што би било во склад со општото расположение меѓу Албанците?
КАСАМИ Ние водевме преговори во тоа време со СДСМ, тие како и тогаш и сега само калкулираа и не им беше битно квалитативно подобрување на владеењето туку побитни им беа бројките и апетитите на одредени личности. Нашата цел секогаш било дека во секаква комбинација во Владата сакавме конкретно и квалитативно да придонесеме за подобрување на животот на граѓаните, за владеење на правото и правната држава, како и за отстранување на криминалот и корупцијата која, за жал, продолжи и ден денес.

ПРЕМИЕРОТ ТАКТИЗИРАШЕ ВО ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ДА НИ НАШТЕТИ

ФОКУС По поделбата на БЕСА, водевте преговори со премиерот Зоран Заев за влез во владата, меѓутоа на крајот ги прекинавте преговорите, додека нови владини партнери станаа другиот дел од БЕСА и ДПА. Зошто и како се случи тоа?
КАСАМИ Како што напоменав и пред малку, ние првично со Зоран Заев разговаравме за тоа како го гледаме владеењето и од каква перспектива би се приклучиле во Владата. Откако увидовме дека повеќе се тактизираше за да се наштети на нашето политичко делување и откако видовме дека од состанок на состанок се менуваа ставови и договорени работи, одлучивме дека за несериозни преговори не вреди да се губи време. Затоа и ги прекинавме таквите преговори.

ФОКУС По ваквата разврска, дали сте разговарале со Алијансата за Албанците за окрупнување на албанската опозиција, која со здружени сили би настапила на следните парламентарни избори, во обид да предизвика промени и во албанскиот политички блок?
КАСАМИ Ние делуваме опозиционо и нормално дека со опозициски партии од албанскиот блок имаме комуникација и таа ќе продолжи. Се уште е рано да се разговара за можни коалицирања затоа што не чека сосема друг процес како референдумот, па нашите врати остануват отворени за идна соработка.

ФОКУС ДУИ се покажа како неприкосновена во албанскиот блок по формирањето. Сепак, партијата најголем пад доживеа на последните избори, меѓутоа се рехабилитираше откако цвртсо застана на страната за политички промени. Колку фактот што албанската опозиција е разединета и раскарана и помага на ДУИ да се одржи на власт?
КАСАМИ Јас сум убеден дека како што тече времето и промените што не очекуваат за да изградиме европска држава и европско општесто, граѓаните ќе препознат политички партии со јасна визија и креативност за бранење на интересите и правата и за унапредување кон европските вредности, а сигурни сме дека Движењето Беса може тоа да го направи најдобро од сите.

НЕ ЗГРЕШИВ ШТО МУ КАЖАВ „НЕ“ НА ДУИ ПРЕД 12 ГОДИНИ

ФОКУС Познато е дека своевремено сте биле дел од ДУИ и дека сте биле државен секретар во Министерството за економија и кандидат за пратеник од редовите на оваа партија. Зошто одлучивте да ја напуштите партијата и како се случи да станете прво дел од иницијативата за формирање на БЕСА, а подоцна и лидер на партијата?
КАСАМИ Ме прашувате за период што поминале повеќе од 12 години. Пред 12 години сум кажал „не“ на погрешните политики и, за жал, после толку години се докажа каде не донесоа таквите политики на ДУИ. Оттука, не вреди подетално да елаборирам зошто сум одлучил да не стојам на страната на тие што биле власт сите овие години туку одлучив да бидам меѓу граѓаните и незадоволните, за потоа во правиот момент да го артикулирам гласот на Албанците кои повеќе од 12 години немаше кој да ги застапува.

ВО БЕСА НЕМА ЛУЃЕ СО ХИПОТЕКИ И ДОСИЕЈА ОД СЛУЖБИ

ФОКУС Каква е улогата во БЕСА на бизнисменот Аднан Исмаили? Уште при основањето на партијата, гласно се говореше дека тој е главниот идеолог и финансиер, кој патем ги влече конците од заднина? Па, има ли вистина во тоа?
КАСАМИ
Нема никаква улога во Движењето Беса. Слободно можете да ги прашате сега веќе приклучените во СДСМ кои се дел од владата за ова прашање, зашто тие сигурно се знаат и подобро и може да ви кажат каква улога има во нивната определба и во нивните одлуки.

ФОКУС Неговите лични релации со влијателни политичари од арапскиот свет и Турција, служеа како поткрепа на тезата дека БЕСА се раѓа како происламистичка и протурска партија. Колку тоа беше издржано, со оглед дека ваквите тврдења се засилија по предизборната посета што ја остваривте во Истанбул на покана на турскиот премиер Јилдирим?

КАСАМИ Движењето БЕСА е политичка партија со европска ориентација која во својата програма како главен постулат ги содржи правата на Албанците, економскиот развој на државата и понудата за поинаков пристап во политиката. Ние ги застапуваме, пред се, Албанците и се бориме за правата на Албанците во Македонија и нормално кога некоја политичка елита како нас, што во своите редови нема луѓе со хипотеки и досиеја држени по фиоки на некакви внатрешни или надворешни служби, секој се обидува да ни наштети.

АРХИВА Бизнис медиумско-полициски шеми: Кои се тајкуните што владеат со градежништвото, медиумите и со безбедноста?

$
0
0

Текстот е објавен на 14 февруари, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 958

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

Само преку една адреса и две компании лесно може да почне да се открива мозаикот за тоа колку, всушност, малку лица се кријат зад најмоќните фирми во земјава.

Почнувајќи го нашето истражување преку две фирми, друштвото за консалтинг и посредување „НВСП ДООЕЛ“ и агенцијата за обезбедување „СГС“, лесно може да се склопи мозаикот кој се крие зад дел од македонските медиуми, кој има дозвола за тргување со оружје, кој ги санира дупките во градот, па сè до тоа кој ги купува најголемите македонски компании. Клопчето, кое почна да се одмотува само преку една адреса, ни ги открива македонските бизнис полициско-медиумски шеми во Македонија, кои се уште како добро поврзани!

АГЕНЦИЈАТА „СГС“ ДЕЛЕЛА ПРОСТОРИИ СО ФИРМА БЛИСКА ДО КАМЧЕВ!?

Да се вратиме назад на почетокот од 2012 година, кога за првпат објавивме дека на пазарот се појави нова агенција за обезбедување, „Секјурити Груп Сервисис“ („СГС“). Агенцијата беше отворена кон крајот на 2010 година, а работите течеа со забрзано темпо – агенцијата им презеде голем број клиенти на нејзините конкуренти, па оттаму почна и нашата потрага по тоа кој се крие зад оваа агенција, која почна да зазема стратешки објекти во државата.

Истражувањето на „Фокус“ покажува дека прв сопственик на агенцијата за обезбедување „СГС“ е фирмата „НВСП ДООЕЛ“. Првично, седиштето на агенцијата за обезбедување се наоѓало на улицата Иван Милутиновиќ.

Во јануари 2012 година, „СГС“ го менува седиштето и се регистрира на улицата 11 Октомври.

Во април 2012 година, пак, се менува и сопственикот – фирмата „НВСП ДООЕЛ“ се брише, а наместо тоа, како сопственик се впишува 27-годишниот полјоделски работник Дејан Ќировски. Ќировски сега е сопственик на најмоќната агенција за обезбедување, која во јавноста се поврзува со директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Работите почнаа да стануваат јасни откако Дејан Митревски – Урко се повлече од агенцијата за обезбедување „Лупус“, која потоа се ребрендираше. Сè погласни стануваа и шпекулациите дека директорот на УБК, многу често го гледаат како влегува и излегува од новата агенција за обезбедување, прашање што на собраниска седница го отвори и Јани Макрадули од СДСМ.

Ниту Урко немаше идеја пред некој месец, кога го викнаа во кабинетот кај премиерот да ги решат конфликтите меѓу „Лупус“ и „алфите“, дека Сашо Мијалков ќе формира нова агенција за обезбедување што ќе му го земе половина од бизнисот – рече Макрадули пред две години.

Како управител на оваа агенција оттогаш досега се води извесен Мирољуб Давидов, кој само еднаш одговори на нашите повици пред да го смени телефонскиот број. Тогаш Давидов изјави дека станува збор за чисти шпекулации дека шефот на тајната полиција стои зад оваа агенција.

Немојте да ширите такви глупости. Тоа се чисти шпекулации. Си има документи чија е фирмата и тоа е тоа. Како сме ги добиле објектите за обезбедување? Па, си ја тераме нашата работа. Секој треба да си ја тера и да си ја работи како знае – ни рече Давидов во февруари 2012 година.

Иако потоа имавме многу обиди да го добиеме Давидов и телефонски, и преку електронска пошта, напорите беа залудни.

Во меѓувреме, бизнисот на „СГС“ станува видлив дури и за обичните граѓани бидејќи во центарот на Скопје не можеа, а да не се забележат дечките во црно, со амблем кој потсетува на шлем од македонската фаланга и, се разбира, со логото на „СГС“. Во тоа време, обезбедувачите на „СГС“ ги чуваа Триумфалната порта и музејскиот комплекс на ВМРО и на жртвите на холокаустот.

Ако сега се погледне веб-страницата на Бирото за јавни набавки, лесно може да се видат сите тендери од државните институции што „СГС“ ги има добиено во меѓувреме. Оваа агенција ги обезбедува АД Електрани на Македонија, ЕВН Македонија, Општина Кавадарци, средните училишта во Скопје, ЈП Стрежево Битола, патарините низ цела Македонија, Националниот парк Маврово, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, градот Скопје и многу други приватни компании.

СОПСТВЕНИК НА МЕДИУМ СО ОДОБРЕНИЕ ЗА ПРОМЕТ СО ОРУЖЈЕ

Сепак, она што уште тогаш ни падна в очи е фирмата „НВСП ДООЕЛ“, првиот сопственик на агенцијата за обезбедување „СГС“.

Сопственик на „НВСП“ е Владислав Стајковиќ, човекот кој воедно е и директор на фирмата „МОБИКО ДООЕЛ“, каде што сопственик е Жарко Луковски, кој важи за близок пријател на директорот на тајната полиција.

Ако се погледне тековната состојба на „НВСП“, може да се види дека во 2009 година ова друштво за консалтинг и посредување добива и одобрение за вршење промет со оружје, муниција и делови за оружје, издадено од Министерството за внатрешни работи – Биро за јавна безбедност!

На нивната веб-страница можат да се видат безброј активности, по што останува нејасно со што, всушност, се занимава оваа фирма!

Па, така, на листата се наоѓаат консалтинг-услуги, советувања, медијација и адвокатски услуги, потоа архитектонски дизајн и конструкциски проекти за безбедни градби. Понатаму следи обезбедување резиденции и простории, преку бизнис-менаџмент, а фирмата воедно е и официјален дистрибутер за мобилните телефони на „Алкател“ за мобилните оператори „Т-мобиле Македонија“ (каде што Жарко Луковски е главен извршен директор) и ВИП, како и за нивните мастер-дилери.

Она, пак, што најмногу паѓа в очи е што од неодамна оваа фирма станува газда и на новото „Радио Слободна Македонија“, кое, патем, е сместено во истата зграда со неделникот и порталот „Република“ (спроти Владата), само на различен кат. На фреквенцијата на ова радио свои емисии имаат водителот од телевизија „Канал 5“, Миленко Неделковски, Наташа Мерсовска, новинар и уредник од телевизија „Сител“, потоа Весна Петрушевска – Бејби итн.

На телефонскиот број што е оставен на веб-страницата на „НВСП“ деновиве не ни одговараше никој, па оттаму не успеавме да добиеме одговор од кои причини компанијата не е повеќе сопственик на агенцијата за обезбедување и кои се мотивите оваа фирма да влезе и во медиумскиот простор.

ШВАЈЦАРСКО-МАКЕДОНСКИ РЕЛАЦИИ

На оваа листа се испреплетуваат огромен број фирми, но кој е човекот што се крие зад нив? Имено, она што ни падна в очи е адресата на која првично била регистрирана агенцијата за обезбедување „СГС“, Иван Милутиновиќ. На оваа адреса е регистрирана и фирмата „Ексико“, за која „Фокус“ веќе пишуваше. Сопственик на „Ексико“ е фирма, регистрирана во Лугано, Швајцарија – „T&MJ Investments SA“, која се наоѓа на адресата Корсо Елвеција 16.

Кога пред неколку дена ја проверивме оваа адреса на „Ексико“ зад трговскиот центар Буњаковец во Скопје, на поштенското сандаче пишуваше „ЕКСИКО“, што значи дека во одреден период агенцијата за обезбедување „СГС“ и „Ексико“ функционирале на иста адреса.

Која е, всушност, фирмата „Ексико“? Изградбата на хотелот „Ибис“, кој е сместен на просторот зад хотелот „Јадран“, е во полн ек. Тој се гради на површина од 577 квадратни метри, од кои 416 се предвидени за градба. „Ибис“ беше најавен како дел од францускиот хотелски синџир „Ибис“, кој во светот има 800 хотели во 40 држави.

Во Македонија, пак, сопственици на хотел „Ибис“ се токму фирмата „Ексико“ и друштвото за производство, трговија и услуги „Орка Холдинг АД Скопје“ на познатиот македонски бизнисмен Јордан Камчев.

Врската меѓу мистериозната „Ексико“ и Камчев е во тоа што во фирмата на Камчев „Евро балкан груп АД“ (позната и како „Орка спорт“) има двајца Швајцарци, неизвршни членови на одборот на директори кои, пак, извесно време во Швајцарија работеле и во „Т&МЈ Investments SA, Lugano“.

„Фокус“ веќе пишуваше дека на швајцарскиот сајт „Манихаус“ (moneyhousе.ch), кој е еден вид архива на податоци за компаниите, може да се најдат информации за луѓето што работат или работеле во оваа компанија. Токму на овој сајт стои информацијата дека извесен Фабрицио Занарди од Лугано работел за „Т&МЈ Investments“, а во истата фирма идентичен временски период се задржал и неговиот колега Емилио Бинда од Балерна, место оддалечено само 25 километри од Лугано.

Интересно е дека токму овие двајца се членови на одборот директори на скопското акционерско друштво „Евро Балкан Груп“. Понатаму, токму „Евро Балкан Груп“ е фирмата што го регистрирала сајтот на „Оркаспорт“, а врска со Камчев има и еден од директорите во оваа компанија. Станува збор за Ненад Јосифовиќ, кој во македонските медиуми порано се појавувал како управител на „Мала Богородица“, а стана и член на Надзорниот одбор на Стопанска банка, која, заедно со ЗК „Пелагонија“, падна во рацете на Камчев.

Освен ова, „Ексико“, заедно со „Орка Холдинг“ и уште две компании, го купи и „Бетон Штип“, фирма која градеше голем дел од објектите од „Скопје 2014“. Според документацијата од „Бетон Штип“ од април 2013 година, 19,50 отсто од акциите поседува фирмата „ТИМ ДОО Скопје“, 16,99 отсто „Орка Холдинг“, 15,81 отсто „Езимит ДООЕЛ Штип“, а „Ексико“ поседува 14,35 отсто од акциите во „Бетон Штип“.

Ако се погледнат јавно достапните податоци од Бирото за јавни набавки, пак, може да се види дека фирмата „Ексико“, со потекло од Швајцарија, добивала тендери од Општина Центар за „санација на дупка од стар затрупан бунар“, а од Центарот за развој на вардарски плански регион Велес добила тендер за детски програми и реквизити за практицирање физички активности, што под знак прашалник ја става дејноста на оваа фирма, особено ако се земе предвид дека таа нема ниту веб-страница.

ЕДЕН ЧОВЕК ПОВРЗУВА ДВАЈЦА ИГРАЧИ

Но, документите од Централниот регистар во Панама покажуваат една клучна работа – имено, Емилио Бинда е човекот кој индиректно ги поврзува директорот на УБК, Мијалков, и бизнисменот Камчев. Како што веќе објави ТВ Нова, фирмата „Миртланис“ од Чешка, каде што единствен сопственик беше Мијалков, во ноември годинава тој ја продал на офшор-фирма од Панама. Името на фирмата од Панама е „Тасига Корп“. Еден од директорите во „Тасига Корп“, според документите на „Нова“, е Емилио Бинда, кој пријавил адреса на живеење во Лугано, Швајцарија, уште една офшор-дестинација. Емилио Бинда, како што објавивме и погоре, во текстот бил неизвршен член на одборот директори на „Евро балкан груп АД“ (позната и како „Кара“), а извесно време работел и во „Т&МЈ Investments ЅА“, Лугано (фирмата сопственик на „Ексико“).

Фирмата „Т&MJ Investments“ се наоѓа на адресата Корсо Елвеција број 16. Токму на оваа адреса се пријавени и живеалиштата на сите директори на „Тасига Корп“, офшор-фирмата што ја купи фирмата „Миртланис“.

Можеби сето звучи презаплеткано, меѓутоа, очигледно е дека и така треба да изгледа. Што позаплеткано, толку потешко се влегува во сопственичките структури, офшор-дестинациите и во сите компании со кои наводно раководат Швајцарци, Американци или Кипранци!

Рамка

СИТЕ БАРААТ ПОМОШ ОД ЕДНА АДВОКАТСКА КАНЦЕЛАРИЈА!!!

Уште едно нешто заедничко имаат сите компании споменати во текстот. Па, така, ако се отвори веб-страницата на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, се гледа дека како клиенти се јавуваат поголемиот дел од компаниите, кои на директен или на индиректен начин се поврзани со Мијалков или со Камчев.

Само за потсетување, адвокатот Серјожа Марков е брат на Маја Маркова –  Котевска (апелациска судијка и сопруга на портпаролот на МВР, Иво Котевски), а негова мајка е Љубинка Муратовска – Маркова, која од јануари 2007 е дел од Државната комисија за спречување на корупцијата. Токму парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ ѝ овозможи на Љубинка Муратовска – Маркова и по вторпат да биде член на Антикорупциската комисија бидејќи пратениците го сменија законот според кој антикорупционерите немаа право на два мандата.

На листата клиенти на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, меѓу другите, се наоѓаат и „Т-мобиле Македонија“, агенцијата за обезбедување „СГС“, телевизија Алфа, „Прва Република“, „Ексико ДООЕЛ“, „Ем Медиа ДООЕЛ“ (издавачот на порталот „Курир“), па дури и Македонската православна црква.

 

 

 

 

 

Министерството за култура грантирало здруженија блиски до БЕСА и партиски функционери!

$
0
0

Текстот е објавен на 15.02.2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1219

Фокус“ откри невладини здруженија и физички лица, кои директно или посредно може да се поврзат со таборот на БЕСА предводен од Африм Гаши, кои добиле државни пари преку годишната програма за проекти од областа на културата спроведена од Министерството за култура, управувано токму кадар на оваа партија – Асаф Адеми.

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Распределбата на буџетски пари преку годинашната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес во културата ја скандализираше јавноста, од причина што голем дел од парите завршија кај нови и анонимни субјекти, додека истовремено беа укинати средствата за бројни традиционални фестивали и манифестации. Арно ама, оваа распределба на јавни средства станува уште поконтроверзна и сомнителна кога ќе се земат предвид информациите дека дел од парите доделени преку министерството раководено од Асаф Адеми од БЕСА ги добиле невладини организации и физички лица кои можат да се поврзат со партијата.

Според податоците што ги обезбеди и потврди „Фокус“, меѓу грантистите на конкурсите во областа на културата може да се сретнат граѓански здруженија, чии сегашни или поранешни управители биле дел од органите на БЕСА, или, пак, се јавуваат како донатори на партијата. Но, јавни пари добиле и двајца функционери на БЕСА, од кои едниот беше кандидат за градоначалник од редовите на оваа партија, исто како и актуелниот министер за култура Адеми, кој на локалните избори се натпреваруваше за градската фотелја во Гостивар. Заеднички именител за сите нив е тоа што во рамките на внатрепартискиот конфликт ја зазедоа страната која подоцна за нов лидер го избра Африм Гаши и се пресели од опозиција во власта.

КУЛТУРЕН ГРАНТИСТ И ПАРТИСКИ ДОНАТОР

Од официјалните податоци што ги објави Министерството за култура може да се констатира дека еден од добитниците на средства во категоријата за издавачка дејност и литература е културното здружение „Визиони М“, кое добило средства за три проекти во вкупна вредност од 350.000 денари. Притоа, еден од проектите се однесува за делото насловено „Не се откажувај“, за кое здружението барало 153.000 денари, но надлежната комисија во ресорното министерство му одобрила 50.000 денари. Понатаму, невладината организација побарала над еден милион денари за друг проект под наслов „Клуб на читање – Куманово“, меѓутоа и биле одобрени 100.000 денари.

Исто така, „Визиони М“, преку неговата подружница „МКШ Принт“, побарало 4.632.000 денари за издавање 12 броја на списанието „Шења“, ама и биле одобрени 200.000 денари. За потсетување, културното здружение речиси истовремено бараше и државни субвенции за „Шења“ во рамки на проектот за поддршка на печатените медиуми, меѓутоа владата го одби неговото барање поради тоа што не ги исполнило критериумите. Колку за информација, ова списание своевремено го уредуваше Гаши, кој по формирањето на БЕСА стана генерален секретар на партијата, а по внатрепартискиот раскол што настана по локалните избори во 2017 година стана лидер на една од двете фракции на поделената партија.

Според податоците од Централниот регистар, здружението е регистрирано во 2004 година со седиште во Скопје со основна дејност за издавање списанија и периодични публикации. Моментално, овластено лице е Исмаил Бериша со адреса на живеење во скопски Бутел, чие име, патем речено, се наоѓа и на листата на донатори на БЕСА во изборната кампања за предвремените парламентарни избори на крајот во 2016 година, кои беа први избори на кои учествуваше партијата и воедно постигна одличен резултат. Конкретно, името и презимето на Бериша е наведено во листата на донатори под реден број 96, каде што стои дека тој донирал 10.000 денари за изборната кампања.

Според извештајот што БЕСА го доставила до Државниот завод за ревизија и до други државни институции, меѓу донаторите за изборната кампања на партијата може да се сретне уште еден субјект со сличен назив, но не станува збор за здружение, туку за компанија. Имено, се работи за друштвото „Висион Академи“, кое донирало 500.000 денари, што е максимално дозволена донација за правни лица. Како сопственик и управител на компанијата со седиште во тетовска Мала Речица се јавува Атиџе Максути, која беше дел од Централното претседателство на БЕСА, додека нејзиниот сопруг Али Максути, исто така, беше дел од партиските органи и донаторски листи. Тоа укажува на поврзаност меѓу субјекти во кои се содржи називот „Визион“, независно дали делуваат во граѓанскиот или во бизнис секторот.

УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОРИ И ПАРТИСКИ ФУНКЦИОНЕРИ

Покрај тоа, грант од Министерството за култура раководено од кадар на БЕСА добило уште едно здружение што по дефиниција носи предзнак на невладино и граѓанско, но всушност може да се доведе во корелација со висок партиски функционер од таборот на Гаши. Во таа насока, може да се спомене „Унијата на студенти – Албанци во Македонија“, која побарала 262.500 денари за проектот „Младински вредности“ во делот за издавачка дејност и литература, но добила 90.000 денари. Потоа, во категоријата за интердисциплинарна дејност, Унијата побарала 3.272.600 денари за културно-дигиталниот проект „Антитеза“, а и биле одобрени 200.000 денари.

Официјалните податоци говорат дека како сопственици на „Унијата на студенти – Албанци во Македонија“, формирана во 2015 година, се јавуваат две невладини организации. Едната од нив е здружението за едукативно и културно образование на граѓани со назив „Клуби Елита“, формирано во 2006 година со седиште во Скопје, чие овластено лице моментално е Ќемал Кроси, но, според историјатот на промени на друштвото, до крајот на минатата 2018 година на негово место бил Скендер Реџепи, поранешен потпретседател и актуелен генерален секретар на БЕСА на Гаши. Другиот косопственик на грантистот е невладината организација „Викли Балкан“ со седиште во скопско Студеничани.

Дополнително, државни пари преку конкурсите во културата добија и други високи функционери и видни претставници на БЕСА. Еден од нив е универзитетскиот професор и член на претседателството на БЕСА Љуљзим Алиу, кој побарал 255.000 денари за делото „Методика по наставата по албански јазик во основното образование“, а на крајот добил 150.000 денари. Другиот е уште еден универзитетски професор кој беше кандидат од редовите на партијата за градоначалник на Дебар на локалните избори, Џемаил Чупи, кој доби 100.000 денари за делото „Политичка култура во Република Македонија“, или речиси двојно помалку од бараните 195.000 денари.

Па, кога ќе се соберат средствата што ги добиле здруженијата „Визиони М“ и „Унијата на студенти Албанци“, кои индиректно може да се поврзат со БЕСА, како и двајцата партиски функционери и претставници Алиу и Чупи, произлегува дека речиси 900.000 денари јавни пари завршиле кај субјекти блиски до БЕСА преку конкурси и програма реализирана од министерство раководена од кадар на БЕСА. Дополнителен сомнеж за начинот на трошење на парите фрлаат и одлуките да се издвојат големи суми без никакви критериуми, како што е грантот во областа на музејска дејност и заштита на нематеријално културно наследство за „Уметничката галерија – Тетово“ за откуп на слики од младиот и релативно анонимен сликар Хиса Адеми од 850.200 денари, колку што впрочем и биле побарани?!

РЕВИЗИЈА НА ДЕЛ ОД ПРОЦЕСОТ, НО ДАЛИ ШТЕТАТА Е ВЕЌЕ НАПРАВЕНА?

Во однос на тоа, побаравме коментар од БЕСА, од каде што на одговори нѐ упатија кон Министерството за култура на чело со министерот од нивната партија Адеми, кој веќе се обиде да се одбрани дека за распределбата на парите не одлучува лично и дискреционо. Како што рече министерот за култура, тој ставил потпис на финалните решенија што ги донеле комисиите во министерството, кои, според него, биле проверувани по десетина пати. Сепак, индикативно е тоа што јавни грантови добиле здруженија и луѓе блиски до БЕСА набргу откако министерството го презеде нивни сопартиец.

Инаку, овој случај деновиве предизвика реакција и од многу културни работници и уметнички здруженија, кои обвинија дека конкурсите се спроведуваат без никакви критериуми, по партиски и етнички клуч, или по субјективни и произволни проценки. Поради тоа, реагираше и премиерот Зоран Заев, кој најави дека дел од конкурсот ќе биде поништен. Сепак, најверојатно веќе е предоцна макар и да се санира штетата што е направена со симптоматичното трошење на народните пари во културата, што само се надоврзува на бројните случаи на непотизам, судир на интереси и трговија со влијание во структурите на власта.

АРХИВА: Сведоштво на родителите на Фросина: Вистинскиот убиец го штитат моќници во државава

$
0
0

Текстот е објавен на 03 септември 2015 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1039

Пишува: Валентина Стојанчевска

Со ништо не може да се врати изгубениот живот или да се намали болката на родителите што го изгубиле своето чедо, но со дознавањето на целата вистина, колку и да е болна, и со досудената правда, тие добиваат барем малку мир.

Ваков мир веќе пет месеци бараат најблиските на 19-годишната Фросина Цековска од Крива Паланка, чиј живот прерано згасна откако беше прегазена во Скопје. Нејзината желба да ги направи горди своите родители како одличен студент остана неисполнета.

Сега тие деноноќно се измачуваат со прашањата што точно се случи критичната вечер на 3 април годинава, дали возачот што ја усмрти нивната Фросе бил под дејство на алкохол, дали возел пребрзо, дали можел да ја врати во живот доколку застанел да ѝ помогне…

Наместо одговор на нивните прашања, засега тие наишле само на молк од институциите. Се прашуваат зошто им е потребно толку многу време за да ја завршат истрагата, кога за други сообраќајни несреќи реагирале многу побргу.

Само за споредба, кога се случи несреќата во која животот неодамна го загуби новинарката Сузана Тодоровска-Павловска, од обвинителството експресно излегоа со првични информации, известувајќи ја јавноста дека возачот бил под дејство на алкохол и дрога, а ја соопштија и брзината со која го управувал возилото. Затоа е нејасно зошто за случајот на Фросина применуваат различни критериуми, или подобро речено, кого се обидуваат да го заштитат?

ПЕТ МЕСЕЦИ ЧЕКААТ ОДГОВОР ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Со родителите на Фросина стапивме во контакт преку нејзината помала сестра. Иако раните им се свежи, а болката неподнослива, сепак решија да зборуваат за семејната трагедија. Велат дека тишината им ја пара душата, па затоа бараат што побргу да ја дознаат вистината.

– Немаме никакви информации, единствено оној записник од полицијата што е направен на самото место на денот на несреќата. Досега не сме повикани во обвинителството, но самите отидовме дента кога имаше сослушување на еден од сведоците. Тогаш обвинителката не сакаше да нѐ прими поради што испративме и два дописа до неа, да ни каже до каде е истрагата, но уште немаме одговор. Како што немаме контактирано со обвинителката, немавме контакт ниту со полицијата. Сите се плашат да ни ја кажат вистината, велат родителите на Фросина.

Единствената информација што ја имаат е од записникот што го добиле од полицијата, а, според кој, за време на несреќата возачот имал алкохол во крвта, што го потврдиле и анализите на урината. Исто така, претстава за тоа што се случило за време на несреќата имаат и од сведоштвото на другарката на Фросина, која била со неа за време на трагедијата.

Таа им кажала дека кога сакале да ја преминат улицата на пешачкиот премин кај Универзална сала, на семафорот било вклучено зелено светло за пешаци. Неколку секунди пред трагедијата со нив биле уште две девојчиња, со кои се враќале од приватни часови по физика, но тие се упатиле десно, а Фросина и другарката, која била сведок на настанот, тргнале на лево да ја преминат улицата кон населбата Карпош 4. Тогаш кон нив, со голема брзина, налетал автомобилот „хонда“. Другарката се вратила еден чекор назад, но не успеала да ја повлече за рака Фросе. Автомобилот удрил во неа и ја отфрлил дваесетина метри.

Она што го забележале очевидците, а потоа го соопшти и полицијата, е дека возачот не се обидел да запре, туку продолжил да вози и избегал. По дваесетина минути, самиот се пријавил во полициската станица во Ѓорче Петров. Според информациите од полицијата, 26-годишниот скопјанец Љубиша Видејковиќ бил збунет и во шок. Само изустил дека прегазил пешак на Партизанска.

„ВИСТИНСКИОТ ВОЗАЧ СЕ КРИЕ“

Молкот на институциите како да дотури сол на раната на семејството Цековски, но и создаде сомнеж дека некој се штити за да не одговара пред лицето на правдата. Во јавноста сѐ погласно се зборува дека зад воланот критичната вечер не седел Видејковиќ, туку друг возач. Токму затоа блиските на Фросина објавија апел на социјалните мрежи.

„Кој и да си, чиј и да си, веруваме дека, пред сѐ, постои нешто човечно во тебе. Возењето со 160 километри на час не е сообраќајна несреќа, тоа е убиство, а бегството по таков чин е кукавичност, непружањето помош е нечовечност. Ние го сакаме твоето вистинско лице. Ние сакаме да застанеме пред вистинскиот убиец на нашата ќерка, сестра, внука, другарка, девојка, колешка и сограѓанка“, се вели во апелот.

Родителите објаснуваат дека секојдневно слушаат разни имиња и информации за тоа чиј син бил возачот, па веќе и се уверени дека неговото име се крие.

– Сите го бараме тој, кој на 3 април ни го смени животот, тој што ни го зеде највредното, она најмилото, она по кое ќе тагуваме цел живот. Секој ден ги слушаме тие шпекулации и мислиме дека тоа е вистина. Вистинскиот убиец се крие од моќниците во државата кои имаат влијание врз полицијата и врз обвинителството. Во разговор со граѓаните, посебно со лица вработени во МВР, ни кажуваат дека сите го знаат вистинскиот убиец на нашето Фросе, но никој не сака или не смее јавно да проговори бидејќи се плашат да не ја изгубат работата и да си го зачуваат семејството, велат родителите, кои додаваат дека сѐ што бараат е вистинскиот виновник да биде осуден и да си ја добие казната за делото што го сторил.

Тие истакнуваат и дека е чудно тоа што и по пет месеци возачот не е повикан на сослушување, ниту, пак, беше притворен, туку како што велат, оставен е да живее слободно.

Судот, наместо притвор, одлучи на возачот да му ја одземе возачката дозвола и да му одреди мерки на претпазливост. Тогаш Канал 5, повикувајќи се на извори од истрагата, објави дека возачот не е задржан во притвор бидејќи таа мерка не била предвидена за вакво кривично дело. Исклучок имало само во ситуации ако возачот е странец или, пак, ако имало сомневање дека може да избега. И оваа констатација остана нејасна бидејќи во Кривичниот закон, во член 300, „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“,  јасно се наведува дека за ова кривично дело е предвидена затворска казна од најмалку четири години, за која, пак, постои можноста за одредување притвор.

Одговорот на прашањето кој навистина седел зад воланот и кој ја усмртил младата студентка, ќе се дознае со вештачење на биолошките траги пронајдени во возилото. Неофицијално дознаваме дека се земени брисеви и отпечатоци од воланот.

Резултатите од вештачењето треба да им стават крај на шпекулациите, кои одат дури до таму дека вистинскиот возач му понудил поголема сума пари на осомничениот за да ја преземе одговорноста наместо него. Колку ова сценарио и да изгледа неверојатно, бидејќи на овој начин лажниот осомничен би дал голема жртва, односно наместо друг би поминал неколку години в затвор, сепак молкот на обвинителството го зголемува сомнежот. Оттаму веќе една недела не сакаат да одговорат ниту на прашањата на „Фокус“: До каде е истрагата за сообраќајната несреќа? Што покажуваат првичните наводи од истрагата, со која брзина возел возачот, дали бил под дејство на алкохол и дали пешакот Цековска, пешачкиот премин го поминала на зелен или на црвен сигнал од семафорот? Дали за случајот веќе е изготвено обвинение?

Исто така, засега е нејасно дали се обезбедени снимки од камерите на булеварот Партизански одреди, кои доколку работеле во моментот на несреќата, треба да дадат одговор на сите нејасни прашања.

СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА

Од семејството истакнуваат дека не им е јасно како може некои сообраќајки да се решаваат експресно, а за оваа, која ги засега нив, да им е потребно толку време. Како пример ја наведуваат несреќата што се случи на почетокот на јули, кај трговскиот центар „Зебра“, кога беше усмртена новинарката Тодоровска- Павловска. За два месеца се заврши истрагата, почна судењето, а за во четвртокот беше најавено и изрекувањето на пресудата.

Покрај експресното затворање на овој случај, на обвинетиот му беше одредена и мерката притвор, односно веднаш по несреќата тој заврши зад решетки.

За 30 септември е закажано и судското рочиште за сообраќајката што се случи на 15 ноември минатата година, кај Католичката црква, кога беше усмртен 16-годишниот Иван Белински, додека поминувал на пешачки премин. За несреќата е обвинет 20-годишниот Џенис Мекиќ.

„Обвинетиот го управувал возилото со недозволена брзина на движење од 100 км на час, која не била приспособена кон својствата и состојбата на патот, атмосферските услови, прегледноста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, така што да може навремено да го зaпре возилото пред секоја пречка што во дадените услови може да се предвиди. Со предниот дел од возилото удрил во телото на пешак, кој, заедно со уште двајца пешаци, на обележан пешачки премин го поминувале коловозот. Како резултат на ударот и падот на пешакот на коловозот, пешакот добил тешки телесни повреди што довеле до развивање на трауматски шок, нарушување и престанок на функцијата на важни витални органи и починал“, се вели во обвинението.

Сепак, дека понекогаш до правдата се доаѓа премногу бавно, сведочи несреќата во која загина 73-годишниот Симо Серафимовски, а обвинет беше Ален Зекиров, тогашниот обезбедувач на Сашо Мијалков. Несреќата се случи во 2009 година на булеварот Партизански одреди, а првостепената пресуда беше донесена дури по пет години, во јуни 2014 година. Зекиров беше осуден на шест месеци затвор.

Големиот број од судските рочишта се одложуваа поради неприсуството на обвинетиот, но и поради изработката на дури три вештачења. Копјата се кршеа околу тоа дали Серафимовски го туркал велосипедот или го возел во моментот кога го минувал пешачкиот премин, а на крајот се докажа дека, сепак, го туркал.

ВОЗАЧОТ ПРЕКУ ПИСМО ИМ ИЗРАЗИЛ СОЧУВСТВО

Родителите на Фросина се надеваат дека казната побргу ќе го стигне вистинскиот возач што ја усмрти нивната ќерка, бидејќи, како што велат, барем толку им должат надлежните.

Тие се присетуваат и дека по еден месец од сообраќајката, на нивна адреса пристигнало писмо, кое уште повеќе ги збунило. Објаснуваат дека по ракописот се познавало дека е пишувано од повеќе лица, поради што се посомневале дека е напишано од возачот, иако на него стоел неговиот потпис.

Во писмото ни беше изразено сочувство и „возачот“ напишал дека подобро ќе било да не се нашол на тоа место во тој момент. Напишал и дека многу жали што ни го сменил животот, а со тоа и самиот си го сменил својот, велат од семејството на Фросина.

Тие додаваат дека доколку постои човечност кај вистинскиот возач, тој ќе се појави на судењето и ќе го прифати делото што го сторил.

Ние сме свесни дека ова не може да ни ја врати Фросина назад, но гневот што го чувствуваме во нас ја бара казната за него, истакнуваат ужалените родители.

Фросе, како што најчесто ја викале нејзините најблиски, беше бруцош на Електро-техничкиот факултет во Скопје. Заминала на студии од малото родно место во големиот град за да ги оствари своите соништа. Да стане инженер и гордост на своите скромни родители. За жал, нејзините соништа беа предвреме прекинати, како и на уште стотици граѓани, кои секојдневно го губат животот по македонските патишта.

Очигледно е дека засилената казнена политика за сообраќајните прекршоци, од неколку стотини евра, како и прескапите медиумски кампањи не ги направија возачите посовесни. И покрај тоа што имаше кампања за стотината црни точки низ земјава, кои постојано се посочуваат како причина за многу изгубени животи, таа не придонесе за намалување на црниот биланс. Македонија и во 21 век има тесни и неасфалтирани улици, патишта на кои со години зјаат дупки, необележани пешачки премини, автопати кои се полни со пречки, бидејќи се градат со години, и секако камери за кои се фрлија милиони, но по правило не работат кога треба да посведочат за некоја несреќа. Можеби наместо за нивното мижење, попаметно ќе беше парите да се искористеа за санирање на црните точки, со што ќе се спасеше нечиј живот.

На крајот, сепак најважен е човечкиот фактор. На секој што ќе седне зад воланот може да му се случи несреќа, но многу важно е дали возел со 50 или со 150 километри на час, дали бил под дејство на алкохол и дали ги почитувал сообраќајните сигнализации? Од одговорите на овие прашања ќе зависи дали се случила несреќа или, пак, станува збор за убиство. Покрај правилната истрага, важна е и брзината со која се спроведува истрагата. Бидејќи секоја задоцнета правда станува неправда.

Македонските патишта како гробница

Според статистичките податоци на МВР, минатата година 124 животи згаснале на патиштата низ земјава, а во 2013 година е поставен црниот рекорд, односно имало дури 198 жртви. Во 2012 година загинале 132 лица, а во 2011 година имало дури 172 настрадани. Годинава до април, животот во сообраќајки го загубиле 23 граѓани.

 

АРХИВА: Дали Русите ја трујат и претседателската кампања?

$
0
0

Текстот е објавен на 18 април 2019 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1228

Пишува: Насер СЕЛМАНИ

Кон крајот на март годинава, Варшавскиот институт за стратешки истражувања објави специјален извештај за руското влијание во земјите од Западен Балкан, во кој во детали се опишуваат руските разузнавачки операции во неколку балкански земји со цел да се дестабилизира целиот регион.

Воочливо е што на почетокот на анализата се цитира еден дел од говорот на американскиот потпретседател Мајк Пенс презентиран пред учесниците на Самитот на Јадранската повелба, во 2017 година, во Подгорица, каде што како посматрач учествуваше и Србија. Во говорот Пенс директно ја обвинил Русија дека се обидува да ги минира кревките демократии во земјите на Балканот, поттикнувајќи раздор меѓу балканските народи со цел да ги оддалечи од остатокот од Европа.

ХИБРИДНА ВОЈНА НА МОСКВА

Според извештајот, Русија во проширувањето на НАТО и на Европската унија со земјите од Западен Балкан гледа закана за нејзините интереси во регионот. Москва, преку субверзивни активности, се обидува да ги спречи балканските земји да се интегрираат во западните структури. Тоа се обидува да го постигне преку одржување на „замрзнатите конфликти“ и ескалација на тензиите преку економски политики и со помош на пропагандната машинерија.

Дополнително, таа работи и на минирање на веќе постигнатите мировни договори, постигнати со многу напори на западната дипломатија, какви што се Дејтонскиот договор и независноста на Косово.

Освен тоа, Русија е вмешана и во предизвикување хибридна војна против прозападните влади на Црна Гора, Македонија и на Косово, комбинирано со поддршката за сепаратистичките тенденции на босанските Срби и оддалечување од западните институции на Србија, која ја смета за единствен сојузник во регионот.

Руската политика претрпе пораз со членството на Црна Гора во НАТО и сѐ поизвесното членство на Македонија во Алијансата по постигнувањето на договорот за името со Грција. Сепак, во извештајот се најавува зголемување на деструктивните операции на Русија во регионот потпирајќи се на српските сојузници и на проруските опозициски сили во Црна Гора и во Македонија.

СУБВЕРЗИВНИ АКТИВНОСТИ ВО МАКЕДОНИЈА

Во извештајот се опишуваат руските субверзивни активности поодделно во секоја земја од Балканот. Во делот за Македонија се констатира дека владата на Никола Груевски од 2008 година уживала поддршка од Москва. Врските на Груевски со Москва се воспоставуваат веднаш по Самитот на НАТО во Букурешт, каде што Грција стави вето за членството на Македонија во Алијансата. Во руската амбасада во Скопје набргу доаѓаат тројца руски разузнавачи помогнати од нивните филијали во Белград и Софија. Москва е посочена дека била вмешана и во обука на поранешни македонски активни и резервни полициски и воени офицери во случај на предизвикување граѓанска војна. Кремљ ја промовирал идејата за панславјанскиот идентитет на Русите и Македонците, проширувајќи се со два руски конзулати во Охрид и Битола, кои се регистрирани како културни институции.

За водење на операциите на теренот Русите ги искористувале и српските агенти на БИА, кои требало да ги поддржат Груевски и македонските националисти. Главни актери биле разузнавачот Горан Живаљевиќ, кој правеше селфи од македонското собрание по упадот на демонстрантите на 27 април 2017 година, но и одредени активни политичари од српската заедница во Скопје.

За да ја спречат Македонија да влезе во НАТО, Русите го искористиле и грчкиот бизнисмен со руско потекло, Иван Савидис, кој финансирал активисти во Скопје за да предизвикаат насилство пред одржувањето на референдумот за името. Наводно, нивната идеја била да се торпедира договорот од Преспа, за што Русите се обиделе да инструментализираат и одредени кругови на Грчката православна црква.

Интересно е што пишувачите на извештајот сметаат дека Москва ќе продолжи и во иднина да работи на дестабилизација на Северна Македонија, преку опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие очекуваат Русите да ја инструментализираат и навивачката група на ракометниот клуб Вардар, кој е во сопственост на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Освен тоа, во своите деструктивни намери, Москва можела да смета и на Македонската православна црква.

Според извештајот, македонската криза покажала колку Кремљ ги користел етничките и верските предрасуди за да ги заплашува словенските народи со концептот на Голема Албанија. Се цитира соопштението на руското Министерство за надворешни работи од 2017 година, во кое Москва ги обвинува западните сили дека стојат зад Тиранската платформа.

ЗОШТО МИЦКОСКИ СЕ ОТКАЖА ОД АЛБАНСКИТЕ ГЛАСОВИ?

Овие наводи во извештајот ги спомнувам за да направам корелација со одредени тези што се промовираат за време на изборната кампања од опозициските партии во земјата. ВМРО-ДПМНЕ, свесно или не, не успева да се извлече од руското сценарио на Балканот. Запад ќе смета дека новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ не успеало да се реформира, сѐ додека продолжува со оспорувањето на договорот со Грција за името. Во големиот мозаик на Брисел и Вашингтон, овие напори за негирање на договорот од Преспа ќе бидат третирани како дел од руската стратегија за поништување на постигнатите договори, со кои се затвораат старите историски спорови меѓу балканските народи и се отвора патот на нивна побрза интеграција во НАТО и ЕУ.

Не е во интерес на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој себеси се гледа како иден премиер на Северна Македонија, од Брисел и Вашингтон да биде перцепиран како руски играч. Тоа сигурно ќе го отежни патот на неговата партија да дојде на власт, а се доведуваат во прашање и евроатлантските аспирации на земјата.

Освен патриотската реторика на ВМРО-ДПМНЕ против договорот од Преспа во изборната кампања, оваа партија покажува одредена нетрпеливост кон гласачите Албанци. На почетокот на кампањата Мицкоски намерно испушти да ги спомне Албанците во повикот, со кој бараше гласови од граѓаните за нивниот претседателски кандидат, Гордана Силјановска. Тоа од западните дипломати во Скопје ќе се третира како дел од руската пропаганда за искористување етнички предрасуди за дестабилизација на земјата. Овој став на Мицкоски како опозиција во однос на гласачите Албанци е губитнички затоа што тој ги намалува шансите претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ да ги добие изборите. Ако тој покажува одреден анимозитет кон Албанците, тоа не значи дека ќе добие повеќе македонски гласови, со кои ќе ја надомести разликата што ја прават албанските гласачи. Тој нетактичен гест на лидерот на опозицијата ќе ги мобилизира гласачите Албанци во поголем број да гласаат за претседателскиот кандидат од власта, Стево Пендаровски, кој ќе добие повеќе гласови поради глупавите грешки на противникот.

ЗА КОГО ОДРАБОТУВААТ СЕЛА И КАСАМИ?

Но, свесно или несвесно, во руската чорба се вмешани и одредени опозициски партии на Албанците. Самата идеја за албански кандидат на претседателските избори не е спорна, напротив. Тоа е легитимна борба на Зијадин Села и Биљал Касами, кои преку овие избори сакаат да го мобилизираат своето гласачко тело за евентуални предвремени или редовни општи избори. Меѓутоа, да одиш на избори со слоганот „Немојте да гласате за Македонци, гласајте само за Албанци“, значи со двете нозе да паднеш во руската замка, да јаваш на етнички предрасуди и да ги продлабочиш нив за многу евтини политички поени, кои не и помагаат на земјата побрзо демократски да се консолидира и да се интегрира во евроатлантските интеграции.

Повикот на Села и Касами кон Албанците, да гласаат само за албански кандидат, ќе го изолира и маргинализира нивниот претседателски кандидат, Блерим Река, само во рамките на албанската етничка заедница. Со такви повици, Река може да добие само албански гласови, кои дури и да гласаат за него во мнозинство, нема да бидат доволни тој да оди во вториот круг на изборите, а уште помалку да биде избран за претседател. Река за претседател може да биде избран само ако за него гласаат и Албанци, и Македонци, и Турци, и Роми, и Бошњаци и други. И би го гласале, не само затоа што е Албанец, туку затоа што има знаење и вештини да ја извршува највисоката државна функција во интерес на сите граѓани.

Ако е јасно како бел ден дека Река со ваква губитничка позиција не се квалификува во вториот изборен круг, тогаш, која е целта на опозициските партии на Албанците да учествуваат на овие избори со ваква чудна стратегија?! Првата варијанта е дека одработуваат за опозицискиот кандидат, Гордана Силјановска. Почесно е да излезат јавно да ја поддржат Силјановска, отколку со една прилично примитивна кампања да ги изиграат обичните Албанци, кои подучени од искуството на ДПА на Мендух Тачи и на ДУИ на Али Ахмети, тешко дека ќе паднат на новата манипулација. Втората варијанта е дека одработуваат за власта, која има проблем да обезбеди цензус за вториот круг на изборите. Веројатно добиените гласови за Река нема да бидат објект на политички пазар само за изборот на Стево Пендаровски во вториот круг, туку веројатно ќе служат и да отворат мал капиџик за повторно нивно враќање во владата на Заев. Сепак, времето ќе ги извади на виделина вистинските намери на албанската опозиција на овие избори.

 

АРХИВА: Како автопатот Миладиновци – Штип поскапе двојно

$
0
0

Текстот е објавен на 17 март 2017 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1119

Иако требаше да биде пуштен во употреба во мај годинава, изградбата на автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип длабоко ќе го пробие зацртаниот рок, бидејќи, според податоците што ги обезбеди „Фокус“, досега се комплетирани само 60 отсто од оваа автопатска делница. За реализација на овој проект, Јавното претпријатие за државни патишта досега повлекло 120 милиони евра од кинескиот кредит од 206 милиони евра предвиден за оваа делница, меѓутоа постојат многу дополнителни и странични трошоци што паѓаат на товар на македонскиот буџет, кои само досега изнесуваат над 20 милиони евра. Без овие трошоци, автопатската траса чини 4,3 милиони евра по километар, што е поскапо од многу автопати што се градат во Европа и во регионот

Пишува
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една од најголемите критики на десетгодишното владеење на Никола Груевски се базираше на тезата дека неговите влади потрошија милионски буџетски средства за непродуктивни цели, како на пример, за изградба на административни објекти и спомен-обележја, но истовремено не издвојуваа доволно средства за капитални проекти, пред сѐ, за патна инфраструктура, кои создаваат дополнителна вредност во економијата.

Затоа, поранешниот премиер постојано зборуваше за вкупната километража изградени и реконструирани патишта, со акцент на локалните и регионалните, ама без притоа да расчлени колку од асфалтот бил потрошен за автопатишта. Причината за ваквата реторика беше едноставна – во негово време беа изградени само 7 километри автопат од Куманово до Табановце за 16,5 милиони евра и во еден дел беше довршена обиколницата околу Скопје.

Европската федерација за патишта во патната статистика од 2016 година, која се потпира на податоци од Евростат, наведува дека во 28 земји во Европа, заклучно со 2012 година, имало вкупно 4.834.433 километри патишта, од кои 73.245 километри биле автопатишта, додека останатите биле од друг тип. Притоа, најголема километража на патишта, а со тоа автоматски и на автопати, имаат Франција, Шпанија, Британија, Италија, Германија, Унгарија, Полска… Во истиот период, во Македонија во истиот период имало вкупно 14.297 километри патишта, од кои автопат само 259 км.

Според овој параметар, дотогаш земјава послабо стоела од буквално сите европски држави, со исклучок на Исланд со 11 километри, Луксембург со 152 км и Естонија со 124 км автопатишта. Колку за споредба, во регионот, Бугарија имала 541 километар автопат, Србија 603 км, Хрватска 1.354 км, Грција 1.659 км автопат… Словенија, пак, која е со слична големина и број на жители како и Македонија, имала 769 километри автопат.

Слично на ова, земјава е меѓу најслабо рангираните држави според потрошените средства во патна инфраструктура, така што во периодот од 2009 до 2013 година, за оваа намена инвестирала 113 милиони евра. Тоа ја прави Македонија подобра само од Црна Гора, која инвестирала 94 милиони евра. Од друга страна, пак, Бугарија во истиот период инвестирала 1.473 милиони евра, Хрватска 2.793, Србија 1.352, Словенија 945 милиони евра. Албанија и Косово, пак, само за автопатот наречен „Патот на нацијата“ од Тирана до Морина од 138 км издвоија половина милијарда евра, додека на крајот оваа делница ги чинеше 4 пати повеќе.

За да ја надмине ваквата слабост, владата прво се обиде да оствари проект за изградба на 550 километри автопатишта, по пат на јавно-приватно-партнерство. За таа цел, Министерството за транспорт и врски, тогаш предводено од Миле Јанакиески, во 2008 година распиша јавен повик на кој речиси 50 компании покажаа прелиминарен интерес. Но, по неколкукратно одложување на постапката и исфрлување на повеќе автопатски делници од првично предвидените 7, во 2010 година ниту една од неколкуте квалификувани компании, односно конзорциуми од компании, не достави понуда за учество во постапката за доделување концесија во период од 35 години.

Откако оваа идеја се покажа како залудно потрошено време, бидејќи потенцијалните инвеститори пресметаа оти преку патарина нема да успеат да ја вратат инвестицијата од една милијарда евра, владата во 2012 година најави дека ќе гради две од повеќето автопатски делници, меѓутоа не по пат на јавно-приватно партнерство, туку со позајмени пари од странство. За разлика од многу патишта од сличен тип што во минатото ги финансираше со кредити од западни кредитори, пред сѐ од Светска банка, која начелно финансира одржливи и исплатливи проекти, владата за овие две делници се задолжи во Кина.

Всушност, со позајмените половина милијарда евра од Пекинг, кој им стави на располагање фонд од 3 милијарди евра на земјите од Југоисточна Европа за финансирање на инфраструктурата, земјава моментално финансира две автопатски делници. Првата е Кичево – Охрид во вредност од 374 милиони евра, која, за волја на вистината, повеќе тежи од сите средства потрошени за изградба на автопатишта во плурална Македонија.

Во оваа сторија ќе се фокусираме на втората автопатска делница – Миладиновци – Свети Николе – Штип, во должина од 47 километри, која се финансира со 206 милиони евра од кинескиот кредит. Индикативно е тоа што во физибилити студијата, изработена од француската консултантска компанија „Луи Берже“ во 2009 година за потребите на македонската влада, оваа делница беше предвидена во должина од 50 километри и беше проценета на 104,6 милиони евра, или за двојно помалку пари отколку што се гради сега.

Тогаш, од владата се правдаа дека кога била изработена оваа студија не биле земени предвид клучките со сегашните цени во износ од 23,5 милиони евра, мостовите од 8 милиони  евра, девијациите од 3 милиони евра, цевастите пропусти и заштитата од 1,7 милиони евра. Сепак, крунскиот владин аргумент зошто двојно поскапела изградбата беше тоа што цените на нафтата, металите, енергијата енормно скокнале на светските берзи во периодот од 2009 до 2013 година.

И покрај тоа што ги поддржа законите во Собранието за изградба и финансирање на овие проекти, во знак на начелна поддршка за инвестирање во капитални инфраструктурни проекти, опозицијата уште во 2013 година жестоко ја напаѓаше владата дека цената на овој автопат е превисока. Ваквите обвинувања во насока на корупција ги зацементира лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој во 2015 година, објавувајќи прислушувани разговори меѓу највисоки државни претставници, обвини дека власта зела провизија од 5 отсто, или со други зборови, 25 милиони евра за целиот проект!

Во секој случај, Државниот ревизор утврди дека реализацијата на овој проект се одвива со забавено темпо, со опасност да биде пробиен првично утврдениот рок, додека паралелно се генерираат дополнителни непланирани трошоци. Ваквите наводи успеа да ги потврди „Фокус“, кој обезбеди податоци дека досега се изградени само 60 отсто од оваа автопатска делница и пресмета над 20 милиони евра странични трошоци поврзани со трасата, настрана што не влегуваат во основната финансиска конструкција. Опозицијата, пак, проценува дека на крајот дополнителните трошоци за непредвидени градежни работи ќе бидат огромни!

ПРОЕКТАНТОТ НЕ ГИ ИСПОЛНУВА ТЕНДЕРСКИТЕ КРИТЕРИУМИ

Автопатската делница се гради според проектот што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) го нарача во 2009 година од кумановската проектантска компанија „Простор“. Според податоците од Бирото за јавни набавки, претпријатието истата година склучило договор со кумановската компанија за изработка на основен и изведбен проект за автопатско решение на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, во вредност од 4,26 милиони евра, како единствен понудувач на тендерот.

Иако договорот бил со времетраење од 12 месеци, односно до крајот на 2010 година, претпријатието кон средината на 2011 година склучило уште еден договор со кумановската компанија за дополнителни работи за проектирање на делницата, и тоа во постапка со преговарање без претходно објавување на јавен оглас, во износ од околу 852.000 евра. Оттука, вкупната вредност на договорот за нарачка на проект за трасата оди над 5 милиони евра.

Во огласот за доделување на овој договор за јавна набавка, објавен истата 2009 година од тогашната Агенција за патишта, пред да се трансформира во јавно претпријатие, се бара економскиот оператор да има минимален годишен приход од 5 милиони евра годишно, како вкупен збир од признати потврди за плаќање за тековни или реализирани договори за изминатите 3 години (2006, 2007 и 2008 година), како и во своите редови да има минимум 100 вработени.

Арно ама, финансиските извештаи на „Простор“ што ги обезбедивме од  Централниот регистар, покажуваат дека во овие 3 години компанијата остварила приходи во просечен износ од нешто над половина милион евра, што е далеку помалку од бараните 5 милиони евра. Згора на тоа, во 2009 година, кога е склучен договорот, компанијата имала само 20 вработени, или 5 пати помалку од потребното.

Истовремено, во општите услови за квалификација се барало економскиот оператор да има и минимум 3 години професионално искуство од областа на проектирање објекти во градежништвото, минимум еден изработен, ревидиран и примен проект за изградба на автопатишта со слична природа и комплексност во изминатите 3 години, изработени проекти за автопатишта во вкупна должина од 50 километри во последните 3 години итн.

Од проектите што компанијата ги навела на својата официјална интернет-страница произлегува дека компанијата ги задоволува овие услови само со еден проект, бидејќи во 2007 година го изработила проектот за автопатот Крива Паланка – Романовце, токму во должина од 50 километри. Сепак, фирмата не ги исполнувала потребните критериуми за финансиската состојба, човечките ресурси, но и работата на мостови и сл.

Од компанијата ги игнорираа нашите прашања, но од ЈП за државни патишта велат дека покрај „Простор ДОО“, проектант на трасата е и Институтот за градежништво на Хрватска (ИГХ). Тоа значи дека кумановската компанија била носител на конзорциум, но токму богатото портфолио на другиот партнер и овозможило да биде квалификувана да го склучи договорот како носител на групата, со оглед дека хрватскиот партнер е една од најголемите проектантски, консултантски и научни фирми во Југоисточна Европа.

Кумановската компанија, која е основана далечната 1990 година, моментално има повеќе сопственици, меѓу кои и Данчо Јовановски, кој моментално е управител на друштвото. Меѓу сопствениците се сретнува и Чедомир Теодосијевски, кој своевремено како управител на фирмата бил прилично интересен за македонските медиуми, во чии архиви може да се најдат написи дека тој пред десетина години откупил дел од акциите во кумановското друштво „Интерпромет“ во вредност од над 2 милиони евра.

Хрватскиот партнер ИГХ, пак, на својата официјална страница навел дека не постои ниту еден пат, објект, мост или тунел во Хрватска, за кој не го изготвил проектот, или, пак, не го вршел надзорот. Како што е познато, многу владини функционери во Хрватска завршија во затвор поради криминал при изградба на патиштата, меѓу кои и ексдиректорот на „Хрватски автопатишта“, поради извлекување 5 милиони евра од претпријатието на странска сметка.

Хрватските медиуми пишуваа како се трошеле милиони евра за изградба на автопати без никакво покритие, и тоа за археолошки истражувања, за бојадисување тунели, за изградба на скапи објекти, како на пример тоалет од 3,5 милиони куни (500.000 евра) и други баналности. Патем, сите работи ги добивале фаворизирани и привилегирани компании, така што беше утврдено дека еден од изведувачите му платил 100.000 евра на возачот на хрватскиот министер Божидар Калмета.

По соочувањето со финансиски проблеми, оваа компанија во 2014 година ја презеде рускиот олигарх Сергеј Гијаделкин, чија приказна да се пресели и работи во Загреб во многу елементи со поклопува со онаа на Сергеј Самсоненко во Македонија. Гијаделкин се заинтересирал за купување на компанијата во 2011 година, кога дознал за проектот за изградба на луксузен станбено-деловен простор во Дубровник од 48.000 квадратни метри, кој го покренал токму ИГХ. Преземајќи ја компанијата, рускиот олигарх автоматски го презел целиот проект.

Покрај Хрватска, ИГХ на својата интернет-страница навела дека работи во Босна, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија, Казахстан, Русија, Украина. Но, на ниту едно место не го споменува искуството во Македонија.

ПОВОЛЕН КРЕДИТ ОД БАНКАТА, ГОЛЕМ ПРОФИТ ЗА ИЗВЕДУВАЧОТ

Со цел реализација на проектот за изградба на трасата Миладиновци – Штип, македонското ЈП за државни патишта, во улога на инвеститор, и кинеската Ексим банка, во својство на заемодавач, во 2013 година склучија договор за заем на износ од 206 милиони евра за финансирање на автопатската делница, при што евентуалните трошоци над оваа сума во износ од максимум 10 отсто, или околу 20 милиони евра, би паднале на товар на македонскиот буџет.

Кредитот е со фиксна каматна стапка од 2 отсто на годишно ниво и грејс-период од 5 години, што на прв поглед изгледа како поволен кредит. Но, кога ќе се погледне малку подлабоко, испаѓа дека кредитот и не е толку поволен, особено имајќи предвид дека кредиторот поставува посебни услови за македонската страна при трошењето на овие пари, надвор од правилата што ги пропишува Законот за јавни набавки, претежно во делот на транспарентноста и конкуренцијата.

Прво, кредитот е условен со обврска за заемопримачот да не го избере изведувачот на проектот по пат на јавен повик, во отворена постапка, туку со директна покана на одбрани компании од земјата на кредиторот, т.е. од Кина, со кои владата практично склучува договор по пат на непосредно преговарање, што драстично ја намалува транспарентноста на процесот и ја лимитира конкуренцијата. На тој начин, не се обезбедува најниска можна цена.

– Лошо е задолжување со милионски суми во нетранспарентна постапка, бидејќи не се избира изведувачот во јавна и отворена постапка, а воедно не се проектира пазарна цена, која ќе излезе од конкурентен натпревар. На власта побитно ѝ е да наброи проекти како бројка, без да мисли за оправданоста и исплатливоста на јавните пари. Ваков проект не се прави без сериозна кост-бенефит анализа – вели универзитетскиот професор и член на МАНУ, Изет Зеќири, кој е поранешен пратеник во републичкото собрание.

Понатаму, изведувачот добива низа буџетски олеснувања, меѓу кои ослободување од ДДВ за прометот извршен кон инвеститорот, ослободување од акцизи при набавка на патнички возила и минерални масла за цели од проектот, како и ослободување од увозни давачки, ДДВ и акциза при увоз на добра и стоки наменети за автопатските делници… Конечно, договорот содржи одредба со која се претпочита стоките, услугите и технологиите што ќе се набавуваат со средства од кредитот да се набавуваат од Кина.

– Условите на кредитот не се воопшто поповолни од тие што ги даваат други институции. Каматната стапка на овој кредит е 2 отсто, што е слично со каматата што ја дава Светска банка, која за кредити со рок на отплата од 15 години дава фиксна стапка од 6-месечен либор + 1,3 отсто, што е отприлика 2 отсто. Дури, каматата за делницата Миладиновци-Штип е и нешто повисока од овие номинални 2 отсто, поради тоа што државата го ослободи главниот изведувач од плаќање ДДВ и ги презеде трошоците за експропријацијата на земјиштето на свој товар – вели Бранимир Јовановиќ од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.

А, токму врз основа на Договорот за заем меѓу домашниот инвеститор и странскиот кредитор, ЈП за државни патишта склучи комерцијален договор со кинеската државна градежна компанија „Синохидро Корпорејшн Лимитед“, која била избрана за главен изведувач во конкуренција на уште една, исто така, државна кинеска компанија – „Чајна Интернешнел Вотер ене Електрик Корпорејшн“, бидејќи доставила подобра техничка и финансиска понуда.

Во однос на бекграундот на кинескиот изведувач, доволно говори фактот што оваа компанија се наоѓа на „црната листа“ на Светска банка, која препорачува да се избегнува соработката со „Синохидро“, особено на проекти финансирани од банката. Имено, во јуни минатата 2016 година, Светска банка објави опомена во времетраење од една година, што значи дека се уште е на сила, откако бордот за санкции во рамки на институцијата објави дека оваа компанија била вклучена во „измамнички практики“.

Сепак, тоа не беше пречка оваа компанија да работи на македонскиот пазар, откако во 2013 година основа подружница во Скопје за изградба на автопатишта. Според финансискиот извештај на компанијата, подружницата на „Синохидро“ во Скопје, за изградба на автопатските траси, во 2014 година остварила вкупни приходи од 18,3 милиони евра, но оваа година ја завршила со загуба од 3,7 милиони евра. Но, веќе следната 2015 година, кога се интензивира изградбата на автопатите, компанијата ја завршува со добивка од над 6 милиони евра, остварувајќи приходи од околу 79.506.500 и расходи од околу 73.173.000 евра.

Колку овој профит на некој начин претставува неостварен приход за Македонија, од кој државата се откажала во корист на странската компанија, говори случајот во Црна Гора. Инаку, црногорската даночна управа утврдила дека буџетската каса во 2015 година била покуса за над 42 милиони евра само по основ на ослободување на кинескиот изведувач од ДДВ за изградба автопатската делница од Смоковац до Матешево во износ над 809 милиони евра!

ДОМАШНИТЕ ПОДИЗВЕДУВАЧИ МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ ВЛАДИНИ „ТЕНДЕРЏИИ“

Тоа што е колку-толку позитивно за македонската страна, аранжманот за изградба на делницата Миладиновци – Штип налага кинескиот изведувач да ангажира подизведувачи и да набавува градежни материјали од Македонија во вредност од најмалку 49 отсто од вкупната цена на договорите, додека вкупниот број македонски работници да биде најмалку 51 отсто од вкупниот број работници во секој момент. За подизведувачи на оваа автопатска делница од Македонија „Синохидро“ ги избра македонските градежни компании со долгогодишна традиција – „Гранит“ и „Бетон“, така што сите три фирми градат по една секција од трасата.

Според известувањата што ги испратиле до Македонската берза како котирани акционерски друштва, „Гранит“ и „Бетон“ склучиле договори со „Синохидро“ во износ од околу 32,5 милиони евра, односно 91,5 милиони евра, или вкупно 124 милиони евра, што значи дека добиле повеќе од половина од позајмените средства од Кина за изградба на делницата. И покрај тоа што набавиле дополнителна механизација и ангажирале нова работна сила поради овој проект, според нашите сознанија, тие ангажирале и други компании како подизведувачи, како и механизација и работници од други компании.

– Носители на ваквите големи проекти, во чии рамки се ангажираат и до 500 луѓе, треба да бидат домашни фирми, односно да се ангажираат домашни ресурси и капацитети. Подобро е при договарањето на аранжманот за финансирање да се обезбеди оваа компонента, макар и каматната стапка на позајмените средства да биде поголема. Вака, тие вршат најголем дел од работата, а профитот главно оди кај странскиот изведувач – вели бизнисменот Никола Велковски, кој е поранешен претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора.

Заеднички именител на двајцата официјални подизведувачи, е тоа што се вбројуваат меѓу компаниите што склучиле најмногу, но и највисоки договори за јавни набавки со државни институции и органи во земјава во последниот период. Анализата што ја направил Центарот за граѓански комуникации за топ 100-те тендери во периодот од 2010 до 2016 година покажува дека „Гранит“ и „Бетон“ склучиле договори за јавни набавки со државни институции и органи од вкупна вредност од 214 милиони евра.

Овде мора да се нагласи дека оваа сума е само од најголемите 100 тендери, која не ги вклучува серијата други договори, со кои сумата на јавни средства што ги инкасирале по основ на извршени јавни услуги и работи е драстично повисока. Па, доколку се соберат сите договори во периодот од 2013 година досега, АД „Гранит“ склучил договори со државни институции и органи во вкупна вредност од 64,7 милиони евра, додека АД „Бетон“ склучил договори за јавна набавка во вкупна вредност од 43,7 милиони евра, или двете компании добиле тендери од околу 108 милиони евра.

Во истиот период, тие остваруваат исклучително високи приходи. Нивните финансиски резултати, објавени од Македонската берза, покажуваат дека „Гранит“ во трите години од 2013 до 2015 година остварил просечни приходи од околу 84,5 милиони евра, додека просечната добивка по оданочување во овие 3 години изнесувала над 5 милиони евра. Што се однесува до „Бетон“, во наведениот 3-годишен период остварил просечни приходи од 42,5 милиони евра и просечен приход од над еден милион евра.

Истражувањето на „Призма“, покажа дека овие две компании се најголеми градители на проектот „Скопје 2014“. Така, од изградбата на објекти од овој проект во периодот од 2009 до 2015 година, „Бетон“ инкасирал над 190 милиони евра, додека „Гранит“ заработил над 120 милиони евра. Ако сите приходи во овие 5 години кај „Бетон“ всушност претставуваат јавни приходи од државата, кај „Гранит“ јавните средства зафаќаат една третина во структурата на приходи.

И двете компании, кои се управувани од поранешни високи јавни функционери во влади на СДСМ или членови на нивните најтесни семејства – Страшо Милковски (пратеник) и Минчо Јорданов (вицепремиер), ама станаа едни од најголемите „тендерџии“ во владите и на ВМРО-ДПМНЕ, не одговорија на нашите прашања поврзани со изградбата на автопатската делница.

МЕНУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ПРИ ИЗБОР НА НАДЗОР

Кругот на компании што се вклучени во изградбата на автопатската траса Миладиновци – Штип се заокружува со надзорот на градбата на делницата, кој, според Законот за градење, има можеби најбитна улога во изградбата на патот, ако се знае дека контролира дали градењето се одвива согласно основниот проект и одобрението за градба. Според Бирото за јавни набавки, за надзор на оваа делница е избрана компанијата „Геинг Кребс Унд Кифер Интернешнел“, која во 2013 година склучила договор со ЈП за државни патишта од 8 милиони евра.

Од ЈПДП информираат дека и оваа компанија не настапила самостојно, туку имала здружен настап со „Диви Македонија“ и со Градежниот институт – Скопје. Двете компании што го добиле договорот за надзор заедно со Градежниот институт имаат странски, односно германски удел, бидејќи се основани од матичните куќи во Германија. Сепак, во компаниите се инволвирани и домашни фактори, така што еден од сопствениците на компанијата што е носител на групата – „Геинг“, е професорот на Градежниот факултет Љупчо Димитриевски. Исто така, Градежниот факултет бил избран и за ревидент на проектот, изработен од „Простор“ и „ИГХ“, а мониториран од компанија чиј сопственик е професор од истиот факултет. Од таа гледна точка, воопшто не треба да чуди тоа што професорите од овој факултет одбиваат да комуницираат со новинарите за овој проект.

Во огласот за избор на надзор има релативно строги и ригорозни услови за финансиско и професионално работење на економскиот оператор, кој „Геинг“, како носител на групата понудувачи, самостојно ги исполнува. Меѓутоа, по првичното објавување на огласот до склучувањето договор, тендерската документација претрпела неколку навидум минимални корекции, кои на крајот може да направат суштински разлики, а главно ги тангираат помалите партнери во групацијата.

Тука најважна е онаа измена според која се менуваат условите во делот на вработените во ситуација ако понуда стаса од група од тројца понудувачи. Доколку првично се барало лидерот на конзорциумот да има 16 вработени – дипломирани инженери, додека останатите двајца членови по 7, измените не ја начнале обврската на лидерот, но пропишуваат другите членови во групацијата на понудувачи да имаат по 5 дипломирани инженери, или за по двајца помалку.

Случајно или не, тендерот го добил конзорциум од токму три компании, во конкуренција на уште две понуди, откако договорниот орган претходно дополнително омекнал и други критериуми за економските оператори. Односно, ако првично се барало економските оператори да имаат „искуство во вршење надзор при изградба или реконструкција на автопатишта, експресни или магистрални патишта, пруги или аеродроми“, со измената на огласот, кон искуството при изградба и реконструкција, се додава и искуство при „рехабилитација“ на инфраструктурни проекти, додека кон автопатиштата, експресните или магистралните патишта, се додаваат и „регионалните патишта“.

Исто толку симптоматично е тоа што е во известувањето за склучен договор меѓу ЈП за државни патишта и „Геинг“ за надзор на Миладиновци – Штип стои дека договорот е со времетраење од 75 месеци, така што, со оглед дека е склучен на почетокот од 2014 година, договорот трае до 2020 година. Тоа е за цели три години повеќе во споредба со рокот што инвеститорот и изведувачот го поставија за изградба на оваа делница  – мај тековната 2017 година.

Дека станува збор за нереален рок, кој бил поставен од маркетиншки причини, покажува и тоа што во Службениот гласник на Општина Свети Николе, низ која минува автопатската траса, може да се види дека на почетокот од 2014 година општинскиот совет го овластил градоначалникот Зоран Тасев да склучи договор со „Синохидро“ за закуп на градежно земјиште од вкупна површина од над 17.500 квадратни метри, во времетраење од 5 години, што значи дека истекува во 2019 година.

СЛАБА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ЗЕМЈАНИТЕ И БЕТОНСКИТЕ РАБОТИ

Ниту општината, ниту надзорот одговори на нашите прашања за оваа тема. Сепак, надзорот споделил серија забелешки во однос на изградбата на овој автопат со Државниот завод за ревизија. Поточно, ДЗР се повикува на негови наводи во извештајот за работата на ЈПДП за 2015 година, според кои доцни реализацијата на проектот и се создаваат дополнителни трошоци, без притоа соодветно да се евидентираат.

Највисоки владини претставници, меѓу кои поранешниот премиер и министер за транспорт и врски, Груевски и Јанакиески, но и нивните наследници, Емил Димитриев и Владо Мисајловски, неколкупати извршија увид во изградбата на оваа делница, при што се до средината на минатата 2016 година уверуваа дека пробивањето и изградбата на трасата тече согласно планираната динамика и ќе биде завршена навреме. Наспроти тоа, во ревизорскиот извештај се наведува дека се доцни во делот на извршени градежни работи и во делот на финансиска реализација во однос на планираното и договореното, така што заклучно со 2015 година била завршена само една четвртина од вредноста на договорот.

По извршената споредба на планот за повлекување на средства доставен до кинеската банка, како и реалното повлекување на средства врз база на времени ситуации, постои значително отстапување кое укажува дека изградбата на патот не се одвива согласно планот. Тоа претставува ризик дека делницата ќе биде навреме завршена“, истакнуваат ревизорите.

И кинескиот изведувач првично амбициозно и самоуверено најавуваше дека изградбата на патот ќе ја заврши согласно зацртаниот рок, меѓутоа кога стана сосема јасно дека тоа нема да се случи, од таму почнаа да се правдаат дека им се јавиле проблеми во неколку сегменти, односно дека им попречиле лошите зимски временски услови, нерешените имотно-правни работи и проблемите со телекомуникациските и електричните инсталации. Арно ама, според ревизорите, тоа е најмал проблем за доцнењето на градбата.

Доцнењето кај Миладиновци-Штип, пред сѐ, е последица на мала и недоволна активност и реализација на земјаните и бетонските работи, посебно на секцијата Свети Николе – Штип, како и на мала реализација на количини во досегашните времени ситуации, а помал дел како последица на лошите временски услови од август 2014 до март 2015, на нерешените проблеми за дислокација на мрежите на ЕВН и Телеком, на одредени проблеми со експропријација на земјиштето, на стабилноста на косините и количините за хумус и подготвување на подтлото на делницата…“, стои во ревизорскиот извештај.

Покрај доцнењето, ревизорите истовремено констатираат дека изградбата на автопатската делница ќе чини неколку милиони евра повеќе само по основ на негативни курсни разлики. Иако вкупниот промет од изградбата на трасата се одвива во државава, сепак, посочуваат ревизорите, кинескиот изведувач прикажува промет во земјата за изградба само во износ од 10 отсто од вкупната договорена обврска, затоа што договорот предвидува исплатите на договорните обврски да се одвиваат според образецот – 90 отсто во американски долари и 10 отсто во македонски денари.

Практично, со ваквото врзување на доларот и денарот при плаќањето се добила негативна курсна разлика, односно разлика во соодносот меѓу доларот и денарот за време на склучувањето на договорот во 2013 година и соодносот меѓу двете валути на денот кога се плаќа извршената договорна обврска. Овие негативни курсни разлики, според ревизорот, за Миладиновци – Штип изнесувале околу 5,1 милиони евра само во 2015 година. Дополнителен проблем било тоа што ЈП за државни патишта оваа сума ја искажувала како трошок, а не како зголемување на инвестицијата, што ја искривува целата слика за вредноста на овој проект.

На крајот, ревизорите утврдиле и уште неколку состојби за ЈПДП, кои се директно или индиректно поврзани со изградбата на автопатската делница. Според нив, не бил воспоставен систем на интерни контроли за следење и реализација на обврските по долгорочни заеми и кредити од меѓународните финансиски институции, а во сметководствената евиденција не е приложена комплетна и соодветна документација за трансакциите поврзани со заемите и кредитите. Потоа, не се капитализирани дел од трошоците за позајмување во фазата на повлекување средства по кредити и заеми итн.

ПРОБИВАЊЕ НА РОКОТ И ДОЦНЕЊЕ ОД НЕКОЛКУ ГОДИНИ

Доколку во 2015 година била завршена само една четвртина од делницата Миладиновци – Штип, тогаш се поставува прашањето каква е ситуацијата денес, дотолку повеќе што рокот кога овој проект треба да биде комплетиран завршува за еден месец? Користејќи го правото согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме одговори од Јавното претпријатие за државни патишта, кое располага со сите податоци и иформации во однос на градбата, имајќи предвид дека изведувачот е должен редовно да му доставува извештаи.

Од претпријатието добивме одговор дека досегашната реализација на проектот изнесува 60 проценти. Под претпоставка дека изградбата на трасата се одвива според досегашната динамика, од таму произлегува оти делницата ќе биде завршена во 2019/2020 година, што кореспондира со времетраењето на договорот на надзорот на трасата, како и на договорот за закуп на градежно земјиште меѓу Свети Николе и кинеската компанија изведувач – „Синохидро“.

Проектот се реализира согласно договорните услови, наведени во меѓусебните обврски, а поврзани со законските одредби, услови за градење според ФИДИК (Меѓународна федерација на консултанти и инженери) и др., кои во зависност од условите и состојбите на теренот по потреба се приспособуваат или усогласуваат со засегнатите страни и со нивните постојни и планирани инфраструктурни инсталации и нивна дислокација (ЕВН, ТЕЛЕКОМ, МЦ Брегалница, ХС Злетовица, Водоводна мрежа снабдување на Свети Николе…)“, велат во писмениот одговор од ЈП за државни патишта, со потпис на директорот Александар Стојанов.

Но, луѓе што се вклучени во различни фази и на различни нивоа од реализацијата на овој проект неофицијално велат дека првичниот проект се менувал десетина пати, бидејќи во голема мера не се совпаѓал со реалноста и потребите на терен, иако, според упатените, се работи за рамна, права и ниска траса, релативно лесна за работа, што отвора можност за дополнителни трошоци и зголемување на вкупниот обем на инвестицијата.

 На неколку места има проблеми со косините кои се обруснуваат и потоа се проектираат со помал нагиб. На одредени места, пак, не биле навремено предвидени дренажни цевки, па се проектираат дополнително. Овде се прави застој, па се прекопува, па се прави набавка на нов материјал… Сето тоа значи плус време и чини плус пари – вели еден од нашите соговорници.

Министерството за транспорт и врски, кое го доделува одобрението за градба, не одговори на нашето прашање дали засега во целост се почитува одобрението, но од таму посочуваат дека до нив не стасало барање од инвеститорот за одобрување измени при градење. Во однос на ова, од таму упатуваат на ЈПДП, кое на некој начин потврдува дека проектот се менувал, односно се адаптирал на условите на теренот.

Забелешките на надзорот во однос на проектната документација се однесуваат на тековни работи и приспособувања и усогласувања со условите и состојбите на трасата, односно теренот, согласно договорните услови. Во однос на одобрението за градење, истото го издава Министерството за транспорт и врски и надзорот нема ингеренции за давање забелешки“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Експертите, пак, објаснуваат дека секоја промена на главниот изведбен проект за која е добиено одобрение за градба треба детално да се анализира и стручно да се образложи од страна на барателот, без разлика дали е проектант, изведувач, надзор, инвеститор или некој друг, а притоа консултантскиот тим од стручни институции, пред се Градежниот факултет, да се произнесе во име на инвеститорот дали се прифаќа или не.

– Ако не се запазат јасните процедури пропишани според ФИДИК за сите фази од проектот, тогаш постои можност за злоупотреби при реализацијатаСекоја измена на геометриските елементи на трасата, условите на градба, промена на транспортните далечини за промена на материјали од ископ и за насип, категориите на материјали и начинот на градба, крие во себе перманентна опасност од злоупотреба – објаснува професорот на Факултетот за градежништво при Државниот тетовски универзитет, Вулнет Палоши, кој е и поранешен директор на „Македонија пат“.

ДОПОЛНИТЕЛНИ И СТРАНИЧНИ ТРОШОЦИ ОД НАД 20 МИЛИОНИ ЕВРА

Инаку, од Јавното претпријатие за државни патишта не информираа дека за реализација на делницата Миладиновци – Штип досега повлекле околу 120 милиони евра од кинескиот кредит. Оттука произлегува дека повлечените средства линеарно одговараат со прогресот при изградбата од 60 проценти, така што, ако се направи груба математика, испаѓа дека проектот целосно би чинел колку и кредитот.

Сепак, оваа сума не ги покрива трошоците што паѓаат на товар на македонскиот буџет за непредвидени и дополнителни работи, кои во целост ќе бидат познати по техничкиот прием и пуштањето во употреба на трасата. Според опозицијата, на терен се јавуваат низа дополнителни трошоци за непредвидени работи, кои, според нејзините проценки, драстично ќе ја зголемат цената на проектот.

 Според информациите со кои располагаме, ќе се појават и дополнителни непредвидени работи, а со тоа ќе ни се случи покачување на цената на чинење на делницата, но и забавување на динамиката и доцнење на целиот проект. Има и пропусти во проектите и сето ова ја забавува динамиката на изведба на работите, но и ја зголемува цената на овој автопат – изјави Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

Уште еден од поголемите проблеми што се јавува на терен, кој патем претставува дополнителен трошок при изградба на делницата што не го покрива кинескиот кредит, туку паѓа на товар на македонскиот буџет, е експропријацијата на земјиштето во приватна сопственост, каде минува автопатската траса. Од геодетската компанија „Гео Мрежа“, избрана во 2012 година да исцрта експропријационен појас за 102.000 евра, ни посочија одговорите да ги бараме од надлежните институции, кои располагале со податоците.

Затоа, се обративме до Државното правобранителство, кое во постапката за експропријација се јавува како предлагач во име на државата кога треба да се оствари јавен интерес. Од таму нѐ известија дека во рамки на овој проект, скопското државно правобранителство поднело 340 предлози за експропријација за површина од 485.059 квадратни метри, додека преку штипското државно правобранителство поднеле 498 предлози за вкупна површина од 841.865 квадратни метри.

Што се однесува до барањата на правобранителството за експропријација, одлучува Управата за имотно-правни односи, која е во состав на Министерството за финансии. Како што ни одговорија од Министерството, управата како орган за експропријација по поднесените предлози, донела вкупно 336 решенија и постигнала 396 спогодби за експропријација. Но, од таму не добивме одговор на прашањето колку средства се исплатени по овој основ кон физички и правни лица чиј имот бил предмет на експропријација, со образложение дека  „крајниот корисник на експропријацијата е должен да исплати надомест за експроприраниот имот“.

Патот повторно не одведе до ЈП за државни патишта, од каде откриваат дека по основ на експропријација досега се исплатени над 1,8 милиони евра. Но, треба да се има предвид дека оваа сума уште повеќе ќе порасне, бидејќи правобранителството поднело вкупно 893 барања, а управата за имотно-правни односи донела, односно постигнала вкупно 732 решенија и спогодби за експропријација, што значи дека 107 предмети не се завршени. Врз основа на тоа, државата по овој основ ќе исплати над 2 милиони евра.

Кога ќе се собере оваа сума за експропријација од 2 милиони евра, цената за нарачка на проектот од над 5 милиони евра, ангажманот за надзор за сума од 8 милиони евра, трошокот по основ на негативни курсни разлики од над 5 милиони евра, и тоа само во 2015 година, се доаѓа до износ од над 20 милиони евра дополнителен или страничен трошок за изградба на оваа делница, кој не е опфатен во кинескиот кредит од 206 милиони евра, туку претставува плус трошок за македонскиот буџет непосредно поврзан со овој проект.

ВО РЕГИОНОТ СЕ ГРАДАТ ПОТЕШКИ ТРАСИ ЗА ПОНИСКИ СУМИ

Сепак, ако се изолираат овие периферни трошоци и ако се земе предвид само висината на кредитот како референтна вредност на автопатот, секој километар од овој автопат чини по 4,3 милиони евра. Стручњаците велат дека не може директно да се оцени дали ова е многу или малку, од проста причина што секој автопат е специфичен, со уникатна природна и геолошка конфигурација. Но, и тие се согласуваат оти боде очи тоа што во други држави се градат поевтини траси.

Според реномираното стручно списание „Светски автопати“, во издаваштво на британски „Route One Publishing“, автопатите се најскапи во Австрија, а најевтини во Данска. Во едно списание издадено во 2010 година, се наведува дека просечна цена на автопатите во Австрија е 12,87 милиони евра по километар, во Унгарија 11,21 милиони евра, во Словачка 9,56 милиони евра, во Чешка 8,86 милиони евра, во Данска 5,89 евра по км…

Ако го споредиме Миладиновци – Штип со автопатите што ги мониторирал  Европскиот суд на ревизорите, кој функционира како независен надворешен ревизор на финансиското работење на ЕУ, се доаѓа до заклучок дека во Европската унија се градат и поскапи, но и поевтини автопатски траси. И самиот ЕСР во извештајот за чинењето на автопатите, објавен во 2013 година, нотира дека постојат големи разлики меѓу цената на автопатите во разни држави во самата Унија, така што просечна цена кај набљудуваните автопати чини нецели 11 милиони евра по километар.

Конкретно, автопатот во Германија од Дрезден во чешката граница, во должина од 40,8 километри, чинел вкупно околу 655 милиони евра, или над 16 милиони евра по километар. Но, во Германија се изградила доста поевтина делница во споредба со оваа, но и споредено со Миладиновци – Штип. Се работи за трасата од Дримен до Стразбур, во должина од 91 километар, која чинела вкупно 367 милиони евра или над 4 милиони евра по километар.

Слична е ситуацијата и во Грција. Имено, автапатот од Агиос Констатинос до Камена Вурла, во должина од 20 километри, чини над 378 милиони евра или речиси 19 милиони евра по километар. Но, друг автопатска делница во истата држава, Колура-Клеиди, во должина од 25 километри чинел над 59 милиони евра или околу 2,3 милиони евра по километар, што е двојно поевтино од Миладиновци-Штип.

Кај трошоците за изградба на пат може да влијае усогласување на патот, трошоците потребни за откуп на земјиштето, техничките спецификации врз основа на сообраќајот, предвидувањата и регулаторните градежни стандарди, системите за јавни набавки и конкурентноста на пазарот, како и проектот за управување во текот на секоја конструкција“, се наведува во извештајот на европските ревизори.

Споредбата со Србија, каде што интензивно се градат автопатишта со, условно кажано, западни и источни пари, покажува дека се градат и поскапи автопати, ама тие се многу потешки за изведба. Таков е примерот со автопатската делница Љиг – Прељина, финансирана со средства од Азербејџан, долга 40 километри и вредна 308 милиони евра, или 7,7 милиони евра по километар. Меѓутоа, за разлика од Миладиновци – Штип, во чии рамки, покрај 7 клучки, 8 натпатници и 5 потпатници, предвиден е еден армиран бетонски мост со должина од 154 метри, кај српската делница се градат вкупно 66 мостови и 5 тунели.

На сајтот на српското Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура може да се најдат податоци и за поевтини автопатски делници. Една нив е автопатската траса од Ниш до бугарската граница, исто така со 5 тунели, во должина од 87 километри во вредност од 332 милиони евра, или нешто над 3,8 милиони евра по километар. Но, за разлика од претходниот, овој автопат е финансиран од Светска банка, Европската инвестициска банка и делумно од српскиот буџет.

– Цената на чинење на километар автопат зависи најмногу од трасата по која се гради. Затоа, преку претходни истражувања треба да се дојде до одговор на прашањето која траса би била најповолна за изградба на одреден автопат. Појавата на тунели и мостови може енормно да ја зголеми цената на чинење на еден автопат. Од друга страна, работната сила во земјата, цената на материјалите кои се вградуваат, цените на стручниот кадар играат значајна улога во формирањето на конечната цена – истакнува Бочварски, додавајќи дека цената кај нас за автопатите е превисока.

Во прилог на констатација дека во соседството се градат поевтини автопатски траси, уште поексплицитно го потврдува и бугарското искуство. Бугарската агенција Патна инфраструктура објавува информации за автопатот Тракија, кој ја поврзува Софија со Црно Море, во чии рамки неодамна се изградија последните три дела од Стара Загора до Карнобат во вкупна должина од 115 километри, за 357 милиони евра. Оттука испаѓа дека 3,1 милиони евра чини еден километар, без делот што го покрива бугарскиот буџет.

Треба да се знае дека овој автопат главно е финансиран од Кохезивниот фонд на ЕУ, а бугарската влада го поделила на три посебни дела, или таканаречени лота, при што за секој дел бил распишан посебен јавен повик на кој конкурирале повеќе компании, односно конзорциуми, па имало негативно наддавање кое значително ја спуштило цената на чинење. Истата практика Бугарија ја применила и во однос на автопатите Марица (3,1 милиони евра по км), автопатот Струмица (1,9 милиони евра по км) итн.

Наспроти тоа, кај нас се гради многу полесна траса, која испаѓа поскапа во споредба со други земји, без притоа да ги земеме предвид дополнителните трошоци од над 20 милиони евра, кои несомнено уште повеќе ќе растат, а колку точно ќе достигнат ќе стане познато во 2019/2020 година, кога се очекува да биде комплетирана трасата.

Со оглед дека во јавноста осамнаа прислушувани разговори и за градбата на автопатите, од Специјалното јавно обвинителство велат во тек се предистражни постапки за повеќе предмети, најавувајќи дека набргу би можеле да соопштат детали и за овој случај.

Ана Чоловиќ-Лешоска, Еко-свест
КОМПАНИИТЕ ГРАДАТ СПРОТИВНО НА ЕКОЛОШКИТЕ СТАНДАРДИ

Ана Чоловиќ-Лешоска од граѓанската организација Еко-свест вели дека компаниите што работат на изведбата на автопатиштата не ги запазуваат неопходните стандарди за заштита на животната средина и човековото здравје.

– Патните делници што се градат не се обележуваат соодветно со црвена лента или мрежа, а при нивната изградба се подигнува огромно количество прашина, бидејќи не се прска соодветно со вода. Притоа, огромни штети се прават по природната средина – обвинува Чоловиќ-Лешоска.

Според неа, работниците што работат на овие делници не се соодветно заштитени, имајќи предвид дека работат без заштитна опрема.

Бранимир ЈОВАНОВИЌ, Институт за општествени и хуманистички науки
ВЛАДАТА ГО ГРАДИ АВТОПАТОТ КОГА ТРОШОЦИТЕ СЕ НАЈГОЛЕМИ

Владата се правдаше дека разликата меѓу физибилити студијата во 2009 година и аранжманот со Кина во 2013 година е поради поскапувањето на нафтата во овој период, но цената на нафтата драстично опадна од 2013 година до денес, посочува Бранимир Јовановиќ, професор и истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.

– Она што е интересно е дека цената на нафтата денеска е значајно пониска од моментот кога се склучи договорот за овој автопат, па се поставува прашањето – дали не треба да се намали и цената на автопатот? Тоа веројатно не е можно, зашто договорот е веќе склучен и не предвидува таква можност, ама можеби за во иднина треба да се размисли да се стави некаква таква клаузула во договорите за автопати – смета Јовановиќ.

Тој порачува во иднина ваквите проекти треба да се финансираат со пофлексибилни кредити, кои ќе бидат одвоени од договорите за изведување на градежните работи.

Никола ВЕЛКОВСКИ, стопанственик
ПОПУЛИСТИЧКИ ОДНОС КОН ИНФРАСТРУКТУРАТА

Стопанственикот и поранешен претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, Никола Велковски, вели дека за поздравување е секој изграден километар на автопат, меѓутоа, додава тој, односот кон овие проекти не треба да биде популистички.

– Популистички е амбициозното поставување на рокот за реализација на овој проект. Во вакви случаи, треба да се слуша струката дека ваков проект не може да се финишира толку брзо од техничко-технолошки причини. При вакви проекти, се јавуваат многу непредвидени земјани работи, нерешени имотно-правни односи, метеоролошки причини итн. – објаснува Велковски.

Тој посочува дека овој проект не завршува со изградба на автопатот, туку треба да се инвестира и во оддржување на трасата, што, според него, кај нас целосно недостига.

Вулнет ПАЛОШИ, универзитетски професор
ДЕЛНИЦАТА НЕМА НИКАКВА ИНЖЕНЕРСКА ЛОГИКА

Универзитетскиот професор Вулнет Палоши, кој е поранешен директор на Македонија пат“, смета дека автопатската делница Миладиновци-Штип повеќе има политичка, геостратегиска или некаква друга заднина, а помалку економска и инженерска логика.

– Никаде во светот не се прави автопат на 20-30 километри од друг автопат, на кое растојание до Миладиновци – Штип е Скопје – Велес. Автопат се гради ако има просечен дневен проток на годишно ниво од 7.000-8.000 возила, за по изградбата да стаса до 10.000, па и да ја премине оваа бројка. Но, овој автопат има дневен проток од 2.000-3.000 возила – вели Палоши.

Тој открива дека уште во 1976 година, Воената академија во тогашна СФРЈ изработила проект за оваа автопатска траса, но никогаш не се реализираше бидејќи беше утврдено дека е неисплатлива.

————————————————————————————————–

Оваа истражувачка сторија е изготвена со помош на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.
Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „Поглед кон изградбата на патната инфраструктура 2006 – 2016’’, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.


АРХИВА Како струшката фирма „Набизи“ дојде до градежно земјиште од 4,5 хектари?

$
0
0

Текстот е објавен на 21 март 2019 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1223

Испровоциран од упорноста на соговорниците да потврди дека Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ наесен, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние деновиве реагираше дека премногу се инсистира на датумот во ситуација кога, како што рече, постојат големи проблеми во земјава. Меѓу другото, тој директно го посочи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој, според него, се однесува скандалозно. Пред извесно време, Фокус пишуваше токму за еден контроверзен случај поврзан со оваа општина, чиј совет донел ДУП што и овозможи на приватна компанија драстично да го зголеми имотот по пат на дооформување на парцели.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Општина Струга предводена од актуелниот градоначалник Рамиз Мерко од редовите на ДУИ, која заедно со СДСМ го контролира мнозинството во струшкиот совет, го прекроила Деталниот урбанистички план за просторот каде се наоѓа индустриската зона во интерес на приватна струшка компанија, обвинуваат струшки стопанствени во официјален допис до кој дојде „Фокус“, испратен до премиерот Зоран Заев, до министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, како и до Комисијата за спречување корупција, која веќе функционира во нов состав и со зголемени надлежности и овластувања во борбата против корупцијата.

Како што стои во дописот, станува збор за измени на ДУП-от за УЕ-11, Блок 2 опфат 4 и 5, усвоени на седницата на струшкиот совет одржана на 15 јануари годинава, со која претседавал претседателот на советот Ресул Каба. Како што се наведува во дописот, преку овој план струшката компанија „Набизи“ трикратно ќе го зголеми недвижниот имот кој веќе го поседува, врз основа на правото на откуп на катастарски парцели и делови од парцела по пат на непосредна спогодба заради доофоормување на градежна парцела, што не се врши по пат на јавно наддавање со учество на сите заинтересирани страни, туку се спроведува според фискни цени за само еден субјект.

Незадоволни поради тоа што не добиле можност да се натпреваруваат за градежното земјиште, како што предвидувал стариот ДУП кој никогаш не бил спроведен, тие побарале Министерството за транспорт да ја повлече издадената согласност за измените на ДУП-от за планскиот период 2018-2023 година со опфатена површина од 9 ипол хектари (90.500 квадратни метри). Патем, во согласноста со која располагаме се посочува дека општината поднела барање на 27 декември минатата 2018 година, заедно со сета друга неопходна документација, додека одобрението било издадено уште следниот ден, со укажување дека при спроведување на планот треба да ги има предвид договорните обврски од продажба на градежно земјиште согласно претходниот план.

Наспроти тоа, од компанијата уверуваат дека нема ништо спорно во начинот на кој стекнале имот од над 4 хекари, што е безмалку половина од површината на која се однесува ДУП-от, но одбиваат да одговорат како, по кој основ и за која цена точно ја стекнале наведената квадратура, упатувајќи не на одговори во надлежните институции. И покрај нашите обиди, од Струга, која долги години менаџира со општинското градежно земјиште, не добивме прецизни податоци околу начинот и цената на отуѓувањето на овој атрактивен имот. Но, официјалните податоци што ги обезбедивме од Катастарот на недвижности јасно и недвосмислено покажуваат дека токму новиот ДУП овозможил повеќе помали парцели да се откупат и да се спојат во неколку поголеми парцели, за што била користена и законската можност за склучување спогодба со еден субјект.

ИЗГРАДБА НА ДЕЛОВЕН КОМПЛЕКС

Според податоците од Катастарот на недвижности, струшката компанија за трговија „Набизи“, формирана далечната 1993 година, моментално поседува недвижен имот од речиси 45 илјади квадратни метри, распореден во 6 катастарски парцели, кои во новиот ДУП се групирани во 3 градежни парцели. Колку за објаснување, една градежна парцела може да претставува целина од неколку катастарски парцели со можност за изградба на објекти со различна намена, предвидени во планот. Арно ама, порано состојбата на терен била поинаква, со оглед дека на истото место имало дваесетина катастарски и исто толку градежни парцели, од кои дел се избришале поради фузија со други парцели.

Фокус“ ги обезбеди историјатите на движење на сите 6 катастарски парцели во сопственост на „Набизи“, кои откриваат дека тие порано биле дел од две големи парцели, што низ годините трпеле промени. Имено, 5 од 6-те парцели своевремено (1969 година) припаѓале на една голема КП со број 2837 со површина од 361.104, додека подоцна (1981 година) се формирала парцела 2837/1 со површина од 330.758 квадратни метри. Па, оваа парцела во СФРЈ била евидентирана на Земјоделскиот комбинат „Струшко поле“, додека по независноста на Македонија била евидентирана на државата, со тоа што корисник останал ЗК „Струшко Поле“ се до 2006 година, кога корисник станал АД „Сточар Струга“.

Така, во 2010 година струшкото одделение при Управата за имотно-правни работи во рамки на Министерството за финансии носи решение, според кое оваа КП 2837/1 се дели, така што под истиот број остануваат 279.903 квадратни метри во сопственост на РМ, а на останатиот дел од 50.855 квадратни метри истовремено се формираат неколку нови парцели. Притоа, една од нив е катастарската парцела 2837/17 со површина од 2.902 квадратни метри, која во 2011 година, врз основа на нотарски договор, преминала во сопственост на „Набизи“. Една година подоцна, пак, компанијата на оваа парцела изградила деловен објект со површина од 720 квадратни метри.

Потоа, со истото решение во 2010 година се формирала и соседната катастарска парцела 2837/14, со површина од 2.781 квадратни метри. Врз основа на нотарски договор, „Набизи“ во 2011 година станува сопственик и на оваа парцела, на која во 2012 година гради уште еден објект со габарит од 1.577 квадратни метри. Оттука, „Набизи“ ги купила овие две државни парцели една година пред истекот на времетраењето на планскиот опфат на стариот ДУП (2008-2012), а ги изградила објектите последната година од овој период предвиден со стариот план, со кој практично се урбанизираше оваа област и се вцртаа градежни маркици. Сепак, најголем дел од овие локации никогаш не беа ставени на јавно наддавање за да бидат отуѓени.

ОТКУП НА ЗЕМЈИШТЕ ПРЕКУ ПРЕКУ ЈАВНО НАДДАВАЊЕ И НЕПОСРЕДНА СПОГОДБА

Покрај тоа, „Набизи“ станува сопственик на уште една помала парцела на долната линија непосредно до патот, која, исто така била издвоена во 2010 година. Се работи за КП 2837/16 со површина од 2.597 квадратни метри, врз која компанијата стекнала сопственичко право според стариот ДУП врз основа на нотарски договор во 2014 година, што е 3 години откако ги стекнала претходните две соседни парцели, односно 2 години откако на нив изградила деловни објекти. За разлика од другите две парцели, на оваа се уште нема изградено објект, иако и порано и сега се предвидува таква можност, туку овој простор засега се користи како паркинг и складиште.

Воедно, во 2010 година се формирале уште неколку парцели на северната страна, меѓу кои и КП 2837/21, која првично била со површина од 1.889 квадратни метри. Арно ама, врз основа на барање од Општина Струга на 10 јануари актуелната 2019 година и геодетски елаборат, оваа парцела се запишува како градежно неизградено земјиште во сопственост на РМ, додека само 20 дена подоцна (30.01.2019) преминува во сопственост на „Набизи“. Во историјатот на парцелата пишува дека истовремено настанало и спојување на парцели, така што оваа катастарска парцела од првичните 1.889, подоцна сведени на 1577 квадратни метри, по усвојувањето на новиот ДУП се трансформирала во катастарска парцела од 12.210 квадратни метри, која денес е целосно во сопственост на „Набизи“.

Дополнително, по изготвувањето на дигиталните катастарски планови во 2015 година, се дефинира и соседната катастарска парцела 2837/10 со површина од 1.743 квадратни метри. Во текот на 2019 година, односно повторно на 31 јануари, се врши физичка делба меѓу оваа и соседната парцела која денес претставува јавен простор во сопственост на РМ што ги дели приватните парцели, но истовремено доаѓа и до спојување на парцели, така што КП 2837/10 драстично расте од првичните 1.743 на денешните 14.129 квадратни метри, чиј сопственик е „Набизи“. Според историјатот на парцелата, компанијата го стекнала ова право по пат непосредна спогодба, и тоа истиот ден кога стекнала сопственост и врз соседната парцела со број 2837/21 првично со површина од 1.577 квадрати, која подоцна, со спојување на парцели, достигнала дури 12.210 квадрати.

На крајот, „Набизи“ станува сопственик на уште една поголема катастарска парцела – КП 2832/76 со површина од 9.605 квадратни метри, која не припаѓа на корпусот претходни парцели, туку е издвоена од КП 2832/2 со површина од 349.739 квадратни метри. Фактички, оваа парцела се формира во 2018 година, додека на 16 мај истата година се евидентира како градежно неизградено земјише со површина од 2.511 квадрати во сопственост на „Набизи“ врз основа на солемнизација – договор за отуѓување на градежно земјиште со јавно електронско наддавање. Сепак, на 6 февруари годинава и овде е извршено спојување на катастарските парцели, така што историјатот на парцелата открива дека се споила со уште 3 катастарски парцели, кои заедно ја формирале денешната катастарска парцела од 9.605 квадрати, исто така во сопственост на „Набизи“.

СПОЈУВАЊЕ НА ПОВЕЌЕ МАЛИ ВО НЕКОЛКУ ГОЛЕМИ ПАРЦЕЛИ

Врз основа на тоа може да се резимира дека „Набиз“и во периодот од 2011 година досега стекнала земјиште со вкупна квадратура од 44.226 метри квадратни распоредено во 6 катастарски парцели, кои, пак, се групирани во 3 градежни парцели според новиот урбанистички план, што и овозможило на компанијата да врши спојување на парцели. Се започнало во 2011 година, кога компанијата прво купила градежно земјиште на двете соседни катастарски парцели 2837/17 и 2837/14 со површина од 2.903 и 2.781 квадратни метри, а една година подоцна изградила деловни објекти, кои денес функционираат како трговски комплекс со вкупна квадратура од околу 7.000 квадратни метри. Во 2014 година, пак, „Набизи“ купила уште една соседна градежна парцела од 2.597 квадратни метри, но таму се уште нема изградено никаков објект.

Во меѓувреме, „Набизи“ купила уште неколку од дваесетте катастарски парцели кои биле предвидени со стариот ДУП, според кој секоја катастарска парцела формирала и посебна градежна парцела. Меѓутоа, со актуелната планска документација се формирани 3 градежни парцели, во чии граници влегле катастарските парцели што претходно ги поседувала компанијата „Набизи“, која поради ваквиот распоред извршила спојување и со парцелите што дотогаш не ги поседувала. Инаку, Законот за градежно земјиште дозволува откуп на државно земјиште во рамки на една градежна парцела според фискни цени утврдени од владата, доколку физичко или правно лице поседува најмалку 30 отсто од парцелата.

Доколку се споредат старата и новата планска документација произлегува дека во првата поголема градежна парцела со број 5.1 со вкупна површина од 17.710 квадратни метри влегле двете помали катастарски парцели кои и денес постојат во катастарскиот план во старите граници – 2837/16 и 2837/17, купени во 2014 и 2011 година, со вкупна површина од 5.500 квадратни метри. Со оглед дека 30 отсто од градежната парцела е 5.313 квадратни метри, произлегува дека струшката компанија поседувала 187 квадрати повеќе од минимум потребното за дооформување на парцела. Тоа значи дека преостанатите 12.210 квадратни метри и стоеле на располагање да ги купи по пат на непосредна спогодба за вкупно 178.000 евра, имајќи предвид дека владината уредба предвидува цена од 15 евра за откуп на земјиште наменето за големи трговски единици во вонцентрално градско подрачје во Струга.

На ист начин се формираат и другите две градежни парцели со број 4.2 со површина од 16.911 и со број 4.1 со површина од 9.605 квадратни метри. Во првата градежна парцела влегла постојната катастарка парцела 2837/14 со површина од 2.781 квадратни метри, купена во 2011 година, додека поголем дел од парцелата зазема веќе споменатата КП 2837/10, која првично изнесувала 1.743 квадрати, но со спојување на парцели врз основа на договор за отуѓување на градежно земјиште по пат на непосредна спогодба, „Набизи“ ја зголемила на 14.130 квадрати. Што се однесува до другата градежна парцела со број 4.1., таа се формирала откако струшката компанија прво купила една од трите парцели во нејзини рамки од 2.552 квадратни метри на јавно наддавање во мај 2018 година, за во почетокот на 2019 година и овде да се изврши спојување на парцели до формирање на моменталната парцела, благодарение на новиот ДУП.


СДСМ

НЕ УЧЕСТВУВАВМЕ ВО ДОНЕСУВАЊЕТО НА ДУП-ОТ

Од советничката група на СДСМ велат дека на седницата на Советот на општина Струга на почетокот на 2019 година, на која како точка на дневен ред беа измените на Деталниот урбанистички план за УИ-11, Блок 2 опфат 4 и 5, не ги поддржале предложените измени и не учествувале во нивното донесување.


Од „Набизи“ тврдат
ЦЕЛИОТ ИМОТ СМЕ ГО КУПИЛЕ ЗАКОНСКИ И ТРАНСПАРЕНТНО

Од струшката компанија „Набизи“ во сопственост на браќата Назуф Бизати и Камбер Бизати, ни изјавија дека целиот имот го стекнале регуларно низ институциналните процедури.

Ништо не сме земале надвор од законот, ние не земаме земја за џабе како странските инвеститори, сме платиле и по 38 евра квадрат. И не сме купувале за да ни седи земјата, туку за да градиме и инвестираме. Ние сме сериозна компанија со 150 вработени и планираме да се шириме – ни изјавија од компанијата, одбивајќи да одговорат колку од земјиштето го стекнале на јавно наддавање, а колку по пат на спогодба со општината.

Откако не упатија да побараме одговори во надлежните органи, официјално се обративме до Општина Струга, но до затворањето на овој број од неделникот не добивме никакви одговори во врска со влијанието на новиот ДУП врз имотот што го стекнала компанијата.


Министерство за транспорт и врски
ОПШТИНИТЕ СЕ НАДЛЕЖНИ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ

Од Министерството за транспорт и врски велат дека општините се надлежни за урбанистичкото планирање и за уредувањето на просторот и градежното земјиште, а Министерството само издава согласност на урбанистичките планови, изработени во форма на предлог план и за кои е изготвен позитивен извештај за стручна ревизија.

Советот на општината може да го донесе односно да не го донесе предлог планот доколку смета дека истиот не е изработен согласно законските прописи во кој случај е должен да донесе одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлог планот не е донесен. Кога е донесена одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлог планот не е донесен, градоначалникот на општината е должен во рок од три работни дена од одржувањето на седницата на Советот, да ги достави предлог планот и донесената одлука во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам до Министерството за транспорт и врски“, објаснуваат од Министерството, повикувајќи се на законските одредби.

Од таму додаваат дека во таква ситуација во рок од 10 работни дена се должни да ги проверат наводите во образложението на одлуката за констатираната неправилност и доколку утврдат дека тие се основани да ја поништи дадената согласност и да го извести изработувачот на планот, а доколку утврдат дека тие се неосновани повторно да го достави предлогот на планот до општината.

АРХИВА Во мандатот на Адеми, Министерството за култура грантирало здруженија блиски до БЕСА

$
0
0

Текстот е објавен на 15 февруари 2019 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1219

Во рамки на изминатава владина реконструкција, нов министер за култура стана Хисни Исмаили, како кадар од редовите на Алтернатива на Африм Гаши, која се формираше по расколот што се случи во БЕСА. Од крилото на БЕСА што ја формираше оваа партија беше и претходниот министер Асаф Адеми. За време на неговиот мандат, како што тогаш пишуваше Фокус, невладини здруженија и физички лица кои директно или посредно може да се поврзат со таборот на Гаши добиле државни пари преку годишната програма за проекти од областа на културата.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Распределбата на буџетски пари преку годинашната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес во културата ја скандализираше јавноста, од причина што голем дел од парите завршија кај нови и анонимни субјекти, додека истовремено беа укинати средствата за бројни традиционални фестивали и манифестации. Арно ама, оваа распределба на јавни средства станува уште поконтроверзна и сомнителна кога ќе се земат предвид информациите дека дел од парите доделени преку министерството раководено од Асаф Адеми од БЕСА ги добиле невладини организации и физички лица кои можат да се поврзат со партијата.

Според податоците што ги обезбеди и потврди „Фокус“, меѓу грантистите на конкурсите во областа на културата може да се сретнат граѓански здруженија чии сегашни или поранешни управители биле дел до органите на БЕСА, или, пак, се јавуваат како донатори на партијата. Но, јавни пари добиле и двајца функционери на БЕСА, од кои едниот беше кандидат за градоначалник од редовите на оваа партија, исто како и актуелниот министер за култура Адеми. Заеднички именител за сите нив е тоа што во рамките на внатрепартискиот конфликт ја зазедоа страната која подоцна за нов лидер го избра Африм Гаши и се пресели од опозиција во власта.

КУЛТУРЕН ГРАНТИСТ И ПАРТИСКИ ДОНАТОР

Од официјалните податоци што ги објави Министерството за култура може да се констатира дека еден од добитниците на средства во категоријата за издавачка дејност и литература е културното здружение „Визиони М“, кое добило средства за три проекти во вкупна вредност од 350.000 денари. Притоа, еден од проектите се однесува за делото насловено „Не се откажувај“, за кое здружението барало 153.000 денари, но надлежната комисија во ресорното министерство му одобрила 50.000 денари. Понатаму, невладината организација побарала над еден милион денари за друг проект под наслов „Клуб на читање – Куманово“, меѓутоа и биле одобрени 100.000 денари.

Исто така, „Визиони М“, преку неговата подружница „МКШ Принт“, побарало 4.632.000 денари за издавање 12 броја на списанието „Шења“, ама и биле одобрени 200.000 денари. За потсетување, културното здружение речиси истовремено бараше и државни субвенции за „Шења“ во рамки на проектот за поддршка на печатените медиуми, меѓутоа владата го одби неговото барање поради тоа што не ги исполнило критериумите. Колку за информација, ова списание своевремено го уредуваше Гаши, кој по формирањето на БЕСА стана генерален секретар на партијата, а после внатрепартискиот раскол што настана по локалните избори во 2017 година стана лидер на една од двете фракции на поделената партија.

Според податоците од Централниот регистар, здружението е регистрирано во 2004 година со седиште во Скопје со основна дејност за издавање списанија и периодични публикации. Моментално, овластено лице е Исмаил Бериша со адреса на живеење во скопски Бутел, чие име, патем речено, се наоѓа и на листата на донатори на БЕСА во изборната кампања за предвремените парламентарни избори на крајот во 2016 година, кои беа први избори на кои учествуваше партијата и воедно постигна одличен резултат. Конкретно, името и презимето на Бериша е наведено во листата на донатори под реден број 96, каде стои дека тој донирал 10.000 денари за изборната кампања.

Според изештајот што БЕСА го доставила до Државниот завод за ревизија и до други државни институции, меѓу донаторите за изборната кампања на партијата може да се сретне уште еден субјект со сличен назив, но не станува збор за здружение, туку за компанија. Имено, се работи за друштвото „Висион Академи“, кое донирало 500.000 денари, што е максимално дозволена донација за правни лица. Како сопственик и управител на компанијата со седиште во тетовска Мала Речица се јавува Атиџе Максути, која беше дел од Централното претседателсво на БЕСА, додека нејзиниот сопруг Али Максути, исто така, беше дел од партиските органи и донаторски листи. Тоа укажува на поврзаност меѓу субјекти во кои се содржи називот „Визион“, независно дали делуваат во граѓанскиот или во бизнис секторот.

УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОРИ И ПАРТИСКИ ФУНКЦИОНЕРИ

Покрај тоа, грант од Министерството за култура раководено од кадар на БЕСА добило уште едно здружение што по дефиниција носи предзнак на невладино и граѓанско, но всушност може да се доведе во корелација со висок партиски функционер од таборот на Гаши. Во таа насока, може да се спомене „Унијата на студенти – Албанци во Македонија“, која побарала 262.500 денари за проектот „Младински вредности“ во делот за издавачка дејност и литература, но добила 90.000 денари. Потоа, во категоријата за интердисциплинарна дејност, Унијата побарала 3.272.600 денари за културно-дигиталниот проект „Антитеза“, а и биле одобрени 200.000 денари.

Официјалните податоци говорат дека како сопственици на „Унијата на студенти – Албанци во Македонија“, формирана во 2015 година, се јавуваат две невладини организации. Едната од нив е здружението за едукативно и културно образование на граѓани со назив „Клуби Елита“, формирано во 2006 година со седиште во Скопје, чие овластено лице моментално е Ќемал Кроси, но, според историјатот на промени на друштвото, до крајот на минатата 2018 година на негово место бил Скендер Реџепи, поранешен потпретседател и актуелен генерален секретар на БЕСА на Гаши. Другиот косопственик на грантистот е невладината организација „Викли Балкан“ со седиште во скопско Студеничани.

Дополнително, државни пари преку конкурсите во културата добија и други високи функционери и видни претставници на БЕСА. Еден од нив е универзитетскиот професор и член на претседателството на БЕСА Љуљзим Алиу, кој побарал 255.000 денари за делото „Методика по наставата по албански јазик во основното образование“, а на крајот добил 150.000 денари. Другиот е уште еден универзитетски професор кој беше кандидат од редовите на партијата за градоначалник на Дебар на локалните избори, Џемаил Чупи, кој доби 100.000 денари за делото „Политичка култура во Република Македонија“, или речиси двојно помалку од бараните 195.000 денари.

Па, кога ќе се соберат средствата што ги добиле здруженијата „Визиони М“ и „Унијата на студенти Албанци“, кои индиректно може да се поврзат со БЕСА, како и двајцата партиски функционери и претставници Алиу и Чупи, произлегува дека речиси 900.000 денари јавни пари завршиле кај субјекти блиски до БЕСА преку конкурси и програма реализирана од министерство раководена од кадар на БЕСА. Дополнителен сомнеж за начинот на трошење на парите фрлаат и одлуките да се издвојат големи суми без никакви критериуми, како што е грантот во областа на музејска дејност и заштита на нематеријално културно наследство за „Уметничката галерија – Тетово“ за откуп на слики од младиот и релативно анонимен сликар Хиса Адеми од 850.200 денари, колку што впрочем и биле побарани?!

РЕВИЗИЈА НА ДЕЛ ОД ПРОЦЕСОТ, НО ДАЛИ ШТЕТАТА Е ВЕЌЕ НАПРАВЕНА?

Во однос на тоа, побаравме коментар од БЕСА, од каде на одговори не упатија кон Министерството за култура на чело со министерот од нивната партија Адеми, кој веќе се обиде да се одбрани дека за распределбата на парите не одлучува лично и дискреционо. Како што рече министерот за култура, тој ставил потпис на финалните решенија што ги донеле комисиите во министерството, кои, според него, биле проверувани по десетина пати. Сепак, индикативно е тоа што јавни грантови добиле здруженија и луѓе блиски до БЕСА набргу откако министерството го презеде нивни сопартиец.

Инаку, овој случај деновиве предизвика реакција и од многу културни работници и уметнички здруженија, кои обвинија дека конкурсите се спроведуваат без никакви критериуми, по партиски и етнички клуч, или по субјективни и произволни проценки. Поради тоа, реагираше и премиерот Зоран Заев, кој најави дека дел од конкурсот ќе биде поништен. Сепак, најверојатно веќе е предоцна макар и да се санира штетата што е направена со симптоматичното трошење на народните пари во културата, што само се надоврзува на бројните случаи на непотизам, судир на интереси и трговија со влијание во структурите на власта.

За Интерпол, Груевски е слободен граѓанин на Унгарија!

$
0
0

Текстот е објавен на 30 мај 2019 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1234

Пишува: Валентина ВУРМО

Меѓу 6.957 озлогласени криминалци по кои трага Интерпол, не се наоѓа фотографијата на Никола Груевски. На листата на бегалци има тројца македонски државјани, но меѓународната полиција не трага по екс премиерот на Македонија.

По барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, МВР испрати податоци до Интерпол, со седиште во Лион, Франција, но оттаму веќе три месеци одбиваат да ја објават меѓународната потерница. Од Интерпол порачуваат дома да прашаме зошто не трагаат по Груевски, а домашните, пак, креваат раменици и ја смируваат јавноста дека, сепак, постои надеж дека потерницата ќе се објави.

И додека се вртиме во круг, екс премиерот ужива во слободата која му ја пружи пријателска Унгарија.

Груевски во неколкуте свои интервјуа откри дека е сместен кај пријатели, но медиумите неодамна го уловија како стои пред Агенција за недвижнини, па се претпостави дека бегалецот си бара свој покрив над глава.

АЗИЛОТ ГО СПАСИ ГРУЕВСКИ ОД ПРОТЕРУВАЊЕ

Во моментот за Груевски активна е меѓународна потерница, но таа е објавена само на сајтот на Министерството за внатрешни работи (МВР). Во неа пишува дека 49-годишниот Никола Груевски, од татко Тало и мајка Нада, се бара за издржување на затворска казна од две години, но и по определен притвор за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Токму за ова дело е напишана и потерницата до Интерпол, односно дека Груевски е осомничен како еден од организаторите на насилниот упад во Собранието, што се случи на 27 април 2017 година.

За предметот што го водам за организаторите на настаните од 27 април побарав преку полиција да се издаде домашна и меѓународна потерница, но последните информации од Интерпол на Македонија ми се дека седиштето на Интерпол одбива да ја објави потерницата, истакна неодамна обвинителката Русковска.

Таа вели дека сѐ уште нема никаква нова информација околу потерницата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак,

очекува потерницата да биде објавена, бидејќи како што рече, ги исполнувала критериумите.

И покрај очекувањата на македонските власти потерницата да се објави, сепак, според правилникот на Интерпол, донесен во 2015 година, фотографијата на Груевски нема да осамне на нивната страница. Главната причина е што Груевски и официјално доби азил од Унгарија, со образложение дека во Македонија бил под политички прогон, а правилото на Интерпол е да не објавува потерници за лица чиј бегалски статус е потврден.

Овој правилник бил потврден и со Резолуција, која била изгласана од Генералното собрание на Интерпол во 2017 година, за што веројатно гласала и Македонија.

– Интерпол во 2015 година донесе нов правилник кој се однесува на бегалци, и меѓу другото таму е јасно напишано дека согласно новата пракса секоја потерница или црвена потерница која се однесува на бегалец ќе биде проценета директно од страна на Генералниот секретаријат на Интерпол и индивидуално ќе се цени дали ќе биде или нема да биде одобрена. Дополнително, Интерпол нема да објави потерница доколку таа потерница е од земјата од која бегалецот бега а доколку неговиот бегалски статус е веќе потврден од земјата каде што се засолнил, ни изјави Зоран Дранговски, претседател на Македонското здружение на млади правници.

Дранговски појаснува и дека според политиките на Интерпол се дава поголема верба на тие што го уживаат статусот, со цел да бидат заштитени, отколку на тоа што државите ги бараат.

ЕКС ПРЕМИЕРОТ БИЛ ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИ ПРОГОН!?

Оваа резолуција, која на еден начин ги штити правата на бегалците, е донесена поради честите злоупотреби кои ги правеле авторитарни држави како Турција, Русија и Кина. Поточно, овие земји често го користеле Интерпол како орудие за пресметка со неистомисленици и дисиденти.

Македонија во 1993 година стана дел од Интерпол, а во организацијата членуваат уште 193 држави, поради што е тешко да се направи проценка колку од распишаните потерници се политички мотивирани.

Оваа резолуција создава рамнотежа помеѓу зајакнувањето на меѓународната полициска соработка и обезбедувањето адекватни и ефикасни заштитни мерки за заштита на правата на бегалците, појасни генералниот секретар на ИНТЕРПОЛ, Јерген Сток, при нејзиното донесување.

Или протолкувано, ова би значело дека Интерпол повеќе и верува на Унгарија, на нејзината потреба да го заштити македонскиот бегалец, отколку на нашата држава, која го бара за да му суди.

Груевски според унгарските власти бил жртва на политички прогон. Ова е официјалниот став на Унгарија кој го соопшти министерот за правда Лазло Трошани кој вели дека по нивната одлука за азил залудно било барањето на Македонија за екстрадиција.

Министерот, гостувајќи во тамошните медиуми, објаснуваше и дека поранешниот македонски премиер сега има право да побара унгарски патни документи и потоа ќе може слободно да патува во Европската унија како секој друг граѓанин. И не само што ќе може да патува, туку ќе може и да се кандидира на избори и да биде избран на високи политички функции.

Министерот не ги откри деталите со кои Груевски ги убедил тамошните власти дека е жртва на политички прогон, но повикувајќи се на сигурни извори тоа го сторија тамошните медиуми.

Наводно, Груевски се пожалил дека неговиот наследник, премиерот Зоран Заев, предвреме најавил дека ќе биде осуден на казна затвор за случајот „Тенк“. Исто така, рекол и дека му се нудело одложување на извршувањето на казната затвор, во замена за поддршка на уставните измени.

Високи владини функционери, братот на премиерот и главниот обвинител, му кажале на Груевски и на дел од неговите колеги дека ова може да се случи доколку ги убеди пратениците од неговата партија да гласаат за уставните амандмани, пишува весникот „Маѓар Идок“.

Наводно како аргумент во своја полза Груевски го искористил и поставувањето на новиот претседател на Кривичниот суд, Иван Џолев, со што рекол дека се забрзале петте процеси што се водат против него.

Шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гулаш, пак, изјави дека Македонија има лошо правосудство и очајни услови во затворите и дека за ова потврда биле и извештаите на Европската комисија и Советот на Европа. Токму овие параметри, потенцираше Гулаш, се земаат предвид во постапката за добивање азил во Унгарија.

Забелешката на Гулаш е на место, но очигледно заборавил да спомене дека лошата состојба во затворите беше нотирана додека Груевски стоеше на чело на државата.

САМО ТРОЈЦА МАКЕДОНЦИ НА ЛИСТАТА НА ИНТЕРПОЛ

Покрај потерницата на Груевски, Интерпол одбива да ја објави и потерницата за Никола Бошковски, поранешен началник во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кој исто така е еден од осомничените за „27 април“. Бошковски заедно со Горан Грујевски избегаа од 2017 година, откако беа обвинети во случајот „Таргет и Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), односно за масовното нелегално прислушување во УБК.

Причината за необјавување на потерницата на Грујевски, како што дознаваме, е иста и за Бошковски, односно бидејќи неговото барање за азил во Грција е во процедура.

На моменталната листата на Интерпол има само тројца македонски државјани, Џемсит Дехари, Аќиф Ајро и Шпетим Битичи, по кои во моментов е распишана т. н. „црвена белешка“ од страна на меѓународната полициска организација.

По 51-годишниот Дехари, родум од село Гајре, Тетовско, трага Германија. Таму е обвинет за три случаи на грабеж со земање заложници. По него трага и Унгарија каде е обвинет за убиство. Во потерницата од Интерпол се предупредува дека Дехари поседува боречки вештини и дека е опасен.

Триесет и осумгодишниот Ајро е баран во САД каде што е обвинет за серија физички напади и закани. Тој е роден во САД, но покрај американското, поседува и македонско државјанство.

И третиот и последен бегалец по потекло од Македонија, Шпетим Бетичи е баран од Германија. Овој 47-годишник, роден во Скопје, во Германија е обвинет за убиство.

Од Интерпол објаснуваат дека „црвената белешка“ не ги обврзува земјите да го уапсат бараното лице, туку можат самите да одлучат каков правен статус ќе ѝ дадат на белешката. Практично, тоа е само информација за лица кои се бараат со меѓународен налог.

Покрај јавната листа, објавена на веб сајтот на Интерпол, постои и тајна листа, до која пристап имаат сите полициите од земјите членки, па на неа според информации од МВР, се објавени бројни криминалци од Македонија по кои се трага.

На оваа тајна листа, уште од 2012 година се имињата и фотографиите на Алил Демири и Агим Исмаиловиќ, обвинети во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство што беше извршено кај Смиљковско езеро. Тогаш, додека предметот бил во истрага, било проценето дека осомничените не треба да бидат објавени јавно, за и самите да не видат дека ги бара Интерпол.

Груевски не се наоѓа ниту на оваа тајна листа. Тој е слободен граѓанин за унгарските власти, кој слободно ќе може да шета и низ останатите држави, членки на ЕУ. Или, во превод, тешко дека некогаш повторно ќе го видиме екс премиерот на обвинителна клупа или во затвор. Тој за себе ја избра ЕУ, а своите верни соработници ги упати кон „Шутка“ или „Идризово“.

ГРУЕВСКИ НЕ ИМ КРЕНАЛ СЛУШАЛКА НА НОВИТЕ АДВОКАТИ

Еленко Миланов, еден од доскорашните адвокати на Никола Груевски, минатата година истакна дека во два наврати комуницирал со неговиот клиент, по бегството во Унгарија. Еднаш му се јавил, а вториот пат се допишувале преку смс пораки. Оттогаш, Миланов вели дека се слушнале уште еднаш со Груевски, за да му каже дека е во негова полза да ги откаже полномошната на сите бранители и да добие адвокати по службена должност.

За случаите „Талир“ и „Титаник“, Груевски од неодамна го брани адвокатката по службена должност, Билјана Крстевска. Таа вели дека сѐ уште не стапила во контакт со клиентот Груевски.

Нови адвокати на Груевски му се и Мехмед Сефери, кој треба да го застапува во предметот „ТНТ“, односно за рушењето на „Космос“. Адвокатот Петар Димовски, пак, ќе треба да го брани во случајот „Насилството во Центар“.

СÉ УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ МУ ПОМОГНАЛ НА ГРУЕВСКИ ДА ИЗБЕГА

Истрагата за бегството на Груевски, пак, може да се каже дека тапка во место, бидејќи сѐ уште не е откриено кој му помогнал да излезе од Македонија.

Документот од Албанија кој неодамна го доби шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, не открива ништо ново.

– Го разгледав документот, но нема ниту една корисна, нова информација. Пишува на кој граничен премин Груевски излегол од Албанија и каде влегол во Црна Гора, а тоа веќе го добивме како информација од Црна Гора. Албанија не го открива она што ние го баравме, а тоа е како влегол во нивната држава. Исто така, нема информации, ниту снимки, за хотелот во Албанија каде што бил Груевски, изјави Русковска за „Фокус“.

Албанија претходно одби да ги достави и снимките од граничните премини, под изговор дека се избришани.

Снимки од граничните премини предаде Црна Гора, а се разгледуваа и снимки од камерите на македонските гранични премини, како и од камерите низ Скопје.

За бегството на Груевски во Будимпешта, Унгарија, во обвинителството исказ досега дадоа телохранителите на екс премиерот и други сведоци.

Груевски минатата година избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Груевски преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Засега неофицијално се шпекулира дека Груевски излегол од државата во близина на граничниот премин „Блато“ кај Дебар.

(АРХИВА) Ќе го потоне ли Катица Јанева СЈО?!

$
0
0

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 18 јануари 2019 година, во број 1215

По бегството на екс премиерот Никола Груевски и отворањето на капијата од затворот „Шутка“ за да излезат Сашо Мијалков и Орце Камчев, сета доверба и репутација што СЈО ја градеше, се сруши како кула од карти. На ваква разврска не се надевале ниту дел од обвинителите, кои не очекувале дека ќе се прават компромиси. За тоа зошто Катица Јанева прво го улови пленот, а потоа и го ослободи, засега само се шпекулира. Сепак, повеќе од јасно е дека доколку СЈО повторно го смени курсот, веќе ќе нема враќање назад. Наместо криминалци зад решетки, ќе добиеме скапо платен театар за народот!

Пишува: Валентина ВУРМО

Кога од притвор излегоа Сашо Мијалков, Орце Камчев, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, атмосферата во СЈО била траорна. Речиси и да немало обвинител што се согласувал со ваквиот потег, но од друга страна, пак, и никој не смеел да се спротивстави на одлуката на шефицата Катица Јанева, која на судот му даде зелено светло за отворање на капијата од истражниот затвор „Скопје“.

Причините и мотивите за ваквиот потег најдобро ги знае Јанева, како што во голема тајност го држела и апсењето на екс директорот на УБК, Мијалков. Пред да се влезе во „Мериот“, само мал круг луѓе, од кои само еден обвинител, знаеле дека ќе се апси „братучедот“, информација која ја затекна и власта, бидејќи со неговото ставање зад решетки им се разниша потребното мнозинство за изгласување на уставните измени.

Затоа е несфатливо, како тогаш Јанева, без воопшто да се грижи за математиката на премиерот Зоран Заев, се впушти во најголемиот лов, а потоа потклекна и реши да ѝ удоволи на власта?!

Во отсуство на вистинските мотиви можеме само да шпекулираме, но повеќе од сигурно е дека ваквиот потег ја разниша довербата во СЈО, дури и кај оние луѓе кои најмногу се крстеа и залагаа за опстојувањето на оваа институција.

Еден од сомнежите беше и дека со овие притвори СЈО сака да ја амортизира штетата што се направи со бегството на екс премиерот Никола Груевски, но по нивното ослободување, односно испраќање во домашен притвор, чашата се преполни.

МИТРОВСКИ: ОСТАВКАТА НА ЈАНЕВА Е НУЖНА!

За бегството на Груевски, вината се бара во три институции и тоа во СЈО, МВР и во судот. Според истрагата на Обвинителството за организиран криминал сѐ уште не може прстот на вина со сигурност да се впери во некоја од институциите, а засега не е откриена ниту логистиката што Груевски ја имал за да излезе од државата.

Но за разлика од бегството, работата со притворите, особено на Мијалков и Камчев, е кристално јасна. СЈО е тоа кое наеднаш предлага мерката притвор да се замени со куќен притвор. А, притисоци, како што дознаваме, имало од сите страни. Од влијателни луѓе во правосудството, до странски моќници. Кој и дали ја скршил Јанева, можеме само да претпоставуваме.

Адвокатот Јанаки Митровски вели дека сѐ уште дава поддршка на институцијата СЈО, но има големи забелешки за обвинителката Јанева.

На СЈО сѐ уште му давам поддршка и имам почит за дел од обвинителите со кои сум работел по предмети, но факт е дека и во случајот со Груевски и со притворите, извршната власт изврши политичко влијание. Ве молам, уште во септември Груевски испразнил 200.000 евра. УЈП по службена должност ја мониторира секоја трансакција над 10.000 евра. Протече и информација дека финансиското разузнавање го известило СЈО за ова, но од таму изостана реакција во смисла на барање мерка притвор во услови кога постои јасна индиција за бегство. Сумирано, евидентен е дилот да се пушти да избега, дециден е Митровски.

Тој вели и дека идентичен притисок е извршен и со укинувањето на притворите.

Внимавајте, СЈО бара притвор поради опасност од бегство повикувајќи се на белешка од УБК, за само еден месец подоцна да бара замена на мерката притвор. Зар испарија и белешката и опасноста од бегство? И тоа баш во периодот кога требаше да се гласаат уставните измени. Ќе се согласите дека е премногу случајно за да биде случајно. Објаснувањето на Јанева дека притворените уверливо ветиле дека нема да бегаат и дека укинувањето на притворот е добро за владеењето на правото, е комична, и за мене како правник навредлива. Сметам дека колешката доби доволно простор и факт е дека не се снаоѓа најдобро. Нејзината оставка во услови на два големи пропусти и дозволување власта политички да влијае, е нужна, вели адвокатот Митровски.

Јанакиески и Божиновски заминаа во притвор веднаш по бегството на Груевски, ситуација која Јанакиески најубаво ја опиша од судница: „Не можевте по магарето, па удривте по самарот“.

Но, набргу СЈО покажа дека може да удри и по „магарето“, па во притвор најпрвин го стави Камчев, еден од најмоќните бизнисмени во државата, а потоа и Мијалков. Сериозната опасност од бегство и влијание врз сведоци наеднаш исчезна, па обвинителството омекна и иако истрагата за „Империја“ сѐ уште не е завршена, реши куќниот притвор да им го додели како новогодишен подарок.

На Камчев, покрај куќниот притвор му е забрането да комуницира со одредени лица и да користи средства за комуникација, како мобилен телефон, но за Мијалков овие забрани не важат. Судијката Весна Димишкова го одби ваквото барање на СЈО, зашто не навеле со кои точно лица да му се забрани комуникацијата. Иако барањето беше испратено на корекција, од СЈО целосно го повлекоа, поради што сега екс директорот на УБК може да комуницира со кого сака, со што пак се доведува во опасност истрагата за „Империја“, бидејќи може да влијае врз луѓе кои се согласиле да соработуваат со обвинителството. Сѐ ќе беше поинаку доколку притворот потраеше додека заврши истрагата, но очигледно е дека на некој му се брзало.

И СЈО Е СВЕСНО ДЕКА КАМЧЕВ И МИЈАЛКОВ МОЖАТ ДА ИЗБЕГААТ

Со пуштањето во домашен притвор на двајцата можеби и најмоќни луѓе во државата се зголеми опасноста и од нивно бегство. За овој факт се свесни и од обвинителството, од каде што самите забележале дека опасноста ја зголемува нивната имотна состојба и релациите со други држави.

Токму затоа на Камчев му се одземени двата пасоша, и македонскиот и бугарскиот.

Осомничениот покрај македонското поседува државјанство и на Р. Бугарија каде што тој и неговото семејство поседуваат недвижен имот на свое име и каде што имаат пријавено живеалиште, воедно осомничениот е сопственик и на повеќе правни лица надвор од Р. Македонија, а кои околности упатуваат дека осомничениот лесно може да се даде во бегство“, наведува Апелацискиот суд.

СЈО признава дека сѐ уште постои основан страв дека и осомничениот Мијалков може да избега имајќи го предвид фактот дека имал пријавено живеалиште во Чешка, тој и неговото семејство поседувале поголем број недвижен имот во и надвор од Македонија, тој поседувал голем број акции во правни лица во Македонија, како и поранешната функција како директор на УБК. Сепак, и покрај сите овие укажувања, СЈО даде зелено светло за куќен притвор.

По сите овие турбуленции кои ја разнишаа довербата во СЈО, иднината на оваа институција е уште понеизвесна ако се има предвид дека по три години од формирањето на Специјалното јавно обвинителство, политичарите повторно ќе ги кршат копјата.

Во моментот кога работната група во Министерството за правда, но и самото СЈО, изготвија законски решенија, да не останат покуси, предлог-закон за СЈО, по свој вкус, подготвувале и неколкумина пратеници. Ним не им е многу важно дали СЈО ќе продолжи како независна самостојна институција или ќе се приклучи како посебно одделение во редовното обвинителство, туку ги засегаат само „бомбите“, односно материјалите од незаконското прислушување.

Наместо како досега, да се користат како докази во судската постапка, тие предлагаат да завршат во ѓубре. Токму така. Сѐ што слушнале обвинителите, да се прават дека не слушнале.

Креаторите на ова законско решение сѐ уште се чуваат во тајност, односно министерката за правда, Рената Дескоска, откри дека постојат, но реши да не ги посочи со прст.

Од СДСМ велат дека предлагачите сигурно не се од нивните редови, бидејќи тие и понатаму ќе се залагале СЈО да продолжи да работи со истиот интензитет и надлежности како и досега. Мувата од капата ја ишкаат и од ДУИ, бидејќи на прашањето испратено до вицепремиерот Бујар Османи дали пратеници од ДУИ имаат изготвено предлог-закон за СЈО, ни одговори: „Не. Ќе има предлог на владата до Собранието.“

Како што неофицијално дознаваме, најверојатно законот се подготвувал во кујната на ВМРО-ДПМНЕ. Наводно истата идеја сакале да ја протнат и пратеници од ДУИ, но се повлекле.

Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија на прашањето на „Фокус“, дали тие се обидуваат да го „зауздаат“ СЈО.

Идејата на политичарите била бомбите да се забранат за користење во иднина, и како индиција и како доказ, со што директно би се загрозиле, односно во вода би пропаднале, триесетина истраги и стотина предистраги.

Иако на прва секој ќе помисли дека ова законско решение нема шанса да помине, сепак фактот што за законот рака треба да кренат 80 пратеници, би значело дека има простор за уценување, односно на крајот да се дојде до компромисно, а не до најдобро правно законско решение.

„БОМБИТЕ“ НЕ МОЖАТ ДА СЕ ЗАБРАНАТ!

Адвокатот Митровски смирува дека ниедно законско решение не може да ги забрани бомбите.

Каков било закон да се донесе, бомбите може да се користат како докази бидејки судот во Стразбур со низа свои пресуди се има произнесено дека кој било доказ, макар и прибавен на илегален начин, може да се користи во постапка доколку се работи за јавен интерес – имено откривање и процесуирање на кривични дела. Имајте на ум дека праксата на Стразбур за нас не само што е облигаторна, бидејки сме потписници на Конвенцијата, туку и има супремација над домицилните решенија, дециден е Митровски.

Ова е како треба да биде, но бидејќи сме Македонија, Митровски предупредува дека се може да се очекува.

Но, ова е Македонија и не би било првпат да одиме контра меѓународно правните норми, сетете се само на амнестијата на воените злосторства, што е изричито забрането и со закон и со меѓународни конвенции. Оттука, тоа е реално сценарио бидејќи е очекувано дека ќе има условувања од страна на гонетите. Доколку ова помине, ќе се изгуби смислата на постоењето на СЈО, бидејки нашите судии судат по диктат на извршната власт пред правните норми, предупредува адвокатот Митровски.

И од Коалицијата сите за правично судење, од каде што редовно ги мониторираат судските рочишта по предметите на СЈО, сметаат дека „бомбите“ не можат да се забранат.

Во однос на „бомбите“ како докази во постапката битно е да се има предвид дека стандардите за докажување, односно оцената на доказите, вклучувајќи ја и оцената на нивната законитост е во исклучителна надлежност на судот, а не и во надлежност на законодавецот. Во прилог на тоа говори и начелото на слободна оценка на доказите согласно член 16 од ЗКП, како и дадените овластувања на судот да одлучува за законитоста на доказите и нивното користење во постапката, наспроти отсуството на закон или било каков пропис кој ја регулира оваа материја, појаснуваат од Коалицијата.

Од таму предупредуваат дека поради сето тоа битно е законодавецот да постапува со крајно внимание со што не би се нарушила независноста на судството во поглед на оцената на доказите.

Останува да се види предлогот на законското решение и дали со него ќе се овозможат услови за СЈО и понатаму да постапува по делата од неговата надлежност, додаваат од Коалицијата.

ЈАНЕВА ИМАЛА АМБИЦИЈА ДА БИДЕ РЕПУБЛИЧКИ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ?

Според законското решение кое е предлог на СЈО, тие и понатаму треба да ја задржат независноста, а се предлага само републичкиот јавен обвинител да може на специјалниот да му дава само општи упатства за заштита на човековите права, интересот на државата, но не и за конкретни предмети.

Според предлогот на работната група на Министерството за правда, СЈО треба да биде посебно одделение, но под капа на републичкото јавно обвинителство.

На ваков став се и од Коалицијата сите за правично судење.

Сметаме дека СЈО треба да опстои како обвинителство, кое согласно Уставот на РМ, треба хиерархиски да се подведе под Јавното обвинителство на Република Македонија кое би функционирало со своевидна независност и со внимателно одбрани механизми на контрола над истото за да не се повтори праксата на уште еден „Судски совет“ на РМ како тело за кое не е предвидено да одговара никому во државата, велат од Коалицијата.

Слично гледиште има и шефицата на Одделението за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска.

Нацрт-законот во некои делови е спротивен на Уставот. Не може да постојат во системот паралелно две обвинителства, без да се смени Уставот. Околу ингеренциите што се даваат на специјалниот обвинител, недозволиво е да има толкава моќ во еден човек, без можност некој да врши контрола. Можеби Јанева нема да ја злоупотреби моќта, но не се знае кој може во иднина да седне на нејзиното место. Мора да има некаква контрола од републичкото обвинителство, вели Вилма Русковска, шеф на ОЈО за гонење организиран криминал.

Неофицијални извори, пак, тврдат дека во еден период и самата Катица Јанева имала амбиција да се приклучи на Републичкото јавно обвинителство, но не со својот тим, туку самостојно, како шеф на обвинителството. Наводно, Јанева сакала да конкурира на конкурсот на кој победи Љубомир Јовески, а шпекулацијата оди дотаму што со идејата на колегиум ги шокирала обвинителите од нејзиниот тим, кои би биле оставени сами на себе. Но, наводно, Јанева подоцна се откажала од идејата, а на шефовската фотелја седна обвинителот Јовески.

Според новиот законски предлог, освен прислушувањето, како досега, СЈО ќе може да гони кривични дела што ги извршиле претседателот на државата, поставените амбасадори и други претставници на државата во странство и именувани лица од претседателот на државата, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје и одговорни лица во политичките партии против изборите и гласањето; животната средина и природата; културното наследство и природните реткости; јавните финансии, платниот промет и стопанството.

СЈО ќе може да гони дела што ги сториле вооружените сили; дела против службената должност и јавниот ред, како и кривичните дела неовластено одавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите што се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица од Законот за заштита на сведоците и кривично дело давање лажен исказ, спречување докажување, незаконито влијание врз сведоци, присилба према правосуден работник, спречување службено лице во вршење службено дејствие, ако овие дела се сторени во врска со постапки што ги води специјалното јавно обвинителство.

Законското решение од пратениците, пак, сѐ уште не е официјализирано, иако уште сега предизвика паника, со барањето за забрана на бомбите.

НАМАЛУВАЊЕТО НА КАЗНИТЕ ЌЕ ГО УНИШТИ СЈО

Но, се чини дека уште поголема закана за СЈО, односно за сето она што досега го сработиле, од новиот законски текст, е доколку се протнат планираните  измени на членот 353 став 5, односно намалување на казната предвидена за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување при јавните набавки“, од Кривичниот Законик.

Пратеници од владејачкото мнозинство неодамна поднесоа предлог за намалување на казната од овој член, со што од кривичен прогон би се спасиле голем број поранешни функционери обвинети и осомничени од СЈО. Затоа овој потег во јавноста се протолкува како втора амнестија, со која би им се удоволило на дел од одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за да гласаат за уставните измени, но поради поголемиот притисок од јавноста, измените беа повлечени.

Со нив се планираше да се намали најниската предвидена казна, односно од најмалку пет години затвор, таа да се намали на четири години. Иако на прва изгледа дека една година не менува ништо, сепак, во суштина значи многу, бидејќи на тој начин би застариле поголемиот број кривични дела за кои се гонат екс функционерите. Голем дел од криминалот е сторен во 2011 и во 2012 година, што би значело дека тие дела застаруваат наскоро, односно за осум години би настанала апсолутна застареност, поради што би морало да запре и прогонот.

Сепак, можноста за оваа измена е сѐ уште отворена, бидејќи министерката за правда Рената Дескоска најави дека е можно да се интервенира во Кривичниот Законик, и тоа баш во делот на висината на предвидените казни. Таа не одговори конкретно дали тоа ќе се однесува точно на членот 353 став 5, но рече дека предвидените казни за голем број кривични дела биле многу високи, одмерени од една репресивна власт, па затоа било време да се намалат.

На овој начин би се спасила екс министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, бидејќи кривичното дело за кое се гони за случајот „Тендери“, би застарело оваа година.

Многу кривични дела би застареле и за Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Тони Јакимовски, Владимир Пешевски, а од прогон би се спасил и Антонио Милошоски, кој засега е само осомничен во истрагата за „Моќник“. Би пропаднал и предметот „Траекторија“, односно изградбата на автопатиштата, каде што е утврдена штета од неверојатни 100 милиони евра.

Намалување на казната веќе беше направено кај членот 275-в од законот што се однесува на злоупотреба на постапката за јавен повик и доделување на договор за јавна набавка. По оваа измена од затвор може да се спаси бизнисменот Сеад Кочан и Василије Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ, кои добија првостепена пресуда за случајот „Труст“.

Со предложените законски измени се отвори можност Апелацискиот суд да ја ублажи казната за Авировиќ, односно тој ќе може да добие можност за условна казна. Исто така, доколку Апелација го врати предметот од почеток, се заканува и застарување.

Сума сумарум, поради ваквите политички нагодувања, целокупната работа на СЈО за миг би можела да падне во вода, и сѐ да се претвори во скапо платен театар за народот.

Но, едно е сигурно, дека оваа цена нема да бидат должни да ја плаќаат неколкумина исклучителни обвинители, истражители и стручни соработници, кои се дадоа со срце и душа, водејќи се само од правото и правдата. Токму затоа не може да се премолчи фактот дека СЈО излезе од колосек. Време е да се врати на вистинскиот пат, водејќи се од правото и никако поинаку!

ЛУПЕВСКА: СЈО НЕ ЈА ИСПОЛНИ ЗАДАЧАТА НА ОТЧЕТНОСТ!

СЈО во последно време не го бие убав глас и меѓу новинарите, бидејќи обвинителството е затворено за јавноста, иако се залагаше за транспарентност.

За жал, според мене СЈО е нетранспарентно и многу ретко се случува да добиеме изјава, а камоли брифинг за одредена тема. За разлика од редовното Обвинителство, кое и во времето на Зврлевски или кој било претходен обвинител излегувало во пресрет на новинарите за одговор на нивните прашања, било официјално или неофицијално. Како уредник на „Телма“ неколкупати сум и укажала на обвинителката Катица Јанева дека СЈО е нетранспарентно, но за жал, укажувањата не вродија со плод. СЈО особено беше нетранспарентно во отчетот за тоа како ги трошат средствата од буџетот кои им се доделени во делот на плати, хонорари и ангажирање на експерти. Сметам дека СЈО не ја исполни задачата на отчетност и транспарентност кон јавноста, вели уредничката Снежана Лупевска од „Телма“.

ДОВЕРБАТА ВО СЈО НАМАЛЕНА

Опаѓа довербата на граѓаните во СЈО. Ова го покажа последната анкета на Телма и МЦМС, спроведена во ноември 2018 година. Институцијата, која од формирањето беше на врвот и можеби една од институциите со најголема доверба досега, сега доби недовeрба од 53,5 проценти од испитаниците, наспроти 41 процент што ѝ дадоа доверба.

Претходните анкети, пред година дена, покажуваа дека довербата на граѓаните во СЈО била 63 проценти, а против 28 проценти од испитаниците.

ФУНКЦИОНЕРИ НА ДУИ НЕ ЗБОРУВАЛЕ ЗА КРИМИНАЛ ПО ТЕЛЕФОН, ТУКУ ПЕЕЛЕ!

Евидентно е дека иако беа дел од власта, функционерите од ДУИ се на некој начин „поштедени“ од СЈО. Освен еден судски предмет против нивен функционер, осомничени се и лидерот Али Ахмети, во истрагата за „Попис“ и Бујар Османи во „Пациент“, но засега нема индиции за откривање на некој посериозен криминал во нивните редови. Како што неофицијално информираа извори од СЈО, овие функционери како да знаеле дека се прислушува, па затоа биле многу внимателни во разговорите. Односно имало ситуации кога некој соговорник ќе почнел разговор „што не е за по телефон“, соговорникот од ДУИ почнувал да пее, а набргу и разговорот завршувал. Сепак, дали било сѐ така, останува само да им веруваме на „слушателите“ од СЈО.

 

АРХИВА МЕПСО потроши половина милион евра за мебел и софтвер, а пари за трафостаници и за далновод лежат на сметка

$
0
0

Текстот е објавен на 05 јули 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1239

Во рамки на кадровското проветување што предизборно го најави премиерот Зоран Заев, деновиве е предложена смена на десетиици директори и членови на одбори. Меѓу функционерите за кои е предложена смена се и директорот на МЕПСО Сашо Василевски, како и тројца членови на Управниот одбор – Ненад Крстевски, Томи Божиновски и Магдалена Чижбановска. Неодамна, Фокус пишуваше токму за структурата што управува со државната компанија за пренос на електрична енергија, која ја одбележаа неколку контроверзни јавни набавки, додека истовремено продолжи слабата динамика на искористување на обезбедените кредитни средства за капитални инвестиции.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Со години наназад акционерските друштва во државна сопственост служат како база за засолнување на регрутираните партиски кадри, со оглед дека бројот на вработени во овие таканаречени државни компании постојано се зголемува независно од нивните реални потреби и можности.

Исто така, преку овие субјекти се задовoлуваат и одредени лични и бизнис-интереси, имајќи предвид дека тие, вршејќи ги нивните надлежности во сегментот каде што делуваат, трошат големи суми преку тендерски постапки или, пак, преку договори за адвокатски и друг тип интелектуални услуги.

За волја на вистината, по промената на власта вработените во овие државни компании почнаа да се евидентираат во регистрите на вработени во јавниот сектор, додека истовремено тие почнаа далеку поекономично и поефикасно да ги трошат јавните пари.

Арно, ама, факт е дека не престана практиката да се вработуваат нови луѓе, ниту, пак, да се спроведуваат сомнителни тендерски постапки во милионски износи, кои честопати ги добиваат компании што токму владејачките партии ги квалификуваа како контроверзни додека беа во опозиција.

Во тој контекст, неодамна пишувавме за државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ, која беше во центарот на вниманието откако во неа се вработија неколку блиски роднини на високи државни функционери.

Покрај тоа, крајно симптоматично е тоа што друштвото за производство на струја сè уште не ги спроведе ветените набавки за сопствена механизација за ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола, а паралелно со тоа продолжува да троши милионски средства за ангажман на надворешна механизација од приватни компании.

Но, овој пат ќе се сосредоточиме кон уште една државна компанија од енергетскиот сектор – АД МЕПСО, чијашто основна дејност е непречен пренос на електричната енергија, управување со електроенергетскиот систем и редовен и навремен тек на електрична енергија до дистрибутивната мрежа на ЕВН Македонија и до директните потрошувачи.

По политичките промени, на чело на ова друштво застана правник, поранешен адвокат и член на Советот на јавни обвинители, што претставуваше своевиден куриозитет. За време на неговото директорување, се спроведоа неколку скандалозни јавни набавки, како на пример набавка на фотели од телешка кожа.

Во меѓувреме, факт е дека се поместија работите при реализација на капиталните проекти, за што многу одамна беа обезбедени кредитни средства. Меѓутоа, исто така факт е дека голем дел од овие средства се уште лежат неискористени на банкарска сметка, за што државната компанијата плаќа провизии.

УЛОГАТА НА СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ ВРЗ СУДБИНАТА НА „ПУЧ“

Набрзо по изборот на новата влада на чело со премиерот Зоран Заев кон средината на 2017 година, генерален директор на АД МЕПСО стана Сашо Василевски, кој воедно е и претседател на Управниот одбор.

Според неговата официјална биографија, тој работел во сопствена адвокатска канцеларија во родниот Ресен од 1997 сè до 2006 година, кога станува заменик министер за правда во тукушто формираната влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

Поточно, тој не е избран за заменик на тогашниот министер за правда Михајло Маневски како кадар на ДПМНЕ, туку од редовите на тогашниот помал коалициски партнер во владата, Тито Петковски, кој се отцепи од СДСМ и ја формираше НСДП непосредно пред изборите во 2006 година.

По предвремените парламентарни избори во 2008 година, кога ДПМНЕ ја зацврсти власта, Василевски се дистанцира од новите социјалдемократи, кои се преселија во опозиција и влегоа во процес на фрагментација на партиското ткиво.

Во тоа време тој влегува во Комисијата за правосуден испит, каде што останува до 2010 година, кога повторно почнува да работи како адвокат во Ресен.

Веќе во 2011 година, кога Груевски победи на уште едни предвремени парламентарни избори, Василевски станува член на Советот на јавни обвинители и ја врши оваа функција сè до неговиот избор за директор на МЕПСО во 2017 година.

Додека Василевски е член на Советот на јавни обвинители, ова тело за именување и разрешување на јавните обвинители одигра клучна улога околу предметот „Пуч“, отворен од страна на Јавното обвинителство во 2015 година против Заев и уште неколку лица за шпионажа, неовластено снимање и насилство врз институциите.

По неколкумесечно натегање, Советот одлучи дека надлежно за случајот не е регуларното, туку Специјалното обвинителство, кое на почетокот на 2017 година го повлече обвинението, со образложение дека доказите и сознанијата што ги обезбедиле во рамки на истрагите за „Таргет Тврдина“ говореле дека незаконското прислушување се вршело по пат на злоупотреба на системите во МВР со знаење и директиви на тогашниот полициски и политички врв.

ПРАВНИЦИ НА ЧЕЛО НА ЕНЕРГЕТСКА КОМПАНИЈА

Само половина година подоцна Заев успеа да формира нова влада заедно со ДУИ и другите коалициски партнери, која веднаш назначи нови членови на Надзорниот одбор на МЕПСО, каде што, покрај другите, може да се сретнат двајца поранешни пратеници – Николче Ацески од НСДП и Назиф Буши од ДУИ.

Потоа, НО избра нови членови на Управниот одбор, чијшто претседател и воедно генерален директор стана Василевски. Иако тогашната систематизација на работни места за оваа позиција предвидуваше машински или електротехнички факултет, сепак, од МЕПСО велат дека именувањето на Василевски е во согласност со Законот за трговски друштва, каде што за оваа позиција се предвидува единствено високо образование.

Како и да е, подоцна негов заменик стана Биљен Салији, кој беше избран за министер за правда во првиот владин кабинет на Заев, но поднесе оставка поради случајот со малиот Алмир во Куманово и доби нова функција во МЕПСО.

Исто како и неговиот надреден, и Салији е дипломиран правник, чие работно искуство нема допирни точки со енергетиката, со оглед дека работел како советник за односи со јавност во Општина Врапчиште, како директор на јавното комунално претпријатие во оваа општината и како прв човек на Инспекторатот за шумарство и ловство.

Што се однесува до другите членови на ова тело, некои од нив доаѓаат од МЕПСО, каде што во изминативе години вршеле разни раководни позиции, како што е случајот со Борко Алексовски и Сашо Стефановски, додека еден од нив членувал во ова тело и пред промената на политичките и енергетските власти.

Станува збор за директорот на правниот сектор Ненад Крстевски, кој е член на УО на МЕПСО уште од 2014 година, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, тој бил помошник раководител на Секторот за јавни набавки во Општина Центар од 2010 до 2014 година, токму во периодот кога се спроведуваше проектот „Скопје 2014“, кој во значителна мера се реализираше преку оваа општина.

Меѓу другите членови на ова тело може да се сретнат некои лица што дојдоа на овие позиции однадвор, како што е случајот со директорката за финансикиот сектор Магдалена Чижбаноска – Вангелов, која претходно работела во Управата за јавни приходи.

За разлика од неа, директорот на ИТ Секторот Томи Божиновски доаѓа од приватниот сектор, односно пред да влезе во УО на МЕПСО бил директор на компанијата „Мастерлајн“, која во меѓувреме е преименувана во „Сигмател“.

ДИСКВАЛИФИКУВАН КОНКУРЕНТ, ДОГОВОР СО ЕДЕН ПОНУДУВАЧ

Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Сигмател“ на крајот на минатата 2018 година склучил договор со Македонската академска истражувачка мрежа „Марнет“ за информатичка и комуникациска опрема. Вредноста на овој тендер изнесувала вкупно 2.400.000 денари, при што „Марнет“ со „Сигмател“ склучил договор за еден од четирите лота во вредност од 470.000 денари.

Притоа, најголемиот дел, во вредност од 1.772.500 денари, го добила компанијата „Кернел Гроуп“, додека преостанатите два помали дела ги добиле компаниите „Марк ИТ“ и „АМЦ“.

Токму „Кернел гроуп“ влегла во трка за еден од највредните тендери што ги спроведе МЕПСО во последниот период. Се работи за набавка, во мај годинава, на таканаречен AMR/MDM-систем, во чиишто рамки МЕПСО склучил договор со „Виста Груп“ во износ од 25 милиони денари.

Како што велат од МЕПСО, заради комплексноста и спецификата на системот многу е ограничен бројот на компании кои развиле и нудат вакви комплексни хардверско-софтверски решенија што ги користат електропреносните систем-оператори.

Во оваа тендерска постапка првично се пријавила и „Кернел Гроуп“, но, според информации од МЕПСО, оваа компанија била дисквалификувана во фазата на евалуација поради недостатоци во банкарската гаранција.

Така, „Виста Груп“, без да учествува на електронска аукција, на крајот поднела конечна цена како единствен понудувач која, патем, била еднаква на проценетата вредност на договорот, плус ДДВ.

Речиси истовремено со оваа постапка, во која „Кернел Гроуп“ направила пропуст на тој начин што доставената банкарска гаранција немала важност од најмалку 14 дена по истекот на понудата, како што пропишувала тендерската документација, истата компанија добила друг тендер од МЕПСО.

Поточно, друштвото за пренос на струја во март годинава склучило договор за мрежна опрема во износ од околу 3 и пол милиони денари со „Кернел Гроуп“ како единствен понудувач. За разлика од претходната постапка, во овој случај компанијата во сопственост на Романецот Драгош Александру Калин ги испочитувала сите правила, вклучително и за банкарската гаранција.

Сепак, нејзината елиминација од тендерската постапка за AMR/MDM-системот ѝ ја овозможи најголемата јавна зделка во последните години на „Виста Груп“, чиј сопственик и управител е Ана Анчевска. Но, медиумите своевремено ја доведуваа оваа компанија во корелација со „Виста Процесинг“.

Имено, „Виста Процесинг“ доби 3 милиони евра од Министерството за финансии, додека министер беше Груевски, за проектот Национална платежна картичка, каде што, пак, директор беше Дарко Дулиќ, некогашен соработник на Влатко Мијалков во македонската царина. Само една година откако го доби плодниот бизнис, „Виста Процесинг“ падна во стечај, а неколку месеци потоа се формираше „Виста Груп“, и тоа на истата адреса.

НАБАВКА НА ФОТЕЛЈИ И СТОЛОВИ ОД ТЕЛЕШКА КОЖА

Во контекст на начинот при располагање и трошење на средствата, во јавноста силно одекна тендерот за набавка на мебел од страна на МЕПСО, во чии рамки се предвидуваше и набавка на специфичен мебел изработен од природна телешка кожа.

Всушност, набавката на вакви парчиња беше дел од поголема набавка на мебел, за што МЕПСО на почетокот на годинава склучи договор со „Леснина инженеринг“ во вредност од 13 милиони денари за набавка на кујни, канцелариски мебел и гарнитури за седење, како и со „Офис и Ко“ во износ од 3.200.000 денари за гардеробери, сталажи и ормани.

Во рамки на првиот лот се јавиле 4 компании, а во вториот лот се јавиле 2 компании, поради што вкупната набавка на крајот испаднала безмалку двојно помалку од проценетата вредност, што укажува дека конкуренцијата и негативното наддавање обезбедуваат значителни заштеди во јавната каса.

Во тендерската документација и техничката спецификација за оваа набавка се наведува дека, покрај другото, потребни се клуб-фотелји и ергономски столови со седиште и наслон од природна телешка кожа, кои ќе се користат во канцелариите на генералниот директор, кај неговата секретарка и кај директорите на секторите и подружниците.

Воедно, се испланирала набавка и на конференциски столови од телешка кожа со подножје со алуминиумска ѕвезда за сала за состаноци и со други специфични карактеристики.

Како што стои во договорот што МЕПСО го потпишал со „Леснина инженеринг“, за канцеларијата на генералниот директор биле набавени 28 клуб-фотелји од телешка кожа во вкупна вредност од 596.500 денари, како и уште 5 парчиња фотелји од друг модел за вкупно 148.500 денари.

За канцеларијата на неговата секретарка, пак, биле набавени 6 клуб-фотелји од телешка кожа за вкупно 113.000 денари, што значи дека биле набавени вкупно 39 фотелји од природна телешка кожа во вкупна вредност од 858.000 денари со ДДВ.

Воедно, биле набавени уште десетина фотелји од кожа (без да се прецизира каква) и од микрофибер-штоф, така што МЕПСО во делот на гарнитури за седење потрошил вкупно околу 1 и пол милиони денари, додека останатите десетина милиони денари биле потрошени за кујни, канцелариски мебел, гарнитури за седење…

Од МЕПСО објаснуваат дека мебелот од телешка кожа им е потребен за состаноци и за прием на гости, но останува дилемата дали овој трошок е неопходен или претставува луксуз?

Во меѓувреме, друштвото сè уште не успева во целост да ги деблокира капиталните проекти отпочнати уште за време на претходниот менаџмент. Во таа смисла, постои поместување на процесите, но останува впечатокот дека тоа се одвива со слаба динамика, од едноставна причина што две години по промената на менаџментот се уште стојат неискористени средсва во банка.

ПРОВИЗИЈА ЗА НЕИСКОРУВАЊЕ НА ОДОБРЕН КРЕДИТ

Во извештајот на Државниот завод за ревизија, изработен во 2017 година за работата на МЕПСО во 2016 година, се наведуваат проблеми при реализацијата на капитални инвестиции врз основа на два заема.

Едниот од нив е одобрен во 2013 година во износ од 25 милиони евра за рехабилитација и далечинска контрола на трафостаниците и преносната мрежа, кои МЕПСО требало да ги повлече во 12 транши во рок од 48 месеци, или до 2017 година. Меѓутоа, заклучно со ревизијата биле повлечени само 3 транши од 3.500.000 евра, што значи дека останале неискористени 9 транши од 21.500.000 евра.

Арно, ама, ревизорите посочуваат дека за овие средства била платени 250.000 евра за одобрување на заемот, бил склучен договор со консултант од над 800.000 евра, додека по основа на провизија за неповлечени средства биле платени речиси половина милион евра.

Од септември 2017 година до сега се склучени договори за модернизација на 10 трансформаторски станици и за изградба на 5 нови далноводи. Вкупната инвестициска вредност на овие тековни проекти е 26 милиони евра. Ова е најголем инвестициски инфраструктурен фронт од основањето на МЕПСО во 2005 година“, велат од МЕПСО, информирајќи дека активностите за модернизација привршуваат во трафостаниците „Дуброво“, започнале во трафостаницата „Валандово“, а наскоро ќе започнат и во трафостаниците: „Битола 2“, „Скопје 4“, „Осломеј“, „Прилеп“…

Ако средствата од овој заем веќе почнаа во одредена мера да се резервираат и трошат, во поглед на заемот од 50 милиони евра што државната компанија го доби од ЕБРД во 2015 година за поврзување со Албанија преку 400 киловолтен далновод од Битола до Елбасан и за изградба на трафостаница во Охрид, сè уште не е избран изведувач.

Ревизорите утврдиле дека воопшто не биле повлечени средства од оваа кредитна линија, па за провизија за неповлечени средства платила 272.000 евра. Според ДЗР, тоа доведува до ниска ефикасност на ангажираните средства и ресурси, нанесување на финансиска загуба и нарушување на рејтингот на компанијата и до предизвикување ризик врз безбедноста на електроенергетскиот систем.

Од август 2017 г. актуелниот менаџмент започна интензивни активности за откочување на овие процеси, избран е консултант ( странска консултантска компанија), отстранети се пропустите во тендерската документација и очекуваме скоро распишување на меѓународните тендери“, објаснуваат од МЕПСО, најавувајќи дека се очекува тендерите да бидат објавени во текот на месецов.

Додека МЕПСО вработува стипендисти
КОМПАНИЈАТА ТРОШИ ПАРИ ЗА АДВОКАТСКИ УСЛУГИ ИАКО РАСПОЛАГА СО СВОИ ПРАВНИЦИ

Од МЕПСО велат дека немало ништо спорно во случаите што излегоа во јавноста поврзани со вработување на неколку роднини на јавни и партиски функционери, како сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши, ќерката на поранешниот градонаначалник ан Гостивар Невзат Бејта итн.

Со последниот оглас за вработување на 23 лица, примивме 18 инженери, меѓу кои шестмина електро-инженери кои се стипендисти на МЕПСО, ЕСМ и ЕВН. МЕПСО за прв пат вработува стипендисти и со овој потег даде придонес во активностите за задржување на млади стручни кадри во својата татковина“, велат од МЕПСО.

Инаку, во МЕПСО вработени се над 600 луѓе, од кои има десетмина правници, меѓутоа, како што објавија медиумите, компанијата потропиле големи суми за адвокатски услуги, при што меѓу ангажираните адвокати биле довчерашниот организациски секретар на СДСМ Миле Зечевиќ и поранешната министерка за правда Мери Младеновска.

АРХИВА Пред аферата „Рекет“, Зоки Кичеец и неговиот татко купиле куќа и станови во Скопје и Охрид

$
0
0

Текстот е објавен на 19 јули 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1241

Второосомничениот во истрагата што се води за изнуда, трговија со влијание и перење пари, Зоран Милески, никогаш не вршел значајни функции, ниту поседувал моќни компании, меѓутоа стекнал вреден и атрактивен недвижен и движен имот. Според податоците што ги обезбедивме, тој и блиски членови на неговото семејство поседуваат пространи куќи и станови во Скопје, како и лукзусни апартмани во Охрид, од кои голем дел се стекнати  во претходните 2017 и 2018 година. Покрај тоа, информациите говорат дека тој поседува и вреден возен парк со милионска вредност.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Истражната постапка што ја отвори обвинителството за гонење на организиран криминал за изнуда, трговија со влијание и перење на пари, предизвика земјотрес во целокупната јавност, од едноставна причина што лицата кои се предмет на истрагата и прогонот важеа за силно етаблирани и длабоко вмрежени со разни структури во извршната и судско-обвинителската власт.

Како што е веќе познато, првоосомничен е неформалниот сопственик на 1 ТВ Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој доби 30-дневен притвор заедно со второосомничениот – Зоран Милески, со прекар Зоки Кичевец. Инаку, тие се сомничат дека зеле 1 и пол милиони евра од познат скопски бизнисмен, за да влијаат кај јавен обвинител во негов интерес во друг предмет каде тој бил опфатен.

Впрочем, таргетот требало да им исплати на уценувачите уште 5 милиони евра, но наместо да одигра конструктивно, тој одлучил да преземе контрамерки, така што, со помош на една странска држава, чиј државјанин всушност е уценуваниот (поседува двојно државјанство), целата операција била документирана и проследена до обвинителството, заедно со кривична пријава.

Иако од обвинителството не ги открија имињата на, условно кажано, предаторите и пленот, повеќе од јасно е дека, според досегашната истрага, Боки 13 и Зоки Кичевец го рекетирале бизнисменот Орце Камчев за да влијаат кај специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со цел добие поволна разврска во предметот „Империја“, каде, заедно со десетина други бизнисмени, е осомничено лице.

Додека се ројат претпоставки и се нижат шпекулации во која насока може да се развие истрагата, односно дали и до кои високи јавни и партиски функционери може да допре (неофицијалните информации водат кон двајца пратеници од СДСМ, кои до вчера вршеа и високи партиски функции), се поставува прашањето како се формирала оваа група, која, според наводите од предистражната постапка, рекетирала бизнисмени?

Притоа, особено внимание привлекува второосомничениот, кој долги години се споменуваше како дел од бизнис олигархијата блиска до екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, прв братучед на азилантот Никола Груевски. Кој е Зоки Кичеец, што го поврзува со Камчев и како се здружил со Боки 13?

ФИЗИЧКА ПРЕСМЕТКА ПА ОБНОВА НА ПРИЈАТЕЛСТВОТО

Според информациите со кои располагаме, откако се преселил од родниот Охрид во Скопје, првиот поважен контакт го остварува во 2005 година со тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање во владата на СДСМ, Миле Зечевиќ, кој, пак, беше организациски секретар на социјалдемократите се додека не беше променет во рамки на операцијата „метла“.

По промената на власта во 2006 година, кога нова влада формираше ВМРО-ДПМНЕ, Зоки Кичеец се престројува со помош на Дејан Митровски познат како Урко, долгогодишен шеф на обезбедувањето на поранешниот премиер Груевски. Арно ама, како што велат упатените, Кичеец и Урко во период од две години ја расипуваат калимерата без некоја поголема и посериозна причина, туку едноставно поради борба за престиж чие име е повлијателно.

Откако веќе се позиционира на „улицата“, Зоки Кичевец го трасира патот кон „елитата“, преку браќата Сашо и Влатко Мијалкови. Паралелно со тоа, велат нашите соговорници, Кичеец се зближува и со Камчев.

Меѓутоа, меѓу нив двајца дојде до сериозен инциндент во 2013 година, кога Кичеец физички го напаѓа Камчев во скопското кафуле „Интермецо“. Во оваа ситуација, Сашо Мијалков застанува на страната на Камчев, па дури негови блиски луѓе го претепуваат Кичеец како казна и лекција за непромислениот напад врз Камчев.

Сепак, по политичките промени во 2017 година, Мијалков и Камчев одлучуваат секој да фати свој пат и да влезат во процес на поделба, но тоа не оди така лесно поради отпорот на Мијалков. Па, во рамки на овој „разводен“ процес, Кичеец застанува на страната на Камчев, со кого претходно веќе ја обновил комуникацијата.

Пред повеќе од една година, Кичеец и Камчев можеа да се видат еден до друг на отворањето на ребрендирана бензиска пумпа „Гулф Оил“ во скопска Кисела Вода на нафтената компанија „Супертрејд“ на бизнисменот Владимир Стајиќ, кој, исто така, беше дел од фронтот контра Мијалков.

Тоа е сосема логично ако се знае дека Стајиќ и Мијалков станаа меѓусебна конкуренција во нафтениот бизнис, со оглед дека „Бест Веј Инвестмент“ на синот на Мијалков – Јордан Мијалков влезе во овој бизнис преземајќи ја „ОМ Петрол“ од Масар Омерагиќ.

НЕОФИЦИЈАЛНО ВО НАФТЕНИОТ, ОФИЦИЈАЛНО ВО ТРАНСПОРТНИОТ БИЗНИС

Неколку години наназад, името на Кичеец неофицијално се поврзуваше со компанијата „Сан Петролеум“, формирана во 2014 година од офшор компанија, а официјално управувана од грузиските државјани Иракли Сванидѕе и Џорџ Абдушелишвили. Оваа компанија го носеше истиот назив како албанската фирма која ја поседуваше лиценцата од „Гулф Оил“ и која беше екслузивен застапник и за Македонија.

Сепак, на „Сан Петролеум Албанија“ и беше одземена лиценцата минатата 2018 година поради измама со купони. Набргу потоа, Регулаторната комисија за енергетика констатираше престанок на лиценцата на македонската „Сан Петролеум“ за трговија со нафта и нафтени деривати, со образложение дека прекинале да ја вршат дејноста, односно дејноста со подлиценца почнува да ја врши „Супертрејд“.

Иако Кичеец настапувал во името на „Сан Петролеум“, од „Супертрејд“ велат дека тој нема никаква врска со нивната компанија, која ја презеде лиценцата за дистрибуција и продажба на нафта од американската „Гулф Оил“. Воедно, од таму тврдат дека немаат никаква поврзаност со компанијата која со нејзиниот назив го носи брендот Гулф – „Гулф Компани ДООЕЛ“, формирана од Филип Гочевски со паричен влог од над 2 милиони денари во март 2017 година, неколку месеци пред „Супертрејд“ да стане ексклузивен дистрибутери на Гулф Оил.

Доколку Кичеец не може да се доведе во формална релација со нафтениот бизнис, тогаш може слободно да се каже дека бил дел од транспортниот бизнис. Имено, тој беше дел од сопствеништвото на такси компанија и вршеше функција во авиопревозник, кои веќе практично не функционираат.

Според податоците од Централниот регистар, Зоки Кичеец станал косопственик на „Ин Такси“ во 2011 година, една година по нејзиното формирање. Тој е дел од сопственичката структура на друштвото се до 2015 година, кога излегува од компанијата, која се уште постои на хартија, но во практика не функционира бидејќи тимот се распушти и се пресели во други такси компании.

Претходно, Кичеец беше претседател на Управниот одбор на „МАТ Ервејз“, формирана со српски капитал по распадот на Македонскиот национален авиопревозник МАТ во 2010 година. Оваа компанија, чиј стратешки партнер беше српски „Контики Травел“, главно оперираше со чартер летови од Белград. Меѓутоа, за кусо време компанијата падна во стечај, кој беше заклучен во 2016 година.

ДВОЈНА ИГРА – ДЕМЕК ЗАШТИТА, А ВСУШНОСТ ИЗНУДА

Во истиот период, односно во 2012 година, се отвора ексклузивниот ресторан „Арабеска“ во строгиот центар на Скопје, кој всушност се наоѓаше во деловен простор на штипската компанија „Брилијант“ на Мите Николов, неодамна откупена од прилепска „Витаминка“. Впрочем, неговиот син Мишко Николов му беше партнер на Кичеец заедно со сириските државјани  – Омир Шахда и Калед Балан во правното лице „Арабеска“, кое формално се уште постои.

Настрана тоа, Зоки Кичеец извесен период работи и во Царинската управа, каде неговиот кум Влатко Мијалков имаше позиција на советник, но всушност беше шеф во сенка, што му задаваше главоболки на тогашниот директор Ванчо Каргов. По извесно време, тој е деградиран на пониска позиција, но никогаш немаше институционален епилог за причините поради кои тоа се случи? Кој беше гревот на Кичеец?

Во секој случај, упатените велат дека неговите сопственички удели во „Ин Такси“ и „Арабеска“, како и работните позиции во „МАТ Ервејс“ и царината, ни оддалеку не го исцртуваат профилот на Милески. Според нив, тој главно делувал како посредник меѓу бизнисмемени и политичари, и, користејќи ги врските на едната и на другата страна, помагал при склучување на бизнис зделки. За соодветна сатисфакција, се разбира.

Токму тоа е и неговата улога во последниот случај познат како „Рекет“. Освен што повторно се зближи со Камчев, па дури  беше вработен во негова компанија, тој одамна се познава и со Боки 13. Пред да стане крупен фактор во бизнис светот и да изгради јаки политички конекции, Кичеец работел во разни локали и ресторани, при што, покрај многуте луѓе, со запознал и со човекот со кого заедно заработија притвор.

Имено, Милески настапувал пред Камчев со став дека го заштитува и му обезбедува привилегии во кривичната постапка за „Империја“, а всушност целосно бил синхронизиран со првоосомничениот Боки 13 со цел извлекување на пари. Познавачите велат дека на сличен начин им пристапувал и на други бизнисмени, при што голем дел биле кооперативни.

Проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности покажуваат дека Зоки Кичеец и негови блиски роднини поседуваат атрактивен и вреден недвижен имот во Скопје и Охрид, од кој значителен дел е скоро стекнат. Покрај тоа, сознанијата говорат дека поседува вреден возен парк со милионска вредност.

ИМОТ НА ИМЕ НА БЛИСКИ РОДНИНИ, МОЖНА Е КОНФИСКАЦИЈА

Адресата на живеење на Зоран Милески е на улицата „Девол“ во скопската општина Карпош. Според Катастарот на недвижности, на оваа адреса се наоѓа станбен објект со вкупна површина од 697 квадратни метри, чии сопственици се сопругата на Милески – Мелина Милеска, како и нивните деца. Основниот проект за куќата е изработен во 2009 година, додека техничкиот преглед е извршен во 2018 година.

Како физичко лице, Милески се јавува како единствен сопственик на друга парцела во непосредна близина со број 4861/1, чија површина изнесува 832 квадратни метри, каде е изграден објект со површина од 893 квадратни метри. Доколку се погледне правниот основ за стекнување на имотот, произлегува дека Кичеец ја стекнал оваа пространа куќа врз основа на договор за купопродажба, солемнизиран на крајот на минатата 2018 година.

Исто така, тој се јавува и како сопственик на недвижен имот во родниот Охрид. Имено, официјалните податоци откриваат дека поседува земјиште од околу 300 квадратни метри и два станбени објекти во стариот дел на Охрид со вкупна површина од над 100 квадрати, стекнати врз основа на договор за купопродажба кон крајот на 2017 година.

Воедно, тој поседува луксузен апартман на уште една атрактивна локација покрај Охридското езеро. Се работи за апартман во хотелскиот комплект „Инекс Горица“, од неодамна ребрендиран во „Инекс Олгица“, со површина од над 50 квадратни метри (ИЛ 103627), стекнат во 2013 година согласно договор за размена на имот.

Покрај него, значителна квадратура на недвижен имот поседуваат и негови блиски роднини. Така, неговиот татко Насте Милески се јавува како сопственик на два стана во зграда на булеварот „Теодосиј Гологанов“, со вкупна квадратура од над 100 квадрати, стекнати врз основа на купопродажен договор склучен на крајот на 2018 година. Како инвеститор на овој станбен објект се јавува компанијата „Трим“ со седиште во Охрид, чиј косопственик е стружанецот Менди Ќира, поранешен политички функционер.

Понатаму, постариот Милески поседува станбен простор од 150 квадратни метри во скопско Водно, односно на улицата „Ѓорги Скрижевски“, по пат на договор за купопродажба од крајот на 2017 година. Притоа, Милески поседува делови и од други станбени единици од оваа зграда заедно со извесен Димитар Јосифовски, но и заедно со компанијата „Настел“ на Зоран Азманов, која го градела објектот наречен „Вила Водно“.

Доколку членовите на семејството Милески не можат да ги оправдаат средствата потребни за стекнување на овој имот, односно ако се потврди дека тој е делумно купен со изнудени пари, тогаш, судејќи според досегашните најави, многу веројатно е дека овој имот ќе биде конфискуван.

АРХИВА Пари од „Фершпед“ се одлевале кон поранешна фирма на синот на Штерјо!

$
0
0

Текстот е објавен на 12 декември 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1101

Шпедитерското друштво Фершпед деновиве ја заокружи продажбата на винаријата Сковин вредна околу 3 и пол милиони евра на компанија од офшор зоната Сингапур. Пред неколку години, пак, Фокус откри шема за извлекување на средства од АД Фершпед на приватна компанија. Станува збор за „Триаголник ТРЕЈД“, која од средината на 2012 до средината на 2013 година била во сопственост на еден од синовите на Штерјо Наков – Драган Наков, а во тој период, според документите со кои располагавме, купувала производи за репрезентација во износ од над 40.000 евра.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Штипјанецот со влашко потекло, Штерјо Наков, е еден од луѓето кои претставуваат синоним за македонски олигарх и персонификација на македонската неправедна и несреќна приватизација, кога мораше да се приватизираат дотогашните општествени претпријатија многу порано пред да се направи денационализација на имотот, по замената на општественото уредување и политичкиот систем.

Заедно со уште неколку ликови кои важеа за „дрим-тим“ на македонската олигархија, Наков беше еден од оние луѓе кои се наметнаа за време на приватизацијата во компаниите каде работеа, односно во случајов шпедицијата „Фершпед“. По извојувањето на внатрешната битка, со помала или поголема политичка поддршка, зависно од котирањето на политичката берза, бизнисот почна да се размножува кон брокерството, хотелиерството, винарството, медиумите, за по извесен период сета ергела на компании да прераснат во цела бизнис-империја на Штерјо Наков.

Она што него го разликува од некои други современици од бизнис-елитата, е тоа што успеа да преживее неколку политички промени, покажувајќи способност за мимикрија. Со текот на годините, дел од старите олигарси се пензионираа, други беа маргинализирани, а се изродија и нови бизнисмени, кои безмислосно го освоија бришаниот простор. Меѓутоа, моќниот шпедитер е еден од ретките кои ги мина сите премрежја.

Сепак, тој во последно време доживува се побројни и посилни удари, поради кои почна да прави разни отстапки и компромиси. Оттука, се поставува прашањето дали ќе успее да ги преживее и овие, условно кажано, невољи, или, пак, можеби овојпат ќе капитулира?

КАКО ШТЕРЈО СТАНА ГЛАВЕН ВО „ФЕРШПЕД“?

Почетоците на работењето на неговото бизнис-чедо – „Фершпед“, од кое почнува и тргнува се друго, датираат од далечната 1968 година, кога во Железниците на Македонија е формирана самостојна работна единица „Фершпед“, која понатаму се организира во организација за внатрешна и меѓународна шпедиција и ќе се интегрира со организацијата за јавни и царински складишта. Веќе во 1989 година „Фершпед“ се ситуира во друштво со ограничена одговорност, а две години подоцна и во акционерско друштво во мешовита сопственост.

Тогаш, друштвото делумно се приватизира, додека подоцна се доприватизира според менаџерски модел – продавање на претпријатието на лица кои го преземаат управувањето, што ги стави во привилегирана и супериорна позиција менаџерите на друштвото. Токму во тој период во деведесеттите години на минатиот век, Наков стана главен газда во „Фершпед“, додека втора виолина вечно останува Кираца Трајковска.

Арно ама, неговиот подем наидуваше на многу оспорувања, а еден од тие кои јавно проговорија против „газда Штерјо“ беше Драгослав Димевски, некогашен менаџер и сегашен акционер во „Фершпед“ кој има 5 отсто од акциите. Тој го обвинуваше Наков дека (до)приватизацијата на компанијата практично е сторена со фалфикат на акционерските книги, а она што било уште посимптоматично – Агенцијата за приватизација не го утврдила, или, пак, не сакала да го утврди тоа. Од друга страна, Наков се бранеше дека се е според законот и врз ознова на правилен модел.

Навистина, судската постапка за преиспитување на приватизацијата се влечеше до неодамна и точно е дека на крајот последната судска инстанца одлучи дека во неа немало ништо нелегално. Но, мора да се каже дека во пресрет на окончувањето на судскиот процес многу субјекти, и невладини и владини, кога на власт биле и едните и другите, изразуваат сомнеж за приватизацијата на шпедитерската компанија, храбро најавувајќи институционални мерки за нејзина ревизија како предуслов на враќање на првобитната состојба на друштвото.

БИТКАТА Е ДОБИЕНА, НО НЕ И ВОЈНАТА

Инаку, во 2003 година беше покрената постапка за поништување на приватизацијата на „Фершпед” од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, која во 2007 година продолжи да ја води Државниот правобранител, во име на државата. И двата органи тврдеа дека има основани индиции, поткрепени со докази, за промашена приватизација на шпедитерската компанија и противзаконско преземање на компанијата од мала група луѓе.

Паѓа во очи тоа што и двете иницијативи се покренуваат само една година пред промената на власта (во 2002 на власт доаѓа СДСМ, а во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ), но од денешен аспект тоа може да се оцени само како почетната демонстрација на храброст и одважност да се амортизира притисикот од јавноста или да се собере некој политички поен. На крајот, Врховниот суд одлучи дека приватизацијата ја имала предвид тогашната законска регулатива, што, случајно или не, временски коинцидираше со продажбата на уделот на Наков на телевизијата „Алфа“ за сума далеку пониска од нејзината реална вредност.

Во меѓувреме, Штерјо влезе во конфликт со својата довчерашна блиска соработничка, Трајковска, со која само една година претходно се повлекоа од менаџментот на компанијата – првиот беше генерален менаџер и воедно најголем акционер пред да им ги подели акциите на своите синови во 2008 година, додека втората ја играше улогата на негова заменичка и втор по големина акционер по Накови. Наводно со поддршка од влијателни бизнис кругови блиски со власта, Трајковска се обиде да ги врбува акционерите на „Фершпед“ на вонредното собрание на акционерите.

Како и да е, Накови успеаја да ја добијат оваа битка, а Кираца го призна поразот продавајќи ги своите акции во „Фершпед“. Но, прашање е дали, за разлика од дамнешната победа против Димевски, ова ќе биде пирова победа на Накови? Дали му се подготвува нова офанзива од оние кои сметаат дека за џабе присвоил најголем дел од „Фершпед“, па ја користат позицијата на моќ за да ја порамнат разликата?

ШПЕДИЦИЈАТА РАБОТИ ВО НЕГАТИВА

Како што објавува Централниот депозитар на хартии од вредност, во моментов двајцата синови на Наков поседуваат најголем дел од акциите – Драган Наков поседува 11,83, а неговиот брат Сашо Наков 11,04 отсто (нивниот татко за себе си остави 1-2 отсто). Номиналната вредност на една акција изнесува 37.400 денари, па оттука вкупниот акционерски капитал, ако се има предвид дека вкупниот број на акции е 18.113, е околу 110 милиони евра.

Податоците од финансиските извештаи за работа на друштвото во последните пет години, објавени од страна на Македонската берза, покажуваат дека во изминатава 2013 година, кога стариот Наков и Трајковска се повлекуваат од менаџментот, а подоцна и се конфронтираат, „Фершпед“ работи во минус од речиси 100 милиони денари. Наспроти тоа, во 2012 и во 2011 година остварена е добивка по оданочување од 88, односно 58 милиони денари.

Негативниот тренд на работење продолжува и во тековната 2014 година, што само дополнително ја зголемува нервозата и го подгрева револтот кај вработените во „Фершпед“, кои, во ситуација кога не мора да го потиснуваат незадоволството, што би морале да го чинат доколку, се разбира, не секнал вентилот, се почесто и погласно обвинуваат за проблемите во друштвото. На нивните обраќања со изобилство од тешки зборови, дисквалификации и напади врз Накови значителен простор им отстапуваат и опозициските, ама и провладините медиуми.

Поттикнати од случувањата во судот каде пред извесно време дојде до физичка пресметка меѓу семејството Накови и Омерагиќи (Ружди и Масер Омерагиќ), дел од вработените од „Фершпед“ испратија отворено писмо до јавноста во врска со работењето на друштвото. Во него се вели дека многу од нив биле заплашувани, санкционирани со намалување на платата, па и отказ од работа. Дополнително, до јавноста осамна и отказот на Младен Дамев, кој беше на значајни позиции во близина на Штерјо, кој на заминување си ја отвори душата оти „менаџерскиот тим нема капацитет за водење на компанијата“ и придонесува за нарушените меѓучовечки односи“.

НАД 40.000 ЕВРА ЗА „ТРИАГОЛНИК“

Една од појавите за која тие алармираат се однесува на средствата што „Фершпед“ ги троши за реклама, што, исто така, се доведува во линк со младиот Наков, бидејќи компанијата од која ги набавува производите до вчера била негова. Се работи за компанијата „Триаголник ТРЕЈД“, основана кон средината на 2012 година, со седиште во хотелот „Александар Палас“, чија заведена основна дејност е трговија со облека во специјализирани продавници, иако денес се сведува на трговија со часовници.

Прво, според историјатот на промени од Централниот регистер, оваа компанија била во сопственост на извесен Горан Блажевски. Точно една година по основањето, односно кон средината на 2013 година, Блажевски излегува од сопствеништвото на компанијата и на негово место влегува токму Драган Наков. Така е се до август 2013 година, кога како содружник во компанијата со непаричен влог од нецели 57 милиони денари стапува познатиот адвокат Јован Јоанидис, за веќе кон самиот крај на годината Наков да истапи и единствен сопственик да остане Јоанидис до ден денес.

Според договорот со кој Наков без никаков надомест му го отстапува уделот во „Триаголник ТРЕЈД“ на Јоанидис, кој всушност претставуваа непаричен влог од 5.000 евра, се предвидува сета добивка што компанијата ќе го оствари да биде 100 процентно на Јоанидис. Во изјавата за основање на „Триаголник ТРЕЈД“ стои дека тој, покрај преземениот непаричен влог од 5.000 евра од Наков, остатокот од речиси еден милион евра повторно го внесува како непаричен влог.

Практично, станува збор за акциите кои Јоанидис ги поседува во „Технометал – Вардар“, кои ги купил во 2002 година од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за исто толку пари колку што е денешната пропишана вредност на акциите. Од истата таа година, според аналитичката картица на „Фершпед“, која ја доставија вработени во друштвото кај нас, датира долг на Јоанидис кон „Фершпед“ во висина од 30.800.000 денари, или половина милион евра. Тој одби да одговори на нашите прашања за фактите што ги наведовме, единствено нагласувајќи дека нема никаков долг кон „Фершпед“ и за такво нешто не е тужен.

ЗАРЕМ НОВИНАР МОЖЕ ДА ПОСТАВУВА ПРАШАЊА КАКО ДА Е ИНСПЕКТОР?!

Редакцијата на Фокус поседува фактури, кои докажуваат оти „Фершпед“ извршил низа набавки на производи од „Триаголник ТРЕЈД“ во периодот од крајот на 2012 до крајот на 2013 година. Се на се, за разна брендирана гардероба од шпедицијата се одлеале кон „Триаголник“ вкупно 2.666.079 денари, или 43.250 евра, и тоа само врз основа на доказите си кои располагаме.

Интересно, името на Драган Наков беше испишано на некои од фактурите со рачен ракопис. Кога го побаравме за коментар околу тоа што компанијата каде е најголем акционер и член на Управниот одбор, „Фершпед“ купувала производи од компанија во период кога бил сопственик, „Триаголник ТРЕЈД“,  почна да се однесува безобразно и дрско.

– Инспектор од МВР ли си, па да ти кажувам? „Фершпед“ не е моја компанија, па јас да префрлам пари од неа во друга. Јас имам акции, како што може да имам акции и во други фирми. Можам да купам производ и да ми се одбива од плата. Не гледам каде води дискусијата… – рече Наков, додавајќи дека неговата приватна работа е тоа што му го отстапил својот удел во „Триаголник ТРЕЈД“ на Јоанидис.

Сето ова изгледа премногу комплицирано и деликатно, но она што претставува непобитен факт е дека „Триаголник ТРЕЈД “ остварувала приходи од „Фершпед“, од каде произлегува дека компанијата каде најголем акционер е Драган Наков купувала од компанија каде е сопственик. Зошто излегол од таму и му го отстапил уделот на Јоанидис, кој пак, во уделот ги внел акциите во „Технометал – Вардар“, стекнати во време кога зел позајмица од „Фершпед“ кога во шпедицијата жареше и палеше Штерјо Наков, ќе покаже времето.


Производи за репрезентација од „Триаголник“
ОД КАПИ И ШАЛОВИ И КОШУЛИ ДО ВРЕДНИ ЧАСОВНИЦИ

Непосредно пред Нова Година 2012/2013, „Триаголник ТРЕЈД“ му фактурирал на „Фершпед“ 277.000 денари за 40 артикли, меѓу кои има кошули, каиш, шал, капа, како и друга брендирана гардероба од марките „Хуго Бос“, „Лакост“, „Гучи“… Неколку дена подоцна, шпедицијата од истата компанија купила 19 производи, меѓу кои паричник, пенкало, часовници за 965.125 денари.

Понатаму, во 2013 година „Фершпед“ купил вратоврски, паричници, кошула и футрола за скоро 50.000 денари. Плус, набавени се 6 рачни часовници, меѓу кои и од марките „Свач“, „Бреитлинг“ и „Таг Хауер“ во вкупен износ од 1.373.954 денари.


Што поседува „Фершпед“?
ЛОТАРИЈА, ВИНАРИЈА, ХОТЕЛИ…

Шпедицијата „Фершпед“ има удели во неколку акционерски друштва. Според официјално достапните податоци, во винаријата „Сковин“ поседува 96 отсто, во „Хотели Метропол“ (три хотели на охридското крајбрежје) 73 отсто, а во „Лотарија на Македонија“ 58 отсто од акциите. Во сите три друштва, од кои некои работат со добивка, некои со загуба, претседател на одборот на директори е Драган Наков, споменатиот син на Штерјо Наков.

Исто така, „Фершпед“ поседува 21,7 отсто од акциите во „Европа“. Притоа, од проспектот на компанијата може да се види дека компанијата ги поседува хотелот „Александар Палас“, деловен простор во „Капиштец“, „Буњаковец“ „Палома Бјанка“, бензиска пумпа, складишта…

Најголем дел од имотот, односно највредниот дел од него, беше замрзнат од страна на судот со до одлуката за приватизацијата на шпедитерската компанија.


Што вели законот?
АДВОКАТ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ФУНКЦИОНЕР, НО МОЖЕ АКЦИОНЕР

Најголем акционер во „Технометал Варар“ со 24,8 отсто е „Мепком“, која е на членот на претседателот на управниот одбор Кочо Моцан, додека „Ултимус ДОО“ поседува 17,4 отсто од акциите. Овие две компании поседуваат вкупно 40 отсто од акциите во уште една шпедитерска компанија – „Макошпед“, каде „Технометал Вардар“, пак, има 10 отсто.

Законот за адвокатура му забранува на вториот по големина акционер на „Технометал Вардар“ со 23 отсто од акциите, адвокатот Јован Јоанидис, да врши јавна функција или друга јавна служба. Но, никаде не може да се сретне забрана да учествуваа на пазарот со хартии од вредност и да членува во тела и одбори.

Своевремено услов за престанување на дејноста било засновувањето на рабтен однос, ама тој дел е избришан и сега основа за тоа претставува откажувањето, губењето на способноста, изрекувањето мерка…


„Империјата“ на Камчев во мисија да го освои правосудството!?

$
0
0

Текстот е објавен на 21 ноември 2019 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1259

Неколку недели пред јавноста да слушне за случајот на СЈО „Империја“, во неформален разговор со обвинителката Лиле Стефанова, прашувајќи ја дали работат на нови истраги, низ шега ни откри дека се фатила во работа со големи риби, но прашање е дали ќе успее да ги улови или ќе ѝ се скине мрежата!

Набргу по разговорот, кон крајот на 2018 година, дотогаш недопирливите, бизнисменот Орце Камчев и екс директорот на УБК Сашо Мијалков завршија во притвор, по што стана очигледно за кои „риби“ зборувала обвинителката.

Со нивното апсење за момент се разби тезата дека во државата нема привилегирани, но, сепак, по неколку месеци, токму кога се прибираа доказите и се обезбедуваа сведоците, шефицата на СЈО, Катица Јанева, ги пушти во домашен притвор. Тогаш се направи и првиот рез на мрежата. Потоа следуваа и другите нелогични правни потези на Јанева, по што самата се улови во мамката поставена од своја рака.

За пленот целосно да ја скине мрежата и да се ослободи, како пречка очигледно остана уште само обвинителката Стефанова, бидејќи осомничениот бизнисмен Камчев е во мисија да ја дискредитира и да ја тргне од предметот.

КАМЧЕВ СЕ ЖАЛИ ДЕКА ПО НАЛОГ НА СУДОТ БИЛ НЕЗАКОНСКИ ПРИСЛУШУВАН, АМА КРИВА МУ Е ОБВИНИТЕЛКАТА!?

Експресно по распадот на СЈО, републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, истрагата за случајот „Империја“ повторно ѝ ја довери на обвинителката Стефанова.

Очекувањата на Камчев, пак, беа поинакви. Тој се надеваше дека ќе се „ослободи“ од обвинителката вмешувајќи ја во аферата „Рекет“, во пакет со Јанева, но таа, како и тој, го доби статусот на сведок.

Јанева, пак, заедно со Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец се обвинети дека се пазареле со бизнисменот да го спасат од кривичен прогон за „Империја“, а за возврат да им исплати 8 милиони евра.

Иако Стефанова беше задолжена за истрагата, сепак сомнителните одлуки, поради кои Јанева заврши со лисици на рацете, ги носела лично шефицата. Таа даде зелено светло осомничените да одат во домашен притвор, иако во тој момент извори од обвинителството брифираа дека клучно за истрагата било осомничените да се задржат зад решетки барем уште два-три месеци.

Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат врз истрагата, што се покажа како точно, велеше Стефанова.

Второто повластување, добивање времен пасош, Камчев исто така го доби од Јанева додека нејзината колешка Стефанова беше на годишен одмор и тоа без да ја консултира.

И кога веќе се бројат деновите за „Рекет“ да влезе во судница, а Стефанова се обидува повторно да ја активира истрагата за „Империја“, Камчев до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против неа. Ја обвинува дека заедно со Јанева и со нејзиниот син Лазар Јанев се организирале во злосторничка дружина против него, а со цел да се збогатат.

Од напишаното се добива впечаток дека обвинувањата се речиси идентични како и оние во „Рекет“ и истрагата за „Меѓународниот сојуз“. Па така, се посочува дека обвинителките Јанева и Стефанова, преку синот на Катица и Боки 13 му понудиле на Камчев фиктивни договори за изградба на старски домови и трговски центри во вкупна вредност од 8 милиони евра.

Тврдењето на бизнисменот е дека бил уценет доколку не ги прифати овие договори, против него ќе биде покрената кривична постапка. Па така, на тој начин, според Камчев е отпочната истрагата за случајот „Империја“, кој воедно ја спори и надлежноста на СЈО за овој предмет, повикувајќи се на рокот од 18 месеци кој СЈО го имаше за спроведување на истрага.

Сепак, ова прашање е веќе апсолвирано, бидејќи според Законот за СЈО, рокот од 18 месеци тече од преземањето на „бомбите“ или од материјалите од редовното обвинителство, како што беше во случајот.

Рокот не беше спорен ниту за Кривичниот и Апелациониот суд, бидејќи со судска наредба беа извршени претреси кај осомничените, а дел од нив беа прислушувани со употреба на Посебни истражни мерки.

Камчев во пријавата, пак, пишува дека неколку месеци незаконски му биле следени комуникациите, иако само една реченица погоре самиот кажува дека тоа било со одобрение на судот. Па, затоа логично се поставува прашањето, зошто со пријавата не е опфатен и судијата што ја потпишал наредбата, туку само обвинителката, која барала дозвола од судот?

СЦЕНАРИСТОТ НА „РЕКЕТ“ ПО ПОТРЕБА ПРАВИ ЗАМЕНА НА АКТЕРИТЕ

Во намерата да докаже дека и Стефанова учествувала во рекетирањето, Камчев во еден дел од пријавата пишува дека од бизнисменот Ванчо Чифлиганец побарала деловен простор, а за кој требало да плати тој. Камчев во пријавата вели дека поседува СМС пораки кои ги потврдуваат неговите тврдења, а предлага и да им бидат одземени телефоните на Стефанова и Чифлиганец за да се обезбедат дополнителни докази.

Ваквото обвинување беше дел и од истрагата за „Рекет“, но очигледно е дека обвинителката Вилма Русковска не му поклонила верба. Чифлиганец негираше дека Стефанова побарала ваква услуга од него, а обвинителката и јавно раскажа за нејзината комуникација со бизнисменот. Таа појасни дека Чифлиганец го искористил познанството со неа и се обидел да изврши влијание врз предистрагата што ја водела, за што биле известени повеќето обвинители во СЈО, но и нејзиниот истражителски тим.

– На средбата што се одржа во просториите на СЈО, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме било што во врска со предметот, велеше Стефанова.

Таа уште тогаш тврдеше дека Камчев на овој начин се обидува да ја дискредитира како обвинител што води постапка против него.

По спомнувањето на деловниот простор, за кој наводно требало да плати 200.000 евра, Камчев повторно се навраќа на „Империја“, па вели дека Јанева и Стефанова незаконски ја отвориле истрагата, незаконски му направиле претрес, го упасиле, го ставиле во притвор… И тука повторно наведува дека овие активности СЈО ги презело со амин од судот, но, сепак, на одговорност не повикува ниту еден судија.

Камчев во пријавата се навраќа и на делот кој веќе е опфатен во обвинението за „Рекет“, односно дека Боки 13 и Кичеец имале средби со неговата сопруга Ана Камчева и ја убедувале да им исплати милионски суми. За разлика од обвинението, во овој дел не се споменува Боки 13, туку Стефанова. Наводно, Јанева и Стефанова преку Кичеец ја повикале Камчева, а на средбата бил и адвокатот Васил Димишков, при што биле побарани 2, 4 или 6 милиони евра, за заедно со Стефанова да го затвореле предметот, со признание дека предметот бил фингиран.

Потоа Камчев појаснува дека дел од парите биле исплатени преку „изнудно“ рекламирање на 1ТВ и 1,5 милиони евра во кеш, за кои наскоро ќе им се суди на Јанева, Јовановски и на Кичеец. Тоа се истите пари, 500.000 евра дадени директно од Камчева и еден милион спакувани во „луј витон“ торба, но очигледно дека Камчев во делбата инсистира да ја вклучи и обвинителката Стефанова.

И во самиот финиш на кривичната пријава се споменува уште една судска одлука за која бизнисменот бара одговорност од Стефанова, односно за конфискување имот од 10,7 милиони денари на КАРА АД Скопје. Имотот бил конфискуван по барање на обвинителката, но со одлука на судот. Но, повторно, ниту еден судија не е споменат во пријавата, туку одговорност се бара само од обвинителката.

СТЕФАНОВА НЕМА ДА БИДЕ ИЗЗЕМЕНА ОД „ИМПЕРИЈА“, ИСТРАГАТА АКТИВИРАНА

Извори од обвинителството за „Фокус“ појаснуваат дека засега воопшто не се разгледува можноста обвинителката Стефанова да биде изземена од истрагата за „Империја“. Нашиот соговорник појаснува дека секој осомничен или обвинет може да поднесе кривична пријава против обвинителот што го гони, за да го дискредитира и да бара негово изземање, а во случајот, засега немало сомнеж дека е потребно да се преземе таков чекор.

Сепак, од обвинителството коментираат дека кривичната пријава од Камчев ќе биде разгледана, по што ќе се донесе одлука дали ќе биде прифатена или не.

Истрагата за „Империја“, пак, од неодамна повторно е активирана, и како што дознаваме, потребни се уште неколку месеци до една година за целосно да биде завршена. Неодамна републичкиот обвинител Љубомир Јовески, покрај обвинителката Стефанова, назначи и втор обвинител, колешката Гордана Смаќовска.

Оваа истрага беше отворена со образложение дека ќе ја разоткрие „империјата“ на некогашните бизнис-партнери Сашо Мијалков и Орце Камчев. Како што дознаваме, двајцата кон крајот на 2017 година ја прекинуваат својата долгогодишна дружба, а во летото 2018 година ја окончале и својата бизнис-врска, односно ги разделиле бизнисите.

Инспирацијата за овој случај, пак, обвинителството ја црпи од Влатко Мијалков, брат на поранешниот директор на УБК, Мијалков. Слушајќи ги неговите телефонски разговори во „бомбите“, каде што самиот имал статус на таргет, но и останатите таргети, како Ана Камчева, Миле Јанакиески и Оливера Трајковска, а додека зборувале со Орце Камчев, Кристина Камчева, Ненад Јосифовиќ и други соговорници.

Само за неколку месеци, кога истрагата беше активна во СЈО, беа обезбедени голем број материјални докази, неколку сведоци, легално прислушувни разговори на дел од осомничените, кои ја разоткриваат криминалната шема, а со која наводно переле пари, на штета на државата, а во корист на сопственото банкарско салдо. Засега сомнежот е дека е затаен данок од над 10 милиони евра, а неколку милиони биле „испрани“.

Во видикот на истражителите од СЈО беа петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД. Низ нив се свртеле милиони, а зад дел од нив се криело името на Камчев, или на негови блиски соработници.

Во центарот на истрагата, пак, биле две компании, фирмите „Финзи“ и „Ексико“, преку кои во државата, според сомнежите на обвинителството, влегле 2,5 милиони евра, односно толку биле испрани. Сума од 4 милиони евра била исцицана од „Бетон Штип“ и испрана, односно обвинителството се сомнева дека Камчев ја купува градежната компанија со цел да испумпува пари од неа.

Изворите брифираат и дека истата сума на сличен начин била злоупотребена од уште една компанија.

„ЕКСИКО“ И „ФИНЗИ“ БИЛЕ ГЛАВНИТЕ ПЕРАЛНИЦИ НА ПАРИ?

Стартот за обвинителството бил спорниот плац зад „Рамстор“, но потоа почнале да копаат во минатото, навраќајќи се на стечаите на неколку компании кои биле во сопственост на сега покојниот Илија Камчев.

Уште во 2002-2003 година се појавил сомнеж дека се избегнува данок кон државата во износ од 5,9 милиони евра, а кој наводно требало да се затскрие со стечај на фирмите, меѓу кои биле „Орка спорт“, Орка текстил“ и „Орка холдинг“. Парите преку лажните стечаи се изнесувале надвор од државата, а потоа повторно се враќале назад, но „испрани“.

Имено, 75 отсто од компанијата „Орка холдинг“ била дадена под залог на компанија од САД, „Global Finance Group LLC“, за која компанијата „Орка холдинг“ требало да изработи униформи, но имала и побарување за консултантски услуги. Набргу фирмата била донесена пред стечај, а на ваквата ситуација алармирал тогашниот директор на УЈП, Горан Трајковски, кој предупредувал да не се затвораат фирмите бидејќи многу должат за данок, но имаат и имот од кој може да се наплати, ама сепак никој не го послушал. Така, кај дел од доверителите завршиле конци, патенти, спортска опрема, а најголем дел од колачот лапнала компанија од САД „Global Finance Group LLC“, на која подоцна како полномошник се јавува шоферот на Камчев. Оваа странска компанија се јавува и како основач на македонските компании „Мала Богородица ДООЕЛ Скопје, „МОНТ КОМ ДООЕЛ“, „О.К. ИДЕА ДООЕЛ Скопје“ и на „Орка спорт ДООЕЛ“.

За овој случај, во тоа време, истрага отвора и обвинителството, а дел од обвинителите биле упорни случајот да се истера до крај, но сепак финишот бил запирање на истрагата поради немање на доволно докази.

Вториот дел од истрагата на СЈО е насочен на периодот од 2009 година, кога се отвораат нови фирми во Македонија, нови офшор компании, преку кои обвинителството се сомнева дека се перат парите, а потоа повторно влегуваат во Македонија, како основачки влогови за фирмите. Централниот дел го зазема фирмата „Ексико“, која поседуваше акции во големи акционерски друштва и купуваше плацеви на Водно.

Иако оваа компанија истражувачките новинари во Македонија ја врзуваа со Мијалков, но сепак сите патишта на СЈО водеа кон Камчев. Поточно, оваа компанија ја основа „DELTA INVESTMENT LTD“ од Белизе, чиј сопственик пак бил Илија Камчев, а требало да служи за фискализација. Во еден период Камчев, компанијата му ја препушта на Жарко Луковски, но потоа пак се враќа во рацете на Камчев, бидејќи ја купува офшор-компанијата „CALVUS LLC“, која исто така била во сопственост на Камчев. Од оваа фирма на сметка на „Ексико“ се слеваат 1,6 милиони евра прилив од странство. Дел од парите завршуваат на сметка на Камчев, а со дел се купува имот во Гевгелија, на кој треба да се градат казина. Според сознанијата на СЈО, Камчев живее во куќа на „Ексико“, а на компанијата е и еден дел од куќата на Мијалков.

Денес сопственик на „Ексико“ е фирма со швајцарски капитал „T&MJ Investment“ од Лугано, а зад која според сознанијата на СЈО стои член на семејството Мијалкови.

СЈО открило дека во еден период, Камчев бил сопственик и на компанијата „Финзи“ со седиште во САД. Оваа компанија, односно фирма ќерка во Македонија, е под лупа на СЈО и за предметот „Трезор“, за спорна набавка на опрема за МВР, каде што еден од обвинетите е Мијалков.

Во Скопје во 2009 година се основа компанијата „Финзи“, со сопственик Владислав Стајковиќ, која добива прилив од 650.000 евра од мајката фирма во САД. Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина Кардиологија“, фирма која подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ (Систина, Финзи, Кара).

Денешна „Кара“ е старата „Орка“. Денешна „Орка“ е старата „Кара“, велат извори од истрагата, посочувајќи на промените што се правеле за да успеат малверзациите.

„ИМПЕРИЈА“ СЕ ШИРИ

Како што дознава „Фокус“, истрагата за „Империја“ е проширена, односно тука се приклучуваат предистрагите за „МПМ“, поради лажниот стечај, при што биле оштетени вработените и државата, како и предистрагата за „Графички центар“.

Камчев при крајот на 2011 година влезе во медиумската компанија Медиа Принт Македонија (МПМ), која ги поседуваше весниците „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“, а кои подоцна пропаднаа.

Од „бомбите“ слушнавме дека влезот на Камчев во МПМ, Мијалков го објаснуваше со зборовите „таму сега јас преземам контрола“.

Обвинителството ја истражуваше и измамата што наводно ѝ била направена на Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во „Фершпед“ поради долг во Еуростандард банка. Таа преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола, а Камчев, кој е дел од Управниот одбор, наместо кредит, според СЈО, ѝ понудил друг начин на исплата на средствата, по што би биле ослободени нејзините акции.

Но, откако наводно за нејзината намера дознал Штерјо Наков, побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Трајковска за продажба на акциите формирала фирма со нејзината ќерка, а за управител бил поставен Ненад Јосифовиќ. Тој, без нејзино знаење, како што велат од СЈО, ги продава акциите на фирми и лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена. Парите од зделката завршуваат во фирмите Ексико, Орка Холдинг и Тимох.

За потребите на истрагата „Империја“, Камчев, од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година бил под посебни истражни мерки, односно легално со налог на судот биле прислушувани неговите телефонски разговори.

Камчев под истрага беше и во 2003 година, кога тогашниот министер за внатрешни работи Хари Костов обелодени даночно затајување преку пирамидален модел на педесетина фирми ставени под една иста капа, сите роднински поврзани со Камчев. Пријавата беше поднесена поради сомнеж за малверзации при поврат на ДДВ, во износ од речиси два милиони евра, поради што тогашниот директор на Даночната управа, Сезаир Реџепагиќ, беше разрешен од функцијата и против него беше поведена судска постапка.

Овој случај не дојде до судница, но неофицијално дознаваме дека имало извршно судско решение, според кое Камчев со камата требало да ги врати парите.

Во тој период, особено кога ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт, бизнисменот се врти кон нив, а се зборува и за големата дружба на Камчев со тогашниот моќен пар во судството, Филимена и Михајло Маневски.

И сега се шпекулира дека осомничениот има изградено „империја“ во правосудството, од што можеби и ќе зависи дали мрежата која сè уште е во рацете на Стефанова ќе се скине!

СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ПРЕДВРЕМЕ СЕ ИЗЗЕМА ОД „ИМПЕРИЈА“

Пред неколку месеци, судијката Добрила Кацарска, во своето гостување во „Правда и неправда“ на сега затворената 1ТВ, се осврна на шпекулациите дека интервенирала околу притворот на Орце Камчев.

– Фамилијата Камчеви не се само мои пријатели, тоа се наши фамилијарни пријатели. Ова пријателство не е од пред 5 години, уште чичко ми од студентски денови бил пријател со сега покојниот Илија Камчев, а со него се дружеше и татко ми. Мојата мајка работеше преку 30 години кај Илија Камчев, снаа за мој прв братучед 30 години работеше кај Камчев, ќерка ми работи во Систина. Јас тоа пријателство не само што не го кријам, туку јавно ќе кажам дека тие луѓе биле дел од мојот живот и така ќе остане. Во поглед на мое интересирање во притворот под полна материјална одговорност кажувам дека не сум реагирала кај ниту еден судија, истакна Кацарска.

Кацарска нагласи и дека доколку ѝ биде предаден случајот „Империја“ ќе побара изземање од предметот.

– Немојте ни да се сомневате. Кога јавно кажувам дека тие луѓе ми се мене како фамилија, секако дека нема да го прекршам законот и доколку дојде кај мене таков предмет секако дека ќе барам изземање ако има таков предмет, рече Кацарска.

Валентина Вурмо

 

АРХИВА Интервју со Трајко Славески, поранешен министер за финансии: И Заев владее со популизам во економијата!

$
0
0

Текстот е објавен на 27 септември 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1251

Критички, но објективно и издржано, Славески специјално за „Фокус“ направи анализа на сите погрешни, но и успешни економски политики на владите од 1990 досега. За време на експертската влада на Кљусев бил дел од тимот кој ја подготвил Антиинфлаторната програма. Учебната 1989/90 година како корисник на Фулбрајтова стипендија ја поминал на најпрестижниот универзитет во областа на економијата, Харвард. Докторската дисертација му е на тема економските и социјалните функции на современата држава во услови на приватизација. Инаку, Славески им забележува на Кљусев и на Црвенковски за грешките во приватизацијата, на Георгиевски за политичката наивност, а на Груевски и на Заев за популизмот. Како координатор на новата економска програма на ВМРО-ДПМНЕ, најавува враќање на дел од успешните мерки од времето на Груевски, но и исфрлање на погрешните и нивна замена со нови

Разговараше Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Иако бевте дел од тимот на Кљусев, не се согласувавте докрај со неговите политики. Запаметен сте и како еден од најдеталните критичари на процесот на приватизација за време на 1990-те години. Дали и денес сметате дека приватизацијата можеше да се изведе многу подобрo?

СЛАВЕСКИ: Во Република Македонија се направија многу грешки во процесот на приватизација. Јас и тогаш, а и сега сум свесен дека приватизацијата е првенствено политички процес. Но, не очекував дека овој процес во нашата земја ќе биде целосно „заробен“ од менаџерите на големите и некои средни претпријатија кои направија сѐ, вклучително и масовно кршење на Законот за приватизација, да ги приграбат компаниите за себе. Во тоа сесрдно им помогна владата предводена од СДСМ, особено по рушењето на владата на Кљусев кон средината на август 1992 година.

За да го изведат ова, менаџерите неколку години ги оставија компаниите без инвестиции, затоа што немаа сопствени средства, а тогашната власт со закон оневозможи влез на капитал однадвор, домашен или странски. Ова беше направено со цел да се обезвреднат компаниите и да се купат по номинална цена, најчесто со пари од самата компанија. Овој вакуум придонесе за острата рецесија во која се најде македонската економија, заедно, се разбира, со објективните околности на губење на пазарите од некогашната Југославија и поранешниот Источен блок, војните што почнаа во нашето соседство и сл.

ДЕМОКРАТСКАТА ПАРТИЈА НА ГОШЕВ НАПРАВИ ДВЕ ФАТАЛНИ ГРЕШКИ

ФОКУС: Кои се последиците од таквиот начин на трансформација на општествениот капитал?

СЛАВЕСКИ: На овој начин СДСМ, целосно поддржан од тогашниот претседател Киро Глигоров, си обезбеди „доживотна“ поткрепа кај македонските олигарси од тоа време, но со тешки последици за македонската економија, економскиот и правниот систем, вклучително и за моралот на обичниот македонски граѓанин, кој доколку не се беше нашол во некоја државна институција или јавно претпријатие, се соочуваше со голема веројатност да се најде на улица и без средства за егзистенција. За тоа што и како требаше да се направи приватизацијата да се спроведе на законски, поправичен и поефикасен начин, своевремено имам напишано и објавено неколку стотини страници.

ФОКУС: Во тој период надворешно бевте активен и во движењето на Петар Гошев, кое имаше изразено економска програма. Зошто народот и елитите не ги препознаа вашите напредни и практични идеи за економски развој?

СЛАВЕСКИ: Јас како јавно ангажиран интелектуалец бев на „мета“ на политичарите. Во првите години од осамостојувањето, г-динот Петар Гошев уживаше висок углед поради неговите ставови при распадот на СФРЈ, како претседател на СКМ, бранејќи ги македонските национални интереси. Исто така, тој ја одби понудата да состави влада по падот на владата предводена од академикот Кљусев, со објаснување дека не можел да прифати некој друг од страна, мислејќи на претседателот Глигоров, да му го наметнува мнозинскиот состав на идната влада. Веројатно и самиот во подоцнежните години бил во дилема дали постапил правилно со овој потег, знаејќи, како искусен политичар, дека во политиката понекогаш се нужни и непринципиелни компромиси. Јас бев дел од процесот на формирање на Демократската партија, но таа набргу направи две груби, а подоцна се покажа и фатални грешки.

ФОКУС: Кои се тие грешки и зошто беа фатални?

СЛАВЕСКИ: Првата беше бојкотот на вториот круг од парламентарните избори што се одржаа во 1994 г., заедно со ВМРО-ДПМНЕ, во услови кога партијата по само една година живот на македонската политичка сцена беше трета според бројот на освоени гласови во првиот круг. Така, ДП остана без пратенички мандат. Втората грешка се случи во 1997 г. со спојувањето со Либералната партија предводена од господинот Стојан Андов, со што се изгуби идентитетот на самата ДП. Оттогаш почна и нејзината агонија, а што денес претставуваат ЛП и ЛДП, читателите самите нека проценат. Во тоа време, мојата улога се состоеше во нудење идеи за значајни и актуелни економски прашања, вклучително и за процесот на приватизација. За жал, поради спомнатите, а и други пропусти, овој политички субјект не успеа да се наметне кај гласачите и да дојде во можност за реализација на сопствените програмски определби.

ЗА ВРЕМЕ НА ВЛАДАТА НА ГЕОРГИЕВСКИ ИМАШЕ ОПТИМИЗАМ ВО ЕКОНОМИЈАТА

ФОКУС: Краток период бевте и министер во владата на Љубчо Георгиевски. Оваа влада ќе остане запаметена по првите вистински економски реформи на кои многумина се сеќаваат со носталгија. Сепак, воениот конфликт и изразениот криминал на дел од функционерите придонесе да се анулираат сите економски придобивки.

СЛАВЕСКИ: Кон крајот на 1999 г. добив понуда која прилично ме изненади – да станам министер за развој (тогаш постоеше такво министерство) во коалициската влада која ја сочинуваа ВМРО-ДПМНЕ, Демократската алтернатива на Васил Тупурковски и коалицискиот партнер од албанскиот блок ДПА, која своевремено ја предводеше г-динот Арбен Џафери. Имам многу што да зборувам за периодот од нецела година што го поминав како министер во владата на Љубчо Георгиевски, но просторот во ова интервју не го дозволува тоа. Од денешна перспектива би издвоил неколку работи. Прво, во годините пред воениот конфликт од 2001 г., владееше прилично релаксирана атмосфера и во самата влада, а и во земјата. Конструктивни и искрени беа релациите меѓу македонските и албанските партнери во коалицијата. Со големо задоволство конечно се донесе нов закон за високото образование, кој отвори простор за основање високообразовни институции на албански јазик (во случајот на Универзитетот Југоисточна Европа), или легализација на Државниот универзитет во Тетово. Единствено постоеја тензии со групата што ја претставуваше ДА, креаторот на авантурата со признавањето на Тајван, фолклорот со „милијардата на Циле“, злоупотребата на дел од тие средства кои како донација или кредит дојдоа од Тајван како награда за признавањето и сл.

ФОКУС: Како ги оценувате економските политики на оваа влада?

СЛАВЕСКИ: Владата имаше либерален и партнерски, делумно и технократски пристап кон бизнисот, а во економијата владееше оптимизам дека работите тргнале на подобро. Во 2000 г., затоплувањето на односите со соседна Грција го беше достигнало својот врв. Во мај истата година, 6-7 министри од економските ресори присуствувавме на економски самит во Солун, импозантно пречекани и предводени од полициска придружба од грчка страна уште од граничниот премин Богородица/Евзони. Се чинеше дека решавањето на спорот со Грција околу името е на дофат. А на меѓуетнички план, дека работите неповратно се движат во вистинска насока. Лично бев охрабрен од извештајот на Меѓународната кризна група (МКГ), објавен летото 2000 г., во кој се тврдеше дека на македонските Албанци никогаш претходно не им било подобро, додека Македонците не беа за себе ентузијасти до тој степен! Подоцна МКГ го повлече, т.е. буквално го сокри овој извештај и преку својот истурен претставник, г-динот Едвард Џозеф, во месеците по конфликтот почна брутална кампања за оцрнување на премиерот Георгиевски. Колку ли само сето ова било илузија во услови на македонската кршлива демократија. Се појавија некои други Албанци, од Македонија, од Косово, од Албанија и од дијаспората, кои сметаа дека развојот на меѓунационалните односи треба да поприми друг тек. Слична беше и состојбата со развојот на односите со Грција.

ФОКУС: Како се случи од 2002 г. официјално да станете член на ВМРО-ДПМНЕ, потоа станувате и нејзин потпретседател, а раководите со Министерството за финансии во периодот 2006-2009?

СЛАВЕСКИ: Во политиката влегов со „двете нозе“, преку ВМРО-ДПМНЕ, по тешкиот пораз што го доживеа партијата на парламентарните избори во 2002 г. Ми пријде Никола Груевски, тогаш екс министер за финансии, со кого претходно соработував во владата на Георгиевски, а подоцна и како еден од неговите советници во Министерството за финансии, со понуда да станам дел од новото раководство на партијата по одлуката на лидерот Георгиевски да го напушти челното место. Изборот на новото раководство со Груевски како нов претседател на партијата се случи на конгресот што се одржа во Охрид во мај 2003 г. Како опозиција, во релативно тешки околности на расцеп во партијата и во пратеничката група, се претставивме пред граѓаните како алтернатива на омалаксаниот, компромитиран, неспособен и корумпиран СДСМ од тоа време. Солидно поминавме на локалните избори во 2005 г., посебно во поголемите урбани центри. Овој резултат водеше кон победа и на парламентарните избори во 2006 г., кога природно, како најистурен економист во времето поминато во опозиција и еден од креаторите на партиската изборна програма, застанав на чело на Министерството за финансии во владата предводена од Никола Груевски.

КУМОВСКО-СВАТОВСКИ ВРСКИ КАКО РЕЦЕПТ ЗА КАТАСТРОФА

ФОКУС: Кога вие министерувате со Финансии, статистички е регистриран најголем економски раст во земјава. Дали тоа се должеше само на поволните ветришта во светската економија или, пак, имаше некои други причини кои придонесоа за ваквиот раст?

СЛАВЕСКИ: Неколку работи беа клучни за одличните економски резултати. На прво место го ставам повратениот оптимизам кај граѓаните и кај бизнисмените. Според многумина, економијата е гранка на психологијата, вклучително и на социјалната психологија. Второ, уште како опозиција подготвивме солидна програма, различна од дотогашната практика на понуда кон гласачите, што се базираше на реално остварливи ветувања. Што е уште поважно, бевме подготвени да почнеме со спроведување мерки од програмата уште од првиот ден од стапување на функциите. Трето, со даночната реформа од јануари 2007 г., воведовме рамни и ниски даноци. Бизнисот ја зграпчи оваа реформа и врати со зголемување на инвестициите што доведе до историски највисоки стапки на раст. Со агресивна и професионална кампања за привлекување странски директни инвестиции, РМ се најде во видното поле на странските инвеститори. Се зголеми финансиската дисциплина и се стесни просторот за сивата економија. Се модернизираше платниот промет во насока на зголемување на безготовинските плаќања. Есента 2006 г., во Скопје имаше само два банкомати – по еден во ГТЦ и во ТЦ Буњаковец. Ретко кој граѓанин користеше платежна картичка. Пензиите ги разнесуваа поштари низ населбите во торби полни со пари и беа честа мета на напади и ограбувања. Годишна даночна пријава поднесуваа само неколку илјади граѓани, а само неколку години подоцна тој број се зголеми за околу стопати, т.е. надмина 200.000!

ФОКУС: Што ги наруши овие позитивни трендови?

СЛАВЕСКИ: Голем удар за економијата беше финансиската криза во есента 2008 година, која подоцна прерасна во реална економска криза, која во историјата остана запишана како Големата рецесија 2007-2009. Да не заборавиме дека претходно имаше уште еден сериозен шок со цените на нафтата и на храната на светските берзи, што се закануваше да ја наруши ценовната стабилност во земјата. Дополнителен шок беше и блокадата на приемот на земјата во НАТО на самитот на оваа алијанса во Букурешт 2008-та година. Сите овие околности придонесоа на брутален начин да се прекине замавот што беше го земала земјата на економски план, што резултираше со рецесија во 2009 година.

ФОКУС: Одбивте доброволно да поднесете оставка од министер и отворено му се спротивставивте на Груевски. Дали се работеше за лични анимозитети или, пак, имавте некакви суштински разлики во поглед на водењето на економските политики?

СЛАВЕСКИ: Сложено и тешко е раководењето со ресорот Финансии во секоја влада. Тоа е особено тешко во земји што сѐ уште се во транзиција како што беше РМ кога јас станав министер за финансии. Огромни се притисоците од сите страни и навистина оваа функција успешно можат да ја извршуваат искусни и докажани личности, со интегритет и високи морални вредности. Во една друга пригода, министерот за финансии го споредив со родео-јавач, кој лесно може да биде исфрлен од седлото на коњот. Сепак, она што е најбитно за секој вршител на оваа функција, тешка и минлива, е по завршувањето на мандатот да може слободно да шета по улиците и парковите во земјата, со дигната глава.

Легендарниот поранешен министер за финансии на Германија, сега претседател на Бундестагот, господинот Волфганг Шојбле, има кажано дека „вистински“ министер за финансии е само оној што понекогаш може да му каже НЕ на премиерот. На премиерите ова понекогаш не им се допаѓа, а клеветите што стигнуваат до него во врска со работата и однесувањето на министерот за финансии, а тој е подготвен да ги впива како сунѓер, со тек на време си го прават своето. Не помага ниту вашиот анимозитет кон роднинско-кумовско-сватовските врски што се плетат во блиското окружување, што еве се покажа, да ти било вистинскиот „рецепт за катастрофа“!

СКОПЈЕ 2014“ Ѝ НАШТЕТИ НА ПАРТИЈАТА И НА ДРЖАВАТА

ФОКУС: По вашето заминување во 2009-та, економската политика на Груевски сѐ повеќе е во насока на популизам. Кои беа причините за тоа и дали ДПМНЕ изгоре во тој, според многумина, антидржавен процес?

СЛАВЕСКИ: Точно е дека порасна популизмот и во економските политики во годините по 2009. Јас не би го поврзувал овој развој на настаните со моето заминување, затоа што веројатно не би можел како поединец да ја спречам лавината што беше почнала да се тркала. Мене и додека бев член на владата, а и подоцна како граѓанин, ми пречеа некои чекори и процеси кои воопшто ниту биле дискутирани во раководните тела на партијата пред преземањето на власта во 2006 г., ниту подоцна. Тука би го навел т.н. проект „Скопје 2014“, каде што амбициите растеа во од и зафатија значителни средства од државниот буџет во период од неколку години. Дополнително, ја зголемија поделеноста во општеството, а оние објекти кои беа дел од т.н. антиквизација, наидоа на неодобрување кај нашите партнери надвор и остра осуда од грчка страна, без да ја постигнат целта, која морам да признаам, никогаш не сум ја дознал, односно разбрал. Сепак, мислам дека е пресилно да се окарактеризира ваквиот пристап во водењето на политиката како антидржавен! Но, очигледно беше предизвикана штета и на државата и на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС: Кога на едно место ќе се стави задолжувањето на државата, изразениот криминал и бројните безбедносни инциденти – како од економска гледна точка би го оцениле остатокот на владеењето на Никола Груевски од 2009-2017?

СЛАВЕСКИ: Во првата половина од периодот што го наведувате, владата се бореше со последиците од Големата рецесија 2007-2009, кои нанесоа сериозна штета во македонската економија. Ние искусивме т.н. рецесија со двојно дно – во 2009 и 2012 г. стапката на економски раст беше негативна, а во 2012 г. дополнително состојбите се комплицираа со должничката криза во Еврозоната, што најмногу ја погоди соседна Грција, која и покрај влошените политички односи во тоа време, претставува еден од поважните наши економски партнери. Преку сведување на јавниот долг на само 23 отсто во 2007 г. од околу 50 отсто во претходните години, владата си обезбеди т.н. фискален простор да може да одговори со стимулативни мерки за поттикнување на економската активност во годините за време и по кризата. Беа применети неколку пакети од антикризни мерки. Како сопствен придонес би ја спомнал и реформата бруто-плата, т.е. интегрираната наплата на социјалните придонеси, проследена со значително намалување на стапките на придонесите, што дополнително ги намали трошоците на бизнисите, иако подоцна влијаеше врз зголемување на дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и мораше да се направат одредени корекции.

ФОКУС: Кога се случува клучниот пресврт во негативен правец?

СЛАВЕСКИ: Сепак, некаде по 2012 г. работите тргнаа на лошо на повеќе полиња. Мислам дека „почеток на крајот“ беше инцидентот со исфрлање на пратениците од Собранието во декември 2012 година. Лично сметав, набљудувајќи ги работите од страна, дека е можеби подобро за партијата тогаш да се најде во опозиција, со цел да направи прочистување, преструктурирање и сопствена обнова. За жал, тоа не се случи! Стигнаа „бомбите“, стравот од губење на власта, преговорите со тогашната опозиција, која си беше обезбедила солидна меѓународна поддршка и сл. Не бев непосреден учесник во овие процеси за да можам да судам каде се направија најголемите грешки за работите да ескалираат со немилите настани во парламентот од 27 април 2017 година.

НЕ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ПЛАТИ, АКО НЕ РАСТЕ ПРОДУКТИВНОСТА НА ТРУДОТ

ФОКУС: За жал и новата власт (по 2017) не остана имуна ниту на популизмот, ниту на криминалот (кај дел од функционерите). Како ја оценувате целокупната економска политика по 2017 и кои се вашите совети до луѓето од економскиот тим на Заев? Каде економски грешат од СДСМ, а каде објективно се во право?

СЛАВЕСКИ: Владата предводена од СДСМ и ДУИ, според сопственото тврдење, целокупниот фокус го имаше ставено на политичките прашања околу промената на името на државата и договорот со Бугарија. Втората половина од тековнава година се прогласи за економска година. Како што се ситни мандатот на владата, соочени со временскиот теснец да испорачаат нешто од изборните ветувања, во услови кога мнозинството гласачи, вклучително и во сопствените редови, се длабоко разочарани и со изневерени очекувања, пристапуваат кон палијативни мерки што не носат резултат. Главниот проблем на оваа влада е што од почеток фокусот го стави на прераспределбата, а не на зголемување на новата вредност која единствено може да се дели, со цел обезбедување подобар стандард за граѓаните.

ФОКУС: Имате конкретни факти?

СЛАВЕСКИ: Докази за ова тврдење има на сите страни. На пример, последната мерка за притисок врз компаниите за зголемување на платите, во услови кога опаѓа продуктивноста на трудот. Владата таргетираше зголемување на минималната и на просечната плата со износи кои не може да ги достигне и цело време се однесува како мачка што се врти во круг залудно трудејќи се да си го дофати сопствениот опаш. Самиот концепт на таргетирање на платите во номинални износи е погрешен во пазарните економии, никаде не се применува и е со потенцијал да предизвика сериозни штети кај компаниите. Со еден збор, се работи за гол популизам.

ФОКУС: Противник сте на популизмот во економијата…

СЛАВЕСКИ: Треба еднаш засекогаш да се прекине со популистички мерки кои се нереални, неодржливи и имаат за цел да се додворат до некоја целна група. Денес сме сведоци како владата на СДСМ и ДУИ воведува мерки за вештачко зголемување на платите во услови кога нивните политики ја намалија продуктивноста на економијата. Ние предупредивме дека таквиот пристап ќе биде штетен за економијата и во никој случај не може да го подобри животниот стандард на македонските граѓани.

Најпроблематичен е слоганот „ги враќаме парите кај граѓаните“, што постојано се повторува. На ова граѓаните со право цинично забележуваат: Не, благодариме, подобро е да не ни ги земате парите преку зголемени даноци и други давачки, за потоа дел од тоа да ни враќате назад!

На полето на поддршка на компаниите преку т.н. План за економски раст, активност што е во надлежност на ревносниот и секаде присутен заменик-претседател на владата задолжен за економски прашања, се доделува помош на некои компании, но засега немаме податоци за тоа колкав број компании ги користат овие средства, во која висина и кои се ефектите од трошењето буџетски средства.

ФОКУС: Зошто нема податоци? Се прикриваат?

СЛАВЕСКИ: Не знаеме ниту дали се применува одредена стандардна методологија за следење на реализацијата на средствата и евалуација на резултатите. Вакви информации им се ускратени и на пратениците во македонскиот парламент. И овојпат се покажа дека СДСМ не може да состави тимови, од врвот до дното на пирамидата, за спроведување успешни економски реформи и проекти. Доказ за ова е ниската стапка на раст и пословично слабата реализација на капиталните инвестиции.

АНГЕЛОВСКА ЌЕ БИДЕ САМО „ТЕХНИЧКИ“ МИНИСТЕР ЗА ФИНАНСИИ

ФОКУС: Од пред еден месец имаме и нова министерка за Финансии. Нина Ангеловска стана втора најмлада личност што ја извршува оваа функција. Како го оценувате овој рискантен потег на Заев и што објективно може да очекуваме од ваквата рокада?

СЛАВЕСКИ: Ретко кој го разбра премиерот со смената на првиот човек во Министерството за финансии и чекорите што уследија. По низа перипетии по неуспешниот обид премиерот Зоран Заев директно да ја преземе и министерската функција во областа на финансиите, добивме за министер млада дама што била соосновач и раководи со работата на мала компанија од областа на електронската трговија и маркетингот. За првпат со ова Министерство ќе раководи личност, која во своето образование не изучувала содржини што се од областа што претставува директна надлежност на Министерството што го раководи – макроекономија, јавни финансии, монетарна економија, меѓународна економија, финансиски пазари и институции и сл., а нема ниту практично искуство во областа. Во период кога се на повидок неповолни движења на глобален план, со очекувани сериозни предизвици за македонската економија, овој ресор мораше да се најде во „сигурни раце“! Очекувам г-ѓата Ангеловска да функционира повеќе како технички министер, следејќи ги барањата и насоките од премиерот и неговиот заменик за економски прашања. Таа не може да биде „вистински“ министер за финансии според дефиницијата на г-динот Волфганг Шојбле, како што спомнав претходно.

ФОКУС: Деновиве актуелен е ребалансот на буџетот. Иако има различни толкувања, општиот заклучок е дека и оваа влада, како и сите претходни ја жртвува развојната компонента на сметка на социјалната. Од експертски аспект дали ваквиот ребаланс е добар за економијата или не?

СЛАВЕСКИ: Секој буџет содржи дел за капитални проекти во инфраструктурата, образованието, здравството и другите сфери на економскиот и социјалниот живот. Токму кај овие планирани инвестиции доаѓа до израз способноста и умешноста на владата и буџетските корисници за солидно и реално планирање, добра организација и подготовка за реализација на капиталните проекти. Ова е сериозна работа, доколку се има во вид дека и најмала интервенција во домот од домаќините изискува сериозен напор.

Природно е кога нова гарнитура ја презема власта да помине извесен период на консолидација на тимовите кај буџетските корисници и нивно оспособување за ефикасно планирање и реализација на проектите. Но тој период кај оваа влада трае предолго – за првите седум месеци од годината реализирани се само околу 28 отсто од планираните средства, што претставува најнизок процент на реализација досега во поновата историја. Цифрата говори самата за себе. Со ребалансот, поради неспособноста за реализација на капиталните инвестиции, средствата предвидени за оваа намена се кратат за 53 милиони евра, а за сметка на тоа за 69 милиони евра се зголемуваат тековните расходи за плати и надоместоци, субвенции и социјални трансфери. Тековните расходи најлесно се реализираат, единствено што е потребно некој службеник да достави налог за исплата до трезорот при Министерството за финансии. Просторот не дозволува наведување и други примери во оваа смисла, но и од претходно кажаното се гледа дека целокупниот буџет и овој ребаланс е ставен во функција на обид за купување гласови пред претстојните парламентарни избори.

ЌЕ ГО ВРАТИМЕ РАМНИОТ ДАНОК И МЕРКИТЕ ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ СДИ

ФОКУС: Од 2017 активно се вративте во раководството на ВМРО-ДПМНЕ како најистакната фигура во економскиот тим. Зошто токму вас ве одбра Христијан Мицкоски?

СЛАВЕСКИ: Како и многумина од партијата ВМРО-ДПМНЕ и јас болно го доживував периодот на политичка криза, особено по 2015 г., како член и како граѓанин на оваа земја. Целосно се посветив на академската професија и на семејството, а повремено бев присутен во јавноста со анализи што изразуваа критички ставови кон одделни политики на претходната влада. Во 2016 г., кога СДСМ излезе со делови од својата изборна програма кои упатуваа на непотребен интервенционизам во економијата и нереални ветувања, со длабоко скршнување во лево во областа на економските и социјалните политики, јавно го критикував таквиот пристап, што не остана незабележано во јавноста. Можев да продолжам да функционирам на овој начин, но кај мене беше посилна желбата да ѝ се помогне на партијата ВМРО-ДПМНЕ во тешките моменти на транзиција во раководството, особено по поразот на локалните избори во 2017 г. Истото го направив, како што спомнав претходно, и во 2002 г. Ја прифатив понудата од новоизбраниот лидер, г-динот Христијан Мицкоски, да станам член на потесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, во период кога хистеријата во дел од домашната политичка и медиумска сцена во демонизирањето на партијата и луѓето околу неа го беше достигнала својот врв.

ФОКУС: Каква е вашата визија за економската иднина и што конкретно може да очекуваме на економски план, ако ВМРО ДПМНЕ ја формира следната влада?

СЛАВЕСКИ: ВМРО-ДПМНЕ, во изминатиот период работеше на градење нов економски тим составен од универзитетски професори и стручни експерти, вклучително и луѓе од бизнисот, со силен научен и практичен бекграунд. Тоа е спој на искуство и нова енергија, која како синергија ќе понуди нов квалитет во делот на креирање модерни економски политики што треба да испорачаат повисок економски раст и поголем економски просперитет за граѓаните. Како координатор на Комисијата за изработка на новата партиска програма и член на ИК го предводам економскиот тим кој интензивно работеше на изработка на новата економска програма која е базирана на современи развојни концепти и сосема нов пристап во водењето на економските политики. Фокусот ќе биде ставен на градење системска и реална поддршка на индустријата и приватниот сектор во насока на зголемување на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија.

ФОКУС: Имате ли во програмата и дел од мерките на претходната влада?

СЛАВЕСКИ: Се разбира, еден дел од таа програма е заснован на надградба на некои политики кои во минатото дадоа позитивни ефекти, а оваа влада на СДСМ ги укина. Како некои од тие политики би ја спомнал политиката за ниски и рамни даноци, политиката за привлекување СДИ, мерките за зајакнување на фискалната дисциплина и борба со сивата економија. Ние силно веруваме, а тоа економската наука и досегашните светски искуства само го потврдуваат, дека платите и животниот стандард единствено може значително и одржливо да растат само преку подобрување на продуктивноста и зголемување на конкурентноста на приватниот сектор. Тоа е причината зошто целата наша енергија и сите политики ќе бидат насочени во таа насока.

АРХИВА Интервју со Ден Дончев, директор на Фондот за здравство: Фирмата на кумот на Груевски увезувала фалсификувани лекови од Турција!

$
0
0

Текстот е објавен на 24 ноември 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1155

Турската полиција уште пред две години предупредила за подземни капацитети во Турција што произведуваат лекови за македонскиот пазар. Овие лекови, произведени од сомнителен извор, а спакувани во амбалажи од оригинаторите, доаѓаат во Македонија преку т.н. паралелен увоз. Уште пострашно, доаѓаат без каков било сертификат за квалитет затоа што законската одредба е укината во 2013 година. Овие шокантни наводи за паралелниот увоз на лекови ги изнесува директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, во ексклузивното интервју за „Фокус“. Тој делумно открива и кој најмногу ќарил од воведувањето на паралелниот увоз: Три фирми што контролираат над 50 отсто од пазарот на паралелен увоз и се директно во кумска и роднинска релација со претходниот премиер Никола Груевски.“

Разговараше Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: За овие четири месеци претпоставувам веќе ја снимивте ситуацијата во Фондот за здравство. Дали го затекнавте она што го очекувавте или се шокиравте што проблемите се многу подлабоки?

ДОНЧЕВ: Проблемите во македонското здравство се многу поголеми од тоа што го очекував. Здравството како целина во Република Македонија е покриено од Фондот за здравство (ФЗ), Министерството за здравство и Агенцијата за лекови, кои на некој начин се различни страни од истата паричка. Има неколку клучни стратешки прашања во врска со Фондот за здравство. Меѓутоа, кога зборуваме за проблемите и прашањата во здравствениот систем, ќе зборуваме во контекст на стратешките прашања, кои ги засегаат интересите на граѓаните. Понекогаш може некои од прашањата не се во директни ингеренции на Фондот на здравство, но секако за да ги решиме, бараат мултиинституционален напор и од Фондот за здравство и од Министерството за здравство и од Агенцијата за лекови, но се разбира и од владата.

ФОКУС: Каква финансиска состојба затекнавте?

ДОНЧЕВ: Фондот од финансиски аспект е релативно стабилен. Приходите се покриени со директен прилив од 7,3 отсто од сите плати и придонеси, пензии итн. Приходната страна, изненадувачки, е релативно стабилна. Проблемот настанува со расходната страна. Тука постои нејаснотија за што точно се трошат парите и колкава здравствена вредност добиваат граѓаните. Постојат системски недостатоци и неефикасност во системот како целина.

ЛЕКОВИ СО НИСКА ВРЕДНОСТ

ФОКУС: Како може да не се знае каде се трошат парите?

ДОНЧЕВ: Ние секако знаеме каде се трошат парите, туку колку може да сме сигурни во ефикасноста на тие расходи? Од тоа што можам да го идентификувам во последните 3 до 4 месеци, се дефинираат неколку клучни стратешки прашања.

Првото стратешко прашање е позитивната листа на лекови. Тоа се лековите за осигурениците за кои плаќа ФЗОМ, односно тие се рефундираат и субвенционираат преку мрежата на аптеките во Република Македонија. Во последните десет години има само два нови лека додадени на таа позитивна листа, што е несоодветно на реалните потреби на осигурениците.

ФОКУС: Процедурата е компликувана?

ДОНЧЕВ: Тоа е втора небулоза, законската регулатива наследена од претходната влада. За да се промени или за да се додаде нов лек на позитивната листа, потребни се одлуки донесени од едно гломазно тело составено од 14 комисии; секоја броеше по 17 члена. Меѓутоа, иронијата да биде уште поголема, долго време ниту една од тие комисии не е екипирана. Тие се поделени според категоризациите на лекови на Светската здравствена организација.

ФОКУС: Значи невозможна мисија е да додадете нов лек на позитивната листа.

ДОНЧЕВ: Па, ситуацијата најдобро се опишува со фамозната изрека на Черчил: Ако не сакате нешто да решите, тогаш формирајте комисија. Во нашиот случај биле формирани многу комисии. Се поставува прашањето: зошто таква бирократска бариера е направена, кога практично било невозможно да се ревидира позитивната листа или да се додаде нов лек?

Знаеме дека светот се менува многу бргу, фармацевтската индустрија, исто така. Во последните десет години излегоа многу нови лекови. Некои лекови се многу иновативни. Неспорно е дека кога би биле на позитивната листа ќе придонесат многу за здравјето на граѓаните на Р.М., што е придобивка од највисок државен интерес. Вакви нови лекови можеле да спасат многу животи. На пример, во претходните десет години за хепатитис Ц излезе иновативен лек.

ФОКУС: И каков квалитет тогаш се лековите на позитивната листа?

ДОНЧЕВ: Од тоа што успеав да видам, преку 50 милиони евра се трошат за позитивната листа на лекови што ги субвенционира Фондот. Овие пари се префрлаат на мрежата аптеки низ државава. Најголем дел од овие лекови се со релативно ниска вредност од аспект на здравствените придобивки. Тоа значи дека можеби се квалитетни, но со ниска вредност. Знак прашалник е колку се реално корисни за вистинските здравствени проблеми.

ПЛАЌАМЕ СО НАШЕТО ЗДРАВЈЕ

ФОКУС: Има ли логика дека во времето на Груевски, во тендерите за лекови, клучна беше ниската цена, а за пиар-кампањите, квалитетот!?

ДОНЧЕВ: Сега влегувате во второто стратешко прашање, односно таканаречениот паралелен увоз. Од тоа што можам да видам, паралелниот увоз се воведува пред 6-7 години. Наводно е моделиран врз т.н. parallel trade на ЕУ. Но, тоа не е паралелен увоз, туку паралелна трговија во рамките на границите на Европската унија, која, пред сѐ, беше наменета да има меѓусебна трговија меѓу земјите за да не останува одреден вишок на лекови во одреденa земја и евентуално да се надомести недостиг од истиот лек соодветно. Целта беше да се искористат рационално сите лекови, но квалитетот беше обезбеден во рамките на регулативите во Европската унија.

ФОКУС: Зошто велите дека наводно е моделиран врз тој модел?

ДОНЧЕВ: Повикувајќи се на тој модел, претходната влада воведе т.н. паралелен увоз. Меѓутоа преку 95 отсто од увозот на лекови доаѓа од една земја, а тоа е Турција. Не сакам да бидам сфатен погрешно, во каков било негативен контекст за Турција. Јас верувам дека и самата Турција води далеку поголема грижа за своите граѓани од аспект на квалитетот на лекови што ги обезбедува за своите граѓани. Но, тоа не значи дека одредени подземни фармо-бизнис интереси во Турција не нашле можност, можеби животна шанса за некои, да направат профити од Македонија врз основа на оваа не соодветно дефинирана и сомнителна одлука на претходната Влада на Република Македонија.

ФОКУС: Значи ли дека се труеме со лековите што се набавуваат од, како што велите, „подземни фармо-бизнис интереси“?

ДОНЧЕВ: Прво, со лековите што ги увезуваме од Турција, дефинитивно паднаа цените на одредени лекови и тоа во значителна мера.

ФОКУС: И граѓаните се радосни дека имаме евтини лекови…

ДОНЧЕВ: Е сега дали се евтини? Здравството има краткорочна цена, но и долгорочна. Ако купам два идентични артикли, при што едниот е 50 отсто поевтин од другиот, поевтиниот лек можеби е фалц, а поскапиот лек е оригинал. Ве прашувам дали сум заштедил 50 отсто или сум платил 50 отсто повеќе од што треба? Притоа зборуваме за нашето здравје, здравјето на нашите деца и сите наши граѓани.

ФОКУС: Значи плаќаме со нашето здравје?!

ДОНЧЕВ: Токму така. Од аспект на здравјето и од аспект на цената, прашањето е: што всушност купуваме и дали знаеме какви се некои од лековите што ги увезуваме од Турција?

ФОКУС: Дали вие дознавте што купуваме, се направи ли анализа?

ДОНЧЕВ: Сѐ уште е многу тешко да се дојде до севкупната слика, бидејќи за некои лекови што ги увезуваме немаме ни капацитет да ги тестираме во нашата држава за да видиме што точно содржат. Таков е случајот со инсулинот. Меѓутоа се сретнав со претставници на Здруженијата на дијабетичарите. Не можеме да ги игнорираме нивните крикови, нивните апели дека се чувствуваат полошо по употребата на инсулинот отколку претходно. Тие сведочат дека ако купат инсулин од Грција, тогаш врши работа. Ако купат инсулин увезен од Турција, се чувствуваат полошо. Тоа не можеме да го игнорираме.

АМБАЛАЖАТА Е ОРИГИНАЛ, ЛЕКОТ Е „ФАЛЦ“

ФОКУС: Но, сепак, имате ли и други сознанија дека нешто не е како што треба со овој инсулин?

ДОНЧЕВ: Еве уште два примера што дојдоа до мене од два извора, што јас ги сметам веродостојни. И двете се големи фармацевтски компании. Првата е еден од гигантите на глобално ниво; се сретнав со нејзиниот генерален директор за Балканот кој ми го кажа следново. Пред две години добил извештај од турското МВР и го спровел до македонското МВР, каде што турската полиција предупредува за т.н. андерграунд, односно подземни производствени капацитети во Турција, кои произведуваат лекови за македонскиот пазар. Притоа, бидејќи Турција е голема земја со огромен здравствен систем, постојат организирани групи во рамките на нивните јавни здравствени установи, кои ги собираат оригиналните амбалажи од лековите. Амбалажите ги даваат на овие андерграунд-производители на лекови. Така лекови произведени од сомнителен извор се пакуваат во амбалажи од оригинаторите. Значи амбалажата е оригинал, лекот е „фалц“. Ова се поклопува со фактот дека во една пратка добивме разни сериски броеви и тоа е објаснувањето за тој феномен. Лесно се потврдува.

ФОКУС: МВР тука не реагира?

ДОНЧЕВ: Ова е состојбата на следење. Не е коректно да кажете дека МВР не реагира, ова е сѐ уште релативно нов проблем за новата влада.

ФОКУС: Прашањето ми беше за МВР на претходната гарнитура?

ДОНЧЕВ: Е, тука ќе ги прашате претходните зошто не реагирале. Јас зборувам само за состојбата. Тука има многу логични потпрашања, на кои јас не сум компетентен да одговорам зошто тоа било така.

ФОКУС: Кој е вториот пример?

ДОНЧЕВ: Вториот пример, е исто така од една гигантска фармацевтска компанија на глобално ниво. Тие документирано ми покажаа дека во Македонија доаѓа одреден инсулин, спакуван во амбалажа од наводно друг инсулин. Не сум лекар, но како што ми беше кажано, доколку такво нешто пациентот го искористи без да биде свесен точно што користи, зависно од поединецот, може да дојде до трагични последици. Секој инсулин може да придонесе за различни последици кај секој пациент.

ФОКУС: Која е фирмата која увезува вакви лекови?

ДОНЧЕВ: Најголеми придобивки од воведувањето на паралелниот увоз имаат три фирми кои се директно и индиректно поврзани. Така меѓу себе, тие три фирми контролираат можеби над 50 отсто од пазарот на паралелен увоз во Македонија и се директно во кумска и роднинска релација со претходен премиер.

ФОКУС: Мислите на Ристо Новачевски, преку чија фирма „Сирах инженеринг“ беше купен и плацот на Водно за Груевски?

ДОНЧЕВ: Релативно лесно може да се дојде до податокот околу најголемите фирми кои го вршат паралелниот увоз. Од тука мислам дека може и да се најдат податоците околу тоа кој стои зад овие фирми и како се меѓусебно поврзани.

БЕЗ СЕРТИФИКАТ ЗА КВАЛИТЕТ

ФОКУС: Како може вакви фалц лекови лесно да ги увезуваме?

ДОНЧЕВ: Увозот за регистрирани лекови е подобро контролиран преку баран сертификат за анализа за увоз на серија, односно сертификат за квалитет. Но, увозот на лекови преку паралелниот увоз доаѓа без каков било баран сертификат за квалитет од производителот и без авторизација.

ФОКУС: Тоа законот не им го бара?

ДОНЧЕВ: Не, не бара. Авторизацијата од производителите кон трговците, преку која им беше дадено право да тргуваат со нивните лекови и беше заштитен механизам за потеклото и квалитетот на лековите, е укината во 2013 година. Тоа беше многу елегантен начин за лесен увоз на лекови преку паралелниот увоз, а тоа во голема мера ги овозможува наведените дубари.

ФОКУС: Дубари, aма со страшни последици врз здравјето на граѓаните…

ДОНЧЕВ: Нелогичноста на нашиот здравствен систем им овозможувал дубари со штетни последици по здравјето на граѓаните. Ова е третото стратешко прашање што го наследивме, а се однесува  до начинот со кој се менаџира со јавните здравствени установи. Ќе видите, исто така, дека е поврзано со второто прашање околу паралелниот увоз и небулозата што постои во Македонија.

ФОКУС: Законите се менувале за да овозможат добивка за поединци?

ДОНЧЕВ: Јавните здравствени услуги ги увезуваат најскапите лекови, во суштина. Имате одредени лекови што се по 3.000 евра. Голем дел од нив доаѓаат од Турција, преку паралелните увозници. Што значи дека тука имаме, не само лекови за општа широка употреба, туку станува збор за специфични лекови и овие скапи лекови одат на мал број пациенти. Значи, нема масовна употреба, ама се скапи и со релативно мал определен број на корисници. Меѓутоа се обемни по вредност, поради самата поединечна цена на лекот.

ФОКУС: Но, дали се квалитетни?

ДОНЧЕВ: А кој отворил досега дебата дали се квалитетни? Не сакам да кажам дека сѐ што се увезува е сомнително. Но, за ова што ви го кажав, апсолутно стојам зад тоа дека лично сум уверен, врз основа на сите релевантни информации што ги имам, дека воопшто не можеме да бидеме сигурни во изворот (производителот) на голем број лекови. Дали се од подземни производствени капацитети од Турција, дали се од Сирија, дали се од Индија или такви други егзотични земји?

ФОКУС: И со такви лекови се снабдуваше јавното здравство?

ДОНЧЕВ: Е сега, кога се во прашање јавните здравствени установи, повторно, претходната влада направи нешто што нема никаква здравствена, економска или бизнис-логика или оправдување. А тоа е дека прво го подели Клиничкиот центар во автономни клиники, ги направи сите други јавни здравствени установи автономни ентитети. Затоа имаме 114 јавни здравствени установи, а со тоа и 114 управни одбори и 114 комисии за јавни набавки. Нон сенс и небулозно е во една држава од два милиони народ со здравствен систем онаков каков што е, во голема мера лековите и медицинскиот потрошен материјал во болниците да се набавува децентрализирано. Има одредени инстанци каде што се набавува централизирано, но апсолутно е нон сенс да имаш децентрализирани набавки.

КЛИЕНТЕЛИЗАМ НА ДЕЛО

ФОКУС: Нема економска логика, ама има функции за стотици фанови?

ДОНЧЕВ: Тоа е тоа кога зборуваме за политичкиот клиентелизам на Никола Груевски во последните десет години. Ова е еден од оние примери каде што можеме да го видиме тој клиентелизам на дело. Привидно се овластени повеќе директори, за работа што може да ја изврши еден или двајца. Преку набавката на лекови што треба да е примарна цел, е оштетено централното прашање во бизнисот или во економијата, кое се вика economies of scale, односно нарачка на големо. Секој, дури и најголемиот лаик знае дека едно е да набавуваш сто единици, а друго е да набавуваш милион единици од кој било продукт, каде било во светот. Што поголемо количество набавка, поединечната цена по дифолт паѓа. Со други зборови, друго е да распишеш 20 тендери по 5 милиони, друго е да распишеш еден тендер од 100 милиони. Се разбира дека и евентуалните малверзации полесно ќе се откријат и спречат кај една или две комисии. За контрола на 114 комисии, потребно е да се ангажираат огромни човечки ресурси.

Сега имаме две конфликтни ситуации. Од една страна, навидум цените на лековите паднаа поради паралелниот увоз. Од друга страна по дифолт цените на лековите се зголемуваат поради децентрализираниот систем на набавки, кој Груевски го направи пред осум години во јавното здравство.

ФОКУС: Сиромавиот двапати плаќа, како викаат…

ДОНЧЕВ: Да, токму тоа е проблемот во оваа инстанца. Така, покрај другото, ги исфрливме од македонскиот пазар квалитетните фармацевтски компании, оригинаторите. Тие секако се поскапи, меѓутоа никој не се посомневал во квалитетот на нивните лекови. Ги исфрливме од македонскиот пазар, бидејќи во голема мера нив не им се исплаќа да учествуваат на ситни тендери каде што однапред знаат дека не можат да ги постигнат цените што ги бараме.

ФОКУС: Како што веќе реков, за лековите клучна беше цената, а за пиар-кампањите квалитетот. Што е апсурд. Но, има ли ваков модел а ла Груевски барем во соседството?

ДОНЧЕВ: Имав можност да го посетам Хрватскиот фонд за здравство. Сепак, Хрватска како дел од бившиот ју-систем, од неодамна член на Европската унија можеби беше најрелевантен пример да направиме споредба. Нивниот модел за набавки е флексибилен. Хрватскиот фонд набавува лекови, при што може да влезе и во директни преговори со големите фармако-компании. Се уверив на самото место дека цените што хрватскиот фонд за здравство ги постигнува, посебно за скапите лекови, на пример како оние што се над три илјади евра, се слични како што ние ги постигнуваме при паралелниот увоз. Меѓутоа, тие преговараат директно со оригинатор-компаниите и можностите за фалсификат се исфрлени.

ФОКУС: Ние користиме посредници…

ДОНЧЕВ: Сакам да кажам дека далеку од тоа дека сме го исцрпиле моделот на тоа што значи поевтини лекови. На пример, да направиме една симулација. Ако ги централизираме набавките од јавниот здравствен систем, ако влеземе во партнерски односи со големите фармако-компании, ако повторно се обидеме да ги вратиме нив на македонскиот пазар преку централизирани јавни набавки.

ДЕЦЕНТРАЛИЗИРАНИ НАБАВКИ

ФОКУС: Сте направиле таква симулација?

ДОНЧЕВ: Работиме на тоа моментално. Тоа е многу сложена калкулација. Меѓутоа, интуитивно, а и фактички сум уверен дека доколку се определиме за централизирани набавки, доколку влеземе во директни преговори за одредени лекови со големите компании, тоа само по себе ќе биде намалување на цените по надолна линија. Така барем делумно ќе компензираме за навидум зголемените цени како ефект од прекинувањето на паралелниот увоз на овие сомнителни лекови за кои претходно зборувавме. Здравството има и краткорочна цена и долгорочна цена. Што ако лекот, колку и да е евтин, нема превентивна или соодветна тераписка улога? Што ако поради сомнителен поевтин лек, пациентот по пет години заврши на одредена хируршка интервенција? Како можеме да калкулираме колку тоа го чини македонското здравство?

ФОКУС: Сакате да кажете дека она за што денес пациентите се радуваат, дека лековите се поевтини, потоа ќе ги чини скапо?

ДОНЧЕВ: Не можеме да гледаме врз трошоците во здравството на краткорочна основа. Мора да гледаме што постигнуваме од аспект на превентива и долгорочно здравје на нашите граѓани. Само во една таква рамка можеме да зборуваме што е евтино, а што е скапо кога е во прашање здравствениот систем. Ова е третото стратешко прашање.

Четвртото стратешко прашање е лично мое согледување, професионалниот и стручниот персонал, лекарите што ги имаме, во најголема мера се повеќе од адекватни да одговорат на потребите на граѓаните. Верувам дека имаме професионален, трудољубив, чесен персонал, кој може да одговори на потребите на граѓаните.  

ФОКУС: Во јавното здравство?

ДОНЧЕВ: Зборувам како целина. Проблемот на македонското здравство, посебно јавното здравство за мене е проблем на организација, деловни процеси и информатички системи. Дел од таа организација, на пример, е и начинот на кој набавуваме децентрализирано лекови. Ако овие работи ги решиме и значително ги унапредиме, ќе придонесеме кон далеку поефикасен здравствен систем, што по дефиниција ќе придонесе кон значителни заштеди, кои сега ги трошиме нерационално.

ФОКУС: Што стана со зголемувањето на платите на лекарите?

ДОНЧЕВ: Па, сето горенаведено, овозможува и ослободува средства реално да ги зголемиме платите на лекарите. Тоа е, исто така, еден клучен елемент за мотивирање на тој кадар. Дел од проблемот е кадарот, кој е високоценет секаде во светот, а не е адекватно компензиран од нашата држава… Не е мотивиран и се случува голем дел од нив да заминат од државата. Ова, исто така, е чинител за неефикасно сервисирање на потребите на граѓаните. Прашањето е сложено, но сакам да ве уверам дека мора значително да се инвестира во тие три сегменти, со цел да ги поставиме темелите на едно модерно европско здравство во 21 век.

ФОКУС: Како да се реши проблемот што секојдневно имаме апели за донации за болни за лекување во странство?

ДОНЧЕВ: Според сегашниот Закон и Правилникот на ФЗ, при секое уредно доставено барање за лекување во странство од кој било граѓанин, придружено со таканареченото конзилијарно мислење од соодветната универзитетска клиника, кое поминало на првостепена и второстепена комисија, составени од професори и лекари, Фондот по закон е должен да ја најде најсоодветната понуда за праќање на тоа осигурено лице во странство.

ФОКУС: Не е тоа предолга процедура?

ДОНЧЕВ: Па, сакам да кажам дека тоа е законско загарантирано право за секој граѓанин. Работиме да ги забрзаме овие процедури. Меѓутоа, што е тука  проблемот? Имам впечаток дека по трагичниот случај на малата Тамара, кога имавме еден апсурд на ненавремено изјаснување на здравствениот систем каде детето да се лечи – тука или во странство, сега можеби отидовме во другата крајност. Сега самите лекари стравуваат да не почине пациент под нивна надлежност и ако за пациентот сметаат дека е претежок случај од кои било причини, најлесниот начин е да му потпишат лекување во странство. Пред случајот на малата Тамара, ако вкупниот буџет на Фондот беше околу четири милиони евра за праќање во странство, сега ризикуваме дека со ова темпо ќе отидеме на осум, па и до десет милиони евра за лекување надвор од државава, зависно од тоа како ќе ја завршиме оваа година.

ДА НЕ БИДЕМЕ ЗАЛОЖНИЦИ НА ЕМОЦИЈА

ФОКУС: Дали се испраќаат само пациенти за кои овде не се вршат операции или за лекување?

ДОНЧЕВ: По правило би требало да праќаме само пациенти за кои македонското здравство не може од кои било причини да ги лекува овде. Тоа може да биде од три причини: немаме стручен кадар или лекар, таков кадар воопшто не постои или, пак, немаме опрема, односно услови. Не може да биде од која било друга причина.

ФОКУС: Пред 20 години, случај за кој лично бев засегната, дете со тумор на мозокот го праќаа во Шведска. Значи за 20 години не е обучен кадар, хирург, кој ќе може да оперира, како во случајот со Валерија. Зошто не се инвестирало во стручни лекари, услови и сл.?

ДОНЧЕВ: Вашата поента е многу круцијално прашање. Ќе бидам отворен и искрен. Ова е прашање на емоции. Сите ние сме луѓе, не дај боже да се случи нешто на нашите сакани и најблиски, секој ќе гледа да се избори за тоа што смета дека е најдобро. Ама гледано од институционален аспект, треба да сме свесни што е можното, што е рационалното и што можеме да правиме тука во Македонија, а не го правиме. Се доведуваме во ситуација кога значителен дел од нашиот здравствен буџет се одлива надвор сѐ повеќе и повеќе. А Ви кажав, само од три причини би испратиле пациент надвор. Пред два месеца и јас имав случај кој ме потресе, но и ме натера да размислувам како дојде македонското здравство во ваква ситуација?

ФОКУС: Каков случај?

ДОНЧЕВ: Значи, во случај на итност, Фондот е должен да донесе одлука за лекување во странство во рок од 48 часа. Петок навечер, до мене пристигнува документација за праќање на возрасен пациент во странство за сума од 220 илјади евра, плус 25.000 евра за санитарен авион. Разбирам дека секој пациент е важен во нашата држава и тука нема ништо спорно. Ама тоа ме натера да размислам дека излегува за одредени луѓе државата е мајка, а за други маќеа. Бидејќи слушаш за одредени пациенти, кои починале за недостиг од лекови од 5.000 евра.

ФОКУС: И до каков заклучок дојдовте?

ДОНЧЕВ: Темелно го истражив тој случај и зборував со еминентни хирурзи. Нивниот одговор беше дека овој пациент е толку ризична категорија, доколку замине на пат, ризикот е голем да почине при самото полетување. Ризикот е преголем и дека при самата интервенција може да почине. Меѓутоа, ме советуваа дека доколку го сторнирам ова решение, јавното мислење ќе биде дека не сме направиле тоа што треба.

Го пративме пациентот во странство, и како што беше предвидено, за жал, пациентот почина. Во тој случај сфатив дека лекарите стравуваат да донесат одлука, а некој мора да застане и во одбрана на професионалните одлуки на лекарите.

Ова се теми создадени во тој пост Тамара свет и мора да ги дискутираме и дебатираме јавно. Секој го сака најдоброто, јас го сакам најдоброто, но за нас е голема одговорност да не бидеме заложник на емоција, туку да видиме што навистина треба да направиме како држава, за доброто на граѓаните.

РЕЦЕПТ НА БАНКРОТ

ФОКУС: И до каде ќе стигнеме со овој тренд?

ДОНЧЕВ: Со случајот на починатиот пациент во странство сфатив дека ако продолжиме вака, тоа е рецепт на банкрот на јавното здравство. Организационите причини се проблем и зошто праќаме луѓе во странство на скапи терапии. Оваа година најскапата поединечна ставка за праќање во странство е за леукемија. Во зависност од возраста, посебно кога се во прашање деца, компликации итн., од 90.000 па до 200.000 евра може да чини една операција надвор.

Затоа при споменатиот случај се консултирав со претставници од владата и сфативме дека стратешки важно е да го вратиме капацитетот на нашето здравство. Поставивме цел, во наредните две до три години, 60 до 70 проценти од тие околу 10 милиони евра што се трошат за лечење во странство, да ги вратиме и задржиме во македонското здравство.

ФОКУС: Како ќе ја остварите оваа цел?

ДОНЧЕВ: За одредена операција може да донесеме хирург од страна. Може по потреба да донесеме такви пет доктори на платен список, ќе инволвираме лица и од јавното здравство и од приватното здравство, да гледаат и да се обучуваат на самото место. Ако нема услови во која било државна клиника, ќе изнајмиме услови од приватните. Имаме неколку еминентни приватни клиники, кои ги исполнуваат условите. Ако немаме опрема, да ја идентификуваме која е таа дефицитарна опрема и долгорочно да градиме капацитет од секој аспект во државното здравство. И не само да се стремиме кон намалување на пациентите што ги праќаме во странство, туку да изградиме центри, таканаречени medical centers of excellence, со кои ќе станеме привлечни за другите земји од околината да праќаат нивни пациенти овде во нашата држава.

ФОКУС: Какви решенија планирате за овие пет стратешки проблеми? Промена на закони, регулатива, кадровски промени?

ДОНЧЕВ: Некои решенија бараат промена на закони, од аспект на позитивната листа и обезбедување квалитет. Ревидирање на тоа што треба да биде на позитивната листа, каде ќе добиеме најголема вредност од здравствен аспект, кои лекови ќе придонесат кон најреалните потреби на граѓаните и кои постапки ќе доведат до најефикасно менаџирање со позитивната листа и гарантирање на квалитетот. Други бараат инвестиции во нови информатички системи и деловни процеси. Трети решенија налагаат реорганизација на јавните здравствени установи. За сето ова мислам дека можеме да обезбедиме и значителна помош од ЕУ фондовите.

ФОКУС: Сте разговарале со премиерот Заев? Имате поддршка за ова?

ДОНЧЕВ: Премиерот е во тек и имаме апсолутна поддршка да почнеме да ги решаваме проблемите. Проблемите се длабоки, не можеме да ветуваме брзи решенија, но многу поважно од тоа е да ги поставиме на здрави темели, кои ќе го служат македонското здравство, во една европска Македонија, во 21 век.       

ЕКОНОМСКА ЛОГИКА

ФОКУС: Груевски има завршено Економија, може ли да не знае дека кога набавките одат централизирано се добива пониска цена?

ДОНЧЕВ: Јас мислам дека одговорот лежи во клиентелизмот. Еден од тие школски примери за тоа што направи клиентелизмот во последните десет години. И еве конкретно во здравствениот систем.  

ФОКУС: А, провизиите, нели се тие мотивот тука?

ДОНЧЕВ: Видете, не би ни навлегувал во тоа. Прво сега зборуваме за небулози, воопшто не е релевантно, бидејќи прво и, пред сѐ, станува збор за економска логика и за квалитетни лекови. Тие се примарните две прашања. За мене е многу поважен квалитетот на лекот, да има позитивен здравствен ефект отколку да зборуваме за што било друго.

ЛИНЕАРНИОТ АКЦЕЛЕРАТОР Е МРТОВ КАПИТАЛ

ФОКУС: Претходната власт се фалеше со новите апарати, но има и такви што уште никој не знае да ги користи.

ДОНЧЕВ: Не само што се набавуваат, туку е поалармантно друго нешто. Има случај во Онкологија. Купен е линеарен акцелератор, платен два милиони евра, до ден денес плаќаме лежарина. Значи го увезле, го платиле, а не се изградиле потребните услови, односно бункерот за заштита од зрачење. И две години линеарниот акцелератор е мртов капитал.

ИМАЛО СЕЛЕКТИВНОСТ

ФОКУС: Дали од претходно, пред случајот со Тамара, ќе најдете дека постои селективност? Блиски луѓе до власта лесно да добиваат многу пари за лекување надвор, а на други не, бидејќи ние знаеме за такви.

ДОНЧЕВ: И јас можам да ви дадам примери. Дека имало селективност во тоа што рековте, имало. Меѓутоа, многу е неблагодарно да се зборува за тоа, затоа што, сепак, станува збор за луѓе кои неспорно имале потреба. Кога здравјето е во прашање,  мора да создадеме еднакви услови за сите, да водиме грижа и нега за секој пациент. Кога здравството е во прашање, не може за еден државата да биде мајка, а за друг маќеа.

(АРХИВА) УВОЗОТ НА ЃУБРЕ СЕ ВРШИ НА „ЖИМИ МАЈКА“: Ќе се открие ли македонската мафија што нѐ труе со опасен странски отпад?

$
0
0

Текстот е објавен на 7 февруари 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1218

Во Македонија е дозволен увоз на отпад само за преработка, за потребите на одредени компании, но никако за складирање или уништување на отпадот. Ние не можеме да се справиме со нашето ѓубре, а не пак да се справуваме со туѓото. Тоа е логиката, но и законското ограничување. Сепак, се погласни се шпекулациите дека под превезот на легален отпад, се увезува и друг за уништување, кој наводно се гори на повеќе локации низ државата. Надлежните наместо да пуштат инспекции, по се изгледа ги пуштиле да пасат овци. А, ѓубреџиската мафија протифира, ли протифира!

 Пишува: Валентина ВУРМО

Кон крајот на 80-тите години во Италија почна да цвета криминалот со ѓубрето. Мафијашкиот бос Кармине Шиавоне, петнаесетина години подоцна ѝ открил на тамошната парламентарна комисија што го истражувала загадувањето, како Италија се загадувала со токсичен отпад, но неговото сведочење со години се чувало и третирало како државна тајна. Тој ја разоткрил мафијата „Камора“, потенцирајќи дека регионите на Јужна Италија биле загадувани со отпад што доаѓал од цела Европа, не само од Италија.

Членот на мафијата детално опишал како познатиот клан на „Камора“, Казалези, го контролирал депонирањето на отпадот меѓу Латина, на 70 километри јужно од Рим и Казерта, на 40 километри северно до Неапол. Меѓу индустрискиот отпад имало ѓубре од Северна Италија, но и радиоактивен материјал од Германија, кое завршило, на пример, во јами и езера. Мафијата особено многу пари заработила од бизнисот со Германија по падот на Берлинскиот ѕид.

Главен потпорен ѕид на мафијашите, пак, им биле и градоначалниците во сите 106 општини во провинцијата Казерта, кои ги врбувале, а можеле да се потпрат и на молкот на повеќемина министри, како и на поранешниот италијански премиер Чириако Де Мита.

Граѓаните кои самите се бореле против мафијата преку протести, тврделе дека бројот на заболени од рак е енормно зголемен, но тоа не можеле да го докажат на хартија, бидејќи немало статистика за заболените во Неапол и околината.

НА ГРАНИЦА ОПАСНИОТ ОТПАД СЕ ВНЕСУВА НА „ЖИМИ МАЈКА“

Во моменти кога Македонија се бори со енормното загадување, сѐ погласно се поставува прашањето дали можеби и кај нас постои мафија од типот на „Камора“, која увезува европско ѓубре?

Сомнежот се зголемува и поради отсуство на точни и прецизни информации за загадувачите, во немањето волја да се реши проблемот, како и сознанието дека многу лесно во државата може да влезе опасен отпад.

Дека во Македонија, нелегално, се внесува странско ѓубре, кое потоа се уништува тука, се сомневаат еколошките невладини организации.

Нам не ни е познато точното количество отпад и типот на отпадот што се увезува. Отпадот што се увезува за да се извезе не знаеме дали навистина е транзиторен или дел останува и се користи во земјата и под кои услови. Транспарентноста во однос на податоците за увезен отпад е минимална, нема објава на месечни податоци, каде лесно и јасно ќе биде прикажан типот на отпад, колку е увезен, за која намена, на кој начин се искористува и кои компании го увезуваат и каде го извезуваат, велат од „О2 Коалицијата“.

Увозот на отпад наменет за преработка се врши легално, односно со законска дозвола, а она што е недозволено е ѓубрето да се увезува за складирање или уништување.

На прва, нема ништо сомнително при увозот на отпад за преработка, кој се врши според Базелската конвенција за контрола на отпад.

Дозволите за увоз на отпадот ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Тие содржат точни податоци за тоа кој има намера да го испорача отпадот и се приложуваат низа документи за движење на пратката отпад – товарен лист, информации и документи што се однесуваат на транспортерот, увозникот, односно капацитетот каде ќе заврши отпадот – примачот, склучен договор меѓу известувачот и примачот на пратката отпад, документ за обезбедена финансиска гаранција и дополнителни информации што ја опфаќаат испораката на отпад од почетното место на испраќање до местото на прифаќање, вклучувајќи ги и привремените активности за преработка и отстранување.

И дотука се чини дека сѐ е во ред, односно изгледа дека секој детаљ е опфатен. Но, она што е проблематично, е доколку македонските царинари сакаат да направат контрола на отпадот, односно да видат дали сѐ што е напишано во документацијата навистина е натоварено во камионот, тоа нема да можат да го сторат. Или, просто речено, увозот се врши на „жими мајка“!

ПОПОВСКА: ДА СЕ СЛЕДИ ПАТОТ НА ПАРИТЕ!

Квалитетот на отпадот се потпира само на документацијата, односно не може да се провери, бидејќи во државата не постои акредитирана референтна лабораторија.

Македонските царински органи се должни да ја проверат оваа документација. Карактеризацијата извршена од страна на акредитирана лабораторија со потекло од развиените земји, во принцип претставува доволна гаранција дека наодот од документацијата е соодветен на фактичката состојба. Меѓутоа, понекогаш карактеризацијата на отпадот што се приложува во документацијата може да биде спорна и во тој случај во Македонија не постојат услови за контрола на отпадот што се увезува, бидејќи немаме акредитирана лабораторија за карактеризација на отпадот, велат од Министерството за животна средина.

Токму поради неможноста за контрола, од невладините организации се сомневаат дека под превезот на легалниот увоз се внесува и опасен отпад за уништување.

Според Арианит Џафери од тетовската „Екогерила“, забраната за увоз на отпад во Македонија значително ќе придонесе да се намали нивото на загадувањето, особено во Скопје и затоа ги повика премиерот Зоран Заев и Владата да го променат Законот за увоз на отпад.

Македонија нема капацитет да се справи со сопствените количества отпад, па така увозот на отпад од земјите од ЕУ остава сомнежи за корумпираните врски и можни импликации за интересите на мафијата. Бараме од ОЈО да ја испита оваа активност, вели Џафери.

Решението, според ДОМ, е основање национална акредитирана референтна лабораторија што ќе може да врши контрола на квалитетот на отпадот што се увезува во Македонија.

Нема прецизни информации во институциите за тоа каков отпад влегол во Македонија. Веќе две-три години се обидувам да дојдам до конкретни податоци, но повеќе места ми даваат различни податоци, па во една таква хаотична ситуација може да се провлекува и некој криминал со отпадот. Бидејќи нема контрола, може да се увезува опасен отпад за уништување, а на документацијата да пишува дека увезуваме суровина, вели пратеничката Лилјана Поповска.

Таа додава дека мора да се направи и поголема контрола на работата на „Дрисла“.

Град Скопје треба да врши контрола на сѐ што влегува во „Дрисла“. Треба да се следи и текот на парите и на фактурите во депонијата. Доколку се прави криминал, тоа е мрежа, многу канцеларии се во прашање, не е само еден човек, вели Поповска.

КАДЕ ИСЧЕЗНА ИТАЛИЈАНСКОТО ЃУБРЕ ШТО ТРГНА КОН „ДРИСЛА“?

Според неофицијални информации, кои сѐ погласно кружат во јавноста, во Македонија сепак влегува и странски отпад за уништување, и наводно се гори на три локации, и тоа во Скопје, Тетово и во Битола, каде што според упатените, и мерните станици покажуваат најголемо загадување.

Шпекулациите за увоз на странско ѓубре се разгореа кон крајот на 2016 година, кога италијанските медиуми објавија дека опасен отпад натоварен од Италија во 1.130 контејнери, тргнал кон Македонија и требало да се истовара на депонијата „Дрисла“. Пратката товарена на брод тргнала од пристаништето „Џоја Тауро“, Италија, и стигнала во Драч, Албанија, но официјално не го минала граничниот премин „Ќафасан“. Италијанските медиуми располагаа и со голем број детали, од регистарски таблички на возилата, до датумот на кој требало да се изврши испорака на пратката.

Раководството на скопската депонија „Дрисла“ тогаш за „Фокус“ изјави дека тие досега не увезле ниту еден килограм странски отпад, оградувајќи се од пишувањата на италијанските медиуми, дека отпадот бил наменет за „Дрисла“.

Но, за разлика од нивниот одговор, од Министерството за животна средина на нашето прашање дали концесионерот на депонијата, италијанската фирма „ФЛЦ Амбиенте“, од 2013 до 2017 година има побарано дозвола од Министерството да складира и уништува отпад од странска држава, ни одговорија позитивно.

Да, има побарано увоз на отпад во 2016 година, но со Решение од министер со бр. УП1-11/2-241 од 07.09.2016 година е одбиено барањето за увоз на отпад, ни одговорија од Министерството за животна средина.

Покрај мистериозно исчезнатиот отпад, кој може и да е радиоактивен, италијанските медиуми пишуваат, а приложуваат и документи, дека во февруари 2016 година, четириесет општини од Италија со концесионерот на „Дрисла“, италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте“ ДОО, потпишале резолуција за прекугранично располагање со нивното ѓубре.

По истиот пат по кој наводно тргнал и опасниот отпад, поминале уште 1.140 контејнери, кои влегле во Македонија, но според Царинската управа сме увезле разна стока, како замрзнато пилешко месо, банани, моторцикли, детски играчки, износена облека, ќебиња, јакни работни синтетички, регистратори, сардини во масло, оксиди на бакар, овча кожа, но не и отпад.

И УБК БАРА ОПАСЕН ОТПАД

Информацијата за опасниот отпад стигна и до македонските истражни органи, но засега не соопштуваат резултати од истрагата. Како што неофицијално дознаваме, од доброупатени извори, се формирала работна екипа со претставници од Управата за финансиска полиција, но и од Управата за безбедност и контраразузнавање, која требало да дознае дали во државата навистина влегува опасен отпад.

Дознаваме и дека Управата, на чие чело стои директорот Арафат Мареми, во меѓувреме ја чешла и депонијата „Дрисла“, а предмет за депонијата имаат отворено и од Основното јавно обвинителство. Сепак, тоа не е сѐ. Неофицијално дознаваме и дека Специјалното јавно обвинителство чепка по ѓубрето, а наводно истражителите биле насочени кон перење пари и провизии. Сепак, за овој предмет не успеавме да дознаеме повеќе информации, бидејќи од СЈО ни одговорија дека и доколку се води предистрага, таа е тајна.

И во моментот кога сите мислеа дека ѓубрето од Италија се изгубило некаде по пат, извори за „Фокус“ брифираат дека постои голема можност оваа пратка да влегла во Македонија, но не преку преминот „Ќафасан“, како што наводно било предвидено, туку на граничниот премин „Стар Дојран“ кај Дојран.

– На овој граничен премин кога стигнува пратка на која пишува „опасно“, никој не го отвора контејнерот и не прави проверка, вели нашиот извор.

Тој вели дека на крајот не се исклучува ниту можноста опасниот отпад да се внесува на диви премини.

Невладините организации кои почнаа протести против загадувањето, сметаат дека властите, доколку сакаат да ѝ објават војна на мафијата со ѓубре, треба да тргнат од „Дрисла“.

Сакаме да прашаме, што се гори во печките на „Дрисла“, дали тој отпад се декларира како отпад, дали имаат соодветни филтри. Што преземаат државните органи за санкционирање. Има ли ноќни и ненајавени смени, прашува Драги Змијанац од детската амбасада „Меѓаши“.

Активистот Тони Никушевски од „За чист воздух“, пак, бара Град Скопје да го раскине договорот со италијанскиот концесионер „ФЛЦ Амбиенте“.

Најголемиот проблем е тоа што во оваа депонија се гори секаков вид ѓубре, вели Никушевски.

ЌЕ СИ ЗАМИНАТ ЛИ ИТАЛИЈАНЦИТЕ ОД „ДРИСЛА“?

Борбата за најголемата скопска депонија „Дрисла“, поточно за милионскиот бизнис, трае веќе седум години, и никако да се оконча. Наместо за овој период депонијата да прерасне во еколошки парк, и понатаму е само еколошка бомба, која ги труе скопјани, а се чини дека така ќе биде и во догледно време, бидејќи во градот со месеци се одложува изборот на новиот концесионер.

Имено, концесијата во 2012 година, градот Скопје, на чело со градоначалникот Коце Трајановски, му ја додели на италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте“ и „Униеко“, а конкурентната „Шолц“ од Германија со години правдата ја бараше на суд.

Во јули годинава, Вишиот управен суд донесе мериторна одлука според која требаше да се оконча долгогодишниот спор меѓу компаниите, бидејќи му се наложи на Град Скопје повторно да направи бодување  и да одлучи кој ќе биде концесионер. Во игра се двете завојувани страни, актуелниот концесионер од Италија „ФЛЦ Амбиенте“ и германскиот холдинг „Шолц“, а во игра се враќа и австриската АСА „Интернешнел“.

Но, наместо Градот конечно да го избере новиот концесионер, постапката тапка во место, бидејќи италијанскиот конзорциум барал повторување на судската постапка.

Бараме повторно судење бидејќи приложивме нови докази,односно полномошното на адвокатката на „Шолц“ е издадено од поранешен управител, кој веќе со години не е на таа позиција, ни изјави Љупчо Шврговски, правен застапник на „ФЛЦ Амбиенте“.

Од германската компанија „Шолц“, пак, нѐ брифираат дека во изминативе години тие го ширеле бизнисот, од акционерско друштво станале холдинг, па поради тоа имало и смена на позиции. Сепак, истакнуваат дека стариот управител и понатаму имал задача да го истера процесот со „Дрисла“, односно дека тие и понатаму се заинтересирани за депонијата. Па, затоа за нив, овој обид на нивниот конкурент е само купување време.

Од „Шолц“ очекуваат дека конечно тие ќе ја добијат депонијата и ќе се стави крај на оваа долгогодишна битка. Тие и понатаму тврдат дека италијанскиот конзорциум го нема потребното искуство за работа во дејноста со отпадот, поради што и ја почнале правната битка.

Управниот суд во својата последна пресуда утврдил дека победничкиот конзорциум не доставил доказ дека работеле со отпад, туку „Униеко“ се занимавала со градежништво и производство на тули, а ФЛЦ „Амбиенте“ реално немала и што да понуди како доказ, бидејќи за таа дејност била регистрирана два дена пред истекот на продолжениот рок за аплицирање на тендерот. Поточно, во времето кога течел првиот рок од тендерот, во јануари 2012 година, фирмата воопшто не била регистрирана. Рокот потоа бил продолжен од градскиот Совет по барање на еден од понудувачите.

Исто така, според судската одлука, оваа компанија не доставила ниту доказ за финансиската состојба.

СЕ ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД РАК, НО ОФИЦИЈАЛНА СТАТИСТИКА НЕМА

На последната судска одлука многу не се израдува ниту градоначалникот Петре Шилегов, бидејќи тој сакаше Градот самостојно да го избере концесионерот, но не да избира меѓу двете завојувани страни, и дополнителната трета, Австријците, туку под нови услови да распише нов тендер на кој ќе се борат повеќе компании.

Ваквото барање од градот го аргументираа дека денес технологијата, во однос на отпадот е отидена далеку понапред од понудената, па сигурни се дека ќе најдат подобар концесионер.

Додека да падне одлуката кој да биде новиот концесионер, „Дрисла“ и понатаму работи на стариот начин кој загадува. Во 2012 година, кога се избра концесионерот, италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте и „Униеко“, визијата на тогашниот градоначалник Коце Трајановски беше дека до 2016 година „Дрисла“ ќе стане модерна европска депонија и ќе работи по стандардите на италијанската депонија „Белведере“, која од ѓубрето прави струја. Но, новите стопани, освен што заѕидаа десетина тули, правејќи постројка за новата медицинска печка, која сѐ уште ја нема, сѐ друго оставија како што си беше. А, според договорот, за четири години требаше да инвестираат дури 80 милиони евра!

И додека трае битката за тоа кој да ја лапне концесијата, вистинска мистерија е што се случува во „Дрисла“?

Таму вратите се отворени за јавноста, но она што може да се види е само купишта ѓубре, без пристап до документацијата, а, според сѐ погласните шпекулации, таму се крие вистината, и тоа онаа за медицинскиот отпад.

Доброупатени извори за „Фокус“ откриваат дека со години од Државниот инспекторат за животна средина не е извршена инспекција, барем не реална, за конечно да им се стави крај на гласините дека се прават страшни злоупотреби со медицинскиот отпад. Обиди да го разбуричка „ѓубрето“ имаше неодамнешниот в.д. директор Мирослав Богдановски, но по само шест месеци тој беше тргнат од позицијата, а инспекторатот повторно премина во рацете на кадар на ДУИ.

Сакавме да го прашаме актуелниот министер за животна средина, Садула Дураки, дали можеби тој слушнал за шпекулациите дека во Македонија се увезува отпад за уништување, но тој не одговараше на телефонските повици на „Фокус“. Во меѓувреме, од Државниот инспекторат за животна средина, иако го известиле Обвинителството дека „Дрисла“ не загадува, ја игнорираат ваквата забелешка и велат дека продолжува со проверките во насока на утврдување на фактите во предметот.

Случајно или не, сите шпекулации околу загадувањето водат кон италијанското сценарио. Уште една случајност е што и таму, како и кај нас, во екот на аферата за загадување, не се правела прецизна статистика за заболените од рак.

Кога го посетивме најблиското населено место до скопската депонија „Дрисла“, селото Батинци, тамошната лекарка нѐ пречека со шокантни податоци. Ни тврдеше дека бројот на заболени од рак, особено на белите дробови е енормно зголемен, но не само во Батинци, туку и во Драчево и во Лисиче, кои се во близина. За да ги поткрепиме информациите на докторката, побаравме статистика од Институтот за јавно здравје, за заболени од рак во овие места, но од таму ни одговорија дека такви податоци немаат, односно заболените ги броеле по региони, а не по села. Сума сумарум, мафијата се наѕира, само уште да ѝ го дознаеме името!

ВО 2015 И ВО 2016 ГОДИНА РЕКОРДЕН УВОЗ НА ОТПАД

Според годинешните извештаи на Министерството за животна средина, увозот на отпад енормно се зголемува во 2015 и во 2016 година, бидејќи овие две години бил увезен отпад, кој за дваесетина пати бил поголем од количествата увезени од претходните пет години.

Увозот од 2011 до 2015 година се движел меѓу 815 и 3.492 тони, без да се прецизира во извештајот конкретно од кој тип е отпадот. Во 2015 година, бројките нагло се качуваат на 78.595 тони, а во 2016 година дури на 118.778 тони. Во 2017 година, пак, повторно увозот на опасни материи е намален на 6.610 тони, приближно на количествата пред 2015 година.

(АРХИВА) ОД ПОТЕНЦИЈАЛЕН РОБИЈАШ ДО ЧОВЕК ОД ДОВЕРБА: Три месеци министер во владата на Груевски бил прислушуван со судски налог!

$
0
0

Текстот е објавен на 27 јуни 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1238

Пишува: Валентина ВУРМО

Кога ќе се спомене аферата за масовното нелегално прислушување, која беше откриена во 2014 година, сите прстот го вперуваат во ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и во неколку негови блиски соработници, заборавајќи на жолтите комбиња и странските служби со кои беше опседнат експремиерот Никола Груевски.

Сепак, и по пет години за Мијалков не постои судско пусулче, кое и официјално ќе потврди дека тој е мозокот на прислушувањето, односно сѐ уште нема ниту првостепена пресуда за „Таргет ‒ Тврдина“, а не е ниту на повидок во блиска иднина. За една година судење, досега беа презентирани само воведните зборови и сослушани се тројца сведоци од 100 предложени.

Од темпото со кое се движи предметот не е задоволно ниту СЈО, но и јавноста, бидејќи, и покрај неговата гломазност и тежина, сепак се очекуваше овој случај меѓу првите да добие судска завршница, бидејќи од тука тргна сè.

Како поминува времето аферата се разводнува, односно веќе одамна е намален првичниот шок. Дури ни во судницата на обвинетите не им е веќе непријатно кога се презентираат „бомбите“ и кога си го слушаат гласот, напротив, понекогаш и слатко се смеат.

Интересот, сепак, и понатаму успеваат да го задржат деталите за прислушувањето што во судница ги откриваат сведоците, а кои во екот на аферата биле дел од УБК. Наскоро ќе треба да сведочат и маркирачите, односно оние кои во системот ги вметнувале броевите што треба да се прислушуваат. Тие од прва рака ќе кажат кој наместо судски налог им давал обично ливче со број и колку пати го злоупотребиле системот.

МИЛЕ И ГОРДЕ МЕЃУ ПРВИТЕ НА СПИСОКОТ

Незаконското прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) почнало кон средината на 2007 година или една година откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт.

Први на нишан биле неколку опозиционери и критички новинари, но набргу на списокот биле додадени и функционери од власта, и тоа најблиските соработници на тогашниот премиер Никола Груевски, министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. Репродуцерите, односно тие што ги симнувале на хартија разговорите, имале полни раце работа со Јанакиески, бидејќи му биле прислушувани двата мобилни телефона, кои активно ги користел.

Наредните месеци списокот постојано се дополнувал, односно се додавале нови броеви во системот за прислушување или, накратко речено, ситуацијата излегла од контрола. Се контролирале и политичките противници, на кои им го знаеле секој чекор однапред, но под контрола се држеле и своите, за навреме да дознаат доколку им работат зад грб.

Дека веќе не се знае кој кого прислушувал зборува и една анегдота, односно, кога оператор од УБК, тој што ги снима и слуша разговорите, наместо на инспектор од Управата му се јавил на таргетот (лице кое било прислушувано). Најверојатно толку многу пати му го гледал бројот, што и несвесно и од навика го меморирал и го свртел.

Како што неофицијално дознава „Фокус“ од добро упатени извори, имало и ситуација кога близок соработник на Груевски, покрај тоа што нелегално бил прислушуван, во еден период во 2010 година неговите комуникации биле следени и со судска наредба, бидејќи бил под истрага.

Според нашите информации, функционерот бил законски прислушуван во период од три месеци по барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, но никогаш не беше обвинет во предметот кој имаше и судска завршница. Нејасно е дали функционерот слободата ја купил давајќи завет дека безусловно ќе ѝ слугува на партијата, односно дали снимките биле искористени за да го притиснат и уценат.

Разликата меѓу нелегалните и легалните снимки е во тоа што оние со судски налог можат да се искористат како доказ во судска постапка.

Функционерот, кој по четири години од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт бил земен на пик од своите, во тој период, случајно или не, барал и закрила кај тогашната опозиција, но откако неговата матична партија повторно ја освои власта, тој стана еден од најлојалните членови.

За разлика од овој поранешен функционер, чиј идентитет мораме да го чуваме во тајност, бидејќи против него никогаш не биле употребени материјалите добиени со употреба на ПИ-мерки, барем не во судска постапка, Мијалков и Груевски никогаш не биле таргети.

Засега и СЈО, но и сведоците, кои имале пристап до системот за прислушување, тврдат дека броевите на братучедите никогаш не биле ставени во машината, а нивниот глас го слушавме во „бомбите“ кога разговарале со соговорници кои биле прислушувани, односно се налепиле на нив. Уште една потврда дека биле привилегирани е тоа што никогаш не беше објавен разговор воден меѓу тогашниот премиер и првиот човек на УБК.

ГРУЕВСКИ И „БОМБИТЕ“ ОД УБК

Во јавноста никогаш не се расчисти дилемата дали Груевски  знаел за тајната операција и дали била со негов амин или, пак, братучедот му работел зад грб, но сепак почитувајќи ја неговата приватност. Како и да е, фактот што СЈО не го обвини како дел од злосторничката дружина го прави чист.

Анализирајќи ги деталите, на моменти се создава впечаток дека Груевски, сепак, знаел за прислушувањето, бидејќи бил претпазлив во разговорите. Па, така, кога со Јанкуловска зборува за набавката на луксузниот мерцедес, тој употребува шифри и не вели „мерцедес“, туку „она на М“.

Од друга страна, пак, кога Заев му кажува дека поседува снимки, тој не ни помислува дека истекле од УБК. Првата врата на која затропал била онаа на Управата, но не за да ги обвини за невнимание, туку да бара технички одговори од стручни лица за тоа кој можел да ги снима разговорите кои биле во рацете на Заев. На состанокот со Груевски биле неговиот братучед Мијалков, шефот на кабинет Мартин Протуѓер и Звонко Костовски.

Костовски, кој заедно со Ѓорѓи Лазаревски ја откри аферата, во суд раскажа дека кон крајот на септември 2014 година началникот во УБК Горан Грујевски го повикал во неговата канцеларија и му рекол дека ситуацијата е многу сериозна, дека лидерот на опозицијата бил кај премиерот и му соопштил дека поседува снимки од политичари, функционери и други лица. Иако добро знаел за нелегалното прислушување, сепак, ниту Грујевски првично не се сомневал дека снимките протекле од УБК бидејќи бил убеден дека никој од вработените не би се осмелил да ги разоткрие.

Сепак, за да ја исклучи и најмалата шанса, му рекол на Костовски да провери во системот дали некој експортирал вакви аудиоразговори од таргети што се надвор од сајтот во кој се судските наредби.

По проверката му реков дека вакви експорти на нашиот систем нема, има само експорти од делот што се однесува на судски наредби. Горан рече: „Почни да пребаруваш по сите јузери, изанализирај ги сите активности на корисници, независно дали станува збор за експорт, слушање или пишување“, појасни сведокот.

Околноста што Грујевски му дал наредба да провери дали бил направен експорт, односно симнување на разговори, покажува дека тој знаел за нелегалната активност. Доколку навистина не бил информиран, ќе му речел на Костовски да провери дали некој воопшто незаконски маркирал, т.е. ставил броеви во системот без судски налог.

За да не се открие себеси, а ни колегата Лазаревски, Костовски го навлекол Груевски на измислено сценарио, односно дека е можно прислушувањето да се врши со опрема надвор од УБК. За да звучи уверливо, ја искористил презентацијата на опрема за прислушување од израелската компанија „Реизон“, која била правена во Управата.

Па, така, му рекол дека постои уред со кој може да се снимаат 30 симултани разговори. Му појаснил дека овие уреди кои, всушност, се лаптопи, можат да се стават во возило и доволно е, на пример, да се доближат до Владата, или до партиското седиште и така да ги фатат разговорите на луѓето што се внатре.

Груевски наседнал на приказната, коментирајќи дека најверојатно така се направени снимките, и тоа од некоја странска служба, за тој да биде тргнат од власт, додавајќи: „Не верувам дека некој во Македонија би можел да поседува толкав снимен материјал за целиот тој период и ниту еднаш ништо да не биде објавено“.

Тогаш почнало да се нагаѓа чии служби би можеле да бидат вмешани, а прва на листата била ставена Грција.

МИЈАЛКОВ ЈА ВОСКРЕСНА ТЕЗАТА НА БРАТУЧЕДОТ

Најверојатно поради мувата на капата, началникот во УБК, Грујевски, не бил докрај убеден во сценариото, па почнал да се сомнева во Лазаревски, кој претходно си дал отказ за да не боде очи, и му рекол на Костовски да го провери. Тогаш почнала внатрешната истрага во УБК, во која се проверувале сите вработени во Одделот за оперативна техника.

Прво го откриле Лазаревски, па потоа како шок им дошло дека во изнесувањето на материјали е вмешан и Костовски. По нив, во ист кош ги ставија и Зоран Верушевски, неговата сопруга, како и Заев. Според сознанијата на „Фокус“, предметот „Пуч“ требало и да го „сруши“ и партиското седиште на СДСМ, но наводно немало судија кој ќе се дрзнел да потпише налог за претрес, па решиле кругот да се затвори тука.

Откако пропадна сценариото за „Пуч“ и прстот повторно се впери во Мијалков, сега и тој, како и Груевски, ја оживува верзијата на Костовски дека, сепак, прислушувањето се правело со мобилни станици, а не од системот на УБК. На едно од рочиштата, Мијалков го потсети Костовски дека заедно присуствувале на презентација на опрема за прислушување на израелска компанија, и тоа во неговата канцеларија во УБК. Појасни дека за презентација слушнале разговор на негов пријател, кој по случаен избор го уловила опремата од најблиската базна станица, наметнувајќи ја тезата дека некој друг прислушувал, а потоа му ги дал бомбите на Заев.

Мијалков не се откажуваше од тезата дека било можно нелегално да се прислушува и надвор од УБК, па рече дека добиле извештај од израелската компанија дека во Скопје во тој момент на терен работеле вакви уреди, односно дека некој друг нелегално прислушувал.

Костовски одговори дека при ваквото прислушување јасно се слуша разговорот на едниот соговорник, односно на оној кој е во близина на базната станица, а другиот соговорник се слуша лошо, а некогаш и воопшто не се слуша.

Додека кај системот во УБК квалитетот на разговорите на двајцата соговорници е одличен. Снимките што ние ги дадовме во СЈО, а тоа може да се провери, се со добар квалитет. Затоа тврдам дека овие снимки потекнуваат од системот во УБК, рече Костовски.

На дел од снимките кои се во СЈО е снимен и разговорот кој таргетот го води со директни соговорници во живо, пред оној на кој му ѕвони да ја крене слушалката. Ваква можност, според познавачите, има само системот во УБК.

ШОФЕРИ ПРАВЕЛЕ ТРАНСКРИПТИ

Нелегалното прислушување се случувало на четвртиот кат во зградата на Петтата управа, во кругот на МВР, каде што бил сместен системот за прислушување. Но, она што го открива Костовски, а што до неодамна беше непознато, е дека се прислушувало и од друга локација надвор од просториите на УБК.

Имено, како што раскажа Костовски, во стан во зградата кај Железничка, позната како „Парламентарка“, на петтиот кат биле сместени пет компјутери на кои исто така се прислушувало. Овие пет компјутери биле, всушност, работни станици на кои се ставале таргети, односно броевите на многу политичари, бизнисмени, новинари и други јавни личности и се прислушувале, а потоа се изработувале транскрипти од прислушуваните разговори.

Во истиот стан имало уште еден дополнителен, шести компјутер, кој бил поврзан со УБК, а служел за испраќање на изработените материјали. Овој компјутер бил во континуирана криптирана комуникација со тој од оперативната техника во Петтата управа, односно на компјутерот во УБК можеле да се преземаат материјали од компјутерот во „Парламентарка“.

Според сведочењата, по наредба на Грујевски, на истиот начин биле опремени уште неколку станови во Скопје. Овие места се чувале во голема тајност и за нив знаеле мал број вработени во УБК. Тие дејствувале како параполиција и биле дислоцирани подалеку од кругот на МВР, за да се одржи во тајност незаконското прислушување. Репродуцерите, кои правеле транскрипти од разговорите, според информации на „Фокус“, биле вработени во УБК, но како шофери или друг помошен персонал.

Оние кои надвор од УБК, од тајни локации ги обработувале податоците, ги правдале дека се на тајна задача. А тие, со слушалки на главата биле закачени на системот и прислушувале, па правеле транскрипти, вели нашиот извор.

Според нашиот добро упатен извор, во еден период дури и оперативците станале мрзливи, па наместо да излезат на терен и да соберат оперативни информации од терен, користеле податоци што ќе ги слушнеле од прислушуваните материјали, па пишувале дека се службени белешки од терен. Исто така, на овој начин и ќарувале, бидејќи земале пари од Управата за наводно да ги платат изворите, а всушност парите завршувале во нивниот џеб.

ПОСЛЕДНА СЛАМКА ЗА СПАС

Во своите сведочења Костовски и Лазаревски зборуваа и за мотивите за откривањето на аферата, односно како се осмелиле, и покрај сиот ризик да бидат откриени и фатени, да ги сочуваат „бомбите“.

Лазаревски тврдеше дека кога слушнал неврзани муабети од колеги, а од кои сфатил дека се прислушува, му пристапил на Костовски кој тогаш бил главен техничар за системот за прислушување и го прашал дали нелегално се прислушуваат и актуелните министри? Одговорот кој го добил бил: „Нема кој не се прислушува“.

Тогаш го замолил Костовски да собира докази за нелегалното прислушување, за некогаш да се искористат во судска постапка.

Клучниот момент за Звонко да се одлучи да зачува аудиодатотеки од нелегално прислушуваните разговори бил кога полицијата влезе во А1-телевизија.

Тоа беше пресвртниот момент дека сакаме да го направиме ова. Очигледно беше дека власта веќе е без контрола, појасни Лазаревски.

Костовски во своето сведочење, пак, рече дека сака да потенцира дека никој не ги плаќал за тоа што го направиле.

Никој не ни плаќал, туку ова го правевме за да собереме докази за она што се случувало од 2008 до 2013 година во МВР, односно за нелегалното следење на комуникациите, рече Костовски.

Првпат Костовски извлекол само смс-пораки при крајот на 2010 г. и ги снимил на дивиди. Сите дискови што ги добивал од Костовски, Лазаревски прво ги копирал на свој екстерен хард-диск, па потоа му ги предавал на Верушевски, кого решиле да го вклучат во тајната акција.

Иако Мијалков на едно од судењата ги праша сведоците зошто комплицирале, па наместо едноставно да ги изнесат на УСБ, материјалите ги режеле на цеде, Лазаревски појаснува дека планот бил, доколку некој го фатeл во ходникот додека ги изнесува материјалите да го скрши со рака цедето и да не може да се види што има на него, додека на УСБ веднаш ќе се откриела намерата.

Според СЈО, Мијалков бил организатор на групата и ги држел под контрола и надзор другите припадници на злосторничката дружина, а воедно имал и преглед на сите телефонски броеви кои биле таргети. Најблизок соработник, според Обвинителството, му бил Грујевски, кој ги проследувал неговите барања до Надица Николиќ, а во еден период и самиот прислушувал и им делел задачи и улоги на другите припадници на групата.

Николиќ, пак, до другите ги проследувала барањата на Мијалков и Грујевски. Другите обвинети Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски правеле транскрипти од разговорите и му ги предавале на Грујевски.

Маркирачите, оние, пак, кои по наредба на Грујевски и Николиќ ги внесувале броевите за незаконско прислушување, допрва ќе се појават во судница, но не како обвинети, туку како сведоци.

Иако сите погледи се вперени кон Мијалков, сепак, во целиот случај има една нелогичност. Доколку прислушувањето го вршел тогашниот врв на УБК, значи и дека во своите приватни архиви имаат дел од „бомбите“, и тоа од тогашните опозиционери, а сегашни властодршци, кои први биле на пик. Затоа е нејасно како досега не истече ниту еден разговор кој ќе го возврати или барем ублажи ударот кон нив?

Една од теориите е дека можеби се чуваат како последна сламка за спас, односно за да се употребат како пазар за слобода. Така и двете страни ќе ги закопаат секирите, а народот како и секогаш ќе остане со прстот во уста.

Режијата и не е далеку од реализација, бидејќи веќе на сите им станува јасно дека правдата и правдината се недостижни, иако беа нудени и во специјално пакување!

ДОЛГИТЕ РАЗГОВОРИ НА НОВИНАРКАТА!?

Системот за прислушување во УБК бил наштелуван така што можел да сними разговор во траење од еден час, а потоа автоматски се прекинувал. Но, бидејќи една новинарка многу сакала да зборува на телефон и нејзините разговори честопати траеле повеќе од еден час, била донесено одлука да се направат измени, односно машината да прекине да снима, дури по еден час и 30 минути. Очигледно е дека разговорите на новинарката биле многу значајни за тогашната власт, поради што направиле и промени во системот.

 НА МИЈАЛКОВ МУ СЕ ЗАКАНУВА ДОЛГОГОДИШНА КАЗНА ЗАТВОР

Во случајот за нелегалното прислушување „Таргет ‒ Тврдина“, за Мијалков е поднесен обвинителен предлог со кој се гони за три кривични дела. Поточно, СЈО го обвинува за злосторничко здружување, за што е предвидена казна од една до пет години, за злоупотреба на службената положба, за што е пропишана казна од шест месеци до пет години, и за примање награда за противзаконито влијание, кое се казнува со една до три години.

 

Viewing all 911 articles
Browse latest View live


Latest Images