Quantcast
  • Login
    • Account
    • Sign Up
  • Home
    • About Us
    • Catalog
  • Search
  • Register RSS
  • Embed RSS
    • FAQ
    • Get Embed Code
    • Example: Default CSS
    • Example: Custom CSS
    • Example: Custom CSS per Embedding
  • Super RSS
    • Usage
    • View Latest
    • Create
  • Contact Us
    • Technical Support
    • Guest Posts/Articles
    • Report Violations
    • Google Warnings
    • Article Removal Requests
    • Channel Removal Requests
    • General Questions
    • DMCA Takedown Notice
  • RSSing>>
    • Collections:
    • RSSing
    • EDA
    • Intel
    • Mesothelioma
    • SAP
    • SEO
  • Latest
    • Articles
    • Channels
    • Super Channels
  • Popular
    • Articles
    • Pages
    • Channels
    • Super Channels
  • Top Rated
    • Articles
    • Pages
    • Channels
    • Super Channels
  • Trending
    • Articles
    • Pages
    • Channels
    • Super Channels
Switch Editions?
Cancel
Sharing:
Title:
URL:
Copy Share URL
Македонски
RSSing>> Latest Popular Top Rated Trending
Channel: Фокусова архива –Фокус
NSFW?
Claim
0


X Mark channel Not-Safe-For-Work? cancel confirm NSFW Votes: (0 votes)
X Are you the publisher? Claim or contact us about this channel.
X 0
Showing article 481 to 500 of 849 in channel 30405194
Channel Details:
  • Title: Фокусова архива –Фокус
  • Channel Number: 30405194
  • Language: Macedonian
  • Registered On: August 23, 2014, 4:27 pm
  • Number of Articles: 849
  • Latest Snapshot: June 5, 2025, 12:56 pm
  • RSS URL: http://fokus.mk/kategorija/fokusova-arhiva/feed
  • Publisher: https://fokus.mk
  • Description:
  • Catalog: //shellpot57.rssing.com/catalog.php?indx=30405194
Remove ADS
Viewing all 849 articles
Browse latest View live
↧

АРХИВА Дали се повторува „Демир Капија-Смоквица“: Првиот човек на „Актор“ влезе во грчката компанија што ја гради штипската болница

January 9, 2020, 3:49 am
≫ Next: АРХИВА Боро Стајиќ-го лечеле од пијанство, а имал скршен врат: Ми ги уништија сите шанси да оздравам!!
≪ Previous: (АРХИВА) ОД ПОТЕНЦИЈАЛЕН РОБИЈАШ ДО ЧОВЕК ОД ДОВЕРБА: Три месеци министер во владата на Груевски бил прислушуван со судски налог!
$
0
0

Текстот е објавен на 16 август 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1245

Грчката компанија „Интракат“ побара дополнителни 7 милиони евра за машинско и електронско уредување на новата штипска болница, откако поднела барање за ревидирање на постоечкиот проект бидејќи бил застарен. Додека владата деновиве треба да се произнесе, потсетуваме дека Фокус пишуваше за изградбата на овој објект првично проектиран на 30 милиони евра пред половина година, кога грчката компанија го раскина договорот со домашниот подизведувач „Бетон-Штип“ и се договори со Министерството за здравство самостојно да го финализира проектот со нов пролонгиран рок. Притоа, тоа се случи веднаш откако во компанијата влезе Димитрос Кутрас, кој претходно работеше во „Актор“, за која беа покренати истраги поради извлекување кеш за изградбата на автопатот Демир-Капија-Смоквица. Тогаш, се тврдеше дека надминувањето на финансиската рамка за штипската болница, договорена со Банката на Советот на Европа како кредитор, е во рамки на предвидената варијација од околу 2 милиони евра, меѓутоа сега се испоставува дека првичната констуркцијата ќе биде пробиена значително повеќе од предвиденото.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Под притисок од развојот на настаните во аферата „Рекет“, која веќе сериозно ја компромитира специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради тоа што, според снимките објавени од италијанска „Ла Верита“, била во комуникација и координација со првоосомниченот Бојан Јовановски – Боки 13, а, судејќи според најавите, овој скандал се заканува сериозно да пенетрира и во редовите на власта, од најголемата владејачка партија СДСМ најaвија забрзување на судските процеси на СЈО. Во таа насока, неколку сдсмовски функционери деновиве јавно порачаа дека нема да има одложување, туку напротив – ќе се интензивираат овие процеси, наведувајќи ги „Титаник“, „Тврдина“, „Таргет“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“ и дузина други предмети кои се уште чекаат без судска разрешница.

Притоа, меѓу кривично-правните постапки што ги нотираа владејачките функционери, порачувајќи дека „правдата ќе го зададе ударот кон секој“, беше споменат и случајот „Актор“, именуван според истоимената грчка компанија што ја градеше автопатската делница „Демир Капија – Смоквица“ во должина од нецели 30 километри. Колку за потсетување, специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на почетокот на минатата 2018 година објави дека СЈО отвора 3 нови истраги, меѓу кои и „Актор“, што, образложи тогаш Фетаи, се однесува на фаворизирање на грчката компанија од страна на екс премиерот Никола Груевски. Според Фетаи, Груевски во 2012 година му наложил на министерот Миле Јанакиески да ја елиминира конкурентската италијанска компанија „ТО-ТО“, иако имала подобра понуда, што предизвикало буџетска штета од скоро 8 милиони евра.

Всушност, аферата „Актор“ ја обелодени СДСМ како опозициска партија во 2014 година, кога од Бихаќка побараа кривична одговорност за одлевање на кеш од сметката на грчката компанија што го градеше автопатот Демир – Капија – Смоквица, чија вредност изнесуваше околу 220 милиони евра. Така, на една од низата прес-конференции за „Актор“, тогашниот партиски портпарол и актуелен скопски градоначалник Петре Шилегов изјави дека од сметката на компанијата биле изнесени 3,5 милиони евра во кеш од филијала на Стопанска банка во Неготино, кои потоа биле претворани во девизи и пренесувани преку граница од страна на десетици грчки државјани.

Исто така, и тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека се ваделе средства од сметка на компанијата, но од таму се правдааа дека станува збор за автохтона одлука на компанијата да располага со парите кои сама ги заработила. Во тоа време, постапките што ги отворија нашето финансиско разузнавање и јавното обвинителство беа експресно затворени без никаков епилог. Сепак, речиси истовремено истрага отвори и европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ, која потоа откри низа незаконитости и неправилности за случајот, обвинувајќи го „Актор“ за перење пари и казнувајќи ја компанијата со 50 милиони евра. Набргу потоа, следуваше истрагата што ја отвори СЈО, но и грчкото национално обвинителство.

Во меѓувреме, „Актор“ како компанија не е повеќе присутна во Македонија, меѓутоа еден од водечките луѓе на друштвото стана дел од друг грчки градежен гигант што работи на изградба на новиот клинички центар во Штип во вредност од 30 милиони евра, со која, патем речено, Министерството за здравство неодамна ја потврди и ја засили соработката.

ЕДНОСТРАНО РАСКИНУВАЊЕ НА ПОДИЗВЕДУВАЧКИОТ ДОГОВОР

Откако беа изработени идејниот, основниот и архитектонско-урбанистичкиот проект, поранешниот министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров го презентираше проектот за изградба на новата клиничка болница во Штип во 2015 година, кога земјава веќе се наоѓаше во длабока политичка криза. Како што објасни тогаш Тодоров, објектот ќе се гради на постоечката локација на болничкиот комплекс, меѓу главната болничка зграда, зградата на инфективното одделение и зградата на сегашна педијатрија, кои датираат од далечната 1937 година и функционираат во супстандардни услови. Тој посочи дека изградбата на нова и современа болница на површина од околу 34.000 квадратни метри ќе овозможи современи услови за здравствена заштита на над 200.000 жители од целиот источен и југоисточен регион на земјава.

Информациите со кои располагаме говорат дека на тендерот за болницата учествувале 5 странски компании, бидејќи домашните фирми не беа во можност самостојно да се натпреваруваат поради строгите критериуми, меѓу кои предничи оној за изградба на 3 болници во земјите членки на ЕУ во последните 10 години. Поточно, на тендерот спроведен согласно правилата на FIDIC, со поднесување затворени понуди наместо со електронска аукција, учествувала и веќе споменатата грчка компанија „Актор“, покрај уште еден грчки градежен гигант – „Интраком/Интракат“, како и италијанската „ИНСО Системи“, австриската „Страбаг“ и конзорциумот на странски партнер со домашната „Бетон – Скопје“. Притоа, најниска цена доставила грчката компанија „Интраком/Интракат“, чија понуда изнесувала 34.361.679 евра, што е над 2 милиони евра помлаку од понудата на второпласираната „ИНСО Системи“.

Инаку, градежната фирма „Интракат“ (Intracom Constructions Societe Anonyme Technical and Steel Constructions), важи за една од најголемите градежни компании во Грција, која е дел од групацијата „Интраком Холдингс“, чиј основач и сопственик е грчкиот милијардер Сократис Кокалис. Од податоците што ги обезбедивме од Централниот регистар произлегува дека грчки „Интраком“ отворил подружница во земјава на самиот почеток на 2016 година, чија основна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради. Како овластени лица на компанијата, регистрирана на адреса во скопски Центар, се јавуваат грчките државјани Констатинос Симоу и Андреас Атанасопулос, кои се овластени за преземање на дејности и извршување на трансакции до 20.000 евра, додека за повисоки избори потребен им е плус потписот на член на Управниот одбор Димитриос Папас (од 200.000 до 500.000 евра), извршниот директор Петрос Суретис (од 500.000 до 1.000.000 евра), или, пак, на цел УО (за износ од над милион евра).

Формално, „Интракат“ во моменот на тендерирањето конкурира самостојно, но соработува со градежната компанија која подоцна ја ангажира како подизведувач – „Бетон – Штип“, чии поголеми акционери се БИМ Инвест на Сашко Бошков (која ги откупи акциите од Езимит на Зоранчо Митровски), по што следуваат „ТИМ ДОО“ на Панделески и „ОРКА Холдинг“ на Камчев итн. (до неодамна еден од поголемите акционери беше и офшор компанијата „Ексико“, но во меѓувреме ги продаде акциите). Меѓутоа, соработката меѓу двете компании траеше се до почетокот на годинава, кога „Интракат“ еднострано го раскина договорот со „Бетон Штип“ и презеде обврски пред Министерството за здравство самостојно да го доврши објектот, со тоа што рокот на реализација на проектот од тековната 2019 се помести до следната 2020 година, откако претходно веќе еднаш беше поместен. Откога извиси од проектот, подизведучот „Бетон – Штип“ падна во стечај, бидејќи компанијата дојде во позиција да не може да ги сервисира обврските кон добавувачите и кредиторите.

ИЗВЕДУВАЧОТ САМОСТОЈНО ГО ДОВРШУВА ПРОЕКТОТ, МИНИСТЕРСТВОТО ГО ПРОДОЛЖУВА РОКОТ

По долгогодишната работа во „Актор“, рударско-металуршкиот инжинер Димитрис Кутрас кон крајот на 2018 година влегува во сопственичката и во менаџерската структура на „Интракат“, така што во октомври откупил 20 отсто од уделите на „Интракат“ за сума од 8 милиони евра, а веќе во ноември ја презема и водечката менаџерска функција. Во неговата официјална биографија се наведува дека работел во „Актор“ како потпретсеател и претседател на Бордот на директори и проект-менаџер цели 40 години, почнувајќи од далечната 1978 се до 2018 година, што бездруго го опфаќа и периодот на изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица. Покрај него, заеднички именител на двете компании е и едно од овластените лица на македонската подружница на „Интракат“ – веќе споменатиот Симоу, кој, според неговите деловни профили на интернет, бил проект-менаџер на делницата Демир Капија – Смоквица.

Веднаш по промените во „Интракат“, грчката градежна компанија ја раскинува соработката со македонскиот подизведувач „Бетон Штип“ и прави реаранжман со Министерството за здравство раководено од министерот Венко Филипче, со кој практично се утврдува нова динамика на изградба на штипската болница со продолжен рок од една година. Според документацијата со која располагаме, „Интракат“ ја раскинува соработката со „Бетон Штип“ со допис испратен кон крајот на ноември 2018 година, истиот месец, кога, случајно или не, Кутрас доаѓа на чело на Бордот на директори на грчката компанија. Сознанијата од терен, пак, говорат дека во тој момент веќе завршена е првата конструкциска фаза, па во иднина остануваа за работа електро и машинските инсталации, медицинските гасови и водоводот, чија изведба, според упатените со кои разговаравме, најмногу влијаеле врз конечната цена на чинење на објектот.

Како главна причина за раскинувањето на подизведувачкиот договор со „Бетон Штип“, од „Интракат“ го наведуваат неследењето на динамиката на градба, како и несолвентноста на компанијата. Наспроти тоа, од „Бетон – Штип“ велат дека финансиските потешкотии на компанијата се предизвикани поради неплатените ситуации од овој проект, или со други зборови – изведувачот не ги исплаќал редовно и во целост обврските кон подизведувачот, поради што ја ослабел неговата финансиска кондиција. Затоа, додека чека разврска од стечајната постапка, иницирана од банките како најголеми доверители во „Бетон – Штип“, штипската компанија покренала тужба до грчката компанија преку која се бара извршување на ненаплатени побарувања за завршени работи во износ од 2 милиони евра, врз основа на фактури од 2016, 2017 и 2018 година.

Иако „Бетон Штип“ е веќе исфрлена од проектот, сепак, нејзината банкарска гаранција се уште е важечка за завршување на договорните обврски од страна на изведувачот „Интракат“. Имено, штипската градежна компанија во 2015 склучила договор со Комерцијална банка, според кој банката се обврзува да му даде гаранција од 3 ипол милиони евра на Министерството за здравство дека „Интракат“ квалитетно и навремено ќе ги изврши работите при изведба на штипската клиничка болница. Од Министерството велат од моментот на потпишување на договорот со „Интракат“ до денес постои важечка банкарска гаранција издадена кон оваа фирма во период од 24 месеци по рокот за завршување, меѓутоа во суштина постои една прилично контрадикторна ситуација, имајќи предвид дека грчката компанија гарантира дека ќе го испорача договореното со банкарски средства на веќе поранешниот домашен партнер?!

ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ НАЈДЕ НИШТО СПОРНО, КРЕДИТОРОТ ГО СЛЕДИ ПРОЕКТОТ

Како што е познато, овој проект се финансира со кредитен заем од Банката на Советот на Европа, која одобри кредитна линија за подобрување на здравствената инфраструктура во земјава. На почетокот на 2014 година, банката одлучи да и одобри заем на земјава во износ од 97 милиони евра за консолидација и модернизација на скопскиот универзитетски клинички центар и за изградба и опремување на новата регионална болница во Штип. Патем, актуелната владејачка структура на чело со Зоран Заев, по преземањето на власта ја информираше банката дека се откажува од заемот за скопскиот клинички центар и побара програмирање на заемот исклучиво за изградбата на штипската болница. Конкретно, заемот за овој проект достигнува 34 милиони евра со вклучен данок, при што предвидена е варијација од плус 7,5 отсто за непредвидени работи, или околу 2 милиони евра, од кои досега не се искористени ниту половина.

Како што не информираат од Министерството за здравство, односно од Проектната единица во министерството на чело со Љупчо Балковски, министерството склучило анекс со изведувачот „Интракат“ за продолжување на рокот на реализација на проектот, но во рамки на веќе алоцираните средства за договорот, што значи дека не е зголемена вредноста на договорот. Покрај тоа, додаваат од таму, двете страни склучиле две варијации во рамки на вредноста на основниот договор, при што едната се однесува на изградба на бункер за акцелератор во висина од 700.000 евра. Од министерството тврдат дека за овој договор немало потреба од тендерска постапка, истакнувајќи дека добиле одобрение од кредиторот.

„Министерството за здравство, имајќи во предвид дека објектот на бункерот е функционален дел на КБ Штип, како и дека е инкорпориран во истиот, а со оглед на тоа дека кредитот е наменет за изградба на КБ Штип, а не КБ Штип без бункер за акцелератор, како и фактот дека самиот линеарен акцелератор (апаратот) е прифатен како буџетска контрибуција за кредитот, следејќи ги правилата определени во Договорот за заем и во актите на кредиторот соодветно, а врз база на веќе склучениот Договор за градба со предвидени средства како „contingency“, по претходна детална координација со ЦЕБ како надлежна да ја одобри Варијацијата, достави до ЦЕБ барање за No Objection со предлог варијација добиена од надзорниот орган и по добивањето на No Objection се потпиша Варијацијата и истата се достави во ЦЕБ за нивно архивирање“, ни одговорија од Министерството за здравство.

Во однос на оваа постапка, Јавното обвинителство за организиран криминал по допрен глас го разгледа ова прашање и ја затвори предистражната постапка, оценувајќи дека нема елементи за кривично дело. Од банката-кредитор, пак, ни изјавија дека се информирани за продолжувањето на временската рамка на договорот, како и за вклучувањето на работи поврзани со акцелераторот, најавувајќи дека го следат напредокот во согласност со политиките на ЦЕБ. Она во што сите се согласуваат дека главен орган за управување на договорот за изградба на клиничкиот центар е Министерството за здравство, кое одлучи да ја зацврсти соработката со „Интракат“ во рамки на изградбата на штипската болница, што временски кондицира со трансферот на Кутрас од фамозната „Актор“.

Во централата на грчката компанија, но и до нејзината македонска подружница, упативме низа прашања но не добивме никакви одговори за изградбата на штипскиот клинички центар, што, според неофицијални проценки на познавачите, претставува бизнис кој треба да донесе профит од околу 5 милиони евра.


Ванче Мијалчев, поранешен извршен директор на „Бетон – Штип“
ЦЕЛТА НА „ИНТРАКАТ“ Е СПОЈУВАЊЕ СО „АКТОР“ И ПРЕЗЕМАЊЕ НА „БЕТОН – ШТИП“, ЗА ДА ГО ДОБИЈАТ ТЕНДЕРОТ ЗА СКОПСКИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР!

Ванче Мијалчев, поранешниот директор на „Бетон-Штип“ над кој веќе е покрената стечајна постапка, вели дека едностраното раскинување на договорот од „Интракат“ не е во согласност со одредбите од самиот договор.

– Министерството за здравство преку својата Проектна единица, а врз основа на извештаите од Надзорните инжинери ги прифатија и потврдија проблемите со кои се соочувавме при реализацијата на овој проект и тоа беа немањето на надзорен инжинер цели 7 месеци поради раскинувањето на договорот со првоизбраната англиска фирма „МAСЕ International“ и изборот на „Еврокосалтинг“ за нов надзор, неодобрувањето на материјалите од страна на Проектната единица, нередовност односно каснење во плаќањето на времените ситуации, и како најважно – немањето на проектантски надзор и нерешавањето на отворените проблеми со проектот, пред се во делот на електро и машинските инсталации, BMS системот, пневматскиот транспорт итн. Поради сето ова се доби прво продолжување на рокот за 9 месеци, а сега откако нас не нема во проектот, рокот е продолжен за уште нови 24 месеци, односно до крајот на 2020 година, со што се потврдува дека „Бетон-Штип“ не бил причината за каснењето со градбата – вели Мијалчев, додавајќи дека фактот што „Интракат“ врши проектантски надзор врз изведбата на проектот, е спротивен на законот и претставува судир на интереси.

Според него, зад раскинувањето на договорот од страна на „Интракат“ се крие сценарио за преземање на компанијата и тоа преку стечај.

– Ако работите ги погледаме од оваа временска дистанца, јасно е дека зад овој потег стоела одредена стратегија за преземање на „Бетон – Штип“ бидејки веднаш по известувањето за раскинување на договорите дојде барање „Гранд Тортон“ да изработи длабинска анализа (due diligence) на „Бетон – Штип“, и тоа токму по барање на „Интракат“, Комерцијална Банка веднаш ги раскина сите договори за кредити и ги доспеа веднаш и ни ги блокира сметките . „Интракат“ ги презема сите наши инжинери и вработени кои работеа на клиничката болница Штип со ветување дека тоа е времено за да нема застој на проектот до целосно преземање на фирмата. Лично бев во Атина да се уверам во сериозноста на идејата за преземање на фирмата и бев уверуван дека се сериозни во оваа своја одлука, особено после промената на сопственичката структура во „Интракат“ и преземањето на контролата над менаџментот и дека идејата е прво спојување на „Интракат“ и „Актор“, а потоа преку преземање на локална фирма, во случајот „Бетон Штип“, да учествуваат и да го добијат тендерот за Клиничкиот центар Скопје – вели Мијалчев.

Во меѓувреме, додава тој, веќе 9 месеци нема никакви работи на објектот на штипскиот клинички центар, а притоа никој не реагира.

↧
Search

АРХИВА Боро Стајиќ-го лечеле од пијанство, а имал скршен врат: Ми ги уништија сите шанси да оздравам!!

January 14, 2020, 7:27 am
≫ Next: АРХИВА Лустраторите прогласуваа кодоши без докази и со замена на идентитети
≪ Previous: АРХИВА Дали се повторува „Демир Капија-Смоквица“: Првиот човек на „Актор“ влезе во грчката компанија што ја гради штипската болница
$
0
0

Текстот е објавен на 10 јануар 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1266

Охридскиот суд по трет пат донесе ослободителна пресуда за двајцата лекари кои обвинителството ги товари за тешки дела против здравјето на луѓето, односно затоа што не му пружиле соодветна медицинска помош на тогаш малолетниот Боро Стајиќ кој еден скок во Охридското езеро го остави парализиран. Неделникот „Фокус“ во последниот број ја раскажа приказната на сега веќе дваесети петгодишниот Стајиќ, кој седум години се бори со здравствениот и судскиот систем.

Пишувала

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Ден пред Божиќ, на Бадник, кога коледарите ја најавуваат радосната вест, се запознавме со Боро Стајиќ, момчето на кое една летна тинејџерска забава на плажата Кадмо на Охридско Езеро во 2012 година, кога немал наполнето ниту 18 години, му го промени животот засекогаш.

Боро Стајиќ сега  има 25 години, но изгледа многу позрел за своите години. Животот го направил таков, прво несреќата, а потоа неправдата што не може да го оствари своето право на подобар и поквалитетен живот, за кој му се потребни пари на кои има право ако докаже дека лекарите направиле лекарска грешка.

-Тие ми ги уништија сите шанси што ги имав во битката за оздравување. За да победам во трката за оздравување морав да учествувам, но лекарите не ми дадоа шанса да учествувам. Да ме имобилизираа и да ме однесеа веднаш на операција, ќе ми дадеа шанса да победам – ја започнува својата приказна Стајиќ.

        Во четири часот наутро момчето скокнало во езерото. Го извлекле од водата и повикале Брза помош да дојде на плажата Кадмо, затоа што има паднато дете, давеник. Но, лекарката од Брзата помош, наместо да му помогне, тој тврди дека му одмогнала. Не го имобилизирала и дозволила нестручни лица да го внесат во возилото. Потоа наместо да го однесе во болницата „Св. Еразмо“ каде што можел веднаш да биде опериран, го однела во Општата болница Охрид на Интерно одделение. И покрај тоа што повикот бил за паднато дете, лекарката проценила дека млитавоста на рацете и нозете се поради пијанство, а не од падот.

Докторот од интерното одделение не го примил Боро во болница. Влегол во возилото на Брза помош, кое било паркирано пред болницата, излегол по една минута и го испратил Боро, дома на спиење. Лекарката од Брзата помош не се спротивставила на ваквата одлука, иако и натаму сметала дека има алкохолно труење. Возилото на Брза помош, наместо во специјализираната болница Св. Еразмо, го однесло момчето дома, во станот во Охрид, каде што престојувал. Бидејќи во лифтот не ја собирало носилката, до станот го носеле возачот и неговиот другар под мишки, неимобилизиран. Таму го легнале и си заминале, па наместо на операција, Боро го легнале да спие.

По неколку часа, поточно  во 11 часот, кога Боро Стајиќ се разбудил не можел да ги движи, ниту рацете, ниту нозете и повторно викнале Брза помош. Во станот дошла друга дежурна докторка и иако Стајиќ немал ниту модринки и исеченици му поставила точна дијагноза, квадриплегија, односно неподвижност на рацете и нозете.

Неговата мајка Луиза Стајиќ веднаш по несреќата поднела кривична пријава и Обвинителството отворило истрага за двајца лекари:  една докторка од Итната медицинска помош и еден доктор од Интерното одделение на Охридската болница, кои се гонат за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.

 СЕ КИНЕЛЕ СТРАНИЦИ И СЕ ПРЕПРАВАЛА ДИЈАГНОЗАТА

По несреќата почнува неговата борба со судскиот систем. Истрагата почнала во 2012 година, а првата пресуда е донесена, по пет години, во 2017 година. Претседател на судечкиот совет, била судијката Весна Кичеец, која иако не смеела да постапува во предметот, бидејќи претходно била истражен судија, не се изземала, туку со години судела.

-Не верувам дека судијата заборавила дека во истиот предмет постапувала како истражен судија. Зошто веднаш не побарала изземање, зошто сакала да го суди предметот, наместо да се изземе, таа најдобро знае, вели Стајиќ.

Целата постапка во семејството Стајиќ создало перцепција дека лекарите се заштитени како бели мечки, кога се работи за лекарска грешка, не само од нивните колеги, туку и од Охридскиот суд.

Медицинската сестра која таа вечер била во придружба на лекарката сведочела дека по кажување на лекарката, во книгата, во која се регистрираат повици, прво напишала една дијагноза, а потоа со коректор ја избришала дијагнозата и напишала друга дијагноза.

На барање на јавниот обвинител, судијата Кичееец донела решение за вештачење на книгата со коректор, но таа никогаш не ја испратила оваа книга на вештачење. Другиот судија, пак, кој сега го води случајот, Бојан Мартиновски, не само што не ја испратил на вештачење, туку го отповикал и решението за вештачење.

Но, не е проблематична само оваа книга. Во книгата каде што лекарката дава рапорт, јавниот обвинител се посомневал дека се кинети страници и поради тоа побарал вештачење. Но, и таа книга не била вештачена, со образложение дека такви вештачења одделот не вршел.

-Според мене, судијата Бојан Мартиноски не требаше да го отповика решението за вештачење на оваа книга затоа што со вештачењето  можеше да се докажеше дека на пример дијагнозата се однесува на повреда, тоа би можело да упати на повисок степен на умисла, односно вина кое е во насока на одмерување на висината на казната. Затоа сметам дека и тоа како е битно да се изврши вештачење на оваа книга, вели мајката на Боро, Луиза Стајиќ, која по професија е адвокат.

Таа вели дека ако навреме се извештачела оваа книга, во зависност од содржината на вештачењето, постоела можност за сомнение за кривично дело, уништување на докази во судска постапка. Ова дело застарува за шест години, а шест години веќе би требало да се изминати и делото е веќе застарено. И јавниот обвинител се посомневал дека можеби има сомнение за кривично дело затоа што во еден момент во истрагата оригиналните книги кои биле испратени на вештачење, не биле вратени, па обвинителот побарал да се прошири истрагата за да се пронајдат книгите што требало да бидат предмет на вештачење.

ДВАПАТИ СЕ УКИНУВА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА

           Изјавите на лекарите што ги дале пред судот се контрадикторни. Првообвинетата лекарка тврди дека Боро имал алкохолно труење, а второобвинетиот лекар најпрво тврдел дека има лесно пијанство, за потоа да се премисли и да тврди дека имал тешко пијанство. Според него, во болницата во Охрид не примале пациенти со тешко пијанство, ги носеле дома сами да се отрезнат.

Лекарката од Брзата помош вели дека Боро не бил свесен  и затоа не можела да разговара со него, иако момчето тврди дека уште во возилото ѝ кажувало дека не ги чувствува рацете и нозете.

Но, сепак, не е сè така црно. За Стајиќ постои надеж за непристрасно судење, ама не во судот во Охрид, туку во Апелациониот суд во Битола. Повисокиот суд двапати ги укинува пресудите на охридскиот суд, и пресудата што ја донел судечкиот совет на чело со судијката Кичеец, како и пресудата што ја донел судечкиот совет на чело со судијата Бојан Мартиновски.

Првиот пат судот не го ценел како доказ вештиот наод и мислење, а вториот пат го ценел, но само делумно во делот дека лекарите направиле пропусти, но не и дека поради пропустите Боро се здобил со тешка телесна повреда. Мајката на Боро смета дека главен доказ за лекарска грешка е медицинско вештачење. Одлуката на судот, покрај другите докази, мора да произлегува од вештиот наод и мислење на Судска медицина како суштински и релевантен доказ за одлучување дали постои лекарска грешка.

 А, зар може да се докаже лекарска грешка беш медицинско вештачење? Не може, вели мајката на Боро.

Вештачењето на Судска медицина покажало дека лекарите биле должни и можеле да направат разлика за тоа дали се работи за пијан човек, кој, сепак, би можел да стои придржуван од еден човек, или пак за лице со целосна одземеност на рацете и нозете кој не ќе може да се исправи. Неопходно било да му се постави „медицинска крагна“ сè додека не се постави точната дијагноза. Првостепениот суд утврдил дека лекарите направиле пропусти, но, според нив, не се докажало дека Боро останал парализиран заради пропустите на лекарите. Судот утврдил дека со скокот во вода и ударот на главата се случило моментално и трајно оштетување. „Не се докажа дека токму поради пропустите кои обвинетите ги направиле при прегледот и лекарскиот третман на оштетениот била предизвикана тешката телесна повреда со знатно и трајно оштетување на важен дел од телото, што, пак, е услов за постоење на ова кривично дело“, се вели во пресудата.

Но, оваа пресуда, Апелацискиот суд ја укинува и му укажува на понискиот суд дека во повтореното судење мора да биде ценет и вештиот наод и мислење на судска медицина како доказ.

„Во услови кога и двете вешти лица се категорични во своите искази дека утврдените пропусти на двата лекари со неукажување на правилна лекарска помош довеле до влошување на здравствената состојба на оштетениот и нивниот заклучок дека постои причинско последична врска помеѓу преземените методи на обвинетите со тешката телесна повреда кај оштетениот, првостепениот суд прифаќа дека во конкретниот случај не се утврдила околноста во што се состоело влошувањето на здравствената состојба на оштетениот со пропустите на обвинетите лекари. Токму таа околност која се однесува на тоа да се утврди во што се состоело влошувањето на здравствената состојба на оштетениот и на каков начин е предизвикана со пропустите на лекарите беше должен да ја утврди првостепениот суд и на таков начин со сигурност да ги утврди сите решителни факти кои што се од влијание за одлучувањето“, се вели во пресудата на Апелација.

Иако судењето било повторено со судечки совет, на чело со Бојан Мартиновски, сепак, судот делумно го прифатил вештачењето  и не образложил зошто го прифатил само тој дел од вештачењето.

„Судот го прифати само вештиот наод во делот кој се однесува на тоа дека обвинетите како лекари значително остапиле од правилата на медицинската наука при пружање на лекарска помош на оштетениот, а не го прифати вештиот наод во останатиот дел, во кој вештите лица наведуваат дека непостапувањето по правилата на медицинската наука од страна на обвинетите како лекари, и тоа првообвинетата како лекар во итната медицинска помош, а второобвинетиот како лекар специјалист интернист е во причинска врска со влошувањето на здраствената состојба на оштетениот“, се вели во второто решение на Апелација.

Во повторената постапка не е расчистена ниту дилемата како лекарите не разбрале што всушност се случило, ако се земе предвид дека момчето во возилото и кажувало на лекарката дека не ги чувствува рацете и нозете и дека му е студеното, а неговиот другар кој бил во возилото и раскажал што точно се случило.

НА ЛЕКАРИТЕ ВО ОХРИД МОЖЕ ДА ИМ СУДИ САМО ЕДЕН СУДИЈА

Третото по ред судење за овој случај почна непосредно пред Нова година. Самиот судија, Бојан Мартиновски пред почнувањето на процесот побарал изземање, но претседателот на судот не го прифатил неговото барање.

Во овој момент во Охридскиот суд тој е единствен судија што може да биде претседател  на Совет во постапката против обвинетите лекари. Судијката Кичеец се иззема, судијката Билјана Белевска побара изземање кога и беше доделен предметот, а претседателот на судот исто така бил во состав на кривичен совет кој одлучувал по приговор на обвинителен акт, поради што и тој не може да суди. Други судии од кривичната област во судот во Охрид нема.

-Се понадевав дека можеби судскиот совет ќе реагира на ваквата состојба со мојот случај, но, за жал, не испадна така. Во ноември 2018 година поднесов претставка на која не ми одговорија. Точно една година  подоцна, во ноември 2019 поднесов друга преставка на која повторно не ми одговорија. Што да помислам друго, освен дека и судиите во Охрид, како и лекарите се заштитени. Ги штити Републичкиот судски совет со своето непостапување по моите претставки. Еве сега подготвувам нова претставка, но овој пат на многу страници и со многу докази, најавува Боро.

Тој се надева дека на третото по ред судење, конечно, ќе му стаса правдата.

ЛЕКОТ МЕТИЛПРЕДНИЗОЛОН МОЖЕЛ ДА СПРЕЧИ ДОПОЛНИТЕЛНИ ОШТЕТУВАЊА?

Мајката на повреденото момче, Луиза Стајиќ, која по професија е правник, но маката ја натерала да се интересира и за медицината и за упатствата што се пропишани за лекарите за повреда на ‘рбетниот мозок.

–На мајка ми ѝ кажале за некоја инјекција која не ми била ставена и затоа јас ја имам најтешката квадриплегија, а не полесната или најлесната. Таа на веб-страницата на Министерството за здравство ги најде упатствата кои лекарите требало да ги применуваат  при спинални повреди. Оваа инјекција, која мора да се стави најдоцна во првите 3-8 часа, мене не ми е ставена затоа што јас првпат не бев однесен во болницата  „Св. Еразмо“, која е специјализирана за вакви повреди. Можело да ме однесат со првата Брза помош уште во првиот час. Оваа болница е на 20-тина километри од  местото каде што скокнав. Мене ме однесоа првпат  во болницата  „Св. Еразмо“ околку 13.00 часот попладне истиот ден. Дотогаш беа изминати осум  часа, па затоа не ми го дадоа овој лек кој можел многу да помогне, вели Боро Стајиќ.

Станува збор за лек кој според Упатствата за медицина заснована на докази се дава на пациенти со спинални повреди во првите три часа за да се спречи настанување оток или ако настанал оток да се намали. Отокот без ваков лек брзо се шири и секундарно го оштетува ‘рбетниот мозок.

НАПИШАНА БИЛА ДИЈАГНОЗА ШТО НЕ ПОСТОИ

Во книгата во графата за дијагнози, наместо избришаната дијагноза,  медицинската сестра по кажување на лекарката напишала шифра F 10.X без текст. Според меѓународната класификација на болести дијагнозата со шифра F10.X не постои. Постојат дијагнози од F.10.0 до F10.9.

„Не треба да бидам адвокат или судија за да се посомневам дека веројатно бришаната дијагноза била нешто во врска со мојата повреда, а  не со пијанство. Па, јас кога ги соблекував панталоните за да скокнам, стоев на една нога, тоа го потврди и момчето што ме извадило од вода, а кога дојде докторката, 15-тина минути по скокот, според неа, јас сум имал алкохолно труење. За жал, лекарката моето жалење дека не ги чувствувам рацете и нозете и мојата млитавост на рацете и нозете погрешно ја проценила дека се работи за алкохолно труење, односно дека не се работи за ‘рбетни повреди“, вели Боро Стајиќ.

 

↧
↧

АРХИВА Лустраторите прогласуваа кодоши без докази и со замена на идентитети

January 16, 2020, 1:44 am
≫ Next: АРХИВА: Членови на лустрациска од власта, по ходниците признаваат дека можеби згрешиле за Милчин и за Ѓунер
≪ Previous: АРХИВА Боро Стајиќ-го лечеле од пијанство, а имал скршен врат: Ми ги уништија сите шанси да оздравам!!
$
0
0

Текстот е објавен на 22 септември 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1146

За време на 9-годишното постоење, Комисијата за лустрација проверила над 30.000 лица и лустрираше околу 200 лица, при што околу 40 од решенијата на лустраторите паднаа на управниот суд, додека околу 80 се однесуваат на починати лица, кои не можат да го искористат правото судски да ја оспорат одлуката. Притоа, многумина беа лустрирани без докази, со селективен избор на документација, па дури беа лустрирани и погрешни луѓе. За оваа политички мотивирана лустрација, спроведена од лустраторите на чело со Томе Аџиев, со нарачка на поранешната власт предводена од Груевски, македонските граѓани платија над два и пол милиони евра

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Како што е познато, процесот на лустрација имаше консензуална поддршка во 2008 година, кога сите релевантни политички субјкети поддржаа закон, чија основна цел беше прочистување на минатото и елиминација од јавната сфера на луѓето што позициите и моќта ја стекнале преку соработка со тајните служби. Меѓутоа, поранешните коалициски партнери – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, подоцна го приватизираа процесот, претворајќи го во инструмент за политичка пресметка, што кулминираше во 2012 година, кога како тогашно парламентарно мнозинство усвоија сосема нов закон, чија главна цел беше жигосување на политички противници и неистомисленици.

Сепак, по препораките во Извештајот на експертската група на чело со Германецот Рајнхард Прибе, вмровците и интегративците во 2015 година донесоа уште еден нов закон за стопирање на лустрацијата, односно на можноста за поведување нови постапки, со што останаа непроверени над 3.000 досиеја од Државниот архив и којзнае уште колку во полициските и армиските архиви, додека никој не знае што се кријат архивите на Белград. Арно ама, комисијата преку која се спроведуваше лустрацијата продолжи да функционира уште две години, за да може да се јавува и да настапува како странка во судските спорови со лустрираните лица.

Според сумарниот извештај за работата на комисијата за верификација на фактите подготвен за собранието, ова тело во своето работење одржало 227 седници, на кои проверило 31.519 лица. Притоа, конечно биле решени предмети и утврдена била соработка со службите од политичко-идеолошки причини на 184 лица. Тука треба да се напомене дека комисијата утврдила соработка со органите за безбедност уште на 149 лица, меѓутоа нивните имиња и фактите поврзани со нив не биле објавени, поради проблеми со матичните броеви.

Нејсе, голем број од лустрираните лица беа починати, па не беа во состојба да се обидат да ги побијат решенијата на лустраторите на суд, додека многумина од живите сегашни и поранешни лустрирани функционери ја искористија можноста да ги оспорат решенијата на лустраторите по судски пат. На тој начин, падна во вода голем дел од работата на Лустрациската комисија, која за време на 8-годишното постоење ги чинеше македонските граѓани над два и пол милиони евра.

НЕЗАКОНСКИ ПРОЦЕС

Според податоците од комисијата за лустрација, од вкупниот број лица за кои е утврдена соработка со органите на државната безбедност, 45 не покренале постапка пред надлежните судови, додека сите други 139 покренале постапки. До 2015 година, кога комисијата го губи мандатот да отвора и да води постапки, во постапка пред Управен суд биле 35 решенија, додека 5 решенија се наоѓале пред Вишиот управен суд, по жалба на комисијата. По речиси едногодишно исчекување, Управниот суд минатата година за неколку денови ги поништи сите 35 решенија на комисијата, меѓу кои беше и она за Јадранка Костова од „Фокус“, која беше лустрирана преку селективен избор и манипулативна презентација на документи.

„Од увидот на образложението на оспореното решение, Судот констатира дека тужениот орган (Комисијата за верификација на факти) го повредил начелото на сослушување на странката, предвидено со одредбите на Членот 10 од Законот за општата управна постапка, со оглед дека не му овозможил активно учество на тужителот (лустрираниот) во смисла на законската одредба од Членот 31 од Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката“, образложува Управниот суд во пресудите со кои побива голем дел од решенијата на лустраторите.

Според информациите доставени од Управниот суд, пак, 92 тужби поднеле исто толку лица против кои Лустрациската комисија донела решение во периодот од 2009 до 2015 година дека соработувале со безбедносните служби од полтитичко-идеолошки причини. Во однос на нив, судот уважил 38 тужби, односно 38 решенија на комисијата биле поништени, 41 тужба била одбиена како неоснована, односно 41 решение на комисијата биле потврдени, а по две тужби донесени се решенија со кои поднесените тужби се отфрлени. Во врска со останатите 11 тужби, од судот засега не се во можност да одговорат за нивниот исход.

„Комисијата само ги проверува фактите и постоечките документи за одредено лице и доколку утврди дека постојат документи за негова соработка со органите на државна безбедност, донесува решение, по што се известува и му се доставува решението за да може да поведе судска постапка. Дали едно лице е прогласено за соработник или народбодавец се утврдува исклучиво од донесено решение, а утврдениот соработник своите права ги остварува на Управен суд. И таму централно прашање кое во претходните постапки се даваше е дали документите и фактите се вистинити“, посочуваат од комисијата, од каде сметаат дека судот се осврнал само на постапката, но не кажал ниту збор за објавените документи и докази за лустрираните.

ЛУСТРАЦИЈА НА МРТОВЦИ

За време на седумгодишното постоење додека имаше право да отвора предмети, идентитетот на околу 40 лица кои ги поништиле решенијата на комисијата пред Управниот суд е избришан. Исто така, во регистарот на лустраторите моментално е затскриен и идентитетот на околу 80 лустрирани починати лица, чиј идентитет, според законот, е таен. Тоа значи дека повеќе од половина од решенијата на комисијата се однесувале на луѓе кои успешно ги побиле во судска инстанца, или, пак, воопшто не биле во состојба да се обидат тоа да го сторат, бидејќи биле мртви.

Во тој контекст, можеби најголемо внимание во јавноста предизвика лустрацијата на писателот Славко Јаневски, кој беше лустриран без ниту еден доказ дека прифатил соработка, ниту обезбедувал и споделувал информации, туку само изнесувал лично мислење и видување за одредени луѓе и појави. Тој не беше во можност да се произнесе во своја одбрана, но затоа реагираа Македонската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите, како и многу негови колеги, кои подоцна ги снајде истата судбина, меѓу кои и писателот Божин Павловски.

Веднаш откако му испрати отворено писмо на тогашниот премир Никола Груевски да ја сопре срамната лустрација, лустраторите донесоа решение дека Павловски бил соработник на тајните служби, кој споделувал информации за националистички изблици и определби за неговите колеги, вклучително и за Јаневски, така што, согласно потребите на лустраторите, Јаневски во една ситуација испаѓа кодош, а во друга кодошен. Во секој случај, ако Јаневски не можеше да се брани во јавноста и на суд, Павловски, кој долги години живее и работи во Австралија, ја побара и ја доби правдата на суд.

Имено, тој поведе управна постапка поради погрешно утврдена фактичка состојба, односно поради тоа што, според него, лустраторите донеле одлука без докази и без да наведат кои погодности ги имал во животот и кариерата од наводната соработка со службите. Како што стои во образложението на пресудата на судот донесена во 2013 и потврдена во 2015 година, комисијата не ги доставила доказите и документите во оригинална форма, па оттука судот не можел целосно да ја испита и утврди фактичката состојба, бидејќи на фотокопии не им верува. Врз основа на тоа, се поставува прашањето врз основа на каква документација комисијата утврдила дека Павловски бил кодош?

ЛУСТРАЦИЈА НА ПОГРЕШЕН ЧОВЕК

За разлика од случајот со Павловски, Управниот суд не ја уважи тужбата на поранешниот функционер од времето на социјализмот, Петар Карајанов, иако бил лустриран поради туѓи гревови. Како што се наведува во самата тужба, лустраторите направиле груба замена на идентитетот при лустрацијата на Карајанов со друго лице со исто презиме, од истата фамилија. Поточно, во решението на лустраторите со кое се прогласува Карајанов за соработник на службите се зборува за Карајанов роден во 1937 во Гевгелија, додека тужителот Карајанов е роден во 1936 година во Скопје. Притоа, првиот Карајанов имал брат и завршил студии по англиски јазик, додека вториот има сестра и завршил факултет за книжевност.

Во документите со кои е поткрепено решението на лустраторите се говори како Карајанов, роден 1937 година во Гевгелија, кој завршил англиски јазик, заминува во Шведска во 1963 година во посета на неговиот брат Ѕвонко Карајанов. Но, како што навел лустрираниот Карајанов во тужбата до Управниот суд, тој во тоа време бил на издржување воен рок во тогашната Југословенска народна армија на сосема друго место – Требиње, Босна и Херцеговина. Сепак, судот не зел во предвид дека еден човек не можел да биде на две места во исто време.

Поради ваквите пропусти, Карајанов побара и доби правда во Судот за човекови права во Стразбур. Како што се наведува во одлуката на овој суд, Карајанов немал можност ефективно да го презентира својот случај, со самото тоа што тој не бил инволвиран во постапката пред Лустрациската комиција и не можел да ги претстави своите аргументи. Потоа, судот во Стразбур констатирал и повреда на членот 8 од Конвенцијата за човекови права, која се однесува на почитувањето на приватниот и семејниот живот, поради објавувањето на решението на лустраторите на веб-страницата на комисијата уште на денот на неговото донесување, односно пред тоа да стане конечно и правосилно.

Но, лустрацијата на Карајанов не е единствениот случај каде лустраторите направиле замена на идентитети. Тоа се случи и со лустрацијата на поранешниот директор на Службата за државна безбедност, Слободан Богоески, кој, како што објавија лустраторите, беше лустриран како човек што давал наредби за обработка и следење лица од политичко-идеолошки побуди. Како што вели Богоески, решението наместо кај него, лустраторите го испратиле кај друг човек со исто име и презиме, со потекло од велешкото село Извор, кој живее во Велес. Така, во јавноста лустриран е познатиот Богоески, додека формално-правно лустриран е анонимниот Богоески, кој откако го загуби здравјето, сега води судска битка.

ФИЛУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТАЦИЈАТА

Освен што, свесно или несвесно, мешале луѓе и податоци, лустраторите лустрирале лица и врз база на селективен избор на документи, кои произволно и субјективно ги претставувале пред јавноста. Овде упатените ја споменуваат лустрацијата и на поранешниот министер за внатрешни работи, Томислав Чокревски, кој беше лустриран поради оперативна обработка на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и на функционери на ДПМНЕ. Во документацијата што ја објавија лустраторите навистина се гледа дека партијата и нејзините водачи биле под обработка на тогашната тајна полиција, меѓутоа комисијата не ги објавила јавно документите кои покажуваат зошто полицијата ја третирала партијата, за да се добие целосен впечаток.

– Точно е декаполицијата ја следела ВМРО-ДПМНЕ и тоа се гледа од објавените документи со решението за лустрација на Чокревски, но не се објавени документите зошто е следена партијата, односно дека се фатени луѓе од партијата кои тргуваат со оружје, кое го увезувале од Бугарија и го криеле во гостиварски села – вели Чедомир Дамјановски, член на првиот состав на Лустрациската комисија избран од опозициските партии, кој лично ги разгледувал сите документи од досието за обработка на ВМРО-ДПМНЕ.

Во таа насока треба да се спомене и лустрацијата на претседателот на Демократската партија на Власите, Никола Бабовски, за кого лустраторите донесоа дури три решенија за лустрација, бидејќи тој, според нив, бил ангажиран да соработува со тајната полиција во 1998 година за паричен надомест, а соработничкиот однос му прекинал во 2006 година. Меѓутоа, Управниот суд пресуди дека нема основ тој да биде лустриран, бидејќи ниту остварил материјална корист, ниту напредувал во кариерата, ниту некој претрпел штетни последици.

– Документацијата што ја разгледувавме и што беше објавена никаде не откриваше дека Бабовски соработувал со тајната полиција од идеолошко-политички мотиви, туку можеше да се најде како и пренесува на македонската служба информации добиени од негов близок роднина што работел во конзулат на една соседна држава. Тоа е разузнавачка дејност во интерес на државата, а не кодошење од политички мотиви за одредена корист – објаснува екслустраторот Дамјановски, додавајќи дека поради ваквите постапки луѓе губат работа и здравје.

„БОМБИТЕ“ ОТКРИЈА КОЈ БИЛ ГЛАВЕН ЛУСТРАТОР

Како течел процесот на лустрација, всушност најдобро откриваат прислушуваните разговори што ги објави СДСМ како опозициска партија во текот на 2015 година. Во тој период, кога кулминираше политичката криза по избивањето на скадналот со прислушувањето, социјалдемократот Васко Ковачевски објави телефонски разговори кои покажуваат дека владата, Груевски и неговите најблиски соработници го контролираат и менаџираат процесот со лустрација. Се разбира, тие го негираат тоа, велејќи дека „бомбите“ се монтирани материјали, но неколку експертизи ја потврдија нивната веродостојност.

Како и да е, еден од објавените разговори што, според Ковачевски, се водеше помеѓу Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се интересира дали поминал заклучок на првиот човек на Лустрациската комисија, Томе Аџиев. Еден друг разговор помеѓу Јанкулоска и секретарката на Груевски – Ленче Самарџиевска, пак, открива дека лустраторите заедно со тогашниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, и тогашниот собраниски спикер Трајко Велјаноски оделе на состаноци кај Груевски.

Сепак, разговорот кој покажа најгрубо мешање во работата на лустраторите и дека буквално се нарачувале лустрации, се водеше помеѓу Аџиев и пратеникот од редовите на ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Впрочем, Милошоски му вели на Аџиев дека обезбедил човек (Живко Туфегџиоски) што ќе иницира лустрација за кичевскиот судија Драган Билески, кој, спроед зборовите на Милошоски, им правел многу големи проблеми во градот.

На крајот, Билески беше лустриран, иако во евиденцијата на МВР никаде не фигурира како соработник. Згора на тоа, авторот на белешките според кои Билески е лустриран, полицискиот оперативец Перо Крцовски се откажал од напишаното, потврдувајќи дека содржината не е автентична. Моментално, семејството на Билески чека епилог од судскиот процес што го покрена во судот во Стразбур, каде правдата веќе ја добија Ивановски и Карајанов.

МИЛИОНСКИ ПРОЦЕС

Она што се поставува како прашање, е колку пари ги чинеше македонските граѓани ваквата политички мотивирана и управувана лустрација за оцрнување и дискредитација на политички неподобните? Според податоците што можат да се најдат во периодичните 6-месечни извештаи на комисијата, во првата година кога започна да работи имала буџет од нецели 12 милиони денари. Веќе во следната 2010 година, пак, лустраторите побарале буџет од речиси 32 милиони, ама им биле доделени околу 24,5 милиони денари, за подоцна во текот на годината со ребаланс на буџетот да бидат скратени нешто над 5 милиони денари.

Во следните полугодишни извештаи, комисијата не изнесува податоци со колкави средства располагала, туку само како се движел долгот на институцијата. Сепак, во буџетите за следните години може да се види дека лустраторите во 2011 година имале буџет на крајот на годината после ребалансот од речиси 19 милиони денари и 12 вработени, во 2012 година – над 17 милиони и 16 вработени, во 2013 година – 18,5 милиони и 17 вработени, во 2014 година – 20,5 милиони и 17 вработени, во 2015 година – 19,5 милиони денари и 18 вработени.

Интересно е тоа што комисијата располага со речиси ист буџет и во следните две години, кога има значително намален обем на работа, бидејќи не отвора нови случаи. Па, во 2016 година комисијата имала буџет од околу 19,5 милиони денари и 18 вработени, а во тековната година првично имала одобрен буџет од нецели 19 милиони денари, меѓутоа со ребалансот на новата влада тој се спуштил на околу 15 милиони денари. Се на се, Лустрациската комисија за 9 години ги чинела македонските граѓани 160,5 милиони денари или над два и пол милиони евра, без притоа да се смета паричното обештетување што го добија и допрва ќе го добијат многу неправедно и незаконски лустрирани граѓани.

Со толку пари од граѓаните, како што покажуваат податоците и наводите од документите што ги обезбедивме и анализиравме, претходната влада на чело со Груевски, преку мнозинството во комисијата предводено од вечниот Томе Аџиев, лустрираше сегашни, но и поранешни носители на јавни функции и вршители на јавни овластувања, па дури и починати лица, кои не се во состојба да се бранат. Да биде парадоксот уште поголем, лустрирани беа и целосно погрешни лица, што создава непоправливи последици врз многу човечки и семејни судбини, кои никогаш во животот не биле соработници на службите. Кој ќе сноси одговорност за тоа?


Божин Павловски, писател
БРАТУЧЕДИТЕ МЕ ЛУСТРИРАА ЗАШТО БРАНЕВ ВЕЛИКАН ОД ЛЕШИНАРИ!

Братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков стоеја зад пресметката со мене, вели писателот Божин Павловски, кој ги напушти МАНУ и ДПС откако беше лустриран, по критиката на лустрацијата на Славко Јаневски.

– Беа на самиот врв на моќта во едно жално време за Македонија, кога сите институции беа замолчани, преплашени, уценети. Лудаци! Јас во една колумна во „Фокус“ ги споредив со Црвените Кмери. Тоа на Никола Младенов многу му се допадна. Знаете дека целиот врв на Црвените Кмери во Камбоџа заврши по лудниците. Кога му го направија тоа на Славко Јаневски, ме побара Александар Дамовски и ми побара изјава, демек што мислам за лустрирањето на покојни луѓе. Реагирав остро и веќе по неколку дена следуваше казната. Многумина ми пристапуваа да ми изразат жалење, но само во четири очи. Не се покајав никогаш затоа што го бранев нашиот великан од лешинари – вели Павловски.

Тој додава дека ќе биде пресреќен доколу види промени во политичкиот менталитет на новата власт, меѓутоа, не очекува многу со оглед на, како што вели, изместените кодови на македонското општество.


Владимир Милчин, режисер
ГРУЕВСКИ МИ НАРАЧА ЛУСТРАЦИЈА ИАКО СЛУЖБИТЕ САМИ КОНСТАТИРАЛЕ ДЕКА НЕ УСПЕАЛЕ ДА МЕ ВРБУВААТ ЗА СОРАБОТНИК

Лустрацијата на театарскиот режисер и универзитетски професор, Владимир Милчин, беше една од најскандалозните, со оглед дека документацијата врз основа на која беше лустриран не покажува дека бил соработник на службите, туку дека бил предмет на обработка како анархолиберал. Дури, во самото досие припадниците на службите констатираат дека не успале да го врбуваат за соработник. Еве што вели Милчин во врка со лустрацијата:

– Глутницата мршојадци која лажно се претставуваше како лустрациска комисија престанала да постои? Нема гајле, тие се толку употребливи што набргу ќе ги видиме во некој совет, управен одбор или комисија, како што е вообичаено кај нас. Томе и неговата банда ги извршија сите нарачки од автократот Груевски, избербатија и живи и мртви, патем си ги лечеа комплексите на пониска вредност, сеиреа над несреќата на луѓе на кои не им се ни до колена, унесреќија цели семејства. Со тој лов на вештерки во детали раководеше Груевски од/во својата канцеларија, ентузијастички поддржан од „експертите“ од врвот на партијата, владата и парламентот… Сигурен сум дека СЈО располага со тонски записи од телефонски разговори пострашни од објавениот разговор во кој Антонијо Милошоски нарачува лустрирање.

Во 2000 година, кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, врз основа на законот кој на граѓаните им овозможи да извршат увид во личните досијеа кои за нив ги водела УДБ/СДБ од идеолошки и политички причини, побарав и добив фотокопија од досието што државната безбедност го водела за мене од 1976 до 1987 година, под сомнение дека сум анархолиберал, односно припадник на граѓанската десница и дека на репертоарот на МНТ сум сакал да протуркам драми од македонски националист. Ме следеле, од своите соработници прибирале изјави за мојата театарска и политичка активност, ми ги прислушувале телефонски разговори и ми го озвучиле станот. Единаесет години подоцна, Груевски, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кому очигледно му бев трн во окото, му наложил на својот подопашник Томе Аџиев по секоја цена, па и по цена на фалсификат, да ме прогласи за соработник на „службите“. Врз основа на истото досие кое било затворено откако „службите“ констатирале дека не успеале да ме врбуваат за соработник!

Во мојот случај, ниту еден од четирите услови од законот за утврдување дека некој е соработник не бил исполнет, но тоа не им пречеше на судиите од Управниот суд и од Вишиот управен суд да ми пресудат во мое отсуство. Раката на Груевски беше долга, неговата тупаница го здроби законот. Откако во 2011 година Уставниот суд го укина законот предложен од Стојан Андов, во 2012 година стапи на сила вториот закон. Се разбира, „Милчин и компанија“ беа првите за вториот отстрел. Милчин требаше да се мавне како извршен директор на Фондацијата отворено општество. Во 2011 година, судовите беа невообичаено брзи, но во 2012 година им требаа повеќе од две години, иако законот наложува итна постапка. Со тоа ја одложуваше мојата апликација до судот во Стразбур, кој прифаќа да разгледува предмети само откако се исцрпени сите судски инстанци во земјата.

Сè на сè, наместо прочистување, лустрацијата ни донесе бербатење. Соработниците продолжуваат да соработуваат, списокот на носители на јавни функции кои биле соработници на службите што го доби Аџиев од УБК го изеде темницата, исто како и никогаш необјавениот Регистар на соработници на УДБ/СДБ, а народот си зборува за неоткриени удбашки структури кои ја разнебитуваат Македонија. Време е за лустрација на лустрацијата!.


Јадранка Костова, новинар
КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА АЏИЕВ И „НН“ ЛИЦА

Долгогодишната уреднична и новинарка во „Фокус“ беше еден од најгласните поддржувачи на процесот на лустрација, за на крајот да се случи апсурдна ситуација – лустраторите на чело со Томе Аџиев да ја лустрираат со цел да ја жигосаат поради нејзиниот критички поглед и опус на политиките на „преродбата“. Колку оваа лустрација е парадоксална, потврди документот што неодамна го објави „Фокус“, според кој наводната жртва од кодошењето на Костова бил соработник на тајните служби! Поради тоа, таа најавува дека ќе поднесе кривична пријава против Аџиев и НН лица:

– Не знам како планираат да се поништат последиците од лутрациската комисија, особено што не само за мојот случај, туку и за десетици други лица, Вишиот управен суд ги поништи решенијата за лустрација. Во случајов, причините се процедурални, па тоа остава основ за исчашени коментари.

Од калибарот на оној на Аџиев, кога Судот во Стразбур пресуди дека се повредени човековите права по тужбата на Трендафил Ивановски, дека со тоа не се менува суштината дека бил „соработник“. Замислете, жално ама и смешно, адвокат да го омаловажува значењето на процедурата во еден процес. Ама, од кого е, токму е! Согласно неговите капацитети.

Јас најверојатно ќе поднесам кривична пријава против аџиевци и НН лица затоа што ја злоупотребиле позицијата со цел да ми наштетат и да ме жигосаат како кодош. Замислете која будалаштина е да наведеш во Решението за моја лустрација документ „Репродукција на разговор обавен на 30.01.1996 г., помеѓу лицето „А“, инспектор на Службата за државна безбедност и лицето „Б“, под псевдоним „Тутунар“ (мојата наводна жртва).

Значи „жртвата“ разговара со инспектор од ДБК, на долго и на широко, му изнесува информации за МПО и за нејзиниот тогашен претседател Ѓорѓи Лебамов, па дури и најавува дека ќе помогне припадници на државната безбедност да се инфилтрираат во МПО. Ама во неколку реда ме кодоши и мене на инспекторот.

Просечно интелигентен човек ќе разбере дека Тутунар си е на линија со Службата, но за аџиевци тоа е доказ дека јас сум кодош!!! Или оние кои гласале за овој документ имаат пречки во менталниот развој или свесно и намерно сториле кривично дело веројатно по нечија нарачка, за да ме девалвираат како новинар и уредник на критички настроениот неделник „Фокус“. Но, НЕКОЈ укапирал дека „фактов“ им е резил, па бргу бил симнат од веб страницата на комисијата. Ама, тоа и не е битно за просечниот поданик на груевизмот. Тој нема да ги проверува или анализира документите за нечија лустрација, доволно куртонско-курирски разгласи да ја шират „вистината“ дека сте кодош.

Интересно, членот на лустрациската комисија Предраг Димитриевски, кој бил болен кога се гласало за мојот случај, при една случајна средба ми тврдеше дека нема таков документ, односно разговор на „жртвата“ со инспектор од ДБК. Сепак, ми потврди дека тој и Ачковска планирале да пишуваат книга за „Тутунар“. Не знам кој им го дал неговото досие, но намерно ги изоставил документите кои потврдуваат дека „мојата жртва“ е соработник на службата.

Овие документи што ги добив и јас, но и други лица што слободно ги постираат по социјалните мрежи, говорат дека некој, во УБК или Архивот не знам, манипулира со документите. Кога треба, ги крие, по потреба ги вади во јавност сокриените. Од бомбите, пак, чувме како лустраторите со Сашо Мијалков оделе на средби кај Груевски. Веројатно за размена на мислење за климатските промени, нели!?

Не ги знам сите случаи на лустрирани, но над дестина кои сум ги анализирала, гледам исто така простор за кривична пријава против лустраторите кои станаа обична но убиствена алатка за жигосување на „непријателите“ на режимот или на поединци од врхушката. Доколку истрагата заврши како што треба, потоа државата ќе може од нив да ја наплати отштетата што ја заслужуваат жртвите на аџиевци.

Парадокосот на лустрацијата по модел „аџиевка“ е што наместо да ја проветрат јавната сцена од лица кои за пари и кариера кодошеле луѓе од политички причини, овие лустратори за пари и кариера жигосаа неправедно дузина лица со смешни дури и налудничави ѓоа факти.

↧

АРХИВА: Членови на лустрациска од власта, по ходниците признаваат дека можеби згрешиле за Милчин и за Ѓунер

January 18, 2020, 8:00 am
≫ Next: АРХИВА: Почесниот конзул на Унгарија царува во бизнисот со медицински отпад
≪ Previous: АРХИВА Лустраторите прогласуваа кодоши без докази и со замена на идентитети
$
0
0

arhivaИнтервјуто е објавено во 925. број од неделникот „Фокус“ на 22. март 2013 година

Чедомир Дамјановски е единствениот активен член на Лустрациската комисија, кој е предложен од редовите на опозицијата. За „Фокус” говори дека е зачуден од одлуките на уставните судии и открива оти токму претседателот на Лустрациска, Томе Аџиев, е еден од авторите на Законот за лустрација. Дамјановски предупредува дека лустрацијата наместо прочистување на институциите станала прочистување на нацијата и смета дека парите се проблемот, зошто сѐ уште немаме закон за рехабилитација на жртвите на комунистичкиот режим!

ФОКУС Како ја коментирате одлуката на Уставниот суд привремено да не го стопира Законот за лустрација и со тоа самиот процес како што се бараше во една од иницијативите?
ДАМЈАНОВСКИ Не ја коментирам одлуката, го коментирам ставот на судиите од Уставниот суд. Очигледно е дека во овој закон има масовно кршење на човековите права, како пресумпцијата на невиност и непочитувањето на двостепеноста во постапките. Тоа се уставни категории и тука нема потреба од филозофии и нема потреба судиите да се подготвуваат за да видат дали законот е уставен. Можеа едноставно да стават привремена мерка и другите прашања да ги проучуваат.

ФОКУС Зошто немаше привремена мерка?
ДАМЈАНОВСКИ
Тоа ќе мора да ги прашате судиите, не сакам да влезам во шпекулации. Сепак, нивната одлука ме чуди и не знам што проблем ќе беше ако донесеа привремена мерка.

ФОКУС Потребна ли му е подготвителна седница на Уставниот суд во врска со Законот за лустрација, со оглед на тоа што судот веќе одлучуваше по најголем број од одредбите што се оспорени?
ДАМЈАНОВСКИ Со оглед дека прекршувањето на човековите права е толку очигледно, не им е потребна. Објавување на имињата, бркање од работа и симнување од избирачки списоци без судска одлука – тоа се сѐ кршења на Уставот и секој правник го знае тоа, а камоли судија на Уставен. Претпоставуваме дека тоа се врвни правници на кои не им треба многу проучување. Можат со еден поглед да го блокираат законот.

DSC_5635

АЏИЕВ ГО ПИШУВАШЕ ЗАКОНОТ?!

ФОКУС Според праксата до подготвителната седница ќе поминат два месеца, а потоа следи редовна седница на која треба да одлучуваат судиите и за неа најверојатно ќе се чекаат уште два месеца. Излегува дека одлуката ќе ја добиеме при крајот на годината и прашање е – може ли во овој случај да зборуваме за одложување на одлучувањето мотивирано од политички цели, со оглед на тоа што Уставниот суд е со променет состав за разлика од последниот пат кога одлучуваше?
ДАМЈАНОВСКИ Нема врска што овие судии не одлучувале претходно во носењето на одлуките на Уставниот суд. Па, по неколку години ќе дојдат нови судии и тие ли ќе треба да ја разгледуваат оваа одлука? Тоа е веќе конечна и извршна одлука. Нема потреба експерти да им објаснуваат на судиите на Уставен дека пресумпцијата на невиност и двостепеноста на постапките се уставна категорија. Ако тоа бараат да им го објаснат, јас им се чудам на тие судии!

ФОКУС Мислите ли дека тоа е апсурдно?
ДАМЈАНОВСКИ
Па, апсурдно е! Тоа го знае и семкар на улица, дека мора судот да биде тој што ќе пресече. А со решението на Лустрациската комисија има големи реперкусии кон наводните соработници. Е сега, тоа ли треба да им се објасни на уставните судии? Тоа е зачудувачки!

ФОКУС Претседателот Томе Аџиев во последното ТВ-интервју Ве критикуваше зошто сте ги коментирале одлуките на Уставниот суд. Што би му одговориле?
ДАМЈАНОВСКИ Аџиев за себе сам си зборува со неговите изјави. Тој рече дека пресумпцијата на невиност не е проблем и таа не постои во законот.

ФОКУС Тоа го рекол?!
ДАМЈАНОВСКИ На телевизија има изјавено дека ова е најдоброто законско решение во врска со лустрацијата.

ФОКУС Значи Вие ја толкувате изјавата…
ДАМЈАНОВСКИ Па, тој учествувал во пишувањето на законот, само не сака да каже. И затоа го брани овој текст што е неуставен, понеуставен закон не сум видел.

ФОКУС Знаете дека тој е учесник во пишувањето на законот или претпоставувате?
ДАМЈАНОВСКИ Да, сигурно! Бидејќи тоа и на седница сум му го кажал и тој не се противеше, не рече дека не бил дел од тимот што го пишувал. Тој заедно со една работна група во Министерство за правда работеле на законот и Аџиев ги давал овие предлози. Аџиев е еден од пишувачите на последната верзија на законот.

„СКОПСКО” И СЕ Е МОЖНО

ФОКУС Во јануари 2013 ви истекува мандатот како членови на комисијата. Од една страна има шпекулации дека токму одолжувањето на одлуката на Уставен е во корелација со овој датум, бидејќи власта сака да ја затвори комисијата, иако таа треба да работи до 2019 година. Наводно Лустрациска си „ја завршила работата”. Во прилог на ова оди и фактот дека тешко ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, односно поддршка од опозицијата. Остварливо е ова сценарио, и, што мислите, Ве подготвуваат ли за пензија?
ДАМЈАНОВСКИ
Со оглед на она што е важечко, комисијата треба да постои уште шест години. Меѓутоа, како што ние велиме – „скопско” и сѐ е можно. Со таа подготвителна седница на Уставниот суд не се покренува прашањето за потребата од законот и од комисијата, има други четири точки коишто се дискутабилни. А дали мислат да ја укинат комисијата и да го укинат законот, навистина не знам. Реков, „скопско” и сѐ е можно!

ФОКУС Во јануари ќе треба опозицијата да го обезбеди двотретинското мнозинство за да се изгласаат новите членови. Не верувам, по сѐ што се случи дека таа би се сложила да гласа нов состав…
ДАМЈАНОВСКИ Доколку Уставниот суд ги симне овие неуставните одредби и доколку лустрацијата се спроведува онака како што е замислена – да се прочистуваат институциите а не да се прави реваншизам. Тогаш мислам и опозицијата ќе учествува.

ФОКУС Сепак, искуството од лустрацијата не е баш најпријатно за опозицијата.
ДАМЈАНОВСКИ Пак ви велам, ако законот се применува за прочистување на институциите, тогаш ќе нема проблем. Ние не ги прочистуваме институциите, ние ги прочистуваме пензионерите. Видете го списокот на лустрирани, од четириесетина души, преку 70 отсто се поранешни функционери. Тие ексфункционери, без разлика што повеќето се пензионери, ако случајно сакаат да се кандидираат за некоја функција, тогаш како кандидати ќе бидат проверени.

ФОКУС Не мислите дека постои тенденција да се лустрираат поранешни функционери?
ДАМЈАНОВСКИ
Зошто се прави тоа, навистина не знам. Но, тоа не е целта на законот. И резолуцијата на Советот на Европа и Венецијанската комисија, сите велат дека лустрацијата не смее да биде реваншизам. Целта е да се отстранат полициските соработници од институциите и толку.

3

УПРАВНИОТ СУД МОЖЕ ЗА 10 ДЕНА ДА ДОНЕСЕ ОДЛУКА, А ЧЕКА ШЕСТ МЕСЕЦИ!?

ФОКУС Управниот суд мора во итна постапка да решава за тужбите на оние што веќе сте ги лустрирале, а некои од нив фатија прашина во фиоките бидејќи се пратени уште летоска. Зошто Управниот суд тактизира?
ДАМЈАНОВСКИ
Зачудувачки е и тоа. Законот бара за изборите ние да ги провериме илјадниците кандидати за 24 часа, а Управниот суд за еден човек не може да реши повеќе од шест месеци. А предметот го работат правници, судии. Треба да шпекулирам зошто се случува тоа. Порано се вадеа со тоа дека судиите немаат безбедносни сертификати за да може да ги гледаат досиејата. Е сега, сите ги имаат тие сертификати и навистина е прашање зошто не ги решаваат случаите веќе шест месеци. Што е проблемот, дали имаат страв да решаваат?

ФОКУС Добро, според Вас што значи тоа итна постапка?
ДАМЈАНОВСКИ Кога ние ќе донесеме решение и кога тој документ лустрираниот ќе го утужи во рок од пет дена, треба да се обратат до нас да им ги дадеме документите врз основа на кои сме одлучиле дека човекот соработувал со тајната полиција. Не им требаат повеќе од десет дена за да решат случај!

ФОКУС Зошто бурно реагиравте кога дознавте дека претседателот Томе Аџиев пратил писмо до Собранието со кое бара да се разрешат опозициските членови на комисијата Јанаќе Витановски и Благоја Гешоски поради тоа што не присуствувале на три седници по ред?
ДАМЈАНОВСКИ
Има многу причини зошто реагирав. Прва и основна причина е бидејќи претседателот не може сам да испрати писмо без комисијата да донесе таков заклучок, а тоа тој го стори. Во Законот пишува дека претседателот или тројца членови може да покренат постапка за одговорност на членовите доколку не присуствуваат на три последователни седници. Томе Аџиев испратил наредба, има документ како им забранил на службите да ги канат овие двајца лустратори на седниците, бидејќи претходно најавија дека се повлекуваат.

ФОКУС Смее ли да го направи тоа?
ДАМЈАНОВСКИ Апсолутно не смее! Тие се членови на комисијата додека не ги разреши Собранието без разлика на нивната оставка. Плус, како тие луѓе да дојдат на седница кога не се поканети? Тоа не е неоправдано отсуство, незаконска е неговата забрана да се канат. Тоа се избрани лица во Парламентот сѐ додека не се разрешени. Замислете, тој мене ми реагира дека не сум во право. Ако не сум во право, тогаш како тој за себе вели дека додека не го смени Собранието, тој ќе биде претседател иако му истекол мандатот?

ФОКУС Има ли сила на планетава Земја што може да го смени Томе Аџиев од местото претседател на комисијата за лустрација со оглед дека повеќе од две години му е истечен мандатот?
ДАМЈАНОВСКИ Околу две и пол години му е истечен. Ама власта и опозицијата не можат да се усогласат за да му изберат наследник и тој продолжува да ја води комисијата. Меѓутоа, да дообјаснам околу неговото писмо. Ако веќе иницирал постапка за овие двајца лустратори, тогаш треба да покрене и за други. Јас тврдам дека имаме тројца колеги, кои и по шест, седумпати не биле на седница и тоа се членови од „другата страна”.

7

НЕМА РЕХАБИЛИТАЦИЈА ЗАШТО ТАА ЧИНИ ПАРИ

ФОКУС Дали вие како членови на комисијата сте побарале од Собранието да го почитува законот и да именува нов претседател и потпретседател?
ДАМЈАНОВСКИ
Не можеме ние. Парламентот е законски обврзан да го менува претседателот.

ФОКУС Со оглед дека тука законот не е почитуван, дали се валидни одлуките потпишани од Томе Аџиев?
ДАМЈАНОВСКИ Мислам дека ќе беше поисправно откако му заврши мандатот, на одлуките барем тројца членови од комисијата да се потпишуваа. Меѓутоа, не сум сигурен дека сега се невалидни и не би се впуштал тоа да го коментирам.

ФОКУС И покрај тоа што партијата ЛДП, којашто Ве предложи во Лустрациска побара Вие да ја напуштите, исто како Гешоски и Витановски, Вие сепак одлучивте да останете до одлуката на Уставниот суд. Дали го сменивте ставот?
ДАМЈАНОВСКИ
Апсолутно нема промена. Тие што ме предложија имаа легитимно право да побараат да се повлечам, заради тоа што процесот на лустрација е забеган. Јас се сложувам дека процесот е забеган, меѓутоа со мојата оставка ништо нема да решиме. Ќе продолжеше комисијата да си работи бидејќи ќе имаше кворум.

ФОКУС Аџиев е на истурена позиција во комисијата, сепак колку според Вас и другите Ваши колеги имаат одговорност за тоа што лустрацијата е забегана, како што велите?
ДАМЈАНОВСКИ
При донесување на одлука јас барам во секој записник да се напише секој поединечно како гласал. Па, да си сноси одговорност секој за својот глас ако намерно, без да има факти гласал некој да биде лустриран. А повеќе од 40 записници не ни се усвоени, знаете ли што е тоа? Некој треба да одговара за тоа! Сме држеле седници и на наредните состаноци не сме ги усвојувале записниците и така во преку 40 случаи. А дали ќе одговараат? Па, би требало и тоа како. Знаете ли како е на некого да му нанесете срам и после да испадне дека не бил соработник?

ФОКУС Прашањето ми беше, дали само Аџиев е одговорен?
ДАМЈАНОВСКИ Аџиев го предлага дневниот ред, а јас и да предложам нешто друго нема да ми го усвојат.

ФОКУС Сакате да кажете дека така му паѓа аргументот дека е само прв меѓу еднаквите во комисијата?
ДАМЈАНОВСКИ
Да! Го поддржуваат сите што се предложени од коалицијата на власт. Дури и самите членови на комисијата, во неврзани дискусии коишто си ги имаме викаат: да – можеби сме згрешиле за четири или пет случаи и сега си признаваат. Ама таа грешка не е мала. Ти на некого животот да му го смениш…

ФОКУС Зарем и такво нешто се случува – признаваат?
ДАМЈАНОВСКИ Да, да, ама во ходник, не јавно, јавно нема да признаат. Туку во разговор, на кафе ќе речат дека можеби згрешиле кај Ѓунер Исмаил, кај Владимир Милчин. А тоа се клучните што сме ги лустрирале!

ФОКУС Што би порачале за крај?
ДАМЈАНОВСКИ Лустрацијата треба да биде прочистување на институциите од лица коишто се внатре во органите, а кои порано кршеле човекови права. Бидејќи се претпоставува дека тие лица ако порано кршеле човекови права не може сега да продаваат демократија и можат да ги повторат делата. Тоа е процес на лустрација и на прочистување. Лустрацијата на поранешните функционери е прочистување на нацијата, а ние треба да ги прочистиме институциите. Нација никогаш не можеш да ја прочистиш! Не им држи аргументот дека со лустрацијата им помагаат на жртвите на кодошите. Нека донесат закон за рехабилитација и нека им се помогне на луѓето со пари.

ФОКУС Зошто не носат таков закон?
ДАМЈАНОВСКИ
Па, треба да им се плаќа на жртвите. Рехабилитацијата предвидува обештетување, како што беше со Методија Андонов-Ченто!

↧

АРХИВА: Почесниот конзул на Унгарија царува во бизнисот со медицински отпад

February 4, 2020, 11:58 pm
≫ Next: АРХИВА: Земјоделци, редари и учителки дале по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ
≪ Previous: АРХИВА: Членови на лустрациска од власта, по ходниците признаваат дека можеби згрешиле за Милчин и за Ѓунер
$
0
0

Текстот е објавен на 8 јуни 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1183

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Употребени шприцеви, хируршки ракавици и скалпели, катетри, гази, епрувети од земена крв, завршуваат во контејнери. Но, на сметишта се пронајдени дури и ампутирани делови од човечко тело! Медицинскиот отпад отсекогаш претставувал закана во буквалната смисла за здравјето на луѓето. Речиси сите држави водат битка како да се среди ситуацијата со опасниот медицински отпад, кој ако не се собира, депонира и уништува, го загрозува здравјето на граѓаните.

Години наназад овој проблем зазема загрижувачки размери, со оглед на тоа што во речиси сите населени места има амбуланти и болници во чија близина може да се најде расфрлан медицински отпад. Тоа го покажуваат и неколкуте примери за кои веќе беше пишувано, во кои деца можеа да бидат жртви на зараза откако во близина на амбуланта си играле, па едно од нив со ногата згазнало на шприц кој бил фрлен, по што добило инфекција.

Тоа е само еден од многубројните примери. Пред неколку години во неделникот „Глобус“ беше објавен и уште поморбиден настан, а тоа е случајот со ампутираното стапало пронајдено на гостиварското сметиште. Според пишувањата на весникот, за овој случај се водела и истрага, а прва на листата на виновници била Гостиварската општа болница и јавното комунално претпријатие. Но, сепак, и покрај поведената истрага, на крајот никој не одговарал.

Според прописите, сите јавни здравствени установи, односно 112 вкупно на број го собираат медицинскиот отпад и во вреќи го пренесуваат во специјални контејнери, од каде што фирми кои работата ја добиваат на тендери, понатаму се грижат за неговото отстранување и уништување. За клиниките, пак, задолжена е Службата за заеднички работи, преку која се склучуваат договорите за оваа работа.

Но, како и се во државата, така и овде се прави бизнис и се вртат милионски сум, само муабетот е кој ќе го лапне тендерот.

ТЕНДЕРИ НА АНГРО

Според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, во моментов само пет фирми поседуваат лиценци за собирање и транспорт на медицински отпад.

Една од нив, која има бизнис-соработка со повеќето болници е битолската компанија „Еко Клуб“. Инаку, таа не е задолжена само за отстранување на медицинскиот отпад и не соработува само со јавните здравствени установи, тука се декларира како приватна комунална компанија задолжена и за еколошки услуги. Компанијата има бизнис-соработка и со многу од државните институции за одржување хигиена на улиците, на деловните објекти, за комунални услуги, за косење трева, расчистување грмушки, сечење дрвја… Карактеристично за фирмата е што нејзината работа се зголемува од 2012 година наваму, односно во периодот кога „вмровците“ ја имаа забетонирано  власта.

„Фокус“ ги изброја тендерите кои оваа битолска компанија ги добила во последните шест години, односно тоа е периодот од кога „Еко Клуб“ почнува да доминира на пазарот и се вбројува меѓу фирмите кои добиваат најмногу од бизнис колачот. Во рок од шест години оваа фирма добива повеќе од 90 тендери и тоа со повеќето болници во градовите низ Македонија, како и со државните институции.

Според објавените податоци на веб страницата на Бирото за јавни набавки, последен договор битолската компанија склучила со Болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Договорот е склучен на 18 април 2018 година, а фирмата се појавува како единствен понудувач. Податоците покажуваат дека предмет на договорот е собирање, транспорт и согорување на медицински отпад, а целата бизнис зделка изнесува 35.133 евра.

За отстранување и согорување медицински отпад, исто така на почетокот на годинава, компанијата склучила договор и со прилепската болница, кој од тоа што успеавме да го забележиме , не е прв договор за соработка помеѓу двете институции. Договорот бил склучен на 18 јануари 2018 година, а и во овој случај победничката фирма се појавила како единствен понудувач на тендерот. Вредноста на целиот договор изнесува речиси 47 илјади евра.

Уште еден договор, но овојпат за набавка на услуги за подигање на опасен медицински отпад, „Еко Клуб“ случила и со Клиничката болница во Битола. Според податоците на БЈБ, на тендерот учествувале две фирми, а победничката фирма ја дала најниската понуда. Договорот е склучен на 18 септември 2017 година во вредност од 40 илјади евра. Потешка бизнис зделка за подигнување, транспорт и уништување на медицински отпад со битолската компанија направила охридската Општа болница. Податоците покажуваат дека на тендерот „Еко Клуб“ била единствен понудувач, а договорот бил склучен на 18 февруари 2017 година во вредност од 45 илјади евра. Две години порано, на 20 септември 2016 година битолската компанија склучува договор и со тетовската Клиничка болница, чија бизнис зделка изнесува 21.833 евра.

Од 2015 година наваму, кога со битолската болница управуваше директор од претходната владејачка гарнитура, компанијата за отстранување и уништување на медицински отпад почнува да ги добива тендерите, па така, во рок од три години само од таму ќарила повеќе од 90 илјади евра.

Како што нагло почна да ѝ се зголемува работата (на веб-страницата на Бирото за јавни набавки можат да се забележат само четири тендери во 2012 година) така, за една година, во 2013, фирмата добива 21 тендер, додека во 2014 година успева да направи 34 бизнис-зделки.

ПОЧЕСНИОТ КОНЗУЛ УСПЕШЕН И ВО БИЗНИСОТ

 Но, која е фирмата која толку години успешно опстојува на бизнис-пазарот со медицински отпад? Според податоците од Централниот регистар, компанијата е основана на 26 септември 1990 година, што значи дека има работно искуство од 28 години. На документите како нејзин сопственик фигурира Сашо Јанакиевски од Битола, кој истовремено е и овластено лице на фирмата. А од тоа што може да се забележи, компанијата располага со неколку подружници и тоа во Куманово, Тетово, Скопје и уште неколку во Битола.

Нејзиниот сопственик Јанакиевски, на јавноста ѝ е познат како еден од двајцата почесни конзули на Унгарија во Битола, кој на оваа функција доаѓа во 2012 година, кога во Градот на конзулите се отвора почесен конзулат. Според законот за надворешни работи, државата со која РМ има дипломатски или конзуларни односи може да именува почесен конзуларен функционер. На крајот, согласноста за именување почесен конзул ја дава владата, а во случајот со битолскиот бизнисмен зелено светло дала владата на Никола Груевски.

Од тој момент, бизнисот на Јанакиевски почнува да се зголемува, па така, негови клиенти се и државните институции. Тие склучуваат договори со општини, факултети, Царинската управа, Затворот Идризово…

Според податоците од Бирото за јавни набавки, потешка бизнис зделка битолската компанија направила со Јавното претпријатие за државни патишта. Податоците покажуваат дека договорот е склучен на 10 јули 2017 година за косење трева и плевел, расчистување грмушки, кастрење гранки и сечење дрвја, а на тендерот учествувале дури седум фирми, што значи дека победничката компанија ја дала најниската понуда. Вредноста на склучениот договор изнесува 575.609 евра.

Уште еден договор со истото претпријатие е склучен една година порано, на 12 мај 2016 година, во вредност од 191.869 евра. Со општина Центар, пак, која во тој период ја раководи Андреј Жерновски, битолската компанија склучува договор за одржување хигиена на улиците, пешачките премини, тротоарите, на велосипедски трки… Според БЈБ, на тендерот фирмата се појавува како единствен понудувач, а вредноста на целиот договор изнесува 146.341 евро.

За одржување хигиена на граничните премини, компанијата „Еко Клуб“ склучува договор со Царинската управа на РМ во вредност од 186.486 евра. Договорот е потпишан на 25 ноември 2015 година, а на тендерот учествувале дури 10 компании, од кои пресудна за склучување зделка била најниската цена што ја понудила победничката фирма.

Но, да се вратиме на транспортот на медицинскиот отпад, кој на пример, во битолската Клиничка болница го изведува компанијата „Еко Клуб“. Како што не информираа од болницата, според процедурата, целата постапка оди преку тендер на кој се избира најниската понуда.

– Ние како здравствена установа немаме печки во кои би го согорувале медицинскиот отпад и на тендер избираме фирма која ќе се погрижи за тоа. Отпадот од страна на нашите вработени се става во посебни контејнери, а фирмата го подигнува двапати дневно од кај нас – тврди во изјава за „Фокус“, доктор Зоран Лазаров, директор на битолската болница.

ПЕТ ФИРМИ ПОСЕДУВААТ ЛИЦЕНЦИ ЗА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД

Инаку, државата, главно преку Министерството за животна средина го регулира издавањето на лиценците кои ги добиваат фирмите за транспорт на медицински, опасен и комунален отпад.

Според регистарот од министерството, лиценци за транспортирање и уништување на отпад имаат 22 компании, од кои во моментов само пет фирми поседуваат дозволи за собирање и транспорт на медицински отпад.

„Во моментов две правни лица имаат дозволи за третман на медицински отпад  – „Дрисла“ за горење на медицински отпад и „Еко Клуб“ за автоклавирање на медицински отпад, двете во Скопје.
Постапките за добивање на дозволите (едната е дозвола за собирање и транспорт на опасен отпад, а другата е дозвола за складирање, третман и/или преработка на опасен отпад) се регулирани со правилници и истите се достапни исто така на веб страницата
– се наведува во одговорот од Министерството за животна средина.

Меѓу компаниите кои поседуваат лиценци е „Дрисла“, околу која имаше доста контроверзи за согорувањето на медицинскиот отпад. Градоначалникот Петре Шилегов пред речиси два месеци најави дека во функција е новиот филтер на печката за согорување медицински отпад на депонијата.

Потоа, тука е и компанијата „Сити Логистик“ и „Еко Медикал ДООЕЛ“. Освен овие фирми, според регистарот на министерството, лиценца поседува и Здравствениот дом Куманово.

ЈАНАКИЕВСКИ ГРАДЕШЕ ЛОГИСТИЧКИ ЦЕНТАР ЗА УНГАРСКИ ПРОИЗВОДИ

Во јуни 2016 година, во скопската населба Илинден беше поставен камен-темелник на нова инвестиција на компанијата „Еко Клуб“, која почна да го гради првиот логистички центар за унгарски производи во Македонија. Камен темелникот, пред поголем број граѓани и стопанственици го поставија градоначалникот на општината, Жика Стојановски, амбасадорот на Унгарија во нашата земја, Јозеф Бенце и сопственикот на компанијата „Еко Клуб“, Сашо Јанакиевски.

Вкупната инвестиција во првиот логистички центар за унгарски производи во Македонија, според инвеститорот, ќе изнесува 1,5 милиони евра и ќе овозможи отворање 80 нови работни места.

Во моментот не располагаме со информации до каде е стигната изградбата на овој центар, но неговата намена треба да биде за привремено складирање на унгарските производи, кои што ќе транзитираат низ Македонија во околните земји.

„ЕКО КЛУБ“ НЕ ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“

 „Фокус“ испрати неколку прашања на службениот мејл на фирмата со која раководи Јанакиевски, но до затворањето на овој број од неделникот од таму не добивме одговор. Од фирмата побаравме да ни објаснат на колку тендери годишно ниво учествуваат, а колку добиваат и каква е процедурата за добивање лиценца за работа.

↧
↧

АРХИВА: Земјоделци, редари и учителки дале по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ

March 3, 2020, 4:35 am
≫ Next: АРХИВА: Истиот ден кога го апсеа Љубе за незаконско финансирање, Груевци договориле донации од 30 медиуми!
≪ Previous: АРХИВА: Почесниот конзул на Унгарија царува во бизнисот со медицински отпад
$
0
0


Текстов е објавен во дневниот весник Фокус во викенд изданието од 10-11 декември 2011 година.



Пишувале:
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Верувале или не! Земјоделци, секретарки и учителки, пензионери и редари, донирале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за јунските избори. Секој по 1.000 евра! Цела една бригада од 530 луѓе така собрале 510.000 евра за да ѝ овозможат победа на својата партија. Меѓу нив има и моќници, директори и газди, но и многу обични луѓе, со потпросечна плата. Списокот на оваа партија е единствениот што содржи толкав број физички лица како донатори.

„Фокус“ тргна по трагата на тој список, за да ги провери сомневањата дека можеби станува збор за фиктивни донации, за начин како кешот собран на разни начини легално да се уфрли во партиската каса. Како што е познато, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ пријави дека во кампањата потрошила 4,4 милиони евра, а само за 1,1 милион се оправда пред институциите, меѓу кои се и овие пари, собрани од физички лица, додека останатите беа донации од телевизиите. Иако експертите ја спореа големата дупка во финансиите од 3,3 милиони евра, Антикорупциската комисија реши да не ја истражува огромната разлика во приходите и расходите на владејачката коалиција. Во исто време, Љубе Бошкоски е осуден со седум години затвор за наводно нелегално финансирање на кампањата со 100.000 евра, додека против СДСМ е поднесена кривична пријава, оти им се спори кредитот што го зеле од Комерцијална банка.


ДОНАТОРИТЕ СТРАДААТ ОД АМНЕЗИЈА

Кои се тие 530 луѓе, донатори на ВМРО-ДПМНЕ? Што работат? Од каде им се по 1.000 евра за да ја финансираат кампањата? „Фокус“ го истражи списокот на физичките лица во финансискиот извештај кој партијата го достави до Државната изборна комисија (ДИК) и до Антикорупциската комисија. И дојдовме до фрапантни сознанија, кои упатуваат на сомневање дека станува збор за корупциски мегаскандал. Ако се суди според извештајот, во периодот од 17 мај до 3 јуни годинава, 530 луѓе чекале во редици во банките за да уплатат секој по точно 60.000 денари на сметката на партијата. За чудо, сега, половина година подоцна, голем дел од нив не можат да се сетат колку пари донирале.

Анализата на списокот и нашите контакти со дел од донаторите покажуваат дека најдарежливи на овие избори биле општинските советници, вработените во општините и во подружниците на државните претпријатија, но и учителки во градинки и училишта, субвенционирани земјоделци, административци, па дури и пензионери, кои на сметка на државата биле пратени на бања. Во некои случаи донираат цели семејства, од брачни другари, до деца, баби и дедовци. Во општината Ново Село, дури и чуварот и неговата сопруга дале по 1.000 евра за кампањата.

Повеќето од луѓето што ги контактиравме потврдија дека донирале пари, но имаше и такви кои воопшто не се сеќаваат дека дале пари. Една советничка од општина Кочани, која сакаше да остане анонимна, тврди дека пари не дала. Таа ни кажа дека кампањата ја помагала собирајќи пари од фирми за партијата, но вели дека не се сеќава точно од кои фирми, ниту, пак, на начинот на кој ги дала или ги уплатила парите.

– Јас мои пари не сум дала, затоа што сум немала. Но, помагав поинаку. Собиравме пари од фирми за нив. Не можам да ви кажам кои фирми, не се сеќавам како се викаат. Една е на еден од претседателите на месниот комитет. А ако ме прашувате како им ги носев парите, не знам, не можам да сетам – вели советничката.

НОВИНАРИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ПРАШУВААТ

Интересна е и изјавата на Суза Николовска, советник во општина Гази Баба.

– Одамна беше, не се сеќавам точно колку пари дадов. Треба да проверам каде сум запишала. Не знам дали ја чувам уплатницата, навистина треба да се потсетам – вели таа.

Томислав Ракичевиќ, вработен во Царинската управа пред две години, исто како и Стојанова, не ги помни парите што ги дал за партијата.

– Не знам, не можам да се сетам точно колку пари беа, навистина – нѐ уверуваше тој.

На некои, пак, им беше непријатно да разговараат на оваа тема со новинарите, па нервозно ги спуштаа телефоните, а имаше и такви кои сметаат дека ова не е работа за медиумите, како советникот од општина Гази Баба, Ацо Петрушев.

– Новинарите не се тие што треба да прашуваат за овие работи. Новинарите само подгреваат вакви работи. Вас ова не треба да ве интересира – ни рече Петрушев.

Интересен е податокот дека донаторите од различни општини и региони успеале да се организираат и во ист ден да ги уплаќаат парите. Случајно или не, вработените и советниците во општина Гази Баба уплаќале пари на 30 мај, шест дена пред крајот на кампањата. Оние од Кисела Вода, пак, тоа го сториле меѓу првите, на 17 мај, а штипјани се организирале на 3 мај, три дена пред гласањето. Дали на ваков начин партијата се обидувала да ја покрие разликата меѓу расходите и приходите?

ЗА ВМРО СЀ Е ЧИСТО, ЗА СДСМ ДОНАЦИИТЕ СЕ ФИКТИВНИ

За разлика од ДУИ, каде што, почнувајќи од лидерот, донатори се најголемиот дел од високите функционери, кај ВМРО ги нема премиерот и министрите, туку само директорите од вториот и од третиот ешалон. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека финансирањето на кампањата е чисто – оние што имале потреба да помогнат, помогнале.

– Секој што сака да дојде до документот може да дојде до него. Еве и вие сте го виделе, без да го барате од нас. Работиме транспарентно и во согласност со законите. Сите податоци за донаторите на кампањата ги доставуваме до ДИК, која впрочем е раководена од кадар на СДСМ. Исто така, податоци има и во УЈП, во Антикорупциската комисија и во сите надлежни институции. Чисти сме пред законите. Лична одлука е на секој што сака да даде пари, па затоа не би знаел да одговорам зошто недостасуваат фирмите и повисоките функционери – вели Илија Димовски од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Црните пари се покриваат преку фиктивни донации, велат во СДСМ.

– ВМРО-ДПМНЕ во континуитет ги злоупотребуваше буџетски средства преку отворање разни инвестиции, преку вработувања и друг тип притисоци. Уште пострашно е што партијата нема покритие за 3,3 милиони евра потрошени во кампањата – велат од најголемата опозициска партија.

КОЈ ВО 2006 ГОДИНА ДАДЕ ПАРИ ЗА МАЛЧЕСКИ

Сомнежите за фиктивни донации, за кои некои лица и јавно проговорија, се случија и за парламентарните избори во 2006 година. Во извештајот пишуваше дека тогашниот претседател на Сојузот на студентите, Самоил Малчески, заедно со неговата мајка и сестра, вложиле вкупно речиси 10.000 евра во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Тогашниот студент по математички науки за кампањата донирал 200.000 денари, неговата мајка Цветанка 50.000 денари, а неговата сестра Фросина – 300.000 денари. Кога медиумите тогаш го прашаа Малчески за донациите, тој беше вџашен кога откри дека на списокот фигурираат имињата на членови на неговото семејство.

– Да имам 200.000 денари, ќе се женам. Неверојатно е што пишува дека сестра ми вложила толкава сума пари, затоа што ги нема. Ова првпат го гледам! – изјави Малчески.

Ако тој тврди дека не ги вложил парите, се поставува прашањето – кој е тогаш вистинскиот донатор на тие 550.000 денари од семејството Малчески?

 

↧

АРХИВА: Истиот ден кога го апсеа Љубе за незаконско финансирање, Груевци договориле донации од 30 медиуми!

March 4, 2020, 6:00 am
≫ Next: АРХИВА: Груевски и министрите не се фатиле за џебот?!
≪ Previous: АРХИВА: Земјоделци, редари и учителки дале по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ
$
0
0

Текстов е објавен на 25-ти мај 2012-та. 

Пишувале:
Јадранка КОСТОВА
Мирослава СИМОНОВСКА

Согласно народната мудрост, реафирмирана токму од премиерот Никола Груевски, дека „вистината е како шило, ќе врти, ќе врти и ќе излезе на виделина”, многу вистини за преродбеничките манири ќе ја здогледаат светлината на денот дури кога светлата на Илинденска 2 за нив ќе згаснат. Во меѓувреме, мали каменчиња од мозаикот ќе се пополнуваат, но, дури и кога ќе се насетува сликата, сите ќе се прават далтонисти.

Епилогот од ланските парламентарни избори на финансиски план беше убиствен за опозицијата, а благопријатен за власта. За подигнат кредит од банка, сдсмовците заработија кривична пријава, за пари добиени од пријател Љубе Бошкоски доби 5 години затвор, во крајно контроверзна полициско-судска процедура. Од друга страна, партијата која најмногу потроши, ВМРО-ДПМНЕ остана со финансиска дупка од над три милиони евра, но, никој не ја гиба. На февруарската сесија за пратенички прашања, Груевски барем призна дека имаат долг кон одредени правни лица, но, не го откри нивниот идентитет, туку само вети дека тој изборен финансиски долг ќе го регулирале во иднина!

Со оглед на „транспарентноста” на ВМРО-ДПМНЕ, засилена со „агилноста” на антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија и медиумската заедница, Фокус се обиде да го реши овој енигматски забавник. Кому должи ВМРО-ДПМНЕ? Како и преку која сметка ќе ги покрие долговите? И од каде ќе собере три милиони евра за долгот „што треба да се регулира”? Како ќе го регулираат, а тоа да биде согласно Уставот и законите, кога изборната партиска сметка е затворена?

НАЈМНОГУ ИМ ДОЛЖИ НА НАЈГОЛЕМИТЕ ДОНАТОРИ!?

Според податоците достапни за јавноста, ем малку логично промислување, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е должник на едно чудо медиуми за нивното предизборно рекламирање. Најголемиот долг, сепак, е кон Канал 5 и Сител. Околу 100 милиони денари Груевци ѝ должат на телевизијата на Стојменов, и околу 46 милион денари на телевизијата на Ѕинго, без оглед формално-правно кој фигурира како сопственик на овие медиумски куќи. Искажано во евра, тоа е над 1,6 милиони, односно, околу 750 илјади евра, т.е. вкупно – 2,4 милиони евра!

Зошто Груевски ги премолча овие детали? Им должи на неговите коалициски партнери, па, така земено и не звучи страшно. Арно ама, кога ќе ја погледнете целината на дупката, тогаш се јавуваат неколку проблематични елементи.

Прво, изборната жиро сметка треба одамна да им е затворена, а незаконски е доколку долговите се плаќаат од редовната партиска сметка. Уште повеќе, и доколку партијата прима донации на редовна сметка преку која би се раздолжувала за изборни борчови. И најмногу, ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да собере над три милиони евра, а толкави пари не се земаат со донации од физички лица – финта која веќе се избегнува како провалена и во регионални рамки. Второ, оние на кои им должи се токму оние на кои најмногу им дава од буџетот под плаштот – владини реклами. Тоа е корупцискиот круг – тие на ВМРО-ДПМНЕ попуст за изборно рекламирање, а владата на Груевски ним реклами платени од буџет, значи од наши пари. Трето, како што на Груевски му се лоши од дволичноста на НАТО, нам двојно ни се лоши од троличноста на контролорите на власта – медиумите, антикорупциската и сите останати, кои се однесуваат во стилот дека „тази вмровска дупка, не е дупка!”

И да одиме со ред. Согласно законот, партиите можат да потрошат во изборна кампања максимум по 327.801.000 денари. И тука вмровскиот извештај е во ред. Пријавија дека нивните изборни трошоци изнесувале 272.334.493 денари. При тоа, убедливо најголемата ставка е за реклами и пропаганда – дури 244.422.789, плус 15.560.680 денари за услуги за објавување на огласи. Значи, 90 отсто отишло на рекламерството на груевци. Она што боде очи е податокот дека за овој луксуз тие главно не плаќале. Се рекламирале, дури добивале и огромни попусти од медиумите, што се смета како донација, а долговите тешки дури 204 милиони денари – останале!

Можеби сите овие бројчиња ви создаваат хаос, но, тие се основата за натамошните анализи. Имено, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потрошила барем четири пати повеќе пари отколку што собрала преку донации. Тие ниту имале пријатели како Љубе, ниту се дрзнале да земат кредит, па, оставени само на своите членови и симпатизери, успеале да соберат едвај 68.032.600 денари. Околу 530 физички лица дале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, а како правни лица фигурираат триесетина медиуми преку донации во услуги, во што, всушност, се сметаат и спомнатите попусти за рекламирањето.

Најдарежливи донатори во услуги пак, разбирливо се Сител со 20 милиони денари, а потоа и Канал 5 со двојно помалку, околу 10 милиони денари. Сепак, согласно освоените гласови, победничката коалиција доби и од буџетот 6.612.360 денари. Но, врти-сучи, пак остануваат долгови вредни околу 200 милиони денари!

КОЛКАВА Е ДОНАЦИЈАТА ОД НАША ТВ?!

И сега доаѓаме до поентата, барем во Изборниот законик, каде во членот 71 децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања”. Впрочем, доколку некој се обиде да даде растегливо толкување на оваа одредба, дека може долговите да се затвараат и преку редовната сметка, тогаш чуму е воопшто посебна изборна сметка!? Инаку, оваа посебна жиро сметка се затвора кога парите што им следуваат од буџетот ќе им легнат на сметката, изборна нели. Оваа буџетска операција е веќе извршена есента, минатата година. Значи, ВМРО-ДПМНЕ, како и сите други партии, треба да ја има затворено оваа сметка. Исто така, треба да се разграничат изборната жиро сметка, која во случајот покрива една широка коалиција од политички партии, наспроти тековната жиро сметка на ВМРО-ДПМНЕ која треба да ги покрива секојдневните партиски потреби.

Во секој случај, се обидовме да дознаеме, дали долговите што медиумите после изборите ги пријавиле до Државната изборна комисија, главно во јуни, во меѓувреме се намирени и преку која сметка. Оние главните, како Канал 5 и Сител, нѐ игнорираа. Сепак, според разговорите со оние поситните, на медиуми на кои ВМРО-ДПМНЕ им должи од изборите помали суми, с ѐ уште не им е платено!

Најкоректно се разбравме со директорот на телевизија Телма, каде ВМРО-ДПМНЕ платила еден милион денари, но, останала должна уште 626.729 денари.

– Бројките ви се точни, долгот од рекламирањето за изборите не е намирен. Нашата политика е таква што не планираме да бидеме донатори ниту да простуваме долгови. За едни минати избори, ВМРО-НП ги дадовме на суд од истата причина. Ние соодветните побарувања ќе си ги оствариме – изјави Ристо Лазаров, директор на телевизија Телма.

Сопственикот на Телевизија Кочани Лазо Димитров, си чека 485.464 денари од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ама во петокот му било кажано од партијата дека долгот ќе биде подмирен. Ако не му платат, и тој ќе тужи. Како ќе му бидат исплатени парите (од која сметка), ако изборната е веќе затворена, ни тој не знае!
– Им понудивме на сите 10-15 проценти попуст за рекламите ако платат авансно, но одбија. Ако тужиме, ќе тужиме повеќе телевизии колективно, зашто така е полесно, вели Димитров.

Интересно е дека при вкрстено анализирање, постојат различни суми што ги пријавува ВМРО-ДПМНЕ и одделни медиуми. На пример, според партискиот извештај, Наша ТВ им е донатор со 1.400.000 денари. Од друга страна, во рапортот на оваа телевизија стои двојно помала сума – 696.000 денари се наведени како попуст при рекламирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, според истиот „папир”, Наша ТВ побарува 2.177.000 денари од преродбениците!

Има и други вакви случаи, каде што Груевци велат дека добиле донација, а медиумот нема наведено такво нешто во својот извештај. Инаку, да потсетиме колку само антикорупциската комисија беше посветена во делкањето на разликите што се појавија во извештајот на СДСМ и Плус продукција и ТВ А1, за што покрена и кривични пријави!

ВЛАДИНИ РЕКЛАМИ КАКО ЛЕКСИЛИУМ ЗА ПАРТИСКИ ДОЛГОВИ

Во секој случај, долговите си стојат, а медиумите си молчат. Тешко е да се најде „маж” што ќе ја тужи ВМРО-ДПМНЕ. Згора на тоа, владините реклами се тука да „бајпасираат”. Да, оние со кои контактиравме признаа дека се клиенти на владиното рекламерство. Но, Антикорупциската до сега не виде ни грам сомнеж за некаков корупциски круг.

За илустрација, кога ја прашавме сопственичката на една локална телевизија за долгот од ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека такви информации не би делела со јавноста од страв да не секнат државните реклами, кои таму и тоа како се слеваат!

И доаѓаме до уште еден бисер. Илија Димовски не успеваме да го добиеме, но затоа, пак, според еден сопственик на една локална телевизија, тој наводно одржал средба со повеќемина медиумски газди од градовите во внатрешноста, каде договарале попусти за рекламниот простор. Она што дава опасен вкус на ваквата шема, е податокот од извештајот токму на ВМРО-ДПМНЕ доставен до ДИК. Внимавајте, таму сите донации од 32 медиуми за Груевци носат ист датум – 6 јуни 2011 година. Како баш сите до еден, ден по изборите се „осмелија” да бидат донатори на победничката партија? Уште повеќе, излегува дека кога Љубе Бошкоски спектакуларно го апсат за донација од пријател, едно чудо медиуми пуштаат срце да бидат донатори на ВМРО-ДПМНЕ!

И сега, што ќе биде со изборните долгови на владејачката партија? Ако медиумите не тужат, ќе ги покрие ли заборавот овие изборни авантури? Според една изјава на поранешниот претседател на антикорупциската комисија, Војче Зафировски, не е можно партискиот долг кон медиумот да биде отпишан.
– Доколку една партија должи за објавените реклами и тоа не го плаќа подолго време, медиумот тогаш мора да поведе судски спор за да го наплати побарувањето пред тоа да застари. Доколку медиумот објасни дека долгот им го отпишал, ние тоа ќе го пресметаме како дополнителна донација и ќе видиме дали влегува во дозволени законски рамки, објаснуваше лани Зафировски.

Токму затоа, доколку евентуално Канал 5 и Сител ги отпишат долговите на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш оваа партија ќе го надмине дозволениот законски лимит. Од друга страна, навистина е инспиративно за размислување, од каде партијата ќе најде дури три милиони евра за своите долгови. Дали можеби тука навистина владините реклами се лексилиумот за оние медиуми на кои ВМРО-ДПМНЕ им должи? Поточно, дали постојат оние шеми, за кои говореше Велија Рамковски пред да биде уапсен. Да потсетам дека и А1, барем во златните времиња на дружба меѓу Груевски и Рамковски, беше од оние дарежливи донатори на преродбата. Истовремено, и преродбеничката влада беше широкограда кон А1 со владините реклами!

Арно ама, во последното интервју за Фокус, Велија откри дека од 2006 до 2009 година Владата ѝ платила 4,5 милиони евра на А1 телевизија за реклами, од кои, наводно, милион и двесте евра ги сметале како дека се од партијата. И тој се жалеше дека подолг период ВМРО-ДПМНЕ не им плаќала, и потоа, наводно, му предложиле вака да компензираат.
И сопственикот на радиото Канал 77, Горан Гаврилов, откако по само неколку месеци ја напушти менаџерската функција во МПМ, говореше за вмровските долгови кон оваа медиумска куќа. Раскажа како се скарал со Илија Димовски за долгот што оваа партија го има кон МПМ. Уште повеќе, ја објасни волшебната моќ на владините реклами, огласи и тендери, врз слободата на медиумите. Ако претходно им доаѓале околу еден и пол милион евра, пари кои владата ги давала за огласи, тие веќе секнале. Добивале и тендери, кои потоа не се спроведувале.
– Џабе си добил, кога прават рамковен тендер и не ти ги даваат парите. Тоа за фирмата не се мали пари. Срѓан Керим сметаше дека мораме да бидеме малку поблиски и пофлексибилни, поумерени кон власта. Новинарите да не ја иритираат владата, за да можеме побрзо да добиеме тендери, ја опиша Гаврилов формулата на владата на Груевски за медиумското држење под конец.

Ете, ние за сега успеавме толку да истражиме. Согласно независните институции и професионалните медиуми – според аршините на ВМРО-ДПМНЕ – во сето ова нема корупција, а нивното финансирање е „согласно уставот и законите”. Без потсмевање, ве молам!

 

Без одговор
ИМ ДОЛЖАТ, АМА – МОЛЧАТ!

Се обидовме да провериме, дали се намирени партиските борчови, директно кај медиумите на кои ВМРО-ДПМНЕ им должи пари од изборната кампања. Но, тоа излезе невозможна мисија за оние кои имаат најголеми побарувања.

Директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, рече дека не е соодветен за оваа тема и нѐ упати да го побараме сопственикот. Сопственикот, пак, Емил Стојменов и покрај нашата упорност не беше достапен да објасни дали коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги исплатила парите што ги должи кон телевизијата во износ од сто милиони денари. Еднаш од дваесетте пати, колку што го баравме Стојменов, додуша и ја крена слушалката, но веднаш ја спушти кога слушна од каде сме, под изговор дека ништо не нѐ слуша, а потоа го исклучи мобилниот телефон!
Сопственикот на Сител, Горан Ивановски, или не ја примил пораката од неговата секретарка, или ја игнорира!
Според извештајот доставен до ДИК, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на Сител и должела 45.799.465 денари, а телевизијата ѝ дала попуст на ВМРО-ДПМНЕ од 20.000.000 денари. Донацијата од Канал 5, пак, изнесува 10.230.000 денари, а побарува од партијата дури 100.017.690 денари!

 

Илија ДИМОВСКИ, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
КОЈ ВИ ДАДЕ ПРАВО ДА ЅВОНИТЕ 15 ПАТИ?!

До директорот на Центарот за комуникации Илија Димовски по електронска пошта ги испративме следниве прашања:

Дали ги плативте долговите од изборната кампања 2011 година кон Канал 5, Сител и другите медиуми? Ако сте ги платиле, дали тоа го сторивте преку посебната изборна жиро сметка? Дали и кога оваа посебна изборна жиро сметка ја затворивте, согласно законот?

Доколку овие долгови не сте ги намириле, како и кога планирате тоа да го сторите?
Обидот, пак, да комуницираме и телефонски со Димовски беше комункациско фијаско. Човекот можел да издржи 15 пати телефонот да му ѕвони и да му се препелка во џебот, за конечно, кога ушните тапанчиња ќе ја загубат битката, „културно” да ве откачи со прашањето:
– Кој ви даде право 15 пати да ѕвоните непрестано? Што ако сум во болница?

И така, едноставно вие се прекорувате себеси што во работно време му ѕвоните на Димовски, народен избраник во Собранието, а всушност сте немале право. Сепак, покорно го прашувате кога да го побарате повторно. Вели – за еден час. И не крева слушалка во наредните три.

Ај си велиме, може Димовски заглавил во болница, па му испративме и смс порака за да го известиме дека сме му испратиле прашања по мејл. Досегашниот епилог од напорите може да вроди само со предлог иницијатива за преименување на „Центарот за комуникации”, во „Центар за еднонасочни комуникации”!

Комисија за спречување на корупција
ГИ АНАЛИЗИРАТЕ ЛИ ВМРО-ДПМНЕ, КАНАЛ 5 И СИТЕЛ?

До Комисијата за спречување на корупцијата, која, нели, покрена кривична пријава за СДСМ поради подигнатиот кредит за избори, но и против раководни лица во А1, Фокус ги испрати следниве прашања:
Телевизиите Канал 5 и Сител во своите извештаи за ланските парламентарни избори наведоа дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им должи околу 1,6 милиони евра, односно околу 740.000 евра. Дали ваквите долгови од изборната кампања се во рамките на законот, кога изборните жиро сметки треба да се згаснати, а во Изборниот законик децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања”?

Дали гледате простор за ваша реакција во овој случај?

Доколку некој од медиумот го отпише долгот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш тоа ќе се смета за дополнителна донација, која, пак, антикорупциската комисија треба да испита дали влегува во дозволениот законски лимит. Дали воопшто следите и барате информации за тоа: како ќе се затворат овие долгови?

Дали постои корупција кога одредени медиуми даваат огромни попусти за предизборно рекламирање на владејачката партија, а владата на истите медиуми им дава најголем дел од владините кампањи и огласи?

Добивме одговор дека поради сериозноста на прашањата не се во можност да ги одговорат до затворањето на весникот. Но, испративме ново барање со истите сериозни прашања, што веруваме дека ќе бидат сериозно одговорени и уште посеризоно објавени во Фокус!

Државен ревизор
ПРАКСАТА НАСПРОТИ ЗАКОНОТ!?

Државниот ревизор го има објавено конечниот извештај за изборната сметка на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на 3 април оваа година. Ревизорите како одговорни лица за овој финансиски извештај ги наведуваат претседателот на партијата Никола Груевски и Мартин Протугер, како шеф на изборниот штаб. Контролите се одвивале кон крајот на октомври. Она што особено ни остана нејасно е следниот навод на ревизорот:

„Имајќи ги предвид состојбите во пракса, каде дел од учесниците во изборната кампања имаат создадени обврски кои не можат да се покријат од обезбедените средства на сметката на изборната кампања, овие обврски ќе бидат пренесени во деловните книги за редовната сметка ( н.з.) каде ќе бидат покриени/платени од извори кои не се наведени во член 83 од Изборниот законик”!

Со други зборови, ревизорот се повикува на состојбите во пракса, но, го занемарува членот 71, ставот 5, од Изборниот законик. Таму јасно и децидно е запишано: Сите трошоци за кампањата ИСКЛУЧИВО (н.з.) ќе се покријат од средствата на жиро-сметката за изборната кампања.

Токму заради ваквите толкувања, до Државниот завод за ревизија поставивме прашање:

Како оваа пракса за префрлање на обврски од изборна кампања на редовната сметка ќе ја вметнете во рамките на членот 71, став 5 од Изборниот законик?

Одговорот ни ветија дека ќе го добиеме согласно законските рокови. Се разбира, тогаш и ќе го објавиме. Во секој случај, би било интересно да слушнеме и какво автентично толкување на оваа законска одредба би дала законодавно -правната собраниска комисија што ја раководи Благородна Дулиќ. Чисто онака, да слушнеме креативно објаснување на зборот – ИСКЛУЧИВО!

↧

АРХИВА: Груевски и министрите не се фатиле за џебот?!

March 5, 2020, 2:49 am
≫ Next: АРХИВА: Зеле субвенции, па „ископале“ по илјада евра за партијата
≪ Previous: АРХИВА: Истиот ден кога го апсеа Љубе за незаконско финансирање, Груевци договориле донации од 30 медиуми!
$
0
0

Текстот е објавен во дневниот весник Фокус во изданието од 12-ти декември 2011-та. Првиот дел од истражувањето можете да го прочитете ако кликнете на овој линк.

Пишувале
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Ниту едно име на високи функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не е на листата на донатори за кампањата за јунските избори. Место нив, службеници, чувари, секретарки и пензионери давале по 60.000 денари за да се финансира кампањата на најголемата партија во земјата. И додека министрите и високите функционери, барем според тоа што стои во извештајот за финансирањето, тешко се фаќале за џебот, тоа за нив го правеле лица со потпросечна плата, а никој од нив не сака да каже како успеал да најде 1.000 евра во име на партијата!

ПАРИТЕ ГИ ДАДОВ ЗА МАКЕДОНШТИНАТА! 

Симеон Ајтевски е комунален редар во Општина Кочани и еден од тие што наводно од сопствениот буџет одвоиле речиси 1.000 евра за каузата на ВМРО-ДПМНЕ.

– Со ќеф ги дадов парите! Тоа се мои пари, ги дадов од желба за дарување, од солидарност, во име на македонштината! Не се криминални пари, па да се срамам. Јас ја сакам партијата и ја сакам Македонија. И не станува збор за тоа дали сум дал 60.000 или 100.000 денари, работата е да помогнеш кога некому му е тешко –  ни рече Ајтевски.

Пари за кампањата не дал тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, но затоа речиси 1.000 евра од сопствениот буџет одвоил неговиот портпарол, младиот Борче Стамов.

– Ах, не прашувајте ме за тоа, тоа е, навистина, лична работа. Дали сум дал пари, колку сум дал, не е важно и не гледам зошто вие би се интересирале –  ни изјави Стамов.

Рњечиси и нема општина, чијшто кадар не дал по илјадарка од својот буџет за партијата. Гази Баба, Кисела Вода, Ново Село, Кочани, Штип, Струмица, Кавадарци, Зелениково, Петровец, Битола, Прилеп –  тоа се само дел од општините, чиишто службеници и советници донирале пари.

Во Охрид речиси и нема директор или раководител на подружница што не донирал за ВМРО-ДПМНЕ. Драгана Боцеска, директорка на Центарот за култура во Охрид, Бимбил Марковски, раководител на УЈП во Охрид, Стефан Трпеноски, директор на казнено-поправниот дом во Охрид, Љупчо Настевски од охридската капетанија и уште десетина се дел од имињата на охридските функционери кои дале пари за ВМРО.

Но, ако за директорите илјада евра, можеби, и не се многу пари, се отвора прашањето како тоа архиварки, секратарки, чиновници, чувари и учителки собрале и дале толку пари, а не можат да се сетат на сумата. Ацо Рабаџиски, вработен во Агенцијата за електронски комуникации, вели дека тоа си е негова работа.

– Не е важно колку сум донирал, како сум ги собрал парите, тоа е моја лична работа. Како сум ги собрал си е мое, нема зошто вам да ви раскажувам –  вели Рабаџиски.

ВО ИГРА Е ГОТОВИНАТА?

Прашањето за „црни куферчиња“ и за „сини пликови“ при финансирањето на партиските кампањи, не е ново, но никогаш не е обелоденето и решено. Познавачите тврдат дека тоа е нешто што ги обединува сите партии –  џентлменскиот договор да се скријат средствата за финансирање на кампањите, па оттаму и тешкотијата да се одгатне корупцијата во оваа сфера.

Лица што имаат познавања за тоа како тече финансирањето на кампањите, децидни се дека во е игра е готовината. Според нив, пари се собираат во готово, од фирми и од тендери, кои потоа се правдаат преку физички лица и се разбира, преку каса-прими. Сето ова е лесно да се провери, доколку се има волја за такво нешто. Доколку парите се донираат преку трансакциска сметка, надлежните со едно притискање на копчето можат да дознаат кога на одредено физичко на сметка му легнале 60.000 денари и кога истите пари се одлеале на име на партија. Ова е нешто што го констатирала и Комисијата за спречување корупција и како предлог за законски измени го испратила до Собранието.

– Ние го откривме проблемот и сега, како што се поставени работите, не можат да се проверат изворите на финансирање на кампањите. Нашиот предлог е трансакциите за донации да одат преку трансакциска сметка, а не преку каса-прими. Единствено така ќе може да се провери, бидејќи во случајов секој може да ви издаде каса-прими и кога ќе го прашате лицето дали, навистина, дало пари, ќе ви одговори потврдно. И тука ние сме со врзани раце, не можеме да ја провериме веродостојноста. Во делот со финансирањето на кампањите, направен е прогрес, но сепак, не е дојдено до решението, па оттаму ние предлагаме законски измени – вели Воислав Зафировски, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.

ДОНАТОРИ ПЕНЗИОНЕРИ

Покрај директорите, административците и учителките, дарежливи биле и пензионерите. Во добар дел од списокот како донатори се јавуваат и цели семејства –  брачни другари заедно со нивните родители. Некои од тие што без проблем одвоиле по илјада евра за партијата се пензионери, а има и такви кои на сметка на државата биле пратени на бања.

Брачната двојка Глигор и Павлина Робовалиеви овие услуги на сметка на државата ги искористиле лани. А на 31 мај годинава или пет ден пред изборите, донирале по 60.000 денари за кампањата на коалицијата на ВМРО. Пензионерките Лилјана Грчева и Слоботка Дрвошанова, пак, своите илјада евра за ВМРО ги дале на 26 мај.

Покрај пензионерите, чиновниците и учителките, свој придонес за кампањата давале и уметници. Во списокот на донатори се појавува и името на сликарката Светлана Коруновска Аџигогова. Сликарката и професорка во средното музичко училиште во Скопје беше и членка на одборот на Општина Центар на подигање на споменикот на Александар Македонски.

 (Утре: Зеле субвенции, па „ископале“ по илјада евра за партијата)

↧
Search

АРХИВА: Зеле субвенции, па „ископале“ по илјада евра за партијата

March 6, 2020, 4:20 am
≫ Next: АРХИВА: Вмровска шоферска пајажина
≪ Previous: АРХИВА: Груевски и министрите не се фатиле за џебот?!
$
0
0

Текстов е објавен во дневниот весник Фокус во изданието од 13-ти декември 2011-та. Вториот дел од истражувањето можете да го прочитате на овој линк.

Пишувале
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Лозарот Станоја Јанкулов добил субвенции од државата од 48.000 денари, па најверојатно во знак на благодарност, годинава донирал илјада евра за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ!

Педесетина лица добиле субвенции за земјоделство и сточарство, а потоа донирале за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај учителките, секретарките и советниците, на листата на донатори на кампањата на владејачката коалиција од последните избори се јавуваат и субвенционирани земјоделци. Камче Самарџиев, Блажо Колев, Павле Давчевски, Стојко Јанкулов и Галапчо Шалев, се само еден мал дел од имињата што се впишани како донатори на ВМРО-ДПМНЕ со по илјада евра, а случајно или не, нивните имиња се наоѓаат и на листите на земјоделци, на кои од Министерството за земјоделство им биле  одобрени пари за субвенции.

Блажо Колев кон крајот на 2010 година добил субвенции од 20.539 денари за неговите лозови насади. Приближно во исто време, или кон крајот на ноември, земјоделецот Блажо добил субвенции од уште 43.000 денари. Уште 17.200 денари субвенции на Блажо Колев државата му дала и кон средината на април годинава.

КОЛКУ ДОБИВААТ ОД ДРЖАВАТА – ТОЛКУ ДАВААТ ЗА ПАРТИЈАТА

По сето тоа, кон крајот на мај, пред изборите, овој земјоделец од Кавадарци донирал 60.000 денари за кампањата на ВМРО ДПМНЕ, речиси исто колку што добил за субвенции!

Слично како и неговиот сограѓанин, и лозарот Станоја Јанкулов добил субвенции од државата лани во ноември. Тогаш зел околу 35.000 денари, а во април годинава уште 13.000. Во мај и тој се покажал дарежлив кон владејачката партија, па со илјада евра ја помогнал нивната кампања. Фактички, останал во зијан, оти за ВМРО-ДПМНЕ одвоил повеќе пари отколку што добил за субвенции.

Иако екипата на „Фокус“ не успеа да утврди дали станува збор за роднини, како донатор и субвенциониран земјоделец се јавува и извесен Стојко Јанкулов. И ова лице е од Кавадарци и одгледува лозје. За разлика од Станоја, Стојко добил двојно повисока парична помош од државата за своето лозје, или 114.000 денари лани во ноември. Во истата година, Стојко добил дополнителни, речиси 80.000 денари како поддршка, а во мај годинава донирал илјада евра за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

Имињата на кавадарчаните Стојко, Станоја и Блажо се само дел од многуте земјоделци кои годинава демонстрирале дарежливост кон владејачката партија. И додека челните луѓе од партијата, вклучувајќи го и премиерот не дале ни денар за кампањата, од Кавадарци, Гевгелија, Штип, Велес, Струмица, Кочани – субвенционирани земјоделци од речиси секој град ги отвориле џебовите со по илјада евра за ВМРО ДПМНЕ.

НИКОЈ НЕ Е НАДЛЕЖЕН!

Финансиските извештаи не даваат прегледна слика на износите на средствата според извори, стои во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата за јунските избори. Така, ниту една од политичките партии нема податок за пари обезбедени по основ на членарина, кој е првопосочен законски извор за финансирање на изборната кампања.

„Освен тоа, нема елементи за проверка и идентификација на физичките лица како донатори, со оглед на тоа што се доставени списоци со имиња и речиси без исклучок со исти износи на финансиски средства како донации. Оттаму, во натамошните измени на Изборниот законик или на Законот за финансирање политички партии треба да се предвидат соодветни контролни механизми“, пишува во извештајот.

Од Државната изборна комисија креваат раменици кога станува збор за донаторите, кои го отвораат сомнежот дали фиктивно или реално одвоиле по 60.000 евра од сопствениот буџет за партиската кауза.

– Ние немаме никаква надлежност да ги истражуваме донаторите. Единствената обврска на Државна изборна комисија е да ги дистрибуира извештаите до надлежните институции. Значи, партиите ги доставуваат извештаите до нас, во согласност со законот еднаш пред стартот на кампањата, во текот на кампањата и на крајот од неа. Ние ги објавуваме на нашата веб-страница и ги доставуваме до институциите кои се надлежни понатаму да истражуваат, како Државниот ревизор, УЈП и Антикорупциската комисија. Нашите надлежности тука завршуваат – вели Борис Кондарко, претседател на ДИК.

За поранешниот член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски, најлогично решение да се следи финансирањето на кампањите е да се укине законскиот лимит за донации, кој изнесува 5.000 евра за физички и до 20.000 евра за правни лица.

– Сѐ додека не се докаже, односно некој јавно не излезе да каже дека не дал донација, а го има на списокот, тогаш останува само на база на претпоставка дека станува збор за фиктивни донации. Најлогично би било да се укине законскиот лимит за донации, па така донациите нема да се разводнуваат на 530 лица и подобро ќе се следат финансиите. Тогаш ќе се види, на пример, дали некој што дал поголема сума пари, потоа има поволности и подобро ќе се следи и лоцира лицето или, пак, правното лице – вели Малиновски.

Една советничка од општина Кочани за „Фокус“ призна дека не дала пари за кампањата, но нејзиното име, сепак, стои на списокот за донации. Самоил Малчески, поранешниот претседател на Сојузот на студенти, заедно со неговата мајка и сестра, исто така, стоеја на списокот за донации за изборите во 2006 година. Малчески тогаш јавно призна дека не ја финансирал кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, но надлежните останаа глуви пред признанието.

УЈП СЕ ПОВИКУВА НА ДАНОЧНА ТАЈНА

Политичките партии немаат законска обврска да доставуваат годишен финансиски извештај до УЈП. Според постојната законска регулатива, утврдувањето неправилности во финансиските извештаи е во надлежност на Државниот завод за ревизија, велат од Управата за јавни приходи.

– Што се однесува до податоците за приходи на граѓани со кои располага УЈП, испитување на потекло на имот, како и сите информации чие доставување може да има штетни последици и кое може да претставува повреда на доверливоста на даночната постапка, согласно член 9 од Законот за даночна постапка тие претставуваат „даночна тајна“ и не можат да бидат предмет на комуникација со јавноста – вели Весна Новаковиќ, портпаролка на УЈП.

(Утре: На секои избори – исти донатори!)

↧
↧

АРХИВА: Вмровска шоферска пајажина

March 6, 2020, 11:56 am
≫ Next: Ден Дончев примил австралиски долари за консултантски услуги преку компанија од Муртино!
≪ Previous: АРХИВА: Зеле субвенции, па „ископале“ по илјада евра за партијата
$
0
0

Текстот е објавен на 25 март 2011 година во неделникот „Фокус“ во бројот 821

За метафоричниот наслов на текстот „КАКО ЗДРУЖЕНИЕТО НА ВОЗАЧИ СТАНА СЕМЕЈНА ФИРМА НА АНТОНИО МИЛОШОСКИ“, Јадранка Костова е казнета за клевета. Со тужбата од Антонио Милошоски не беше оспорен ниту еден навод од анализата!

Вмровците упорно пропуштаат да се пофалат со еден успешно реализиран проект – вмровизацијата на здруженијата на возачи. Овој вирус зафати повеќе вакви асоцијации, а кулминира со парафирање на портокаловата боја и во централата во Скопје. Со оглед на тоа што заедничкиот именител на сите овие ѓоа граѓански преврати во навидум обични здруженија, се токму истакнатите вмровци, се добива јасна слика дека возачката мапа на Македонија изминативе години се плетела макотрпно со една суптилна вмровска пајажина!

Откако во кичевското здружение со Преродбата се препороди и таткото на Антонио Милошоски, лани и братот на министерот влегол во возачкиов портокалов филм – станал управител на Сојузот на здруженија на возачи на Македонија. Дел од вработените, пак, кои добиле отказ, сметаат дека благодарение на Милошовци станале социјални случаи. Но, Преродбата не запира, таа продолжува со истото темпо!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

ВМРО-ДПМНЕ е партија што остварува. ВМРО-ДПМНЕ е партија што има квалитетни идеи. ВМРО-ДПМНЕ е партија што реализира квалитетни проекти..!

Така започнува Отчетот за ,Преродбата во 100 чекори, стокмена за предвремените избори во 2008 година. Потоа ќе бидат набројани токму такви ,конкретни проекти реализирани со конкретна одговорност на луѓе со име и презиме за нивната реализација,.

Уште тогаш Никола Груевски знаеше дека таа програма ќе ги доведе до една значајна победа на изборите. Но, ќе појасни дека кога вели победа, не мисли на партиска победа. Имало нешто многу побитно од неа- државна и историска победа.

,Тоа ќе биде победа на чесноста, пред нечесноста, победа на работливоста, пред злоупотребата и неработливоста, победа на духот на малодушноста, победа на еден нов тип на работа, нов пример за тоа како треба да се однесуваат одговорни луѓе, победа на проектите со конкретни резултати … ќе навезе пастирот  во преробеничкото гобленче ,надградено и проширено,.

После три години, а во очи на претстојните предвремени избори, редно е да приговориме, ако треба и во амандманска форма, што, јали од скромност јали од брзање, вмровците пропуштија тогаш да регистрираат дека од 2006 до 2008 оствариле уште еден ,квалитетен проект,. Фактот дека го нема во графата ,Остваруваме, не прави посиромашни за сознанието- кој е конкретно одговорен со име и презиме за неговата реализација. Станува збор за проектот – вмровизација на здруженијата на возачи низ државата!

ВМРОВСКА ПАЈАЖИНА НА ШОФЕРСКАТА МАПА

Секако, од извршените преврати кои се редеа во низа, по исто или барем слично сценарио, најмногу се офајдија вмровци, но, согласно прогласот на Груевски, веројатно и ова може да се третира не како партиска туку како ,државна и историска победа,. Тоа што веќе добар дел од локалните возачки асоцијации ги управуваат истакнати вмровски кадри, сигурно ќе го вреднуваат како ,победа на чесноста наспроти нечесноста,. Според оние, пак, што беа сменети, со се оние кои дополнително добија и откази, целиов проект е изведен на ,софистициран мафијашки начин,. Кој е во право, кој е во криво, односно има ли криминал во целава операција, при толку многу актери во целава ,возачка игранка, е надвор од можностите на едно обично новинарско истражување!

Сепак, со оглед на тоа што заедничкиот именител на сите овие ѓоа граѓански пучеви, во навидум обични здруженија, се токму истакнати вмровци, се добива јасна слика дека возачката мапа на Република Македонија е плетена макотрпно со една убава вмровска пајажина во која се залепија едно чудо преродбеници. Фактот дека се водат дузина судски спорови од сите области- управни, кривични, работни, а досијето со сите возачки ,приказни, содржи илјадници страници, засега придонесе единствено да го зголеми обемот на судиската работа. Без овој проект на Преродбата, судовите ќе беа посиромашни за можеби 5 отсто од предметите!

Она што е конкретен повод за уште едно наше навраќање на оваа тема е токму судбината на некои правосилни и извршни судски одлуки кои засега немаат поголема правна сила од што има, простете на израз, некаков ,гз папир,.  Екс секретарот на кавадаречкото, Димче Стевановски иако истерувал правдина од основен преку Врховен до Управен суд, и има пресуда во своја корист, се уште се води како екс секретар. Овластените од Централен регистар одбиваат да извршат промени во регистарот иако Управниот суд донел одлука со која им наложува да го избрише ,новиот, односно, барањето за бришење на уписот направен врз основа на ништовни одлуки го одбиле како неосновано!

Зоре Којчески екс благајник на кичевското здружение на возачи, каде со Преродбата се препороди Милош Милошоски, татко на Антонио Милошески, има извршно решение да биде вратен на работа. Арно ама и после повеќе од 2 месеци, се си е по старо. Уф, не баш се, оти во меѓувреме уште еден член од семејството на Милошоски влезе во возачкиов портокалов филм. Братот на министерот, Александар Милошоски станал управител на Сојуз на здруженија на возачи на Македонија. Дали со ова ,го победиле духот на малодушноста,- тешко е да се одговори, но, други двајца вработени од кичевското здружение во меѓувреме останаа без работа. Малодушноста нив дури сега со ваквата преродба ги зафати. Но, за тоа потоа!

Целта овојпат е само да си приповториме кој виде аир од вака реализираниот проект. Или, како што ќе поентира Груевски во продбеничкото обраќање во надградената програма: Кога еден ден ќе застанеме, ќе воздивнеме и ќе се завртиме назад, за да видиме што е тоа што се случувало во изминативе години,, ете и ние решивме да се завртиме назад, да воздивнеме и да видиме што ,дешавки, ги беа зафатиле возачките асоцијации. Сепак, дали ќе видиме ,период исполнет со работа, со успеси, со подвизи, со заеднички победи, како што тој сугерира, или, можеби само победа на партиските војници- е добра тема за проста дилема!

ОСТВАРЕНО СО САМО ШЕСТ ЧЕКОРИ

Во изминативе две години Фокус регистрираше ‘преврати’ во неколку чекори, не требаа 100, во возачките здруженија на Кичево, Неготино, Кавадарци, Битола, Гостивар, Велес … Зошто им се видоа примамливи овие граѓански здруженија на Груевци? Едноставно, овие ,фирмички, со решение од МВР се овластени да вршат технички преглед на возилата. Ова, пак, значи, добар прилив на пари. И добар ‘бренд’ за вдомување на своите луѓе. Ќе признаете дека на овој ,дупли ќеиф, тешко е да одолее дури и една гооолема преродба. Особено што дополнителен мотив и предизвик беше тоа што во овие возачки колективи, со години држеа банка воглавно сдмовци. Ете така главните партии ги третираат граѓанските организации!

Упатените велат дека вмровците токму во Кавадарци ‘се вежбаа’ или го пробиваа ледот. Но, за да ја сплетат пајажината, Груевци морале да сторат неколку чекори. За да ,остваруваат, во возачките здруженија морале прво да изменат неколку реченици во Законот за едношалтерски систем. И тоа е остварено во 2007 година. Та, првите месеци од преродбеничката влада, нели, треба да се делат ресори и функции по министерства, државни и јавни претпријатија, установи, управни одбори, надзорни … Веројатно откако им останале фазла неангажирани поданици, виделе поле за партиско орање и во возачките друштва. И измената на само еден законски член ги отвори ширум портите за неофицијалниот ,креативен проект,. Ако претходно Централниот регистар морал да потроши повеќе енергија за да внесе некого во регистарот, вмровците го претворија во своевидна удри- печат служба. Дали оваа законска ,реформа, беше скроена за да им ги олесни ,шоферските, афинитети или едноставно од неа потоа изникна проектот, и не е толку важно!

Вториот чекор беше многу попрактичен. Согласно ‘инструкциите’ од Законот за здруженија на граѓани, доволно е да се соберат една дузина возачи, може роднини, соседи, пријатели, кумашини, кои треба само да потпишат пристапница, да платат членарина и да добијат членска книшка. Третиот чекор е така здружени да преземат акција и одржат вонредно собрание. Тука веќе се прави кадровска преродба, која, согласно измените во законот, лесно се парафира во Централниот регистар.

Арно ама, уште има пат да се изоди, оти новодојденците потоа се соочуваат со ,аздисани, вработени, па следува четвртиотчекор. Се наоѓа начин тие да добијат шут карта. Ќе најдете или ако треба ќе измислите некакви злоупотреби од било каков материјал. Така автоматски ослободувате простор за парче леб за своите блиски сопартијаци и нивни блиски роднини.

Е возачката преродбата доаѓа до петтиотчекор- почнуваат да се прават нови фирми- ДОО (Друштва со ограничена одговорност или ДОЕЛ-и ( Друштва со ограничена одговорност на едно лице), а кои имаат чудни релации и кадровска поврзаност со Здруженијата. Потоа, следствено на програмата доаѓа веќе лесната задача да се освои централата во Скопје. Гледате како понекогаш може само во шест чекори да реализираш еден проект кој е голема портокалова победа, веројатно третирана и како историска и државна од страна на Груевци. Нема потреба од 100 чекори, оти може и вака во скратена постапка.

ПОСЛЕ ТАТЕ, ДОЈДЕ РЕД И ЗА БАТЕ! 

И сега да минеме на делот – човечки ресурси. За илустрација, преку ‘превратот’ во Кавадарци одлично се гледа партиско-непотистичката шема. Ем во ,обновеното, здружение се вработува сопругата на претседателот на Советот на општината, ем секретарот на ДПМНЕ за Кавадарци бил адвокат на оваа група. Тоа, пак, што меѓу новите функционери е заменик командир на полиција, ем секретар на судот, доволно говори дека тешко можете да се борите со вака јак состав. Истовремено, и нивните сопруги се вработиле во здружението, плус секретарот на судот бил  унапреден во обвинител. Имињата воопшто не се битни. Важно е дека фирмата функционира по оној комунистички стар терк -,Наше дете,.

Во Кичево, веќе рековме, фактор станува таткото на министерот за надворешни работи, а се вработуваат сопругата на претседателот на Управниот одбор, сопругата на еден од членовите на новиот Извршен одбор, внук на секретарот на здружението на возачи од Битола, потоа велат префрлен во битолската асоцијација. Но, ете, како убаво си соработуваат и разменуваат свои деца ,новодојденците,.

Во Велес пак претседател на здружението станува Димче Петров -Диди, случајно, нели, брат на градоначалникот Горан Петров. Зарем треба да нагласам дека се под вмровско знаме. Или, накусо, се е џиш портокалово.

За централен кадровски ремонт, пак, по закон тогаш своја улога имаа министерот за транспорт и врски и директорот на Фондот за патишта. Оти од овие институции се делегираше по еден член во Сојузот на возачи на Македонија. Е па кога со Транспорт и со Фондот раководат ВМРО-овци, тогаш и предлозите ќе им бидат според таквиот вкус. Плус веќе беа извршени смени во неколку општински возачки сојузи, па беа исполнети неопходните услови за преродба на Сојузот на возачите на Македонија. И така, за претседател без мака може да се избере особа која тогаш е координатор на ВМРО од една општина. Сега веќе на ова место е претеседателот на кавадаречкото задружение, ем заменик командир на локалната полиција. Од лани, пак, како менаџер или управител или застапник се појавува Александар Милошоски, братот на шефот на македонската дипломатија.

Кога пред две години пишував за кичевските ,шоферски маки, Милош Милошоски најжестоко реагираше што во целава ‘возачка приказна’ се инволвира името на неговиот син Антонио Милошоски. Нагласи тогаш дека има уште еден син, Александар, кој бил еден од најдобрите студенти, но заминал за корка леб во САД. Ете, сега барем знаеме дека лебот ќе го вади во Сојузот на возачи на Македонија.

Само делува малку цинично, барем од денешна временска дистанца, што пред неполни две години, Милошоски сениор ќе ја оквалификува целата, како што ќе рече- хајка против него, како водена од неколкумина кои имаат личен и семеен интерес, а се врзани за една осигурителна компанија. Денес веќе од месечината се наѕира дека возачките здруженија станаа нивен семеен бизнис, на Милошовци мислам!

И уште нешто колку за споредба. Тогаш Милошоски возврати дека на благајникот за здружението, кој беше меѓу потписниците на кривичната пријава против него, во завршна сметка за 2008 година му бил констатиран кусок од 78.744 денари таксени марки. Во меѓувреме судот пресече дека немало кусок. Дека парите биле во трезор. Но, веќе реков- правосилното решение за враќање на (екс) благајникот не се спроведува, барем сеуште.

НОВ МОДЕН ТРЕНД

Но, ако проектот ,Да ги обоиме во портокалово возачките асоцијации, се вежбаше од Кавадарци, таму меѓу последните се влезе во шемата со правење нови фирми. Тамошниот секретар на здружението, со сопругата на претседателот за здружението си формирале приватна фирма и како прв човек во асоцијацијата решил да го даде под наем целиот имот на здружението токму на својата компанија. И вработените ги префрлиле во новата фирма наречена Здружени возачи- Тиквеш. А во името на здружението се откажале од правото тоа да врши технички преглед на возилата. Значи, истите што го презеле здружението потоа си направиле фирма која ќе ги користи просториите и опремата на здружението. И за ова веќе пишуваше Фокус, но, тие тоа го сметаа како проект во рамките на законот, а дека било сторено да не ги загази конкуренцијата! Во секој случај, конкуренцијата во ликот на старите кадри успешно ја ,згазија,!

Пред неколку месеци, во обидот да провериме, братот на велешкиот градоначалник во функција на прв човек на велешкото здружение на возачи, одби да одговори – дали и во Велес  е формирана приватна фирма која ги изнајмува просториите на здружението и ќе врши технички прегледи на возилата!? А таква информација добивме од една анонимка.

Нормално, и Кичево го следи модниот тренд. Таму Милошоски во октомври 2010 отвара нова фирма- Друштво за технички испитувања и анализи Центар за возила БРЕКОН Кичево ДООЕЛ, каде тој е еден од двајцата управители. Есега, дилемата што не мачеше е чуму им се овие нови доелчиња, при живи и здрави, тазе освоени здруженија?! Добро упатени извори во ,направијава, ни ја одгатнаа мистеријата. За Татковината се работи?! Не, за паричка е целата ,фрка,. Имено, откако е изменет законот, здруженијата не можеле веќе да се расфрлаат со награди и слични парични зафрканции, па, некој, умен на мајка, смислил дека добро е да работат по закон за трговски друштва. И така, некои локални здруженија ќе формираат фирми ќерки, некаде пак, ептен приватни возачки фирми-или како ДОО или како ДООЕЛ.

Како и да е, благодарение на овој моден тренд кичевчаните Спасе Србиновски и Ленче Стршеноска сега водат спор со Здружението на возачи на Кичево. Бараат да бидат поништени нивните изјави за отказ и на одлуката за откажување на договорот за вработување без отказен рок. Плус имаат и кривична пријава за измама против Здружението на возачи Кичево и Брекон, која ја третираат како фирма ќерка на ЗВК.

Во овие тужби, наводно, од Стршеноска и Србиновски било побарано да си дадат отказ, за потоа да бидат вработени во Брекон, првично на одредено време- два месеци, а преку Агенцијата за привремени вработувања Проспект Прилеп, потоа веднаш да склучат договор за неопределено време. Но ова последново не влегло во ,Остваруваме,. Па, како што стои во тужбите ,нелогично е некој да се откаже доброволно од работно место каде бил на неопределено време, за да работи кај истиот работодавец на 2 месеци и да си го дозволи луксузот да остане без работа,!

Сепак, добро е овде само да појасниме дека обајцата беа во групата која покренуваше кривична пријава против Милошоски, која беше отфрлена од обвинителството. Колку да имате предвид дека овие работници не беа од групата која влезе во преродбеничкиот преврат. Занимливо е што извозените кичевски возачи- Зоран Којчески, Марјан Дејаноски, Спасе Србиноски и Ленче Страшеноска, во своите дописи на разни адреси, се чудат како може судот во Кавадарци да донесе пресуда во корист на екс секретарот, а во Кичево за истиот преврат да биде обратна одлуката? Прашуваат дали кичевските судии се од друга планета или работат според други закони? Зошто судството за исти случаи како нивните суди различно од, на пример, случјот со АМСМ Гостивар, каде од Управниот суд сите старовработени биле вратени на работа, додека за кичевчани сите пресуди се негативни?

ЌЕ ИМ СУДИ ОВОЈ ИЛИ ДРУГ СУД?

Незадоволните кичевски возачи дури сметаат дека Милошовци си направиле семејна фирма од Здружението на возачи на Кичево, а тие станале социјални случаи. Особено откако и братот на министерот, Александар ќе стане управител на Сојузот на возачи на Македонија. Но, и овој избор не минува мазно. Или, како што пишуваат незадоволните кичевчани, така како што влегува таткото во кичевското здружение, така влегува и братот во централата во Скопје. Во дописот што незадоволните локални здуженија го упатуваат до Централниот регистар, се наведува дека на Вонредната седница нелегитимни претставници извршиле измени во статутот спротивно на законот.

Иако тие апелираат дека доколку дојде, според нив барем, до незаконска промена во регистарот, тогаш јавноста и медиумите ќе се занимаваат со тоа неизбежно, бидејќи се работи за брат на миниситер. Сепак, ниту медиумите ќе се занимаваат со тоа, ниту Централниот регистар ќе се стресе. Промените ќе бидат ,парафирани, а граѓанскиот суд ќе се прогласи и за ненадлежен по барањето за времена мерка.

Интересно е дека првично овие контраши ќе бидат 11 возачки асоцијации  од исто толку градови во државава. Сепак, за десет ,преродбата, на централата во Скопје ќе биде во ред- и по закон и по пропис. На овој список се здруженијата од Кавадарци, Кратово, Кочани, Струга, Охрид, Ресен, Гевгелија, Валандово, Свети Николе и, се разбира, Кичево, оти не може татко против син да биде, нели. Уште поразбирливо, што во меѓувреме приврзаниците ќе се зголемат оти преродбата ќе зафати уште троа некоја локална возачка асоцијација.

Она што особено ми беше забавно, во овој ,креативен проект, е што на спорната за некои Вонредна седница била извршена промена на називот- Сојузот на возачи на Република Македонија станал по ново- Сојуз на Здруженија на возачи на Македонија! Аууу, исчезнало Република ама е збогатен називот со Здруженија. Дали е спротивно на прописите, е посебна тема за дебата! Уште еден портокалов новитет, што за контрашите е нестатутарен, е што Алескандар Милошоски е избран за застапник на СВМ, иако велат дека Сојузот може да има единствено секретар! Но, ајде, веројатно сега е време на застапници!

Во жалбата до Комисијата за жалби контрашите на преродбата дури ќе срочат дека целата опрација со изборот на Милошоски помладиот е изведена со политички притисок на братот миниситер и таткото од кичевската возачка асоцијација. И оваа возачка сторија ќе добие судско продолжение, но, како што веќе видовме, дури и кога судот ќе пресече поинаку, добитниците немаат фајде од тоа. Секогаш кога баравме изјави од новодојденците, обично одбиваат да говорат за партиската шема во проектот, ама сметаат дека постапуваат законски. Законите пак видовме се широка материја за толкување. Во Македонија на оние блиски до власта, вообично, добро им оди комуникацијата со институциите!

За да се доврши вмровизацијата на возачите, секако дека треба уште троа време, по можност уште еден мандат. Има вмровци и во другите неосвоени општини каде возачките здруженија останаа ,нереформирани,. И што би рекол Груевски: на крај, кога ќе застанеме и ќе погледнеме назад, ќе видиме дека – Македонија победи! Да, да не се чудите, да нема збунка- секоја вмровизација за Груевци е победа на Македонија. Другите можат да цркнат!

Доколку пак ДПМНЕ не обезбеди уште еден нов мандат во владините одаи, тогаш можам да се обложам 102 отсто дека денешниве жртви од возачкото цунами ќе станат повратници, а сегашниве функционери ќе се прогласат за жртви на ‘нов’ политички реваншизам. Како што кичевчани пишуваат во своите поплаки: Сите незаконитости еден ден ќе се докажат дали од овој или од некој друг суд,. Но, прашање е што од сета оваа возачка рашомонијада има корист Татковината?

↧

Ден Дончев примил австралиски долари за консултантски услуги преку компанија од Муртино!

May 19, 2020, 12:09 pm
≫ Next: АРХИВА И заменик-министерот Колемишевски формирал фирма за канабис со семејството на Свето Пивара
≪ Previous: АРХИВА: Вмровска шоферска пајажина
$
0
0

Текстот е објавен во најновиот број на неделникот Фокус (1284), излезен од печат на 14 март 2020 година

По барање на Обвинителството за организиран криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати од компанијата со основна дејност за интернет–порталите „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“, ексклузивно дознава „Фокус“. Тој објаснува дека исплатените средства од македонската „Ремаркет“ се поради консултантски услуги што ѝ ги давал на австралиската „Мегантик“, истакнувајќи дека тие се уредно пријавени во Управата за јавни приходи. Меѓутоа, од Антикорупциската комисија велат дека ќе отворат постапка за случајот, бидејќи јавен функционер не смее да остварува приходи врз основа на консултантски услуги.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

По тригодишно директорување со Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, пред неколку дена поднесе оставка од функцијата поради, како што образложи, семејни и здравствени причини. По експресен пат, оваа оставка беше констатирана од страна на владата, од каде што посочија дека Дончев ја донел одлуката пред извесен период, меѓутоа бил замолен од Зоран Заев да издржи до изборите.  Сепак, на крајот тој поднесе оставка без да ги дочека одложените изборите поради корона вирусот, што кај опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ предизвика сомнеж дека зад ваквото брзање се кријат други мотиви, очигледно алудирајќи на случајот познат во јавноста како „Диамед“.

По политичките промени пред нецели 3 години, новите државни и здравствени власти почнаа да ја преиспитуваат постапката за доделување 20-годишна концесија на „Диамед“ за давање услуги на дијализно болни пациенти во Источна Македонија.  Во тој процес се вклучи и Обвинителството за организиран криминал, кое кон крајот на 2018 година отвори истражна постапка, во чии рамки издејствува замрзнување на две сметки во Монако на сопственичката „Диамед“, Вера Иванова, во вкупен износ од 11 милиони евра. Всушност, овие средства произлегуваат од продажбата на „Диамед“ на шведската компанија „Диаверум“.

Една година подоцна, односно во втората половина на 2019 година, Иванова поднесе кривична пријава против Дончев и министерот за здравство Венко Филипче. Според нејзиниот исказ што се содржи во пријавата до обвинителството, тие ја опструирале продажбата на компанијата, на тој начин што ја предупредувале шведската компанија дека ќе се испитува доделувањето на концесијата на „Диамед“, иако таква постапка дотогаш се уште не била отпочната. Исто така, таа во кривичната пријава подоцна го опфати и веќе осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кичеец, кој, според нејзините тврдења, во името на екс директорот на Фондот за здравство барал сопственички удел во нејзината фирма, или пак, половина од средствата од продажбата.

Впрочем, Иванова првично ги пријавува Дончев и Филипче за „Злоупотреба на службена положба“, додека во проширувањето на пријавата се товарат Дончев и Милевски за кривичното дело „Уцена“.  Но, како што дознава Фокус од добро упатени извори, кои имале увид врз официјална документација од надлежните институции, во рамки на предистражната постапка покрената кон крајот на минатата година обвинителството презело мерки и дејства за проверка на Дончев поради сомнение и за „Перење на пари и други приноси“.  За таа цел, обвинителството се обратило и до Управата за финансиско разузнавање, која утврдила дека тој, додека ја извршувал директорската функција, примил над 3 милиони денари по основ на плата од приватна компанија во земјава!

НАДЛЕЖНИТЕ НЕ НАШЛЕ ПОКРИТИЕ НА УПЛАТЕНИ СРЕДСТВА

Според потврдени сознанија, Управата за финансиско разузнавање на чело со директорот Блажо Трендафилов го известува надлежниот јавен обвинител Наум Пановски, кој патем речено и е заменик на Вилма Русковска, дека Дончев лани, во период од 6 месеци, примил 3.120.006 денари или околу 50 илјади евра од приватната компанија „Ремаркет“.  Притоа, УФП утврдила дека сите приливи кон оваа компанија доаѓаат од австралиската фирма „Мегантик“, додека најголем дел од одливите кон физички лица биле трансакции кон Дончев. Воедно, Управата го информирала обвинителството дека Дончев на две свои сметки уплатил 8.000 евра и 740.000 денари во готово, кои потоа биле трошени со картичка.

„Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по доставената кривична пријава за која покажувате интерес е оформен предмет по кој активно се постапува. Надлежен јавен обвинител кој постапува во предметот изминатиот период има издадено низа наредби, а воедно во насока на расветлување на наводите изнесени во пријавата се сослушани и лица. Истражната постапка во врска со доделувањето на концесијата за дијализа е во тек“, кусо ни изјавија од Обвинителството, додавајќи дека не можат да споделат повеќе детали во интерес на, како што велат, непречено водење на истрага.

Од Управата за финансиско разузнавање, пак, ни посочија дека го имаат предвид јавниот интерес и го ценат истражувачкото новинарство, меѓутоа не можат да споделат никаква податоци. Како што потенцираат од Управата, меѓуинституционалната соработка помеѓу органите се карактеризира со одреден степен на доверливост. Освен тоа, објаснуваат од таму, сите дејствија преземени во предистражната и во истражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата, според Законот за кривична постапка, се сметаат за тајни.

„Го осудувавме секое незаконско, непрофесионално и неетичко однесување од страна на поединци или пак институции со кое се поткопува довербата во институциите која е од особена важна кога станува збор за борба со криминалот и корупцијата. Воедно, Ве уверуваме и Вас и пошироката јавност дека по се она што било или претставувало предмет на работа на Управата е соодветно постапено согласно Законот и согласно своите надлежности од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам“, се наведува во одговорот што ни го доставија од УФП.

ФИРМА ЗА „ИНТЕРНЕТ-ПОРТАЛИ“ РЕГРУТИРА РАБОТНА СИЛА

Проверките што ги извршивме во Централниот регистар покажуваат дека компанијата „Ремаркет“ е основана во 2012 година со седиште во струмичко Муртино, од каде што, колку за информација, потекнува и Дончев. По формирањето, сопственици на компанијата, биле Ванчо Поцков и Жанко Ристов, а Ристов бил и управител на друштвото.  Меѓутоа, во 2017 година нов управител станува Александар Дацев, додека минатата 2019 година нов и единствен сопственик станува Ристо Ристов. Во рамки на друштвото, чија основна дејност се „интернет-портали“, функционира и подружница лоцирана во струмичкиот трговски центар „Глобал“, чиј управител, исто така, е Дацев.

Се до лани, називот на компанијата гласел „Мегантик“, исто како и австралискиот правен субјект, од каде биле реализирани сите приливи на средства кон македонската фирма. Според бизнис-регистарот на Австралија, постои фирма со оригинален назив „Megantic PTY LTD“, основана во април 2012 година, со седиште во Јужен Мелбурн, главен град на сојузната држава Викторија.  Од интернет-страната на компанијата, како и од нејзиниот Линкедин-профил, може да се заклучи дека луѓе од сопственичката и управувачката структура на „Ремаркет“ се дел и од австралиската „Мегантик“, додека двата субјекта, заедно се една испостава во Манчестер, Англија, се дел од една иста бизнис-мрежа.

Во одговорите што ни ги доставија, од компанијата велат дека овие субјекти функционираат на тој начин што австралиската компанија овозможува услуги исклучиво на пазарот во Австралија во доменот на таканаречен Search Engine Optimization (SEO), а притоа македонската компанија се занимава со ангажирање на работна сила за тамошниот пазар.  Во однос на трансакциите од австралиската кон македонската компанија, од таму посочуваат дека тие се префрлуваат за кирија, плати и други оперативни трошоци. Финансиските извештаи што ги извадивме, пак, покажуваат дека фирмата од година во година постојано ги зголемува приходите, но и бројот на вработени.

Поточно, македонската компанија „Мегантик“, неодамна преименувана во „Ремаркет“, во 2013 година, или првата заокружена година после формирањето, остварила приходи од 3,5 милиони денари и минимална добивка од само 400 илјади денари.  За споредба, компанијата заклучно со ланската 2019 година остварила приходи од 25,5 милиони денари, додека добивката изнесувала околу милион денари. Па, ако на почетокот компанијата имала неколку вработени, нивниот број се повеќе се зголемувал, за сега да надминува 50 лица.

ФУНКЦИОНЕР НЕ СМЕЕ ДА ЗАРАБОТУВА ОД КОНСУЛТАНТСКИ УСЛУГИ

Патем, и од компанијата и Дончев потврдуваат дека на оваа релација биле реализирани трансакции во вредност од 3 милиони денари по основ на плати. Како што велат од „Мегантик“/„Ремаркет“, Дончев давал консултантски услуги во периодот од 2013 до 2018 година за австралиската компанија, меѓутоа за испорачаните услуги во 2018 година одлучиле да му исплатат околу 50 илјади евра преку македонската компанија, од проста причина што тој во тоа време бил во Македонија. Иако во тоа време веќе вршел јавна функција, сепак, Дончев смета дека средствата што ги добил за консултантски услуги се целосно законски, посочувајќи дека уредно ги пријавил во Управата за јавни приходи и за нив платил соодветен данок.

Арно ама, тој како јавен функционер не смеел да врши консултантски услуги и да остварува приходи по овој основ. Според Член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности. Згора на тоа, ставот 6 од овој член предвидува дека „Службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности и приходи од авторски, патентни и слични права, интелектуална и индустриска сопственост…, но никаде не се споменати консултантските услуги.

Врз основа на податоците со кои располагаме и кои ги споделивме, Антикорупциската комисија најавува дека ќе отвори постапка. Доколку нивните проверки ги потврдат информациите, кои веќе ги потврдија засегнатите страни, антикорупционерите ќе отворат предмет за веродостојноста на анкетниот лист, со оглед дека тие не се пријавени во имотното досие, и покрај тоа што претставуваат приход надвор од основната плата.  Откако ќе заврши оваа постапка со евентуална прекршочна санкција, тогаш од таму не исклучуваат и поведување на постапка за испитување на имотна состојба, во која вообичаено се вклучува и Управата за финансиска полиција.

Додека антикорупционерите веќе најавуваат соодветна постапка за вршење на забранета дејност и непријавување на приходи, од обвинителството се уште не повикале ниту едно од споменатите лица да дадат исказ во однос на трансакциите нотирани од финансиското разузнавање. Дончев тврди дека не знаел за ваквите проверки, без оглед што досега бил двапати повикан да даде исказ во обвинителството во врска со обвинувањата од поранешната сопственичка на Диамед. Стапивме во контакт и со надлежниот обвинител Пановски, меѓутоа тој одби да даде било каков коментар.


Ден ДОНЧЕВ, екс директор на Фондот за здравство
ВООПШТО НЕМАМ СТРАВ, НЕ Е ПРВ ПАТ ДА СЕ ВОДИ ИСТРАГА ПРОТИВ МЕНЕ

Воопшто немам страв или недоумица од ваква или која било друга истрага, вели довчерашниот директор на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев.

–Во претходните 20 години, не е прв пат да се води истрага од државните органи против мене. Притоа, без разлика кој бил на власт и кој ја водел таа истрага, било констатирано дека се сум работел според законот – изјави Дончев.

Тој додава дека нема никаква поврзаност помеѓу истрагата околу „Диамед“ и приходите што ги остварил од компанијата „Мегантик“ врз основа на консултантски услуги.

–Категорично отфрлувам било каква категоризација дека со овие примања станува збор за перење на пари – вели Дончев.

Поранешниот пратеник и директор на „Телеком“, кој во минатото беше и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Обединети за Македонија, вели дека досега не бил информиран дека се води ваква истрага за ова прашање.


Од „Мегантик“ му се заблагодаруваат на Дончев за помошта
САМО ВО 2018 МУ ИСПЛАТИВМЕ СРЕДСТВА ОД МАКЕДОНСКА ФИРМА, И ТОА ПЛАТА, НЕ ВО ГОТОВО!

„Megantic PTY LTD“ го ангажираше Ден Дончев за услуги од типот на анализа на маркет-потенцијал, операционална процедура и подобрување на бизнис-процеси и интегрирани сметководствени системи во периодот од 2013 до крајот на 2018 година, велат од австралиската компанија.

„2018 година беше единствената година кога сервисите на г-дин Дончев беа исплатени преку „Ремаркет“, во тип на плата, не во готово, наместо Megantic PTY LTD, бидејќи беше релоциран во Македонија. Ние сме му благодарни дека ни помогна со компаниските операции и во текот на 2018 година, иако беше ангажиран и со други работни обврски“, велат од компанијата.

Од таму појаснуваат дека македонската фирма нема активности, туку служи за ангажирање на работна сила – Специјалисти/Консултанти и Веб Девелоперс за потребите на австралиската компанија.

„Компаниската основна дејност беше ставена како интернет-портали, бидејќи беше најблиското нешто до „SEO“, за кое немаше отворено ставка при отварањето на фирмата“, велат од компанијата.

Од таму истакнуваат дека средствата што се праќаат во „Ремаркет“ се користат главно за операциони трошоци во Македонија, како плата, кирија итн.

↧

АРХИВА И заменик-министерот Колемишевски формирал фирма за канабис со семејството на Свето Пивара

May 23, 2020, 9:05 am
≫ Next: (АРХИВА-ИНТЕРВЈУ) Мицкоски: Власта е исплашена, па мора да организира следење на лидерот на опозицијата
≪ Previous: Ден Дончев примил австралиски долари за консултантски услуги преку компанија од Муртино!
$
0
0

Текстот е објавен на 24 октомври 2019 година во неделникот „Фокус“ во број 1255

Кирил Колемишевски, кој беше избран за заменик-министер за економија при последната владина реконструкција кон средината на годинава, поседува удели и акции во неколку друштва, од кои дел се стекнати во тековната 2019 година. Според податоците на „Фокус“ обезбедени од надлежните институции, во некои компании Колемишевски е партнер со странски државјани, меѓу кои се друштвото за наплата на долгови „Прајм Колект“ и за трговија „БКМ Инвест“. Во други субјекти, пак, тој има домашни партнери, како што е случај со фирмата за медицинска марихуана „М-6 ЕДЕН ГРИН“ формирана годинава, каде доминантен партнер е субјект од групацијата „М-6“, поврзана со семејството на бизнисменот Светозар Јаневски. Згора на тоа, двете страни поседуваат акции во АД „Аутомакедонија“

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека целокупната јавност ја очекуваше конечната одлука на шефовите на земјите-членки на Европската унија околу почетокот на преговори на земјава со Унијата, која, за жал, на крајот се испостави негативна за Македонија поради блокадата од Франција, македонската влада во парламентот го достави долго најавуваниот нов Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, со кој, меѓу другото, се регулира и одгледувањето и производството на канабис за медицински цели. Патем, законот треба да биде донесен по скратена постапка, со оглед дека е предложен со европско знаменце, иако во случајов не станува збор за усогласување со европското законодавство во класична смисла на зборот.

Имено, од владата се правдаа дека одредени законски одредби навистина се усогласуваат со европското законодавство поради обврските што ги има државава како кандидат за членство во ЕУ, но поради обврските што произлегуваат од конвенциите на Обединетите нации за контрола на опојни дроги и други психотропни супстанции. Од друга страна, пак, опозицијата обвини дека законот не е во насока на европеизација на државата, туку претставува злоупотреба на моќта на премиерот Зоран Заев во интерес на компаниите во сопственост на негови роднини. За волја на вистината, новиот закон предвидува извоз не само на екстракт на масло, туку и на сув цвет од канабис, од што корист ќе имаат сите триесеитна лиценцирани компании, вклучително и тие на Заеви.

Во тој контекст, уште пред година ипол пишувавме за влезот на блиски роднини на премиерот и лидер на СДСМ Заев во бизнисот со медицинска марихуана, преку преземање на „МАМ Свети Николе“ и формирање на „Фарма Медика Канабис Валандово“, чии сопственици се Трајче Заев, Бобан Заев, Катерина Бојовиќ-Заева… Со текот на времето, се повеќе се зголемуваше бројот на компании на овој пазар, а една од нив, како што неодамна објавивме, е во косопственост на кумановската „Делукс Ауто“ на Бобан Спасовски, која се јавува како донатор на СДСМ. Во меѓувреме, содружник на фирма за медицинска марихуана стана и Ване Андреев, правен застапник на Заев.

Дека многу од компаниите што тргнаа во поход на овој пазар, независно дали веќе ја добија потребната лиценца за работа или пак се уште го чекаат одобрението, може да се доведат во корелација со власта, потврдува и најновиот случај што го обелоденува „Фокус“. Податоците што ги обезбедивме од надлежните институции покажуваат дека и заменик-министерот за економија Кирил Колемишевски поседува удел во компанија за канабис, заедно со групацијата „М-6“ на семејството на бизнисменот Светозар Јаневски, познат како Свето Пивара. Со оглед дека Колемишевски е член на владата, која има низа надлежности врз компаниите што делуваат во овој бизнис-сектор, се поставува прашањето дали во случајов постои судир на интереси или пак може да се проблематизира само од етички аспект?

ПРОПАДНАТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНД И УСПЕШНО АДВОКАТСКО ДРУШТВО

Колку за потсетување, по изборот на новата влада кон средината на 2017 година, Кирил Колемишевски беше назначен за член на Надзорниот одбор на Македонската банка за поддршка на развојот, а во мај годинава беше избран и за в.д. извршен директор на банката за кредитирање на малите и средни трговски друштва. Неколку месеци подоцна, пак, владата го разреши Колемишевски од оваа функција и веднаш потоа го предложи за заменик-министер за економија на местото на Кире Наумов. Впрочем, тоа се случува за време на кадровските промени познати под поимот „метла“, кои премиерот Заев ги најави меѓу двата круга на претседателските избори.

Во официјалната биографија на Колемишевски, доставена до пратениците кои го изгласаа за заменик на првиот човек во ресорот економија Крешник Бектеши, стои дека тој е дипломиран правник и магистрант на правниот факултет, чија специјалност е деловното право. Што се однесува до неговото работно искуство, тој навел дека веднаш после дипломирањето на скопскиот правен факултет работел во Комерцијална банка како шеф на правната служба за работа со стопанството од 2002 до 2007 година. Паралелно со тоа, во 2005 и 2006 година работел и во „КБ Прво пензиско друштво“ како координатор на агенти.

По завршувањето на службата во Комерцијална банка, Колемишевски станал извршен директор на друштвото за управување со фондови „Мој Фонд“. Според информациите објавени во „Службен весник“, Комисијата за хартии од вредност во март 2008 година му издава лиценца за инвестициски советник и воедно дава дозвола за негово именување во Одборот на директори во „Мој Фонд АД“. Но, веќе на средината на 2009 година, Комисијата утврдува неправилност во работењето на друштвото поради именување на извршните членови без согласност од комисијата, а во март 2010 година трајно ја одзема дозволата за работа поради непостапување по решението, неусогласеност со законот, како и поради неправилности констатирани при редовни контроли.

Потоа, Колемишевски влегува во адвокатурата, така што во 2011 година го формира адвокатското друштво „Колемишевски и партнери“, кое успешно функционера до денес. Официјалните податоци покажуваат дека тој е еден од тројцата партнери во друштвото заедно со Сандра Веловска и Предраг Ивановски, со тоа што Веловска и Ивановски моментално фигураат и како овластени лица, откако на Колемишевски му влегува адвокатската дејност во мирување по изборот за член на владата. На официјалната страна на друштвото стои дека нудат широк дијапазон на услуги: управна постапка и администрација, банкарство и финансии, трговски, деловни и работни спорови, франшизинг и лизинг, ликвидации, инвестициски фондови, лиценци, дозволи и одобренија, судски постапки, јавни набавки…

КОМПАНИЈА ЗА НАПЛАТА НА ДОЛГОВИ И ЗА ТРГОВИЈА ВО НЕСПЕЦИЈАЛИЗИРАНИ ПРОДАВНИЦИ

Покрај неуспешниот обид за основање на „Мој фонд“, работното искуство во Комерцијална банка и формирањето на адвокатското друштво „Колемишевски и партнери“, во биографијата на Колемишевски не се наведени други референци. Меѓутоа, неговиот анкетен лист со податоци за имотната состојба, што го доставил до Антикорупциската комисија, открива дека тој поседува удели и акции во повеќе компании, при што дел од нив ги стекнал актуелната 2019 година, кога ја напушти функцијата во македонската развојна банка и влезе во владата предводена од Заев. Притоа, во некои компании заменик-министерот за економија има партнери од странство.

Па, освен што Колемишевски и Веловска се партнери во адвокатското друштво, тие соработуваат и во компанијата „Прајм Колект“, формирана на средината на 2016 година за наплата на долгови. Всушност, тие заеднички поседуваат една третина од компанијата, додека другите две третини се во рацете на двајца странски државјани – Хуберт Антони Чапински од Полска и Матеј Голоб од Словенија. Информациите објавени од самата компанија говорат дека Чапински и Голов се први луѓе на полската, односно на словенечката филијала на „ТЦМ Груп Интернационал“, која е опишана како водечка глобална мрежа на компании и адвокатски друштва за наплата на долгови, што компанијата, во интерес на нивните клиенти, се обидува да го оствари по пат на спогодба или пак преку судска парница.

Инаку, двете компании се регистрирани со седиште на улицата „Коста Шахов“, која се наоѓа во центарот на Скопје, односно во Дебар Маало. Арно ама, на иста адреса годинава е формирана и компанијата за трговија на мало во неспецијализирани продавници „БКМ Инвест“, каде Колемишевски поседува удел во износ од 3.135 евра, додека доминантен сопственик е канадскиот државјанин Џозеф Брн, чиј влог изнесува 3.264 евра. Како што ни изјави Колемишевски, оваа компанија воопшто не е активна поради неговиот ангажман во владата.

И, последната компанија каде удел поседува Колемишевски, која исто така е формирана оваа година, е „М-6 ЕДЕН ГРИН“, чија основна дејност е одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и на растенија за употреба во фармацијата. Оваа компанија е формирана со паричен влог од минимални 5.000 евра, при што влогот на заменик-министерот за економија изнесува 250 евра, исто колку и на другите физички лица во сопственичката структура – Радош Вукиќевиќ и Борче Илиоски. Како најголем содружник со удел од 4.250 евра, пак, се јавува фирмата „М-6 ЕДЕН“, која е во сопственост на семејството на бизнисменот Светозар Јаневски, познат како „Свето Пивара“, поради тоа што беше прв човек на „Скопска пивара“ пред да одлучи да се повлече од компанијата и да влезе во бизнисот со производство на вино преку Винарската визба „Тиквеш“.

СОПСТВЕНИК НА АКЦИИ ВО ТРИ ДРУШТВА ВРЕДНИ НАД 20 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Впрочем, денес Светозар Јаневски се јавува како управител на компанијата за инжинерство и техничко советување „М-6 Логистик“, чиј сопственик е „М-6 ЕДЕН“, која, пак, денес е во сопственост на неговите три деца – Драгана Јаневска, Кирило Јаневски и Јане Јаневски. Токму оваа компанија е доминантен сопственик на друга компанија со истиот предзнак – „М-6 Светлана и останати“, каде помали косопственици се Светлана Пендаровска, Мате Настески, Ратко Чадиковски, Коце Ивановски, Орде Ивановски и Снежана Славкова. Според податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност, „М-6 Светлана и останати“ е најголем акционер во винарската визба „Тиквеш“, поседувајќи 80 отсто од акциите, додека останатите 20 отсто од акциите се расцепкани кај скоро 500 мали акционери.

Како овластено лице на „ВВ Тиквеш“ се јавува и веќе споменатиот Вукиќевиќ, кој е еден од содружниците во споменатата М-6 ЕДЕН ГРИН“, покрај Колемишевски. Третиот и последен содружник меѓу физичките лица во сопственичката структура на компанијата за медицинска марихуана – Илиоски, пак, истовремено се јавува како управител во друштвото за стручни, научни и технички дејности „М-6 Инвестиции“, чиј сопстевник, пак, е „М-6 Светлана и останати“, доминантен акционер на „ВВ Тиквеш“. Оттука јасно може да се утврди дека фирмата за производство на канабис – „М-6 ЕДЕН ГРИН“ е формирана од страна на членови на семејството Јаневски и нивни соработници, меѓу кои спаѓа и актуелниот заменик-министер за економија Колемишевски.

Во таа насока, информациите објавени од страна на Македонската берза покажуваат дека заеднички именител на Јаневски и Колемишевски е и акционерското друштво „Аутомакедонија“. Во време кога друштвото во 2003 година го поднесувала проспектот, што претставува услов за котација на берзата, најголеми акционери биле Димитар Мојсовски (22,4 отсто) и Светозар Јаневски (20,3 отсто), меѓутоа моменталната состојба покажува дека Јаневски во меѓувреме и овие акции ги предал на неговите деца Драгана, Кирило и Јане, сопственици на „М-6 ЕДЕН“. До неодамна, Колемишевски беше член на Надзорниот одбор на друштвото, каде, како што самиот ни потврди, поседува и акции, што значи дека е еден од 200-те акционери кои поседуваат под 5 отсто од акциите.

Севкупно гледано, тој поседува хартии од вредност во 3 акционерски друштва, со тоа што во 2013 година стекнал 3.799 акции во вредност од над 10 милиони денари, во 2014 година стекнал 9.696 акции во вредност од исто така 10 милиони денари, додека во тековната 2019 година стекнал 2 акции вредни околу илјада евра. Во писмените одговори што ни ги испрати, тој вели дека сите акции ги купил од компании кои котираат на македонската берза преку овластен брокер. Ниту една од нив, според него, нема соработка со државни институции и не користела државна помош.

КОМПАНИЈАТА СЕ УШТЕ НЕ ПОБАРАЛА ОДОБРЕНИЕ ЗА РАБОТА, СОРАБОТКАТА Е ВО МИРУВАЊЕ

Од групацијата „М-6“ на семејството Јаневски и нивните соработници велат дека компанијата за медицински канабис „М-6 ЕДЕН ГРИН“ се уште не поднела барање до надлежното Министерство за здравство за издавање одобрение за вршење на дејност, бидејќи нивните досегашни активности на овој план се во иницијална фаза. Од таму посочуваат дека во овој момент фокусот е ставен врз анализи и планирање на идните активности, со цел, како што објаснуваат, избор и имплементација на модел што ќе одговара најсоодветно на идејата за развој на овој бизнис. Откако овие фази ќе бидат заокружени, од таму најавуваат дека ќе започнат поинтензивно да работат.

„Една од основните цели на оваа компанија е инвестирање во развој на нови бизниси и инвестирање во развој на компании кои веќе делуваат на пазарите. Постојаното инвестирање е основа за економскиот развој. Во последно време, со законските измени, одгледувањето на канабис за медицински цели станува потенцијален бизнис кој овозможува развој на домашната економија, но и отворање на нови работни места, што ќе придонесе за намалување на бројот на млади лица кои ја напуштаат земјава во потрага по подобри услови за живот. Токму тоа беше и мотив за нас да ги анализираме потенцијалите на овој бизнис, а првите резултати се доста позитивни“, велат од групацијата „М-6“ на Јаневски.

Од таму додаваат дека Колемишевски е еден од инвестициските советници што неколку години ги користат, од што се родила и соработката во сферата на производство на медицинска марихуана, која, нагласуваат од таму, моментално е во мирување поради неговиот политички ангажман. И Колемишевски посочува оти соработува со „М-6“ неколку години во врска со инвестициско советување и правни услуги. Меѓутоа, тој не смета дека нивното партнерство во „М-6 ЕДЕН ГРИН“ е проблематично, и покрај тоа што досегашната законска регулатива предвидува владата да дава согласност за издавање на одобрението за медицинска марихуана, додека новите законски одредби пропишуваат дека Илинденска ќе ги избира директорот и неговиот заменик на новоформираната Агенција, а воедно ќе ги контролира сите промени во сопственичката структура на компаниите.

– Соработката воопшто не е дискутабилна, затоа што се одвивала во период каде сме соработувале на партнерска основа и воопшто не биле засегнати државните интереси, ниту пак сум имал можност да влијаам со мојата функција како адвокат. Оваа соработка во моментов е во мирување баш поради мојот моментален ангажман. Мора да напоменам дека „М-6 ЕДЕН ГРИН ДОО Скопје“ нема поднесено барање за добивање лиценца за одгледување медицинска марихуана, проектот се уште е во почетна фаза и откако сум член на Владата не сме контактирале со останатите содружници за продолжување на активностите – вели Колемишевски.


И донатор на СДСМ влегол во бизнисот во медицинска марихуана
ФИРМА-ЌЕРКА НА КУМАНОВСКИ „ДЕЛУКС АУТО“ И „КВАЛИТЕТ ПРОМ“ ЈА ФОРМИРАЛЕ „МАР МЕДИКА“

Кумановската компанија „Делукс Ауто“, која се јавува како донатор на СДСМ во 2016 година и оттогаш склучи неколку договори за јавна набавка со државни институции, влегла во бизнисот со производство на медицинска марихуана. Станува збор за компанијата „Мар Медика“, формирана кон крајот на минатата 2018 година со седиште во Куманово за производство и преработка на канабис за медицински потреби.

Според Централниот регистар, оваа компанија е во сопственост на две други кумановски компании, при што едната е „Квалитет-Пром“ на Тони Каранфиловски, додека втората е „УПМ-ГРУП“, која, пак, е во сопственост на компанијата „Делукс Ауто“. Инаку, сопственик „Делукс Ауто“ е Бобан Спасовски, кој ни изјави дека „Мар Медика“ се уште не поднела барање за одобрение за одгледување на медицински канабис, но, нагласи тој, инвестицијата е во тек.

–Со појавувањето на голем интерес меѓу компаниите во Македонија за одгледување на канабис за медицински цели, се појави интерес и кај нас, па одлучивме да ги здружиме нашите капацитети – финансиски, интелектуални, менаџерски, искуствени, во отворање на заедничка компанија – објаснува Спасовски.

Инаку, неговата „Делукс Ауто“ се јавува во извештајот на донатори на СДСМ за 2016 година, доставен до Државниот завод за ревизија и други надлежни органи, каде се наведува дека компанијата донирала околу 7.000 денари, во форма на попуст на услуги. Веќе во следната 2017 година, „Делукс Ауто“ склучи договор со Министерството за внатрешни работи за набавка на 45 автомобили од марката „шкода“ со средства донирани од чешката влада, без притоа, како што пишуваа медиумите, да има јавно наддавање со други компании, туку по пат на непосредна спогодба.

Оттогаш, според податоците од Бирото за јавни набавки, компанијата на Спасовски склучила договори за набавка на возила со неколку државни институции, меѓу кои повторно фигурира МВР(153.000 евра), но и со Царинската управа (325.000 евра), Централниот регистар (135.000 евра) итн.

↧

(АРХИВА-ИНТЕРВЈУ) Мицкоски: Власта е исплашена, па мора да организира следење на лидерот на опозицијата

June 6, 2020, 9:38 am
≫ Next: (АРХИВА-ИНТЕРВЈУ) Заев: Мицкоски е деструктивец, недозреан за мандатар, а премиер нема да биде
≪ Previous: АРХИВА И заменик-министерот Колемишевски формирал фирма за канабис со семејството на Свето Пивара
$
0
0

Интервјуто со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е објавено во неделникот „Фокус“, на 6 мај 2020 година.

„Кога уште се бројат мртви, не ни помислувам на избори… Власта лови во матно и Заев во една ваква ситуација, по цена на здравјето, сака избори затоа што се надева на корупција на изборите и слаба излезност поради оправданиот страв на граѓаните да гласаат поради корона кризата“, е објаснувањето на Христијан Мицкоски зошто СДСМ се залага за избори, иако, како што вели „во овој момент има сѐ, само нема контрола врз пандемијата“.

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Пред десетина дена јавно побаравте лидерска средба кај претседателот Пендаровски и повикавте „ајде да ги отвориме картите“. Какви се картите што ги имате?

МИЦКОСКИ: Лидерската средба ја побарав затоа што е неопходна. Државата се наоѓа во тешка економска и здравствена криза и многу прашања остануваат отворени, а се чини и дека недостасува консензус за начинот на кој се справува владата со кризата. Во меѓувреме се отворија и повеќе други прашања, како што е инсистирањето на Заев, дури и по цена на здравјето на граѓаните, да има избори, и секако пречките што се јавуваат на патот кон европските интеграции, овојпат изразени во бугарскиот документ кој упорно македонските власти го криеја од јавноста. Јас не побарав лидерска за да бидам актуелен или, пак, да правиме политика од тоа, туку затоа што има насушна потреба за таков еден чекор. Да не се препукуваме по медиуми, туку граѓаните заслужуваат едно зрело однесување и на маса да се договориме за она што е најважно во овој момент, здравјето и економијата.

ФОКУС: Имате ли некаков џокер во рацете од позиција на опозиција?

МИЦКОСКИ: Кога велам да ги отвориме картите, од нас нема да чуете лицемерна политика, односно да велиме не сме за избори, а во јавноста да брифираат датуми како што тоа го прави СДСМ. Oд една страна да велат здравјето им е најважно, а од друга да туркаат избори по цена на здравјето и економијата и додека дневните здравствени биланси сѐ уште ги бројат жртвите. Ајде да седнеме на маса, па да ги отвориме картите, а секогаш ВМРО-ДПМНЕ има џокери и адути, и ако тоа е стравот на власта, еве ќе кажам тогаш имаат причина за тоа.

ФИЛИПЧЕ ДОБИЛ НАСОКА ЗА ГЛУМЕЊЕ НОРМАЛИЗАЦИЈА

ФОКУС: По вашиот повик, Пендаровски најави лидерска средба во првата половина на мај, но од СДСМ реагираа дека „рано е и за избори и за лидерска средба“. Сепак, изгледа го смениле ставот, затоа што Пендаровски  потврди дека средбата ќе се одржи меѓу 10 и 12 мај, а дека и Вие и Заев сте го потврдиле присуството. Кои теми за Вас се приоритет?

MИЦКОСКИ: Играта топло-ладно за лидерска средба од СДСМ и Заев, прво одбивањето, а потоа извесното прифаќање, покажува несериозност, незрелост и отсутност на власта во однос на проблемите што постојат во земјата. Лидерска ќе има, а потребно е освен лидерска да постои и волја кај СДСМ отворено да пристапи кон прашањата важни за граѓаните и нашата иднина. Теми треба да бидат она што е најважно во моментот, прво здравствената криза, второ – економската криза и спасот на економијата, и трето – секој одговорен политичар би дискутирал и за објективните пречки што се отвораат на патот кон ЕУ, изразени со бугарскиот документ.

ФОКУС: Разговаравте ли со Пендаровски пред да го упатите апелот?

MИЦКОСКИ: Имав разговор со Пендаровски пред да го соопштам повикот за лидерска средба, го информирав за мојата идеја, која начелно тогаш не ја отфрли. Последната комуникација беше по неговото последно интервју, кога отворено му ја пренесов мојата разочараност од неговата партиска пристрасност кон СДСМ, бидејќи ние на проблемите не треба да пристапуваме во однос на тоа што е во интерес на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што е најкорисно за граѓаните, а што не.

ФОКУС: Со оглед на тоа што неколку дена по лидерската средба, на 16 мај, изминуваат 30-те дена од втората прогласена вонредна состојба, што предлагате: нови 30 дена или имате нов предлог?

MИЦКОСКИ: Франција, која исто така требаше да организира втор круг од изборите, прогласи продолжување на вонредната состојба до 24 јули, значи сѐ е суспендирано. На 1 мај, Светската здравствена организација донесе одлука за продолжување на вонредната состојба поради пандемијата за нови 90 дена.

Состојбите во Македонија од здравствен аспект не се нималку розови. Тоа што Филипче прави под 200 теста, практично значи дека добил политичка насока за глумење нормализација, а не и дека состојбата се стабилизира. Здравјето треба да им биде пред партискиот или политички интерес. Продолжувањето на вонредната состојба зависи од проценката на здравствените експерти. Доколку сега би се одлучувало, сигурно би биле за продолжување на состојбата. Сепак, оставам да видиме како ќе се одвиваат работите и тогаш да ја слушнеме конечната проценка.

ОВА НЕ Е ШОУ-БИЗНИС ПОЛИТИКА

ФОКУС: Сите партии велат дека кога ќе се воспостави контрола врз пандемијата дури тогаш треба да се договори датумот за избори. Арно ама, согласно досегашната пракса на партиската сцена, се плашам дека може да има големо разногласие кога ќе биде ставена корона кризата под контрола. Што Вие сметате дека би било крај на актуелнава криза?

МИЦКОСКИ: Во овој момент има сѐ, само нема контрола врз пандемијата. Не можам јас да зборувам за избори, кога во моментов сѐ уште се бројат мртвите од корона вирусот. Дајте да се однесуваме одговорно. Економијата е застаната, за три месеци владата потрошила 120 милиони евра за корумпирање на изборите, кои не се случија, а колку сега трошат, допрва ќе видиме. Бизнисите замираат. Доктори сè уште ни се заразуваат од корона, и причината не е затоа што не ја користат опремата добро, туку затоа што имаат недоволна заштита. Училиштата не работат, факултетите исто така, а власта лови во матно и Заев во една ваква ситуација, по цена на здравјето, сака избори затоа што се надева на корупција на изборите и слаба излезност поради оправданиот страв на граѓаните да гласаат поради корона кризата.

ФОКУС: Вашиот став е да нема летово избори?

МИЦКОСКИ: Не велам да нема избори, ВМРО ДПМНЕ е фаворит на истите и ќе победи убедливо, но едноставно не е време за тоа во услови кога здравјето е во прашање. Да ги заштитиме прво граѓаните, да застанеме на нозе во економијата, барем на нозе, и потоа да организираме избори, кои не само што треба да бидат слободни и фер, туку и да бидат кредибилни со голема излезност.

Не планирам да ги спроведувам игрите на Зоран Заев, ова не е шоу-бизнис политика, туку политика каде што имаме одговорност за животите и судбините на луѓето. И токму воден од личните интереси, Заев им нареди на министрите да глумат нормализација. Па ќе видите шпекулации за враќање на децата во училишта, што е нон сенс, или, пак, тоа што Филипче ќе излезе на прес-конференција и прво ќе соопшти колку има излекувани од корона кога лекот уште не е измислен, а, ќе се согласите, не сме толку напредни Филипче да измислел некој лек што не го знаеме. Но, работата е да се глуми нормалност. Може да каже колку се заздравени, а не и излекувани, а тоа го прави за да каже дека еве работиве влегуваат во нормала, а ние во меѓувреме ги броиме, за жал, жртвите. И кога уште се бројат мртви, јас не ни помислувам на тема избори.

ОТРПНАВ НА НИВНИТЕ ЛАГИ

ФОКУС: Многумина се зачудени зошто опозицијата не сака да се активира Собранието, затоа што така ќе имате контролна улога врз владата. Дали повеќе ви одговара да функционира владата со неограничена моќ, ем законодавна ем извршна, за да имате повеќе „материјал“ за избори?

МИЦКОСКИ: Реков, тоа не е прашање дали му се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ, туку истото е противуставно, и не може да правиме компромиси со кршењето на Уставот затоа што тоа му се допаѓа на Заев. Би бил лицемерен да говорам постојано за апсолутна правда, а, од друга страна, да одобрам кршење на Уставот. Имам чувство дека свикувањето на Собранието е и некако вештачка искреирана тема. Па, заборавате ли СДСМ како го конституираше собранието што се распушти. Се собраа пратениците и сами сè изгласаа, ако толку им е до собрание, што мислите, тешко ќе им биде ли повторно да го прекршат Уставот? Затоа сметам дека оваа е една вештачки искреирана тема.

ФОКУС: Што ќе се постигне со ваква, како што велите, вештачки искреирана тема?

МИЦКОСКИ: Темата има цел поларизација на политичката сцена во смисла кој е за, а кој против свикување на Собранието, чисто политикантство. Јас навистина се чудам за дебата дали политичарите треба да го кршат Уставот или не треба, за тоа не се разговара, тие луѓе се заколнале дека ќе го почитуваат Уставот. Инаку, што се однесува до материјалот за избори, мислам дека и без овие уредби има огромен материјал. И тоа боли глава од тоа колку материјал има, ама за ова потоа.

ФОКУС: Излегоа снимки од Вас во теретана за што бевте обвинет дека со полициска придружба ги кршите владините мерки за корона кризата. Слушнавме од вашиот министер Чулев дека снимката била стара, но заменичката во МВР предложена од СДСМ, Петровска навести дека истрагата уште трае. Што ќе излезе на крајот – дека ве фатиле на дело или дека некој ве мести со стари снимки?

МИЦКОСКИ: Веќе некако отрпнав на нивните лаги, но ајде што шират лажни вести, туку и ги надградуваат. Значи од едно влакно прават јаже и подоцна само е во прашање инспирацијата за лажење, сè друго им е под еден ист калап. МВР направи истрага и утврди, како што соопшти и министерот, дека се работи за стара снимка од минатата година, и дека е излезена по нелегален пат. Понатаму оставам институциите да испитуваат.

Сметам дека вежбањето не е грев, колку што е предавството на државата. Сметам дека да вежбаш е навика, но, за жал, крадењето и лажењето, освен што е навика на власта, станува и нивен начин на однесување и стил на живеење. И мислам дека покрупното прашање што треба да се одговори е чија парапартиска структура организирано ме следи.

ИМА РАЗЛИКА ОД ДОНИРАЊЕ И ИЗБОРЕН ПОТКУП

ФОКУС: Алудирате на СДСМ? Имате докази?

МИЦКОСКИ: Само ќе споменам за кус период дека бев, исто така, предмет на хајка на организирани лажни вести кога се појави снимка од моето наводно вежбање од една друга теретана, па се појави фотографија од моето искачување на Водно, и ова најновото што го споменавте. Очигледно власта е исплашена, па мора да организира следење на лидерот на опозицијата. Но, во исто време не е проблем да продолжат со крадењето на државниот буџет и да не прават ништо во однос на економската криза. И секогаш кога сакаат да покријат некоја друга тема, се вртат кон лажење и тоа е слабост, а не нивна предност.

ФОКУС: Ми заличи малку како „империјата го возвраќа ударот“, кога ден два по обвинувањата кон Вас, на удар дојде лидерот на СДСМ Зоран Заев со полициската акција во Струмица за хуманитарна помош за граѓаните што е донација од Заеви. Тој ве обвини Вас и Чулев и порача дека „партиските насилници мора да сносат одговорност“. Се злоупотребува ли МВР за партиска агенда?

МИЦКОСКИ: Овој случај не претставува никаква полициска злоупотреба, туку злоупотреба на позицијата на Заеви во насока на изборен поткуп, за кој отворено се сомнева целокупната јавност. Вие да имате параван невладина организација, и партиски луѓе да ви делат пакет со намирници за време на полициски час, не е ништо друго, туку криминал. И сега може полицијата да премолчи, како што тоа се правело порано, или да реагира и да го штити законот.

Никој не смее да биде над законот, дали се викал Вице или Зоран Заев, Христијан или Наќе Чулев. Јас за овој случај дознав од медиумите, а потоа подробно се информирав. Ја има мојата поддршка Чулев целосно заедно со надлежниот обвинител да го расчистат случајот. Не смееме да дозволиме повторување на она однесување за кое пишуваше Лаверита и изборниот поткуп што се правел во Струмица во минатото. И истите случаи да се држат во фиока од истите оние кои сега се во скутот на Заеви, а тогаш ги водеа безбедносните служби.

ФОКУС: Како партија алудиравте дека хуманитарната помош е всушност насочена како поткуп на гласачи пред изборите. Дали секоја донација во актуелнава корона криза од луѓе или компанија поврзани со партија ќе ги третирате со истиот аршин? Дали ВМРО-ДПМНЕ донираше некаква сума, или маски, на пример, во време на кризава?

МИЦКОСКИ: Кога веќе ме прашувате, морам да кажам дека имам личен однос кон ова прашање. Донирањето е нешто што сметам дека е подобро да се случи и да се помогне, а не е нешто за кое треба да се фали некој, освен ако со таквата постапка не се сака да се поттикне и другите да го направат тоа, се разбира тие што можат. Да, помагам, но и не викам камери кога тоа се прави.

Од друга страна, ги повикав владините членови во техничката влада кои се од ВМРО-ДПМНЕ да ги донираат своите плати во целосен износ за купување намирници и средства што ќе им помогнат на тие што се во првата линија во борбата против корона вирусот. И да, тие тоа го прифатија и рекоа дека ќе го направат. Што се однесува до донирањето врзано со оној случај на СДСМ, треба да се прави разлика од донирање и изборен поткуп. За првото постои закон, а второто се прави спротивно на законот.

НЕ СУМ ЧОВЕК ШТО ПРАВИ КОНЦЕСИИ

ФОКУС: Вие лично, Вашата сопруга и Вашиот татко сте единствените донатори за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со по 600.000 денари или, сè заедно, семејството Мицкоски дале за партијата фантастични 1.800.000 денари? Имате заштеди или зедовте кредит?!

МИЦКОСКИ: Во 2017 година, кога бев разрешен од владата на СДСМ како претседател на управниот одбор на АД ЕЛЕМ приложив анкетен лист до ДКСК. Во анкетниот лист се приложени детално сите средства, движен и недвижен имот со кој располагам. Истиот можам да Ви го доставам и Вам доколку цените дека е потребно да го објавите. Во меѓувреме, состојбата е променета со тоа што го отуѓив делот од 7 отсто во компанијата, која имаше концесија во три мали хидроцентрали, а сè друго горе-долу е во рамките на тоа што е пријавено во тој анкетен лист, доставен до ДКСК.

Јас сум универзитетски професор, а моите родители, кои се сега во пензија, беа лекар и универзитетски професор, имаат заработено заштеда во текот на работниот век. Не сум човек што прави концесии и одлучив да побарам од родителите да ми помогнат на начин што ќе донираат во партијата во рамките на законските ограничувања, а истото го сторивме јас и сопругата.

ФОКУС: Но, вие сте единствени донатори за партијата за 2019?

МИЦКОСКИ: На партијата ѝ беа потребни тие средства за тековни расходи и одлучив преку личен пример, тогаш со моето семејство да донираме, бидејќи јас се згрозувам со принципот евро за батето и евро за…, работам секогаш да успеам по принципот без концесии или, што би рекле старите, испружи ги нозете колку што е долга чергата. Дониравме и ќе донираме во партијата каде што сум претседател и каде што волонтирам трета година по ред, во рамките на семејните можности и никогаш никаде нема гласно да зборувам за моите семејни и лични донации надвор од партијата, бидејќи тоа го правам за да помогнам, а не од тоа да правам лична политичка промоција.

ФОКУС: Ќе продолжите ли со хермафродитската позиција – да примате плата од Република Северна Македонија, а да се колнете во „никогаш Северна? Би било логично да ја прифатите реалноста, а да ветите дека ќе го промените тоа кога ќе дојдете на власт. Како, тоа е друга енигма. Со ваква, според мене, инфантилна политика сега немате министер за труд, чувствително министерство за време на кризава.

МИЦКОСКИ: Мислам дека вистински хермафродитска политика е да го смените името на државата додека се колнете во најмилото, жицата, децата. Лицемерно и жално е кога ќе велите таа смена е последниот напор за да влеземе во ЕУ, а еве по три години власт нема датум за преговори. Хермафродитски е и неодговорно е да криете документ од Бугарија во кој се условува напредокот кон ЕУ со откажување од јазикот и историјата. Е сето ова, не само што е хермафродитски, туку е правење уште еден чекор кон втората фаза на креирање некаква нова идентитетски изобличена нација со ново име, нов јазик и историја. Откажувањето од историјата е откажување од себеси.

НЕМА НЕВОЗМОЖНИ РАБОТИ

ФОКУС: Но, платата ја земате од Северна Македонија, нели?

МИЦКОСКИ: Што се однесува до платата, и сега и порано, јас сосема отворено и децидно кажав не ја негирам реалноста, да, јас земам плата од државата со новото име, исто како и сите други граѓани, но никој во оваа земја не може да ми забрани, да се борам да ја сменам таа реалност. Тоа е сонот на мојата генерација, и секогаш борбите биле процес. Нашиот народ имал подеми и падови и нема невозможни работи. Не постои закон во земјава, ниту декрет со кој може да се забранат нашите чувства и она што тлее во нас Македонците од Македонија. Да не навлегуваме во оние, би рекол и помалку идиотски, непромислени потези на брусење симболи на овој народ. Никој тоа не го бара од нас, и никаде тоа не го пишува. И сè уште не можам да го разберам она тепање на властите употребувајќи го новото име. Нема потреба од тоа. Нели гледате дека тоа не заживува кај народот, не вирее, затоа што Македонија е нашиот идентитет граден со столетија. Тоа не се брише поради политичката инфантилност на Зоран Заев.

ФОКУС: Антонио Милошоски и Никола Тодоров беа за целиот период лојални министри на Никола Груевски. Јас би додала, го симболизираа груевизмот. Но, Вие, Тодоров го исклучивте од партијата, а Милошоски, кој патем го оспоруваше Вашиот избор за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, како наместен, ем сте „избран“ од Груевски, сега ви е носител на изборна листа и ударна тупаница. Ќе може ли да ми објасните што е големината на Милошоски, наспроти гревот на Тодоров, на пример?

МИЦКОСКИ: Антонијо Милошоски не е носител, тој е на второто место во 5-та изборна единица и се одличен тандем со носителот Игор Дурловски. А таму е затоа што народот и партијата имаат доверба во него, и затоа што Милошоски со своето однесување не ги наруши конгресните програмски определби, како и одлуките на телата на партијата. Напротив, тој покажа борбеност и директно укажуваше на сите грешки на власта поради и што доживува политичка тортура и процеси против него.

А за Тодоров сме коментирале во неколку наврати зошто беше исклучен од партијата, немам на тоа што да додадам, знам дека е успешен адвокат и му посакувам да успее во професијата, а жалам навистина ако се потврдат како точни оние шпекулации во јавноста дека често е во друштво со оние кои до вчера го нарекуваа министер смрт.

ФОКУС: Ве прашувам како човек, не како лидер на партија: дали оваа светска пандемија промени нешто кај Вас? Особено што бевте во принудна изолација поради интервју со заразен новинар од Канал 5?

МИЦКОСКИ: Сите ние мислам дека сега повеќе го вреднуваме животот. Во целата таа динамика на дневни настани и случки мислам дека забораваме сите ние на важноста на здравјето, но човек кога ќе се соочи со таков предизвик за него нема ништо поважно од тоа. Јас добро поминав, но за огромна жал многу луѓе се инфицираа, а дел и ги загубија животите. Искрено, погодените семејства се во моите мисли како и оние кои се борат против короната во првите борбени линии. Тие го заслужуваат нашето внимание. Најмногу ми недостасуваше непосредниот контакт со најблиското семејство во периодот на изолацијата, но воедно и нивната поддршка е најважна во таквите моменти, што укажува на заклучокот дека со што и човек да се соочи, најважен столб е семејството.

НИ СЕ СЛУЧУВААТ ПРЕСЕДАНИ И ПРАВНИ ЛАКРДИИ

ФОКУС: Датумот за предвремените избори, 12 април, беше договорен на лидерската средба, па логично е дека и новиот датум треба да се договори на истото место и во истиот состав. Дали можеби стравувате дека евентуалното активирање на распуштениот собраниски состав би можело да одреди датум што му одговара на мнозинството?

МИЦКОСКИ: Некако се наметна во јавноста дека свикувањето на Собранието е работа за која може да се договорат партиите или целата работа се сведува на чувството и интересот на партиите дали ќе се почитува законот и уставот или заедно можеме да одлучиме истите да ги прекршиме и да не ги почитуваме. Ви се молам, поради ваквите однесувања во минатото ни се случуваат преседани и правни лакрдии. Чиста е работата, свикувањето на собранието е противуставно и тоа не е прашање на тоа дали тоа му се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ или не му се допаѓа на СДСМ. Треба да престанеме да се однесуваме еднострано и да дејствуваме врз основа на правни преседани.

НЕ САКАМ НИКОЈ ДА СЕ ПОЧУВСТВУВА НАВРЕДЕН

ФОКУС: Вашиот партиски став дека распуштеното собрание не може да се реактивира го покривате со ставови на, како што велите, реномирани правници. Со што, според Вас, еден правник го заслужува тој епитет? Дали, на пример, професорката Најчевска или адвокатот Тортевски од Твоја Партија, или Рената Дескоска од СДСМ се правници за кои имате респект?

МИЦКОСКИ: Не би сакал да навлегувам во такво поедноставување, бидејќи не сакам никој да се почувствува навреден. Оние со кои правно се консултирав може да кажам дека се оние од кои учеле право и Дескоска, и Тортевски, така да се прилично кредибилни правници во тој поглед. Во постојана комуникација сум и со професорката Силјаноска Дафкова и со професорот Саво Климовски и професорката Тања Каракамишева. Ми изложија прилично цврсти аргументи за таа што го говорам.

ЗАЕВ САКА ДА БИДЕ ПРАТЕНИК И ДА ИМА ИМУНИТЕТ

ФОКУС: Вие сте редок пример на лидер кој нема да биде на изборните листи. Се откажувате од одлична плата и од пратенички имунитет. Што беше одлучувачко за ваквиот Ваш избор?

МИЦКОСКИ: Сакам да покажам дека ова ВМРО е поразлично од сè друго што е сега на политичката сцена. Го понудив предлогот за кандидат мандатар до Заев, каде тој што ќе пледира да биде мандатар за состав на новата влада, доколку загуби на изборите целосно да се повлече од јавните функции вклучително и пратеничката.

Очигледно Заев сака да биде пратеник и да има имунитет. Јас ја преземам целата одговорност и воедно настапувам со избор на 6 носители, кои се понудата на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам честит пристап каде што граѓаните ќе бидат на јасно за што гласаат и за што се одлучуваат. Сметам дека е време да се воведат нови принципи во политиката и да свртиме нов лист затоа што народот е презаситен од стари истрошени ликови, кои на јавните функции гледаат само како извор на моќ и пари. Тоа за мене не е предизвик, а е предизвик да направам нешто за мојата земја и за нашите граѓани.

↧
↧

(АРХИВА-ИНТЕРВЈУ) Заев: Мицкоски е деструктивец, недозреан за мандатар, а премиер нема да биде

June 7, 2020, 10:02 am
≫ Next: (АРХИВА) Ако Латас биде осуден, ќе му биде одземена и викендичката од 317 квадрати во Зелениково!
≪ Previous: (АРХИВА-ИНТЕРВЈУ) Мицкоски: Власта е исплашена, па мора да организира следење на лидерот на опозицијата
$
0
0

Интервјуто со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е објавено во неделникот „Фокус“, во бројот 1285, на 21 мај 2020 година.

„Секој што е загрижен за здравјето би го искористил овој период за избори кога ризикот е најмал. Впрочем, тоа и самата Комисија за заразни болести го потврдува, со тоа што вели затворени училишта, затворени граници, не е сезона на грип, тоа се минималните ризици за граѓаните. И обратно, значи наесен, се поголемите ризици“, се аргументите на Зоран Заев зошто јуни, а не септември, е подобар тајминг за избори.

Сепак, лидерот на СДСМ и во интервјуто за „Фокус“ не дава дециден одговор, дали би оделе на избори без ВМРО-ДПМНЕ

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: И втората лидерска средба заврши без датум за избори, а бевме сведоци и на многу жестока вербална престрелка меѓу Вас и Мицкоски. Обично нагласувате дека сте оптимист по природа, па можно ли е наредниве денови да постигнете компромис?

ЗАЕВ: Не се постигна договор околу датумот за избори, затоа што Мицкоски се плаши од сопствените граѓани, бега од изборите и сака да создаде политичка криза, тоа верувам од вчера на сите им е јасно. Ниту здравјето на граѓаните го интересира, ниту економијата, најмалку, пак, демократијата и целосно функционални институции.  Сите аргументи на Мицкоски се избиени.

Секој што е загрижен за здравјето би го искористил овој период за избори кога ризикот е најмал. Впрочем, тоа и самата Комисија за заштита од заразни болести го потврдува, со тоа што вели затворени училишта, затворени граници, не е сезона на грип, тоа се минималните ризици за граѓаните. И обратно, значи наесен, се поголемите ризици.  За новиот бран на корона вирусот предупреди и СЗО.

ФОКУС: Дали сте бескомпромисни за избори на 21 јуни?

ЗАЕВ: СДСМ е одговорна партија и затоа правевме сѐ, и сѐ уште правиме сѐ да се дојде до консензус. Вака, без договор, мора да се почитуваат законите. Законите налагаат да одиме на избори според роковите што се веќе заокружени, односно по завршување на вонредната состојба да се одржат по 22 дена, согласно Уредбата што е во сила. Ако вонредната трае до 30 мај, како што е во моментов, изборите треба да се одржат на 21 јуни, согласно законските одредби. Така што доколку ВМРО-ДПМНЕ упорно одбегнува консензус, по сила на законот, не по нечија волја, изборите треба да бидат на овој датум.

НЕМА ДА БИДЕ СКОРО ДЕНОТ СО НУЛА ЗАБОЛЕНИ

ФОКУС: Излеговте уште на почетокот на мај со предлог изборите да се одржат кон средината на јуни. Со оглед на тоа дека датумот зависи од ставовите на Комисијата за заразни болести, на ДИК и на ОБСЕ/ОДИХР, секоја од овие институции од својата надлежност за изборите, како искалкулиравте дека терминот во јуни ќе добие пас од сите нив?

ЗАЕВ: Не станува збор за калкулација, туку за сериозни анализи. Се вршеа консултации, со стручни лица, а се следеше и движењето на кривата, која почна да опаѓа кон крајот на април, какви што беа проценките и на институциите за пикот на епидемијата и постепеното намалување. Паралелно следевме и какви препораки стигнуваа од СЗО. И еве, соодветни државни институции се изјаснија, има сериозни аргументи дека избори во јуни се можни и дека се најдобро решение.

На почетокот на мај, иако со повеќе заболени во тој момент, во соседна Србија се објавија избори на 21 јуни, Хрватска исто така. Во таква ситуација, имајќи ја предвид и сложеноста на состојбата во која се наоѓаме, со техничка влада, без Собрание, природно се наметна размислувањето за организирање избори кога ќе се појави првата можност за тоа, а граѓаните би биле најмалку изложени на ризик. И оттаму е тој предлог за избори кон средината на јуни, чие одржување е добро и од здравствен и од економски и од демократски поглед. Тоа е одговорно и државнички.

ФОКУС: Мицкоски повеќепати нагласува дека не сака да биде премиер додека се бројат мртви, што безмалку сугерира дека Вие сте спремни да газите по трупови само да победите. Што доколку продолжи трендот на починати и во јуни?

ЗАЕВ: Со таквите ставови, Мицкоски си го запечати епитетот на деструктивец, неодговорен и незрел, особено во време на криза. Тој покажа дека сѐ уште не е дозреан, ниту да биде мандатар, а премиер нема да биде сигурно. Мицкоски сака други да бројат жртви, тој да седи на страна и да тера политикантство. Како што за време на кризата ширеше лажни вести дека нема доволно тестови, па десетици илјади луѓе се тестираа, како што водеа хајка против Филипче среде пандемија. Додека лекарите и медицинските лица броеја жртви, а граѓаните седеа дома за да помогнат во спречувањето на вирусот, фрчеа негови слики од теретани и прошетки на Водно. Тоа е истиот Мицкоски, кој иднината на земја беше спремен да ја жртвува и работеше против НАТО и ЕУ. Сега од него кога ќе слушнам човечки жртви, немам што друго, освен да кажам премногу е од лицемери и од политиканти.

ФОКУС: Но, што доколку продолжи трендот на заболени и мртви?

ЗАЕВ: Наводната позиција за избори кога ќе имало нула заболени е незрела – целиот свет, СЗО, сите зборуваат дека ние уште долго ќе живееме со Ковид 19, најважно е да го контролираме и да се заштитиме од него. Ете, тоа е новото нормално. Нема да биде скоро денот со нула заболени, тоа е изговор на Мицкоски за да не се договори реализацијата на веќе закажаните избори.

Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ гласаше за распуштање на Собранието, даде поддршка за распишување избори на 12 април, влезе во техничка влада за заедно да организираме избори, поднесе пратенички листи, стави печат на кандидатските листи, има и свое бројче на гласачкото ливче. Ниту јас како поединец, ниту СДСМ како одговорна партија, нема да повлечеме потег, кој е спротивен на интересите или, не дај боже, спротивен на здравјето на граѓаните.

ТЕРААТ ПОЛИТИКАНТСТВО СО ЛАЖНИ ВЕСТИ

ФОКУС: Одлуката за 12 април како ден за избори беше донесена со консензус на сите партии на лидерската средба кај Пендаровски. Ќе се држите ли до оваа правило – едногласност и за новиот датум или, со други зборови, би оделе ли на избори без ВМРО-ДПМНЕ да се согласи?

ЗАЕВ: Така е. Одлуката за избори на 12 април се донесе со консензус. Што не беше случај во минатото кога ВМРО-ДПМНЕ сама одлучуваше и тераше на избори. За традицијата на демократија и политичката култура кај нас сакавме да придонесеме и датумот за одржување на избори да биде донесен со консензус. Но, очигледно ВМРО-ДПМНЕ не сакаше консензус и настапи вака неодговорно и незрело. Само заради лични или теснопартиски интереси, заради страв од пораз кај Мицкоски. СДСМ, но верувам и граѓаните нема да дозволат некој како Мицкоски, незрел и неодговорен, да ги кочи демократските процеси и да ја втурне државата во уште подлабока економска и здравствена криза.

ФОКУС: Чудно, ВМРО-ДПМНЕ, ем се за избори, ама кога веќе нема да има корона вирус, ем не се за враќање на Собранието во игра, што значи дека сметаат со кризава дури и во вонредна состојба треба да се справува техничката влада. Вие, пак, од друга страна сте со пофалби дека техничката влада успешно се справува со кризата. Да бидам малку иронична, дали техничка влада треба да биде трајно решение вметнато и во Уставот?

ЗАЕВ: Чудно, ама вистинито. Сето тоа незрело и неодговорно однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го видовме за време на целиот овој период, особено за време на здравствената криза. Тие беа на погрешната страна. Граѓаните тоа го знаат. Прво се потсмеваше, Мицкоски велеше ние од СДСМ сме молеле Бога да имало корона за ВМРО-ДПМНЕ да не протестирале. Потоа бараше кризна наместо вонредна состојба. Велеше не требало уште еден месец вонредна состојба, а неговиот потпретседател Николовски веднаш го демантираше дека треба и трета вонредна состојба. Сега на лидерската вели треба датум да одредиме, ама да не го одредиме конкретно. Како да не сака избори, ниту во јуни, ниту во јули, ниту во септември.

ФОКУС: Сакате да кажете дека ВМРО-ДПМНЕ не знае што сака?

ЗАЕВ: ВМРО-ДПМНЕ нема став, не знае каде тера, целосно се загубени во својата неодговорност и незрелост. Ним можеби најмногу им одговара да биде вака постојано, да нема Собрание, да нема политичка влада, граѓаните да не ги прашаме кој е нивниот став, да имаат еден министер и да тераат политикантство со лажни вести. Реалноста вели дека секоја неодговорност, секој чекор со кој својот партиски интерес ќе го ставите над државниот, граѓаните ќе ве казнат. Тоа е сега болката. Инаку, потребни се избори во првиот можен рок за да се обезбедат функционални институции со полн легитимитет, избори се потребни и заради здравјето на граѓаните, но и заради брза силна трансформација на нашата економија.

ЗАДОВОЛЕН СУМ ОД ПРИДОНЕСОТ НА СИТЕ „ДИСКРЕТНИ ХЕРОИ“

ФОКУС: Колку сте задоволни од економските мерки на владата за справување со кризата. Колкава е заслугата за тоа на двете млади дами што ги покриваат ресорите Финансии и економски развој, Нина Ангеловска и Мила Царовска, кои дојдоа на местата на Тевдовски и Кочо Анѓушев?

ЗАЕВ: Оваа глобална економска криза предизвика потребна од вонредни, брзи и ефикасни економски решенија. Економскиот тим на СДСМ што го водам јас, економскиот тим на Владата, спремија и презедоа сериозни, храбри и навремени чекори за амортизирање на првичните удари врз економијата и граѓаните. Оние мерки што го предложивме до Владата во огромен дел се прифатени и веќе се реализираат, секако согласно можностите и капацитетноста на Буџетот, што јас го поздравувам.

Веќе почнува реализацијата на третиот пакет економски мерки, вкупната вредност на мерките е 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП.  Тоа не се само обични цифри, тоа е директна поддршка за 730 илјадници граѓани, за 30 илјади компании. Од таа гледна точка сум задоволен од придонесот на сите оние „дискретни херои“, кои во заднина даваат сѐ од себе овие мерки да реализираат што побрзо и што поефикасно за помошта да стигне колку што може побрзо до граѓаните и фирмите.

ФОКУС: И на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ важна тема за изборите ви е економијата. Но, она што за вас е успех, за Мицкоски е катастрофа. Како е можно за работи за кои треба да постојат егзактни податоци, толку драстично да се разликувате? За илустрација, Вие велите дека во корона кризава околу 10 илјади луѓе останале без работа, додека опозицијата вели дека се 100 илјади?

ЗАЕВ: Во самото ваше прашање лежи и суштината. Да, постојат егзактни бројки и тие се лесно проверливи, кои ја покажуваат вистината, односно лагата на опозицијата, како сакате земете. Агенцијата за вработување излезе со официјални податоци дека без работен ангажман во периодот од 13 март до крајот на април останале 8.160 лица. Тоа е многу помалку од катаклизмичните, нереални, би рекол лажни објави на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои велеа дека 140.000 луѓе останале без работа. Тоа е таа неодговорност за која постојано зборуваме. Но, тие самите го одбрале таквото дејствување и сега нека се носат со тоа. Тие сакаат  да зборуваат за лажните вести и да работат на нивно ширење, ние сакаме да работиме за граѓаните. Едноставно е.

ФОКУС: Кога бевте во опозиција, жестоко ја критикувавте власта на ВМРО-ДПМНЕ кога пред избори делеше субвенции третирајќи го како обид за корумпирање на гласачите. Но сега, особено поради кризата, владата предводена од СДСМ е во ситуација да доделува милионски суми на компании и граѓани како помош. Ќе ви донесе ли гласови корона кризата?

ЗАЕВ: Сметам дека воопшто не може да стане збор за таква споредба, затоа што има огромни разлики. Додека владееше режимот на ВМРО-ДПМНЕ немаше светска здравствена криза и пандемија од ваков вид. Немаше ниту избори во вакви услови. Но, режимот така функционираше. Да, сите знаат дека ВМРО-ДПМНЕ со години и исплатата на социјални трансфери и исплатата на субвенции ги темпираше непосредно пред изборите заради партиски интереси.

Денес, во ситуација кога имаме сериозна економска криза и сите држави преземаат брзи мерки за да се ублажат последиците врз економијата. Тоа секако е случај и со нашата држава и економија. Дополнително, институциите сега не се заробени, напротив, тие се ослободени и ставени во функција на граѓаните. Оваа здравствена криза со невидливиот непријател го покажа токму тоа, што значи кога државата за 2,5 години ќе се посвети да изгради институции.

ЦЕЛИОТ ЖИВОТ СУМ РАБОТЕЛ ЧЕСНО

ФОКУС:  Сепак, ќе ви донесат ли гласови економските трансфери од буџетот кон компаниите и граѓаните односно корона кризата?

ЗАЕВ: Не станува збор дали овие мерки ќе донесат гласови или, пак, ќе одземат, затоа што секогаш ќе имате луѓе што ќе сметаат дека не сме помогнале доволно или навремено. Она што е јасно дека СДСМ и Владата што ја предводи, никогаш не се воделе од тоа дали некои мерки ќе донесат глас плус. Го гледаме интересот на граѓаните и не се водевме од политикантство и популизам. Покажавме дека се водиме исклучиво од она што е добро за граѓаните и државата. И да, сметаме дека сериозна помош на граѓаните, на економијата во моменти на светска економска криза е добро и за државата и за нашата економија.

ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ секојдневно зборува за „криминалите на Заев“, па вашето барање оставка од министерот Чулев го објасни Антонијо Милошоски како „Страв да не ви тропне Чулев на врата“. Дали би ве изненадило доколку во случај на победа на опозицијата бидете мета на судски прогон? Дали и натаму победата на избори ќе значи спас за победникот од апс, а поразениот да биде под кривичен прогон?

ЗАЕВ: Не. На тоа гледам како политичка реторика со длабоки режимски корени. Една матрица која наместо вистина сервира лага, наместо правда-неправда, која постојано им се заканува на граѓаните и неистомислениците. Но, тоа време заврши.

Ако некој на своја кожа почувствувал што значи да си под политички прогон и монтирани судски случаи заради политички мотиви, тоа сум јас, Зоран Заев и моето најтесно семејство. 11 години ВМРО-ДПМНЕ владееше апсолутно со државата, 11 години јас и моето семејство бевме цел на режимот на Груевски, неговото Сваровски судство и константна црна кампања. Три монтирани случаи се водеа против мене и во трите на крајот победи вистината и правдата. Целиот свој живот сум работел чесно и одговорно. И општина Струмица додека ја водев и фирмите на моето семејство, сите биле илјадници пати „претресувани“ од институциите додека владееше Груевски и никој не пронашол ништо незаконско, затоа што нема такво нешто.

ФОКУС: Ветувавте правда, но и натаму царува селективната правда. Вие објаснувате дека не се мешате кај судиите за конкретни пресуди, а дека надлежноста на владата е да предлага закони. Ова наликува на реакциите на Груевски, кога му се префрлаше за влијанието врз судството, со фразата „судството е независно согласно уставот“. Зарем оние што биле спремни да газат врз правдата заради некакви лични бенефити, преку ноќ ќе станат имуни на моќта на извршната власт?

ЗАЕВ: Во овие две и пол – три години покажавме дека судството мора и може да биде посебна, независна власт, ослободена од политички притисок. Голем дел од судството се ослободи од канџите на режимот, има и секако дел кој останал верен на режимот и продолжува да работи против правда, за некакви свои, лични интереси. Дел од судството навистина е последната тврдина на режимот и затоа еден од врвните приоритети е прочистување на судството за да се врати довербата, за да се зајакнат капацитетите на правната држава, да им се остави простор на професионалците, во интерес на граѓаните. Никој не е над законот и секој што го прекршил, ќе се соочи со одговорноста.

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПОД ЗНАК ПРАШАЊЕ

ФОКУС: По мала пауза, веројатно поради пандемијата, повторно почнаа да одекнуваат бомби во кои вас често ве има. Слушавме како разговарате за влијанието врз судството, во друга снимка дека го контролирате граѓанскиот сектор… Што уште до денот на изборите ќе излезе на виделина? Навистина мислите дека содржината на бомбиве е во Ваша полза, како што напишавте на ФБ?

ЗАЕВ: Не би додал, ниту би одзел нешто од она што го соопштив јас и СДСМ како партија. Јавно, на саркастичен начин на мојот фејсбук-профил кажав, а тоа го потврдив и во изјава на прес-конференција во седиштето на партијата.

ФОКУС: Факт е дека договорите со Грција и со Бугарија ги скршија бариерите на нашиот евро-атлантски пат. Дали сметате дека членството во НАТО и датумот за преговори со ЕУ ќе ги амортизираат негативните реакции на опозицијата од типот предавство на националните интереси? Колкаво влијание ќе имаат сега врз гласачите, особено вмровскиот повик „Никогаш Северна, секогаш Македонија“?

ЗАЕВ: Членството во НАТО и отворањето на преговорите за членство со ЕУ се големи национални, државни успеси на кои многу сум горд. Успеавме да ја обезбедиме иднината на државата, сигурноста, безбедноста, перспективи отворивме за младите. Најважно, успеавме тоа да го постигнеме а да го сочуваме македонскиот национален идентитет. Македонскиот јазик е признаен од цел свет, влезен во личната карта на ОН. Од заробена држава за само 2,5 години станавме „светол пример“ во регионот.

Оттука, мислам дека веќе секому му е јасно дека Договорот е добар и во интерес на граѓаните, на државата. Тоа беше тежок но неопходен компромис за наша посигурна иднина и просперитет.  Целиот свет го поздрави овој Договор, го посочи како рецепт за доаѓање до решение од обостран интерес на двете страни од вакви децениски спорови. Само ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го оспорува. Мотивот се знае, причината за тоа е тоа што тие не можат да се помират со напредокот на државата и историскиот успех кој го постигнавме.

ФОКУС: Чудните бугарски „добрососедски изливи“ го достигнаа врвот со изјавата на Бугарија приложена до Европскиот совет кога се постигна согласност нашата земја да почне преговори за членство во ЕУ. Меѓу другото, се бара откажување од македонскиот јазик, односно во ЕУ да се користи „службен јазик на Република Северна Македонија“. Се согласувате ли со ставот на претседателот Стево Пендаровски дека „Ако цената е да не бидеме Македонци и јазикот што го зборуваме да не биде македонски јазик, тогаш не ни треба ЕУ“?

ЗАЕВ: Веќе споменав дека нашиот македонски јазик е реалност, признаен и прифатен од целиот свет. Самиот Договор со Бугарија е потпишан на официјалниот јазик на нашата држава, на македонски јазик. Така што, какво било дебатирање на оваа тема мислам дека е непотребно. Ние сакаме да влеземе во ЕУ како што влеговме и во НАТО – како Македонци кои говорат македонски јазик. Таа цел е остварлива доколку настапиме сите мудро и одговорно. Договорот што го потпишавме со Бугарија дава доволно механизми за решавање на отворените прашања и разликите во погледите кон одредени историски настани и личности. Но, нашиот јазик не може да биде под знак прашање.

ФОКУС: Бугарскиот премиер Бојко Борисов, во Скопје на 1 август 2019 година, на двегодишнината на Договорот, изјави дека не би сакал да мисли дека е можно Бугарија да нѐ блокира. И уште нагласи: „Ќе ни се смее цела ЕУ ако стигнеме дотаму Бугарија да ја блокира Македонија“. Па, ќе им се смее ли ЕУ? Дали сте се слушнале со Борисов?

ЗАЕВ: Со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов имам нормална комуникација. Сметам дека пријателството и добрата соработка меѓу двете земји се должи и на одговорноста на политичарите во двете земји. Борисов и соседна Бугарија се силни поддржувачи на нашата татковина, особено во евро интеграцискиот пат и сметам дека тоа така и ќе остане. Не сакам да верувам во негативни сценарија, дека некој ќе ја блокира нашата интеграција во ЕУ, јас сум оптимист бидејќи пријателството не оди заедно со блокади. Секако, не треба да занемаруваме ништо и треба да сме подготвени за дијалог.

СДСМ ИЗГРАДИ НАЈСИЛЕН КОАЛИЦИСКИ КАПАЦИТЕТ

ФОКУС: Посебните правила за гласање поради пандемијата се очекува да ја намали излезноста на изборите. Кој процент на излезност сметате дека е реален и колку гласови очекувате да освои Вашата коалиција „Можеме“ со Беса?

ЗАЕВ: Важно е изборите да се случат кога е најмал ризикот за здравјето на граѓаните, тоа е јуни, пред летото. Нашите институции покажаа сериозен капацитет за справување со корона вирусот и ќе ги заштитат граѓаните и на денот на изборите. Гласањето ќе биде 100 отсто безбедно. Ако може да одиме секој ден заштитени во маркет, со маски, со дезинфекција во секој јавен објект – тогаш истото ќе го направиме во тие 2-3 минути на гласачкото место. Зошто? Бидејќи ни требаат функционални институции. Оттука, очекувам солидна излезност. Верувам дека сето она што за целиот овој период го покажавме како Влада ќе биде вреднувано од мнозинството граѓани и дека коалицијата „Можеме“ ќе оствари победа со сериозна предност пред коалицијата од ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС: И Вие и Мицкоски тврдите дека ќе победат вашите партии на следниве избори, поткрепувајќи го тоа со наводно водство на анкетите на СДСМ односно ВМРО-ДПМНЕ. Арно ама, само еден од вас може да ја зборува вистината. Грубо речено, кој лаже?

ЗАЕВ: Да имаше Мицкоски барем еден процент предност, со денови немаше да се симнува од медиумите барајќи избори уште следната недела. Но, и тој знае дека неговите погубни политики, неговото неодговорно, незрело и несовесно однесување во време на ваква сериозна криза е препознаено од граѓаните. Затоа нема поддршка. Затоа прави сѐ да се обиде оваа неодржлива ситуација да продолжи, се обидува да ја втурна државата во уставна и политичка криза, само за да не се соочи со граѓаните на избори. Тоа е најдобар показател кој како стои на анкетите. СДСМ е фаворит. Тоа е реалната слика поткрепена со официјални податоци од реномирани агенциски куќи кои се бават со истражување на јавното мислење.

ФОКУС: Доколку изборниот резултат биде сличен како во 2016-та, само сега во полза на Вашата коалиција, а одлучувачки фактор кој ќе прави влада биде ДУИ, за кого ќе се определи Ахмети – за Вас и Мицкоски како мандатар?

ЗАЕВ: Промовирајќи го концептот едно општество за сите, однесувајќи се одговорно, чесно и принципиелно, СДСМ изгради најсилен коалициски капацитет од сите останати политички партии. Тоа ни дава за право да стапиме во коалиција со која било партија која ги дели нашите определби и вредности, што секако не е случај со ВМРО-ДПМНЕ која со својата неодговорност, надградена со лажен патриотизам се изолираше и се оддалечи и од граѓаните и од други политички субјекти. Од оваа перспектива се уште е многу рано за какви било постизборни коалиции. Да го почекаме денот на гласањето, ја почекаме волјата на избирачите, а потоа да видиме со кој и во каков сооднос СДСМ ќе го предводи новото парламентарно мнозинство и новата влада.

ОДГОВОРНОСТА НА ЧУЛЕВ Е ШТО НЕ ПРЕЗЕДЕ НИШТО

ФОКУС: Побаравте одговорност од министерот Наќе Чулев, меѓу другото, и затоа што полицијата не реагирала на црковниот собир во Струга, каде што мнозинството верници не ги почитуваа мерките за заштита од корона вирусот. Како ја замислувате полициската интервенција? Владата не ги стави верските заедници под  режим на забрана, а барате полиција да растера верски собир?

ЗАЕВ: Доколку постои волја постои и решение. Проблемот е што видовме дека немало намера воопшто да се преземе нешто. Секако дека никој не посакува ниту пак бара употреба на некаква сила, но видовме дека полицијата со непостапување дозволила прекршување на одредбите. Одговорноста на МВР и Чулев тука ја гледаме што не вложија никакви напори, што не успеаја, и не презедоа ништо. Опции или начини има, од разговор со организаторите, со црковните лица, со граѓаните, преку превенција па се до помош да се организира настан соодветно, а при тоа мерките да нема групни собири, да има дистанца и носење заштитна опрема да бидат целосно испочитувани.

БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ Е ПОРАЗ ЗА ПРАВДАТА

ФОКУС: Иако беше правосилно осуден, ем со државно обезбедување, при јавни шпекулации дека ќе избега особено затоа што и си ги повлекуваше парите од сметка, сепак Никола Груевски успеа да избега од државата. Зошто никој не понесе барем морална одговорност за ваквиот пропуст на нашите служби?

ЗАЕВ: Бегството на Груевски е пораз за правдата и пораз за институции кои во тоа време сѐ уште беа во процес на трансформација и професионализација. Јавноста со право очекува, очекувам и јас институциите да излезат со извештај и со лоцирана вина за овој пропуст. Никола Груевски е осуден криминалец и казната мора да ја одлежи в затвор.

КИЧЕЕЦ Е ЦЕЛОСНО ВО ФУНКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ

ФОКУС: Откако Боки 13 во судскиот процес Рекет изјави дека со Кичеец сте зборувале за местење избори во Охрид, а дека Кичеец имал своја паравојска“, експресно осамнаа снимени разговори во кои се слуша како Христијан Мицкоски се договара со Кичеец за изборите во 2019 година, што од ВМРО-ДПМНЕ ја оценија бомбата како петарда. Дали Кичеец е двоен играч, заеднички пријател Ваш и на Мицкоски?

ЗАЕВ: Зоран Милески Кичеец не бил мој пријател. Јавноста знае, верувам и вие новинарите многу добро знаете со која партија Кичеец постојано бил во корелација, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Ете, сите слушнавме, Мицкоски не само што се сретнал со Кичеец туку и директно договарал активности со него. Целосно во функција на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ. Дури и му се обраќа дека треба да комуницираат директно, а не преку Петко или Станко. Така што јасно е на чија воденица тече водата овде, Мицкоски не може да ги сокрие релациите што ги имал со Кичеец. Прашањето е зошто ја лажеше јавноста за оваа средба? Дали сакаше да ја сокрие релацијата со Кичеец, неговата улога во случајот Рекет или можеби неговата поврзаност со Орце Камчев?

ГОРДИ СМЕ ШТО ГО ИМАМЕ ФИЛИПЧЕ ВО СВОИТЕ РЕДОВИ

ФОКУС: Сите информации говорат дека рејтинг на министерот Венко Филипче во оваа здравствена криза е кренат бајаги високо. Ве загрижува ли неговата популарност бидејќи вообичаено е лидерот да е на врвот? Ќе биде ли Филипче дел од изборната кампања?

ЗАЕВ: Филипче е дел од СДСМ, ја предводи и партиската Комисија за здравство. Претходно беше вклучен во партиското функционирање поактивно, како дел од партиските тимови што учествуваа на трибини, на средби со граѓани, пред и воопшто да се појави корона вирусот. Секако, согласно неговите ангажмани како министер во најзначајниот сектор во овој период, тој целосно се посвети во менаџирање со македонското здравство откако се појави корона вирусот во нашата земја. Тоа се покажа за исправна наша заедничка одлука и затоа денеска може да кажеме дека македонското здравство навремено и добро реагираше и успешно се справи со корона вирусот. СДСМ се гордее што има личности како Венко Филипче во своите редови, професионалци кои се подготвени да го вложат својот целосен потенцијал во служба на граѓаните.

↧

(АРХИВА) Ако Латас биде осуден, ќе му биде одземена и викендичката од 317 квадрати во Зелениково!

June 25, 2020, 4:19 am
≫ Next: АРХИВА Зошто Верушевски го затвори казиното во Струга по упадот на МВР и УЈП?
≪ Previous: (АРХИВА-ИНТЕРВЈУ) Заев: Мицкоски е деструктивец, недозреан за мандатар, а премиер нема да биде
$
0
0

Текстот е обвјавен на 6 јуни 2019 година, во неделникот „Фокус“, во број 1235.

Пишува: Валентина ВУРМО

Новинарот Драган Павловиќ – Латас поседува викендичка во скопско Зелениково. Објектот е со големина од 317 квадратни метри, односно се состои од подрум, приземје и кат. Викендички на истата локација поседуваат и неговите двајца браќа, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ. Објектот на Срѓан е со големина од 130 квадратни метри, а на Звездан од 104 квадратни метри.

Овие детали за имотот на браќата Павловиќ јавноста ги дозна од случајот на СЈО, „Тревник“, според кој тројцата браќа викендичките почнале да ги градат на диво, без да добијат одобрение за градба, а дури подоцна, кога објектите биле во финална фаза, ја извадиле потребната документација.

Случајот е пред самиот крај, со закажани завршни зборови, по што ќе следува и првостепената пресуда. Во случај Латас и неговите браќа да бидат прогласени за виновни, освен изречените казни, можно е да останат и без своите викендички, вредни стотина илјади евра!

ОДБРАНАТА НА ЛАТАС СИ ДАДЕ АВТОГОЛ

Додека во СЈО ги прислушувале „бомбите“ наишле и на телефонски разговори на Латас со соговорници, кои им го привлекле вниманието.

Наслушнале дека уште во 2011 година почнал да гради викендичка, а одобрението за градба го добил дури на почетокот на 2013 година.

– Обвинетите Латас и Срѓан почнале да градат во јули 2011 година, а Звездан во ноември истата година. Во тој период ниту еден од обвинетите немал одобрение за градење. Потоа, тројцата обвинети во декември 2012 година до Општина Зелениково поднеле барање за издавање одобренија за градење за изградба на викенд-куќи. Во барањата и приложената документација го прикриле фактот дека градбата на објектите веќе била започната уште претходната 2011 година и дека била во напредната фаза, појаснуваат од СЈО.

Еден ден пред да ги добијат одобренијата за градење, односно на 23 јануари 2013 година, СЈО обезбедило сателитска снимка на која се забележуваат три поголеми градежни објекти, од кои на два се гледа и веќе изграден покрив.

Истата динамика на градење, според СЈО, се забележува од телефонските разговори, но и со извршените плаќања кон дел од компаниите од кои бил набавуван материјал.

– Доколку се спореди содржината на разговорите во кои се зборува за плаќање кон изведувачот и сумите на износите за кои се плаќало со датумите на извршените трансакции од сметката на обвинетиот Драган Павловиќ Латас, се потврдува автентичноста на содржината на незаконски прислушуваните разговори, рече во својот воведен збор обвинителката Елизабета Јосифовска.

До крајот на доказната постапка, обвинителката Јосифовска успеа да обезбеди дополнителни докази, кои во раце ѝ ги „ставија“ адвокатите на Латас.

Според законот, обвинителката немаше право да предлага нови докази, но бидејќи одбраната постојано дополнувала нови и нови докази, обвинителката го искористи законското право на реплика на нивните докази, со цел да ги оспори. Па, токму затоа обезбеди нови 33 „бомби“, кои ги открила по поднесувањето на обвинението, а обезбедила и дополнителни фактури од фирми.

Против новите докази веднаш скокнаа адвокатите Светлана Савиќ и Анита Бегова, кои приговараа дека обвинителката во оваа фаза на постапката нема такво право. Крајниот збор го имаше судијката Марија Клетничка, која дозволи доказите да се изведат. Тогаш адвокатките се заканија дека и тие со месеци ќе предлагаат нови и нови докази, со што постапката ќе се одолжува, коментирајќи дека требало да се води сметка за економичноста на постапката.

Повикан се најде и Латас, па и тој загрижен дека на овој начин постапката ќе се одолжувала, искоментира дека некој не водел сметка за судските трошоци, кои, како што рече, ги плаќал народот.

НОВИНАРОТ НАМЕСТИЛ ПОКРИВ, ПА ДОБИЛ ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА

Од новите „бомби“, покрај тоа како Латас ја уредил викендичката, односно дека секој плафон на првиот кат му е покриен со дрво, а и дека нарачал квалитетни прозорци, се слушна и како поставил покрив на викендичката во Зелениково, и тоа во 2012 година, со што се докажува тезата на СЈО дека градел пред да го добие одобрението за градба, во 2013 година.

Во април 2012 година, Латас разговара со соговорникот Христијан, за да се намести покривот. Се договараат за цената, а по неколку месеци, во ноември се слушаат повторно.

„Касните три месеци, зошто не се наредени ќерамидите, еве врне“, му вели Латас на соговорникот, при што се договараат неделата да почнат со работа.

Од другите разговори меѓу соговорниците се дознава дека покривот е наместен во декември.

Во септември 2012 година, Латас разговара со соговорникот Благоја, за фасадата на викендичката.

„За фасадата, дали ќе може пола да платиме, а пола да компензираме со реклама?“, прашува Латас.

Во истиот период Латас прави нарачка и за изолација на објектот, а во декември почнува монтирањето на прозорците.

Во разговор со својот брат Звездан, воден во август 2012 година, Латас нервозно коментира дека документите не се средени, и дека може да ги срушат. Истакнува дека набргу ќе има избори, па да ја средат работата навреме.

„…Ние немаме Одобрение за градба, еве идат избори, може да дојде некој да нѐ руши… Да ти го срамни со нула и после кој ќе биде крив“, нервозно вели Латас.

За средување на документацијата, двајцата браќа разговараат и во септември 2012 година. Истиот ден Латас разговара и со другиот брат, Срѓан.

„Прозорите кај мене се договорени… Ќе одам и денес во општина кај Дејан да видам што папири ќе треба“, му вели Срѓан на Латас.

Покрај „бомбите“, обвинителката Јосифовска презентираше и нови материјални докази, односно договори и фактури, за набавени материјали и изведени работи, од 2012 година, со кои, како што рече, ги побива доказите изведени од одбраната, кои приложиле фактури од 2013 година.

Адвокатката Светлана Савиќ, откако бомбите беа преслушани, истакна дека ги оспорува доказите, потенцирајќи дека СЈО немало право да доставува нови докази, а се повика и на начелното правно мислење на Врховниот суд, со кое се забранува користење на „бомбите“. Сепак, обвинителката ја потсети дека ова мислење не се однесува на предметите за кои обвиненијата биле поднесени до 30 јуни 2017 година.

ЛАТАС И БРАЌАТА ТВРДАТ ДЕКА СЕ НЕВИНИ

Латас и неговите браќа пред судот се изјаснија дека не се виновни. При давањето исказ, новинарот рече дека земјиштето во Зелениково, заедно со браќата, го купиле од четири семејства и таму планирале да градат викендички. Појасни дека ги поднеле сите потребни документи за пренамена на земјиштето за да можат да градат, а во два наврати поднеле барање за градба до општината, еднаш во март 2012 година, а потоа и во декември. Како што рече, платиле и комуналии, а добиле и имотни листови.

На прашањето на обвинителката, зошто во два наврати поднеле барања, тој одговори дека првиот пат не добиле одговор и дека градоначалникот му појаснил дека немале стручен кадар, па да се стрпеле. На прашањето, пак, дали со барањето за градба доставил и проект за градба, Латас рече дека не се сеќава, и дека тоа било одамна.

Тој во воведниот говор рече и дека шест месеци барале литература за вакви предмети и не успеале да најдат. Спомна случај „Цареви кули“, каде што обвинителството не покренало обвинение зашто немало записник од градежен инспектор.

Неговата адвокатка Бегова, пак, во воведниот говор рече дека нејзиниот клиент платил уредно комуналии за објектите, и тоа по повисока цена од 1 евро за квадратен метар. Во бомбите, според Бегова, има разговори на мајстори што работеле на објектите, а нема содржина за бесправно градење.

Според СЈО, пак, иако Латас и браќата граделе без одобрение за градба, сепак успеале дополнително да ги завршат сите процедури во Општина Зелениково, а потоа и во Агенцијата за катастар да се впишат како сопственици на викендичките. Како што неофицијално дознаваме, од обвинителството сакале да ги гонат и надлежните во овие институции, но делата веќе биле застарени.

Латас и неговите браќа се гонат за кривичното дело Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од три до осум години.

„Тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години“, пишува во Член 244-а, став 1.

Во став 6, пак, е предвидено дека нелегално изградениот објект ќе се одземе.

„Изградените недвижности се одземаат“, децидно предвидел законодавецот.

Според законските прописи, неопходен услов за почеток на легална изградба на објекти од втора категорија, во која припаѓаат и објектите за индивидуално домување и викенд-куќите, е постоење на одобрение за градење издадено од надлежен орган. Инвеститорот може да почне со изградба само врз основа на правосилно одобрение за градење, од што произлегува дека фазата на добивање на одобрение за градење претходи на почетокот на градбата.

Според изречената законска одредба од член 56 став 2 од Законот за градење, градбите и деловите од градби изградени без одобрение за градење се бесправни градби.

Дали викендичките на Латас и на неговите браќа ќе бидат прогласени за дивоградби, останува да се почека пресудата на Кривичниот суд. Дотогаш на обвинетите им е надвиснат стравот дека нивните куќи може да ги „лапне“ државата.

↧
Search

АРХИВА Зошто Верушевски го затвори казиното во Струга по упадот на МВР и УЈП?

June 29, 2020, 12:34 pm
≫ Next: АРХИВА Досие „ИНТЕРПРОМЕТ“: Како луѓе на Тачи презедоа компанија вредна над 15 милиони евра за џабалак?
≪ Previous: (АРХИВА) Ако Латас биде осуден, ќе му биде одземена и викендичката од 317 квадрати во Зелениково!
$
0
0

Текстот е објавен на 03 јуни 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1287

Синот на екс разузнавачот Зоран Верушевски – Александар Верушевски, кој беше посочен од страна на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека стои зад дел од снимките што се објавуваат на интернет, во изминатиов период влегол во бизнисот со градежништво и игри на среќа. Имено, тој лани ја основал градежната компанија „Корп Инженеринг“, која е регистрирана на иста адреса со „Генезис 2016“, каде што пред Верушевски сопственици биле двајца струшки бизнисмени. Исто така, тој ги поседува и фирмите „Кинг Еагле“ и „Сент Ѓорѓ“, преку кои отворил казино во Струга, но по инспекциска контрола на УЈП и МВР го раскинува договорот за изнајмување на ВЛТ апарати и го затвора објектот! Што поточно се случило?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека Александар Верушевски го снимал пред неколку години за време на ручек во Струмица одекна како своевидна бомба слична на оние што ги детонираше самиот Заев во рамки на проектот „Вистината за Македонија“, со оглед дека тајно го снимал синот на неговиот близок соработник Зоран Верушевски.

Додека јавноста сѐ уште бараше одговор на прашањето зошто Верушевски воопшто го снимал Заев и зошто дури по неколку години одлучил да објави дел од разговорите, како и дали тоа го прави на своја рака или, пак, во координација со неговиот татко, одекна друга „бомба“, ама овојпат од Белата палата.

Имено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека го познава Верушевски и притоа го опиша како „грижлив родител, посветен сопруг и голем патриот“, што изгледаше крајно збунувачки, ако се има  предвид дека екс-разузнавачот Верушевски стоеше зад операцијата за обелоденување на аферата со масовното прислушување, по што практично почна падот на децениската власт на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

Во однос на ваквите епитети на Мицкоски кон помладиот Верушевски, претпоставките одеа во две насоки – или тие биле израз на благодарност за објавувањето, па можеби и доставувањето на снимениот материјал, или, пак, биле во функција да се стимулира одреден раздор на релација Заев -фамилија Верушевски.

Како и да е, основното прашање е што му замерил Верушевски на Заев до таа мера да го нарече „јадник“, откако веќе разговорите допреа до пошироката публика? „Фокус“ открива дека причините за раздорот можеби барем делумно се од бизнис природа!

КАКО ДЕЛ ОД „БОМБИТЕ ЗАВРШИЈА КАЈ „НИКОЛА ТЕСЛА“

Според една од теориите што струјат во политичките кулоари, Александар Верушевски бил револтиран поради  тоа што бил таргет во предмет на обвинителството за нелегално објавување на дел од прислушувани разговори, заедно со поранешниот шеф на градската организација на СДСМ Љупчо Палевски – Палчо, кој, пак, целосно исчезна од македонската политичка сцена, откако беше уапсен во странство.

Веќе е познато дека Палески беше приведен на аеродром во Белград по барање од потерница од Хрватска. Како што изјави тогаш неговиот адвокат, Палевски патувал за Москва за да склучи деловен договор за испорака на котли за пелети, меѓутоа бил приведен заради обезбедување на присуство пред суд во Хрватска за долг од 2.500 евра во врска со испорака на произведен котел на пелети.

„Тој требало да се појави како странка, за која не е докажана вина – информираше неговиот адвокат Васко Стојков. Истиот тој Стојков, откако беа објавени разговорите меѓу Заев и Верушевски, преку фејсбук праша:„Кога ќе го објавите делот од истиот разговор за да слушниме дека Никола Груевски и Али Ахмети оделе кај Заев и барале амнестија за себе?“.

Дел од медиумите пишуваа дека токму Палчо стоел зад јутјуб-каналот Никола Тесла, каде што беа објавувани прислушувани разговори меѓу политичари, бизнисмени, новинари, откако сдсмовскиот лидер Заев веќе ги предаде материјали во СЈО. Иако повеќе од јасно беше дека овие разговори беа дел од истите материјали кои беа извлечени од МВР и предадени на Бихаќка, сепак, остана нејасно како успеале да завршат кај „Никола Тесла“?

Како што е познато, по наредба на СЈО, Палчо на средината на 2017 година беше уапсен, а истражителите од неговиот дом одзедоа компјутери и мобилни телефони. Арно ама, по само дваесетина часа поминати во полициска станица и четири часа во просториите на СЈО, тој беше пуштен на слобода. Но, неговиот престој на слобода заврши лани во септември, кога беше уапсен под мистериозни околности во странство.

АКЦИЈА ПРЕДВОДЕНА ОД СОВЕТНИК НА ЕКС МИНИСТЕРОТ?

Дека Љупчо Палевски и Александар Верушевски се во пријателски односи, потврди самиот Палевски, кога во март 2018 година објави заедничка фотографија во друштво со него, како и со новинарот Васко Ефтов. Притоа, Палчо за Верушевски јуниор напиша дека токму тој го направил Заев премиер со, како што рече, оружјето што му го дал в раце, алудирајќи, се разбира, на „бомбите“.

„Александар Верушевски, некој ќе го плука, некој ќе го фали, но, она што малку се знае, тоа дете, со алфа ромео турбо спорт 166, со цела УДБА на врат, самиот контра сите, го натовари Зајко со оружје, го направи човек. Од „сарадник“ премиер го стори“, напиша тогаш Палчо.

Инаку, поводот за оваа негова реакција беше еден настан што се случил неколку дена претходно. Односно, Палевски напиша дека Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи упаднале во казино во Струга во сопственост на Верушевски. Патем, тој спомена низа имиња кои, според него, стоеле за акцијата.

„Акцијата ја предводеше лично Даме Лозанкоски на Оливер (Спасовски) советникот, со логистика од УЈП организирана од Арменд Кадриески, лева рака на градоначалникот Рамиз Мерко. Операцијата ја смислиле директорот на УЈП Битола и неговата омилена помошничка. Ова е екипата за супер тајни работни акции, ова е екипата која бараше се, само жетони не“, напиша Палчо.

Паралелно со тоа, на јутјуб беше објавено 36-минутно видео од повеќе камери од казиното, од кое се гледа како инспектори на УЈП во придружба на припадници на МВР влегуваат во објектот, вршат инспекција и прават записник. Гоце Цветков, кој најверојатно бил вработен во казиното, напишал дека овластените лица се однесувале дрско, недолично и непристојно, иако, како што посочи, објектот работел со апарати од Државна видеолотарија, каде што удел има државата.

ПО УПАДОТ, РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВЛТ АПАРАТИ

Според информации што ги добивме од МВР, акцијата се спровела ноќта на 24 февруари 2018 година и траела цели 4 часа (22 до 02 часот), според план изготвен од охридската полиција, во содејство со службени лица од УЈП. Од таму посочуваат дека немало никакви проблеми од аспект на полицијата, но не можат да кажат дали даночните инспектори констатирале одредени неправилности.

И од УЈП не откриваат детали во врска со инспекциската контрола, бидејќи, како што велат од таму, „сите документи, информации, податоци или други факти за даночниот обврзник до кои дошле даночните службеници во даночна, прекршочна или судска постапка претставуваат даночна тајна“. Од Управата додаваат дека вакви податоци може да достават само за потребите на постапка која би се водела пред суд или друг државен орган.

Според Централниот регистар, Верушевски од 2010 година ја поседува компанијата „Сент Ѓорѓ Интернешнел“, која во април 2018 година ја менува основната дејност од трговија на мало во коцка и обложување. Како дел од компанијата функционираат две подружници, од кои едната е за угостителска дејност и носи назив „Муко“, според управителот Марко Мукоски. И, втората подружница се однесува за коцкање и обложување и носи назив „Кинг Еагле“, а управител е Верушевски.

Официјалните податоци со кои располагаме покажуваат дека тој во март 2018 година формирал уште една компанија која го носи називот на подружницата во рамки на „Сенр Ѓорѓ“. Станува збор за компанијата „Кинг Еагле Корпоратион“, која првично била регистрирана за „зачински, ароматини, лековити растенија за употреба во медицината“, или со други зборови – одгледување и производство на медицинска марихуана. Но, од март ланската 2019 година друштвото ја менува дејноста во коцкање и обложување.

Во првата половина на 2018 година, Верушевски учествува на повик за деловна соработка со Државна видеолотарија, во чии рамки склучил договор за видеолотариски терминали (ВЛТ), откако ги исполнил предвидените услови за регистрирана дејност, регулирано користење на деловниот простор, надмирување на јавните давачки итн. Меѓутоа, како што велат од видеолотарија, договорот бил раскинат на почетокот на минатата 2019 година, и тоа по негово лично барање. Моментално, нашите сознанија говорат дека објектот не работи.

ПРЕЗЕМЕНА КОМПАНИЈА ОД СТРУШКИ БИЗНИСМЕНИ

За цел тој период, и двете компании на Александар Верушевски не обезбедиле лиценца за приредување на игри на среќа. Од надлежното Министерството за финансии нѐ известија дека тие никогаш не поднеле барање за доделување дозвола. Сепак, упатените со кои разговаравме објаснуваат дека ваква дозвола не претставува елиминаторски услов за компанијата да може учествува во постапка за видеолотариски терминали.

Покрај тоа, Верушевски поседува уште 2 компании со седиште во Струга. Една од нив е градежната компанија „Корп Инженеринг“, формирана на самиот почеток на минатата 2019 година со основачки влог од 5.000 евра. Конкретно, оваа компанија е регистрирана за изградба на станбени и нестанбени згради, но се уште не прикажала одредена деловна и финансиска активност.

На иста адреса со „Корп Инжинеринг“ е регистрирана и „Генезис 2016“, која е во постапка на бришење од регистарот согласно член 552-а и 552-б од Законот за трговски друштва. Според овие законски одредби, бришење на правно лице настанува ако навреме не достави годишна сметка и финансиски извештаи за изминатата година.

За разлика од другите компании, „Генезис 2016“ не е формирана од Верушевски, туку тој станува сопственик и управител во втората половина на 2018 година. Претходно, сопственик на друштвото бил струшкиот бизнисмен Златко Шурдоски, кој своевремено бил и советник во Општина Струга од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, дел од оваа компанија бил и неговиот брат Жарко Шурдоски.

Што се однесува до браќата Шурдоски, тие се коосновачи на Здружението Меѓународен ден на витези „Св. Константин Големиот и Елена“, формирано во 2019 година. Згора на тоа, Жарко Шурдоски е косопственик и на „КП Македонија експорт“ заедно со Калин Бабушку и Петар Лазаров, кои се сопственици и на „КП Македонија Консалтинг“ (еден од нивните главни продукти е брендот „Мамас). Плус, Шурдоски заедно со Благоја Јаковчески ја поседува ИТ компанијата „Бизи-Груп“.

КООРДИНИРАНА ИЛИ СОЛО-ИГРА?

Врз основа на сето тоа, Верушевски имал сериозни бизнис-амбиции, штом формирал неколку компании, особено во секторот со игрите на среќа, каде што припаѓаат две од неговите фирми. Арно ама, неговите амбиции пропаднале, случајно или не, по контролата на УЈП и МВР во казиното во Струга. Веднаш потоа, пак, тој го раскинува договорот и со видеолотарија за ВЛТ апарати, така што сега неговата компанија постои само на хартија.

Во врска со тоа, Верушевски одлучи да не го изнесе својот став, но факт е дека контролата во казиното предизвика револт кај него, неговите соработници и пријатели, кои тоа јавно го манифестираа на социјалните мрежи. Дури, тие отворено обвинија дека зад операцијата стоел близок соработник на тогашниот министер, а сегашен технички премиер Спасовски. Она што останува како дилема, е дали и каква улога во сето тоа има Верушевски сениор?

Дел од неофицијалните информации одат во насока дека Верушевски е незадоволен поради тоа што извиси од сите кадровски комбинаторики. Прво се споменуваше како можен министер за внатрешни работи или директор на тајната полиција, но овие функции ги зазедоа токму Спасовски и Горан Николовски. Потоа, неговото име циркулираше и како можен технички премиер, но на крајот и тоа остана само во доменот на гласините.

Други информации, пак, одат во насока дека помладиот Верушевски делува целосно надвор од контрола на неговиот татко. Односно, тој бил револтиран поради тоа што тој и неговите компании биле мета на надлежните органи, бидејќи сметал дека многу сторил и жртвувал за да дојде Заев на власт. Наводно, постариот Верушевски се заложил во врвот на власта за неговиот син, ветувајќи дека нема, условно кажано, повеќе да прави проблеми.

Што ќе се испостави како точно, ќе покаже блиската иднина, кога ќе стане појасна сликата за овие испреплетени односи на политичка и семејна линија. Во меѓувреме, сите го чекаат моментот кога на интернет ќе осамнат нови снимани или прислушувани разговори, што е само прашање на време. Кога ќе се случи тоа, во голема мера зависи од факторот избори.


Испадите на синот го чинеа кариера таткото
АМНЕСТИЈА НА ПОМЛАДИОТ, ДИСКОЛАЦИЈА НА ПОСТАРИОТ ВЕРУШЕВСКИ

Александар Верушевски во минатото често беше во фокусот на јавноста поради проблемите со законот, што се одразуваше врз репутацијата и кариерата на неговиот татко Зоран Верушевски.

Имено, младиот Верушевски беше осудуван за обид за изнуда во едно струшко кафуле, а меѓу кривичните дела му се запишани и обид за убиство, газење човек со автомобил и носење пиштол.

Притоа, постариот Верушевски постојано повторуваше дека син му го местат структури во МВР и ги оспоруваше судските одлуки како неосновани, а за него лично велеше дека му се подготвува атентат од структурите што шверцуваат нафта, цигари и акцизна стока.

Тоа се случува во време кога тој е шеф на тајната полиција, функција на која беше назначен во 2002 година од страна на новата власт на СДСМ, бидејќи, како што многумина тврдеа, Бранко Црвенковски морал да му се оддолжи што своевремено ја обелодени аферата „Големото уво“.

Колку за потсетување, експремиерот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски директно го обвини Верушевски дека стои зад оваа афера, додека во една прилика дури рече дека лично Верушевски му пуштал компромитирачки снимки за други луѓе.

Сепак, по низата случувања со Александар Верушевски, тој беше осуден на двегодишна затворска казна, но Црвенковски, кој во меѓувреме стана претседател на државата, го амнестираше. Постариот Верушевски, пак, беше испратен на служба во амбасадата во Рим.


Инвестиција
ВЕРУШЕВСКИ КУПИЛ СТАН ВО ПАРК РЕЗИДЕНС ВРЕДЕН 165.000 ЕВРА

Поранешниот шеф на тајната полиција Зоран Верушевски, кој моментално му е советник на премиерот Зоран Заев и ја води партиската комисија на СДСМ за безбедност, купил стан од 140 квадратни метри во Скопје за над 160.000 евра.

Како што веќе објавивме, повикувајќи се на Службен весник (број 223), Верушевски и неговата сопруга подигнале кредит од Шпаркасе банка во износ од 165.500 евра, за што под хипотека бил ставен недвижен имот во рамки на комплекс во сопственост на „Имморект Македонија“ во сопственост на бизнисменот Енвер Малиќи, заменик-градоначалник на Скопје.

Според податоците од Катастарот на недвижности, Верушевски се јавува како носител на сопственост со имотен лист број 112853 на стан од 139 метри квадратни (плус 13) во комплекс кој се наоѓа на катастарска парцела со број 5106/2.

Всушност, станува збор за комплексот Парк Резиденс лоциран покрај реката Вардар, веднаш до Градскиот стадион, чија намена официјално не е станбено домување, туку е означена со Б5-1, која се однесува на хотелски комплекси.

Како главен инвеститор на овој објект се јавува токму „Имморекс“, која, според Централниот регистар, е формирана во 2004 година, чии сопственици се заменик-градоначалникот на Скопје Малиќи и германскиот државјанин Абдилгафар Рамадани.

↧

АРХИВА Досие „ИНТЕРПРОМЕТ“: Како луѓе на Тачи презедоа компанија вредна над 15 милиони евра за џабалак?

July 9, 2020, 5:23 am
≫ Next: АРХИВА Покрај тендерите, Нефи Усеини добил и државна концесија за период од 30 години!
≪ Previous: АРХИВА Зошто Верушевски го затвори казиното во Струга по упадот на МВР и УЈП?
$
0
0

Текстот е објавен на 13 март 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1275

Лидерот на ДПА Мендух Тачи деновиве е актуелен во јавноста како носител на пратеничката листа на ДПА во шестата изборна единица. Притоа, тој говори за низа политички случувања и настани од поновата македонска историја во кои бил директен или индиректен учесник, но досега ниту еднаш не се произнел во врска со приватизацијата на тетовски „Интерпромет“, која, како што неодамна пишувавме, е преземена од страна на мал број луѓе поврзани со Тачи, со помош на политичко влијание и пазарење. Имено, „Фокус“ обезбеди обемна документација и искази во насока дека тие, во време кога ДПА е на власт, стекнувале државни акции во спорни постапки за багателни цени.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Приватизацијата на некогашните индустриски и трговски гиганти со општествен капитал беше нужна појава со трансформацијата на политичкиот систем по распадот на федеративната Југославија и создавање независна македонска држава. Меѓутоа, без оглед на суровата реалност дека овој процес мораше да биде болен, од причина што поголем број од овие фирми беа превработени, неликвидни и неконкурентни на пазарот, сепак, остана општиот впечаток дека процесот можеше да се спроведе далеку пофер и поправедно.

Факт е дека приватизацијата не беше проблематична од формално-правен аспект, ама, исто така, факт е дека правилата и регулативите беа дефинирани во корист на мала група менаџeри, кои дојдоа во позиција да ги преземат фирмите што долги години биле градени од сите работници. На тој начин, дел од компаниите ги преживеаа промените, успешно се адаптираа на новото време, па дури и прераснаа во моќни империи. Меѓутоа, поголем број од фирмите згаснаа, а нивниот атрактивен имот беше раскрчмуван од страна на поединци.

Една од поспорните фази во овој процес беше сомнителното преземање на акциите што ги поседуваат вработените, во обидите да се дојде до таканаречениот мнозински, контролен или управувачки пакет. Имено, политичката поддршка што ја уживаа некогашните директори, но и моќници однадвор, им овозможи да користат секакви средства при „убедувањето“ на работниците да ги продадат акциите. Во вакви услови на целосна безнадежност и неизвесност, тие, порано или подоцна, главно ги продаваа акциите за минорни суми.

Од таа гледна точка, случајот со тетовски „Интерпромет“ е типична ситуација на приватизирање и преземање компанија од страна на мал број луѓе блиски до одредена политичка структура, токму со помош на политичко влијание, притисоци и уцени. „Фокус“ обезбеди обемна документација и искази во врска со начинот на освојување на друштвото од страна на лица блиски до ДПА на Мендух Тачи, што се случува исклучиво во време кога партијата е на власт. Иако судот еднаш ја поништи продажбата на државни акции во друштвото, сепак, тие подоцна повторно завршуваат кај истата група, и тоа за сума далеку под нивната книговодствена и пазарна вредност.

СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА И ПРОДАЖБА НА ИМОТ

Од документацијата со која располагаме, произлегува дека на самиот почеток на 1996 година, владата носи решение за приватизација на „Интерпромет“, што всушност претставува согласност за отпочнување на процесот на трансформација на претпријатието според моделот – откуп на претпријатието. Но, оваа постапка запира подоцна во текот на истата година, поради отворање стечајна постапка. Тогаш, компанијата се наоѓа во контрадикторна ситуација, со оглед дека од една страна не може да наплати побарувања во износ од 4 милиони тогашни германски марки, но од друга страна не може да ги сервисира обврските по разни основи, пред сè за плати кон вработените.

И покрај тоа што, според нивно кажување, поголем дел од тогашното раководство на „Интерпромет“ било против, сепак, вработените бараат отворање стечајна постапка, за едноставно да ги добијат заостанатите плати. Патем, тие се договориле сите да бараат иста сума, без разлика на висината на платата што ја примал секој од нив. Така, судот отвора стечајна постапка за друштвото, чиј стечаен управник станува екс директорот Благоја Митушевски, под чија палка се продава дел од недвижниот имот, за да се обезбедат средства за покривање на неисплатените плати за вработените.

Според проценката извршена од архитектот Богосав Божиновски, „Интерпромет“ своевремено поседувал 18 објекти, чија вкупна површина изнесувала 35.436 квадратни метри, а нивната пазарна вредност надминувала 18 милиони евра. Всушност, пазарната вредност на имотот на друштвото е драстично поголем од неговата сметководствена вредност, која е претставена преку 70.000 акции со номинална вредност од 51 евро или вкупно 3.579.043 евра. Тоа значи дека кога се проценувала вредноста на друштвото, намерно или ненамерно, се утврдила непазарно ниска цена, веројатно со план и идеја да биде приватизирана за помалку пари.

Нејсе, најголема и највредна е стоковната куќа „Центар“ од 5.538 квадратни метри и 5 и пол милиони евра, по која следуваат магацинскиот простор „Матрез“ (3,3 милиони евра), стоковната куќа „Тетово“ (2,6 милиони евра) итн. Но, од цел имот на „Интерпромет“, за време на стечајот биле продадени мини стоковна куќа „Женска мода“ (милион евра), како и објектите „Златна кошута“ (250 илјади евра), „Пена“ (190 илјади евра), со што се расчистува со платите на вработените и на крајот на 1998 и почетокот на 1999 година тетовскиот суд носи решение за присилно порамнување и за затворање на стечајната постапка. Оттогаш до денес, друштвото поседува имот со површина од околу 30 илјади квадратни метри вреден над 15 милиони евра, кој неодамна се намали за околу илјада квадрати, откако еден од објектите го купи тетовскиот гигант „Ренова“ на Шефки и Аднан Идризи за нецел милион евра.

ПРОМЕНИ ВО СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА

Впрочем, стечајната постапка на „Интерпромет“ се затвора една година откако по парламентарните избори во 1998 година на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ предводено од Љубчо Георгиевски, кој формираше влада со ДПА. Извесен период подоцна, директор на тетовски „Интерпромет“ станува тогашниот функционер на ДПА Рауф Рамадани, кој за време на владеењето на ДПА беше полициски началник и вршеше други јавни функции, а неодамна беше приведен за поседување оружје. Токму во негово време почнува купопродажбата на акциите на тетовското друштво за стопанисување со деловен простор.

Дотогаш, официјалните податоци говорат дека во акционерската структура на „Интерпромет“ доминирала државата со 41 отсто од акциите, додека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување поседувал 7 отсто, а остатокот од 51 отсто бил распределен меѓу над 200 акционери, чиј број со текот на годините постепено се намалува, за денес да падне до бројката од околу 130. Но, во 2000 година, во сопственичката структура на друштвото за прв пат влегува Фадил Алили од тетовско село Порој, кој, според упатените, важи за близок до ДПА. Тоа го потврдува и неговиот фејсбук-профил, кој изобилува со содржини поврзани со Тачи и неговата партија.

Освен што Адили почнува да купува акции од помалите акционери, тој ги купул и оние 7 отсто од акциите на ПИОМ за сума од 100, тогашни германски марки, што се случува во време кога министер за труд и социјала е Бедреден Ибраими, кој, патем речено, е и акционер во „Интерпромет“. Како што е познато, Ибраими беше член на Државната изборна комисија од редовите на ДПА, поради што беше првостепено осуден заедно со партискиот лидер Тачи и ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков за изборни нерегуларности преку одлука во ДИК во еден од трите случаи на СЈО под кодното име „Титаник“. Сепак, апелацискиот суд ја укина пресудата и го врати предметот во повторно одлучување.

Набргу потоа, Адили ги купи и оние 41 отсто од акциите на државата за сума од 800.000 евра, и покрај тоа што нивната вредност се проценуваше на десеткратно повеќе. Она што е симптоматично во врска со оваа трансакција е тоа што Адили ги купил акциите откако беа ставени на продажба по четврти пат, откако првите три обиди да продажба на акциите завршиле неуспешно. Конкретно, тој ги купил акциите за сума која 70 отсто од нивната номинална вредност, меѓутоа подоцна се испостави дека не била спорна постигната цена на акциите, туку спроведената постапка.

ДИСКОНТНА ПРОДАЖБА НА АКЦИИТЕ

Во меѓувреме, претставници на „помалите“ акционери во „Интерпромет“ покренале судска постапка против продажбата на државниот акции извршена преку тогашната Агенција за приватизација, сметајќи дека продажбата е незаконска. Меѓутоа, тетовскиот основен суд во 2003 година пресудил дека нема ништо спорно во оваа трансакција, бидејќи таа се извршила согласно подзаконски акт – правилник, а ваквата пресуда ја потврдил и повисокиот апелациски суд. Затоа, јавниот обвинител побарал ревизија на пресудата на апелација од страна на Врховен суд, кој во 2005 година донел одлука со која ја поништува продажбата на државните акции!

Како точно се одвивала контроверзната продажба? Откако поминал рокот за автономна приватизација на друштвото, преку неговото откупување од страна на вработените согласно Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал поминал, Агенцијата за приватизација го презела процесот за трансформација на претпријатието. Во таа насока, Агенцијата ги известила акционерите дека донела одлука и изготвила програма за приватизација согласно моделот на идеален дел на претпријатието, односно по пат на продажба на идеален дел уддели/акции на заинтересиран купувач, по пат на јавен повик или непосредна спогодба.

Врз основа на тоа, според информациите со кои располагаме, веќе непостоечката Агенција за приватизација на почетокот на 2000 година (22.03) преку еден дневен весник објавила јавен повик за прибирање на понуди за продажба на државниот уддел во „Интерпромет“ од 41 отсто, по кој пристигнале 4 понуди на маса, но не е извршен избор. Набргу потоа, се објавува продажба по вторпат и се оддржува јавно наддавање (19.04), на кое најповолна понуда во конкуреција на уште еден понудувач доставил токму Алили,во износ од 5 милиони евра, што е за повеќе од 3 пати повеќе од номиналната вредност. Арно ама, во предвидениот рок од 30 дена тој не склучил договор со Агенцијата, по што Адили ја загубил кауцијата уплатена при постапката за јавно наддавање во вредност од над 4 милиони евра.

Откако овие 28.708 акции не биле продадени во оваа фаза, „Интерпромет“ ѝ ги префрлил акциите на Агенцијата за приватизација, која во истата година (27/28.09) донела одлука за продажба на акциите на првата следна сесија на Македонска берза по цена од 50 евра од акција. Арно ама, тогаш не се извршила продажба, бидејќи не пристигнала ниту една понуда, па директорот на Агенцијата го повлекол налогот по оваа цена. Кон крајот на годината (13.10), Агенцијата донела нова одлука за продажба на акциите, но овојпат по цена од 15 евра, или за 70 отсто помалку од нивната номинална вредност. Тогаш (16.10), акциите ги купува Алили.

ПОНИШТУВАЊЕ НА НЕЗАКОНСКАТА ПОСТАПКА

Оттука произлегува дека Фадил Алили, наместо да плати 5 милиони евра за 28.708 државни акции (41 отсто), колку што понудил по втората продажба која никогаш не се реализираше, тој ги стекна акциите за вкупно 430.000 евра, иако нивната номинална вредност изнесувала 1.435.400 евра. Сепак, оваа продажба е поништена од страна на Врховниот суд, кој сметал дека е извршена спротивно на законите што ја уредуваат оваа сфера, меѓу кои се Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (Член 32 и Член 95) и Законот за парнична постапка (Член 351, Член 340).  Што се однесува до политичкиот контекст, треба да се посочи дека оваа судска одлука доаѓа во 2005 година, кога СДСМ беше на власт заедно со ДУИ, а ДПА беше длабоко во опозиција.

Инаку, на средината на 2004 година, Јавниот обвинител пред Врховниот суд покренал барање за заштита на законитоста против пресудите на Основниот суд во Тетово и на Апелацискиот суд во Скопје, кои претходно пресудуваат дека продажбата на државните акции во „Интерпромет“ била во ред. Притоа, тогашниот заменик-јавен обвинител на РМ, Клео Бубевска навела дека пониските судови сториле суштествени повреди на парничната постапка и погрешна примена на материјалното право, поради што му предложила на највисокиот суд во рамки на судската хиерархија да ја укине правосилната пресуда.

Врз основа на тоа, Врховниот суд во 2005 година ја прогласува продажбата на државните акции на „Интерпромет“ за ништовна. Во образложението на ваквата пресуда се наведува дека пониските судови оцениле дека Агенцијата ја извршила продажбата на 41 отсто од акциите согласно владината Уредба за начинот и постапката за продажба, меѓутоа, како што наведува судот, овој подзаконски акт не може да го заобиколи Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, кој во членот 95 став 2 превидува на продажбата да и претходи соодветна јавна објава преку гласилата за информирање.

Како што оценил Врховниот суд, Агенцијата за приватизација, која ја водеше постапката за продажба на акциите, објавила јавна објава за првите 3 обиди за продажба, но тоа не го сторила пред четвртиот успешен обид, со што не било усполнето начелото за јавност при продажбата. Според судот, четвртиот успешен обид за продажба на акциите не е продолжение на претходната постапка, туку станува збор целосно нова одлука на агенцијата за продажба на акции, и тоа по драстично пониска цена. Врз основа на тоа, врховните судии заклучиле дека договорот за продажба на акциите е без правно дејство, бидејќи постапката се случила спротивно на законот.

НЕУСПЕШЕН ОБИД ЗА ПРОМЕНИ

Со тоа, Фадил Алили загуби 41 отсто од акциите во „Интерпромет“, каде што доминантен играч повторно стана државата, која подоцна му ги предаде повратените акциите на ПИОМ. Меѓутоа, Владата, односно Фондот, долги години одбиваше да назначи владин повереник кој ќе го води друштвото, така што извесен период и после пресудата на Врховниот суд за поништување на клучната продажба се уште го управуваше старата структура блиска до ДПА. Во тој период, екс лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски беше избран за претседател на државата, додека неговите места како лидер во СДСМ и премиер ги зазеде Владо Бучковски, кој во одреден период отвори дијалог со Тачи за надминување на тогашната политичка криза.

Дел од поранешните вработени во „Интерпромет“, кои сè уште се малцински акционери, потсетуваат дека во периодот при преминот од 2005 кон 2006 година ДПА го напушти парламентот, за по 9 месечен бојкот се врати во парламентот. Во меѓувреме, тогашниот премиер Бучковски оддржуваше одредена комуникација со Тачи (позната е фамозната средба на бензиската „Петрол компани“ на автопатот Скопје-Тетово), во чии рамки, според дел од вработените, сигурно се разговарало и за „Интерпромет“. Токму затоа, се сомневаат тие, владата не назначувала повереник, се до периодот кога се доближија парламентарните избори во 2006 година, кога за повереник беше назначен стручњакот Миодраг Ѓорѓески.

При ваква констелација на односите, кога доминантен акционер беше државата, додека „помалите“ акционери од редот на поранешните вработени беа групирани и поставени контра Алили, се оддржа годишно Собрание на акционери во јули 2006 година. На собранието не се прифати Извештајот за работа на раководството, што значеше дека тогашниот Управен и Надзорен одбор паѓаат. Во таква ситуација, луѓето блиски до тогашното раководство ја запленуваат документацијата и го саботираат собранието, по што законот предвидува во рок меѓу 8 и 15 дена да се изберат нови органи за управување и надзор.

Владиниот повереник Ѓорѓески во известување до ПИОМ до кое дојдовме наведува дека на седницата првично биле пуштени дел од помалите акционери-работници, но нему не му било дозволено да влезе, иако е овластен застапник на 41 отсто од акционерскиот капитал. Но, по инсистирање на Гордана Глигорова, Живко Андреевски и други акционери, тој бил пуштен активно да учествува во неговата работа, при што укажал дека не го прифаќа извештајот за работа на раководството за 2005 година поради тоа што бил незаконски (без наведени примања, бонуси на членови на УО и НО), како и поради континуираните загуби без да се понудат излезни решенија, со цел да се спречи, како што посочил, трендот на обезбвреднување на имотот.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА АКЦИОНЕРСКИОТ КАПИТАЛ

Така, извештајот не се усвои, претседавачот на собранието Ѓорѓи Димитров – адвокат кој претседава со овластување на највлијателниот акционерот Фадил Алили – и управителот на друштвото Рауф Рамадани, ја напуштаат седницата. Меѓутоа, пред да истече рокот од 15 дена за екипирање на нови органи, се формираше нова влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, кој за коалициски партнер ја зема ДПА. Веднаш потоа, повереникот Ѓорѓески беше променет од позицијата, а на негово место бил назначен просветниот работник Авдиљ Беџети.

При таквата разврска на настаните, стотина вработени и помали акционери на „Интерпромет“, кои долги години водат битка за превласт во друштвото, за влакно не успеаат да постават свое раководство додека политичката атмосфера одеше во нивна корист. Откако ДПА повторно дојде на власт во периодот од 2006 до 2008 година, процесите заземаа сосема друг правец. Односно, ПИОМ во 2007 оттуѓува околу 9.700 акции со номинална вредност од 485.000 евра, што значи дека Фондот продаде 14 отсто од акциите што ги поседуваше и остана да располага со 27 отсто. Поради ваквата одлука, Фондот беше мета на напади од засегнатите страни и експертската јавност дека свесно се откажува од статусот да биде мнозински акционер.

Според податоците што ги обезбедивме од Централниот депозитар на хартии од вредност, во периодот 2006-2008 година, Алили поседува 34 отсто од акциите, кои ги стекнал купувајќи ги оние 7 отсто од ПИОМ уште во 2000 година, додека остатокот од 27 отсто го купил од помалите акционери. Дотогаш, ПИОМ поседува 41 отсто од акциите, меѓутоа во септември 2007 година му ги продава споменатите 14 отсто од акциите на извесен Шериф Гафури. Па, тој се јавува како сопственик на овие акции заклучно со декември 2008 година, кога исчезнува од листата на акционери.

Паралелно со тоа, во списокот со акционери што поседуваат над 5 отсто од акциите во „Интерпромет“ влегува братот на лидерот на ДПА Мендух Тачи – Харун Тачи, кој тогаш поседува скоро 19 отсто од акциите. Очигледно, братот на лидерот на ДПА ги презел акциите од Гафури и дополнително откупил акции од помалите акционери. Во следните неколку години, тој малку по малку го зголемува бројот на акции, така што во 2017 година достигнува овој процент 23 отсто, кои се повеќе од доволно за да обезбедат мнозинство акционерската структура на друштвото заедно со оние 34 отсто што ги поседуваше Алили.

СТЕКНУВАЊЕ ЦЕЛОСНА КОНТРОЛА

Вака стојат работите сè до преминот од 2018 кон 2019 година, кога доминантиот индивидуален акционер Алили ги купува сите 27 отсто акции на ПИОМ, при што на извесен начин се повторува постапката од 2000 година. Во тој контекст, Фондот под управа на директорот од ДУИ на Шаип Зендели прво ги понудил на продажба сите над 18 илјади акции кон крајот на 2018 година по почетна цена од околу 50 евра по акција, но тогаш не се јавил ниту еден заинтересиран, па акциите повторно биле ставена на продажба во јануари минатата 2019 година. При повторената продажба, акциите ги купил Адили по цела од преполовена цена од 25 евра по акција, односно за вкупно 478.000 евра, што се случува откако ДПА стана дел од владата кон средината на 2018 година и ги поддржа уставните измени согласно Преспанскиот договор.

Како и да е, денес Алили самостојно контролира мнозински пакет во „Интерпромет“, имајќи предвид дека поседува 61 отсто од акциите, по што следува Харун Тачи со 23 отсто, додека останатите 16 отсто се распределени меѓу моментално 130 помали акционери, чие влијание моментално е минорно. Според податоците објавени од Македонска берза, во последните три години „Интерпромет“ бележи раст на приходите, а со тоа и на добивката, која во 2018 година изнесувала 67.000 евра. Сепак, 20 години наназад ниту еден акционер не добил дивиденда, бидејќи средствата одат за покривање на долгови.

Моментално, во управувачките органи на „Интерпромет“ има многу луѓе кои може да се доведат во корелација со ДПА. Во Управниот одбор членува некогашниот пратеник од оваа партија Билал Лутвии и советникот во општина Теарце од редовите на партијата Мехмет Мехмети. Своевремено, пак, дел од Надзорниот одбор биле некогашниот министер за економија од редовите на ДПА Бесник Фетаи, како и екс директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Идриз Цека. Порано, секретар на друштвото бил споменатиот Ибраими, кој воедно е и акционер заедно со други стотина лица, меѓу кои е и сопругата на Народниот правобранител Иџет Мемети.

Во последните неколку години, помалите акционери се обиделе да покренат нова судска постапка, наведувајќи дека деловен простор се продава и издава на сомнителен начин и им се дава на користење на подобни луѓе за багателни цени. Но, јавното и веќе непостоечкото Специјалното обвинителство ги одбило нивните барања, оценувајќи дека нема доволно елементи за преземање на надлежност и за покренување на кривична постапка. Исто така, не помогнале ниту бројните средби што акционерите ги оствариле со претставници на политичкиот врв, па засега Алили и Тачи можат мирно да ја водат тетовската компанија.

„Интерпромет“, ДПА и ПИОМ без одговор
КАКО СЕ СЛУЧИ ПРОМЕНАТА НА СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА?

За потребите на темата, упативме неколку прашања до компанијата „Интерпромет“,како и до политичката партија ДПА, поврзани со приватизацијата на друштвото, околу обвинувањата за незаконска промената во сопственичката структура,како и за релацијата на најголемиот акционер со ДПА и Мендух Тачи итн.

Меѓутоа, до затворањето на весникот не добивме никакви одговори.

Ниту од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не одговорија зошто одлучиле да ги продадат акциите во тетовското претпријатие, и тоа за двојно помала цела од номиналната, која и онака е далеку под пазарната вредност?


Пресуда, па помилување
ИВАНОВ ГО ПОМИЛУВАЛ ОСУДЕНИОТ АЛИЛИ ЗА ФИЗИЧКИ НАПАД

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов во 2013 година донел одлука за помилување на лицето Фадил Алили од тетовски Порој, со што тримесечната затворска казна му ја заменил со условна затворска казна од 2 години, доколку, се разбира, го повтори делото, објавено е на Службен весник.

Од претседателскиот кабинет ни појаснија дека станува збор за одлука за помилување на лице кое било првостепено осудено на 6 месеци затвор како второобвинето за физички напад, но подоцна од страна на повисоките судови била преполовена казната на 3 месеци.

На крајот, по барање на Министерството за правда, кое тогаш беше раководено од Блерим Беџети, експретседателот на државата донел одлука за помилување на лицето,чие име и презиме и место на живеење одговара на мнозинскиот акционер на „Интерпромет“.


Јаневски, Серафимовски, Елези – малцински акционери
НИЕДНА ИНСТИТУЦИЈА, НИТУ ПОЛИТИЧАР НЕ РЕАГИРА ЗА ГРАБЕЖОТ НА „ИНТЕРПРОМЕТ“

„Фокус“ разговараше со неколку претставници на стотина помали акционери во „Интерпромет“, чиј број денес е преполовен во однос на почетните години, поради тоа што, како што велат, многумина одлучија да ги продадат акциите и да се ослободат од притисоците.

Еден од нив е поранешниот претседател на Управниот одбор на „Интерпромет“, Иван Јаневски, кој вели дека во периодот од 2016 година досега реагирале кај Јавното обвинителство, Специјалното јавно обвинителство и кај Народниот правобранител, меѓутоа на ниту една адреса не наишле на позитивен епилог.

– Неодамна јас лично бев на средба кај тогашниот министер Зоран Шапуриќ, кому му ја раскажав приказната за грабежот на „Интерпромет“. Тој ме праша дали ние како акционери сме подготвени да ги купиме акциите што ги купија блиски на Тачи и јас му одговорив дека сме спремни да го направиме тоа на ист начин како и тие – со пари од „Интерпромет“ – раскажува Јаневски.

Поранешниот комерцијален директор на тетовското претпријатие, Благоја Серафимовски, пак, раскажува дека своевремено во врска со „Интерпромет“ оддржале средби со многу видни политичари, при што, според него, екс премиерот и претседател Бранко Црвенковски се заложил за правна разрешница на случајот.

– Со Црвенквоски се сретнавме во Лешок, по што иницираше да се покрене судска постапка постапка. Тој побара да се постапи исклучиво законски, и после тоа следуваше пресудата на Врховниот суд со кој се поништи првата продажба на акциите на ПИОМ. Сепак, после тоа дојде Бучковски и тој цела година не назначуваше владин повереник во „Интерпромет“ – вели тој.

Уште еден малцински акционер, Јусуф Елези, открива дека во однос на „Интерпромет“ разговарал со вицепремиерот Бујар Османи, кој, според него, му рекол дека за последната продажба на акциите од страна на ПИОМ ќе разговара со екс премиерот Зоран Заев.

– Бевме на средба и кај Заев. Беше коректен и рече дека не може да врши притисок, но вети дека ќе се обиде да побара барем да ни бидат вреднувани акциите како што треба. Ние тоа бараме, или да ни ги купат акциите по нормална цена или да ги вработиме нашите деца и внуци – истакна Елези.

↧
↧

АРХИВА Покрај тендерите, Нефи Усеини добил и државна концесија за период од 30 години!

July 11, 2020, 3:58 am
≫ Next: АРХИВА Групата на „самурајот“ Нинџа пикирало бизниси: Тендери за екстралесно, престрелка за железо
≪ Previous: АРХИВА Досие „ИНТЕРПРОМЕТ“: Како луѓе на Тачи презедоа компанија вредна над 15 милиони евра за џабалак?
$
0
0

Текстот е објавен на 4 октомври 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1252

Првиот човек на ДУИ во Охрид и член на општинскиот совет, Нефи Усеини, кој стана познат за пошироката јавноста поради дивоизградената тераса во рамки на неговиот ресторан „Луна“ и бетонска база покрај Охридското езеро, деновиве повторно е актуелен откако функционери на ВМРО-ДПМНЕ во еден објавен разговор говорат за четири згради кои биле дел од негов изборен договор. Неодамна, Фокус пишуваше дека Усеини долги години поседува градежна компанија што изгради дузина објекти во градот, а паралелно добиваше тендери од охридски јавни претпријатија. Но, тој на самиот крај на 2017 година формирал уште една фирма во партнерство со албански државјанин, која добила концесија за експлоатација на варовник во струшко Климештани за период од 30 години, при што компанијата била единствен учесник во постапката, отпочната нецела година по формирањето на друштвото…

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Нефи Усеини, охридски бизнисмен и локален функционер од редовите на албанската владејачка партија – ДУИ, за кусо време стана најексплоатирано име во јавноста, употребувајќи се како илустрација за локален моќник кој ги користи политичките релации за бизнис интереси, па дури и како насилник кој нема проблем да примени и физичка сила за да реши одредени проблеми, на професионална или лична основа, сеедно. Но, оправдано или не, охриѓанецот Нефи истовремено стана симбол за долгодишна градежна узурпација на градот познат како македонскиот Ерусалим, кој поради природните убавини и културното наследство е под капата на специјалната агенција на Обединетите нации за за образование, наука и култура – УНЕСКО.

Токму поради силувањето на Охрид, охридското крајбрежје и националниот парк Галичица, каде во минатите години преку ноќ беа подигнати илјадници нелегални градби, почнувајќи од куќи и надградби за индивидуално домување, завршувајќи до угостителски објекти – ресторани, хотели, УНЕСКО побара од македонските власти уривање на над илјада дивоградби, за градот да не биде ставен на листата на загрозено културно наследство. Меѓу евидентираните дивоградби беа и терасата на ресторанот на Усеини во непосредба близина на охридскиот Чинар, но и бетонската база што неодамна почна да ја гради на самиот брег на Охридското езеро, на имот на Исламската верска заедница. И едниот и другиот објект, според општина Охрид, немаат одобрение за градење, како и други потребни дозволи.

Во неколку настапи во медиумите, барем во оние каде одлучи да не одговара на прашањата лаконски и саркастично, Усеини порача дека не е против уривањето на дивоградбите, но тој воедно додаде дека кога веќе се урива треба да се уриваат сите дивоградби преку неселективен пристап. Откога започна овој процес, пак, охридскиот огранок на ДУИ, на чело со Усеини, повика на протест пред општината со образложение дека наместо да се рушат спорните дивоградби покрај езерото, се рушеле дел од џамијата и куќи за индивуално домување, на тој начин давајќи му етничка боја на процесот. Набргу потоа, Нефи се правдаше дека некој му го злоупотребил профилот.

Како и да е, во меѓувреме реагираше и Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, која побара јавните субјекти да не склучуваат договори со компанијата на Усеини, бидејќи, според Комисијата, тој како член на охридскиот совет не може да добива тендери, особено од јавни претпријатија кои се подредени на Општина Охрид. Покрај тоа што една од компаниите на Усеини во последниот период добила тендери од општинските претпријатија во вредност од над 200 илјади евра, „Фокус“ открива уште еден индикативен случај со можни законски импликации. Имено, друга компанија, каде Усеини се јавува како косопственик и управител, годинава добила државна концесија за експлоатација на варовник во селото Климештани на период од цели 30 години!

ТЕНДЕРИ ОД ОПШТИНСКИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА ОПШТИНСКИ СОВЕТНИК

Од Регистарот на концесионери што го води Министерството за економија, произлегува дека министерството, во име на владата, склучило 358 концесиски договори за експлоатација на минерални суровини, кои моментално се активни. Меѓутоа, еден ваков неодамна бил склучен со компанијата „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“, која, според податоците обезбедени од Централниот регистар, е основана на крајот на 2017 година (12.12.2017) со седиште во Охрид (ул.Гоце Делчев бр.10), чија основна дејност е вадење на чакал и песок. Патем, друштвото има двајца косопственици, при што едниот е албанскиот државјанин од Берат Албин Папа, а вториот е веќе споменатиот Усеини, кој воедно фигурира и како управител на компанијата.

Инаку, на истата адреса е лоцирано и седиштето на градежната компанија со назив „НЕФИ ИК ДООЕЛ“, каде Усеини е единствен сопственик, додека како управител се јавува Мирајет Усеини, член на неговото потесно семејство. Од формирањето во 2010 година досега, оваа компанија важи за една од најуспешните градежни фирми во Охрид, каде се јавува како изведувач на голем број станбени објекти. Во рамки на компанијата функционера и подружница што се однесува на ресторанот „Луна“, чија нова тераса всушност неодамна беше свечено пуштена во употреба со сечење црвена лента од страна на струшкиот градоначалник од редовите на ДУИ Рамиз Мерко, иако уште додека се градеше овој дел беше повеќе од јасно дека не се работи за урбана опрема, туку за дивоградба.

Според Бирото за јавни набавки, само по промената на локалната власт што се случи на локалните избори одржани во втората половина на 2017 година, постарата компанија на Усеини – „НЕФИ ИК ДООЕЛ“ до денес добила десетина тендери во вредност од околу 230.000 евра. Така, во конкуренција на сите договори за јавна набавка, предничат оние со охридското јавно комунално претпријатие, така што двете страни најголемиот договор го склучиле на средината на минатата 2018 година за набавка на услуги од градежна машина и возило за транспорт, чија вредност изнесува над 105.000 евра. Според известувањето за постапката, набавката била поделена на два лота, при што и двата дела ги добила компанијата на Усеини како единствен понудувач.

Понатаму, оваа компанија склучила договори и со други јавни претпријатија кои впрочем се основани и му полагаат сметка на Советот на Општина Охрид, чиј член е сопственикот на компанијата Усеини, а член на неговото семејство, пак, е управител на компанијата. Затоа, Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси побара општината и општинските претпријатија да не склучуваат нови договори со „НЕФИ ИК ДООЕЛ“ и да ги раскинат постоечките договори поради постоење судир на интереси. Законската поткрепа за оваа одлука лежи во член 52 од Законот за антикорупција, кој предвидува дека „правно лице чиј основач или сопственик било или е избрано или именувано лице или чиј основач или сопственик е или бил член на неговото семејство, не може да биде корисник на грант, заем односно финансиска поддршка од државата или од единица на локалната самоуправа“.

КОМПАНИЈА СЕ ФОРМИРАЛА НЕЦЕЛА ГОДИНА ПРЕД ДА ПОЧНЕ ПОСТАПКАТА

Од таа гледна точка, се поставува прашањето и за законитоста на концесијата што ја добила другата компанија на Усеини – „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“, која била единствен кандидат за оваа зделка со државата. Во одлуката за почнување на постапката за доделување на концесијата за експлоатација на минерална суровина – варовник на локалитетот Климештани на површина од 0,24996 квадратни километри, донесена од страна на владата и објавена во Службен весник на 02.10.2018 година, меѓу другото, се наведува дека целта на концесијата е „создавање на услови за рамномерно искористување на минералната суровина и создавање на услови за нејзина експлоатација“. Оттука произлегува дека постапката за концесијата била започната нецела година од формирањето на компанијата што ја добила.

Нецели два месеци подоцна, односно на 28.12.2018 година, пак, објавен е и јавниот повик за доделување на концесијата, во кој се пропишува дека право на учество имале сите домашни и странски лица и конзорциуми кои ќе ги исполнат пропишаните услови. Во тендерската документација, покрај останатото, стои дека заинтересираните страни треба да достават финансиски извештаи за периодот откога постојат, без дополнително да се бара компанијата да има повеќегодишно искуство, со тоа што единствено се барало правното лице да ги исплатило сите давачки по основ на даноци, придонеси и сл. Па, со оглед дека рокот за поднесување на понудите истекувал на 30.01.2019 година, „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“ имала една календарска година зад себе, во која, според годишната сметка, остварила приходи од 150.000 евра и речиси никакви расходи.

Сепак, како главен критериум за доделување на концесијата бил утврден највисокиот понуден концесиски надоместок, кој морало да биде макар ист или поголем од почетно предвидената цена. Арно ама, овој услов донекаде губи од својата смисла, од причина што во случајов, како што не информираа од надлежното Министерство за економија, само една компанија учествувала во постапката – „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“, чија понуда изнесувала 1.229.900 денари или 20.000 евра. Треба да се истакне дека овој надоместок се однесува само на учество во постапката, додека концесионерот плаќа дополнителен надоместок на годишно ниво заради користење на просторот и за експлоатација на суровината, кој, според официјалниот тарифник, изнесува 100.000 денари по квадратен километар, односно 3 отсто од минералната суровина.

На крајот, според информациите со кои располагаме, Владата претставувана од Министерството за економија и „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“ управувана од охридскиот советник Усеини, го склучиле концесискиот договор на 01.07.2019 година за период од 30 години, што значи дека тој е со времетраење до 2049 година, се разбира, доколку се почитуваат одредбите од концесискиот договор. Колку за информација, во Комисијата што ја спровела постапката членувале претставници од кабинетот на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како и од Министерството за финансии, земјоделство, транспорт и врски и животна средина. Сепак, сите членови се избираат на предлог на првиот човек на Министерството за економија кое фактички ја води целата постапка, Крешник Бектеши, кој е избран на оваа функција како кадар на ДУИ, чиј партиски функционер е и Усеини, косопственик и управител на концесионерот.

АНТИКОРУЦИОНЕРИТЕ ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВААТ СЛУЧАЈОТ

Поради ваквата поврзаност меѓу владата што ја доделува концесијата и министерството што ја води постапката, од една страна, и косопственикот и управителот на компанијата што ја добила концесијата, од друга страна, се обративме до Антикорупциската комисија, која, според членот 38 од Законот, „може да врши увид во документацијата за јавна набавка и за договори поврзани со остварување на профит склучени меѓу државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал со домашни или странски правни лица, како и сите дозволи, концесии и други одлуки со кои на правни лица им се признаваат права или повластици определени со закон или им се одземаат или ограничуваат таквите права или поволности“.

Како што не известија од Комисијата, го разгледуваат нашиот допис и дополнително ќе заземат став дали ќе постапуваат и ќе покренат постапка за концесијата. Но, од таму велат дека дефинитивно ќе постапуваат околу друг елемент поврзан со компанијата-концесионер за кој ги известивме од аспект на неспоивост на функции. Фактот што управителот на компанијата е истовремено и советник во Општина Охрид претставува кумулација на функции, така што Усеини мора да се откаже од советничката функција или пак да му го препушти управителското место во компанијата „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“ на друго лице, како што сторил со „НЕФИ ИК ДООЕЛ“.

За овој случај, „Фокус“ официјално се обрати до двете компании што се во сопственост на Усеини, но до затворањето на овој број од неделникот не добивме никаков одговор. Во една прилика, тој посочи дека е бизнисмен кој долги години напорно работи, уредно ги плаќа обврските кон државата и воедно обезбедува плати за 500 вработени. Арно ама, не споменува дека освен што ги плаќа долговите кон државата, исто така, добива и јавни средства преку тендерите и пристап до јавно добро преку концесиите, што во одредена мера е незаконско. Во крајна линија, тоа е апсолутно неетички, ако се има предвид неговата функција во локалниот совет и позиција на моќ што ја има како прв локален човек на владејачка партија.

Дека не се дивоградбите, незаконските тендери и спорната концесија единствени причини што го привлекуваат вниманието на јавноста, покажуваат сознанијата од официјалниот регистар на судски пресуди, според кои Усеини бил дел од десетина судски процеси, најчесто како обвинет. Во таа насока, бил гонет од обвинителството и по иницијатива на приватни лица за нарушување на јавен ред и мир, за напад врз службено лице, за бесправно градење и за други кривични дела, но во најголем дел тој бил ослободуван од вина и од охридскиот првостепен суд, но и од апелацискиот суд во Битола, надлежен за тоа подрачје. Кога сето тоа ќе се собере, повеќе од јасно е дека целата прашина што се крева околу Усеини не е за џабе.


Нефи Усеини, локален функционер и бизнисмен
СИТЕ ПИШУВААТ ЗА МЕНЕ, НЕКА ЗЕМАТ СТАВ ЗА КРИМИНАЛОТ СО ЈАНЕВА И ДРУГИ РЕКЕТИ!

Ако се рушат дивоградбите за кои има решенија пред 10 години, нека одат по датуми, изјави неодамна Нефи Усеини, уверувајќи дека неговите објекти не се дивоградби.

– Да биде правда за сите. Да застанеме со овие медиуми, со овие лажни вести, со овие лажни медиуми, кои пишуваат само – Нефи, Нефи. Нефи си работи од 5 наутро, до 4 навечер, со два саати спиење за да му помогне на народот и 500 вработени кои работат кај мене. Сите што зборуваат, немаат еден вработен, ниту платено еден придонес кон државата. Ова е политичка хајка и замолувам да сопрат. Нека не удираат по мене што работам до четири или два навечер и во градежништвото и во ресторанот, нека земат став за криминалот кои тие го прават со Катица Јанева и други рекети. Нека не се покриваат со мојата тераса. Нека медиумите ги видат нивните криминали, рече Усеини.

Тој додаде дека предизборно имал договор со локалните функционери на СДСМ за вработувања во јавните претпријатија и истовремено негира дека се однесувал насилно и непристојно кон сограѓани и службени лица.

↧

АРХИВА Групата на „самурајот“ Нинџа пикирало бизниси: Тендери за екстралесно, престрелка за железо

July 25, 2020, 12:28 pm
≫ Next: АРХИВА Фудбалот тоне, а другарчето на Груевски ја молзе касата на Федерацијата
≪ Previous: АРХИВА Покрај тендерите, Нефи Усеини добил и државна концесија за период од 30 години!
$
0
0

Текстот е објавен на 17 јуни 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1289

Александар Василевски-Нинџа за крвавите инциденти во парламентот откри дека во организацијата на настанот биле вклучени многумина високи државни функционери, но тој на врвот на пирамидата не го стави двоецот Никола Груевски-Сашо Мијалков, кои долги години беа најмоќни луѓе во државата. Врз основа на официјални податоци од надлежните институции, Фокус неодамна пишуваше дека Нинџа и неговиот пријател Никола Митревски-Кољо биле осудени за неколку кривични дела, вклучително и за престрелка поради „нарушени односи во врска со експлоатацијата на отпадно железо“. Воедно, двајцата биле и се дел од приватни компании, од кои едната во периодот 2012-2013 добила тендери за испорака на екстралесно гориво во вкупна вредност од 1.2 милиони евра.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една од најважните постапки за испорачување правда во поновата македонска историја е судењето за крвавите настани во парламентот на 27 април. Освен преку материјални докази, одговорноста во овој случај се лоцираше и со помош на искази на неколку инволвирани лица кои одлучија да проговорат, меѓу кои е и Александар Василевски – Нинџа, чие контроверзно минато претставува основа да се спори неговиот кредибилитет.

Дали неговото сведочење може да се смета за вистинито, односно дали тој ја открива целата вистина за настанот, или само дел од вистината? Кој е Нинџа, каков е неговиот минат труд и работен опус и која била неговата улога на „крвавиот четврток“?

НАБАВКА НА МАСКИ

Првично, за инцидентите во парламентот беа обвинети триесетина лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓутоа, половина од нив, меѓу кои Крсто Мукоски и други пратеници, беа амнестирани од страна на парламентот, поради потребата од двотретинско мнозинство за уставните измени согласно Преспанскиот договор. Сите други, пак, со исклучок на Игор Дурловски, добија осудителни пресуди, при што највисока казна од 18 години заработи екс министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

Меѓу првостепено осудените беше и Александар Василевски-Нинџа, кој доби затворска казна од 8 години, што беше најмала казна доколку се изземе 7-годишната затворска за Абдулфета Алими. Со оглед на тежината на одговорноста за која обвинителството го товареше Нинџа, тој доби исклучително ниска пресуда, особено ако се има предвид дека зад решетки ќе помине помалку време во споредба со тие што дејствувале по негова наредба. Оттука, сосема јасно е дека благата казна е резултат на неговата кооперативност.

Како и да е, во обвинението се наведува дека Василевски заедно со неговиот пријател Никола Митревски – Кољо, водачите на таканаречените патриотски здруженија Горан Ангеловски – Ќосето, Игор Југ и други, на критичниот ден биле собрани во кафулето „Дион“ на кејот на Вардар. Токму таму, според обвинителството, им биле поделени фантомки на дел од лицата кои потоа влегоа во собранието и нападнаа пратеници. Односно, набавката на шеесетина фантомки во два наврати од „Камуфлаж“ ја извршител Стефан Младеновски – Кобра.

Според сведочењето на Кобра, пак, тој дејствувал како дел од 20-члена група на Нинџа. Ако му се верува на тоа што го кажал на суд, тој дознал дека ќе има упад во парламентот уште во февруари, кога заедно со неговиот брат Михаил Младеновски биле повикани од Нинџа на средба, на која имало и претставници на безбедносните структури. На таа средба, рече тој, присуствувале пребегнатиот Никола Бошковски – Прскач, тогашен висок службеник во тајната полиција, кој наводно рекол дека државата е загрозена и треба да се одбрани.

ПУКАЊЕ И МОЛОТОВИ КОКТЕЛИ

Од сведочењето на Стефан Младеновски произлегува дека главен организатор на лицата што упаднаа во парламентот бил токму Нинџа, кој, пак, според него, дејствувал по насока од разузнавачот Бошковски-Прскач, како и тогашниот шеф на тајната полиција Владимир Атанасовски. За време на критичниот ден, Нинџа прво ја собрал својата група, а потоа ги контактирал и членовите на патриотските здруженија и на крајот преку Митревски-Кољо дал наредба да се изврши акцијата. Арно ама, Нинџа во ниту еден момент не влегува во Законодавниот дом.

Згора на тоа, Младеновски откри што се случувало откако оваа група излегла од Законодавниот дом. Според него, тие се упатиле кон Жена-парк, во непосредна близина на споменикот Прометеј, каде веќе чекал и Нинџа, но и Игор Југ, кој им се налутил на луѓето зошто го оставиле сам. Исто така, таму бил и извесен разузнавач Дејан Димовски – Боксер, кој пред присутните рекол да не се секираат, бидејќи претседателот Ѓорге Иванов ќе прогласел воена состојба, а војници веќе биле распоредени на патарините и кај Групчин. Сепак, тоа не се случи!

И неговиот брат Михаил Младеновски, поранешен секретар на сдсмовската младина, сведочеше во слична насока. Тој посочи дека во 2016 година се запознал со тогашниот директор на тајната полиција Атанасовски преку Нинџа во неговото кафуле Аристократ во скопската населба Автокоманда. Според Младеновски, Нинџа и Атанасовски се познавале и соработувале подолго време, но, според него, тие не биле во најдобри односи со Чавков, како и со уште еден висок полициски функционер – Горанчо Савевски.

На тој начин, Младеновски, кој неколкупати беше фотографиран во друштво на синот на Сашо Мијалков – Јордан Мијалков, обелодени дека протести и евентуален упад и напад на институција биле заговарани веднаш после изборите, кога ДИК одлучуваше за прегласување со неколку општини, што можеше да го промени изборниот резултат од корист на ВМРО во корист на СДСМ. Доколку ДИК донела неповолна одлука, според Младеновски, се спремал и напад со молотови коктели, кои биле скриени во паркот спроти зградата на Нова Македонија. Во секој случај, било одлучено да не се нападне ДИК, па набргу потоа стартуваат протестите формално иницирани од Дурловски, Борис Дамовски, Владо Јовановски.

ИНИЦИЈАЛНИОТ ПОВИК?

Но, пред да се случи сето тоа, Нинџа добил повик од државен телефон користен од страна на неговиот брат Благоја Василевски, кој во тоа време беше во Виена како дел до обезбедувањето на Никола Груевски. Иако обвинителството тврдеше дека тој повик всушност претставува наредба за напад на парламентот, сепак, телохранителот на Груевски пред судот изјави дека му се јавил на братот поради здравствени проблеми на член на семејството. Нинџа, пак, тврдеше дека Груевски никогаш не му дал наредба да дејствува, но истовремено откри дека централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ бил командантно-оперативен штаб.

– Кирил Божиновски и Спире Ристовски ги координираа протестите, им даваа насоки на вработени во администрацијата, во градинките. Тие ги насочуваа демонстрантите да влезат насилно во зградата на ДИК и да ги исплашат членовите на ДИК за да не одлучат во корист на приговорите на СДСМ. ДИК ги отфрли преговорите на СДСМ. „27 април“ ќе се случеше порано ако ДИК одлучеше во корист на СДСМ – изјави Василевски пред судот, додавајќи дека 200 илјади евра им биле дадени на водачите на протестите – Дурловски, Дамовски и Илиевски.

Воедно, Нинџа истакна дека на 27 април влегол во штабот на ВМРО ДПМНЕ околу 18 часот, што коинцидира со времето кога, според сведочењето на Младеновски, рекол дека ќе оди да се види со сопругата. Во Белата палата, пак, Нинџа тврди дека ги сретнал споменатите Божиновски и Ристовски, но и Чавков, кој во тоа време бил недостапен за тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу. Исто така, Нинџа спомена дека таму била и поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришкоска, која постојано била на линија со Велјаноски.

– Бришковска беше разочарана што Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски не предизвикале инцидент во Собранието. Бришковска му даде насока на Трајко да се отворат вратите во Собранието. Горан Грујевски ми кажа да одам на терен и да известувам. Атанасовски се симна со мене. Околу 8.15 часот почна да дејствува полицијата. Горан ми рече ова не е на арно. Му се јавија и му рекоа дека под притисок на странски фактор воена состојба нема да има – рече Нинџа.

НИНЏАТА СТАНАЛ САМУРАЈ

Како Нинџа имал пристап до овие случувања? Според неговите зборови, тој бил соработник на тајната полиција со кодно име „самурај“, откако во 2015 година бил ангажиран од Горан Грујевски, кој му давал задачи да следи луѓе. Атанасовски, пак, му ветил вработување на неопределено време откако политички ќе се стабилизира ситуацијата, а за таа цел завршил и четврта година средно. Во меѓувреме, располагал со легитимација од УБК, пиштол марка „магнум“ и радиостаница, на која можел да ја слуша целата комуникација на сите полицајци низ Македонија.

Практично, Нинџа вели дека дошол во штабот на ВМРО-ДПМНЕ по повик на Мијалков, кој му рекол да дојде во „базата“. Арно ама, Нинџа се збунил, па наместо да отиде во хотелот „Мериот“, каде што всушност го повикал Мијалков, тој се упатил во партиското седиште. Кога пристигнал таму, тој засведочил какви дејства вршат Чавков, Јанакиески, Ристовски, Бришковска, меѓутоа тој тврди дека Мијалков немал врска со тие активности, иако потврдува дека двајцата имале релација и комуникација.

Во однос на прашањето дали од Мијалков добил наредба за акција, Нинџа вели дека не може да се сети, додека паралелно презентира најситни детали од разговори, атмосфера па дури и гардероба на други лица. Со тоа, Мијалков успева целосно да се извлече од овој предмет, додека сите преостанати судски процеси каде што е обвинет немаат никаков епилог. Ако се знае дека тој помогна за постигнување двотретинско мнозинство за промена на Уставот, логично се наметнува заклучокот дека на дело се спроведува парцијална амнестија, која, пак, резултира со селективна правда.

Во секој случај, она што се поставува како прашање е дали и сведочењето на Нинџа е дел од аранжманот на Мијалков, слично како што беше неговото сведочење во случајот „Ровер“, каде што поранешниот шеф на полицијата Љубе Бошкоски беше обвинет за убиството на Марјан Тушевски? Своевремено, Тушевски важел за идол на Нинџа, но, сепак, зад неговото сведочење дека Бошкоски е организатор на убиството се наѕираше политичка конструкција на тогашната власт, која сакаше да му го продолжи престојот на Љубе во затвор. Неофицијално, токму Мијалков бил главната поддршка на Нинџа.

КРИВИЧНИ ДЕЛА

Адвокатите на поранешните државни функционери кои станаа таргет по сведочењето на Младеновски, но дополнително беа изложени по исказите на Василевски, сметаат дека Нинџа се спогодил или сѐ уште се спогодува со обвинителството во пресрет на одлуката на апелација во однос на жалбите на првостепено осудените. Меѓу нив се наоѓа и Никола Митревски Кољо, кој заработи 15 години затвор, што е двојно повеќе од човекот чии наредби извршуваше. Поради тоа, Кољо на едно судско рочиште искоментира:

„Не барам да ми се укине притворот, бидејќи сам се пријавив и двата пати. За едно исто кривично дело, за еден шамар добив 12 месеци притвор, а други се амнестирани. На оваа пресуда некој да добие под минимумот, а некој повеќе. Ќе се жалам. Притвор 12 месеци ќе чекам и Апелација и Врховен не барам да ми го укинете притворот – рече Кољо, алудирајќи на неговиот очигледно веќе поранешен пријател Нинџа, кој доби казна од 8 години, што  е под законскиот минимум за вакво кривично дело.

За блискоста меѓу Нинџа и Кољо доволно говорат податоците дека двајцата биле гонети, обвинети, па и осудувани како заеднички вршат разни кривични дела. Во таа насока, скопскиот кривичен суд против нив во 2013 година донел осудителна пресуда за предизвикување општа опасност, која следната 2014 година станала правосилна, откако повисокиот апелациски суд одлучил да добијат по 2 години во затвор. Според пресудата, тие на плац каде што ископ вршела фирмата „Етер технолоџи“ испукале неколку куршуми кон работниците заради „нарушени односи во врска со експлоатацијата на отпадно железо“.

„Никола со своето ПМВ „фолксваген пасат“ го довезол Александар и двајцата излегле од возилото и се упатиле на подножјето од брегот со натрупана земја, каде што покрај багерот стоеле Неџбедин Ајдини , Кенан Липтов, Али Кривањева, Исмет Кадриев, Васе Цветановски и Ибраим Ајдини. Обвинетиот Александар им се обратил на оштетените упатувајќи им пцовки и закани да го напуштат местото каде што работеле, велејќи им дека истото не е нивно, па во еден момент го извадил пиштолот „пиетро беретта“ и испукал пет-шест куршуми кон оштетените, кои легнале на земја“, стои во пресудата.

ОДМАЗДНИЧКА АКЦИЈА

Исто така, судот на почетокот на 2013 година донел уште една пресуда за Василевски и Митревски во пакет, која овојпат се однесувала за нанесување тешка телесна повреда на добропознатиот Драганчо Стоименов, познат како Дацо Белски. Поради напад и повреда со огнено оружје, Нинџа и Кољо заработија 9, односно 6 месеци затвор. Со оглед дека пресудата станала правосилна на 30 мај, тие минале 5 месеци во притвор, што значи уште некој месец само одлежале во Идризово.

Инаку, Стоименов беше главен сведок во случајот „Детонатор“, во чии рамки тој со прст ги посочи шестемина обвинети Игор Горански, Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски, Јорданчо Михајлов и Симеон Михаилов како главни виновници за три обиди за негова ликвидација. На крајот, освен за обид за убиство, тие беа осудени за злосторничко здружување, измама, лихварство, недозволено држење оружје, непријавување и подготвување кривично дело…

Всушност, упатените велат дека овој случај претставува пресметка меѓу локални моќници за тоа кој ќе постигне превласт на улицата во Источна Македонија, претежно на територија од Кочани до Виница. Од една страна се осудените лица, од кои дел се сметаа за блиски до поранешниот телохранител на Груевски – Дејан Митревски – Урко, додека од спротивната страна беше групата на Дацо Белски, кој пак му беше телохранител на Мијалков. Битката ја доби Дацо Белски, кој сега се гони за обид за убиство на кочанецот Драган Здравев – Дач.

Што го поврзува Белски со Нинџа? Проблемот настанал кога Стоименов со уште неколку лица го киднапирале Влатко Пановски – Типе, кој му е братучед на Нинџа. Според пријавата на Типе до полицијата, тој бил затворен во стан неколку часа, каде Дацо Белски нишанел со пиштол кон него, од причина што негов пријател со иницијали З.М. , сметал дека Пановски бил дел од планот за негова ликвидација со пластичен експлозив. За кратко, тие го пуштаат Типе на слобода, но една недела подоцна Нинџа и Кољо го напаѓаат Стоименов…

ПЛАСТИЧЕН ЕКСПЛОЗИВ

Според нашите сознанија, лицето со иницијали З.М. од пријавата на Пановски е добропознатиот Зоран Милески – Кичеец, осуден на 3 години затвор во случајот „Рекет“. Во пријавата се споменуваат уште две лица, кои, според нашите информации, се луѓе познати како Пецо и Неџо. Сите тие во тој период се поврзуваа со „Ин Такси “, кое, пак, се поврзуваше со Мијалков. Како групација, тие тогаш беа заедно со Дацо Белски против кривично гонетите и подоцна осудени во случајот „Детонатор“, познати како „Борците“.

Но, познавачите посочуваат дека и Нинџа бил исклучително близок со Мијалков. Според нив, токму поранешниот шеф на тајната полиција му дал значење и го факторизирал на терен Нинџа, а тој, пак, вешто го користел грбот за да го гради и шири неговото влијание. Како што велат нашите соговорници, тој во разни ситуации застанувал во одбрана на Мијалков дури и од вербални критики, честопати порачувајќи дека не треба да се чепка „папата“.

Оттука, инцидентот меѓу Нинџа и Дацо Белски е повеќе во знак на демонстрација на моќ и престиж. Меѓутоа, како што велат упатените, тие двајца набргу ги закопале секирите и го затвориле кругот на одмазда. Паралелно со тоа, Нинџа и неговиот пријател Кољо безмалку се спасија и од кривичен прогон, бидејќи обвинителството, наместо за обид за убиство, ги гонеше за нанесување телесна повреда.

Оттогаш, работите драстично се променија. Нинџа и Кољо заглавија поради 27 април, при што Нинџа стана кооперативен и доби помала казна, што го налути Кољо. Дацо Белски, пак, влезе во нови неволји откако го нападна Здравев, по што прво беше по бегство, па се предаде на органите, па повторно избега. Во меѓувреме, пак, „папата“ одвреме-навреме се појавува на судски рочишта, а неговото поблиско семејство го шири бизнисот во разни гранки.

ПРИВАТЕН БИЗНИС

Но, во бизнис-секторот дејствуваа и Нинџа заедно со неговите пријатели. Според податоците од Централниот регистар, тој се јавува како сопственик на компанијата „Колосеум Коп Ржс“, формирана во 2013 година, каде што управител е Младен Додевски, кој доби 12 години затвор за насилството во парламентот. Оваа компанија во првата година од формирањето остварила приходи од 1,5 милиони денари, од кои скоро сите биле профит (расходите изнесувале незначителни 18 илјади денари), а во следната 2014 година направила приходи од 6,8 милиони денари, додека добивката изнесувала 3,8 милиони денари.

Инаку, седиштето на компанијата е на улицата Јани Лукаровски во скопска општина Гази Баба, поточно во населбата Автокоманда, каде се наоѓа и кафулето Аристократ. Како сопственик и управител на Аристократ, отворен во 2009 година, се јавува Живко Гапковски, кој воедно е управител и на истоименото правно лице „Аристократ“ со седиште во Штип, каде косопственици се извесен Мирослав Живковиќ и Нинџа. Оваа компанија е формирана во 2006 година со дејност за меѓународен друмски транспорт на патници.

Покрај Нинџа и Додевски, во реалниот сектор делува и Кољо, кој фигурира како сопственик на компанијата „Адмирал Оил“, чиј назив до 2012 година бил „Глобал Интернацонал“. Поточно, Кољо станува сопственик на компанијата во 2012 година, а управител во 2014 година, откако претходно на овие места биле други лица. Во рамки на компанијата, регистрирана во Автокоманда на домашна адреса на Кољо, функционира подружница „Адмирал-оил“ со седиште во струшкото село Мороишта, која има лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати од 2011 до 2021 година.

Според Бирото за јавни набавки, „Адмирал-оил“ во периодот 2012-2013 година склучила дваесетина договори за јавна набавка за испорака на екстралесно гориво во вкупна вредност од околу 75 милиони денари или 1.2 милиони евра. Патем, најголемиот тендер компанијата го добила од Царинската управа во износ 30 милиони денари. Случајно или не, во тоа време братот на Мијалков – Влатко Мијалков, формално беше советник во царината, а неформално беше шеф во сенка.

↧

АРХИВА Фудбалот тоне, а другарчето на Груевски ја молзе касата на Федерацијата

July 28, 2020, 2:18 pm
≫ Next: Идеолошки близнаци 2
≪ Previous: АРХИВА Групата на „самурајот“ Нинџа пикирало бизниси: Тендери за екстралесно, престрелка за железо
$
0
0

Текстот е објавен на 20 мај, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1076

Управата за финансиска полиција денеска поднесе кривична пријава против поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, и уште 10 физички и 14 правни лица поради проневера на 2,4 милиони евра од фудбалската каса. Откога Ѓорѓиоски дојде на оваа функција, Фокус пишуваше за неговите релации со екс премиерот Никола Груевски, за спорната процедура при неговиот избор за прв човек на ФФМ, за форсирањето на блиски луѓе во Федерацијата… Воедно, тој земаше плата од 250.000 денари, а истовремено беше поврзан со две компании, при што едната ја поседуваше заедно со турски државјани

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Фудбалот е убедливо најпопуларен планетарен спорт, околу кој се врти вниманието на целата светска јавност, особено кога се играат натпревари од најголемите европски лиги или, пак, кога се одржуваат континентални и интерконтинентални првенства. Освен што фудбалската игра претставува борба за престиж и доминација на големите клубови и држави, истовремено таа е голема бизнис-индустрија. Затоа, во и околу „најважната споредна работа во светот“, како што се опишува фудбалот, се вртат големи пари.

Во последниот период, кога на европско и светско ниво во фудбалскиот спорт има сѐ повеќе изненадувања, што покажува дека парите и не се единствениот пат до успехот, Македонија како репрезентација ги бележи историски најлошите резултати, а не е ништо поарно ниту на клупски план. Ако некогаш го заземаше пристојното 47. место на ранг-листата на ФИФА, денес македонската репрезентација е рангирана речиси трипати полошо – на 141-то место. Таа е најлошо пласирана репрезентација од сите на Балканот, во ист кош со полупрофесионални репрезентации и држави од таканаречениот трет свет.

ЧИСТЕЊЕ НА ПАТОТ ДО ВРВОТ

Токму во ваков незгоден период се случи смената во раководството на Фудбалската федерација на Македонија, чија основна задача и цел е да го регулира, но и афирмира фудбалскиот спорт. Откако долгогодишниот претседател Харалампие Хаџиристески одби неколку обиди и притисоци на фудбалски и бизнис-кругови блиски до врхушката на власт за негова смена, тој конечно попушти во 2012 година, кога во ФФМ дојде до мирно примопредавање на власта. Иако сите очекуваа дека негов наследник ќе биде Масар Омерагиќ, поради неговата блискост со Сашо Мијалков и Орце Камчев, сепак, на крајот челното место во фудбалската федерација го зазеде дотогашниот тренер на скопскиот клуб Вардар, Илчо Ѓорѓиоски, кој, случајно или не, е другар од детството на премиерот Никола Груевски.

Инаку, Омерагиќ беше долгогодишен жесток противник на Хаџиристески, но неговата најголема офанзива во 2009 година заврши неуспешно, од проста причина што не доби шанса да му се спротивстави во федерацијата, откако беше дисквалификуван со сомнителни технички пропусти. Арно ама, кога сопственикот на транспортната компанија „Руле турс“ доби шанса да ја постигне целта за која се бореше десетина години, во последен момент чудно се повлече од намерата да се кандидира за нов челник на фудбалската федерација, со објаснување дека неговата мисија е реализирана – детронизирање на Хаџиристески, и оти нема дополнителни мотиви.

А, дека најверојатно се работи за договор Хаџиристески доброволно да се повлече, а Омерагиќ да се откаже, за да му ослободат простор на Ѓорѓиоски, има доста индикатори. Прво, Драги Митковски, прв човек на компанијата за сметководствени услуги „Митковски ММ“, како и на фирмата која од неодамна стана сопственик на локални телевизии – „ДМТ продакшн“, дава оставка како член на Собранието на ОФС Скопје, со официјално образложение дека бил презафатен. И така, на неговото место е избран Ѓорѓиоски, врз основа на што има право да биде делегат на собранието на фудбалската федерација, односно да се кандидира за претседател. Притоа, вреди да се напомене дека Митковски и Ѓорѓиоски се познаници и пријатели од скопската населба Ѓорче Петров, каде, како што објаснуваат тие што ги познаваат, во детските денови другарувале и со Груевски.

Според многу обвинувања на опонентите на актуелната фудбалска власт, изборот на Ѓорѓиоски е фалсификат, бидејќи политичкиот диктат е направен надвор од пропишаната процедура. Еден од фудбалските работници кој се спротивстави на ваквиот избор е Љубомир Ѓурчевски, кој поднесе оставка од членството на Управниот одбор на ФФМ поради тоа што, своевремено објави тој, номинацијата на Ѓорѓиоски е задоцнета, без почитување на рокот да се кандидира 30 дена пред одржувањето на вонредното собрание за избор на нов челник на ФФМ. Сепак, од ФФМ сметаат дека изборот е направен во легална постапка, организирана од претходното раководство, што не била оспорена и од ФИФА и од УЕФА.

ПЛАТЕНА ФУНКЦИЈА И ПРИВАТЕН БИЗНИС

Всушност, по доброволното напуштање на позицијата и самиот Хаџиристески истакна дека Ѓорѓиоски е човек близок до владејачката гарнитура и ќе може да смета на разни бенефити и максимална поддршка од нејзина страна. Она што му беше нејасно на поранешниот челник на ФФМ е како федерацијата ќе ја води човек кој заработувал како тренер, со оглед дека оваа позиција е волонтерска? Меѓутоа, информациите говорат дека Ѓорѓиоски е првиот претседател на ФФМ што прима плата за извршување на оваа функција, а бил активен и во приватниот сектор.

Како што неодамна обелодени Драган Томовски, портпарол на иницијативата „Обединети за фудбалот“, која се јави како опозиција внатре во ФФМ контра актуелното раководство, Ѓорѓиоски зема плата од 250.000 денари месечно. Меѓутоа, Томовски смета дека оваа операција за првиот платен претседател на фудбалската федерација е изведена со усвојување на Правилник за организација во 2014 година, според кој, меѓудругото, „претседателот управува со имотот и раководи со административниот орган на ФФМ“. На тој начин, претседателот на мала врата доаѓа на врвот на административната хиерархиска пирамида, нетипично за здружение на граѓани.

Имено, неполни два месеца по изборот на Ѓорѓиоски за прв човек на ФФМ во 2012 година, Управниот одбор на ФФМ носи одлука со која се овластува генералниот секретар да склучи договор со претседателот на ФФМ за регулирање на неговиот статус, со цел, како што стои во образложението, зголемување на неговата ефикасност и независност. Со оглед дека претседателот ги потпишува и одлуките и актите донесени од овој орган, тој практично потпишал акт или одлука за самиот себеси да оствари паричен надомест. Но, две години подоцна тој го трансферира договорниот однос во работен однос, заснован на менаџерски договор, во што, според ФФМ, нема ништо спорно и проблематично, иако статутот предвидува договор за вработување само за генералниот секретар.

Непосредно откако се најавуваше неговата кандидатура за фудбалскиот врв, Ѓорѓиоски ја основа приватната компанија за трговија и услуги „ЗРД инженеринг“. Официјалните податоци велат дека таа е основана на 16 јуни 2012 година, еден месец пред неговиот официјален избор за прв човек на федерацијата како единствен кандидат. Освен него, како косопственици во компанијата фигурираат тројца турски државјани анонимни за македонската јавност – Зафир Думен, Исмаил Деримбаш и Мустафа Екши, од кои Екши се јавува како управител на компанијата основана со паричен влог од 5.000 евра.

Интересно е дека компанијата е избришана од Централниот регистар поради неисполнување на обврската за поднесување финансиски извештај за секоја календарска година. Фирмата не поднела финансиски извештаи три години едно подруго по основањето, што, покрај паричната казна, дошло до повлекување и одлука за бришење на фирмата како правен субјект. Од ФФМ велат дека оваа компанија никогаш немала деловна соработка со ФФМ, но останува да виси дилемата зошто не ја исполнувала законската обврска да поднесува финансиски извештаи?

ОПКРУЖУВАЊЕ СО БЛИСКИ ЛУЃЕ

Пред да ја преземе оваа функција, односно уште додека бил тренер на Вардар, првиот човек на ФФМ бил основач и управител на уште една компанија. Станува збор за друштвото за спортски дејности, промет и услуги „Голден њу старс“, основано на почетокот на 2011 година. Во моментов, според официјалните податоци од Централниот регистар, компанијата е во постапка на ликвидација, која се спроведува со одлука на основачот да ја затвори компанијата без притоа да има долгови кон побарувачи. Оттука, Ѓорѓиоски бил активен во приватниот сектор уште пред да го замени тренерското со претседателското столче во ФФМ.

Во меѓувреме, поточно во мај 2012 година, се основа фудбалскиот клуб со сличен назив – „Њу старс“, со иста адреса како и компанијата во ликвидација „Голден њу старс“, која фактички е домашната адреса на Ѓорѓиоски. Тој е еден од многуте основачи на клубот, меѓу кои има негови блиски пријатели и роднини, безмалку сите од Ѓорче Петров. Еден од нив, Сашо Русевски, кој е негов сосед на улицата Социјалистичка зора, за време на неговиот мандат станува шеф на одделот за логистика во рамките на секторот за поддршка на генералниот секретар.

Покрај него, уште неколку коосновачи на „Њу старс“ имаат врска со ФФМ. На пример, Благоја Милевски е тренер на младинската репрезентација на Македонија, откако претходно беше тренер на Вардар, исто како и претседателот на ФФМ, додека Ѕвонко Златановски е тренер на младинските категории во најрана возраст. Зоран Михајловски, пак, е делегат на натпреварите од македонското фудбалско првенство. Меѓу основачите на овој клуб има и луѓе во роднинска врска со Ѓорѓиоски, меѓу кои неговата сестра Стефанка Прасинова сосе нејзиниот сопруг Андреј Прасинов.

Патем речено, на почетокот на 2013 година, една година по изборот на Ѓорѓиоски за претседател на ФФМ, Прасинов, кој работи во Министерството за образование, ја формира приватната компанија за проектирање, инженеринг и дизајн „Идеа тек дизајн“. За разлика од веќе згаснатата компанија на првиот човек на ФФМ, компанијата на неговиот шура е сѐ уште активна. Финансиските извештаи поднесени до надлежните институции говорат оти во последните две заокружени години (2014 и 2015 година), фирмата правела само трошоци и не остварувала никакви приходи, па во двете години направила вкупна загуба од околу 400.000 денари!

Од фудбалската федерација велат дека немале допир ниту со оваа компанија на близок роднина на претседателот, туку, додаваат од таму, финансиското работење на федерацијата е отчетно и транспарентно како никогаш досега. Рака на срце, ФФМ кон средината на 2013 година јавно презентираше податоци од успешното финансиско работење за претходната 2012 година, кога беа зголемени приходите, главно од реклами, а долгот кон набавувачите беше преполовен. Оваа презентација ја изведе никој друг, туку Митковски, кој, нели, му отстапи простор на Ѓорѓиоски да стаса до врвот во ФФМ, ама очигледно дека неговата компанија се грижи за сметководството на федерацијата.

КОЛКУ ТЕЖИ ФФМ?

Бројките говорат дека во ФФМ се вртат големи пари, кои се привлечни, без разлика што станува збор за средства од надвор. Поточно, во 2014 година Федерацијата остварила приходи од речиси 7,5 милиони евра, од кои на крајот на годината, имајќи предвид дека трошоците достигнале 6,7 милиони евра, вишок останале солидни 623.000 евра. Во 2015 година, пак, се забележува мал пад на приходите, но и на трошоците, така што на крајот на годината вишок останува некаде под половина милион евра. А ФФМ вкупно тежи околу 8,5 милиони евра, колку што се проценува имотот, производите и средствата со кои располага.

Оттаму, јасно е од каде произлегува интересот за фудбалот. Не се работи само за влијание на процесите во фудбалскиот спорт, туку и за пристап и контрола на милионските средства кои федерацијата ги добива од меѓународните фудбалски организации. Во меѓувреме, репрезентативниот и клупскиот спорт во земјава, не само што стагнира, туку и назадува, пробивајќи негативни рекорди. Но, важно е дека фудбалската каса е полна!


Обединети за фудбалот
НЕЛЕГИТИМНОТО РАКОВОДСТВО ВО ФФМ ЈА ЗЛОУПОТРЕБУВА ФЕДЕРАЦИЈАТА

Иницијативата „Обединети за фудбалот“, составена од актуелни и поранешни реномирани фудбалски работници, меѓу кои и фудбалската легенда Дарко Панчев, потоа Илија Најдовски, Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски, Мирсад Јонуз, Бобан Бабунски, произлезе како реакција и контратежа на актуелното фудбалско раководство на чело со Илчо Ѓорѓиоски. Од таму сметаат дека самиот избор на Ѓорѓиоски е нелегитимен, бидејќи не била запазена процедурата, па оттука сѐ друго е незаконско. Според членовите на оваа иницијатива, актуелниот челник во ФФМ, по преземањето на функцијата, си доделил плата надвор од статутот, во федерацијата вработил блиски луѓе и почнал да соработува со внимателно селектирани компании. Затоа, тие бараат негово повлекување од оваа позиција.


Фудбалска федерација на Македонија
НЕМА НИШТО НЕЗАКОНСКО ВО ИЗБОРОТ И ОДЛУКИТЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

Нема ништо незаконско во изборот како и во одлуките на Илчо Ѓорѓиоски, тврдат од Фудбалската федерација на Македонија.

– Овие обвинувања доаѓаат луѓе од кои многумина 20 години во фудбалот ништо не направиле – велат од ФФМ.

Од таму додаваат дека Ѓорѓиоски не е единствен платен претседател на федерација.

– Многумина фудбалски челници се платени за извршување на оваа функција, но никој не ги прашува колку пари земаат, особено што не се платени со буџетски пари – нагласуваат од Федерацијата.

Од ФФМ посочуваат дека соработуваат со многу компании, од кои најголем дел се истите со кои соработувало и претходното раководство, но не со фирми каде што удел или блискост има претседателот на Федерацијата.


Протуѓер во „бомбите“ на Заев
ХАЏИРИСТЕСКИ СОСЕ ФАМИЛИЈАТА ВО ЕНДЕК

Една од „бомбите“ на опозицијата, која предизвика многу реакции, беше разговор, кој според СДСМ, го воделе шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески. Во него Протуѓер наводно изразува незадоволство што „мајмунот од Фудбалска федерација намерно не пушта карти за натпреварот, за да не се наполни стадионот“.

– Ако не објават до понеделник, кажи му дека тој, жената, децата, сите во ендек ќе ги најдат… Мајката да им ја е… јас нивна комунистичка… – му вели, според опозицискиот лидер Зоран Заев, Протуѓер на Јанакиески.

Хаџиристески претпостави дека станува збор за традиционалните гратис билети кои федерацијата ги доделувала за фудбалскиот натпревар Македонија – Ирска, кој се одигра на 4 јуни, ден на изборниот молк, односно еден ден пред парламентарните избори на 5 јуни 2011 година.

– Многу непријатно е да слушнете такво нешто. Дури и не ми се верува дека политичари може така да разговараат. Ако сето тоа е точно, тогаш е грозно. Спортот треба да биде настрана од политиката – изјави тогаш екс челникот на ФФМ, кој една година потоа му ја отстапи фотелјата на Ѓорѓиоски.

↧
Remove ADS
Viewing all 849 articles
Browse latest View live

Search

  • RSSing>>
  • Latest
  • Popular
  • Top Rated
  • Trending
© 2025 //www.rssing.com