Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all 849 articles
Browse latest View live

Жители на Кавадарци и Свети Николе се селеле во Центар само за да гласаат!

$
0
0

Текстот е објавен на 08.04.2016 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1070.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Локалните избори во 2013 година ги одбележа доминација на ВМРО-ДПМНЕ, која безмалку постигна апсолутна победа, освојувајќи ги градоначалниците и советите во речиси сите општини со македонско мнозинско население, што неминовно предизвика промени во тогашното опозициското водство – демисија на Бранко Црвенковски и крунисување на Зоран Заев во нов челник на СДСМ.

И покрај ваквата убедлива победа, Никола Груевски не можеше да биде комплетно среќен и задоволен, од проста причина што ниту со скудни сили и напори не успеа да ја освои локалната самоуправа која ја пикираа како главен трофеј – Центар. Токму тука лежеа и крупни лични и бизнис интереси, па поразот од Андреј Жерновски и даде горчлив вкус на победата на власта и истовремено исфрли искра надеж за тогаш декласираната опозиција.

УВОЗ НА ГЛАСАЧИ

Колку оваа општина била битна за „преродбата“ покажуваа и обидите власта постизборно да го прекрои мнозинството во општинскиот совет и така да му ги врзе рацете на градоначалникот од противничкиот табор. Арна ама, како што открија опозиционерите, не се повтори искуството од претходните избори, кога ВМРО-ДПМНЕ со двајцата советници од НСДП и ЛДП обезбеди превласт во советот, бидејќи овојпат советниците од „помалите“ партии останале имуни на притисоците и понудите за поткуп.

Дека владеачката партија со сите сили, средства и начини се потруди да победи и во централната општина во Скопје, покажаа и „бомбите“ кои открија како на денот на изборите се правел притисок врз општинската администрација да гласа во корист на кандидатот на власта Владимир Тодоровиќ, како се исклучувале лифтови на висококатници за физички да се отсечат дел од „неподобните“ од гласачките места. Но, јавноста разбра и како имало обид да се отвори избирачкиот материјал, со цел да се види кои гласачи може да бидат предмет на обработка за следниот изборен круг и при прегласувањето.

Истовремено, релевантните домашни и меѓународни организации што ги набљудуваа изборите нотираа оти операцијата за изборен фалсификат се готвела многу пред изборниот ден, кога се впишувале неприродно голем број гласачи на една адреса, при што тоа е правено на државни станови, но и на живеалишта на роднини на експонирани јавни функционери. Впрочем, станува збор за Македонци од Албанија, пред се од Пустец, кои, како што неодамна соопштија и од Специјалното јавно обвинителство, во организација на владеачките структури практично биле „увезувани“ за да го променат расположението на гласачкото тело во корист на владеачката партија.

Меѓутоа, освен што се носеле гласачи од странство, исто така, се преселувале и гласачи од една општина во друга во земјава, каде владеачката партија веројатно проценила дека има убедлива поддршка, па нејзината победа не би била загрозена доколку дел од жителите заминат онаму каде опозицијата е фаворит. Од друга страна , пак, индикативно е што не е забележана појава на помасовна преселба во спротивен правец – од општина каде владеачката партија загуби на последните избори во општина каде победи.

ПРЕСЕЛБА ОД КАВАДАРЦИ ВО ЦЕНТАР

Според податоците до кои дојде „Фокус“, жители на неколку градови од Македонија се селеле во општина Центар непосредно пред локалните избори во 2013 година, чиј прв круг се одржа на 24 март, а набргу по оддржувањето на вториот круг на 7 април се вратиле во матичните места. Треба да се има предвид дека во Центар имаше две прегласувања, така што изборите за градоначалник овде конечно завршија на 21 април.

Поточно, гласачите – гости добивале лични карти на адреса во Општина Центар во периодот на почетокот на февруари, додека ги поништувале документите за лична идентификација главно на почетокот на јуни, што е околу еден месец по изборите. Ако се разгледаат матичните броеви на овие луѓе, тогаш воочливо е дека се работи претежно за млади лица на возраст од околу 25 години, иако во помал број има граѓани и на возраст од триесетина години и повеќе. Дополнително, некои од нив имаат исти презимиња, што сугерира дека се во роднинска врска.

Инаку, најголем број од овие гласачи-преселници доаѓаат од Кавадарци, од каде ние имаме податоци дека барем триесетина граѓани дошле на гласање во Центар на изборите за локалната власт пред три години и набргу потоа се вратиле дома. Потоа, следува Свети Николе, со петнаесетина вакви „изборни туристи“ на пат кон Центар, се разбира со повратен билет. На крајот, доаѓа Прилеп и други градови кои важат за вмровски бастиони.

Во поткрепа на тоа, во овие општини ВМРО-ДПМНЕ извојува убедливи победи во неколку изборни циклуси во серија. Што се однесува до споменатите избори за локалната власт, вмровците добија градоначалник во Свети Николе и во Прилеп уште во првиот изборен круг, додека во Кавадарци победија во вториот изборен круг, ама како и да е, станува збор за убедлива победа. Не е ништо поинаку ниту со резултатите за општинските совети.

БРИШЕЊЕ НА СПОРНИТЕ

Неофицијалните информации говорат оти во рамките на Министерството за внатрешни работи во тек е постапка за поништување на личните карти на стотици лица, поради тоа што го добиле документот без претходно да им се издаде неопходното решение за живеалиште. Со други зборови, тие немале реална адреса на живеење, што значи дека немале ниту право на глас. Меѓу нив се наоѓаат гласачите од странство, но и гласачи од државава, кои добивале лична карта со адреса на друга општина, без да купат стан или да склучат договор за закуп, што е предуслов за добивање живеалиште. Секако, ова важи само за оние што се уште не се вратиле назад.

Експертите посочуваат дека процедурата за поништување на документите на овие спорни гласачи е многу сложена и трае предолго. Конкретно, согласно постоечките законски прописи, потребни се околу 20 дена за завршување на постапката на поништување на личната карта и живеалиштето, ама доколку граѓанинот потоа поведе управен спор, процедурата може да се пролонгира и на повеќе од една година. Тоа значи дека тие се уште ќе фигурираат во избирачкиот список и за претстојните парламентарни избори закажани за 5 јуни, под претпоставка дека нема повторно да се одложат.

Што опфаќа оваа постапка? Доколку МВР утврди дека постојат незаконитости при пријавувањето живеалиште, носи решение за поништување на живеалиштето, а потоа покренува постапка за поништување на личната карта, при што во рок од 7 дена треба да го достави решението до странката. Ако не успее да изврши лична достава, МВР прави достава по пошта и се остава рок од седум дена за одговор, па ако живеалиштето на граѓанинот е непознато, се огласува во два последователни броја од еден дневен весник и во Службен весник. Така се смета дека граѓанинот е уредно известен.

Понатаму, доколку граѓанинот не биде пронајден, МВР е должно да му додели законски застапник на кого му го доставува решението по што тече рокот за жалба од 15 дена. Ако не е поднесена жалба, МВР го прогласува решението за конечно и извршно, но ако граѓанинот е пронајден, тој има рок од 15 дена да поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која, пак, има рок од 60 дена да одлучи по жалбата. На крајот, граѓанинот има право во рок од 30 дена да поднесе тужба против одлуката на Комисијата пред Управниот суд, а по пресудата има право на жалба и до Вишиот управен суд.

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

Сепак, законската регулатива не предвидела рокови во кој граѓанинот има право да се жали од одлуката на судот, ниту рок во кој повисокиот суд мора да одлучи. Оттука, невладината МОСТ предложи измена на четири закони кои ја тангираат оваа материја (за лична карта, за живеалиште и престојувалиште, за општа управна постапка и за управните спорови), со што процедурата за бришење на сомнителните гласачи од избирачкиот список би се намалила на околу 70 дена, без тука да биде вкалкулирано времето кое претходно ќе и биде потребно на полицијата да ги изврши административните и теренските проверки на овие гласачи за да констатира дали може да се покрене постапка за поништување на живеалиштето и личната карта.

Всушност, од оваа организација посочуваат дека системска слабост претставува фактот што овие закони не дефинираат јасни и строги правила за проверка на живеалиштето, за поништување на личната карта, како и за жалбената постапка на странката, која, како што сега стојат работите, може да трае до недоглед. Затоа од таму предлагаат можност полицијата да ги утврдува податоците за пријавување живеалиште за време на постапката и по неа, но, имајќи ги предвид кусите изборни рокови, полицијата да може да ги поништува личните карти уште во текот на жалбениот рок. Во такви околности, личната карта е неважечка во рок од три дена, без разлика дали е предадена на надлежен орган, или не.

Плус, се предвидува упростување на постапката за известување на граѓаните со засилени обиди за достава на решението, по што странката се смета дека е уредно известена, макар и да тврди дека не го примила. Исто така, на овој начин би се скратиле и роковите на жалбената постапка, бидејќи тужба до управниот суд против управниот акт од надлежната државна комисија мора да се поднесе во рок од три дена, додека пресудата ќе се носи во рок од 7 дена од доставувањето на тужбата. Буквално истите рокови важат и за жалбата против пресудата до Вишиот управен суд.

Сето тоа драстично би ја поедноставило процедурата за бришење на спорните гласачи, меѓу кои се увезените гласачи од странство, но и преселниците од една во друга општина во рамките на државата. Освен што се работи за класична изборна измама, ова претставува и криминал од поголеми размери, со оглед дека овие гласачи добивале лични карти надвор од пропишаната процедура. Тоа оди само во прилог на впечатокот дека не се работи за случајност, туку за вешто смислена изборна измама.

Андреј Жерновски, градоначалник на Центар

ВЛАСТА ГО САКАШЕ ЦЕНТАР ПО СЕКОЈА ЦЕНА ПОРАДИ КРИМИНАЛОТ СО „СКОПЈЕ 2014“

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, презентирајќи го сетот прислушувани разговори меѓу прваците на власта кои открија валкани игри во битката за Центар на изборите пред 3 години, истакна дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ вршела силни притисоци врз гласачите а подоцна и врз советниците во општината.

„Човечињата за рака“ од Пустец, сите ние ги видовме, тие се најдоа и во Извештајот на ОБСЕ, ама последно и слушнавме, и тоа лично од Груевски и неговите соработници, колку важна улога имале овие донесени според нив „човечиња“ во општина Центар, која и на Груевски и на Мијалков и на целиот нивен тим им била најсветото нешто што може и мора да се добие, поради проектот Скопје 2014 тежок над половина милијарда евра – рече тогаш Жерновски на прес конференција.

Тој додаде дека еден од разговорите открива како на опозициски советник од „помал“ коалициски партнер му бил нуден поткуп во вид на легализација на дивоградба. Но тој, за среќа, не подлегнал на искушението.

Правец од преселба

САМО ОД СИГУРНИ КОН РИЗИЧНИ ОПШТИНИ

Во Кавадарци, Свети Николе и во другите општини чии жители непосредно пред изборите добивале лични карти со адреса од друга општина, за по изборите веднаш да се вратат во матичното место, ВМРО-ДПМНЕ извојува убедливи победи, покажуваат официјалните резултати од Државната изборна комисија, што само го зголемуваат сомнежот дека се е смислена операција.

ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалник во Кавадарци во вториот изборен круг, освојувајќи 56 отсто од гласовите, односно 13.084 гласови, наспроти опозицискиот кандидат кој доби 41 отсто од гласовите или 9.488 гласови. Владејачката партија освои убедливо мнозинство во општинскиот совет, како производ на 9.330 гласови, што е за 3.408 гласови повеќе од оние 6.922 на опозицијата што гравитираше околу СДСМ.

Во Свети Николе и Прилеп, пак, најголемата владејачка партија освои градоначалник уште во првиот изборен круг, поради тоа што нивниот кандидат ги освои гласовите на над половина од регистрираните избирачи. Поточно, нејзиниот кандидат во Свети Николе освои 60 отсто од гласовите, додека опозицијата само 23 отсто. Во Прилеп, пак, владеачкиот кандидат освои 58, а опозицискиот 38 отсто од гласовите. Ништо поразлично не е ниту во гласањето за општинските совети.

Интересно е тоа што не се забележува појава на помасовна преселба на граѓани од ниту една општина каде владеачката партија тесно победи или загуби на последните избори, како на пример од Струмица, каде што победи опозицијата, или, пак, од Битола, каде што власта победи потешко од очекуваното.


Груевски мора да биде дигнат на клоци од оние што го креваа на раменици!

$
0
0

Текстот е објавен на 11 јули 2010 во неделникот „Фокус“.

Пишува
Никола МЛАДЕНОВ

Мошне динамично е во регионот, кој и без тоа никогаш не страдал од досада. Еве, сосема неочекувано, без никаква најава, пред две недели во Софија осамна лично шефот на ЦИА. Посетата траела два дена, но, Леон Панета, заборавил, да се сретне со претседателот Прванов. На средбата, пак, кај премиерот Борисов, не присуствувал ниту неговиот бугарски колега од разузнавањето, кој е под ингеренциите на Прванов. Сите комплименти биле резервирани за Борисов, кој бил уверуван во решеноста на ЦИА, да направи се што треба за постигнување поголема безбедност за бугарскиот народ. Впрочем, такви биле и поздравите од Обама за Борисов!

Аналитичарите во Софија се особено фокусирани на изјавата на Панета, дека тој е шефот на ЦИА, а Борисов е лидерот на Бугарија. Во неа се чита директна порака за Прванов, но, многу позначајно, и индиректна порака до Москва, да знае кој е човекот на Вашингтон во Софија. Колку Путин да не помисли дека Американците со скрстени раце би гледале украинско сценарио и во Бугарија. Едноставно, Борисов доби јасна поддршка за неговата политика на намалување на енергетската блискост со Русија, спроведувана од неговиот претходник Станишев, која неминовно ги потхранува надежите на структурите околу Прванов и за политичко кокетирање со Кремљ!

Претходно, пак, кон Белград беше фрлен пробен балон за неговата подготвеност на разговори за евентуална поделба на Косово. Американски гео-стратези ја ставија и таа карта на маса, како можен излез од ќорсокакот на релацијата Србија – Косово. Се разбира, Тадиќ се уште го утврдува пазарот, арогантно изјавувајќи после посетата на Грција, дека неговата држава е, економски, културен и интелектуален центар, на овој дел од Балканот. Бездруго е охрабрен и од неодамнешната понуда на Турција до Белград, заедно со Анкара да биде клучниот гарант за стабилноста на регионот. Не треба човек да е особено бистар, за да сфати дека се наоѓаме пред договор за иднината на нашето опкружување во следните десет-петнаесет години!

Не случајно е српското отворање на сите прашања. Од Хрватска и Босна, преку Косово и Црна Гора, се до Македонија. Без оглед што нашите генијалци се прават наглуви, никој сериозен не ја занемарува последната ,несреќна, изјава на новиот ,умерен, поглавар на Српската црква, кој, практично, и нас не стави во истиот кош со Црна Гора, како нешто привремено. Добрите познавачи на српските прилики се убедени дека Иринеј само го кажал она што и самиот Тадиќ го мисли. Значи, битката за Србија е пред самиот финиш, а ние се правиме дека тоа нема никаква врска со нас, па спокојно си фаќаме џенем, дур до Мароко, а, богами, и до Казахстан ем Азарбејџан!?

За разумните, и ова е доволно за што поитно влегување на земјава во НАТО. Зар не ни е јасна сериозноста на моментот, штом, еве, и Борисов мора да добива уверувања од Обама за безбедноста на бугарскиот народ и држава!? Зошто се изложуваме на неизвесност во играта, за која изгледа имаме најмалку сила? Тоа не е пријатно сознание, меѓутоа, судбината на нациите е во директна зависност од способноста за проценка на сопствените можности. Погледнете ја меѓународната позиција на сите околни држави низ нивните средби со моќните светски чинители и се ќе ви стане јасно. Значи, никој нормален нема против борбата за нашите интереси до последен здив, но, дали некој се уште верува дека Груевци вооопшто водат некаква сериозна битка на надворешен план? Тие само глумат бестрашност на домашен терен, меѓутоа, за жал, никаде ги нема таму, каде што навистина се одлучува за нашата судбина. Па, нашиот Милошоски не може ниту амбасадори во Брисел на вечера да собере, а не, пак, до некое повисоко ниво од портирското во Вашингтон да стигне!

Токму тоа е основната причина за раскрстување со политиката на Груевски, која почна и завршува како ефтина пропагандна измама за широките народни маси, изманипулирани со благородната идеја за зачувување на националното достоинство. Време е, значи, да се соочиме со вистината, дека сме поведени во битка од луѓе, кои ниту имаат намера, ниту, пак, знаат да се борат на меѓународен план. Затоа, впрочем, и болката и билката ја лоцираат во нашето божемно неединство. Зар некој навистина верува дека нашето никогаш јасно дефинирано единство ќе му ги отвореше вратите на Груевски кај Обама, Меркел, Барозо… Или, конечно, кај Медведев?! Да не е, можеби, попрво обратното? Замислете си за момент, обмислена стратегија на нашиот умислен Пастир, која му обезбедува доверба кај меѓународните моќници. Дали ќе бевме неединствени, доколку видевме суштинско градење на наша цврста, аргументирана, одбранлива, веродостојна позиција на светската шаховска табла?

Едноставно, не може да се има доверба во човек, кој дејствува како изгубен во времето и просторот. Непријатно е да се каже, меѓутоа, ние сме тие што практично молат за милоста на ЕУ, а Милошоски не се стеснува од делењето лекции на Брисел, за тоа што тој би требал да направи во однос на спорот со Грција, доколку сака да си ги сочува европските вредности!? Сакаме на Запад, а ги криеме писмата на Фуле!? Сакаме со Америка, а Груевски бега од Гордон дур до Загреб!? Со раширени раце прифаќаме помош од секој што сака да помогне, ама не поднесуваме емисари и колумнисти, па макар тие доаѓале од самите врвови на европската хиерархија!? Простете, но, каков исход можеме да очекуваме после таквото водење на нашата наводно голема битка за името? Конечно, кој може да му помогне на оној што не кажува каква помош очекува!? Од кога не сме ја чуле ниту фамозната двојна формула, како наша официјална ,црвена линија,?

Времето покажа дека тезата за Груевски како голем економист била обичен мит, шарена лага. Таа надеж е неповратно загубена. Премиерот не е во состојба да сфати дека приоритет за гладниот човек е храната, а не џинџурењето на скопскиот плоштад. Но, божемната преродба на економијата беше јадицата за првите избори од 2006-та. На ред е расчистувањето со заблудата, која му донесе убедливо мнозинство во 2008-та. Со неа, пак, треба да се справи македонскиот народ. Политичката шут-карта за Груевски мора да ја покажат Македонците, и тоа на избори, за овој да не ни глуми после Че Гевара низ улиците. Значи, ниту Американци, ниту Албанци. Метафорично кажано, Груевски треба да биде дигнат на клоци од оние што го креваа на раменици. Кратко и јасно – затоа што биле прелажани од човек, кој ги повикал кон реката, за да ги предводи во препливувањето, иако ни самиот не знаел да плива!

Се разбира, никој не може да го спречи инволвирањето и на ,останатите,. Меѓутоа, нивната улога не смее да биде поголема од оние на пратечките вокали. Прошталната песна за Груевски мора да биде дело на самите Македонци. Тој не смее да падне поради Американците или Албанците на Ахмети. Се разбира, доколку сакаме неговото заминување да значи вистински крај за јаловата, штетна политика, која тој ја персонифицираше во изминатите четири години!

Само 16.000 фалсификувани гласа прават разлика од 12 пратеници!

$
0
0

Текстот е објавен на 18.03.2016 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1067.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Сомнителниот и проблематизиран избирачки список е основа на тезите и тврдењата дека безмалку сите изборни циклуси се спроведувал систематски изборен фалсификат, брутален или суптилен, сеедно. Обвинувањата на опозицијата, поткрепени и со извештаи на меѓународни и домашни организации кои го набљудуваат изборниот процес, дека власта на дело спроведува софистициран изборен криминал, бездруго лежат токму во хаотичниот список, каде веќе очигледно е дека постојат непостоечки адреси, умрени и иселени лица, како и фиктивни гласачи увезени од странство.

Настрана класичниот изборен поткуп и притисокот за изборни цели, како и можноста за контролирање на гласачите, како при надзор на гласањето на болните и неписмените граѓани, сето тоа претставува одлична можност за изборни злоупотреби. Иако владеачките партии ги отфрлуваат обвинувањата на опозиционерите дека ги крадат изборите, релатизивирајќи ги состојбите дека победа си е победа, особено кога е извојувана со 100 или 200 илјади гласови разлика, како што беше случај на последните локални и парламентарни избори, сепак, фактите говорат оти оваа теорија нема цврсти темели.

Всушност, дали и во која мера е правен изборен криминал преку незаконско печатење лични карти, двојно, тројно гласање за други луѓе и слично, ќе стане појасно по процесуирањето на предметот за изборни нерегуларности што го отвори Специјалното јавно обивнителство, од каде сметаат дека врхушката во власта организирала злосторничко здружение за да ги задржи позициите преку изборна измама. Се разбира, тоа важи под претпоставка дека судот ќе одлучува независно и објективно за обвиненијата.

Но, она што треба да се знае е дека за победа, и тоа не само на локалните избори, каде со мнозински изборен модел победникот се одлучувал и со десетина гласови, особено во помалите општни, туку и на парламентарните избори, не се потребни стотици илјади, условно кажано украдени гласа. Туку, имајќи го предвид пропорционалниот изборен модел со 6 изборни единици, во комбинација со Донтовата формула за конвертирање на гласовите во пратенички мандати, произлегува дека доволни се само дваесетина илјади гласови за да се направи разлика од десетина пратеници, кои најчесто се тасот на вагата кој го одлучува мандатарот на новата влада.

ОСВОЕНИТЕ ГЛАСОВИ И ПРАТЕНИЧКИТЕ МАНДАТИ

Според многу елементи и аспекти, клучни избори за политичкиот живот на Никола Груевски се оние во 2011 година, кои се оддржаа во исклучително специфични услови и околности и во сосема поинаков амбиент во споредба со денес. Така, опозицијата тогаш предводена од СДСМ на чело со Бранко Црвенковски беше во подем, ВМРО-ДПМНЕ дополнително се соочуваше со силна внатрешна конкуренција во десницата од страна на Љубчо Георгиевски и Љубе Бошкоски. Згора на се, постоеше и медиумска рамнотежа со А1 телевизијата, наспроти денешната ситуација на фаворизирање на власта и демонизирање на опозицијата, особено од мејнстрим медиумите.

Како и да е, на тие избори опозициските партии заедно освоија поголем број гласови од владејачката коалиција „За подобра Македонија“, но, поради расцепканоста на опозицијата и поделеноста на нивните гласови тие практично добија помалку пратенички мандати. Поточно, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери освоија 438.138 гласови, кои им донесоа 53 пратеници (без дополнителните тројца од дијаспората), додека сојузот на социјалдемократите освои 368.496 гласови, што им донесе 42 пратенички мандати. Но, без пратенички места останаа опозициските ВМРО-Народна партија на Георгиевски, Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски, Либерално демократската партија и Достоинство на генералот Стојанче Ангелов кои вкупно имаа над 70.000 гласови. Иста беше ситуацијата и во албанскиот кампус, каде опозициските ДПА, НДП и Нова демократија освоија вкупно 116.269 гласови и 10 пратеници, или 5 помалку од ДУИ, која освои 115.092 гласови.

Лошиот распоред во изборните единици не им донесе пратенички места на помалите партииод македонскиот опозициски блок. Така, ако речиси 30.000 гласови на „народњаците“ на Георгиевски не беа доволни за ниту еден пратеник, тогаш исто толку гласови на НДП на Руфи Османи значеа двајца пратеници, бидејќи гласовите беа концентрирани главно во една изборна единица. Во тој контекст, ДПА на Мендух Тачи, пак, пак освои двојно повеќе гласови од Османи, но не освои двојно, туку дури четири пати повеќе пратеници.

Сето тоа води кон груб заклучок дека ако 20-30.000 гласови за мала партија може да не значат ништо, бидејќи може буквално да пропаднат во вода, ако се знае дека, зависно од излезноста на избори, во просек се потребни нешто над 7.000 гласа во една изборна единица за освојување пратеник, тогаш овие гласови може да бидат вистинско богатство доколку се слеат на контото на една од четирите големи политички партии и нивните предизборни коалиции. Токму овие гласови може да им го надополнат кусокот што им фали до плус еден пратеник во секоја изборна единица.

ЕДЕН ПРАТЕНИК МИНУС ЗА СЕБЕ, ЕДЕН ПЛУС ЗА ПРОТИВНИКОТ

Како, впрочем, се пресметуваат гласовите во пратенички мандати? Тоа се прави преку таканаречената Донтова формула, чија најспефицична карактеристика е определувањето кому ќе му припадне последниот, во македонскиот случај – дваесеттиот пратеник во секоја изборна единица. Така, секој резултат на партиите, односно коалициите се дели со 1, 2, 3 и се така со сите броеви до 20, па секоја партија добива 20 количници, од кои 20-те најголеми се трансформираат во пратенички мандати. Затоа, може да се случи некој субјект да освои и гласови, ама не и пратенички мандат, од проста причина што нивниот прв кандидат на листата не е меѓу дваесетте количници на сите учесници на изборите.

Имајќи ги предвид резултатите од парламентарните избори во 2011 година, „Фокус“ направи анализа, која покажува дека доколку владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ освоиле само 16.876 гласови помалку во споредба со опозициските СДСМ, ДПА и Нова демократија, тогаш ќе освоеле 6 пратеници помалку. Односно, овие пратенички мандати би отишле во рацете на тогашната и се уште актуелната опозиција, што прави разлика од вкупно 12 пратенички мандати, а не само шест. Или, во таков случај ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на изборите во 2011 година би имале 47 мандати (без трите од дијаспората) а СДСМ и коалицијата 48! Меѓутоа, потребниот дефицит на гласови варира од една до друга изборна единица, така што некаде станува збор за неколку стотини, а некаде за неколку илјади гласови.

Патем, во оваа симулација клучно е последното пратеничко место. Инаку, во првата, втората, третата и четвртата изборна единица 20-тото пратеничко место го освоило ВМРО-ДПМНЕ, а во петтата и шестата изборна единица тоа отишло кај ДУИ, додека во сите случаи 21-от количник им припаѓа на опозициските СДСМ, ДПА и НД. Тоа значи дека петнаесетина илјади гласови помалку за власта можеле да однесат по еден пратеник од секоја изборна единица кај опозицијата. Во другите изборни циклуси горе-долу, потребен е истиот број на гласови, но таму во некои изборни единици последниот 20-ти пратеник го освоила и опозицијата.

Нејсе, во однос на споменатите избори пред 5 години во првата изборна единица ВМРО-ДПМНЕ ќе загубел еден пратеник на сметка на СДСМ ако освоел 4.673 гласа помалку. Понатаму, во втората изборна единица ДПМНЕ ќе бил минус еден пратеник во корист на Нова Демократија, ако останел покус за само 336 гласа. Во третата и во четвртата изборна единица, пак, вмровците ќе останеле без еден пратеник, т.е. СДСМ би освоил еден пратеник повеќе ако ДПМНЕ добила 4.631 глас помалку, односно 4.450 гласа. И на крајот, во петтата и во шестата изборна единица ДУИ би освоила еден пратеник помалку, кој би отишол кај СДСМ и ДПА за помалку од 551, односно 2.235 гласови.

СОВРШЕНИ ИЗБОРИ ИЛИ СОВРШЕН ФАЛСИФИКАТ

Оттука јасно произлегува дека Нова демократија за влакно можела да освои пратеник на парламентарните избори во 2011 на грбот на ВМРО-ДПМНЕ во втората изборна единица. Овде, најголемата владејачка партија освоила вкупно 66.450 гласови и 9 пратеници, а НД 7.346 гласови. Последниот дваесетти количник на ДПМНЕ (изборниот резултат со деленик 20) изнесува 7.383, што значи дека за само 336 гласа помалку за владејачката коалиција, партијата НД ќе влезела во парламентот. Треба да се знае дека до таков заклучок се доаѓа кога разликата помеѓу 20-тиот и 21-от количник ќе се помножи со пратеничкото место што, хипотетички земено, партијата требало да го загуби (разликата 37,3, помножена со 9 дава резултат од 336).

За втор пример ќе ја земеме петтата изборна единица, каде висел вториот пратеник на ДУИ. Тука, партијата на Али Ахмети освоила 14.992 гласови, па резултатот со деленик 2, кој изнесува 7.496, беше доволен за 20-тиот пратенички мандат. Од друга страна, СДСМ освои 64.984 гласови, кои им донесоа 8 пратенички мандати, но доколку „интегративците“ освоеле 551 гласа помалку, тие ќе го освоеле и 9-тиот пратенички мандат, пресметано по истиот принцип како претходно. Исто така, социјалдемократите ќе го освоеле деветтиот пратеник и доколку албанската владеачка партија останела на истиот број гласови, ама опозициионерите добиле плус 2.480 гласа, бидејќи во ваква ситуација разликата се множи со пратеничкото место кое би го освоиле (разликата од 275,5 помножено со 9 дава токму 2.480).

Зошто е ова битно? Со оглед дека на изборите пред 5 години разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беше 11, а вкупната разлика меѓу власта е опозицијата 16 пратеници, тогаш и минимален изборен фалсификат, изборна корупција или приситок сериозно можеле да влијаат врз конечниот исход. Ако, згора на тоа, се знае и дека ВМРО-ДПМНЕ со мал број гласови ги добиваше и тројцата пратеници од дијаспората, за кои пред 5 години гласаа само 7.213 македонски државјани, што е еднакво на бројот на потребни гласови за еден пратеник во земјава, тогаш 20-30.000 евентуално украдени гласови биле повеќе од доволни за изборна победа.

Сето тоа треба да покаже дека не мора да се купат или украдат стотици илјади гласови за да се фалсификуваат избори, туку само со дваесетина илјади гласови може драстично да се влијае врз изборниот резултат и да се одлучи победникот на изборите. Врз основа на тоа, кога се говори за фер и демократски избори треба да се мисли на совршени избори, бидејќи само со мал изборен инжинеринг, со дваесетина илјади гласови, може да се направи совршен изборен фалсификат.

Вештачка еуфорија на патолошки лажго

$
0
0

Текстот е објавен на 16 декември, 2016 година во неделникот со број 1106

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Иако вечерта на 11 декември ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на парламентарните избори, сепак во партискиот штаб не можеше да се забележи победничка еуфорија, а разочарувањето, стравот, немирот и збунетоста од изборниот резултат можеше да се види на лицата на сите присутни министри, пратеници, новинари, актери и други симпатизери на партијата на власт, кои со нетрпение ги очекуваа резултатите.

Ако се направи споредба со последните неколку изборни циклуси, може да се забележи голема разлика во нивното однесување. Досега вмровците само два часа по затворањето на избирачките места излегуваа на прес-конференции на секои 15 минути и прогласуваа победа, најпрвин во селата, а подоцна и во поголемите градови. Таа улога беше резервирана за Влатко Ѓорчев, кој го паметиме по легендарните зборови „Победивме и во Могила, во Чешиново – Облешево, во Новаци…“ Нешто по 22 часот владејачката партија веќе почнуваше да ја слави победата на плоштадите низ државата, а поранешниот премиер Никола Груевски со долг говор, кој секогаш го чита од лист хартија, еуфорично тврдеше дека и овојпат ја „згазиле“ опозицијата.

Но, оваа година тоа не се случи. Во барокното седиште вечерта поминаа најдолгите неколку часа во кои го немаше вообичаеното расположение, а изостана и брифирање на новинарите. Партиските челници се појавуваа одвреме-навреме, но ништо не зборуваа, очекувајќи ги резултатите во страв.

Некаде доцна по полноќ, откако партијата доби податоци за пребројаните гласачки ливчиња во речиси сите избирачки места низ државата, на говорницата во штабот се појави лидерот Груевски. Тој уште еднаш прогласи победа, но овојпат не звучеше премногу сигурно, соопштувајќи ја само разликата во гласови меѓу двете најголеми партии, а не и добиените мандати. Неговиот говор со аплауз го проследија Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Владимир Пешевски, Зоран Ставрески, Никола Тодоров, Никола Попоски

За да ви го доловиме психолошкиот портрет на Груевски, одлучивме да поразговараме со лекар од областа на психијатријата, кој од стручен аспект го објаснува однесувањето на првиот човек во партијата и неговите најблиски соработници во изборната ноќ, како и за време на кампањата.

ЗНАЕ ДЕКА ЛАЖЕ И ВЕРУВА ВО ТОА ШТО ГО ЛАЖЕ

Невропсихијатарот Мице Дудучки од Куманово, во последните две децении интензивно се занимава со социјалната психијатрија и редовно ги следи политичките и социоекономските случувања во земјата. За време на неговото дваесетгодишно работење, тој тврди дека стекнал целосна слика за општествената психоза во која функционира државата од нејзиното осамостојување, па сѐ до актуелните настани.

Дудучки додава дека успеал да стекне слика и за психолошкиот профил на луѓето од политичкиот естаблишмент, особено кога тие се на власт, но и да направи увид во нивната психопатологија. Властодршците, според него, се со изразена способност за манипулирање и склони се кон секаков вид измама и злоупотреба на другите, а за своја лична корист. Тие редовно наметнуваат свои ставови и идеи на другите, со цел да ги контролираат.

Обично се вели дека власта е таа што го расипува човекот, а јас го тврдам обратното, дека расипаниот човек ја злоупотребува и ја расипува власта, а жртвите се секако граѓаните на нашата земја – тврди невропсихијатарот.

Изборната кампања, според Дудучки, ги соголила до експлицитност психолошката и психопатолошката структура на политичарите, особено тие во државниот врв. Во текот на изборната кампања, која не била ниту коректна, ниту цивилизирана, за првпат се покажало црнилото во душата на владејачката врхушка, ама и стравот од евентуален изборен пораз.

Тоа најмногу можело да се забележи кај лидерот Груевски, во „победничкиот“ говор вечерта на 11 декември, во кој преовладувала анксиозноста изразена преку говорот на неговото тело. На неговото лице се гледала извештачена, неприродна насмевка на циничност, која, и покрај лошата, лажна актерска игра, била јасно видлива за публиката што го следела обраќањето.

Безизразното лице, вештачката моторика, која беше во спротивност со вистинските емоционални доживувања, од кои доминантна беше анксиозноста, но и субјективното чувство на дебакл поради нереализирање на желбите за најмалку 63 пратеници ја карактеризираа лажната еуфорија на Пировата победа, поточно субјективното чувство на доживеан пораз – тврди Дудучки.

Самата негова појава и начинот на кој им се обрати на граѓаните во доцните часови покажува дека кога е во прашање Фамилијата и лицето НГ, тоа прераснало во изразена социјална анксиозност, несигурност и страв како да се работи за прашање на живот или смрт, а не за најобично примопредавање на власта што во секоја држава треба да претставува нормален процес.

Како во говорот во изборната ноќ, така и во кампањата, според Дудучки, можела да се забележи психопатологијата на карактерот на Груевски.

Со поставување знак на равенство меѓу изборен пораз и губиток на слободата, односно правна завршница за автократското и деспотско владеење и практицирање на власта, станаа манифестни и оние психопатолошки нишки во карактерот на властодршците, од типот на „псевдологија фантастика“, кога тој знае дека лаже, но верува во тоа што го лаже, а уште пострашно е и тоа дека и другите веруваат во тоа што го лаже (минхаузеновски). Односно, ветува „брда и долини“ до преувеличување на добивките кои нѐ очекуваат во блиска иднина, персонифицирани во она „ЌЕ“ кое е идно време од глаголот ЛАЖАМ. Во оваа ситуација, значи, се работи за патолошки лажго – истакна Дудучки.

НЕМОЌ И СТРАВ ОД ГУБЕЊЕ НА ИЗБОРИТЕ

Дудучки ги анализира и гестакулациите на лидерот на ДПМНЕ, начинот на кој зборуваше ноќта пред присутните во партискиот штаб и ја соопшти победата. Забележително е, вели нашиот соговорник, што Груевски повторуваше исти реченици и фрази и правеше непотребни движења и дејства.

На тој начин партискиот шеф за првпат по толку години пред јавноста ја покажал својата немоќ, страв од губење на изборите, што од друга страна би претставувало и отворање на патот кон губење на слободата затоа што на врат му стојат обвинувања од Специјалното јавно обвинителство за нарачаните шамари врз градоначалникот на скопската Општина Центар, Андреј Жерновски, како и за други обвиненија за кривични дела што ги чувме во „бомбите“.

Според невропсихијатарот, наместените гестикулации на Груевски даваат јасна слика за лошата психичка состојба не само на „вождот“, туку и на останатата дворска „булумента“, кои несвесно го поддржувале во неговата психопатолошка манифестација.

– Во тој момент на прогласување победа, Груевски покажува фаца на разочараност, а всушност треба да биде насмеан. Исто така, карактеристично беше и папагалското повторување на истите зборови (ехолалија) како тоа дека Зоран Заев ќе ја федерализира Македонија и ќе воведе двојазичност на целата територија на државата. Тука се и тие извештачени движења (ехопраксија) со кои од една страна сака да се прикаже како победник, а свесен е дека тоа не е – додава Дудучки.

Според него, во повеќе јавни обраќања во кампањата и приватни разговори што ги чувме во „бомбите“ на опозицијата, кај Груевски на површина испливале длабоко скриените пориви да го уништи противникот, во овој случај Заев и неговите најблиски соработници.

Можевме да ги забележиме и скриените садистички пориви од типот „а да свршиме работа со динамит“, до изразите како „му тече низ ногавици“ и повикувањето на „легендарниот“ Андон Ќосето да ја завршел приказната со клетите опозиционери. Ваквата манифестна слика на помешано чувство на страв и несигурност и внатрешна борба со самиот себе, која не може да ја сокрие е израз на истрошеност на и онака скромните ментални капацитети, па ваквите манифестации беа само врв на ледениот брег, односно експлицитна форма на психопатологијата на режимот – вели Дудучки.

Според Дудучки, со психопатологијата на Груевски биле „инфицирани“ и останатите членови на Фамилијата, кои ги следат стапките на својот лидер и дозволуваат да веруваат во она во што верува самиот.

По само пет дена од изборите, сѐ уште може да се види нервозата кај луѓето од врвот на владејачката партија, кои излегуваат на победнички прес-конференции, кои личат на сѐ, само не на победнички. Иако резултатите сѐ уште не се конечни, партијата на Груевски доби два мандати повеќе од опозицијата, но стравот и несигурноста во говорите и во очите на лидерот покажуваат дека се плаши од тоа ВМРО-ДПМНЕ да оди во опозиција, зашто ќе му биде загрозена слободата.

Рамка1

ХОРХЕ ПРВИ ПАЉУРСКИ КУТРИОТ

Дури два дена по изборите, со своја изјава во јавноста се појави и претседателот Ѓорѓе Иванов, кој истакна дека по конституирањето на Собранието ќе го додели мандатот на партијата што има мнозинство во парламентот. Во меѓувреме, Иванов беше тема на потсмев на социјалните мрежи затоа што како шеф на државата исчезнал и како по традиција нема став за тоа како поминале изборите.

Невропсихијатарот Дудучки говори и за психолошкиот профил на шефот на државата, кој во последниот период стана актуелен откако помилува 54 функционери и бизнисмени, со што ги крена граѓаните на нозе, кои повеќе од два месеца протестираа против аболицијата.

Со сила наметнатиот претседател е од типот „јас не сум од овде“. Тоа е типична слика за марионета на Фамилијата, кој веројатно залутал во политичкиот живот и од никаде станал претседател, и тоа во два мандати – вели Дудучки.

Тој додава дека најверојатно интелектуалниот дефицит, недоволната едукација, независно од тоа што е универзитетски професор и уште неколку влијанија од Фамилијата го довеле во ситуација да донесува противуставни и протизаконски одлуки.

Иванов донесе аболиција на воените злосторници, помилување на криминалната врхушка во власта, а подоцна направи и лигаво покајничко повлекување на одлуката. Неговата никаква комуникација со функционерите од негов ранг или со европската и светска политичка елита го доведе во ситуација на аутосеквестрација, односно изолација и како овенат фикус да го чека крајот на своите срамни мандати. Тој не си ја врши функцијата за која е поставен, се крие цело време, ама затоа, пак, редовно се појавува на пастрмајлијади, пивтијади, калинкијади, ракијади – додава невропсихијатарот.

Дудучки вели дека ќе остане срамот на идните генерации да им објасниме каков претседател сме имале цели осум години.

Историјата дава ликови од типот на Карло Велики, Пипин Малиот, Јован Без Земја, Иван Грозни, а нашиот придонес кон светската историја ќе биде во ликот и делото на Хорхе Први Паљурски Кутриот – додава невропсихијатарот.

Рамка2

Груевски не може да склопи две просто проширени реченици

 Невропсихијатарот Дудучки вели дека за време на „владеењето“ на ДПМНЕ социјалната психијатрија ќе пишува томови стручна литература за општествената реалност. Тој е особено фасциниран од интелектуалниот капацитет на екс премиерот, кој не може да се спореди со сите досегашни.

Груевски одржува празни говори во кои се чувствува неговиот интелектуален дефицит, кога не може да склопи две просто-проширени реченици, кога не разликува аутизам од алтруизам и Хипократ од Хипокрит – вели Дудучки.

Режимот на Груевски е мешавина од системите на владеење на Путин, Чавез и Берлускони!

$
0
0

Текстов е објавен во неделникот Фокус на 10-ти септември 2010-та година, цела година откако тој замина од вицепремиерското место во владата на Груевски.

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

 

Политикологот Ивица Боцевски е речиси постојано присутен во јавноста, но, секогаш во различна функција. Некогашниот блогер и колумнист во владата на СДСМ беше шеф на кабинет на вицепремиерот. За време на Преродбата стана владин портпарол, а потоа и вицепремиер за евроинтеграции. Само после една година поднесе писмена оставка, која секој си ја толкуваше на свој начин. Тоа беше повод за интервју со Боцевски, денес веќе предавач во приватната гимназија Нова.
Сепак, и после една година од неговото демисионирање од владата на Груевски, Боцевски за својот екс-шеф говори повеќе од научно-теоретски аспект. Актуелниот режим го дефинира како нов тип на авторитарно владеење, во кое наоѓа сличности со Путин и Чавез. Многу посочен е во описот на сдсмовците и Црвенковски. Кога зборува, пак, за неговиот пријател Ѓорге Иванов, се чувствува разочараност поради тоа што Претседателот се однесува спротивно на ставовите што ги промовирал како професор. Најоскудни одговори нашиот соговорник даваше на темата за корупцијата и преродбата.
Во секој случај, Боцевски типува на избори дури во 2012 година, убеден дека за побрзо евроинтегрирање на Македонија неопходно е оваа власт да падне!

ФОКУС Кусото соопштение на Вашата оставка од вицепремиерското место не кажуваше многу, па моравме да го дешифрираме. Зошто избегавте од Владата?

БОЦЕВСКИ Суштинска причина за мојата оставка беше политичкото разидување со премиерот Никола Груевски, со начинот на кој се водеше политиката, особено по изборите 2008 година. Кога тие разлики станаа непремостливи и несогледливи, не ми преостана ништо друго, освен да заминам од тој тим, затоа што веќе не можев пред себе и пред јавноста да ги бранам владините политики.

ФОКУС Можете ли барем сега да бидете поконкретен?

БОЦЕВСКИ Груевски ја доби довербата на граѓаните во 2006-та поради потребата за еден конечен демократски пробив во Македонија, целосна професионализација, како и забрзан чекор кон евроинтеграциите. Наместо тоа, ни се случи една репродукција на стариот систем со нови актери и лидер. Да бидам уште поконкретен, најголемиот проблем на Никола Груевски во моментов е што се повеќе наликува на Бранко Црвенковски.

ФОКУС Зарем во првите две години од мандатот на Груевски не ги регистриравте овие симптоми?

БОЦЕВСКИ До изборите 2008, Владата го немаше ова мнозинство. Тој баланс сепак предизвикуваше поинаков начин на водење на политиката.

ФОКУС Во што беше поинаква таа политика?!

БОЦЕВСКИ Во однос на оние феномени што претходно ги кажав, а каде што гледаме допирни точки со политиката што се водеше во мандатот на Црвенковски 1994-1998 година. Мандатот што го доби Груевски во 2008-та, не беше за да се направи вмровска револуција, туку беше мандат за демократска преобразба!

 

ЕВРОПСКАТА АГЕНДА НЕ ИМ Е ПРИОРИТЕТ

ФОКУС Дали евроинтеграциите се воопшто на агендата на Груевски?

БОЦЕВСКИ Не сакам да влегувам во хорот на Касандри, кои тврдат дека не постојат евроинтеграциите во агендата на оваа влада. Постојат, но, не се од врвен приоритет.

ФОКУС Што им е врвен приоритет?

БОЦЕВСКИ Очигледно дека тоа е вложувањето во политичката репродукција на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија.

ФОКУС Дури и оставките на оние што имаа по неколку функции, беа дадени по налог на партијата, а не заради интервенцијата на антикорупциската комисија?

БОЦЕВСКИ Тоа ме фрапираше како феномен. Забележувам дека постои една политичка генерација, приближно на моја возраст, која делува како да не е социјализирана низ македонскиот систем, која како да ги преспала сите оние дебати од почетокот на 90-тите години. Тие не ја разбираат функцијата на тие независни тела како комисијата за антикорупција, комисија за јавен интегритет и слично. Напротив, се е врзано како во кошница околу партиската матица. Фрапантно е што млади луѓе се однесуваат на таков начин. Демек, одлуките на едно тело како антикорупциската комисија се секундарни, во однос на одлуките на партијата!? По се изгледа, бидејќи е лоцирана на истото место, владата по инерција се однесува како некогашниот Це-Ка на СКМ, каде што мораа да поминат и да добијат виза сите одлуки во државата!
bocevski CMYK
ФОКУС Тоа е и системот на вредности – партискиот војник добива се!

БОЦЕВСКИ За жал, мнозинството во Македонија ова не го гледа како проблем, туку гледа како да најде приклучок на тој систем.

ФОКУС Интересно е дека цело време ја апострофирате партизацијата, но, не ја споменувате корупцијата како проблематичен сегмент на оваа власт? Сте се прашале, ли, од каде се силните милиони на ВМРО-ДПМНЕ за изборите? Партијата се најде дури и на списокот на најголеми огласувачи. Дали сте се посомневале дека тука има бајаги црни пари?

БОЦЕВСКИ Очигледно е дека имаме сериозен проблем со финансирањето на политичките партии во сите досегашни изборни циклуси. Партиите одбиваат да бидат транспарентни…

ФОКУС Ве прашав конкретно за ВМРО-ДПМНЕ додека Вие бевте дел од владиниот тим. Еве, директно прашање: Дали дониравте 1.000 евра за изборната кампања на Вашиот пријател Ѓорге Иванов, бидејќи така беше наведено во извештајот?

БОЦЕВСКИ Точно е дека дадов 1.000 евра за неговата кампања.

ФОКУС Самиот понудивте пари или партијата Ви сугерираше?

БОЦЕВСКИ Најнапред сакам да разјаснам некои работи врзани со Ѓорге Иванов, кои гледам дека цело време ми висат на глава. Тука има две теми. Прво, дали сум близок со Иванов? Да, јас го сметам Иванов за пријател. Меѓу другото, бев и негов демонстратор на политичките студии на Правниот факултет. Втората дилема, дали претседателската кандидатура на Иванов има врска со мене и мојот ангажман? Не! Кога беше објавена неговата кандидатура, се разбира дека тој ја доби мојата поддршка, како што би ја добил и секој мој близок пријател.

ФОКУС Па, зарем сите Ваши пријатели се како создадени да бидат претседатели на Република Македонија?

БОЦЕВСКИ Самиот начин на кој Ѓорге Иванов се претставуваше себеси пред македонската јавност, но, и како одличен професор на студиите, ми даваше добра причина да го подржам.

ФОКУС Чиј предлог, тогаш, беше Иванов за Претседател?

БОЦЕВСКИ Не знам и не ме интересира. Јас го запознав како експерт за цивилното општество, како теоретичар на мултиетничката демократија, како одличен познавач за тоа што е добро и пожелно за едно демократско општество!

 

ИВАНОВ ТРЕБА ДА СИ ГИ ПРЕПРОЧИТА СВОИТЕ КНИГИ

ФОКУС Дали одличниот теоретичар се покажа како добар практичар?

БОЦЕВСКИ Јас се надевам дека Иванов мошне скоро ќе си ги препрочита своите книги за цивилното општество и за мултиетничка демократија, но, и Уставот на Република Македонија, па, конечно ќе го видиме како една еманципирана политичка фигура која ќе ги прави оние работи во кои верува, и заради кои ја доби и мојата поддршка, но, и поддршката на многумина кои не се врзани за ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Не сте задоволен од Претседателот?

БОЦЕВСКИ Иванов се однесува премногу пасивно, па, претседателството како функција бледнее со неговиот избор за Претседател.

ФОКУС Ви пречи неговата сервилност кон Груевски?

БОЦЕВСКИ Ми пречи фактот што претседателската функција, која има силна морална тежина, не ја користи за да ги промовира оние цели што ги пропагираше како професор. Ни на сон не би помислил дека авторот на книгата за цивилно општество ќе го потпише овој срамен закон за антидискриминација!

ФОКУС Дури и Борис Трајковски, кој самиот претходно се декларираше како партиски војник, потоа се оттргна од Георгиевски.

БОЦЕВСКИ Јас се надевав дека тоа ќе се случи и со Иванов во односите со Груевски. Впрочем, самиот тој има напишано многу работи за овие теми и проблеми, па, редно е да се потсети на нив.

ФОКУС Контактирате со пријателот Иванов? Разговаравте ли со него лани за Вашата оставка?

БОЦЕВСКИ Не, немаме комуникација. Тој е претседател на државата и кога ќе почувствува дека му е потребен пријателски муабет, може да се јави.

ФОКУС Му се јавивте, ли, кога ги дониравте тие 1.000 евра за неговата кампања? Не ми одговоривте дали самиот се сетивте или партијата го бараше тоа од вас?

БОЦЕВСКИ Видете, не оди тоа така. Нема врска партијата…

ФОКУС Сакате да кажете дека наеднаш секој што има врска со ВМРО самоиницијативно, сите онака спонтано доаѓаат до идејата да лупнат по неколку илјади евра за избори?! Смешни се тие списоци…

БОЦЕВСКИ Секој дава онолку колку што ќе процени дека може да даде!

ФОКУС Владата даваше десетици милиони евра за рекламирање на владините проекти, понекогаш и небулозни, барем според моите аршини. И овде немаше транспарентност колку и како, по кои криетриуми се делеа овие рекламни кампањи на одредени пи-ар агенции, ама и на кои медиуми. Зарем не Ви пречеше таквиот стил на однесување со народните пари?

БОЦЕВСКИ Тука имаме две теми поврзани со владините реклами. Првата е што тоа воопшто не е регулирано. Во другите земји постои законска обврска за електронските медиуми, на секој час, на пример, да одделат две-три минути за јавните огласувања, што секогаш се однесуваат на кампањи од општо добро.

ФОКУС Прашањето ми беше за чудните критериуми по кои се делеа овие реклами, односно пари. Всушност, се купуваше подршката од медиумите? Оние кои ги величаат владините политики, добиваа куп вакви реклами, а никогаш не добивме одговор колку и зошто во тие медиуми? Сметате дека ваквата политика е во ред?!

БОЦЕВСКИ Не, не сметам дека тоа е во ред, но, како што веќе реков, сметам дека треба да се регулира…

ФОКУС Имаме едно чудо регулирани области, па, властите повторно си буткаат по свое, постојано извртувајки ја смислата на законите?

БОЦЕВСКИ Е, па, тоа е проблемот, како и општата политичка култура. Треба оваа област да се регулира и да се внесе во една правна рамка. А, браната на таа рамка понатаму е активната граѓанска јавност!

 

ДЕМОКРАТСКА Е САМО ФАСАДАТА НА РЕЖИМОТ НА ГРУЕВСКИ

ФОКУС Како би го опишале режимот на Груевски, со оглед на тоа што оној на Црвенковски го дефиниравте како султанизам?

БОЦЕВСКИ Ова е друг тип на авторитарно владеење. Ова дури сега почнува да се опишува во теоријата. Имено, покрај тоа што демократските политичари ги користат модерните техники за промоција на своите цели, и оние од друг ков, недемократските политичари ги користат истите техники. Овој нов тип на владеење, во вид на задржување на демократската структура, но нејзино исполнување со недемократски елементи, во моментов се опишува со повеќе актери што сега се присутни на светската политичка сцена. Во најбенигната варијанта тоа е Силвио Берлускони, а во многу помалигна варијанта тоа се Хуго Чавез и Владимир Путин.

ФОКУС Во што е сличноста на Груевски со Берлускони?

БОЦЕВСКИ Сличноста е пред се во делот со медиумската контрола.

ФОКУС Но, италијанскиот премиер е сопственик на повеќе медиуми!

БОЦЕВСКИ Без разлика. Сличноста е во злоупотребата на државната функција за користење на јавните средства што им стојат на располагање, ако сакате и со кампањите кои ги имавме во изобилство. Потоа и во злоупотребата на државните медиуми. Блискоста може да се најде и во партизацијата за која веќе зборувавме. Од друга страна, да нагласам дека политиката на Груевски е сепак активистичка политика, дека станува збор за еден многу поактивен режим од оној што го имавме претходно, пред неговото доаѓање на власт. Груевски има посебни политики за секоја целна група- лекари, земјоделци, пензионери, стечајци… но, истовремено и една лабава идеолошка платформа!

ФОКУС Дали режимот на Груевски е поблизок до оној на Путин?

БОЦЕВСКИ Сличностите се повеќе или помалку во сличниот институционален развој. Секое посткомунистичко општество остава зад себе можности за пробив на авторитарно-популистичко или недемократско владеење. Тоа зависи од многу фактори. Но, сличностите ги гледам во барањето за враќање на старата слава на Русија. Како што некои сеуште се овде се одушевени од старата слава на бивша Југославија, така некои се фасцинираат од антиката. Сличноста на Груевски со Путин е апсолутно и според партизацијата и односот кон медиумите. Еве уште една работа која е евидентна: И во Македонија се оневозможува да се појави и формулира алтернатива, и во општествена и во бизнис смисла. И тука се гледаат сличностите!

ФОКУС Груевски со Чавез го поврзува популизмот?

БОЦЕВСКИ Точно, но и односот кон медиумите. Сте слушнале ли за емисијата Ало, президенте? Секоја недела во 10 часот во Венецуела, Чавез има своја ТВ емисија. Пред извесно време предизвика меѓународен инцидент, затоа што среде емисијата доби информација од министерот за одбрана дека Колумбија прави некоја акција на границата. Тогаш Чавез, пред целиот ТВ аудиториум, во текот на емисијата нареди да се испрати цела дивизија на границата со Колумбија, со што го возбуди Вашингтон. Гледаме дека овие медиумски техники се користат и тука. Се на се, станува збор за задржување на демократската фасада, но, за типична авторитарна матрица на владеење, инструментално користена за репродукција на партијата!

 

СЕП СЕ МАРГИНАЛИЗИРА СО ВАСКО НАУМОВСКИ

ФОКУС Со еден лидер кој е микс на стиловите на владеење на Берлускони, Чавез и Путин, што може лично да стори еден министер за евроинтеграции? Како ја оценувате работата на Вашиот наследник, Васко Наумовски?

БОЦЕВСКИ Мислам дека не е многу пристојно да се критикуваат наследниците. Секој оној што бил во чевлите на некој вицепремиер не е соодветно да го критикува следниот. Меѓутоа, мене ми пречат две работи. Прво, тоа што Секретаријатот за европски прашања (СЕП) веќе не може да се препознае, пред се, кадровски – во делот на вработувањата и критериумите за нови вработувања. Драстично е изменета состојбата со влез на нови кадри без никаков критериум.

ФОКУС Веројатно има критериум – партиската припадност и подобност?

БОЦЕВСКИ Точно, но, така Секретаријатот бледее. Тој имаше една нагласена улога во владеењето, а сега гледаме дека се маргинализира, односно, дека министерствата и други тела се многу побитни во евроинтеграциите, додека Секретаријатот лебди во некој меѓупростор. Тоа е резултат на она што веќе го реков, дека евроинтеграциите не се дневен приоритет на оваа владеачка гарнитура.

ФОКУС Значи, сепак, Радмила Шеќеринска направила солидна кадровска база во СЕП?

БОЦЕВСКИ Шеќеринска како вицепремиер ја има воспоставено актуелната структурата на СЕП. Мојата филозофија на владеење, кога јас бев на таа функција, беше дека ние треба да градиме на темелите што ги оставиле тие пред нас.

ФОКУС Дали Вие лично имавте притисоци да вработувате партиски кадри?

БОЦЕВСКИ Притисоци или сугестии, како сакате наречете ги, секогаш има, без разлика која партиска структура е на власт. Дали ќе има или ќе нема партиски вработувања, пред се зависи од активноста и цврстината на човекот кој раководи со тој ресор.

ФОКУС Ивица Боцевски важеше за дете израснато под капата на СДСМ, па, немаше ништо чудно што станавте шеф на кабинет на вицепремиерот Минчо Јорданов, во владата на Бучковски. Но, Вашето назначување за портпарол на владата на Груевски беше изненадување, поради што од сдсмовските кругови добивте етикета – јаничар. И, тоа не е се, сега сте во ЛДП. Но, каде се чувствувавте поприродно: Во екипата на Бучковски или кај Груевски?

БОЦЕВСКИ Во владата на Бучковски немав политичка функција, за разлика од мојот ангажман во владата на Груевски. А, веќе реков дека моите мотиви да влезам во таа влада беа очекувањата дека конечно ќе се насочи сета енергија на демократска преобразба на општеството…

ФОКУС Зошто го избегнувате одговорот? Вие сте пред се политиколог и не верувам дека не сте ги регистрирале сите моменти.

БОЦЕВСКИ Не сум го разгледувал тоа на таков начин. Секоја влада го отсликува начинот на работа на партијата и на лидерот.

ФОКУС Добро, де, каде имаше подемократски амбиент?

БОЦЕВСКИ Немало драстични разлики во демократскиот амбиент, повеќе имало разлики во поглед на ефикасноста и хиерархичноста. Во овој дел, владата на ДПМНЕ е сигурно многу подисциплинирана. Од друга страна, за разлика од Бучковски, кој мораше да се бори со неформалниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски во тоа време претседател на државата, кај Груевски е лоцирана сета фактичка моќ!

 

СДСМ Е ТАЛОГОТ НА НЕКОГАШНИОТ СКМ

ФОКУС Рековте дека како шеф на кабинет на вицепремиерот не сте имале моќ. Сепак, за шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протогер, се плетат приказни дека е моќна фигура. Или, тој е само феномен во политиката?

БОЦЕВСКИ Мартин Протогер е срамежлив за јавни настапи, а тоа создава една аура на недопирливост, на не знам каква моќ. Тој едноставно е шеф на кабинет. Тоа е неговата функција.

ФОКУС Заборавате дека е и генерален секретар на партијата?

БОЦЕВСКИ Слушнав доста анегдотални приказни, за некакви смс пораки…

ФОКУС Па, и Вие, Боцевски, додека бевте во оваа влада, а и извеснен период после тоа, функциониравте главно преку смс пораките!

БОЦЕВСКИ Добро, смс постои како средство за комуникација. Но, секој што е во владиниот тим има начин да ги искаже своите ставови и да влијае во политиката. Не ми се коментираат чаршиски приказни. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ функционира како една хиерархиски цврсто организирана партија. Но, секој во зависност од тоа колку е способен, има начин и простор да си ги каже своите ставови. А, крајната одлука е секако на оној што ја носи одговорноста, на премиерот.

ФОКУС Па, не сте биле на партиски состанок за да знаете?!

БОЦЕВСКИ Говорам за владата на Груевски во која бев јас министер.

ФОКУС Ви било дозволено да искажете и поинакво мислење?

БОЦЕВСКИ Апсолутно!

ФОКУС Супер, дали мислите дека СДСМ со Бранко Црвенковски може да го победи Никола Груевски?

БОЦЕВСКИ Не, јас сметам дека попрво Груевски ќе се победи самиот себеси, отколку што Црвенковски ќе го победи Груевски. Жално е што СДСМ однадвор има еден сјај на модерност и елитизам, а всушност станува збор за талогот на некогашниот СКМ. Тоа е партија на комунистички апаратчици. И, за жал, дури и најмодерниот лидер што таму ќе се претстави, по една година почнува да личи на Црвенковски. Со ваков начин на размислување, оваа партија не може да произведе некаква поинаква матрица на однесување. И, она што е најжално е дека вака целиот простор му е препуштен на ВМРО-ДПМНЕ. А, знаете дека без баланс, и најдоблесниот човек ќе попушти, а камоли пак луѓето што сега се на најодговорни позиции.

ФОКУС Бевте на почетокот активно вклучен во составувањето на законот за лустрација, се до моментот кога станавте портпарол на владата. Поточно, застапувавте став дека прочистувањето од кодошите на тајните служби е неопходен услов за развој на демократските процеси. Дали сега, кога го имаме законот, верувате дека лустрацијата ќе ја бидне?

БОЦЕВСКИ Лустрацијата потфрли само заради еден основен фактор. Дефинитивно, ниту кај ВМРО-ДПМНЕ, ниту кај СДСМ нема реална волја за вистинска лустрација, туку постои волја да се инструментализира тој процес за да се оцрни политичкиот противник.

ФОКУС Кој е стожерот на отпорот во ВМРО-ДПМНЕ?

БОЦЕВСКИ Мислам дека стожерот на отпорот кај обете партии е оној дел што чувствува дека е загрозен од самата лустрација. Не само оние што соработувале со структурите на овие служби, туку и оние што се навикнати на тој начин на владеење. Но, пред се, најголемиот отпор ќе го најдете во разузнавачките структури поврзани и со едната и со другата партија.

ФОКУС Дали Сашо Мијалков е главниот противник? Колку е тој моќен?

БОЦЕВСКИ Мислам дека и тука повторно имаме еден вид мистификација околу една личност, повторно како резултат на ограничениот пристап на Сашо Мијалков до општата јавност. Што се однесува до отпорот, тој природно доаѓа од тие и таквите структури. А, Сашо Мијалков е онолку моќен, колку што му дозволува Никола Груевски!

ФОКУС А, му дозволува бајаги?!

БОЦЕВСКИ Не можам да дадам таква оценка, затоа што во мојот сегмент на работата не сум се сретнал ниту еднаш со Сашо Мијалков!

 

ЗА ИЗБОРИ ЌЕ ПОЧЕКАМЕ ДО 2012-ТА

ФОКУС Создаде, ли, ВМРО-ДПМНЕ во иминативе четири години своја олигархија или буржоазија?

БОЦЕВСКИ Тешко е да се одговори на ова прашање. Ние прво направивме лоша приватизација, која создаде социјални разлики што создадоа дополнителни проблеми. Од друга страна, не се создадоа доволно успешни претприемачи, кои ќе бидат, ако не повеќе, барем во некоја втора лига во регионот. Никој од големите имиња од бизнис секторот во Македонија, не игра никаква улога ниту на север од Куманово. Тоа е резултат на моделот што се избра во македонската приватизација.

ФОКУС За партијата на Груевски беше прашањето. Дали создаде своја бизнис елита, олигархија, буржоазија, како сакате крстете ја?

БОЦЕВСКИ Ќе мора да почекаме да ги видиме резултатите од ова владеење. Очигледно е дека се случува нешто на тој план, меѓутоа сеуште ги немам лоцирано нивните главни знаменосци.

ФОКУС Евроинтеграциите зависат од тоа дали ќе се постигне компромис за името со Грција. Верувате ли дека тоа ќе се случи до крајот на годината?

БОЦЕВСКИ Доколку Република Македонија навистина се приближува кон компромис , ќе има одредени знаци. Треба претходно да се исцица овој отров што постои во јавноста за името и оваа прекумерна доза на нагласен квазипатриотизам со кој се храни јавноста и кој дури станува здодевен веќе. Првиот сигнал дека има приближување ќе биде кога ќе омекнат овие ставови, односно, кога ќе почнат да се презентират прифатливи варијанти за Република Македонија.

ФОКУС Што подразбирате под прифатливи варијанти?

БОЦЕВСКИ Она за што имаме консензус, делот што е отворен за преговори, а не за оние кои ни го оспоруваат идентитетот. Но, тоа во овој момент не го гледам. Мислам дека е невозможно до крајот на годината и да се постигне компромис и да се спроведе референдум и да се направи позначаен исчекор во овој процес!

ФОКУС Дали воопшто Груевци се подготвени за компромис?

БОЦЕВСКИ Во моментот се наоѓаат во еден ќорсокак, покрај тоа што постои и неснаоѓање, неумеење, незнаење. Постои и еден вид изгубеност како да се продолжи понатаму. Заради тоа, гледаме дека процесот се движи во сите правци, од тужби пред Меѓународниот суд за правда, па се до некакви небулози. Од друга страна, и внатре се нема храброст да се дефинира македонската политика, затоа што секој е исплашен како ќе реагира другиот. Тоа не става во пат-позиција. Жалосно е што не се случува посериозен исчекор. За да се случи тоа, сметам дека мора да има промена на власта!

ФОКУС Верувате дека ќе има предвремени избори?

БОЦЕВСКИ Измеѓу неизвесни избори со едно надразнето јавно мислење што може да зоврие на чуден начин и уште две години власт во кои ќе се тераат владините проекти, не сметам дека Груевски ќе избере неизвесност. Оттаму, мислам дека за избори ќе почекаме до 2012 година.

ФОКУС Од лево на десно, на крајот завршивте во центар. Тоа што сега сте дел од ЛДП, дали значи дека верувате дека е созреан моментот да се урне црно-белиот свет, во кој наизменично се менуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?

БОЦЕВСКИ ЛДП во моментов се подготвува да си го окупира теренот што природно и припаѓа, односно, да го опфати граѓанскиот сегмент во РМ и да го претстави во националниот парламент, како и потребите за демократизација на целото општество и слобода за функционирање на претприемачите. На крајот на краиштата, јас често велам дека во Македонија тешко е да се земе бремето на пристојноста во националната политика. Тоа бреме долго време го носеше мојот професор Ѓорѓи Марјановиќ. И за мене беше врвна привилегија што заедно со професорот влеговме во ЦО на ЛДП.

ФОКУС Но, како ќе се изборите за позначајно место на политичката сцена, кога имам вопечаток дека се однесувате премногу салонски, затворено?

БОЦЕВСКИ Критично е, според мене, не само да се формулира оваа наша политика, туку и да се биде многу поагресивен во јавните настапи и во односите со медиумите, во презентирањето на таа наша политика. Тука ЛДП има свои предизвици!

Новогодишно мени од соништата на ГРУЕВСКИ

$
0
0


Во 2010 година се обидовме да го опишеме омиленото новогодишно политичко мени од соништата на тогашниот премиер Никола Груевски. „Специјалитетите“ во изминативе години беа со сласт „изедени“.

Политичките непријатели од софрата се веќе во графата „Остварено“!

пишувала:
Јадранка КОСТОВА

Како би изгледало менито од соништата на Никола Груевски? За разлика од Заев, кој преферира “да јаде живи луѓе”, Грујо сигурно не би правел проблем за вакви дребулии. Според нашите проценки за вкусот на премиерот, за предјадење би бил послужен, похован Душко со “пушени млекари” и “сецкани тутунари”. Салатата би била “Милчинка на преродбенички начин со дробен ГЕМ и прелив а ла Сорос”. За главно јадење би следувал “реш печен Велија за 4 особи, со рестовани новинари”. “Фламбираниот Љубе со свежо миксани бранители”, би бил за десерт. Секако, мора да има и грицки, а тука најдобро би легнале “потпечени Фуерки”. Се на се, Грујо има прсти да излиже!

Никола Груевски е без конкуренција најмоќниот човек во Република Македонија. Откако на вонредните избори во 2008-та доби комотно мнозинство, потоа во 2009 смести свој човек во претседателскиот кабинет, а локалната власт стана доминантно портокалова, во 2010, иако не беше изборна година, тој тргна во ,окупација, и на оние сегменти што по дефиниција не би смееле да бидат на партиските агенди.

Така, оваа година се фрли на темелна преработка на судството, регулаторните тела, синдикатите, бранителите или граѓанскиот сектор. Се разбира, сите овие операции се водеа запакувани во разни свилени обвивки за да ја прикријат суштината на акциите!

И, така, чекор по чекор, не беа ни 100, Македонија стана тоталитарна држава, и тоа според рецепт од учебниците. ВМРО-ДПМНЕ е верна копија на Партијата што Џорџ Орвел маестрално ја насликува во антологиската “1984”. А партијата беше темелот на тоталитраната држава. Ако ова ви звучи претерано, веројатно ќе размислувате поинаку после споредбата.

“Од членот на Партијата се бара да нема приватен живот, ниту одмор од ентузијазмот” – така беседи Орвел во своето дело. Кај Груевци ова е срочено со паролата 24/7 или 24 часа, седум дена во неделата. Или, како што некогаш пропагираа комунистите – “Нема одмора, док траје обнова”!

Понатаму, “членот на партијата треба да живее во постојано беснило од омраза спрема странските непријатели и внатрешните предавници”. Зарем треба да потсетуваме колку клетите Грци го хомогенизираат членството, а каков адреналин им креваат домашните “издаици” од калибарот на Љубе, Тито, Фрчко, Милчин, Заев… предолг е списокот!

“Од членот на партијата се очекува да ликува заради победите”. Уф, колку само ќеифови истераа од апсењето на Велија Рамковски или поточно таквата демек победа!

Следува уште една инструкција – “Членството мора да искажува, понизност пред моќта и мудроста на Партијата”. Следствено, оние вмровци кои згазија на ова свето правило – отидоа курбан!

НАВЕДНАТА ГЛАВА, САБЈА НЕ СЕЧЕ

Интересно е дека, колку повеќе моќ има владетелот, колку повеќе ги контролира луѓето и настаните, толку повеќе е чувствителен на било каква критика. Критичарите по правило влегуваат во графата – непријатели.

“Бидете безмилосни кон Вашите непријатели. Не допуштајте им никакви опции. Целта на моќта е да ги контролирате Вашите непријатели целосно, да ги натерате да и се потчинуваат на Вашата волја. Доколку во вашата борба со нив застанете на половина пат, заради милоста или надеж за помирување, само ги правите поодлучни, поогорчени, и еден ден ќе се одмаздат. Скршете ги не само телесно, туку и во духот”!

Според овие препораки од “Законите на моќта” постапува и Груевски. Оние што не се потчинија на неговата волја, а сепак имаат зад себе група или некаква сила, се најдоа на црниот список на Преродбата. Веројатно уште поболно се доживуваат ваквите непослушници во земја во која голема народна мудрост е – “Наведната глава, сабја не сече”.

Кон ваквите душмани има две опоции: Или максимално да се дискредитираат, или да се стават зад решетки. Станува ирелевантно, дали воопшто има основа за апсана. Фактот дека кон оваа алатка се прибегнува во момент кога е почната војната, доволно кажува што е приоритетот на Владетелот – Да се сотре непријателот било како, а не да се победи криминалот!

На пример, опасноста од Велија Рамковски е неговата највлијателна телевизија. Таа веќе стана опасен вирус во преродбенички проектираната стварност. Ете, на пример, да останеше Велија кооперативен, а телевизијата со портокалов диоптер, не ќе имаше кој да ги пренесува отровните изјави на Љубе Бошкоски за Груевски, Фамилијата, чешките банки, станови…!

Во овој контекст, да потсетам на старите добри времиња, кога Грујо и Велија беа во верна дружба. И кога телевизиите на Ѕинго и Рамковски секојдневно војуваа за аграрот. Кога се вадеа секакви валканици за противникот. Се прекина дури откако Груевски се појави на прославата на роденденот на Крсте Мисирков што ја организираше токму Фондацијата Рамковски!

Велија потоа во една изјава призна дека имал средба со Премиерот на темата субвенции и аграрот. Го пренесе и исказот на Груевски дека “бил емотивно погоден од прилозите на А1, ама и дека истовремено бил незадоволен како се делат субвенциите”. Остана нејасно, ако е незадоволен Премиерот од тоа како Земјоделие ги дели субвенциите, зошто е тогаш емотивно погоден од прилозите на А1!?

Освен ако по ‘дифолт’ не сметал дека телевизијата на Рамковски не треба да укажува на слабостите од работата на владините функционери. Е, сега можам да замислам колку емотивно се чувствувал Груевски, откако Велија тргна во жестока и отворена битка против “дикаторчичот”!

Како дополнение на ,емотивната природа, на премиерот може да послужи и делот пренесен од приватната тужба за клевета против Фрчкоски, која ем беше приватна, ем беше дадена како соопштение на Владата!

“Намалувањето на довербата кон мене како личност и како премиер, дури и на само еден граѓанин како последица на напишаните невистини за мене, е тешка последица” – беше исказот на Груевски даден пред судот.

Значи, виновен е тој што јавно ќе изрази разочарување, а не оној кој со своите потези предизвикал некој јавно да искаже критика кон него, па макар, ете, била и невистинита?! Уште повеќе, ако намалувањето на довербата дури и од само еден граѓанин му предизвикува тешки последици на премиерот, тогаш какви ли се последиците по него, кога бројот на разочараните граѓани расте?! Особено кога на Маршот на опозицијата, среде бел ден, значи без страв, излегоа неколку десетици илјади граѓани!

ШТО СЕ КРИЕ ВО ФИОКИТЕ НА ФАМИЛИЈАТА?

Токму заради огромната медиумска моќ, Велија може да се третира и како непријател Број 1 на Груевски. Ако Фрчко со една колумна успеа толку да го повреди со своите невистини, нели, тогаш јасно е каков земјотрес може да предивика најгледаната телевизија!

Ете, така некако, тој стана водач на злосторничко здружение. Секако, тука веќе не е важно што кријат запленетите вреќи од Перо Наков. А што се се крие во фиоките на фамилијата? Рамковски во своето последно интервју за Шпиц ќе раскаже за еден детал од неговите пријателски сеанси во кабинетот на премиерот во далечната 2007 година. Кога Груевски наводно му кажал дека го држи во фиока досито на Емил Стојменов. Веѓе следната година, Стојменов Стариот стана дел од коалицијата преродбеничка!

Во сличен дух неодамна и Бранко Црвенковски, токму на интервју во Канал 5 ја спомена горе-долу истата фиока, со нагласка – Хипотетички демек, доколку има кривична за газдата на Петка во фиока. И доколку уредувачката политика наеднаш добие опозициска боја, а фиоката се отвори, повторно ќе имаме акција која не е мотивирана од борба против криминалот, туку кон непослушинците!

Љубе Бошкоски, пак, е опасен затоа што, за разлика од салонскиот и мирен Љубчо, жестоко мава по Фамилијата, а важи за алтернативно “склониште” за разочараните вмровци. Откако не успеа операцијата “Предавник” сега се во игра шпекулациите дека се работи на тоа наскоро, во 2011-та, Љубе да му стане цимер на Велија во Шутка. Се разбира, ќе се најде нешто. Ако не се откријат злоупотреби или ако тие застареле, нешто а ла Раштански лозја не му гине, колку да се разликува од Рамковски!

Впрочем, злосторничко здружување се обидоа да му сместат и на лидерот на Достоинство, оти наводно лажирал боледувања. Па дури и од организиран криминал му се здадоа. За на крајот се да заврши со дисциплинска казна. Можеби и тоа не е крајот! Генералот Ангелов има зад себе едно чудо бранители, ем му припишаа дека бил близок до Љубе, па дури и покажува амбиции да се опроба на избори. А бранителите, нели, по дифолт би требале да бидат гласачка машинерија на Преродбата. За секој случај, ете почнаа да се стимулираа и делби во Достоинство, да се прават нови здруженија, се со цел да му се пресече гранката на која седи Генералот. И така да стане безопасен за Груевци, а со тоа автоматски веќе и неинтересен!

Опасноста од Душко Илиевски, млекарот од Битола, беше во можноста со неговата гласност и критика на власта да ги окуражи и другите изиграни млекари, а потоа тешко ќе оди да се смири масата. Кога ќе видат дека борбеноста дава резултат, а критичарот останува жив и здрав, тогаш следува домино ефектот. А, што беше неговиот првичен грев?

“Кражба во 100 чекори. Пред очите на власта исчезнаа 38 милиони евра!!! Остваруваме” – заради овие зборови ставени на плакат, Душко доби казна за омаловажување на премиерот. Арно ама, тој си продолжи да критикува. Не замолкна. Не ја наведна главата. И сабјата проработи. Го насликаа како одгледувач на дрога, иако многумина во инкриминираната билка препознаа обичен коноп. Дури и оние што не оставаа капут во кафеана, за полицијата да не им поттурела дрога во џебот, оти, демек, имале таква пракса, сега го жигосаа Душко како дилер на дрога. Веќе немаат ни грам сомнеж кон актуелнава полициска групировка!!!

ЗОШТО ГО НЕМА БРАНКО МЕЃУ ДУШМАНИТЕ?

Во првата петорка најдушмани на Груевски, како што веројатно тој ги доживува, е секако и Владимир Милчин. Силата на Милчин, пак, доаѓа од фактот, не што некогаш бил висок сдсмовски функционер, туку од парите. Ама не оние народните што Груевци ги трошат без усул, туку парите на Џорџ Сорос.

Дури и портокаловите мегафони кои никогаш не се задумаа за расипничката владина пропагандна еуфорија, често пати и без никаква издржана смисла, ,и дању и ночу, ги бројат и пребројуваат проклетите Соросови долари потрошени во Македонија. За сега оружјето на вмроидите против соросоидите се исцрпува во клетви и плуканици, но, нема да изненади ако им падне на ум и “демократскиот” изум – Со закон да се забрани оваа групировка!

На крајот од списокот на петте топ-фаци кои најмногу му го нарушуваат емотивниот баланс на премиерот, би го сместиле евроамбасадорот Ерван Фуере. Со оглед на тоа што наскоро ја завршува својата дипломатска мисија во Македонија, за него се применуваа поблагите методи. Штом за канонадите беа надлежни новинарски тутурутки, во комбинација со командатот на специјалната партиска ескадрила за “нервирање на непријателот” – Влатко Ѓорчев, очигледно дека не стигнал на повисоко место на приоритетната црна листа. Да имаше уште една година мандат, а продолжеше да делува како член на СДСМ, нели, не ќе беше чудно доколку завршеше како “персона нон грата”. Та треба заби да се покажат и за странските непријатели!

И, како би изгледало менито од соништата на Никола Груевски? За разлика од Заев кој “живи луѓе ќе јаде”, Грујо не би правел проблем за вакви дребулии. Според нашите проценки за вкусот на премиерот, за предјадење добро би легнал еден “похован Душко со пушени млекари и сецкани тутунари”. Од салатите се определивме за “Милчинка на преродбенички начин со дробен ГЕМ и прелив а ла Сорос”. Како главно јадење би следувал гурмански специјалитет – “Реш печен Велија за 4 особи, со рестовани новинари”. “Фламбиран Љубе со свежо миксирани бранители”, би бил десертот.

Е, како апетисани или за грицки добро ќе легнат “потпечени Фуерки”. И, секако, нема потреба од здравица за добар апетит, оти од ваквото мени сигурно веќе лиги ќе потечат!

Уште еднаш да потенцирам, може дури и да има криминал зад некои од фаците, може навистина некој од нив да одработува за опозицијата, но тоа не ја менува вистината дека портокаловата машинерија тргнува да ги гази само кога ќе удрат јавно, јасно и гласно против Преродбата, Груевски и Фамилијата.

Си замислувам само, хипотетички нели, доколку од разно-разни соображенија, се бива де, Латас или Миленко да ја свртат плочата. Каков ли тоа стрес по емотивниот систем на премиерот ќе биде? Што ли тогаш ќе ни чита Бичиклиски за одметнатите? Какви ли детал тогаш ќе им изнајдат од минатото или сегашноста?! Но, бидете спокојни, ова беше само шеговита илустрација за филозофијата на власта!

Сепак, сигурно се прашувате: Зошто го нема Бранко Црвенковски на новогодишната софра на нашиот премиер? Едноставно, самиот Груевски пред жените вмровки неодамна ја откри строго чуваната тајна, демек. Исмејувајќи ги заканите што наводно ги добивал Црвенковски, вицкастиот Грујо ги откри можните атентатори во сдсмовскиот табор, оти на вмровците многу им значело токму тој да ја води опозицијата. Со други зборови, Б.Ц. им бил лидер по мерка, што исплаткан низ долгодишното владеење, ја обезбедувал долговечноста на портокаловата групација!

Можеби ви звучи иронично, ама, ќе да е баш така. Овие тези сме ги застапувале и пред вака ,смело, да ни ги соопшти. Груевци сторија се, секој можен наследник на Бранко да добие кривична: од Бучковски преку Заев, а и за Радмила сторија обид, дури и соопштение стокмија на сајтот на МВР, ама потоа го повлекоа!

Но, додека тие се дуваат како пауни, потценувајќи го оцрнетиот спаринг противник, народот почнува и да замижува на минатото на Црвенковски, револтиран од она што Груевски го прави во сегашноста. Благодарение на таквата ароганција, тоа ќе биде чекорот кој скапо ќе го чини. А потоа, можеме само да замислиме како ќе изгледа празничното мени на препородениот Бранко!

Странците донирале 100 пати повеќе за државата, отколку за медиумите

$
0
0

Текстот е објавен на 17-ти јуни 2016-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 1080

Соросовата фондација оваа година ќе потроши 3 милиони евра, од кои само 250 илјади евра за медиумите, а другите пари се за пристап на граѓаните до образованието и здравството, олеснување на остварувањето на нивните права, учество во креирањето политики на локално ниво. Сорос донира пари и во обука на вработените во државната администрација! Наспроти скромните средства доделени на медиумите минатите две години – 630 илјади евра, Холандија донирала 5,5 милиони евра за подобрување на капацитетот на општините во делот на даночната администрација, за образование и локален економски развој, над 22 милиони евра во повеќе сектори на стопанството преку програми за тренинг и обука, 11 милиони евра за проекти со Министерството за финансии, УЈП, Царината и Народната банка, над 30 милиони евра во приватниот сектор, 40 милиони евра во образованието!

Пишува
Љубиша АРСИЌ

Кога пред три години, холандската амбасада во Скопје отвори повик за медиумски грантови со цел да финансира проекти кои ќе помогнат во развојот на новинарството и плурализмот во медиумите, дневниот весник „Дневник“ објави текст со наслов „Холандија со 150 илјади евра ќе прави независно новинарство“. Провладините медиуми експресно го пренесоа текстот со коментари дека Холандија ќе ги уредува медиумите, ќе ѝ помага на опозицијата, ќе дејствува против државата и институциите.

Секако дека, три години по огласот, откако беа избрани медиумските проекти што се финансираат од холандски пари, се покажа дека тезите на провладините новинари биле за инстант употреба оти амбасадата во ниту еден случај ниту уредува вести, ниту е антидржавен елемент. Напротив, проектите, како на пример, емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија, станаа препознатлив медиумски производ за објективно, аргументирано и истражувачко новинарство.

Дополнително, сите странски фондации и држави кои финансиски ги поткрепуваат новинарите и медиумите, секогаш инсистираат да се нагласи дека ставовите презентирани во текстот, емисијата, сторијата или каков и да е медиумски жанр, не се и ставови на конкретната држава. Со тоа тие однапред се оградуваат од содржината на медиумскиот производ, за да можат новинарите послободно да ги избираат темите, соговорниците, насоките на уредувачката политика.

Но, фактите за владејачката партија не се тема за аргументација. Таа опстојува на една теза, која упорно и успешно ја протнува во јавноста. Секако, со помош на курирските мегафони. Едноставно, според нивната кампања против критичкото новинарство и опозицијата, странските пари се наменети за антидржавно дејствување, новинарите кои се ангажирани на проекти на невладините организации се странски платеници, медиумите кои се помогнати од фондации или од амбасади, иако се претставуваат за независни и објективни, сепак остваруваат за странските интереси и за опозицијата.

Искривените тези до некаде и поминуваат на власта, особено кај граѓаните кои не сакаат преку факти да ја согледаат реалноста, за да увидат дека странските пари во медиумите во услови на државно-партиска контрола на доминантните национални медиуми се инструмент за подобрување на условите за работа на новинарите, за развој на истражувачкото новинарство, за слободата на печатот и изразувањето.

ДОБРО Е КОГА ВУЈКО СЕМ ДАВА НА ДРЖАВАТА, НЕ ЧИНИ КОГА ИМ ДАВА НА МЕДИУМИТЕ

Владејачката партија не сака да признае дека странските грантови за медиумите во последните неколку години се интензивирани токму по нејзина вина. Нејзиниот однос кон медиумите и новинарите и создавањето цела армија новинари впрегнати во партиска пропаганда, практично ја задушија професијата и на новинарите што сакаат да останат професионалци и да пишуваат за злоупотребите на политичката моќ, да бидат чувар на јавниот интерес, им останаа малку мејнстрим ТВ канали, изолирани печатени медиуми и повеќе дигитални портали, а најчесто се соочуваат со ниски плати и хонорари, несигурно работно место, со тужби за клевета и навреда од политичките моќници од власта, со арбитрерни отпуштања итн.

Македонија е кандидат за членство во Европската Унија каде што владеат високи стандарди на слободата на печатот и улогата на медиумите во општеството како четврта власт. Оттаму, сосема е разбирлива и оправдана финансиската поддршка на медиумите со грантови од европски фондации или држави. Таа е неопходна за квалитетот на новинарските содржини, за негување истражувачко новинарство што ќе открива корупција, организиран криминал, злоупотреба на јавните пари итн.

Но, ако веќе власта извлекува заклучоци дека во случајот на финансиската поддршка на медиумите (како и на невладините организации), станува збор за платеништво за туѓи интереси, тогаш да наведеме некои факти, за да објасниме оти таквата логика е погрешна.

Ако финансиските интервенции на добронамерните странци во медиумите се толкуваат како антидржавни, тогаш како да се толкуваат парите, кои се дури 100 пати повеќе, што странските фондации и држави ги донираат во државните институции, во здравството, образованието, земјоделството? Како обид на странците да влијаат врз владините политики за свои сопствени интереси наспроти нашите државни интереси? Како начин за узурпација на суверенитетот на македонската држава? Како сценарио да ја купат Македонија?

И што се тогаш нашите државни функционери, премиерот и министрите, ако владата и министерствата добиваат пари од истите европски фондации и држави? Предавници и странски платеници?! Се разбира, ништо од ова не врви и никој нормален не би резонирал на таков начин. Значи, на владејачката партија не ѝ пречи што државата користи донации, грантови, финансиски програми од истите држави и фондации кои со еден мал процент учествуваат и во поддршката на медиумите и новинарството. Не само што не ѝ пречи, туку таа тоа намерно го премолчува.

Со други зборови, ако со еден милион долари, според логиката на власта, УСАИД (Агенцијата за меѓународен развој на САД) може да ги контролира медиумите во Македонија, тогаш дали со 10 милиони долари донирани во образованието значи дека таа ги контролира и ги насочува образовните процеси, наметнува учебна програма, избира кој да печати учебници, крои наставно-научни приоритети, избира наставници? Се разбира, ништо од ова не е точно. Точно е само дека Агенцијата го финансира и го помага развојот на образованието, организира обуки и ги вклучува граѓаните во процеси од кои државата одамна ги исклучила.

Се разбира, власта нема ништо против ова финансирање, но кога станува збор за медиумите, ваквите аргументи не ѝ се допаѓаат. Ако ги следиме бројките на УСАИД преку кои се изразени донациите на американската агенција во Македонија, станува сосема јасно дека финансиската помош за медиумите е занемарлива (некогаш дури само 1 отсто) од потрошените пари на американските граѓани, во споредба со другите сектори од кои директна полза имала државата, а во преносна смисла и партијата на власт.

Низ бројките на УСАИД за финансирање на голем број проекти, не е едноставно да се извлечат податоци колку вкупно пари Агенцијата донирала во Македонија во последните 10 години откако Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ владеат со Македонија. Од она што успеавме да го најдеме, ќе издвоиме неколку примери, од кои е јасно дека парите на даночните обврзници на САД за помош на владините проекти и политики се далеку повеќе од она што е потрошено за медиумите.

Речиси и да не постои сектор во државата во кој УСАИД нема финансирано. Сите донации, без исклучок, се за напредок на одделните сегменти во општеството, а секогаш ги вклучуваат и граѓаните. Од финансиските програми на УСАИД кои се во тек ќе ја споменеме таа за заштита на човековите права. Само една невладина организација спроведува проект од над 600 илјади долари. Тоа е проект преку кој правно се заштитуваат правата и слободите на граѓаните, но се едуцираат и кадри од областа на човековите права, што е вообичаена обврска на државата.

Понатаму, само една програма, исто така на една невладина организација, е финансирана со 700 илјади долари како дел од антикорупциската битка. Лесно се заклучува дека и тука, обврските што ги има државата за обука на кадри, изградба на механизми за заштита од корупција, методи за детектирање корупција, финансиски ги помага УСАИД.

Интересно е да се спомене, дека во услови на лош образовен систем, несоодветни школски програми, неквалитетен наставнички кадар, УСАИД реализира програми со децата и учениците со цел да им го направи образованието пристапно, полесно и подолготрајно. Само за интеретничката интеграција во образованието, агенцијата донирала 5 милиони и 200 илјади долари во последните четири години. Овие пари, како и сите други финансиски донации се неповратни средства. Важно е да се нагласи дека само оваа ставка од парите на УСАИД, од 5,2 милиони долари во интегрираните училишта, неколкупати ја надминува финансиската помош за медиумите. За една година УСАИД троши по 700 илјади долари за децата од предучилишна возраст да научат да читаат и да пишуваат.

Во областа на економијата, УСАИД спроведува голем број проекти, но ќе ги издвоиме оние кои имаат директно влијание за подобрување на животот на граѓаните. На пример, 600 илјади евра Американците ќе потрошат за да ги научат малите и средните претпријатија како да учествуваат на тендери. Ова е конкретна мерка за подобрување на конкурентноста на фирмите, а со тоа и зголемување на нивната заработка.

Од ова секако државата има бенефит, оти фирмата потоа ќе плати повисок данок, а стопанството ќе добие уште една успешна компанија. УСАИД има и програма за финансирање преку која на младите им овозможува вработување. Агенцијата троши по неколку милиони долари, на невработените, пред сѐ, на тие што имаат завршено само средно образование, да им обезбеди обука за полесно да се продадат на пазарот на трудот. Сите овие неповратни средства што ги набројавме се само мал процент од она што УСАИД го донира преку своите програми во Македонија.

ЏОРЏ СОРОС ЗА МЕДИУМИТЕ Е МРАК, ЗА ДРЖАВАТА СВЕТЛИНА

Паралелно со парите на американските граѓани во Македонија влегуваат и пари од фамозниот Џорџ Сорос преку неговата фондација Отворено општество Македонија (ФООМ). Тоа е фондот кој е на удар на власта и на провладините медиуми. Во обид да ја оправдаат медиумската окупација, владините пропагандисти како аргумент ги користат токму парите на Соросовата фондација преку кои се финансираат одредени медиуми и медиумски проекти.

Според официјалните бројки на ФООМ, годишно од Њујорк во Скопје се слеваат 3 милиони долари. Во моментов, актуелна е стратегијата 2014 – 2017-та, која е составена од три приоритети – зајакнување и мобилизација на граѓаните, поддршка на интеграцијата на Ромите и маргинализираните групи и учество на граѓаните на општинско ниво.

И тука споредбата недвосмислено покажува дека помал процент од парите на Сорос во Македонија се трошат на медиуми. Годинава, на пример, од трите милиони евра, само 250 илјади ќе одат за поддршка на новинарски проекти. Останатите пари ќе се искористат за нешто што е обврска на државата, а која се реализира преку „озлогласената“ фондација, како обезбедување пристап за граѓаните до образованието и здравството, олеснување на остварувањето на нивните права, учество на граѓаните во креирањето политики на локално ниво.

Паралелно со едукацијата на граѓаните, ФООМ донира пари и во обуката на вработените во државната администрација за да даваат поквалитетни услуги и да им овозможат пристап на граѓаните до институциите.

Со овие средства, фондацијата директно помага во организирањето на системот на државата со цел да го направи пофункционален и попрактичен. Ваквите пари никому во власта не му пречат, ама затоа трн во око се процентуално ниските суми што се издвојуваат за поддршка на медиумите.

Ако ги прелистате официјалните податоци на ФООМ, може да се откријат конкретни проекти кои се од голема полза за државата. Некои донации и грантови одат во сегменти кои државата ги заборавила дека постојат. На пример, финансирани се општини да изработат планови за енергетска ефикасност. Понатаму, се донираат пари како помош за малите и средните претпријатија, за судството и за развојот на демократијата.

99 ОТСТО ОД ФОНДОВИТЕ НА ЕУ ОДАТ ЗА ДРЖАВАТА

Ништо помалку не заостануваат ниту европските пари, оние од Европската Унија, но и на одделни држави. Во седумгодишната финансиска рамка од 2007 до 2014- та, за Македонија беа издвоени 620 милиони евра, пари на Унијата. Прашање е колку владата успеала да извлече и да потроши, но проценките се дека 20 до 30 отсто од парите нема да се искористат. Голем дел од средствата власта ги искористила за поддршка на своите политики и затоа завршиле во институциите, пред сѐ, за реформи на администрацијата и на судството.

Тие пари од ЕУ беа наменети за пет области, градење институции, прекугранична соработка, регионален развој, развој на човечките ресурси, земјоделие и рурален развој. Овие пари од програмата која заврши во 2014-та може да се користат до 2017-та, а веќе актуелна е новата програма со нови 600 милиони евра која се однесува на периодот од 2014 до 2020-та. И оваа нова финансиска програма е поделена по сектори – демократија и управување, владеење на правото и човекови права, животна средина, човечки ресурси, конкурентност и иновации, образование, вработувања, социјална политика и рурален развој.

Според практиката, ако ЕУ издвојува 620 милиони евра за седум години, тоа значи дека Македонија годишно има на располагање неповратни 90 милиони евра. Според бројките, ЕУ фондовите издвојуваат само по еден милион евра годишно за медиуми. Тоа значи дека Унијата 90 пати повеќе финансира во другите сектори, односно во државните институции со цел да го подобри квалитетот на нивното функционирање, да го олесни животот на земјоделците, да го промовира бизнисот, да го унапреди судството.

100 МИЛИОНИ ЗА ДРЖАВАТА, ПОЛОВИНА МИЛИОН ЗА МЕДИУМИТЕ

Некои членки на ЕУ, пријатели на Македонија, како Холандија, Германија, Велика Британија, но и Швајцарија, Норвешка и други држави, во последните 10 години донирале десетици милиони евра како помош за државата. Токму амбасадата на Холандија во Скопје беше испровоцирана да објави што сѐ има донирано во Македонија откако провладините медиуми ја нападнаа дека со грантови за новинарите сака да уредува медиуми, да и помага на опозицијата и да дејствува против владата.

Наспроти скромните средства доделени на медиумите – 630 илјади евра, и тоа за дебатната емисија „Зебра“ (2012-2013), веб-проектот за истражувачко новинарство „Инбокс“ (2014-2015), стории на заедничката дописничка мрежа на порталите Нова ТВ и Алмакос (2014-2015), формирање нова независна новинска агенција „Мета“ (2014-2016) и информативната дебатна програма „360 Степени“ на Алсат ТВ (2014-2016), Холандија донирала најмалку 100 пати повеќе како помош на државата во остварувањето на повеќе цели и приоритети во неколку области.

Според официјалните податоци, во областа на доброто владеење се потрошени 5,5 милиони евра или конкретно се подобрувал капацитетот на општините во делот на даночната администрација, менаџментот на човечките ресурси, образованието и локалниот економски развој. Понатаму, Холанѓаните финансирале проект за подобрување на капацитетите на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), како и социјален и инфраструктурен локален развој.

Амбасадата на Холандија, исто така, учествувала со 130 илјади евра во институционалната поддршка на Советот за етика во медиумите. Кога станува збор за владеењето на правото доделени се средства за подобрување на ефикасноста на судскиот систем во милионски износи, од кои само половина милион за полицијата во борбата против фалсификување документи. Во моментов, актуелни се проекти на Холандија, во износ од 300 илјади евра со Академијата за судии и јавни обвинители и Судскиот совет за имплементација на европските стандарди, како и проект за заштита на пријавувачите на кривични дела.

Значителни суми, сепак, се издвоени за проекти во партнерство со државата, како проектот за јакнење на капацитетот на владините институции и установи за превенција на домашното насилство со 2 милиона евра, проект за подготовка на закон и политики на полето на сексуално и репродуктивно здравје и права, во соработка со Министерството за здравство од 320 илјади евра и други домашни и регионални проекти.

Преку холандски трговски агенции и инструменти, кои и денес им се на располагање на компаниите, Холандија потрошила над 22 милиони евра во повеќе сектори преку програми за тренинг и обука, воспоставување врски меѓу македонски и холандски компании и слично. Не изостанува ниту културата, па Холанѓаните го одврзале ќесето и дале 700 илјади евра (сума повисока од таа за медиумите) за фестивалот „Браќа Манаки“, „Скопје Дизајн“, „Танц фест“. Двесте илјади евра му се дадени на Јордан Плевнеш за отворање на образовната институција ЕСРА.

И на крајот, верувале или не, ама амбасадата на Холандија има донирано 11 милиони евра во проекти со државните институции, како Министерството за финансии, УЈП, Царината и Народна банка. Над 30 милиони евра се донирани во приватниот сектор. Четириесет милиони евра, пак, се доделени во образованието. Е сега, дали навистина државата која според слободна проценка донирала 100 милиони евра во Македонија, сака да ги јавне медиумите со грантови од половина милион евра?

Поради ограниченост на просторот, од сите странски донации во Македонија, во оваа пригода ќе ја издвоиме Велика Британија со бројки кои покажуваат далеку поголема интервенција во државните проекти отколку во медиумските. Најмногу, 4,5 милиони фунти Британците донирале во владините институции на централно ниво, на општините им помогнале со 600 илјади фунти, на секторите за безбедност со 1 милион и 300 илјади фунти, а за парламентот издвоиле 600 илјади фунти.

За реформите во судството, кое никако да се деполитизира, давале сите, па и Британија издвоила 340 илјади фунти. За медиумите Лондон помогнал со 400 илјади фунти, што е практично 20 пати помалку од секторите што имаат врска со државата.

Швајцарија, која не е членка на ЕУ, само со новата програма ќе донира осум милиони франци за граѓанското општество во Македонија. Не заостанува ниту Германија, која донира милиони евра во сите области. Пред фактите и боговите молчат. А тие го поставуваат прашањето, ако критичките медиуми се „соросоиди“, платеници и предавници, тогаш каква ни е државата и власта?

ДРЖАВАТА ПРИМА ДОНАЦИИ, АМА НАПЛАЌА И ДАНОЦИ

Освен што државата има бенефит од странските донации, таа ја полни и касата со даноци кои донаторите и фондациите ги плаќаат по разни основи. Пред сѐ, луѓето што работат на проектите финансирани со грантови, мора да платат 10 отсто персонален данок. Потоа, за потребите на проектите има граѓани кои се вработуваат и за кои се плаќаат комплетни даноци и придонеси кон државата. А за голем дел од услугите, донаторите плаќаат и ДДВ. Колку проектот е поскап, толку државата има поголем прилив. Од прилика, 15 до 30 отсто од буџетите на фондациите завршуваат кај државата.

ПОСТИЗБОРНА АНАЛИЗА на Ѓорѓи Спасов: Зошто СДСМ мора да формира влада?

$
0
0

Пишува: Ѓорѓи СПАСОВ

Ако одржувањето предвремени парламентарни избори во Македонија беше условот за да се надминат причините за длабоката политичка криза, тогаш клучното прашање по нив гласи: кои беа причините за кризата, по „големата“ победа на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ на изборите во 2014 година, и кој што нуди денес за таа да биде надмината.

Коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ на избори излегоа со сосема различни оценки за тоа што ја создаде политичката криза во Македонија. А повеќето од нивните разлики може да бидат собрани во пет точки:

Прво, Победниците на тие избори во 2014 година тврдеа дека победиле и дека се дотогаш победувале исклучително на фер избори, без злоупотреби на власта, без застрашување на опозициските гласачи, без изборна корупција, без монопол врз клучните медиуми и без систематско оцрнување на опозицијата и нејзино оневозможување да се организира и да делува. Целата причина за немоќта на опозицијата ја гледаа во тоа што опозицијата немала програма, немала идеи, била деструктивна, но и за разлика од партиите на власт „не водела доволно сметка за државните и за националните интереси“.

За разлика од нив, СДСМ и коалиционите партнери одлучија да не ги признаат таквите избори. Ги вратија добиените мандати и поведоа битка за докажување на изборниот фалсификат на власта, за разобличување на методите со кои опозицијата е оневозможувана да делува слободно, укажуваа на потребата од одвојување на партијата од државата, на грубата корупција врз медиумите и воспоставувањето монопол врз нив и говореа за неопходноста од независно судство како елементарен услов за заштита на човековите права во земјата. Опозицијата не прифати да биде само украс во една диктатура, и побара интервенција од ЕУ и од САД да извршат притисок врз власта за создавање елементарни услови за изразување на слободната политичка волја на граѓаните на изборите.

УСЛОВИ ЗА ПРОМЕНА НА ВЛАСТА

Во таа тешка борба, опозицијата на чело со новиот политички лидер на СДСМ Зоран Заев успеа. ЕУ и САД ги прифатија аргументите на опозицијата која го бојкотираше Собранието и конечно го принудија Груевски да прифати одржување нови предвремени парламентрани избори, и во пресрет на тие избори да отстапи барем минимален простор за слободно изразување на политичката волја на граѓаните.

Резултатите од изборите покажаа дека опозицијата била апсолутно во право. Со минимални услови за слободно изразување на политичката волја на граѓаните, Македонија секогаш ќе има силна опозиција и услови за мирна промена на власта, што е еден од клучните услови за излегување од перманентната политичка криза во која партиите на власт ја држеа Македонија.

Второ, македонската политичка криза влезе во својот зенит, откако граѓаните и светот дознаа дека цели седум години од 2008-2015 година нелегално биле прислушкувани телефоните на илјадници граѓани, на новинари, дипломати, опозициски лидери и штабови, бизнисмени и дека власта се одржувала реално и со помош на тој вид масовно кршење на човековите права, преку кое се снабдувала со материјал за уцени, рекет и контрола на секоја активност која можела да ја загрози нејзината монополска позиција на сите полиња и особено во сферата на бизнисот.

Зоран Заев, кој успеал да дојде до прислушуваните материјали, храбро ја разоткри оваа голема злоупотреба на власта и побара истрага па и формирање Специјално јавно обвинителство кое ќе ги открие виновниците за тоа и ќе создаде услови за такво нешто повеќе да не и се случува на Македонија. Стана јасно дека тоа било правено од страна на „тајната полиција“ на Груевски раководена од неговиот прв братучед и дека во моментот кога биле откриени, започнале со операција на уништување на доказите, на опремата, па и на сведоците, при што направиле уште бројни кривични дела.

Но, за разлика од опозицијата која бара да формира влада за случајот со прислушувањето темелно да биде истражен, а виновниците да бидат казнети, Никола Груевски се уште јавно тврди дека тој и неговата досегашна влада немаат вина за тоа што и се случило на Македонија. Тој и неговите клучни пропаганадисти, покрај сите докази, се уште не се откажале од идејата дека на лидерот на опозицијата кој ги објавил нелегално прислушуваните разговори треба да му се суди за „Пуч“. Нова влада на Груевски веројатно би продолжила да докажува дека за време на нејзиното владеење од 2008-2015 година некои вработени во тајната служба неовластено снимале телефонски разговори, кои биле нарачани од „странски служби“ со цел да и ги дадат на опозицијата за таа со нив да ја промени власта во земјава. Истовремено, Груевски не се откажал од тврдењето кое го добил од некоја израелска агенција што ја ангажирала владата, дека истовремено некои „странски служби“ со опрема за прислушување телефонски разговори во „жолти комбиња“ ги снимале телефонските разговори на владините функционери со цел да и помогнат на опозицијата да ја промени власта во Македонија.

ВЛАДА ЗА ЗАОСТРУВАЊЕ НА ДИКТАТУРАТА

Трето, објавените „бомби“ на Заев од разговорите на владините функционери, ја запознаа домашната и светската јавност со целата технологија на владеење со Македонија на Груевски и на неговиот тим во подолг период. Граѓаните го слушаа Груевски со каков политички садизам се однесувал кон Фијат Цановски, како нарачувал лично насилство – шамари кон избраниот градоначлник на Центар од опозицијата Андреј Жерновски од користољубие, како Сашо Мијалков во полициско – судски местенки му се одмаздувал на Љубе Бошкоски, како со џокерот во Републичкиот судски совет ги местел судиите од тефтерчето на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како МВР го претвориле во штаб на партијата, како земале

огромни коруптивни провизии од „жутите“, го трошеле буџетот безмилосно за лични добивки, ги уредувале вестите на корумпираните телевизии, купувале парцели на Водно, најскапи мерцедеси, преземале туѓи компании со уцена и воспоставиле целосен систем на сопствена неказнивост, односно станале недопирливи за законот.

Објавувајќи го ова, опозицијата побара промени. Побара нова институција во правниот систем која ќе биде во можност барем малку да ја врати надежта во владеењето на правото. И благодарение на тоа инсистирање, Груевски со тешка мака прифати да биде формирано Специјалното јавно обвинителство кое ќе го истражи случајот со прислушувањето но и индициите за сторените кривични дела кои произлегуваат од разговорите меѓу владините функционери во кои тие се договараат за земање коруптивни провизии, нарачуваат насилства и ставаат до знаење дека ги ставиле сите државни институции под контрола само на еден човек и на неговата мала група на власт.

Но за Груевски, кој повторно сака да состави влада, Специјалното јавно обвинителство е само „резултат на мешањето на странски сили во нашата внатрешна политика“.Тоа, според него, не е независна инстутуција, за каква што го смета обвинителството што го води Зврлевски, и не заслужува ниту да му биде продолжен мандатот, ниту да има право на заштитени сведоци какво право што има обвинителството на Зврлевски, ниту е потребно посебно судско одделение или специјален суд за делата кое тоа ги покрена да бидат судени во фер постапка. Груевски веќе ја демонстрираше својата умешност за целосна блокада на работата на СЈО, преку бројните полициски и судски институции што останаа под негова контрола во целиот овој период, судиите не дозволуваат тој да биде снимен дури и кога ќе реши да се појави на суд, не дозволуваат илегално прибавените разговори да бидат користени како докази, не прифаќаат загрозени сведоци на СЈО и се уште му гарантираат „неказнивост“ и невиност во исто време додека судските процеси против опозициските лидери и шарените револуционери се одвиваат со нормална динамика.

Во оваа смисла, влада на Груевски би значела крај на надежта за какво било ослободување на судството од политичката контрола на оние кои ги имаат направено најголемите криминали и злоупотреби во земјата. А тоа значи само продолжување и заострување на диктатурата и отсуство на каков било систем за владеење на правото.

А тој ситем на неправедно судство, според податоци од затворите и од опозицијата, во моментов држи стотици невини луѓе во нечовечни услови по затворите и тоа најмногу Албанци, Роми и Македонци, наместени во полициско судски акции и осудени на тешки казни затвор, како жртвени јагниња, без доволно докази. Многумина од нив се осудени на долгогодишни казни и само за „илегално превезување мигранти од Дојран до Куманово“ во време кога владата тоа легално го правеше со возови и им наплаќеше дупло повеќе пари од дивите таксисти.

„ЗА НИКОЈ ДА НЕ ГО УЦЕНУВА“

Четврто, Груевски и на овие избори побара нов мандат за да продолжел со неговата економска преродба на земјата и со реализацијата на неговите проекти.

Но опозицијата покажа и докажа дека во сите изминати години од власта на Груевски земјата на економски план заостанува. Се постигнуваа минимални стапки на раст а истовремено земјата се задолжи неколку милијарди евра. Огромни пари се потрошени за непродуктивни проекти и кич разубавување на Скопје, за купување на социјалниот мир, исплаќање на субвенции без резултат и огромни пари се одлеани на сметки на бизнисмени блиски до партиите на власт во оф шор команиите на Белизе, Кипар и во Швајцарија. Стапката на невработеност е статистички намалена само врз основа на исселувањето на младите од земјата и масовното непродуктивно вработување во државната администрација. Социјалните разлики се значително зголемени како и процентот на осиромашеното население. Беа потрошени и 16 милиони евра за попис на населението кој беше прогласен за неважечки без никој да одговара.

Влада на Груевски која би го продолжила сегашниот погубен економски модел со натамошно масовно задолжување, со трошење пари за непродуктивни цели, и со целосна нетранспарентност на буџетот, ќе ја води земјата не само во банкрот туку и ќе ги заострува социјалните конфликти кои може да прераснат во меѓуетнички и ќе ја оддалечува од вредностите и стандардот на земјите на ЕУ.

И петто, не смее да се заборави дека Груевски и на овие избори излезе со барањето за 63 пратеници „за никој да не го уценувал“. Иако многумина сметаат дека ова е само дел од неговата „антиалбанска реторика“ со која порачува дека „ако има мнозинство без Албанците во Собранието“ нема да дава други „екстра права“ и ќе ги држи под контрола, зад неа се крие всушност целиот авторитарен концепт на неговото владеење.

Да не смее „никој да го уценува“ значи дека би можел да владее наспроти волјата на сите.

Нему му е потребна влада за да биде во коалиција со некоја од партиите на Албанците но да има и натаму простор да го шири стравот од нивните „неосновани барања“ и да се претставува како „спасител на Македонците“ од албанската опасност.

Нему му е потребно мнозинство „за никој да не го уценувал“ за да може да им се спротивстави на ЕУ и на САД кои бараат од него да ги почитува меѓународните демократски стандарди во владеењето ако земјата навистина сака да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Нему му е потребно мнозинство за „никој да не може да го уценува“ кога ќе продолжи со приказната за античкото потекло на Македонците, со изградбата на античките споменици и градби и со митологизацијата на историјата за политички цели и за оддалечување на Македонија од НАТО и од ЕУ.

Нему му е потребно мнозинство за никој да не може да го уценува за да продолжи да ја лаже владата во Бугарија дека е подготвен да го потпише договорот за соработка но дека и без него можеле да се развиваат добрососедски односи.

Било кое барање од страна на опозицијата или на демократската јавност за него е рамно на уцена и тој бара власт само за никој да не можел да го уценува. И затоа и бара да формира влада.

ПРОМЕНИ ИЛИ „СТАТУС КВО“

За разлика од него, Зоран Заев излезе со барање поддршка за влада која ќе обезбеди живот во Македонија за сите. Не бараше никој да не го уценува туку

фер шанса и договор за излез од политичката криза. Тој бараше и доби широка поддршка за еден сосема поинаков концепт на владеење. Бараше поддршка за враќање кон демократските вредности, почитување на Уставот и градење заедништво на солидарни основи во земјава и не за тој да не биде уценуван туку никој да не се чувствува уценуван.

Дури ако се имаат предвид овие пет клучни разлики во гледањето на причините за кризата, станува јасно што може да се случи ако Груевски или Заев формираат влада, и зошто ЕК порача дека „ќе биде подготвена да му честита на победникот на изборите во Македонија дури откако тој ќе формира влада“ и ќе се знае што има намера да прави со неа.

Груевски како „ранет ѕвер“ по изборите излезе со својот мрачен проглас најавувајќи дека ако „му била украдена победата“ ќе настапела ноќта на долгите ножеви во која ќе ги снема неговите политички противници. Ако му бил одземен мандатот и не биде прогласен за победник нема да го признаел резултатот од изборите, ниту одлуките на ДИК и на Управниот суд. И дека по сета оваа „траума“ низ која поминал со „уцените од страна на опозицијата и од странските посредници“ донел одлука веќе да не учествува во какви било разговори за тоа како тој ќе владее и што ќе прави во земјава ако состави влада. Бесен од успехот на опозицијата за која до последен момент неговите послушници го убедуваа дека одново ќе ја победи најмалку со разлика од 200 илјади гласови, всушност повтори дека нема веќе никогаш да дозволел политиката да му ја диктираат некакви Хојтовци, Катици и странски служби, туку дека ќе владее суверено како и досега според истите принципи и на ист начин.

Груевски е веројатно убеден дека за да продолжи се по старо, како ништо да не се случило, ќе биде доволно само ДУИ да прифати да коалицира со него макар до некои нови избори на кои заедно со Али Ахмети, со истите методи како и пред оваа криза би си ја вратиле изгубената сила и доверба.

ИЗБОРНАТА ПОРАКА ОД АЛБАНСКИОТ ЕЛЕКТОРАТ

Но, етничките партии на Албанците, исто така на овие избори добија јасна порака за тоа во која насока Албанците сакаат да се движи Македонија.

Меѓу албанското население над 90 отсто е раширено уверувањето дека Груевски ја води земјата во погрешна насока и над 90 отсто не ја одобруваат неговата политика.

Огромен број Албанци и тоа од регионите кои беа најжестоко зафатени со војната во 2001 година масовно гласаа за СДСМ и за програмата „За живот во Македонија“. Во таа програма и во Заев гледаат можност да бидат ослободени од затвор невино затворените Албанци, да им се суди на вистинските криминалци, да излезат некои вистини на виделина, да престане нивната дискриминација по политичка основа и да почне да се води политика на рамномерен економски развој кој ќе го подобри стандардот на населението. Албанците видоа можност и преку СДСМ со еднаков успех да се остваруваат и нивните етнички и граѓански права, како и за живот во Македонија на рамноправни и слободни граѓани. И тоа се клучните насоки на развојот низ кои ќе се оствари заедничката стратешка цел за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО и за трајна стабилизација на регионот.

Во политиката е нормално, кога од вас зависи составувањето влада да можете да ги поставите и своите барања. Но уште поважно е да ги знаете своите

приоритети. А приоритетите треба да бидат наредени според тоа што би помогнало пред се за совладување на политичката криза во која влеговме по изборите во 2014 година.

На секого денес му е јасно, на пример, дека политичката криза во Македонија овојпат не настана поради „отсуството на целосна двојазичност во земјата“ ниту пак поради тоа што Ахмети не го убеди Груевски во 2014 година да одберат консензуален кандидат за претседател на Македонија. Напротив. Ахмети сметаше и изјавуваше цело време дека кризата е резултат на „интер-македонскиот конфликт“ за демократијата, изборите и криминалот а дека ДУИ игра само конструктивна улога во обезбедувањето посредништво од меѓународната заедница без да ги наметнува своите барања, само со цел да се излезе од кризата.

Тој секако и не забележа дека во процесот на тоа посредување постојано стоеше на страната на Груевски. Тој му помагаше да се заканува со брзи избори, да избира министер за еден ден со цел да го блокира министерот на полицијата од СДСМ, предлагаше закони да се забрани емитувањето на „бомбите“ и учествуваше во сите акции на активно блокирање на истрагите на СЈО, па и со неучеството во донесувањето одлука за продолжување на мандатот на тоа обвинителство. И токму тој вазален однос кон Груевски а не неговата конструктивност во надминувањето на кризата му го испорача големиот изборен пораз на Ахмети на изборите.

Оттука, обидите на Ахмети, сега по изборите, одново да се претстави како голем сеалбански лидер, кој може да ги обедини Албанците против Македонците за „конечно остварување на нивните етнички права“ се патетични колку и неговото тврдење дека ДУИ „победила“ на овие избори ама Албанците изгубиле.

Напротив. Албанците, за негова информација, се најголемите победници на овие избори заедно со демократската јавност од опозицијата. Демократската опозиција го победи својот страв од авторитарниот режим и од репресиите. Но, голем број од Албанците го победија и својот национализам за разлика од Македонците во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

ПЕТ ТОЧКИ ЗА ВЛАДА ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА

Сега е важно победниците од двете страни на политичкиот и етничкиот спектар да формираат влада за живот во Македонија со јасна визија за тоа во каква Македонија сакаат да живеат.

ДУИ ќе мора да сфати дека веќе не е единствен, ексклузивен претставник на интересите на Албанците во Македонија, како што Груевски не е единствен, ексклузивен претставник на македонските национални интереси ниту на народот за каков што се претставува. И двете партии ќе мора да ја напуштат политиката на тоа дека „никој не смее да ги уценува“ туку да ја прифатат логиката на соработка за заеднички успех кој води низ прифаќањето нужни компромиси и отстапки.

На ДУИ, или барем на оние пратеници кои се способни да извлечат поука од изборите, мора да им стане јасно дека без демократија, владеење на правото и економски прогрес, и кинески да почнеме да зборуваме сите на целата територија нема ништо да се поправи. И затоа мора да се подредат приоритетите во нивните барања за состав на влада, особено ако е точно дека

тие, како што изјавуваат, многу ги почитуваат препораките од меѓународната заедница.

Во интерес на промените, СДСМ треба да понуди јавен договор за формирање влада со сите партии кои ќе прифатат:

Прво, продолжување на мандатот на СЈО, донесување закон за заштитени сведоци и формирање специјален суд или посебно судско одделение со посебен судски буџет и избор на судии кои ќе постапуваат по предметите на СЈО.

Второ, итно донесување ребаланс на буџетот за 2017 година и внесување измени кои ќе овозможат рамномерен регионален развој на земјата, отстранување на непродуктивните проекти и услови за итно зголемување на минималната плата на 12 илјади денари. Истовремено, воведување на сите принципи за буџетска транспарентност и одговорност во неговото трошење.

Трето, Комисијата за односи меѓу заедниците под итно да заседава и да реши уште за кои прашања во Собранието треба да се решава според Бадинтеровото мнозинство, за да се спречи надгласувањето на етничките заедници во однос на прашањата од нивен интерес. Таа комисија за тоа и е формирана.

Четврто, итно да се започне со спроведувањето на сите реформи, кои според Прибе земјата ќе ја доближат до стандардите на НАТО и на ЕУ, а сите партии да бидат поканети во тим за реализација на национална стратегија во разговорите за разликите околу името со Грција, за да се изгради јасна национална стратегија и да престанат поделбите на „патриоти“ и „предавници“.

И петто, проектот што го започна владата на Груевски, под раководство на Муса Џафери за целосна имплементација на Рамковниот договор а за кој студија направи институтот на Питер Фејт, и за која се дебатираше пред изборите, да се актуелизира и да се прифатат најдемократските решенија.

Со овој пристап, реално сите барања на ДУИ за влада со СДСМ би биле прифатени.

Наспроти националистичката реторика на ДПМНЕ, СДСМ не треба да бега од двата основни демократски постулати. Првиот е дека секоја државна функција му е еднаково достапна на секој граѓанин од било која етничка припадност во Македонија. И дека уставот не е библија која не смее да се менува. Во оваа смисла, наместо да се остава простор во иднина за „барањето консенсуален кандидат за претседател“ Македонија може со леснотија да го прифати моделот од соседна Бугарија во која заедно со секој кандидат за претседател се кандидира и потпретседател на државата. Така, во земја во која доминантните гласови за избор на таа функција ги носат припадниците на двете најголеми етнички заедници, секој кандидат за претседател ќе биде принуден да си одбере потпретседател од редовите на другата етничка заедница и заеднички да ја водат изборната кампања меѓу сите граѓани.

Секако, сигурен сум дека многумина мислат оти една ваква постизборна стратегија на СДСМ би била голем ризик за партијата, со оглед на се уште силниот македонски национализам и стравот од Албанците. Но, штотуку завршените избори покажаа дека само храброста на Заев на тој план, која се граничи со голем ризик, е победничката карта на која може да се случат вистинските промени во Македонија. Се друго ќе биде враќање кон старите практики и назадување.

Отстранувањето на Груевски и ДПМНЕ од власта во Македонија, барем за извесен период е всушност основниот предуслов да ја сфатиме и длабочината на кризата во која се наоѓаме и да се отвори каков било простор за ослободување на „заробената држава“ од негова страна.

 

 


Од „Актор“ извадени 1,2 милиони евра и откако Управата дознала за огромните трансакции?!

$
0
0

Текстот е објавен на 21 март 2014 во неделникот „Фокус“ во бројот 963

Откако Управата за финансиско разузнавање дознава за честите посети на Грците во Неготино, се намалуваат сумите на трансакциите, а се зголемува нивниот број. Односно, откако државната институција отвора предмет, повеќе луѓе вадат помали суми пари префрлени од „Актор“.

Интересно е дека токму малите суми, поради законите, се надвор од радарот на Управата за финансиско разузнавање.

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Ланскиот 5 декември беше необично топол ден за една доцна есен. Метеоролозите на вечерните вести рапортираа дека живата во термометарот се искачила до седмиот степен во Скопје, а во јужниот дел од земјава температурата дотуркала дури до 11 степени над нулата.

Сѐ на сѐ, му се погоди денот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој дента по вторпат дојде во Скопје и се виде со колегата Никола Груевски. Сончевото време им се потрефило и на десетици грчки државјани, кои, според наводите на СДСМ, истото попладне со автобус се нацртале во Неготино, во филијалата на Стопанска банка и подигнале значителни количества кеш од градежната компанија „Актор“.

Од вкупно 278 трансакции преку кои, наводно, во текот на една година биле извлечени 3,5 милиони евра од грчката компанија, дури 79 се случиле токму на тој сончев 5 декември 2013 година. Тоа се просечно осум трансакции на час, ако се земе предвид дека работното време во банките е околу девет часа дневно!

Претпоставуваме дека глетката била навистина чудна кога во банката од околу 250 квадрати, сместена во приземјето на една зграда, навјасала поголема група луѓе. Толку народ жеден за пари тешко дека паметат банкарите во Неготино, гратче од оној потоплиот јужен дел на земјава со едвај 14.000 жители.

А претходниот ден службениците во Стопанска само се загреале за тоа што ги чека утредента, бидејќи едвај 18 пати ги услужиле грчките државјани, кои, исто така, од своите сметки  подигале пари префрлени од „Актор“.

ОТКАКО ДОЗНАЛА УПРАВАТА, СЕ НАМАЛИЛЕ СУМИТЕ, АМА  ТРАНСАКЦИИТЕ СИ ФРЧЕЛЕ!!!

Зошто е интересен 5 декември 2013 година? Бидејќи тие осумдесетина трансакции се случиле речиси еден месец подоцна, откако Управата за финансиско разузнавање отворила предмет по добиените првични сознанија.

Оваа институција, задолжена да спречува перење пари, минатата седмица преку соопштение информираше дека отворила предмет за овој случај лани на 11 ноември.

Со оглед на тоа што директорот на управата, Владимир Атанасовски, е недостапен и оваа недела, можеме само да претпоставиме дека гласот до него стигнал четири дена претходно, откако банката во Неготино ја посетиле 15 Грци со истата цел ‒ да подигнат пари.

Сѐ уште недостапни се и управителите на „Актор“. Во нивната скопска канцеларија и понатаму се огласува само секретарката, која, очекувано, „не знае ништо за целиот случај“!

Сепак, од списоците што јавно ги подели сдсмовскиот портпарол Петре Шилегов се забележуваат два интересни момента.

Првата работа што паѓа в очи е дека меѓу почетните триесетина трансакции, од март до август 2013 година, се наоѓаат и оние најголемите од 124.000 и 100.000 евра, кои се случиле на 17 јуни минатата година, додека подоцна, при крајот на минатата и на почетокот на оваа година, поголем дел од трансакциите се во вредност од неколку илјади до неколку десетици илјади евра.

Значи, како што се намалувале висините на трансакциите, така растела нивната бројност, односно повеќе луѓе подигале помали суми.

Интересно е дека токму поситните суми, поради законите, се надвор од радарот на Управата за финансиско разузнавање.

Втората работа, која е очигледна, е дека, и откако Управата отворила предмет, трансакциите продолжиле, па така во наредниот период, по 11 ноември 2013 година, од „Актор“ биле извадени повеќе од 1,2 милиони евра од оние вкупно 3,5 за кои СДСМ се сомнева дека завршиле во нечии (приватни) џебови.

Освен на 4 и на 5 декември 2013 година, Грците групно подигнувале пари и на 12 и на 30 декември, како и на 9 и на 10 јануари 2014 година, односно, откако Управата дознала за високите трансакции, поголеми групи Грци уште шестпати ја посетиле малата банкарска филијала.

Шилегов на пресовите тврдеше дека во период од околу една година во Македонија влегувале грчки државјани и се упатувале во Неготино во тамошната филијала на Стопанска банка. Ваделе пари што им ги префрлала фирмата „Актор“ по основа на хонорар или на договор за дело.

Тој тврдеше оти Грците, веднаш штом ќе ги изваделе денарите, ги заменувале во евра во истата банка и таму, на самото место, ѝ ги давале на сметководителката на „Актор“, Атина Зиога. Потоа излегувале од државава без кешот.

Тука приказната се заокружува, со тоа дека, наводно, Грците, членови на само неколку фамилии, од сметките извадиле 3,5 милиони евра.

ПРЕПЛАТЕН ЛИ Е АВТОПАТОТ ОД ДЕМИР КАПИЈА ДО СМОКВИЦА?

Како што знае нашата јавност, „Актор“ го доби тендерот за автопатот од Демир Капија до Смоквица и за 257 милиони евра треба да изгради 28,2 километри автопат, на кој ќе има шест моста, меѓу кои и најдолгиот во Македонија, и два тунела.

Простата математика вели дека еден километар автопат во овој случај чини 9,1 милиони евра, што е навистина висока цена ако се спореди со автопатиштата кои сега или минатите години се граделе низ регионов. Иако, рака на срце, има случаи каде што одредени делници чинеле и повеќе од овие 9 милиони (Албанија ‒ 12 милиони, Словенија дури 15).

Интересен за споредба е автопатот во Бугарија, од Софија до Струма, до грчката граница. Според извештаите во бугарските медиуми, овој автопат ќе биде нешто подолг од 173 километри и ќе чини 1,1 милијарда евра, односно еден километар ќе ги чини Бугарите 6,4 милиони евра.

Едно парче од оваа делница гради и грчки „Актор“, и тоа 15 километри за 28,6 милиони евра, или нешто помалку од два милиона по километар, но веројатно станува збор за полесен терен врз кој изградбата на автопат е поевтина. „Актор“ инаку бил најевтиниот понудувач од 15 компании кои се јавиле на тендерот за четвртиот дел од автопатот Софија – Струма, кој е дел од таканаречениот „Коридор 4“.

Северно од Бугарија, блиску до нејзината граница со Србија, официјален Белград гради автопат, исто така, со грчки „Актор“ бидејќи оваа компанија била најевтина на тамошниот тендер од другите 11 компании.

Доста комплицираната делница со 14 моста, долга само 12,6 километри, „Актор“ ќе ја изгради за речиси 38 милиони евра, или за три милиони по километар. На неколкупати српските медиуми анализирале дека во Војводина, која е дел од Панонската рамница, километар автопат би чинел околу два милиона евра, додека оние траси со повеќе тунели, како онаа меѓу Чачак и Пожега, би чинеле пет милиони евра по километар.

Првиот косовски автопат, кој треба да ја поврзува поранешната покраина со Србија и со Албанија, пред четири години беше проценет на околу 700 милиони евра. Односно, секој од 120-те километри вредеше 5,8 милиони евра.

Сепак, најинтересна е ситуацијата во Романија, каде што Министерството за транспорт во 2010 година воведе и стандардизација на цените за изградба на автопатишта.

Според оваа стандардизација, километар автопат во рамница не би требало да чини повеќе од 3,86 милиони евра, додека автопатиштата на ридските места биле проценети на 5,05 милиони евра. Оние во планинските места се најскапи со цена од 6,1 милиони евра.

ИЗБРАНА Е ПОСКАПАТА ТРАСА

Специфичен случај е Хрватска. Таму, во последнава деценија, во изградба на автопатишта се вложени речиси 8 милијарди евра, а полициските истраги укажуваат дека во тие бизниси нелегално се потрошени неколку стотици милиони евра. Колку точно, не може да се процени, меѓутоа, во последниве години во притвор завршија двајца претседатели на управниот одбор на јавното претпријатие „Хрватске ауто цесте (ХАС)“, неколку директори на „ХАС“ и еден косопственик на компанија која работела на патиштата.

Она што во Хрватска предизвикало најмногу контроверзии е цената на автопатот Загреб – Сисак, кој чинел 5,7 милиони евра по километар, иако според експертите оваа делница никако не би можела да биде поскапа од 5 милиони по километар. Министерот во владата на Иво Санадер, Радимир Чачиќ, во 2005 година овие високи суми ги правдал со тоа што, наводно, цената на километар автопат пораснала од просечната 4 милиони на неверојатни 17 милиони.

Од Хрватска е интересно уште едно парче автопат, а тоа е делницата меѓу Равча и Плоче, кај која во текот на проектот е изменета трасата и наместо изградбата да биде поевтина, како што ветувале властите, таа на крајот била изградена за дури 6,5 милиони евра повеќе.

Но, да се вратиме на нашиот автопат од Демир Капија до Смоквица, за кој ќе повториме дека ќе ги чини нашите граѓани 257 милиони евра или 9,1 милиони по километар. Шилегов веќе втора недела упорно вели дека „Актор“ победил на тендерот, иако италијанската компанија „Тото С.П.А. Конструкциони џенерали“ имала за дури 40 милиони евра пониска понуда, или понуда со околу 7,7 милиони по километар автопат!

Се обидовме да исконтактираме со „Тото С.П.А. Конструкциони џенерали“, да ги чуеме тие случајно да не имаат некакви забелешки на тендерот, но оттаму сè уште немаме повратен одговор.

Она што е интересно е дека во 2004 година мандатарот Владо Бучковски, во првото обраќање на пратениците во својство на премиер, изјавил дека овој автопат, но во должина од 34 километри, ќе нѐ чини околу 150 милиони евра. Додека во медиумите, пак, во тоа време се шпекулирало оти странски компании се понудиле да ја изградат истата делница, односно да вложат 100 милиони евра, а потоа да ја земат под концесија.

Меѓутоа, подоцна, власта, на чело со ВМРО-ДПМНЕ, одлучува да ја смени трасата и да го заобиколи Валандово, со што ќе добиеме автопат пократок за шест километри, но поскап за речиси 120 милиони евра.

Интересно е дека за оваа втора траса се дебатирало и во времето на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, под раководство на Љубчо Георгиевски, и дека и тогаш аргументите биле дека треба да се избегне Демиркаписката клисура поради каменитиот терен кој би бил тежок за обработка.

НИКОЈ НЕ ЈА ФЕРМА УПРАВАТА?

Сегашниот директор на Управата за финансиско разузнавање дојде на тоа место во 2010 година откако оттаму го разрешија Ване Цветанов, кој подоцна премина во ВМРО-НП, а сега е во притвор како дел од случајот „Шпион“.

Цветанов, во интервју за „Фокус“ истата година, по забелешките дека Управата под негово раководство немала резултати, коментираше дека неговите предмети секогаш заглавувале во другите институции.

„Во мај 2009 година, на една средба кај премиерот, последната средба, беа сите од МВР-врвот, Јанкулоска, Мијалков, Тодоровски; потоа Михајло Маневски, Горан Трајковски од УЈП. Тогаш им извадив повеќе предмети. Е, каде е предметот?, велам во МВР. Другиот е заглавен во УЈП… И така, 7-8 предмети ги објаснив. Оттогаш не ме викнаа и оттогаш почнаа проблемите…“, изјави Цветанов во 2010 година.

Оттука, не треба да чуди што неговиот наследник Атанасовски и нема што да ѝ каже на јавноста. Веројатно и овојпат случајот „Актор“ не зависи од него, ами од некој сосема трет!

Наместо да градат централи, груевци потрошија милијарда долари за увоз на струја!

$
0
0

Текстот е објавен на 27 јануари 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 865

Пишувале
Младен ЧАДИКОВСКИ
Гоце МИХАЈЛОСКИ

Бројките и статистиката се неверојатно силни категории во политиката. Во економијата, пак, се апсолутно неприкосновени. Колку сакате шминкајте, сокривајте, прикривајте, додавајте, одземајте, тие се како шило. На крајот на денот излегуваат на површината и можат да ја разголат и најголемата лага. Шпекулациите дека во бизнисот со струјата се вртат стотици милиони евра, пари  преку кои високонапонски се полнат партиските и приватните каси на клучните играчи во енергетскиот сектор, не се нови, тие тивко се прераскажуваат, а низ шепот се зборува дека главата на овој електричен октопод е токму во владиниот врв.

Прв гласно реши да проговори Тито Петковски, во минатонеделното интервју за „Фокус“. Лидерот на НСДП јавно го изговори она што досега беше тешко да се чуе на медиум, дека бизнисот со струјата е еден од највносните зделки во земјава, бизнис во кој не смее да чепне никој што е надвор од власта.

Неговите обвинувања, дека премиерот Никола Груевски намерно спречува и спречувал инвестиции во енергетскиот сектор, поради „партискиот бизнис со увоз на струјата“, беше доволна провокација да тргнеме во потрага по вистината.

УВОЗОТ РАПИДНО РАСТЕ ОД 2007-ТА

Според официјалните податоците, ЕЛЕМ со децении наназад произведува по околу 6.000 гигаватчасови електрична енергија годишно. Позначајни промени со години нема, бидејќи нема ниту нови капацитети. Главните, РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, кои произведуваат околу 80 проценти од вкупната енергија, се изградени во 80-тите години на минатиот век. Ништо не е подобро ниту кај хидроцентралите.

Освен „Козјак“, сите останати значајни објекти се изградени во „она време“. И тоа, до пред десетина години било сосема доволно. Македонија, практично, целосните потреби на струја ги задоволуваше од сопственото производство, увоз на струја немаше. Тој почна со почетокот на новиот милениум. Но, тоа, наместо аларм за властите, беше видено како шанса за брза и добра заработка, преку бизнисот со оваа барана стока.

И кога по промената на власта во 2006 година сите очекуваа новиот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ конечно да го запрат трендот и да изградат нов, капитален енергетски објект, се случи обратното. Во првите години од владеењето на Груевски, настана вистински бум во увозот на струја.

Во 2007 година, според официјалните податоци, увезена е струја вредна фантастични 253 милиони долари, наспроти само 62,5 милиони долари увезени претходната 2006 година. Рекордот беше поставен во 2008 година, кога се одлеаја дури 347 милиони долари, а уделот на увезената струја во вкупната потрошувачка надмина 30 проценти.

За среќа, во следните две години, увозот беше намален на под 200 милиони долари, пред сѐ поради високиот водостој во вештачките акумулации, но и поради затворањето на неколку фабрики, големи потрошувачи, предизвикано од светската економска криза. Простата математика вели дека за само пет години, од Македонија се испумпани неверојатни над 1 милијарда долари.

ТАМАН КОЛКУ ЗА УШТЕ ЕДЕН „РЕК“!

Доколку Владата на Груевски имаше малку грижа за енергетските состојби во земјава, дел од тие пари ќе се потрудеше да ги инвестира во нов енергетски капацитет. Експертите пресметале дека со 1 милијарда долари би можело да се изгради термоелектрана голема колку РЕК „Битола“, со моќност од најмалку 700 мегавати, што во превод значи дека ако овие пари се употребиле за изградба на нов капацитет, Македонија денес не би имала потреба да увезува, туку напротив, таа би била извозник на струја во регионот!

Наместо тоа, резултатот е поразителен, а бројките немилосрдни. Дали власта со ова сака да ги одврти вентилите за бизнисот со струјата, е прашање чиј одговор се наметнува, пред сѐ, низ политичките изјави на Петковски, поткрепено со бројки и факти за најголемите увозници на струја во земјава.

Најголем дел од парите што се трошат за купување струја од странство завршуваат на сметката на само една фирма-трговец, „ЕФТ- Македонија“. Оваа фирма, инаку дел од групацијата на ЕФТ што работи многу пошироко, држи речиси 70 проценти од пазарот.

Прв човек на компанијата во земјава е Кочо Анѓушев, кој во времето на владата на Љубчо Георгиевски ја извршуваше функцијата помошник на генералниот директор за производство во поранешното ЕСМ, а веќе седум години работи за компанијата ЕФТ.

Анѓушев е поместен и во табелата на македонски милионери, што неодамна ја објави „Утрински весник“,  заедно со имињата на големите македонски бизнис-играчи од првата постава – Минчо Јорданов, Штерјо Наков, Живко Мукаетов, Благоја Механџиски и уште неколкумина.

Иако многумина велат дека не е непозната блискоста на Анѓушев со првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ кои го водат енергетскиот бизнис, самиот тој, во интервјуа за македонските медиуми, тврди дека нема политички чадор и дека рецептот за успехот во голема мерка се должи на корпорациската поставеност на фирмата мајка ЕФТ.

Но, дури и да е така, упатените предупредуваат дека не е здраво за пазарната економија една компанија да има удел од две третини од пазарот, бидејќи тоа носи опасност целата економија да зависи од моќноста или од волјата на само еден центар.

ЛЕГЛО НА КОРУПЦИЈА

Од друга страна, отвореноста на бизнис секторот кон корупција и кон лесно нелегално богатење не е непозната категорија. Сѐ уште се свежи сеќавањата на случајот со ТЕЦ „Неготино“, за кој пишуваше и Викиликс.

Тогаш, во 2007 година, како што до Стејт департментот напишала американската амбасадорка во Скопје,  Џилијан Миловановиќ, владата на Никола Груевски отфрлила инвестициски договор за термоцентралата „Неготино“ кој тежел стотици милиони долари, само поради тоа што не победила компанија која била фаворит на власта.

Според Викиликс, САД ја предупредиле владата дека едната од компаниите во конзорциумот, „Финанс инженеринг“ од Бугарија, лажно тврдела дека имала мнозински американски капитал, а против неа се воделе и истраги во Софија.

Откако, и покрај притисоците од премиерот Груевски и на министерот Зоран Ставрески, како што стои во дописот, министерката за економија Вера Рафајловска не сакала да го потпише договорот и да биде жртвен јарец во некоја идна корупциска истрага, САД барале да се даде зделката на второрангираната американска компанија.

„Владата без логика го откажа инвестицискиот договор тежок стотици милиони долари. А ова веројатно ќе беше најголема поединечна инвестиција од независноста на Македонија и ќе ја обезбедеше толку потребната електрична енергија. Не знаеме зошто Владата одби да го потпише договорот со американски СЕНКАП, но веројатно скриени лични и политички загрижености надвладеале над можните бенефиции за Македонија“, се наведува во дописот на Миловановиќ кој го објави Викиликс.

Од непознати причини, во 2006 година, по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, беше поништен и тендерот за Чебрен и Галиште, иако како што сведочеше Петковски, германската РВЕ била сериозни заинтересирана да инвестира 500 милиони евра.

Отсекогаш било јавна тајна дека во секторот енергетика царува корупцијата, дека нештата се случуваат далеку од очите на јавноста, оти ретко кој е во можност да ги брои тендерите, каблите, количините на струја што патуваат по македонските далноводи. Но, досега одговараа само двајца поранешни директори на ЕСМ.

Првиот, од времето на СДСМ, Панде Лазаров, беше обвинет за добивање провизија од 700.000 евра за тендерот со ХЕЦ „Козјак“, што ја градеа Кинезите. Вториот е Ламбе Арнаудов, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше осуден на 4 години затвор, за штетните договори со фирмата „Блиф“, за запишување на сиот имот на ЕСМ во катастарската евиденција.

Се разбира, како што е правило кај нас, криминалот и на двајцата се докажуваше по промената на власта. Веројатно, така ќе биде уште долго време, а дилемите што сега си ги поставува јавноста, ќе ги расчистува некој друг Шврговски.

Неисполнети ветувања
МРТВО СЛОВО НА ХАРТИЈА

Ако се погледне Стратегијата за енергетика, донесена лани, ќе се види дека ништо или многу малку од зацртаното се направило. Топланата ТЕТО, која е приватна инвестиција, профункционира годинава, иако требаше да биде готова лани. Пред три години требаше да се заврши со работата и на ХЕЦ „Матка 2“, но и од тоа сѐ уште нема ништо. Очигледно, ќе доцнат и големите хидроцентрали и Вардарската долина. Централата во Неготино сѐ уште се чува само како ладна резерва.

Сево ова само ги потврдува тезите, или ако сакаме да бидеме поблаги, одново ги актуелизира сомнежите дека енергетскиот сектор е заложник на една друга, бизнис стратегија за контрола врз целиот систем. Заложници на таа политика се два милиони граѓани на оваа земја. Пред 10 години, кога Македонија не увезуваше електрична енергија, нејзината цена тука беше најевтина во споредба со другите земји, а денес е меѓу најскапите во регионот.

Заради партиските бизниси со увозот на струја Груевски спречи милијарда евра странски инвестиции!

$
0
0

Текстот е објавен на 20 јануари 2012 во неделникот „Фокус“ број 864

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС Вашиот обид, преку надлежната собраниска комисија да извршите контрола во МВР за случајот Кампања, заврши така што ем не успеавте во тоа, ем влеговте во вербална војна со министерката?

ПЕТКОВСКИ Однесувањето на министерката Гордана Јанкуловска е најтипичен пример на дрскост, арогантност и нааканост од власта. Таа крајно игнорантски се однесува кон Собранието, кон Комисијата за контрола на прислушувањето, кон јавноста воопшто. Врши исклучително важна функција, а така транспарентно го понижува парламентот и пратениците. Но, проблемот е во односот на владејачката структура кон Собранието. Тие опструираат било каква иницијатива која е во функција на некаков обид за реализација на парламентарна контрола врз работата на Владата или министрите.

ФОКУС Според вербалните стрели упатени на ваша адреса, нема да ме изненади доколку собраниската дебата за работата на Јанкуловска се претвори во интерпелација за Тито Петковски?

ПЕТКОВСКИ Да, нема да биде изненадување. Не само Јанкуловска што ме обвини дека ја злоупотребувам функцијата претседател на комисијата, туку и пратеникот Павле Саздов, кој е член на комисијата, најавуваше дека јас го кршам деловникот и законот и дека треба да ѝ се извинам на Министерката. И претседателот на Центарот за комуникации, Илија Димовски веќе кажа дека тие сериозно ќе размислат дали треба да останам претседател на ова собраниско тело.

МАКЕДОНИЈА СТАНА ГРУЈОВИСТАН

ФОКУС Добивте ли одговор на интерпелацијата од министерството?

ПЕТКОВСКИ Немаме одговор за интерпелацијата, како што и дури после 40 дена Јанкуловска одговори на нашите прашања: какви  посебни истражни мерки биле применети во случајот „Кампања“ и дали можеби тука имало некакви прекршувања на законот. А сега веројатно проценила дека нема зошто со нас да разговара, бидејќи, сепак, таа има силно упориште во собранието и во судот. И замислете една апсурдна изјава на министерката: ако дефинитивно се покаже дека судот ги оправдал нејзините постапки, осудувајќи го Љубе Бошкоски, ќе се докажело дека таа е во право. И ако Собранието констатира дека таа постапувала според закон, е јас тогаш ќе сум требал да ѝ се извинам. Како нејзе да не ѝ е јасно дека тоа Собрание и овој суд на Груевски можат и од шугаво магаре да направат Букефал, и обратно – од Букефал да направат шугаво магаре. Со други зборови, тие можат да донесат одлука каква ќе посака Груевски без оглед на фактите.

ФОКУС На почетокот од нивниот мандат и не реагираа со ваков респект кон судските одлуки. Но, откако си го стокмија кадровски по нивна мерка, ситуацијата сега е поинаква. А да биде иронијата поголема, сега нагласуваат дури дека судството било независно!

ПЕТКОВСКИ Судството ни е катастрофално! Ако видите како завршија низа случаи наназад, колку луѓе апсеа, малтретираа, а сѐ уште тие случаи немаат завршница, дефинитивно станува јасно дека процесот на вмроизација на македонското општество е при крај.

ФОКУС Уште што остана за таа вмровизација да финишира?

ПЕТКОВСКИ Уште Уставниот суд треба да се освои. Во март или април веќе ќе го имаат мнозинството и во Уставниот суд. Ги исфрлија  ревизорските извештаи од собраниска расправа, нема шанси да вршите контролна функција врз власта, да не зборуваме за карикатуралната лустрација. Антикорупциската комисија уште гони вештерки, односно не ги гони злоупотребите на власта. Вмроизацијата на македонското општество се шири и метастазира во сите негови пори. И дефинитивно, Македонија се затвора во еден систем кој е анахрон. Во Европа најмногу личи на унгарскиот. Во Македонија нема реформи туку орбанизација. Груевски се однесува како Виктор Орбан. Како браќа близнаци се.

ФОКУС На неодамнешните протести во Будимпешта во врска со уставните измени, имаше транспаренти дека Унгарија се претвора во Орбанистан. Што стануваме ние тогаш?

ПЕТКОВСКИ По некаква аналогија, Македонија е тогаш – Грујовистан!

ФОКУС Како опозиција имам впечаток дека покажувате огромна разбирачка за функционерите на ДУИ во владата на Груевски. Што очекувате од нив, кога тие сепак без забелешки или отпори ја аминуваат вмроизацијата на општеството?

ПЕТКОВСКИ Не би рекол дека ние ја штедиме ДУИ. Ако се сеќавате, уште при автентичното толкување на хашките случаи, условно речено, беше предизвикан гневот на ДУИ. Или, околу разни коруптивни скандали, еве, и последниот што го откри американското министерство за правда- за корупција од Дојче и Маѓар телеком, ние инсистираме случаите да се расчистат до крај, но, гледате, нема никаква завршница. Откако настана онаа пародија со пописот, поточно обид за попис, стана јасно дека ДУИ влезе во шемата на ВМРО-ДПМНЕ, од практични причини- лукративни мотиви, тендери и профити. Денес практично не гледам суштинска разлика во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

ФОКУС Како се однесува претставникот на ДУИ во комисијата? Согласно вмровските потреби?

ПЕТКОВСКИ Многу резервирано. Дури недефинирано. Или не гласа или гласа воздржано.

ПРОЦЕСОТ ПРОТИВ ЉУБЕ БЕШЕ СУДСКА ПАРОДИЈА

ФОКУС И после 7 месеци од изборите, а откако Евроинтергациите и Правда се под палката на министри на ДУИ, немаме поместување на планот на медиумските слободи, судството, корупцијата, администрацијата?

ПЕТКОВСКИ Тоа говори како оваа власт ги сфаќа евроинтеграциите. Тие имаат зацртано агенда – македонското општество да биде затворено општество, авторитарно, кое ќе функционира само на копче од врвот на пирамидата на моќта. А дека вистината е делегирана на ВМРО-ДПМНЕ. Вистината е тоа што ќе го каже Груевски и тие околу него, а се друго е лага. Како што гледате, на било каква критика за злоупотреба на власта, излегува ВМРО-ДПМНЕ и кажува – се е според законот!

ФОКУС Е потоа следува канонада од напади врз оној кој се осмелил да критикува…

ПЕТКОВСКИ Не само тоа, туку може и во затвор да заврши. Скандалозно е, на пример, апсењето на лидер на партија, кој бил следен цели два месеци и тоа во текот на изборна кампања! Во нормални демократски држави, само заради овој елемент се поништуваат избори.

ФОКУС Особено што министерот за внатрешни работи беше носител на изборна листа?

ПЕТКОВСКИ И со тоа единствен функционер кој што е потенциран во извештајот на ОБСЕ дека ја злоупотребил функцијата министер за внатрешни работи едновремено кандидирајќи се како носител на листа.

ФОКУС Од судската постапка против Бошкоски се наметнува логичен заклучок дека најверојатно против лидерот на ОМ е употребен агент провокатор, што е недозволиво!

ПЕТКОВСКИ Она што се случи со наводно загрозениот сведок во осудувањето на Љубе Бошкоски е скандалозно и срамно за секој судија. Да не му дозволите на обвинетиот директно да се соочи со заштитениот сведок кој му бил долгогодишен пријател, ама и на многу истакнати луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, во било кое демократско општество тоа ќе биде подложено на жестоки критики од јавноста, од граѓанскиот сектор.

ФОКУС Овде жестоката критика на власта се смета за субверзивна дејност?

ПЕТКОВСКИ Се работи за состојба на духот. Луѓето се сериозно исплашени оти оваа власт не само што се заканува, туку и тепа, затвора, обвинува, дискредитира во име на заштитата на режимот на Груевски и тие околу  него. Значи, тоа беше пародија од судење, а македонското судство уште еднаш се претстави пред Европа како нереформирано, неспособно, некомпатибилно со европските стандарди.

ФОКУС Судството, особено после процесите за убиството на Мартин Нешковски и против Бошкоски, тешко дека ќе бидe позитивно оценето од Брисел и Вашингтон?

ПЕТКОВСКИ Па затоа и сакаат се да избркаат од земјава. ОБСЕ само што спомена дека Јанкуловска ја злоупотребила функцијата за изборите, веднаш се јавија со повик – ОБСЕ да си оди од Република Македонија. Сите трабанти на ВМРО-ДПМНЕ оркестрирано делуваат и ним веќе, според признание и на Груевски во последното интервју, не им треба ни Европска Унија. Видете што прават нивните медиумски гавази- веќе ја нудат БРИК (Бразил, Русија, Индија, Кина) како добра алтернатива. Демек, што ќе ни е Европа, кога не понижува барајќи да си го смениме името!

„ЏЕПАРОШКА“ ПОЛИТИКА

ФОКУС Сепак, вие сте човекот кој го устоличи режимот на Груевски. Без вашите пратеници од НСДП, тешко дека Груевски ќе формираше влада во 2006 година?

ПЕТКОВСКИ Да, без нашите 7 пратеници Груевски не ќе имаше мнозинство и не ќе имаше шанса да состави влада. Морам да признаам дека тоа е мојата најголема политичка грешка. Морам да признаам и дека подлегнав на некои сугестии од моќни светски центри, кои говореа дека Груевски е новото лице на македонската политика – економист, прагматичар, дека ќе направи сериозни реформи, дека ќе отвори нови работни места, големи инвестиции…

ФОКУС За колку време го променивте мислењето?

ПЕТКОВСКИ Веќе петтиот месец откако беше формирана владината коалиција, видов дека нему не му е приоритет економијата, развојот, инвестициите. Првиот пример беше уште во текот на 2006 година. Тој не сакаше да го прифати, односно, го пролонгира тендерот за Чебрен и Галиште. А тогаш конкурираше една многу сериозна германска фирма RWE, која беше подготвена 47 отсто од новата фирма да ѝ отстапи на владата, да почне со изградба на Чебрен и Галиште и да вложи околу 500 милиони евра. Но, Груевски тоа го поништи. Слично заврши и понудата на австриски ЕВН за ТЕЦ Неготино со околу 700 милиони евра. Тие пари потоа беа инвестирани во хидроцентрала во Албанија.

ФОКУС Имате ли објаснување, зошто ги спречи овие инвестиции?

ПЕТКОВСКИ Тој не беше способен да одлучи за некоја крупна инвестиција, бидејќи повеќе му се исплатеше да увезува струја, да перат пари, така да стекнуваат огромни профити за партијата.

ФОКУС Сакате да кажете дека имал поинакви приоритети?

ПЕТКОВСКИ Мислам дека  приоритет му беше партискиот бизнис, потоа да се инсталира ВМРО-ДПМНЕ во сите пори во општеството. Исто така, меѓу приоритети е и купување на недвижности, односно, се тоа да се трансферира на луѓе кои му се лојални или се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Практично, целокупното богатство да биде на располагање на една партија, поточно на „Груевски и фамилијата“, како што многумина ги дефинираат. И мислам тој процес е главната причина зошто Груевски не ги прифаќа европските стандарди, зошто не прави реформи во медиумите, во судството, во администрацијата. Она што тој го прави мене ми наликува на „џепарошка политика“!

ФОКУС Што подразбирате под „џепарошка политика“?

ПЕТКОВСКИ Затоа што си измислува илјада и еден данок, разни глоби, давачки, такси… Тргнете од давачките за паркирање на автомобилите. А јас, на пример, два пати сум го платил тоа земјиште. Или, дворовите по втор пат да ги плаќаат граѓаните, сѐ до оние последни измени во законот – доколку трудовата инспекција констатира дека имате непријавен работник да може да ви изрече казна од 6 илјади евра или една година да ви ја затвори фирмата. Еве, на еден познат угостител во Скопје за 500 денари најдени вишок во касата, претпоставувам од бакшиши, два месеци му го затворија угостителскиот објект. Само заради тоа што тој не е близок до Груевски и до фамилијата!

ПОПИСОТ ЌЕ ЈА ОТКРИЕШЕ ИЗБОРНАТА ИЗМАМА

ФОКУС Но, при сето ова што го говорите, тој сепак е шеста година на власт. А нема ни некаков поголем отпор?

ПЕТКОВСКИ Тоа е најстрашното чувство!

ФОКУС Опозицијата делува како да е безидејна како да се справи со режимот. После изборите како да падна во зимски сон, криејќи се зад некакви демократски стандарди за 100 дена мир, иако овде, нели, имаме режим во ист состав како и пред изборите?

ПЕТКОВСКИ На изборите оваа политика на Груевски доби поддршка, меѓутоа јас сум подготвен да тврдам дека ВМРО-ДПМНЕ немаше таква поддршка на изборите. Имаше врвно добро организиран изборен криминал – со корупција, со бугарски возови, со купување гласови, со притисоци. И да бидам искрен, јас воопшто не бев за тоа поразот да се признае за време на изборите. Но, Црвенковски веднаш по објавувањето на првичните резултати, излезе да признае пораз!?

ФОКУС Зошто?

ПЕТКОВСКИ Јас не знам, кои биле мотивите Црвенковски да одлучи така, меѓутоа ние веднаш по изборите јавно кажавме дека многу сомнителни околности одлучија Груевски и коалицијата да победат на изборите. Нема таква излезност како што беше прикажана, а тоа се покажа сега со спречувањето на пописот. Можеше да се открие најголемиот скандал во историјата на македонскиот парламентарен систем – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да имаат повеќе гласови отколку што има запишани избирачи во Република Македонија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ никогаш нема да дозволат да се одржи пописот. Затоа што ќе им се види изборната лага.

ФОКУС Дали мислите всушност за одредени општини или гласачки места, за кои по пописот би се видело дека излезноста е надувана?

ПЕТКОВСКИ Зошто не се ажурираат избирачките списоци? Има мртви, има такви кои во моментот на гласањето биле надвор од државата, а се водат дека гласале. Еве, ќе ви наведам само еден пример на наш активист. Кога отишол да гласа, прашал дали сестра му и зет му гласале. Добил потврден одговор. А како можеле да гласаат сестра му и зет му, кога тие веќе четири години се во Америка? Е вакви примери има многу.

ФОКУС Што можеме да очекуваме годинава? Лет во место?

ПЕТКОВСКИ Не, Македонија се повеќе ќе тоне, бидејќи ако земете што говорат светските економски аналитичари, како Штиглиц, на пример, сите набрзо ќе сфатат колку 2011 беше подобра од 2012. Рецесија е во сите земји, ама Македонија веќе е на прво место на скалата на мизерија. Но, селото гори, бабата се чешла! Светот вели колку сме мизерни, а на премиерот му е важно да направи нова фасада на владината зграда. Страшно! Покажува neчувствителност за социјалните проблеми со кои се соочува и натаму ќе се соочува државата. Тој и натаму си ја тера стратегијата за целосна партизација на македонското општество.

ФОКУС И изолација на меѓународен план!

ПЕТКОВСКИ Груевски сам призна дека оваа година нема НАТО, нема ЕУ, дури изрази подготвеност да прифати дека можеме да го изгубиме и статусот на кандидати за членки во ЕУ. И сето тоа неговите во партијата, ако сакате и добар дел од интелектуалците, го прифаќаат како сосема  нормално. И на тој план ќе се мултиплицираат и безбедносните проблеми во Република Македонија.

СЕ ПОТКОПУВА ЕКОНОМСКАТА МОЌ НА ДРЖАВАТА

ФОКУС Рековте дека од некои светски центри на моќ во 2006 безмалку ви го сугерирале Груевски како човек на иднината, и на некој начин ви го сугерирале како добар партнер за коалиција?

ПЕТКОВСКИ Не, директно го сугерираа Груевски како лидер кој многу се разликува од Љубчо Георгиевски, дека е технократ, дека е економист подготвен да прави реформи…

ФОКУС Прашањето ми беше, што сега овие светски центри на моќ велат за истиот лидер?

ПЕТКОВСКИ Сега сите се разочарани. Сите што ми го говореа тоа, сега  велат никогаш не можевме да претпоставиме дека Груевски на ваков начин ќе се однесува. Наместо за реформи, се одлучи за национализам и популизам. Секој што поинаку размислува, или ќе го затворат или ќе го етикетираат како грчки платеник, предавник. А тој и натаму се дружи со Миленко, оној што правеше список за ликвидација за сите што имаат поинакво мислење. Тоа говори дека тоа не се поединечни испади, туку е стратегија на Груевски. Со други зборови, Груевски направи салто мортале во своите политики, во приоритети после 2006 година.

ФОКУС Што беше пресудно за таков пресврт?

ПЕТКОВСКИ Виде дека власта може да се чува само со популистички мерки. Јас сум сигурен дека ако тој го реши прашањето со името, ќе ја изгуби најсилната карта за изборите. На што ќе се потпре тој на изборите потоа? На реформи?! Катастрофа!

ФОКУС Се отворија многу корупциски афери, култура и транспорт се прогласија од опозицијата за најголеми перални на пари. Јасно ви е дека никој денес нема да мрдне да ги процесuира?

ПЕТКОВСКИ Не може да ги расчисти оваа власт. Сите овие афери ќе можат да се расчистат само после смена на власт, бидејќи Груевски во сите инстанции инсталираше свои луѓе – свој судија, свој полицаец, свој разузнавач, свој обвинител. Му остана како неосвоен бастион уште Уставниот суд. Кога и Уставниот суд ќе си го направи свој, тогаш ќе носи и какви сака закони.

ФОКУС Но, во меѓувреме добро ја задолжува земјата?

ПЕТКОВСКИ Груевски ја поткопува економската моќ на државата, задолжувајќи ја бесконечно многу. Ние за две години треба да вратиме 440 милиони евра! Можете да замиsлите колку е тоа! Повторно ќе се позајмува?! Дома се испумпани средствата од македонската економија, нема шанса. А на меѓународен пазар ако барате пари, ќе бидат многу скапи. Но, да се вратам на корупциските афери. Имате дури и ревизор кој е избран од Груевски, па не може да премолчи пред фактот дека за Музејот на ВМРО, за театарот и за многу други објекти од Скопје 2014, по трет пат се пречекорени почетните суми и дека има кршење на законот.

ФОКУС И тие веднаш реплицираат дека се е во рамките на законот?

ПЕТКОВСКИ Од кого да очекувате да го расчисти тоа? ЕК констатира во извештајот за 2011 дека не нѝ е во ред судството, администрацијата, медиумите, корупцијата – тоа се четирите точки апострофирани јасно, но, тие си ја тераат пак својата. Дефинитивно, јас сум уверен дека Груевски не сака ниту НАТО ниту ЕУ. Не е проблем компромисот за името, од едноставна причина дека Груевски нема никаква иницијатива да се дојде до политички компромис во Македонија, до некакво национално единство. Предложив резолуција во 2008, со акламација се прифати. Стојан Андов предложи текст на документ – стратегија, но не се ни стави на дневен ред. А Груевски не покренува никаква иницијатива.

УНИШТУВА ЗА ДА ГРАДИ СПОМЕНИЦИ

ФОКУС Pрашањето е: имате ли во опозицијата енергија и идеја како овие процеси да се променат?

ПЕТКОВСКИ Само доколку се создаде критична маса…

ФОКУС Но, опозицијата треба да анимира, да ги охрабри граѓаните, а не да биде помирна и поисплашена од нив?

ПЕТКОВСКИ Кога веќе еднаш масовно излегоа над 100 илјади луѓе на улица повикани од опозицијата, по втор пат нив нема да може да ги соберете освен за да ги рушат институциите на системот. А ние не играме на карта на деструкција.

ФОКУС Но преродбата се потпира на стравот кај граѓаните. Откако пред изборите народот го надмина тоа, тие веднаш вбризгаа двојна доза заплашувања со апсења, динамит, најдрско забошотување на одговорност за убиство за време на нивната изборна прослава..?

ПЕТКОВСКИ Груевски максимално ги користи медиумите за афирмација на својата политика и дискредитација на опозицијата. Опозиционото расположение може да расте, ако стане блиско до граѓаните. Уништувањето на ТВ А1 и весниците од Перо Наков беше исклучиво заради опозициското расположение на овие медиуми. Ги има Сител, Канал 5, ја има МРТВ од која направи карикатура, локални телевизии. А моќта на медиумите ја користи за афирмација на режимот.

ФОКУС Дали е клучот на режимот во Али Ахмети, иако нели коалицијата е тендерска, па се повеќе учинокот им е ист?

ПЕТКОВСКИ Клучот е во Ахмети, но, јас не сум сигурен дека после она што се случи со хашките случаи и некои други закони кои одат директно во функција на задржувањето на моќта на ДУИ во сферата на економијата, на бизнисот, дека тој ќе биде расположен да го промени својот однос кон ВМРО-ДПМНЕ. Единствено ако е чесна намерата на ДУИ да влезе Македонија во НАТО и ЕУ, па после самитот на НАТО во Чикаго, да речеме да го заостри својот курс кон партнерот за да влезе Македонија во НАТО. Не постои друг начин. Во Македонија еве гледате, во Унгарија само на еден повик се собраа десетина илјада луѓе. Во Македонија се собраа едвај десетици луѓе заради убиство на момче кое полицијата сакаше да го забошоти. Веројатно нешто во свеста на луѓето мора да се прекрши, дека оваа власт долгорочно е многу штетна, ама штетна и за самите луѓе што ја подржале оваа ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Љубе Бошкоски најавуваше дека ќе ги смести во Шутка и Идризово, па видовме што го снајде. Вие изјавивте неодамна за Фокус, дека новиот премиер прво би требал да го уапси Груевски. Е тие, вакви вербални изблици, очигледно, не простуваат.

ПЕТКОВСКИ Јас реков било кој да е премиер, не може да се помири со фактот дека Груевски ја осиромаши државата, ја обезнадежи на надворешен план, ја изолира меѓународно, со огромните задолжувања на идните генерации им ја одзема перспективата, зема кредити за да гради споменици, а води џепарошка политика за да функционира социјалниот систем… Едноставно, Груевски ја поткопува економската моќ на државата. За многу банални работи, кога ќе се промени власта во демократските системи, тие луѓе одат на отчет. Груевски не може да најде оправдување за оваа страшно погрешна политика. Патриотизам е да отворите работни места, да ви функционира правната држава, администрацијата, луѓето да се слободни, да има здравство, образование… Тој сѐ уништи само за да гради споменици!!!

ФОКУС Можеби треба уште еден споменик за Груевски да се изгради, за да биде се таман?

ПЕТКОВСКИ Ама да биде повисок од оној на Александар, инаку веројатно би бил несреќен.

Струен бизнис
ЌЕ СТАНЕМЕ „ПРОКЛЕТА АВЛИЈА“

ФОКУС Веќе долго време се шпекулира за струјата во вмровскиот бизнис? Ама ништо повеќе не понуди опозицијата!? 

ПЕТКОВСКИ Веќе шеста година како се на власт, а не изградија ни една хидроцентрала, не направија ни тендер за да изградат хидроцентрала. Тоа им носи огромни профити. Ако изградат хидроцентрали, треба да позајмуваат пари. А Груевски позајмува пари за да гради споменици, а хидроцентрали да му гради некој друг. И како поминува времето, Македонија ќе биде се помалку атрактивна, ќе биде проклета авлија за странски инвестиции!

Бугарски семинар
КАКО ДА СЕ УКРАДАТ ИЗБОРИ?

ФОКУС За прв пат, на последните избори се фатија и „бугарски возови“. Се виде како зад параванот гласач го фотографира ливчето со мобилен. И се премина преку тоа, небаре сликањеto e за спомен и долго сеќавање?

ПЕТКОВСКИ Тоа го имаат до совршенство направено, бидејќи знам, некои пратеници се фалеа дека за изборите во 2008 биле во Бугарија на семинар под наслов: Како да се украдат избори. Баш со таков назив.

ФОКУС Е добро научиле!

ПЕТКОВСКИ До совршенство го доведоа!

Пазарна цена
ГИ НАПРАВИ СОВЕТНИЦИ И СТАНАА ЈАГНИЊА

ФОКУС Како да се бориме со овој режим?  

ПЕТКОВСКИ Мене ми е несфатливо што некои кои важеа за врвни интелектуалци, за жестоки критичари на деформациите во политиката, кога ги поставија за советници во Центар или во град Скопје, тие станаа мирни како јагниња.

ФОКУС Тој само покажа дека знае да ја погоди цената на секого!

ПЕТКОВСКИ Секој има цена! Кој не се купува за пари, се купува за многу пари. Кого што не успеале да го скршат, ќе го уценуваат, ќе го сместат зад решетки!

Сорос бил лош, а Конрад Аденауер е добар?!

$
0
0

Текстот е објавен на 15 јули 2011 година во неделникот „Фокус“ под насловот Дали фалангата што сега ги гони „соросоидите“ после Груевски ќе ги гони „конрадоидите“.

Пишувал
Стојан АНДОВ

Неодамна беше соопштено дека премиерот Никола Груевски, негде во Европа, се сретнал со Џорџ Сорос. Чекам веќе две недели некаква реакција во нашата јавност на тоа соопштение, ама таа изостанува. Инаку, провладините медиуми овде кај нас за секоја средба на премиерот, дома или надвор, објавуваат опширни стории од кои се гледа важноста на средбата и се истакнува чувството на задоволство од подршката што влијателните странци му ја даваат на премиерот. Затоа си помислив дека барем еден наш истакнат политичар јавно и енергично ќе реагира.

Имено, во соопштението се кажуваше дека единствена точка на разговор и договор меѓу двајцата соговорници на таа средба било македонското претседателство со Декадата на Ромите и подршката во вршењето на таа функција што на нашата земја ќе и ја даде Сорос. Си мислев дека пратеникот Амди Бајрам јавно ќе се побуни. Тој, инаку, овде од говорницата во Собранието, неколку пати истакна дека на никого не му признава право да се грижи за Ромите, бидејќи тој тоа го прави најдобро!

Ако веќе на ниту еден друг пратеник или политичар не му дозволува да се грижи за Ромите во нашата земја, зошто тогаш да биде рамнодушен за искажаната таква грижа од еден странец, како што е Сорос!? А, тој Сорос, кој е тој? Има ли врска тој човек со нашите „соросоиди“? Сигурно има! Па нели тие – „соросоидите“ се распространети низ целата наша земја, како штетни билки, како плевел?


МОЛЧИ АМДИ, А МОЛЧИ И БИЧИКЛИСКИ

Дали елитната интелектуална сила што ја подржува Владата, распоредена по разни културни институции, медиуми и на функции во владеачката партија, а која води тешка и исцрпувачка борба како што некогаш правоверните од оваа или онаа владеачка религија ги гонеле своите неистомисленици како вештерки, вештери, вампири и други страшила, ќе го премолчи овој случај?

Си помислив, ако Амди Бајрам одмолчи, тогаш дел од денешните правоверни нема да истрпат и нема „храбро“ да молчат, туку делот од горчината што ја истураат врз соросоидите, само поконцентрирана, ќе му ја плиснат и на Сорос. Штама! Сите бегаат од таа тема.

Ни агилниот Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, ни неуморниот Бичиклиски, ни носечките новинарски пера во елитата што ја подржува Владата, никој ништо не прозборе!

Можеби, токму затоа, овде треба да потсетам кој е Сорос. Во мојот активен политички живот сум се сретнал со Сорос неколку пати, секогаш на негова покана.

Никогаш не сум барал ништо од него и не сум бил корисник на било каков дел од парите што ги вложува овој човек во македонскиото општество. Во мојата професионална работа, со прашања врзани со Сорос, првпат се сретнав при крајот на 1991 или почетокот на 1992 година. Така барем ми останало во паметењето.
Бев претседател на Собранието и еден ден од Владата, мислам премиер беше сеуште Никола Кљусев, добив предлог-одлука за издавање гаранција од страна на НБМ за кредит што би го одобрил Сорос на нашата земја.

На седницата на Собранието, расправата траеше речиси цел ден. Главно, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но и други пратеници укажуваа на опасноста од империјализам, особено од империјализмот на Сорос! Некои, пак, зборуваа за многу тешките услови под кои се нуди тој кредит. При крајот, Собранието сепак ја донесе одлуката. Гледано од денешните прилики, тоа беше мала сума, мислам од 5 милиони долари. Знаејќи за богатството на Сорос, си мислев дека за него тоа не е издаток, дури и ако ги дадеше тие пари како подарок, без да го изложи Собранието на збунувачка расправа.

Но, кога размислував потоа, сфатив дека Сорос сакал вистински да ни помогне. Ако ги дадеше тие пари како подарок, впечатокот надвор од нашата земја ќе беше дека таа е во безизлезна состојба. А, кога парите ги дава како кредит, тоа значи дека Сорос оценил дека Република Македонија е земја на која треба да и се верува и дека тој, ете, токму така постапува, прифаќајќи ја гаранцијата на НБМ како валидна.
Тоа беше време кога речиси никој во светот не ни помислуваше да и даде кредит на Македонија, за на тој начин да покажува доверба во нејзината иднина!


ОМРАЗАТА НА ПРАВОВЕРНИТЕ

Во таква општа состојба во која тогаш се наоѓаше земјата, кредитот од 5 милиони од Сорос и девизно многу значеше, но уште повеќе значеше како показ дека во Република Македонија постојат институции и постои постапка и акти во кои Сорос има доверба. Потоа, од време на време, де го имаше Сорос, де го немаше во Македонија. Поактивно се ангажира откако ја проанализирал состојбата во земјата.

Од неговиот ангажман беше јасно дека Сорос, генерално воден од идеите на Попер за отворено општество, оценил дека за отварање на процесот на промени во земјата, најважен е секторот на медиумите. Во тоа време во медиумскиот простор монопол имаа: НИП „Нова Македонија“ со своите печатени изданија и МРТВ со Македонската телевизија и радио. Сорос финансиски сериозно се ангажира преку Фондацијата отворено општество, и помогна да се направи пробој во три области во медиумите.
Финансиски го подржа основањето на првата приватна телевизија А1 во Скопје и помогна основање на неколку телевизии во внатрешноста. Потоа го помогна основањето на радиото Канал 77, но и повеќе локални радио станици. Во печатените медиуми помогна при основањето на „Дневник“ како весник во приватна сопственост.

Малку се знае колку пари и за кои цели троши Фондацијата Конрад Аденауер

Помагајќи го и основањето на приватни печатници, тој всушност овозможи да биде разбиен монополот на НИП „Нова Македонија“. Во сите ново отворени приватни медиуми, и воопшто во областа на новинарската фела, Сорос материјално помогна стручно да се усовршуваат техничките лица што работат во медиумите, како и новинарите.
Овие насоки на помошта што ја даваше Сорос во Македонија со години, фактички комплетно ја променија медиумската сцена во Македонија. Се разбира, до ден-денес медиумскиот сектор е оптоварен со силни проблеми, како што се: политичко влијание и користење за манипулации и уцена на оние што располагаат со финансиски средства вложени во медиумите.

Но, секако, сегашната состојба во медиумите е сосема подруга од онаа кога НИП „Нова Македонија“ и МРТВ имаа монопол. Се разбира, концепцијата на отворено општество што ја промовира Сорос, во нашата земја наиде на подршка на широк круг интелектуалци. Многу студенти, постдипломци и докторанти користеа финансиска потпора за своето усовршување, а веќе оформените интелектуалци добиваа финансиска подршка за свои научни проекти.

Сега се поставува прашање: Од каде оваа горчина и омраза до уништување во односот на делот од јавноста приврзана кон Владата, омраза свртена кон се што потекнува од Сорос, а на дел од корисниците на средставата од Сорос, кои сеуште не се откажале од концептот на Отворено општество, да им се наметнуваат дури и погрдни имиња како соросоиди?
Може да се помисли дека таквиот однос на правоверните е во согласност со концептот на домашниот патриотизам и оној концепт на сувереност на земјата кој се сомнева во буричкањата низ неа на некој странски моќник како што е Сорос.
Можеби застапниците на тој концепт на владеење, со право сметаат дека Сорос со своите пари не дејствува во рамките утврдени со нашиот Устав и законите, па тој човек претставува надворешна закана за земјата!

ГЕРМАНСКИОТ „ИМПЕРИЈАЛИЗАМ“ Е ДОБАР?!

Ако е така, работите се решаваат со отворено укажување на таа субверзивна дејност и врз основа на консултации со Владата на САД, чии државјанин е Сорос, да се забрани неговото натамошно дејство кај нас. Таков чекор би можел да биде направен единствено ако земјата реши да попречи доаѓање странски средства во општествените процеси во Македонија. Меѓутоа, во таков случај треба да се забрани прилив на странски средства од сите други странски фондации или фондови, кои ги има многу.

Особено раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да објасни, зошто во нашата држава е штетно делувањето на Фондацијата Отворено општество – Сорос? И зошто во јавноста тоа делување е напаѓано како субверзивно, како недопустлив начин на користење на странски средства?

Меѓутоа, Владата и ВМРО-ДПМНЕ мора истовремено да објасни, како тоа парите од Сорос се лоши, а парите на пример од Фондацијата Конрад Аденауер, кои главно се даваат за проекти внатре во партијата ВМРО-ДПМНЕ, се добри? Дали „американскиот империјализам“ е оној лошиот, а „германскиот империјализам“ е оној добриот?
Како тоа, да нема ни ронка толеранција во оценувањето на ефектите од работата на фондацијата Отворено општество, иако таа е отворена за иницијативи и проекти од секој поединец и институција, без оглед на неговата партиска припадност, и кога целата постапка е транспарентна за јавноста? А, наспроти тоа, многу помалку се знае во нашата јавност, надвор од круговите на ВМРО-ДПМНЕ, колку пари и за кои цели троши Фондацијата Конрад Аденауер!

Дали инвентивните умови од провладината интелектуална елита што го измислија изразот соросоиди, за година две, во променети прилики, ќе го измислат и изразот конрадоиди, па ќе им се пуштат да ги гонат со иста жестина како сега што ги гонат соросоидите?!

Некои информации укажуваат дека средбата Груевски – Сорос, која неодамна се одржа, дошла по иницијатива на Груевски.
Ако е тоа така, на таков чекор Груевски го натерала некоја негова голема мака. Изгледа дека тој на различни начини и од различни извори добива сигнали за тоа дека е „прочитан“. На Сорос после сите настани со А1 и со „Дневник“, сигурно му пукнало пред очи оти Владата на Груевски нема друга цел, туку да ги поништи сите резултати од неговите долгорочни вложувања милионски суми долари за вистински препород на земјата, за премиерот да може да си создаде состојба, поништувајќи го плурализмот во медиумите, на онаа што владееше пред интервенцијата на Сорос. На Груевски не може да му биде сеедно, кога му доаѓаат тие сигнали!

Од она како се профилирани неговите цели во областа на медиумите, со видлива намера да се поништи се што никнало во таа област и да се реинкарнира времето на монополите на НИП-от и МРТ, секој одговорен фактор и дома и надвор ќе заклучи дека тоа не се случува само во медиумите, туку е општ правец на делување на Владата и користење на власта. Станува јасно дека за тие услови во земјата, за остварување на своите цели во медиумите, Владата ќе ги инструментализира сите институции на власт.
За отстранување на опасностите кои произлегуваат од фактот што е прочитан, на Груевски нема многу да му помогне интелектуалната елита што ја сочинува неговата „Филипова фаланга“. Затоа можеби ќе се обиде да го разубеди Сорос дека не е вистина она што го гледа и дел ако е вистина, да ја префрли вината на поединци, кои се служат со неговото име и неговите пари!

 

ФАЛАНГАТА НА ГРУЕВСКИ

Но, Сорос е поголем играч од него. Прво, има многу повеќе пари, и, второ, од него многу повеќе знае и може. Затоа неодамнешната средба меѓу Груевски и Сорос „негде во Европа“ покрај некои други, веќе согледани, отвара многу важни дополнителни прашања. Имено, за да протече разговорот со Груевски, Сорос нужно мора да ја покаже својата добронамерност. Тоа Груевски може да го чувствува и да го прикаже како отстапка од страна на Сорос.

Но таа отстапка завршува со подршката што Сорос ја нуди на Македонија за поуспешно извршување на нејзиното претседателство со Декадата на Ромите. Принципиелно гледано, тоа е всушност и подршка на Владата!

Но, Груевски не треба да се надева дека Сорос ќе оди понатаму со отстапките. Напротив, тој ќе очекува сериозни отстапки од Груевски. Овој, пак, да не се надева дека ќе биде доволно само да го откачи Антонио Милошоски од Министерството за надворешни работи. Најверојатно ќе мора многу брзо да докаже дека го напушта својот концепт на судир со концептот на Сорос за Отворено општество, кое инаку не е Соросова работа, туку цел општествен процес во забрзување и завршување на транзицијата во земјите каде сеуште е во тек. Груевски ќе биде поубедлив ако веднаш ја распушти „Филиповата фаланга“ од интелектуалци присобрани околу ВМРО-ДПМНЕ и да го прекине прогонот на „соросоидите“, а, исто така, да го прекине и уништувањето на веќе постигнатите резултати во областа на медиумите!

Средбата што му затребала на Груевски со Сорос нема да биде осамена. Можеби не ќе има други средби со Сорос, но ќе има средби со други моќници од другите области од политичкиот живот. Средбата со Сорос за Груевски е само знак дека обидите на разјаснување со потпретседателот Бајден, министерката за надворешни работи Клинтон, високите француски и германски државници од типот на Саркози и Меркел завршија, и сега тој е препуштен на вториот ешалон оперативци.
Во постапките со нив работите се именуваат многу поотворено. И тие контакти ќе го доведат Груевски да се замисли над оценката што ја шират некои странски дипломати во Скопје, дека во Јемен одговорните функционери побрзо ја сфаќаат суштината на меѓународната политика отколку овие во Македонија. Веројатно ќе сфати дека проблемите не се решаваат со метрите, успехот не зависи од тоа колку е висок споменикот на Александар Македонски и уште колку ќе биде повисок оној на татко му Филип!

Еден пријател од Бугарија, во моменти на слободен разговор, ми кажуваше како Тодор Живков кога бил челник во Бугарија, мислел да ја подигне славата и моќта на својата земја. Тој намеравал да изгради споменик на планината Рила, на нејзиниот врв Мусала. Тој споменик ќе бил висок 76 метри. Имено, Мусала е висок 2925 метри, а со овој споменик требало да достигне 3000 метри. За да не утне некој нешто во мерењето, Живков намеравал споменикот да биде не 3000, туку еден метар повисок.

Можеби за Груевски е важно да ја знае и прочуената Наполеонова изрека, кажана после поразот во Русија: „Од возвишеното до смешното е само еден чекор“.
Ако нашиот премиер си мисли дека ја достигнал фазата на возвишеност, треба добро да размисли кој ќе му биде следниот чекор!

Останав без двете нозе, но добро е што сум жива

$
0
0

Текстот е објавен на 13 октомври, 2016 година во неделникот „Фокус“ во број 1097

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

На 6 септември годинава, само половина час по полноќ се случи тешка сообраќајна несреќа во која македонски туристички автобус со 39 патници се судри со камион што превезувал јаглен во близина на турскиот град Едрене. Во несреќата загина 45-годишен струмичанец, а потешко беше повредена 52-годишна скопјанка. Со брзина на светлината се прошири веста за сообраќајката, а македонските и турските медиуми беа преплавени со видеа и фотографии од страшниот настан на кои можеа да се забележат уништениот автобус, разлетаните стакла, делови од возилата расфрлани по асфалтот, луѓе заглавени меѓу седиштата, лелеци на сите страни…

Според информациите во медиумите, патниците од кои поголемиот дел биле трговци, тргнале на еднодневна шопинг-тура во Истанбул. На враќање се случила трагичната сообраќајна несреќа. Очевидците на настанот раскажувале дека од силината на ударот, камионот цели 200 метри го влечел автобусот со себе. Тој се забил во приколката на камионот, па морале да интервенираат пожарникарски екипи за да ги извлечат патниците заробени меѓу седиштата. Од камионот истекувала нафта поради што постоела опасност и да се запалат.

Турските медиуми за кратко време ја информираа јавноста и објаснија дека дел од повредените патници се пренесени во три турски болници, во Едрене, Кешан и Малкара, додека возачот на автобусот и возачот на камионот завршија во притвор во Турција. Веднаш по несреќата, претставници на македонскиот конзулат во Анкара ги посетиле повредените патници во трите болници.

Меѓу 39-те патници што биле во автобусот е и 52-годишната Снежана Караџовска од Скопје, која се здоби со најмногу повреди и на која ѝ се ампутирани двете нозе над колената.

 ШТО ТИ Е ЧОВЕК, СЕ РАДУВА НА ИНВАЛИДСКА КОЛИЧКА!

Екипа на „Фокус“ ја посети Караџовска на скопската Клиника за ортопедија во четвртокот, само еден ден пред да ја напушти болницата и да замине на домашно лекување. Една недела по тешката сообраќајна несреќа, таа била хоспитализирана во две турски болници, во Кешан каде што ѝ биле ампутирани двете нозе, а подоцна била префрлена во државната болница „Султан Први Мурат“ во Едрене, каде што ѝ биле правени дополнителни испитувања. Откако ја напуштила турската болница, три недели поминува на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Караџовска ни објасни што се случувало таа кобна вечер.

Кога влеговме во нејзината болничка соба, таа нѐ пречека со насмевка, позитивна енергија и со волја за живот, тврдејќи дека иако останала без двете нозе, сепак е среќна што е жива. Како што ни рече, не ѝ било првпат да патува преку фирмата „Бога транспорт“, која е автопревозник, иако најчесто патувала преку друга туристичка агенција. Караџовска има свој бутик и за Истанбул тргнала да набави стока, но патувањето го поместила неколку дена порано сакајќи за 8 Септември, Денот на независноста, со ќерка си Леа да отпатуваат четири дена во Грција, откако таа претходно се вратила од двомесечен престој во Германија.

Сакав со ќерка ми да се видиме раат, се немаме видено два и пол месеци и да си се посветиме една на друга – вели нашата соговорничка.

Но, несреќата што ѝ се случила не дозволила да ѝ се исполни желбата. Таа се присетува дека на враќање кон Скопје седела на средината на автобусот и дека по целодневниот шопинг била многу преморена, а нозете ѝ биле отечени од пешачење. Батеријата од мобилниот телефон ѝ била испразнета и се упатила кон шоферот на автобусот да го замоли да го приклучи телефонот на полнач. Во моментот додека разговарала со него, некој од патниците се симнал од автобусот и останале две празни седишта напред, зад шоферското место.

– Со шоферот се знаеме со години. Тој ми рече – Слободни се седиштата, нема никаков проблем, слободно седни. Тоа беа помошните седишта до него, од десната страна. Како што бев преморена, легнав, ги испружив нозете и веднаш заспав. Што се случи и како, не знам. Лежев свртена со грб кон шофершајбната. Подоцна разбрав дека сме се судриле со камион со јаглен. Ништо не се сеќавам, меѓутоа ми кажаа дека ударот бил силен, јас многу сум викала, дури пожарникарски екипи го сечеле автобусот за да ме извлечат од него – ја раскажува Караџовска својата потресна приказна за „Фокус“.

Бидејќи очигледно била во бессознание, за својата голгота разбрала од другите патници.

Ми кажаа дека сум била ептен заглавена, дека го сечеле автобусот за да ме извлечат, а нозете ми биле згмечени. Имало врескање, пискотници, плачење. Страшно и траорно било – вели 52-годишната скопјанка.

Сето тоа е избришано од нејзината меморија, но единствено на што се сеќава е дека се разбудила во болница во Турција, не знаејќи ниту каде е, ниту што бара таму.

Не знаев што се случило, ама знаев дека немам нозе. Немам нозе над колената. Постепено се будам, ми тежат рацете, ми тежат капаците на очите, но едно сум свесна – дека немам нозе. И, си велам, добро е – „немам нозе, ама жива сум“. Дали е можно некој така лесно да се помири со тој факт? Кога ме ставија првпат на инвалидската количка, јас дури се израдував и заплакав, повторувајќи ги истите зборови „немам нозе, но жива сум“. Тоа е најважно. Еј, што ти е човек, се радува дека е во инвалидска количка – вели Караџовска.

Веднаш по несреќата, откако била примена во болницата, пристигнала конзулката од Македонија во Истанбул, Зерин Абаз, која и по еден месец од несреќата редовно се јавува да ја слушне како е, дали е подобро и дали си отишла дома. Таа цело време ја испрашувала за да види дали се сеќава на нешто и веднаш ги информирала нејзиниот сопруг Горан и ќерка ѝ, кои за два дена по сообраќајката дошле во болницата во Едрене. Таа нема зборови со кои би можела да им се заблагодари на двајца странци, брат и сестра Емел и Хакан Шилахсиоглу, кои секогаш биле тука до неа да ѝ помогнат, како и на медицинската сестра Фатиме Аким, која е од Скопје, но се омажила во Едрене.

СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЕДЕН ДЕН ЌЕ УСПЕАМ ДА СИ КУПАМ НОЗЕ

Освен што ѝ биле ампутирани нозете, Караџовска имала и други повреди по телото. Лекарите откриле дека таа има повреда на главата, скршена рака и скршено ребро, па ѝ направиле уште една интервенција за да проверат дали има внатрешно крвавење. По седум дена лекување во турската државна болница, со возило на Брза помош организирано од Македонија таа била префрлена на скопската Клиника за ортопедски болести.

Кога тргнавме, имав многу големи болки и уште на 15-от километар им реков да ме вратат, дека нема да го преживеам патот до Македонија. За да ми ги смират болките, ми ставаа инјекции и инфузии, но, сепак, тоа не се издржуваше. Кога стигнавме во Скопје, ме доведоа на Ортопедија, каде што останав уште три недели – вели Караџовска.

Покрај сведочењето за личното премрежие, Караџовска за „Фокус“ ги споредува и условите во кои работат лекарите и болничарите во Турција и во Македонија. Иако е задоволна и од лекарите и од медицинскиот персонал во Македонија, сепак додава дека за разлика од оние во Турција, тие немаат основни услови за работа.

Немаат никакви лекови, инфузии, анестезија. Ми ги вадеа конците на нозете без анестезија. Не можам да ви опишам какви болки се тоа. Полудев од болки. Ја кренав болницата од викање. Едвај издржав. Персоналот е супер, ама нема со што да ги лекуваат пациентите. Сѐ си купував. Почнав да се шегувам дека поради тоа што немаат со што да ги лекуваат пациентите, почнуваат луѓето и духовно да ги лекуваат – додава 52-годишната скопјанка.

Пред да си замине од болницата, од социјалното Караџовска добила инвалидска количка, која, како што вели, воопшто не може да ја користи затоа што не е прилагодена на нејзините домашни услови.

Како можеа да ми дадат таква количка? Дали се свесни дека со неа ништо не можам да направам, односно не можам ниту во бањата да влезам, да се искапам, зашто за тоа треба да се сруши вратата. Тие ги даваат инвалидските колички без пари, но јас требаше да изберам каква што одговара на моите услови, а не да ми дадат нешто што не може да го користам. Целиот живот ми се менува од корен – се жали Караџовска.

Од болницата ѝ рекле дека треба да почне со рехабилитација и да се навикне на новиот начин на живот.

И покрај сѐ што ми се случи, имам волја за живот. Морам да си го гледам детето. Се надевам дека еден ден ќе успеам да си купам нозе и да продолжам со исто темпо во животот како досега – вели скопјанката.

ШОФЕРОТ НА АВТОБУСОТ ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР ДО СУДЕЊЕТО

По еден месец од сообраќајната несреќа, 50-годишниот Зоран М., шоферот што го управувал автобусот, сѐ уште е во притвор во Турција. Во меѓувреме, турските власти ја продолжуваат истрагата за сообраќајката. Според досегашните резултати, несреќата ја предизвикал возачот на автобусот кој, според полицискиот увид, возел над дозволената брзина и со десната страна на автобусот се забил во камионот пред него. Тој, како и возачот на камионот дале исказ пред надлежните, но во притвор е задржан единствено македонскиот државјанин. Шоферот останува во притвор сѐ до закажување на судскиот процес.

Во таков случај, на македонска територија не се покренува никаква истрага, ниту, пак, се покренува некаква постапка за негово префрлување тука. Овие информации за „Фокус“ ги потврдија и од Основното јавно обвинителство.

Јавното обвинителство на Република Македонија нема надлежност да покренува истрага за сообраќајна несреќа што се случила на територијата на Република Турција – се наведува во писмениот допис од ОЈО.

Од друга страна, пак, скопската фирма „Бога транспорт“, која превезува патници, не се води како туристичка агенција, туку како автопревозник. Во таков случај, сите патници со билетот за патување автоматски добиваат и патничко осигурување, што значи дека за сообраќајка во која има загинати и повредени, патниците и нивните семејства треба да добијат отштета од државата. Ако оштетениот не е задоволен од понудената сума, тогаш треба да покрене судски процес.

Караџовска вели дека веќе почнале да ја контактираат адвокати за да го разгледаат и тој дел, каква сума ѝ следува како оштетена во тешката сообраќајна несреќа.

Сега дојдов до документите, ја добив отпусната листа од болницата и треба да поднесам барање до осигурителната компанија. Тие ќе ми понудат одредена сума, но за тоа се уште не сум размислила бидејќи по се што ми се случи, немав ни време, ни простор за тоа. Сепак, планирам од осигурувањето што ќе го добијам, да си купам нозе – вели 52-годишната скопјанка.

Рамка:

СОПРУГАТА НА ШОФЕРОТ МЕ ПОСЕТИ ДВАПАТИ ВО БОЛНИЦА

Караџовска објаснува дека сопругата на шоферот на автобусот ѝ била дури двапати во посета во болницата.

Цело време жената плаче, што е виновна таа – вели нашата соговорничка.

Таа објаснува дека поради фактот што живее на трети кат во зграда во која нема лифт, а ќе мора да се движи со инвалидска количка, има намера да се обрати до градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски ако може да се најде некакво решение за нејзиниот проблем.

Сега доаѓаат избори, можеби ќе искористам гужва да ми помогнат во оваа тешка ситуација – вели Караџовска.

Рамка:

ТУРСКАТА ДРЖАВНА БОЛНИЦА Е ПРИМЕР КАКО ТРЕБА ДА ИЗГЛЕДА ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

Според нашата соговорничка, за разлика од државните болници во Македонија, болниците во Турција се чисти, изгледаат убаво и ги имаат сите услови за работа.

– Таму има кревет за болниот, но и за неговиот роднина, фрижидер, телевизор во секоја соба… Во болницата имаше една девојка, која знаеше англиски и која ми помагаше цело време додека дојдоа моите. Не можам да ви опишам колку сум им благодарна. Немав ништо со мене, бев целата приклучена на апарати, таа ми купуваше пижами, ми носеше храна…

МЕПСО нема да ги купува возилата, кои немаат точно осум звучници!?

$
0
0

Текстот е објавен на 18 мај 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 881

Кога државните институции набавуваат возила, тендерите се така скроени што квалификациите може да ги поминат само два или три увозници на автомобили, кои по некоја случајност се едни исти компании, односно пријатели на портокаловата жед за брзини!

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Никола Груевски не е целосно во право кога вели дека за секој роденден на ВМРО-ДПМНЕ, Господ ја дарува со по уште една изборна победа. Греши, оти врската меѓу лидерот на власта и Севишниот, сепак, е подлабока. Имено, секогаш кога Груевски решава за народните пари, дали од местото на министер или на прајминистер, Бог го дарува со нагон да купува автомобили.

Така беше пред дванаесетина години кога министерот со пица-мајсторски склоности ја бранеше набавката на „крајслерите” за кои денес МВР по малку срамежливо кажува, дека не само што се дотраени, ами и тие што се „читави“ пустите трошеле троа повеќе.

Така е и денес, кога истото Мевере ќе се подновува со 150 возила преку уште еден од низата гранде тендери. Ако може да им се верува на весниците, кои пред цела декада не беа дел од „фамилијарниот” печат, токму Груевски и Доста Димовска набавката на американските автомобили ја бранеле пред Собранието како неопходна и добра за интересите на Македонија, ама излезе оти не било баш така!

ЕМ ТЕНДЕРОТ ЛЕГАЛЕН, ЕМ ПОБЕДНИКОТ ПОЗНАТ НА ПРЕРОДБАТА

Приказната околу набавката на американските „ламји за гориво” на времето доби и лукративни димензии, ама со оглед дека во неа се спомнува уште едно име на починат политичар, тоа на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски, за тоа нема многу да пишуваме.

Само кратко ќе потсетиме дека во тогашната расправа се мавташе со аргументи дека еден „крајслер” чини колку два „мерцедеса” и оти трошел дури колку пар „мечиња”, од 15 до 21 литар бензин на 100 километри. Оттогаш поминаа дузина години и одамна е исушен потписот на кредитот со кој се купија околу 300 „крајслери” и затоа попаметно е да се занимаваме со потписите кои можеби се ветени, ама сѐ уште не се ставени на хартија (за волја на вистината, и денес сме љубители на кредити).

Луѓето кои пред „Фокус” се именуваат како добронамерни и во исто време упатени, предупредуваат оти некои работи не штимаат околу набавката на возила за владините институции. Велат, со тендерите сѐ изгледа добро додека не се дојде до деталниот технички опис, односно, до карактеристиките што би требало да ги красат автомобилите што се таксаат со народни пари.

– Ако сте познавач на возилата, чи тате и почнувате да се чудите од деталниот опис на карактеристиките или од опремата што треба да ја поседуваат автомобилите, а кои не се од суштинско значење – велат познавачите. Поинаку кажано, тенденциозната и детална тендерска спецификација ѝ отвора палета можности на Комисијата која решава лесно да ги  дисквалификува сите оние увозници кои не ги исполнуваат барањата што се наведени во документите.

Претпоставката е дека има неколку импортери на возила коишто им се омилени на властите и тие по некоја (не)случајност речиси редовно ги исполнуваат критериумите што се бараат во тендерите, а, ако по некое чудо се случи друг дилер да има возило кое одговара на деталната спецификација, тој однапред знае дека влегуваат во битка што ќе ја изгуби.

– На ваков начин „легално” се трошат народните пари и притоа некои поединци остваруваат личен интерес, поради тоа што возилата, кои во случајов однапред се знае кои се, обично доаѓаат од оној поскапиот спектар на понудата – велат упатените, доволно подисплашени за да говорат јавно.

Кај тендерите, каде скапите возила треба да „поминат” без проблем, секогаш најмногу поени носи ниската цена, но обично се бодуваат и категориите како квалитет, кадровска екипираност или бројот на сервисите. Нашите извори велат дека една од манипулациите се прави и со бројот на сервиси, бидејќи се случувало тендерската комисија за „благонадежните” увозници да ги калкулира сервисите што ги услужуваат сите брендови на импортерот, додека за останатите увозници се броеле само сервисите за дотичната марка на автомобилот што се купува.

Исто така, практиката предвидувала, покрај „солените” возила да се набавува и уште по некое количе кое ќе го испорача трета или четврта компанија, сѐ со цел да не се добие впечаток оти едни исти увозници ја задоволуваат портокаловата жед за брзини, а вистинска трагедија било сознанието дека и фирмите „замачкувачи на очи” биле добро одбрани спаринг-партнери!

За можната манипулација со деталите во тендерските документи предупредува и Центарот за граѓански комуникации, кој ги анализира јавните набавки. Тој во еден од своите прирачници пишува дека државните институции и компании не смеат да дефинираат многу детални технички спецификации во кои упатуваат на конкретен производ, изведба, процес или трговска марка, оти со тоа може да се  фаворизираат одредени, а да се елиминираат други компании или производи!

КОГА РЕШАВААТ МИЛИМЕТРИТЕ И БРОЈОТ НА ЗВУЧНИЦИ

Вака чуден пример на тендер е набавката на 36 возила што ја спроведува државната фирма за пренос на струја МЕПСО, чија тендерска документација од декември 2011 година, по игра на случајот, ја поседуваме. Во документите може да се види дека оваа компанија меѓу другите автомобили бара лимузина, која не смее да биде пократка од 4,9, ниту, пак, подолга од 5 метри, додека осовината не смее да ѝ биде потесна од 2,9, но не и поширока од 2,95 метри (разлика од „цели” 5 сантиметри ).

Згора на сѐ, истото „ауто” мора да се пофали со багажен простор од најмалку 530 литри, да не троши повеќе од 6 литри гориво на 100 километри, да не испушта повеќе од 160 грама на километар јаглерод диоксид и да има погон на сите четири тркала. Но, забавата не завршува тука. Некои од возилата што ги набавува МЕП СО треба да имаат кожен волан, радио со цеде и – ни помалку, ни повеќе – осум звучници, додека кај друг автомобил не е битен бројот на звучниците, ами пресудно е возилото, покрај стандардната аудиоопрема, да поседува и МП3-плеер. Потоа МЕПСО набавува и такво „ауто”, кое покрај кожата на воланот, мора да има крзно и на менувачот!

Последен тендер, кој, исто така, одговара на описот на чудни јавни набавки, според нашите информации, може да се класифицира и тој со кој владата ќе купува 30 возила. Набавката е поделена на два лота, од кои во првиот се купуваат 23 автомобили со слични карактеристики, додека во вториот само седум превозни средства. Доверливи извори брифираат дека на отворањето на понудите пред околу две недели биле присутни само три компании, од кои една конкурирала за двата вида возила, додека останатите две имале понуди само за по една група автомобили. Вредно е да се спомне дека во Македонија има триесетина брендови на возила, од кои само три учествувале во наддавањето за владините возила, но упатените коментираат дека „не значи оти другите не се заинтересирани да продаваат”.

Напротив, во време кога увозниците месечно продаваат само по 10 или 20 патнички возила по бренд, тоа значи дека само три импортери имаат автомобил кој одговара на бараната техничка спецификација во тендерот. Останатите фирми, иако имаат автомобили кои генерално одговараат на потребите на владата, сепак не можат да задоволат некој детаљ или барање, кое и за малку, ги вади надвор од играта.

Така, според информациите со кои располагаме за првиот дел од владината набавка, се бара автомобилите да имаат погон на сите тркала, а во исто време да не бидат пократки од 4,55 ниту подолги од 4,8 метри, и притоа да не трошат повеќе од 6 литри гориво на 100 километри. Како што очекувавте, и тука до милилитар е прецизирана големината на  багажникот, кој не би требало да зафаќа повеќе од 470 литри, додека волуменот на моторот мора да се движи во строго одредени граници!

Слична е приказната и за вториот дел од набавката, каде, исто така, се оди до детали. Таму автомобилот мора да има минимум 4,85 метри должина и меѓуоскино растојание од, внимавајте – најмалку 2,71 метри, додека багажникот

не смее да биде поголем од 550 литри!!! Оние кои целиот работен век го поминале во бизнисот со автомобили велат дека на ваквите тендери има манипулација и со задолжителната опрема која треба да ги краси возилата, односно, често во спецификацијата се спомнуваат ознаки кои се вообичаени за одреден бренд, иако истата опрема ја има и кај останатите импортери, но под друго име!

Како пример за ваква неправда се спомнува тендерот и на МВР, во кој се бара возилото да има дизел мотор со ознака „ТДИ комон реил”, иако истите карактеристики ги имаат и погоните кои се означуваат со „ЦДи” или „ХДи”!!! Поради сево ова, постојано не убива , големата неизвесност, пред прашањето – кои увозници повторно ќе омрсат мустаќ!!!

БИЗНИСОТ Е УНИШТЕН

Со целиот ризик, Влатко Ѓорчев на партиски прес да нѐ прогласи за заштитници на големите автоувозници, односно за перјаници на крупниот капитал и да ни лупне пријава за лустрација како олигарси – ќе спомнеме бројки кои се спомнуваат во овој бизнис и кои никако не се наклонети на по веќето увозници. Според официјалните податоци од Царината, во Македонија годишно влегувале по околу 5.000 половни коли, цифра која неколкукратно се надмина во 2010 година, кога Владата дозволи полиберален увоз на користени автомобили.

Само до октомври истата година биле увезени над 50.000 автомобили, или десет пати повеќе, но неофицијалните бројки велат дека оттогаш границата ја поминале приближно 100.000 возила стари до 17 години. Затоа и не треба да му се лутиме на скопскиот градоначалник Коце Трајановски што нема некоја особена желба да го продолжи проектот „Скопје дише” и да ја оживее интернет страницата која на дневна основа објавуваше податоци за загаденоста во главниот град. Градскиот татко и не е највиновниот што веројатно најголем дел од половните автомобили завршиле по скопските улици и придонесуваат во загадувањето.

Станува збор за возила меѓу кои има и такви што поминале и преку 300.000 километри и на кои им се вратени километражниците на 100.000! Токму со ваквите популистички мерки и со нефер условите на тендерите, се нанесува сериозен удар врз цел бизнис. И тоа, бездруго, е важно, колку што е важен и начинот на кој се трошат народните пари и правецот кој тие го фаќаат откако ќе го напуштат државниот буџет .

Тоа е таа народна власт
СКРОМНО… ДО БОЛКА!

Ако може да им се верува на имотните листови што функционерите ги доставиле до Антикорупциската комисија, прилично е скромен личниот возен парк на фотелјашите кои распишуваат тендери за возила . Министерката Гордана Јанкулоска вози постаро „пунто”, а последен пат за Никола Груевски чувме дека шоферувал со исто такво „ауто”, ама од серијата „соле” (сонце), иако во имотниот лист на премиерот не стои никаков подвижен имот на тркала.

Понатаму, Никола Тодоров, кој како министер за здравство набавува седумдесетина амбулантни возила, за своите семејни потреби користи „даеву тико” старо повеќе од една деценија, додека доскорашниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чингоски и неговиот енергетски колега од МЕПСО можат да се пофалат со малку полуксузен превоз. Чингоски е шофер на речиси нова „голф шестка”, додека Дејан Бошковски седи зад воланот на „тојота аурис”!

Судбина
ВРТИ-СУЧИ, ПОВТОРНО 300 НОВИ АВТОМОБИЛИ ВО ГРУЈОВО ВРЕМЕ!

Според пишувањата на нашите колеги од пред десетина години, со амин на Доста Димовска и на Никола Груевски, МВР тогаш купило точно 291 „крајслер”, иако набавката вклучувала и по некој џип, со што бројката на возила таксани со народни пари изнесувала некаде околу 300.

Интересно е дека, ако се земат сите тендери за возила кои се случија последниве неколку години, оние на ЕЛЕМ, полицијата, МЕПСО, Градот Скопје, Министерството за здравство и на уште неколку институции, излегува оти повторно возниот парк на државата во време на Никола Груевски се подновува за повеќе од 300 возила. Судбина или таргет,  што ли е во прашање?

„Република“ редовно лапала, а „Курир“ го хранеле со мали тендерчиња пред избори

$
0
0

Текстот е објавен на 11 мај 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 880

Алармантни се податоците за тоа колку државни пари годишно се трошат на таканаречените м,али набавки од по 5.000 евра. Корисници на овие мини тендери се вообичаените партнери на власта, како маркетинг-агенцијата „Република“ и провмровскиот веб-сајт „Курир“

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Прилично незабележано помина изјавата на поранешниот скопски градоначалник Трифун Костовски, кој пред десетина дена на една трибина рече дека добил впечаток дека шеици се ракуваат со шеици кога ги гледал Никола Груевски и Зоран Ставрески на гости кај емирот од Катар.

Тој зборуваше за возвратната посета на кумовите од Илинденска 2, по која медиумите почнаа да шушкаат оти врската со шеиците од типот „иди ми, дојди ми“ ќе отиде на повисоко ниво наречено „на ти го, дај ми го“. Со други зборови, се шпекулира дека владата ќе им продаде удел од ЕЛЕМ токму на новите пустински пријатели. Не попусто народецот вели дека со кого си, таков си, па затоа интензивната дружба на нашите властодршци со шеиците веројатно им наметна нови стандарди во трошењето на парите.

А најмногу со емирот од Катар другаруваше претседателот Ѓорге Иванов, кој дури го однесе шеикот на ќебапчиња и на лута пиперка во Старата турска чаршија. Затоа не треба да нѐ чуди оти новиот веб-сајт на популарниот Хорхе чини дури шестпати повеќе од најевтината веб-страница која лани била направена со пари на граѓаните. Тоа се тие шеички стандарди.

30 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ ЛАПААТ ВО МАЛИ ЗАЛАЦИ

Центарот за граѓански комуникации во својата последна анализа ги спореди цените што лани ги платиле државните институции за нова веб-страница. Споредбата покажува дека претседателскиот сајт чини 5.700 евра, што е бајаги повеќе од 3.800 евра,  колку што изнесува средната цена по која биле изработени другите портали, иако и за оваа сума Центарот вели дека е  навистина висока според состојбите на пазарот“.

А на пустиот пазар имало „компјутерџии“ кои правеле портали и за околу 1.000 евра, па дури за истото купче пари се нуделе и да го одржуваат, што на оваа беспарица никого не би требало да го чуди. И доколку некој се прашува зошто сме се закатанчиле за суми кои се минорни во споредба со милионите на едно „Скопје 2014“, одговорот го дава исто така Центарот за граѓански комуникации во нивниот прирачник од минатата година. Оттаму може да се научи дека тендерот на кој е избрана фирмата за шеичкиот сајт на Иванов се нарекува „мала набавка до 5.000 евра“ (без ДДВ) и она што е најинтересно е дека на ваков начин властите во Македонија секоја година трошат по, верувале или не, повеќе од 30 милиони евра!

Во случај скептиците повторно да не се убедени дека треба да се отворат 16 очи при трошењето на овие пари ние само ќе кажеме дека за малите набавки институциите не објавуваат оглас туку самите бираат три фирми од кои ќе приберат понуди. Не постои ниту јавно отворање на понудите како кај класичните тендери, а тие што ги трошат државните пари на ваков начин немаат ни обврска да го објават тоа 30 дена по склучувањето на договорот. Отчетноста ја задоволуваат само два пати годишно на сајтот на Бирото за јавни набавки (кој не е шеички) во едно ќоше кое може да се најде само со помош на Интерпол.

ПРОДАВНИЦА – СЀ ПО 5.000 ЕВРА

Во Македонија има дури 1.000 институции, претпријатија и државни фирми кои имаат право на ваков начин, сосема легално да ги трошат парите на граѓани те. Ние ќе се задржиме на најголемите кои во принцип ги почитуваат обврските и два пати годишно објавуваат каде се поарчиле најчесто околу 5.000 евра, иако трошаџиите како ЕЛЕМ и Министерството за образование заборавиле тоа да го сторат за 2010 и за 2011 година. Доколку ја погледнете интернет евиденцијата на овие мали набавки ќе добиете впечаток оти се наоѓате во кинеска продавница во која наместо се да чини по 99 денари, овде најголем број од артиклите без ДДВ чинат нешто малку под 5.000 евра.

Интересно е дека и овде муштериите се најчесто фирмите познати на јавноста. Во изминативе четири години (за колку и постои евиденција) маркетинг агенцијата „Република“ дури 21 пат победила на ваква набавка и тоа речиси од сите институции под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Агенцијата два пати изработувала промотивен материјал за владиниот Генерален секретаријат по повод празникот Илинден, еднаш придонеле и со промотивен материјал за декадата на Ромите.

А дека агенцијата ја бивало за прослави покажува и фактот дека Секретаријатот за европски прашања ги ангажирал за одбележување на 365 дена од визната либерализација (кој јубилеј???) и за Денот на Европа. Нормално, сето ова за цена која со данокот благо ја надминува сумата од 5.000 евра. Сличен пазар „Република“ направила и со другите институции каде за ЈСП за истите пари организирала и осмислила настан, за министерството на Миле Јанакиески изработила месечен билтен на активности додека за Генералниот секретаријат обезбедила банер за дебатна сала и набавила говорници.

Тука мора да се спомене оти за говорници и за дизајнирано пано Министерството за труд и социјала ѝ платило 2.450 евра на „Република“, додека Генералниот секретаријат само за говорници од истата агенција одвоило 5.428 евра. Муштерија бил и Градот Скопје, кој на чело со Коце Трајановски ја платил приближната сума за консултантски и дизајнерски услуги. Она што паѓа во очи е дека  агенцијата не добила ниту една мала зделка во другите министерства кои ги контролира ДУИ или некој од помалите коалициони партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а доколку се соберат сите дилови до 5.000 евра излегува дека „Република“ на ваков начин добила некаде околу 93.000 евра во период од четири години.

ИСПОРАЧУВАЛЕ И НА „КУРИР“

Арно ама, ако малку повеќе се анализираат малите набавки меѓу нив ќе се забележи и името на една тотално анонимна компанија „Ем медиа“, која, пак, е потпишана под најпосетениот њус-сајт во Македонија „Курир“. За овој портал навистина не треба да се трошат зборови за да се докаже оти неговата уредничка политика е провмровска (не е провладина), а релацијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Курир“ јасно се гледа и од фактот што партијата на својот сајт објавува целосно идентични текстови како и порталот.

Она што како зделка го добиле курирци е помалку во однос на „Република“ и изнесува околу 27.000 евра, но интересен е периодот кога сајтов ги добива овие пари. Најголем дел од сумата, преку 20.000 евра „Ем медиа“ ги добила во првата половина од минатата година, кога се одржаа предвремените парламентарни избори и пред нив се случи една прилично скапа кампања. Станува збор за избори во кои владејачката партија потроши 3,5 милиони евра повеќе отколку што собра, а донаторите засега остануваат непознати за јавноста.

Парите за „Курир“, пак, се слеале од владиниот Генерален секретаријат, од МЕПСО, од Општина Гази Баба и од ќесето со кое управува градоначалникот Трајановски, а вообичаено со нив „се купувале“ видео вести, додека Градот Скопје си платил да се рекламира на порталот. Затоа и не треба да чуди оти курирци редовно имаат некаква владина кампања на сајтот и премногу, барем за наш вкус, се интересираат за гафовите на сето она што не доаѓа од редовите на владејачката партија. Околу малите набавки има уште еден феномен, а тоа е врзувањето на институција со одредена компанија. Анализата на набавките на МВР покажува дека ова министерство во периодот од 2008 до 2011 дури 32 пати набавувала бела техника и опрема токму од една компанија.

Сумата што ресорот на Гордана Јанкулоска го потрошил за овие зделки се доближува до 130.000 евра, а набавувал ЛЦД телевизори, печки, радијатори, ситен инвентар за опремување на шанк и на кујна, правосмукалки, машини за миење садови па дури и решо. И во овој случај повеќе од половината мали набавки заедно со ДДВ благо ја надминуваат сумата од 5.000 евра. Интересно е дека меѓу овие тендерчиња на полицијата има и едно од 3.000 евра за фирмата „Сага мк“, за која опозицијата тврдеше дека е блиска до братот на Јанкулоска.

Станува збор за  компјутерската компанија која доби неколку поголеми зделки од ЕЛЕМ и од самото МВР и која, иако „Фокус“ инсистираше, ниту еднаш не ги демантираше тврдењата на Јани Макрадули од собраниската говорница. Не е на одмет да се спомене оти  полицијата купила телевизори и информатичка опрема за вредност баш околу 5.000 евра и од компанијата „Бомас“ за која  пишувавме дека е поврзана со фирмите што произлегоа од аферата со Национална та платежна картичка.

Во евиденцијата може да се најде и уште една компанија за која „Фокус“ пишуваше во своето дневно издание. Општина Вевчани во неколку наврати им доделила мала набавка на градежната компанија „Виа“ чиј сопственик е татко на сопругата на еден пратеник и вујко на заменик директорот на МЕПСО, Крсто Мукоски. Токму последниов се најде на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи за потребите на партијата одделил 30.000 денари.

Токму овој случај одговара на еден друг цитат од истата трибина на која Трифун Костовски говореше за шеиците. Имено, токму на таа дебата беше кажано оти вистинското име на Македонија најверојатно е Република Братучедија, бидејќи кај нас преживувал оној што имал повеќе роднини. На тоа треба  само да се додаде дека животот би бил поудобен ако имаш повеќе роднини и по некое тендерче од оние што гравитираат околу 5.000 евра. Транспарентност под ниво

40 МИЛИОНИ ЕВРА ДОГОВОРЕНИ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ

Центарот за граѓански комуникации во својата последна анализа објавена неодамна алармира дека само во последните три  месеци од минатата година во таканаречените договори со четири очи биле потрошени вкупно 10 милиони евра. Во нивната анализа пишува дека целата ланска година ваквите договори достигнале сума од речиси 40 милиони евра, што е за дури половина повеќе од сумата која на ваков начин била потрошена во 2010 година. „Со ова е достигнат рекорд во вредноста на овие договори чие склучување не обезбедува никаква транспарентност. Анекс договорите, како и крајната итност од набавката и натаму се главна причина за трошење на значаен износ од буџетските пари преку непосредни договори“, се вели во  варталниот извештај на Центарот.

Стар бран
ВМРО-ДПМНЕ БОРЧИ 60.000 ЕВРА НА ТЕЛЕВИЗИЈА ОД ВНАТРЕШНОСТА?

Ако од една страна државните институции зачестиле со набавки од медиумите за време на изборите, денес цела година по гласањето, постојат и такви кои сѐ уште не можат да ги добијат заработените пари за рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ. Еднаш месечно, кога некој ќе ја спомне дупката од 3,5 милиони евра што ја имаа властодршците за време на изборите се слуша и муабет дека исто толку редовно партијата бара една приватна телевизија да и прости долг од дури 60.000 евра. Приказната е дека еден газда на медиум од источна Македонија ја рекламирал партијата за време на изборите, а до ден денешен не наплатил за услугата иако во неколку наврати се согласил на попуст од 10 отсто.


Идилата со Груевски, Ахмети ќе ја плати со распад на ДУИ

$
0
0

Текстот е објавен на 8-ми јуни 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 884

Какви се видливите ефекти од четиригодишната дружба меѓу Пастирот и Командантот? Пред се, лидерот на некогашната ОНА како горд послушник ги проголта сите катиљ абери од Брисел и од Вашингтон за забеганите демократски процеси во Македонија. Особено видливо е дека не се поместивме кон НАТО и ЕУ во овој период.

Според опозициските калкулации, формулата за вечната љубов меѓу коалициските браќа од Илиденска се  тендерите. Всушност, излегува дека Груевски ја пронајде формулата за омекнување на Командантот, односно за кастрење на канџите на орелот со песната – „Love me tender”!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Деновиве, на 5 јуни, прославивме или „вадевме“, кој како милува, една година од вторите парламентарни вонредни избори, kои, пак, не донесоа промени во партискиот состав на владата. Па така, дружбата меѓу Никола Груевски и Али Ахмети денес веќе има еден заокружен четиригодишен мандат. На 1 јуни се навршија точно четири години од првите предвремени парламентарни избори одржани во Македонија. Тогаш на иницијатива на ДУИ, а со сесрдна и експресна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, непосредно после фијаското во Букурешт, се влезе во остварување на едно вакво сценарио.

Рака на срце, новата коалиција веќе се насетуваше и тивко се крчкаше со месеци пред предвремената изборна фешта. Што добивме ние граѓаните од овој политички брак од ин терес? Каков е бенефитот за државата, оти не се сомневам дека партиските војници им се солидно намирени и имаат причини за задоволство!?

Се разбира, од себични мотиви, кои потоа бесрамно ги пакуваат со национална патриотска машничка. Кога ќе се подвлече црта, излегува дека она што некогашниот претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Љубиша Георгиевски го најавуваше во 90-тите, дека ќе му ги скратат канџите на орелот, со јасна алузија на албанскиот национален симбол, по се изгледа му успеа дури сега на Никола Груевски. Секако, сметам дека изреченото од Георгиевски беше истргнато од контекст, но, со оглед на тоа што тогаш љубчовци јаваа на антиалбански ноти, овие сдсмовски шеми би ги прогласила за почетоци на спин – мајсторлакот, за што, пак, вистински велемајстори се покажаа новите дечки од ДПМНЕ на Груевски.

Во секој случај, ако се занемарат сите шпекулации, разно-разни навивачки прогнози, сите благонадежни анализи, кои главно се темелат на тоа дека ДУИ е подобрата половина од оваа коалиција, ефектите од четиригодишната дружба меѓу Пастирот и  Kомандантот велат дека Ахмети веќе почнува да преде како маченце.

Човекот кој израсна во мит за албанската кауза како лидер на ОНА, овие четири години како горд послушник ги проголтуваше лесно сите катиљ абери од Брисел и Вашингтон за забеганите демократски процеси во Македонија. Не се поместивме ни милиметар кон НАТО и ЕУ во овој период, но, Командантот и натаму е комотен.

Според опозициските калкулации, формулата за вечната љубов меѓу коалициските браќа од Илиденска се тендерите. Всушност, излегува дека Грујевски ја најде формулата за омекнување на Ахмети, односно за кастрење на канџите на орелот со песната Love me tender“!

СЕРИОЗНА ВЛАСТ СО НЕСЕРИОЗНИ РЕЗУЛТАТИ!

Шегата на страна, но, која е логиката ДУИ да се амнестира за сите девијации и деформации со кои се соочивме во изминативе четири години? Слобода на медиуми на најниски гранки, судство под политички притисок, шампиони во мизерија, партизирана администрација, и за прв пат, токму во нивен мандат, се збогативме и со политички затвореници. Зошто тогаш ДУИ да е невина  ако сме рамо до рамо со Белорусија и со Украина на овој план? Уште повеќе што последнава година ресорите Правда, Евроинтеграции и Одбрана женерозно Груевски им ги отстапи? Навистина е нехумано се да се истовари на преродбеничкиот грб на Пастирот.

Каква е улогата на албанскиот партнер во сите досегашни влади? Да, согласно добрите традиции секогаш една албанска партија е дел од владината коалиција. Ако се држиме до филозофијата на интегративците дека победникот од македонскиот блок мора да коалицира со победникот од албанскиот блок, тогаш само небото треба да им е лимит во оваа соработка. Тоа го следиме сега и во живо, се одвива пред нашите очи. И зошто Ахмети и дружината да се помалку одговорни за овие, за нас барем, четири кошмарни години? Според она што нѝ го испорачаа во нивниот мандат, одговорноста треба да биде заедничка.

Или, мислат дека и тука делбата треба да оди според процентите од Рамковниот договор? Се ми се чини дека црно-белиот третман на овој владејачки двоец беше поттикнат од желбата и надежта на многумина, дека, кај да е, ДУИ ќе ја напушти владата и ќе ги остави преродбениците на цедило. Де на пролет после оној самит, де на есен после не знам кој настан. Во овие четири години барем осум пати се ширеа вакви шпекулации, кои, сепак, беа подгревани во кујната во Мала Речица.

Тука се и тезите дека Командантот Ахмети чека команда од Вашингтон и од Брисел за еден ваков чекор! Арно ама, се занемарува фактот дека токму во 2008, кога ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ со здружени сили одлучија да се оди на предвремени избори, американската амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд се обидуваше да ги убеди „дека сега е моментот да се реши спорот со името“, а евродипломатот Ерван Фуере на пратениците по којзнае кој пат им укажуваше дека „оваа година ни е клучна за ЕУ“.

Со други зборови, токму тие неколку месеци се сметаа клучни, а предвремените избори ја анулираа таквата оптимистичка варијанта, Освен поголемо парламентарно мнозинство и покомотна власт за Груевски, само сега со Ахмети наместо со Тачи, не се приближивме ниту кон НАТО ниту кон ЕУ. Еве, и конкретно да го вратиме филмот, во април 2008. После неуспехот во Букурешт, и покрај силната американска поддршка за брзо решавање на спорот со името, а со тоа и брз влез во НАТО, ДУИ покрена иницијатива за распуштање на парламентот.

Груевци експресно се согласија со ова сценарио, што наведува на тоа дека најверојатно постоел таканаречен мартовски договор, како што претходно го немаа, па го имаа оној мајскиот. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, тогаш објаснуваше дека нивната иницијатива за предвремени избори имала за цел „да се оствари вистинска европска агенда, консолидирање на институциите, како и зајакнување на меѓуетничките односи, имплементација на Охридски договор“.

„Македонија веќе доцни со евроинтеграциите. Владејачката гарнитура (ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, н.з.) се однесува недржавнички во овие две години и затоа е потребна сериозна власт, која ќе знае да се соочи со сите предизвици за државата“, обнародија тогаш од ДУИ. Дали навистина потоа добивме „сериозна власт“? Дали владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ ги забраза интеграциите? На овие прашања, ама без самозалажување, нека си одговорат, барем во себе, првенците на ДУИ. За пред јавноста, пак, веќе  слушаме какви „сериозни“ објаснувања даваат!

МАЈСКИ ДОГОВОР НЕМАЛО, АМА ИМАЛО!?

Од друга страна, од оваа временска дистанца звучат визионерски предупредувањата што тогаш ги даде Радмила Шеќеринска.

Ако има избори, Македонија, дефинитивно, нема да може да ги продолжи преговорите за името. Ако не го направи тоа во следните месеци пред претседателските избори во САД, Македонија нема да може да смета на толку силна американска поддршка. Втората последица е дека во 2008 година нема да добие покана за НАТО, ниту ќе ги почне преговорите со ЕУ. Изборите значат само бегање од одговорноста на македонските политичари во најсериозниот момент. Тоа ќе биде кукавички однос за најбитни прашања – посочи тогаш Шеќеринска, а времето потврди дека проценките ѝ беа точни.

И денес, откако извисуваме во континуитет, Ахмети почнува да звучи како Груевски. И тој, според изјавата дадена деновиве, на 10-годишнината од основањето на партијата, во врска со евроинтеграциите го впери прстот во Атина. Посочи дека се чекало стабилна влада во Грција, за да се интензивираат чекорите за решавање на спорот со името.

Според него, почетокот на  решението е можност да се добие условна покана за членство во НАТО, со што би почнала ратификацијата на протоколот за членство во НАТО на Македонија од страна на парламентите на земјите членки на Алијансата. Ова, демек, би му дошло нешто како дијалогот на високо ниво со ЕУ. Се нешто условно. Но, зарем проблемот е во нестабилноста на грчката влада?

Едно време во нивниот мандат Грција имаше и стабилна влада, па не променија ништо! Но, да се вратиме на хронологијата на  приближувањето на Груевски и Ахмети. Новинарите од провладин ков, за да го амортизираат пресвртот, знаат данафрлат дека влетувањето на Груевски во прегратките на Ахмети било порака од Вашингтон. Демек, после двегодишниот отпор да ја земе во влада победничката албанска партија, тој на крајот покажал кооперативност.

Претходница или кршење на мразот беше со таканаречениот мајски договор меѓу него и Ахмети, во време додека коалицираше во владата со ДПА на Мендух Тачи, кого вмровците дури го прогласија за војвода. Потоа лесно го преболеа кога беше заменет со Командантот. Но, фемкањето на Груевски во релациите со ДУИ има и забавен карактер. Со недели негираше дека постои некаков Мајски договор. Потоа упорно се вадеше дека е усен, а не писмен договорот, небаре и нотар треба да го завери.

На крајот се покажа дека на листот хартија не стојат потписите на Грујо и на Ахмети, туку имало посебен договор на едниот и на другиот со американската амбасадорка Џилијен Миловановиќ. Ете, колку мајскиот договор не бил договор!

Дворјаните од медиумската фела дури и мерачеа кога после победата во 2006, груевци глумејќи ѓоа преговори вешто ги издриблаа ахметиевци, покажувајќи цврст гард дека со бивши терористи не се прави влада. Потоа ко маченца гувееја кога Никола и Али станаа партнери.

Всушност, се калкулираше дека има две црвени линии кај Преродбеникот- нема коалиција со обвинети за воени злосторства и нема промена на името без поддршка на народот на референдум. За првата работа пушти срце пред четири години, а лани веќе им ги исчистија и досиејата преку автентично толкување на амнестијата. Што се одне-сува за второто, веќе е тешко да се типува цврстината, оти тоа му остана најсигурниот темел на неговото владеење.

„Името не го даваме“ е пандан на „Косово не го даваме“. Да, и Милошевиќ со години ја градеше својата лична  слава и партиската империја на таков слоган, со што ги разнежнуваше срцата на нацијата. Уште повеќе, со силната и одлучна реторика кон „НАТО зликовците“. Како завршија и Вождот и Косово, не треба посебно да се елаборира. Но, кога сме кај српските политики, дилема е зошто Русија и Кина не им помогнаа да го сочуваат Косово? Ова само како предизвик за размислување на дворските експерти, кои со оптимизам гледаат алтернатива во Русија и во Кина наместо, демек, неправедниот Запад?!

ОД ТЕРОРИСТ ДО ТЕНДЕРИСТ!

И сега, зошто една лево ориентирана албанска партија, која се роди од некогашната воена структура на ОНА, толку добро се вклопи со демохристијанската ДПМНЕ, која за предзнак ја има кратенката од Внатрешна Македонска Револуционерна Организација? Опозицијата знае да нафрли дека Ахмети и Груевски до пладне се сакаат, а попладне се мразат, алудирајќи на дивергентните политики и идеологии, кои, пак, тендерите успешно ги хармонизираат.

Коалицијата ја нарекоа тендерска, а треба да им се верува, затоа што СДСМ после четиригодишното искуство со ДУИ веројатно ги има осознаено вкусовите и слабостите на ахметиевци. Сепак, постојаното подгревање на лажните надежи во интегративците како вљубеници во евроатланските интеграции, наспроти популизмот и тоталитарните методи со кои владее втората половина од коалицискиот брак, веќе делуваат по малку ступидарно. Та, истераа без проблеми цел еден мандат. Притоа, веќе во многу работи почнуваат да наликуваат.

Велат, нели, дека дури и домашните миленичиња по извесен период почнуваат да наликуваат на нивниот пријател од човечка раса, а не пак луѓе од различни партии со наводно различни идеологии. Ахметиевци по пример на преродбеникот сега си градат свој плоштад од другата страна на Вардар. Пропагандата и градбите ве-ројатно и од тендерски пориви, добро им легнаа и на ДУИ-џиите! Впрочем, и Ахмети и Груевски во својата политичка кариера доживуваа трансформации.

Транзитираа, што би се рекло. Ахмети, кој во младоста важеше за марксист- ленинист, за време на воената 2001 стана терорист, за многу бргу потоа да биде прогласен за миротворец. Веднаш потоа, промовирајќи ја новата партија – ДУИ, Командантот се декларираше за интегративец кому ЕУ и НАТО му се ѕвезда водилка. Но, сега веќе ги има сите предиспозиции да заврши со етикетата – тендерист! Груевски пак, од техноменаџер и човек посветен на економијата, денес со економијата го врзуваат најмногу роуд шоута. Главно стана препознатлив по популизмот, агитпропот, барокот, антиката, па лидерот на опозицијата неодамна го спореди со Марија Антоанета. Од друга страна, како во времето на Тито, веќе е тешко да одредите каде завршува партијата и почнува државата, и обратно!

Инаку, како и сите останати партии, така и ВМРО и ДУИ се темелат на султан филозофија. Споредбено, Ахмети изгледа како поголем демократ, само затоа што, ете, за ДУИ се плете приказната дека постојат две крила, фракции – едната тендерска со Муса Џафери, а другата интелектуална со Теута Арифи како предводник. Со Груевски како лидер, пак, и во државата е опасно да размислуваш поинаку, а не пак во партијата! И што оствари ДУИ од ветувањата?

Со оглед на тоа што за оваа партија не се врзуваат некакви големи економски проекти, туку главно ЕУ и НАТО, барем формално од такви соображенија и ги иницираа предвремените избори во 2008 – тука политичката математиката е едноставна. И после четири години Македонија не доби покана за членство во НАТО, ниту, пак, има датум за преговори. Сите понатамошни обиди за амортизирање на ваквиот скор, не ја менуваат финалната слика.

Што добија ахметиевци освен тендерите? Амнестија на воените злосторства регистрирани во предметите вратени од Хаг. Но, не треба да се занемарат ниту досиејата „Ибар“, „Вујко“, „Мама“ и „Стрелец“, кои Комисијата за лустрација ги прогласи за фалсификат. За рамковни вработувања на главно партиски приврзаници, секако дека немаше зима!

Да, ги добија и клучните евроинтегративните ресори во Владата. И што од ова може да се смета како добивка за граѓаните и за државата?!

„ДЕМОКРАТСКИОТ КОД“ НА ПАРТНЕРОТ

„Груевски сака, злоупотребувајќи го до крај своето мнозинство, да му го покаже местото на албанскиот политички субјект, а тоа место е на опашката од неговата влада. Како и секогаш, греши во овие процени, оти се води од малициозност, а не од политичка и државничка прагма.

Тој ја потроши ДПА до крајност при своето владеење. Тој може да го потроши и ДУИ во овие констелации, во кои се однесува крајно неодговорно кон демократските вредности и етничката стабилност. Но, колку и да се обидува, ниту тој, ниту кој било друг не може да ги потроши Албанците како значаен политички фактор во земјата. Како што тргнал,  победникот Груевски може да ја потроши и Македонија. Ама Албанцитеќе останат тука со своите евроатлантски идеали“.

Овие оценки за премиерот кој „се води од малициозност“, ги напиша актуелната евроинтегративка во кабинетот на Груевски, но пред безмалку четири години, кога Теута Арифи беше само позициски пратеник. Тогаш, во 2008 година, таа предупредуваше за „недостаток на демократски код“ на победничката ВМРО-ДПМНЕ, која креира процеси „кои водат кон демократура како прв чекор до вистинската диктатура“.

Не знам дали денес Арифи смета дека сме полнокрвна демократија, но, верувам дека тие не успеаја да го променет  демократскиот код“ на груевци, напротив, се случи обратен процес. Да не речам, успеаја да ја потрошат и ДУИ! Во изминативе години, откако ДУИ влезе во прегратките на Пастирот, во Македонија се регистрираат политички судења, а слободата на изразувањето изби на прво место на загрозените вредности. И, каде сме сега?!

Во демократија, демократура или сигурно  чекориме кон диктатура? Но, за „демократскиот код“ на ахметиевци доволно говори фактот дека после ланските избори, без чувство на непријатност ги изгласаа измените во Законот за радиодифузија, само за да се обезбеди партиска контрола врз ова регулаторно тело. Оваа гласачка сеанса се најде на тапет и во Брисел и во Вашингтон, но Арифи и колегите кои копнеат по ЕУ и по НАТО не се поколебаа во реализирање на проектот. Ако за воените злосторства имаа личен партиски бенефит, каков демократски европски прогрес донесоа овие законски измени?

Никаков, освен што јасно покажаа дека пазарџиската логика е доминантна спојка на коалициските пријатели. И со оглед на тоа што на вмровците како главен репер за споредба им се црните сдмсовски времиња, ќе се обидам да постапам по ова портокалова мерна единица. Со тешко срце, ама согласно една од многуте скапи владини реклами, ќе си го ослободам срцето и ќе им оддадам признание дека ги прешишаа. Да, како најтемен период во политичката транзиција го сметавме оној од 1994 до 1998 година, кога СДСМ како предводник на Сојузот за Македонија палеше и гасеше во државата, без опозиција во парламентот.

Си имаа и тие свој албански партнер – ПДП, кој веќе исчезна од политичката сцена. Сојузот го сочинуваа СДСМ, либералите на Стојан Андов и социјалистите на Љубисав Иванов Ѕинго. Некаде на половина мандат, на почетокот на 1996 година, либералите излегоа од коалицијата. Овој преродбеничко – интегративен квартал, во многу работи ги прошири и надгради дострелите од бранково време по многу параметри, што секако е посебна тема на која ќе се задржам во следното издание на „Фокус“. Во секој случај, излегува дека социјалистите всушност се заеднички именител на овие две темни поглавја!

А, дали ДУИ ќе ја доживее судбината на ПДП? Mислам дека има солидни шанси да го оствари тоа до крајот на мандатот во 2015. Плус, што би рекла Арифи од опозициското доба, како што тргнал, „победникот Груевски може да ја потроши и Македонија“. Со тоа што чесно е да интервенираме барем амандмански – не победникот, победниците од македонскиот и од албанскиот блок, Груевски и Ахмети може да ја потрошат Македонија!

По моделот на КАРДЕЉ
КОНСОЛИДИРАЊЕ И ЗАЈАКНУВАЊЕ

Насушната потреба од предвремени избори веднаш по самитот во Букурешт во 2008, ДУИ ја поткрепи, меѓу другото, и со неопходноста од „консолидирање на институциите, како и зајакнување на меѓуетничките односи“, што, според речникот, како Едвард Кардељ да го составувал.

Како ги консолидираа институциите, сосе последната – Уставниот суд, ми доаѓа да ги замолам – аман не ги консолидирајте веќе! Ако, пак, мислат дека ја оствариле мисијата за меѓуетничките односи, тогаш ептен ги зајакнеле со насилствата на Кале, инцидентите во Вевчани и во Струга, синхронизираните тепачки по автобуси, до исламскиот радикализам што, според првенците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во МВР, беше детектиран како мотив за масакрот кај Смиљковското езеро.

Всушност, во периодот на оваа четиригодишна тендерска идила, меѓуетничките односи се движеа во амплитуди, и најважно – како под конец, со нож пресечени прекинуваа сите тензии. Се консолидираа, де!

Патетично
КОЈ ЈА УБИ ДЕМОКРАТИЈАТА!?

И Али Ахмети, како и грото политичари од ова поднебје, верува дека од него започнува историјата. Во тој стил, деновиве, на прославата на годишнината на партијата, како нај го лем пре се дан во из ми на ти ве 10 го ди ни ќе го посочи фактот што

после пар ла мен тар ни те из бо ри во 2006 го ди на, ДПА ста на вла де јач ки парт нер на Груевски, како што ќе наведе „без да ја по чи ту ва мно зин ска та вол ја на Ал бан ци те“. – Овие избори како никогаш досега ја ранија, ја убија демократијата во Македонија за да се оправда узурпацијата на институциите – со доза на патетика ќе воскликне лидерот на ДУИ.

И, што фајде видовме што во 2008 година Груевски ја испочитува мнозинската волја на Албанците? Институциите сега се уште повеќе узурпирани, а и она малку демократија што вирееше ја дотолчија успешно во овие четири години?

Колку тежат македонските премиери?

$
0
0

Текстот е објавен на 26 септември 2008 година во неделникот „Фокус“ во бројот 691

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

 

Нашава четворка од „премиер-лигата“ може да се рангира вака: најбогат станал Љубчо, после него доаѓа Бучко, нему му дише во врат Грујо, па има неколку празни места и потоа следува Бранко. Секако, ова е според пријавеното на „жими мајка“.

Многу народи живеат во сиромаштија затоа што нивните лидери ги ограбуваат – со вакво образложение минатата година ООН и Светската банка ја покренаа акцијата за враќање на имотот кој корумпираните државници го краделе од своите граѓани и го депонирале во странство.

Според проценките на овие две меѓународни организации, годишно само функционерите од транзиционите држави и земјите во развој земаат мито во вкупен износ од 20 до 40 милијарди долари. И по правило го чуваат надвор од татковината. Се разбира, Македонија е земја во транзиција, во која сиромаштијата е како со армиран бетон вградена во нејзините темели, ама во овие 18 години ниту еден државник и лидер не бил осуден за корупција и грабеж на народните пари или имот. Оттаму, спротивно на тезата дека ‘народот живее во сиромаштија оти лидершипот го краде’, според нашите статистички податоци од судската евиденција излегува дека Македонците се во сиромаштија од други соображенија: поради проклета судбина, лоши комшии, можеби заради некаква виша сила, или во стилот на некогашната Це-Ка на СКМ – криви се објективните околности, ама не и субјективните слабости.

А корупција имаме. Ама согласно традициите овде страдаат ситните риби, а големите стануваат уште подебели и поопасни. Во изминативе мачни години на транзитирање, не само што ниту еден од врхушките не започнал затворска кариера, туку и самите тие, државниците, ни се живи гревчиња! Се декларираат за сиромаси, па така се втопуваат во македонскиот просек. Таков е барем ‘дојамот’ од анкетните листови што ги имаат доставено до антикорупциската Комисија. Тоа беше законска обврска која тие ја „учинија“. Совеста, пак, не е законска категорија, па останува да баратаме со она што тие го ставиле на хартија.

 

ПРИКАЗНАТА ЗА БОГАТИОТ И СИРОМАВИОТ

 

Иако политичките елити практикуваат редовна размена на плуканици и р’каници и вадење на валканиот криминален веш на политичкиот противник, сепак формално правно сите се со „тапија“ за чесност. Јавноста, пак, по дифолт ја доживува политиката како извонредно привлечна професионална дестинација за лично богатење.

Колку се „омрсиле“ оние што управувале со Македонија? Лапнале ли провизија од некој тендер, зделка, продажба во четири очи? Колку ја искористиле моќта за да си го здебелат сопственото конто? Ова се логичните прашања, универзални за секоја транзициска држава ама истите ќе ви прозвучат апсурдно кога ќе ѕирнете во официјално декларираниот имот на македонските политички првенци. Поточно, од овие „ливчиња“ ќе заклучите дека високата политика не е вносен бизнис. Дека сказната за корумпираноста на големите риби е обичен стереотип и измислица на обичните лузери на транзицијата.

Колку премиерската функција во Македонија ги збогатила првите луѓе на владата? За таа цел го разгледавме отчетот што го имаат дадено пред антикорупционерите четворица досегашни премиери: Никола Груевски, Владо Бучковски, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. Ваквата наша занимација не извира од некакви ‘жолти’ пориви за плакнење уста со туѓите финансиски достигнувања. Суштината на анкетните листови впрочем има јасна намена. Да покажат колку ‘тежеле’ материјално кога дошле на позиција, а со какво салдо потоа си заминале. Ваквите податоци при влез и излез од власта доколку се реални може да покажат дали за време на мандатот практикувале и дополнителните дејности, отсек – корупција и криминал. Доколку, пак, се наведат смешни податоци, тоа е аларм за надлежните антикорупционери да трагаат по ‘скриеното богатство’.

Со оглед на фактот дека оваа „направија“ наречена анкетен лист стартуваше во 2002-та, додека нашата опсервирана четворка е во високите одаи на политиката години пред тоа, тогаш мора да забележиме дека за ваквата анализа недостасува една важна алка од синџирот. А почетоците се секогаш одлучувачки. Нели, клучно е како е направен првиот милион. Потоа, се’ оди во рамките на уставот и законите. Сепак, не е се’ залудно. Ова четиво е барем забавно во некои графи и графикони.

На пример, дури тројца немаат свој автомобил, а двајца премиери не успеале ниту да си купат стан. Во годините на нивното премиерување, генерално земено, не им растат многу ни заштедите ни долговите. Никој нема купено ниту акции на берза. Едноставно, платите им се потаман. Ни вишок, ни кусок. А госпоѓите премиерки, сопругите, не можат да се пофалат ниту со некаков вреден накит, скапи часовници. Како куриозитет е сепак државничката финансиска судбина на Црвенковски. Осумте години премиерски мандат и уште четири години претседателски ангажман, ниту за милиметар не го менуваат неговиот социјален статус. Ваквиот стил на кој се обидува да го негува ‘митот за чесноста’ оддава доза на цинизам, но може да се доживее и како мајтапење со нас.

 

И ГРУЕВСКИ СО „МИТОТ ЗА ЧЕСНОСТ“

Во тој дух ама обратно е пародичното отчитување на стартот на Георгиевски кога ги пребројуваше кокошките во Владимирово и мотокултиваторот. Сепак, Љубчо кој нели започна со „капутчето кај Змејковски“, заминува од функциите, последната му беше пратеничката, тежок околу половина милион евра. Груевски е изгледа влезен во филмот на Црвенковски – да гради мит за чесноста. Човекот кој најмногу го прозиваа за „станбениот фонд“ или таканаречениот случај „станови“, нема пријавено ниту еден на свое име.

Меѓу Бранко и Љубчо, меѓу двата антипода на сиромавиот и богатиот, е Бучковски. Тој барем повеќе би влегол во дефиницијата на Љубчо кој деталите за своето богатство еднаш ги опиша колку на еден средно успешен бизнисмен. Е, Бучко е малку подолу, малку помалку успешен, ама сепак како бизнисмен. Наспроти нив, Бранко може да се споредува со стечајците. Оние, кои добиле некогаш општествен стан, а додека им работела фирмата успеале да тргнат и троа на книшка за црни денови.

Да почнеме токму со него, премиерот со најдолг стаж, а најсиромавиот – Бранко Црвенковски. Освен станот од 61 метар квадратен, кој го доби уште како пратеник од Собранието, значи општествен, па веројатно потоа го откупил, „државникот“ има само уште во Комерцијална банка кај Харчота на трансакционата околу 10 илјади евра. Така е запишано од 2002-та, а промена не е пријавена, што ќе рече се’ е кај Бранета како во сказната за „заспаната убавица“. Се’ си е исто како пред 15 септември кога ја зеде власта повторно во свои раце. Сопругата Јасна која има сопственички удел, третина односно четвртина најверојатно од „Семос“ фирмите, бидејќи нема вакви детали, го вози старото ‘поло’ од пред 13 години проценето на околу 4,5 илјади евра. Нејзината трансакциска е уште поскромна од онаа на сопругот – со помалку од 600 евра. Колкава е вредноста на сопственичкиот удел на Црвенковска во „Семос“, никогаш не е прецизирано. Дали третината е пет илјади евра или можеби петстотини илјади?! Уметнички слики семејството Црвенковски нема барем пријавено. Или не се по уметноста или имаат голи ѕидови со по некое гобленче.

Првата дама нема ниту вреден накит, а бижутеријата не е за покажување. Колку за споредба, новата министерка за култура, Елизабета Канчевска, има пријавено накит со благородни метали вреден околу 30.000 евра. Нејсе, човекот кој е вграден како темел на македонската транзиција, во чие време се растураше со ембаргото, кога се дадоа за бадијала фирми под плаштот на приватизацијата, кој потоа по враќањето за џабе даваше плацеви среде Скопје, со платата од 1.200 евра плус онаа на Јасна која е тајна, успева таман да истера од први до први. Не се задолжува, ама и не заштедува ниту влегува во крупен зафат за поголем стан или некаков луд автомобил. Вака гледано, некој може да се сожали да организира еден хуманитарен концерт за сиромавиот државник.

Неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, пак, нема ништо на негово име. Се’ е заеднички имот со Снешка, која барем има џип и дел од 200 м2 куќа во беровско. Заедничкото, пак, не е за ‘занемарит’. Два стана позамашни: еден од 100, вториот од 200 метри квадратни. Плус, тука се десет декари земјоделско земјиште во скопско пријавено како две ниви – од 3 и од 7 декари. Сега ги нема кокошките и другата стока со која претходно ја исмејуваше целата процедура на анкетирањето. Заштедата од 70 илјади евра е за респект. Уметничките слички кои ги набележал не се вредносно искажани, па нивната цена како и онаа на нивите останува да ја гатате. Сепак, горе-долу, Георгиевци излегоа од политиката официјално потешки за околу пола милион евра.

 

БУЧКО – МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД БРАНКО, А МНОГУ ПОМАЛКУ ОД ЉУБЧО

За разлика од претходниот двоец, Бучковски е прецизен во прикажувањето на имотот во вредносни категории. И тука е нејасно чиј е станот во кој живеат со сопругата Катерина. Додуша, стои дека таа има куќа во Кавадарци од 160 м2 – проценета на 100 илјади евра, а Бучкоски пак дел од куќа во Скопје од 84м2 – повторно вредна 100 илјади евра, но тоа е по се’ изгледа добиено или наследено од родителите. Девизно на книшка, овој екс премиер тежи околу 55 илјади евра во Комерцијална и во Стопанска банка. Девизната кредитна картична му е со нешто повеќе од 33 илјади евра, а и на трансакционата има околу 9 илјади евра во денарски приказ. Сепак, тој е единствен кој пријавил кредит од 20.000 евра, што веројатно треба да ја покрие купувачката на ‘мицубишито’ кое му е од минатата година, додека сопругата од 2006 вози ‘пежо 207′ вредно 12 илјади евра. Уметничките слики не се дадени на број, но се проценети на 4 илјади евра. Се’ на се’, послабо од Љубчо, ама многу повеќе од Бранко.

За Груевски е специфично што има најобемен анкетен лист. Но се’ е таму вложено во штедни книшки, орочени влогови, кредитни картички, заштеди. Распослан е низ повеќе банки: Стопанска, Уни банка, Капитал банка, Комерцијална, НЛБ Тутунска банка. Токму кај поголемите орочени суми набележани се годините: 1999, 2001 и 2002, што сугерира дека се збогатил уште додека бил министер за финансии или советник на српската влада. Груевски формално правно нема стан, нема возило, нема ниви, нема куќи. Тежи помалку од 65 илјади евра, орочени му се околу 26 илјади евра. Како и Бучко и Љубчо, а спротивно на Бранко, има 25 уметнички слики во вредност од околу 7 илјади евра. Овој премиерски период, овие две години Груевски се збогатил само со седум уметнички слики повеќе, а личната заштеда му се намалила од 438.500 денари во 2006, на 27.000 денари. Првата асоцијација е дека се’ е ова врзано за свадбата.

Сопругата Боркица, пак, изгледа преферира кеш, па нејзината заштеда во готово пораснала од 4.800 на 5.900 евра. Некогашниот брокер нема акции. А, ете, неговиот братучед во ДБК, Сашо Мијалков во оваа графа на пример има запишано 300.000 евра во акции? За разлика од Бранко, кој платата и сопственичките удели на Јасна ги крие, од анкетниот лист на Груевски дознаваме дека платата на Боркица е 15.500 денари.

Она што е занимливо е дека после неколкугодишно верглање од СДСМ за становите на мајка му, актуелниот премиер како да бега од недвижнини како ѓавол од крст. Оттаму, недостаува деталот чиј е станот во кој живее?! Па, веројатно на мајка му, де. Трите стана на Надежда во квадратура од околу 200 м2 повеќе ја палеа ‘Бихачка’ од 200-те м2 колку што е голем новиот стан на Љубчо. Ова доволно говори дека имотот е занимација за пљуцкање по противникот само додека е лидер. Кога ќе замине од политиката, веќе никому не му е занимлив. Од друга страна, неподносливата сиромаштија која со години е заштитен знак на Б.Ц., за сдсмовци е веројатно нормален производ од живеачката на нивниот екс, ама и иден лидер. Како Бучко заштедил 55 илјади евра, а Бранко со неколкукратно поголем стаж сал 10 илајди? Наспроти бранковите 10 ‘кркушки’, Љубчо тргнал на страна 70 илјадарки, ама и купил два стана додека беше активен во политиката. Ако се занемари станчето на Бранко, тогаш и Грујо делува грандиозно на финансиски план наспроти него. А сите имаат горе-долу исти примања. Дали едниве земале под маса за разлика од него или тие биле само многу подобри домаќини и шпараџии? Просто е за неверување дека човекот со најдолг стаж има помалку и од оние со помала плата од неговата.

 

‘БА ТИ ПАРИТЕ КОГА НЕ СМЕЕШ ДА ГИ ПОКАЖЕШ

 

Нашава четворка од „премиер-лигата“ може да се рангира вака: најбогат станал Љубчо, после него доаѓа Бучко, нему му дише во врат Грујо, па има неколку празни места и потоа следува Бранко. Секако, ова е пријавеното на ‘жими мајка’. Дали во мак-премирската лига има ‘двојно книговодство’, односно дали нешто скапува по разни страни на светот, на име на блиски, ќе си толкува кој како сака. Овде, освен Бучковски за кој се води кривична постапка за случајот ‘МЗТ ФОП’, како и еден вице премиер, Циле Тупурковски за ‘тајванските кредити’, сите останати беа само предмет на олајавање. Љубчо најмногу за ОКТА, но откако се повлече истиот предмет му го ставија на товар на Груевски. Него го платкаа и за ‘платежната картичка’, ем ‘становите’. Човекот пак што беше носител на политика која ја урниса земјата, во чие време процвета криминално-финансискиот октопод, таа морална грамада за сомнежот дека на швајцарските сметки сепак има нешто на негово име, се најде погодена, неговата чест нарушена, а душевната болка толкава што само судот можеше да му ја санира. Е, грујовци сега демек го проверувале неговиот и имотот на неговото семејство, што проверуваниот го доживува како политички мотивиран атак за негова дисквалификација.

Ете за што можат да послужат анкетните листови – партијата на власт да го проверува лидерот на опозицијата. Овие институции не би се дрзнале да го стават под лупа сега Груевски и фамилијата. И обратно. Единствениот, пак, кому му најдоа провизија е екс директорот на ЕСМ, Панде Лазаров. Но и тој е за сега само осомничен, ама неколку месеци е во притвор. Го товарат дека така ‘заработил’ околу 345.000 евра. Што е уште поинтересно, груевци открија земена провизија од пред 10 години, кога Лазаров склучувал договори за деловна соработка со една германска и една кинеска компанија. Парите, пак, му биле префрлани на негова сметка во банка во Будимпешта. Значи, освен Панде во овие 18 години никој друг не е ниту осомничен за ваква ‘направија’. Иако чаршијата во секоја влада на одредени министри им дава прекар ‘мистер 10 отсто’, а во кулоарите богатството на нашите државници достигнува и котира со многу повисоки цифри.

И така, во Македонија се’ уште се тајна финансиерите на партиите и донаторите на скапите изборни кампањи. Тајна е и имотот што го поседуваат партиите. Да потсетам дека државната ревизорка поставена од ‘фамилијата’ води дури судски спор пред Управниот суд само да не ги достави овие детали на ‘Фокус’. Но затоа, еве, на огласна табла е личниот им имот на нашите првенци онака како што тие го прикажале. Се надевам дека вака скромниот бенефит што го носи премиерската функција нема да декуражира други аспиранти. Верувам и дека нема да се засрамите ако со вашите солидни плати, над македонскиот просек, изминатава деценија ипол сте успеале да постигнете повеќе од ‘државникот’ и некои од другите премиери. Имајте разбирачка, понекогаш особено ако робувате на ‘митот за чесност’, ќе забегате во другата крајност.

Ама фино рекол народот: ‘Ба ти парите кога не можеш да ги покажеш’. Тики, да ве прашам: Им верувате ли на отчитаното?!

 

Ако не мислат како Груевски пратениците можат да останат без имот

$
0
0

Текстот е објавен 2008 година во неделникот „Фокус“.

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

За македонските политички партии демократијата е само гола одреденица во називот, а од идеологија и онака одамна се оперирани. Оттаму, моќта, привилегиите, парите, вработувањата, се главната движечка сила за членството.

Политичката култура на покорност кон лидерот е „модус вивенди“ за партиските поданици бидејќи критичките размислење кон „врхушката“ значат губење на материјалните и статусни придобивки додека послушноста е основен предуслов за напредок во кариерата.

Во таквиот „систем на вредности“ станува разбирливо што понудите од спротивниот табор за повеќе пари и привилегии се доволна „идеолошка мамка“ за ваквите креатури без снебивање да заиграат во новиот партиски дрес. Речиси двецениското наше плуралистичко транзитирање изобилуваше со дузина валкани пратенички пребези.

Во спортот барем правилата се многу построги. Откако ќе заврши сезоната доаѓа времето на трансферите. Додека трае првенството не се дозволени вакви купопродажни договори. Не, пак, како во политиката замислете еден фудбалер првото полувреме да игра за еден тим, а второто за спротивниот. Од друга страна со авторитарните лидери во нашите султан партии, тешко може нормален човек да издржи да функционира само како климоглавец. Златаната средина кај нас едноствно ја нема

Ваквите крајности на леснотијата за купување пратеници од една, и цезаризмот на лидерската филозофија на управување со партиите, стимулираше разни шеми и рецепти како да се спречат овие елементарни политички непогоди. Ако ја држиш птичката премногу лабаво- ќе ти избега. Ако ја стегнеш пресилно- ќе ја угушиш.

Поентата е како да не се остават пратениците прелабаво, па да им одлетаат, но истовремено да не се стегнат пресилно што ќе ја „цркне“ и онака стерилната ни демократија. Обидите на Циле со депонираните оставки на неговите алтернативци во 2000-та заврши како пародија.

Му избегаа сите пратеници до еден- 12-тина од алтернативата, се разбира демократска. И Тачи пред вонредните избори ги закова неговите со оставки, демек, депонирани „изравно“ кај него. Ама, еве, ем не остана во власта, ем придонесе да загуби тројца пратеници, кои сега „играат“ под друга фирма – Нова демократија.

ОПЕРАТИВЕЦОТ ЗА МЕНИЦИ УНАПРЕДЕН ВО СПИКЕР

Кој е лекот против „лесните пратеници“?! Како да се заштити килавата ни каква-таква демократија, за да не се случува кешот да биде добитната комбинација за нови парламентарни мнозинства? По се изгледа Никола Груевски верува дека ја нашол волшебната формула да ја зациментира својата предност во Собранието.

Само што при оваа операција забега во другата крајност. Дека птицата ќе биде угушена е повеќе од логичен „происход“ на неговиот рецепт. Според информациите на „Фокус“, кандидатите за пратеници доколку сакале да се најдат на пратеничките изборни листи, морале да потпишат три изјави.

Една за лојалност на Груевски во смисла колку и да се тешки или неприфатливи одлуките што ќе ги носат, дека сепак ќе гласаат за нив. Втората е гаранција со целиот свој имот, со потпишување на меница при што дури и брачните другари и другарки биле земани за оваа потпис- сенаса. Доколку утре не ги исполни обврските(!), читај: не биде верен на премиерот, ако аздиса демек, ќе остане без имот. Ама и без пратеничка функција. Тоа е третата изјава со која потпишале неотповиклива оставка, која би била активирана доколку пратеникот нели забега од „идејните“ определби.

Таквиот пакет аранжман, велат нашите извори, бил вака збогатен за вонредните парламентарни избори. Во 2006-тата потпишувани биле само мениците и тоа соло. Сега, пак, се барало параф и од сопрузите и од сопругите на кандидатите за изборните листи.

Надлежен оперативец за овој проект бил Трајко Вељановски. Во строги мерки на безбедност потпишувањето се правело во партиското седиште. Втората страна на договорот немала шанси да остане насамо со „папирот“. Никој нема фотокопија. Дека деталите се усовршени и унапредени за последните избори говори и сознанието дека овој пат меницата се потпишува со некаква фиктивна фирма, агенција, кон која всушност пратениците презеле обврски, во спротивно нели остануваат без имот или пари.

Проблемот на оваа менична драмолетка е што никој не сака јавно да проговори за своите потпишани обврски. Неколкумина со кои разговарав потврдуваат дека го сториле тоа. Некои велат дека е глупаво сега да плукаат против тоа што сепак се согласиле да го сторат. Второ, немаат писмен доказ. Трето, оној што ќе се осмели и да признае без да го осудува нели проектов, се изложува на ризик да биде анатемизиран како предавник. Тоа е едната страна од облигацијата.

Втората- врхушката на ВМРО-ДПМНЕ е посебна приказна. Како што и порано сум забележала транспарентноста според груевци е задоволена само со еден единствен потег – дека ставиле портпарол. И готова работа. Веќе се транспарентни по дифолт. За одговор на оваа енигма со мениците побарав тројца портпароли, ама добив само мафтосување.

Изгледаше вака: го побарав најпрвин Тодор Пендаров кој е гласноговорник на претседателот на Собранието, или главниот лик на оваа наша менично-пратеничка серија, Трајко Вељановски. Пендаров ме подучи дека тоа што го интересира „Фокус“ нема врска со функцијата на претседател на Собранието и ме упати на адреса на партијата. Настрана што сум убедена дека една ваква „направија“ би требала да биде од интерес на првиот меѓу еднаквите.

Нејсе, партискиот портпарол Александар Бичиклиски откако го ислуша предметот на нашиот интерес „мудро“ заклучи дека за тоа треба да се обратам во пратеничката група или кај Илија Димовски. Тука барем наидов на троа повеќе материјална расправа бидејќи на прашањето: дали тој лично потпишал вакви документи, Димовски одговори во склеротичен дух дека баш и не се сеќава затоа што потпишувале повеќе работи. Вети на крајот дека конкретно ќе побара одговор од Вељаносвки и дака следниот ден ќе бидеме информирани.

Минаа денови и денови, ама од Димовски нема никаков абер. Секако можев во меѓувреме и да го потсетам ама сигурно ќе дознаев како не можел да се слушне со Трајкота. ВМРО-овците се ептен предвидливи. А Трајко, пак, со одлично извршената менична задача дотурка до спикер. Ма, за лојалните и верните на лидерот, нема зима.

ГРУЕВСКИ ИМ ЈА ОДРЕДИ ЦЕНАТА НА ПРАТЕНИЦИТЕ

Слично искуство на истата тема имаа и колегите од ТВ А2 кои први јавно се обидоа да го истражат феноменот „меници за верност“. Уредникот Снежана Лупевска и авторот Миломир Серафимовиќ признаа дека очекувале барем Антикорупциската комисија да се заинтересира на јавно изречените наводи ама залудно.

И за А2 никој од ДПМНЕ не сакал јавно да потврди или дематира. Ваквата мистериозност, пак, отвора неколку дилеми. Што сака да кажат груевистите со игнорирање на прашањата за овој случај? Некои прашања не заслужуваат одговор?! Се срамат од проектот или нејќат да се фалат?! Што доколку некој пратеник почне јавно да контрира или според нивен светоглед да откаже лојалност?! Како тогаш ќе ја активираат меницата?

Тогаш не верувам дека „должнициве“ ќе молчат. Ќе мора сепак во таква ситуација да пукне бруката. Или можеби целата операција има само психолошки ефекти врз пратениците на победничката коалиција. Ја купува нивната верност со страв од материјална загуба.

Она што можеби на прв момент прозвучува парадоксално е дека дури и да била идејата да се спречат обидите да им бидат купени пратениците, сепак на овој начин Груевски само им ја фиксираше продажната цена. Подобро кажано почетната цена. Нема сега да се удира од тепка туку еден пратеник ќе може да биде купен само над онаа сума на која е обврзан со меницата.

На пример, ако прифатил ‘обврски’ со гаранција од 30.000 евра, тогаш секоја понуда што го покрива долгот кон груевци е прифатлива, а се над тоа е чиста добивка. Сега „непристојните“ понуди ја имаат стартната цена во кроење на нови парламентарни мнозинства.

Ако е точна изјавата на Јакупи од ДУИ (види рамка), која види мајката на пратеничката берза достигнала цена од половина милион евра, тогаш излегува дека во Македонија за партиите единствено парите не се никаков проблем. А ваквите пари мора да потекнуваат од коруптивни или кирминални зделки. Нема друго!

Има уште многу непознаници кои би можело да ги разјаснат само Трајко и дружината. Да претпоставиме дека после извесен период на десетина пратеници ќе им пукне филмот само онака моронски „да стискаат копчетата и да ранат кучетата“. И ете ти ситуација, заради неисполнети обврски, да им биде активирана меницата.

И на сите десетмина тогаш треба да им се зема имотот или парите. Е клучното прашање е каде ќе се слева овој одземен имот и на чија сметка ќе одат парите?! Фирмите со кои сега влегле во договор се на некој начин фиктивни, или вмроовски смислени за оваа намена, најверојатно.

Во кого впрочем Грујо би имал доверба да влезе во вакви сомнителни дилови. Како понатаму ќе се одвива трансакцијата меѓу фирмата договарач и ДПМНЕ? Можеби ќе осамне како спонзор на кампањата на груевци?!

Би било ептен занимливо и доколку непослушниот пратеник почне да оспорува, па ја префрли топката на суд. Но тоа е веќе друга приказна. Важно е дека за сега со такви потписи, пратениците на предизборната коалиција под водство на Груевски се сведени на стискачи на копчиња.

И при тоа не треба да лупаат глава, да ангажираат „сиви ќелии“, да мозгаат дали да гласаат вака или онака туку само треба да извршат директова „одгоре“. Ако почнат да „се понашаат“, тогаш ќе останат шворц. Со ваквите облигаторни релации може Груевски да протурка во Собранието и предлог за Сојуз со Белорусија. Ако запне, нели, затоа што пратениците не се научени да изнесат став кој ќе значи за нив загуба „во материјал“, ем функција.

ЕСЕНСКА РАСПРОДАЖБА НА ПРАТЕНИЦИ

Ако оваа менично-пратеничка сторија, што би ја нарекла „грујовизација“, е инспирирана од лесното купување на пратеници – за што пак би го употребила изразот „бајрамизација“, (според Амди Бајрам кој менуваше бои зависно од проценката кој е посилен) сепак ефектот е стравичен. Дали „грујовизацијата“ е лек против „бајрамизацијата“ на парламентот? Секако, не.

Затоа што веќе споменав дека на ваков начин пратениците само добија своја најниска почетна цена. Додека не им порасне вредноста на акциите, треба само да функционираат беспрекорно како марионетки. Кога догодина Бранко и де јуре, а не само де факто, ќе застане на чело на СДСМ веќе ќе има финансиска конструкција за тоа колку ќе кошта уривањето на владата на Груевски, без нови избори.

За потсеување, крешчендото на „бајрамизацијата“ или врвот на неморалот се случи есента 2000-та кога СДСМ реши да прави ново парламентарно мнозинство за да ја урне владата на Георгиевски и Џафери. Адутот беше Тупурковски и неговите 12 пратеници. Ваквите шпекулации Љубчо првично ги коментираше дека ако тоа ново мнозинство биде направено „од два-три купени пратеници од една партија, три-четворица од друга партија, тогаш Македонија е на добар пат да се претвори во една латиноамериканска држава, каде што пратениците се купуваат како на пазар“.

Го кажа тоа, и замина на пазар. При „пазарниот натпревар“ меѓу СДСМ и ДПМНЕ, собранието се претвори во Кванташки пазар. Се купуваше на големо. Одлучуваше кој дава повеќе.

Најпрвин Љубчо ја испроба формулата во општина Кукуречани. На изборите СДСМ коалиција имаше 7, а Промени 6 одборници. Но на конституирањето на Советот здружената опозиција веќе имаше советник помалку, затоа што еден нивен „напрасно“ се приклучи на ДПМНЕ.

Така Љубчо ја освои власта во Кукуречани. Се вежбаше таму. Во истиот кукуречански стил потоа не дозволија СДСМ да им ги „лапне“ пратениците. Феноменот е ДА, каде сите избраници преку ноќ му откажаа љубов на Цилета.

Зошто или за колку мотивациониот елемент на Љубчо бил посилен од истиот на Бранко, можеби ќе читаме во нечии мемоари. Пратеникот од ПДП, Харуни кој тогаш одбил да го задржи магичното плико (види рамка) вели дека го видел списокот на купените колеги.

Од друга страна сите македонски партиските лидери се како богот Јанус. Имаат две лица: едното е кога се на власт, другото кога се опозиција. Лелекаат кога од нив бегаат пратеници, се џилитаат кога ним им се приклучуваат.

Интересен феномен сега е што сите министри од НСДП, од ЛП и од ДПА- довчерашни коалициони партнери на Груевски, после владините двегодишни сеанси заминаа од партиите кои 2006-та ги регрутираа на тие функции.

Живко Јанкуловски основа една, Лазар Еленовски друга партија. ДПА-овците Имер Селмани и Сулејман Рушити барем заеднички се раздружија од Тачи и заеднички се здружија во нова партија. Очигледно груевци последниве две години функционираат по стандардите на крвна група АБ Рх+. Земаат од сите , а даваат само на својата група. Но тоа е волшебната моќ на секоја власт.

Дилемата е толкав ли е „шармот“ на Груевски што и туѓите министри не можат да му одолеат?! Или, што е тоа што лидерите на партиите со кои е во коалиција, ги отурнува од него?!

Додека не се случи нешто драматично Груевски, пардон неговите менични пратеници во стилот на „закрепостени селани“ ќе ги гледаме како изгласуваат и по 100-на закони на ден. Олеснителна околност за нив е што барем физички е полесна операцијата на притискање копче, отколку кревање рака. Ќе им се здрвеа „у вис“ рацете да не беше дигитализран законодавниот дом.

„Ова Собрание нема само како сенка да ја следи работата на Владата и да ги корегира, дополнува или редифинира нејзините проекти во квалитативна смисла туку и ќе продуцира и создава“- гордо изјави на неговата инаугурација спикерот Вељановски.

Како ќе ја следи работата на Владата? Како ќе ја корегира? Да не му потпишал и Груевски, Ставревски, Јанкуловска и Јанакиевски меници и изјави за верност?! Пратениците ги контролира тој што им ги држи мениците. Трајко само бил извршителот на задачите. Дури и да била негова креација целиот проект. Оттаму, неговото ветување дека наредните 4 години Собранието ќе станело храм на демократијата, покажува само дека вмровското сфаќање на демократијата е искривоколчено до апсурд.

А и со „грујовизацијата“ исто како и „бајрамизацијата“ Собранието ќе остане царство за политичката корупција.

Собраниска берза
ДПА ДАВА ДО ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА ПРАТЕНИК ОД ДУИ?!

Откако пратеничката од ДУИ, Зумрете Јакупи обнароди дека кога ДПА била на власт и’ понудиле половина милион евра за нејзин трансфер во ДПА, неочекувано се огласи и Јавниот обвинител Љупчо Шврговски. Ќе поработеле на случајот, ќе ја повикале на разговор да ги посочи имињата на поткупувачите, па зависно од резултатот ќе виделе дали ќе покренат кривична постапка.

Паралелно се огласија и од ДПА со најава за тужба за клевета против Јакупи. Во секој случај, според верзијата на Јакупи, таа најпрвин добила цена од 100 илјади, потоа скокнала понудата на 300, за на крајот да дотурка до половина милион евра.

Покрај забавниот дел од ценкањето, или од тоа како цената на Зумрете постојано скокала угоре, небаре само небото е лимит, останува енигматично дали пола милион евра е крајната цена што тачистите ја плаќаат за пратеник, или едноставно верноста на Јакупи кон Али Ахмети нема цена што било укапирано во ДПА дури од „трета мајка“.

Доколку доказите на непоткупливата Зумрете се сведуваат на жими мајка, тогаш останува само шпекулацијата дека дотичната достигнала солидна цена на собраниската пратеничка берза.

Сефедин ХАРУНИ:
МИТОТО ГО ВРАТИВ АМА НЕКОИ ПРАТЕНИЦИ СИ КУПИЈА СТАНОВИ

Исказот на пратеникот од ПДП, Сефедин Харуни даден од собраниската говорница за обидот да биде поткупен со кешовина пред осум години беше многу по „пластичен“ од актуелната сторија на Зумрете Јакупи од ДУИ.

Харуни тогаш ги покажа и фото-копиите на германските марки кои требале да бидат мамецот, своевиден елемент за убедување на „даропримачот“ да ја подржи на владата на Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери, на која беше јасно дека и се подготвува ново парламентарно мнозинство преку „тимот“ на Тупурковски.

Харуни кој денес е професор на Педагошката академија, но и ве-де претседател кој ќе ја спасува ПДП откако Абдулајди Весели реши да се интегрира со ДПА, за „Фокус“ се потсетува на овој кванташки пратенички Пазар.

Обидот за купување на гласот на Харуни се одиграл во собраниската канцеларија. Висок функционер на ДПМНЕ, чие име сепак не сака јавно да го обелодени, после кусата средба му оставил плико. Вели дека не знаел што е тоа затоа што се се одвивало набрзина. Сепак, сака да нагласи дека целиот потфат според него бил нарачка од Тачи и ДПА. Во пликото имало 43 банкноти од по 1.000 германски марки. Или се вкупно 43.000 марки. Фоткопиите уште ги чува.

„Кога видов што има во пликото, ги фотокопирав, и се обидов да стапам во контакт со „митаџијата“ за да му ги врати марките. Но, не ми дигаше телефон. Бев упорен, па отидов кај него дома. Во присуство на неговата сопруга му го вратив „поткупот“. Ништо не рече. Јас сепак ги известив и странските амбасади за целата епизода’- раскажува Харуни.

Подоцна еден од оние што учествувале во купувањето пратеници му го доставил список на купените. Харуни знае и дека некои од пратениците си купиле станови со подарокот од ДПМНЕ. „Кешоловците“ сепак не сака јавно да ги идентификува.

„Сега кога Селмани му се отцепува, Тачи се жали како тоа било подготвено во лабораториите на Груевски. Заборава дека и тој беше подготвуван на ист начин во слични лаборатории, кога се отцепи од ПДП“, коментира Харуни, ве-де претседател на првата партија на македонските албанци, ПДП.

Тамара ја одбивале трипати, а роднини на владини функционери експресно добивале пари

$
0
0

Текстот е објавен на 13 февруари, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1010

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Син ми умре! Умре, чекајќи да замине на операција во странство. Умре затоа што не успеваме да собереме 120.000 евра, кои можеби ќе му помогнеа да остане жив и да биде со своето семејство. Надлежните институции не се потресоа за случајот, го отфрлија барањето за негова операција во странство и тој умре. Не можеше да ја издржи долгогодишната битка со болеста.

Ме боли срцето што не го спасив своето чедо. Но, затоа, еве, си седам на кејот на реката Вардар, зад мене свири тивка музика, а пред мене спомениците на Александар Македонски, Цар Самоил, Гоце Делчев, Даме Груев, тука се и жалните врби и уште еден куп други споменици на плоштадот. Важно Владата остварува, луѓето демек работат цело време. А, тоа што листата на луѓе кои чекаат на милост од државата за лекување во странство се зголемува не е важно, важно е дека треба да се трошат милиони евра за споменици, фонтани и за спортски објекти неопходни за човек да се чувствува среќен.

Ова тажно, но иронично писмо, полно со гнев, пред повеќе од две години до медиумите го испрати револтиран родител, кој го изгубил својот син. Тој побара од новинарите да не се објавува името на неговото дете, бидејќи никој не му помогнал додека бил жив, а сега барем нека почива во мир.

За да се вратиме на оваа тажна приказна која се случи пред неколку години нѐ потсети трагичната судбина на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, која имаше искривување на ’рбетот и до последен момент се надеваше дека ќе замине на операција во странство за да продолжи да живее како сите други деца. Но, нејзината желба не се оствари. Таа во понеделникот почина, иако од министерот за здравство Никола Тодоров и од Фондот за здравство доби ветување дека операцијата на ’рбетот ќе се изврши на државна сметка. Колку само деца добија празни ветувања?

 ЛЕКАРИТЕ ДАВАЛЕ ТРИПАТИ КОНЗИЛИЈАРНО МИСЛЕЊЕ, КОМИСИИТЕ ОДБИВАЛЕ

Приказната за деветгодишното девојче од Велес кое има искривување на ’рбетот во јавноста излезе пред три месеци, откако нејзините родители упатија апел до сите хумани луѓе, ако можат да донираат пари за нејзиниот седми по ред оперативен зафат во странство, бидејќи лекарските комисии на ФЗОМ го отфрлиле нивното барање и не сакале да помогнат.

Меѓутоа, здравствената голгота на малата Тамара почнува многу порано, пред нејзиниот случај да излезе во јавноста. Таа битката со институциите и со лекарските комисии ја почнува пред три години, но нејзините обиди да издејствува лекување во странство биле безуспешни, бидејќи здравствените власти сметале дека сѐ уште постојат можности да се лекува во државата.

Според информации на „Фокус“, на двете конзилијарни мислења што биле издадени во април и во октомври лани пишувало дека станува збор за итен случај, иако веќе неколку дена директорката на Фондот за здравство Маја Парнаџиева – Змејкова и првиот човек во здравството Никола Тодоров тврдат дека на документите ја немало назнаката „итност“ и вината ја префрлаат на лекарите.

Но, ваквите тврдења ги побива медицинската документација на која јасно пишува дека лекарскиот конзилиум дури трипати се изјаснил оти девојчето под итно треба да замине на лекување во странство. Дел од лекарите коментираат дека нејзиниот живот можел да се спаси, само ако се реагирало навреме. Според нив, искривениот ’рбет постојано ја притискал на срцето, а кардиоваскуларните и белодробните инфекции што можела да ги добие, само дополнително би ја влошиле состојбата. Тие, од медицински аспект, тврдат дека, ако лекарските комисии и надлежните институции сериозно си ја сфателе работата, до ваков исход сигурно немало да дојде. Тамара, во долгиот период додека чекала одобрение од комисиите, нејзиниот рбет се повеќе се искривувал, со што таа станува жртва на „болниот“ здравствен систем.

Сепак, нашите извори велат дека ова не биле доволни аргументи за првостепената комисија во Фондот, која барањето го одбила во април, а неколку месеци подоцна, во октомври, истото го направила и второстепената комисија.

Додека малата Тамара чекала сите засегнати во случајот да ја сфатат сериозноста на нејзината болест и да реагираат, од ден на ден таа сѐ повеќе прогресирала, а нејзината здравствена состојба сѐ повеќе се влошувала.

Во ноември, конечно под притисок на јавноста, министерот Тодоров најави дека девојчето ќе се оперира во странство на државна сметка, за подоцна, на 12 декември, да стигне и соопштение од Фондот со истата содржина, но со мал додаток, дека операцијата ќе биде извршена во Турција. Оттогаш поминаа речиси два месеца, а семејството никогаш во рака не го доби решението од комисиите, туку сѐ остана само на усното кажување и фалење по медиумите. Срцето на девојчето не го издржа притисокот на искривениот ’рбет и градниот кош и таа во понеделникот почина во велешката болница, а за нејзината операција беа потребни само 30.000 евра.

Зошто надлежните институции и лекарските комисии не реагирале толку долго време, иако документите покажуваат дека се работи за итен случај? Кои биле причините што дури откако беше одобрено лекувањето во странство, работата да заглави во бирократски процедури? Дали министерот и директорката на Фондот ќе сносат одговорност поради прераната смрт на малата Тамара? Зошто 30.000 евра беа причина така трагично да заврши еден детски живот?

Сепак, неколку дена пред да почине, како што тврди нејзината мајка, таа била најсреќна на целиот свет бидејќи надежта ѝ ја поткрепила веста дека конечно ќе може да ја однесат на лекување. Но, не во Турција, туку во Чикаго од каде што добиле повик за бесплатно лекување и оперирање.

Во петокот добивме писмо од болница во Чикаго, од каде нѐ информираа дека бесплатно ќе ја лекуваат и ќе ја оперираат. По оваа вест Тамара беше најсреќното дете, ѝ се врати радоста, беше пресреќна. Поради искривениот ’рбет се жалеше на болки во градите, на срцето. Така и утрово околу 3 часот ни рече дека ѝ е тешко. Ми рече, „мамо ме боли срцето, дај ми ја раката да ме чуваш. Немој да плачеш за мене, те молам, не сакам да плачеш“. Потоа се заврте и заспа – изјави пред неколку дена нејзината мајка Жаклина.

Двете надлежни институции и нивните раководни лица од кои деновиве се бара оставка сметаат дека немаат никаква одговорност за смртта на деветгодишното девојче. Тодоров во вторникот тврдеше дека е разочаран, ама вината не ја гледа во себе. Тој направил сѐ што е во негова моќ да се спаси животот на девојчето. Со истиот став, ден претходно излезе и директорката на ФЗО, која смета дека не треба да сноси одговорност за случајот, а вината ја префрли на лекарите, кои, според неа, тврделе дека не се работи за итен случај.

И додека здравствените власти упорно тврдат дека не се одговорни, социјалните мрежи се преплавени со негативни коментари и погрдни зборови упатени на нивна адреса. Оставка од нив побараа и дел од политичките партии.

ИМИЊАТА НА ЛЕКАРИТЕ ВО КОМИСИИТЕ – ДРЖАВНА ТАЈНА

Одлуките за лекување и операција во странство ги носат две лекарски комисии, првостепена и второстепена, кои се под раководната палка на Фондот за здравство. Во двете комисии има по 14 лекари од сите области. Сите барања од пациенти, кои ги исцрпиле сите можности за лекување во државата, па мора операција да извршат во странство најпрвин доаѓаат до првостепената, а потоа одлучува второстепената комисија. Во случајот со 9-годишната Тамара и двете комисии го одбиле барањето за нејзино лекување во странство.

Кои се лекарите што работат во двете комисии и зошто нивните имиња претставуваат државна тајна? Овие две прашања ги поставивме и до здравствените власти, но од таму не добивме одговор. Од Фондот дури побаравме да ни испратат список со нивни имиња и презимиња, но тоа остана само барање на кое добивме чуден одговор:

– Не можат јавно да се откријат имињата на лекарите во комисиите затоа што сите ќе ги бараат и ќе фаќаат врски преку нив. Од таа причина не можеме да ви ги кажеме – нѐ известија од Фондот.

Но, „Фокус“ преку свои извори откри неколку имиња, при што дознавме дека претседателка на првостепената комисија е Викторија Чаловска од Клиниката за гастроентерохепатологија додека со второстепената комисија раководи ортопедот Анастасика Попоска, мајка на министерот за надворешни работи, Никола Попоски. Таа пред две години се кандидираше и за претседател на Македонското лекарско друштво и на Лекарската комора, од каде што во последен момент се повлече од изборната трка. Лани, пак, ја доби државната награда „23 Октомври“! Исто така, член на една од комисиите е и трауматологот Виктор Камиловски, претседател на Советот на Општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. За него веќе пишувавме дека има уште неколку функции во комисии.

Член на второстепената комисија е и доктор Аспазија Софијанова која го потпишала барањето, со кое е одбиено лекувањето на Тамара во странство. Таа тврди дека не е виновна, бидејќи воопшто не била присутна во државата кога се носела одлуката на комисијата, само и се јавиле да се потпише на решението.

– Од Фондот за здравство ми се јавија да се потпишам на решениеето со кое се одбива лекувањето на Тамара во странство, бидејќи чекале да се отвори Спиналниот центар на Клиниката за траума – тврди Софијанова.

Симптоматично во приказната е тоа што доктор Илир Хасани, директор на Клиниката за ортопедија, кој е член на првостепената комисија се изјаснува против лекување на Тамара во странство, а подоцна става потпис на конзилијарното мислење на кое се наведува дека девојчето е итен случај. Уште почудно, е тоа што доктор Хасани и доктор Попоска и двајцата се ортопеди и требало да знаат од стручен аспект, дека може да дојде до поголемо искривување на рбетот, што подоцна и се случило. За коментар ги баравме и двајцата лекари, но тие не одговараа ниту на нашите телефонски повици, ниу на смс-пораките.

Како што неофицијално дознаваме, Тамара не е единственото девојче кое неколкупати било одбиено од Фондот за здравство за лекување во странство. Нашите извори коментираат дека листата на деца што чекаат е долга, а очигледно ФЗОМ нема доволно пари, па затоа децата се одбиваат по неколкупати.

Доктор Ѓорѓи Оровчанец, поранешен министер за здравство, вели дека тие лекарски комисии очигледно си одлучуваат како ќе им текне или како ќе им наредат.

Тие демек се трудат нешто да направат, ама јас мислам дека функционираат како ќе им текне. Конкретно, во случајот со малата Тамара, ако се знае дека од 2011 година, девојчето било трипати одбиено од лекарските комисии, тогаш е дегутантно за што било да зборуваме. Некој мора да сноси одговорност во овој случај. Факт е дека се чекало многу време, што влијаело лошо врз здравствената состојба на девојчето – вели Оровчанец.

На прашањето, зошто се кријат имињата на членовите на лекарските комисии, тој одговара:

Баш ме интересира што е проблем да се објават нивните имиња? Демек некој ќе им додева. Па, се знае дека кај нив се упатуваат луѓе што имаат здравствени проблеми, а не здрави луѓе. Значи, секако ќе им додеваат – вели Оровчанец.

Според неофицијални информации до кои дојдовме, овие две комисии знаат да бидат многу брзи и експедитивни во одредени случаи, нормално, во зависност од тоа кој е пациентот. Пред неколку месеци, експресно се решени два случаи на блиски роднини на владини функционери, на кои по кратка постапка им биле одобрени барањата за лекување во странство. Краткиот одговор на нашите извори беше „тоа се партиски комисии“.

„Фокус“ испрати неколку прашања до ресорното Министерство и до ФЗОМ. Меѓу другото, прашавме колку барања за операции во странство се поднесени во текот на минатата година, колку пари се одобрени и колку се потрошени. До затворањето на овој број на неделникот, од Фондот не добивме одговор, но потребните информации ги најдовме на провладините медиуми. Според нив, осигурениците во 2014 година поднеле вкупно 215 барања, од кои позитивен одговор добиле 94.

ЛИСТАТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОПЕРАЦИИ ВО СТРАНСТВО СЕ ЗГОЛЕМУВА

Давид, Сања, Стефанија, Јована, Драган, Мартина, Матеј се само дел многубројните имиња ставени на листата на чекање за операции во странство. Тие лесно можат да се пронајдат на веб-страницата „донации.мк“ наменета за донирање пари на сите што имаат потреба од лекување надвор од државата. Таму можат да се најдат бебиња од по неколку месеци, па сѐ до девет-десетгодишни деца. На нивниот број им нема крај, а сумите за операции најчесто се движат од 50.000 до 250.000 евра, во зависност од тоа за која болест и за каква операција станува збор.

Дел од семејствата тврдат дека надлежните институции не се заинтересирани да им помогнат, па многу често се обраќаат до поголемите фирми. Се случува некои од нив да пуштат срце и да донираат поголема сума. Најчесто, добиените пари ги добиваат од обичните граѓани, од нивните доброволни прилози преку мобилните оператори и со помош на пријатели.

Во 2011 година, на предвремените парламентарни избори, во својот манифест Никола Груевски даде ветување дека сите болни што имаат потреба од лекување во странство, тоа ќе го добијат за само 200 евра. Се чекаа цели две години за да се исполни ова ветување со конкретни законски измени, но откако се исполни, бројот на пациенти кои добиваат „зелена карта“ за лекување надвор од државата се преполови, односно се врши голема селекција на „добитниците“.

Тоа може да се забележи и по потрошените пари во последните две години. Ако за 2013 година од фондовската каса биле потрошени 2,8 милиони евра за лекување во странство, таа сума за 2014 се намали на 1,7 милиони евра.

На еден митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, во текот на последните изборни циклуси, во првите редови стоеше едно четиригодишно дете со црвена маичка и црвено капче на кое пишуваше „реформите ќе победат“. Тоа беше дојдено со својата мајка. Во таа пригода, премиерот го најави лекувањето во странство за само 200 евра. Тоа за детето и за неговата мајка значеше многу, бидејќи семејството требаше да плати 180.000 евра за операција во странство зашто малиот боледуваше од акутна леукемија.

Нема информации што се случи со тоа дете, дали е оперирано и ако е, како поминала операцијата? Но, јасно е оти надлежните институции треба сериозно да си ја сфатат работата, да реагираат навреме, да не ги селектираат случаите по партиска припадност на пациентите и да го отворат чекмеџето, бидејќи кога можат стотици милиони евра да трошат за барокни зданија, тогаш може да се спасат и детски животи.

Рамка:

МАРТИНА ДОБИ „ЗЕЛЕНО СВЕТЛО“ ОД ФОНДОТ

Дванаесетгодишната Мартина Стојковска од Струмица има деформитет на ’рбетниот столб, кој треба итно да се оперира во Турција, но за интервенцијата се потребни 40.000 евра, пари кои нејзиното семејство ги нема. Девојчето пред три дена добило позитивен одговор од лекарските комисии откако медиумите кренаа фама за неодговорноста на лекарските комисии и надлежните институции во случајот со Тамара.

Рамка:

ОБВИНИТЕЛСТВО ПОКРЕНУВА ИСТРАГА ЗА ТАМАРА

Основното јавно обвинителство – Скопје, по допрен глас, оформи предмет за случајот со 9-годишната Тамара Димовска од Велес.

Од таму информираат дека е назначен надлежен јавен обвинител, кој ќе го разгледа предметот и ќе почне постапка за утврдување на фактите и на евентуалната одговорност за смртта.​

Земјоделци, редари и учителки дале по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ

$
0
0


Текстов е објавен во дневниот весник Фокус во викенд изданието од 10-11 декември 2011 година.



Пишувале:
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Верувале или не! Земјоделци, секретарки и учителки, пензионери и редари, донирале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за јунските избори. Секој по 1.000 евра! Цела една бригада од 530 луѓе така собрале 510.000 евра за да ѝ овозможат победа на својата партија. Меѓу нив има и моќници, директори и газди, но и многу обични луѓе, со потпросечна плата. Списокот на оваа партија е единствениот што содржи толкав број физички лица како донатори.

„Фокус“ тргна по трагата на тој список, за да ги провери сомневањата дека можеби станува збор за фиктивни донации, за начин како кешот собран на разни начини легално да се уфрли во партиската каса. Како што е познато, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ пријави дека во кампањата потрошила 4,4 милиони евра, а само за 1,1 милион се оправда пред институциите, меѓу кои се и овие пари, собрани од физички лица, додека останатите беа донации од телевизиите. Иако експертите ја спореа големата дупка во финансиите од 3,3 милиони евра, Антикорупциската комисија реши да не ја истражува огромната разлика во приходите и расходите на владејачката коалиција. Во исто време, Љубе Бошкоски е осуден со седум години затвор за наводно нелегално финансирање на кампањата со 100.000 евра, додека против СДСМ е поднесена кривична пријава, оти им се спори кредитот што го зеле од Комерцијална банка.


ДОНАТОРИТЕ СТРАДААТ ОД АМНЕЗИЈА

Кои се тие 530 луѓе, донатори на ВМРО-ДПМНЕ? Што работат? Од каде им се по 1.000 евра за да ја финансираат кампањата? „Фокус“ го истражи списокот на физичките лица во финансискиот извештај кој партијата го достави до Државната изборна комисија (ДИК) и до Антикорупциската комисија. И дојдовме до фрапантни сознанија, кои упатуваат на сомневање дека станува збор за корупциски мегаскандал. Ако се суди според извештајот, во периодот од 17 мај до 3 јуни годинава, 530 луѓе чекале во редици во банките за да уплатат секој по точно 60.000 денари на сметката на партијата. За чудо, сега, половина година подоцна, голем дел од нив не можат да се сетат колку пари донирале.

Анализата на списокот и нашите контакти со дел од донаторите покажуваат дека најдарежливи на овие избори биле општинските советници, вработените во општините и во подружниците на државните претпријатија, но и учителки во градинки и училишта, субвенционирани земјоделци, административци, па дури и пензионери, кои на сметка на државата биле пратени на бања. Во некои случаи донираат цели семејства, од брачни другари, до деца, баби и дедовци. Во општината Ново Село, дури и чуварот и неговата сопруга дале по 1.000 евра за кампањата.

Повеќето од луѓето што ги контактиравме потврдија дека донирале пари, но имаше и такви кои воопшто не се сеќаваат дека дале пари. Една советничка од општина Кочани, која сакаше да остане анонимна, тврди дека пари не дала. Таа ни кажа дека кампањата ја помагала собирајќи пари од фирми за партијата, но вели дека не се сеќава точно од кои фирми, ниту, пак, на начинот на кој ги дала или ги уплатила парите.

– Јас мои пари не сум дала, затоа што сум немала. Но, помагав поинаку. Собиравме пари од фирми за нив. Не можам да ви кажам кои фирми, не се сеќавам како се викаат. Една е на еден од претседателите на месниот комитет. А ако ме прашувате како им ги носев парите, не знам, не можам да сетам – вели советничката.

НОВИНАРИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ПРАШУВААТ

Интересна е и изјавата на Суза Николовска, советник во општина Гази Баба.

– Одамна беше, не се сеќавам точно колку пари дадов. Треба да проверам каде сум запишала. Не знам дали ја чувам уплатницата, навистина треба да се потсетам – вели таа.

Томислав Ракичевиќ, вработен во Царинската управа пред две години, исто како и Стојанова, не ги помни парите што ги дал за партијата.

– Не знам, не можам да се сетам точно колку пари беа, навистина – нѐ уверуваше тој.

На некои, пак, им беше непријатно да разговараат на оваа тема со новинарите, па нервозно ги спуштаа телефоните, а имаше и такви кои сметаат дека ова не е работа за медиумите, како советникот од општина Гази Баба, Ацо Петрушев.

– Новинарите не се тие што треба да прашуваат за овие работи. Новинарите само подгреваат вакви работи. Вас ова не треба да ве интересира – ни рече Петрушев.

Интересен е податокот дека донаторите од различни општини и региони успеале да се организираат и во ист ден да ги уплаќаат парите. Случајно или не, вработените и советниците во општина Гази Баба уплаќале пари на 30 мај, шест дена пред крајот на кампањата. Оние од Кисела Вода, пак, тоа го сториле меѓу првите, на 17 мај, а штипјани се организирале на 3 мај, три дена пред гласањето. Дали на ваков начин партијата се обидувала да ја покрие разликата меѓу расходите и приходите?

ЗА ВМРО СЀ Е ЧИСТО, ЗА СДСМ ДОНАЦИИТЕ СЕ ФИКТИВНИ

За разлика од ДУИ, каде што, почнувајќи од лидерот, донатори се најголемиот дел од високите функционери, кај ВМРО ги нема премиерот и министрите, туку само директорите од вториот и од третиот ешалон. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека финансирањето на кампањата е чисто – оние што имале потреба да помогнат, помогнале.

– Секој што сака да дојде до документот може да дојде до него. Еве и вие сте го виделе, без да го барате од нас. Работиме транспарентно и во согласност со законите. Сите податоци за донаторите на кампањата ги доставуваме до ДИК, која впрочем е раководена од кадар на СДСМ. Исто така, податоци има и во УЈП, во Антикорупциската комисија и во сите надлежни институции. Чисти сме пред законите. Лична одлука е на секој што сака да даде пари, па затоа не би знаел да одговорам зошто недостасуваат фирмите и повисоките функционери – вели Илија Димовски од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Црните пари се покриваат преку фиктивни донации, велат во СДСМ.

– ВМРО-ДПМНЕ во континуитет ги злоупотребуваше буџетски средства преку отворање разни инвестиции, преку вработувања и друг тип притисоци. Уште пострашно е што партијата нема покритие за 3,3 милиони евра потрошени во кампањата – велат од најголемата опозициска партија.

КОЈ ВО 2006 ГОДИНА ДАДЕ ПАРИ ЗА МАЛЧЕСКИ

Сомнежите за фиктивни донации, за кои некои лица и јавно проговорија, се случија и за парламентарните избори во 2006 година. Во извештајот пишуваше дека тогашниот претседател на Сојузот на студентите, Самоил Малчески, заедно со неговата мајка и сестра, вложиле вкупно речиси 10.000 евра во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Тогашниот студент по математички науки за кампањата донирал 200.000 денари, неговата мајка Цветанка 50.000 денари, а неговата сестра Фросина – 300.000 денари. Кога медиумите тогаш го прашаа Малчески за донациите, тој беше вџашен кога откри дека на списокот фигурираат имињата на членови на неговото семејство.

– Да имам 200.000 денари, ќе се женам. Неверојатно е што пишува дека сестра ми вложила толкава сума пари, затоа што ги нема. Ова првпат го гледам! – изјави Малчески.

Ако тој тврди дека не ги вложил парите, се поставува прашањето – кој е тогаш вистинскиот донатор на тие 550.000 денари од семејството Малчески?

Утре: Груевски и министрите не се фатиле за џебот?!

Viewing all 849 articles
Browse latest View live