Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all 912 articles
Browse latest View live

Насилната власт е најголем непријател на сопствениот народ!

$
0
0

arhiva

Текстот е објавен во 946. број на неделникот „Фокус“ на 22 ноември 2013

Разговараше
Јадранка КОСТОВА

Дипломирал југословенска и светска книжевност на Филолошкиот факултет во Белград, но и драматургија на Академијата за театар. Добитник е на повеќе книжевни награди. Како драматург и соработник на сценарија работел на повеќе филмови, меѓу кои се: „Окупација во 26 слики“, „Кој тоа таму пее“, „Буре барут“, „Посебен третман“, „Падот на Италија“… Бил уредник на Драмската програма на ТВ Белград.

Ова е накусо професионалното претставување на писателот, професор Филип Давид (73). Сепак, инспирација за интервју со него ми беше неговата битка против режимот на Милошевиќ. Иако немал директни врски со политичкиот ангажман дотогаш, ќе објасни дека „морал да почне да вика дека е против“. Ќе остане без работа во државната телевизија, но ќе се ангажира со критички текстови против српскиот режим во повеќе странски медиуми.

Неговата култна изјава, искажана на една од сесиите на Белградски круг: „во ваква земја не ви преостанува ништо друго, освен да бидете предавник“, потоа станува џингл на Радиото Б92. Ќе објасни дека отфрлањето на таквиот режим е всушност „врвен израз на патриотизам“. Уште повеќе, ќе наведе дека „да се живее без слобода или да не се тежнее кон слобода, значи да се биде без сопствена волја, морална нула, соучесник во злосторства“!

Неутралноста, всушност, значи поддршка на корумпираниот и недемократски режим

ФОКУС: Вие бевте еден од основачите на Белградскиот круг. Кој беше клучниот момент за аларм? Како успеаја да се поврзат околу 300 интелектуалци во услови во кои владее полнокрвен недемократски режим?
ДАВИД: На основањето на Белградскиот круг му претходеше основањето на Независните писатели при крајот на 1998 година во Сараево. Тоа беше време на јакнење на националистичките и шовинистичките тензии, време на масовни митинзи и на доаѓањето на Милошевиќ на власт. Ние четворицата, Мирко Ковач, Видосав Стевановиќ, Живоин Павловиќ и вашиот соговорник, ги повикавме писателите, нив триесетина, на основање на ново здружение кое би се поставило наспроти националистичката и воено-поттикнувачката хистерија во која, уште како, учествуваа и многу писатели.

Основачкото собрание се одржа во Сараево, а од македонска страна, колку што се сеќавам, основачкиот акт и пристапница потпишаа Горан Стефановски, Богомил Ѓузел и Мето Фотев. Во документите кои на основачкото собрание беа усвоени, од југословенските власти се бараше да се договорат како Југославија во иднина ќе изгледа или да се договорат за мирно раздружување.

Истовремено, се предлагаше и основање независни синдикати и на здруженија кои би се спротивставиле на растечкиот национализам и на повиците за етнички судири. Од една таква препорака настана и Белградскиот круг. Белградскиот круг се залагаше за една поинаква Србија, за Србија, како што тоа јасно го формулираше Радомир Константиновиќ, која не се помирува со злосторствата.

ФОКУС: Како да се препознае еден диктатор благовремено? Или, обично тоа се случува предоцна, па затоа тоталитарните држави имаат долг век на траење?
ДАВИД: Историското искуство нѐ предупредува дека појавата на диктаторот ја препознаваат само малкумина. Таа помала група луѓе под себе ја нема контролата врз војската, полицијата, медиумите. Сето тоа го контролира тоталитарната држава. Затоа, оваа мала група, која навистина ги претставува патриотите, се демонизира, прогонува и се изложува на различни форми на насилство. Но, тие, малкутемина, се вистинската совест на нацијата.

СЕТО ТОА КАЈ ВАС МИ Е ПОЗНАТО ОД СРПСКОТО ИСКУСТВО!

ФОКУС: Ако Ви кажам дека во една држава секојдневно се пребројуваат внатрешни и надворешни непријатели, каде што опозициски лидери се или во затвор, или се осудени на големи парични казни за клевета на премиерот, каде што министерот на полицијата и шефот на тајната служба го тужат за навреда лидерот на опозициониот фронт или нивниот портпарол, каде што специјалци со сила ги исфрлаат пратениците и новинарите од Парламентот, каде што новинар е осуден на 4 и пол години затвор за текст стар 5 години, а каде што власта организира контрапротести против опозицијата… како би го дефинирале ваквиот систем на власт? Нема да откријам дека станува збор за Македонија за да не влезам во списокот на надворешни непријатели или платени „соросоиди“?
ДАВИД: Сето тоа главно ми е познато од српското искуство во почетокот на 1990-тите. Ваквото однесување на власта е недозволиво од морална, но и од политичка точка на гледање. Тоа води кон опасно заострување на внатрешните односи кои може да доведат до различни форми на контролирано или неконтролирано насилство, до насилство кое власта го продуцира, го организира, на кое се заснова и се одржува. Таквата власт, каква што ја опишавте, долгорочно гледано, самата себе се урива и е најголем непријател на сопствениот народ.

ФОКУС: Како Вие лично ја заработивте „титулата“ на предавник? Историска е Вашата изјава дека „во ваква земја не ви останува ништо друго, освен да бидете предавник“. Дали беше тешко да се влезе во црната листа на Слободан Милошевиќ?
ДАВИД: Често го спомнувам големиот пример на Томас Ман. Беше прогласен за најголем предавник на Германија затоа што се спротивстави на нацизмот и на Хитлер. Тој, меѓутоа, како што се покажа, всушност го спаси образот на Германија, но на онаа Германија која единствено ја признаваше за своја татковина. Дали ќе се спротивставите на политичкото зло, на злосторствата, на нетолеранцијата од кој било вид, тоа пред сѐ е етичко прашање, прашање на совеста на секој поединец. Битката што ја водев со своите пријатели не беше само против еден човек што ја узурпирал власта, туку против еден систем на мислење кој го оправдува користењето на моќта, насилството, живата сила, сето она што на крајот завршува со ужасни злосторства.

Стотина метри од куќата во која живеам беше убиен новинарот Славко Чурувија

ФОКУС: Во системите во кои власта се изедначува со државата и со народот секогаш се наоѓаат интелектуалци по мерка на режимот. Можеме ли да говориме за духовна елита ако повеќето може лесно да се купат?
ДАВИД: Откога е светот и векот интелектуалните елити биле поткупливи и власта сметала на таа поткупливост. Полскиот писател Казимјес Брандис тоа точно го опиша: „Се менуваат паролите, политичките правци, владејачките екипи, но тие се секогаш присутни, со подмачкани јазици, подготвени да им служат на новите шефови со приспособени пароли…“. Жилијен Бенда уште во триесеттите години на минатиот век пишуваше за придонесот на интелектуалците за различните форми на страстите, политички и национални, кои тој век го одбележаа како „век на интелектуално организирање на политичките омрази’“. Интелектуалците, божем служејќи ѝ на татковината, всушност им служат на политичките интереси, искажуваат лојалност на политичките водачи. Во сето ова можевме да се увериме и во трагичните настани при распадот на Југославија.

ФОКУС: Да Ви кажеше некој во 1993 година, на пример, дека наследниците на Милошевиќ и на Шешељ – Дачиќ, Вучиќ, Николиќ – ќе го направат најголемиот компромис за Косово, што ќе му кажевте тогаш?
ДАВИД: Ќе беше налудничаво во такво нешто да се поверува. Но, еве, тоа нам ни се случува. Некој може да праша: Зар не им е дозволено на политичарите да ги согледаат своите грешки и да се менуваат? Се разбира дека можат да се менуваат, тоа секако е пожелно, но пред тоа треба да го поминат политичкото чистилиште за да се испукаат, и тоа уште како, за своите претходни гревови, особено ако тие гревови биле големи, а заблудите длабоки и со страшни последици.

ИМА МАЛКУ ДОБРИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА!

ФОКУС: Дали следите што се случува на просторите на поранешна Југославија? Има ли позначајни процеси кон натамошна демократизација на тие општества, или…?
ДАВИД: Што е воопшто „демократизација“? Добивме партократски држави. Партиите на власт го пропишуваат начинот на однесување, бранејќи ги своите теснопартиски интереси, вработувајќи ги своите кадри. Тоа секако не е демократизација, туку еден нов облик на дискриминација. Демократски држави се оние во кои мнозинството ги штити, ги почитува и ги брани правата на малцинството. На овие наши простори тешко дека ќе најдете држава на која тоа ѝ ѝ е приоритет.

ФОКУС: Доколку ја следите состојбата и во Македонија, какви се Вашите општи сознанија и впечатоци?
ДАВИД: Да бидам искрен, Македонија од сите земји на поранешна Југославија некако стана најоддалечена. Има малку добри вести. Се плашам дека Македонија, затворена и заробена во своите противречности, е препуштена на политичка стихија. Изгледа дека и за Македонија важи она што еднаш го напишав за Србија: постојат истовремено и манија на величина, и манија на гонење. На светот му се праќа порака дека сме најголеми и најдобри, па затоа нѐ мразат, а не сме во состојба да решиме ниту еден од клучните егзистенцијални проблеми. Во земјата, која се дави во беда, се издигаат градби кои светот треба да го восхитат, а само покажуваат колку сме мали, ситни. Многу нешта им се заеднички на сите нови држави во опкружувањето, делиме исти или слични комплекси, а се разликуваме тамам толку за да веруваме дека сме си самите себеси доволни.

ФОКУС: Пред дваесетина години пишувавте за освојувањето на слободата. Како слободата може денес да се освојува? Каква е тука улогата на граѓанинот, на поединецот…?
ДАВИД: Па, се враќаме на едно од претходните прашања. Слободата се освојува со ослободување од стравот. Преку несогласување со различните облици на манипулација. Со право на можност за избор. Таму каде што нема алтернатива, каде што нема можности за избор, нема ниту слобода.

ФОКУС: Како изгледаше животот на еден „предавник“ во Србија во времето на Милошевиќ?
ДАВИД: Ако, всушност, сакате да ме прашате дали се плашев, ќе ви кажам дека не се плашев. Навистина, од разни страни стигнуваа закани, во влијателниот дневен весник „Политика“ се појави и директен повик на линч, доживував закани на улица, анонимни закани по телефон − сето она што може да го очекувате во мрачни времиња. Стотина метри од куќата во која живеам беше убиен новинарот Славко Чурувија поради слични лажни обвинувања кои и мене ми ги ставаа на душа. Сепак, не се плашев. Единствено бев вознемирен поради последиците што можеа да ги имаат мојата сопруга и моите деца.

ФОКУС: Интересен феномен во авторитарните системи се таканаречените неопределени. Нивната филозофија е дека актуелната власт е страшна, но дека и алтернативата е лоша. Ако суштината на демократијата е сменливоста на власта, дали оваа толпа на „неопределени“, всушност, е формулата за спас на режимот?
ДАВИД: Право на секој човек е да реши како ќе се однесува во турбулентни времиња. Но, моето уверување е дека неутралноста, кога станува збор за така важни животни прашања, е тешко прифатлив, во основа, нечесен став. Неутралноста, всушност, значи поддршка на корумпираниот и недемократски режим. Логиката: „си ги гледам само моите работи и за ништо друго не ми е гајле“ е мошне себичен, кукавички и лицемерен начин на размислување.

Таму каде што нема алтернатива, каде што нема можности за избор, нема ниту слобода


Панчев и Калински: Вратена магија на тв-екранот

$
0
0

Текстот е објавен на 10 јули 2014 година 

 

 

 

Златко Калински легендата на македонското спортско новинарство замина во пензија, синоќа со многу емоции тој се збогуваше од гледачите. Потсетуваме на интервју што „Фокус“ го направи со Калински пред три години.

Ова лето е интересно за сите. Дамите можат да уживаат во попустите на брендовите кои ја доставуваат својата понуда на увид во Скопје Сити Мол, а посилниот пол може да ужива во најважната споредна работа – следење на Мундијалот во Бразил.

Пред најжешкиот момент на Светско првенство во Бразил, ние во Скопје Сити Мол на фудбалско дегустирање ги поканивме македонските легенди Дарко Панчев и Златко Калински, кои минативе денови ја брануваа јавноста во земјава.

Под импресии на сега веќе легендарниот полуфинален меч помеѓу домаќините на Мундијалот и прецизните Германци, кафето го испивме во Скопје Сити Мол, споделувајќи ги најзначајните мигови од мечот кој собори низа рекорди и поттикна многу анализи.

Калински ни откри дека времето овие денови му лета, посебно заради убавиот предизвик, летот за Бразил, додека легендарниот Панчев посакуваше и таму да биде друштво на Златко.

Мечот Панчев против Калински го одигравме на сигурен теренот, во амбиентот на Спорт Вижн во Скопје Сити Мол. Резултатот ви го доставуваме на увид.

Скоро 4 децении верен на МТВ и спортските настани. Преносите со неговата специфична поетичност, сите го препознаваат неговиот уникатен стил на преставување на спортските случувања. Фудбалот и атлетиката се подрачја чиј терен најсигурно го владее.

ФОКУС: Калински, Бразил се смета за земја на фудбалот, затоа што оваа нација негува култ токму кон оваа спортска дисциплина. Немавте ли предизвик да одите таму, да коментирате од лице место? 

КАЛИНСКИ: На ова прашањето веројатно ќе можев подобро да ви одговорам по завршувањето на светското првенство! Бидејќи, на 10 јули ќе патувам за Рио! Последниот мој коментар од едно светско првенство ќе е финалето од славната Маракана! Со колегата Горан Стерјов ќе бидеме првите македонски коментатори чиј глас ќе допре од Маракана! Таа е еден од најголемите спортски светски храмови, пандан на Вембли, Медисон Сквер Гарден, Монца, Циришки атлетски митинг…многу возбудливо…

ФОКУС: Калински, повеќе од 20 години во улога на спортски коментатор. Претпоставуваме посебно е возбудливо кога треба да се коментира Мундијалот, настан кој се смета за вистински празник на фудбалот. 

КАЛИНСКИ: Ја одработувам 39-та година во спортското новинарство. Од 1975-та! Од својата 22-ра година кога почнав, кога улогата на спортист,вљубеник во спортот, на гледач кој местото на трибината го менува со многу поразличниот простор, во кој се професионалните новинари, светското фудбалско првенство стана неодминлив и најголем предизвик за мене. Нешто за што вредеше да се работи на личната изградба како новинар, како репортер и коментатор. Да се постигне чувството на достојност да се биде непосреден известувач од како што велите најголемиот спортски празник, кој го празнува целиот свет. Така Мундијалот го доживував како новинар – приправник, така го доживувам и сега при крајот на работниот век.

Со импресии раскажува за своите почетоци. За убавите мигови во МТВ, некои потешки, некои полесни, но сепак сите впечатливи. Со задоволство се потсети на Солдатов, човекот од кој како и голем дел од кадарот на МТВ научи многу за медиумскиот занает.

ФОКУС: Златко, коментирањето на спортски настани бара посебни подготовки. Не треба да се знаат само имињата на играчите. Тоа во оваа ера на технологија е лесно достапно за секој од публиката, се подготвувате ли за секој натпревар посебно?

КАЛИНСКИ: Ова е време кога Интернетот нуди море од податоци. Време, кое ја олеснува работата на коментаторот, особено ако е десет илјади километри далеку од местото на случувањето. Истовремено, бара континуитет и најмалку десетина часови подготовка пред секој пренос. Бидејќи, ќе се сложите, би било несериозно да се седне пред микрофон, а да се биде полошо информиран од телевизиски гледач со просечно следење на спортските настани. Треба да се биде подготвен за секоја ситуација, пласираниот податок да биде во функција на преносот… Не сум приврзаник на пласирање на многу бројки во преносите, мислам дека тоа го оптоварува гледачот, па така многу прибрани податоци, остануваат неискористени!

ФОКУС: После подолго време, заедно со Панчев, како да го вративте духот на телевизијата, на таа магична кутија што знае да биде извор на многу радости, но и тага. Како дојде до соработката со Панчев?

КАЛИНСКИ: Уживам во работата со Дарко. Вистинско задоволство е да се има таква фудбалска величина крај себе. Сѐ уште не ми е јасно, зошто толку време не сакаше да се искаже и како телевизиски коментатор! Пред ЕУРО 2012 конечно ја прифати поканата да стане дел од коментаторскиот тим на МРТ. Имаше одличен одзив во јавноста, па не беше тешко соработката да продолжи и на проектот Бразил 2014.

Поранешниот македонски и југословенски фудбалски ас, легендарниот Панчев, кого поради брзината го викаа Кобра, кариерата ја започна во Вардар, а своите извонредни квалитети како стрелец најдобро ги прикажа во Црвена Ѕвезда, екипа во која сѐ уште многумина го паметат како најдобриот стрелец. Ја доби наградата Златна копачка на Европа како најдобар стрелец на европските национални првенства во сезоната 90/91.

ФОКУС: Панчев, за кого навивате на ова Светско првенство, сега откако испаднаа Хрватска и Босна и Херцеговина? 

ПАНЧЕВ: Панчев Ќе продолжам да навивам за Хрватска и Босна и понатаму, се разбира, доколку не бидат со нас во група во следните квалификации за ЕП или СП. Овие денови мој фаворит ќе биде репрезентацијата на Германија.

ФОКУС: Калински, Англија го измисли фудбалот, а Бразил го прослави! Зошто оваа земја е најуспешната низ историјата? Зошто ги дала најголемите фудбалски имиња, зошто „кариоките“ го играат највозбудливиот фудбал, зошто Бразил ја има најколоритната и најемотивната навивачка армија на светот?

КАЛИНСКИ: Тешко може да се објасни бразилскиот фудбалски феномен. Тоа е забава со која се задоени младите во оваа земја. Талентираноста, темпераментот, исклучителната посветеност ја исковаа легендата! Социјалниот момент низ децении наназад, е само уште една компонента на фудбалот да се гледа како на како зрак на надеж за излез од бедата!

ФОКУС: Се чини уште еден печат на оваа мундофорија, во македонски рамки е коментаторскиот тандем Панчев – Калински. Ние во Фокус Ве пофаливме како нешто најдобро што и се случило на МТВ во поново време, но секако имаше и различни мислења. Како Вие двајца гледате на овој феномен? 

ПАНЧЕВ: Јас ви благодарам на комплиментот. Деновиве, повеќемина на разни начини и лично ми го изразуваа своето задоволство и поддршка. Нормално, како секогаш и секаде, има и ќе има и поинакви мислења. Деновиве имав можност да прочитам еден многу интересен и воедно и интелигентен коментар од еден респектабилен Македонец. На неговиот профил на социјалните мрежи, професорот од Универзитетот Колумбија, Њујорк, г-динот Горазд Росоклија го објави својот став токму по ова прашање и јас ве молам во интерес на Вашите читатели да го цитирате во целост:

Горазд Росоклија: „ Сите знаеме кој е Дарко Панчев. Никој не знае кои се плукачиве „аналитичари“ на спортот, спортската мисла и говор. Некој да им каже дека легенда како Панчев се станува со создавање вредност, не со плукање по оној кој ја создал. И кога зборува Панчев кој го достигнал врвот на светот во спортот, мудро е ние другите да слушаме и да молчиме. А од кажаното од него, секој од нас ќе понесе онолку колку што сопствената памет му дозволува.“

ФОКУС: Калински, сепак, има и контроверзни реакции, што вие мислите за вашиот коментаторски тандем? 

КАЛИНСКИ: Откако знам, за време на големите фудбалски настани, коментаторите се цел на јавното мислење. Сега во ерата на мноштво од социјални мрежи тоа е уште поизразено! Денеска „во игра“ се и обложувалниците, па на многумина ако резултатот не им се вклопува, виновни се коментаторите. Во моментов го коментирам последното светско фудбалско првенство во мојот работен век на МРТ. Јас сум тој, Златко Калински со свој начин на работа, кој сега и да сакам не би можел да го сменам. Што се однесува до Дарко Панчев го има фудбалот во малиот прст, а згора на тоа е со брза и јасна мисла. Не слушнав друг стручен коментатор да се осмели, ама на Дарко уште во прва минута не можеше да му се провлече неподготвеноста на Шпанија. Потоа прогнозата за кус мундијалски лет на Англија и Италија, веднаш го воочи и „бледилото“ на Бразил. Тој како да е во „дослух“ и со тренерите, па најчесто ги предвидува нивните измени на играчите. Забавен е, внесува лежерност и дух во преносите. Дарко е полн програмски погодок на МРТ.

ФОКУС: Златко, многу млади лица на екранот на МТВ, но се чини, барем ова лето Вие дадовте малку свежина на екранот, Ве поддржаа ли колегите во идејата, во овој нов коментаторски пристап?

КАЛИНСКИ: Работиме тимски во спортската редакција, па и интенцијата да го наговориме Дарко да стане наш „колега“ беше заедничка. „Генерациската поврзаност“ од 80-тите и 90-тите меѓу Дарко и мене, кога тој растеше како фудбалер а јас го следев како новинар, е причината што станавме тандем.

Калински е скоро пред пензија, ова најверојатно ќе биде последно Светско првенство во фудбал кое го коментира.

ФОКУС: Многумина предложија, малку на шега, малку на вистина, дека Панчев треба да добие вработување во МТВ, што Калински мисли за една ваква идеја?

КАЛИНСКИ: Може! Уште сега би го вклучил во тимот за подготовка на проектите ЕУРО 2016 во Франција и Светско првенство 2018 во Русија. Сигурен сум дека со своето знаење и авторитет би придонел за повисоки стандарди во реализацијата на овие големи настани на програмата на МРТ.

Златната копачка ја освои во 1991. Ова беше неправда која беше исправена во 2006. Златната копачка за 34 гола кои ги постигна за Ѕвезда, Дарко Панчев требаше да ја прими во 91. Меѓутоа, наградата му беше скратена. Неправдата беше исправена 15 годни подоцна, на 4 август 2006, кога делегацијата предводена од тогашниот претседател на УЕФА, Мишел Платини и претседателот на Црвена Ѕвезда, Драган Стојковиќ Пикси, во Скопје конечно му го врачија признанието.

ФОКУС: Да направиме една паралела на времето кога вие игравте и ова сега. Постојат разлики? Господине Панчев, полесно ли им е на сегашните фудбалери?

ПАНЧЕВ: Големи разлики не може да има. И денес и некогаш, фудбалот се игра на истиот терен, играат 22 играчи, се игра со топка и со нога и најважно во играта е да се постигне гол. Фудбалот и натаму останува тешка физичка и психичка активност. Би се зачудиле кога би ги споредиле „километрите“ на фудбалерите од тоа време и денес. Секако, денес фудбалерите во своите подготовки ја користат науката повеќе и можеби, објективно се под поголем притисок, пред се поради развитокот на електронските медиуми со што нивната популарност добива и планетарни размери.

ФОКУС: Калински, која репрезентација и кој играч најмногу го привлече вашето внимание на ова Светско првенство во Бразил? 

КАЛИНСКИ: Бразил, Германија, Аргентина, Холандија… Секако и Шпанија, Англија и Италија пред да бидат елиминирани. Ме одушевуваат и „малите“ Колумбија, Костарика, несреќниот Мексико… тие се неопходната свежина, надеж и поттик во светот на „големите и моќните“.

ФОКУС: Дарко, големите репрезентации на ова првенство се покажаа во лошо светло. Дали парите и третманот на играчите како ѕвезди во нивните репрезентации се можеби виновни за ова?

ПАНЧЕВ: Со Калински за време на преносите се согласивме дека и покрај тоа што на ова првенство се игра квалитетно и она што мене најмногу ме радува – напаѓачки, очигледен е малиот број на екстра играчи на шампионатот. За жал. За разлика од минатото, тој број е сведен на неколкумина. Лично не мислам дека проблемот е во скапите трансфери и третманот кој го добиваат најзвучните имиња на денешницата.

ФОКУС: Калински, каков е вашиот став по ова прашање. Големите репрезентации на ова првенство се покажаа во лошо светло. Дали парите и третманот на играчите како ѕвезди во нивните репрезентации се можеби виновни за ова?

КАЛИНСКИ: Речиси и да не се памети вакво урнисување на фаворитите уште во групната фаза од светското првенство! Шпанија беше фрлена на колена, Италија, Англија, Португалија, Русија си заминаа дома. Само една минута од елиминација ја делеше и Холандија. Тоа се земји фудбалски велесили со финансиски моќни клубови, со мнозинството од најплатените светски ѕвезди. Не би рекол дека причините за резултатскиот крах се од финансиска природа или од некаква демотивираност.

Според мене, многу фреквентната сезона на клупски план го зема данокот. Најдобрите фудбалери беа и најоптоварени во домашните првенства и купови, во европските лиги, во мечевите за своите национални селекции… Имаше малку време за нивна ревитализација и подготовка за Мундијалот. Вториот проблем особено присутен во Англија е што во Премиер лигата играат голем број на странски играчи, кои ги оневозможуваат талентираните домашни фудбалери да се изборат за поголема минутажа.

Главните финансиери на клубовите се странци, кои ги интересира само резултатот и финансискиот профит, а не иднината на домашната репрезентација. Ова се теми, за кои неминовно многу сериозно ќе се разговара.

ФОКУС: Панчев, кој играч за вас е најдобар на ова Светско првенство?

ПАНЧЕВ: Според мене, две имиња на крајот ќе имаат можност да бидат прогласени за најдобри. Едниот е Меси, за него не гледам никаква потреба за коментар, а вториот е напаѓачот на германската репрезентација Милер, кој овој турнир го игра на извонредно високо ниво, тој е созреан, на теренот делува моќно и се промовира во лидер на репрезентацијата.

Интересно е што и двајцата имаат слични ставови. Ова често го забележувавме во текот на нашата прошетка во Скопје Сити Мол.

ФОКУС: Панчев, Босна и Херцеговина успеа да стасаа до ова Светско Првенство. Што му недостасува на македонскиот фудбал? Ние имаме одлични фудбалери, но сѐ уште како репрезентација не се докажавме? Каде е проблемот во македонскиот фудбал?

ПАНЧЕВ: Како што го поставивте прашањето, логичен одговор би бил дека на нашиот фудбал му недостасуваат Осим и Сушиќ или Шукер бидејќи и Хрватска се квалификуваше на ова СП, па дури можеби и Савичевиќ, бидејќи Црна Гора стигна до бараж. Таму каде беа изоставени големите фудбалски имиња се разбира немаше успех. Малку ме зачудува оценката за големата множина на одлични фудбалери која што Вие ја споменувате, што е контрадикторно со тоа дека Репрезентацијата на Македонија не успеала да се докаже. Тоа е сериозна тема и заслужува сериозна и сеопфатна анализа и поради моментот, а и поради просторот ќе Ви се ставам на располагање во некоја друга пригода да разговараме по тие прашања.

ФОКУС: Калински, на неколку дена до финалето, се загрева фудбалската еуфорија, но останува постојано да виси во воздухот, една мала тага, Македонија, фудбалски никаде ја нема, од година в година е подолу, додека нашите соседи, земјите од екс СФРЈ грабаат напред, зошто?

КАЛИНСКИ: Прашање кое е во расчекор, кое не е во сообразност со величественоста во моментов! Во секој случај, горлива тема, болна. Го делам мислењето со оние кои сметаат дека во догледно време нема надеж да се завиори македонското знаме на еден голем фудбалски настан. Резултатите на репрезентацијата се само одраз на состојбите. Слабо, „исплакнато“ домашно првенство, недоволно инвестирање во стручните кадри и грижа за младите категории е дел од нашето фудбалско сивило. Во изминатите две сезони МРТ низ преноси програмски го покриваше македонското првенство, па можев поодблиску да навлезам во проблемите со кои се соочуваат клубовите. Беспарица, лоша инфраструктура, мал интерес за посериозно спонзорско покривање… состојба на „лет во место“, која се провлекува веќе две децении.

ФОКУС: Проблемот е во државата, во клубовите, во луѓето што го водат фудбалот или од сѐ по малку? Калински, дали ако сите во фудбалот го правеа најдобро тоа што го знаат, без да се мешаат во работата на другите, сега ќе беше поинаку?

КАЛИНСКИ: Сите имаат свој удел во ваквата состојба. Многу прашања се наметнуваат! Зошто истакнатите фудбалски имиња ги нема во македонскиот фудбал или ги има сосема малку, без влијание врз нештата? Зошто од македонската фудбалска карта полека исчезнуваат фудбалски центри,кои во минатото биле неисцрпен извор на таленти? Каде се Струмица, Прилеп, Охрид, Велес, Кавадарци? Зошто трибините се празни?

ФОКУС: Панчев, зошто и одличните македонски играчи во своите клубови играат фантастично, а во македонското опкружување не можат да се искажат?

ПАНЧЕВ: Слично е моето мислење и по ова прашање и затоа како што и претходно споменав, подобро е сега и во овој момент да уживаме во најдобрата работа на светот, фудбалот, тие анализи и оценки кои бараат сериозен и објективен пристап да ги оставиме за некое друго време.

ФОКУС: Зошто и после толку годишно откако сте во Македонија, не се одлучивте да создадете некакво училиште за фудбалери? Или можеби чекате подобри времиња, а тие не доаѓаат?

ПАНЧЕВ: Јас пред повеќе од 10 години и предложив проект за школо за фудбал на тогашната влада, па дури успеав да добијам и концесија. Добив писмена согласност и од ФК Милан заедно да пристапиме во реализација на идејата. Оттогаш, па се до денес, од за мене неразбирливи причини, случајот стои во Општината Карпош. Инаку, да се разбереме, приватните фудбалски школи во ниту еден случај не можат да бидат решение за проблемите во фудбалот во Македонија. Бројните примери и во најразвиените фудбалски земји укажуваат дека треба да се оди во друга насока.

Тоа го имаше и кај нас. Ако се вратиме во минатото, фудбалските школи на Вардар, Победа, Пелистер Беласица, Брегалница и другите, ги изнедрија нашите најдобри и најголеми фудбалски имиња. Би требало да се направи едно согледување, колку фудбалери од приватните школи кои постојат кај нас веќе 10тина години, играат во клубовите и колку од нив настапиле за македонската репрезентација. Во најголем дел тие школи вршат општествено корисна функција, децата спортуваат и се социјализираат. И оваа тема заслужува посебно внимание.

ФОКУС: Зошто сте малку пасивен во македонскиот фудбал? Се очекуваше дека еден човек, фудбалска легенда, со таков потенцијал, треба да биде поприсутен, да се даде себеси, или сметате дека има премногу ајкули во македонското фудбалско море? 

ПАНЧЕВ: Јас лично мислам дека не сум сосема пасивен во фудбалот. Ако тоа така го разбирате, тоа и не е толку лошо. Тогаш барем од мене нема да се бара одговорност за состојбите во фудбалот кај нас, за неуспешните квалификации… Сега прашање е зошто ова не им се постави на оние кои се активни и кои се на функции во овие 20-ина години и која е нивната одговорност за катастрофалната состојба во која се наоѓа македонскиот клупски и репрезентативен фудбал.

Незаборавно беше шоуто на Панчев во Атина. На аеродромот во Атина ја испровоцира грчката јавност пишувајќи Македонец на формуларот за влез во земјата. Секој момент кога тој ќе ја допреше топката, следеа свирежи од навивачите на Панатинаикос, главно од припадниците на лево ориентираниот Пасок. Дарко им се оддолжи со два прекрасни погодоци со што зелените беа елиминирани. По вториот гол, заигра македонско оро и ја замолкна атинската публика. Ова како казна го почувствувала и неговата сопруга Маја, која поради овој момент била одбиена за грчка виза.

ФОКУС: Дарко, има ли меѓу поновата генерација после Пандев, играч што може да биде лидер на репрезентацијата?

ПАНЧЕВ: Во овој момент можеби не, но сигурен сум дека наскоро ќе се појави новиот Лидер на репрезентацијата Тоа секогаш било така.

ФОКУС: Порано, вообичаено фудбал гледаа мажите. Сега често и понежниот пол внимателно го следи сето она што се случува на теренот. Колку вашата сопруга Маја ги прати фудбалските мечеви на Мундијалот или можеби е критичар на Вашите коментари? 

ПАНЧЕВ: Фудбалот не е само спорт, тоа е еден голем и атрактивен шоу бизнис. Нормално и нашите поубави половини се повеќе со интерес следат. Мојата сопруга Маја го следи фудбалот од поодамна, знае страствено да навива, ама не смее ни да помисли да ги критикува моите коментари. Затоа што нема причина.

ФОКУС: Играте ли сѐ уште фудбал понекогаш, онака за своја душа?

ПАНЧЕВ: Двапати неделно со моите поранешни фудбалски колеги уживаме во меѓусебното натпреварување на теренот на Алумина. Ривалството меѓу нас е сѐ уште големо и головите, па се разбира, резултатите на крајот сепак ни се најважни.

ФОКУС: Панчев, што покрај фудбалот и семејството знае да ви го преокупира вниманието?

ПАНЧЕВ: Секојдневното дружење со моите пријатели. 

ФОКУС: Кој е и што прави Златко Калински надвор од работното време, дали одвојува време за спорт?

КАЛИНСКИ: Од време на време ќе отпешачам некој километар или ќе одгледам „едно полувреме“ вртејќи ги педалите на велосипед-ергометар! Главно тоа е физичката активност, бидејќи колената ми се слаба точка. Малку пишувам. Историјата на светските првенства во атлетика ги заокружи првите 30 години од одржувањето, па како известувач од сите досега се обидувам моите видувања да ги ставам на хартија. Македонската телевизија оваа година ја одбележува 50-годишнината од постоењето, па добив многу пријатна обврска за подготовка на документарец за развојот на спортската програма. Има време и за по некоја партија „Црна маца“ со другарите кај Ѓутла!

ФОКУС: Дарко, англискиот спортски магазин Four Four Two ве прогласи за најдобар фудбалер од Црвена Ѕвезда на сите времиња. Колку тоа време буди убави сеќавања кај вас? Ви недостасуваат ли тие времиња понекогаш?

ПАНЧЕВ: Да, еден мој пријател ми го пренесе изборот на најтиражниот англиски спортски магазин. Тоа е голема чест, иако според мене таа титула сосема заслужено е резервирана за Драган Џаиќ. Убаво е човек да се навраќа во минатото, па оттука е и разбирливо дека понекогаш ми недостасуваат тие чувства, силни емоции, голови и успеси. Таков е животот!

Блиц прашања

КАЛИНСКИ

Фудбал или ракомет? Фудбалот со ништо не може да се спореди! Не ме прашувате за атлетиката! Таа е меѓу неприкосновениот фудбал и ракометот! Ракометот има посебно,незаборавно и емотивно место како спорт за прва моја афирмација како ТВ коментатор.

Светско првенство или Олимпијада? Светското првенство во фудбал го предизвикува најсилното спортско лудило. Собрани се десетици навивачки армии од целиот свет, полни со набој позитивен и негативен. Патуваат од град во град, силен е интензитетот со кој ја манифестираат својата радост или тага во зависност од успехот. Не им се страни и инцидентни ситуации. Олимпијадата е нешто друго. Се одржува во еден град, на мал простор се концентрирани нештата. Има сосема поинаков дух и привлечност. Атлетиката е олимписката кралица, има уште дваесетина спортови со своите „принцови и принцези“. Таа е најдоброто што може да го понуди целокупниот спортски свет. ја нуди и грандиозноста со учество на спортисти од над 200 земји. Заедничко за Мундијалот и Олимпијадата е големата привлечност за политиката да ги употреби во свои цели!

Дарко Панчев или Лионел Меси? Најубавото прашање го оставивте за крај! Секоја чест за Меси, ама Дарко е во сите наши срца. Пред три децении тој беше пандан на ова што е Меси денеска. Заслепувачки беше блесокот со кој се појави во нашето соседство. Херојот од Градски израсна во неприкосновениот крал на европските стрелци. Сјајот на неговата „златна копачка“ сите не милува. Дарко е најубавата, највозбудливата наша фудбалска приказна. Тој е македонскиот спортист за сите времиња.

ПАНЧЕВ

Вардар или Црвена Звезда? Вардар

Меси или Неимар? Меси

Златко Калински или Младен Делиќ? Златко Калински

Во очекување на финалето на овој Мундијал кој донесе многу интересни мигови, ги користиме предизвиците за шопинг во времето на попусти во Скопје Сити Мол.

Отворено писмо од професорот Светомир Шкариќ до неговиот ученик Ѓорге Иванов

$
0
0

 

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 8.04. 2014 година. 

Обраќање на професорот Светомир Шкариќ до претседателот Ѓорге Иванов.

 

 Овојпат ти се обраќам со зборовите на Цицерон упатени на  Катилина во римскиот Сенат, кога последниот правеше ,,заговор“ против Римската република: „Па, до кога така, па до кога така ќе го злоупотребуваш моето трпение, о, Катилина“?

Како Цицерон, и јас сум вознемирен по твојот разговор со новинарот Јанко Илковски на Сител 3 во емисијата „Јади бурек“ од 27 март 2014 година, кога тврдеше дека кинескиот претседател ја имал „мојата книга во која има делови за Конфучие, за Лао Це, за таоизмот и за будизмот“. Коректно е јавноста да знае дека не станува збор само за твоја, туку за заедничка книга „Политички теории – антика“ објавена во 2006, а потоа преиздадена во 2010 година. И самиот знаеш дека коавторството во таа книга се движи во сооднос не помал 95-5 во полза на постариот автор.

А кога зборуваш за посочените делови од книгата, во нив нема ниту еден твој збор зашто никогаш не си ја проучувал кинеската политичка мисла. Не е чесно што го игнорираш името на главниот автор кој ти бил професор и ментор и кој ти ги пишувал рецензиите за твоето напредување во академската кариера од асистент до вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. И самиот знаеш дека такви примери на игнорирање се ретки во универзитетска средина и дека на нив се гледа со презир и со револт.

 

БЕШЕ ПОД НИВОТО НА ТРАЈКОВСКИ И НА ЦРВЕНКОВСКИ 

 Стравувам да не ме исфрлиш и од втората книга „Политички теории – среден век“, која излезе од печат во 2012 година, со речиси ист сооднос на коавторство како и во првата книга. И на оваа книга ѝ се радуваше многу како и на првата, што ми беше драго бидејќи тоа беше знак за мене дека сѐ уште те привлекува науката. Во таа книга посебно ги акцентирав оние содржини кои можат да ти помогнат подобро да ја извршуваш државничката функција, тргнувајќи од искуството на Јован Златоуст, па сѐ до искуството на кардиналот Ришелје. Сакаше да ја претставиме книгата и пред јавноста, а потоа се откажа, без лично да ме известиш за твојата одлука.

Знаеш дека и третата книга „Политички теории – нова доба“ е во подготовка. Првиот дел веќе го имаш видено во ноември 2012 година во мојата библиотека во Дојран. Виде дека во неа станува збор за револуционерна мисла и за нејзините претставници во Европа, Америка и во Русија, тргнувајќи од Томас Хобс, па сѐ до Петар Кропоткин. По интервјуто на Сител, одлучив да те изоставам како коавтор од третата книга.

Радикално го променив мислењето за тебе како човек, во негативна смисла. Особено по настаните од 24 декември бидејќи и ти имаш одредена заслуга за насилството што се случи. Најмногу поради тоа одбив да те поддржам за втор претседателски мандат кога тоа беше побарано од мене на 18 декември 2013 година. Тогаш бев замолен да те поддржам, со образложение дека си „постигнал повеќе од она што од тебе се очекуваше“. Истата оцена ја слушам деновиве од страна на министрите, вклучени во твојата изборна кампања за втор претседателски мандат.

Сепак, немам таква оцена каква што ја имаат министрите и некои   аналитичари од твоето блиско опкружување што посакуваат некоја нова функција, пред сѐ, во дипломатијата. Твојот сегашен претседателски мандат го оценувам негативно, под нивото на мандатите на Трајковски и на Црвенковски. И првиот и вториот оставија барем некакви траги за паметење и за пофалба. Првиот храбро го запре законот за привилегиите на пратениците, а вториот имаше доблест да организира и научни дебати во Кабинетот, иако не беше човек од науката.

Да те потсетам на зборовите што ми ги рече  во твојот кабинет на Правниот факултет во јануари 2009 година, пред да ја почнеш кампањата за прв претседателски мандат:

„Професоре, јас одлучив да се кандидирам за претседател на РМ. Со Никола Груевски разговарав и тој ме поддржува. Тој разговарал и со Али Ахмети за поддршката на мојата кандидатура. Прво вам ви ја соопштувам одлуката. Сакам и вие да ми се придружите. На вас многу сметам. Вие треба да го предводите мојот советнички тим. Во него ќе биде и проф. Јозеф Марко од Универзитетот во Грац. Поддршка добив и од американските професори со кои соработувам“.

Слично им рече и на македонските генерали во хотелот „Континентал“ кога побара од нив поддршка за првиот мандат.

 

СЕ СОГЛАСИ ДА БИДЕШ БЕЗГЛАСЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ

Но, откако стапи на претседателскиот трон, молчешкум се откажа од реченото. Советничкиот тим никогаш не си го викнал да поразговараш за прашања од твојата надлежност. Мене ме одбра за советник за уставни прашања, но никогаш не ме праша за одреден  закон дали е уставен. Ми додели кабинет во претседателската палата,  во мир да ги пишувам нашите заеднички книги, но не и да разговараш со мене за проблемите на уставното уредување во земјата:

„Професоре, одберете си кабинет што ви одговара. Овде ќе имате мир за пишување. Ќе ве чува мојата гарда“!

Само еднаш ми постави едно прашање од уставен карактер:

„Што мислите дали постои уставна основа поранешниот претседател Бранко Црвенковски да троши 8 отсто од Буџетот на претседателот на Републиката, а во исто време да биде и лидер на опозицијата?“.

Прашањето е на место и треба пошироко да се разгледа, ти одговорив. Правата на шефот на државата се утврдени со Уставот, а таму не фигурира правото на пензија со претседателска плата. Ова право Црвенковски го црпи од Законот за правата на претседателот од 1999 година, донесен по престанокот на функцијата на првиот претседател Киро Глигоров. Потоа, привилегиите се двапати надѕидувани високо до „небото“, непознати за мала и сиромашна земја како што е нашата.

По ова што го изложив, можеш да заклучиш дека и јас не ти верувам во тоа што го повторуваш повеќепати „дека си чесен, дека си искрен и дека си вреден човек“. Особено кога тоа го кажуваш во времето на изборната кампања, кога посилно се носи „јаремот на страста“, отколку „јаремот на честа“ или „јаремот на правдата“.

Кажуваш дека не си се променил овие пет години, дека си останал ист и дека си отпорен на привилегиите што ти ги нуди државната власт. Сакаш да кажеш дека си исклучок од правилото, дека си „македонски Ганди“! А не си тоа, ниту сакаш да бидеш. Забележувам катадневно дека не си веќе тоа што си бил пред пет години, дека од човек со збор си се претворил во човек што не држи до збор, од професор си станал државен службеник. Мислам дека со тебе се случува тоа што Монтескје го забележал  во „Персиските писма“, кога е во прашање Ибрахим, чуварот на сарајот во Исфахан: „Ти си повеќе Ибрахим за еден ден, отколку оној Ибрахим што бил десет години“.

Не зборуваш за твојата одговорност, а имаш крупни пропусти и грешки, ретки во споредбеното уставно право. За пет години не си се осмелил да запреш ниту еден од 900 -те донесени закони. Напротив, со тоа се гордееш бидејќи знаеш дека само тоа може да ти ја донесе втората кандидатура. Суспензивното вето го сфаќаш исклучиво како право, а не и како обврска. Се откажа од него целосно, иако е тоа  моќна алатка во твоите раце за ограничување на законодавната власт. Самиот се согласи да бидеш немоќен и безгласен претседател.

 

НЕ ЈА ЗАШТИТИ АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ

 

Во август 2009 година го потпиша указот за прогласување на Законот за Собранието на РМ, без да го консултираш советникот за уставни прашања. Да го запреше, веројатно не би се случило исфрлањето на пратениците од парламентарните клупи на 24 декември. Без расправа го одби и моето барање за запирање на Законот за лустрација од 2012 година. Молчешкум се согласи да им се суди и на починатите лица и Законот да се применува во повеќе  времиња: дамно минато, блиско минато, сегашно и идно време. Таква конфузија на важење на еден закон не е забележана во областа на правото, уште од времето на Хамураби од 1752 пред новата ера.

Ако не ми веруваш, тогаш прочитај го мислењето на Венецијанската комисија од декември 2012 година за тој закон, па ќе видиш што ни се случило и што сѐ може да ни се случи до 2019 година. Станува збор за насилство врз правото и за тешка повреда на човековите права, санкционирани  во две пресуди на Европскиот суд за човекови права од 2006 година. На секој правник што се согласува со таков закон треба да му се одземе универзитетската диплома и повторно да се врати во факултетските клупи.

Не покажа разбирање ни за медиумските слободи, иако беше новинар пред да дојдеш на Универзитетот. Не те трогна ни случајот ,,Кежаровски“, иако тој случај доби меѓународна димензија. Човекот е во затвор затоа што во вршењето на професијата се држел за  медиумските слободи гарантирани со Уставот на РМ. Забележав дека и за тебе зборот „устав“ нема речиси никакво значење. Затоа го стави советникот за уставни прашања настрана, без да ја известиш јавноста за тоа до денешен ден.

Не презеде ништо ни за заштитата на автономијата на универзитетот, иако таму ги стекна сите академски звања, од асистент до редовен професор. Поради тоа расте и незадоволството на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кон тебе, кога е во прашање твојот однос кон високото образование и неговата иднина.

Забележувам дека со омраза зборуваш и за квалитетот на високото образование од времето кога ти си студирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веројатно поради тоа што правните студии си ги завршил со седумка. А по изборот за претседател си станал академик од европско и од светско значење, си се вивнал до „врвовите на Харвард“ и си станал „почесен професор“ на Ломоносов.

 

БЕЗ ОПОЗИЦИЈА, НЕМА ДЕМОКРАТИЈА

 

А сега два-три збора за тоа зошто не треба да го добиеш вториот мандат. Прво и најзначајно е тоа што не си подготвен да бидеш независна личност, што немаш желба да излезеш од рамките на партијата, што стана човек без нови идеи, од полза за иднината на Македонија. Забележувам дека сакаш да бидеш повеќе зависен, отколку слободен и дека повеќе го гледаш личниот, а помалку јавниот интерес.

Се сеќаваш ли на мојата молба да бидеш за нас она што е Иво Јосиповиќ за Хрватска. Тогаш, во писмото што ти го испратив во   јануари 2010 година, те потсетив на изјавата на партискиот лидер Зоран Милановиќ во врска со победата на нивниот кандидат на претседателските избори: „Победи човекот, а потоа партијата“. Ти го одбра второто, не сакаш да бидеш прв, туку втор во хиерархијата на државните функции.

Инсистираш и натаму на периферна улога на претседателската функција. Без да размислиш, ја прифаќаш тезата дека е добро што  „работиш тимски“, дека е полезно за земјата што си „дел од тимот, составен од  пратениците, премиерот, министрите и од локалната власт“. Не сакаш да видиш дека тоа е фузија на различни власти, својствена на собранискиот систем од времето на социјализмот. Со таква теза го уриваш уставното уредување на земјата, засновано врз начелото на поделба на власта, како да правиш „заговор“ против Уставот.

Наведената теза е неприфатлива и од гледиште на парламентарната демократија во Македонија. Во тимот влегуваат само носители на власта, но не и опозицијата, а се претставуваш како претседател на сите граѓани. Опозицијата ја исклучуваш од тимот како да не постои, кон неа имаш негативен однос, како да не знаеш дека без неа нема демократија и напредок на земјата. Сакаше и мене да ме втурнеш против неа, иако знаеш дека сум опозиционер уште од 1994 година, кога ВМРО-ДПМНЕ и ДП ги бојкотираа претседателските и парламентарните избори поради фалсификат.

 

ГЛЕДАШ ВО МИНАТОТО КАКО ДА СИ КОНЗЕРВИРАН

 

Со гордост тврдиш дека му служиш на народот, наведувајќи податок дека преку твојот кабинет на Водно поминале над 5.000 граѓани. А не си одговорил лично на ниту една претставка поднесена од граѓаните. Одговорите си ги отстапил на твоите службениците, како да се работи за нешто што е без значење. Затоа сè што броиш во твојата кампања не треба да се брои. Тоа е мојата порака до граѓаните.

Мотото за вториот претседателски мандат не е јасно ни за граѓаните, ни за науката. Зборуваш дека „државата е пред сѐ“, а притоа не се произнесуваш за каква држава се залагаш, за асномска или за охридска Македонија. А во 2001 година тврдеше дека македонскиот народ со Рамковниот договор престанал да биде „националитет“ и станал „етницитет“. Ако е така, тогаш грешиш кога лесно го одбиваш предлогот на ДУИ за „консензуален претседател“. Од Бадентер, па натаму, сите бараат нови идеи за иднината на Македонија, а ти гледаш во минатото како да си конзервиран.

Да те потсетам на уште еден факт што само ти го знаеш, а од што немаш гајле. Ти реков уште во јануари 2009 година, пред да почне изборната кампања, дека ќе те следам во чекор и дека ќе пишувам книга во која ќе те критикувам најостро, ако отстапиш од високите прагови што ти ги поставив во изборната кампања. Ветено-сторено. Дел од оцените веќе се изложени во моето најново дело „Научно толкување на Уставот на Република Македонија“.

Те поканувам да дојдеш на претставувањето на тоа дело што ќе се одржи на 12 април 2014 година во 15 часот на Саемот на книгата во Скопје. Ќе го чуеш мојот глас изворно за претседателското вето на сите четири претседатели на РМ. Ќе стане збор и за твојот однос кон медиумските слободи, за автономијата на високото образование, како  и за твојата улога во настаните од 24 декември и формирањето на ад хок комисијата за утврдување на уставноста на тие настани.

По прочитувањето на оваа книга ќе видиш зошто не ти ја дадов поддршката за вториот претседателски мандат и зошто би застанал со задоволство зад барањето за твој импичмент, ако тоа го побараат две третини од пратениците од новото избрано Собрание на Република Македонија или 150.000 граѓани. Услови потешки за твој отповик од оние за Шарл де Гол или за Барак Обама!

 

ГОДИШНИ СМЕТКИ НА ПАРТИИТЕ: ВМРО-ДПМНЕ трупа се повеќе недвижности, ДУИ собира се помалку донации!

$
0
0

Текстот е објавен на 21 април 2017 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1124

Државниот завод за ревизија вчера ги објави годишните извештаи за донациите што ги добиле политичките партии минатата 2016 година, според кои, ВМРО-ДПМНЕ по основ на донации, инкасирал 1,9 милиони евра, ДУИ 227.000 евра итн. Фокус неодамна ги објави годишните сметки на партиите за претходната година, кои, меѓу другото, покажуваат дека партијата на Никола Груевски се повеќе го зголемува имотот, додека партијата на Али Ахмети се помалку собира донации. Какви други податоци и трендови откриваат овие сметки?

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека редеше победи на изборите за време на еднодецениското владеење, ВМРО-ДПМНЕ собра и потроши неколкукратно повеќе пари во споредба со политичките опоненти. Тоа ја наметнува дилемата дали како резултат на финансиската моќ, партијата постигна бројни политички успеси, или, пак, може да се постави обратна хипотеза – дали благодарение на политичките и изборните успеси, партијата се повеќе ја зајакнуваше својата финансиска кондиција? Или, пак, можеби едното и другото се испреплетени и заедно коегзистираат?

Како и да е, неспорен факт е дека во касата на партијата на Никола Груевски се акумулираат се повеќе пари од година во година, што со текот на времето ја направи финансиски доминантна во однос на политичките опоненти. Она што е вистински куриозитет, ВМРО-ДПМНЕ потроши и повеќе пари како опозициска партија на изборите во 2006 година, на кои ја презеде власта.

Сепак, тоа беше поврзано со тогашната специфична констелација на односите, со оглед дека тогашниот премиер и лидер на СДСМ Владо Бучковски не се бореше само против ДПМНЕ, туку и против претседателот на државата избран од неговата партија, Бранко Црвенковски, кој сакаше да се врати на чело на СДСМ, но воедно и да му се оддолжи на Груевски поради тоа што му обезбеди цензус на претседателските избори во 2005 година. На тој начин, Црвенковски и Груевски делуваа на иста линија против Бучковски, поради што сите моќни олигарси блиски до Црвенковски го поддржаа Груевски.

Но, оттогаш до денес ВМРО-ДПМНЕ ја инсталираше власта до најситните пори на општеството и партијата ги уриваше рекордите на парите потрошени за време на изборните кампањи, што беше проследено со дузина контроверзи, имајќи предвид дека се разоткри шема на лажно прикажување на средства како донации од партиски симпатизери и поддржувачи. Во меѓувреме, партијата стекна изобилство од недвижен имот, со што го заработи епитетот – најбогата партија во Европа.

Фокус“ од Централниот регистар ги обезбеди и најновите годишни сметки на политичките партии за минатата 2016 година, според кои ДПМНЕ го задржува, па дури и го зацврстува статусот на најмоќна политичка партија гледано од финансиски аспект, со оглед дека партијата минатата година свртела трипати повеќе од најголемиот политички конкурент – СДСМ, а дури десеткратно повеќе од останатите политички субјекти.

Па, какви точно податоци откриваат и какви трендови определуваат овие финансиски извештаи?

КАКО СЕКНАА ВЛАДИНИТЕ РЕКЛАМИ, ТАКА СКОКНАА ПАРТИСКИТЕ ПАРИ ЗА ПРОПАГАНДА

Според годишниот финансиски извештај на ВМРО-ДПМНЕ за 2016 година, партијата остварила приходи од 4,2 милиони евра, што е речиси двојно повеќе во споредба со претходната 2015 година, кога прибрала 2,4 милиони евра, а драматично повеќе од, на пример, 2009 година, кога приходите изнесувале изнесувале само 90.000 евра. Од друга страна, пак, партијата минатата година потрошила околу 4,1 милиони евра, или поточно вишок и останале 111.500 евра. Оттука, ДПМНЕ во 2016 година забележува и значителен раст кај вишокот на средства во споредба со претходната 2015 година, кога разликата меѓу приходите и расходите изнесувала над 48.000 евра.

Како што е познато, законската регулатива пропишува оти политичките партии функционираат како непрофитни организации, кои не смеат да остваруваат профит преку комерцијална дејност, но може да се финансираат преку буџетот, закупнини од недвижности, камати од депозити… Арно ама, најголем извор на приходи на партиите се членарините и донациите, по основ на кои ВМРО-ДПМНЕ минатата година остварила прилив од околу 2,6 милиони евра, што е некаде две третини од вкупните приходи.

Наспроти тоа, партијата пријавила релативно високи обврски кон добавувачи од цели пет ипол милиони евра. Покрај тоа, кај расходната страна значаен одлив на средства се забележува за реклама и пропаганда, за што партијата потрошила 855.772 евра, или двојно повеќе во споредба со 2015 година, кога биле потрошени 432.500 евра. Овде треба да се наведе дека овој период коинцидира со пржинските преговори, во чии рамки политичките парири на крајот на 2015 година се договорија да престанат владините реклами, што наведува кон претпоставката дека во недостиг на владини реклами платени со буџетски пари, најголемата владејачка партија компензирала со партиските средства за пропаганда.

Понатаму, треба да се издвои дека ВМРО-ДПМНЕ минатата година за плати потрошила нешто над 43.000 евра, што е преку 10.000 евра повеќе во споредба со 2015 година. За потсетување, партијата во оваа ставка во 2013 година впишуваше нула денари, а во 2014 година само 3.250 евра, што предизвика реакција и од олеснувачот во пржинските преговори, Белгиецот Питер Ванхауте, кој јавно праша дали вработени во јавниот сектор вршат партиски работи? Поради ваквите прозивки, ДПМНЕ во наредните години ги зголемуваше средствата за плати, од проста причина што и вработуваше луѓе, па така денес на списокот на вработени во партијата се нојдоа и екс министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

Инаку, тие дадоа оставки во екот на политичката криза, настаната по обелоденувањето на аферата со прислушувањето, заедно со екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, чие потесно семејство, пак, влезе во нафтениот бизнис. Неколку месеци по повлекувањето на неговиот татко од јавна служба, неговиот син Јордан Мијалков ја основа компанијата „Бест Веј Инвестмент“, која неодамна ја откупила нафтената компанија „ОМ Петрол Оил“ од бизнисменот Масар Омерагиќ. Опозицијата обвини дека во оваа зделка Мијалкови потрошиле 6 милиони евра, што не беше ниту потврдено ниту демантирано од повиканите.

ДРАМАТИЧНО ЗБОГАТУВАЊЕ НА НЕДВИЖНИОТ ФОНД ЗА 15 МИЛИОНИ ЕВРА

Напоредно со постојаното зголемување на приходите, расте и вредноста на ВМРО-ДПМНЕ, судејќи според податокот дека вкупната актива на партијата во минатата 2016 година изнесувала 26,8 милиони евра, што е за трипати повеќе во споредба со 2015 година, кога активата, т.е. вкупните средства изнесувале 9,2 милиони евра. Впрочем, тоа се должи главно на порастот на материјалните вложувања, кои растат од над 4 милиони евра во 2015 година на речиси 20 милиони евра во 2016 година. Кога се говори за растот на материјални вложувања или за материјални средства, се мисли на растот на фондот на градежните објекти, чија вредност во 2015 година изнесувала под 4 милиони евра, додека во 2016 година достигнале околу 18,2 милиони евра.

Тоа укажува на енормно зголемување на недвижниот имот на партијата. Во тој контекст, СКУП неодамна објави истражување дека ВМРО-ДПМНЕ поседува 93 имотни листови во безмалку сите општини во земјава, но и во странство, во кои е запишана вкупна површина поголема од 33.000 метри квадратни, чија пазарна вредност се проценува на околу 60 милиони евра, при што само новото седиште на партијата во центарот на Скопје вреди околу 40 милиони евра. Колку за споредба, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел поседува имот од 50 милиони евра, што на хартија го прави ДПМНЕ најбогата или попрецизно кажано – најимотна партија во Европа.

Фактот што партијата минатата година ја завршила со нешто над 100.000 евра на партиската жиро-сметка, покажува дека партиското раководство сака да инвестира и да троши пари. Во поткрепа на тоа, партијата дури и пријавила обврски по основ на долгорочни кредити кон домашни банки во износ од 1,5 милиони евра. Во однос на тоа, „Призма“ објави дека ДПМНЕ непосредно пред изборите зела кредит од Комерцијална банка од 3 милиони евра за тековни потреби, за што го ставила под хипотека и новото партиско седиште во строгиот центар на главниот град, кредит од кој половина веќе вратила.

Воедно, финансиската моќ на ВМРО-ДПМНЕ не ја прави само огромниот имот, туку и високиот износ на таканаречени активни временски разграничувања, каде се вкалкулирани однапред платени трошоци или остварени но ненаплатени приходи. Тука партијата прикажала речиси 7 милиони евра, додека во пасивните временски разграничувања, каде се евидентираат однапред наплатени приходи, како и пресметани а неисплатени трошоци, впишала 144.500 евра. Така, партијата допрва треба да види корист од неколку милиони евра.

На крајот, мора да се издвои една ставка за пренесени средства, во која ВМРО-ДПМНЕ запишала сума од 1,4 милиони евра, што се однесува на покривање на минусот на изборната сметка за последните парламентарни избори. Тогаш партијата собра приходи од донатори од околу 300.000 евра, додека за време на изборната кампања потрошила околу 1,9 милиони евра, што значи дека непокриени останале околу 1,6 милиони евра. Разликата од дополнителните 100.000 евра, пак, партијата планира да ја покрие со средства од буџетот, кои и следуваат врз основа на освоените гласови на изборите.

ПОМАЛКУ ПРИХОДИ И ИМОТ, НО ПОВЕЌЕ СРЕДСТВА ЗА ПЛАТИ

Откако Зоран Заев почна да се наметнува во јавноста како сериозен претендент за тронот на „Илинденска“ со објавувањето на таканаречените „бомби“, СДСМ почна да бележи пораст на приходите, но, сепак, партијата, барем од финансиска гледна точка, се уште е инфериорна во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Така, социјалдемократите минатата година собрале околу 1,2 милиони евра, додека на крајот на годината им останал вишок од 2.500 евра. Партиските приходи минатата година се речиси двојно повеќе во однос на 2015 година, но истовремено четири пати помалку во однос на приходите што ги оствари ДПМНЕ во 2016 година.

Сосема вообичаено, повеќе од половина од приходите, или поточно 718.000 евра доаѓаат од членарини и донации. Меѓутоа, тоа е за три ипол пати помалку од средствата што по овој основ ги собрала ВМРО-ДПМНЕ, што е очекувано ако се знае дека секоја владејачка партија има побројно и подисциплинирано членство, додека донаторите, претежно од бизнис сферата, повеќе сакаат да ја поддржуваат власта, за да остварат одредени привилегии. Се разбира, овие цифри треба да се земат со резерва, бидејќи многумина лица кои се најдоа на листите со донатори на ДПМНЕ јавно се огласија дека никогаш не донирале средства за партијата.

Доколку се погледне вкупната актива на СДСМ, пак, таа изнесува 2,2 милиони евра, при што материјалните средства изнесуваат 1,8 милиони евра, од кои на градежни објекти им припаѓаат 1,6 милиони евра, на опрема 144.500 евра итн. Тоа значи дека социјалдемократите поседуваат недвижен имот кој е за 10 пати помал, односно помалку вреден од оној на ДПМНЕ, што претставува најреална слика за таканаречената официјална финансиска моќ на партијата. Впрочем, СДСМ стои послабо во секоја ставка во однос на ДПМНЕ, освен во една – средствата издвоени за плати.

Имено, социјалдемократите во 2016 година исплатиле нецели 105.000 евра за плати, што е барем двојно повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ. Тоа всушност е доволен показател дека СДСМ мора како партија да згрижи дел од своите луѓе, додека нивните противници тоа го правеле на буџетска сметка, вработувајќи луѓе во државни институции, кои паралелно вршат и работи за партиски потреби. Не случајно бројот на административци во јавниот сектор од година во година се повеќе се зголемува, така што, според официјалните податоци, минатата година изнесува речиси 130.000, што е повеќе за 1.300 лица во споредба со 2015 година.

Покрај за реклама (35.000 евра), за транспортни услуги (203.000 евра), партијата издвоила и 406.500 евра за покривање на минусот на изборната сметка. На последните избори, СДСМ собра над 230.000 евра од донаторите, што е драстично повеќе во споредба со двојните парламентарни и претседателски избори во 2014 година, кога собра приходи од 165.000 евра. Наспроти тоа, партијата потрошила 551.500 евра, од кои 355.150 евра за реклама и пропаганда, што е за трипати повеќе во споредба со претходните избори, и од аспект на вкупно трошење, но и во однос на расходите исклучиво за реклама и пропаганда.

СО ПАДОТ НА РЕЈТИНГОТ, СЕ НАМАЛИЈА И ЧЛЕНАРИНИТЕ И ДОНАЦИИТЕ

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, најсилната албанска партија – ДУИ, заедно со партиската криза влегува и во финансиска криза. Ако партијата на Али Ахмети во 2015 година остварила приходи од 563.500, тогаш во 2016 година собрала 378.500 евра. Ваквиот пад е резултат на опаднатиот прилив на средства по основ на членарини и донации, кои во 2015 година изнесувале 235.500, а во 2016 година 5 пати помалку, или само 48.500 евра. Тоа значи дека паралелно со падот на поддршката од граѓаните, „интегративците“ собираат помалку пари од членови и донатори, што се рефлектира на вкупните приходи.

Во поглед на финансирањето на партијата, „интегративците“ привлекоа внимание за време на последните парламентарни избори, кога на листата на донатори се најдоа и неколку компании, кои донираа прилично високи суми. Една од нив беше тетовската „Голец Транс“, која донираше максимално дозволени 30.000 евра, меѓутоа партијата мораше да и ги врати парите, поради тоа што компанијата во моментот на донацијата вршела јавни услуги и работи по пат на договор за јавна набавка. Друга, исто толку интересна донација, беше онаа од „Супорт Солушнс“, основана со странски капитал, во која главен менаџер е братот на директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции Висар ФидаАритон Фида.

За најголемото изненадување на последните избори – БЕСА, се плетеа разни приказни околу нејзиното финансирање, почнувајќи од тоа дека зад партијата стојат моќни бизнисмени од земјава, структури блиски до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, па дури и до емирот на Катар, ама финансиските извештаи на партијата донекаде ги демантираат таквите шпекулации. Односно, младата албанска партија во подем минатата 2016 година остварила приходи од 58.500 евра и расходи од речиси 70.000 евра, што ја прави единствена партија од таканаречената „голема четворка“ која изминатава календарска година ја завршила во минус.

Но, доста илустративно е тоа што БЕСА од членарини и донации остварила приходи во висина од нецели 57.000 евра, што е за десетина илјади евра повеќе од ДУИ, што може да се толкува како сигнал дека додека ДУИ ги губи членството и донаторите, се повеќе граѓани и бизнисмени ја поддржуваат БЕСА. Од друга страна, БЕСА за реклама и пропаганда минатата година потрошила буквално нула денари, додека ДУИ потрошила близу 100.000. Голема разлика меѓу двете партии се воочува и при средствата за плати, за што што БЕСА издовила нецели 2.000 евра, а ДУИ 10 пати повеќе, односно над 20.000 евра.

Врз основа на сето тоа, може да се изведат неколку заклучоци. Прво, ВМРО-ДПМНЕ од година во година се повеќе ги зголемува вкупните приходи, но и го збогатува фондот со недвижности, што ја прави убедливо најмоќна партија од финансиски аспект. Второ, по финансиската криза што се соочи за време на десетгодишната опозициска депресија, СДСМ полека но сигурно, како што се факторизира на политички план, така и финансиски закрепнува, но се уште е далеку од финансискиот арсенал со кој располагаат нејзините главни противници. И трето, по намалената поддршка ДУИ собира се помалку средства, како резултат на намалените приливи од членарини и донации, кои, пак, се зголемуваат кај БЕСА.

Кога тоа ќе се собере и одземе, испаѓа дека парите се битни, ама не се никаква гаранција за политички успех, имајќи предвид дека на последните избори ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ излегоа безмалку изедначени, додека БЕСА сериозно се заканува да ја престигне ДУИ.

Иако истече законскиот рок

ПАРТИИТЕ СЕ УШТЕ НЕ ГИ ЗАТВОРИЛЕ ИЗБОРНИТЕ СМЕТКИ

Политичките партии и коалиции што учествуваа на последните парламентарни избори се уште не ги затвориле трансакциските сметки, отворени специјално за изборната кампања, иако законскиот рок во кој требаше да го сторат тоа истече на крајот на минатиот месец, потврдија од најголемите политички партии.

Како што велат за „Фокус“ од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, Државната изборна комисија од нив побарала да ги остават сметките активни се додека не им ги исплати средствата од буџетот што им следуваат согласно освоените гласови на изборите.

Од ДИК, пак, ни изјавија дека за да ги исплати овие средства, Собранието треба да донесе одлука за определување на надоместокот за трошоци кон партиите, откако претходно ќе ја деблокира работата и ќе избере претседател.

Инаку, Комисијата треба да им исплати на партиите вкупно околу 300.000 евра, при што по над 100.000 евра треба да добијат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, околу 22.000 евра треба да добие ДУИ, додека останатите пари ќе ги поделат другите партии и коалиции.

Со оглед дека ДИК ги прогласи конечните резултати од изборите на крајот на декември, по прегласувањето во Теарце, согласно законскиот рок, партиите требаше да ги затворат изборните сметки на крајот на март.

Како комичните сцени во Собранието се изродија во тешка „касапана“!

$
0
0

Текстот е објавен во неделникот Фокус на 28 декември 2012 година.

Неколкугодишната политичката криза во земјава кулминираше по изборот на нов собраниски спикер на 26 април, кога луѓе упаднаа во парламентот и повредија дел од пратениците од новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ. Но, не е прв пат собранието да биде арена каде се водат жестоки пресметки меѓу политичките противници, кои знаат да ги надминат демократските граници и да преминат во силување на демократските процедури. Да се потсетиме што се случуваше во Законодавниот дом во 2012 година, кога на на 24 декември власта на ВМРО-ДПМНЕ физички ја отстрани опозицијата за да го донесе буџетот за следната година.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

По бурната 2011 година, пред сѐ поради предвремените парламентарни избори, актуелната 2012 година, на политички план почна релативно мирно и тивко, иако заврши бурно и стравотно. Кратко речено, годинава што изминува главно ја одбележаа серијата опозициски митинзи низ Македонија во рамки на промоцијата на кандидатите за градоначалници, откако претходно целокупната македонска опозиција се обедини во еден сојуз. Потоа, навидум внатревладината битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, предизвикана од серијата националистички потези на двете страни, кои непланирано или фингирано, сеедно, ги поткопаа меѓуетничките односи. И на крајот, двојниот неуспех на интеграциски план, бидејќи земјава повторно не стана членка на НАТО и не доби датум за преговори со ЕУ.

Но, меѓу таканаречените крупни политички настани, овие дванаесет месеци понудија низа гафови, киксови, потфрлања од страна на политичарите, како и нивни свесни меѓусебни навреди и вербални напади, кои кулминираа со физичка пресметка меѓу спротивставените политички страни. Во храмот на демократијата – Собранието, опозицијата веќе не учествува откако беше насилно отстранета од собраниското обезбедување по налог на власта!

ЛОПОВИ, АПАШИ… ИЛИ ВЛАДА НА ВМРО-ДПМНЕ

Вообичаено, парламентот е една до главните арени каде што се води политичката борба, па логично, во голема мера токму таму се изразуваат политичките конфронтации. Ако ги селектираме најинтересните моменти наназад, очекувано почетната точка е собраниска расправа околу усвојувањето на буџетот за следната година, кој власта насилнички, надвор од деловничките процедури, законот и Уставот, го истурка по секоја цена. Според многумина, овој процес предизвика таква драма, зачинета со дејство кое може да се опише како трагикомично.

Имено, се почна кога владејачките пратеници се обидоа да ја започнат работата на Законодавно-правната комисија. Поради решителноста на опозиционерите да не дозволат ова работно тело да расправа за амандманите додека тие не поминат на комисијата за финансирање и буџет, настана тотален карамбол. Така, опозициските пратеници ја саботираа работата на седницата, па кога сдсмовската пратеничка Билјана Казанџиска го повлече микрофонот на претседателката на комисијата Благородна Дулиќ, кабелот на микрофонот го скрши ноктот на Дулиќ, кој мораше да го бандажира, бидејќи, нели, може да си направи поголема штета. Во момент на нервоза, пак, на истата седница Дулиќ му довикна на прилепчанецот Горан Сугаревски дека не се наоѓа меѓу мајмуни од Прилеп, реагирајќи на неговото викања.

Во целата каша, Драгиша Милетиќ од српските радикали влезе во вербална пресметка со координаторката на пратеничката група на владејачката партија Силвана Бонева. Тоа го предизвика нејзиниот колега Илија Димовски да возврати, покажувајќи со прст кон Милетиќ, што пак, го испровоцира радикалот да се втурне кон Димовски и тој да го впери својот прст кон неговото лице. Притоа, дојде и до минимален контакт, додека во меѓувреме се случија неколку закани.

Инаку, потпретседателот на Собранието од редовите на социјалдемократите Јани Макрадули го предупреди Димитрија Стевананџија – да не си игра, откако вмровскиот пратеник му подметнуваше апарати за снимање. Набргу потоа, Макрадули неколку минути говореше од говорница речиси истовремено со Владанка Авировиќ од социјалистите. Претседавачот со комисијата, Горан Мисовски од НСДП, пак, саркастично прокоментира дека Авировиќ со попречување на говорникот фактички го опструира носењето на буџетот.

Во продолжението на буџетската расправа, конфликтот се движеше кон кулминација, бидејќи опозиционерите свиреа со труби и вувузели, ја пееја химната, и извикуваа – „лопови, лопови”! Мисовски, како одговор на забелешката на Илија Китановски дека србокомунистите употребуваат српски зборови, посочи дека македонската верзија на овој збор е „Влада на ВМРО-ДПМНЕ”. Или пак, додаде тој, уште еден синоним за лопов е прекарот на вмровскиот градоначалник на Демир Капија – Апаш!

КОЈ Е БАНДИТ И ИДИОТ, А КОЈ КОДОШ И ДЕБИЛ?

Додека сето тоа се случуваше, со удари во стомакот и падови на глава, албанските пратеници, пред сѐ, оние од власта, беа целосно дистанцирани, тивки и мирни. Многумина зад кулисите се шегуваа дека тие се заразиле со тактиката на молчење, која во народниот дом ја промовираше координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, обидувајќи се, на тој начин, да го троши времето со цел да не помине законот за посебни права на бранителите.

Поточно, на почетокот говореше маратонски, но најверојатно откако ги потроши сите мисли, одлучи да молчи, бидејќи и онака, ефектот е ист без разлика дали комуникацијата е вербална или невербална. Меѓутоа, најинтересен дел беше кога го прекрши молкот со стихови од македонскиот поет Ацо Шопов, од песната Тишина: „Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече”.

За разлика од креативноста на „интегративците”, албанската опозициска партија бараше директна и безмилосна блокада на овој, за нив антиалбански и дискриминаторски закон. Во таа насока, овластениот предлагач на законот Веле Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ бараше кратење на говорите и бројот на реплики неколку пати во низа, а мнозинство од пратениците ги прифаќаше предлозите, Зијадин Села побара пратениците да гласаат дали собранието да му изгради куќа на Георгиевски, сакајќи да направи карикатура од начинот од одлучување. Села отиде и еден чекор понатаму кога на истата седница најави дека ако има потреба, ќе го запалат парламентот за да го блокираат законот, при што извади запалка за да демонстрира сериозност.

Кога станува збор за албанските пратеници, тие најжестоко се судрија за време на седницата за интерпелација на владата, кога двете страни разменија најсочни навреди. Тогаш, министерот за економија Валон Сарачини од албанската владејачка партија ги нарече своите конкуренти бандити, поради начинот на однесување и стилот на облекување. Но, не му останаа должни ниту пратениците од ДПА, ословувајќи го Сарачини како дебил, кој нема ниту две чисти. Во тој контекст, двете страни за малку ќе се степаа кога Имер Алиу од опозициската партија го нарече колегата Џевад Адеми кодош. Во контранапад, Адеми ги ослови сите од ДПА како идиоти.

Наспроти оваа енергичност, Алиу покажа игнорантски однос кон Изет Зеќири од третата албанска парламентарна партија НДП, кога одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека не знае кој е тој. Извесен период пред тоа, координаторот на пратеничката група на ДПА распали по Зеќири на една од седниците за пратенички прашања, бидејќи со своите десетици прашања и потпрашања дејствувал во прилог на власта на која и одговара неполезно арчење на времето. Арно ама, пратеникот на НДП на овие потценувања, дека, со други зборови – не е никој и ништо, прокоментира дека тој е човекот кој вработил член од семејството на оној што го прозива!!!

ОД КОМЕДИЈА ДО ТРАГЕДИЈА

Дури и кога атмосферата во законодавниот дом не беше толку тензична и напната, одвреме-навреме некој ќе ја разбиеше монотонијата. Еден од нив Ромео Тренов, со пораката дека владата ќе троши колку што сака, објаснувајќи – власт сме или што сме!

Исто така, вреди да се спомене и легендарната вмровска пратеничка Бети Кузмановска, која, како што самата изјави, е горда послушничка на премиерот. На тој начин, Кузмановска испровоцира реакции од колешките од опозицијата, дека и треба ладен туш, за да се отрезни. Покрај тоа, се уште сите ја паметат црната шега на Павле Саздов од Канада за едноминутно молчење за опозиционерот Тито Петковски, за, според Саздов, политичката смрт на Петковски!

Од друга страна, овие пораки можеби заслужуваат да не се третираат како моментален испад, туку како елемент кој открива цел еден концепт во суштината на владеење. Тоа најјасно дојде на израз со исфрлувањето на новинарите и опозиционерите од Законодавниот дом, за кој спикерот Трајко Велјановски велеше дека изобилува со демократија, бидејќи новинарите се чувствувале како дома, а опозиционерите ги имале сите права. Дури, замислете, на координациите први биле послужувани со кафе. Сепак, на крајот, чувството на опуштеност и лежерност покрај домашното кафе се претвори во симболично кажано – касапана за противниците!

Бисер на годината
ЛАЖЕШ КУРВО – НЕ ЛАЖАМ!

Гафовите што допреа до пошироката јавноста не беа дел само од Собранието, туку се случуваа и надвор од него. За време на еден од „спонтаните” протестите против опозицијата, кога еден од луѓето кои се незадоволни поради тоа што СДСМ веќе седум години не му ги исполнува неговите барања(!?), некој сочно му довика – „лажеш курво!”, тој мртов ладен, го порекна обвинувањето дека лаже. Во однос, пак, на етикетата, не изусти ниту збор!

Киксовите на премиерот
ХИПОКРИТ ИЛИ ХИПОКРАТ, АЛТРУИСТ ИЛИ АУТИСТ?

Премиерот Никола Груевски постојано потенцира дека неговиот лут ривал Бранко Црвенковски вешто манипулира со масите, бидејќи бил одличен и слаткоречив говорник. Не навлегувајќи дали со тоа признава дека е свесен за своите слаби говорнички способности, јасно е дека слабо му одат странските јазици откако бараше помош од Виктор Мизо за да прочита една реченица на англиски јазик, односно на латиница.

Неговите последни киксови, кои подразбираат сосема погрешна употреба на некои зборови од латинско потекло, беа мета за исмејување на некои интернет медиуми и социјалните мрежи. Меѓу нив, секако, е употребата на синтагмата „хипокритовата заклетва”, наместо „хипократова заклетва”, со што го помеша терминот кој означува лицемер со заклетвата на докторите која се претпоставува дека ја дал таткото на медицината Хипократ.

Деновиве, пак, говорејќи за лидерот на СДСМ, тој ги помеша поимите алтруист и аутист, од кои првиот значи несебична грижа за другите, а вториот нарушено функционирање и дејствување.

За разлика од него, скопскиот градоначалник Коце Трајановски беше актуелен со две реплики – „да му е..м мајката” и „ова да не ти се повтори”, алудирајќи на потфрлувањето на некои свои подредени!

Мирниот и повлечен претседател
ЗОШТО ИВАНОВ НЕ НАПРАВИ ГАФ

Сите што ги паметат изјавите на претседателот Ѓорге Иванов кога за разумен компромис понуди дефиниција разумен компромис и кога за македонската демократија објаснуваше дека е како „космодиск” – изгледа шашаво, ама функционира, се чудат кога ќе помислат дека изминатава година Иванов не направи ниту еден гаф. Ваквата констатација најверојатно немаше да биде реална ако претседателот беше поактивен во јавноста и не се криеше на вилата во Водно кога земјава беше обележувана со албански знамиња, а власта и опозиција се во невиден конфликт до сега, со тенденција да прерасне во граѓанска војна. Арно ама, првиот човек од државава не пропушти прилика за време на задолжителното обраќање пред пратениците, нетипично за неговата уставна улога во една држава, да им префрли на опозиционерите дека не сториле ништо за државата кога имале прилика, односно, кога биле на власт!

Архива: Таткото на Антонио Милошоски си купил општинско земјиште и училиште

$
0
0

 

Текстот е објавен на 6 јули 2012 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 888

Фамилијата на Антонио Милошоски во текот на вчерашниот ден стана повторно актуелна во јавноста откако тој објави дека во дворот на неговите родители била поставена експлозивна направа. Според него, бомбата била кукавички наместена со цел да ги убие или рани неговите родители. Бомбата ја нашол неговиот татко, Милош Милошоски додека работел во семејниот двор во с.Ижиште. Полицијата соопшти дека успешно ја демонтирала направата и работи на расчистување на случајот.

Таткото на Милошоски и претходно бил актуелен во јавноста со повеќе контроверзии. Фокус пишуваше за влијанието на семејството Милошоски во Авто-мото сојузот на Македонија, каде е вработен неговиот брат, како и за кичевското Здружение на возачи каде беше инволвиран неговиот татко.

Во продолжение сторијата во која Фокус пишуваше за Милош Милошоски, таткото на поранешниот министер за надворешни работи и сегашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој ја купил зградата на основното училиште во селото Ижиште, Македонски Брод, за четири илјади евра, што го потврди договорот до кој дојде „Фокус“. Освен евтината училишна зграда, Милошоски добил уште една поволна зделка. Дворот околу неа му бил продаден за само 100 денари од метар квадратен и за 747 метри квадратни платил 74.700 денари или околу 1.200 евра. Договорот за “Фокус” го потврди и продавачот на имотот, градоначалникот на општина Македонски Брод, Милосим Војнески!

Пишувала Кристина ОЗИМЕЦ

Живо пиле нема преку ден во селото Ижиште, кое се наоѓа во општината Македонски Брод. Селото кое брои едвај триесетина куќи е речиси напуштено, а во него едвај живеат неколку старци. Ижиште, и покрај неизмерните природни убавини, засега не е популарно кај туристите жедни за селски туризам, но затоа општинската зграда на Пласница, која е сместена на самиот почеток од ова село, има голема популарност. Во јавноста стана позната откако Милош Милошоски, таткото на поранешниот министер за надворешни работи и сегашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, ја купи заедно со дворното место за околу 30-тина илјади евра. По реакциите во јавноста, Државниот инспекторат за локална самоуправа ја прекина постапката бидејќи не биле почитувани законите и работата стигна дури до Уставниот суд. Но, во ова село неколкуте жители не знаат многу за ваквите договори и продажби. Таму животот тече поспоро од било каде. По качување нагоре надолу по ридиштата на селото од речиси  еден час, конечно екипата на „Фокус” виде жив човек. Постар, изморен дедо кој дошол до куќата на два дена, за да го провери овоштарникот и дворот. Прашавме како е да се живее во Ижиште и дали има по некој турист, авантурист, заинтересиран за селски туризам.

„Нема никој овде, дали двајца, тројца сме, раштркани по планиниве. Ниту издава некој, па да може да дојдете. Празно е, никој нема. Само за Водици се полни. Тогаш и амбасадори ни доаѓаат на гости, со Антонио ни доаѓале овде, полно е амбасадори за Водици. Оти татко му од овде е… Ене и онаа зградана ја имаат земено под концесија”, ни покажа дедото кон напуштената зграда од некогашното селско основно училиште.иво пиле нема преку ден во селото Ижиште, кое се наоѓа во општината Македонски Брод. Селото кое брои едвај триесетина куќи е речиси напуштено, а во него едвај живеат неколку старци. Ижиште, и покрај неизмерните природни убавини, засега не е популарно кај туристите жедни за селски туризам, но затоа општинската зграда на Пласница, која е сместена на самиот почеток од ова село, има голема популарност. Во јавноста стана позната откако Милош Милошоски, таткото на поранешниот министер за надворешни работи и сегашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, ја купи заедно со дворното место за околу 30-тина илјади евра. По реакциите во јавноста, Државниот инспекторат за локална самоуправа ја прекина постапката бидејќи не биле почитувани законите и работата стигна дури до Уставниот суд. Но, во ова село неколкуте жители не знаат многу за ваквите договори и продажби. Таму животот тече поспоро од било каде. По качување нагоре надолу по ридиштата на селото од речиси  еден час, конечно екипата на „Фокус” виде жив човек. Постар, изморен дедо кој дошол до куќата на два дена, за да го провери овоштарникот и дворот. Прашавме како е да се живее во Ижиште и дали има по некој турист, авантурист, заинтересиран за селски туризам.

Но, се лаже. Зградата не е под концесија, туку е продадена.

ЖИВО ЏАБЕ – УЧИЛИШТЕ ЗА 4 ИЛЈАДИ ЕВРА!

Поранешното основно училиште се наоѓа на почетокот од селото Ижиште, на една височинка, педесетина метра пред бензинската во селото. Руинираната зграда не вреди многу, но земјиштето околу неа е атрактивно бидејќи е покрај самиот автопат. Некој со малку фантазија овде би можел да заклучи дека местото е идеално за развој на бизнис од хотелиерството или спа ресорт, со оглед на планинскиот воздух и близината на селскиот извор кој се наоѓа на само 200 метри од него, или, пак, на некој друг бизнис од областа на угостителството. Купувач на училишната зграда е познатиот кичевски бизнисмен Милош Милошоски, истиот купувач и на контроверзната општинската зграда на општина Пласница. Според договорот за продажба склучен во октомври 2009 година до кој ексклузивно дојде „Фокус”, општината Македонски Брод претставувана од градоначалникот на општината Милосим Војнески му ја продала зградата на Милош Милошоски од Кичево. Зградата на училиштето има површина од 219 метри квадратни и по претходно донесена одлука од Советот на општина Македонски брод и по два пати објавен јавен оглас за продажба, таткото на пратеникот од владејачката партија ја купил за четири илјади евра.

„Продавачот е сопственик на недвижност на зграда основно училиште во с.Ижиште општина Македонски Брод, која е заведена во имотен лист бр.389 КПР.бр.749 со површина од 219 метри квадратни и не е активно по претходно донесена одлука од Советот на општина Македонски Брод и по два пати објавен јавен оглас за продажба, на кое наддавање најповолна сума понуди купувачот Милошоски Милош од Кичево”, се наведува во договорот.

Понатаму, со анекс договор составен на 4 јануари 2012 во просториите на општината Македонски Брод, без претходно објавен тендер, Војнески на Милошоски му го продава и дворното место на училиштето по цена од 100 денари за еден метар квадратен, односно за 747 метри квадратни тој плаќа само 74.700 денари или околу 1.200 евра. „Продавачот е сопственик на недвижен имот односно дворно место на училишната зграда во с. Ижиште општина Македонски Брод, која по претходно легално спроведена постапка училишната зграда е продадена на купувачот со договорот бр.05-996/3 од 16.10.2009 година. Советот на општина Македонски Брод донесе одлука за продажба на дворните места на училишните згради кои се неактивни кои се во сопственост на општина Македонски Брод бр.07-322/17 од 31.03.2010 година по утврдена цена од 100,00 денари за еден метар квадратен”, пишува во анексот до кој дојде „Фокус”.

Веднаш по уплатата на парите, според овој договор, купувачот Милошоски се стекнува со право на сопственост на дворното место кое припаѓа на училишната зграда во ова село. Дека продажбата се случила ни потврди и пратеникот Ердоган Сарач од Движењето за национално единство на Турците, кој на неколку наврати во парламентот реагираше за продажбата на општинската зграда во Пласница. Вели дека иако Министерството за локална самоуправа формирало комисија и донело одлука да биде стопирана постапката за Пласница, останатите работи поминале онака како што сакал градоначалникот на општината.

БЕЗ ТЕНДЕР, САМО СО АНЕКС!

– Не знам зошто јавниот обвинител не покренал никаква постапка по овие предмети. Ние сметаме дека мора Македонија да биде правна држава и го повикуваме јавниот обвинител да реагира за случајот со училиштето кое е купено за четири илјади евра, а земјиштето за само 100 денари од квадрат – вели Сарач за „Фокус”.

Според него, постои можност имотот да е препродаден на друго лице од Кичево!

Слична реакција има и градоначалникот на општина Пласница, Исмаил Јахоски. На прашањето, како е можно државно земјиште да се распродава по вака ексклузивно ниски цени од 100 денари за метар квадратен, тој вели – „сѐ е можно”.

– Кога тие се дрзнаа да ја земат општинската зграда, истите луѓе сега го земаат училиштето и сѐ е можно, тоа е истата приказна како со општинската зграда Пласница. Татко му на Антонио Милошоски ја купи земјата – објаснува Јахоски.

„Продавачот”, пак, на евтиното државно земјиште, градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, има друг став. На враќање од Ижиште го посетивме во неговата канцеларија и го прашавме која е логиката и ќарот на општината да продава државно земјиште за 100 денари квадрат?

– Не е државно, општинско е земјиштето. Општинско е друго, државно е друго. Советот на општина Македонски Брод донесе одлука дворните места на продадени училишта, напуштените, како зградата на општината, тој што ќе ја купи зградата, да ги купи и дворните места за 100 денари. Може дворното место да го купи тој што го купил објектот. За зградата имаше тендер, за сите дворни места беше без тендер – посочи Војнески.

На прашањето, дали смее да продава земјиште без јавен тендер, тој одговори:

– Советот донесе одлука без тендер да се продава, зашто не може друг да го купи земјиштето, може да го купи само тој што го купил објектот, не може објектот да го купи еден, а дворното место да го купи друг. Тоа е една привилегија за купувачите што го купиле објектот.

Градоначалникот на општина Пласница, Исмаил Јахоски, не се согласува со коментарите на градоначалникот на Македонски Брод, Војнески. За тоа дека општината смее да го продава земјиштето зашто е општинско, а не државно, вели дека ниедно земјиште не е општинско. – Ниту Владата, ниту кој било друг има право така да го распродава без тендер јавното земјиште. Зошто државниот обвинител не реагира, само тој знае. Прво се продава објектот, а потоа со анекс земјиштето. Зошто со анекс? Зошто немаше тендер, па можеби некој ќе понудеше и сто илјади, а не сто денари за него? И, како може договорот да биде солемизиран на нотар во 2012 година, а договорот да е склучен во 2009 година, тоа ми е апсолутно несфатливо – вели Јахоски, кој додава дека општината испратила и допис до Министерството за внатрешни работи, зградата на училиштето да се употреби за полициска станица, но тоа со оглед на околностите најверојатно нема да се реализира.

КУПЕНО ЛИ Е ДРУГО УЧИЛИШТЕ?!

Според стенографските белешки од 22 седница на Собранието, одржана на 26 јануари годинава, пратеникот Ердоган Сарач поставил пратеничко прашање до премиерот Никола Груевски, каде прашува – како му било дозволено на Милош Милошоски да купи општински згради и училиште?

„Градоначалникот Милосим Војнески, врз основа на одлуката на Советот на општината, објавува оглас за продажба на недвижен имот во сопственост на општина Македонски Брод, и тоа основно училиште во село Горно Крушје, општинска зграда на Пласница, општина Пласница. На огласот соопштува дека продажбата ќе се изврши на ден 23.12.2011 година во зградата на општина Македонски Брод. Тоа значи дека вие имате сознанија дека такво дејство ќе се случи, бидејќи дописот на општината е од 13.12.2011 година. Според изјавата на градоначалникот Војнески, на усното наддавање се јавува еден купувач по име Милошоски Милош од Кичево, инаку нам познат како татко на поранешниот министер за надворешни работи и сегашен актуелен пратеник, господинот Антонио Милошоски, кој по цена од 29.200 евра ја купува општинската зграда на Пласница, а веднаш потоа се прави анекс на договор на 4 јануари 2012 година, каде што го купува и дворното место од 3.920 квадратни метри по цена 100 денари по квадратен метар – елаборираше Сарач.

Тој од собраниската говорница се обрати: „Почитуван премиер, сметам дека во оваа купопродажба има судир на интереси, што е забрането со закон. Корупција, непотизам и секако сомнеж за бесправно богатење. Мене, како претставник на Турците во овој парламент и пратеник од оваа изборна единица, навистина ме загрижува оваа купопродажба. Јавно ве прашувам, дали ќе дозволите, поради коруптивни дејствија на ваши најблиски соработници да ги жртвувате одличните меѓунационални односи меѓу Турците и Македонците од овој крај и дали некој ќе одговара за овој криминал – праша пратеникот, истакнувајќи  дека во огласот ја пишува и цената за училиштето – 5.700 евра.

На неговото прашање одговори повиканиот, премиерот Груевски.

– Тоа што можам да го кажам е да го потенцирам оној факт што и самиот го спомна дека, ако таму има некоја грешка, таа е направена во времето кога се делеле општините и кога се правел делбениот биланс. Мислам дека и тој самиот во неговото излагање кажа дека тогаш е направена грешката, со тоа што укажа дека потоа имало некакви писма испраќани кон Владата. Не негирам дали имало или не, бидејќи не знам – одговара премиерот.

Тој додаде дека Владата не може да поништи договор, бидејќи не е потписник на тој договор и не е страна во договорот.

– Ниту продаваме, ниту купуваме. Се работи за односи меѓу други лица. Единствено што можеме да направиме е да ја испитаме процедурата, дали е во ред, за што Владата расправаше и формираше одредена комисија што деновиве или во наредните недела-две треба да ја испита процедурата, дали сѐ било според законот, дали имало повреда на процедурата. Ние не сме тие кои можеме да поништиме или да кажеме дека е нешто добро, односно да не поништиме, затоа што ние не сме учесници како Влада во тој дел. Така што, господинот Сарач веројатно ќе биде информиран кога ќе заврши тоа истражување што го прави Владата од неколку државни институции, кои треба да ја проверат законската постапка што се случувала, дали била во ред – објасни  премиерот Груевски.

Градоначалникот на општина Пласница, Исмаил Јахоски, за „Фокус” вели дека Владата неодамна донела одлука за растурање на договорот, но истакна дека таа не е спроведена.

И покрај тоа што поминаа неколку месеци, Владата уште не превземала конкретни мерки за расчистување на случајот. Во меѓувреме, Милош Милошоски доби уште една поволна зделка, на сличен начин како што ја доби општинската зграда на Пласница, за која имаше бура од реакции во јавноста. Земјиштето во Македонски Брод се распродава со анекс договори и без тендер, за само 100 денари од квадрат, а надлежните засега замижуваат дека постои проблем!

КАКО НАСТАНА СКАНДАЛОТ „ПЛАСНИЦА”?

Зградата на општината Пласница стана позната во јавноста откако медиумите објавија дека таткото на екс-министерот Антонио Милошоски ја купил сосе дворното место од речиси четири илјади метри квадратни, за триесетина илјади евра, поради што најверојатно општината ќе остане без простории. Градоначалникот на општината Пласница, Исмаил Јахоски, јавно обвинуваше дека зделката е направена тајно и нелегално во продажба договорена меѓу градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески и Милош Милошоски. Во медиумите реагираше и Милошоски, кој уверуваше дека општината нема да остане без простории, и понуди таа бесплатно да го користи објектот одреден временски период, доколку се договорат за тоа. Државниот инспекторат за локална самоуправа и општината Пласница  до Уставниот суд поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуката, бидејќи, според нив, одлуката била незаконита и спротивна на Уставот во поглед на законските овластувања при начинот на спроведување на постапката!

Милош МИЛОШОСКИ: ОБРАТЕТЕ СЕ ВО МАКЕДОНСКИ БРОД!

„Фокус” го контактираше и купувачот на училиштето и на дворното место во Ижиште, Милош Милошоски, за да го праша како успева да купи земјиште за толку ниски цени.

– Јавете се во општината Македонски Брод и таму сѐ ќе ви кажат, значи јас не можам ни да купувам, ни да продавам. Пријатно – кусо, по телефон, рече Милошоски.

Тој не ни одговори за тврдењата на пратеникот Ердоган Сарач од Движењето за национално единство на Турците, дека постои можност да го препродал имотот!

KОЛКУ ЧИНИ СЛОБОДАТА?

$
0
0

Пишувал: Никола Младенов

По 16 години, неделникот „Фокус“ прераснува во дневен весник. Во 1995та, тој беше со нетрпение чекан од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ. Денес, пак, на него се радуваат блиските на СДСМ. На почетокот бевме етикетирани како вмровци, денес сме жигосани како комуњари. Нормално, од власта. Или, поточно, од политичките партии, кои својата превртливост сакаат да ја оправдаат со некаква наша недоследност.

Демек, ние сме биле тие што сме ја менувале страната. Вистината, пак, е сосема спротивна. Политичките партии беа тие што ги менуваа ставовите, во зависност од тоа, дали стануваа власт или заминуваа во опозиција.

Штом ќе се добереа до власта, веднаш почнуваа да мрштат чела на сѐ што ќе се дрзне да ги критикува. Паднеа ли од неа, автоматски вклучуваа мозок и го констатираа отсуството на можноста за слободно мислење и негово јавно изразување. Во тие моменти, среде паднатите властодршци, „Фокус“ в миг се трансформираше од црн ѓавол, кој не им давал мир додека владееле, во безмалку единствен простор за пласирање на нивните опозициски мислења!

Очигледно, ништо не се променило во политички плуралната Македонија. Таа е само формално таква, а во суштина е сестра-близначка на социјалистичката и претходничка. И денес, како и тогаш, власта не избира средства во битката со оние што не мислат како неа. Настојува да ги замолчи на секој можен начин.

Едни паѓаат на привилегиите што им ги нуди, други пропаѓаат во монтирани процеси од секаков тип, до кои никогаш не би дошло, доколку жртвата свиткала ’рбет и продолжела да пее по владејачките ноти. Законот повторно не важи за сите.

Тоа, пак, нѐ води до непомирливиот спор меѓу „Фокус“ и секоја власт. Ние сакаме општество на слободни луѓе, кое нуди еднакви шанси за сите, тие сакаат збирштина од безрбетници, кои успеваат благодарејќи на слепата послушност на партиското племе. И тука  нема компромис!

За да дојдеме до посакуваната цел, за да станеме дел од современиот европски свет, ние мораме да создадеме простор за различното мислење, кое ќе се соопштува без страв од какви било последици.

За таа цел, неделната доза се покажа недоволна, па, еве, стигнавме до дневен „Фокус“. Во таа битка вложуваме сѐ. Го заложуваме сопствениот личен и професионален интегритет. Неделниот „Фокус“ ги вложува сопствените средства во дневното издание, за да остане свој, за да можеме секому да му кажеме што мислиме.

Но, многу повеќе, за да ги охрабриме сите граѓани, да знаат дека не се сами во желбата за создавање услови за живот, достоен на времето што го живееме. Со таа мисла, ве повикувам на ова возбудливо патување, кое на крајот ќе покаже дека нема цена што не вреди да се плати, за да се стигне до слободата. Само така ќе стигнеме до Македонија, во која народот ја контролира власта, а не таа него. Која и да е.

ПОРТРЕТ НА ГОРДАНА ГЕШКОВСКА: Обвинителка по ќеф на Фамилијата

$
0
0

Текстот е објавен на 13 август во неделникот „Фокус“

Услов за напредок во обвинителската кариера е обвинителот да има голем успех во постапувањето по предметите. Поточно, обвиненијата да му се цврсти како карпа, за да може и пресудата да се заснова на нив и да биде издржана. Анализирајќи ги, пак, поголемите предмети зад кои стои името на актуелната скопска јавна обвинителка Гордана Гешковска, не се добива таков впечаток. Таа напредувала во кариерата иако дел од предметите ѝ паѓале како круши, односно не добиваат зелено светло од Апелација. Сега, пак, е исправена пред нов предизвик, дали да ги гони тие што ја „искачија“ на врвот!

 Пишува: Валентина Стојанчевска

Правосудните грешки многу скапо ги чинат граѓаните. Покрај нанесената неправда и изгубените години поминати низ судските лавиринти, а неретко и зад решетки, тие завршуваат и со нарушено здравје и углед, а понекогаш ги губат и семејството и работата.

За разлика од нив, пак, тие што ги сториле грешките, судиите и обвинителите, не се соочуваат со никаква санкција и не остануваат без работа, туку напротив, без пречка напредуваат во кариерата. Судиите се правдаат дека судат во името на народот, а обвинителите ја застапуваат државата, па и едните и другите се дистанцираат од индивидуална одговорност.

Славица Ристевска, по 17 години успешна полициска кариера, веќе осум години е без работа, и тоа не по сопствена вина, туку поради грешка на правосудниот систем. Таа и уште 46 колеги, царинари и келнери, во 2007 година, во случајот „Поткуп“, кој требаше да го означи стартот на „борбата“ на ВМРО-ДПМНЕ против корупцијата, беа уапсени поради сомнеж, а подоцна и обвинение, дека примиле мито.

Предметот најпрвин беше во рацете на актуелниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски, но поради тогашното унапредување во скопски јавен обвинител, го наследи сегашната шефица на скопското обвинителство, Гордана Гешковска.

Судењето траеше четири години, по што обвинетите, по неколку месеци поминати во притвор и доживеани страшни трауми, добија ослободителни пресуди. Но, овој професионален неуспех ниту за момент не ја уназади или забави кариерата на Зврлевски или на Гешковска, туку напротив, како да ја забрза. За разлика од нив, Славица и ден денес е без работа.

Речиси сите овие случаи што требаше да посведочат за борбата на власта против организираниот криминал, на крајот, за жал, сведочеа само како примери за партиски егзекуции, што беше нотирано и во многу меѓународни извештаи. И во извештајот на Прибе е нотирано дека судството се наоѓа во партиски стеги, односно дека власта се меша во работата на третата власт, која секогаш не работи според Уставот и законите, туку според партиски нарачки.

Она што најчесто ги открива нарачките е фактот што обвинителните акти се пресликани зборови од полициските кривични пријави, а пресудите, пак, се препишани обвиненија. Доказите ги нема, но затоа секогаш имаат при рака некој заштитен сведок.

Јавна тајна е дека обвинителите и судиите кои, пак, постапувале во политички монтираните случаи, и кои иако не добиваа зелено светло од повисоките судски инстанци, завршуваат со скок во кариерата, иако основниот услов за напредок е успехот во постапувањето по предметите.

ГЕШКОВСКА ПО ВТОРПАТ ПАДНА НА СЛУЧАЈОТ „ИЗГРЕВ“

Фотелјата на Гешковска не ја разниша ниту неуспехот што го доживеа како обвинител во долгогодишниот судски случај „Изгрев“.

Од случај кој на стартот беше претставен како мегаскандал, поради наводна милионска финансиска малверзација, извршена од двајца браќа бизнисмени, сѐ поочигледно е дека ќе заврши како случај кој е срам за македонското правосудство и обвинителство, бидејќи навидум зацементираното обвинение се сруши како кула од карти.

Предметот во судските лавиринти е заглавен седум години, а неодамна првостепената пресуда по вторпат падна на Апелација, поради што на обвинетите ќе им се суди по третпат. Со првата пресуда, првообвинетите браќа Димитар и Георги Миладинови беа осудени на по 6,5 години затвор, а со втората на две и 2,5 години, што повеќе наликуваше на казна што е срочена колку да го покрие времето што го поминаа во притвор. И на двете судења, пак, обвинителката Гешковска го форсираше истиот обвинителен акт, иако уште првиот пат Апелациониот суд ја укина пресудата по барање на Вишото јавно обвинителство, кое потврди дека во него имало грешки, а постапката била водена погрешно и немало докази.

Токму затоа браќата побараа нејзино изземање од предметот и ја обвинија за наводна релација со судии и полициски инспектори што профитирале од судски процеси. Како што тогаш наведоа во барањето за изземање, имале сознанија за корумпираност и криминал директно од Гешковска, бидејќи и на повтореното судење, таа настапила со идентично обвинение.

Имаме сознанија за корумпираност и ги знаеме релациите. Со овој случај се докажа дека некои структури се посилни и од главниот и од вишиот обвинител, изјави тогаш Георги Миладинов.

Обвинителката можеше и да се повлече од случајот, бидејќи тогаш доби унапредување, а предметот остана под капата на обвинителството за организиран криминал, но таа реши да го води сѐ до неговата завршница.

Сега останува непознато дали Гешковска повторно ќе го води предметот, бидејќи од службата за односи со јавноста на обвинителството не одговорија на нашите прашања. Таа дури не се појави на објавувањето на последната пресуда. Засега едно е сигурно, дека процесот ќе се води пред нов изменет судски совет, по барање на Апелациониот суд.

Браќата Миладинови истакнуваа дека сега очекуваат ослободителна пресуда, со што ќе се стави крај на седумгодишниот терор.

Додека во Македонија има личности како Гешковска што работат по „налог“ и извршуваат партиски и бизнис-егзекуции, нема иднина во ниеден сегмент од општеството. Поради ова, јас лично барав нејзино изземање и бев одбиен од нејзиниот ментор. Барав случајот да го води обвинител со дигнитет и независен, впрочем како што налага законот кој треба да ги штити интересите на граѓаните, а не на поединците. Оној момент кога личности како Гешковска ќе заминат во историјата од сите пори на општеството, тогаш ќе имаме поле за рамноправен натпревар и развој со семејството на демократските европски народи, вели Георги Миладинов за „Фокус“.

НА ПОЧЕТОКОТ НА КАРИЕРАТА НАБАВУВАЛА ХАРТИЈА ЗА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Откако „Изгрев“ првпат падна на Апелација, Гешковска јавно беше укорена од тогашниот републички јавен обвинител Љупчо Шврговски. Тој дури во јавноста даде изјава дека Гешковска и уште една нејзина колешка, кои работеа предмети во одделот за организиран криминал, „немаат интелектуален капацитет за да постапуваат по предмети од областа на организиран криминал“.

Шврговски, уште претходно не ѝ ја даде поддршката на Гешковска кога се избираше за обвинител во организиран криминал во 2008 година. Тој гласаше против нејзиниот избор, но таа беше избрана и без неговиот глас. Пред изборот, Шврговски ја разреши од специјализираното одделение за борба против организираниот криминал и беше прераспределена во Скопското обвинителство, поради неефикасност во работењето.

Но, и покрај острите забелешки на Шврговски, обвинителката продолжи да ги работи предметите што предизвикуваа голем интерес во јавноста. Дел никако да добијат зелено светло од Апелација, а тие што поминаа, пак, добија епитети на политички монтирани случаи.

Текот на кариерата на Гешковска е познат во изминативе десет години, а од претходно не може со точност да се утврди, бидејќи никаде не може да се најде нејзината биографија. На сајтот на Јавното обвинителство е поставена само биографијата на Зврлевски, но не и нејзината. На интернет може да се најде податокот дека на 14 април 1998 година била избрана за заменик јавен обвинител во Скопје. Тогашниот избор се вршел во Собранието, а за неа гласале 69 пратеници.

Она што успеавме неофицијално да го дознаеме за нејзините почетоци е од разговор со нејзини поранешни колеги. Ни раскажаа дека кариерата ја почнала во тогашното Општо јавно обвинителство во Скопје, каде што работела како економ, односно административен работник, кој бил задолжен за набавка на хартија, пенкала, односно канцелариски материјали за потребите на обвинителството.

ОБВИНИТЕЛКАТА ШТО ДОДАВА НУЛИ

Повеќе од седум години низ судските лавиринти се влече и случајот „Змиско око“. И во овој предмет на обвинителката Гешковска ѝ беше тешко да ја докаже вината на 63-та обвинети за наводни финансиски малверзации на патарините. Со првата првостепена пресуда затворска казна добија 13 од обвинетите, но таа беше укината од Апелација, бидејќи истражните мерки не докажале ништо, а, исто така, забележаа и дека не е утврден износот на нанесената штета.

Воедно и падна тезата на обвинителството дека дел од обвинетите сториле злосторничко здружување. На повтореното судење, затворска казна добија само десетмина од обвинетите, а останатите добија условни казни или ослободителни пресуди.

Сега повторно се чека воспитната шлаканица од второстепениот суд. Дел од обвинетите ја тужеа и државата во Судот за човекови права во Стразбур, поради времето од 21 месец што го поминаа во притвор, а за кој предлозите ги даваше скопската јавна обвинителка. Судот пресуди во нивна корист, а истото го стори и за случајот „Изгрев“, кога одлучи дека браќата незаконски поминале 23 месеци во притвор.

Гешковска се „прослави“ и со случајот „Пајажина“, во кој првообвинет беше сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски. Покрај политичката заднина на случајот, додека го пишуваше обвинителниот акт, обвинителката направи и сериозна грешка. Односно, утна во пресметките за висината на наводно затаениот данок, кој го зголеми за неверојатни 1,5 милион евра. За изненадување, тогаш Шврговски застана во нејзина одбрана, односно истакна дека нејзината техничка грешка не влијаела врз самиот тек на постапката.

Гешковска не сакаше ниту да се повлече од случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смиљковско езеро, иако во тој период беше унапредена. Овој случај сега е пред второстепениот суд, а набргу се очекува одлука на Апелација.

Обвинителката, во овој случај, се задржа на насоките што ѝ беа дадени од МВР, односно дека станува збор за припадници на исламскиот радикализам, кои војувале во исламските земји, а убиството го извршиле поради заплашување на македонското христијанско население. Сепак, македонската јавност докрај не беше убедена во мотивот, а не се докажа ниту тезата дека обвинетите војувале во странство и дека се исламски радикали. Таа вниманието дополнително го сврте кон себе за време на завршните зборови за случајот, кога говореше во име на обвинетите и изговараше реченици кои тие никогаш ги немаа кажано, со што наводно го признале делото.
Не е случаен денот Велики четврток, кога се случи убиството кај Смилковци. Намерата била да се убијат само машки млади лица од македонска националност и христијани. Пораката е – пукаме на Велики четврток. Заклучок – за да ви биде крвав Велигден. За да ви ја уништиме верата. Пукаме во машки млади луѓе за да ви ја уништиме нацијата. Заклучок – пукаме во иднината на државата. Зар ова не говори доволно за мотивот за извршување на кривичното дело и за намерата да се предизвика чувство на страв и несигурност кај граѓаните, праша Гешковска во завршниот збор.

На нејзиниот начин на изразување жестоко реагираше народниот правобранител Иџет Мемети. Тој тврдеше дека обвинителката не постапила професионално и дека само се обидувала да задоволи нечиј ќеф.

Гешковска ја предводеше и невообичаената прес-конференција, летото 2013 година, на која информираше за сообраќајката во која загина новинарот Никола Младенов, а на која присуствуваа и обвинителот Зврлевски, претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, истражниот судија Душан Јосифов и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Сите собрани заедно истакнаа дека сообраќајката во која загина Младенов е несреќен случај, и покрај многубројните отворени сомнежи и дилеми на кои не дадоа одговор.

Најголема енигма се чини беше исчезнувањето на мобилниот телефон на новинарот, за кој Гешковска истакна дека не го нашле, но не го ни барале бидејќи не бил потребен?! Исто така, сомнеж отвори и верзијата за тоа како е откриена несреќата. Според првата верзија, Младенов бил лоциран според мобилниот телефон, а потоа Гешковска рече дека несреќата ја пријавиле двајца вработени во „Македонија пат“. Таа негираше и дека новинарска екипа на „Нова Македонија“ пронашла фискални сметки од патарини на местото на несреќата и дека тие биле предадени во полиција, иако новинарите го тврдеа спротивното, за што имаа и доказ.

ЈАНКУЛОСКА И МИЈАЛКОВ ЈА ИЗБИРАА ГЕШКОВСКА, А СЕГА ТРЕБА ДА ГИ ГОНИ

 Името на Гешковска се појави и во прислушуваните разговори што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Објавувајќи ја 20-та бомба, Заев истакна дека граѓаните ќе слушнат како директорот на УБК Сашо Мијалков со министерката Гордана Јанкулоска, по претходна координација со јавниот обвинител Зврлевски одлучуваат кој ќе биде избран за јавен обвинител. Разговорот наводно е воден на 17 април 2013 година, а наредниот ден Гешковска беше избрана за заменик на републичкиот јавен обвинител.

Сашо Мијалков: Види, утре треба да се бираат, ќе ја бираме Гордана Гешковска, знаеш тоа?
Гордана Јанкулоска: Аха, да, да, нели тоа шо договоривме.
Сашо Мијалков: И треба да се бира еден јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.
Гордана Јанкулоска: Аха. Така.
Сашо Мијалков: Дали имаш ти некоја ургенција?
Гордана Јанкулоска: Абе види, нели тогаш ги гледавме ние заедно ако ти текнува, кога бевме кај Марко. Ние ургенции имаме, ама работава е што таму по закон само со академија може да се бираат. И тоа беше проблемот. Знаеш, нема веќе од надвор.

Од разговорот се заклучува дека луѓе од владата решаваат кој да биде избран за обвинител, иако формално тоа го врши Советот на јавни обвинители, составен од „независни“ членови.

Пред да стапи на оваа функција, Гешковска работеше како обвинител во Обвинителството за организиран криминал, како дел од тимот составен во времето на ексобвинителот Александар Прчевски.

Сепак, набргу, по само еден месец од изборот, обвинителката ја замрзна новата функција, бидејќи беше избрана за шефица на Скопското јавно обвинителство, со мандат од четири години.

На обвинителката Гешковска, која е надлежна за постапување по предметите од незаконското прислушување, со именувањето на специјален обвинител, според договорот за излез од политичката криза, би требало да ѝ се симне товарот од нејзините плеќи. Но, таа и понатаму ќе продолжи да им ја решава судбината на „обичните“ смртници.

ГЕШКОВСКА СТОЕШЕ И ЗАД ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ГОЛЕМОТО УВО“

Во рацете на обвинителката Гешковска, сега се и материјалите од „бомбите“ што ги објави опозицискиот СДСМ. По многубројните критики во јавноста и најавата дека специјален обвинител ќе постапува по овие предмети, обвинителството излезе со соопштение. Од таму уверуваа дека почнале да работат, а на распит повикале и дел од властодршците, но не и премиерот Никола Груевски, иако од СДСМ и против него поднесоа кривични пријави. Неговото име никаде не се споменува во долгото соопштение.

Интересно е тоа што обвинителката има искуство со вакви предмети, односно во 2001 година таа го потпиша обвинението против тогашната министерка за внатрешни работи Доста Димовска, по објавувањето на аферата за прислушување „Големото уво“, а истрагата ја водеше сегашниот јавен обвинител Зврлевски. Предметот заврши со аболиција што ја потпиша тогашниот претседател Борис Трајковски.

ОБВИНИТЕЛКАТА ЈА ЧУВА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ

Од крајот на 2012 година, обвинителката Гешковска е во постојана придружба со полициско обезбедување. Ѝ беше доделено откако се зафати да го пишува обвинителниот акт против осомничените во случајот „Монструм“. Обезбедувањето ѝ е сенка и додека е во судница, но и откако ќе ѝ заврши работното време.

Не се плашам. Јавна тајна е и дека имам обезбедување. Но, и без тоа се чувствувам безбедно. Работам според законот и немаше да се занимавам со оваа работа ако се плашев, изјави Гешковска за „Дојче веле“.

ГЕШКОВСКА БЕЗ ИМОТ!

На сајтот на Државната комисија за спречување на корупцијата може да се забележи дека обвинителката Гешковска пријавила имотна состојба во времето кога била на функцијата заменик јавен обвинител.

Во извештајот пишува дека поседува трансакциска сметка и две денарски платежни картички, но нема податок колку средства има на нив. Во извештајот не пријавила никаков имот, туку само се посочува имотот на нејзините родители, а тоа е стан од 70 квадратни метри, во вредност од 19.500 евра.

 


Психолошка анализа на „победничкиот“ говор на Груевски: Вештачка еуфорија на патолошкиот лажго

$
0
0

Текстот е објавен на 16 декември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1106

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Иако вечерта на 11 декември ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на парламентарните избори, сепак во партискиот штаб не можеше да се забележи победничка еуфорија, а разочарувањето, стравот, немирот и збунетоста од изборниот резултат можеше да се види на лицата на сите присутни министри, пратеници, новинари, актери и други симпатизери на партијата на власт, кои со нетрпение ги очекуваа резултатите.

Ако се направи споредба со последните неколку изборни циклуси, може да се забележи голема разлика во нивното однесување. Досега вмровците само два часа по затворањето на избирачките места излегуваа на прес-конференции на секои 15 минути и прогласуваа победа, најпрвин во селата, а подоцна и во поголемите градови. Таа улога беше резервирана за Влатко Ѓорчев, кој го паметиме по легендарните зборови „Победивме и во Могила, во Чешиново – Облешево, во Новаци…“ Нешто по 22 часот владејачката партија веќе почнуваше да ја слави победата на плоштадите низ државата, а поранешниот премиер Никола Груевски со долг говор, кој секогаш го чита од лист хартија, еуфорично тврдеше дека и овојпат ја „згазиле“ опозицијата.

Но, оваа година тоа не се случи. Во барокното седиште вечерта поминаа најдолгите неколку часа во кои го немаше вообичаеното расположение, а изостана и брифирање на новинарите. Партиските челници се појавуваа одвреме-навреме, но ништо не зборуваа, очекувајќи ги резултатите во страв.

Некаде доцна по полноќ, откако партијата доби податоци за пребројаните гласачки ливчиња во речиси сите избирачки места низ државата, на говорницата во штабот се појави лидерот Груевски. Тој уште еднаш прогласи победа, но овојпат не звучеше премногу сигурно, соопштувајќи ја само разликата во гласови меѓу двете најголеми партии, а не и добиените мандати. Неговиот говор со аплауз го проследија Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Владимир Пешевски, Зоран Ставрески, Никола Тодоров, Никола Попоски

За да ви го доловиме психолошкиот портрет на Груевски, одлучивме да поразговараме со лекар од областа на психијатријата, кој од стручен аспект го објаснува однесувањето на првиот човек во партијата и неговите најблиски соработници во изборната ноќ, како и за време на кампањата.

ЗНАЕ ДЕКА ЛАЖЕ И ВЕРУВА ВО ТОА ШТО ГО ЛАЖЕ

Невропсихијатарот Мице Дудучки од Куманово, во последните две децении интензивно се занимава со социјалната психијатрија и редовно ги следи политичките и социоекономските случувања во земјата. За време на неговото дваесетгодишно работење, тој тврди дека стекнал целосна слика за општествената психоза во која функционира државата од нејзиното осамостојување, па сѐ до актуелните настани.

Дудучки додава дека успеал да стекне слика и за психолошкиот профил на луѓето од политичкиот естаблишмент, особено кога тие се на власт, но и да направи увид во нивната психопатологија. Властодршците, според него, се со изразена способност за манипулирање и склони се кон секаков вид измама и злоупотреба на другите, а за своја лична корист. Тие редовно наметнуваат свои ставови и идеи на другите, со цел да ги контролираат.

Обично се вели дека власта е таа што го расипува човекот, а јас го тврдам обратното, дека расипаниот човек ја злоупотребува и ја расипува власта, а жртвите се секако граѓаните на нашата земја – тврди невропсихијатарот.

Изборната кампања, според Дудучки, ги соголила до експлицитност психолошката и психопатолошката структура на политичарите, особено тие во државниот врв. Во текот на изборната кампања, која не била ниту коректна, ниту цивилизирана, за првпат се покажало црнилото во душата на владејачката врхушка, ама и стравот од евентуален изборен пораз.

Тоа најмногу можело да се забележи кај лидерот Груевски, во „победничкиот“ говор вечерта на 11 декември, во кој преовладувала анксиозноста изразена преку говорот на неговото тело. На неговото лице се гледала извештачена, неприродна насмевка на циничност, која, и покрај лошата, лажна актерска игра, била јасно видлива за публиката што го следела обраќањето.

Безизразното лице, вештачката моторика, која беше во спротивност со вистинските емоционални доживувања, од кои доминантна беше анксиозноста, но и субјективното чувство на дебакл поради нереализирање на желбите за најмалку 63 пратеници ја карактеризираа лажната еуфорија на Пировата победа, поточно субјективното чувство на доживеан пораз – тврди Дудучки.

Самата негова појава и начинот на кој им се обрати на граѓаните во доцните часови покажува дека кога е во прашање Фамилијата и лицето НГ, тоа прераснало во изразена социјална анксиозност, несигурност и страв како да се работи за прашање на живот или смрт, а не за најобично примопредавање на власта што во секоја држава треба да претставува нормален процес.

Како во говорот во изборната ноќ, така и во кампањата, според Дудучки, можела да се забележи психопатологијата на карактерот на Груевски.

Со поставување знак на равенство меѓу изборен пораз и губиток на слободата, односно правна завршница за автократското и деспотско владеење и практицирање на власта, станаа манифестни и оние психопатолошки нишки во карактерот на властодршците, од типот на „псевдологија фантастика“, кога тој знае дека лаже, но верува во тоа што го лаже, а уште пострашно е и тоа дека и другите веруваат во тоа што го лаже (минхаузеновски). Односно, ветува „брда и долини“ до преувеличување на добивките кои нѐ очекуваат во блиска иднина, персонифицирани во она „ЌЕ“ кое е идно време од глаголот ЛАЖАМ. Во оваа ситуација, значи, се работи за патолошки лажго – истакна Дудучки.

НЕМОЌ И СТРАВ ОД ГУБЕЊЕ НА ИЗБОРИТЕ

Дудучки ги анализира и гестакулациите на лидерот на ДПМНЕ, начинот на кој зборуваше ноќта пред присутните во партискиот штаб и ја соопшти победата. Забележително е, вели нашиот соговорник, што Груевски повторуваше исти реченици и фрази и правеше непотребни движења и дејства.

На тој начин партискиот шеф за првпат по толку години пред јавноста ја покажал својата немоќ, страв од губење на изборите, што од друга страна би претставувало и отворање на патот кон губење на слободата затоа што на врат му стојат обвинувања од Специјалното јавно обвинителство за нарачаните шамари врз градоначалникот на скопската Општина Центар, Андреј Жерновски, како и за други обвиненија за кривични дела што ги чувме во „бомбите“.

Според невропсихијатарот, наместените гестикулации на Груевски даваат јасна слика за лошата психичка состојба не само на „вождот“, туку и на останатата дворска „булумента“, кои несвесно го поддржувале во неговата психопатолошка манифестација.

– Во тој момент на прогласување победа, Груевски покажува фаца на разочараност, а всушност треба да биде насмеан. Исто така, карактеристично беше и папагалското повторување на истите зборови (ехолалија) како тоа дека Зоран Заев ќе ја федерализира Македонија и ќе воведе двојазичност на целата територија на државата. Тука се и тие извештачени движења (ехопраксија) со кои од една страна сака да се прикаже како победник, а свесен е дека тоа не е – додава Дудучки.

Според него, во повеќе јавни обраќања во кампањата и приватни разговори што ги чувме во „бомбите“ на опозицијата, кај Груевски на површина испливале длабоко скриените пориви да го уништи противникот, во овој случај Заев и неговите најблиски соработници.

Можевме да ги забележиме и скриените садистички пориви од типот „а да свршиме работа со динамит“, до изразите како „му тече низ ногавици“ и повикувањето на „легендарниот“ Андон Ќосето да ја завршел приказната со клетите опозиционери. Ваквата манифестна слика на помешано чувство на страв и несигурност и внатрешна борба со самиот себе, која не може да ја сокрие е израз на истрошеност на и онака скромните ментални капацитети, па ваквите манифестации беа само врв на ледениот брег, односно експлицитна форма на психопатологијата на режимот – вели Дудучки.

Според Дудучки, со психопатологијата на Груевски биле „инфицирани“ и останатите членови на Фамилијата, кои ги следат стапките на својот лидер и дозволуваат да веруваат во она во што верува самиот.

По само пет дена од изборите, сѐ уште може да се види нервозата кај луѓето од врвот на владејачката партија, кои излегуваат на победнички прес-конференции, кои личат на сѐ, само не на победнички. Иако резултатите сѐ уште не се конечни, партијата на Груевски доби два мандати повеќе од опозицијата, но стравот и несигурноста во говорите и во очите на лидерот покажуваат дека се плаши од тоа ВМРО-ДПМНЕ да оди во опозиција, зашто ќе му биде загрозена слободата.

 

Рамка1

ХОРХЕ ПРВИ ПАЉУРСКИ КУТРИОТ

Дури два дена по изборите, со своја изјава во јавноста се појави и претседателот Ѓорѓе Иванов, кој истакна дека по конституирањето на Собранието ќе го додели мандатот на партијата што има мнозинство во парламентот. Во меѓувреме, Иванов беше тема на потсмев на социјалните мрежи затоа што како шеф на државата исчезнал и како по традиција нема став за тоа како поминале изборите.

Невропсихијатарот Дудучки говори и за психолошкиот профил на шефот на државата, кој во последниот период стана актуелен откако помилува 54 функционери и бизнисмени, со што ги крена граѓаните на нозе, кои повеќе од два месеца протестираа против аболицијата.

Со сила наметнатиот претседател е од типот „јас не сум од овде“. Тоа е типична слика за марионета на Фамилијата, кој веројатно залутал во политичкиот живот и од никаде станал претседател, и тоа во два мандати – вели Дудучки.

Тој додава дека најверојатно интелектуалниот дефицит, недоволната едукација, независно од тоа што е универзитетски професор и уште неколку влијанија од Фамилијата го довеле во ситуација да донесува противуставни и протизаконски одлуки.

Иванов донесе аболиција на воените злосторници, помилување на криминалната врхушка во власта, а подоцна направи и лигаво покајничко повлекување на одлуката. Неговата никаква комуникација со функционерите од негов ранг или со европската и светска политичка елита го доведе во ситуација на аутосеквестрација, односно изолација и како овенат фикус да го чека крајот на своите срамни мандати. Тој не си ја врши функцијата за која е поставен, се крие цело време, ама затоа, пак, редовно се појавува на пастрмајлијади, пивтијади, калинкијади, ракијади – додава невропсихијатарот.

Дудучки вели дека ќе остане срамот на идните генерации да им објасниме каков претседател сме имале цели осум години.

Историјата дава ликови од типот на Карло Велики, Пипин Малиот, Јован Без Земја, Иван Грозни, а нашиот придонес кон светската историја ќе биде во ликот и делото на Хорхе Први Паљурски Кутриот – додава невропсихијатарот.

Рамка2

Груевски не може да склопи две просто проширени реченици

 Невропсихијатарот Дудучки вели дека за време на „владеењето“ на ДПМНЕ социјалната психијатрија ќе пишува томови стручна литература за општествената реалност. Тој е особено фасциниран од интелектуалниот капацитет на екс премиерот, кој не може да се спореди со сите досегашни.

Груевски одржува празни говори во кои се чувствува неговиот интелектуален дефицит, кога не може да склопи две просто-проширени реченици, кога не разликува аутизам од алтруизам и Хипократ од Хипокрит – вели Дудучки.

Кога Никола сакаше Охридското езеро да го направи море…

$
0
0

Колумната е објавена на 06.03.2015 година во Фокус.

Пишувал Владимир ЛАЗАРЕВИК 

Тоа беше една од оние седници на Владата на Република Македонија развлечени како психоделичен локум од 12 напладне, па сѐ додека може да се издржи. Јас во тоа време често го менував министерот Селмани, кој беше и вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор. Така имав можност да учествувам на повеќе владини седници.

Точка на дневен (по полноќен ред) е како да привлечеме повеќе туристи во Охрид. На седницата беше поканет да учествува и еден разумен човек, кој во тоа време ја вршеше функцијата државен секретар во Министерството за животна средина, Дејан Пановски, од Охрид. Претседателот на Владата се обраќа до членовите со креативен предлог:

„Што мислите да ја извадиме сета трска од езерото, да нема повеќе трска, непречено да можат луѓето да пливаат во езерото“?

Реакцијата на членовите на владата е збунувачка и најголемиот дел од нив молчат. Сепак, во одговор на овој предлог, својот глас на разум дава Дејан. Вели:

„Претседателе, видете, не можеме да ја извадиме трската од езерото зашто ќе го нарушиме целиот екосистем во езерото. Токму во трската се мрести крапот“.

Груевски го гледа, нѐ погледнува и нас, и му вика:

„А бе, Дејан, сега ние крап ќе мрестиме или туризам ќе тераме во Охрид“?

 ПСИХОДЕЛИЧНА ВЛАДИНА СЕДНИЦА

 Со оглед на тоа дека не се донесе финален заклучок, дали ќе се вади или нема да се вади трската од Охридско Езеро, креативноста на предлозите продолжува понатаму. Никола се фокусира да ги извади камењата и вели:

„А што мислите ние да ги извадиме сите камења од брегот на Охридско Езеро и да ги замениме со песок? Сѐ песочни плажи да има низ целото охридско крајбрежје“.

Миле, спремен како и секогаш, вика:

„Па, претседателе, видете, не знам со квалитетот на песокот како ќе се справиме. Ќе мора да донесеме од Грција, во Македонија нема таков песок. Посебна калибража на песокот треба, треба она, треба ова“.

Дискусијата се развива и се даваат предлози од каде ќе се донесе песокот, од некоја река во Грција, од ваму, од таму. Дејан Пановски повторно се обидува да внесе малку разум во предлозите:

„Претседателе, не можеме во Охрид песок да ставиме на плажите“.

Никола го прашува: Зошто? Па, вели, поради тоа што Охридско Езеро е немирно, има големи бранови и целиот песок ќе го повлече езерото.

Никола го погледнува и излага со најкреативниот предлог, барем на кој јас сум сведочел, што не ја исклучува можноста креативноста да се има надминато во годините потоа. Па, вели:

„Зошто да не направиме едно парапетче околу цело езеро, едно така 20 см високо, и пред влегување во вода, го рипнуваш парапетчето, и песокот си останува на плажите и сѐ е ок“?

Настапува тишина, не знам за другите, но јас знам дека имав чувство, кое до ден-денешен ме држи, а тоа е дека не ми се верува дека е ова седница на Влада на Република Македонија. Просто човек си мисли дека ова е скриена камера или Џон Клис и Монти Пајтон ја презеле власта. Како денес помнам дека излегов од седницата, се фатив за глава и си викам, Владо, човече, ова не се издржуе.

Во тој момент излегува и Ивица Боцевски, кој во тоа време беше портпарол на Владата. Сметајќи го за разумен човек во тоа време, му велам, Ивица, бе човече, дај да бегаме, ова е луда работа. Тоа беше 2007 година. Ивица ми вика, не Владо мора да останеме, во институциите се прават промените. А бе, му возвраќам, да, во институциите, но кога со вакви предлози се излегува, ќе излудиме.

Сепак, се чини дека стигнавме и до 2015 година, при што креативноста на предлозите на Никола несомнено ги има доживеано своите најславни периоди во годините во кои јас повеќе не сум можел да сведочам и ќе мора некој друг да пренесе дел од атмосферата во која биле поставени членовите на Владата. Имено, Зоки Ставрески тоа на еден мошне сликовит начин го долови преку своите разговори со Горде Јанкулоска.

Она што, исто така, ми остави впечаток е дека јас оваа приказна, кога Никола сакаше да го направи Охрид море, ја имам раскажувано безброј пати во кругот на пријателите со кои се дружам. Сум ја раскажувал и на студентите на кои им предавам. Мислам дека речиси секогаш на луѓето не им се верувало дали ја зборувам вистината или не. Но, сигурен сум, а тоа и со Ивица заеднички своевремено го имавме констатирано, дека кога ќе се отворат стенограмите од седниците на Владата за млади истражувачи што ќе сакаат да работат на теми поврзани со критично носење одлуки и креирање политики на ниво на Влада, ќе се отворат уште безброј вакви приказни.

Она што секогаш е фантастично и допрва ќе биде предмет на долгогодишни научни и комични анализи е моќта со која дел од ваквите креативни предлози се реализираа. Моќта со која луѓето беа и сѐ уште се спремни да ја поддржат лудоста. Иако не сум бил во можност да сведочам, речиси сум сигурен дека креативноста на идеите поврзани со „Скопје 2014“ е настаната токму на една таква креативна психоделична владина седница, која со текот на времето се има надградувано и проширувано. Но, што би рекол Никола, вистината е како шило, боде, боде и на крај ќе излезе на површина.

Шилегов: Латас има луксузни куќи распослани на 7.000 квадратни метри во Зелениково

$
0
0

Уредникот на ТВ Сител и професор на Европскиот универзитет Драган Павловиќ Латас поседувал огромен луксузен имот за кој тешко можат да се најдат конкретни податоци за големината и бројот на парцели во институциите, обвини СДСМ уште пред три години.

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов на прес конфернеција во 2014 година излезе со документи за имотите кои ги поседуваат Павловиќ Латас и неговиот брат повикувајќи ги институциите да одговорат зошто имотните листови не содржат детални информации за видот и големината на имотот.

-Латас немал само 4 фирми кои функционирале на познатата адреса Градски стадион без број. Куќниот пријател на премиерот Никола Груевски, уредникот Драган Павловиќ, немал само една фирма преку која свртел 250 илјади евра во една година.

Павловиќ и неговото семејство немале само 3 стана во вредност од околу 400 илјади евра.

Заедно со својот брат, медиумскиот могул на ВМРО-ДПМНЕ поседува недвижен имот со површина од над 7.000 метри квадратни во општина Зелениково.

Илјадници метри квадратни, во најголем дел купени во 2011 и 2012 година. Во истите години кога Павловиќ свртел 250 илјади евра и кога семејството Павловиќ се стекнале со два стана.

Според овој имотен лист, број 135, од катастарска општина Градовци, Драган Павловиќ Латас поседува градежно неизградено земјиште од 4.803 метри квадратни во местото Гуменја. Неговиот брат, на истото место, Гуменја, поседува 2.205 метри квадратни, исто така градежно неизградено земјиште.

Дополнително, според овој имотен лист, браќата Павловиќ поседуваат и друг недвижен имот, во истата општина, кој наводно го купиле со Договор за купопродажба склучен во ист ден, 2010 година.

Но, овој имотен лист, број 328, катастарска општина Грдовци, открива и нов скандал. Имено, никаде во имотниот лист не стои што всушност поседуваат браќата Павловиќ и со која квадратура. Воопшто не е наведен бројот на катастарската парцела, катастарската култура, намената, површината.

Дополнително, семејството Павловиќ поседува и друг недвижен имот, со незапишани права, и, исто така со непозната квадратура.

И скандалот не завршува тука.

На дел од имотот на браќата Павловиќ изградени се луксузни куќи, за кои не може да се потврди дали се легални, дали се во фаза на легализација или воопшто не фигурираат како имот.

Јавно прашуваме, дали сите овие луксузни објекти се изградени на имотот на Павловиќ и поседуваат ли газдите имотен лист за нив?

Која државна институција одобрила впишување на имот за кој нема информација колкав е и за каков имот станува збор?

Со овој нов скандал, медиумската корупција на Владата на Никола Груевски добива нова димензија за која државните органи и институции треба да дадат одговори.

Дали Драган Павловиќ Латас ги искористил врските со власта, на највисоко ниво и легализирал имот кој не може да се легализира?

Како тоа уредници на медиуми, успеваат да бидат и управители или сопственици на неколку фирми, да бидат и бизнисмени, да вратат по 250 илјади евра годишно, да имаат по неколку стана и да поседуваат огромно земјиште?

Зголемувањето на имотот на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ оди рака под рака со зголемувањето на имотот на главните протагонисти на власта во медиумите. Очигледно, наклонетоста на медиумите и главните уредници има и трета димензија, а тоа е личното богатење, завршува Шилегов на денешната прес конференција.

Како автопатот Миладиновци – Штип поскапе двојно

$
0
0

Текстот е објавен на 17.03.2017 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1.119

Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека отвара истражна постапка во врска со реализација на проектот за изградба на автопатските делници финансирани со кинески кредит. Во рамки на предистражната постапка, СЈО утврдило дека 4 лица, спротивно на правилата за јавни набавки и на условите на кинеската влада и кинеската Ексим банка, избрале изведувач што имал поскапа понуда од втората компанија што конкурирала на тендерот. Фокус неодамна пишуваше токму за проблематичните точки и спорните елементи околу реализацијата на овој проект, со фокус на трасата Миладиновци-Штип, која, освен што нема да се заврши во проектираниот рок, ќе чини речиси двојно поскапо од првично планираното.

Пишувал
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една од најголемите критики на десетгодишното владеење на Никола Груевски се базираше на тезата дека неговите влади потрошија милионски буџетски средства за непродуктивни цели, како на пример, за изградба на административни објекти и спомен-обележја, но истовремено не издвојуваа доволно средства за капитални проекти, пред сѐ, за патна инфраструктура, кои создаваат дополнителна вредност во економијата.

Затоа, поранешниот премиер постојано зборуваше за вкупната километража изградени и реконструирани патишта, со акцент на локалните и регионалните, ама без притоа да расчлени колку од асфалтот бил потрошен за автопатишта. Причината за ваквата реторика беше едноставна – во негово време беа изградени само 7 километри автопат од Куманово до Табановце за 16,5 милиони евра и во еден дел беше довршена обиколницата околу Скопје.

Европската федерација за патишта во патната статистика од 2016 година, која се потпира на податоци од Евростат, наведува дека во 28 земји во Европа, заклучно со 2012 година, имало вкупно 4.834.433 километри патишта, од кои 73.245 километри биле автопатишта, додека останатите биле од друг тип. Притоа, најголема километража на патишта, а со тоа автоматски и на автопати, имаат Франција, Шпанија, Британија, Италија, Германија, Унгарија, Полска… Во истиот период, во Македонија во истиот период имало вкупно 14.297 километри патишта, од кои автопат само 259 км.

Според овој параметар, дотогаш земјава послабо стоела од буквално сите европски држави, со исклучок на Исланд со 11 километри, Луксембург со 152 км и Естонија со 124 км автопатишта. Колку за споредба, во регионот, Бугарија имала 541 километар автопат, Србија 603 км, Хрватска 1.354 км, Грција 1.659 км автопат… Словенија, пак, која е со слична големина и број на жители како и Македонија, имала 769 километри автопат.

Слично на ова, земјава е меѓу најслабо рангираните држави според потрошените средства во патна инфраструктура, така што во периодот од 2009 до 2013 година, за оваа намена инвестирала 113 милиони евра. Тоа ја прави Македонија подобра само од Црна Гора, која инвестирала 94 милиони евра. Од друга страна, пак, Бугарија во истиот период инвестирала 1.473 милиони евра, Хрватска 2.793, Србија 1.352, Словенија 945 милиони евра. Албанија и Косово, пак, само за автопатот наречен „Патот на нацијата“ од Тирана до Морина од 138 км издвоија половина милијарда евра, додека на крајот оваа делница ги чинеше 4 пати повеќе.

За да ја надмине ваквата слабост, владата прво се обиде да оствари проект за изградба на 550 километри автопатишта, по пат на јавно-приватно-партнерство. За таа цел, Министерството за транспорт и врски, тогаш предводено од Миле Јанакиески, во 2008 година распиша јавен повик на кој речиси 50 компании покажаа прелиминарен интерес. Но, по неколкукратно одложување на постапката и исфрлување на повеќе автопатски делници од првично предвидените 7, во 2010 година ниту една од неколкуте квалификувани компании, односно конзорциуми од компании, не достави понуда за учество во постапката за доделување концесија во период од 35 години.

Откако оваа идеја се покажа како залудно потрошено време, бидејќи потенцијалните инвеститори пресметаа оти преку патарина нема да успеат да ја вратат инвестицијата од една милијарда евра, владата во 2012 година најави дека ќе гради две од повеќето автопатски делници, меѓутоа не по пат на јавно-приватно партнерство, туку со позајмени пари од странство. За разлика од многу патишта од сличен тип што во минатото ги финансираше со кредити од западни кредитори, пред сѐ од Светска банка, која начелно финансира одржливи и исплатливи проекти, владата за овие две делници се задолжи во Кина.

Всушност, со позајмените половина милијарда евра од Пекинг, кој им стави на располагање фонд од 3 милијарди евра на земјите од Југоисточна Европа за финансирање на инфраструктурата, земјава моментално финансира две автопатски делници. Првата е Кичево – Охрид во вредност од 374 милиони евра, која, за волја на вистината, повеќе тежи од сите средства потрошени за изградба на автопатишта во плурална Македонија.

Во оваа сторија ќе се фокусираме на втората автопатска делница – Миладиновци – Свети Николе – Штип, во должина од 47 километри, која се финансира со 206 милиони евра од кинескиот кредит. Индикативно е тоа што во физибилити студијата, изработена од француската консултантска компанија „Луи Берже“ во 2009 година за потребите на македонската влада, оваа делница беше предвидена во должина од 50 километри и беше проценета на 104,6 милиони евра, или за двојно помалку пари отколку што се гради сега.

Тогаш, од владата се правдаа дека кога била изработена оваа студија не биле земени предвид клучките со сегашните цени во износ од 23,5 милиони евра, мостовите од 8 милиони  евра, девијациите од 3 милиони евра, цевастите пропусти и заштитата од 1,7 милиони евра. Сепак, крунскиот владин аргумент зошто двојно поскапела изградбата беше тоа што цените на нафтата, металите, енергијата енормно скокнале на светските берзи во периодот од 2009 до 2013 година.

И покрај тоа што ги поддржа законите во Собранието за изградба и финансирање на овие проекти, во знак на начелна поддршка за инвестирање во капитални инфраструктурни проекти, опозицијата уште во 2013 година жестоко ја напаѓаше владата дека цената на овој автопат е превисока. Ваквите обвинувања во насока на корупција ги зацементира лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој во 2015 година, објавувајќи прислушувани разговори меѓу највисоки државни претставници, обвини дека власта зела провизија од 5 отсто, или со други зборови, 25 милиони евра за целиот проект!

Во секој случај, Државниот ревизор утврди дека реализацијата на овој проект се одвива со забавено темпо, со опасност да биде пробиен првично утврдениот рок, додека паралелно се генерираат дополнителни непланирани трошоци. Ваквите наводи успеа да ги потврди „Фокус“, кој обезбеди податоци дека досега се изградени само 60 отсто од оваа автопатска делница и пресмета над 20 милиони евра странични трошоци поврзани со трасата, настрана што не влегуваат во основната финансиска конструкција. Опозицијата, пак, проценува дека на крајот дополнителните трошоци за непредвидени градежни работи ќе бидат огромни!

ПРОЕКТАНТОТ НЕ ГИ ИСПОЛНУВА ТЕНДЕРСКИТЕ КРИТЕРИУМИ

Автопатската делница се гради според проектот што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) го нарача во 2009 година од кумановската проектантска компанија „Простор“. Според податоците од Бирото за јавни набавки, претпријатието истата година склучило договор со кумановската компанија за изработка на основен и изведбен проект за автопатско решение на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, во вредност од 4,26 милиони евра, како единствен понудувач на тендерот.

Иако договорот бил со времетраење од 12 месеци, односно до крајот на 2010 година, претпријатието кон средината на 2011 година склучило уште еден договор со кумановската компанија за дополнителни работи за проектирање на делницата, и тоа во постапка со преговарање без претходно објавување на јавен оглас, во износ од околу 852.000 евра. Оттука, вкупната вредност на договорот за нарачка на проект за трасата оди над 5 милиони евра.

Во огласот за доделување на овој договор за јавна набавка, објавен истата 2009 година од тогашната Агенција за патишта, пред да се трансформира во јавно претпријатие, се бара економскиот оператор да има минимален годишен приход од 5 милиони евра годишно, како вкупен збир од признати потврди за плаќање за тековни или реализирани договори за изминатите 3 години (2006, 2007 и 2008 година), како и во своите редови да има минимум 100 вработени.

Арно ама, финансиските извештаи на „Простор“ што ги обезбедивме од  Централниот регистар, покажуваат дека во овие 3 години компанијата остварила приходи во просечен износ од нешто над половина милион евра, што е далеку помалку од бараните 5 милиони евра. Згора на тоа, во 2009 година, кога е склучен договорот, компанијата имала само 20 вработени, или 5 пати помалку од потребното.

Истовремено, во општите услови за квалификација се барало економскиот оператор да има и минимум 3 години професионално искуство од областа на проектирање објекти во градежништвото, минимум еден изработен, ревидиран и примен проект за изградба на автопатишта со слична природа и комплексност во изминатите 3 години, изработени проекти за автопатишта во вкупна должина од 50 километри во последните 3 години итн.

Од проектите што компанијата ги навела на својата официјална интернет-страница произлегува дека компанијата ги задоволува овие услови само со еден проект, бидејќи во 2007 година го изработила проектот за автопатот Крива Паланка – Романовце, токму во должина од 50 километри. Сепак, фирмата не ги исполнувала потребните критериуми за финансиската состојба, човечките ресурси, но и работата на мостови и сл.

Од компанијата ги игнорираа нашите прашања, но од ЈП за државни патишта велат дека покрај „Простор ДОО“, проектант на трасата е и Институтот за градежништво на Хрватска (ИГХ). Тоа значи дека кумановската компанија била носител на конзорциум, но токму богатото портфолио на другиот партнер и овозможило да биде квалификувана да го склучи договорот како носител на групата, со оглед дека хрватскиот партнер е една од најголемите проектантски, консултантски и научни фирми во Југоисточна Европа.

Кумановската компанија, која е основана далечната 1990 година, моментално има повеќе сопственици, меѓу кои и Данчо Јовановски, кој моментално е управител на друштвото. Меѓу сопствениците се сретнува и Чедомир Теодосијевски, кој своевремено како управител на фирмата бил прилично интересен за македонските медиуми, во чии архиви може да се најдат написи дека тој пред десетина години откупил дел од акциите во кумановското друштво „Интерпромет“ во вредност од над 2 милиони евра.

Хрватскиот партнер ИГХ, пак, на својата официјална страница навел дека не постои ниту еден пат, објект, мост или тунел во Хрватска, за кој не го изготвил проектот, или, пак, не го вршел надзорот. Како што е познато, многу владини функционери во Хрватска завршија во затвор поради криминал при изградба на патиштата, меѓу кои и ексдиректорот на „Хрватски автопатишта“, поради извлекување 5 милиони евра од претпријатието на странска сметка.

Хрватските медиуми пишуваа како се трошеле милиони евра за изградба на автопати без никакво покритие, и тоа за археолошки истражувања, за бојадисување тунели, за изградба на скапи објекти, како на пример тоалет од 3,5 милиони куни (500.000 евра) и други баналности. Патем, сите работи ги добивале фаворизирани и привилегирани компании, така што беше утврдено дека еден од изведувачите му платил 100.000 евра на возачот на хрватскиот министер Божидар Калмета.

По соочувањето со финансиски проблеми, оваа компанија во 2014 година ја презеде рускиот олигарх Сергеј Гијаделкин, чија приказна да се пресели и работи во Загреб во многу елементи со поклопува со онаа на Сергеј Самсоненко во Македонија. Гијаделкин се заинтересирал за купување на компанијата во 2011 година, кога дознал за проектот за изградба на луксузен станбено-деловен простор во Дубровник од 48.000 квадратни метри, кој го покренал токму ИГХ. Преземајќи ја компанијата, рускиот олигарх автоматски го презел целиот проект.

Покрај Хрватска, ИГХ на својата интернет-страница навела дека работи во Босна, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија, Казахстан, Русија, Украина. Но, на ниту едно место не го споменува искуството во Македонија.

ПОВОЛЕН КРЕДИТ ОД БАНКАТА, ГОЛЕМ ПРОФИТ ЗА ИЗВЕДУВАЧОТ

Со цел реализација на проектот за изградба на трасата Миладиновци – Штип, македонското ЈП за државни патишта, во улога на инвеститор, и кинеската Ексим банка, во својство на заемодавач, во 2013 година склучија договор за заем на износ од 206 милиони евра за финансирање на автопатската делница, при што евентуалните трошоци над оваа сума во износ од максимум 10 отсто, или околу 20 милиони евра, би паднале на товар на македонскиот буџет.

Кредитот е со фиксна каматна стапка од 2 отсто на годишно ниво и грејс-период од 5 години, што на прв поглед изгледа како поволен кредит. Но, кога ќе се погледне малку подлабоко, испаѓа дека кредитот и не е толку поволен, особено имајќи предвид дека кредиторот поставува посебни услови за македонската страна при трошењето на овие пари, надвор од правилата што ги пропишува Законот за јавни набавки, претежно во делот на транспарентноста и конкуренцијата.

Прво, кредитот е условен со обврска за заемопримачот да не го избере изведувачот на проектот по пат на јавен повик, во отворена постапка, туку со директна покана на одбрани компании од земјата на кредиторот, т.е. од Кина, со кои владата практично склучува договор по пат на непосредно преговарање, што драстично ја намалува транспарентноста на процесот и ја лимитира конкуренцијата. На тој начин, не се обезбедува најниска можна цена.

– Лошо е задолжување со милионски суми во нетранспарентна постапка, бидејќи не се избира изведувачот во јавна и отворена постапка, а воедно не се проектира пазарна цена, која ќе излезе од конкурентен натпревар. На власта побитно ѝ е да наброи проекти како бројка, без да мисли за оправданоста и исплатливоста на јавните пари. Ваков проект не се прави без сериозна кост-бенефит анализа – вели универзитетскиот професор и член на МАНУ, Изет Зеќири, кој е поранешен пратеник во републичкото собрание.

Понатаму, изведувачот добива низа буџетски олеснувања, меѓу кои ослободување од ДДВ за прометот извршен кон инвеститорот, ослободување од акцизи при набавка на патнички возила и минерални масла за цели од проектот, како и ослободување од увозни давачки, ДДВ и акциза при увоз на добра и стоки наменети за автопатските делници… Конечно, договорот содржи одредба со која се претпочита стоките, услугите и технологиите што ќе се набавуваат со средства од кредитот да се набавуваат од Кина.

– Условите на кредитот не се воопшто поповолни од тие што ги даваат други институции. Каматната стапка на овој кредит е 2 отсто, што е слично со каматата што ја дава Светска банка, која за кредити со рок на отплата од 15 години дава фиксна стапка од 6-месечен либор + 1,3 отсто, што е отприлика 2 отсто. Дури, каматата за делницата Миладиновци-Штип е и нешто повисока од овие номинални 2 отсто, поради тоа што државата го ослободи главниот изведувач од плаќање ДДВ и ги презеде трошоците за експропријацијата на земјиштето на свој товар – вели Бранимир Јовановиќ од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.

А, токму врз основа на Договорот за заем меѓу домашниот инвеститор и странскиот кредитор, ЈП за државни патишта склучи комерцијален договор со кинеската државна градежна компанија „Синохидро Корпорејшн Лимитед“, која била избрана за главен изведувач во конкуренција на уште една, исто така, државна кинеска компанија – „Чајна Интернешнел Вотер ене Електрик Корпорејшн“, бидејќи доставила подобра техничка и финансиска понуда.

Во однос на бекграундот на кинескиот изведувач, доволно говори фактот што оваа компанија се наоѓа на „црната листа“ на Светска банка, која препорачува да се избегнува соработката со „Синохидро“, особено на проекти финансирани од банката. Имено, во јуни минатата 2016 година, Светска банка објави опомена во времетраење од една година, што значи дека се уште е на сила, откако бордот за санкции во рамки на институцијата објави дека оваа компанија била вклучена во „измамнички практики“.

Сепак, тоа не беше пречка оваа компанија да работи на македонскиот пазар, откако во 2013 година основа подружница во Скопје за изградба на автопатишта. Според финансискиот извештај на компанијата, подружницата на „Синохидро“ во Скопје, за изградба на автопатските траси, во 2014 година остварила вкупни приходи од 18,3 милиони евра, но оваа година ја завршила со загуба од 3,7 милиони евра. Но, веќе следната 2015 година, кога се интензивира изградбата на автопатите, компанијата ја завршува со добивка од над 6 милиони евра, остварувајќи приходи од околу 79.506.500 и расходи од околу 73.173.000 евра.

Колку овој профит на некој начин претставува неостварен приход за Македонија, од кој државата се откажала во корист на странската компанија, говори случајот во Црна Гора. Инаку, црногорската даночна управа утврдила дека буџетската каса во 2015 година била покуса за над 42 милиони евра само по основ на ослободување на кинескиот изведувач од ДДВ за изградба автопатската делница од Смоковац до Матешево во износ над 809 милиони евра!

ДОМАШНИТЕ ПОДИЗВЕДУВАЧИ МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ ВЛАДИНИ „ТЕНДЕРЏИИ“

Тоа што е колку-толку позитивно за македонската страна, аранжманот за изградба на делницата Миладиновци – Штип налага кинескиот изведувач да ангажира подизведувачи и да набавува градежни материјали од Македонија во вредност од најмалку 49 отсто од вкупната цена на договорите, додека вкупниот број македонски работници да биде најмалку 51 отсто од вкупниот број работници во секој момент. За подизведувачи на оваа автопатска делница од Македонија „Синохидро“ ги избра македонските градежни компании со долгогодишна традиција – „Гранит“ и „Бетон“, така што сите три фирми градат по една секција од трасата.

Според известувањата што ги испратиле до Македонската берза како котирани акционерски друштва, „Гранит“ и „Бетон“ склучиле договори со „Синохидро“ во износ од околу 32,5 милиони евра, односно 91,5 милиони евра, или вкупно 124 милиони евра, што значи дека добиле повеќе од половина од позајмените средства од Кина за изградба на делницата. И покрај тоа што набавиле дополнителна механизација и ангажирале нова работна сила поради овој проект, според нашите сознанија, тие ангажирале и други компании како подизведувачи, како и механизација и работници од други компании.

Носители на ваквите големи проекти, во чии рамки се ангажираат и до 500 луѓе, треба да бидат домашни фирми, односно да се ангажираат домашни ресурси и капацитети. Подобро е при договарањето на аранжманот за финансирање да се обезбеди оваа компонента, макар и каматната стапка на позајмените средства да биде поголема. Вака, тие вршат најголем дел од работата, а профитот главно оди кај странскиот изведувач – вели бизнисменот Никола Велковски, кој е поранешен претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора.

Заеднички именител на двајцата официјални подизведувачи, е тоа што се вбројуваат меѓу компаниите што склучиле најмногу, но и највисоки договори за јавни набавки со државни институции и органи во земјава во последниот период. Анализата што ја направил Центарот за граѓански комуникации за топ 100-те тендери во периодот од 2010 до 2016 година покажува дека „Гранит“ и „Бетон“ склучиле договори за јавни набавки со државни институции и органи од вкупна вредност од 214 милиони евра.

Овде мора да се нагласи дека оваа сума е само од најголемите 100 тендери, која не ги вклучува серијата други договори, со кои сумата на јавни средства што ги инкасирале по основ на извршени јавни услуги и работи е драстично повисока. Па, доколку се соберат сите договори во периодот од 2013 година досега, АД „Гранит“ склучил договори со државни институции и органи во вкупна вредност од 64,7 милиони евра, додека АД „Бетон“ склучил договори за јавна набавка во вкупна вредност од 43,7 милиони евра, или двете компании добиле тендери од околу 108 милиони евра.

Во истиот период, тие остваруваат исклучително високи приходи. Нивните финансиски резултати, објавени од Македонската берза, покажуваат дека „Гранит“ во трите години од 2013 до 2015 година остварил просечни приходи од околу 84,5 милиони евра, додека просечната добивка по оданочување во овие 3 години изнесувала над 5 милиони евра. Што се однесува до „Бетон“, во наведениот 3-годишен период остварил просечни приходи од 42,5 милиони евра и просечен приход од над еден милион евра.

Истражувањето на „Призма“, покажа дека овие две компании се најголеми градители на проектот „Скопје 2014“. Така, од изградбата на објекти од овој проект во периодот од 2009 до 2015 година, „Бетон“ инкасирал над 190 милиони евра, додека „Гранит“ заработил над 120 милиони евра. Ако сите приходи во овие 5 години кај „Бетон“ всушност претставуваат јавни приходи од државата, кај „Гранит“ јавните средства зафаќаат една третина во структурата на приходи.

И двете компании, кои се управувани од поранешни високи јавни функционери во влади на СДСМ или членови на нивните најтесни семејства – Страшо Милковски (пратеник) и Минчо Јорданов (вицепремиер), ама станаа едни од најголемите „тендерџии“ во владите и на ВМРО-ДПМНЕ, не одговорија на нашите прашања поврзани со изградбата на автопатската делница.

МЕНУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ПРИ ИЗБОР НА НАДЗОР

Кругот на компании што се вклучени во изградбата на автопатската траса Миладиновци – Штип се заокружува со надзорот на градбата на делницата, кој, според Законот за градење, има можеби најбитна улога во изградбата на патот, ако се знае дека контролира дали градењето се одвива согласно основниот проект и одобрението за градба. Според Бирото за јавни набавки, за надзор на оваа делница е избрана компанијата „Геинг Кребс Унд Кифер Интернешнел“, која во 2013 година склучила договор со ЈП за државни патишта од 8 милиони евра.

Од ЈПДП информираат дека и оваа компанија не настапила самостојно, туку имала здружен настап со „Диви Македонија“ и со Градежниот институт – Скопје. Двете компании што го добиле договорот за надзор заедно со Градежниот институт имаат странски, односно германски удел, бидејќи се основани од матичните куќи во Германија. Сепак, во компаниите се инволвирани и домашни фактори, така што еден од сопствениците на компанијата што е носител на групата – „Геинг“, е професорот на Градежниот факултет Љупчо Димитриевски. Исто така, Градежниот факултет бил избран и за ревидент на проектот, изработен од „Простор“ и „ИГХ“, а мониториран од компанија чиј сопственик е професор од истиот факултет. Од таа гледна точка, воопшто не треба да чуди тоа што професорите од овој факултет одбиваат да комуницираат со новинарите за овој проект.

Во огласот за избор на надзор има релативно строги и ригорозни услови за финансиско и професионално работење на економскиот оператор, кој „Геинг“, како носител на групата понудувачи, самостојно ги исполнува. Меѓутоа, по првичното објавување на огласот до склучувањето договор, тендерската документација претрпела неколку навидум минимални корекции, кои на крајот може да направат суштински разлики, а главно ги тангираат помалите партнери во групацијата.

Тука најважна е онаа измена според која се менуваат условите во делот на вработените во ситуација ако понуда стаса од група од тројца понудувачи. Доколку првично се барало лидерот на конзорциумот да има 16 вработени – дипломирани инженери, додека останатите двајца членови по 7, измените не ја начнале обврската на лидерот, но пропишуваат другите членови во групацијата на понудувачи да имаат по 5 дипломирани инженери, или за по двајца помалку.

Случајно или не, тендерот го добил конзорциум од токму три компании, во конкуренција на уште две понуди, откако договорниот орган претходно дополнително омекнал и други критериуми за економските оператори. Односно, ако првично се барало економските оператори да имаат „искуство во вршење надзор при изградба или реконструкција на автопатишта, експресни или магистрални патишта, пруги или аеродроми“, со измената на огласот, кон искуството при изградба и реконструкција, се додава и искуство при „рехабилитација“ на инфраструктурни проекти, додека кон автопатиштата, експресните или магистралните патишта, се додаваат и „регионалните патишта“.

Исто толку симптоматично е тоа што е во известувањето за склучен договор меѓу ЈП за државни патишта и „Геинг“ за надзор на Миладиновци – Штип стои дека договорот е со времетраење од 75 месеци, така што, со оглед дека е склучен на почетокот од 2014 година, договорот трае до 2020 година. Тоа е за цели три години повеќе во споредба со рокот што инвеститорот и изведувачот го поставија за изградба на оваа делница  – мај тековната 2017 година.

Дека станува збор за нереален рок, кој бил поставен од маркетиншки причини, покажува и тоа што во Службениот гласник на Општина Свети Николе, низ која минува автопатската траса, може да се види дека на почетокот од 2014 година општинскиот совет го овластил градоначалникот Зоран Тасев да склучи договор со „Синохидро“ за закуп на градежно земјиште од вкупна површина од над 17.500 квадратни метри, во времетраење од 5 години, што значи дека истекува во 2019 година.

СЛАБА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ЗЕМЈАНИТЕ И БЕТОНСКИТЕ РАБОТИ

Ниту општината, ниту надзорот одговори на нашите прашања за оваа тема. Сепак, надзорот споделил серија забелешки во однос на изградбата на овој автопат со Државниот завод за ревизија. Поточно, ДЗР се повикува на негови наводи во извештајот за работата на ЈПДП за 2015 година, според кои доцни реализацијата на проектот и се создаваат дополнителни трошоци, без притоа соодветно да се евидентираат.

Највисоки владини претставници, меѓу кои поранешниот премиер и министер за транспорт и врски, Груевски и Јанакиески, но и нивните наследници, Емил Димитриев и Владо Мисајловски, неколкупати извршија увид во изградбата на оваа делница, при што се до средината на минатата 2016 година уверуваа дека пробивањето и изградбата на трасата тече согласно планираната динамика и ќе биде завршена навреме. Наспроти тоа, во ревизорскиот извештај се наведува дека се доцни во делот на извршени градежни работи и во делот на финансиска реализација во однос на планираното и договореното, така што заклучно со 2015 година била завршена само една четвртина од вредноста на договорот.

По извршената споредба на планот за повлекување на средства доставен до кинеската банка, како и реалното повлекување на средства врз база на времени ситуации, постои значително отстапување кое укажува дека изградбата на патот не се одвива согласно планот. Тоа претставува ризик дека делницата ќе биде навреме завршена“, истакнуваат ревизорите.

И кинескиот изведувач првично амбициозно и самоуверено најавуваше дека изградбата на патот ќе ја заврши согласно зацртаниот рок, меѓутоа кога стана сосема јасно дека тоа нема да се случи, од таму почнаа да се правдаат дека им се јавиле проблеми во неколку сегменти, односно дека им попречиле лошите зимски временски услови, нерешените имотно-правни работи и проблемите со телекомуникациските и електричните инсталации. Арно ама, според ревизорите, тоа е најмал проблем за доцнењето на градбата.

Доцнењето кај Миладиновци-Штип, пред сѐ, е последица на мала и недоволна активност и реализација на земјаните и бетонските работи, посебно на секцијата Свети Николе – Штип, како и на мала реализација на количини во досегашните времени ситуации, а помал дел како последица на лошите временски услови од август 2014 до март 2015, на нерешените проблеми за дислокација на мрежите на ЕВН и Телеком, на одредени проблеми со експропријација на земјиштето, на стабилноста на косините и количините за хумус и подготвување на подтлото на делницата…“, стои во ревизорскиот извештај.

Покрај доцнењето, ревизорите истовремено констатираат дека изградбата на автопатската делница ќе чини неколку милиони евра повеќе само по основ на негативни курсни разлики. Иако вкупниот промет од изградбата на трасата се одвива во државава, сепак, посочуваат ревизорите, кинескиот изведувач прикажува промет во земјата за изградба само во износ од 10 отсто од вкупната договорена обврска, затоа што договорот предвидува исплатите на договорните обврски да се одвиваат според образецот – 90 отсто во американски долари и 10 отсто во македонски денари.

Практично, со ваквото врзување на доларот и денарот при плаќањето се добила негативна курсна разлика, односно разлика во соодносот меѓу доларот и денарот за време на склучувањето на договорот во 2013 година и соодносот меѓу двете валути на денот кога се плаќа извршената договорна обврска. Овие негативни курсни разлики, според ревизорот, за Миладиновци – Штип изнесувале околу 5,1 милиони евра само во 2015 година. Дополнителен проблем било тоа што ЈП за државни патишта оваа сума ја искажувала како трошок, а не како зголемување на инвестицијата, што ја искривува целата слика за вредноста на овој проект.

На крајот, ревизорите утврдиле и уште неколку состојби за ЈПДП, кои се директно или индиректно поврзани со изградбата на автопатската делница. Според нив, не бил воспоставен систем на интерни контроли за следење и реализација на обврските по долгорочни заеми и кредити од меѓународните финансиски институции, а во сметководствената евиденција не е приложена комплетна и соодветна документација за трансакциите поврзани со заемите и кредитите. Потоа, не се капитализирани дел од трошоците за позајмување во фазата на повлекување средства по кредити и заеми итн.

ПРОБИВАЊЕ НА РОКОТ И ДОЦНЕЊЕ ОД НЕКОЛКУ ГОДИНИ

Доколку во 2015 година била завршена само една четвртина од делницата Миладиновци – Штип, тогаш се поставува прашањето каква е ситуацијата денес, дотолку повеќе што рокот кога овој проект треба да биде комплетиран завршува за еден месец? Користејќи го правото согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме одговори од Јавното претпријатие за државни патишта, кое располага со сите податоци и иформации во однос на градбата, имајќи предвид дека изведувачот е должен редовно да му доставува извештаи.

Од претпријатието добивме одговор дека досегашната реализација на проектот изнесува 60 проценти. Под претпоставка дека изградбата на трасата се одвива според досегашната динамика, од таму произлегува оти делницата ќе биде завршена во 2019/2020 година, што кореспондира со времетраењето на договорот на надзорот на трасата, како и на договорот за закуп на градежно земјиште меѓу Свети Николе и кинеската компанија изведувач – „Синохидро“.

Проектот се реализира согласно договорните услови, наведени во меѓусебните обврски, а поврзани со законските одредби, услови за градење според ФИДИК (Меѓународна федерација на консултанти и инженери) и др., кои во зависност од условите и состојбите на теренот по потреба се приспособуваат или усогласуваат со засегнатите страни и со нивните постојни и планирани инфраструктурни инсталации и нивна дислокација (ЕВН, ТЕЛЕКОМ, МЦ Брегалница, ХС Злетовица, Водоводна мрежа снабдување на Свети Николе…)“, велат во писмениот одговор од ЈП за државни патишта, со потпис на директорот Александар Стојанов.

Но, луѓе што се вклучени во различни фази и на различни нивоа од реализацијата на овој проект неофицијално велат дека првичниот проект се менувал десетина пати, бидејќи во голема мера не се совпаѓал со реалноста и потребите на терен, иако, според упатените, се работи за рамна, права и ниска траса, релативно лесна за работа, што отвора можност за дополнителни трошоци и зголемување на вкупниот обем на инвестицијата.

На неколку места има проблеми со косините кои се обруснуваат и потоа се проектираат со помал нагиб. На одредени места, пак, не биле навремено предвидени дренажни цевки, па се проектираат дополнително. Овде се прави застој, па се прекопува, па се прави набавка на нов материјал… Сето тоа значи плус време и чини плус пари – вели еден од нашите соговорници.

Министерството за транспорт и врски, кое го доделува одобрението за градба, не одговори на нашето прашање дали засега во целост се почитува одобрението, но од таму посочуваат дека до нив не стасало барање од инвеститорот за одобрување измени при градење. Во однос на ова, од таму упатуваат на ЈПДП, кое на некој начин потврдува дека проектот се менувал, односно се адаптирал на условите на теренот.

Забелешките на надзорот во однос на проектната документација се однесуваат на тековни работи и приспособувања и усогласувања со условите и состојбите на трасата, односно теренот, согласно договорните услови. Во однос на одобрението за градење, истото го издава Министерството за транспорт и врски и надзорот нема ингеренции за давање забелешки“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Експертите, пак, објаснуваат дека секоја промена на главниот изведбен проект за која е добиено одобрение за градба треба детално да се анализира и стручно да се образложи од страна на барателот, без разлика дали е проектант, изведувач, надзор, инвеститор или некој друг, а притоа консултантскиот тим од стручни институции, пред се Градежниот факултет, да се произнесе во име на инвеститорот дали се прифаќа или не.

– Ако не се запазат јасните процедури пропишани според ФИДИК за сите фази од проектот, тогаш постои можност за злоупотреби при реализацијата. Секоја измена на геометриските елементи на трасата, условите на градба, промена на транспортните далечини за промена на материјали од ископ и за насип, категориите на материјали и начинот на градба, крие во себе перманентна опасност од злоупотреба – објаснува професорот на Факултетот за градежништво при Државниот тетовски универзитет, Вулнет Палоши, кој е и поранешен директор на „Македонија пат“.

ДОПОЛНИТЕЛНИ И СТРАНИЧНИ ТРОШОЦИ ОД НАД 20 МИЛИОНИ ЕВРА

Инаку, од Јавното претпријатие за државни патишта не информираа дека за реализација на делницата Миладиновци – Штип досега повлекле околу 120 милиони евра од кинескиот кредит. Оттука произлегува дека повлечените средства линеарно одговараат со прогресот при изградбата од 60 проценти, така што, ако се направи груба математика, испаѓа дека проектот целосно би чинел колку и кредитот.

Сепак, оваа сума не ги покрива трошоците што паѓаат на товар на македонскиот буџет за непредвидени и дополнителни работи, кои во целост ќе бидат познати по техничкиот прием и пуштањето во употреба на трасата. Според опозицијата, на терен се јавуваат низа дополнителни трошоци за непредвидени работи, кои, според нејзините проценки, драстично ќе ја зголемат цената на проектот.

Според информациите со кои располагаме, ќе се појават и дополнителни непредвидени работи, а со тоа ќе ни се случи покачување на цената на чинење на делницата, но и забавување на динамиката и доцнење на целиот проект. Има и пропусти во проектите и сето ова ја забавува динамиката на изведба на работите, но и ја зголемува цената на овој автопат – изјави Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

Уште еден од поголемите проблеми што се јавува на терен, кој патем претставува дополнителен трошок при изградба на делницата што не го покрива кинескиот кредит, туку паѓа на товар на македонскиот буџет, е експропријацијата на земјиштето во приватна сопственост, каде минува автопатската траса. Од геодетската компанија „Гео Мрежа“, избрана во 2012 година да исцрта експропријационен појас за 102.000 евра, ни посочија одговорите да ги бараме од надлежните институции, кои располагале со податоците.

Затоа, се обративме до Државното правобранителство, кое во постапката за експропријација се јавува како предлагач во име на државата кога треба да се оствари јавен интерес. Од таму нѐ известија дека во рамки на овој проект, скопското државно правобранителство поднело 340 предлози за експропријација за површина од 485.059 квадратни метри, додека преку штипското државно правобранителство поднеле 498 предлози за вкупна површина од 841.865 квадратни метри.

Што се однесува до барањата на правобранителството за експропријација, одлучува Управата за имотно-правни односи, која е во состав на Министерството за финансии. Како што ни одговорија од Министерството, управата како орган за експропријација по поднесените предлози, донела вкупно 336 решенија и постигнала 396 спогодби за експропријација. Но, од таму не добивме одговор на прашањето колку средства се исплатени по овој основ кон физички и правни лица чиј имот бил предмет на експропријација, со образложение дека  „крајниот корисник на експропријацијата е должен да исплати надомест за експроприраниот имот“.

Патот повторно не одведе до ЈП за државни патишта, од каде откриваат дека по основ на експропријација досега се исплатени над 1,8 милиони евра. Но, треба да се има предвид дека оваа сума уште повеќе ќе порасне, бидејќи правобранителството поднело вкупно 893 барања, а управата за имотно-правни односи донела, односно постигнала вкупно 732 решенија и спогодби за експропријација, што значи дека 107 предмети не се завршени. Врз основа на тоа, државата по овој основ ќе исплати над 2 милиони евра.

Кога ќе се собере оваа сума за експропријација од 2 милиони евра, цената за нарачка на проектот од над 5 милиони евра, ангажманот за надзор за сума од 8 милиони евра, трошокот по основ на негативни курсни разлики од над 5 милиони евра, и тоа само во 2015 година, се доаѓа до износ од над 20 милиони евра дополнителен или страничен трошок за изградба на оваа делница, кој не е опфатен во кинескиот кредит од 206 милиони евра, туку претставува плус трошок за македонскиот буџет непосредно поврзан со овој проект.

ВО РЕГИОНОТ СЕ ГРАДАТ ПОТЕШКИ ТРАСИ ЗА ПОНИСКИ СУМИ

Сепак, ако се изолираат овие периферни трошоци и ако се земе предвид само висината на кредитот како референтна вредност на автопатот, секој километар од овој автопат чини по 4,3 милиони евра. Стручњаците велат дека не може директно да се оцени дали ова е многу или малку, од проста причина што секој автопат е специфичен, со уникатна природна и геолошка конфигурација. Но, и тие се согласуваат оти боде очи тоа што во други држави се градат поевтини траси.

Според реномираното стручно списание „Светски автопати“, во издаваштво на британски „Route One Publishing“, автопатите се најскапи во Австрија, а најевтини во Данска. Во едно списание издадено во 2010 година, се наведува дека просечна цена на автопатите во Австрија е 12,87 милиони евра по километар, во Унгарија 11,21 милиони евра, во Словачка 9,56 милиони евра, во Чешка 8,86 милиони евра, во Данска 5,89 евра по км…

Ако го споредиме Миладиновци – Штип со автопатите што ги мониторирал  Европскиот суд на ревизорите, кој функционира како независен надворешен ревизор на финансиското работење на ЕУ, се доаѓа до заклучок дека во Европската унија се градат и поскапи, но и поевтини автопатски траси. И самиот ЕСР во извештајот за чинењето на автопатите, објавен во 2013 година, нотира дека постојат големи разлики меѓу цената на автопатите во разни држави во самата Унија, така што просечна цена кај набљудуваните автопати чини нецели 11 милиони евра по километар.

Конкретно, автопатот во Германија од Дрезден во чешката граница, во должина од 40,8 километри, чинел вкупно околу 655 милиони евра, или над 16 милиони евра по километар. Но, во Германија се изградила доста поевтина делница во споредба со оваа, но и споредено со Миладиновци – Штип. Се работи за трасата од Дримен до Стразбур, во должина од 91 километар, која чинела вкупно 367 милиони евра или над 4 милиони евра по километар.

Слична е ситуацијата и во Грција. Имено, автапатот од Агиос Констатинос до Камена Вурла, во должина од 20 километри, чини над 378 милиони евра или речиси 19 милиони евра по километар. Но, друг автопатска делница во истата држава, Колура-Клеиди, во должина од 25 километри чинел над 59 милиони евра или околу 2,3 милиони евра по километар, што е двојно поевтино од Миладиновци-Штип.

Кај трошоците за изградба на пат може да влијае усогласување на патот, трошоците потребни за откуп на земјиштето, техничките спецификации врз основа на сообраќајот, предвидувањата и регулаторните градежни стандарди, системите за јавни набавки и конкурентноста на пазарот, како и проектот за управување во текот на секоја конструкција“, се наведува во извештајот на европските ревизори.

Споредбата со Србија, каде што интензивно се градат автопатишта со, условно кажано, западни и источни пари, покажува дека се градат и поскапи автопати, ама тие се многу потешки за изведба. Таков е примерот со автопатската делница Љиг – Прељина, финансирана со средства од Азербејџан, долга 40 километри и вредна 308 милиони евра, или 7,7 милиони евра по километар. Меѓутоа, за разлика од Миладиновци – Штип, во чии рамки, покрај 7 клучки, 8 натпатници и 5 потпатници, предвиден е еден армиран бетонски мост со должина од 154 метри, кај српската делница се градат вкупно 66 мостови и 5 тунели.

На сајтот на српското Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура може да се најдат податоци и за поевтини автопатски делници. Една нив е автопатската траса од Ниш до бугарската граница, исто така со 5 тунели, во должина од 87 километри во вредност од 332 милиони евра, или нешто над 3,8 милиони евра по километар. Но, за разлика од претходниот, овој автопат е финансиран од Светска банка, Европската инвестициска банка и делумно од српскиот буџет.

Цената на чинење на километар автопат зависи најмногу од трасата по која се гради. Затоа, преку претходни истражувања треба да се дојде до одговор на прашањето која траса би била најповолна за изградба на одреден автопат. Појавата на тунели и мостови може енормно да ја зголеми цената на чинење на еден автопат. Од друга страна, работната сила во земјата, цената на материјалите кои се вградуваат, цените на стручниот кадар играат значајна улога во формирањето на конечната цена – истакнува Бочварски, додавајќи дека цената кај нас за автопатите е превисока.

Во прилог на констатација дека во соседството се градат поевтини автопатски траси, уште поексплицитно го потврдува и бугарското искуство. Бугарската агенција Патна инфраструктура објавува информации за автопатот Тракија, кој ја поврзува Софија со Црно Море, во чии рамки неодамна се изградија последните три дела од Стара Загора до Карнобат во вкупна должина од 115 километри, за 357 милиони евра. Оттука испаѓа дека 3,1 милиони евра чини еден километар, без делот што го покрива бугарскиот буџет.

Треба да се знае дека овој автопат главно е финансиран од Кохезивниот фонд на ЕУ, а бугарската влада го поделила на три посебни дела, или таканаречени лота, при што за секој дел бил распишан посебен јавен повик на кој конкурирале повеќе компании, односно конзорциуми, па имало негативно наддавање кое значително ја спуштило цената на чинење. Истата практика Бугарија ја применила и во однос на автопатите Марица (3,1 милиони евра по км), автопатот Струмица (1,9 милиони евра по км) итн.

Наспроти тоа, кај нас се гради многу полесна траса, која испаѓа поскапа во споредба со други земји, без притоа да ги земеме предвид дополнителните трошоци од над 20 милиони евра, кои несомнено уште повеќе ќе растат, а колку точно ќе достигнат ќе стане познато во 2019/2020 година, кога се очекува да биде комплетирана трасата.

Со оглед дека во јавноста осамнаа прислушувани разговори и за градбата на автопатите, од Специјалното јавно обвинителство велат во тек се предистражни постапки за повеќе предмети, најавувајќи дека набргу би можеле да соопштат детали и за овој случај.

Ана Чоловиќ-Лешоска, Еко-свест
КОМПАНИИТЕ ГРАДАТ СПРОТИВНО НА ЕКОЛОШКИТЕ СТАНДАРДИ

Ана Чоловиќ-Лешоска од граѓанската организација Еко-свест вели дека компаниите што работат на изведбата на автопатиштата не ги запазуваат неопходните стандарди за заштита на животната средина и човековото здравје.

– Патните делници што се градат не се обележуваат соодветно со црвена лента или мрежа, а при нивната изградба се подигнува огромно количество прашина, бидејќи не се прска соодветно со вода. Притоа, огромни штети се прават по природната средина – обвинува Чоловиќ-Лешоска.

Според неа, работниците што работат на овие делници не се соодветно заштитени, имајќи предвид дека работат без заштитна опрема.

Бранимир ЈОВАНОВИЌ, Институт за општествени и хуманистички науки
ВЛАДАТА ГО ГРАДИ АВТОПАТОТ КОГА ТРОШОЦИТЕ СЕ НАЈГОЛЕМИ

Владата се правдаше дека разликата меѓу физибилити студијата во 2009 година и аранжманот со Кина во 2013 година е поради поскапувањето на нафтата во овој период, но цената на нафтата драстично опадна од 2013 година до денес, посочува Бранимир Јовановиќ, професор и истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.

Она што е интересно е дека цената на нафтата денеска е значајно пониска од моментот кога се склучи договорот за овој автопат, па се поставува прашањето – дали не треба да се намали и цената на автопатот? Тоа веројатно не е можно, зашто договорот е веќе склучен и не предвидува таква можност, ама можеби за во иднина треба да се размисли да се стави некаква таква клаузула во договорите за автопати – смета Јовановиќ.

Тој порачува во иднина ваквите проекти треба да се финансираат со пофлексибилни кредити, кои ќе бидат одвоени од договорите за изведување на градежните работи.

Никола ВЕЛКОВСКИ, стопанственик
ПОПУЛИСТИЧКИ ОДНОС КОН ИНФРАСТРУКТУРАТА

Стопанственикот и поранешен претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, Никола Велковски, вели дека за поздравување е секој изграден километар на автопат, меѓутоа, додава тој, односот кон овие проекти не треба да биде популистички.

– Популистички е амбициозното поставување на рокот за реализација на овој проект. Во вакви случаи, треба да се слуша струката дека ваков проект не може да се финишира толку брзо од техничко-технолошки причини. При вакви проекти, се јавуваат многу непредвидени земјани работи, нерешени имотно-правни односи, метеоролошки причини итн. – објаснува Велковски.

Тој посочува дека овој проект не завршува со изградба на автопатот, туку треба да се инвестира и во оддржување на трасата, што, според него, кај нас целосно недостига.

Вулнет ПАЛОШИ, универзитетски професор
ДЕЛНИЦАТА НЕМА НИКАКВА ИНЖЕНЕРСКА ЛОГИКА

Универзитетскиот професор Вулнет Палоши, кој е поранешен директор на Македонија пат“, смета дека автопатската делница Миладиновци-Штип повеќе има политичка, геостратегиска или некаква друга заднина, а помалку економска и инженерска логика.

Никаде во светот не се прави автопат на 20-30 километри од друг автопат, на кое растојание до Миладиновци – Штип е Скопје – Велес. Автопат се гради ако има просечен дневен проток на годишно ниво од 7.000-8.000 возила, за по изградбата да стаса до 10.000, па и да ја премине оваа бројка. Но, овој автопат има дневен проток од 2.000-3.000 возила – вели Палоши.

Тој открива дека уште во 1976 година, Воената академија во тогашна СФРЈ изработила проект за оваа автопатска траса, но никогаш не се реализираше бидејќи беше утврдено дека е неисплатлива.

ВМРО-ДПМНЕ ќе мора незаконски да ја пополни дупката од 3 милиони евра, штом изборната сметка им е затворена?!

$
0
0

Текстот е објавен во бројот 873, во неделникот „Фокус“

Пишувала Јадранка КОСТОВА

ВМРО-ДПМНЕ својата слава ја темели на два столба- дека се патриоти и дека се чесни. Првиот епитет што си го стокмија самите, е посебна тема, но вреднувањето на патриотскиот учинок е еден од најподатливите за манипулација на „рајата“. Е за чесноста, пак, важат поегзактни критериуми. Партијата на власт, од корупциски агол вообичаено се оценува според стилот на финансирањето. Ем на изборните кампањи, ем на секојдневното живеење кое сепак чини доста пари. И тука веќе, дури без конкуренција, ВМРО-ДПМНЕ е најбогатата партија според она што го потроши и троши откако Груевски застане на челната позиција. Тоа е партија која како од шега собира милиони и милиони евра. Со каква магија ги менаџираат финансиите од донации останува тајна, освен ако не се посомневате дека можеби позицијата на власт им ја олеснува оваа милионска комоција.

И додека тековното егзистирање е буквало вон каков било јавен отчет, изборните фешти им се „согласно уставот и законите“ со некакви извештаи, но, во нив редовно изостануваат бизнисмените и фирмите како дародавачи. Се оди на извиканата шема за граѓанството како донаторска категорија. Сепак, финансирањето константно е проблематична тема од бриселски ракурс. Веќе петта година по ред Европската комисија во своите извештаи ја нотира нетранспаретноста на партиите кога се парите во прашање, кои, нели, би требало да им легнуваат на сметките, а не на црно!

НИТУ ВО ШИШЕ, НИТУ СПОРЕД ЗАКОН

Токму овие денови ГРЕКО, тело при Советот на Европа за борба против корупцијата, ќе нѐ анализира уште еднаш на ова поле. Имаше шест препораки, усвоени на пленарниот состанок кој се одржа во март 2010 година во Стразбур, кои Република Македонија требаше да ги исполни по однос на транспарентност во финансирањето на политичките партии. А кога не оди нешто, вообичаено се виновни законите а не владеачката елита. Претрпе измени и Изборниот закон, според кој се одвива финансирањето на изборните кампањи, а пред неколку месеци корекции доживеа и законот за финансирање на политичките партии.

А дека власта и на терен „Остварува“, доказ е дека за сефте сторија и апс на едел лидер. Љубе Бошкоски веќе е осуден на 7 години заради нелегално финансирање од пријател ама во улога на полициски соработник -провокатор. За главната опозициска партија СДСМ антикорупцинерите навезоа кривична пријава заради подигнат кредит за изборна кампања. Само мистеријата за 3 милионска евро дупка во есапот на ВМРО-ДПМНЕ останува како закопана во дупка. Оти е вмровска. Наша, патриотска до балчак! Толку пари ниту во шише ги собира, ниту ќе можат да го покријат борчот а тоа да биде законски!

Интересен е одговорот што премиерот Никола Груевски го даде на пратеничкото прашање на Тито Петковски, во смисла- како ќе го покријат овој криминал. Премиерот повторно не откри од кој извор ќе го пополнат минусот, ама сепак барем не удостои со деталот  дека должат на правни лица.

ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на изборната кампања остана со еден долг кон одредени правни лица и тоа е се. Тоа е долг кој во иднина треба да се регулира. ВМРО-ДПМНЕ била во многу полоша ситуација некогаш … Во времето кога вашата партија СДСМ беше на власт, ние бевме во опозиција, имавме неколку години блокирана сметка, па се справувавме некако“, возврати Груевски, без да расчисти според кој закон во иднината ќе го регулираат долгот.

И сега, со оглед на тоа што ова се случуваше на февруарската сесија за пратенички прашања, настанува еден проблем околу долгот „ што во иднина треба да се регулира“! Како ќе го регулираат а тоа да биде согласно Уставот и законите? Та, за избори партиите отвораат посебна жиро сметка, која се затвора кога парите што им следуваат од буџетот ќе им легнат на сметката, изборна нели. Оваа буџетска операција е веќе обавена во декември минатата година. Значи, ВМРО-ДПМНЕ според Изборниот закон треба да ја има затворено оваа сметка. Е штом ја згаснале, тогаш како ќе се раздолжуваат? Во законот и децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања“. Со други зборови, трошоците што ги сториле Груевци, а за нив уште не платиле, ќе треба да се надоместуваат од друга сметка, а тоа е забрането дури и за преробеници!

МЕДИУМИТЕ ДАВААТ НА ВМРО-ДПМНЕ, ВЛАДАТА ИМ ВОЗВРАЌА

Како второ, треба да се разграничат изборната жиро сметка, која во случајот покрива една широка коалиција од политички партии, наспроти тековната жиро сметка на ВМРО-ДПМНЕ која треба да ги покрива секојдневните партиски потребштини. Трето, Груевски мудро одмолча од кои славини ќе им дотечат тие 3 милиони евра! Четврто, на кои правни лица им должат, колкави суми, за да видиме кои бизнисмени имаат толкава разбирачка за долговите на владеачката партија. Петто, кое пак антикорупционерите воопшто не ги дразни, постои ли корупциски жички меѓу владата и некои медиуми. Имено, факт е дека владата истура милиони евра во одредени медиуми кои ја воспеваат преродбата, а истите пак, потоа, се јавуваат како најголеми донатори во услуги на владејачката партија за време на изборите. Демек овие им пуштаат предизборни спотови беспари, а во вредност дури и од неколку милиони евра, а потоа владата им пушта неколку милиони евра од буџетот за да ги рекламира своите политики. Можеби затоа не даваат владините кампањи да се емитуваат во опозициски медиуми?

Но, еве, да се потсетиме на една пикантерија што ја откри Велија Рамковски пред да биде уапсен. На двојниот изборен циклус во 2009, ем локални ем претседателски, телевизијата на Рамковски беше евидентирана во отчетот со донација во услуги од 1,6 милиони евра. Во последното интервју за Фокус пак, тој откри дека од 2006 до 2009 година Владата ѝ платила 4,5 милиони евра на А1 телевизија за реклами. При тоа додаде дека 225 илјади евра биле од ВМРО-ДПМНЕ, а за се постојат документи.

„Од тие 4,5 милиони евра, милион и двесет евра се платени од владата како за рекламирање на владини проекти, ама ние сметаме дека се од партијата. На пример, во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ одеше со реклами на нашата телевизија, но, подолг период не ни плаќаше. Баравме да го намират долгот и тогаш рекоа дека можат да ни платат на ваков начин. Тогаш реков, добро – платете!“, раскажа Рамковски, а оние кои го сместија во затвор истражија се, освен ваквите обвинувања за сомнителни маркетингшки шеми.

Ете, меѓудругото зошто е важно да се знаат фирмите кои се јавуваат како донатори? Можете потоа да измерите колку имало тука нати го, дајми го! Од друга страна, според законот политичките партии не можат да се финансираат од фирми кои „кога го даваат прилогот за партијата, вршат јавна услуга за државен орган или јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“. А формулацијата во законот „во момент кога го даваат прилогот“ остава впечаток дека фирмите можат да донираат пред или откако ќе склучат некаква зделка со државата. Фино стокмено, нема што!

Во секој случај, евидентно е дека од ВМРО-ДПМНЕ редовно се трудат да ги избегнат фирмите како нивни донатори. Во 2006 година ги наведоа само личните донации на нивни 89 членови. Пропуштија да кажат од каде им стигнале еден милион евра, па, да се посомневаме дека можеби им се од правни лица. На вонредните парламентарни избори во 2008 година кусо срочија дека обезбедиле 42 милиони денари од физички лица и, овој пат барем, наведоа општо дека 12 милиони денари им се од правни лица. Карактеристично за Груевци, не кажаа кои се тие добротвори од  бизнис заедницата! Такви изрази пак, немаше во нивниот отчет на двојниот изборен циклус следната, 2009 година. Уф, сепак за кампањата на Иванов беа наведени една земјоделска задруга и еден доеел, но со ситниш дури и за вмровските физички лица!

ДЕСЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПЕТ ИЗБОРНИ ТРКИ

И доаѓаме до ланските избори, кога избегнувајќи ги правните лица демек, наредија дури 530 физички лица, кои сите донирале по 60.000 денари. Како што веќе истражуваше дневен „Фо­кус“, на листата на ваквите донатори имаше земјоделци, учителки, секретарки, редари. Ма што се илјада евра за работничката класа! Дел од нив и не се сеќаваа колку и дали воопшто дале пари за ВМРО-ДПМНЕ. А на ваков начин биле собрани околу половина милион евра! Да потсетиме, ко­а­лици­ја­та на ВМРО-ДПМНЕ при­ја­ви де­ка во кам­па­ња­та по­тро­ши­ла 4,4 ми­ли­о­ни евра. За 1,1 ми­ли­он се оправ­да пред ин­сти­ту­ци­и­те, ме­ѓу кои се и овие па­ри, со­бра­ни од фи­зич­ки ли­ца, до­де­ка оста­на­ти­те беа до­на­ции токму од медиумите, главно од те­ле­ви­зи­и­те. Добија пара и од Буџетот за освоените гласови, но, недоволно- остана да зјае го­ле­ма­та дуп­ка во финансиите од 3,3 ми­ли­о­ни евра.

Ако се соберат пријавените трошоци за избори од 2006 до ланските, излегува дека официјално Груевци потрошиле безмалку 10 милиони евра. На страна секојдневните давачки што ги има секоја, особено голема партија од калибарот на ВМРО-ДМНЕ. И оваа богата партија не даде јасен и транспарентен одговор- од кои извори, преку кои сметки, од кого и на кого се однесуваат тие 3 милиони евра. Да, и според кој закон ќе ја санираат дупката!

А кога беше само опозициски лидер, истиот овој Груевски како можна корупција во владата на СДСМ го третираше дури и реновирањето на седиштето на ДУИ во Скопје, што го беа процениле на околу четврт милион долари. „ДУИ е богата партија и нема објаснување или транспарентност за нивните финансиски трансакции“, резонираа тогаш оние кои сега како богата партија не даваат објаснување за случајот 3 милиони евра!

Ама, во пастирски стил речено, вистината е како шило. Ќе врти, ќе врти и еден ден ќе излезе на виделина. Примерот со поранешниот француски претседател Жак Ширак, кој неодамна беше осуден за злоупотреба на општествени средства додека бил градоначалник на Париз, е поучен за споредба од два аспекти. Прво, му судеа за корупција од пред 15 години. Поточно му судеа затоа што користел буџетски пари за фиктивни вработувања во градската администрација, за лица кои работеле за партијата, а се исплаќале од градската каса. Второ, беше осуден условно на две години затвор. Наспроти кантарот на нашите судии кои измерија 7 години ефективен затвор за Бошкоски!

Оттаму, неограничената моќ што сега ја има ВМРО-ДПМНЕ, тоа што со свои подобни кадри ги има под контрола сите институции кои би можеле барем да го истражат случајот „3 милиони евра“, можеби ги залажува и вознесува дека ваквата илузија ќе трае вечно. За среќа, искуствата покажуваат, а историјата од антика до денес потврдува дека тркалото сепак се врти!

Рамка 1

Автентично толкување

ЕЛЕКТРОНСКА (НЕ)ТРАНСПАРЕНТНОСТ?!

Во законот за финансирање на политичките партии стоеше и должноста партиите јавно на својата веб страница и во најмалку еден од дневните весници да го објават регистрарот на донациите, се мисли на оние за секојдневниот партиски живот. Ваков регистар не успеваме да детектираме на веб страницата на ВМРО-ДПМНЕ, освен доколку го објавиле да стои еден час, па го симнале. Оти, итроманите од портокаловиот табор можеби автентично протолкувале дека нема стриктна забрана да ја симнат ваквата информација, ниту пак децидно стои дека треба да е таму за век и веков.

Арно ама, со измените на овој закон, сторени во октомври лани, беше елиминирана обврската за објавување на донациите во еден дневен весник, со образложение- да се избегнеле дополнителни трошоци на партиите. За сите други партии можеби е и трошок еден оглас во весник, но, за ВМРО-ДПМНЕ која растура со вакви пропагандни објави, ем троши по неколку милиони евра на избори, образложението е апла шегобијно!

 

 

Истиот ден кога го апсеа Љубе за незаконско финансирање, Груевци договориле донации од 30 медиуми!

$
0
0

Текстов е објавен на 25-ти мај 2012-та. 

Пишувале:
Јадранка КОСТОВА
Мирослава СИМОНОВСКА

Согласно народната мудрост, реафирмирана токму од премиерот Никола Груевски, дека „вистината е како шило, ќе врти, ќе врти и ќе излезе на виделина”, многу вистини за преродбеничките манири ќе ја здогледаат светлината на денот дури кога светлата на Илинденска 2 за нив ќе згаснат. Во меѓувреме, мали каменчиња од мозаикот ќе се пополнуваат, но, дури и кога ќе се насетува сликата, сите ќе се прават далтонисти.

Епилогот од ланските парламентарни избори на финансиски план беше убиствен за опозицијата, а благопријатен за власта. За подигнат кредит од банка, сдсмовците заработија кривична пријава, за пари добиени од пријател Љубе Бошкоски доби 5 години затвор, во крајно контроверзна полициско-судска процедура. Од друга страна, партијата која најмногу потроши, ВМРО-ДПМНЕ остана со финансиска дупка од над три милиони евра, но, никој не ја гиба. На февруарската сесија за пратенички прашања, Груевски барем призна дека имаат долг кон одредени правни лица, но, не го откри нивниот идентитет, туку само вети дека тој изборен финансиски долг ќе го регулирале во иднина!

Со оглед на „транспарентноста” на ВМРО-ДПМНЕ, засилена со „агилноста” на антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија и медиумската заедница, Фокус се обиде да го реши овој енигматски забавник. Кому должи ВМРО-ДПМНЕ? Како и преку која сметка ќе ги покрие долговите? И од каде ќе собере три милиони евра за долгот „што треба да се регулира”? Како ќе го регулираат, а тоа да биде согласно Уставот и законите, кога изборната партиска сметка е затворена?

НАЈМНОГУ ИМ ДОЛЖИ НА НАЈГОЛЕМИТЕ ДОНАТОРИ!?

Според податоците достапни за јавноста, ем малку логично промислување, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е должник на едно чудо медиуми за нивното предизборно рекламирање. Најголемиот долг, сепак, е кон Канал 5 и Сител. Околу 100 милиони денари Груевци ѝ должат на телевизијата на Стојменов, и околу 46 милион денари на телевизијата на Ѕинго, без оглед формално-правно кој фигурира како сопственик на овие медиумски куќи. Искажано во евра, тоа е над 1,6 милиони, односно, околу 750 илјади евра, т.е. вкупно – 2,4 милиони евра!

Зошто Груевски ги премолча овие детали? Им должи на неговите коалициски партнери, па, така земено и не звучи страшно. Арно ама, кога ќе ја погледнете целината на дупката, тогаш се јавуваат неколку проблематични елементи.

Прво, изборната жиро сметка треба одамна да им е затворена, а незаконски е доколку долговите се плаќаат од редовната партиска сметка. Уште повеќе, и доколку партијата прима донации на редовна сметка преку која би се раздолжувала за изборни борчови. И најмногу, ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да собере над три милиони евра, а толкави пари не се земаат со донации од физички лица – финта која веќе се избегнува како провалена и во регионални рамки. Второ, оние на кои им должи се токму оние на кои најмногу им дава од буџетот под плаштот – владини реклами. Тоа е корупцискиот круг – тие на ВМРО-ДПМНЕ попуст за изборно рекламирање, а владата на Груевски ним реклами платени од буџет, значи од наши пари. Трето, како што на Груевски му се лоши од дволичноста на НАТО, нам двојно ни се лоши од троличноста на контролорите на власта – медиумите, антикорупциската и сите останати, кои се однесуваат во стилот дека „тази вмровска дупка, не е дупка!”

И да одиме со ред. Согласно законот, партиите можат да потрошат во изборна кампања максимум по 327.801.000 денари. И тука вмровскиот извештај е во ред. Пријавија дека нивните изборни трошоци изнесувале 272.334.493 денари. При тоа, убедливо најголемата ставка е за реклами и пропаганда – дури 244.422.789, плус 15.560.680 денари за услуги за објавување на огласи. Значи, 90 отсто отишло на рекламерството на груевци. Она што боде очи е податокот дека за овој луксуз тие главно не плаќале. Се рекламирале, дури добивале и огромни попусти од медиумите, што се смета како донација, а долговите тешки дури 204 милиони денари – останале!

Можеби сите овие бројчиња ви создаваат хаос, но, тие се основата за натамошните анализи. Имено, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потрошила барем четири пати повеќе пари отколку што собрала преку донации. Тие ниту имале пријатели како Љубе, ниту се дрзнале да земат кредит, па, оставени само на своите членови и симпатизери, успеале да соберат едвај 68.032.600 денари. Околу 530 физички лица дале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, а како правни лица фигурираат триесетина медиуми преку донации во услуги, во што, всушност, се сметаат и спомнатите попусти за рекламирањето.

Најдарежливи донатори во услуги пак, разбирливо се Сител со 20 милиони денари, а потоа и Канал 5 со двојно помалку, околу 10 милиони денари. Сепак, согласно освоените гласови, победничката коалиција доби и од буџетот 6.612.360 денари. Но, врти-сучи, пак остануваат долгови вредни околу 200 милиони денари!

КОЛКАВА Е ДОНАЦИЈАТА ОД НАША ТВ?!

И сега доаѓаме до поентата, барем во Изборниот законик, каде во членот 71 децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања”. Впрочем, доколку некој се обиде да даде растегливо толкување на оваа одредба, дека може долговите да се затвараат и преку редовната сметка, тогаш чуму е воопшто посебна изборна сметка!? Инаку, оваа посебна жиро сметка се затвора кога парите што им следуваат од буџетот ќе им легнат на сметката, изборна нели. Оваа буџетска операција е веќе извршена есента, минатата година. Значи, ВМРО-ДПМНЕ, како и сите други партии, треба да ја има затворено оваа сметка. Исто така, треба да се разграничат изборната жиро сметка, која во случајот покрива една широка коалиција од политички партии, наспроти тековната жиро сметка на ВМРО-ДПМНЕ која треба да ги покрива секојдневните партиски потреби.

Во секој случај, се обидовме да дознаеме, дали долговите што медиумите после изборите ги пријавиле до Државната изборна комисија, главно во јуни, во меѓувреме се намирени и преку која сметка. Оние главните, како Канал 5 и Сител, нѐ игнорираа. Сепак, според разговорите со оние поситните, на медиуми на кои ВМРО-ДПМНЕ им должи од изборите помали суми, с ѐ уште не им е платено!

Најкоректно се разбравме со директорот на телевизија Телма, каде ВМРО-ДПМНЕ платила еден милион денари, но, останала должна уште 626.729 денари.

– Бројките ви се точни, долгот од рекламирањето за изборите не е намирен. Нашата политика е таква што не планираме да бидеме донатори ниту да простуваме долгови. За едни минати избори, ВМРО-НП ги дадовме на суд од истата причина. Ние соодветните побарувања ќе си ги оствариме – изјави Ристо Лазаров, директор на телевизија Телма.

Сопственикот на Телевизија Кочани Лазо Димитров, си чека 485.464 денари од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ама во петокот му било кажано од партијата дека долгот ќе биде подмирен. Ако не му платат, и тој ќе тужи. Како ќе му бидат исплатени парите (од која сметка), ако изборната е веќе затворена, ни тој не знае!
– Им понудивме на сите 10-15 проценти попуст за рекламите ако платат авансно, но одбија. Ако тужиме, ќе тужиме повеќе телевизии колективно, зашто така е полесно, вели Димитров.

Интересно е дека при вкрстено анализирање, постојат различни суми што ги пријавува ВМРО-ДПМНЕ и одделни медиуми. На пример, според партискиот извештај, Наша ТВ им е донатор со 1.400.000 денари. Од друга страна, во рапортот на оваа телевизија стои двојно помала сума – 696.000 денари се наведени како попуст при рекламирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, според истиот „папир”, Наша ТВ побарува 2.177.000 денари од преродбениците!

Има и други вакви случаи, каде што Груевци велат дека добиле донација, а медиумот нема наведено такво нешто во својот извештај. Инаку, да потсетиме колку само антикорупциската комисија беше посветена во делкањето на разликите што се појавија во извештајот на СДСМ и Плус продукција и ТВ А1, за што покрена и кривични пријави!

ВЛАДИНИ РЕКЛАМИ КАКО ЛЕКСИЛИУМ ЗА ПАРТИСКИ ДОЛГОВИ

Во секој случај, долговите си стојат, а медиумите си молчат. Тешко е да се најде „маж” што ќе ја тужи ВМРО-ДПМНЕ. Згора на тоа, владините реклами се тука да „бајпасираат”. Да, оние со кои контактиравме признаа дека се клиенти на владиното рекламерство. Но, Антикорупциската до сега не виде ни грам сомнеж за некаков корупциски круг.

За илустрација, кога ја прашавме сопственичката на една локална телевизија за долгот од ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека такви информации не би делела со јавноста од страв да не секнат државните реклами, кои таму и тоа како се слеваат!

И доаѓаме до уште еден бисер. Илија Димовски не успеваме да го добиеме, но затоа, пак, според еден сопственик на една локална телевизија, тој наводно одржал средба со повеќемина медиумски газди од градовите во внатрешноста, каде договарале попусти за рекламниот простор. Она што дава опасен вкус на ваквата шема, е податокот од извештајот токму на ВМРО-ДПМНЕ доставен до ДИК. Внимавајте, таму сите донации од 32 медиуми за Груевци носат ист датум – 6 јуни 2011 година. Како баш сите до еден, ден по изборите се „осмелија” да бидат донатори на победничката партија? Уште повеќе, излегува дека кога Љубе Бошкоски спектакуларно го апсат за донација од пријател, едно чудо медиуми пуштаат срце да бидат донатори на ВМРО-ДПМНЕ!

И сега, што ќе биде со изборните долгови на владејачката партија? Ако медиумите не тужат, ќе ги покрие ли заборавот овие изборни авантури? Според една изјава на поранешниот претседател на антикорупциската комисија, Војче Зафировски, не е можно партискиот долг кон медиумот да биде отпишан.
– Доколку една партија должи за објавените реклами и тоа не го плаќа подолго време, медиумот тогаш мора да поведе судски спор за да го наплати побарувањето пред тоа да застари. Доколку медиумот објасни дека долгот им го отпишал, ние тоа ќе го пресметаме како дополнителна донација и ќе видиме дали влегува во дозволени законски рамки, објаснуваше лани Зафировски.

Токму затоа, доколку евентуално Канал 5 и Сител ги отпишат долговите на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш оваа партија ќе го надмине дозволениот законски лимит. Од друга страна, навистина е инспиративно за размислување, од каде партијата ќе најде дури три милиони евра за своите долгови. Дали можеби тука навистина владините реклами се лексилиумот за оние медиуми на кои ВМРО-ДПМНЕ им должи? Поточно, дали постојат оние шеми, за кои говореше Велија Рамковски пред да биде уапсен. Да потсетам дека и А1, барем во златните времиња на дружба меѓу Груевски и Рамковски, беше од оние дарежливи донатори на преродбата. Истовремено, и преродбеничката влада беше широкограда кон А1 со владините реклами!

Арно ама, во последното интервју за Фокус, Велија откри дека од 2006 до 2009 година Владата ѝ платила 4,5 милиони евра на А1 телевизија за реклами, од кои, наводно, милион и двесте евра ги сметале како дека се од партијата. И тој се жалеше дека подолг период ВМРО-ДПМНЕ не им плаќала, и потоа, наводно, му предложиле вака да компензираат.
И сопственикот на радиото Канал 77, Горан Гаврилов, откако по само неколку месеци ја напушти менаџерската функција во МПМ, говореше за вмровските долгови кон оваа медиумска куќа. Раскажа како се скарал со Илија Димовски за долгот што оваа партија го има кон МПМ. Уште повеќе, ја објасни волшебната моќ на владините реклами, огласи и тендери, врз слободата на медиумите. Ако претходно им доаѓале околу еден и пол милион евра, пари кои владата ги давала за огласи, тие веќе секнале. Добивале и тендери, кои потоа не се спроведувале.
– Џабе си добил, кога прават рамковен тендер и не ти ги даваат парите. Тоа за фирмата не се мали пари. Срѓан Керим сметаше дека мораме да бидеме малку поблиски и пофлексибилни, поумерени кон власта. Новинарите да не ја иритираат владата, за да можеме побрзо да добиеме тендери, ја опиша Гаврилов формулата на владата на Груевски за медиумското држење под конец.

Ете, ние за сега успеавме толку да истражиме. Согласно независните институции и професионалните медиуми – според аршините на ВМРО-ДПМНЕ – во сето ова нема корупција, а нивното финансирање е „согласно уставот и законите”. Без потсмевање, ве молам!

 

Без одговор
ИМ ДОЛЖАТ, АМА – МОЛЧАТ!

Се обидовме да провериме, дали се намирени партиските борчови, директно кај медиумите на кои ВМРО-ДПМНЕ им должи пари од изборната кампања. Но, тоа излезе невозможна мисија за оние кои имаат најголеми побарувања.

Директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, рече дека не е соодветен за оваа тема и нѐ упати да го побараме сопственикот. Сопственикот, пак, Емил Стојменов и покрај нашата упорност не беше достапен да објасни дали коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги исплатила парите што ги должи кон телевизијата во износ од сто милиони денари. Еднаш од дваесетте пати, колку што го баравме Стојменов, додуша и ја крена слушалката, но веднаш ја спушти кога слушна од каде сме, под изговор дека ништо не нѐ слуша, а потоа го исклучи мобилниот телефон!
Сопственикот на Сител, Горан Ивановски, или не ја примил пораката од неговата секретарка, или ја игнорира!
Според извештајот доставен до ДИК, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на Сител и должела 45.799.465 денари, а телевизијата ѝ дала попуст на ВМРО-ДПМНЕ од 20.000.000 денари. Донацијата од Канал 5, пак, изнесува 10.230.000 денари, а побарува од партијата дури 100.017.690 денари!

 

Илија ДИМОВСКИ, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
КОЈ ВИ ДАДЕ ПРАВО ДА ЅВОНИТЕ 15 ПАТИ?!

До директорот на Центарот за комуникации Илија Димовски по електронска пошта ги испративме следниве прашања:

Дали ги плативте долговите од изборната кампања 2011 година кон Канал 5, Сител и другите медиуми? Ако сте ги платиле, дали тоа го сторивте преку посебната изборна жиро сметка? Дали и кога оваа посебна изборна жиро сметка ја затворивте, согласно законот?

Доколку овие долгови не сте ги намириле, како и кога планирате тоа да го сторите?
Обидот, пак, да комуницираме и телефонски со Димовски беше комункациско фијаско. Човекот можел да издржи 15 пати телефонот да му ѕвони и да му се препелка во џебот, за конечно, кога ушните тапанчиња ќе ја загубат битката, „културно” да ве откачи со прашањето:
– Кој ви даде право 15 пати да ѕвоните непрестано? Што ако сум во болница?

И така, едноставно вие се прекорувате себеси што во работно време му ѕвоните на Димовски, народен избраник во Собранието, а всушност сте немале право. Сепак, покорно го прашувате кога да го побарате повторно. Вели – за еден час. И не крева слушалка во наредните три.

Ај си велиме, може Димовски заглавил во болница, па му испративме и смс порака за да го известиме дека сме му испратиле прашања по мејл. Досегашниот епилог од напорите може да вроди само со предлог иницијатива за преименување на „Центарот за комуникации”, во „Центар за еднонасочни комуникации”!

Комисија за спречување на корупција
ГИ АНАЛИЗИРАТЕ ЛИ ВМРО-ДПМНЕ, КАНАЛ 5 И СИТЕЛ?

До Комисијата за спречување на корупцијата, која, нели, покрена кривична пријава за СДСМ поради подигнатиот кредит за избори, но и против раководни лица во А1, Фокус ги испрати следниве прашања:
Телевизиите Канал 5 и Сител во своите извештаи за ланските парламентарни избори наведоа дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им должи околу 1,6 милиони евра, односно околу 740.000 евра. Дали ваквите долгови од изборната кампања се во рамките на законот, кога изборните жиро сметки треба да се згаснати, а во Изборниот законик децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања”?

Дали гледате простор за ваша реакција во овој случај?

Доколку некој од медиумот го отпише долгот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш тоа ќе се смета за дополнителна донација, која, пак, антикорупциската комисија треба да испита дали влегува во дозволениот законски лимит. Дали воопшто следите и барате информации за тоа: како ќе се затворат овие долгови?

Дали постои корупција кога одредени медиуми даваат огромни попусти за предизборно рекламирање на владејачката партија, а владата на истите медиуми им дава најголем дел од владините кампањи и огласи?

Добивме одговор дека поради сериозноста на прашањата не се во можност да ги одговорат до затворањето на весникот. Но, испративме ново барање со истите сериозни прашања, што веруваме дека ќе бидат сериозно одговорени и уште посеризоно објавени во Фокус!

Државен ревизор
ПРАКСАТА НАСПРОТИ ЗАКОНОТ!?

Државниот ревизор го има објавено конечниот извештај за изборната сметка на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на 3 април оваа година. Ревизорите како одговорни лица за овој финансиски извештај ги наведуваат претседателот на партијата Никола Груевски и Мартин Протугер, како шеф на изборниот штаб. Контролите се одвивале кон крајот на октомври. Она што особено ни остана нејасно е следниот навод на ревизорот:

„Имајќи ги предвид состојбите во пракса, каде дел од учесниците во изборната кампања имаат создадени обврски кои не можат да се покријат од обезбедените средства на сметката на изборната кампања, овие обврски ќе бидат пренесени во деловните книги за редовната сметка ( н.з.) каде ќе бидат покриени/платени од извори кои не се наведени во член 83 од Изборниот законик”!

Со други зборови, ревизорот се повикува на состојбите во пракса, но, го занемарува членот 71, ставот 5, од Изборниот законик. Таму јасно и децидно е запишано: Сите трошоци за кампањата ИСКЛУЧИВО (н.з.) ќе се покријат од средствата на жиро-сметката за изборната кампања.

Токму заради ваквите толкувања, до Државниот завод за ревизија поставивме прашање:

Како оваа пракса за префрлање на обврски од изборна кампања на редовната сметка ќе ја вметнете во рамките на членот 71, став 5 од Изборниот законик?

Одговорот ни ветија дека ќе го добиеме согласно законските рокови. Се разбира, тогаш и ќе го објавиме. Во секој случај, би било интересно да слушнеме и какво автентично толкување на оваа законска одредба би дала законодавно -правната собраниска комисија што ја раководи Благородна Дулиќ. Чисто онака, да слушнеме креативно објаснување на зборот – ИСКЛУЧИВО!

Вмровски штаб на лекари профитери

$
0
0

Текстот е објавен на 24 март, 2017 година во недленикот „Фокус“, во бројот 1120

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Лекарската комора на Македонија годинава треба да прослави јубилеј од 25 години од своето постоење. Ова лекарско здружение е формирано на 5 јуни, 1992 година и брои околу 7.000 членови, а неговата основна цел е да ги застапува и штити интересите на лекарите, да се грижи за угледот и дисциплината на лекарската професија, да им помага на членовите со адвокати и со правни совети, ако пациентите ги обвинуваат за лекарски грешки.

Така барем пишува во Статутот на Лекарската комора, каде што во неколку точки и потточки се објаснува кој може да биде член, како функционираат органите и телата и како престанува членството во комората.

Но, колку навистина се почитува Статутот и дали Лекарската комора редовно ги застапува интересите на своите членови? Ова прашање лекарите си го поставуваат веќе подолг период, а особено дојде до израз откако на чело на комората дојде новото раководство во 2012 година, кое според обвинувањата на лекарите, наместо да ги брани нивните права, цели пет години ги штити „реформите“ и здравствените политики на екс премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.

Во тој период имаше и неколку случаи на лекари што завршија на суд, но Лекарската комора не излезе во нивна одбрана, ниту, пак, им помогна со ангажман на адвокат или со правни совети. Затоа, пак, од комората секогаш се тука за поддршка на министерот Тодоров и проектите што тој ги промовира. Раководството на комората редовно им дава поддршка на политиките на власта, дел се делегати на партиските конвенции на ВМРО-ДПМНЕ, дел, пак, излегуваат и на протестите за одбрана на државата од „предавниците“.

Како што тврдат членовите на ова лекарско здружение, од непрофитна организација комората се претворила во владино и профитерско здружение кое само собира пари и тоа од џебовите на лекарите, а притоа никој не дава отчет каде се трошат тие пари.

 

ПЕТКРАТНО СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ ТРОШОЦИТЕ НА КОМОРАТА

Веќе една година е истечен мандатот на актуелното раководство на Лекарската комора на чие чело е доктор Кочо Чакаларовски. За 23 мај годинава закажани се избори, на кои треба да се избере ново раководство, кое во наредните четири години треба да го штити угледот и дигнитетот на лекарите. Но, пред да се осврнеме на тоа кои се имињата на кандидатите што ќе се борат за претседателското столче, да видиме што во овој период од пет години сработи комората, од каде добива пари, колку приходи и расходи има на годишно ниво и дали раководството дава отчет пред лекарската фела за својата работа.

Да тргнеме со ред. Во касата на Лекарската комора годишно влегуваат околу 1 милион евра, пари што се добиваат од членарини, уплати за релиценцирање на лекарите, полагање државни испити, приходи од реклами, приходи од полагање државен испит… Секој лекар е должен годишно на сметката на комората да уплати 1.200 денари членарина, со што за само една година во буџетот на комората од оваа ставка влегуваат околу 140.000 евра. Исто така, во касата на ова лекарско здружение влегуваат и по 8.500 денари од лекар за обновување на лиценцата што се прави на секои седум години, како и по 15.000 денари од сите млади доктори што дипломирале и треба да полагаат државен испит. Сепак, државна тајна останува информацијата – колку пари легнуваат на сметката на комората од плаќањето кирија за просторот што е купен пред неколку години.

„Фокус“ ги објави финансиските извештаи од првите три години на досегашното раководство во кои може да се забележи дека лекарското здружение има повеќе од 730.000 евра расходи на годишно ниво. За изградба на Медицински симулациски центар биле потрошени 240 илјади евра, потоа за лицата кои се на договор на дело се плаќало околу 40.000 евра, а тука се и трошоците за гласилото на Лекарската комора Vox medici кое излегува на секои три месеци, за што се трошат 30.613 евра на годишно ниво, додека, пак, за надомест за членови на комората само во 2014 година се потрошени 63.711 евра. Исто така, од сметката на Лекарската комора се трошат пари за канцелариски материјал, тонери, касети, дискети, бензин, дневен печат и стручна литература, стручни советувања, репрезентација…

Се обидовме да ги добиеме финансиските извештаи и за последната година, но лекарите не смееја да ги споделат со нас, со оглед на тоа што претходно беа казнети и дадени на Етичка комисија затоа што извештаите се нашле на страниците на „Фокус“, иако тие лекари не се свиркачите што ги бара раководството на комората. Според извештаите, за сите 25 години колку што работи Лекарската комора приходите и расходите на највлијателната медицинска асоцијација петкратно се зголемиле!

Последното раководство на комората не функционира на никаков начин, освен што ги троши парите на лекарите. Тие цело време се занимаваат сами со себе и се продолжена рака на ДПМНЕ. Претседателот е нула од човек. Тие се придружни вокали на главниот водач од власта и како негови послушници веднаш се организираат за се што ќе им затреба. Едно знам, Здружението кое долги години уживаше углед кај лекарите го претворија во вмровски штаб или профитерско здружение – тврди доктор Ѓорѓи Оровчанец, поранешен министер за здравство.

Пред неколку години, финансиските извештаи на Лекарската комора беа достапни на веб-страницата на здружението. Секој од лекарите што сакаше да провери каде одат неговите пари, слободно можеше да ја отвори страницата и да провери колку пари влегуваат во касата на комората и колку и за што се трошат. За разлика од тогаш, сега не може да се најде ниту еден извештај на веб-страницата, освен што може да се види организациската поставеност во комората, членовите на Извршниот одбор, Собранието, комисиите.

НАМЕСТО ОСТАВКА, КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМОРАТА

За две недели треба да се одржат избори за ново раководство на комората, а во меѓувреме не поминува ден без кавги, тензии и напната атмосфера во просториите на ова лекарско здружение. Според нашите извори, лекарите се поделени во табори, главна улога имаат бизнис-интересите, а во меѓувреме копјата се кршат околу измените во статутот на комората, според кои членови на највисокото раководно тело – Извршниот одбор не можат да имаат функции во други асоцијации или здруженија поради конфликт на интереси. Токму од тие причини, неколку недели пред изборите, Лекарската комора се соочува со тужби од лекарите кои тврдат дека измените се усвоени незаконски.

„Фокус“ располага со тужбите од тројца лекари. Таков е случајот со матичната лекарка Лилјана Чолакова – Дервишова, која е претседател на Здружението на приватни лекари, а истовремено е и член на Извршниот одбор во комората. Според новите статутарни измени, ако остане член на ИО, Дервишова нема да може да го предводи здружението. Но, проблемот е во тоа што кога се усвојувале измените во Статутот, од вкупно 67 делегати, присутни биле 42, а гласале само 27 од нив.

За измените во статутот мора да гласа мнозинство од вкупниот број делегати. Овој статут мора да биде поништен бидејќи со него се забранува активност во кое било здружение. Наместо да ги отворат широко вратите за лидерите, тие уште носат и забрани – вели во изјава за „Фокус“ доктор Дервишова.

Таа заедно со уште двајца лекари Игор Дабески и Никола Ќулафковски ја тужи Лекарската комора и бара поништување на измените во Статутот.

За ова би можеле кривично да одговараат. Лекарската комора не е сопственост на тројца луѓе кои ја третираат како „наше дете“ или Биро за вработување синови, ќерки, кумашини, внуки, сестри, снаи… – додава матичната лекарка.

Извршниот одбор на комората брои 10 члена, а според извештаите, за разлика од порано, кога дневница од 600 денари и надомест за патни трошоци добивале само лекарите од другите градови, сега добиваат сите членови на одборот и тоа по 6.000 денари од состанок, а состаноци одржуваат двапати месечно.

Разочараните лекари го објаснуваат и начинот на кој биле избрани членовите во Извршниот одбор. Според нив, за изборот на Извршниот одбор пристигнал список од партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а членовите на Собранието на комората само требало да го изгласаат. Меѓу членовите на Извршниот одбор, чии имиња можат да се најдат на веб страницата е претседателот Чакаларовски, потоа доктор Ленче Неловска, десната рака на првиот човек во комората и нејзин потпретседател, која истовремено е директорка на Геријатрискиот завод во Ѓорче Петров, а беше делегат и на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиното име стана актуелно за време на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември, лани. Само три дена пред изборите, во јавноста се појавија информации дека лекарка-интернист од Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ издала 30 специјалистички извештаи за неподвижни лица, кои требало да гласаат во сабота, ден пред изборите, кога гласаат изнемоштените, болните и затворениците. Проблемот настанал откако се докажало дека лекарката направила фалсификат, односно издала извештаи со неточна дијагноза, поради што веќе неколку месеци МВР работи на расчистување на случајот.

Дел од обвинувањата за овој скандал одат и на адреса на директорката Неловска, затоа што лекарката наводно тоа го направила по нејзина директива. Но, дури и да не знаела ништо за фалсификатите, директорката требаше да понесе морална одговорност и да си поднесе оставка за тоа што се случи во болницата со која таа раководи. Наместо тоа, таа сега се кандидира за претседателското место во Лекарската комора, а институцијата што ја предводи е под истрага?!

Во лекарските кругови се шпекулира дека Неловска е најсериозен кандидат да го заземе претседателското столче во комората, а во меѓувреме, додека таа е втор човек, таму се вработи нејзината снаа за брат, Славица Неловска.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со потпретседателката да ни одговори на неколку прашања кои ги испративме и на нејзиниот службен имејл, но до затворањето на овој број од неделникот не добивме одговори.

ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ

Но, тука не застануваат роднинските и партиските вработувања во највлијателната медицинска асоцијација. Член на Извршниот одбор е и доктор Боро Илиевски од Институтот за патологија, а за тоа време во комората е вработена неговата сопруга Наташа Илиевска. Во последните две-три години во комората е вработен и извесен Спире Арсовски, кој според нашите извори завршил Земјоделски факултет ѝ е внук на доктор Биљана Петковска-Огњанова, која, исто така, е член на највисокото раководно тело. Освен внукот, во комората е вработена и нејзината кумашинка Анета Крстевска.

Член на Извршниот одбор, исто така, е и Игор Николов, брат на екс директорот на ЈСП, Мишо Николов и Марјан Шокаровски, брат на пратеникот од Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Харлампие Шокаровски.

За да направиме споредба како функционирала на времето Лекарската комора поразговаравме со нејзините поранешни претседатели. Доктор Алексеј Дума беше прв претседател на комората, кој со неа раководел цели 12 години, односно три мандати. Тој тврди дека во негово време се штедело, дури и дека тој од свој џеб ги плаќал трошоците.

Комората секогаш мора да биде опозиција или коректор на секоја административна власт и мора да се грижи за интересите на докторите, бидејќи со незадоволни лекари нема задоволни пациенти. Не е работата да имаш власт. Власта како власт е само да приграби нешто и луѓето од раководството да се прават паметни. Се знае дека на власт сакаат да бидат тие што се слаби во професијата. Идејата не беше собраните пари да ги трошиме, туку да ги намениме за едукација на младите доктори – тврди Дума.

Тој додава дека од моментот кога излегол од комората, досега не бил повикан да членува во ниту едно раководно тело, а никогаш не бил ангажиран ниту како консултант.

Сега се измешани работите. Сето тоа за што ние се залагавме изгуби содржина. Не може претседателот на Лекарската комора да патува во странство како делегат по налог на министерот за здравство и да ги застапува неговите интереси. Тоа не е негова работа. Се знае чии интереси треба да застапува Лекарската комора – вели Дума.

Со сличен став е и доктор Владимир Борозанов, исто така поранешен претседател на комората. Додека тој управувал со комората, тој тврди дека цело време се штедело, затоа што раководството не сакало финансиски да заглави.

Членарината за лекарите беше само 100 денари, а дневници добиваа само тие од другите градови, но не и лекарите од Скопје. На тој начин се штедеше, па и активистите во комората добиваа минимум пари. Наша цел секогаш била да ги заштитиме лекарите како професија, но Фондот за здравство и ресорното Министерство ни го отежнуваа тој процес бидејќи тие заедно беа секогаш против лекарите – вели доктор Борозанов.

Покрај сите тензии, поделби во табори, партиски определби и кавги за претседателското столче, во целата приказна останува спорен делот со зголемувањето на дневниците и членарината. Како и сите институции, и комората е должна да даде отчет за трошењето на парите. Се разбира, пред лекарите.

Рамка1:

ЧАКАЛАРОВСКИ НЕ ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС

„Фокус“ неколкупати се обиде да стапи во контакт со актуелниот претседател на Лекарската комора, доктор Кочо Чакаларовски, кој по професија е нефролог и на кој сакавме да му поставиме неколку прашања за последните случувања во ова лекарско здружение, поделбата на табори меѓу лекарите, начинот на кој се направени измените во Статутот и кои се кандидати за претседателското столче.

Прашањата ги испративме и на неговиот службен имејл, но до затворањето на овој број од неделникот од него не добивме никакви одговори.

Рамка2:

ПРОЦЕДУРА ЗА ИЗБОР НА НОВО РАКОВОДСТВО

Во овој период се одвива процедурата за распишување на изборите на Лекарската комора, кои според предвидениот рок треба да се одржат на 6 април. Постапката е таква што лекарите прво избираат претседатели на општинските одбори на комората, кои ги има 42 на број, а покрај општинските претседатели, кои всушност се членови на Собранието, одборите делегираат и по еден претставник во комората. Дури потоа се оди на избори за ново претседателство.

Рамка3:

КОМОРАТА ГО ПОДДРЖА ПЛАЌАЊЕТО ПО УСПЕШНОСТ

Колку раководството на Лекарската комора се грижи за правата на лекарската фела покажува случајот со проектот за плаќање по успешност, кој доживеа најголемо фијаско и поради кој лекарите-специјалисти штрајкуваа повеќе од 50 дена. Додека лекарите секојдневно излегуваа пред ресорното министерство и бараа средба со Тодоров, Лекарската комора му даде поддршка на овој проект, барајќи од лекарите да го направат истото.

Лекарската комора на Македонија, како професионална и стручна асоцијација, во целост ги поддржува реформските заложби на Министерството за здравство кои треба да резултираат со подобрување на системот, подигање на квалитетот на здравствените услуги, а во тие рамки и подобрување на статусот на лекарите при имплементација на проектот за плаќање на лекарите според успешност, односно на системот на наградување според завршената работа – се наведуваше во соопштението испратено од комората.


Долгот од 3 милиони евра на Груевци од ланските избори не може да се покрие законски, ама за тоа е виновен законот!

$
0
0

Текстот е објавен во бројот 886 во неделникот „Фокус, “на 22 јуни, 2012 година 

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Како да проверите одредени сознанија, евентуално да добиете потврда за некакви неофицијални информации, или, уште повеќе, да искамчите некаков коментар за одредени дубиози кои сте ги детектирале во некаква истражувачка сторија? Ако прашањата не се благопријатни за власта, тогаш имате сериозен проблем. Тоа што сите државни институции  имаат гласноговорник, не значи дека јасно и гласно ќе добиете одговор, како што се вели, од втората страна. Секако, постои закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, но, освен што слободно ќе им пристапите, тие можат слободно потоа да ве шетаат низ времето или, преку заобиколување, да ви испратат некаков општ одговор. Дали оние кои треба да ја контролираат извршната власт ја играат таа нивна улога како што треба, или, сепак, извршната власт ги контролира нив? Првата опција е запишана во Уставот, но втората е наша реалност и редовна пракса. Зошто инаку би се „потепувале“ победниците на изборите секаде да инсталираат свои кадри, по можност со гард на горди послушници!?

Пред неколку недели Фокус се обиде да продре во мистеријата – како владејачката партија ќе ја покрие финансиската дупка од 3 милиони евра што остана да зјае после победата, а тоа да биде законска операција? Како на оваа пат позиција на ВМРО-ДПМНЕ реагираат Државниот завод за ревизија и антикорупциската комисија, кои по природа на работите, би можеле да ни помогнат во дешифрирањето на оваа равенка со неколку непознати? Но, и после 27 дена немаме одговор ниту од ревизорот ниту од антикорупциската. Веројатно одат да не фатат на кондиција, оти законскиот рок за одговор е до 30 дена. Од ВМРО-ДПМНЕ и не очекувавме да ја задоволат нашата легитимна љубопитност, оти ем не потпаѓаат партиите по законот за слободен пристап, ем видовме и чувме дека и премиерот Никола Груевски го ескивираше одговорот на едно вакво пратеничко прашање. Се разбира, објаснувањето дека ќе ги намират долговите согласно законот, не сметаме дека разјаснува нешто. Разбирливо, пак, медиумите кои се заплиснати со реклами од „новиот бран“, не се палат на 3 милионска вмровска дупка.

ДУИ НЕМА ДОЛГОВИ!

Со други зборови, не постојат куршуми кои можат да го пробијат ѕидот на молкот. Она што Груевци не сакаат да го откријат, вообичаено потоа се парафира од сите. Медиумите го респектираат таквиот однос, институциите, пак, доколку и не можат да избегаат – ќе ја префрлат вината на законот. А сите светски корупциски скандали се поврзани со финансирање на изборите и партиите. Донаторот, по правило, потоа си компензира со тендери. Од нив повторно дава на партијата, и така до бескрај се врти корупцискиот круг! Впрочем, владината соработка меѓу партиите на Груевски и Ахмети, опозицијата веќе ја прекрсти во тендерска коалиција!

Сите обиди да допрете до фирмите, кои вообичаено добиваат зделки со државата, се осудени на неуспех. А приватните компании, исто така, не потпаѓаат под законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, дури и ако заработуваат милиони евра од народните пари. Изминативе денови во дневниот весник Фокус се обидовме да истражиме која компанија стои зад „Трите врби во Вардар“ како изведувач. И дојдовме до фирмата Еуропроект од Селце. Не заинтригира и условот за тендерот за врбите – компанијата да мора да има вкупен приход над 400 милиони денари во последните 3 години. Зошто токму 400 а не 300 или 500 милиони, на пример? Но, од министерството за култура ова културно го објаснија со потребата да биде сериозна компанија, без да го расветлат реперот од 400 милиони!

Нејсе, ваквата затвореност беше поттик да ѕирнеме во изборните финансии на ДУИ. Или, поточно, како Државниот ревизор го истретирал отчетот на партијата на Али Ахмети? И што видовме? Неочекувано го најдовме одговорот на ревизорите за вмровскиот изборен долг. Тоа што беше заобиколено во извештајот за ВМРО-ДПМНЕ, го најдовме кај ДУИ. А таму пишува дека е незаконски изборните долгови да се намируваат преку редовната партиска жиро сметка. Уште позанимливо е што партијата на Ахмети нема финансиски опшки од изборите, а се дава ваквото толкување на законот, кое, пак, го нема во извештајот за партијата на Груевски. Да, таму ревизорите, не споменувајќи го конкретниот законски член, само ќе наведат дека редовна пракса е изборните долгови потоа да се плаќаат од партиската сметка!

Но да одиме по ред. За разлика од поголемиот брат- ВМРО-ДПМНЕ, што потроши 272.334.493 денари, според извештајот на ДУИ изборната кампања ги олеснила само 5.312.511 денари. Или 50 пати помалку. Уште нешто е различно, ако Груевци останаа должни околу 3 милиони евра после изборите, Ахметиевци немаат ваква мака, оти ним дури околу 100 евра им останале вишок. Дваестина функционери, меѓу кои и лидерот Али Ахмети се јавуваат како донатори со по приближно 4 до 5 илјади евра. Иако Ахмети се истакнал со минималец, наспроти колегите – дал за изборната кампања на партијата само 50.000 денари.

Дури и во конечниот извештај на ДЗР цели пасуси се идентични меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Со ревизијата е констатирано дека не постојат доволно докази за потврдување на бројот на седиштата на изборните штабови и начинот на нивно користење ( со или без надомест).“, е забелешката и за ДУИ, каква што имаше и за ВМРО-ДПМНЕ!

Сшто като исто! И едни и други имаат проблеми со изборните штабови, но, ова не им се зема како големо зло. Им се дава шанса до следниот изборен циклус да се поправат. Значи, се си е во ред, се што виделе ревизорите во вмровските и во дуи тефтерите било вистинито и објективно освен ова со седиштата на изборните штабови и законот!

Но, кај рапортот за изборните финансии на ДУИ, го пронајдовме она што е испуштено кај ВМРО-ДПМНЕ. Иако токму таму му беше место. Оти, Груевци останаа борчлии, а не Ахметиевци! Имено, Изборниот законик е дециден дека сите трошоци, треба да се покријат преку изборната жиро сметка.

ВМРО-ДПМНЕ ИМА СПЕЦИЈАЛЕН ТРЕТМАН!?

Да потсетиме, од конечниот извештај на Државниот ревизор за изборната сметка на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ни остана нејасен следниот навод на ревизорот:

„Имајќи ги предвид СОСТОЈБИТЕ ВО ПРАКСА ( н.з.), каде дел од учесниците во изборната кампања имаат создадени обврски кои не можат да се покријат од обезбедените средства на сметката на изборната кампања, ОВИЕ ОБВРСКИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСЕНИ  ВО ДЕЛОВНИТЕ КНИГИ ЗА РЕДОВНАТА СМЕТКА ( н.з.) каде ќе бидат покриени/платени  од извори кои не се наведени во член 83 од Изборниот законик”!

Со други зборови, ревизорот се повикува на состојбите во пракса, но, забележавме дека го занемарува членот 71, ставот 5, од Изборниот законик. Таму јасно и децидно е запишано: Сите трошоци за кампањата ИСКЛУЧИВО (н.з.) ќе се покријат од средствата на жиро-сметката за изборната кампања.

Токму заради ваквите дилеми, до Државниот завод за ревизија поставивме прашање:

Како оваа пракса за префрлање на обврски од изборна кампања на редовната сметка ќе ја вметнете во рамките на членот 71, став 5 од Изборниот законик?

Одговорот ветија дека ќе го добиеме согласно законот. Прашањето го испративме на 23 мај, па го очекуваме да пристигне токму последниот ден од законскиот рок -22 јуни. И кога ќе излезе овој број на Фокус, верувам дека ќе го имаме ставот на ДЗР. Но, се случи чудо! Чекајќи го одговорот, наеднаш го осознавме нивниот третман  токму на оваа законска одредба. Го здогледавме во ревизорскиот извештај за ДУИ. Ем партијата нема долгови, ем во тој извештај ревизорите ја наведуваат оваа законска одредба. Но, сега со наслов „Системски слабости“, што ќе рече дека системот е слаб, односно до законот е проблемот, а не е до лидерите и партиите! Еве го делот кој го нема кај ДПМНЕ а го има кај ДУИ.

„Затворањето на наведената ( изборната, н.з. ) сметка и подмирувањето на создадените обврски за изборната кампања од средства на сметката за редовно работење НЕ Е ВО СОГЛАСНОСТ ( н.з.) со одредбата на членот 71 став 5, каде е уредено дека „сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средства за изборна кампања“.

Ете, дојдовме до признанието на ДЗР дека она што планираат Груевци за расчистување на изборниот долг, не е во согласност со законот, иако лидерот вети дека ќе го сторат согласно законот. Но, натамошниот третман на овој законски став од страна на ревизорите е фатален по членот. Предлагаат „надлежните органи да превземат активности за преиспитување на погоре наведените законски решенија (меѓу кои е и ова, н.з.) и да предложат и достават до Собранието предлози за измени и дополнувања на Изборниот законик“! Со други зборови, ако вмровците не можат согласно законот, тогаш законот ќе се стокми за да биде согласно можностите на ВМРО-ДПМНЕ!

А дека само извештајот на ВМРО-ДПМНЕ има специјален третман, покажува фактот дека истите наводи за членот 71 став 5 ги видовме и во ревизорските белешки за изборните финансии на партијата на Мендух Тачи, ДПА, кај ЛДП, а претпоставуваме се повторува и кај другите партии. Зошто ревизорите ја изоставиле оваа „системска слабост“ само во извештајот за партијата на Груевски, останува да поставиме ново прашање и да чекаме, веројатно, уште нови 30 дена!

МАКЕДОНСКИ ПОШТИ КАКО ДОНАТОР!?

За очекување е сега таму каде што ревизорите застанаа, антикорупциската да продолжи. Да предложат на Собранието да го среди законот како што треба. И, евентуално, да вметнат одредба ретроактивно да важи, за да биде „согласно законот“. Од друга страна, Комисијата за спречување на корупцијата покрена кривична пријава против СДСМ затоа што подигнале кредит за изборната кампања. За волја на вистината, Изборниот законик не го наведува кредитот како дозволен извор за кредитирање, ама ниту го споменува како недозволен. Оттаму, зошто за кредитната изборна сеанса на опозициската партија не постапија со сугестија да се прецизира законот- или да забрани или да дозволи со кредит да се финансира изборна кампања? Наместо тоа, антикорупционерите удрија „автентичното“ толкување и видоа кривично дело? Како што и кривичното дело за кое Љубе Бошкоски е осуден на казна затвор, за што предизборно и закон се подизмени! Но, и тука се занемари дека да земеш пари од пријател е редовна практика!

Патем да потсетиме дека на 23 мај испративем неколку прашања и до Комисијата за спречување на корупцијата. Меѓудругото, нѐ интересираше следново: Телевизиите Канал 5 и Сител во своите извештаи за ланските парламентарни избори наведоа дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им должи околу 1,6 милиони евра, односно околу 740.000 евра. Дали ваквите долгови од изборната кампања се во рамките на законот, кога изборните жиро сметки треба да се згаснати? И добивме одговор дека поради сериозноста на прашањата не се во можност да ги одговорат до затворањето на весникот. Но, испративме ново барање со истите сериозни прашања, па сега се надеваме дека и овие одговори ќе ги добиеме 30-от ден, односно во петок на 22 јуни!

Да се вратиме на ДУИ, но сега не за изборните пари туку на извештајот за тековното финансирање на партијата. Во извештајот за 2011 година, објавен на веб страницата на ДЗР, меѓу донаторите, каде доминираат физички лица, се појавуваат и  АД Македонски пошти, Министерство за земјоделие, Собрание на Р.М. Казненопоправен дом, единици на локална самоуправа како Струга, Липково и други институции! Збунети од овие детали, упативме прашање до Бујар Османи, портпарол на ДУИ: Како го објаснувате ова, кога законот за финансирање на партии изрично го забранува?

Следуваше меѓуодговор дека ќе провери, но, претпостави дека најверојатно се работи за вработени во тие институции. Со оглед на тоа што Османи комуницира преку смс пораки, потоа стигна ваков одговор: „Проверив, тоа се институциите каде се вработени лицата кои што донирале во партија, но во извештајот прво излегува името на институцијата а потоа донаторот.“ Следуваше уште една смс преписка.

Фокус: А зошто за Вас како донатор не стои каде работите?

Османи: Тоа ќе прашате во ДЗР- како ги составува извештаите.

И ние постапивме според препораката. Свиткавме табак и повторно се обративме до Државниот завод за ревизија, иако, впечаток е дека извештајот закачен на веб страницата на ДЗР е поднесен од ДУИ, а не е составуван од ревизорите!

Останува да се надеваме дека ревизорите ќе ни ја разрешат оваа мистерија, па, макар, тоа било и 30-от ден откако прашавме. Важно е дека имаме закон за слободен пристап до информации од јавен карактер и ние слободно пристапуваме. Слободно прашуваме. И ослободени од некакви големи очекување дека може да се покрене некаква институционална машинерија, слободно и натаму ќе се интересираме за изборниот долг на ВМРО-ДПМНЕ од ланските избори!

Рамка 1

ЛУСТРАЦИЈА – ДОНАЦИЈА!

Интересно е дека на списокот на донатори на ДУИ за 2011 година се и Даут Даути и Шпенд Винца. Доколку не станува збор за лица со исти имиња и презимиња, би требало ова да се членовите на Комисијата за лустрација, кои дојдоа на овие функции токму на предлог на ДУИ. Станува збор за 30.000 односно 27.500 денари, што и не е некаква голема сума. Ова не е незаконски, но, сепак, е тема за етичка дилема. Оти донаторите, во својство на членови на комисијата за лустрација, разгледуваат и досиеја на високи функционери на партијата за која даваат пари!?

Рамка 2

ИЗБОРЕН ЗАБАВНИК!

Демократска десница на Филип Петровски и СДУ на Лазар Еленовски ги завршија ланските избори без освоени пратенички места ама со долгови. Според извештаите, партијата на Петровски пријавила непокриени долгови, тешки 631.309 денари, додека партијата на Еленовски била во минус 335.192 денари. Во меѓувреме, едниот стана заменик директор на Државната лотарија, а вториот кандидат за амбасадор.

Сепак, како своевиден куриозитет е финансискиот извештај на СДПМ на Бранко Јаневески, прописно ставен на веб страната на ДЗР. Нема ниту потпис ниту печат, ниту приходи или расход! Што сакал писателот да каже, останува да мудруваме!Инаку, Јаневски редовно се трка на избори, но СДСП никогаш не освоила пратеничко место, иако успева да внесе забуна кај гласачите поради сличниот назив со СДСМ. Важно е дека оваа партија преживува со години, а нејзиниот претседател за време на преродбата е директор на Управата за боречки прашања при министерството за труд.

 

Митко Чавков редел чинови, син му државни концесии

$
0
0

Текстот е објавен на 14-ти ноември 2014-та во неделникот „Фокус“ во бројот 997

Мандатарот Зоран Заев обвини дека неколку луѓе блиски до Никола Груевски се виновни за крвавото насилство на 27 април во парламентот, вклучително и се уште актуелниот директор на јавната полиција, Митко Чавков, кого Заев го посочи како еден од организаторите на нападот врз пратеници од новото парламентарно мнозинство. Дополнително, и министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, го впери прстот кон Чавков како одговорен за инцидентите во парламентот, бидејќи, според Нухиу, полицијата им дозволила на насилниците да упаднат во Законодавниот дом. Очекувано, Чавков се бранеше дека полицијата интервенирала кога се јавила неопходност. Откако Заев побара негова оставка, а Нухиу предложи разрешување, излегоа информации дека шефот на јавната безбедност зел годишен одмор и дека заминува во пензија, што е повод да се потсетиме на еден текст од архивата на Фокус околу бизнис активностите на потесното семејство на овој контроверзен полициски функционер.

Пишувал
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Изборот на Митко Чавков за прв човек на униформираната полиција минатата година одекна посилно во Министерството за внатрешни работи, поради неизвесноста какви нови кадровски промени ќе повлече ова решение, отколку во пошироката јавност. Но, новиот шеф на јавната безбедност набргу ги привлече и погледите кон себе по објавувањето на имотот на неговото семејство, кој се зголемувал за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога впрочем тој прави најголем напредок во кариерата.

Согласно законските обврски кои ги имам, во целост го имам пријавено имотот со кој јас располагам, како и имотот на блиските со кои живеам во семејна заедница. Како и досега, така и во иднина подготвен сум да одговарам на сите барања кои произлегуваат како обврска од важечките закони на РМ. Моето професионално работење и реализацијата на сите професионални обврски секогаш имале приоритет во мојата досегашна кариера – тврди Чавков, нагласувајќи дека при реализација на професионалните обврски, секогаш го почитувал законот и никогаш не дозволил никакво влијание.

Согласно законот, Чавков беше избран за директор на Бирото за јавна безбедност од страна на владата по предлог на министерот за внатрешни работи. Тој ги исполнува формалните услови да има завршено соодветно високо образование и да поседува работно искуство од најмалку 10 години, со потврдени резултати во полицијата, правосудството или во обвинителството.

Имено, во неговата официјална биографија стои дека полициската кариера ја почнал веднаш по дипломирањето на Факултетот за безбедност во Скопје во 1986 година. Чавков вршел значајни должности во СВР – Струмица и во СВР – Гевгелија, ама најголем исчекор прави по последната промена на власта во 2006 година.

Таа година од главен инспектор станува прв човек на Одделот за организиран криминал, денес преименуван во Центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал, каде што останува сѐ до 2012 година. Оттогаш до 2013 година е прв човек на Централните полициски сили, по што е избран за шеф на јавната безбедност.

Треба да се има предвид дека оваа функција е највисоката инстанца во униформираната полиција и воопшто една од трите највисоки функции во МВР, покрај министерската и директорската фотелја во Управата за безбедност и контраразузнавање. Во поткрепа на тоа одат битните надлежности што Бирото ги има за одржување на јавниот ред и мир.

Пред Чавков да ја преземе оваа должност, значи додека бил прв човек на Централните полициски сили и на Центарот за сузбивање организиран криминал, се спроведоа многу акции, меѓу кои имаше и од меѓународен карактер. Меѓутоа, еден од случаите кој предизвика голем интерес кај домашната јавност во овој период е апсењето на сегашниот лидер на опозицискиот СДСМ Зоран Заев во 2008 година, заедно со петмина негови соработници. Причината беше злоупотреба на службената положба како градоначалник на Струмица при изградбата на трговскиот центар „Глобал“.

Целиот случај формално го оконча тогашниот претседател Бранко Црвенковски, кој ги аболираше сите уапсени. Арно ама, до ден денес не престануваат препукувањата меѓу двете најголеми политички партии за овој случај. Додека ВМРО-ДПМНЕ го ословува Заев како аболиран криминалец, СДСМ се брани дека управната судска постапка покажала оти изградбата на „Глобал“, во форма на јавно-приватно партнерство, е легална, додека процесот бил политички испровоциран и монтиран.

СУДСКИ ПРОЦЕС И РЕВИЗОРСКИ ЗАБЕЛЕШКИ

Настрана тоа, она што го поврзува Чавков со најголемата владејачка партија е извештајот на ВМРО-ДПМНЕ за донации за локалните избори во 2013 година, доставен до неколку државни институции. Во него, Чавков е наведен како донатор, кој донирал 30.000 денари во предизборната кампања на партијата.

Исто така, тој беше дел и од листата делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, во пресрет на последните претседателски избори годинава. На конвенцијата, Ѓорге Иванов доби поддршка да биде по вторпат партиски кандидат за шеф на државата.

Неговиот брат, Кирил Чавков, пак, е член на Советот на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ при Општинскиот комитет во Струмица. Како кандидат на истата партија, тој бил избран за градоначалник на Општина Ново Село во 2000 година.

Низ интернет-архивите на медиумите сѐ уште можат да се најдат стари текстови, според кои, во 2003 година полицијата поднела кривична пријава против него за злоупотреба на службената положба и нанесена штета на државната каса. Тоа се однесувало за 2001 година, кога тој објавил тендер за веќе купен и дониран камион.

Ексградоначалникот Чавков тогаш јавно оцени дека станува збор за политичко-полициска хајка врз неговото семејство. Тој денес работи во струката, има стоматолошка ординација во родното Ново Село, членува во телата на Стоматолошката комора и истовремено е регистриран земјоделец во Управата за јавни приходи.

Од Основниот суд – Струмица велат дека врз основа на пријавата бил изготвен обвинителен акт и бил покренат судски процес против него. Како што објаснуваат од таму, независно што судскиот процес е завршен, тие не може да обелоденат дали овој процес се окончал со ослободителна или осудителна пресуда за Кирил Чавков.

Ниту ние можеме да ви кажеме, ниту вие смеете да објавите, бидејќи случајот е одамна затворен и роковите се истечени – изјавија од Судот, повикувајќи се на делот од кривичниот законик, кој предвидува оти по извесно време се брише пресудата од судската евиденција, или, пак, вакви податоци може да добијат други државни органи, како и правни или физички лица само доколку постојат правни последици или интерес заснован на закон, кој очигледно го нема во оваа ситуација.

Понатаму, градоначалникот Чавков се споменува и во ревизорски извештај објавен во 2007 година, во врска со буџетот на струмичката Општина Ново Село за календарската 2005 година. Споменатата година Кирил Чавков бил градоначалник до март, па затоа изнесените наводи само делумно се однесуваат на него.

Државниот завод за ревизија во овој извештај констатирал три спорни состојби. Прво, несоодветно евидентирање на надоместокот за уредување градежно земјиште и отсуство на склучени договори и на издадени фактури. Второ, неевидентирани ненаплатени побарувања по основа на данок на имот. И трето, нерегуларност при побарувањата и обврските преку цесии.

Мора да се има на ум дека наводите од ревизорските забелешки не значат дека обвинителството автоматски треба да покрене постапка пред судот, туку само ако во овие индиции или сомнежи види докази вредни за дополнителна проверка кај соодветни институции. Најчесто, ревизорските извештаи не резултираат со обвиненија!Mitko Chavkov

КРАТЕЊЕ НА ИМОТНИОТ ЛИСТ

Извесен период подоцна, како тукушто именуван јавен функционер, Митко Чавков имаше обврска да поднесе анкетен лист до Антикорупциската комисија, кој откри листа на личен и семеен имот, стекнат во последните неколку години. Сепак, една година по неговото именување на оваа функција во средината на 2013 година, тој пријавил промени во имотната состојба, па сега во имотното досие има помалку недвижности, но и долгови и побарувања.

Конкретно, Чавков и неговата сопруга поседуваат стан со гаража од 2009 година во вредност од 4.368.000 денари. Освен тоа, директорот на БЈБ од 2001 година, врз основа на купопродажен договор, поседува плац во Кочани од 300 квадратни метри вреден 30.000 денари. А, во 2008 и во 2010 година добил земјоделско земјиште во родното Ново Село, преку договор за подарок.

Дополнително, тој пријавил и четири парцели земјоделско земјиште во Василево, сопственост на неговите деца. Станува збор за имот стекнат во 2012 година од над 75.000 квадратни метри, во вредност од преку 7 милиони денари.

Што се однесува до имотот, пред да бидат внесени промените во средината на 2014 година, стоеше оти неговите деца од 2013 година поседуваат градежно земјиште во Струмица од 10.000 квадратни метри, кое чини 700.000 денари.

Како имот на децата, Чавков пријавил половина од земјиште во Куманово од 190.000 квадратни метри, половина од градежно земјиште во Општина Петровец, од над 35.000 квадратни метри, како и вештачка акумулација и машина за сепарација – сите стекнати во 2012 година.

Во претходниот анкетен лист беа наведени и повеќе долгови отколку сега, односно долговите на неговите деца по основ на земени заеми изнесувале 12.000.000 денари, чиј рок на враќање беше 2015/2016. Сега, во 2014 година, пак, фигурираат само два кредита во вкупна вредност од 105.000 денари, што е голема разлика. Прво беа пријавени и побарувања од дадени заеми од преку милион денари, кои ги нема во тековниот анкетен лист.

Инаку, секој јавен функционер има обврска да поднесе анкетен лист 30 дена по стапувањето на функцијата и во рамките на истиот рок мора да ги пријави промените во имотното досие. Оттука, отпишувањето на дел од имотот на неговите деца, Чавков би можел да го стори како резултат на тоа што тие евентуално ги продале недвижностите што недостигаат во актуелниот, а беа пријавени во првиот анкетен лист, така што веќе не полагаат сопственичко право над нив. Потоа, тоа подразбира долговите да се вратени, а побарувањата наплатени.

Теоретски, возможна е и друга опција. Освен својот, секој функционер мора да го пријави имотот на членовите на неговото семејство, кое е дефинирано како заедница на родители, деца и други роднини што живеат во исто домаќинство. Тоа дава можност Чавков да го отпишал имотот на децата доколку некое од нив веќе не живее во заедничкото домаќинство со него.

Сепак, врз основа на тоа што и во тековниот анкетен лист е набројан имот на неговите деца, постои варијанта дека овој имот припаѓа на едно од неговите деца со кое сѐ уште живее заедно, додека оној имот што недостига во актуелниот анкетен лист му припаѓа на друго дете, кое во меѓувреме отстапило од семејната заедница.

Од Антикорупциската комисија велат дека последна промена на имотната состојба директорот на Бирото за јавна безбедност пријавил во август 2014 година.

ДКСК ги има евидентирано промените на имотната состојба на наведеното лице и истите се објавени на веб-страницата на Комисијата – информираат од Комисијата.

КОНЦЕСИОНЕРИ НА ДРЖАВАТА

Кога веќе се говори за законската регулатива, таа им забранува на избраните и именуваните функционери и на службените лица да вршат друга функција, неспоива должност или дејност поврзана со остварување профит. За да не се случи судир на јавниот со приватниот интерес, меѓу другото, функционерите не можат да бидат управители на приватни фирми, туку единствено сопственици.

Чавков не е во приватниот бизнис, но таму е едно од неговите две деца. Неговиот 24-годишен син Иван Чавков, во бизнисот со градежништвото, дејствува преку две фирми.

Една од компаниите е „ПОРТЛАНД-ОПЦ“, чиј единствен сопственик, според потврда од Централен регистар, е Иван Чавков. Тој е и управител на ова друштво со основна дејност „трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарна опрема“, формирано во 2010 година.

Оваа компанија има седиште во Струмица, на домашната адреса на Иван Чавков. Според Катастарот на недвижности, пак, станува збор за стан во сопственост на Митко Чавков и неговата сопруга, со иста квадратура како станот на директорот на БЈБ и неговата сопруга наведен во неговиот анкетен лист.

Две години по основањето на оваа компанија, односно во 2012 година, кога Митко Чавков од шеф на Одделот за организиран криминал станува прв човек на Централните полициски сили, каде што се задржува една година и е именуван за директор во Бирото за јавна безбедност, е основана компанијата „ИН-МАК БЕТОН“.

Иван Чавков е основач на оваа компанија за производство на готова бетонска смеса, заедно со извесен Неџати Бакиу од Гостивар, во партнерски сооднос. Чавков е управител на ова друштво, кое од пред неколку месеци има и подружница за сепарација на песок во Струмица, поточно во индустриската зона Сачево.

Податоците од тековната состојба покажуваат дека и таа моментално има седиште во Струмица, и тоа на третиот кат во веќе споменатиот трговски центар „Глобал“. Во тој контекст, официјалната документација потврдува дека до скоро фирмата имала седиште во Скопје, кое тогаш било на домашната адреса на Иван Чавков.

Но, тој скоро ја променил и адресата на живеење од Скопје во Струмица, а истовремено и „ИН-МАК БЕТОН“ таму го преместила своето седиште. Така, живеалиштето на Иван Чавков и седиштето на „ИН-МАК БЕТОН“ во центарот на Скопје, како што открива Катастарот, е во сопственост на Република Македонија.

Како и да е, двете споменати градежни фирми не склучиле договор со државна институција за одредена јавна набавка, ниту, пак, за закуп на државно земјоделско земјиште. Арно ама, тие од неодамна се концесионери на државата.

Од Министерството за економија информираат дека оваа година склучиле договори со „ПОРТЛАНД-ОПЦ“ за детални геолошки истражувања на песок и чакал на два локалитети: „Гечерлиски рид 1“ – Босилово и „Врпчовки“, село Добришанци – Василево. Според јавниот повик за доделување концесија од втората половина на 2013 година, периодот за геолошки истражувања е две години, по што би можело да следува фаза на експлоатација.

Министерството посочува дека во 2013 година склучило договор со „ИН-МАК БЕТОН“ за експлоатација на варовник на локалитетот „Бел Камен“ – Куманово, за период од 30 години, откако претходно завршиле истражните работи врз основа на договор за геолошки истражувања од 2012 година.

Упатените објаснуваат дека суровините што ги експлоатираат или тоа ќе го сторат по завршување на геолошките истражувања, како песок, чакал и варовник, се употребуваат како градежен материјал, пред сѐ, за објекти.

ПРОМЕНЛИВО РАБОТЕЊЕ

Од Министерството не одговорија колкав е надоместокот кој двата концесионери ќе го плаќаат на државата за истражување на локалитетите и потоа за експлоатација на минералните суровини.

Тоа го знае само Комисијата, ние може да потврдиме само дека на аукција понудиле најголема сума – изјавија од таму.

Во секој случај, некои од сумите ги открива анкетниот лист што Митко Чавков го поднел веднаш по стапувањето на функцијата. На пример, кај земјиштето во Куманово стои сума од 6.000.000 денари. Токму поради тоа што концесионерот „ИН-МАК БЕТОН“ има двајца сопственици, Чавков навел дека неговите деца поседуваат половина од овој имот.

Истото се однесува и на градежното земјиште во Петровец. Општината организирала електронска аукција за продажба на десетици парцели државно градежно земјиште, а една од фирмите што купиле вакво земјиште е „ИН-МАК БЕТОН“. Анкетниот лист пред промените покажува дека станува збор за седум парцели, вредни 5.500.000 денари.

Од Општината се обидовме да дознаеме колку вакви неизградени градежни парцели се продадени, откако владата ја префрлила надлежноста врз државното земјиште на локалната самоуправа, како и дали се отпочнати инвестициско-градежни дејства? Од таму нѐ упатија кај одговорните за организирање на јавните наддавања, кои, патем, ниту успеавме да ги добиеме, ниту самите не побараа, иако оставивме порака и контакт.

Може да се заклучи дека во истиот период кога потпишале договори за концесија, се зголемил капацитетот на двете компании, соодветно со нивните обврски. На крајот на годините, кај нив е регистрирана и добивка и загуба.

Така, извештајот за финансиската состојба на „ПОРТЛАНД-ОПЦ“ покажува пораст на билансот на успех. Ако во 2012 година профитот изнесувал 38.179 денари, во последната, 2013 година, добивката е 270.386 денари. Ваквите резултати се должат само на работата со приватниот сектор, со оглед на тоа што дури оваа година компанијата потпиша договор со Владата за геолошки истражувања на два локалитети во Струмичко.

Од 2012 до 2013 година, се зголемила вкупната актива на компанијата и кај тековните таканаречени обртни средства (готовина, побарувања, резерви и сл.) и кај нетековните или фиксни средства, кои даваат ефект на подолг рок (машини, опрема, објекти итн.). Истовремено, пораснала и пасивата, или обврските на компанијата, која во 2012 година имала просечно еден, а во 2013 ниту еден вработен.

Компанијата „ИН-МАК БЕТОН“, која има десетина вработени, ја завршила 2013 година со загуба од 922.347 денари, ама во 2012 година остварила добивка од 8.274.359 денари. Овој период (2012-2013) временски коинцидира со договорот за експлоатација на варовник во Куманово и со откупот на градежно земјиште во Петровец.

Како што може да се види од извештајот, од едната до другата година се зголемиле и обртните средства на компанијата, но и нетековните долгорочни средства, кои заземаат поголем дел од структурата на активата. Од тоа произлегува претпоставка за влез на фирмата во инвестициски циклус, дотолку повеќе што пораснале обврските, па дури и се намалила главнината и резервите на претпријатието.

Како заклучок кој може да се изведе од сето ова е дека и покрај тоа што Чавков цел живот е во МВР, факт е дека тој врвот го допре последните неколку години, кога се зголеми имотот на неговото семејство главно поради двете градежни компании на неговиот син, кои истовремено се концесионери на државата.

Иако образложението на Министерството е дека компаниите доставиле највисоки понуди на наддавањето, сепак, за да не останат никакви дилеми кои вообичаено се јавуваат во сите ситуации кога блиски роднини на високи функционери водат бизнис и стекнуваат имот, надлежните институции мора да проверат барем дали е сѐ во ред при спроведувањето на аукциите.

Во врска со ова, пак, од Антикорупциската комисија посочуваат оти не постапувале по имотниот лист на Митко Чавков, односно не ги проверувале податоците од промените во пријавениот имот на овој висок полициски и јавен функционер поради тоа што неговото семејство имало пристап до државни ресурси.

ЧАВКОВ: МВР БЕЛЕЖИ ИСТОРИСКИ РЕЗУЛТАТИ ОД 2006 ГОДИНА!

Од промената на раководството во 2006 година, МВР ги постигна најдобрите резултати во историјата, смета директорот на БЈБ, Митко Чавков.

Исчекорот во работењето на Министерството за внатрешни работи и резултатите од политиката на Нулта толеранција“ за организираниот криминал и корупција најубаво се огледуваат и во напредокот од 38 места на РМ на листата на Транспаренси интернешнел. Не помало признание претставува и напредокот на рангирањето на Стејт департментот во однос на борбата против трговијата со луѓе. Бројот на убиства е намален за преку 73 отсто и во моментов е на рекордно ниско ниво од периодот на СФРЈ (75 убиства во 2003 – 20 во 2013 година). Сепак, најголемо признание претставува зголемувањето на довербата на граѓаните во полицијата која според истражувањата на ОБСЕ пораснала за 50 отсто – посочува Чавков.

РАЗЛИЧНИ МИСЛЕЊА ЗА ДИРЕКТОРОТ НА БЈБ, СИТЕ НЕОФИЦИЈАЛНИ

Многу актуелни и поранешни службеници во Министерството за внатрешни работи не кријат дека се негативно настроени кон Митко Чавков поради изборот тој да биде на оваа позиција, како и кадровските промени што следуваа во полицијата.

Други што го познаваат, и приватно и професионално, пак, имаат позитивно мислење за него, оценувајќи го како мирен и скромен човек.

Заедничко и за едната и за другата група е дека никој не сака јавно да говори на оваа тема, со тоа што некои прво се согласија, па потоа се премислија.

Уште поинтересно е што уште повоздржано настапија и високи функционери од редовите на опозицијата кои потекнуваат и претежно работат во Струмица и околината, вклучително и претставниците од најголемата опозициска партија – СДСМ.

Незаконската изборна дупка од 3 милиони евра ќе ја пополнат со промена на законот!?

$
0
0

Текстот е објавен во бројот 887 во неделникот „Фокус, “на 29 јуни, 2012 година 

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Наспроти демократијата и владеењето на правото, во Македонија се засилува синдромот на заробена држава и апсолутизам. Вака некако, Транспаренси интернешенал (ТИ) чиј прв човек е Слаѓана Тасева, ги детектира тенденциите што се последица на „килавите“ институции. А станува збор за оние што се надлежни да го контролираат патот на парите кај политичките партии.

Ваквите декор институции, со нивната неефикасна контрола на политичкото финансирање, доведуваат до системска корупција. Но, од оваа невладина организација со меѓународно реноме, не останаа само на општи фрази. Конкретно ги лоцираа „заспаните“ институции. За Државниот завод за ревизија ( ДЗР )и за Државната комисија за спречување на корупцијата, ќе констатираат дека „и самите се впуштија во практика на селективност и свесно погрешно толкување на законите“. Транспаренси, во овие рамки, добро го вклопи и однесувањето на Јавното обвинителство на чело со Љупчо Шврговски. Потсети како лани, во изборната кампања, обвинителството не препозна соодветна одредба од кривичниот законик за „да поведе постапка во врска со списоците на лица кои под закана или врз основа на дадено ветување ветиле дека ќе гласаат за определена политичка партија“. Да појаснам, се гонеше според погрешна одредба од кривичниот законик. Или, како што со „700.000 евра во шише“ се занимаваа погрешни институции. Ербап се, нема што!.

На иста линија со Фокус, и од ТИ забележуваат дека благодарение на ваквата зависност, комоција или страв, сеедно, на овие контролни институции, се создава систем на апсолутна власт, при што се наметнува прашањето: Кој ќе ги контролира контролорите? Но, одговорот е прост како гравче – контролорите ги контролира оној што тие треба да контролираат. Или, иако ваквите институции по устав и закон се независни, тие се однесуваат како зависници од врхушката на Илинденска 2. И така добиваме, како што од Транспаренси го крстија -„само – одржлив систем на корупција„!

МОЛЧАТ ИЛИ СЕ МАЈТАПАТ!?

Како илустрација на ваквите оценки за „контролорите“ на политичкото финансирање, ќе го наведам искуството на Фокус. За потсетување, до Државниот завод за ревизија и до Антикорупциската комисија на 23 мај испративме прашања, до ДЗР само едно, а до антикорупционерите неколку, а поврзани за финансиските извештаи на владејачката партија од ланските парламентарни избори. Да, за опозициските финансии се погрижија токму „контролорите“. Љубе Бошкоски е во затвор, а за Андреј Петров од СДСМ има кривична пријава поради подигнат кредит за изборно финансирање. За антикорупционерите само ќе кажам дека ниту после 30 дена не добивме одговор, но, во некоја наредна прилика ќе им посветиме повеќе внимание. И овој пат ќе ги анализираме извештаите на ДЗР. Имено, на 21 јуни од ревизорот добивме одговор на тоа едно прашање од 23 мај ( рамка 1). Пет дена подоцна добивме и објаснување за нашите наводи од претходниот број на ФОКУС ( рамка 2). Но, што нѝ објаснуваат одговорите? Дали воопшто нешто објаснуваат!?

Веќе знаеме дека Никола Груевски, во два наврати на пратенички прашања ем деновиве во емисијата X/О на Роберт Поповски, за долгот од над 3 милиони евра што им остана како опашка од последните избори одговара лаконски – ќе го затвориме согласно законот! Во сличен дух е и рекцијата на ДЗР. И за ревизорот чарето што ВМРО-ДПМНЕ забразди финансиски од изборите, а спротивно на законот, е дека, внимавајте – законот ќе се менува. Во министерството за правда веќе работела комисија на оваа задача. Ќе се менува и фамозниот член 71 став 5, кој ги притиска Груевци, каде јасно е запишано дека изборните приходи и расходи ИСКЛУЧИВО, тоа е многу прецизен збор, ќе одат преку посебната изборна сметка. А овие сметки веќе мора да се затворени. А ако е ИСКЛУЧИВО, тогаш не може за никого да има исклучок. Особено што посебната изборна жиро сметка е услов за да се влезе во изборната трка. Уште еднаш- јасно е како ден.

Е, ама контролорите што изведоа успешни акции против СДСМ и ОМ, сега или молчат како риби, како антикорупционерите, или, простете, се мајтапат. Она што го добив од ДЗР како одговор и објаснување е буквално своевидено мајтапење. Не со Фокус, не со мене како автор, туку со јавноста.

Имено, од конечниот извештај на ДЗР за изборната сметка на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, нели со изборна финансиска дупка од над 3 милиони евра, нѝ остана нејасен следниот навод на ревизорот:

„Имајќи ги предвид состојбите во пракса, каде дел од учесниците во изборната кампања имаат создадени обврски кои не можат да се покријат од обезбедените средства на сметката на изборната кампања, овие обврски ќе бидат пренесени во деловните книги за редовната сметка ( н.з.) каде ќе бидат покриени/платени  од извори кои не се наведени во член 83 од Изборниот законик”!

Бев вчудоневидена што ревизорот се повикува на „состојбите во пракса“, а го прескокнува децидниот законски став, членот 71, ставот 5, од Изборниот законик: Сите трошоци за кампањата ИСКЛУЧИВО (н.з.) ќе се покријат од средствата на жиро -сметката за изборната кампања.

Токму заради ваквите толкувања, до ДЗР поставивме прашање:

Како оваа пракса за префрлање на обврски од изборна кампања на редовната сметка ќе ја вметнете во рамките на членот 71, став 5 од Изборниот законик?

И на 21 јуни нѝ стигна одговорот кој во целост го пренесуваме ( рамка 1). Велат дека за прашањето сум се мотивирала од точката 5.3. од извештајот, ама и во точката 5.1 имало – системски слабости кои ДЗР ги детектирал, но, не добив одговор како 3 милиони евра долг на Груевци ќе го сместат во законски рамки, во членот 71 став 5! Зарем мислат дека со измена на законот и оваа законска одредба ќе го озаконат борчот на коалицијата предводена од владејачката партија Уште повеќе, тоа што се должи, ќе треба да се собере како донација. Три милиони евра!?

НЕКОЈА БУДАЛА ГО НАПРАВИЛА ЛОШ ЗАКОНОТ!

И сега ќе се обидам сосема конкретно да ви посочам и објаснам каде се крие мајтапот. Во одговорот од ДЗР, всушност, се цитира еден дел од извештајот на ревизорот. Арно ама, токму она што го забележав, дека недостасува кај ВМРО-ДПМНЕ- децидно цитирање на чл. 71 ст. 5, сега стои во одговорот- како дел од извештајот! Но, лесно се проверува дека оној дел што го подвлековме со жолто, сепак го нема во конечниот извештај! Токму тоа што и го тврдев. Уште повеќе, од ДЗР сосе одговорот нѝ испратија и дел од ревизорскиот извештај за ВМРО-ДПМНЕ, демек, како поткрепа на нивниот одговор. И, сега, кој овде е луд а кој збунет, нагаѓајте сами, но, и во овој документ го нема тоа што ревизорот во одговорот тврди дека го има. Чуму им се ваквите мајтапџиски „одговори“!?

Од друга страна, откако во минатиот број на Фокус излеговме со тезата дека „Државната ревизија ја штити незаконската изборна дупка на Груевци од три милиони евра“, ем тоа го пласиравме со назнаката –скандалозно, од истата адреса добивме експресна реакција, спакувана како – објаснување. Во ова објаснување (рамка 2) веќе не се споменуваат точката 5.3. ( нели, што ме инспирирала) и точката 5.1. ( системските слабости), ами сега ме упатуваат и на точка 5.4.- демек, во сите извештаи на политичките партии токму тука бил цитиран и чл. 71. ст 5. Претпоставувам, дека веќе ви е јасно дека ниту во таа точка го нема она што тврдат дека го има и кај ВМРО-ДПМНЕ. Добро што не ни испратија ДЕМАНТ туку само ОБЈАСНУВАЊЕ, според кое објаснија дека тоа што го нема во извештајот на ДПМНЕ, ѓоа го има.

Да бидам најдобронамерна, можеби стоел овој навод во првичниот извештај, но после средбата со одговорните лица од владејачката партија, (според записот се случила на 14 декември 2011 година) или, веќе не знам како, во конечниот извештај овој пасус наеднаш ИСЧЕЗНАЛ. Патем, како што и наведов минатиот пат, не само кај ДУИ, туку и во извештаите на ДПА и ЛДП, кои заради споредба ги погледнав, стои истиот пасус. Оној, де, што исчезнал кај ВМРО-ДПМНЕ!

Наводот, пак, за „состојбите во пракса“ изборните долгови да се покриваат од редовната сметка, го има само кај Груевци!

Да резимирам, ДЗР од не знам какви соображенија, партијата на Груевски ја истретирал орвеловски- сите партии се еднакви, но некои се поеднакви од другите. Им благодарам што согласно законот претпоследниот ден од рокот- 29-от испратија одговор, но, искрено жалам што една врвна институција, таква барем беше едно време, сега е доведена да голта кнедли и да ни објаснува дека црното е бело! Сепак, не е прв пат да доживееме една ваква зафрканција. Кога пред неколку години побарав одговор од ВМРО-ДПМНЕ дали ја исполниле законската обврска да го пријават недвижниот имот со кој располагаат, мангупчињата од „стариот бран“ ми одговорија потврдно и ме упатија да проверам на сајтот на Државниот завод за ревизија. Откако очи ми испаднаа да го пронајдам, набргу укапирав дека се мајтапеле со Фокус. Имено, ревизорот одби да ни ги достави овие податоци, не, пак, да ги истакне на веб страницата. Ги прогласи за доверливи, па да не ја нарушеле даночната тајна – нѐ откачи. После повеќе од две години стигнавме слободно до овие доверливи детали за имотот на ВМРО-ДПМНЕ, откако Управниот суд пресече дека законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е на наша страна.

И ако бирократскиот јазик со точките и законските членови ви прават своевидна конфузија, ќе се обидам целава какафонија да ја преведам на народен јазик. Има една стара анегдота за полицаец кој напишал казна за сообраќаен прекршок на возачот на автомобилот кој поминал на црвено светло на семафорот, избегнувајќи за влакно да удри во совесниот возач од спротивната страна кој минал на зелено. Арно ама, кога видел дека казнетиот, всушност, е министерот за внатрешни работи, кутриот се здрвил. Ја скинал казната со зборовите: Простете министре што замалку ќе ве казнев што некоја будала од спротива помина на зелено! Приказната со изборната дупка на Груевци од ланските избори, сега контролорите ја оправдуваат во стилот „простете премиере Груевски што некоја будала го ставила членот 71 став 5 во Изборниот закон“. И, се разбира, се фатија за работа- да го менуваат законот.

Рамка 1

ДЗР нѝ одговори за изборниот долг на ВМРО-ДПМНЕ

ТРЕБА ДА ЈА ИМАТЕ ПРЕДВИД ПОВРЗАНОСТА НА СИСТЕМСКИТЕ СЛАБОСТИ!

Државниот завод за ревизија цени дека треба да ја имате предвид поврзаноста на системските слабости дадени во дотичниот ревизорски извештај. Од тие причини освен на точката  5.3  од каде цениме дека произлегува вашето прашање, ве упатуваме и на утврдените системски слабости во точката 5.1. следствено:

Согласно одредбите на член  85 став 1 од Изборниот законик  („Службен весник на Република Македонија“ број  40/06;  136/08;  155/08; 44/11 и 50/11) е уредено: „Организаторот на изборната кампања е должен веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на завршување на изборната кампања да поднесе вкупен финансиски извештај за изборната кампања“.

Од друга страна одредбите на член 71 став 6 од наведениот закон

пропишува дека сметката за изборнатакампања „се затвора откако ќе бидат исплатени средствата од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на општините и градот Скопје за секој добиен глас на изборите“. Надоместокот за трошоците за изборите, согласно член 86 став 3 од наведениот закон, ќе се исплатат најдоцна во рок од три месеци по поднесувањето на финансискиот извештај за изборната кампања врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за спроведените избори.

Доследната имплементација на наведените законски одредби во пракса предизвикуваат:

-Вкупниот финансиски извештај  да не ги опфаќа трансакциите /промените во деловните книги кои се случуваат од денот на изготвување на извештајот до денот на затворање на сметката за изборните кампањи, што би имало влијание на реалното и објективното искажување на финансискиот извештај;

***-Не секогаш обезбедените средства за изборната кампања од организаторот на изборната кампања и надоместокот на трошоците за изборите од Буџетот на Република Македонија, односно од буџетот на општината и на градот Скопје се доволни за подмирување на создадените обврски во текот на изборната кампања. Затворањето на наведената сметка и подмирувањето на создадените обврски за изборната кампања од средствата на сметката за редовното работење не е во согласност со одредбите на член  71 став  5 каде е уредено дека  „сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на жиро-сметката за изборната кампања“.

Надлежните органи да превземат активности за преиспитување на погоренаведените законски решенија и да предложат и достават до Собранието на Република Македонија предлог за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Во тој контекст, претставници на Државниот завод за ревизија се учесници во работна група формирана од Министерството за правда која има за задача да подготви предлози за измена на Изборниот законик. Предмет на преиспитување на оваа Работна група се и наодите од Конечните Ревизорски извештаи во врска со одредбите на Изборниот законик од кои ќе произлезат и предлози за измена на оние членови од законот кој што се констатирани во ревизорските извештаи. Во таа насока, предмет на разгледување ќе биде и член 71, став 5 од ИзборниотЗаконик.

Рамка 2

ДЗР објаснува

ТОА ШТО ГО ИМА КАЈ ДУИ, ГО ИМА КАЈ СИТЕ ПАРТИИ!?

Почитувана госпоѓо Костова,

Како Главен и одговорен уредник на Неделникот „Фокус“ и автор на текстот „Државната ревизија ја штити незаконската изборна дупка на Груевци од три милиони евра“, би сакале да ви објасниме за наводите дека одредени состојби кои се напишани од ревизорите во ревизорскиот извештај за ДУИ, Сметка за изборна кампања, ги нема во ревизорскиот извештај за работењето на ВМРО-ДПМНЕ, Сметка на изборна кампања.

Имено, наведениот текст „затворање на наведената сметка и подмирувањето на создадените обврски за изборната кампања од средствата на сметката за редовно работење, не се во согласност со одредбите на членот 71 став 5, каде е уредено дека сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од сметката за изборна кампања“, е дел од ревизорските извештаи за сите политички партии во точката 5.4.

Ве молиме, коректно и професионално да го пренесете овој наш став во вид на објаснување согласно новинарскиот етички кодекс и другите законски норми кога е во прашање објавеното во медиумите.

Со почит

Скопје, 26.06.2012

Мијалче ДУРГУТОВ

 Рамка 3

Транспаренси интернејшнал

ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР ТОЛЕРИРА НЕЗАКОНСКО ФИНАНСИРАЊЕ!

Деновиве со свој коментар на извештаите на Државниот завод за ревизија за финансирање на политичките партии излезе и Транспаренси Интернешнал. Првичните заклучоци на оваа невладина организација од анализата на извештаите на ДЗР беа следните:

-Извештаите објавени од ДЗР за изборното финансирање не се во склад со законите и со стандардите за ревизијата
-Во своите констатации државните ревизори пропуштиле да ја остварат својата функција за надзор и контрола
-Ревизорите не ги повеле соодветните постапки кои би довеле до повикување на одговорност и санкционирање на одговорните во изборните кампањи.
Земено во целина, ТИ чиј претседател е Слаѓана Тасева, оцени дека Државниот завод за ревизија толерира незаконски однесувања на одговорните за организирање на изборни кампањи, толкува закони на начин со кој ги оправдува незаконитостите, наместо за тоа да поведе соодветни постапки, а коментира работи за кои има законска обврска да донесе заклучок.

Рамка 4

Борба против корупција

ВЛАДАТА ИЗБЕГНУВА ДА ГО ОБЈАВИ ИЗВЕШТАЈОТ НА ГРЕКО!

Во Извештајот од Пленарното заседание на ГРЕКО, одржано во март оваа година, усвоени се вкупно 13 препораки од кои 7 се однесуваат токму на политичкото финансирање. Според правилата на ГРЕКО овие извештаи се јавни документи, односно владите се тие кои треба да ги преведат на еден од официјалните јазици и да ги објават. Од Трнаспаренси интернешенал ( ТИ) се сомневаат дека владата на Груевски одбегнува да го објави извештајот затоа што тој содржи неповолни оценки во однос на клучните прашања за независно тело за контрола, кое ќе има мандат, надлежност и доволно ресурси да спроведува про-активна и ефикасна суперревизија, истрага и спроведување на регулативата за финансирање на политиката.

„Доколку таа оценка беше добра, се разбира дека ќе постоеше голем интерес да влезе во најновиот извештај на Европската Комисија.
Кога оценката не е добра, интересот на власта е таа да не биде објавена. На тој начин оценката за усогласеноста со препораките на ГРЕКО, која секогаш била значајна за оценка на прогресот на Република Македонија во борбата против корупцијата, ќе биде сокриена и недостапна за Европската комисија, а уште позначајно, за граѓаните на Македонија. Станува очигледно дека не постои потребната политичка волја за ефикасна контрола над финансирањето во политиката“, коментира Слаѓана Тасева од ТИ!
Инаку, ГРЕКО е тело на Советот на Европа кое презема активности за оценка на усогласеноста на државите со меѓународните стандарди за борба против корупцијата.

 

Вртоглава кариера на Тарчуловски –Хашкиот „херој“ врти бизнис од 300.000 евра!

$
0
0

fokusova-arhivaТекстот е објавен на 4 ноември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во број 1100

Пишувала: Ирена МУЛАЧКА

Јохан Тарчуловски е единствениот осуден од Македонија за воени злосторства во Хаг за случајот Љуботен, настан од воениот конфликт  во 2001 година, каде што беа убиени неколкумина цивили, а според пресудата од Хашкиот трибунал, акцијата ја планирал и ја спровел токму Тарчуловски. Тој прво беше осуден на 12-годишна затворска казна, која подоцна му беше намалена на осум години, од кои шест години помина во Шевенинген, а останатиот дел го одлежа во германскиот затвор Диез.

По осум години поминати во затвор, во 2013 година се врати дома, а во Скопје беше пречекан како херој. Тарчуловски на аеродромот го пречекаа тогашниот премиер Никола Груевски, највисоките раководители на ВМРО-ДПМНЕ, неговото семејство и илјадници поддржувачи кои во него гледаа вистински патриот, бескомпромисен борец за Македонија.

Шефот на државата Ѓорге Иванов и експремиерот Груевски му приредија и официјален пречек во своите кабинети, прифаќајќи го како бранител кој ја поднел најголемата жртва за државата, без оглед на кривичните дела за кои одлежа затворска казна.

Тарчуловски, пак, оттогаш нескромно и јавно му дава целосна поддршка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и редовно е присутен на партиските митинзи. Пред две недели, на собирот во салата „Борис Трајковски“, Тарчуловски одржа говор во кој истакна дека најмногу треба да се сака татковината, а дури потоа својот сопствен живот. Според него, богатството и политичката кариера се најмалку важни.

Ние народот сме тие кои први треба да излеземе кога ни е најтешко, ние сме луѓе кои не бараме многу, не летаме во облаци, но сакаме да нѐ ценат, да нѐ вреднуваат – истакна Тарчуловски.

Но, дали навистина за него политичката кариера и парите се најмалку важни? Фактите говорат оти Тарчуловски е само три години на слобода, а вртоглаво напредува на сите полиња.

Според тоа што може да се види на неговиот фејсбук-профил, Тарчуловски е организациски секретар во владејачката партија, а за време на локалните избори во 2013 година, неговото име се вртеше и во комбинација за кандидат за градоначалник на Општина Бутел.

Веднаш по враќањето од Хаг, тој експресно почна со полагање испити на Земјоделскиот факултет на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, каде што подоцна и дипломираше. Покрај учеството во партиските активности на ДПМНЕ, тера и успешен бизнис од кој заработува милионски суми.

johan-tarchulovski

ФИРМА ЗА ТРАНСПОРТ СО ОГРОМНИ ПРИХОДИ

Според документите од Централниот регистар, Тарчуловски е сопственик на фирмата „Мел-Ком транс Дооел“, чиј управител е неговата сопруга Соња Тарчуловска. Се претпоставува дека фирмата името го добила според името на нивната ќерка, која се вика Мелани. Седиштето на фирмата се наоѓа на улицата Народни херои во скопската населба Кисела Вода, односно во истата населба каде што семејството Тарчуловски има и семеен стан.

Во документите, исто така, може да се забележи дека станува збор за фирма чија приоритетна дејност е товарен патен транспорт (транспорт со камиони). Фирмата е основана е на 21 јули, 2008 година што значи дека на пазарот опстојува цели осум години, односно била основана во периодот додека Тарчуловски веќе две години ја издржувал затворската казна во Шевенинген. Оттука се поставува прашањето како фирмата функционирала цели шест години, до 2013 година, додека Тарчуловски бил во затвор? Кој бил задолжен за нејзиното работење, неговата сопруга или некој од неговите партиски другари?

Податоците од Централниот регистар, исто така, покажуваат дека „Мел-Ком Транс ДООЕЛ“ е регистрирана со почетен паричен влог од 10.000 евра, но на документите може да се забележи и сума од 22 илјади евра, која се води како непаричен влог, што се претпоставува дека се работи за опрема, објекти или камиони.

Според документите со кои располагаме, фирмата остварува големи приходи. Само во 2014 година „Мел-Ком Транс“ имала вкупни приходи од 269.733 евра, додека расходи од 261.159 евра. Една година подоцна приходите се зголемуваат на 343.729 евра, а расходите достигнуваат 336.192 евра.

Според нашите информации, камионите на Тарчуловски работат за рудникот „Саса“, но не успеавме да потврдиме што точно превезуваат и каде. Се обидовме да воспоставиме контакт и со Тарчуловски за да му поставиме неколку прашања поврзани со работата на фирмата, но тој не одговараше ниту на нашите телефонски повици, ниту на смс пораките. Исто така, „Фокус“ испрати прашања и на официјалниот мејл на фирмата, но и од таму не добивме ништо повратно.

 ДАЛИ ТАРЧУЛОВСКИ ИСПРАТИ ПИСМО ДО ГРУЕВСКИ ЗА ХАШКИТЕ СЛУЧАИ?

Името на Тарчуловски, еден од поранешните водачи на фудбалските навивачи на ФК Вардар – Комити, стана познато во јавноста во 2005 година кога заедно со ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски беа обвинети од Хашкиот трибунал за акцијата во селото Љуботен во август 2001 година. Според пресудата во Хаг, Тарчуловски кој во тоа време беше дел од обезбедувањето на починатиот претседател на државата Борис Трајковски, во акцијата на 12 август во селото Љуботен учествувал на своја рака. Револтиран од тоа што претходно на 10 август осуммина припадници на безбедносните сили загинаа од противтенковски мини кај месноста Љуботенски бачила, тој заради одмазда формирал паравоена единица, која под негова команда се упатила во селото да ги пронајде припадниците на ОНА кои ги подметнале мините. Во вооружените пресметки во селото од единицата која ја предводел Тарчуловски настрадале шест жители на селото и биле запалени 14 куќи.

Додека Тарчуловски беше во хашките зандани, по изборите во 2011 година, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повторно формираа заедничка влада. Како услов за старо-новата коалиција интегративците побараа амнестија на хашките случаи – предметите за одговорноста на ОНА за воените злосторства во 2001 година, кои Хашкото обвинителство ги врати во Македонија. Во Собранието тогаш се кршеа копјата за донесувањето закон за амнестија, за што најжестоко реагираше опозицијата. Во целата оваа приказна се вмеша и Тарчуловски кој наводно испратил писмо до експремиерот Груевски и му дал зелено светло барајќи да се амнестираат хашките случаи.

Премиере Груевски, покажи доблест да се затвори и ова последно поглавје од 2001 година. Разговарајте за тие хашки случаи, проверете ги законите и ако има можност решете го тоа прашање еднаш и засекогаш, запрете ги и оставете ги во историјата, завршете ги сите трауми од минатата деценија. Ако избираш помеѓу тоа да ја трошиш енергијата на создавање нови дела, да градиш и да им помагаш на луѓето и помеѓу тоа да го оптоварувате општеството и иднината со овие случаи, одбери го првото. Овие случаи треба да ги стопираме и вратиме во историјата и да одиме напред, да градиме наместо да разградуваме – се наведуваше во писмото од Тарчуловски до Груевски.

Тој, понатаму во писмото продолжува дека хероите ќе се паметат вечно, но со одење напред најдобро ќе се одолжат за нивната жртва.

– Патриотски пред десет години беше да се одбрани Македонија. Денес е патриотски да се овозможи Македонија да оди напред, ослободена од бремето на минатото. Знаеме дека Македонија не беше крива во 2001 година. Еден ден и историјата ќе си каже, ама денес е најдобро да се избере најдобриот интерес за Македонија. Ако стопирањето и затворањето на хашките случаи стои на тој пат, тогаш запрете ги, нека оди Македонија напред, ја имате целата моја поддршка. Така размислува патриот – продолжува понатаму во писмото Тарчуловски.

Но, по јавното објавување на писмото останаа неодговорени многу прашања. Прво, писмото беше адресирано од Хаг во период кога Тарчуловски веќе две недели беше префрлен во затвор во Германија. Оттука почнаа да се плетат приказните – дали Тарчуловски воопшто го испратил писмото или тоа е напишано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и наводно потпишано од него, сакајќи на тој начин да се покријат за амнестијата на Хашките случаи, објаснувајќи и на македонската јавност дека дури и единствениот осуденик за воени злосторства е спремен да им ги прости злосторствата на припадниците на ОНА, само за Македонија да оди напред.

Former Macedonian Interior Minister Ljube Boskovski (L) and former police chief, Johan Tarculovski, arrive in the courtroom of the UN war tribunal in The Hague July 10, 2008, to hear their verdict on charges of murder, wanton destruction of civilian property and cruel treatment against Albanians in the village of Ljoboten in 2001. Tarculovski is convicted for 12 years imprisonment, Boskovski was cleared of the charge. REUTERS/Olaf Kraak/ANP/Pool (Netherlands)
Former Macedonian Interior Minister Ljube Boskovski (L) and former police chief, Johan Tarculovski, arrive in the courtroom of the UN war tribunal in The Hague July 10, 2008, to hear their verdict on charges of murder, wanton destruction of civilian property and cruel treatment against Albanians in the village of Ljoboten in 2001. Tarculovski is convicted for 12 years imprisonment, Boskovski was cleared of the charge. REUTERS/Olaf Kraak/ANP/Pool (Netherlands)

КАВГИ МЕЃУ ТАРЧУЛОВСКИ И БОШКОСКИ

Покрај Тарчуловски и тогашниот прв полицаец Љубе Бошкоски во 2005 година се најде во притвор на Хашкиот трибунал во Шевенинген  осомничен за воени злосторства врз цивилите во акцијата Љуботен. Но, три години подоцна, по одржаниот судски процес, поранешниот прв полицаец доби ослободителна пресуда, додека за истото дело Тарчуловски беше осуден на 12-годишна затворска казна.

Ексминистерот за внатрешни работи беше пречекан од екс премиерот Груевски и илјадници негови поддржувачи, а Тарчуловски остана да ја одлежува затворската казна. Само една година подоцна, откако избија политички разлики помеѓу Бошкоски и ВМРО-ДПМНЕ, почнаа кавгите меѓу Тарчуловски и Бошкоски. Провладините медиуми објавија видеоснимки од наводното сведочење во Пула на поранешниот министер за внатрешни работи, според кое, тој наводно го предал Тарчуловски пред хашките истражители за да добие ослободителна пресуда. Во тој период ДПМНЕ и поддржувачите на Тарчуловски го етикетираа Бошкоски за велепредавство. Дури, сопругата на Тарчуловски му посвети и песна на „предавникот“.

Но, тука не застанаа обвинувањата против Бошкоски. Само неколку месеци по излегувањето на снимките, Тарчуловски и Бошкоски очи во очи се сретнале во ходниците на Хашкиот трибунал, каде според пишувањата на медиумите Јохан му се обратил на Бошкоски: „Љубе, тргни ми се, не сакам да те видам“

Ексминистерот за внатрешни работи во 2011 година повторно заврши зад решетки, овојпат во Македонија за случајот „Кампања“, кој му го намести власта, затоа што политички се одметна и жестоко и се спротивстави. Бошкоски одлежа петгодишна затворска казна во Идризово од каде што излезе само пред неколку месеци. За разлика од него, Тарчуловски и остана верен и лојален на партијата и продолжува успешно да напредува во политичката кариера и во бизнисот.

Рамка

ТАРЧУЛОВСКА ПРЕД ТРИ ГОДИНИ ПАДНА ОД ТЕРАСА

Пред три години, Соња Тарчуловска, сопругата на Јохан падна од терасата во нивниот семеен дом во скопската населба Кисела Вода. Таа имаше тешки повреди и веднаш беше пренесена на скопските клиники. На социјалните мрежи веднаш почнаа да се плетат приказни за нејзиниот пад од терасата, за што го обвинуваа нејзиниот сопруг. МВР излезе со информации дека се работи за несреќен случај и дека таа паднала додека раскитувала од свадбата. Истото го потврди и Тарчуловска која подоцна за дневниот весник „Вест“ раскажала сѐ за падот, тврдејќи дека се работи за несреќен случај.

Земјоделци, редари и учителки дале по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ

$
0
0


Текстов е објавен во дневниот весник Фокус во викенд изданието од 10-11 декември 2011 година.



Пишувале:
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Верувале или не! Земјоделци, секретарки и учителки, пензионери и редари, донирале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за јунските избори. Секој по 1.000 евра! Цела една бригада од 530 луѓе така собрале 510.000 евра за да ѝ овозможат победа на својата партија. Меѓу нив има и моќници, директори и газди, но и многу обични луѓе, со потпросечна плата. Списокот на оваа партија е единствениот што содржи толкав број физички лица како донатори.

„Фокус“ тргна по трагата на тој список, за да ги провери сомневањата дека можеби станува збор за фиктивни донации, за начин како кешот собран на разни начини легално да се уфрли во партиската каса. Како што е познато, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ пријави дека во кампањата потрошила 4,4 милиони евра, а само за 1,1 милион се оправда пред институциите, меѓу кои се и овие пари, собрани од физички лица, додека останатите беа донации од телевизиите. Иако експертите ја спореа големата дупка во финансиите од 3,3 милиони евра, Антикорупциската комисија реши да не ја истражува огромната разлика во приходите и расходите на владејачката коалиција. Во исто време, Љубе Бошкоски е осуден со седум години затвор за наводно нелегално финансирање на кампањата со 100.000 евра, додека против СДСМ е поднесена кривична пријава, оти им се спори кредитот што го зеле од Комерцијална банка.


ДОНАТОРИТЕ СТРАДААТ ОД АМНЕЗИЈА

Кои се тие 530 луѓе, донатори на ВМРО-ДПМНЕ? Што работат? Од каде им се по 1.000 евра за да ја финансираат кампањата? „Фокус“ го истражи списокот на физичките лица во финансискиот извештај кој партијата го достави до Државната изборна комисија (ДИК) и до Антикорупциската комисија. И дојдовме до фрапантни сознанија, кои упатуваат на сомневање дека станува збор за корупциски мегаскандал. Ако се суди според извештајот, во периодот од 17 мај до 3 јуни годинава, 530 луѓе чекале во редици во банките за да уплатат секој по точно 60.000 денари на сметката на партијата. За чудо, сега, половина година подоцна, голем дел од нив не можат да се сетат колку пари донирале.

Анализата на списокот и нашите контакти со дел од донаторите покажуваат дека најдарежливи на овие избори биле општинските советници, вработените во општините и во подружниците на државните претпријатија, но и учителки во градинки и училишта, субвенционирани земјоделци, административци, па дури и пензионери, кои на сметка на државата биле пратени на бања. Во некои случаи донираат цели семејства, од брачни другари, до деца, баби и дедовци. Во општината Ново Село, дури и чуварот и неговата сопруга дале по 1.000 евра за кампањата.

Повеќето од луѓето што ги контактиравме потврдија дека донирале пари, но имаше и такви кои воопшто не се сеќаваат дека дале пари. Една советничка од општина Кочани, која сакаше да остане анонимна, тврди дека пари не дала. Таа ни кажа дека кампањата ја помагала собирајќи пари од фирми за партијата, но вели дека не се сеќава точно од кои фирми, ниту, пак, на начинот на кој ги дала или ги уплатила парите.

– Јас мои пари не сум дала, затоа што сум немала. Но, помагав поинаку. Собиравме пари од фирми за нив. Не можам да ви кажам кои фирми, не се сеќавам како се викаат. Една е на еден од претседателите на месниот комитет. А ако ме прашувате како им ги носев парите, не знам, не можам да сетам – вели советничката.

НОВИНАРИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ПРАШУВААТ

Интересна е и изјавата на Суза Николовска, советник во општина Гази Баба.

– Одамна беше, не се сеќавам точно колку пари дадов. Треба да проверам каде сум запишала. Не знам дали ја чувам уплатницата, навистина треба да се потсетам – вели таа.

Томислав Ракичевиќ, вработен во Царинската управа пред две години, исто како и Стојанова, не ги помни парите што ги дал за партијата.

– Не знам, не можам да се сетам точно колку пари беа, навистина – нѐ уверуваше тој.

На некои, пак, им беше непријатно да разговараат на оваа тема со новинарите, па нервозно ги спуштаа телефоните, а имаше и такви кои сметаат дека ова не е работа за медиумите, како советникот од општина Гази Баба, Ацо Петрушев.

– Новинарите не се тие што треба да прашуваат за овие работи. Новинарите само подгреваат вакви работи. Вас ова не треба да ве интересира – ни рече Петрушев.

Интересен е податокот дека донаторите од различни општини и региони успеале да се организираат и во ист ден да ги уплаќаат парите. Случајно или не, вработените и советниците во општина Гази Баба уплаќале пари на 30 мај, шест дена пред крајот на кампањата. Оние од Кисела Вода, пак, тоа го сториле меѓу првите, на 17 мај, а штипјани се организирале на 3 мај, три дена пред гласањето. Дали на ваков начин партијата се обидувала да ја покрие разликата меѓу расходите и приходите?

ЗА ВМРО СЀ Е ЧИСТО, ЗА СДСМ ДОНАЦИИТЕ СЕ ФИКТИВНИ

За разлика од ДУИ, каде што, почнувајќи од лидерот, донатори се најголемиот дел од високите функционери, кај ВМРО ги нема премиерот и министрите, туку само директорите од вториот и од третиот ешалон. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека финансирањето на кампањата е чисто – оние што имале потреба да помогнат, помогнале.

– Секој што сака да дојде до документот може да дојде до него. Еве и вие сте го виделе, без да го барате од нас. Работиме транспарентно и во согласност со законите. Сите податоци за донаторите на кампањата ги доставуваме до ДИК, која впрочем е раководена од кадар на СДСМ. Исто така, податоци има и во УЈП, во Антикорупциската комисија и во сите надлежни институции. Чисти сме пред законите. Лична одлука е на секој што сака да даде пари, па затоа не би знаел да одговорам зошто недостасуваат фирмите и повисоките функционери – вели Илија Димовски од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Црните пари се покриваат преку фиктивни донации, велат во СДСМ.

– ВМРО-ДПМНЕ во континуитет ги злоупотребуваше буџетски средства преку отворање разни инвестиции, преку вработувања и друг тип притисоци. Уште пострашно е што партијата нема покритие за 3,3 милиони евра потрошени во кампањата – велат од најголемата опозициска партија.

КОЈ ВО 2006 ГОДИНА ДАДЕ ПАРИ ЗА МАЛЧЕСКИ

Сомнежите за фиктивни донации, за кои некои лица и јавно проговорија, се случија и за парламентарните избори во 2006 година. Во извештајот пишуваше дека тогашниот претседател на Сојузот на студентите, Самоил Малчески, заедно со неговата мајка и сестра, вложиле вкупно речиси 10.000 евра во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Тогашниот студент по математички науки за кампањата донирал 200.000 денари, неговата мајка Цветанка 50.000 денари, а неговата сестра Фросина – 300.000 денари. Кога медиумите тогаш го прашаа Малчески за донациите, тој беше вџашен кога откри дека на списокот фигурираат имињата на членови на неговото семејство.

– Да имам 200.000 денари, ќе се женам. Неверојатно е што пишува дека сестра ми вложила толкава сума пари, затоа што ги нема. Ова првпат го гледам! – изјави Малчески.

Ако тој тврди дека не ги вложил парите, се поставува прашањето – кој е тогаш вистинскиот донатор на тие 550.000 денари од семејството Малчески?

Утре: Груевски и министрите не се фатиле за џебот?!

Viewing all 912 articles
Browse latest View live