Quantcast
Channel: Фокусова архива –Фокус
Viewing all 798 articles
Browse latest View live

Внимание, големиот брат снима, затворите се полнат, никој не сигурен!

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на седми октомври 2011-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 849

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Колку „слуша” и колку „гледа” популарно наречениот ГОЛЕМ БРАТ, или полицискиот апарат, кој открива и гони преку следење, набљудување, тајно снимање и прислушување? Многу! Барем така може да се заклучи од извештајот на Обвинителството за организиран криминал, кое дава преглед на употребените посебни истражни мерки (ПИМ). Од извештајот се гледа дека за околу 60 проценти од откриените кривични дела било наложено снимање, прислушување и тајно набљудување, оти МВР, според обвинителот, не можело на друг начин да дојде до доказите.

Ако оперираме со бројки за извештајната 2010 година, на пример, само од поднесени кривични пријави против 265 лица од страна на МВР, пријавите против 142 лица биле поднесени по примената на посебните истражни мерки. Кон ова мора да се додаде дека МВР морала да го активира ГОЛЕМИОТ БРАТ да гледа и да слуша многу повеќе, за да може да ги обезбеди доказите во речиси 60 проценти од процесуираните случаи.

Покрај налозите обезбедени преку истражен судија, каде што станува збор за сторители со познат идентитет, кои треба да бидат опфатени со ПИМ (посебни истражни мерки), Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на 2010 година, како и во претходните години, го користело и инструментот следење и слушање и против “непознат сторител”, налози кои тие ги издаваат, но кои, според законот, не смеат да траат подолго од шест месеци. Па, по тој принцип, во  текот на 2010 година, посебните истражни мерки биле применети во  36 случаи.

ВИЕ НА РАБОТА, А ПОЛИЦИЈАТА ВИ ГО ОЗВУЧУВА СТАНОТ!

Од 36-те случаи, наведува обвинителот, во 14 случаи, против 99 лица со утврден и неутврден идентитет, на предлог на јавниот обвинител, од истражниот судија биле издадени 25 наредби за примена на посебна истражна мерка „следење на  комуникации и влез во дом и други простории, или во превозни средства, заради создавање услови за следење на комуникации”. Ова, наведуваат обвинителите било под услови и постапка утврдена во Законот за следење на комуникации, но прв пат се признава или јавно се презентираат податоци дека не само што тајно се снима или се прислушува, туку еве со судски налог МВР влегувала во домови на сомнителни граѓани, инсталирала „бубачки” и на тој начин граѓаните 24/7 биле под будното око на ГОЛЕМИОТ БРАТ. Тоа било направено и во возила и други работни или деловни простории!

Исто како вицот, нели – звучи шашаво, ама функционира! Замислете ја сега горчината што ќе се создаде кај сите кои, без да знаат, доаѓаат дома, а пред нив тука била полицијата, инсталирала камери и микрофони и шоуто може да почне! На крајот, во голем дел од случаите, немало докази за водење на понатамошна постапка, ама очигледно е дека некој имал одлични воајерски склоности, па се изнагледал сè и сешто!

Ако ја споредиме 2010 со 2009 година, тогаш на предлог на јавниот обвинител во 29 случаи истражниот судија издал наредби за примена на ПИМ и против 175 лица, што според самите обвинители претставува значително намалување на примената на мерката, а кое одело во  прилог, како што велат, „на фактот дека нејзината примена во извештајната година била максимално селективна и тоа само во случаите кога на друг начин не можело да се обезбедат докази”.

Во 2010 година, МВР до Обвинителството за организиран криминал поднело предлози за примена на посебните истражни мерки во 35 случаи, против лица со утврден и неутврден идентитет. Од нив јавниот обвинител во 3 случаи непосредно издал наредба за примена на овие мерки, а во 20 случаи во исто време обвинителот поднел и предлог за примена на ПИМ до истражниот судија за издавање на наредби за нивна примена  против лица со утврден и неутврден идентитет. Во 13 случаи и предлог до истражниот судија за издавање наредби за примена на мерките само против лица со утврден идентитет. Обвинителите тврдат дека трендот на следење и прислушување во 2010 во споредба со 2009 бележи  опаѓање, бидејќи во 2009 овие мерки биле применети во 64 случаи.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во 2010 година непосредно има издадено наредби за примена  на посебните истражни мерки во случаите кога  не се располагало со сознание за идентитетот на сторителите на кривични дела и тоа: тајно набљудување, следење и визуелно-тонско снимање на лица и предмети со технички средства во 13 случаи, привиден (симулиран) откуп на предмети, како и симулирано давање поткуп, симулирано примање поткуп во 11 случаи, контролирана испорака и превоз на лица и предмети во еден случај, користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци во 10 случаи и регистрирање на привидни правни лица или користење на постојни правни лица заради собирање на податоци во еден случај” – заклучуваат обвинителите во анализата за примена на ПИМ.

Обвинителите, до истражните судии во Основниот суд Скопје 1, поднеле предлози за издавање наредба за примена на посебни истражни мерки, па во 14 случаи судиите издале наредби за следење на комуникации, влез во дом и други простории или во превозни средства, поради создавање на услови за следење на комуникации. Во пет случаи судиите издале налози за увид и пребарување во компјутерски систем, одземање на компјутерски систем или дел од него или базата за складирање на компјутерски податоци. Најмногу наредби, 27, судиите издале за  тајно набљудување, следење и визуелно-тонско снимање на лица и предмети со технички средства. Во 19 случаи, судијата издал наредби за привиден (симулиран) откуп на предмети, како и за симулирано давање поткуп или примање поткуп. Во четири случаи била издадена наредба за следење на контролирана испорака и превоз на лица и предмети.

ПРИКРИЕН АГЕНТ, ФОРМИРАНИ ЛАЖНИ ИЛИ ПОЛИЦИСКИ ФИРМИ!

Во 14 случаи доказите се собирале преку користење на лица со прикриен идентитет, за следење и собирање на информации или податоци. Во 2010 година забележан е и еден случај, помалку познат во македонската пракса, со налог на истражен судија да биде регистрирана фирма, како што ја нарекуваат правно, привидна или симулирана, та преку неа, преку нудење на разни фактури преку кои нема да се плаќа данок односно ќе се враќа ДДВ, без да се извршат услуги, се собирале податоци за други компании. Со налог на судија, според законот, тоа може да се прави и преку постоечки фирми, кои намерно ќе издаваат лажни фактури, договори и други документи, преку кои, пак, ќе се дојде до работата на фирмата која е под полициско-судска опсервација!

Од извештајот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се гледа дека од поднесените кривични пријави против 142 лица кои биле опфатени со примената на посебните истражни мерки, против 138 лица поднело барање за спроведување на истрага, против 3 лица дало предлози за преземање на определени истражни дејствија, а против едно малолетно лице била водена посебна постапка. По завршувањето на истрагите, обвиненија биле поднесени против 78 лица, за 3 лица биле дадени изјави за откажување од кривично гонење, за 2 лица биле поднесени предлози за прекинување на истрагата.

„Изнесените податоци укажуваат на тенденција на незначително намалување на обемот на работа, а тоа се должи на фактот што во 2010 година е намален бројот на поднесени кривични пријави од МВР, а и на помалку отстапени кривични пријави од  други основни јавни обвинителства. Како што може да се забележи од изнесените податоци, кај двата доминантни субјекти во  пријавувањето во однос на претходната година, е забележана тенденција на намалување на број на поднесени кривични пријави. Во 2010 година, со барање за спроведување на истрага, решени се пријави против 306 лица или 69,23 отсто, што во однос на претходната година претставува зголемување за 6 лица или 2,2 отсто, а во однос на 2008 година зголемување за 40 лица или 15,03 отсто. Истражниот судија при Основниот суд Скопје 1 Скопје, во 2010 година, постапувал и по нерешени истраги од претходната година против 111 лица, така што  вкупно во работа имал истраги против 417 лица, од кој број решени се истраги против 301 лице или 72,18 отсто, а на крајот на годината останале нерешени истраги против 116 лица или 27,82 отсто” – констатираат во Организиран криминал.

Од извештајот на обвинителите се добива слика и за притворот во Република Македонија, колку тој се предлагал, во кои случаи и колку бил прифатен од страна на судиите. Анализата покажува дека речиси сè што ќе предложеле обвинителите се прифаќало.  До истражниот судија биле поднесени предлози за определување на мерка притвор против 204 лица. Сите предлози од истражниот судија биле прифатени! Овој податок, за стопроцентен притвор по барање на обвинителот, остава простор за сериозна дебата. Од една страна, на прв поглед, треба да заклучиме дека има квалитетни пријави, полни со докази, па се определува притвор. Но, праксата нè убеди дека сите пријавени, всушност, завршуваат во притвор, а откако ќе завршат зад решетки, обвинителот и судот почнуваат да собираат докази. Тоа што ниту еден обвинет не ги видел доказите или не му биле предочени, оти ги немал добиено ниту судијата, покажува дека судиите мора ептен сериозно да се едуцираат за основите на притворот и за другите елементи за обезбедување на осомничениот, почнувајќи од гаранција, па завршувајќи со куќен притвор.

КУЌЕН ПРИТВОР САМО ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА СУДЕЊЕ

Во 2010 година била предложена и мерката куќен притвор спрема 13 лица. Во однос на 2009 година, кога мерката притвор била применета спрема 200 лица, обвинителот вели дека последната бројка на притворени од 2010 година, претставува незначително зголемување само за 4 лица или изразено во проценти – 2 отсто. Времетраењето на мерката притвор, што е определена спрема 204 обвинети, е до 30 дена за 71 обвинет, до 60 дена за 31 обвинет, до 6 месеци за 37 обвинети и над 6 месеци за 44 лица. Во текот на траење на притворот, на 55 лица тој им бил заменет со куќен притвор. Во 2010 година, на 13 лица им била определена мерка куќен притвор како обезбедување на обвинетите во текот на постапката.

Според ваквите бројки, самите обвинители тврдат дека „мерката притвор била применета спрема сторителите на најтешки форми на кривични дела за кои ова обвинителство постапувало”. Во 2010 година, притворот најмногу се применил за кривично дело Злосторничко здружување, како и  за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори  и организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти.

И покрај оценката на обвинителството дека се прислушувало, следело и се снимало селективно, односно само во случаи каде што не можело поинаку да се обезбедат доказите, снимките кои се гледаат низ судниците покажуваат сосема друга слика. Па така, обвинет за примање мито и за злоупотреба на службената положба во една општина, на пример, е сниман како се шета или води љубов со пријателката. Слушани се разговори помеѓу новинари и други лица кои немаат директна врска со предметите. Голем број од доказите, собрани со следење и прислушување, се ковертирани од страна на судовите и извадени од предметот, бидејќи се прибавени на незаконит начин или немаат употреблива доказна вредност. На пример, полицајците на граничните премини беа снимани со наредба против непознат сторител, иако јасно е кој работи на преминот и кој полицаецот може да прими мито и да ја злоупотреби службената положба. Небаре обвинителството на ваков начин сакало да добие докази дека полицајците му дозволуваат на некој трет, непоканет, во нивно име, да зема рекет или мито на премините, за побрзо да помине одредено возило или побрзо да се исконтролираат патниците во автобусите.

Друг проблем е што нема кој да ги селектира доказите собрани со ПИМ, па во судниците е вистинско доживување кога се слушаат телефонски разговори или се гледаат цедиња, иако тие ретко кога имаат тон. Па така, ќе чуете каде има највкусна чорба, кој какви сексуални апетити има, кој колкава сексуална моќ има, која расте правопропорционално со позицијата и парите, до рецепти за готвење, а богами и сочни оговарања. И меѓу милионите докази од трач муабетите, ќе влета некој шифриран збор и – ете го доказот, тврди обвинителот! На такви докази заглавија најголемите предмети, кои беа толку споменувани по доаѓањето на Преродбата.

Но, тоа ќе биде наш посебен интерес за друга тема, каде што ќе ви претставиме дали навистина нема докази или доказите се неупотребливи. Или, пак, можеби во прашање е нешто трето. Како и да е, неизбежна е констатацијата од насловот, дека благодарение само на ГОЛЕМИОТ БРАТ, македонските затвори се полни!

Што се следело ем снимало
МЕРКИ ЗА ТЕРОРИЗАМ, ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ…

Според статистиката на обвинителството, посебните истражни мерки биле применети во случаите на постоење на основано сомнение за извршување на кривични дела на корупција и организиран криминал и тоа: неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, злоупотреба на службената положба и овластување и противзаконито посредување во пет случаи, примање поткуп и противзаконито посредување во 2 случаи, перење пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување и злосторничко здружување во 1 случај, злосторничко здружување во три случаи, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи во еден случај,  злосторничко здружување и криумчарење во  еден случај, терористичка организација, тероризам, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и здружување заради непријателска дејност во еден случај, како и поткуп, криумчарење, неовластено изработување, чување и тргување со оружје.

Слика за организираните
ГОНАТ КРИМИНАЛЦИ НА АМОРТИЗИРАНИ КОМПЈУТЕРИ СО ДЕЛУМЕН ПРИСТАП НА ИНТЕРНЕТ!?

Основното  јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, има 12 обвинители, вклучувајќи го и шефот. Им недостасува уште еден, според систематизацијата. Обвинителите се жалат дека немаат услови за работа, па го известуваат Собранието: “Ова обвинителство работи само со двајца советници од правна струка и еден дактилограф. Стечени искуства во работењето од претходните години го потврдуваат фактот дека бројот на извршителите ни оддалеку не одговара на обемот на работата, карактерот, тежината на криминалот, за кој е стварно надлежно да постапува и сложеноста на предметите. Во 2010 година работата на ова обвинителство дополнително беше усложена и од аспект на  просторна, материјално-техничка и финансиска состојба, по двајца јавни обвинители во една канцеларија, делумна поврзаност со интернетот со веќе амортизирани компјутери, а и обемот на предвидените финансиски средства и динамиката на нивната реализација не беше доволна”.

Конфискуван имот
ОДЗЕМЕНИ ПАРИ, ВОЗИЛА, ДРОГА, ОРУЖЈЕ

Во 2010 година со донесени првостепени пресуди била изречена конфискација на имотна корист во вредност од 860.062.933 денари,  1.050.000 американски долари, 5.216.000 евра. Со пресуди донесени во 2010 година, кои станале правосилни, одземени се разни видови на подвижни предмети, кои биле наменети за извршување на кривичните дела, и тоа: 21 возило, 65 мобилни телефони, 13.910 евра, 19.400 денари, 255 килограми хероин, 366 килограми канабис и семки од канабис, 2 комби возила, 3 товарни моторни возила , 3 полуприколки, 2 рачни бомби , 1 рачен фрлач , 1 митралез, 2 автоматски пушки, 3 пиштоли,  224 различни видови куршуми. Одземени се и поголем број количини на цигари и други подвижни предмети и исправи.

Перење пари
ЗАМРЗНАТИ ТРАНСАКЦИИ ОД 30 МИЛИНИ ДОЛАРИ

Меѓу покарактеристичните случаи на обвинителството, се и двата предлози за издавање на привремена мерка, запирање на трансакции на нерезидентна сметка на правно лице од САД во Комерцијална банка АД Скопје и како и предлогот за привремена мерка,  запирање на трансакции на сметка на едно правно лице во Комерцијална банка АД Скопје и тоа на парични средства во износ од 30 милиони американски  долари. Двата предлози биле прифатени од страна на истражниот судија.


Власта може да прислушкува 30.000 граѓани одеднаш

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на 29-ти јули 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 839-840

Пишувала
Мимоза РИСТОВА

Се покажа дека Саше, за да ја обезбеди државата од „злото” што ја демне од сопствените граѓани и интелектуалци, изгледа навистина набавил уред за прислушување телефонски разговори. За легално и законски да се активира целиот капацитет на оваа апаратура, ви треба вредните независни истражни судии да работат, брат-брату, 25/7, за да издадат 30.000 наредби за спроведување на Посебни истражни мерки (ПИМ), а вредните од одделот за телекомуникации од ДБК, заедно со итрите од Телеком, да ги спроведат наредбите!

Зарем овие мали уши клампуши не може некое поголемо и поцврсто уво да ги надслуша, а независни новинари да ги објават снимките за злоделата на непослушните уши, па независна парламентарна комисија да ги сослуша, па кралска комисија да ги надслуша, за, на крајот, обвинителот да ги обвини? Конечно, јавноста да гледа и да се задоволи со сцената во која дворскиот џелат на клетите прислушувачи убаво ќе им ги истегне ушите од корен, казнувајќи ги за кршење на уставот. Изгледа не може. Жалам, но јас не гледам дека кај нас има механизам за заштита!

Цел јули Британија ја тресе аферата за хакирањето на телефоните од страна на  Њус оф д Ворлд (ЊОВ), додека ние тонеме во меѓународен медиумски мрак и галактичка маглина. Во дневните весници и во електронските медиуми завладеа средновековен мрак. Не дека порано беше кој знае колку осветлено, но сега веќе како тотално да сме лишени од релевантни информации за меѓународните збиднувања. А овие последниве, буквално тресат до темел едната од највлијателните политички сили во светот – Велика Британија.

Благодарение на недостигот на целисходност и континуитет во информирањето, а најмногу поради “високопрофесионалниот” македонски режимски журнализам, којзнае, можеби сосем спонтано и без некоја посебна тенденција ние ќе донесеме лекомислен но опасен заклучок:  Ете, на сите во светот им ги прислушкуваат телефоните! Како пуста утеха, граѓанин граѓанина ќе потапка по раме и ќе му шепне тивко, за никој жив, та ни ушлестите ѕидови, да не чујат:  МОЛЧИ СИ БРАТ, ТОА Е НОРМАЛНА ПОЈАВА ВО  ЦЕЛИОТ СВЕТ!

Е, драги мои, морам со солзи во очите и со длабока брчка на челото, во знак на бескрајна загриженост, да ви ја искажам смешната флоскула што ја кажуваат по американските филмови сите сопружници фатени во постела инфлагранти, со швалер/ка, од страна на другиот сопружник: БЕЈБИ, НЕ Е ВООПШТО ТАКА КАКО ШТО ТИ СЕ ЧИНИ!!! Ситуацијата кај Британциве нема сличности со нашава, а и она што се случувало кај нив воопшто не е ни близу до она од кое стравуваме дека се случува кај нас. Кај Британците ситуацијата е многу покомплицирана, но по мое видување, многу побенигна. Имено, таму постојат механизми за контрола од опасноста за злоупотребата на власта и директно прислушување на приватните разговори помеѓу граѓаните.  Внимавајте добро, таквата злоупотреба им била пред окото на будните невидливи чувари на системот, па биле веднаш фатени!

СО ПРИСЛУШУВАЊЕ ДО УНАПРЕДУВАЊЕ

Но, медиумите мили на власта и нивните телефонски хакери морале некако поинаку да се снајдат за да допрат до интимата на граѓанинот. Наместо директно прислушување, какво што повеќето чувствуваме на своја кожа кај нас, кај Бритиве се работи за ТЕЛЕФОНСКО ХАКИРАЊЕ, со пресретнување на оставените гласовни пораки. Имено, во културата на Британците (воопшто кај Англосаксонците), многу често се користи  можноста за оставање на гласовна порака на статичниот или на мобилниот телефон, сеедно. Во културата за ефикасно живеење на овие луѓе, клучен елемент е почитување на времето на оној што сакате да го искомуницирате, па му се остава можноста од пораката да разбере зошто го барате и колку е итно барањето. На бараниот му се остава слободата за куртоазна проценка за тоа, кога ќе го возврати повикот. Кај нас, ќе се согласите, малку е поинаку. Кај нас  адетот е бирачот упорно да му зврцка на бираниот, а притоа да остави траг од едно 17-18 испуштени повици. И така да зврцка, се  додека успешно не се пробие молкот на другата страна .

Ако некој сака да ја најде целата вистина за британсково хакирање, тогаш мора да ги исчита клучните репортажи и анализи во прогресивниот и независен „Гардијан”. Сега јас ќе се обидам да ви го сублимирам прочитаното, за да можете да ја добиете вистинската претстава за карактерот на оваа злоупотреба. Уште на почеток морам да ви посочам дека клучниот момент на британското прислушување лежи во податокот дека претплатникот на телекомуникациската услуга, при купувањето на претплатничкиот број, автоматски ја добива и услугата говорна пошта, со којашто добива и шифра, ПИН. Со последново може да се активира преслушувањето на сопствените непреслушани пораки од кој и да било друг телефон (статичен или мобилен).

Но, на авторите на овој иновативен систем за незаконско телефонско хакирање, т.е. пресретнување на пораките, однекаде им била позната, инаку недостапната и строго доверливата статистика, дека само 4 отсто од Британците си го менуваат ПИН-от (оној кој им го даваат „фабрички”), а другите 96 отсто, или забораваат или едноставно не знаат да ја направат таквата безбедносна измена, па го задржуваат оној фабричкиот – истиот број за сите (да речеме 123456). Бинго!!! Секој можел од секаде да прави недозволено преслушување на приватната пошта на 96 отсто од британските претплатници, буквално од секаде. Приватните пораки што ги прислушувале за потребите на, сега притворената директорка, Ребека Брукс, додека била само уредничка на секција во Њус оф д Ворлд (иако за неа не постои ни податок дека дипломирала на некој универзитет, ама постои податок дека нешто студирала на Сорбона во Париз), ѝ донеле вратоглаво унапредување до врвот на хиерархијата на магнатот на печатените недиуми – Руперт  Мардок.

ЕМ УРЕДНИЧКАТА СИТА, ЕМ ПРЕМИЕРИТЕ НА БРОЈ

Во последните осум години таа била во непосредни пријателски односи и со едната влада – либералите (ЛАБУРИСТИ!!!), и со другата – конзервативците, што укажува на карактерот на нејзината политичка непристрасност како одличен платеник, слично како и нашите медиумски платеници – оние имиња кои се свичуваат на која страна лежат моќта и парите. Според исказите на Ребека Брукс пред истражниот судија, не само сегашниот Дејвид Камерон, туку и Гордон Браун и Тони Блер изгледа биле корисници на информациите. Она што се знае е дека и Блер и Камерон секогаш биле близу нејзиното здолниште, на приватни вечеринки и викенди од неоправдана и сомнителна природа, проследени со јавање коњи на приватни поседи.

Хакирањето на пораките, имено, одело како директно, од самите новинари на ЊОВ, така и индиректно, преку приватен детектив, кој сега е  притворен. Кај последниов бил најден именикот од 4.000 прислушувани лица, помеѓу кои и политичари, новинари, познати актери, киднапирани деца, семејствата на загинатите војници во Ирак и членови на кралското семејство. Димензиите на аферата стануваат стравични поради сознанието дека еден од новинарите на ЊОВ, кој излезе пред други медиуми и посведочи дека од него било барано да хакира телефонски пораки, беше неодамна најден мртов во својот стан во Лондон.

Како и да е, информациите од хакираните телефони од ЊОВ  едновремено хранеле два големи корисника: репортерите на ЊОВ, кои секогаш имале посочни информации во таблоидите отколку другите конкуренти (оттаму и медиумската популарност и моќ) и кабинетот на премиерот, кој секогаш имал во ракавот отповеќе џокери-информации за личните ставови и сознанија на своите политички опоненти.

Една од клучните фигури во целата афера е сега притворениот Колсон, кој некогаш бил уредник во ЊОВ – еднаш осуден за прислушување во 2007 ходина. И покрај криминалното досие, премиерот Дејвид Камерон го вработил во кабинетот како раководител во канцеларијата за односи со медиумите. На големите медиумски критики апропо таквата одлука, добротворот Камерон, како навиена вергла, секогаш одговарал дека СЕКОЈ ЗАСЛУЖУВА ВТОРА ШАНСА. Мижи Асан да ти бајам е додуша ова со вторава шанса, зашто очигледно е дека Камерон го амнестирал Колсон од претходниот криминал, за да си го прибере да ја работи валканата работа за неговиот, сега веќе и врапците знаат, валкан кабинет!

ГРУЈО ЈА ЗЕМА КУРБЛАТА ВО СВОИ РАЦЕ

Така, линкот со ЊОВ и недозволените информации помогнале за исполнување на страниците на печатот на Мардок, а истовремено се слевале и во кабинетот на премиерот во Даунинг Стрит 10. Двајцата челници на Метрополитанската полиција на Лондон, од кои едниот е благородник, Сер Пол Стивенсон,  исто така, си дадоа оставки, поради одговорноста што ја чувствувале за непреземањето истражни мерки, иако добивале информации за постоење на индиции за ваквата злоупотреба на страна на ЊОВ.

Кулминацијата на медиумското шоу со аферата за прислушувањето беше пред десетина дена, кога Ребека Брукс , таткото и синот Мардок беа повикани од парламентарната Комисија за спорт, медиуми и култура, да ги презентира своите докази, на сослушување пред членовите на Британскиот парламент. Овој настан  медиумите го нарекоа најважното сослушување во историјата на парламентот, кое не доби директно медиумско покритие. Инволвираните од безбедноста, пак, ги презентираат доказите пред друга парламентарна комисија, онаа за внатрешни работи. За жал, информирањето на јавноста се сведе на цитирање на изјавите од протагонистите и од портпаролите.

Ај сега, да се вратиме кај нас, да се потсетиме на старата добра традиција ГОЛЕМО УВО од времето на покојна Доста Димовска, и  да се навратиме на деновите кога Грујо сериозно ја зема курблата во свои раце и ја залауфа машинеријата за автократско владеење, та фати на чуварот на Државната безбедност, братучедот по мајка, Сашо Мијалков, да му набавува интересни хардверско-софтверски гаџети за прислушување и следење на граѓаните на РМ. Се покажа дека изгледа навистина Саше, за да ја обезбеди државата од “злото” што ја демне од сопствените граѓани и интелектуалци, навистина набавил уред за прислушување телефонски разговори. Таа техничка спецификација не би требало да биде никаква тајна и тој јавен податок сигурно може да се најде  некаде во тендерската документација за јавната набавка, но нејсе, јас шпекулирам и препишувам од други, кои објавија цифра од неверојатни 30.000 канали за директно прислушкување, а не хакирање на пораки.

Богами, за легално и законски да се активира целиот капацитет на оваа заштитна државна апаратура, ви треба вредните независни истражни судии да работат, брат-брату, 25/7 за да издадат 30 000 наредби за спроведување на Посебни истражни мерки (ПИМ), а вредните од одделот за телекомуникации од ДБК, заедно со итрите од Телеком, да ги спроведат наредбите!

УШИ КЛАМПУШИ ЗА 30.000 ДОМАШНИ НЕПРИЈАТЕЛИ

Така, пу-пу машала, да не ги урочам, колку се грижат луѓево за нашата рекордна невработеност во Европа, ќе се создадат минимум 10.000 нови партиски вработувања. Нејсе, бидејќи бројката од 30.000 домашни непријатели не беше никогаш демантирана од Грујовци-Мијалковци. Значи, капацитетот на власта да може да се закачи на фреквенцијата на барем по еден член од семејствата на опозицијата, е еднаков на прислушување на скоро целата гласачка опозиција. ПАРДОН! Власта има капацитет НЕ за да прислушува, туку само да ги претвора во дигитален запис разговорите на таргетираните граѓани – опасните ѕверови што можат да ја разнебитат оваа цврста античка државна творба!

Боже ме сочувај, спасителу, па ние, слушајќи ги вестиве за аферата за Мардок, уште малку ќе си помислевме дека така е нормално, дека човек е нормално да се чувствува прислушкуван, дека е секаде исто и дека постои некаков Орвеловски ГОЛЕМ БРАТ, кој те гледа со око од небото и те слуша со уво од вселената. Дечки, ви велам, и да го има, тој не е од тука. Овие нашиве веројатно се закачуваат и снимаат, но немаат капацитет да видат и чујат толку многу луѓе, од едноставна причина што хуманите ресурси им се доста скромни. Но, ако некому му се намерачат (како на Брат Љубе и на некои други), тогаш тука се нивните многу блиски линкови со Телеком и со блиски по античкит им ген, фиљан-истражни судии, кои со поднослива леснотија, полесна од леснотијата на еден пердув на колибри, ќе изречат Посебни истражни мерки!

Но, која е нашата заштита од потенцијалите на ваквата злоупотреба на власта? Зарем кај нас нема некое контролно ОКО НАД ОКОТО, и УВО НАД УВОТО? Зарем овие мали уши клампуши не може некое поголемо и поцврсто и по’рскавично уво да ги надслуша, а независни новинари да ги објават снимките за злоделата на непослушните уши, па независна парламентарна комисија да ги сослуша, па кралска комисија да ги надслуша, за, на крајот, обвинителот да ги обвини? Конечно, јавноста да гледа и да се задоволи со сцената, во која дворскиот џелат на клетите прислушувачи убаво ќе им ги истегне ушите од корен, казнувајќи ги за КРШЕЊЕ НА УСТАВОТ?  Изгледа не може. Жалам, но јас не гледам дека кај нас има механизам за заштита!

Правобранителу на РМ, вие, како последна наша надеж, кажете ни како да се одбраниме од овие маслосани уши, што се лепат на нашите исполирани порти?

Кој го контролира Сашо Мијалков?!

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен во неделникот Фокус, број 766, на 5 март 2010 година.

Формално- правно на шефот на УБК, Сашо Мијалков би требало да ‘му клецаат нозете’ од страв од бројните механизми за надзор на работата во ресорот што тој го има. Ама, неформално, истиот Мијалков важи за најмоќната фигура во моментов во Македонија. Како прво, самата позиција за директор на УБК е ‘страва’. Второ, Мијалков е братучед на премиерот Груевски, од фамилијата што би се рекло, човек од ептен доверба. А трето, првиот човек на тајната полиција е и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Кумулативно, сево ова го крева алармот на црвено- кој го контролира моќниот братучед? Одговорот, пак, е поразителен!!!

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Популарноста на реалното шоу ‘Големиот Брат’, каде група луѓе се под 24- часовен целосен мониторинг со камера и звук, доволно кажува дека длабоко во чевечката природа е љубопитноста да се ѕирне преку клучалката, да се види што се готви во тенџерето на соседката, да се фати со свои очи ‘кој со кого се онади’,  а особено да се ‘буљи’ во ТВ екранот за да се следи однесувањето на ‘затворениците’ во ‘Големиот Брат’ дури и во кревет.

Ако гледачите се ‘палат’ на ваквиот воајеризам, каде што сниманите сепак знаат дека Големиот Брат ги демнее од секое ќоше, тогаш не е за изненадување, што и оној што во име на заштита на државата ќе добие можност да ги набљудува сите два милиони жители, ќе падне во искушение да ја ‘прекардаши’.

Тајното снимање и прислушување државите го легализираат под плаштот- заштита на безбедносните интереси, борба против организираниот криминал, тероризмот. Во тоталитарните држави, со авторитарна матрица, оваа ‘направија’ особено е корисна да се сотрат политичките противници. Да, има застранувања и во демократските системи, ама ваквите скандали, кога ќе пукне бруката во јавноста, доведуваат до политички земјотрес.

 И НА ТАРАБА ПИШУВА ‘СВАШТА’ АМА НЕ Е ТОА

 Македонија во изминативе две децении имаше вакви ‘пикантни’ драмолетки во продукција на ДБК, но, ниту една не доби нормален  демократски расплет, освен што служеше за забава на широките народни маси. Кога се прислушуваше штабот на ВМРО-ДПМНЕ во 90-тите, самото кодно име на операцијата- ‘Дувло’, доволно сугерира како службата ја третирала и доживувала опозицијата.

Кога стотина јавни личности во мега скандалот ‘Големото уво’ се далдисаа дека нивните разговори биле солидно симнати, исто како и во претходниот случај, единствениот бенефит беше што стенограмите потоа се продаваа на тезги како бестселер. Па, согласно светогледот на Уставниот суд за оспорениот Закон за лустрација, дека демократијата безмалку не’ заплиснала во првата секунда од носење на новиот Устав, а после тоа, демек, веќе била друга песна, излегува дека ‘тази дупки, не се дупки’. Ама, и на тараба пишува ‘свашта’, па не е тоа, туку си останува тараба.

Имено, по тој Устав што ги декларира демократските вредности, а според духот на толкувањето на уставните судии, нашта тајна полиција е просто сардисана од контрола. Море, сакате на суд да тужите, ем собраниска комисија за контрола имате, со се анкетната за човекови права. Но, глеј чудо, ниту една ваква афера, за сомнежите за едно чудо други- ич муабет да не правиме, никогаш немала завршница од ‘светот на бајките’, пардон, од она што уставно- правно е запишано.

Владо БУЧКОВСКИ, екс премиер: 

buckovski

МИЈАЛКОВ Е СЕГА НАЈМОЌНИОТ ЧОВЕК ВО ДРЖАВАТА

ФОКУС: Зошто се неефикасни комисиите надлежни за работата на полицијата?

БУЧКОВСКИ: Мислам дека главниот проблем е тоа што ние ставаме председатели на комисиите да бидат опозиционери и ги покажуваме пред меѓународната јавност како бели мечки. А всушност, бидејќи мнозинството го има власта, во комисијата секогаш има опструкции. Фактот дека на последните неколку седници на оваа комисија, МВР е претставено или од заменикот или пак директорот на УБК го испраќа Сиљан Аврамовски како нивен претставник, го покажува третманот што го има оваа комисија. Ако говориме за тајната полицијата, факт е дека немаме изградено систем на контрола. Мислам дека дури постои и опасност, како сега, бидејќи првиот човек на УБК е помоќна политичка фигура од актуелната министерка, УБК всушност да биде вон контрола и на министерот.

ФОКУС: Во моментов кој го контролира Сашо Мијалков?

БУЧКОВСКИ: Евентуално премиерот, не верувам дека тоа го прави Јанкуловска. Со податоците кои ги има, тој најверојатно е најмоќниот човек, тој има контрола и врз состојбите во државата.

ФОКУС: Дали вие како премиер имавте контрола на службата?

БУЧКОВСКИ: Беа други околности бидејќи министер за внатрешни работи беше Михајловски кој дојде од позицијата на експерт. Инаку по дефиниција, таа служба кога ја води некоја политички истакната личност, може да се одметне. Во периодот додека СДСМ беше на власт, во еден период на чело на ДБК беше Верушевски како професионалец, но во период додека јас бев министер, на пример, Зечевиќ беше партиски кадар. Тоа е прашање кое што би требало да се отвори и да се разговара без призвук дали доаѓа од една или од друга опција. Многу работи таму се недоречени.

ФОКУС: Зошто не се направи реформа на службите досега?

БУЧКОВСКИ: Ние успаевме да направиме една тешка реформа на Армијата. Не беше едноставно, бидејќи официрскиот кадар беше продуциран и произлезен од ЈНА, која тешко трпеше демократска силна контрола. Тоа се направи реално со помош, пред се, на НАТО и силен притисок кој што доаѓаше од страна. Јас не го чувствував тој притисок кон полицијата. Таа остана како еден сегмент од нашето општество што не е реформиран.

ФОКУС: Зошто однадвор немаше таков притисок?

БУЧКОВСКИ: Можеме само да шпекулираме зошто.

ФОКУС: Ниту опозицијата како да нема интрес за темата?

БУЧКОВСКИ: Ние имаме еден готов материјал и незнам зошто за овие четири години никој не говори веќе за него. Додека бев министер и премиер, единствено пројавија интерес Британците како наши партнери во дел од реформате во армијата. Идејата беше да ги реформираме и разузнавачките служби да ги ставиме под една капа, а потоа и да се засили контрола. Но, како да спласна ентузијазмот во дел од структурите кои по дефиниција би требало да бидат заинтересирани за една ваква контрола. Кога е на власт веројатно секој ужива во благодетите кои што ги нуди една таква силна структура која што е вон контрола на јавноста. А парламентот би требало да обезебеди јавност, прво како се трошат парите и второ, колкумина и зошто се прислушувани. Ние сите се сомневаме дека инструментите кои што ги има полицијата повеќе се користат во пресметка со политичките истомисленици, отколку во битка против криминалот.

Значи, формално- правно во моментот на шефот на УБК, Сашо Мијалков би требало да му ‘клецаат нозете’ од страв од бројните механизми за надзор на работата во ресорот што тој го има. Ама, неформално, истиот Мијалков важи за најмоќната фигура во моментов во Македонија. Како прво, самата позиција за директор на УБК е ‘страва’. Второ, Мијалков е братучед на премиерот Никола Груевски, од фамилијата што би се рекло, човек од ептен доверба. А трето, првиот човек на тајната полиција е и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Кумулативно, сево ова го крева алармот на црвено- кој го контролира моќниот братучед? Или, можеби тој ги контролира другите, па и оние што би требало да бидат негови контролори.

Во овој контекст, побаравме одговор од неколку јавни личности, кои имале такви државни функции, што сепак имаат не теоретски, туку практични искуства, на пример, зошто собраниската Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање во изминативе две децении воопшто не се прослави. А преку неа, демек, Собранието ја остварува надворешна контрола врз тајната полиција. Уште повеќе, формално правно, нели, според законската поставеност Комисијата ги држи под целосна контрола тајните служби. Ма, да паднеш во несвест од правниот илузионизам.

Esad RahicЕсад РАХИЌ, екс претседател на Комисијата за контрола на ДБК

КОЈ ЈА КОНТРОЛИРА ДБК, ТОЈ ГИ ДОБИВА ИЗБОРИТЕ

 ФОКУС: Бевте председател на собраниската  комисија во перидот 2006-2008 година. Зошто оваа комисија е нефукционална?

РАХИЌ: Како прво, во Македонија не е донесен закон за национална безбедност каде што строго ќе се определат правата и надлежностите на комисијата која треба да ги контролира службите. Второ, затоа што политичките елити што глумат демократски елити, на чело на службата ставаат партиски војници. Во конкретниот случај не е партиски војник, туку партиски генерал, бидејќи сегашниов и реално е високо рангиран во хиреархијата на партијата. Можеби е на самиот врв. Претходно шеф на службата беше извршен секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ. Прашањето е дали партиите сакаат да биде поинаку? Најверојатно дел од реформите во сите сегменти во општеството не одат, затоа што рибата смрди од главата.

ФОКУС: Кој ја контролира службата?

РАХИЌ: Прашање е дали службата не е над партиите, па таа ги контролира партиите, ги формира онака како што на неа и одговараат. Вториот проблем е персоналниот состав на комисиите. Секој пат кога доаѓа нова политичка гарнитура се ставаат нови ‘зелени’ пратеници … Најверојатно на една структура во партиите, што потекнуваат од едно исто место, им одговара така да функционираат. Контролата ја нема.

ФОКУС: Контролиравте ли вие како претседател на оваа комисија?

РАХИЌ: За разлика од словенечкиот колега кој што ми дојде во посета, после стасна и министер во владата на Словенија, јас неколку пати со писмена молба се обраќав до директорот на ДБК, како председател на комисијата да имаме средба, да ме информира за неговот работење. Постојано беше зафатен и слично.

ФОКУС: Некои сметаат дека не е силен притисокот однадвор?

РАХИЌ: Не сум сигурен. Најверојатно се обиделе еднаш -двапати … Сега има друга работа каде што дел од службите одработуваат одредена агенда за тие структури, што е океј, во борбата против тероризмот и таа соработка е неспорна. Жалосно е што една служба што реално има квалитетен кадар е ставена во дел за политички пресметки, за следење на луѓе кои што мислат поинаку.

ФОКУС: Кој конкретно го контролира Сашо Мијалков,?

РАХИЌ: Јас мислам деке Сашо Мијалков ни самиот нема контрола на себе, а не некој друг. Со тие овластувања што ги има како шеф на службата и со новиот предлог закон за устројството на службите каде што Агенцијата за разузнавање ќе се врати назад, тој ќе стане држава во држава. Тој и сега веројатно најмоќниот човек во државата, а тогаш ќе биде недопирлив.

ФОКУС: Дали министерот за внатрешни е помалку моќен од шефот на ДБК во Македонија?

РАХИЌ: Сега во моментов, апсолутно.

ФОКУС: А претходно?

РАХИЌ: Во зависност од позицијата што шефот на службата ја има во рамките на политичката партија. Во времето на СДСМ министерот сепак можеше да го исконтролира шефот на ДБК. Но, и во тоа време имаше обид министерот да го смени Миле Зечевиќ, но не успеа. Се вмешаа повисоки структури во партијата, не му дозволија.

ФОКУС: Дали Груевски е помоќен од Мијалков?

РАХИЌ: Ќе бидам нечесен да кажам дека е или не е, мислам дека тоа е едно тело со две- три глави. Единствена особа на која Груевски и верува повеќе од самиот себеси е Сашо Мијалков. И тоа е за почит. Како тоа го одработил, треба да му се симне капа. Инаку, од мое лично искуство, кој ја контролира службата, тој ги добива изборите во РМ. И сега видете колкава е моќта на оваа служба.

Ете, од УБК се должни на Комисијата да и доставуваат програма за работа до крајот на јануари за тековната година, како и извештај за работа за претходната година најдоцна до февруари наредната година. Е така, народните избраници ќе имале точен увид колку овие служби го злоупотребуваат правото да прислушуваат и снимаат. Правните романтичари дури теортетски ќе ви раскажат како, согласно нели правниот поредок, Комисијата може во секое време да ги ‘стресе’ тајните служби и по свое наоѓање да им бара потребни известувања, податоци и информации, за евентуално службите да не се дрзнале да отидат во друг правец. Но, доволно беше! Да се симнеме на земја, оти сево ова претходно е научна фантастика.

‘ДРВО-ДЕКОР’ НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Иако формирана за да ја реши загатката наречена одбрана и заштита на слободите и правата од злоупотребите на тајната полиција, оваа собраниска комисија е обичен ‘дрво-декор’ на нашиот парламентаризам. Ако се земе и искуството на анкетните комисии формирани во Собранието да истражат токму конкретни скандали врзани за овие служби, тогаш ептен ќе ви збоктиса и самиот термин ‘комисија’. А и не се сал собраниските ‘бофл’. Зарем поарни ефекти имаме од антикорупциската, или, еве, онаа за лустрација?!

Зошто е толку опасна УБК? Едноствано, моќта што ја има, деталите до кои може да дојде со снимање или прислушување, ја прави убиствена. Особено во политичкиот живот. Есад Рахиќ дури тврди дека оној што ја има контролата врз УБК, тој ги добива изборите. Впрочем, токму на конгресите на СДСМ, пред неколку години, беа јавно искажани сомнежи дека се користат валканиците од ‘снимките’ на УБК, за уцена на делегатите да гласат за ‘едикој си’. Ова не наиде на ‘одјеци и реаговања’ како, на пример, изјавата на Тито Петковски, веќе како прв човек на НСДП, дека сите поголеми партии имаат уреди за прислушување. Да, и оваа ‘ад хок’ формирана анкетна комисија, никој не знае чуму беше направена.

tito0Тито ПЕТКОВСКИ, екс претседател на Собранието

СО ВАКОВ ЗАКОН НИКОЈ НЕМОЖЕ ДА СЕ ЗАШТИТИ

ФОКУС: Сте биле член на собраниската комисија за надзор на ДБК и Агенцијата за разузнавање, ама и во анкетна комисија. Зошто овие комисии не даваат резултати?

ПЕТКОВСКИ: Овие комиси во Македонија функцинионираат по мудроста на ×ерчил:’ Ако сакате да не се заврши работата, формирајте комисија’. Искуството покажува дека основната причина е што во составот доминира владеачкото мнозиство. Еве, за аферата ‘Големото уво’, јас бев претседател на анкетната комисија. Тогаш не сакаа да дојдат на анкетирање, на разговор, високи државни функционери. Тоа е нивото на сфаќањето за одговорноста на политичарот кон граѓаните. Меѓутоа, основната причина е што ниту една власт не се откажува од сопственото влијание во работата на комисијата, било анкетната или комисијата за контрола на службите. Друга причина не постои. Имало случаи каде постоеле многу факти и аргументи, но кога ќе се дојде до фазата да се подготви извештај, тогаш се прави опструкција и затоа нема ниту еден усвоен извештај, нуту пак има ефект од таква работа.

ФОКУС: И што сработила актуелната комисија, на пример?

ПЕТКОВСКИ: Комисиите имаат обврска барем за својата работа годишно да го информираат Собранието што сработиле, но за оваа комисија тоа не сум го забележал. Дури кога се донесе Законот за следење на комуникација, ние како партија прво баравме на таа комисија да се уочат опасностите од апликациите на некои одредби, но не се прифати, па покренавме постапка пред Уставниот суд за оцена на уставност на законот.

ФОКУС: Во претходниот мандат беше формирана анкетна комисија, иницирана од една ваша изјава дека прислушни уреди имаат и поголемите политички партии. Што бидна со таа комисија?

ПЕТКОВСКИ: Ништо. Мислам дека се состанаа еднаш и утврдиле методологија како ќе работи комисијата и толку беше. Еднаш ме поканија, па ја одложија седницата на комисијата. Или, јас еднаш бев во Брисел кога ја закажаа, но за тоа дадов писмена изјава дека сум подготвен во секое време да дојдам. После тоа не се свика комисијата.

ФОКУС: Што на пример ќе им кажевте?

ПЕТКОВСКИ: Она што го кажав јавно, дека овие сомнежи доаѓаат од фактот дека за време на кампањите, секогаш и ВМРО и СДСМ имаат информации за она што го правиме. Штом ќе испланираме нешто, веднаш ја имаат информацијата. На кој начин доаѓаат до неа?

ФОКУС: Можеби ви инфилтрирале свои луѓе во партијата.

ПЕТКОВСКИ: Не верувам во тоа. Денес, со овие нови уреди што ги има, апсолутно не е тешко тоа, дури мислам дека воопшто не е скапо да се располага со такви прислушни уреди. За мене најголем проблем е што тоа практично се озаконува со Законот за следење на комуникации. Нема шанса да се заштитиш. Нема човек кој што може да си ја заштити својата приватност со таков закон.

Значи, контолата врз УБК е рамна на голема нула. Проблемот е што со измените на Законот за следење на комуникациите, читај прислушување и тајно снимање, што го донесоа токму Груевци во 2008 година, за УБК безмалку само небото е лимит. Фактот дека ‘Големиот Брат’ може да ве набљудува дури и кога ‘постојат основи за сомневање дека се подготвува кривично дело’, јасно ја скицира шансата дека сите можеме да бидеме сомнителни дека можеби нешто големо ‘куваме’, против државата, нели.

Партијата на Петковски, НСДП, покрена иницијатива пред Уставниот суд, во која оспорува десетина одредби од овој закон. Сметаат дека ‘проблематичното следење на комуникациите во најрана можна фаза и со значајно проширен список на можни кривични дела, објективно ќе доведе до злоупотреби- ќе се искористи за пресметување со политичките противници и неистомисленици и нивна дискредитација, за најразлични манипулации, уцени и лични пресметки. Петковски сигурно има сознанија дека и досега ваквите ‘манири’ биле својствени на службата, а со вака широкото законско поле, ќе може ептен длабоко да се ора опозицијата. Патем, Титовци ја доставиле иницијативата до Уставниот суд во септември 2008 година. Секако, сеуште немаат абер дека ќе дојде на дневен ред, кај ‘омиленииот’ суд на Груевски.

Во меѓувреме, Сашо Мијалков ќе важи за нај фактор во државата. Точно дека Бранковци први го ‘пробија ледот’ кога нивниот организационен секретар Миле Зечевиќ го седнаа во истата фотеља. Проблемот е што не е проблемот во законите и мнозинството во комисиите. Имаме и идеални закони, ама живеачката е драстично различна. Мозинството, пак, и кај едните и кај другите се третира механички и математички за (не)вистината. Дефектот во ситемот лежи во тоа што на двете партии им одговара ваквата ‘недопирливост’ на тајната полиција. Обете претпоставувам, располагаат со ситите ‘дргаоцени’ детали до досиејата и аудио-визулените дострели на службата. Затоа, Големиот Брат, поточно во случајов Братучед, може комотно да ве набљудува.

Павле ТРАЈАНОВ, екс министер за внатрешни работи

pavle trajanov_1

И ВО ДРУГИТЕ ДРЖАВИ ОВИЕ КОМИСИИ НЕМААТ РЕЗУЛТАТИ

 ФОКУС: Сте биле министер за внатрешни работи ама и член на комисијата за контрола на ДБК. И, има ли контрола?

ТРАЈАНОВ: Формално- правно постои комисија, но во суштина до сега нема обезбедено контрола над работата на овие тајни служби, со посебен аспект на примена на оперативните средства, отварање на досиеа на политички противници. Во овој 20 годишен плурален период, никогаш немало подготвност од страна на тие служби да бидат отворени за оваа комисија.

ФОКУС: Каде е грешката?

ТРАЈАНОВ: Мислам дека не е разработена методологијата како да се контролира работата на овие служби. Се се сведува на некакви глобални извештаи на овие служби кои ги разгледува Комисијата, во чие што мнозинство секогаш се партии кои што се на власт. Не е можно да се донесе или прифати неков заклучок кој што ќе биде на штета на остварување на власта. Тоа до сега е пракса. На пример, не се случило оваа комисија да открие кршење на човековите права преку користење на системите за прислушување.

ФОКУС: Како да стане функционална оваа комисија?

ТРАЈАНОВ: Прво, треба контролата да биде разработена со посебен закон. Значи да се утврди како ќе се прави таа контрола, каква е одговорноста некој ако не дава податоци, ако прикрие податок да одговара со закана на кривична одговорност. Таа комисија секогаш да има мнозинство од опозицијата, да има една методологија која што ќе гарантира дека тоа што ќе  започне да се истражива, ќе биде до крај и објективно завршено. Но, тоа е една претпоставка. Сега замислете една друга ситуација, ако опозицијата е мнозинство и ако тие со надгласување речат дека се загрозени правата на некои граѓани, а не е така, повторно не би било во ред. Во суштина нема ефикасна цивилна контрола. Колку за утеха, ги проучував системите во другите држави и скоро никаде тие комисии не функционираат. Во последниве години имаше афери слични на ‘Вотергејт’, во Германија, Грција, Франција. Но конкретна одговорност никаде немаше. Можеби затоа од Брисел тоа прашање помалку го актуелизираат.

 

Како Груевски и Ахмети „братски“ го полнеа судството со партиски кадри!

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 11-ти јануари 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 915, а неколку дена пред тоа за темата си правеле муабет Сашо Мијалков и Муса Џафери кој што можете да го чуете на овој линк.

ДУИ ги дочека своите пет минути. Додека сите се прашуваа, зошто го премолчеа тепањето и влечењето на опозициските пратеници, владејачката ДУИ преку ноќ внесе неколку автобуси со свои партиски кадри во судството.

 Секако, со несебична помош на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и во Судскиот совет, но и со параф на претседателот Ѓорге Иванов. Дали Ахмети случајно побрза да ги размести докажаните партиски кадри на повисоки позиции во судството или ја сфати тактиката на ВМРО-ДПМНЕ за контрола на моќната алатка – судството, преку наградување и вдомување синови и ќерки поради заслугите на родителите или можеби се плаши од нешто?

Заменик-директор на затвор стана член на Судски совет, член на Советот – судија на Врховен, од обвинители во судии, од судии во обвинители… тоа беа потезите што ги влечеше Ахмети во последниов месец, додека Груевски го спречуваше наводниот државен удар!

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ 

Речиси цела година траеше натегањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кој да биде Врховен судија од редот на Албанците, дали правобранителот ќе биде Албанец, дали ја бараат фотелјата на Јавниот обвинител или на претседателот на судскиот совет. И додека низ медиумите кружеа милион комбинации, на крајот на годината, владините партнери, кои изгледаа божем расштимано, не само што се договорија, туку затскриени зад тепачките во Собранието, заедно, сложно, без грам срам, што би рекол нашиот народ, го направија најбезобразниот упад во судството. Преку ноќ, на истекот на важењето на стариот закон за судовите, тие избраа кадри, кои од почетоков на годинава само може да сонуваат дека еден ден ќе станат судии на позициите на кои се избрани, бидејќи ниту имаат потребен стаж и квалификации за тие места, ниту ги имаат потребните усовршувања во Академијата за судии и јавни обвинители, која бара слушатели со просечна оцена од најмалку 8 од студиите на Правен факултет.

ПАРТИЗАЦИЈА НА ЛИЦЕ МЕСТО

На неколку седници, на крајот на декември, новиот Судски совет направи таков избор на судии, кој, да не е тажен, ќе беше смешен, токму во светлото на најголемиот адут на власта дека судството е реформирано, по европски терк, судиите се избираат само по квалитет и ништо друго!

Во последниов период имате можност да видите на телевизиите уште една од владините реклами во која се говори за успешност. Маратонска е, трае неколку минути и објаснува како се постигнати неверојатни успеси во судството токму според системот – избор и кариера за судиите со најголеми резултати. Па, драги мои, во овој текст ќе го апострофираме токму тоа, кажаното во телевизиските реклами и „учинокот” на дело. Веднаш ќе сфатите дека во рекламата нарачана од Владата на Никола Груевски некој дебело лаже!

Зарем толку не знае премиерот дека се унапредуваат судии баш со најслаби резултати, а не најдобрите како што тврдат во рекламата? И уште не според знаење, туку исклучиво според партиска блискост и роднинска линија?! Не верувам дека не знае, но еве се е можно, во посветеноста да се работи 24/7 можеби не бил запознаен што работат неговите партиски поданици на терен. Пред вакви факти, рекламите можат само вода да ни носат!

Партијата на Али Ахмети, како што споменав, со сесрдна помош на ВМРО-ДПМНЕ избра толку кадри во последниов месец во судството, колку што не биле избрани откако се во коалиција во последните речиси 5 години. И тоа, така ги разместија и ги „прешалтаа” од функција на функција, за човек да не може да се начуди колку способни и талентирани луѓе сме имале што можат да одговорат на секоја позиција. Додека пратениците беа тепани, влечени и исфрлени од салата, на продолжението на седницата без нив, експресно беше реизбран Народниот правобранител Иџет Мемети, добивајќи уште еден мандат.

На тој 24 декември, беше распишан и огласот за избор на јавен обвинител, за кое место од време на време покажуваше апетити токму ДУИ, но сега е јасно, тоа место ќе остане кај ВМРО-ДПМНЕ, ама затоа тие добија се што посакаа. Три дена подоцна, на седницата за пратенички прашања „сардисаниот” претседател на Собранието Трајко Вељаноски експресно прочита дека штотуку избраниот заменик претседател на Судскиот совет Башким Бесими поднел оставка и таа му се прифаќа. Потегот на заменикот беше изненадување дури и кај сите вработени во Советот, кои за прифатената оставка во Собранието разбраа од медиумите. Но, Башким Бесими не дека не ја сакал функцијата доверена на предлог на Александра Зафировска во Советот, туку без ниту еден ден стаж како судија, посакал да стане Врховен судија!

И ќе стане за некој ден, откако се пријави на огласот распишан три дена пред Нова година, и кој е според стариот закон, па никој нема да го праша дали има најмалку 12 години како судија за да влезе во Врховен. Ербап работа, убаво смислиле, да си даде оставка за да немало конфликт на интереси, дека го избираат членовите на телото каде што тој е заменик претседател!

И ИВАНОВ ВО ПАРТИСКОТО ОРО

Со задоволство ќе ја следам таа седница за да видам кој ќе биде јунак да го предложи и дали ќе се најде некој јунак, кој макар и по грешка ќе стисне црвено копче, против ваквата партизација на судството. Но, дури разбравме дека Бесими дал оставка, експресниот Вељановски добил предлог за нов член, од уште поекспресниот претседател на државата Ѓорге Иванов – Собранието го избра, рано наутро се заколна и на 31.12.2012 имавме комплетен Совет, подновен со досегашниот заменик директор во затворот Идризово Беким Реџепи. Мора да е ептен од „кариера” би помислил човек, штом уважениот професор од Правниот факултет, ставил потпис под неговата апликација. Ама, штом погледнав во неговата биографија одма сфатив дека некој дебело го „зезнал” нашиот д-р Иванов. Па, членов да ти бил бегалец баш од факултетот на кој предаваше Иванов. 35 годишниот Реџепи, почнал да студира на скопскиот, ама потешко му одело, па дипломирал на „Американ колеџ” во 2009 година, а во 2011 положил правосуден испит!

Според квалификациите, овој „истакнат” правник би можел да работи како помлад соработник во судовите, и – толку, но сега тој ќе избира и разрешува судии во сите судови и ќе ја цени нивната работа!

Како и да ја свртите работава, нема поголема навреда за судиите од оваа. Но, новоизбраниов член, изгледа многу љуби да се слика, па „Фокус” ви пренесува само една од фотографиите каде што тој од мерак се слика со лидерот на партијата Али Ахмети. Колку да се знае кој е кој. Близок бил и со министерот за правда Блерим Беџети, комшии од општина Сарај, заедно биле во ПДП, па во ДУИ, тука негде се и генерациски, и, сето тоа, иако непишано, било пресудно за човеков да стане член на Судски совет. Цела среќа што не го избраа веднаш и за заменик, туку тоа место во Советот го пополни апелацискиот судија Мерсељ Пајазити, кој се истакна со серија предлози за судии до сега, а кои немаа минимум услови за унапредување во повисок суд. Кои секако – поминаа!

СЀ ПРАВАТ КОНТРА ОД ТОА СО КОЕ СЕ ФАЛАТ 

Негов предлог, кој едногласно беше прифатен, е тој, за унапредување на Енвер Беџети, судија избран на 14 јануари 2010 за прв пат во скопска единица и кој ни со две години стаж, замина да цени одлуки во скопска апелација, подрачје кое опфаќа две третини од населението во земјава. А, рекламата со која Груевски не убедува дека судството е топ реформирано вели: најмалку 4 години како судија на основен суд и најдобри резултати се неопходен услов за влез во Апелација. Овој судија со две години стаж што ќе наполни иднава недела, на Василица, немало време ни да го оценат, а камоли да има најдобри резултати!

Толку за перењето мозок преку реклами. Кога ќе покажат какви резултати има судијата Беџети, тогаш да го продолжиме муабетов, а претседателката на Судски совет Александра Зафировска, која на сите ѕвона труби за резултатите на Советот, редно е да ни каже, како што вели: „Ако сака да ни каже, ќе ни каже” до каде оди договорот за урнисување на судството со вакви кадри. Но, Беџети не е единствен кој имал „среќа” да се роди под партиска ѕвезда и да биде експресно унапреден. Со мало пребарување низ именикот на судии, само во скопскиот апелациски суд гледате дека нему друштво му прави Суат Алиу кој првпат бил избран за судија во Основниот суд во Тетово на 26.08.2008 година, а веќе на 30.03.2011 година, по точно две и пол години од изборот за судија е избран за судија во Апелациониот суд Скопје, каде што постапува по предмети во граѓанскиот оддел. Роден е 1977 година, и, што е најважно, син е на судијата на Врховниот суд Сафет Алиу, кој замина пред неколку месеци во пензија. Не, овде не морам пак да ја споменувам владината реклама за 4 години стаж како основен судија и најдобри резултати!

Во истиот суд, судија е и Абдула Лимани кој од септември 2004 до јуни 2006 година работел како адвокат во Кичево, првпат бил избран за судија во Основниот суд Кичево на 1.7.2006, а веќе на 19.11.2009 година, по цели три години и 4 месеци и 18 дена служба како судија со одлука на судскиот совет е избран за судија во Апелациониот суд Скопје, каде што постапувал по предмети во граѓански оддел, а сега постапува по предмети во стопански оддел. Не пишува на судскиот сајт, дали сам сакал преместување од оддел во оддел или некој проценил дека има големи резултати на едно поле, па да ги прошири сега и на друго!

Судијка е и Букурије Ајдини, која во 2000 година се вработила во Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, па работела како професор по правни работи во Државно средно училиште за економија и биротехника „Арсени Јовков” Скопје, во 2005 станала член на државната матурска предметна комисија при Бирото за развој на образованието, па државен  службеник во Генералниот секретаријат на Влада на РМ, по што се вработила и во Министерството за правда од која позиција во 2008 година била заменик член во Комисијата за прием на кандидати во академијата за судии и јавни обвинители, и, на крај, без ниту еден судиски стаж е избрана директно за судија во Апелациониот суд. Суди работни спорови. Толку функции за еден човек, за само осум години многу говори!

Колешка и е и Јетмире Ајдини Бошњаку која дипломирала на Правниот факултет во Скопје во 2000 година, правосуден испит положила во Скопје во 2003 година, за судија во Основниот суд Скопје 1 била избрана во 2008 година, за на 30 март 2011 година со одлука за Судскиот совет да стане судија на Апелациониот суд. Можеби мене слабо ми оди математикава, ама и овде успеав да избројам едвај три години стаж, со мало дополнување дека кандидатката во тој период користела и породилно отсуство!

На листава се најде и Африм Фидани, кој од 1994 година до 1996 година бил правен советник на Партијата за демократски просперитет, во огранокот во Тетово, по што станал државен трудов инспектор, па секретар на општина Врапчиште. Во 2011 година за првпат е избран за судија директно во Апелациониот суд во Скопје и суди кривични предмети. Колега и заменик-претседател на судот му е и Сафет Кадрии, во чија биографија пред да стане директно судија на овој суд му пишува дека бил секретар на Земјоделска задруга „Братство” во Желино, директор на ДОО „Агростримница” Тетово, па помошник-директор во Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, државен секретар во Министерството за правда на Република Македонија, работел и како државен советник во Уставниот суд на Република Македонија од каде што е избран за судија во јуни 2009 година.

ДУИ ЌЕ ГО ДОБИЕ ДРЖАВНОТО ПРАВОБРАНИТЕЛСТВО

Кон оваа листа да го додадеме и неодамна избраниот Ќеназија Мехмед, кој од март 2008 година до јули 2012, кога е избран за судија на скопска апелација,  работел во ДОО „АМД” Кичево. Сега суди работни спорови. Во целата прераспределба на функции, влегува и заменик претседателот на Советот на обвинители, Мираљем Асани, кој дојде како партиски предлог, а сега е веќе судија во Апелацискиот суд во Гостивар. Претседателот на тој суд, Шефает Хајдари, од основниот беше избран во Вишиот управен суд, па во Апелација Гостивар, за на крај да стане претседател, и сето тоа за помалку од две години. Бетим Илази, новоизбран судија во Гостивар е син на Вишиот обвинител во Скопје Хабиљ Илази. Поранешниот министер за локална самоуправа Џемаили Саити стана Врховен судија, а нов управен судија во Вишиот суд наголемо се говори дека ќе биде Сузана Салиу, сегашната потпретседателка на Собранието, доколку партијата не реши во последен момент да ја предложи за Државен правобранител. Зашто ова место, според последниот договор, ќе им припадне на интегративците, а сегашната правобранителка Оливера Китанова Мицева, според сите информации, била најсигурен кандидат за Врховен судија, посебно сега, откако судот одлучи дека водела постапка шест години против „Фершпед”, ама не видела дека тужбата ја поднела после сите рокови!

Листата на кадри од ДУИ е долга, но еве само неколку од нив, кои со истите „квалификации” како претходните кандидати добија позиции во судството. Во скопска апелација влезе и Амир Абдулаи, адвокат од Гостивар, Африм Јакупи во гостиварска апелација, Пајазит Пајазити во скопскиот кривичен суд, Емине Калач од Куманово ја испратија да суди во Велес и уште дваесетина кои влегоа во речиси сите судови во земјава. Но, покрај нив, во последен момент се пикнаа и луѓе блиски на ВМРО-ДПМНЕ, кои по новиот закон тешко дека ќе обезбедеа место. Па така, синот на несудената претседателка на Врховниот суд, Родна Живковска, стана судија на управниот суд, а сопругата на полицискиот портпарол Иво Котевски во скопска апелација. Маја има над 4 години стаж како судија, од кои една и пол година помината на породилно боледување. На Маја Маркова Котевска и конкурираа судии со стаж колку што има години новата судијка, но пресудија кренатите раце. Во Врховен суд пак влегоа судијките кои го решија „Фершпед” како и балдаската на ексминистерот Љубен Пауновски.

На последниот ден од старата година Судскиот совет распиша уште еден оглас на кој бара судии за Врховниот суд, за трите апелациски судови и за неколку основни. И нив ќе ги избира без стаж, без резултати, оти внимавајте, огласот е распишан на 31 декември и ќе се применува тој закон, а не новиот кој стапи на сила на први јануари. Од сите избори направени изминативе месеци само тројца кандидати со завршена академија добија судски функции, а на Академијата и се заканува клуч на врата, бидејќи сега никој не сака да конкурира, гледајќи дека судството се полни со се и сешто, а нив им бараат такви услови, како да ќе ги праќаат на мисија во вселената а не за судии на основни судови. Во сите случаи, за второстепените судови конкурираат меѓу 60 и 100 судии, најмногу од скопските судови, но и од внатрешноста, ама нив никој ниту ги споменува, ниту ги предлага, иако нивните резултати се неспоредливи во поглед на тие што се унапредуваат. Сепак, има и такви кадри во судството, меѓу Албанците, кои со години се во судството, но изгледа не им се по ќеиф, па не ги вртат во барабанот. На пример, во Велес има судија кривичар, кој беше и претседател на судот, со стаж од 17 години како судија, и со резултати за кои избраниве може да сонуваат, но не оди напред!

Таква ситуација има и во тетовскиот суд, за разлика од гостиварскиот суд, каде што е пофреквентно и од автобуска станица. Во тој суд за последниве пет години, два пати се смени составот на судот, од адвокати или полициски началници стануваа судии, па одеа во извршители, нотари, обвинители или ги разрешуваа и унапредуваа. Само последниве месеци се избрани 10 судии во овој суд. Но, извор за „Фокус” посочува дека и во ДУИ има две крила, едното на министерот за правда, кое протежира свои кадри во судството, а кое не е омилено во партискиот врв, оти биле ПДП крило, а не вистинското ДУИ и дел од поранешните борци кои форсираат свои луѓе. Иако „свои меѓу своите”, кандидатите морале наводно и да платат за новите функции, тврди истиот извор. За „Фокус” вели: „сакам да ви укажам на бизнисот со именувањето во обвинителството и судството кое го прави еден функционер во Владата преку „стројници” кои продаваат позиции кај Албанците. Цената е од 5 до 15 илјади евра, зависно од позицијата”!

Битката во ДУИ пред неколку дена се пренела и во Советот на обвинители, каде што за обвинител во Гостивар беше избран судија, кој дојде од местото секретар на општината, а отпаднал кандидат кој имал титула доктор на науки. Двајцата биле Албанци, но надвладеало крилото на министерот за правда, наспроти тоа на министерот за локална самоуправа.

По сите избори и именувања, Ахмети може да биде горд и задоволен, бидејќи дебело ја наплати поддршката што ја даде за избор на Лидија Неделкова во Врховниот суд, а време е Груевски да ја повлече рекламата со која секојдневно не убедува во реформираното судство, бидејќи тешко дека ќе се откажат од партиската контрола на судството. И, за крај, да не се чудат ако и за оваа година, Судскиот совет биде повторно посочен во извештаите на меѓународните организации како најголем кочничар во судството, кој избира, унапредува и разрешува без критериуми и на чисто партиско-политичка и роднинска подлога. Кој не верува, нека ги провери биографиите на тие кои на сите нас ќе ни делат правда!

Најгласниот мегафон на Груевски никогаш никого не наклеветил, ниту навредил!?

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 13-ти август 2010-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 789

Мојот „уметнички дојам“ отсекогаш беше и е, дека Латас просто ужива да навредува и знае да наклеветува, како што многу често и самиот е мета на такви вербални напади. Но, согласно податоците од судот, ваквите импресии ми биле скроз погрешни. Неговата новинарска мисија, согласно судските ни аршини, е невина „ѓоа бебенце“. Никогаш не е осуден за клевета и навреда, иако, согласно бројот на тужбите, што од него, што против него, ќе биде корисно неговиот пријател Груевски да изгради нов суд, кој ќе биде надлежен само за „ликот и делата“ на Латас. Уверенијата, пак, за чесност, кои со години ги делат нашите судии, се доволен аргумент да се согласам со ставот на весникот-пријател на Владата, дека нашето судство е деградирано!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Македонската политичка сцена е затруена од примитивизам, вулгарности, малограѓанштина, лицемерие. Има сѐ, освен здрава и жестока дебата за ставови и опции. Размената на мислење меѓу партиите се сведува на исчитани соопштенија, последователно, неколкупати во денот. Гласноговорникот на ДПМНЕ не се сеќавам дека некогаш соопштил било што без листот пред него. Па, оттаму, на Бичиклиски повеќе му прилега терминот – Гласночитач. Со својата филозофија на владеење, Груевци го загрозија менталното здравје на нацијата. Напредокот на светот се темелел на борба на мислења. Но, со ѓоа преродбениците тоа изгледа приближно вака: Ти го фаќаш на дело како краде, а тој ти возвраќа дека сестра ти има швалер-црнец. И, потоа, скроз (не)нормално главна тема станува црнецот!

Последниот ваков егземплар беше за настапот на Дејан Гацов во вестите на А1 телевизија. Вмровците одбија да се соочат со него и неговите обвинувања, ама, кутрите, толку ревносно го следеле неговиот ТВ настап за владиното рекламирање во медиуми-пријатели на Владата, што потоа преку „приопчење за пучанство“ се обратија „изравно“ до СДСМ.  И, демек, им збрцаа у џигер прашањца од калибарот: Дали и другите личности во СДСМ, како Гацов, милуваат да се облекуваат во јамболии? И, дали таквите блудни и контроверзни забави на кои учествуваат само машки, кои се полуголи, се пракса за раководството на СДСМ?

Туф, туф, туф… Да не стокмат сега некаква законска забрана за еднополови забави, со обавезателно високи казни?! За оние што можеби не знаат, станува збор за фотки од забава кои самиот Гацов си ги има ставено на својот фејсбук-профил. Тие, пак, сефте беа обнародени за пошироката јавност преку весникот што е „пријател на Владата“ а за кој, пак, нормално, и Владата не штеди на материјал од финансиска, односно, рекламна природа. Но, добро, прашањето ми беше: Дали машките што се облекуваат во јамболија на забава, генетски се предодредени да лажат? Нејсе, важно повторно, овојпат со јамболијата ја прекрија клучната тема за една демократија: Како се трошат народните пари?

ДУШЕВНИТЕ БОЛКИ НА ДВОЈНИОТ УРЕДНИК

Сѐ на сѐ, проследивме уште една промашена вмровска дебата за црнецот. Во меѓувреме, Груевци можат да си продолжат да се рекламираат со народни пари кај пријателите на Владата, а за непријателите, пак, се надлежни токму пријателите од медиумите. Секако, и портпаролот на Владата, Мартин Мартиновски, кој демек се гнаси и да седне со Гацов во исто ТВ студио, па му најави тужба за клевета!

Секогаш кога една власт посегнува по тужби против критичарите, во земја која е загубена во транзицијата, па, во која судството е само една од нејзините алатки за тотална контрола, тоа е сериозен знак дека настапила последната фаза од нејзиниот слободен пад. Наместо јавните личности да имаат поголем степен на толеранција, како што сугерира и судот за човекови права во Стразбур, наместо да се води сериозна дебата, да се полемизира за суштината, овде секој држи монолози, дели лекции, плука и навредува, а за слични вербални стрели на својот грб, промптно се бара чаре на суд!? Да биде апсурдот поголем, токму нашето судство е на тапет, и по дома и по надвор. Дури и самите судии не веруваат дека се независни. Анкетата, нарачана од ОБСЕ, а спроведена меѓу судиите, покажа дека делителите на правдата не веруваат во независноста на судството. Речиси половината од анкетираните одговориле дека судиите се соочуваат со надворешни влијанија и притисоци, а најмногу од Владата!

При ваква ситуација на теренот, која и без помошта на ОБСЕ ја имавме апсолвирано, во вмровски стил би се изразила – ептен делува педерски кога моќниците, кои, патем речено, бегаат од соочување, а судот го имаат на тацна, ќе најават со фанфари дека ќе тужат за клевета некој од своите „непријатели“. Резултатот е однапред познат, но, ете, тоа изгледа им ја милува суетата, им ги разгалува „честа и угледот“ кои појачани со судската тапија добиваат вонвременска димензија. И веднаш потоа, сите ние ќе ги им се восхитуваме на чесноста!? Бог да чува!!!

Од друга страна, пак, ми делува садо-мазохистички кога најголемите критичари на судството, за кое рака даваат дека е маша на преродбениците, ќе се „дрзнат“ да тужат некој од Груевци. Освен, се разбира, ако не наумиле своите теоретски опсервации за судот, да ги поткрепат и со лични искуства.

И така, деновиве, на пример, весникот Вечер, онака ударно на насловната страница се пофали дека нивниот главен уредник Драган Павловиќ Латас ќе го тужи за клевета пратеникот од СДСМ, Јани Макрадули. И така, од весникот што  е ,пријател на Владата, разбравме дека уредникот што си го има иди ми-дојди ми со Груевски, бара од судот кој е под контрола на претходнонаведениот, да го казни опозиционерот што од собраниската говорница му нанел „душевна болка“. Да, така стои во најавата за тужба. Неколкуте реченици на Јани го поткопале неговиот „кредибилитет и углед на истакнат новинар во македонското општество и чесен и фамилијарен човек, притоа нанесувајќи му штета по неговиот углед“!

Во прилог на сензибилниот Латас, а како доказ за клеветничката природа на тужениот, се наведува и дека Макрадули го изгубил судскиот спор за клевета со министерот за транспорт Миле Јанакиески, небаре за Македонија е тоа светско чудо. Кога министер ќе загуби на суд од опозиционер, тоа е веќе од рангот „човек каснал куче“. Е, Латас не е министер, ама, шансите против него да добиете на суд се еднакви на оние како да го тужите Груевски лично!

Неодамна, коментирајќи го апсењето и притворот што судот му го одмери на млекарот Душко, кого вмровците претходно веќе го „осудија“ безмалку како дилер на дрога, Мирјана Најчевска изнесе став дека жалната слика за македонското судство најдобро ја отсликувало тоа што против Латас никој не може да добие судски процес!

„КРИМИНАЛЕЦОТ“ ПРОТИВ „КВАЗИ НОВИНАРОТ- КАМЕЛЕОН“

Иако нема ништо епохално во тоа, главниот уредник на два медиуми, ТВ Сител и Вечер, кој инаку е 102 насто поддржувач на овој режим, да има супер „проѓа“ кај нашите судии. Сепак, без оглед на судската статистика, мојот „уметнички дојам“ отсекогаш беше и е, дека Латас просто ужива да навредува и знае да наклеветува, како што многу често и самиот е мета на такви вербални напади. Но, согласно податоците од судот, ваквите импресии ми биле скроз погрешни. Неговата новинарска мисија, согласно судските ни аршини, е невина „ѓоа бебенце“. Во обидот, пак, да видиме колку често Латас е клиент на скопскиот кривичен суд, дојдовме до сензационално откритие. Според нашата неофицијална статистика, тој е најмногу тужената јавна личност за клевета и навреда, ама и самиот е своевидна тужибаба број еден. Според бројката на предмети во кои тој е главен лик, било како тужител, било како тужен, а согласно градителските пориви на Преродбеникот, не ќе да е на одмет, да се изгради нов скопски суд, кој ќе биде надлежен само за „ликот и делата“ на Латас. Па, така, ќе имаме кривичен, граѓански и Латасов суд!

Шегата на страна, оти, сепак, беше предизвик да видиме како течат ваквите судски процеси. Ако неговите тужби се инспирирани од написите дека бил евидентиран како кодош, или кога во коментарите е идентификуван како „мегафон од фиреровиот сокак“ во улога на тужен главно се појавува кога „лоцира“ предавници, албански лобисти, грчки платеници, небаре има лиценца за Патриометар!

Најголемиот судски процес според бројот на тужителите е секако тужбата што ја покренаа Соросовци и неколку новинари. Повод беше текстот во Вечер, насловен како „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“. Тука, како тужители на Латас можат да се „пофалат“: Никола Гелевски, Бранко Героски, Владимир Милчин, Ивица Антески, Маја Бојаџиевска, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јорданоски, Ема Маркоска Милчин, Ида Протугер, Ерол Ризаов, Билјана Секуловска, Сашо Ордановски… Но, пред судот, како автор на спорниот текст, тужениот го посочи директорот на весникот, зетот на Бојо Андрески!!!

Првиот човек на Сорос Фондацијата, Владе Милчин, го тужи Латас за клевета за наводите дека потрошил милиони евра без контрола, а Латас, пак, го тужи Милчин заради неговиот негативен коментар што Полио Плус доделил награда на Вечер. Е, овој спор го загубил пред првостепениот суд, ама сега ќе следува жалба пред Апелација. Тука, пак, според некои наводи, Латас си поминува најсупер. На пример, ЗНМ го тужело за наводите дека членовите на Здружението добиваа бесплатна виза, а за возврат треба да лобираат за промена на името. Процесот бил добиен, но, Апелација го вратила повторно назад. И повторно е осуден, ама нема да изненади ако повисокиот суд пресече поинаку!

И бизнисменот Зоран Азманов ја посочува Апелација, како силна страна на Латас. Тој реагира затоа што го претставувал како најголем криминалец. Поднел дури 15 тужби против, како што вели – „Овој квази-новинар и неговите соработници“. Дури, во еден допис до јавното обвинителство, Азманов наведува дека „Латас постојано избегнува да дојде на закажаното рочиште, а кога дојде еднаш пред судот, изјави дека тој не го има пишувано текстот во кој е изнесена клевета против мене, односно, друг новинар пишувал и дека тој не бил должен да го провери текстот!“

„Комплиментите“ на Азманов, од типот – „Најголем камелеон и улизувач на секоја власт“ не знаеме дали ја покренале Латасовата фабрика за тужби против „криминалецот“ Азманов. Но, тој се пожали дека некои негови тужби на чуден начин остануваат долго време во фиока, без воопшто да бидат насрочени!?

ЕМ УВЕРЕНИЕ ОД МВР, ЕМ УВЕРЕНИЕ ОД СУД!

Кога сме кај „еден човек-неколку тужби“, да споменеме дека Љубе Бошкоски има барем 4 кривични за клевета и навреда против Латас. Станува збор главно за оние фамозни снимки на Јутјуб, од распитот на Љубе пред хашките истражители во Пула, каде што чита запис Одбрана. Квалификациите, залепени за Љубе, од типот Кодош и уште повеќе Предавник, допрва ќе ги разглабаат низ судниците!

Не е завршен ниту процесот што Борјан Јовановски го води против Латас, затоа што бил „насликан“ како платеник од албанското лоби. Безмалку две години трае и истерувањето правдина на лидерот на СОНК, Дојчин Цветановски, за кого Вечер срочи дека штрајкот на просветарите бил диктиран од СДСМ, или, поточно, дека тогашниот ве-де шеф на СДСМ, Заев, телефонски му сугерирал на Дојчин да не го прекинува штрајкот без оглед на понудата од Владата. Текстот не е потпишан, а Цветановски сега ни изјави дека Латас се вадел дека е уредник со договор на дело. Процесот, пак, веројатно е при крај, затоа што било завршено и психијатриското вештачење на тужителот!

За двојните аршини на нашиот главен лик, доволно говори тужбата на Бранко Героски, покрената затоа што во еден ТВ настап, Латас го вметнал и неговиот татко. Истовремено, самиот Латас во изјавата за „Фокус“ вели дека тужи кога некој ќе наклевети и некого од неговото семејство. На мојата забелешка, зошто тогаш во полемиката со Героски го инволвира татко му, најде разлика во тоа што споменувањето на таткото на Геро било од „Црна хроника“ демек, бил вмешан наводно во некоја корупциска афера!? Сепак, дури и да е се така, дали децата треба да плаќаат за гревовите на своите родители, или, обратното, да ги имаат сите привилегии само затоа што едикојси им е татко?!

Но, да минеме на тужителската мисија на уредникот на два медиуми. Латас влезе во тужителски филм кон медиумите и новинарите на Велија Рамковски, откако Време објави документ дека тој соработувал со странски тајни служби. Откако експресно доби пусулче од ресорот на Јанкуловска, или, како што тоа се третира во весникот – Уверение дека не бил соработник, никогаш и никаде, следуваше нова канонада. Демек, тешка клевета и голем грев било да се изговори или коментира, дека целата процесија со уверението е упад на МВР во лустрацијата!? Заради таквиот светоглед на претседателот на Комисијата за лустрација, Јанакие Витановски, се деси општонародна побуна од членовите што станаа лустратори по заслуга на други опции. Јанакие е од СДСМ, инаку. Ама, ете, Вечер деновиве најави тужба, не само против Јанакие, туку дури и против Шпиц, уредникот и авторот на извештајот ( фали уште печатарот и лекторот да добијат тужба), затоа што ги пренеле зборовите на Јанакие!? Бадијала се менуваше законот, за пренесени јавно искажани зборови да не се сноси одговорност за клевета и навреда. И, да пукнам, ама не можам да издржам да не кажам и да не напишам, дека сепак мојот став е идентичен со оној на Јанакие. Замолувам само во случајов да не се тужи „цело село“ и сите вработени во „Фокус“, туку само авторката на грешнава мисла!

Заради истата болка, меѓу „клеветниците“ на Латас се пласираше и Макрадули. Во расправата за интерпелација на министерката Гордана Јанкуловска, и тој се чудеше како две години Мендух Тачи не може да добие одговор од МВР за неговото досие, наспроти Латас, кој во ист ден побара и доби Уверение, нели. Вториот дел, наводите на Макрадули дека Латас е сопственик на фирма Лијеа Медија Плус, која наводно била на некој начин поврзана со Линк Медија Плус, каде претходно  работела Јанкуловска, не можам да ги коментирам. Тужителот тврди дека двете трговски друштва никогаш немале ама апсолутно никаква деловна соработка. Но, ни двата медиуми, на чие чело стои, изгледа не му се доволни на Латас да демантира и да полемизира, туку тоа треба да биде сега преку Уверение од судот!?

СУДИЈКАТА КОМУЊАРКА, А ЅИНГО И БОЈО ДИСИДЕНТИ!?

Меѓу оние што веќе „попија“ осудителна пресуда е Никола Гелевски, заради колумната „Мегафоните од фиреровиот сокак“ инспирирана од тепањето на студентите кои протестираа против изградбата на верски објекти на плоштадот Македонија. Според Гелевски, на пример, Јанко Јадибурек мора да се отстрани од јавната сцена, како страшна медиумска фигура која шири омраза преку етерот. Дури и Латас е згрозен од неговиот вокабулар: фашисти, квазивесници, тоталитарна касаба на Црни Грујо и неговите гуланфери, гилиптери и автобуски башибозлук. Патем, Гелевски ќе најави и дека следниот пат кога ќе дојдат автобуските тепачи на ВМРО, скопјани ќе се организираат малку подобро, барем за да ги заштитат своите деца, а најавува и дека мечката на насилство ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски, Јадибурек. Ова, пак, многу ме потсети на еден текст токму во Вечер, за протсетите на стечајците од Куманово. Беа дефинирани како „обична силеџиска банда“ која тепа луѓе по улици, па, весникот – пријател на Владата побара МВР да ги легитимира и да ги приведе, затоа што, во спротивно – „Скопјани ќе се организираат сами“!

Сакам да кажам, зошто оние кои милуваат да делат остри коментари, жестоки вредносни судови, да користат секакви епитети и етикети, да најавуваат насилство, не се еднакво толерантни кон истиот стил и речник на инакумислечките?! Или, зошто на пример, ВМРО-ДПМНЕ се далдиса демек од „уличарската дебата“ во Собранието, па изразите: Фашисти, диктатори, лажговци, имбецил, марионета, паљачо или зевзек, изговорени наводно од СДСМовски усти го оценија како „говор на омраза, навреди, закани, клетви и пцости“ ама, затоа, кога весникот-пријател на Владата, ќе им порача на уставните судии – Метузалеми, одете си дома – тогаш тоа благопријатно им делува за ВМРОвските уши?! Ете, и во телефонскиот разговор со Латас за овој текст, на коментарот на Најчевска што го парафразирав на почетокот, возврати: „Таа е обична политичка фукара во брак со невладиниот сектор и во вонбрачна љубовна врска со политиката“. Баш ме интересира, дали Латас ќе стегне тужба за навреда ако биде означен, на пример, во овој текст, како необична фукара во новинарството?

Инаку, интересно е дека за време на судскиот процес Латас против Гелевски, по се изгледа незадоволни од судијката, Вечер излезе со коментар дека судијката потекнувала од комунистичко судиско семејство, дека е судија од комунизмот, а судовите се под контрола на СДСМ и нивните олигарси. За разлика, бре, од Ѕинго и Бојо Андрески, газдите на медиумите каде Латас е главен уредник, кои беа познати дисиденти на претходниот систем!!! И, за разлика од олигарсите, тие без помош на политиката и власта, успеаја да ги создадат своите бизнис царства. Нејсе, во текстот се констатира дури и дека „таквото деградирано партиско, идеолошко судство, цели дваесет години е најлошо оценета институција, и од Европската унија и од домашната јавност“. Потоа, на судијката која ги одбивала доказите што Латас ги предлагал, и беше предочено да прими „к знању“ дека „за ваков превид, тројца судии последниве пет години се сменети од функцијата и завршиле на улица“. Брррррр!

Туку, таа изгледа сепак ќе ја избегне улицата како судбина, бидејќи Латас го доби спорот. Ма, не само тоа, туку, ете, во таквото деградирано партиско судство, покрај десетиците тужби за клевета и навреда, тој никогаш не бил осуден. Па, после се, морам да се согласам дека судството навистина е деградирано!

Да бидам сосема јасна. Противник сум на тужбите за клевета и навреда по кои посегнуваат јавните личности. Ниту една судска пресуда од тој калибар не ми го променила мислењето, ниту за тужителот, ниту за тужениот. Но, морам на признам дека два пати бев во искушение да си го прекршам принципот. Само што наместо парична казна за ваквите матни ликови, сметав дека е поадекватна мерката – задолжително психијатриско лекување!

Драган ПАВЛОВИЌ ЛАТАС
НИКОГАШ НЕ СУМ БИЛ ОСУДЕН ЗА КЛЕВЕТА

Јас тужам институции како Советот за радиодифузија и негови функционери, новинари како Геровски, Гелевски, синот на Чашуле, медиум како Време, Шпиц, ТВ А1, нивни новинари, водители… Во принцип, тужам онаму каде што се работи за клевета, втемелена на монтажи и измислени факти, но, и кога клеветата директно или индиректно го допира моето семејство, моите роднини и пријатели. Не тужам за изнесен вредносен суд за мене и мојата работа.

До сега, во моите 27 години работа никогаш не сум бил осуден за клевета, што е признание дека мојата работа била во рамките на законот. Но, и јас кога сум тужел за клевета, сум губел спорови.

Само еднаш претерав, стануваше збор за член на семејството на Јовица Угриновски за време на локалните избори 1996 година, но, потоа, и без тој да го побара тоа, јавно му се извинив!

Мирјана НАЈЧЕВСКА
СУДСТВОТО Е ЗАШТИТНИК НА РЕЖИМСКИТЕ НОВИНАРИ

Злоупотребата на слобода на говорот својата кулминација во Македонија ја доби со поделбата на новинарите на режимски и нережимски, односно, во настапите на Драган Павловиќ Латас, Јанко Илковски – Јади бурек, Миленко Неделковски и Слободан Томиќ – Гласот на народот. Заштитени од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ставени во функција на политиката на оваа партија, со единствена цел – дезавуирање на секој политички неистомисленик или било кој, што може да ја загрози севласта на спомнатата партија и потполно недопирливи за правдата, тие стануваат оружје употребено против демократијата.

Незатскриената поврзаност со владејачките структури и севкупната деградираност на судскиот систем, овозможуваат овие луѓе да сеат говор на омраза, да понижуваат и омаловажуваат, и за тоа да не трпат никакви последици. Наспроти тоа, извитопереноста на системот им овозможува дури и во судски постапки да го санкционираат секој, кој ќе се осмели да им се спротистави или да ги повика на одговорност. Судството се појавува како заштитник на режимските новинари (им нуди имунитет и неказнивост), а во исто време е џелатска секира за нережимските новинари и публицисти и за слободните умови!

Љубе БОШКОСКИ, претседател на Обединети за Македонија
ЧОВЕКОТ Е НАВРЕДА ЗА НОВИНАРСКАТА ПРОФЕСИЈА

Ние сме свесни дека се работи за човек кој е навреда за новинарската професија, кој ни оддалеку не се однесува како новинар туку ја продолжува својата „дејност“. Сакам да ѝ порачам на јавноста дека овој камелеон од таканаречен новинар успева во сите системи. Жал ми е што кога и ние бевме на власт, што повторно успеа да се етаблира со власта. Но, како што ова му е последна година на Груевски на власт и во политиката воопшто, така и на Латас ова му е последна година во она што тој го нарекува новинарство. Едноставно, таа хиперпродукција од кривична пријави покажува дека веќе е истрошена фигура!

Бранко ГЕРОСКИ, главен и одговорен уредник на Шпиц
СУДОВИТЕ ИМ СТАНАА ПРИВАТНИ ПРЧИИ

Во принцип, мислам дека не е добро новинарите да бидат тужибаби и да се гледаат меѓу себе во судница. Уште полошо е што праксата да ги тужат своите колеги ја промовираа луѓе кои со години сеат омраза и отворено повикуваат на насилство врз новинарите кои не прифаќаат да бидат маши на власта. Тие се слабаци и не се способни на книга да одговорат со книга, па посегнуваат по судовите како по свои приватни прчии.

За жал, во еден случај јас бев принуден да го тужам Латас, бидејќи тој во својот настап во шоуто на Миленко Неделковски, освен тоа што грубо ме навредуваше мене, на што сум веќе навикнат, се осмели да ги наклевети и мојот татко и моето семејство. Учествувам и во групната тужба на неколку новинари и интелектуалци против уредникот на Вечер, бидејќи сум директно и недвосмислено наклеветен дека сум земал грчки или не знам веќе чии пари за наводно лобирање за грчки интереси. Со тоа Латас ги помина сите граници на пристојноста, поттикнувајќи директни закани и напади врз мојата личност, што навистина може да биде опасно. Затоа решив да го принудам своите наводи за мене да ги докаже на суд, освен ако не се обиде да се спаси на друг начин. Во вториот случај, на пример, тој веќе го пријави својот директор Андревски за автор на текстот, за самиот да се извлече од тужбата!

Јани МАКРАДУЛИ
ЛАТАС Е ГЛАСНА ЖИЦА ЗА ОНА ШТО НИКОЛА ГРУЕВСКИ ГО МИСЛИ, А НЕ СМЕЕ ДА ГО КАЖЕ!

После 4 години владеење на Груевски, на секој му е јасно дека Латас е дел од едно исто сценарио за замолчување на дебатата и критичката мисла во Македонија, без да се поштеди никој кој мисли со своја глава, од опозиција преку универзитетски професори до новинари. Сценарио напишано, поточно препишано, со Протуѓерово мастило за дпмнеовското имплементирање на Гебелсовата ПР стратегијата.

Тужбата за клевета има 2 цели. Првата има за задача да го зададе последниот удар на парламентарната демократија во земјава. Латас неколку пати, додуша многу „храбро“ потпишан со Р.В. (веројатно Резил Вртикапа), пишувал дека нема потреба од парламент, затоа што за сѐ во државава си го имаме Груевски. Затоа, тужбата за изречен збор на говорница, доколку биде прифатена макар и од „маневскиот“ дел во Основен суд 1, ќе биде дефинитивен погреб на парламентарната демократија и остварување на желбата на Груевски да го понижи и избрише парламентот од демократската мапа на Македонија!

Втората цел е, од една страна да се направи обид да се замолчи дебатата за лагите и корупцијата на оваа влада, а, од друга страна, да се дискредитира и омаловажи одредена личност или медиум кој се „дрзнал“ да зборува против оваа Влада. Латас 4 години е само гласна жица за она што го мисли Груевски, а не смее да го каже. Што мисли Груевски за преговорите, законот за антидискриминација, „одметниците“ од политиката на ВМРО-ДПМНЕ, или, пак, за СДСМ и Бранко Црвенковски, тоа го пишува и зборува Латас!

Сценариото со тужбите за клевета е разработено и веќе видено. Најпрвин, тужбата се најавува во пријателскиот весник на владата ВЕЧЕР, потоа има неколкукратно испраќање полиција (обично недела попладне или навечер, на празници и слави) со судски покани (иако судијата не знае за тоа), потоа, уште пред првото рочиште, пресудата се чита или на СИТЕЛ или се објавува во ВЕЧЕР. Потоа судијата чека погоден момент и суди во отсуство на обвинетиот. Во случај на жалба до апелација, ситуацијата се повторува, само што ждрепката за судијата секогаш паѓа, претпоставувате, на иста страна. Нема расправа, нема повик да се сослуша обвинетиот, само се оверува она што пријателскиот весник на владата го напишал уште пред неколку месеци!

Очигледно, Латас е преосетлив на темата кодош. Можеби има и зошто? Мириса нешто..!

Луѓето на Сашо Мијалков, незаконски го прислушувале и неговиот баџанак!

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 16-ти април 2010-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 772

Македонија е вовлечена во нов скандал – Големо уво 2, кој датира од самиот почеток на власта на ВМРО-ДПМНЕ, уште од ноември 2006-та. Полицијата незаконски ги прислушувала телефоните на обвинителите што работеле на откривање на шверц на цигари, кој, преку Македонија, наводно требало да заврши на Косово. Покрај гевгелиската обвинителка Кети Камчева, полицијата го уловила и јавниот обвинител за организиран криминал – Јован Илиевски лично!

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

ГОЛЕМО УВО 2 или операција КИНЕСКО МАРЛБОРО, се заканува со сериозно поткопување на правниот систем во Македонија и почитувањето на човековите слободи и права низ судските постапки во кои ќе владее системот на меѓусебна контрола и независност во одлучувањето, а не диктирање на одлуки по желба на полицијата. Фокус дојде до полициски службени белешки кои откриваат дека полицијата не само што прислушувала, туку на линија ги имала токму обвинителите што гонеле организиран криминал, од кои подоцна барала да определат притвор во конкретен предмет, под изговор дека тоа се инструкции на „тајната полиција од Скопје“!

Конкретен пример за незаконско прислушување обвинители кои гонеле организиран криминал, претставува случајот од ноември 2006 година, неколку месеци по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт (кон крајот на август се поставуваат новите директори на тајната и јавната полиција). Имено, на граничниот премин Богородица кај Гевгелија, откриен е шверц на цигари, кои биле декларирани како кинеска стока – разни играчки, покривки за бањи и вештачко цвеќе. Во специјално направен контејнер, бродски пломбиран, откриени се 35 илјади штеки цигари од марката Марлборо. Возилото го управувал жител на Арачиново. Тој тврдел дека е само возач, кој за 70 евра требало само да ја превезе „кинеската стока“ од Солун за фирма во Урошевац!

Сепак, возачот знаел дека „кинеската стока“ не можел да ја пренесе директно од Солун за Косово, па кај себе имал двојни декларации. На грчките царински органи им дал налог дека стоката е за фирма „Алпина“ од Скопје, која не постои, а на македонскиот граничен премин, на цариниците им покажал дека стоката е за Косово, за фирмата „Алпина Феризаи“ – Урошевац. Откривањето на контејнерот со цигарите, и тоа од мобилната царинска екипа, не од редовните царински и полициски служби, и однесувањето на тогаш јавната обвинителка од Гевгелија, Кети Камчева, при определувањето на притворот, биле сигнал за тајните служби да го активираат системот Големо уво. Така почнало следењето и снимањето на телефонските разговори, и тоа на речиси сите службени мобилни телефони што ги користеле обвинителите, цариниците, па дури и началниците во самата УБК!

Полицијата постапила незаконски во случајов, бидејќи не смеела да прислушува, ама видно од белешкиве, повторно го правеле она што беше направено и во 2000 година со „Големото уво”. Не делувало воспитно ниту тоа што државата подоцна со судски одлуки им плаќаше штети на прислушуваните! Законот кој е донесен подоцна и кој ѝ дава право на полицијата да ги следи комуникациите во строго утврдена процедура и само по налог на судија и обвинител, не може да биде покритие за оваа постапка на полицијата. Не држи ни оправдувањето, дека тогаш се уште немало закон па полицијата правела што сакала!

КАМЧЕВА Е МЕТА, АМА ВО МРЕЖАТА СЕ СИТЕ!

Од транскриптите во полициските белешки дознаваме што разговарала обвинителка Кети Камчева со царината во 1 часот по полноќ, неколку часа по откривањето на камионот, до интервенциите од царинските служби – дали да се определи притвор, како и сугестиите на таа тема од главниот обвинител за организиран криминал, Јован Илиевски, заклучно со налогот од УБК Гевгелија, дека „колегите од Скопје наложиле да се определи притвор за возачот на камионот Алириза Шаќири“!

Очигледно, овој шверц на 35 илјади штеки цигари, мора сериозно да го покрене и прашањето: Кој кого контролира во земјава, т.е. дали прислушувањето на обвинителите било во насока на откривање на нивно евентуално незаконско, криминално однесување, па затоа биле интересни за службите? Или, пак, некој ги слушал сосема незаконски, без процедура во свое име или во име на службата, со што можел да ги (зло)употребува информациите што обвинителите ги кажувале по телефон!

Извори за „Фокус“ тврдат дека обвинителката Кети Камчева била под опсервација на тајната полиција уште од времето кога се отвори случајот со едно од казината, каде што УБК влезе и ги заплени документите, но, поради повреди во постапката и наводно немање на одредени документи, не се докажа ниту даночно затајување, ниту тоа што беа фатени поголеми суми на пари, кои од казиното требало да се изнесат во Грција, па, на крај, падна ослободителна пресуда!

Вината за киксот паднала врз обвинителството во Гевгелија. Полицијата имала сознанија дека Камчева сакала да поднесе изјава за откажување од гонење уште во текот на судењето пред велешкиот суд, затоа што се насетувала ослободителната пресуда. И, така, од тој случај, Камчева станала интересна за полицајците, кои ги „начулиле“ ушите штом добиле информација дека се шверцуваат цигари преку Богородица, за, наместо на Косово, да завршат во Арачиново, па, од таму да тргнат кон пазарите низ Македонија. Следејќи ја нејзината комуникација, биле уловени и сите други што се интересирале за предметот!

ДВОЈНИ ФАКТУРИ НА ГРАНИЦАТА

Откако царината го открива и процесуира случајот, возачот решава да даде изјава во судот, пред бранителот кој му е определен по службена должност. Тој ќе им каже на истражителите дека е вработен во фирмата „Четири браќа“, сопственост на неговиот брат Мемедали Шаќири, каде што работел како возач. Но, последните три месеци тој вршел превоз за фирмата „Интерком Плеј“ – Скопје, во сопственост на Даут Ибраимовски од Арачиново.

„Даут Ибраимовски ме ангажираше да му извршам превоз. Ми го даде неговиот камион и отидов во Солун. Ми рече дека ќе се носи разна кинеска стока. Во солунското пристаниште го закачија бродски пломбираниот контејнер и тргнав назад. Не разбирам доволно англиски, но, видов дека носам прекривки за бањи, цвеќиња и играчки. На документацијата имаше две фирми. На грчката граница го дадов документот, дека стоката оди за фирмата „Алпина“ во Скопје. Тие ништо не ме прашаа, а на македонска страна дека стоката оди за Косово. И тука поминав, по што ме запре мобилната царинска контрола и ги откри цигарите за кои не знаев дека се внатре, кажал Алириза пред истражната судијка. Додал дека возел за само 70 евра и оти ништо друго не знае. После распитот, одредени му се 30 дена притвор.

Предлогот за притвор го дава заменичката Мирјана Делева. Од комуникацијата, пак, се гледа дека Камчева од почетокот смета оти нема потреба од притвор, затоа што доказите се веќе обезбедени. Токму тој муабет бил сигнал за службите да притиснат – да ја смени одлуката. Останува нејасно, дали службите, кои имале информација уште од местото каде што бил натоварен бродот со цигарите, сакале да го откријат или сокријат криминалниот ланец со апсењето и (не) притворањето само на возачот? Во постапката, возачот не посочува други имиња, ниту истрагата открива нешто повеќе, а неспорно е дека возачот не можел да биде толку моќен, за сам, без проблем да мине со полн камион со цигари преку граници и никој да не се посомнева во документацијата!?

Дотолку повеќе што подоцна ќе се утврди, дека камионите на две фирми од Арачиново секојдневно ја поминувале границата, а истите се јавуваат и во ланец на шверц на цигарите од Тутунскиот комбинат во Прилеп, кои завршиле на непознато место!

Навидум обичниот шверц на овие цигари зад себе отвора многу прашања за шверц на цигари и тутун од и преку Македонија, кои секако заслужуваат посебна елаборација. Она што загрижува во целата ситуација е однесувањето на засегнатите и прислушувани учесници. Премногу „вообичаено“ им било да комуницираат со УБК или со другите служби, па не реагираа многу изненадено на нашиот повик да го коментираат овој скандал!

Прислушуваната обвинителка Кети Камчева, која од ланското лето е разрешена поради нестручност и несовесност, прво се согласи да разговара, но подоцна се премисли и рече дека ќе биде „претпазлива со нас“. Праша од каде ни се документите, меѓутоа, воопшто не беше изненадена од содржината на разговорите што ѝ ги прочитавме. Одби да даде изјава и да коментира, затоа што сега била надвор од обвинителството!?

Редакцијата го почитува ставот на Камчева, но, самиот факт што била прислушувана како обвинител, не може да биде оправдување дека не коментира, оти сега не е во тој орган или затоа што можеби нема веќе ни да се занимава со право, како што самата ни рече.

ЕФЕКТИТЕ ОД ОПРЕМУВАЊЕТО НА УБК!

Сега, според законот за следење на комуникациите, обвинителот и истражниот судија се тие што даваат налози за следење на комуникациите. Што би се рекло, сега имаме контролирано следење на комуникациите. Но, дали некој ќе го санкционира ваквото однесување на службите или ќе го заборавиме како „Големото уво“ од 2001 година? Дали милионите евра што се потрошија во 2008 година за набавка на опрема во УБК и натаму ќе служат за играње држава или купеното ќе се употребува строго наменски? Дали нешто ќе смени фактот, дека е прислушуван првиот човек на обвинителството за организиран криминал, кој случајно е и баџанак на Сашо Мијалков, директорот на УБК? Како и да е, оваа афера не смее да остане без епилог, независно дали тогаш имало или немало закон!

По закон, Јавниот обвинител во вакви случаи на незаконско прислушување треба да побара спроведување на истрага, а државата, односно Министерството за внатрешни работи може да биде тужено од сите чии имиња се наоѓаат на листата што комуницирале со Камчева. Секако треба да се лоцира и кој дал налог за следење и за што се користеле податоците од разговорите!

Не случајно, впрочем, експертите предупредуваа дека македонските полициски служби стануваат сива зона, која никој не ја контролира. Или, поточно, ја контролира од време на време, кога во земјава се подготвуваат крупни работи: Во 2001 година конфликт, а сега избори, или нешто трето… Можеби промена на името?

Јован ИЛИЕВСКИ го потврди прислушуваниот разговор
ДА, РАЗГОВАРАВ СО КАМЧЕВА ЗА КОНКРЕТНИОТ ПРЕДМЕТ!

Пред објавување на материјалов, Фокус побара одговор од Јавниот обвинител за гонење на сторители на организиран криминал, Јован Илиевски, дали е точно дека на 8 ноември 2006 година и се јавил на обвинителката во Гевгелија и и сугерирал да определи притвор за возачот кој бил фатен како шверцува 700 пакети, или 35.000 штеки цигари, марка Марлборо?

- Да, точно е, разговарав со обвинителката Камчева за тој случај, како што велите дека стои во службените белешки што ги имате, и во тој телефонски разговор и предочив дека треба да предложи притвор за возачот, бидејќи одделението за гонење на сторители на организиран криминал има оперативни сознанија оти станува збор за организиран канал за шверц на цигари, изјави Илиевски за Фокус.

- Точно е дека јас не можам да и наредам на обвинителката како да постапи, но, бидејќи имаше размислувања дека нема потреба да се предлага притвор за возачот, затоа што се обезбедени другите докази, и реков на Камчева дека за конечната одлука треба да се консултира со Републичката обвинителка Роксанда Крстевска. Во тоа време немавме јавен обвинител, а Крстевска го водеше кривичното одделение во Јавното обвинителство, појаснува Илиевски.

Обвинителот Илиевски, колку што се сеќава, со Камчева разговарал од Скопје, непосредно пред неговото полетување за Букурешт, а во разговорот можно е да спомнал дека патува, па затоа во полициската белешка во која е забележан разговорот стои дека се јавил од Букурешт. Инаку, Илиевски вели дека сметал оти не е интересен за полициските служби, но, овие информации покажуваат дека посредно или не, бил слушан и тој.

Се согласува дека ова е преседан, затоа што е можно да се злоупотребат доверливи информации, кои можеле да ги употребат или злоупотребат полициските служби за нивни цели. Дотолку повеќе што ова следење на телефонските комуникации е направено пред да се донесе Законот за следење на комуникации, според кој полициските служби можат да ги следат комуникациите, меѓутоа – во строго утврдена процедура, со налог од јавен обвинител, односно истражен судија!

За сега не се знае, дали ќе се покрене истрага за да се утврди кој ги прислушувал обвинителите, но, факт е дека подготвувањето на материјалов не ги остави рамнодушни ниту слушаните, ниту оние што сосем случајно биле уловени во пајаковата мрежа, која полицијата ја плетела околу обвинителите!

Што откриваат прислушуваните разговори
КОЈ СЕ БАРАЛ КАМЧЕВА ДА ПРЕДЛОЖИ ПРИТВОР ЗА ВОЗАЧОТ?

Службена белешка:

На 8.11.2006 година, ДЕЈАН од Царина ѝ се јавува на Кети Камчева, јавен обвинител на Гевгелија во 01 часот од телефонски број 070 22…. и ја известува дека на граничниот премин Богородица е реализирана акција за фаќање на ексклузивна количина на цигари од марката Марлборо. Обвинителката Кети Камчева на Дејан му дава соодветни инструкции…

Истиот ден, на 8.11.2006 во 15 часот доаѓа Дејан А. од Царина, по потекло од Охрид, употребува мобилен телефон 075 43….. и го носи предметот со кривичната пријава.

Во меѓувреме, на обвинителката Кети Камчева и се јавува ВЕСНА од Одделението за Контрола и истраги во Царината и се интересира дали ќе се определи мерка ПРИТВОР, без притоа да пројави интерес за целината на предметот! Кети Камчева во разговорот со Весна констатира дека: „Во оваа фаза, неопходните законски докази се обезбедени и не постојат основи за изрекување на мерка притвор“!

Ова од таму што цигарите, возилото, патната исправа и од самата изјава на возачот нема елементи за одредување на мерката притвор!!!!

Јован Илиевски, раководител на одделението за борба против организиран криминал и корупција во јавното обвинителство, сега Основно обвинителство, и се јавува на Кети Камчева во 14 часот и 6 минути од телефонски број 070 …… (истиот број го користи и сега, на кој го контактиравме при подготовката на сторијата) и ѝ сугерира да предложи да се определи притвор против возачот Алириза Шаќири, поради висината на вредноста на запленетите цигари и поради можноста од поврзување на овој со сличен настан во иднина, дека е можно да се работи за организиран криминал.

Јован Илиевски се јавува од Букурешт (според белешките) и во продолжение на разговорот и вели на гевгелиската обвинителката Камчева, ако е потребно пред да донесе одлука дали ќе предлагаат да му се определи мерка притвор на возачот Шаќири, да се консултира со заменик републичкиот обвинител Роксанда О.Крстевска.

(разговорот се води во период кога е разрешен Александар Прчевски, а сѐ уште не е избран Љупчо Шврговски, па обвинителството го води в.д. обвинителот Славчо Станков. Тој бил „цивилист“ а Крстевска е раководител во тоа време на Кривичниот оддел во Јавното обвинителство)

Следен, кој и се јавува на обвинителката Камчева и кој се интересира дали ќе се определи мерка притвор, е началникот на УБК Гевгелија, Аце Петров.

Ѝ ѕвони на Кети Камчева во 14.30 часот од телефонски број 070 35….и ѝ сугерира да постапи според соодветни инструкции кои ги добил тој од колегите од Скопје, а тоа е да му се определи притвор на возачот!

Службите ја кодошеле обвинителката низ медиумите
КАМЧЕВА НЕКОЛКУ ЧАСА СЕ НАТЕГАЛА ОКОЛУ ПРИТВОРОТ

Службите, кои ги следеле комуникациите на обвинителката Камчева, два дена по настанот, во весник чиј уредник е„,семеен пријател со премиерот“ лиферуваат информација дека: „Кети Камчева, истражен судија во Гевгелискиот суд која го водела предметот не сакала да му определи притвор на уапсениот возач, иако од него не добиле информации за тоа – кој и каде ги натоварил цигарите. Сепак, по неколку часови натегање, судијката одлучила да го притвори скопјанецот“ дознал весникот во издание од 10 ноември. Но, утката во текстот е што Камчева е посочена како истражен судија, а не обвинител. Токму овој лапсус на службите или на медиумот, е повод за демант, кој Камчева го пишува и го праќа по факс во весникот, истиот ден во 11.59 часот. Демантот е заведен под број А.бр.93/06, а во него Камчева, покрај тоа што демантира дека е истражен судија, кажува дека Царината ја известила во 01.30 часот дека е фатен камионот, таа дава инструкции, пријавата ја добила во 14.40 часот од страна на лицето Дејан Атанасовски од Царина, а заменик-обвинителката Мирјана Делева, која го работела предметот, откако го напишала барањето за притвор, предметот го доставила до Истражниот судија во судот во Гевгелија, Тодорка Цилковска Димова во 15.40 часот. Распитот завршил во 17 часот, кога му е одреден и притвор. Судот на возачот Алириза му определил и адвокат по службена должност, Атанас Чочков од Гевгелија.

„Објавената информација е шпекулација и претставува атак на мојата личност, и пред се на органот што го застапувам, а преку тоа и на државата, со што се фрла лоша слика и се минимизира успехот кој што го остварија полицијата и царината во откривање на овој настан“ пишува во демантот што Камчева го испраќа до дневниот весник, кој прв дознал за натегањето околу притворот!

Но, тука е клучна „саатницата“ што се открива од службените белешки и од демантот на обвинителката. Кај Камчева се јавиле сите, за да прашаат и да сугерираат притвор – до 14 часот и 30 минути, а пријавата стигнува во 14.40 часот во обвинителството. Од овде излегува дека сите знаеле какви докази има и дека случајот држи место за притвор, а никој не ја видел пријавата!? Вклучително и заменичката Делева, која се потпишала под барањето за притвор. Обвинителите, пак, според законот, треба да се брана пред налетот на пријави од МВР или другите органи. Имено, тие самите треба да ценат какви докази имаат… Арно ама, во овој случај цело село се кренало да има притвор, а тоа за обвинителката било „вообичаена комуникација“!

ГОЛЕМО УВО во 2000-та
ДИМОВСКА ГИ ПРИСЛУШУВАЛА ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ!

Во 2003 година беше покренато обвинение против Доста Димовска и Александар Цветков, министер за внатрешни работи и началник на управа во МВР, за аферата со прислушување на политичари, новинари и јавни личности „Големо уво“.

Во периодот од септември до декември 2000 година, Димовска како министер за внатрешни работи и Цветков, како началник на Секторот за оперативни работи и примена на оперативна техника, употребиле посебни уреди, наменска високо-специјализирана техничка опрема при МВР на РМ, и прислушувале и тонски снимале разговори што не им биле наменети и не се однесувале на активности насочени кон вршење на шпионажа, тероризам, загрозување или уривање на демократските институции утврдени со Уставот на РМ.

Откако се договориле на кои личности треба да им се слушаат телефоните, обемот и начинот на прислушувањето, Александар Цветков во Секторот за оперативни техники дал налог за приклучување на уредите со внесување на телефонските броеви на личностите – предмет на прислушувањето, по што во системот кој функционирал автоматски, континуирано, системски, во наведениот сектор било вршено тонско снимање на телефонските разговори и автоматско распоредување на снимените разговори во Секторот за експлоатација при Управата за оперативна техника, каде што биле вршени текстуални записи на снимените разговори, а потоа текстовите биле доставувани на обвинетите Цветков и Димовска. Во наведениот период, обвинетите ги прислушувале телефонските разговори на 55 лица – стои во обвинението против Димовска и Цветков, поднесено пред 7 години, а кое заврши со аболиција (ослободување од кривично гонење) на обвинетите од страна на тогашниот Претседател, Борис Трајковски.

Кога било поднесено обвинението, Димовска е директор на Агенцијата за разузнавање. Дел од опремата за прислушувањето, се утврди во истрагата, била лоцирана во Македонскиот телеком.

На листата на прислушувани се најдоа опозиционери, но, и министри во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Најинтересен од сегашен аспект, можеби е сегашниот премиер Никола Груевски (тогаш министер за трговија), кој бил прислушуван и на виделина излезе негов разговор со сегашниот директор на УБК, и негов братучед, Сашо Мијалков, од 25.10.2000 година. Покрај Груевски, како оштетени од прислушувањето се водеа: Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Борис Стојменов, Васил Тупурковски, Никола Поповски, Љупчо Јордановски, Срѓан Керим, Борис Змејковски… а на нивните беа „налепени“ разговорите на уште стотина политичари, новинари, јавни личности, партиски кадри, па и жени и пријателки на политичарите!

Релации: Обвинителство – Тајна полиција
УБК БАРАЛА НЕЈЗИН ЧОВЕК ДА НЕ СЕ ГОНИ ЗА ДРОГА!

„Соработката“ помеѓу обвинителството во Гевгелија и тајната полиција се гледа и преку друг пример, неколку месеци пред шверцот со цигари и апсењето на возачот. Фокус дојде и до документ, службена белешка што ја составила Кети Камчева, како јавен обвинител во Гевгелија, по средбата со инспектори на УБК Скопје и началникот на службата во Гевгелија. Во неа вели: „Составена во просториите на ОЈО Гевгелија на 18.02.2006 година во 12 часот… По телефон бев контактирана од Аце Петров, началник на РО УБК, кој побара заедно со двајца негови колеги од Скопје да извршат консултации во врска со некои оперативни сознанија. Се договоривме и се сретнавме во просториите на ОЈО Гевгелија и од страна на инспекторите бев известена дека МВР има оперативни сознанија за сторители на кривично дело од член 215 од КЗ, кои сознанија ги имаат добиено од лице-соработник, кој им ги посочил другите учесници во кривично-правниот настан. Сметаа дека во овој кривично-правен настан ќе има инволвирано повеќе лица, чиј идентитет не им е познат, при што од мене побараа, како Јавен обвинител да се заземам за лицето соработник на МВР, без чија помош не ќе можат да се обезбедат докази за другите учесници во овој кривично-правен настан. Нивните оперативни сознанија го лоцираа настанот со надлежност на ОЈО Гевгелија со период на операционализација на фаќање на учесниците во период од 2-3 дена од нашиот разговор. Од моја страна беа известени дека, согласно одредбите од КЗ, поточно член 215 ст. 4, СТОРИТЕЛОТ кој ќе го открие делото или ќе помогне за негово откривање може да се ослободи од казна,.

Вака завршува белешката на Камчева, а, покрај началникот Петров од Гевгелија, на состанокот биле присутни и Р.Ј. – началник на сектор во УБК, Ј.П. – главен инспектор во УБК и С.Т. – началник на оддел во СВР. Два дена по разговорот, на 20.02.2006, Камчева поднесува барање за спроведување на истрага против три лица, кои ден претходно се обиделе во Грција да прошверцуваат 184.360 грама марихуана, спакувана во 181 пакетче. Опфатени се три лица, меѓу кои и човекот за кој УБК бара да се заложи обвинителот. Подоцна се осудени на казни од 4 до 6,6 години затвор.

Во овој случај, спорно е тоа што полицијата не презентира никакви докази за соработка на лицето со полицијата пред обвинителката, па, ако се прифател принципот на носење одлуки на „убав збор“ се отвора прашањето: Дали не се злоупотребуваат полициските овластувања за лични цели и не се штитат определени криминални структури? Интересно е што актуелниот „соработник“ бил и претходно осудуван. Како што се гледа од документите, Камчева не го прифатила барањето на УБК, но, понатаму, како што веќе пишуваме, ги прифатила нивните барања за притвор, можеби свесна дека службите ги следат нејзините комуникации и може да ја компромитираат со некои предмети на кои таа работела!

Нарцис кој е најверниот извршител на Пастирот

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на 28-ми ноември 2014-та во неделникот „Фокус“ во бројот 999

Ја оценија како најпаметна од министрите на Груевски во 2006-та, ама без капацитет да креира крупни политички одлуки. Три години подоцна, веќе беше верификувано дека е само лојален послушник од првиот ешалон на пастирот. За време на нејзиниот мандат како прв човек на полицијата, Македонија за прв пат влезе во листата на земји со политички мотивирирани полициско-судски процеси. Таа е и конкретен пример како меѓу Партијата и Државата не се знае границата. Портретот на Гордана Јанкуловска која, нели, се прави „согласно законот“, сигурно ќе биде дополнет со многу пастелни бои откако ќе стане бивш министер во тазе опозициска партија

Гордана Јанкулоска е лик кој неспорно (ќе) зазема впечатливо место во македонската транзиција. И според она што го говореше и, особено, според делата што остануваат зад неа. Не само како министер, кој убедливо најдолго, повеќе од 8 години, раководи со ресорот полиција, туку по неколкуте специфики, кои, благодарение на нејзиниот стил, ѝ дадоа белег на преродбата.

Прво, ниту еден министер, за време на својот мандат, немал, не една, ами два кривични предмети во обвинителството (финансирање на партијата во 2006 и АФИС), во кои тој би требало барем да биде сослушан како инволвирано лице.

Второ, ниту еден друг министер за внатрешни работи за време на изборна кампања, во која е ем носител на изборна листа, не следел и прислушувал лидери на опозициски партии ( Бошкоски во 2011 и Заев во 2014 година).

Трето, за првпат во нејзиниот мандат, Македонија беше вреднувана како држава со политички мотивирани апсења и процеси.

Четврто, никогаш пред неа, дури ни во стариот режим, не биле насилно исфрлани пратеници и новинари од собранискиот дом со полициска интервенција.

Петто, како ретко кога одредени соопштенија од МВР повеќе изгледаа како партиски прогласи, за што всушност и ОБСЕ/ОДИХР ја стави во својот извештај за изборите 2011, а особено во 2014.

Сите овие „перформанси“, Јанкулоска или ќе ги смести во нејзината омилена фраза „согласно Уставот и законите“ или ќе ги префрли како одговорност на други институции (судот, обвинителството, претседателот на Собранието итн). Во секој случај, се однесува како да нема допирни точки со овие феномени. Игнорирајќи ја така историската закономерност дека нејзиниот портрет ќе биде дополнет со многу живи и пастелни бои, откако ќе стане бивш министер во тазе опозициска партија.

ЖЕНА ОД ДОВЕРБА

Инаку, Јанкуловска е од оние најблиски соработници на Никола Груевски коишто немаат врска со она ВМРО-ДПМНЕ коешто изникна во 1990 година, како што се и Зоран Ставрески, Миле Јанакиевски или Елизабета Канческа Милевска. Но токму овие успеаја да го сменат личниот опис прво на партијата, ретуширајќи ја дури и улогата на првиот претседател Љубчо Георгиевски во основањето на ДПМНЕ, а потоа буквално им успеа и да го реформираат идентитетот на нацијата од словенски во антички, а државата во барокна творба.

Интересно, но во 1998 година, Јанкулоска била член на ДА на Тупурковски, иако без некаква функција. Спојот со Груевски датира од времето кога тој е министер за финансии, откако кон крајот на 1999 година Борис Стојменов беше тргнат од овој ресор. Таа е шеф на кабинетот на Груевски, а потоа, општопознато, еден од најдоверливите луѓе на наследникот на Георгиевски на партискиот трон.

Според нејзиното CV, дипломирала на Правниот факултет во Скопје, а магистрирала на University of Kent, Canterbury, Велика Британија. Сепак, според нејзиното дејствување од позиција на власт, ќе најдете малку допирни точки со британската демократија.

Според она што официјално ќе го наведе како своја работна заднина, таа само била шеф на кабинет на министерот за финансии Груевски, а од септември 2004 година и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ до нејзиното назначување за министер.

Не е јасно зошто ќе изостави да објави дека била и претседател на УО на Нова платежна картичка (НПК), ама и во АНАЛИТИКО АИ, каде што, пак, еден од сопствениците бил Ален Зекиров, сега веќе поранешен телохранител на шефот на УБК, Сашо Мијалков. Зар се срами од овие свои ангажмани!?

Назначувањето на Гордана за министер за внатрешни, по победата во 2006 година, беше изненадување. За тоа место на политичката берза најмногу се играше со името на Сашо Мијалков. Како дошло до овој кадровски пресврт, најдобро знае Груевски.

Но, полицијата никогаш немала помлад министер, и уште од понежниот пол. Навистина е активна 24/7. Знае и на терен да дели флаери, во кои се промовираат проектите од нејзиниот ресор, што изгледа и симпатично. Привлекуваше внимание прстенот што го носи на левиот палец. Според некои толкувања, жените носат прстен на палец за да ја означат својата независност и слобода.

Лично, пак, Јанкулоска ја доживувам како зависна од лидерот Груевски. Таа не ми изгледа како креатор, туку како лојален извршител од првиот ешалон на пастирот. Ресорот што го води, по природа на работите, ама и според нашите преродбенички политики, кои се темелат на казни, уште помалку асоцира на слобода.

Нејзиниот стил, барем во јавните настапи, наликува на бирократски, сувопарен „трактат“ на кој – „согласно законот“ му е основната супстанција. Со текот на времето, како што, нели, победите им се редеа во низа, како квасец растеше и нејзината ароганција. Што било да биде прашана за нејзиниот ресор, особено на пратеничките прашања (на интервју оди кај подобни новинари и медиуми, па некакви динамични разговори немала), одговорите се превртуваа во „деновиве пред години“ за лошите оставштини од СДСМ.

ФИНАНСИСКИ ДУБИОЗИ

Особено занимлив е периодот кога ДПМНЕ е опозициска партија, а Јанкулоска е партиски ген-сек. Таа е и шеф на изборниот штаб на изборите во 2006 година, кога како своевидно чудо – за првпат една опозициска структура собра многу повеќе пари од партијата на власт. И така, доаѓаме до првата специфика за нејзиното министерување, за двата предмета во обвинителството, во кое нејзиниот придонес е неспорен. Во кој правец, останува енигма, благодарение на сервилните институции.

Имено, за овие 8 години во јавноста излегоа многу дубиози, токму за парите од изборната кампања во 2006 година. Верувам дека „свети спас“ за Јанкулоска е фактот дека потоа, партијата ѝ беше победник, без оглед што таа стана прв човек на ресорот полиција. И да не беше, расплетот во вакви транзициски недовршени демократии е секогаш таков – врхушката е заштитена согласно законот што таа го толкува.

Имаше неколку истражувачки стории кои јасно го родија сомнежот – како ДПМНЕ собирала пари за изборите во 2006 година. На пример, од списокот на донатори доставен до ДИК, многумина не знаеја колку одвоиле за партијата. Некогашниот студентски лидер, пак, Самоил Малчевски јавно демантираше дека тој, заедно со неговата мајка и сестра, вложиле на партиското конто речиси 10.000 евра.

Да потсетам, годинава и членот на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година, Загорац Тумбовски јавно, преку ТВ Телма тврдеше дека дал околу 80.000 евра на „каса-прими“ за избори. Потоа, во отворено писмо до Груевски, го праша дали заборавил колку средства уплатил на жиро-сметката на АНАЛИТИКО, онаа, де, која Јанкулоска ја изоставува од своето CV. Уште повеќе, Тумбовски ќе наведе дека токму Груевски го „терал да ги носи парите на Јанкулоска“. Ќе повика и на графолошко вештачење, кое би потврдило дека „каса-прими“ е со потпис на актуелната министерка. Саркастично, пак, писмото ќе го заврши со постскриптумот „Осмели се – пријави корупција“!

Следуваше енергичен демант на овие наводи, коишто ги оквалификуваа како тешки клевети. Партијата ќе наведе и дека печатот на „каса-прими“ ливчињата е фалсификат. Патем, ќе ја доведат во прашање и кредибилноста на Тумбовски затоа што е осуден на 6 години затвор. Тоа што полицијата такви, осудени лица главно користи како „загрозени сведоци“ за да осуди некои „неподобни“ лица изгледа е небитно за владејачката партија. Како што немаа етички дилеми кога Љубомир Магаш од балканското подземје го третираа како релевантен извор, ама за можен криминал на Црвенковски и на Фрчкоски.

И тоа не е сѐ на оваа тематика. Во август 2009 година, кога почна судскиот процес за случајот „Изгрев“, колегата Саше Димовски во „Фокус“ објави дека браќата Миладинови биле донатори на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2006 година со околу 70.000 евра. Димовски тогаш поседуваше повеќе копии од „каса-прими“ на кои имаше печат од ВМРО-ДПМНЕ и сумата што била уплатувана. Но, тогаш овие наводи не наидоа на никаква реакција, ниту кај власта, ниту кај опозицијата.

Сепак, од сето ова, обвинителството отвори предмет само за обвинувањата на Малчевски. Тој бил на распит, но не и неговата мајка и сестра… И толку! Минуваат денови, а ќе биде и „минаха години“, период во кој гарант нема да има сериозна разврска. Ама, нели, песната „минаха години“ продолжува со „без да те забравам ас“. Убедена сум дека еден ден ова досие за дпмневските финансиски кампањи, застарено или не, сеедно, ќе добие логични одговори.

ОПОЗИЦИСКИ ЛИДЕРИ ПОД ПИМ МЕРКИ

Второто досие со кое се мачи обвинителството е она за „АФИС“. Кривичната пријава е од Фросина Ременски, професорка на Факултетот за безбедност, инаку сега е и во раководството на СДСМ под водство на Зоран Заев. За оваа афера во изминативе неколку недели пишуваше „Фокус“. Колегата Љубиша Арсиќ продолжува со новинарската истрага.

Да потсетам кусо, поентата беше: Каде исчезнаа два система за отпечатоци и лични карти? Обвинителството ја истражува сомнителната јавна набавка на опрема за отпечатоци АФИС, која иако била наменета за лабораториите на Факултетот за безбедност, на чуден начин завршила во МВР! Иако се платени три система, во МВР има само еден АФИС! Замислете, никој жив во Македонија не разјаснува – каде завршиле другите два. Дали можноста за користење на системот за производство на биометриски документи значи дека со двата АФИС-а што фалат можеле да се штанцаат лични карти заради изборна измама!? – е прашање од јавниот интерес што „Фокус“ се обиде да го анимира.

Но, доаѓаме до вториот украс на портретот на Јанкулоска – во нејзиното владеење со полицијата, кога таа е носител на изборна листа на ВМРО-ДПМНЕ, под посебни истражни мерки (ПИМ) биле двајца лидери на опозициски партии. При такви, погоренаведени сомнежи за финансирање на изборната кампања на ДПМНЕ во 2006 година, кога Јанкулоска е шеф на изборниот штаб, замислете, на полицијата ѝ биле најсомнителни финансиите на Љубе Бошкоски.

Да бидам искрена, ќе паднев во несвест од толкаво лицемерие. Официјално, и Иво Котевски обзнани дека Љубе бил под ПИМ мерки два месеца пред изборите. Финансиската дупка на истите избори од 3,3 милиони евра на ДПМНЕ до ден денес остана енигма. Освен ветувањето на Груевски дека сѐ ќе биде затворено „согласно законот“. Како – којзнае!

Пред неколку недели, и Заев објави дека има докази дека бил следен и прислушуван за време на изборната кампања на годинашниве  парламентарни избори. Фактот дека анестезираната јавност не се возбуди, доволно говори дека ваквите практики, од калибарот на „Вотергејт“, овде се доживуваат веќе како нормални.

Во тој контекст, и третата карактеристика за периодот на министерувањето на Јанкулоска – политички мотивирани апсења и процеси, не покренува желба за менување на ваквиот негативен имиџ за Македонија. Вообичаено, за вакви „клевети“ за политички мотивирани полициски и судски процеси, Гордана како и нејзиниот шеф Никола, гордо се вадат на Уставот, каде што, нели, пишува дека судството е независно. Со оваа гола фраза истовремено потврдуваат дека, согласно нивниот светоглед, и во времето на СДСМ било така. Зашто Уставот беше ист. Или, можеби, се применуваат различни принципи за нив – согласно Уставот, за СДСМ – согласно практиките во живо!

Но, фактичката состојба за македонските соображенија ја обзнани и Викиликс. Прочитавме дека американскиот амбасадор Филип Рикер во 2009 година ја известува централата во Вашингтон дека „Политичкото влијание на Груевски врз судот и полицијата не е тајна“. Тоа, пак, ја става Јанкулоска во улога само на лојален извршител на политиките на лидерот. Впрочем, во првичните дипломатски рапорти, кога новата министерка ги добива сите комплименти од амбасадата на САД, како најпаметна од новиот тим, сепак, е детектирано дека „не се смета дека ќе биде силен играч за клучните политички одлуки“.

ОД „ЦРН СПИСОК“ ДО ЦРНИОТ ПОНЕДЕЛНИК

Конкретно, за првпат, во Извештајот за човекови права на Стејт департментот за 2010 година беше регистрирано, во смисла „постоеле тврдења“, дека властите притвориле три лица од политички причини. Стануваше збор за Душко млекарот, Ѓорѓи Тренковски и доктор од случајот Метастаза“. Така се најдовме во друштво со Белорусија, како единствени европски земји со ваков „украс“. Годините што ќе следат ќе ја потврдат доследноста на Јанкулоска и ресорот што го предводи – да опстоиме на овој „црн список“. Се редеа Бошкоски со Кампања, завршувајќи со колегата Томислав Кежаровски.

Интересни се наводите што ги пренесува Викиликс за апсењето на ексдиректорот на Фондот за здравство, Тренковски. Амбасадата ќе го извести Вашингтон дека настанот бил политички мотивиран и оркестриран од премиерот, за да го казнат Тренковски за тоа што „рекол нешто што не треба, иако тоа го рекол приватно“. Значи, и според овој навод, Гордана е прва виолина во оркестарот на Груевски!?

Според документите на Викиликс, случајот бил толку очигледно политички мотивиран, што американската амбасада во Скопје морала веднаш да реагира кај Мартин Протугер и да побара ослободување на Тренковски од притвор. Според сознанијата на „Фокус“, најголем грев на ексдиректорот на ФЗ бил што не постапил беспоговорно на една од телевизиските куќи со национална концесија да ѝ се префрлат стотина илјади евра на име реклама за успесите на Фондот.

И доаѓаме до четвртиот заштитен знак на министерката – собраниските „одјеци и реаговања“. Млатењето на пратениците, онака крвнички, за црниот понеделник, од страна на полициски лица во цивил со оружје, во нормални држави е СРАМ. Кај нас, е бел понеделник за приврзаниците на Груевски, меѓу кои Гордана е нумеро уно. Верувам дека отстранувањето на новинарите од галеријата на Собранието беше да не ги регистрира сите „бели“ моменти. Тоа што двајца опозициски пратеници, со своите снимки од мобилен телефон ја разголија насилничката драмолетка врз опозиционерите, само малку им ја детронизираше сценаристичката теза дека овие самите си се тепале.

Невидена ароганција засилена од моќта, барем за европски демократски држави, Јанкулоска манифестираше и кога Тито Петковски, како прв човек на собраниската комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите од страна на МВР и од МО, побара разјаснување за случајот „Кампања“.

„Во кој период е следен и прислушуван Љубе Бошкоски? Дали МВР располага со налог од надлежен судски орган за примена на посебни истражни мерки и доколку постои таков налог – од кој датум е? Кои се причините за барањето посебни истражни мерки?“ – ова беа клучните прашања за кои Петковски побара одговор од министерката.

НАРЦИС, КЛЕВЕТИ И СТАНОВИ

Својствено за ликот и делото на десната рака на Груевски, сосе гордите послушници во улога на пратеници, не добивме никакви одговори, уште помалку логични, за една ваква акција од рангот на „Вотергејт“. Носител на изборна листа на владејачка партија, кој е и прв човек на МВР, да иницира надзор над еден лидер на опозиција, нека биде и согласно законот со судски налог, е скандал во европски држави. Многуте контроверзии, „независното“ судство не дозволи да се разјаснат, исто како и пратениците. Кога вака мазно помина преседанот, уште полесно е тенденцијата да премине во правило – па и Заев да добие таков полициско-судски третман за време на изборите 2014 година.

Инаку, Јанкулоска ја имаше и ретката привилегија да биде конкретно посочена во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во 2011 година, како конфликт на интерес меѓу нејзиното овластување како министер и нејзините активности како кандидат. Но, ниту вакви „примједби“ не ја „дојмија“. Напротив, секој нареден изборен циклус, ова равенство меѓу партијата и државата јакне во симбиоза. Со други зборови, уво не ја боли за овие „клевети“!

И ако ваквите забелешки од меѓународните фактори не ја потресуваат за да менува нешто, критиките од политичките конкуренти ѝ предизвикуваат душевни болки, за што сведочат и психијатриски вештачења по тужбите за клевета. Колку што се сеќавам, го тужеше Стевче Јакимовски затоа што јавно ја прашал, како успеала да добие стан во 2001 година, кој бил наменет за млади брачни двојки, кога не била во брачна состојба.

На истата тема, станбена, Петре Шилегов треба да ѝ плати 8.130 евра. Го тужеше портпаролот на СДСМ затоа што на прес-конференции јавно прашувал како ги стекнала становите што ги купила откако станала функционер. Мислам дека досега нема тужено новинар, но затоа ќе остане забележено дека во нејзино време новинар заврши во затвор за текст објавен пред 5 години.

За да биде портретот на Јанкулоска целосен, корисно е да се дополни со наодите од психијатриското вештачење. Пред психијатарот, на пример, Јанкулоска себеси се опишала како личност која немала каква било дамка во нејзината професионална кариера и личен живот. Како човек била крајно скромна, работлива и сѐ што сторила, сторила со личен труд, на чесен начин, немајќи притоа никаква помош од други. Патем, во психијатрискиот запис стои дека е нарцисоидна личност.

МВРО-ДПМНЕ

И последниот имиџ кој Јанкулоска го захефта на МВР, а со тоа и себеси – го претвори ресорот во МВР-ДПМНЕ. Да, некои соопштенија повеќе наликуваат на Центарот за комуникации, отколку на едно сензибилно министерство. Не се сеќавам дека во овие 24 години, МВР давал толкав партиски шмек во некои соопштенија, како во овие 8 години. Кога покренаа кривична пријава против Бучковски, а траеја натегањата за одземање на неговиот пратенички имунитет, МВР одби да одговори на некои јавни прашања од еден, сепак, поранешен премиер. Реакцијата беше дека не комуницираат со „лица од крим-евиденцијата“.

Или, куриозитетот со апсот на Заев за случајот „Глобал“. Откако неколку месеци пред вистинскиот апс, на сајтот на МВР осамна акцијата за злосторничката група на струмичкиот градоначалник, ама и кандидат за лидер на СДСМ, МВР ја повлече веста со пу, пу, не важи. Потоа, кога им загусти вистински, даваа платени огласи низ медиумите за криминалот на „лицето З.З.“! Уште тогаш го прогласив ова за моделче од модната сезона зима – пролет 1948-49!

Во интервјуто што го даде за „Утрински весник“ годинава, пак, Гордана открива уште еден дефект во нејзините, ама и партиските поимања на демократијата. Тоа што граѓаните на 7 последователни избори ги поддржале нивните политики било показател за нејзината и нивната успешност. Според оваа логика, Хитлер бил врв на успешни политики. Политичката филозофија дури  ќе ја срочи како „многу прецизна: бескомпромисна и неселективна борба со криминалот“. Наспроти сите поинакви оценки од меѓународните фактори, ама и од домашните „непријатели“!

Ќе одговори и дека не стравува од одмазда кога ќе замине од функцијата затоа што постапувала „принципиелно без претходни калкулации“, ем законот и мнозинството граѓани биле на нивна страна. Сепак, повторно изумува дека мнозинството е променлива категорија. Кога ќе го изгубат мнозинството, односно власта, дури тогаш се случуваат големи „земјотреси“. Секаде, па и кај нас.

Тоа се потврди и кога СДСМ го изгуби мнозинството. Дури тогаш Бучковски, Заев и другите сдсмовски фактори беа сместени во формулациите – злосторничко здружување, како што заштитените сведоци станаа ефикасна законска алатка за Љубе, некогаш министер токму за внатрешни работи, да окапе зад решетки.

Оттаму, познавајќи ги сите историски закономерности, не сум сигурна дури ни дека самата Јанкулоска, „една од најпаметните млади таленти од партијата на Груевски“ како што ќе ја оцени американската амбасада кога стана министер, верува дека сѐ ќе биде спокојно кога ќе стане бивша.

За ексамбасадорката МИЛОВАНОВИЌ, 2006 година:
ЈАНКУЛОСКА Е ЕДНА ОД НАЈПАМЕТНИТЕ МЛАДИ ПОЛИТИЧКИ ТАЛЕНТИ НА ВМРО-ДПМНЕ!

Првата нова влада на премиерот Никола Груевски, избрана во август 2006 година, сосема разбирливо, била од особен интерес и за Амбасадата на САД во Скопје. Каблограмот (06SKOPJE779) со наслов „Млади технократи доминираат во новата владина постава“, објавен на „Викиликс“, го потпишала поранешната американска амбасадорка Џилиен Миловановиќ и до Стејт департментот го испратила на 30 август 2006 година. Новата владина постава, наведува таа, „е составена од претежно млади, ентузијастички и доброобразовани „триесет-и-нешто“ технократи, некои од нив без какво било значајно бирократско искуство“, што на Груевски „веројатно ќе му обезбеди поголема контрола врз министрите“, кои ги оценува како „релативно зелени“ (млади, неискусни – н.з.).

Мошне интересно е мислењето на амбасадорката Миловановиќ за новиот министер за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Таа е „една од најпаметните млади политички таленти на ВМРО-ДПМНЕ“, смета амбасадорката. Откога ги наведува основните биографски податоци, нагласува дека „има силни менаџерски и организаторски вештини“, но и дека „нема полициско или искуство во извршувањето на законите“. Во спомнатиот Каблограм, Миловановиќ истакнува дека „таа е лице од највисока доверба на Груевски“, но, сепак, „не се смета дека ќе биде силен играч за клучните политички одлуки“.

За ексамбасадорот РИКЕР, 2009 година:
ПРИТВОРОТ СТАНА АЛАТКА ЗА СОЗДАВАЊЕ КЛИМА НА СТРАВ

„Политичкото влијание на Груевски врз судот и полицијата не е тајна. На ваков начин Груевски и неговиот внатрешен круг од ВМРО се обидуваат да воспостават партиска дисциплина и да ги задушат различните мислења. Апсењата со голем публицитет вршат притисок на политичката елита за да се воздржи од критикување на владата.

Обично апсењата се случуваат на улица, со медиуми во „случајна“ подготвеност. Притворот, пак, им е ефикасна алатка, со која се создава клима на страв, затоа што не само што ќе заклучи некого во затвор најмалку 30 дена, туку и предизвикува непоправлива штета на нивниот углед. Потоа ваквите тактики ѝ се продаваат на јавноста како доблесни владини напори против корупцијата, што помогна во задржување на поддршката на јавноста за овие навредливи акции“.

Во овие поенти од депешите што ги објави Викиликс, а ги испраќал амбасадорот Филип Рикер, јасно е детектирано дека Груевски е тој што има влијание врз полицијата и судството. Гордана е само извршител. Ден по изборите, на 6 јуни, Гордана даде уште една потврда на извештаите на Рикер. Приредија спектакл со апсењето на најжестокиот критичар на „петчлената банда на Груевски“, како што ги опишуваше Бошкоски во изборната кампања.

За НИКОЛА МЛАДЕНОВ:
ШТО Е ЧИСТО, А ШТО ДОКУМЕНТИРАНО!?

Во врска со трагичната смрт на основачот на „Фокус“, колегата Никола Младенов, се случи несекојдневен преседан. Заедно одржаа прес-конференција министерката Јанкулоска со врвот на судската власт и на обвинителските фактори. Поентата на овој собир беше дека сѐ е „согласно законот“. И во едно интервју таа ќе ја потенцира чистотата на уделот на МВР:

„Полициски случајот е целосно чист и документиран… Не велам дека некои поединци не ги интересираат информациите со кого контактирал, со кого соработувал, но во отсуство на каков било сомнеж и при фактичка состојба која целосно и неспорно укажува дека станува збор за сообраќајна несреќа, не гледам врз база на што органите на прогонот би отворале кривична истрага“.

Убедена сум дека ќе дојде ден кога ќе стане ДОКУМЕНТИРАНО што било целосно ЧИСТО! Толку!

ГИ ЗНААТ ТУЃИТЕ РОДНИНИ, НО НЕ И СВОИТЕ!

Кога МВР, без јавен оглас, на неопределено време вработи близок роднина на Боркица Груевска, сопругата на премиерот, Јанкулоска брилираше. Министерката што ги знае сите роднини на сдсмовците, та и платени огласи партијата дава за вакви шеми, тогаш објасни дека во МВР работеле близу 12.000 луѓе, па таа не можела да знае кој на кого му е роднина. Инаку, информацијата ја објави СДСМ, со сигурно многу повеќе од над 12.000 членови, поткрепувајќи го тврдењето со документ од Агенцијата за вработување со датум од 17 февруари 2011 година.

УТЕШИТЕЛНО ПРЕДИЗБОРНО

Јанкулоска можеше да се види во најразлични предизборни сеанси. Беше на пример во улога на „дијазепам“, кога верно следена од ТВ камерите одеше да го теши нивниот лик од изборниот спот што го оставила жена му, а Бранко го исмејувал. Но, постизборно, кога се обидоа да скријат дека за време на нивната славеничка еуфорија е убиен Мартин Нешкоски, партијата испрати делегација во домот на Нешкоски за да го убедуваат семејството да не кажува дека „државата им го уби синот“!

Загрозениот сведок, странецот пријател на Љубе, ама и на груевци, фатен во офсајд!

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен во неделен Фокус бр. 842, во 2011 година

Од обвинителството разбравме дека “загрозениот сведок” е странец, а дол¬го¬го¬ди¬шен пријател на Бошкоски. Зошто верувам дека пријателот на Љубе одработувал за Груевци? Првите пари биле дадени во куќата на загрозениот све¬док во Скопје, а сеансата е снимена на ДВД и е меѓу доказниот материјал. Тоа ми го подгрева сомнежот дека пријателот на Љубе веќе си бил во шема со власта, со добиени задачи и гаранција – како да го одработи пријателот си, ем да излезе чист и загрозен! Прашање е само што ли за возврат ќе добие стра¬не¬цот за успешно изиграната ролја? Но, при тоа реформаторите малку избрзаа, кога остваруваа – таа прва снимка е од 12 април, а делото поради кое мо¬жел да го снимаат, стапило на сила на 21 април!

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Во сите светски корупциски скандали врзани за финансирање на изборните кампањи, по правило, во центарот се оние кои се или биле на власт, државна или локална, сеедно. Секаде злоупотребите ги прават функционери, додека партијата им е на власт, оти тогаш можат да им ветуваат или да ги уценуваат потенцијалните донатори, а овие да очекуваат дека ќе можат потоа да си го вратат “инвестираното” во партијата. Арно ама, Македонија во Грујово време донесе новитети во ваквата пракса. Овде првиот и единствен процесуиран ваков случај е врзан за лидер на вонпарламентарна партија, на која сите релевантни сондажи не и предвидуваа бум на изборите, ем обвинетиот немаше никаква власт, дури ни во обична месна заедница. Но, тоа не беше пречка лидерот на оваа партија да биде уапсен спектакуларно, според сите преродбенички тертипи.

Се¬пак, целиот тек на полициската акција “Кампања”, од самиот по¬че¬ток, оставаше мирис на нешто расипано. Остави впечаток на операција во која најпрвин е избрана “жртвата”, потоа е стокмено холивудско сценарио во која важна ролја треба да одигра ,загрозениот сведок. Тој, пак, по дефиниција треба да биде близок на Љубе, ама, истовремено, да е и во фини одношенија со вмровските фактори. И нема што не можат да пронајдат Груевци, а не пак човек за специјални задачи. И го најдоа. На “реформаторите” и така не им е приоритет дали малку ќе ги измешаат процедурите и брзините, туку само да ја остварат целта – “мрсникот” што вербално ги парчосуваше како “криминална банда” да се смести на вистинското место – Шутка. А целта, нели, ги оправдува средствата, како што убаво препорачува Макијавели.

ШТО ЌЕ ДОБИЕ СТРАНЕЦОТ ЗА УСПЕШНО ИЗВЕДЕНАТА ЗАДАЧА?

И обвинителниот акт, што конечно се напиша против Бошкоски, ја откри¬ва истата нишка холивудска. Дека сепак ова е сценарио за одмазда кон иноверците! Во Македонија безмалку ниту една партија не е изземена од списокот на сомнителни, според начинот на финансирање. Зарем некој верува во прикаските за донации само од членови на партијата, особено кога се има скапа кампања? Но, најнај сомнителни се логично оние што арчат милиони евра, а потоа не можат да ги покријат. Затоа и на оваа тема не се закачаа ме¬ѓу¬се¬бе главните- СДСМ и ДПМНЕ, или ДПА и ДУИ, сеедно. Пандан на апсењето на Љубе за “црни пари” од своите бивши сопартијаци од ВМРО, би било до¬кол¬ку СДСМ во 2006 удреше една полициска операција против НСДП на Тито Петковски! Да, тој се отцепи од СДСМ, му скандираа “предавник”, ама ни подоцна обвинетиот  Бучко, ниту озлогласениот Бранко, не си дозволија да го стават под ПИМ – третман (посебни истражни мерки)! А ни Тито, ни Свети Тито, па ни Света Тројца, не би се спасиле доколку цели два месеци полицијата ве следи, ве снима и ве прислушува пред и сред изборна кампања. Ем ви пушти соработник провокатор да ги “овековечи” моментите.

И што разбравме од обвинителниот акт против Бошкоски? Нaјинтересниот дел е за загрозениот сведок. Сега е уште поизвесно дека веројатно станува збор за човек диригиран од полицијата на Г.Ј. и нејзините соработници, директорите на ДБК и на ЈБ, С.М. и Љ.Т. Значи, дефинитивно станува збор за странец (заради наведување на законската одредба дека е забрането да се финансира изборна кампања од странски лица). Потоа, дека станувало збор за долгогодишен пријател на Бошкоски. Малку звучи “настрано” кога обвинителот ќе срочи дека “искористувајќи го долгогодишното пријателство со загрозениот сведок во интервал од два месеци Љубе примал девизни средс¬тва од истиот за финансирање на неговата партија”. Оти повеќе делува дека загрозениот сведок го искористил долгогодишното пријателство со Љубе, поточно власта го искористила тој момент, за да го улови Љубе во мрежата на “Кампања”!

Зошто верувам дека странецот одработувал за екипата на Н.Г? Најинспиративниот момент за ваквиот мој сериозен сомнеж е дека првата транша, или 10.000 евра, според обвинителниот акт, биле дадени во куќата на за¬гро¬зе¬ни¬от сведок лоцирана во Скопје. Настрана што странецот има куќа во Скоп¬је, туку оваа долгогодишна пријателска сеанса е снимена на ДВД и е меѓу доказниот материјал. Зарем пријателот на Љубе си ја снимал дешавката за својата видеотека? Или, можеби, МВР инсталирал камери во куќата на странецот?! Да не ќе да е сепак најреална третата опција: дека пријателот на Љубе веќе си бил во шема со власта, со добиени задачи – како да го одработи пријателот си, ем да излезе чист како загроезен! Овде ме јаде јанѕа, доколку е тре¬та¬та варијанта во игра – што ли за возврат за успешно извшената ролја ќе до¬бие странецот?! Или од љубов кон татковината влегол во овој филм?! Но, кон која татковина? Матичната или Македонија?

Уште поинтригатно е што дотичниот наводно станал загрозен сведок ден¬та кога Љубе е апсен. Но, чудно, бре, зошто кон него воопшто не се замараа апсанџиите? Зошто медиумите во функција на разгласи на Преродбата, воопшто не беа љубопитни да го истражат неговиот идентитет и улогата во “Кампања”? А дури пред време се нацртаа пред “Воденица”, да го следат спектаклот. Секако, кај нив ваквите “истражувања” подразбираат некој од ресорот на Г.Ј, да им сервира на тацна. Оттаму, на мисла сум дека на Груевци не им било од интерес да се анализира странецот. Оти можеби колку со Љубета, толку има интересни конекции и со лица од фамилијата на власт!

ЗА ПОТРЕБИТЕ НА “КАМПАЊА” СМЕНЕТ И ЗАКОНОТ?!

Значи, логично е барем да се претпостави дека во наредбата да се апси Љубе на 6 јуни, ден по изборите, не стоело – приведување на странецот, па тој потоа да побара заштитен статус. Се веќе било осмислено. А за двете други “пријателски средби” – втората е во кафеаната “Стара Куќа” во Пајко маало и третата е онаа фаталната во ресторанот “Воденица” – може и да се најде објаснување дека полицијата слушајќи ги телефоните на Љубе знаела каде и со к¬го ќе се најде, па ги озвучила објектите. Дали сопствениците на овие угостителски објекти знаеле дека седенките кај нив се снимаат од МВР? Или, можеби, токму долгогодишниот пријател на Љубе бил озвучен, со инсталирана камера? Ако е тоа – тоа, тогаш ќе да е странецот поголем пријател со Груевци или повеќе загрозен од нив, отколку од лузерот Бошкоски. Штом првата средба е во неговата куќа, ем фино снимена, очигледно станува збор за лажен донатор, но странец кој има поголеми пријатели во власта одошто му е Љубе!

Она што особено би ја разјаснила улогата на контроверзниов сведок е кој ја иницира средбата во “Воденица” на судниот ден, 6 јуни? Доколку странецот го повикал на ручек, а така барем ни тврдеа луѓе од ОМ, кои биле сведоци на телефонскиот повик, тогаш после сите претходни анализи, излегува дека “теледиригираниот сведок” едноставно добил задача да тргне во поход! Да, тоа е оној ден кога Котески не знаеше дека за време на прославата на изборната победа на ДПМНЕ на плоштадот е претепано едно момче до смрт, од полицаец кој го обезбедувал собирот. Сето тоа, пак, без оглед на снимките, доволно говори дека странецот ја добил улогата во филмчето режирано во МВР на Г.Ј. а веројатно на сценарио смислено во тесни кругови од врхушката на власт. Но, за дивно чудо, јас барем не видов ваков понуден доказен материјал, освен три ДВД-касети. Не ги прислушувале телефоните? Се потпреле са¬мо на талентот на странецот за видео снимање?

Но, она што е уште поголем куриозитет, барем како што ми потврдија неколкумина искусни правници од оваа бранша, е што во обвинителниот акт по¬втор¬но нема податоци за полициското барање на ПИМ мерките против Љубе. Адвокатите на Бошкоски се уште не добиле копија од наредбата за мер¬ки¬те. Да се види кога точно и со какво образложение полицијата ја повела “Кампања”. Но, ете, и обвинителот ја пропуштил оваа “дребулија” во писанието. А зошто е важно? И особено, што важно расчистивме преку обвинителниот акт? Датумот на првата снимена средба, а во домот на лажниот донатор, е 12 април 2001 година, што е особено интересен детаљ.

А зошто е важен датумот со првата снимка, кога веќе ја немаме наредбата за следење и за снимање? Имено, Бошкоски се товари за две кривични де¬ла: злоупотреба на службената положба и овластување и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања. Е сега, МВР не би смеело да бара, а судија да одбри налог за прислушување, следење и снимање поради на¬вод¬на злоупотреба на слубена положба, затоа што за ПИМ мерки треба да има закана со казна затвор од најмалку 4 години, а овде не е тоа – тоа!

Арно ама, второто кривично дело со повисока казна затвор, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања, е внесено во Кривичниот законик на 13 април, поточно на тој ден е објавено во Службен весник, ден пред распуштање на парламентот! А на 12 април е направена снимката во куќата на странецот! Навистина е ептен нејасно како е одобрено снимањето и следењето на Љубе на 12 април, кога кривичното дело за кое можеле да го следат стапило на сила дури на 21 април – така пишува и во измените. Дури на овој датум МВР можело да побара и истражниот судија да одобри ПИМ мер¬ки против било кого, а за ова дело. Сето ова, пак, дополнително внесува сом¬неж дека дури и брзањето за вметнување на новото кривично дело, на само не¬кој ден пред распуштање на парламентот, било скроено за потребите на сценариото “Кампања”.

НА СТРАНЕЦ МОЖЕШ САМО ДА МУ ДАДЕШ ПАРТИСКИ ПАРИ

Секако, снимките од средбите меѓу ѓоа пријателите на 28 мај и на 6 ју¬ни, потпаѓаат под ова ново кривично дело, арно ама, и студентите по право уште во првата година учат дека доколку дојде до промена на закон, тогаш за обвинетиот ќе важи законот што е поповолен за него. А целата операција поч¬ну¬ва пред време, оти изгледа малку избрзаа со реформите! Со оглед на тоа што уште не е познат налогот за ПИМ мерките, стои и опцијата дека мо¬же-би бил даден под параванот за сомнеж за некое сосема трето кривично дело. Но, и тука има едно “ама” – овие мерки секогаш се одредуваат само за стекнување со докази за точно посочено кривично дело и не може да се иско¬ри-стат како доказ за дело кое не е прецизно посочено, во наредбата на истраж¬ни¬от судија.

Но, кај да е, и оваа дупка ќе мора да се пополни: со какво образ¬ло¬же¬ние пред 21 април е Љубе ставен под ПИМ мерки! Патем и во обвинителниот акт се провлекуваат и Законот за финансирање на политички партии и Изборниот законик. Сепак, иако обата забрануваат пари од странски лица, првиот го регулира секојдневното финансирање на партиите, додека вториот се од¬не¬су¬ва исклучиво На изборните кампањи. Во обата случаи тоа се третира ка¬ко прекршок за кој се плаќа глоба. Но, измената на КЗ, со новото дело по мер¬ка на Љубе, е исклучително насочена за изборна кампања?! А кога сме кај странците, што ти е судбина. Љубе го обвинија дека примал пари за кампања од странец – што е забрането, додека Г.Ј. во својство на генсек на ВМРО-ДПМНЕ, во предизборието 2006 година, давала пари на странец – Џејсон Мико (не е загрозен сведок), за што ФОКУС објави документи.

Си¬ве овие дубиози веројатно ќе бидат дел од одбраната што ја подготвуваат бранителите на Љубе. Сепак, познавајќи ги манирите на “реформаторите” и нивниот третман на правосудството, уште повеќе емоциите кои ги негуваат кон обвинетиот, тешко дека сега нешто ќе се измени, освен ако не се случи чудо. А чуда оддамна нема овде. Ниту пак ќе се потресат дали некој ја злоупотребил власта, поточно службената положба, за да намести или докаже, сеедно, дека некој друг нешто злоупотребил. Ете, иако организатор на кам¬па¬ња е лице што е определено за тоа, сепак, дури и обвинителот ќе го смести Љубе во “фактички организатор на изборна кампања”. Дали и во другите политички партии лидерите се фактички организатори, а не оние правно определени?!

Конечно, дали се воведе поголем ред во финансирањето на кампањите после “Кампања”? Не, се воведе само поголем страв кај опозицијата дека груевци секогаш можат да најдат основ на избори да ги прислушуваат. Дали ВМРО-ДПМНЕ успешно ќе ја пополни дупката од над 3 милиони евра, меѓу пријавените приходи и расходи на последниве избори? Гарант, согласно Уставот и законите. Македонија е сепак земја на чудата – оној што најмногу троши во кампањата, оној што има најголема минус, оној што ја има сета воз¬мож¬на власт и моќ во свои раце – ете, токму тој е најмалку сомнителен. Барем за самата власт и институциите под нејзина контрола. А поинакви и немаме.

СЕКАДЕ СЕ ПРЕМИЕРИ ОСОМНИЧЕНИ, ОСВЕН ОВДЕ

А заради споредба, за да се види колку тоа чекори Преродбата предничи пред Европа, ќе наведам неколку скандали поврзани со финансирање на пар¬ти¬и¬те во демократскиот свет. Ехуд Олмерт, токму кога беше премиер на Израел, се сомничеше за корупција затоа што порано, додека бил градоначалник на Ерусалим и министер за трговија, добивал илегално стотици илјади долари од еден американски бизнисмен од еврејско потекло. Одеше дури и на распит во полиција, а беше премиер.

Корупциски скандали за финансирањето на Лабуристичка партија неколку години ја преокупираа британската јавност, но додека беа на власт. Тие го забрзаа падот на Тони Блер, но и на неговиот наследник Гордон Браун. Скот-ланд Јард работеше на случајот со месеци, испраша стотина лица, па и премиерот Блер, но, обвинителството не најде докази и го затвори случајот.

Са¬мо неколку месеци откако Браун стана премиер, конзервативците го обвинија Браун за филозофијата на финасирање на паријата срочена како “помогнете, зашто сум ви помогнал”. Меѓу донаторите беа и такви кои токму Бра¬ун потоа ги поставил на високи позиции во владината администрација. Набргу премиерот Браун повторно се најде на тапет, за една тајна донација од еден градежен претприемач. Одговорноста ја понесе генералниот секретар на партијата, кој поднесе оставка. Но, наскоро и двајца министри поднесоа оста¬вки, повторно поради незаконски донации за нивната внатрепартиска изборна кампања. И повторно се вмеша Скотланд јард во приказнава.

И Шпанија ја тресеа вакви скандали во 90-тите години. Се открија незаконитости на релацијата на владеачката Социјалистичка партија и 15 влијателни компании, преку кои, како што се тврдеше, на незаконски начин се финансирала партијата на премиерот Гонзалес. Тоа беше повод кралот Хуан Карлос да го распушти парламентот и да свика предвремени избори.

Сепак, најголемиот шок во 90-тите години на минатиот век беше веста де¬ка популарниот германски канцелар Хелмут Кол е осомничен дека во пер¬и¬о¬дот на неговото владеење од 1982 до 1998 година, за потребите на неговата Христијанско-демократска партија, преку тајни донации примил 2,1 милион мар¬ки. После спроведената кривична истрага против него, дојде до нагодба ме¬ѓу обвинителството и неговата одбрана, па Кол беше ослободен од одговорност, но беше обврзан да плати парична казна од 150.000 евра.

Слич¬на судбина, заради слична мучка, доживеа и екс генсекот на НА¬ТО, Вили Клас. Повторно беше откриено како финансиерот на неговата партија потоа се јавува како привилегиран клиент за одредени набавки. Интересно е и што актуелниот италијански премиер, десничарот Силвио Берлускони, во тој период се соочи со обвинение за незаконско префрлање средства на левичарската Социјалистичката партија. Тоа, очигледно, не се покажа како хен¬ди¬кеп повторно да ја освои власта.

Најсвежиот мега скандал ни доаѓа од Хрватска, во кој екс премиерот Иво Санадер се смета како централна фигура. Тој. додека бил на чело на вла¬да¬та, ги користел безмалку сите министерства и јавни претпријатија како банкомат за ХДЗ, ама и за себе лично. Од државното кесе, всушност, преку фамозната Фими медија, парите завршувале во партијата на Санадер, ама и на лични конта. Заслужува внимание фактот дека целата истрага се одвива во пер¬и¬од кога сеуште власта ја има неговата десничарска партија, само што премиерот се одѕива на името Јадранка Косор.

И ова е доволно за да заклучиме дека само во Македонија се е наопаку. Во демократските земји, вообичаено партиите на власт ја злоупотребуваат позицијата за полнење на партиските конта, додека само во Македонија не¬кои партии што не биле на власт искористуваат пријателства со странци за нелегално финансирање. Особено кога овие пријатели му се во спрега со неговите непријатели… А тие пак се – ВЛАСТ!

П.С. Ниту еден од европските скандали не пукнал благодарение на следење и прислушување на лидер на партија во време на изборна кампања. Само поради ваков гаф, би паднала и влада во нормални демократии!

Притворот продолжен

ДА НЕ ЗЕДЕ ПОВТОРНО ПАРИ ОД “ПРИЈАТЕЛИ”?!

Во обвинителниот акт, што одбраната го доби на 25 јули, се предлага на обвинетиот Љубе Бошкоски да му се продолжи притворот по трет пат, бидејќи мо¬жел да избега, особено што имал двојно државјанство, но, се уште постоела и можноста да го повтори кривичното дело. За овој, вториот основ,  обвинителот Лазар Катранџиски ќе наведе “тежок” аргумент: “Имајќи ја во вид конзистентноста во дејствијата кои ги преземал Бошкоски”. Демек, тоа што Бошкоски се товари дека во три наврати земал пари од странецот, патем, нели, негов пријател, а кој сега има статус на “загрозен”, значи дека има шанси да влета и во четврта авантура!

Е ова барем ме изнасмеа! Јавниот обивнител верува дека Љубе, после сиве полициско-притворски сеанси, очекувајќи го судскиот процес, ќе стартува, ќе отиде кај загрозениот пријател и ќе побара или ќе прими една Зара кеса?! Или кај било кој пријател?! Навистина, конзистенетноста Катранџиски ја доживува на луциден начин! Оти, обвинет за нелегално финансирање на изборна кампања, кој што веднаш пуштен од Шутка ќе се здаде да бара пари за из¬бор¬на кампања што одамна заврши, повеќе би бил за во Бардовци отколку за на суд!

Уапсен Љ.Б. – лидер на ОМ

СЕРИОЗНОСТА НА МИНИСТЕРКАТА Г.Ј. ОД ВМРО-ДПМНЕ!

Експертите за човекови права (сите до еден, инаку, сомнителни за ВМРО-ДПМНЕ) наоѓаат дузина повреди на процедуарата за апсењето на Бошкоски, стокмена за задоволување на крволочните фанови на Преродбата, ем обесена на сајтот на МВР. Како невидена заебанција, во крајно саркастично-циничен стил, МВР-то, демек согласно сите конвенции, не го откри идентитетот на уапсениот. Соопштија само дека: Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал ( м.з.) до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Претседателот на политичката партија ,Обединети за Македонија, Љ.Б.(50) од Скопје. Фала му на Горниот што не го открија името и презимето на претседателот на Обединети за Македонија, Љ.Б. Небаре имаме стотина пар¬тии со ваков назив, а лидерите на десетина се со исти иницијали. Можеа од министерството за внатрешни работи што го раководи Г.Ј. – член на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, уште да наведат дека Љ.Б. е познат во јавноста како Б.Љ., што обвинителот уредно го сторил кога навел: Љубе Бошкоски викан Брат Љубе.

Агент-провокатор или загрозен сведок

ЧУВАЈ МЕ БОЖЕ ОД ПРИЈАТЕЛИТЕ ШТО СЕ ВО СОДЕЈСТВО  СО НЕПРИЈАТЕЛИТЕ КОИ СЕ НА ВЛАСТ!

Кога на 6 јуни Иво Котевски свечено го обнароди богатиот улов од “Кампања”, не одговори директно на прашањето зошто донаторот на Љубе не е фа¬тен во мрежата. Не појасни ниту дали во случајот станува збор за агент-провокатор. Сепак, тогаш мудро ја префрли топката на истражниот судија, кој ако проценел дека треба – и против лажниот донатор ќе се водела постапка! Но, само луд или наивен во Македонија можеше да очекува дека истражниот судија или обвинителот ќе постапат поинаку од полициските дострели на аkцијата. Така, донаторот остана со заштитен идентитет, а има официјален назив  загрозен сведок. Она што делува шашаво во целата конструкција  е што фацава е наведена во обвинтелниот акт како долгогодишен пријател на Љубе. Значи, Љубе добро го познава кој е и што е, па останува да се таи неговото име и презиме само од пошироката јавност, оти потесната веќе знае кој ја оди¬гра улогата на донатор. Па, прашање е – од кого и како е загрозена клучната фигура во оваа полициска драмолетка?

 


Никола Груевски нека си оди од партијата што ја основавме со Драган Богдановски!

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на 29-ти ноември 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 947

Јаковлески е македонски емигрант во Германија, кој бил домаќин на луѓето што во почетокот на деведесеттите години на минатиот век го основаа и го формираа ВМРО-ДПМНЕ, како и главен финансиер на почетните партиски активности. Во интервју за „Фокус“, тој открива интересни детали за својот престој и ангажман во Берлин, за првите чекори на моментално најголемата владејачка партија, како и за денешните случувања во земјава. За главен „татко“ на партијата го смета Драган Богдановски, и покрај тоа што попуштил пред притисокот на тогашната југословенска тајна служба. Тој, според него, е автор на програмата, кум на името, но и творец на лидерот Љубчо Георгиевски. Не штеди критики кон премиерот Никола Груевски бидејќи неговото недемократско владеење ја прави Македонија еднопартиска држава. Во насока на обединување на Македонците, неодамна јавно побара слобода за Љубе Бошкоски.

Разговарал
Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Многу години работевте и живеевте во Берлин. Како се случи да заминете таму?

ЈАКОВЛЕСКИ: Видете, јас сум роден во 1935 година. До седумгодишна возраст живеев во родното село Зубовце. Во виорот на Втората светска војна дојде стрико ми, кој живееше во Софија, каде што имаше своја фурна и слаткарница. Тој ме зеде со себе за да можам да се школувам. Таму останав сѐ до завршување гимназија, до 1955 година.
Се вратив во Македонија и сакав да учам технички, па медицински факултет, ама не добив стипендија, па се запишав на Шумарскиот факултет. Четири години студирав на Шумарски и на крајот дојде опција да заминам за Германија. Тито почна да се отвора кон Запад и имаше размена на студенти, а бидејќи само јас знаев германски − учев 4 години во Софија − заминав како добар студент, иако не бев член на Комунистичката партија.
Прво поминав тримесечна практика во фабрика за преработка на дрва, па се префрлив во Минхен, зедов стан и почнав да работам во институт за преработка на дрво, да одредувам шумарски единици. Тогаш се интересирав дали шумарски факултет можам да завршам во Германија. Меѓутоа, ми беше речено дека џабе ќе го завршувам зашто шумата е државна институција и нема да можам да работам во шумско стопанство. Тогаш, јас во Минхен размислував што да правам.

ФОКУС: Додека престојувавте во Германија, со што се занимававте дали покрај тоа што сте работеле, сте биле и политички активен?

ЈАКОВЛЕСКИ: Се запознав со едни активисти, членови на Јужнословенскиот демократски сојуз. Тоа беа Роко Галеб, кој ја издаваше „Хрватска зора“, и Слободан Станковиќ, кој ги издаваше „Српски видици“. Имаше од сите јужнословенски републики. Ми предложија, ако одлучам да им се придружам, да ми помогнат да останам таму бидејќи во Германија не можеше да се остане од економски, туку само од политички причини, а јас не бев затворан. Всушност, не бев ни толку антикомунист и антијугословен, а Галеб и Станковиќ беа демократи, и покрај тоа што Југославија ги сметаше за усташи и за четници. Оваа организација се залагаше за претворање на Југославија од федерација во конфедерација, нешто како Америка.
Станав член, морав да заминам за Америка. Половина година ме испитуваа поради страв од инфилтрација на комунизмот. Поднесов и барање за преселба во САД, но во Франкфурт ме одбија бидејќи ме третираа како марксист. Ме прашуваа што мислам за комунизмот, а јас им одговорив дека комунизмот како идеја не е лош, само не е остварлив бидејќи човекот по природа не е ист со сите други луѓе, туку различен. Останав да работам во воена база и се запишав на медицински факултет. Две години студирав, па сакав да се преселам во Берлин, но таму не ме примија на факултет, па почнав да работам во еден ресторан.gojko jakovlevski 01 ИЗБОРОТ ПАДНА НА ЉУБЧО ПОРАДИ ИНТЕЛЕКТОТ И ХАРИЗМАТА

ФОКУС: Како дојде до идејата за формирање ВМРО-ДПМНЕ и која беше вашата улога во формирањето на оваа партија?

ЈАКОВЛЕСКИ: Прво се запознав со Благој Шамбевски, па потоа и со Драган Богдановски, со кои соработувавме 25-30 години. Драган ги издаваше „Искра“, „Македонски глас“, а од 1971 година списанието „Македонска нација“, во кое беа содржани идеите за Македонија бидејќи земјава беше обесправена, додека Македонците сосила беа правени Југословени. Почнавме соработка и во 1990-тите, кога Богдановски излезе од затвор, ми се јави од Гетеборг и ми рече дека со падот на Берлинскиот ѕид се отвориле нови услови. Рече дека по излегувањето од затвор се запознал со луѓе во Македонија кои се спремни да дојдат во Германија и да основаат партија, која ја нарече Демократска партија за македонско национално единство, или скратено ДПМНЕ. Бидејќи го помагав, ме повика да се вклучам во процесот, а јас не сакав да седам настрана во тие важни моменти во историјата на Македонија и се согласив.

ФОКУС: Кога се поставени темелите и кога се одредени основните програмски постулати на партијата?

ЈАКОВЛЕСКИ: Во 1990 година во Минхен дојдоа Богдановски, Љубчо Георгиевски, Борис Змејковски и Владимир Транталовски, кои ми рекоа дека требало да дојде и Владимир Голубовски, но тој бил спречен. Тогаш ги удривме темелите на партијата, која требаше да се основа во Скопје. Кум на името ДПМНЕ е Богдановски, а мислам дека Змејковски предложи пред тоа име да се додаде ВМРО. Јас не се согласив со тоа зашто знам за сите проблеми со централисти, врховисти, федералисти, па мислев дека тие 4 букви треба да останат во историјата, додека со партијата ќе имаме успех и само со ДПМНЕ. Но, Драган пресече, велејќи дека штом така решиле другите, така нека биде. Веднаш разговаравме дека сакаме своја валута, своја армија и репрезентација. Шетајќи се тогаш низ Минхен, Богдановски ми рече дека Георгиевски го планира за претседател на партијата, но јас бев сомничав зашто е многу млад. Сепак, Богдановски ми кажа дека е многу интелигентен, има харизма и ќе биде прав војвода. Потоа организиравме основачко собрание. Нашата борба беше Македонија да добие статус на автономија во рамки на конфедеративна Југославија, со свои права и со сите атрибути на еден слободен народ.

ФОКУС: Како почнаа првите искри меѓу челните луѓе во партијата, која подоцна ќе ја зафати вирусот на кавги, поделби и конфронтации?

ЈАКОВЛЕСКИ: Јас веднаш се дистанцирав зашто бев на мислење дека не одговара мислењето дека Македонија почнува од нас, како што велеа другите. На пример, Драган и брат ми Мане (Јаковлески) ми велеа дека за време на Втората светска војна се бореле комунистите, но тоа не беше точно. Во името на комунизмот тие што се бореле сакале да ги остварат македонските национални интереси. Не џабе на своите одреди им дале вмровски имиња, како Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, а не имиња на комунисти, како Карл Маркс, Ленин и Сталин.
Веднаш почнавме да се расправаме, и тоа продолжи кога дојдов во Скопје. Јас немав политички амбиции, иако ми беше предлагано, но сакав да играм некаква советодавна ролја, како што правев со Богдановски, кого, покрај финансиската потпора, го советував за многу работи − да не навредува многу политичари, да не биде многу остар и слично. Арно ама, на договорената средба со Змејковски во скопскиот „Гранд хотел“ го чекав три часа и не дојде. Истата вечер бев повикан во неговата куќа во Лисиче, но и таму не дојде.

ФОКУС: Тогаш се дистанциравте од партијата?

ЈАКОВЛЕСКИ: Почнаа да ме избегнуваат и почувствував дека сум непожелен. Кога видов дека тие се борат само да ја земат власта преку активна политика, му реков на Драган дека можеби на чело на партијата не треба да ставиме деца што се недораснати. Георгиевски немаше ниту година работен стаж, од факултетската клупа треба да го ставиме да води држава. Ако нашата идеја успее, му реков на Драган, да го пратиме надвор да учи економија, па по 4 години да биде добар водач.
По основачкото собрание, кога дојдов тука, јас на Змејковски му дадов 10.000 марки, кои никаде ги нема спомнато, пари што брат ми Мане ми ги даде бидејќи тој го држеше ресторанот во Берлин, а тие пари требаше да завршат работи за собранието.gojko jakovlevski 02 НА УДБА Ѝ БЕШЕ ПОТЕШКО ДА ГО КИДНАПИРА, ОТКОЛКУ ДА ГО ЛИКВИДИРА БОГДАНОВСКИ

ФОКУС: Зошто Богдановски не сакал да биде лидер на партијата, туку го одбрал и го назначил Георгиевски и кој е главниот идеолог?

ЈАКОВЛЕСКИ: Јас уште во телефонските разговори со Змејковски го предлагав Богдановски за прв претседател на Македонија. Претседател на партијата не можеше да биде, живееше во Шведска и тогаш беше вклучен во организацијата, но сѐ уште не сакаше активно да се вклучи во политичката борба. Затоа му ја отстапи лидерската позиција на Георгиевски. И кога видов дека целта е само борба за власт, се повлеков. Јас ја следев целата ситуација, но не бев вклучен понатаму.
Само еден е идеолог и татко на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е Драган Богдановски. Но, тој имаше некаква тенденциозност во политиката, понекогаш да се издигне премногу, да претера со зборовите, да избега од контрола. Дури и за мене има многу зборувано. Кога пишуваше, тој беше многу силен, имаше и линија, ама кога зборуваше, многупати на крајот излегуваше комплицирано.

ФОКУС: Верувате ли во теоријата што ја застапуваат многу луѓе дека Богдановски е убиен?

ЈАКОВЛЕСКИ: Не! Таа теорија ја слушам од многу страни, но не верувам во тоа дека го истепале и во фрлиле во канта. Јас со него последен пат се видов во 1997 година, кога му отидовме на посета во Малме и ја поминавме заедно Новата година кон 1998 година. Шест месеци оттогаш, тој почина. Кога го видов, веќе покажуваше здравствени слабости, му се тресеа рацете. На пример, самиот кажуваше како во станот, што му го додели шведската држава, го вклучил шпоретот, седнал да се одмори и заспал. Почнало да гори, дошле пожарникари, па шведската власт му дала друг шпорет, кој кога ќе се загрее повеќе отколку што треба, автоматски се гасне.

ФОКУС: Колку овие сомнежи ги засилува тоа што претходно Богдановски беше уапсен од тајните служби и одлежа неколкугодишна робија?

ЈАКОВЛЕСКИ: Полесно на таа тајна служба ќе ѝ било да го ликвидира отколку да го киднапира од Франција, па да го префрли во Словенија и да го донесе во Скопје. Тие не сакале да го убијат, туку сакале да им кажува кој го финансира и кои држави стојат зад него. Целта била да му извлечат информации.

ФОКУС: Успеала ли службата во таа цел, бидејќи ако е така, тоа фрла сосема поинаква светлина кон неговото „дело“?

ЈАКОВЛЕСКИ: Па, да! Драган пееше сѐ и сешто. Дури и како крадел од цркви и манастири. Тој беше таков човек, што кога ќе се најде во некаква ситуација, мора да го каже тоа што го прашуваат за да си ја спаси главата. Мене ми кажуваше дека додека го возеле со хеликоптер низ Македонија, мислел дека ќе го фрлат од авион. Тој кажувал што знаел, можеби и повеќе отколку што требало. Во една пригода, кога станало збор за мене, кажал: „Гојко е ваш човек“. Еднаш ни кажа дека Тошо Шкартов, полициски службеник, кој беше голем македонист, но се борел за Југославија, му удрил шлаканица. Со Ставре Џиков одиме кај Тошо и му викаме: „Како шлаканица си му удрил?“, а тој тврди дека со Драган не се видел очи во очи.gojko jakovlevski 03ИМАВ КОНТАКТИ СО ТАЈНАТА ПОЛИЦИЈА, НО НЕ СОРАБОТУВАВ

ФОКУС: На што алудирал Богдановски кога рекол дека Вие сте човек на службата бидејќи такви обвинувања пристигнуваа и од други луѓе?

ЈАКОВЛЕСКИ: Мене службата ме гледаше како незгоден, кој се бори за независна Македонија − во Берлин ја имав картата на независна Македонија. Тоа го знаеја властите и доаѓаа од Белград и ме прашуваа зошто сум против нив. Јас им одговарав дека не сум против Југославија, не ги мразам ниту Србите, ниту Бугарите, но се борам Македонија да биде независна држава.

ФОКУС: Сте биле предмет на обработка на службите, но дали некогаш сте биле во ситуација да соработувате со нив?

ЈАКОВЛЕСКИ: Значи, откако Драган беше киднапиран во 1977 година, до 1985 година не доаѓав во Југославија. Во 1984 година мајка ми ми се јави дека татко ми е многу болен, да дојдам да го видам. Брат ми Мане ми рече дека зборувал со двајца службеници од полицијата, кои по неколку дена дозволиле да дојдам во Македонија, но под еден услов − да разговарам со нив. Зошто да не, реков, ќе разговараме, Македонци сме. Дојдов следната година. И додека седевме во дворот, дојде едно дете кое на татко ми му кажало дека двајца припадници од УДБА од Скопје сакаат да дојдат да се видат со Гојко. Еден ден подоцна, доаѓаат двајцата и тогаш се запознавам со Добри Величковски (подоцна директор на Службата за државна безбедност), и уште еден Крсте, кој ми кажа дека се презива Велјановски, но потоа испадна дека имал друго презиме. Седнавме прво надвор и побараа да седнеме внатре во куќата. Почнаа да ме прашуваат зошто дојдов. Јас одговарав за да го видам татко ми, селото, Македонија, и за да ве прашам зошто го киднапиравте Драган Богдановски, човек кој целиот живот го посветил на Македонија. Тогаш спомнаа дека им порачував преку луѓе што доаѓаа во „Ново Скопје“ дека за ова за што Драган е осуден на 13 години, јас да одлежам половина од неговата казна. Ме прашаа дали сакам Богдановски да го ослободат − одговорив, да, секако. Тогаш им кажав дека во Берлин многу луѓе сакаат да пребегнат од Источна во Западна Германија, па за нив западногерманската држава плаќа пари. Кога ме прашаа дали би платил за ослободување на Драган, реков дека би платил, зошто да не. Тие истакнаа дека би го пуштиле без проблем, но немало каде да го сместат. Ми побараа сума од 20.000 марки, пари кои потоа ги пратив преку Мане.

ФОКУС: Зошто имало потреба да плаќате за неговото ослободување и каде завршија тие пари?

ЈАКОВЛЕСКИ: Парите наводно им требале за мебел, а понатаму разбрав дека целиот објект каде што го сместија бил на полицијата. Не знам зошто точно ми ги бараа и што направија со парите, но најинтересно е дека парите подоцна ми ги вратија. Следната 1986 година ми овозможија да го посетам Богдановски во затвор, откако Драган проговори за тоа. Инаку, тие не сакаа да го пуштат зашто знаеја дека е незгоден, па сакаа дури да му накалемат и други дела. И покрај тоа што ги дадов парите и беше договорено да дојдам година подоцна да го посетам Драгана, брат ми Мане телефонски ми вели дека сега не сакаат да го пуштат зашто му нашле некои списанија, кои преку затворените сталинисти сакал да ги изнесе. Во тие списанија наводно стоело дека кога ќе се распадне Југославија, Македонија ќе се припои кон Бугарија. Преку Мане им порачав на тие луѓе дека, без оглед на сѐ, тоа не држи зашто Драган беше за независна Македонија. Така што, кога дојдов во 1986 година, го видов Богдановски во затвор, а една година подоцна го пуштија. Јас отпосле разбрав дека бил сместен во полициски стан и дека постојано бил следен.

ФОКУС: Дали и колкаво влијание имале тајните служби во формирањето на ВМРО-ДПМНЕ?

ЈАКОВЛЕСКИ: Слушам дека и Георгиевски и Змејковски зборуваат дека полицијата имала некаква улога во формирањето на партијата. За основачкото собрание не знаеше никој. Барем не дознал од моја страна. Иако за еден подоцна откривме дека работел за службите, но тој се најде случајно на основачкото собрание зад мене. Дали полициски инсталации работеле во партијата, не можам да кажам, бидејќи тогашното раководство на партијата ме тргна од партијата. Но, нешто подоцна разбрав дека Киро Глигоров и Ѓорги Спасов им рекле на Георгиевски и на Змејковски − сѐ ќе ви дадеме, и стан и плата, само Гојко и Драган тргнете ги, тие се емигранти, тие не се чувствуваат ни Македонци. Георгиевски го направија секретар на Глигоров. Во целиот свет, ако почине претседателот на државата, го заменува претседателот на собранието додека не се избере нов. Никаде нема негов заменик.

ФОКУС: Сакате да кажете дека Георгиевски и Змејковски, пред подоцна да се разединат, биле во непринципиелна коалиција со тогашната власт?

ЈАКОВЛЕСКИ: Да, да! Сето тоа беше само борба за власт. Во една демократска држава, за сите активисти може да се најде некое место. Меѓутоа, Змејковски не сакаше да биде втор или трет, туку прв, и затоа прв се отцепи и основа нова ВМРО-партија. Така, прв почна да прави расцеп во партијата, наместо да критизира, ако има забелешки, во рамките на партијата.gojko jakovlevski 04 АНТИКВИЗАЦИЈА Е КИЧ

ФОКУС: Како гледате на трансформацијата и дисконтинуитетот на партијата од страна на Никола Груевски?

ЈАКОВЛЕСКИ: Груевски не го знаев на почетокот толку добро, се имавме видено два-трипати, тој беше и во Зубовце во 2005 година, кога имав роденден. Јас кон него гледав позитивно, го сметав како надежен економист и мислев дека е добар потег таква личност Македонија да ја зацврсти економски. За жал, моите општи позитивни очекувања не се остварија бидејќи со разните потези што ги прави оваа власт се создава еднопартиска држава, како што своевремено направи комунистичката партија со Југославија. Сите медиуми ги зедоа под свои ингеренции. Затоа, јас би му предложил на Груевски дека вториот дел од името на партијата ДПМНЕ не одговара, пред сѐ, тоа „демократска“ и „национално единство“.

ФОКУС: Тие би ви одговориле дека народот ги избира!?

ЈАКОВЛЕСКИ: Јас немам против тие да останат на власт уште дополнителни 7 години ако народот ги сака и ги избира, бидејќи, нели, се вели „каков народ, таква влада“, но да ја променат партијата. Нека ја остават настрана партијата што сме ја основале јас и Богдановски и нека изберат некоја друга партија. Многу ме нервира што ги прават овие погрешни потези бидејќи водат кон пропаст. Да речеме, оваа антиквизација е кич за кој се фрлаат големи пари, кои Македонија ги нема. Јас се гордеам што сум роден во земјата каде што е роден Александар Македонски, ама толку! Ако некој сака да докажува дека во генот имаме некое античко наследство, тоа е смешно и контрапродуктивно. Не може да се прави од античката историја дневна политика.

ФОКУС: Многумина изненадивте кога неодамна испративте јавен апел до претседателот Ѓорге Иванов за помилување на Љубе Бошкоски.

ЈАКОВЛЕСКИ: Јас во него гледам активист кого го чувствувам на некој начин како Драган Богдановски, кој беше киднапиран и донесен овде. Жалосно е тој човек да гние в затвор. Сметам дека тоа е политичко решение. За време на изборите малку претера, почна да навредува, ама за тоа им се извини и на премиерот Груевски, и на директорот на УБК Сашо Мијалков, и на брат ми Мане. И јас мислам дека секој ден што лежи во затвор е голема штета. Ниеден ден не треба да остане тој в затвор и треба веднаш да биде ослободен.

ФОКУС: Велите дека, во спротивно, идните генерации ќе ја казнат оваа гарнитура. Која е сатисфакцијата во иднина да се санира штетата што е направена денес?

ЈАКОВЛЕСКИ: Во историјата на Македонија ова ќе биде голем срам − чист Македонец, кој нема направено никаков криминал, да лежи во затвор. Кај Бошкоски јас не забележувам одмаздољубивост и желба да прави капитал од својата положба. Тој е трпелив човек и се надева дека случајот ќе биде решен во негова полза. Тој е оптимист, сакам и јас да бидам, но како што гледам… Можеби Љубе направил некои грешки, но треба да се гледа малку пошироко и да запре конечно самоуништувачкиот синдром.gojko jakovlevski i dragan bogdanovski

ГО БРАНЕВ ТИТО ОД БУГАРСКИТЕ НАПАДИ ДЕКА ИМ СЕ ПРОДАЛ НА АМЕРИКАНЦИТЕ!

ФОКУС: Дали сте се залагале повеќе за промена на статусот отколку на системот во Македонија и дали сте барале редефинирање на границите?

ЈАКОВЛЕСКИ: Кога учев во Софија, го бранев Тито кога ми велеа дека Тито е предавник зашто се продал на Американците. Ние ги признававме придобивките како своја држава, црква, јазик, декларирањето како Македонци, но ја негиравме подредената улога на Македонија. Јас уште во Софија почнав да се разочарувам од комунизмот, додека во Југославија уште повеќе, откако видов дека челните луѓе ја користат идејата за лична употреба. Ние се боревме Македонија да добие статус на автономија во рамки на конфедеративна Југославија, со свои права и со сите атрибути на еден слободен народ.

БОГДАНОВСКИ БЕШЕ ПРОТИВ МПО, ЈАС НЕ

ФОКУС: Дали разидувањето на Богдановски и Георгиевски денес се користи во насока на ретуширање на вмровската партиска историја?

ЈАКОВЛЕСКИ: Првите проблеми меѓу Богдановски и Георгиевски почнаа при посетата на Канада во 1992 година, која ја организираше Богдановски со дијаспората во Торонто, кој е втор по големина град, каде што живеат Македонци, по Скопје. И, таму се одржа состанок, меѓутоа од САД дојдоа луѓе од МПО, тие, исто така, беа Македонци, но Македонци што сметаат дека се Бугари. Богдановски беше против МПО и постојано ги напаѓаше. Јас бев на мислење дека не треба да ги напаѓаме, туку ако може да ги искористиме бидејќи тие можеби мислеа нешто друго, но, сепак, се Македонци, плус претежно богати луѓе. Тогаш почна конфликтот меѓу нив, кој разочара многу наши иселеници во Канада.

АКО ТУРЦИТЕ ГО ПОМИЛУВАЛЕ БОМБАШОТ ШАТЕВ, ГРУЕВСКИ МОЖЕ ДА ГО ОСЛОБОДИ БОШКОСКИ!

ФОКУС: Посочувате дека е потребно да се спречи расцепот меѓу Македонците. Дали Македонците денес се поподелени од порано?

ЈАКОВЛЕСКИ: Денес Македонија е поразединета од кога било! Македонците секогаш биле поделени на просрпски, пробугарски, прогрчки и на пројугословенски, а сега уште на проантички и прословенски. Плус, има и етничка и верска поделба. Големите сили, со Рамковниот договор, нѐ ставија во една тешка положба, остварувајќи ги своите геостратешки цели.
Ние се жалиме на турското ропство. Павел Шатев, еден од гемиџиите, влегува со бомба во францускиот брод − бомбата експлодира, иако не прави голема штета. Турските власти го осудуваат на доживотен затвор, па го помилуваат. Тој пак се бори за Македонија, пак го затвораат, но и пак го помилуваат. Но, за време на Југославија, знаеме што доживеа Шатев − го направија дека е за Бугарија, замина в затвор…

(Интервју) Кире Наумов: Ставрески се крие зад сукњата на Јанкуловска

$
0
0

arhivaИнтервјуто е објавено во неделникот Фокус, бр.984 од 15 август 2014 година.

Економскиот аналитичар Кире Наумов веќе една година го предводи економскиот совет на СДСМ. Во интервју за „Фокус“ ги „сецира“ економските политики на владата на Груевски. Смета дека Македонија се наоѓа во своевидно должничко ропство, а „тројката најодговорни премиерот, министерот за финансии и гувернерот се однесуваат како ништо да не се случува“. „Цената ќе ја платиме сите“, вели Наумов, додавајќи дека „медиумската прашина на владините труби нема да може да ја одржува таа ситуација долго време“.

Разговарал: Младен ЧАДИКОВСКИ

Фокус: Минатиов период жестоко ја критикувавте владата на Груевски, во светло на новите задолжувања, особено издавањето на еврообврзницата. Сметате ли дека Македонија нема сили да го издржи овој тренд на пораст на јавниот долг?

Наумов: Едноставно, треба само да го погледнете трендот и без поголеми економски познавања да дојдете до овој заклучок. Пресметката е многу едноставна. Од 2008 година, па до денес, заклучно со задолжувањето со еврообврзницата, само долгот на централната влада пораснал за речиси 2 милијарди евра. Тоа е зголемување на долгот во апсолутна вредност од 135 отсто. За да биде појасно, владата континуирано создава нов долг од 363 милиони евра секоја година. Ако истото го анализираме и од релативен аспект, односно како што постојано владата форсира дека е важен процентот на долгот од БДП, во 2008 година, тој изнесувал 20 отсто, а денес е 40 отсто од БДП. Владата за овој период успеала да го удвои долгот како процент од БДП.

Фокус: Зборуваме за долгот на централната влада?

Наумов: Зборуваме само за долгот на централната влада. Од безбројните манипулации на оваа владејачка гарнитура, најголемата манипулација е необјавувањето на јавниот долг, кој во себе ги содржи и долговите на општините и јавните претпријатија, без долгот на НБРМ. Владата со години манипулира, фалсификува, лаже, со тоа што долгот на централната влада го споредува со јавните долгови на државите во Европа и папагалски повторува дека сме четврта најмалку задолжена земја.

Фокус: Сакате да кажете дека резултатите од задолжувањата не се видливи?

Наумов: Ефектите од ваквото задолжување се катастрофални. За овие 5 години Македонија бележи просечен годишен раст на БДП од 1,4 отсто. За да биде уште појасно, од 2008 година до денес, македонската економија кумулативно пораснала за 7,4 отсто, а долгот на централната влада изразен во евра пораснал во истиот период за 135 отсто. И еве ја на крајот најјасната и наједноставна математика за секој што нема потреба ништо да знае во економијата. Во 2008 година, номиналниот БДП, она што вкупно го произведува целата економија во Македонија, изнесувал 6,7 милијарди евра. Оваа 2014 година ќе ја завршиме со БДП од 8,1 милијарда евра како што и сега прогнозира Ставрески, независно што до крајот на годината како и во претходните тој ќе се обиде да манипулира и ќе ја надува оваа бројка. Тоа покажува дека за 6 години номинално БДП би пораснал за 1,4 милијарди евра. Значи во 2014 ќе произведуваме 1,4 милијарди евра повеќе отколку во 2008 година. Во истиот период, само долгот на централната влада пораснал за речиси 2 милијарди евра (во 2008 бил 1,4 милијарди, а во 2014 3,4 милијарди евра. Внимавајте, владината политика на задолжување не успеала барем долгот да го вгради во растот на македонската економија. Ова значи дека ние сме држава која се ограбува самата себеси.

Фокус: Но, од Владата не мислат така…

Наумов: Тоа не го мислат ниту Груевски, Ставрески и Богов, но тие тројцата се директни креатори на оваа политика на внесување на државата во должничко ропство и нормално дека ќе се трудат со сите средства понесувањето на одговорноста да го одложат за што подоцна. Тоа ќе значи само понатамошно тонење на државата на економски план и ѓаволски тешка работа за тие што ќе се нафатат еден ден ова да го исправат. Секако, најголемата цена ќе ја платат граѓаните, а, пред сѐ, помладите генерации.01 Kire NaumovСТАВРЕСКИ СЕ КРИЕ ЗАД СУКЊАТА НА ЈАНКУЛОСКА

Фокус: Според проценките на ММФ, Македонија сега е на ниво на долг од 44 отсто од БДП, вие пресметавте дека ако на тоа се додадат новите 500 милиони евра за обврзницата, долгот на земјата надминува 51 отсто. Дали е толку страшно јавниот долг да биде над 50 отсто ако знаеме дека помоќни држави од Македонија имаат повисок долг?

Наумов: Безброј пати сме ја објаснувале оваа манипулација, која континуирано е наметната од страна на власта, режимските медиуми и од економисти кои се делохранители на Груевски и на Ставрески. Како што велите и во прашањето, помоќните држави можат да си дозволат повисок долг, како што тоа можат да си го дозволат и моќните компании и секако моќните семејства и фамилии како приватен долг. Македонија не е ниту едно од ова погоре.

Фокус: Што велат светските искуства?

Наумов: Земји како Македонија банкротирале и со долгови од под 50 отсто од БДП. Но, најголемиот проблем е тоа што јавниот долг онака како што го пресметаа ММФ, опозицијата и некои други економисти власта не го признава. Ние сме единствената земја во Европа каде што извршната власт и гувернерот на НБРМ демантираат дека јавниот долг е 51 отсто од БДП, ама не ја кажуваат неговата вредност.

Ние сме единствената земја која глуми парламентарна демократија во која не постои никаква независна контрола на јавните финансии. Во Србија, на пример, постои Фискален совет, кој катадневно алармира дека е неодржлив јавен долг од над 45 отсто од БДП. Помалку или повеќе, под притисок на овој Совет, но и на целата јавност таму, се најавуваат болни реформи. Кај нас сега немаме ни парламент во кој може да се врши притисок на власта за ова прашање. Но, и да го имаме, искуството од декември 2012 ни покажува дека во Македонија, прашањата од сферата на јавните финансии ги решава министерката Јанкулоска со припадниците на МВР, додека министерот за финансии се крие зад нејзината сукња.

Фокус: Вие велите дека 51 отсто од БДП долг е висок долг?

Наумов: За земја како Македонија, во која растот на долгот се реализирал во непродуктивни проекти, не креирал економска база за иден раст кој би го враќал долгот и во кој не постои независна контрола на јавните финансии, а гувернерот на НБРМ е обичен владин службеник, јавниот долг од 51 отсто од БДП е енормно висок и нѐ вовлекува во должничка криза.

Фокус: Како ја толкувате прилично разумната висина на каматата за еврообврзницата, како умешност на преговарачите или со условите на светскиот пазар?

Наумов: Како и за многу други работи, ние најверојатно сме единствената држава во светот која мислеше да организира државна прослава затоа што сме се задолжиле за пола милијарда евра. Но, како и за сите други порази кои оваа власт виртуелно им ги прикажува на луѓето како победи, и сега таа бараше аплаузи на јавна сцена. На почетокот дури се обидоа преку режимските медиуми да продаваат манипулација дека постои тепачка за инвестирање во Македонија, а не дека се работи за класично задолжување. Сите што малку ги познаваат работите на меѓународните финансиски пазари, знаат дека тука не помагаат никакви способности за преговарање, туку само финансиски математики.

Условите на пазарот се такви и она што го крие власта со своите спинови и нѐ споредува со други земји, е фактот дека пред неколку месеци Грција, земјата што сѐ уште не е излезена од состојбата на контролиран банкрот, издаде еврообврзница со принос од 4,25 отсто слично како Македонија.02 Kire NaumovЕВРООБВРЗНИЦАТА ЌЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ГОДИНЕШНИОВ ДЕФИЦИТ

Фокус: Тоа не го менува фактот дека станува збор за историски најниска камата за еврообврзница…

Наумов: Во економијата постои основно правило дека доколку владата се задолжува по стапка повисока од стапката на растот на БДП, долгот на земјата ќе расте. Владата на Груевски го има направено рекордот во оваа диспропорција кога се задолжуваше и на меѓународниот и на домашниот пазар со каматна стапка од 10 отсто, а економијата имаше раст од минус 1 отсто. Она што и вие го викате разумна стапка, е стапка повисока од стапката на раст на БДП за 2014. Воедно, тука постои и манипулација со рокот на обврзницата. Оваа еврообврзница има рок од 7 години, за разлика од онаа во 2005 година, која имаше рок 10 години. Сигурно дека доколку рокот беше подолг, приносот и на оваа обврзница, како и каматната стапка немаше да бидат историски најниски.

Фокус: Зошто се брзаше со издавањето на еврообврзницата, мислите ли дека парите нема да одат само за раздолжувања?

Наумов: Најважната манипулација е моментот на издавањето на обврзницата. Тука е сосема јасно дека владата не може да го покрие буџетскиот дефицит за оваа година и под тој притисок ја издала еврообврзницата. Тоа може да нѐ чини неколку десетици милиони евра.

Фокус: Дали ваша идна влада не би имала проблем да се задолжува со овие каматни стапки?

Наумов: Сѐ ќе зависи од состојбите на финансиските пазари. Ќе зависи и од тоа какви ќе бидат реалните дубиози во јавните финансии што ќе ги остави оваа власт. Но, едно е сигурно. По оваа расипничка власт, секоја идна влада ќе мора да се задолжува по каматни стапки пониски од реалната стапка на раст на БДП што ќе ги остварува. Во секој друг случај таа ќе мора да бара начин за консолидирање на јавните финансии, што секогаш е болен процес.

Фокус: Во економската наука е познато оти задолжувањата и не се така лоша работа доколку парите паметно се користат, па по два мандати, еве, најавена е и изградба на автопати, може ли да се оспори задолжување за градба на инфраструктурни објекти?

Наумов: Како што велите, по два мандата или за да биде појасно, дури по осум години, владата решила да се занимава со градба на инфраструктура. Нашите критики нема да беа такви во овој период ако целиот овој раст на долгот одеше во економска база, патна или енергетска инфраструктура, која денес ќе резултираше во услови економијата да расте со стапка од околу 7-8 проценти. Кога велевме дека тоа се вистинските инвестиции, владата и режимските трабанти велеа дека во нивната програма се проекти од типот на „Скопје 2014“, дека овој народ нема потреба од автопати и дека е фашистички што ние правиме упад во волјата на народот што гласал за таа програма. Денес овие неколку милијарди долгови не може да ги врати ниту Воинот на коњ, ниту панорамските тркала, ниту целиот барок на овој свет.03 Kire Naumov„АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“  Е КАКО ЕСЕНСКА ОРАНИЦА

Фокус: Мислите ли дека намерно се одбра таква стратегија?

Наумов: Оваа власт, во текот на 8 години, избра да вложува во проекти кои се најпогодни за корупција и кои популистички се најпогодни за манипулација со гласачите. Оваа власт свесно знаеше дека ефектите од инвестирање во инфраструктура доаѓаат многу подоцна, а нив им беа потребни само победи на избори, кои се организираа секоја година. Најстрашното е тоа што денес имаме признание дека, не само што не се градела нова инфраструктура, туку не се одржувала и постоечката. Денес она што некој така гордо го нарекол автопат „Александар Велики“, изгледа како ораница во есен. Затоа, мислам дека оваа влада многу бргу ќе се откаже од најавените проекти, посебно доколку опозицијата и јавноста продолжат да ги откриваат криминалните појави, како случајот „Актор“, и набргу ќе се врати на популистичкиот тип на непродуктивно, кичерајско инвестирање на народните пари.

Фокус: Опозицијата во континуитет најавуваше банкрот на државата, односно неможност за сервисирање на тековните обврски за плати, пензии и слично, но до такво нешто очигледно не се доаѓа бргу. Дали ситуацијата, сепак, не е толку драматична?

Наумов: Дали е драматична, покажуваат сите владини мерки во периодот по изборите. Сите овие мерки покажуваат дека буџетот и фондот за ПИОМ и здравство имаат дефицити кои веќе не можат да се одржуваат. Притоа, имајте секогаш предвид дека и Грција до последен ден, кога на виделина излегоа финансиските дубиози кои значеа специфичен банкрот, редовно исплаќаше 14 плати и пензии годишно, вработуваше огромен број луѓе во администрацијата и имаше вонредно лесни услови за одење во пензија. И едно утро сите се разбудија во суровата реалност. Истото се случувало и во сите земји кои влегле во банкрот. До последен ден секогаш состојбата изгледа розово, затоа што сите влади кои ги внесувале своите земји во должничко ропство, како што е и нашава, знаеле дека мораат на секој први најпрво да го подмират социјалниот мир со плати и пензии и мирно да продолжат со своето расипништво.

Фокус: Но, власта доби верификација на своите политики на избори…

Наумов: Некои граѓани во некои држави тоа го насетувале и порано ја менувале власта, а некои спокојно го чекале денот на горката вистина. Останува да видиме дали кај нас мнозинството ќе сфати дека денес вршиме огромна генерациска неправда. Платите и пензиите што ги исплаќа оваа влада, не се резултат на економската активност, туку се пари што доаѓаат однадвор.

Фокус: Но, Македонија е мала економија, а пари на меѓународните пазари има многу, тоа би значело дека во една ваква ситуација земјата може да издржи на подолг рок?

Наумов: Пари имало секогаш на меѓународните пазари, ама истовремено секогаш имало и банкроти на државите. Дали Македонија ќе наоѓа уште подолг период пари од комерцијални кредитори на финансиските пазари? Одговорот е да. Таквите инвеститори живеат и заработуваат милијарди од „пациенти“ како Македонија. Погледнете ја само нивната бескрупулозност, не навлегувајќи дали е таа оправдана или не, но во секој случај е легална, во односот со Аргентина деновиве. Таквите никогаш не простуваат долгови и не ги интересира во каква беда ќе живее народот, кој треба да ги враќа. Така да бидете сигурни, Македонија, под различни услови, со оваа влада секогаш ќе наоѓа кредитори и може да го зголеми долгот и до 100 отсто од БДП.04 Kire NaumovРАБОТНИЦИТЕ НАЈМНОГУ ЌЕ СТРАДААТ ОД НОВИТЕ МЕРКИ

Фокус: Мислите ли дека стопанството може да ги издржи новите мерки за плаќање на придонесите за хонорарците, намалување на прагот за регистрирање на ДДВ обврзници?

Наумов: Многу тешко. Стопанството живурка и до сега. Прво, не знам за кое стопанство ние воопшто зборуваме. Денес во Македонија постои една фамилијарно-кумовско поврзана олигархија, која веќе поседува над 50 отсто од различните компании што вредат нешто и носат висок профит. До крајот на оваа власт, сигурно ќе стигнат до 100 отсто сопственост врз сѐ што вреди како економски капацитет. Остатокот се ситни бизниси кои живуркаат на работ на егзистенција и имаме само уште неколку компании произлезени од првичната приватизација, чии сопственици по долги перипетии, платен рекет или откажување од дел од бизнисот, се обидуваат да ја задржат економската супстанца на тоа што им останало.

Фокус: Добро, тука се странските инвестиции…

Наумов: Странските инвестиции се приказна за себе, која нема никакво влијание врз економскиот раст. Зборуваме за лон производство за кои власта субвенционира огромни суми пари и каде што лежи огромна корупција, која ќе се види тогаш кога во јавноста ќе излезе барем еден договор со кој било странски инвеститор, имајќи предвид дека сите досега се тајна.

Фокус: Имплицирате дека од мерките најмногу ќе настрадаат работниците?

Наумов: Ако се вратиме конкретно на првата мерка, укинувањето на плаќањето само на персонален данок од 10 отсто  за хонорарните договори и зголемување на давачките до 40 отсто е, всушност, почеток на напуштање на концептот на рамен данок. Но, тоа не е лошата страна на оваа мерка. Она што е загрижувачки е што ова укинување ќе го осетат по својот џеб граѓаните што имаат просечни или примања нешто над просекот во Македонија. Односно слојот на граѓани што треба да биде столб на секоја здрава економија. Сопствениците на фирмите и понатаму добивката од своите фирми ќе можат да ја извлекуваат со пониски давачки кон државата (буџетот) преку други форми, како на пример дивиденди и слично. Но, сите други, кои, покрај својот редовен работен однос, имале и дополнителни примања заради одредени свои знаења или вештини, ќе бидат на еден начин казнети со оваа мерка на владата на Груевски. Со оваа мерка де факто се зголемува процентот на данокот, но само за одреден број граѓани. Најбогатите повторно нема да почувствуваат никакви реперкусии по својот џеб.

Фокус: Сепак, тешко дека пред работниците може да се брани тезата дека за нив не е добро да се плаќаат полните придонеси?

Наумов: Не, тоа е повторно манипулација. Ако ова и сите претходни биле добри мерки во корист на фирмите и работниците, зошто се чекало 8 години. Бидете сигурни дека и компаниите и луѓето што прифатиле да имаат авторски договор, се нашле по некоја економска логика. Работодавците биле подготвени да платат само персонален данок, а работниците биле среќни со својот нето-приход. Кога ќе настапи оваа мерка, работодавците во најголем дел нема да прифатат зголемување на својот трошок на име на придонеси и ќе им понудат на работниците иста сума која во нето-износ ќе биде помала од претходно. Поголем дел од работниците нема да прифатат и економската активност ќе се намали, а оние што ќе прифатат, ќе имаат помалку средства за лична потрошувачка. Резултатот ќе биде само мало привидно намалување на регистрираните невработени и негативна контрибуција во економскиот раст.05 Kire NaumovНЕМА ВРАЌАЊЕ НА МАНДАТИТЕ ДО ДОГОВОР ЗА ТЕХНИЧКА ВЛАДА

Фокус: Ве има на прес-конференциите на СДСМ, од каде ги критикувате владините економски политики, но знаејќи ја медиумската слика се чини дека гласот на опозицијата сѐ потешко допира до народот, гледате ли стратегија во СДСМ за да се премости овој недостиг од комуникација меѓу Вас и граѓаните?

Наумов: Самата формулација на прашањето е доказ за искривената слика што власта, со парите на сите граѓани и фирми, преку медиумските мегафони секојдневно ја наметнува. Дека за сѐ е виновна опозицијата, првата теза, и дека опозицијата нема стратегија, втората теза. Состојбата во Македонија не смее да биде грижа само на опозицијата, туку на сите што се обидуваме да опстанеме во нашата татковина, а, за жал, сме сѐ помалку. Видете, во услови кога на безмалку сите медиуми имате избор или да го гледате премиерот и владините министри или, пак, турски серии, основното прашање не е дали опозицијата има стратегија. Да, опозицијата во овој период мора и може да се адаптира на стратегијата на неприфаќање на мандатите до исполнувањето на условот за формирање техничка влада, која ќе организира избори, користење на она што веќе се нарекува осма сила, односно интернет-новинарството и пренесување на своите активности директно меѓу граѓаните, па макар тоа некои го викале водење политика сред село, пред кооперација, во киносали или на отворена сцена каде било.06 Kire Naumov

БОГОВ БЕСРАМНО ЈА ЛАЖЕШЕ ЈАВНОСТА

Фокус: Гувернерот Богов, исто така, имплицираше дека Македонија, согласно сите показатели нема да има проблем со долгот?

Наумов: Гувернерот на НБРМ, кој со закон има загарантирана независност, станува обичен владин службеник. Ако сте забележале, во последниот период немаме ниту еден збор критика кон власта за буџетските дефицити во последниот период, иако истиот тој Богов порано и за помали нарушувања знаел да реагира.

Секако, врв на овој полтронски однос на гувернерот е неговото последно нарачано интервју на МТВ. Дента кога и ММФ и опозицијата излегоа со бројките дека јавниот долг е 51 отсто од БДП, владата го намести гувернерот пред јавноста да се обиде да го демантира тоа. Богов, не знаејќи како да ја демантира оваа бројка, искажа скандалозна лага на отворена сцена, велејќи дека во овој долг е и долгот на НБРМ. И ММФ во својот извештај, а и ние од СДСМ, на својот прес кажавме дека пресметките се без долгот на НБРМ. Богов тоа го знаеше и бесрамно лажеше за да одработи за владата. Знаете, во вистински демократии, тука новинарката немаше блажено да се смее, туку ќе го прашаше зошто лаже. Јавниот сервис не собра доблест да го објави и демантот од СДСМ во чиј прилог стоеше извештајот на ММФ, каде што јавниот долг е пресметан без долгот на НБРМ.

ВЛАДАТА Е РАЗУЗДАНО ДРУШТВО

Фокус: Дали идните генерации ќе ги издржат овие сегашни задолжувања?

Наумов: Во принцип се однесуваме како она разуздано друштво од познатата бесплатна кафеана. Неколку безработници шетајќи налетале на една кафеана во која пишувало дека сѐ е бесплатно. Јадете и пијте колку сакате, а за вас ќе платат некогаш кога тука ќе дојдат вашите деца. Друштвото седнало и удрило на јадење и пиење цели три дена и три ноќи. Кога решиле да си одат, газдата донел огромна сметка и барал да му се плати. Веселото друштво кажало дека не мислат да плаќаат затоа што тоа некогаш ќе го сторат нивните деца, како што стоело на натписот на меаната. На тоа газдата одговорил дека ова и не е нивната сметка, туку е тоа сметката на нивните татковци, кои пред многу години пиеле и јаделе во истата кафеана.

Кафето за Јанкулоска беше поважно од отчетот за апсењето на Љубе Бошкоски!

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на 11-ти ноември 2011-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 854

Додека Тито Петковски се чудеше, зошто информацијата за следењето на Љубе Бошкоски е строго доверливa и на седницата ја нема ниту Јанкуловска, ниту претставник на МВР, министерката за внатрешни пиеше кафе во кафе барот „Ди Рома“, во друштво со министерот за финансии Зоран Ставревски. Собраниската комисија, незадоволна од одговорот на полицијата, ќе оди лично во МВР, да се увери од кога бил следен лидерот на Обединети за Македонија и по чиј налог. По реакциите во јавноста, безбедносни сертификати добија и пратениците од ДУИ и ДПА, кои немаа таква тапија за претходната седница!

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Кој кого контролира или кој кого избира и назначува на политичката сцена во Македонија? Дали парламентот и пратениците ги избираат министрите, или обратно, министрите кажуваат кој, што и како ќе работи во Парламентот? Последниот случај со работата на комисијата за контрола и надзор на комуникациите во МВР и на Министерството за одбрана, покажуваат дека извршната власт и тоа како е доминантна над законодавците. I тоа до степен максимално да ги игнорира, или да се потсмева на нивните барања и комуникацијата да ја направи како квиз, во кој нема одговори, ама има контра прашања.

Собраниската комисија за надзор на следењето на комуникациите, незадоволна од одговорот што го добила од полицијата за следењето на комуникациите на Љубе Бошкоски во текот на изборната кампања, до неговото апсење на 6 јуни, ќе оди лично во МВР, за да ги види документите и така да се увери дали следењето е покриено со налог, кој ги издал налозите или наредбите и од кој датум се. На овој чекор се решија пратениците, откако МВР не само што не одговорило на нивните прашања, туку поставувало и контра прашања, а целата преписка ја класифицирало како „строго доверливо“!

РААТ КАФЕ, НАМЕСТО ОТЧЕТ ПРЕД ПРАТЕНИЦИ

- После ургенција и по скоро 40 дена доцнење, министерката за внатрешни работи одговара дека МВР не следело посебни комуникации кон Љубе Бошкоски преку мобилната телефонија, фиксната и сателитската телефонска мрежа, а во врска со барањето кога се наредени посебните истражни мерки, го наведува бројот на наредбите, но не и датумот кога се наредени – вели Тито Петковски, претседателот на комисијата.

Работната група, која треба да отиде во МВР, треба да добие детален увид дали тој бил непосредно следен или во електронска комуникација и по ова да направи извештај. Двајца членови на работната група треба да бидат од редот на опозицијата, а по еден од парламентарното мнозинство. Кој ќе биде персоналниот состав, ќе се договара деновиве.

Но, пратениците и така штурата информација на МВР мораа да ја разгледуваат сами и зад затворени врати. На овој чекор беа принудени, оти МВР писмениот одговор на нивните прашања го класифицирало како „строго доверливо“.

- Зошто е така класифицирана информацијата, навистина не знам. Затоа јас

барам да дојде лично министерката Гордана Јанкуловска, за да ни ја објасни класификацијата на информацијата за користење на посебните истражни мерки. Еден ден претходно ја поканивме, повторно преку нејзиниот шеф на кабинет, но немаме одговор зошто пред Комисијата не се појави Јанкуловска, ниту некого испрати од МВР – рече Петковски пред пратениците.

Тој им се извини на новинарите што ќе мора да ја напуштат салата, бидејќи законот го обврзува да продолжат да работат без нив, поради карактерот на информацијата. Но, додека пратениците останаа во Собранието да разгледуваат што им одговорило МВР на нивните прашања за следењето на Љубе Бошковски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска беше на кафе, во кафе барот „Ди Рома“ на улица Македонија, стотина метри подалеку од Собранието. Во кафе пиењето, друштво ѝ правеа министерот за финансии Зоран Ставревски и уште едно лице, кое не успеавме да го идентификуваме. Во кафе барот, околу 10 часот и 20 минути, прв пристигна министерот за финансии Ставревски, за неколку минути дојде уште едно лице, и околу 10.30 часот им се придружи Гордана Јанкуловска, токму во времето во кое пратениците расправаа за информацијата.

СТАВРЕВСКИ ЏЕНТЛМЕН – ПЛАЌА КАФЕ И ПО КАФУЛИЊА

Седеа до 11 часот и 30 минути. Пред заминување, сметката ја плати министерот за финансии Зоран Ставревски. Според она што го улови будното око на репортерот на Фокус, тој извади 1.000 денари од џеб, и го испрати обезбедувањето да ги плати кафето и другите пијалаци. Ако се суди по опуштениот кафе-муабет, иако разговараа и за одобрениот заем од германските банки и други потребни финансии, министрите беа седнати на релаксирачко кафе по седницата на Владата, која се одржала претходно. И воопшто не изгледаа загрижено што претходно презеле обврски, или некој ги викал да дадат отчет за нивната работа. Како во случајов, Јанкуловска, да објасни кој кога ги дал усните, а подоцна и писмените наредби за следење на Љубе Бошкоски и дали биле следени само неговите комуникации или и на секој политичар, со кого комуницирал лидерот на ОМ во тие денови, вклучувајќи го тука и заштитениот сведок, на кого Бошковски му се жали дека „ќе го уништат луѓето од власта, а не е способен сам да се одбрани“!

Фотографијата снимена од фоторепортерот на Фокус, во исто време додека работеше Комисијата за контрола на следење на комуникациите, покажува колку министерката е „загрижена“ што не дала отчет пред пратениците или што тие незадоволни од одговорот ќе одат да проверуваат сами, што докази има за случајот „Кампања“. Ова уште повеќе се покажува и со односот на Дирекцијата која ги издава безбедносните сертификати кон пратениците, бидејќи во отворениот дел на комисијата за следење на комуникациите, претседателот Петковски рече дека сега сите пратеници веќе имаат добиено безбедносни сертификати и може непречено да ги разгледуваат материјалите како овој за Бошкоски, кој е „строго доверлив“. Пратениците ги добиле сертификатите два дена откако беше одржана првата седница на комисијата, на која јавно беше кажано дека оваа комисија не може да работи, бидејќи пратениците од ДУИ и ДПА немале добиено сертификати.

- Значи, немало проблем со сертификатите штом ги добивме, не знам зошто претходно толку се чекаше – вели Тито Петковски.

Собраниската комисија бараше од МВР да одговори на прашањата: во кој период бил следен и прислушуван Љубе Бошкоски, дали следењето и прислушувањето продолжило и за време на предизборната кампања, дали МВР располага со налог од надлежен судски орган за примена на посебните истражни мерки и, ако има, од кој датум е тој?

МВР го уапси Бошкоски на 6 јуни, ден по одржување на изборите и го обвини за нелегално финансирање на изборната кампања. Во тек е судскиот процес, каде што како сведок беше предложено лице со заштитен идентитет, странски државјанин, кој дури нема да се појави да сведочи, туку ќе биде прочитан само неговиот исказ што го дал во истрага. За делата за кои е обвинет, на Бошкоски му се заканува казна затвор во траење од осум години!

Тајна фабрика за рачна изработка на пасоши! Дали биле користени за избори?

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 28-ми ноември 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 999

Анонимен граѓанин до „Фокус“ достави ексклузивен видеоматеријал од 45 секунди, за кој се верува дека е снимен пред локалните избори во 2013 година, и 14 фотографии од кои се гледа дека во приватен стан или куќа, рачно се изработувале пасоши! Во просторијата – мануфактура може да се видат неколку картонски кутии, во кои се наредени стотици патни исправи, кутии за отпадоци, две машини за сечење и лепење на хартијата, маса на која стои печат, маса со компјутер, женско лице кое седи на подот боса, а во фонот се слуша машки глас, кој зборува на телефон и им издава наредби на теренците да продолжат според договорениот план! Иако според видеото и фотографиите не можеме директно да посочиме кој стои зад операцијата, јасно е дека обвинителството дефинитивно треба да отвори истрага за двата исчезнати АФИС-системи за изработка на лични карти и пасоши за кои „Фокус“ веќе пишуваше.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, во колумната од минатиот број на „Фокус“, посветена на Македонците муслимани и дилемата дали тие се природна или вештачка нација создадена од власта, во еден дел отворено напиша – „Мисионери на ВМРО-ДПМНЕ ги посетуваат домовите на торбешите и им нудат вработување во администрацијата само за да го променат идентитетот. Во Министерството за финансии функционира штаб на партијата, кој се занимава со зголемување на заедницата на Македонците муслимани. Зошто? Со цел да се придобие оваа заедница за гласови“. Така се отвори сомнежот каков е тој издвоен партиски штаб во државен орган, кој, наместо државна, остварува партиска политика со купување гласачи.

Дали само присилувањето да се смени идентитетот со ветено работно место е мерката за множење гласови за избори или постојат и поинакви можности? На пример, дали со издавање пасоши на цели групи не се постигнува истата цел? Не се формираат ли и така групи гласачи за изборни потреби и победи!? Сомнеж дека ваквиот начин може да се користи за штанцање пасоши и лични карти, а со тоа и гласачи, отвори исчезнувањето на двата система за отпечатоци за изработка на лични карти и пасоши, наречени АФИС, кои не е познато каде завршиле или, пак, надлежните не сакаат да откријат.

„Фокус“ ја објави целата документација, која е во Јавното обвинителство и која потврдува дека Министерството за образование платило три системи, еден за научни цели на Факултетот за безбедност и два за Македонската радио-телевизија. Иако за скапата опрема се користеле пари од ресорот образование, сепак, со незаконити одлуки на владата, еден од АФИС-ите завршил во Министерството за внатрешни работи, додека на другите два, наменети за МРТВ, им исчезнува секаква трага. Ќе изминат две години откако Јавното обвинителство очекува МВР да се смилува и да обезбеди докази дали и како вработени во полицијата биле вклучени во процесот на набавка и трансфер на опремата.

Но, она што изненадува е зошто МВР самото не истражи како е можно да снема два огромни апарати, каде исчезнале или каде се сместени и дали се користат за издавање пасоши и лични карти? Откако „Фокус“ објави сторија за сомнежите дека не е исклучена можноста, некаде во приватни простории, АФИС-ите да се ставени во употреба, неколкумина граѓани се јавија да изнесат свои информации и сознанија за случајот. Сепак, освен зборови, немаа конкретни докази што се случило со опремата.

Но, минатата недела, анонимен граѓанин до „Фокус“ достави видеоснимка и фотографии. Претпоставка е дека се направени пред локалните избори 2013 година, а на кои се гледа како во една соба, очигледно во приватен стан или куќа, се произведуваат пасоши.

Материјалот остава впечаток дека навистина некаде, на приватен имот, се изработуваат пасоши! За какви цели, не можеме да тврдиме но може да се претпоставува. Секако, видеоснимката е вредна да послужи за истрага на јавните обвинители или како надополнување на постапката, која трага по опремата за АФИС-ите, со месеци.

СНИМКАТА ФОКУСИРАНА ВО ПАСОШИТЕ НИЗ СОБАТА

Анонимниот доставувач, во страв за својата сигурност, не открил повеќе детали за изработените пасоши, и клучното – не одговорил на прашањето дали се користеле двата исчезнати система за биометриски документи кога се штанцале пасошите. Непознато е зошто не ги искористил институциите да ги извести за материјалот, за кој е очевидно дека самиот го снимил, но претпоставка е дека не им верувал оти ќе ја истераат потрагата докрај и ќе утврдат кој е одговорен за нелегалната акција.

Во отсуство на одредени клучни сознанија за да се посочи виновник за производството патни исправи, „Фокус“ ја пренесува содржината на видеото и на фотографиите. Преку нив се добива впечаток дека се произведувале пасоши надвор од МВР!

Направивме проверка на видеоматеријалот составен од снимка од 45 секунди и 14 фотографии. Ако внимателно го погледнете видеото, објавено на интернет-порталот на неделникот „Фокус“, се забележуваат некои интересни моменти, кои секако се причина Јавното обвинителство да не замижува, туку да отвори истрага и да провери каде е просторијата во која се изработуваат пасошите, која и колкава е групата што ја организирала акцијата, со каква цел се правело тоа, дали и колку пасоши се издадени на ваков сомнителен начин, за кого биле наменети и каде завршиле, дали сопствениците потоа ги користеле за гласање на избори!?

Граѓанинот, чиј е материјалот, со објавата на снимките, всушност открива дека и самиот учествувал во групата задолжена за изработка на пасошите! Со оглед дека се исплашил да открие повеќе детали за просторијата и за инволвираните лица во незаконскиот процес, нам ни останува да направиме текстуална анализа на материјалот и да поставиме некои логични дилеми и прашања.

Според снимениот материјал, сигурно е дека работилницата за „црните пасоши“ е сместена во приватен стан или куќа. На подот има тепих, а врз него се наредени неколку картонски кутии, во кои педантно се наредени стотици патни исправи. Во други кутии, пак, се фрлале отпадоците. На подот се забележуваат остатоци од хартијата која вработените во мануфактурата ја сечеле за да ги подготват внатрешните страници на пасошите. Може да се забележат две машини за сечење и за лепење, со кои, може да се претпостави, дека ги обработувале страниците.

На една од масите има десетина пасоши од кои само едниот е отворен, и тоа во делот каде што се наоѓа адресата на корисникот и каде што по правило стои печатот на МВР, што значи дека не може да се видат личните податоци на кого гласи пасошот. На истата маса, загрижува и зачудува, стои и печат со перниче во мастило!? Како таквиот печат завршил во приватен дом!? Чиј е? Дали го има отисокот на МВР? Ако да, дали е тоа оригинален печат или, пак, фалсификуван и користен само за специјални намени!? На друга маса, во истата просторија лежи друг пасош. Тој изгледа како да е целосно завршен и подготвен за употреба. На него е поставена и биометриската страница со личните податоци на корисникот, но со оглед на послабиот квалитет на камерата од мобилниот телефон, не може јасно да се прочита името на носителот, иако се гледа фотографијата на лицето за кого е наменет пасошот.

Од свртувањата и движењата на човекот што го снима видеото, очигледно е дека тој се крие за да не го забележат другите присутни во просторијата. Впечаток е дека тој снима тајно и ги користи моментите кога бил сигурен дека никој нема да го забележи, ниту да се посомнева дека ја вклучил камерата на мобилниот телефон. Во собата има и трета маса на која е поставен компјутер. Во моментот на снимањето, на мониторот јасно се гледа страница од пасош, онаа со личните податоци. На неа има возрасна жена со шамија преку главата, а од податоците, барем од тоа што е можно да се прочита, се дознава дека таа е родена во Битола, а живее и користи пасош на Република Турција. Дали ова значи дека со тајната операција се произведувале македонски патни исправи на име на државјани на други држави кои се родени во Македонија? Иако неколкупати „тајниот снимател“ се обидува да зумира во фотографиите и во личните податоци во пасошите, сепак, неговата попреченост за нормално снимање не му дозволува јасен кадар, па затоа сликата станува поматна со секој нареден зум.

Она што е интересно за анализа е машкиот глас што се слуша во заднината на видеото. Јасно е дека станува збор за повозрасен човек, кој според содржината на разговорот и тоналитетот, зборува преку телефон. Секако, може само да се претпоставува со кого разговара, затоа што се слуша исклучиво едниот глас, на човекот кој е во „работилницата за пасоши“. Со енергичен глас и со зборови кои звучат како наредба, тој им дава упатства на теренците да не се откажуваат од намерата и да продолжат со договорениот план. Нејасно е за каков план станува збор и каде „шефот“ ги испратил теренците.

Во првиот дел од разговорот, гласот од видеото говори „А бе, кој ќе се расправа сега, мајката нивна комунистичка. А бе, слушај, батали ги таму, што ги онадиш. Дајте, ајде соберете се, ајде ти, ти, тоа, тоа, ајде работи. Дотерувај ги работите, нека одат работите таму, што е тоа?“ По кратка пауза во траење од една секунда, во која најверојатно соговорникот од другата страна на телефонската линија нешто изустува, продолжува да зборува човекот од „пасошко“.„Ма не ги шајкали ич, ајде терај, знаеш што треба да работиш. Ајде вози.“ – завршува категорично неформалниот „издавач“ на пасоши. Тешко ќе биде за обвинителството да утврди чиј е гласот, уште потешко со кого зборувал и каков „заговор“ подготвувале.

ФОТОГРАФИИТЕ ОТКРИВААТ АМАТЕРСКА ИЗРАБОТКА,  А ЗА БИОМЕТРИЈАТА?

Тоа што не може да се види на снимката, се гледа на фотографиите. Но, и тие не покажуваат јасно чии имиња се на патните исправи, освен што се забележуваат фотографиите на корисниците на пасошите. Врз една фотографија, на една масичка, стои придружната опрема – скалпел, ножици и шрафцигер. Понатаму, на друга фотографија се гледаат цели табаци изгравирана хартија поставени врз некаква машина на која се сечат внатрешните страници за пасошите. Подредени по број, страниците се ределе на тепихот за да им се стави црвената корица. Од ова може да се заклучи дека биометрискиот дел, тврдата пластика, што е главна страница на секој пасош, се додавала на крај.

На фотографиите има пасоши на кои сѐ уште не е поставена биометриската страница, но има и такви што се целосно завршени. На една фотографија има бел лист хартија на кој се испробувал печатот, кој завршил во секој пасош. На истата слика има и три отворени пасоши, кои се во завршна фаза на изработка. Луѓето кои посветено штанцаат најчесто седеле на подот, но нејасно ни остана зошто сите се боси. Барем тие што се гледаат, немаат обувки, а ваква практика сигурно немаат вработените во МВР. Инаку, собата што служела за „множење“ патни исправи некој ја користел како теретана. Јасно се гледа машина за вежбање, како и мали тегови на подот.

Познавачите на компјутерската техника што ги консултиравме тврдат дека „производителите“ ја користеле програмата за графичка обработка „Корел“. Шаблоните од кои ги сечеле страниците и крпењето на пасошите покажуваат дека е користена широко распространета програма, а не специфична, професионална програма, како таа на МВР. Но, непознато остана како се правела главната страница на пасошот со фотографиите и со личните податоци. Таа е од поинаков материјал, кој не може да се обработи на обичен компјутер. Немаме одговор дали во истиот простор има други, поинакви машини кои тоа би го извеле или, пак, на „тајните производители“ од некаде им биле доставувани само биометриските страници, а тие само ги вметнувале во пасошите.

Снимката и фотографиите не можат да откријат колку овие патни исправи наликуваат на оригиналните, иако ги имаат сите составни делови и на надворешната, и на внатрешната страница, а се знае дека се македонски. Но, дали, доколку намената била да се користат за избори, е неопходно тие да се 100 проценти идентични со оригиналите?! Може да е опасно да се патува со таков пасош преку граница, но член на избирачки одбор сигурно нема да препознае дека патната исправа е рачна, од домашна изработка! Исто така, дилема е дали фотографиите на сопствениците на пасошите одговараат на  нивните лични податоци? Односно, нејасно е дали станува збор за истите лица. Што ако фотографија од познат партиски член се вметнува во пасош со лични податоци на некој одамна иселен државјанин на Македонија, кој никогаш нема да се појави да гласа?! И, секако, прашањето на кое ќе го одговори Јавното обвинителство, ако МВР му помогне во истрагата – дали на исчезнатите АФИС-и им врти бројчаникот?

Понатаму, мора да се провери и тоа дали овие пасоши им се издавале на граѓани кои поседуваат македонско државјанство, како предуслов за поседување пасош? Ако не е така, дали станува збор за уште еден фалсификат?! Какви сериски броеви се ставале на пасошите, дали официјални или, пак, измислени, само со цел да се искористат за гласање? Многу прашања поставуваат видеото и фотките на анонимниот извор, а малку одговори имаат надлежните, уште повеќе ако се знае дека МВР мора да го преиспита однесувањето на своите вработени при манипулацијата со опремата за биометриски документи, а сега да открие и кој рачно изработувал пасоши.

ЗА КОГО СЕ ПАСОШИТЕ?

Ако се вратиме во минатото, бројот на пасоши беше енормно зголемен кога пред повеќе од десетина години, владата на ВМРО-ДПМНЕ овозможи македонско државјанство и пасош да добијат сите што имаат потекло од Македонија, особено Македонците од Албанија, Грција, Бугарија, Косово (Гора), Србија… Претпоставките се дека на тој начин се изработени дополнителни десетици илјади пасоши. Тогаш имаше навалица од Македонците од Косово и од Албанија. Тие две групи граѓани се дежурни виновници кога се споменуваат лажни пасоши, двојни лични карти, изборни процеси.

Не се исклучува можноста дека може да се печатат пасоши во домашни услови за оние лица кои немаат пасоши, а имаат македонско државјанство. Тоа се десетици илјади граѓани кои со години живеат во странство и поседуваат друг пасош, а никогаш не извадиле македонски патни исправи. Нивното отсуство од државата може лесно да се искористи за поинакви цели. Тие никогаш не пројавиле интерес за патна исправа, уште помалку желба да допатуваат во Македонија за да гласаат на избори. Така е отворен патот да се изработи пасош на нивно име, но со друга фотографија, секако за еднократна употреба или за повеќекратна, но исклучиво за избори. Пасошот не завршува кај нив, туку кај „верниот гласач“, кој се упатува на избирачкото место каде што името на „странецот“ е заведено во списокот за гласање.

Но, не можеме да потврдиме дали во собата за која пишуваме се правеле и такви пасоши. Споменавме дека на една од фотографиите кои ги поседуваме има пасош на една Турчинка. Истражувањата ни потврдија дека имало околу 500 Турци кои имаат пасоши, но не успеавме да дознаеме, со оглед дека е тешко да се обезбеди податок, колкумина од нив имаат адреси во Македонија, што е, пак, предуслов да се гласа на избори. На овој пасош, кој е инаку турски, а не македонски, може да се прочита само местото на раѓање на сопственичката – Битола. Што бара овој турски пасош во компјутерот на „рачната работилница“ на македонски пасоши, не можеме да знаеме. Во обид да ги провериме гласините дека вакви пасоши, изработени нелегално, завршувале кај Македонците на Косово, зборувавме со претседателот на нивната организација, Исмаил Бојда.

Тој тврди дека во моментов знае за 12 илјади пасоши што ги поседуваат Македонците, но не знае колкумина од нив имаат пријавено некаква адреса за да можат да гласаат.

„Во целиот овој процес со пасоши и избори, секако дека влијание има владејачката коалиција, но од она што јас го знам, мислам дека повеќе можеме да зборуваме за претпоставки, отколку за конкретни активности. Јас сметам дека никој не смее да манипулира во однос на изборите. Тоа се само игри кои имаат негативни последици“ - ни рече Бојда, без да дополнува и да дообјасни какво влијание има владејачката коалиција.

Подложни на манипулации во изборните процеси многупати беа жителите на албански Пустец. Им се даваа лични карти со адреси кои не знаат ниту да ги изговорат, а организирано се превезуваа на гласање затоа што немаа поим каде им се избирачките места. Тоа беше особено изразено на локалните избори 2013 година во Општина Центар, изборите за кои се тврди дека се подготвувале „рачните“ пасоши, а секако и да прашаме зошто истите пасоши и тактика не би се користеле и на изборите потоа, во 2014 година?

Политичкиот лидер на Македонците во Пустец, Едмонд Темелко, за „Фокус“ тврди дека нема точна евиденција колкумина имаат државјанства, колкумина извадено пасоши, а колкумина пријавено адреси за да гласаат. „Мислам дека во 21 век е нелогично да ме прашате дали некој од моите сограѓани има пасош што не го заслужува или, пак, има заведено лажна адреса само за да гласа. Мислам дека без лична апликација, без сликање во МВР и без исполнување на условите за патна исправа, ниту еден граѓанин не може да поседува пасош. Знам само дека некои сезонски работници кои одат во Македонија пријавуваат живеалишта, па така добиваат лични карти. Но, кој од нив оди, а кој не оди на избори, не знам. Немам информации дека групно се прават пасоши и се делат на гласачите“ - вели Темелко.

Иако според видеото и фотографиите не можеме директно да посочиме кој стои зад операцијата, сепак е јасно дека обвинителството има што да проверува. Дали ќе успее да ги улови неовластените издавачи на пасоши е неизвесно, особено ако се знае дека обвинителството ги има сите докази за исчезнатите АФИС системи, а не покренува обвинителен акт за вмешаните актери за кои пишувавме. Меѓу нив има и професори и министри. Не се спорни нивните пасоши, туку нивните постапки.

МВР го повика „Фокус“ да достави докази

Согласно сознанијата и снимките што ги имавме, „Фокус“ официјално се обрати до МВР, до помошникот министер за односи со јавност Иво Котевски, со намера да дознаеме дали и полицијата има некакви сознанија и можеби води истрага за тајна изработка на пасоши на некоја локација во Македонија. Одговорите и прашањата Ви ги презентираме во целост.

ФОКУС: Дали МВР презеде мерки за двата АФИС система кои се исчезнати, а за кои има кривична пријава во Јавното обвинителство, кое пак како носител на истрагата чека МВР да преземе мерки и да му одговори?

Котевски: До Министерството за внатрешни работи нема пријава од страна на ниту едно оштетено физичко или правно лице дека му биле украдени или дека му исчезнале два AFIS системи. Министерството постапувало и продолжува да постапува по сите барања на Јавното Обвинителство и за сите преземени мерки навремено го известува.

ФОКУС: Дали сознанијата пласирани во „Фокус“ не се доволен поттик за МВР да истражи дали во некои куќи и станови е можно да се изработуваат пасоши и дали вработени во МВР помагаат при изработката?

Котевски: Од страна на „Фокус“ до Министерството за внатрешни работи не е поднесена пријава, ниту пак се приложени какви било сомненија дека во некои приватни куќи или станови се изработувале патни исправи или дека некои полициски службеници помагале при изработката на овие патни исправи. Станува збор за кривично дело и апелираме доколку „Фокус“ има каква било релевантна информација или сознание за постоењето на такви станови или инволвираноста на одредени лица, да ги сподели со органите на прогонот. МВР останува на располагање на „Фокус“ во секое време. Издржаноста, односно вистинитоста или невистинитоста на „сознанијата“ и на „Фокус“ не би сакале да ја коментираме, бидејќи за тоа ценат читателите и граѓаните.

ФОКУС: Што друго е неопходно да се случи за МВР да започне истрага во ситуација кога постојат документирани докази дека се набавени два система, а ги нема во официјалните институции?

Котевски: Во однос на отпочнувањето на истрага, би ве упатиле на новиот Закон за кривична постапка. Доколку има какви било нејаснотии околу законските одредби, ви стоиме на располагање за дополнителни образложенија во рамки на ингеренциите на министерството.

ФОКУС: Дали до сега во МВР е пријавен случај дека некој некаде изработува патни исправи?

Котевски: Не.

ФОКУС: Зошто обвинителката се пожалила на подносителите на пријавата дека не добива одговори од МВР, иако има издадено наредби да се провери улогата на вработени во набавката на Афисите?

Котевски:  До МВР досега нема упатено никаква жалба на досегашната соработка со Јавното Обвинителство. Напротив, Републичкиот Јавен Обвинител секогаш истакнувал дека соработката на министерството со обвинителството е на исклучително високо ниво и дека истата во континуитет се унапредува. Истиот заклучок е нотиран и во голем број на различни извештаи. Дали навистина постојат некакви жалби не би можеле да коментираме, но остануваме отворени за натамошно унапредување и продлабочување на соработката.

Зарем партија што троши милиони евра во изборна кампања, ќе се стресе од глоба од 1.000 евра за министер?

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на 19-ти октомври 2012-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 903

Дипломатскиот јазик со кој се пишуваат извештаите на меѓународните организации кои по разни основи нѐ оценуваат, отсекогаш биле добредојдени за секој да си ги толкува како што сака. Сепак, кај ваквите писанија главниот уметнички впечаток го дава генералната оценка, која горе долу е куса, но и јасна барем меѓу редови. Она што внесува малку повеќе смут се деталите кои што, откако ќе ги исчитате, ќе ве доведат во ситуација да се исчудувате како при сериозни забелешки, општата слика за едикоја си тема или настан добила толку светли начелни тонови!

Повод за ваквите размисли ми е конечниот извештај на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за ланските предвремените парламентарни избори. Нивните препораки се основата од која се инспирирани измените во изборната регулатива за која сега се дебатира во парламентот, но, истовремено, тие беа и главниот меѓународен адут на власта за добро спроведени избори. Она што и опозицијата сега го поставува како ултимативен  услов за избори е корекциите во изборната регулатива да бидат „согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР“. Но, овде и законите и Уставот драстично различно се толкуваат, а не пак препораки биле тие и од ОБСЕ/ОДИХР. Оти на нив и Министерството за правда се повикува, ама опозицијата воопшто така не ги доживува!

„АСПЕКТИ ШТО ЗАСЛУЖУВААТ ВНИМАНИЕ“

Токму собраниската расправа за измените во изборниот законик, а под параванот „препораките на ОБСЕ/ОДИХР“,  беше повод малку подетално да ѕирнеме во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР што ги бојадиса ланските избори во позитивно светло. Особено што временската дистанца, ослободена од сета еуфорија а и хистерија што владееше во постизборието, придонесува опсервациите во овој извештај да добијат поинаква смисла. Да, во тие моменти беше клучно што ОБСЕ/ОДИХР ги претвори изборите во голем плус за Владата на Груевски и Ахмети. Тоа потоа го презеде и Европската комисија во својот Извештај.

И да почнеме од начелната оценка што Набљудувачката мисија на изборите ( НМИ) прецизно ја срочи. А во неа, внимавајте, нема да ги најдете зборовите фер и демократски. „Предвремените парламентарни избори беа натпреварувачки, транспарентни и добро спроведени во целата земја, иако одредени аспекти заслужуваат внимание“. И, навистина ќе мора да се согласиме со ваквите оценки. Да, се натпреваруваа партиите, арно ама некои ја имаа државата зад себе. Транспарентни, пак, за прв пат беа и разни врсти суптилни злоупотреби, а владејачките партии добро ги спроведоа во сопствена полза. А ако посветите внимание на одредени аспекти, изборите тешко ќе ги доживеете како „подобро спроведени“.

Патем, за споредба, нивниот извештај за претседателските и локалните избори од 2009 година содржеше оценка дека „беа во согласност со најголем дел од заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори“, иако забележаа и тогаш проблеми, од типот на „широко распространети обвинувања дека гласачите биле заплашувани“. Значи тогаш ОБСЕ/ОДИХР ги оцени во „најголем дел“ како демократски, или зборот демократски постоеше, а лани биле „транспарентни и добро спроведени“. Ферски е што не ги оквалификуваа како фер, но неферски е што владејачкиот двоец Груевски- Ахмети летна до небо од „визата“ што ја доби. Оти од 1991 година до денес, ова беа само најмирни избори – немаше тепачки и убиства, кршење на кутии и слични физички насилства. Ама на секој друг план бевме сведоци на суптилен и подземен организиран изборен инженеринг, кој, прашање е за нагаѓање -колку ја измени изборната карта според резултатите!

Всушност, кога ќе се задржите на сите евидентирани забелешки во Извештајот за „транспарентните“ избори, поточно за конкретните „аспекти што заслужуваат внимание“, а се содржани во, на моменти барем контрадикторните оценки на ОБСЕ/ОДИХР, тогаш ќе сфатите колку проблематични избори сме имале. Прашање е тогаш, пак, зошто при солидно завршена мисија, при толку евидентирани злоупотреби на партиите од власта или сериозни сомнежи за тоа, ОБСЕ/ОДИХР мораа генерално да им напишат добро поведение на Груевски и Ахмети?

ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ПОРАКИ НА ВМРОВСКИОТ ФУНКЦИОНЕР СТИГНАЛЕ И ДО ОБСЕ

Една од забелешките кои се од типот „лубендиња“ е токму за измените на Изборниот законик што лани на ура беа стокмени. Како втора сериозна мана, пак, е заведен проблематичниот избирачки список. За овие два „аспекта што заслужуваат внимание“, законот и списокот, се осврнувам во посебните рамки од текстов. Едноставно, само за да минеме на еден ептен важен аспект за едни избори да бидат фер и демократски. Тоа е нашата стара болка, кога не знаете каде завршува партијата а почнува државата, односно навиката во ова време проширена и надградена со над 100 чекори- партијата на власт да ги третира државните ресурси, како селска прчија. А на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ѝ биле познати шемите со уцени и заплашувања на државни службеници од владејачката партија.

„Според овие обвинувања, вработени во државни и јавни институции биле заплашувани и им биле упатувани закани дека ќе ги изгубат работните места ако не ги исполнат таквите барања. Други обвинувања пак, вклучија закани упатени кон граѓани, кои, ако не ја дале својата поддршка за одредени партии или кандидати, ќе го загубеле правото на пензија. Најголем дел од ваквите обвинувања беа поврзани со дејства на службени лица на државата и активисти кои и припаѓаат на главната владејачка партија“, пишува во Извештајот на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР, од кој, ете, дознавме дека и пензионери биле на мака.

И ако досега само се шпекулираше за притисоци врз администрацијата на изборните сеанси, лани за прв пат имавме и фатени на дело. Прилогот беше емитуван на А1 телевизија, каде беше солидно документирано како одредени функционери од подрачни единици на Фондот за здравство на новинарките кои телефонски им се претставија како да се од партискиот штаб на ДПМНЕ, им реферираат колку гласачи обезбедиле. Арно ама, од Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР разбрав дека не биле сал тие, и не било само здравството инфицирано од ваков вирус туку и градоначалници, ем образованието и културата.

„На НМИ на ОБСЕ/ОДИХР ѝ беа презентирани електронски пораки кои покажуваат дека барањата ги упатувал партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ до локалните градоначалници и раководители на образовни институции, пред објавувањето на изборите. НМИ исто така набави копии од списоците кои биле побарувани, а кои биле составувани од страна на вработени во локални образовни институции и државната библиотека“, откриваат меѓународните монитори каков богат доказен материјал им бил ставен на увид.

ДРЖАВАТА – ТОА СУМ ЈАС

Но дека не станува збор за инциденти, туку тоа бил систем на владејачката партија – државата во функција на партијата, илустрира делот во кој во таков контекст се споменува и Груевски. Се разбира, не по име туку по функција, а само еден е премиер во Македонија.

„На 19 мај, Премиерот, засенувајќи ја линијата меѓу својата функција како Премиер и онаа како лидер на владејачка партија, испрати писмо, на меморандум на владата, до сите државни службеници и вработени во владата, повикувајќи ги да ја „гарантираат слободата на изборите“. Меѓутоа, во истото писмо, Премиерот зазеде партиска позиција кога се осврна на „нападите на нашите политички соперници“ и „неоснован напад од опозицијата“, констатира НМИ на ОБСЕ/ОДИХР.

Навидум делува како дребулија – демек, наместо да удри партиски печат тоа го сторил под владиниот бренд. Но суштината открива многу поголем дефект во системот. Овие фројдовски грешки на Груевски упатуваат на тоа дека станува збор за тренд филозофија која партијата ја изедначува со државата. Во стилот на апсолутистичкиот владетел Луј Четрнаесетти – државата, тоа сум јас. Оттаму, јасно е и дека државните службеници кои барале гласачи биле дел од преродбенички систем, а не поединечни излети. Да беше поинаку, ќе имаше реперкусии по нив.  Тие можеби дури и напредувале за добро сработените гласови!

Колку за да бидат прецизни, набљудувачите ќе потсетат на став 5.4 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година, кој што одредува „јасна одделеност на Државата од политичките партии“.

Привилегија да биде конкретно посочена, покрај премиерот имаше и Гордана Јанкуловска. Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се регистрирани случаи кога министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која беше и носител на изборна листа на ВМРО-ДПМНЕ, го искористила своето официјално овластување за потребите на кампањата. Таквите случаи  ќе ги оквалификуваат како конфликт на интерес меѓу нејзиното овластување како Министер и нејзините активности како кандидат.

„Во еден случај, МВР ги достави кривичните досиеја на неколку овластени претставници на СДСМ, кои на денот на изборите требаше да ја набљудуваат работата на ДИК, при што побара таквите претставници да не бидат акредитирани, иако не постои законска основа за преземање такво дејствие. Исто така, на 2 јуни, коментирајќи ги извештаите за нападот на возилото на еден од носителите на кандидатската листа на СДСМ, Министерството го стави под сомнеж мотивот и веродостојноста на извештаите кои ги искажале сведоците, пред да заврши истрагата“, стои во извештајот како транспарентно позицијата во полицијата може да се искористи против „политичките соперници“.

Сепак, дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ братски ги користат државните ресурси, разбрале и претставниците од НМИ на ОБСЕ/ОДИХР. Биле запознаени со други обвинувања за злоупотреба на овластувањата на МВР за изборни цели.

„Одреден број полициски службеници – етнички Албанци, во регионот на Куманово, биле уназадени во службата поради нивната наводна нелојалност кон ДУИ, а три виши полициски службеници биле отпуштени од работа само неколку недели пред изборите“, ќе запишат набљудувачите, при што во фуснота ќе конкретизираат дека станува збор за командирот на полициската станица во Ростуша и Маврови Анови, и командир на Сообраќајната полиција во Гостивар.

ИМА ОБВИНИТЕЛ, НЕМА ДОКАЗИ

И после неколкуте транспарентни симптоми за начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја третирале државата како алатка за нивната партиска кауза, логично е да се побара спасот во институциите кои се надлежни да ги санкционираат таквите девијации. Но, во земја каде меѓу партијата на власт и државата постои равенство, според однесувањето на главешините а не според Уставот, и органите на прогонот се грижат за партијата како да е држава. Секаде ако нешто закашка некој од власта особено ако станува збор за неофицијален партиски проект, обвинителството дури и ако му биде врачено досие, наоѓа начин да го затвори „согласно законот“. Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се евидентира фактот дека на 11 мај, обвинител Љупчо Шврговски покренал истрага во врска со случајот „списоци за гласање“.

„На 25 мај, скоро 20 државни службеници, кои се нашле на таквите списоци, беа повикани во канцеларијата на Обвинителството за да дадат докази. Според Државниот обвинител, најголем дел од нив не се појавиле на разговор, а тие што се појавиле одрекувале дека било вршен притисок врз нив да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. На 3 јуни, обвинителот изјави дека нема доволно докази за покренување постапка“, ќе регистрираат од ОБСЕ/ОДИХР без да нагласат дека на 3 јуни, од полноќ почнуваше изборниот молк.

Интересно е како најголем дел од службениците имале таква комоција да не се појават на разговор кај обвинителот! А при ваков систем, кој би имал и храброст да признае. Затворањето на досието неколку часа пред изборниот молк, пак, беше дополнителна стимулација и оние што можеби би признале, да си постапат според упатствата за гласање.

Набљудувачите пишуваат и за уште една истрага за сличен случај во Битола. И овде обвинителот по спроведување на два распити- заклучил нема докази. Од друга страна, за случаите на наводно фотографирање на обележени гласачки ливчиња, за што за прв пат инаку беа фатени неколкумина, ОБСЕ констатира дека „беа препратени во МВР за натамошна истрага“. Веројатно се покуси за драгоцената информација дека и овде истрагата заврши со среќен крај за фотомајсторите. Небаре за спомен и долго сеќавање го сликале своето гласачко дело. Но, после овие записи и резултати звучи дури комично ПРЕПОРАКАТА од ОБСЕ/ОДИХР.

Обвинувањата за заплашување на избирачите треба, во најкус можен рок, целосно и ефективно, да бидат истражени од органите на власта, а оние кои ќе бидат најдени дека се одговорни за тоа, да бидат обвинети. Граѓаните треба да бидат охрабрени да ги пријавуваат таквите обвинувања со поднесување докази кои можат да бидат верификувани“, забележала мисијата.

Со епилогот на истрагите, тешко дека веќе некој ќе се осмели да пријави вакви настраности, и покрај владините реклами „Осмели се“. Ете, за илустрација, како помина една од препораките на ОБСЕ!

„ДОБРО СПРОВЕДЕНА“ ФИНАНСИСКА ДУПКА!

А сега, како владата ја реализира приоритетната препорака за развивање на механизми за заштита кои ќе осигураат доволно одвојување на државата од партијата. Ќе запишат во законот дека министерот од денот на неговото кандидирање за избори, државната функција ќе ја врши само технички. Санкцијата за оние што ќе ја искористат министерската функција повеќе од технички, е прекршочна, а глобата изнесува од 500 до 1.000 евра. За партија како ВМРО-ДПМНЕ која како од шега троши неколку милиони евра на секои избори, илјада евра се жива смешка. Многу ќе ги стресе глобата. Ќе можат комотно и натаму да си ги користат државните ресурси за своја изборна победа. Ама ако ги навредиш евентуално,  бараат да им компензираш до 27.000 евра за душевни болки! Опозицијата, пак, инсистира ова да биде кривично дело за кое следува затворска казна!

И доаѓаме уште до еден сив сегмент – финансирањето на кампањите. Од оваа временска дистанца најповршно делува делот од извештајот на ОБСЕ за финансирањето на кампањите. Зарем ОБСЕ има толку ниски стандарди? Имено набљудувачката мисија ќе искаже задоволство дека била подобрена транспарентноста на овој план. Позитивното го виде во тоа што според измените во законот, лани партиите по прв пат поднесуваа дури три финансиски отчети.

Секако, ние транспарентно дознавме дека ВМРО-ДПМНЕ потрошила 272 милиони денари (наспроти сиромашката СДСМ – 17,5 милиони денари). И уште дека не собрала колку што потрошила, поточно останале должни над 3 милиони евра, од кои 2,4 милиони евра се кон телевизиите Канал 5 и Сител. Иако законот беше јасен дека изборните долгови се намируваат исклучиво од изборна сметка, а таа мораше веќе да биде затворена, сепак Груевци останаа нетранспарентни- од каде ќе најдат 3 милиони евра и како законски ќе ја санираат дупката. Премиерот одби да одговори конкретно на пратеничко прашање, антикорупциската замолче, ревизорот ја избалансира дупката, а обвинителство исчезна. Да се изразам со речникот на ОБСЕ „добро спроведена и транспарентна“ изборна финансиска дупка!

И да резимираме, партијата што се изедначува со државата остана нечепната при сите овие дубиози. Наспроти тоа, против главната опозициска партија СДСМ се покрена кривична постапка поради подигнат кредит за избори, додека лидерот на ОМ Љубе Бошкоски е осуден на 5 години заради нелегално финансирање со помош на загрозен сведок.

Ако на Јанкуловска и забележаа за „конфликт на интерес меѓу нејзиното овластување како Министер и нејзините активности како кандидат“ за други работи, како да се оквалификува фактот дека министерството што го раководи носителот на изборна листа на ВМРО-ДПМНЕ иницирало еден лидер на опозициска партија во текот на целата кампања да биде следен и сниман?

И сега, откако фино и детално ќе се скенира запишаното, истовремено со доживеаното нели, сериозно ме мачи дилемата: Можно ли е во услови кога една партија на власт максимално ги користи државните ресурси за своја изборна победа, натпреварот да биде меѓународно верификуван! Како при толку индиции и докази за палавостите на луѓето од владејачката врхушка, дури и кога заплашуваат односно уценуваат гласачи, таквиот изборен натпревар се оцени како „добро спроведен“? Колку гласачи Груевци ќариле со закани и уцени? Или, ова е клевета оти Шврговски не најде докази за такво нешто!?

Оттаму, дури и власта да ги прифати амандманите на опозицијата за Изборниот законик, а „согласно препораките на ОБСЕ“, самиот факт дека лани поминаа супер при очебијни злоупотреби, тешко дека ќе промени нешто, особено после оценката за „добро спроведени избори“ од ОБСЕ! Ќе добијат само уште една фалба дека законот е изменет во согласност со опозицијата. Таа не смее како лани да ги проголта нежно сите ујдурми од теренот за кои што имаше докази. За така „добро спроведени избори“ и бојкот е подобра солуција. Но, тоа е посебна тема!

ЗАКОНОТ СЕ СПРОВЕДЕ НА ПРАВИЧЕН НАЧИН?!

Иако измените во Изборниот законик владеачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги стори без поддршка на опозицијата, и, особено, само два месеци пред датумот за ланските избори, што ОБСЕ/ОДИХР го констатира, сепак, и покрај овие мани, ќе запишат дека корегираниот закон „обезбедил цврста техничка основа за спроведување на демократски избори“, со една битна додавка „доколку истиот се спроведува на правичен и демократски начин“.

И дали се спроведе на правичен и непристрасен начин штом власта ги користи максимално државните ресурси за свои партиски битки? А и за секој закон клучно е да се спроведе на правичен и демократски начин.

Од друга страна, да биде се позавиено, самите меѓународни монитори ќе наведат дека измени на закон два месеци пред избори „не е во согласност со добрата изборна пракса“! Конкретно ќе се повикаат на Венецијанската комисија дека „измените на изборен закон не треба да се прават во период пократок од една година пред изборите“.

Резултатот веќе го имаме- сега ќе добиеме измени на истиот закон, на неколку месеци пред редовните локални избори. И сега треба само да бидеме среќни ако овојпат и опозицијата даде зелено светло!

РЕВИЗИЈА НА ИЗБИРАЧКИ СПИСОК ПОСЛЕ ПОПИСОТ!

Набљудувачката мисија не само што евидентира загриженост за квалитетот и точноста на избирачкиот список, туку се потенцираат и претходните препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија за вршење „целосна ревизија на избирачкиот список“. Да биде иронијата поголема, ќе изразат надеж дека „резултатите од Пописот 2011 треба да помогнат за разјаснување на состојбата“.

И што правиме сега, во услови кога попис немаше а не се знае ни кога ќе се одржи. Премиерот Груевски дури обвини дека го прекинале пописот оти се подготвувал организиран фалсификат, но ниту тој, ниту обвинителството не се претргна да открие кој тоа влегол во таков организиран криминал. Ваквиот епилог, ем јасната намера попис да нема во догледно време а ни тогаш, го подгрева сомнежот дека зајакот лежи во друга грмушка.

Нејсе, следува препораката на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР.

„Пред подолго време веќе требаше да се изврши целосна ревизија и исправка на избирачкиот список. Ова треба да се стори по спроведување на пописот во октомври 2011 г. Ревизија и исправката треба да се фокусира на ставките во списокот кои се однесуваат на починатите лица и граѓаните кои престојуваат во странство.“, ќе запишат, а нам ни останува да нагаѓаме како ОБСЕ/ОДИХР ќе постапат следниот пат- ќе ја преповторат истата препорака или пописот ќе исчезне како важен аспект!

ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ МИТИНГАШИ!

„Секое партиско дејство, од страна на вработени во државни органи, сторено во текот на работното време, претставува злоупотреба на државните ресурси за потребите на партијата“, обзнани ОБСЕ во ланскиот извештај за изборите.

Но, ако ВМРО-ДПМНЕ постапи според оваа препорака, нема да може да ја истера изборната кампања, оти нивните ем се главно згрижени на државна сметка, ем, нели, работат 24/7. Веројатно двојна злоупотреба е ако некој од службеничкото столче преку телефон на државна сметка лобира, да не речам уценува клиенти да гласаат за партијата му. Но, кога постои симбиоза меѓу партијата и државата, за ваквите злоупотреби секогаш „нема докази“!

И тука се присетив како за слични ситуации се реагира во демократските системи. Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон и тогашниот потпретседател Ал Гор беа обвинети дека го прекршиле законот за собирање финансиски средства за нивната изборна кампања во 1996 година. Се сомничеа дека ги користеле, а со тоа ги злоупотребиле телефоните на Белата куќа во прибирањето донации. Нивните адвокати тврдеа дека Белата куќа не спаѓа во објектите што не смеат да ги користат во изборна кампања. Како куриозитет прозвуче информацијата дека законот со кој се регулира оваа материја датирал од крајот на 19 век!

МЕДИУМИ ЗА „ДОБРО СПРОВЕДЕНИ ИЗБОРИ“!

И јавниот радиодифузен сервис беше теледиригиран од ВМРО-ДПМНЕ при ланската изборна трка.

„Спротивно на законските обврски и јавниот мандат, следењето на изборната кампања од МТВ -1 беше во полза на владејачките партии и силно ја критикуваше опозицијата… Наспроти првичните планови, МТВ- 1 не организираше изборни дебати“, регистрираат од ОБСЕ.

Зошто ваков пресврт направила МТВ, се разјаснува откако и ОБСЕ ќе регистрира дека ВМРО-ДПМНЕ решила да не учествува во ниту една дебата во текот на изборната кампања. Просто како гравче! А формулата како да се купи љубовта на приватните, ќе ја насетите во следниот запис.

„Владата останува единствениот најголем објавувач на реклами во земјата. Додека, од една страна, рекламирањето кое се наплаќа од државниот или општинските буџети е забрането по објавувањето избори, одреден број соговорници наведоа дека владините реклами се доделуваат како награда за лојалните уредувачки политики“, ја регистрираат набљудувачите формулата за поддршката од приватните медиуми за владејачките партии.

Така е тоа при „добро спроведени избори“. Замислете, како ли ќе беше да беа лошо спроведени?!

Револуција или опозиција, прашање е сега!

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на шести декември 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 948

Пишувала
Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Патриотизмот, односно љубовта кон татковината не се искажува со некритичко (слепо) следење на политиките на избраните водачи, туку со критичка опсервација на тие политики и со акција на секој поединец кон воспоставување и одржување на темелните човечки вредности, како што се почитта, достоинството, правдата и слободата, кои ја прават земјата ГОЛЕМА.

Вака некако, илустративно ги опишува темелите на една земја достојна за почит, францускиот писател и нобеловец Албер Ками во своите „Четири писма до германскиот пријател“ (пишувани во периодот од јули 1943 г. до јули 1944 г.). Неговиот германски пријател, бранејќи ја позицијата на нацистичка Германија, му напишал на Ками:

„Величината на мојата земја е над сѐ. Сето она што придонесува кон остварување на таа цел е добро. Во светот кој ја загуби смислата, ние, младите Германци, кои имаме среќа да ја пронајдеме смислата во судбината на својата нација, за тоа мораме да жртвуваме сѐ.“

Пацифистот Ками, во одговорот на тоа писмо, му пишува на пријателот дека по таквиот изречен став тие веќе се разидуваат во мислењата и му одговара:

„Не можам да верувам дека сѐ треба да се потчини на целта која сме си ја поставиле бидејќи има средства кои не можат да се оправдаат. Би сакал да можам да ја сакам мојата земја, а во исто време да ја сакам и правдината. Не ми е сеедно во што ќе биде голема мојата земја и дали тоа ќе биде во крвопролевање или лаги. Сакам да ја направам голема со тоа што ќе дадам свој придонес кон правдата.“

КОЈ ЈА МОДЕЛИРА ДРЖАВАТА, ВЛАСТА ИЛИ НАРОДОТ?

Навистина, дали одговорноста за судбината на татковината е единствено во рацете на тие што дошле до власта или кај секој поединец, кој со своите постапки може да влијае врз воспоставување на темелните вредности или на нивно извитоперување?

Во нацистичка Германија огромно мнозинство поддржуваше политика на истребување луѓе, на неправди, на крвопролевања, и сето тоа во името на татковината и на нејзините водачи кои си зедоа неприкосновено право да определат која е „избраната раса“?!?

Од оваа историска дистанца интересно е да се постави прашањето дали бил поголем патриот тој што слепо го следел Хитлер и учествувал во холокаустот или тој што се борел против тоа, а за честа на земјата и за цивилизиран живот на сите што живеат во неа?

Токму негувањето на темелните вредности е она со што едно општество заслужува да се нарече цивилизирано. Но, не е избраната каста на власт таа што има ексклузивно право да промовира вредности или да ги извитоперува и исмејува. Силата на една земја е во сите нејзини граѓани или, во духот на изјавата на ректорот на Универзитетот во Киев: „Нема Македонија без народ. Нема народ без слобода“.

Она што треба да ги води граѓаните кон прогрес не се политичките елити избрани да владеат, иако тие имаат голема улога во тоа што управуваат со државниот апарат. Силата е во граѓаните кои препознаваат што е правда, достоинство, почит, слобода и се издигнуваат над стравот во промоција на овие вредности, кои одолеваат на искушенијата да бидат корумпирани тргувајќи со нив.

Голема улога во „давање на правецот“ во едно општество има и интелектуалната елита, „умот“ на земјата. Овде не се мисли на елита во материјална смисла, туку збир на поединци од науката, уметноста, културата, кои лојалноста кон темелните вредности ја ставаат пред лојалноста кон водачите, а во име на подобра држава.

Македонија не може да се спореди со фашистичка Германија, но несомнено е дека, пред очите на сите граѓани во земјава, темелните вредности се претворија во нивен антипод. Достоинството се претвори во партиско слугување, правдата во неправда, почитта во понижување. Се изврши окупација на државниот апарат кој, наместо во служба на граѓаните, е ставен во служба на нечии лични или теснопартиски интереси. Има политички апсења и притворања и се инсталира режим, слободата и правото на информирање се задушуваат и сето тоа е поддржано, барем „де јуре“, од мнозинството што живее на оваа територија!

РЕЗИМЕТО ОД ДВОДЕЦЕНИСКАТА НЕЗАВИСНОСТ Е:
ЗБОГАТЕНИ ПОЛИТИЧАРИ
ОСИРОМАШЕН НАРОД

Држава и татковина не е исто. Држава е систем на институции кои го уредуваат животот на граѓаните на определена територија и само со мал дел од тој апарат управува владата (извршува закони), а во голем дел институциите треба да се независни и да гарантираат еднакви права и услови за живот на граѓаните. Но, во нашата актуелна реалност тоа не е така бидејќи власта, со сите инструменти (дозволени и недозволени), успеа да го стави под контрола целиот државен апарат и да завладее со целата држава. Со окупацијата на државниот апарат таа се обидува да создаде „избрана раса“, која ќе биде привилегирана и да ги потчини на својата волја сите други. За возврат, „избраната раса“ треба да ги поддржува сите политики на власта, макар тоа биле и политички затворања, корупциски зделки, немилосрдно расфрлање со парите на граѓаните, апсења на „непослушните“ и поделби по сите основи.

За разлика од државата, татковината е нешто сосема друго и таа потешко се окупира. Татковината ја сочинуваат територијата (сокаците од родното место, природната убавина), луѓето (роднините, пријателите, сонародниците), традицијата и вредностите. И државата и татковината се дел од нашиот идентитет.

Оттука, повторно кај главното прашање. Дали е патриотизам некритички да се воздигнуваат и поддржуваат водачи и политики кои промовираат поделби, селективност во остварувањето на граѓанските права, корупција, неправда, политички апсења, или патриотизам е критиката кон сето тоа во насока на воспоставување на вистинските вредности?

Второто важно прашање е: дали граѓаните се чувствуваат како активни и одговорни единки, креатори на животот во нашата татковина или како пасивни набљудувачи на процесите кои не одат во добра насока?

Очигледно е резимето за дводецениското постоење на нашата држава − дека сите избрани функционери не успеаја да направат од Македонија пристојно и достоинствено место за живеење за сите граѓани. Но, голема одговорност во таквиот неуспех има и интелектуалната елита, која е „умот“ на едно општество, а која е соучесник во целиот неуспех. Хана Арент, во својата опсервација на тоталитаристичките режими, исто така нотира дека нивното опстојување е помогнато од дел на интелектуалната елита во тие држави.

КАКО ДО ПРОМЕНИ: РЕВОЛУЦИЈА ИЛИ ОПОЗИЦИЈА?

Сега оние граѓани кои не се задоволни со сегашноста, гледајќи го тоа резиме,  се исправени пред неколку опции. Многумина решаваат да ја напуштат татковината и Македонија да ја заменат со друга држава како место на живеење, поточно на пристојно живеење. Секој има еден живот и ако согледа дека во сопствената земја некој му го одзема правото да ги развие своите капацитети до максимум, оправдано бара место каде што ќе може да го оствари правото на достоинствен живот според сопствените капацитети.

Друг, голем дел од граѓаните, од лукративни причини, се подготвени да тргуваат со вредностите, разменувајќи ги за пари и функции. Останува најголемиот дел од граѓаните, кои се чувствуваат беспомошни и апатично го набљудуваат парчењето на вредностите на кои би требало да се темели една достоинствена татковина.

Поединецот навистина има сила, но таа негова моќ да одлучи на избори била безброј пати изиграна. Гласал за одредени ветувања и тоа не вродило со подобрување на животот на сите, туку само на оние за кои го дал својот глас. И тоа не е ексклузивна сторија на Македонија, туку историја која се повторува насекаде. Исходот во многу земји со таква судбина довел до револуции. Последниот таков пример е Украина.

Оттука, граѓаните треба да си го постават суштинското прашање. Дали е ова Македонија со која се гордеат или ни се потребни промени за унапредување на состојбите? Која и колкава е улогата на поединецот во тој процес? Дали граѓанинот е пасивен набљудувач или активна единка која учествува во креирањето на општествените вредности? За тоа не треба функција или власт. Ако лекарот промовира чесност, етичко работење и стручност, дава свој придонес кон промоција на вистинските вредности. Истото важи и за сите професии: судиите, новинарите, уметниците.

Но, не би можело да се воспостави некој режим доколку тој нема свој ’рбет, што го држи. Тоа се луѓето кои ги предале вредностите. Како што во нацистичка Германија не може да се фрли вината само на Хитлер, бидејќи некој тоа му го дозволил, така и во Македонија, за трансформацијата на татковината во непристојно и недостоинствено место за живеење придонеле оние што го сочинуваат ’рбетот на овој погрешен систем на владеење, каде што власта и привилегиите (главно материјални) се пред човечките вредности.

Тие што се незадоволни од таквото обезличување на земјата, а кои не ја напуштиле Македонија, имаат две можности: да кренат револуција или да ја поддржат најбројната опозициска партија или здружена опозиција. Трето нема. Состојбите сами од себе нема да се променат затоа што државата − тоа се нејзините граѓани.

Ако останат неми набљудувачи, нема никој да дојде да ги спаси од недостоинствениот живот или од нечистата совест дека немо набљудуваат распарчување на еден систем кој пука „по сите вредности“. Тезите дека „овие се лоши, но нема алтернатива“ не водат кон промени и прогрес. Така ситуацијата нема да се сврти кон подобро.

Слабоста на револуцијата како опција е што во таков случај има насилства и второ, таа не гарантира дека тие што се борат во име на правдата, истата ќе ја имплементираат. Портокаловата револуција во Украина доведе до промена на власта, но не и на однесувањето, бидејќи корупциските скандали, наместо да се намалат, во времето на Тимошенко еруптираа. Во Грузија, револуцијата на розата го симна Шеварнадзе, но го востоличи Саакашвили, кој стана поголем окупатор на државата од неговиот претходник.

ОПОЗИЦИЈАТА И НАРОДОТ ДА СЕ „НАЈДАТ“ КАЈ ВРЕДНОСТИТЕ

Оттука, најповолен исход би бил довербата на граѓаните да ја добијат луѓе со авторитет во општеството, генериран токму поради лојалноста кон темелните вредности.

Апатијата кај македонскиот граѓанин во еден дел, со право, произлегува и од фактот што опозицијата, каде што би требало да се насочи поддршката при незадоволство од власта, нема кредибилитет кој се темели на остварени значајни резултати во однос на подобрување на животот на граѓаните. Исто така, опозицијата не покажува дека сака да се соочи со тој неуспех (исклучок е пратеникот Митре Вељановски), активира механизам на самоодбрана, наречен негација, или оди во контранапад од типот „вие повеќе од нас“.

Новото раководство на СДСМ, како најголема опозициска партија, треба да реши врз која основа ќе ја гради довербата кај гласачите. Тоа е исклучително тешка задача, без оглед што врвот, како што е партискиот заменик-претседател Шеќеринска, нема дамка на слаби резултати или нечесно работење.

Но, на пример, како опозицијата ќе генерира кредибилитет кога градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, за директор на секторот за урбанизам ја назначил ексдиректорката на Катастарот, Бисера Јакимовска, за која медиумите во 2006 година пишуваа дека нетранспарентно, во договор во четири очи, ја набавила опремата за електронскиот катастар, вредна три милиони евра? Со кој кредибилитет тогаш тој ќе зборува за сомнителни зделки? И тоа оди на контото на целата опозиција.

За да генерира доверба, опозицијата треба да покаже за какви вредности се залага и за каква Македонија? Масовното заминување на граѓаните од Македонија не е пораз само за власта. Тие си заминуваат бидејќи не гледаат алтернатива.

Ако граѓаните препознаат борба за вистински вредности кај опозицијата и ако нејзината визија се совпаѓа со она што го посакува мнозинството, тогаш отпорот кон сегашниот начин на владеење ќе биде многу поголем.

Слабоста на опцијата кога промена се бара на политички избори е и во тоа што во Македонија можноста на мнозинството да искаже незадоволство од власта е скратена со изборните трикови и масовниот поткуп со народни пари (кој вродува со успех ако се знае дека една третина од населението живее во сиромаштија и својот глас го продава дури и за 1.000 денари).

Исто така, во обид да се истисне најголемиот противник, власта помага формирање квазиопозициски партии кои ќе служат за ситнење на гласовите кај опозицијата. Но, ако народот и опозицијата се „најдат“ кај вредностите, нивната коалиција ќе биде многу поцврста и поотпорна.

ВРАЌАЊЕ КОН НОРМАЛНОСТА

И повторно, голема улога во воспоставувањето на правецот на државата, како коректор на власта и на опозицијата, во делот на темелните вредности кон кои се стремиме, имаат нејзините граѓани, а најголем дел, има интелектуалната елита. Таа би требало да ги поттикне силите, кои се во политички натпревар, да се вратат кон вистинските вредности, односно да има голема улога во враќањето кон нормалноста.

Токму кон таа улога на поединецот укажува и Ками во своето второ писмо до германскиот пријател, кој му напишал: „Ние ја ставаме Германија пред вистината, над очајувањето“. На ова Ками му одговара: „Ние претпочитаме да ја сакаме нашата земја поради нејзината лојалност кон правдата. Вие се задоволивте со тоа да се ставите во служба на моќта на вашата нација, додека ние сонувавме нашата да ја направиме вистинољубива. Вам ви беше доволно да ѝ служите на актуелната политика, а ние, во моментите на нашата најголема изгубеност, инстинктивно ја негувавме идејата за една политика на честа кон која сега се враќаме. Под тоа ‘ние’, се разбира, не мислам на нашите државници. Тие се небитни.“

КАКВА Е СОВЕСТА НА ПОДДРЖУВАЧИТЕ НА ХИТЛЕР?

Засега впечатокот е дека луѓето, што на контроверзен начин ја освојуваат власта, успеаја да наметнат извитоперени вредности, а многу од граѓаните што го поддржуваат тоа, дали во надеж за вработување во државната администрација, за функција, за тендер повеќе или едноставно за преживување, ја загубија човештината и се соучесници во величењето на лагата. Некои во самоодбрана велат „такви времиња дојдоа, мора човек да се снаоѓа“. Се прашувам колку луѓе во нацистичка Германија со таквиот став, „такви времиња дојдоа“, аминувале убивање Евреи и станале соучесници во злосторствата?

Во Македонија сѐ уште нема таков режим, за среќа, но веќе имаме политички затвореници, заробени медиуми, огромна корупција, неодговорно задолжување и расфрлање со парите на граѓаните, апсења „по желба“ на власта, сеење страв и понижување!

Во битката за власт во Ранковце, и кафеани ќе се палеа!?

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 17-ти јануари 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 954

Оваа мала рурална општина беше една од ретките каде што на последните локални избори победи кандидатот за градоначалник на опозицијата. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ обезбеди предност од еден глас во општинскиот совет, во однос на СДСМ. Но, се чини дека најважно е тоа што власта успева да ја задржи контролата во основното училиште преку директорката Слаѓана Николовска. Градоначалникот Момчило Алексовски не успеа да ја разреши, и покрај тоа што официјални документи потврдуваат оти таа е правосилно осудена на условна казна затвор и е вмешана во случај на непотизам. Ако ова се случува во една мала општина, какви афери и скандали ќе излезеа на виделина во другите поголеми општини доколку дојдеше до промена на власта!?

На една рака може да се набројат општините кои на последните локални избори останаа или преминаа во рацете на опозицијата. Безмалку сите општини во државава, со исклучок на оние со доминантно албанско население, ги освои владејачката коалиција, а предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а таму каде што загуби во битката за градоначалници, некаде успеа да ја задржи контролата врз советите.
Опозицискиот СДСМ, пак, ги задржа Струмица и Куманово, додека промена на власта во корист на опозицискиот фронт се случи во скопската Општина Центар. Ако тоа беше во одредена мера и очекувано, се чини најголемо изненадување беше опозициската победа во малата општина на македонскиот североисток – Ранковце.
„Фокус“ неодамна пишуваше за притисоците со кои се соочуваат поголемите опозициски општини и нивните градоначалници, од кои двајца се и опозициски лидери (Зоран Заев и Андреј Жерновски). Зачестени инспекциски проверки, притисоци врз вработените, блокирање на јавните претпријатија − се само дел од нив.
Ништо не е поарна ситуацијата ниту во можеби неправедно запоставеното Ранковце, каде што новата општинска власт буквално војува со централната власт, но и со реликтите од претходните општински кадри на владејачката опција. Откако ја добија најважната битка на изборите, засега се чини дека опозиционерите ја губат војната во оваа општина со 18 населени места, која граничи со Србија и води кон Бугарија.

СДСМ ПОБЕДИ ИЛИ ВМРО СЕ ПОРАЗИ

Границите на општината именувана по најголемото село, во која, според последниот попис од 2002 година, живеат над 4.000 луѓе, се воспоставени во 1996 година. Во првите два мандата општината ја раководеа социјалдемократите, додека во вторите два мандата, вмровците. На минатогодишните избори, кандидатот на здружениот „Сојуз за иднината“, Момчило Алексовски, го победи адутот на власта, Орце Тодоровски.

Интересно е како всушност се случи здружената опозиција да извојува победа во Ранковце, во ситуација кога опозиционерите изгубија во безмалку целата држава, и тоа таму каде што важеа за фаворити. Несомнено е дека опозиционерите имаа одличен кандидат за градоначалник зашто тој важи за угледен и почитуван човек во својата средина. Но, неговата победа е резултат на неколку фактори.
Актуелниот градоначалник на Ранковце поминал дваесет години во компанијата „Силекс“ на социјалистот Љубисав Иванов – Ѕинго, со кого, патем, и до ден-денес одржува контакти. Бидејќи, нели, сите вработени во „Силекс“ по автоматизам треба да се и членови и на Ѕинговите социјалисти, така и Алексовски има членска книшка од оваа партија.

По завршувањето на кариерата во кратовската компанија, неговото деловно дејствување цели 12 години се поврзува со единствената земјоделска аптека во регионот, што во една земјоделска средина е исклучително важно. Во меѓувреме, тој активно членува во Социјалдемократскиот сојуз, од чиишто редови во минатото бил избран за советник во родната општина во времетраење на еден мандат.
Алексовски до последен миг не беше ниту во внатрепартиската конкуренција кај социјалдемократите за оваа јавна функција. Откако политичката криза по собраниските инциденти при изгласувањето на Буџетот заврши со договор за учество на изборите, веќе поранешниот сдсмовски лидер Бранко Црвенковски лично го повикал да му предложи да биде опозициски кандидат за градоначалник. Наводно, така кажале анкетите, но во суштина пресудни биле препораките до Црвенковски за неговиот крајно позитивен имиџ.

Веќе избраниот „општински татко“ на Ранковце ги повикал на кафе-средба другите тројца колеги од партијата кои очекуваа номинација. Добил уверување дека никој не му се лути, па го прифатил предизвикот, со што ги разбудил духовите кај противничкиот табор. Вечерта, кога била обелоденета неговата номинација, во неговиот дом дошол еден истакнат член на вмровскиот општински комитет за да му порача дека погрешил што ја прифатил кандидатурата бидејќи нема шанси против силата и парите на противникот.

Сепак, тоа не го поколебало, излезе на изборите и победи. Или не е грешно да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ на некој начин и се самопорази. И покрај тоа што опозицискиот кандидат беше квалитетен, а владејачкиот непопуларен и затворен кон народот, конечниот исход најверојатно ќе беше поинаков ако не беше внатрепартискиот судир во редовите на најголемата владејачка партија.

Веќе поранешниот вмровски градоначалник на Ранковце, Тодоровски, имал несогласувања со поранешниот претседател на вмровскиот општински комитет, Ивица Тошевски, кој е стар вмровец и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ во матичната општина. Тошевски е вработен во Министерството за внатрешни работи, извесно време беше началник на униформираната полиција на СВР Куманово, но токму во изборниот период беше преместен на работа во Скопје на пониско скалило.

Случајно, или не, истовремено неговиот угостителски објект во Ранковце беше привремено затворен од УЈП, која му изрече и казна од над 3.000 евра. По изборниот пораз, пак, Тодоровски беше вработен токму во Управата со која директорува Горан Трајковски, во одделението во Крива Паланка. Судејќи по тоа, кристално јасно е кој победи во оваа интерна борба.

ДИРЕКТОРСКА УСЛОВНА ПРЕСУДА ЗА КАЗНА ЗАТВОР

Вака или онака, СДСМ и коалициските партнери не однесоа апсолутна, туку релативна победа во Ранковце. Нивниот кандидат стана градоначалник, но советот остана под контрола на власта бидејќи ВМРО и ДОМ имаа 5, а СДСМ и НСДП 4 советници. Арно ама, искрснал проблем со еден од вмровските советници.

Станува збор за носителот на советничката листа, Горан Симоновски, кој по логиката на нештата, требаше да биде избран за претседавач на советот, но на крајот оваа позиција му припадна на Тони Ангеловски. Од само нему познати причини, Симоновски, по изборот ја оставил работата во АРМ и заминал на работа во Германија. Затоа, на неколку седници во последните три месеци од изминатата година, Ангеловски предлагал негово разрешување поради неколку неоправдани отсуства едноподруго.

Притоа, настанала по малку чудна ситуација. Ниту еден од четворицата опозициски советници не го обезбедил едниот потребен глас за прекин на мандатот на советникот од противничкиот табор. Без разлика на тоа, при крајот на претходната година, Симоновски се вратил во земјава и во општината, и гласал за усвојување на буџетот, моделиран со амандмани по мерка на вмровците.

Значи, СДСМ е немоќен во општинскиот совет, но, поважно, нема слика да се спротистави во основното училиште Христијан Тодоровски – Карпош, со кое директорува Слаѓана Николовска, иако ги има сите адути на своја страна. На барање на општината, основниот суд во Крива Паланка доставил допис во кој се наведува дека Слаѓана Николовска од Псача е прогласена за виновна за кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластување“, врз основа на член 353, став 2 од Кривичниот закон. Со пресуда К.бр. 100/12, судот на Николовска ѝ изрекол условна осуда со која е утврдено дека изречената казна во времетраење од 3 месеци нема да се изврши во период од една година.

Да биде бељата поголема, како што е објавено на официјалната интернет-страница на истиот суд (http://www.oskrpalanka.mk/Odluki.aspx?odluka=4177), кон средината на изминатата 2013 година, првостепениот суд повторно ѝ изрекол условна казна за истото кривично дело. Додека трае условната казна од претходното дело, на директорката на училиштето во Ранковце, судот, со пресуда К.бр. 120/13, повторно ѝ изрекува условна казна затвор во времетраење од 6 месеци, која, исто така, нема да се изврши во наредната една година?! Првата пресуда е правосилна, односно потврдена на Апелација од почетокот на 2013 година.

За разлика од првиот пат, во вториот случај таа се товари и за продолжено кривично дело и соизвршителство, поточно повеќе лица заеднички сториле повеќекратно остварување на кривично дело. Наведената одредба од кривичниот закон за злоупотреба на службената должност, пак, предвидува дека со казна затвор во траење од половина година до пет години ќе се казнат оние кои ќе ги пречекорат границите на своето службено овластување и во тој правец, за себе или за друг ќе прибават поголема материјална корист или ќе причинат штета.

СИ ГИ ВРАБОТИЛА СОПРУГОТ И БРАЌАТА

Како и да е, двете судски пресуди не се доволна причина за разрешување на директорката, која ја врши оваа функција од 2007 година. Имено, градоначалникот прво поднел претставка за нејзино разрешување до училишниот одбор, но таа била речиси едногласно отфрлена како неоснована. Аргументот гласел дека во Законот за основно образование нема одредба која децидно пропишува оти осудени лица не смеат да директоруваат со основно училиште.
Точно е дека во членот 133 од Законот има став, според кој, директор на основно училиште се разрешува предвремено доколку направи повреда на одредбите на законите што ги пропишува просветниот инспекторат, но не и повреда на кривичниот закон. Сепак, истиот член содржи и став, според кој директорот предвремено се разрешува доколку „по негова вина им е нанесена штета на учениците, на нивните родители и на училиштето“. Тоа не било доволно училишниот одбор да ја прифати претставката.

Инаку, вреди да се спомене дека во одборот членуваат три лица од редовите на наставниците, три од советот на родителите, двајца од советот на општината и еден од Министерството за образование. Претседател на училишниот одбор е професорот по физичка култура Роберт Јакимовски. И за него општината Ранковце побарала информација од надлежните институции дали бил во судир со законот, но кривопаланечкиот суд ги упатил кон полицијата, а полицијата одбила да им достави одговор, со образложение дека тоа може да го побараат само „државни органи“?!

Така, училишниот одбор не ја прифатил претставката на градоначалникот Алексовски, па тој решил еднострано да ја разреши по други основи, настрана оној за кршење на законот, и да ја именува за в.д. директорка Христина Младеновска. Ваквата хаотична ситуација траела сѐ додека второстепената владина комисија за управни спорови во оваа област не го укинала решението на градоначалникот, затоа што не била почитувана процедурата, со заобиколување на училишниот одбор. Тогаш, градоначалникот ја потпишал листата за исплата на плати, со што се прекинал неколкумесечниот штрајк на професорите.

Документите со кои располагаме потврдуваат дека, освен проблеми со законот, постојат основани сомнежи дека директорката е вмешана и во непотизам, што треба да го потврдат антикорупционерите. Два дена пред одржувањето на првиот круг од локалните избори на 24 март, таа побарала од тогашниот градоначалник Тодоровски трансформација на работниот однос на 11 вработени од определено на неопределено работно време. Покрај другото, тие имале над две години работно искуство.

Ексградоначалникот Тодоровски истото барање го доставил до Министерството за образование на 1 април, нецели десетина дена по победата на опозицијата во општината, кога сѐ уште не било извршено примопредавањето на власта. Министерството, со кое тогаш раководеше Панче Кралев, кој е моментално советник за образование на премиерот Никола Груевски, одобрува трансформација на работниот однос на 9 лица, односно две помалку од бараното, бидејќи во буџетот биле обезбедени средства.

Во врска со реализацијата на вработувања во периодот од распишувањето на изборите до изборот на градоначалниците и конституирањето на општинските совети, Министерството побарало мислење од Антикорупциската комисија уште на почетокот на февруари, повеќе од еден месец пред одржувањето на изборите. Антикорупционерите одговориле дека од аспект на одредбите на Законот за спречување на корупција, не постои законска пречка за „трансформација на работен однос на наставен и ненаставен кадар во училиштата“.
Тука доаѓаме до клучното. Едно од лицата, што добива решение за полно работно време, е сопругот на директорката Николовска, Ласте Николовски, кој на работното место хаузмајстор-ложач добива целосно вработување по основа на старо финансирање. Но, тоа не сѐ. За време на нејзиниот мандат, актуелната директорка си ги вработила во училиштето и двајцата браќа, Горан Стојчевски и Орце Стојчевски. Од договорот за вработување и од пријавата за засновување на работен однос се гледа дека првиот е вработен од 2008, а вториот во 2011 година.

КАКО ЛИ Е ВО ДРУГИТЕ ОПШТИНИ?

Во текот на целиот период, опозиционерите упорно прашуваа дали власта по секоја цена се обидува да задржи правосилно осудено лице на директорската фотелја во училиштето за да не излезат на виделина сите скандали и афери во училиштето? Во ниту еден момент, од владејачката партија не го негираа или оспорија фактот за осудената директорка и за непотизмот во училиштето. Во контранапад само обвинија дека новото општинско раководство врши партизација на општината и се става над законите и институциите.

На крајот на краиштата, не е битно што велат едните или другите, туку она што го говорат фактите и што го покажуваат документите. А, тие бездруго посочуваат дека во Ранковце осудено лице го води единственото општинско училиште, лице кое притоа е директно инволвирано во непотизам. Ако ова се случува во една мала зафрлена и донекаде подзаборавена општина, што ли се случува во другите поголеми општини?

Одговорот на прашањето дали ваквата практика и тенденција е репрезентативна слика за целата држава по сѐ изгледа ќе почека промена на власта во локалната самоуправа, кога ќе се создадат услови за откривање на евентуалниот криминал и корупција.

Момчило Алексовски и Орце Тодоровски
КАКО ДВАЈЦАТА ПРИЈАТЕЛИ СТАНАА СОПЕРНИЦИ!

Актуелниот и поранешниот градоначалник на Ранковце, Момчило Алексовски и Орце Тодоровски, иако им припаѓаат на различни политички опции, се познавале и другарувале, но нивното пријателство престанало далеку пред локалните избори.
Сакав да градам деловен објект. Тогашниот градоначалник ми рече да уплатам комуналии во општината и јас тоа и го сторив. Но, уште наредниот ден добив решение за уривање на градбата, иако не беше ни почната – раскажува за Фокус Алексовски, додавајќи дека случајот моментално е во судска постапка.
Ексградоначалникот Тодоровски, пак, одби да разговара во врска со односот со Алексовски, но и со неговиот сопартиец Тошевски.

Точно е дека работам во УЈП и имам приватен бизнис – само кусо потврди тој.

И Тошевски не сакаше да комуницира во врска со некои шпекулации што се врзуваат околу него.


Тешко на партијата што нема судии во Управниот суд!

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на 15-ти март 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 924

Уште на стартот на изборната кампања, решенијата на изборните комисии, а потоа и на Управниот суд, покажаа дека најчесто изборите се добиваат на маса, па затоа контролата на по малку чујниот административен суд е многу важна во изборниот процес. Ако Бедредин Ибраими од ДИК тврди дека Управниот суд извршил атентат на изборите со прифаќање на заедничките листи за Кичево и за Струга на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, тогаш како да ја сфатиме улогата на кадрите Албанци во тој суд, кои се повеќе од 25 проценти, и инсистирањето на чело на судот да има претседател Албанец? Кои се судиите што одлучуваа за тоа кој ќе ја трча изборната трка и на крај треба да ги верификуваат одлуките на ДИК?

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Управниот суд, навидум не толку важна судска инстанца за чии одлуки јавноста не била заинтересирана, уште на самиот старт на изборната трка покажа дека е важен играч во целиот изборен процес. Како дури сега да се разбра дека од нивните резултати зависи текот на изборниот процес, кој се ќе учествува, но и на крајот, тие ќе бидат „оверувачи” на изборниот резултат.

Формиран како суд на почетокот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Управниот суд доби дел од надлежностите што ги имаше Врховниот суд во делот на управните спорови, ингеренциите за решавање по решенијата на органите на управата, дел од прекршоците, тоа што го работеа владините комисии по жалби, решава за жалби по Јавни набавки против решенијата на комисиите и за последната надлежност која ќе ја анализираме во овој текст – текот на изборниот процес.

Во судот вакви предмети има само во време на изборни години и циклуси, но сите се итни, се решаваат во рок од неколку часа, дење или ноќе, зависи од тоа кога се поднесени и нивните одлуки ставаат крај на одлуките на изборните комисии.

КЛИНЧОТ ЗА СТРУГА И КИЧЕВО

Само две одлуки на Управниот суд, донесени по тужба на СДСМ за листите во Струга и во Кичево, беа доволни да се разбрануваат политичките страсти кај албанските политички фактори и кај нив да се забележи страв дека на тој начин ќе ја изгубат контролата во овие две општини. Управниот суд само за почетокот на кампањата донел веќе десетина пресуди, кои секако не се безначајни. Со мало истражување на судскиот сајт, во очи паѓа брзината со која одлучувал судот, во законски пропишаниот рок, а со таа брзина пресудите и се објавени јавно. На тој начин избегната е неизвесноста и нечија желба да ја објави или не одлуката во ДИК или ОИК преку кои се враќаат одлуките до политичките субјекти.

Друго што може да се забележи е и податокот дека одлучувале повеќе совети во судот, а во речиси секој совет, па и во тие што ги донеле одлуките што ги разлутија албанските политички лидери, членуваат по еден Албанец и по двајца Македонци. Во едниот случај, претседател на Совет е Албанец, кој потпишал одлука за прифаќање на листите. Во тој случај, Управните судии ги поништија одлуките на ОИК во Кичево и во Струга кои ја отфрлија листата на СДСМ за советници, составена заедно со ВМРО-ДПМНЕ, затоа што според ОИК речиси половина кандидати веќе биле на претходна листа, а според законот не може еден кандидат да фигурира на две листи.

Но, за да биде правната рашомонијада поголема, ОИК во Струга и во Кичево, намерно или не, превиделе дека ДИК го прифатил повлекувањето на претходно поднесената листа на ВМРО-ДПМНЕ, што значи, такви листи веќе нема. Тоа што тие листи биле потврдени е ирелевантно, откако Парламентот го дозволи дополнителниот рок за поднесување на листите до 8 март на полноќ.

Но, во случајов одлуките на Комисиите во Кичево и Струга треба да се гледаат и низ призма на реакциите на двајцата членови Албанци во ДИК на предлог на ДПА и ДУИ, кои застанаа во одбрана на комисиите и одбија да учествуваат во работата на ДИК, откако ДИК или членовите предложени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, решија да го прифатат повлекувањето на првичните листи на ВМРО-ДПМНЕ, па во новиот рок да се поднесат дополнети листи на кои има кандидати од двете коалиции предводени од владејачката и опозициската партија.

Во правното надмудрување и читање на законот низ призма на стравот од сегрегација на едниот наспроти другиот блок, Македонци и Албанци, општинските комисии кои решенијата ги донеле со надгласување, три наспроти два гласа, но врз база на етнички, а не партиски принцип, покажа дека на ОИК и ДИК им е неопходен силен контролор. Дали Управниот суд беше на таа задача, носејќи ги одлуките за Кичево и Струга, каде што дозволи да учествуваат македонските партии со заедничка листа?

Овој пат, ДПА, преку членот во ДИК Бедредин Ибраими одлуките ги оцени како атентат на изборниот процес, македонските партии беа воздржани, а во коментарите многу не се истакна ни ДУИ, чиј кадар раководи со Управниот суд.

Но, сакале да признаеме или не, ДУИ кои имаат 8 судии од 28 колку што има Управниот суд и претседател, колку и да биле моќни не можеле да издејствуваат поинакви одлуки од две причини: во сите совети, па и таму каде што претседаваат судии Албанци останатите двајца членови се Македонци, сите избрани во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ. Освен тоа, колку и да сме согласни дека групирањето по етничка основа како што е спојот на албанските партии за Советот на општина Битола може да е лошо, правно е издржано, па нема ништо спорно во одлуката да коалицираат со заедничка листа и да ја поднесат во дополнителниот рок кој е определен од Собранието. До крајниот рок, било која партија може да ги менува листите, по свое наоѓање или по барање на ОИК, доколку на нив има одредени неправилности.

НЕМА ДВОЈСТВО НА СОВЕТНИЧКИ ПОЗИЦИИ  

Еве што содржи ставот на Управниот суд за случаите во Кичево и Струга. По жалбата за Струга  одлучувале судиите Дитурие Елези НезириДаниела Антовска и Ана Герасимовска. Тие велат дека струшката изборна комисија донела незаконско решение, спротивно на регулативата, кога ја отфрлила заедничката листа, наведувајќи дека СДСМ  не ги отстранил констатираните неправилности во рок од 5 часа откако била предадена листата.

ОИК Струга, според судот, на седницата на осми март која почнала во 22 часот, по претходно донесена одлука на Државната изборна комисија за поништување на решението на ОИК од 18.02.2013 година со која била потврдена листата за советници на ВМРО-ДПМНЕ, донела заклучок во кој утврдила дека не може да се повлекува и поништува поднесена листа на кандидати која била претходно потврдена. СДСМ на 8.3.2013 во 23.45 часот ја поднел заедничката листа со ВМРО-ДПМНЕ , по што, ноќта во 02.00 часот ОИК ги известил дека на листата имало наведено 13 партии кои коалицирале, а има на листата 12, како и тоа дека 12 кандидати за општинскиот Советот веќе се предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Според струшката комисија, законот не дозволува еден кандидат да се наоѓа на две листи. СДСМ постапила по укажувањето, но ОИК Струга, утрото во 05.20 часот констатирала дека посочените неправилностите не биле целосно отстранети, кандидатите и натаму останале на листата, па поради ова ја отфрлила листата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Управниот суд наоѓа дека СДСМ со поднесокот за уредување од 09.03.2013 година, поднесен во 05,10 часот постапил по задолженијата на Општинската Изборна Комисија Струга и истиот доставил корегирана Листа на кандидати за избор на советници на Советот на Општина Струга по однос на првата утврдена неправилност наведена во известувањето. За втората неправилност (имињата да се наводно на двете листи) Управниот суд утврди дека со одлука од 8.03.2012 година, поништено е решението на ОИК Струга од 18.02.2013 година со која била потврдена листата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, па во моментот на поднесувањето на листата од страна на СДСМ на ниту еден од предложените кандидати не им бил  потврден кандидатскиот статус на друга листа. Со ова, СДСМ постапил според Изборниот законик” – наведуваат управните судии во одлуката за Струга. За нив, неприфатлив е ставот на струшкиот изборен одбор дека листата не била уредена по укажувањето, па за тоа е отфрлена.

Пресудата за Кичево ја донеле судијките: Рахилка Стојковска, Анета Џигерова и Благородна Аранѓелова. И овде судот наведува исти аргументи како во случајот на Струга: ОИК не го ценела тоа што ДИК ја поништила претходно листата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин немало двојство на позициите. „Судот најде дека не може да се прифати ставот на Комисијата дека поименично наведените кандидати во отфрлената листа наведени во оспореното решение се пријавени за повеќе од една листа”-пишува и во оваа пресуда.

Покрај пресудите за Кичево и Струга, кои ги спомнавме во текстов, вреди да се спомене и одлуката на Управниот суд со која се потврди решението на ОИК за Шуто Оризари: да се отфрли листата на опозицискиот сојуз за советници бидејќи во законскиот рок од 5 часа не биле отстранети констатираните неправилности.

На 10 март судиите: Рамије Абдурахими Цара, Марта Телегравчиска и Гордана Илиевска одлучиле да ја отфрлат жалбата на СДСМ за Шуто Оризари како неоснована и да го потврдат решението на Комисијата да се отфрли некомплетната листа за која во дополнителниот рок партијата не ги извршила потребните измени.

СДСМ, според комисијата и Управниот суд, на листата на кандидати за советници во Шуто Оризари, не ја навела и Партијата за Европска иднина ПЕИ, како што стоело во договорот за коалицирање, кандидатот со реден број 8 на листата немал доставено доказ Основниот суд Скопје 1 дека не е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор над 6 месеци, или дека не се наоѓа на издржување на казна затвор.

Покрај овие, коалицијата предводена од СДСМ немала отворена жиро сметка за изборна кампања, услов кој е предвиден во дополнувањата на Изборниот законик. Претставникот на СДСМ тврдел дека поднел корегирана листа, но за тоа не доставил доказ во судот, па одлуката на Управен е во Шуто Оризари да немаат советничка листа.

ТИТОВИТЕ ИЗГУБЕНИ ВО СКОПЈЕ

Но, ова не се единствените одлуки на Управниот суд за локалните избори 2013 година. Така, судот го поништил решението на ОИК Пробиштип со кое била одбиена листата на група избирачи предводени од Ванчо Златев. Судиите донеле две одлуки и по тужби на партијата Титови леви сили. Управниот суд ги одбил тужбите што ги поднела партијата за општините Карпош и Аеродром кои ги отфрлиле нивните листи за советници затоа што задоцниле во поднесувањето, во едниот случај за 10 а во другиот за 40 минути. Оваа партија тврдела дека задоцниле затоа што ги барале  седиштата на изборните комисии, кои не биле во општините, туку, едната била сместена во трговскиот центар „Бисер”, а другата во училиште во Карпош.Тие имале проблем и со добивање уверенија за неосудуваност, кои од судот за последните шест кандидати им ги издал на помалку од еден час пред истекот на рокот.

Во овие два случаи, различните совети на Управниот суд во пресудата наведуваат дека ги имале во вид оправдувањата на Титови леви сили, но им укажуваат дека уверенијата можеле да ги побараат и порано, а не во минута до 12, а за седиштето, според судиите, законот не дефинирал дека ОИК мора да има седиште во општината, па за овој проблем, ако не знаеле каде се комисиите, можеле да прашаат телефонски во ДИК.

Сојузот на Ромите се жалел против прифаќање на листи на конкурентите за Шуто Оризари, но нивните тужби се отфрлени.

Јаворка Комненовиќ како предводник на листа на група избирачи во општина Чучер-Сандево не успеала на време да отвори жиро-сметка, па Управниот суд само го потврдил решението на општинската комисија. Интересен е случајот и со листата на СДУ за општина Ѓорче Петров. И тие задоцниле, комисијата ги одбила, а судот ја потврдил таа одлука. СДУ тврди дека нивниот претставник тргнал на време, но по пат му се слошило па бил пренесен на Клиниката за максилофацијална хирургија, а неговиот брат, кој бил повикан да ја однесе листата, задоцнил.

Поради ова, СДУ нема да има листа во оваа скопска општина. Со одлука на Управниот суд, дозволено им е на група избирачи предводени од Илија Стојанов од Битола да учествуваат на изборите, и преиначено е решението на битолската комисија која поради неправилност им ја отфрлила листата.

СУД ЗА ИСКУСНИ ПРАВНИЦИ СО ПОТВРДЕНИ ВРСКИ

Од овој преглед се гледа колку може да промени Управниот суд, како на почетокот на кампањата за тоа кој се ќе учествува на изборите, така и до самиот крај, со потврдување на изборните резултатите кога ќе одлучува за решенијата на ОИК и ДИК за утврдување на резултатите. Судот кој беше основан по 2006 година, вдоми во речиси сите случаи докажани правници со голема партиска поддршка пред се, па судиите се блиски роднини на функционери од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Од почетокот, до формирањето на Вишиот управен суд, претседателка беше Розалија Кочкоска, но по нејзино именување за шеф на Вишиот, Управниот суд е раководен од кадар на ДУИ, кој претходно работеше во Министерството за правда. Според бројот на судиите, тие надминуваат 25 проценти како Албанци, а во неговиот состав има две судијки кои завршиле Академија за судии, додека другите доаѓаат од управни органи: општини, катастар, советници во судови, па до поранешни пратенички, каков што е примерот со Весна Јовановска од Битола, од ВМРО-ДПМНЕ, а веќе три години судија на Управниот суд.

Иако овие функции се помалку атрактивни од тие во редовното судство, низата области за кои одлучуваат, од даноци, царини, јавни набавки, денационализација, до прекршоци и избори, го прави судот атрактивен од време на време по разни поводи. Затоа, кој како и да ги коментира одлуките на Управен, а ќе има уште реакции кога ќе се одлучува по крајните резултати, факт е дека судот е битен од две причини: да го реши инаетот помеѓу ОИК и ДИК како што беше во овој случај, но и ако има потреба, на зелен терен да ги реши изборите. Затоа, според народната, Управен суд нема да ја оправи демократијата и изборниот ефект, ама тешко на партиите кои немаат свои луѓе во него!

За тие што на време мислеле кого да сместат во овие фотелји, едно е јасно – зима нема!

Изборен инженеринг на балкански начин

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на 26-ти октомври 2012-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 904

Пишувал
Бранко ГЕРОСКИ

Дали некогаш сте слушнале за гратчето Вргорац во Хрватска? Веројатно не. Ни јас не бев слушнал, додека на интернет не прочитав една неверојатна приказна за ова чудно место, во Сплитско-далматинската жупанија, кое од морето го дели еден неизграден тунел. За Сребреница, пак, бездруго сте слушнале. Многумина од вас веројатно некогаш ги посетиле Будва и Дубровник, а некој можеби бил и во Сараево.

Знаете ли што ги поврзува овие места, со македонската општина Ресен, освен, се разбира, природните убавини и сеќавањата на ученичките екскурзии во поранешна Југославија?

Тоа е феноменот на фиктивните избирачи, една од најсофистицираните методи на изборниот инженеринг, „патентирана” во времето на режимот на Слободан Милошевиќ, кога Вождот во многу општини во Србија ги добиваше изборите, меѓу другите манипулации и притисоци, и со ползување на услугите на „увезени” избирачи од Република Српска.

Поради реакциите на синтагмата „српски воз”, што ја употребив (презедов) во дневен „Фокус”, која некои наши локални Срби ја доживеаја како навредлива (?), но и поради временската дистанца, се определив во оваа екскурзија да ги исклучам српските лендмаркови на изборниот инженеринг.

И без нив, приказните што ќе ги прочитате се поучни, бидејќи сведочат за фактот дека махерите за изборни манипулации на Балканот користат слични или идентични методи и меѓусебно се инспирираат.

На некои од нив, Груевски може вода да им носи. Засега…

РЕСЕН, АМА И ОХРИД, КАРПОШ И КИСЕЛА ВОДА

Пред неколку дена во дневен „Фокус” ја презедов информацијата на порталот Охрид скај, кој алармираше на повторен наплив на фиктивни избирачи од Мала Преспа и Корча од Албанија, за следните локални избори. Станува збор за нашинци, македонски државјани (кои во деведесеттите години државјанствата ги добија на една адреса во Скопје, таа на МВР), кои во изминатите години, сосема легално, со склучени договори за закуп на стан, добиваа и добиваат лични карти во општина Ресен (веројатно и на други места), а со тоа стануваат и избирачи.

Јавна тајна е дека на локалните избори во 2009 година, кога Димитар Бузлевски изгуби за само 6 гласа (иако после првиот круг водеше за 670 гласови), беше спроведена масовна акција за издавање документи за гласање за оваа категорија граѓани, кои од благодарност (а можеби и за извесен надомест), гласаа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

Охридскиот портал, чии информации претпазливите новинари двојно ги проверуваат, тврди дека слична акција сега се подготвува не само во Ресен, туку и во Охрид, каде што лични карти ќе добиваат „проверени” сопственици на викенд станови, за да гласаат против сдсмовскиот кандидат Александар Петревски.

Интересно е дека овие наводи се совпаѓаат и со некои мои инсајдерски информации, дека слична операција се подготвува и во две скопски општини – во Карпош (каде што, традиционално, е таргетирана населбата Злокуќани) и во Кисела Вода. Во Кисела Вода, според некои интерни партиски анкети, СДСМ има сѐ поголеми шанси да го победи ВМРО-ДПМНЕ и затоа е оценето дека еден контингент фиктивни избирачи и таму веројатно ќе биде неопходен.

Се разбира, ништо од сето ова не е лесно докажливо. На тоа предупредуваат и експерти, кои велат дека навистина е тешко да се докаже дали некој студент или млад сезонски работник, родум од некоја „вмровска” општина од внатрешноста на земјата, добил скопска или охридска лична карта за да стане фиктивен гласач, или затоа што на тоа има право, бидејќи законот тоа му го овозможува.

Не е случајно тоа што сега, на одвај неколку месеци пред претстојните претседателските избори, Хрватите се обидуваат да го променат законот за место за живеење (жителство). Така, новиот хрватски закон треба да воведе поими трајно и привремено жителство, додека поимот место на престој (пребивалиште) би требало да замине во заборав.

Целата таа правна сплетка е премногу комплицирана да се објаснува, но идејата, во основа, е да се спречи појавата луѓето да имаат лични карти на лажна адреса, а тамошното МВР да не може да ги одјави од таа адреса без нивно лично барање. Се смета дека на пописот на избирачи во Хрватска сега има вишок од 300.000 до 500.000 имиња, не сметајќи ги оние од дијаспората. Станува збор за лица кои никогаш не живееле на адресите на кои се пријавени, но и луѓе кои некогаш живееле во Хрватска, но се иселиле и не се одјавени (овие вториве се главно од српска националност).

ВРГОРАЦ, ГРАД СО 6.500 ЖИТЕЛИ И 10.000 ЗДРАВСТВЕНИ КАРТОНИ

Но, да се вратиме на нашите приказни. Според ланскиот попис, Вргорац, заедно со 26 околни села, има точно 6.501 жител. Но, на избирачкиот список има 7.118 имиња. Во некои станови и куќи во ова гратче се пријавени по 20 и по 30 луѓе. Фиктивните избирачи доаѓаат од соседна Херцеговина и се припадници на ХДЗ.

Во Вргорац ХДЗ на Фрањо Туѓман е на власт од 1993 година. На првите локални избори во 1991 година, победила СДП на Ивица Рачан, но на изборите во 1993 година, според една репортажа во хрватските медиуми, во местото доаѓаат видни фаци од Загреб, со пораката „имате половина час да си заминете”. Работата така е и завршена, експресно и со закани.

Во 2001 година локалната коалиција на СДП и ХНС повторно ќе зајакне, но од тогаш до денес на сцена се фиктивните избирачи од Херцеговина. Се смета дека ги има околу 2.800. Ги пријавуваат роднини, пријатели, па дури и локалниот клуб на ХДЗ. Според некои шпекулации, гласовите се плаќаат по 400 куни, еквивалент на 100 конвертибилни марки. „Ние сме заложници на сопствената власт, бидејќи 30 до 40 отсто од пријавените избирачи се фиктивни и изборите губат смисла”, се жалат Вргорчани во хрватските медиуми.

Ситуацијата во ова место е трагикомична. Зградата на тамошното основно училиште е престојувалиште на десетици луѓе. Така е барем според документите. Фиктивни избирачи се пријавени во други јавни објекти, дури и во зградата на локалната полиција. Но, проблемите не завршуваат со изборите.

Откако фиктивниот избирач ќе добие лична карта и ќе ја исполни својата „граѓанска должност”, тој очекува државата да му возврати, да го награди. Па така, фиктивните избирачи се пријавуваат како невработени и ги користат сите возможни статусни права што ги нуди хрватската држава – здравствено осигурување, детски додаток, училишни и студентски стипендии итн.

Затоа, во Вргорац, град со околу 6.500 жители, има околу 10.000 здравствени картони. Бремените жени лажно се вработуваат како куќни помошнички и со тоа остваруваат право на надомест за породилно. Гратчето Имотски, на пример, уште еден бисер на изборниот инженеринг, е своевиден феномен – има 5.000 жители, од кои 1.000 се пријавени како куќни помошнички!

Сето тоа е цената која власта ја плаќа за да им се оддолжи на фиктивните избирачи. Имаа индиции дека слична цена за гласовите на лажните избирачи плаќа и државата Република Македонија.

Интересно е дека на локалните избори во 2009 година, коалицијата предводена од СДП, како пример за присуство на фиктивни избирачи, го посочи и Дубровник. Тогаш градот имаше 45.000 жители и околу 41.000 регистрирани избирачи. Сомневањата беа дека во акција се најмалку 5.000 фиктивни гласачи. Партиите кои бараа истрага, се повикаа на писмо на незадоволна дубровчанка, со стан на улицата Јосип Косор број 4, адреса на која вистински живееле 20 лица, а биле пријавени – 47 избирачи.

ПРЕДИЗБОРНИОТ ТЕРОР ВО БУДВА ПОТСЕТУВА НА ОХРИД

Што јужније, то тужније. Неодамна во Црна Гора се одржаа парламентарни избори, на кои повторно победи Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ. Губитниците, припадниците на Социјалистичката народна партија (СНП), се пожалија на т.н изборен мобинг и предизборен терор од власта. Како пример е посочен градот Будва, бисерот на црногорскиот брег.

Чуда можат да се прочитаат во една репортажа на црногорски „Монитор”. Суштината на предизборниот мобинг била да се попишат несигурните и колебливите избирачи, во сите фирми, државни и приватни. Со секој од нив наводно директно се „разговарало” и за нив се воделе досиеја. Откриени се и тајни списоци на сигурни гласови во локалните јавни претпријатија. Губитниците на изборите тврдат дека на овој начин буквално е таргетиран секој вработен и секој пензионер во оваа туристичка општина.

Кавгата во Будва трае од 1997 година, од поделбата на тогаш единствената партија меѓу приврзаниците на Мило и на Момир Булатовиќ. Соговорник на „Монитор” тврди дека во изборниот натпревар во Будва сега ДПС однапред води со три спрема нула. Партијата на Мило има бригада од 500 до 600 партиски активисти на теренот, кои контролираат 14.500 граѓани со право на глас.

И во Будва се користат услугите на фиктивните избирачи. Некои се шегуваат дека градот е изграден според урбанистичкиот концепт – една куќа, што повеќе избирачи. Има многу странски државјани, сопственици на куќи и станови, кои се пријавени како жители на Будва, поради поволниот данок на имот. Тие не доаѓаат на гласање, никој не ги познава, па власта организира дублери, кои со нивните лични податоци се појавуваат на избирачките места.

Можно ли е едно такво сценарио да се изведе и во Охрид? Моите извори велат дека со извесни модификации, тоа може да се стори. Секој што има викенд-стан во Охрид или е кираџија во тој град (студент, ученик, сезонски работник), има можност легално да извади лична карта и да се запише во избирачкиот список. Обележувањето на гласачите со спреј на прстот веројатно ќе оневозможи исти избирачи да гласаат два пати, но тоа и не е поентата на операцијата – вицот е во тоа да се префрлат избирачи од „сигурните” вмровски општини, во оние општини каде што се очекува победа на СДСМ. А Охрид бездруго е една од таквите општини.

Во Црна Гора, Мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС) се пожали дека на избирачкиот список има повеќе од 6.000 мртви души, но владата ги негираше тие наводи. Претходно, таа невладина организација соопшти дека на избирачкиот список има најмалку 14.000 избирачи кои имаат еден или повеќе двојници, со исти имиња, презимиња, но со исти – адреси.

Тие меѓу себе се разликуваат по тоа што имаат различни матични броеви. Владата на ДПС на Ѓукановиќ го негираше и тој податок, објаснувајќи дека опозицијата бара алиби за изборниот пораз. Дали нешто слично се случува и во Македонија? И кој за тоа води сметка?

БИТКА ЗА СРЕБРЕНИЦА

И октомвриските локални избори во Босна и Херцеговина покажаа дека постојат сомневања за манипулации со избирачкиот список. Така, Централната изборна комисија беше принудена да најави двојна проверка на гласачките ливчиња стасани по пошта, бидејќи се појавија сомневања дека во општините Источна Илиџа и Источно Ново Сараево, извесен број избирачи се пријавиле за гласање по пошта од Србија, но под неразјаснети околности, се нашле и на централниот избирачки список во тие општини.

Сепак, хит на овие локални избори беше Сребреница, град добро познат по војната, со огромно симболичко значење за Бошњаците. Во еден локален медиум, во септември, осамна ваков наслов: „Војната во Сребреница не е завршена, матните работи на политичките елити пак го делат градот”. Стануваше збор за надмудрувањата меѓу српските и бошњачките партии пред локални изборите.

Во страв дека прв пат после војната Бошњаците би можеле да ја изгубат локалната власт, тие покренаа иницијатива „Ќе гласам за Сребреница”, чија цел беше да се регистрираат што повеќе нови избирачи, за да ја осигураат победата на досегашниот градоначалник Ќамил Дураковиќ.

Регистрирани се околу 4.500 нови гласачи на изборите, од кои 2.400 пријавиле престој во Сребреница. Бошњачките политичари објаснуваат дека станува збор за луѓе кои на почетокот на војната живееле во Сребреница, но потоа избегале поради геноцидот и сега се вратиле назад.

Но, српските локални политичари пеат друга песна. Тие во целата акција гледаат обид за манипулирање со Сребреница и за уривање на Дејтонската спогодба. Се доведуваат фиктивни избирачи, кои ги има по 20 на иста адреса, а кампањата е нерегуларна, бидејќи во неа се вклучени странски државјани, меѓу кои и загрепскиот и санџачкиот муфтија.

Незгодата е што целата акција е легална, бидејќи според законите на БиХ, сите граѓани можат слободно да избираат жителство. Но, тоа сепак не е добро објаснување за чудниот феномен што за два месеца се пријавиле 2.000 нови жители на Сребреница, а за десет години – само 2.500. Да биде хаосот поголем, околу 4.500 граѓани од српска националност сѐ уште се на избирачкиот список за Сребреница, иако не живеат таму.

Дека има манипулации зборува и фрапантниот податок дека само четири дена после изборите, 216 избирачи ги одјавиле своите престојувалишта во Сребреница. Едноставно, исчезнале. Тоа не се граѓани на ова гратче, туку фиктивни избирачи, кои дошле, се пријавиле, гласале и откако си ја завршиле обврската – се вратиле назад во своите општини. Целта беше постигната. Дураковиќ победи со предност од 331 глас пред заедничкиот кандидат на српските партии, Весна Кочевиќ.

ОПОЗИЦИЈО, ОТВАРАЈ ОЧИ ЧЕТИРИ!

По оваа прошетка по лендмарковите на изборниот инженеринг, се враќаме во Македонија, со јасна предупредувачка порака – на помалку од шест месеци пред локалните избори, постои голема опасност партијата на Груевски, која комплетно ја контролира полицијата, навистина да изведе операции на масовно уфрлање на фиктивни избирачи во „спорните” општини. На локалните избори често се победува со тесен резултат, токму како во Ресен во 2009 година. Доволни се неколку десетици такви лажни гласачи, за да се направи пресврт.

Опозицијата уште сега треба да отвори очи четири и да ги провери наодите на медиумите дека се подготвуваат вакви операции. При отворањето на избирачкиот список, секоја адреса на која се пријавени поголем број избирачи треба да се провери. Производството на фиктивни избирачи е речиси легална операција и затоа постои само еден единствен начин да се докажат ваквите манипулации – махерите да се фатат ин флагранти. На дело и со докази. А потоа жестоко да се реагира и да се предупреди меѓународниот фактор на можните последици.

Нема да биде лесно, се разбира. Но, кој тоа на опозиционерите ги излажал дека локалните избори лесно ќе ги добијат?

Димитар БУЗЛЕВСКИ во битка за Ресен
МИНАТИОТ ПАТ МЕ ПОБЕДИЈА СО 400, А СЕГА МИ ПОДГОТВУВААТ 1.000 ФИКТИВНИ ИЗБИРАЧИ!

Димитар Бузлевски ги изгуби минатите локални избори за само шест гласа, иако по првиот изборен круг водеше со 670 гласови. Работата ја завршија фиктивните избирачи од Мала Преспа, чиј број, според неговите проценки, тогаш се движел околу 400.

Станува збор за Македонци, кои во деведесеттите години пребегаа од Албанија во Македонија и сите на една адреса, адресата на МВР во Скопје, добија македонско државјанство. Тие луѓе сега склучуваат фиктивни договори, со кои стануваат кираџии во Ресен и во околината, добиваат биометриски лични карти и имаат право на глас. Бузлевски вели дека има случаи на една адреса да се пријавени и по 30 фиктивни избирачи.

- За следните избори, власта проценува дека моите шанси се високи и затоа подготвува пообемна операција, со која ќе обезбеди дури 1.000 фиктивни избирачи. На луѓето, освен право на глас, им ветуваат и социјална заштита, пријавување во Агенцијата за невработени и надомест, здравствено осигурување и слично – објаснува тој.

Бестселер
КРАЖБА НА ИЗБОРИ НА 36 НАЧИНИ

Пред две-три години, во Франција се појави книга од група автори со наслов „Триесет и шест начини како да се украдат избори” (асоцијација на 36-те древни кинески стратегии за психолошко војување), составена од повеќе статии за разни искуства од Европа и од другите делови од светот. Книгата стана бестселер, се распродаде и дури и се повлече од интернет.

И во оваа книга се зборува за крадењето на гласови преку т.н. фантомски гласачи, кои не постојат. Се вели дека во 1979 година, во париските предградија, се појавиле фиктивни избирачи, за кои не се знае дали биле мртви души или живи луѓе. Книгата зборува и за злоупотребата на лажното пријавување на престој, за лажни потстанари, за избирачи со променети адреси и слично.

Со еден збор, нема потреба да се измислува топла вода – се е запишано во книгите. Треба само да се чита и да се учи.

И Хрватите и Црногорците со исти маки
НЕ Е САМО МАКЕДОНСКИОТ ИЗБИРАЧКИ СПИСОК ПРЕДИМЕНЗИОНИРАН

Како може држава со 2 милиони жители , како Македонија, да има речиси од 1,8 милиони избирачи? Често си го поставуваме ова прашање, но забораваме дека овој проблем на е само македонски.

Во Хрватска, во пресрет на претстојните претседателски избори, се тврди дека претседателот ќе го избираат и околу 600.000 непостоечки избирачи. Во таа земја, во која владее „бела чума” (негативен прираст на населението), бројот на избирачи, за чудо, постојано расте.

Во Црна Гора, пак, според пописот, од март имало 474.655 полнолетни граѓани, а на избирачкиот список имало дури 506.212 граѓани со право на глас. Најмногу од тие 31.577 „вишок” гласови се запишани во албанските средини – Рожаје, Плав, Улцин и Бијело Поље.

Кога не успеаја на друг начин, се обидуваат да ме замолчат со закани за убиство!

$
0
0

arhivaТекстот е објавен на 18-ти јануари 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 916

Покрај тоа што е прв човек на Здружението на приватни стопанственици (ЗПС), Влатко Ристески е активист и на „Аман”. Тоа што секогаш со себе ја носи членската книшка на ВМРО-ДПМНЕ, не го спречува да биде жесток противник на политиките на владата на Груевски. Себеси се смета за бунтовник со причина и не го плаши тоа што заканите за негова физичка ликвидација полицијата ги третира како „пријателски закани”!                                                                                                                         

Пишувал
Зоран МИЛОШЕСКИ           

ФОКУС Речиси е невозможно човек да не Ве види на некој од протестите во градовите низ Македонија. Вие како да не ги гледате владините реклами кои велат дека демократијата цвета, а условите за водење бизнис никогаш не биле подобри?

РИСТЕСКИ Дуќанџија сум од 1989 година, време кога уште сѐ беше државно и кога ме предупредуваа дека бизнисот што го почнувам однапред е осуден на неуспех. Оттогаш до денес работам во истиот објект кој е во моја сопственост и благодарение на него преживувам. Имаше време кога моето семејство од бизнисот убаво живееше, но сега само преживуваме. На оваа влада треба да ѝ честитаме затоа што успеа да го направи она што на ниедна претходна влада не ѝ успеало до овој степен: против себе да ги обедини граѓаните од различна етничка, религиска и партиска припадност. Како и да е, паметам многу подобри времиња од сегашново.

ФОКУС Во време кога шепотењето го замени гласното говорење, Вие јавно и јасно го искажувате несогласувањето со политиките на актуелната власт. Од каде таква храброст?

РИСТЕСКИ Карактерот на бунтовник го носам во себе уште од школските денови. Првиот протест го направив како осмоодделенец, кога ги организирав учениците од моето одделение јавно да реагираме на постапката на еден наш наставник. Подоцна, како војник на АРМ во касарната „Илинден” во Скопје, организирав протест против нехигиената и слабата исхрана. И во двете битки извојував победа. Не се сомневам дека и сега исходот ќе биде идентичен.

ФОКУС И покрај лошото искуство од конфронтирањето со локалните авторитети, влегувате во нов судир од пошироки размери?

РИСТЕСКИ Првиот судир со актуелната владејачка гарнитура во Прилеп го имав пред неколку години, кога го кренав гласот против безмилосното убивање на кучињата скитници. За нехуманата постапка ја известив кралската организација за заштита на животните и природата ЊСП од Лондон. Тоа не им се допадна на градоначалникот Марјан Ристески и на тогашниот претседател на општинскиот Совет, сегашен пратеник, Димитар Стевананџија. Веднаш потоа се соочив со зачестени инспекциски контроли и тогаш за првпат на сопствен грб почувствував што значи да се дојде во судир со власта.                                                       

ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ГИ ИЗЛАЖАА ДУЌАНЏИИТЕ

ФОКУС Што се смени во Вашиот живот по протестите на прилепските дуќанџии и оформувањето на ЗПС?

РИСТЕСКИ Датумот кој засекогаш ќе го паметам е 7.6.2012 година. Тогаш дојде до пресврт во мојот живот, бидејќи тогаш почнаа протестите на дуќанџиите. Следуваа бројни средби, разговори и преговори со политичари од различни политички опции. Формирањето на здружението беше единствениот начин да дојдеме до можност нашите проблеми да ги решаваме на институционален начин.

ФОКУС Мораше ли решението на проблемите наместо преку дијалог со власта да го барате со практикување улична демократија?

РИСТЕСКИ Од почетокот на протестите ние воспоставивме контакт со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Ана Лашкоска и Димитар Стевананџија, како и со градоначалникот Марјан Ристески. Остваривме повеќе директни средби и сите се сведоа на пиење кафе, чај, правење празни муабети и губење време. Ништо конкретно и ништо корисно.

ФОКУС Зошто тогаш не ги поддржавте измените на Законот за даночна постапка предложени од страна на опозицијата? 

РИСТЕСКИ Признавам дека згрешив кога без консултација со колегите од ЗПС подготвив предлози за измена на постоечкиот Закон за даночна постапка и со препорачано писмо истите ги испратив до Собранието на РМ. Во меѓувреме ми се јави пратеникот на СДСМ Горан Сугарески и ми кажа дека нивната пратеничка група спремила закон. Ми го даде предлог-законот, го разгледав и му реков дека нашите барања се разликуваат од она што тие го предлагаат. Разликите се однесуваа на висината на казните. Опозицијата го поднесе предлог законот и тогаш во нашето здружение настана една непријатна атмосфера проследена со многу притисоци. Вистинскиот проблем, всушност, беше зошто тоа да го направи СДСМ!?

ФОКУС Какви притисоци? Од власта?

РИСТЕСКИ Пратениците од владејачкото мнозинство ни ветуваа дека, ако издејствуваме СДСМ да го повлече предлог-законот, тие на собраниска седница ќе го поставеле нашиот предлог и тој ќе бил изгласан. Во таа насока добив и писмено известување од Трајко Вељаноски дека нашата иницијатива за донесување закон за измена на Законот за даночна постапка е доставена до пратениците. Премногу доцна сфатив дека под ставање на предложениот закон во процедура, власта подразбирала негово ставање во фиока! Непосредно потоа добив писмо и од владата, во кое пишуваше дека во најбрз временски рок ќе бидеме повикани на разговор. Само по три дена од добивањето на писмото, во Прилеп дојде министерот Зоран Ставрески. Преку градоначалникот Ристески побаравме средба со него. Наместо средба, бевме одбиени со образложение дека не сме биле влезени во агендата на министерот. За жал, тогаш кога пратеникот Сугарески ми тврдеше дека власта нема намера да го донесе законот, јас не му поверував!

ЌЕ ГИ БЛОКИРАМЕ РЕГИОНАЛНИТЕ ПАТИШТА

ФОКУС Има ли во меѓувреме некакво поместување во однос на висината на казните изречени од страна на инспекторите на УЈП?

РИСТЕСКИ Да, ама на полошо. Наместо одговор на поднесената иницијатива за измена на Законот, нашите членови добиваат решенија со кои казните за кои поднеле приговор двојно и тројно им се зголемуваат. Шест месеци чекаме владата и парламентот да се произнесат по нашата иницијатива, но не постои никаква најава дека државата има намера да го реши проблемот.

ФОКУС Дали постои можност да отстапите од дел од вашите барања и на тој начин со владата да се најдете на „половина пат”?

РИСТЕСКИ Нашите барања остануваат исти. Тоа значи практична примена на член 178 од Законот за казнена политика, во кој децидно е кажано дека пред изрекување на каква било казна, дуќанџијата треба да биде опоменат. Исто така, бараме намалување на висината на изречените глоби кои за наши услови се превисоки. Не е логично во ист кош да бидат ставени малите, средните и големите претпријатија. Како може и фирма со еден вработен и фирма со 200, 300 или повеќе вработени да плаќаат иста глоба? Немаме намера да отстапиме од нашето барање ниту милиметар. Доколку власта не нѐ повика да седнеме на преговарачка маса, ќе преземеме порадикални чекори кои подразбираат блокади на регионалните патишта.

ФОКУС Водени од принципот – „раздели па владеј”, власта прави очајнички обиди да внесе раздор во ЗПС. На какви притисоци беа изложени членовите на вашето здружение?

РИСТЕСКИ Од неколкуте иницијатори кои ја почнавме борбата за остварување на правата на дуќанџиите, останав само јас, другите од различни причини се повлекоа. Нашето здружение брои 1.370 членови. Власта направи сѐ за да нѐ „скрши”. Пробаа да направат раздор меѓу нашето членство со формирање на паралелно здружение „Стара чаршија”. Исто така, по еден или по двајца, градоначалникот Ристески ги повикуваше дуќанџиите на разговор во неговиот кабинет. Не знам што се случувало на тие средби. Не можам да тврдам дека им се заканувал или дека ги заплашувал, но знам дека откако ќе излезеа оттаму дел од нив велеа дека им е страв да продолжат да членуваат во нашето здружение, или, пак, да бидат видени во наше друштво. За притисоците од УЈП беспредметно е да се зборува. Се соочив и со закани по мојот живот. Пораката ми беше испратена преку мојот малолетен син, на кого му кажале дека ќе бидам убиен доколку не се повлечам од ЗПС. Сѐ додека верувам во тоа што го правам и додека ја имам поддршката на семејството, заканите нема да ме поколебаат.

„ПРИЈАТЕЛСКИ” ЗАКАНИ ЗА УБИСТВО

ФОКУС Го пријавивте ли случајот во полиција?

РИСТЕСКИ Се разбира, но кое фајде од тоа? Од денот кога поднесов кривична пријава против непознат сторител, пред шест месеци, ниту ме повикале да ми кажат што се случи со пријавата, ниту, пак, ме прашале дали има нови закани кон мене. Преку човек од власта ми испратија порака дека требало да внимавам што правам, бидејќи сум бил, како што тој се изрази, „премногу влезен во оган”. Пријавив и за тоа, на што ми беше одговорено дека тоа била „пријателска закана”!? Што тие подразбираат под „пријателска закана”, навистина не би знаел да кажам.

ФОКУС Кој беше мотивот да му се приклучите на „Аман”?

РИСТЕСКИ Откако почнаа првите протести во Скопје, заедно со чичко Цане Костадиноски појдовме пред куќата на Мајка Тереза и се сретнавме со луѓето од „Аман”. Нашето здружение имаше идентична намера да започне протести против поскапувањето на струјата, бидејќи сите ние сме директно засегнати од тоа. Затоа решивме да контактираме со оние кои веќе ја започнаа акцијата. Тие во нас видоа луѓе полни со енергија и желба да се фатат во костец со проблемот, по што се договоривме за соработка. Оттогаш станавме едно големо семејство. Сакам да потенцирам дека не само кон „Аман”, туку ќе се приклучам кон сите движења кои имаат за цел создавање подобри услови за животот на граѓаните.

ФОКУС Поучени од искуството со притисоците врз ЗПС, им кажавте ли на Вашите пријатели од „Аман”, што може да им се случи доколку Ви се придружат?

РИСТЕСКИ За да не се случи да „гори” само еден, во „Аман” се договоривме секој ден на прес да излегува различен човек. За жал, поради страв и поради одредени резерви, во Прилеп тоа не беше можно да се направи. Затоа јас ги водев сите пресови. Ги предупредив сите, дека од една страна дружењето со мене не е баш препорачливо, но, од друга страна, пак, може од тоа да имаат и ќар! Малку на шега, а повеќе на вистина, им реков дека доколку ги видат со мене, може ќе им понудат работа само за да ги тргнат од „лошото” друштво. Секој ден разговаравме на оваа тема. Иако не признаваа, знаев дека се изложени на притисоци. Тоа се виде откако некои полека почнаа да се повлекуваат од „Аман”. Секој по сопствен избор.

СЕКОЈ МАКЕДОНЕЦ Е ВМРО, НО СЕКОЈ МАКЕДОНЕЦ НЕ Е ДПМНЕ

ФОКУС Многумина беа изненадени кога Ве видоа на протестите на опозицијата. Што е тоа што го натерало еден десничар со членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ да застане рамо до рамо со Црвенковски, Шекеринска, Заев..?

РИСТЕСКИ На протестите настапувам во мое лично име и горд сум на тоа што сум во друштво на луѓето што се борат за враќање на демократијата во Македонија. Чест ми беше што организаторите на протестот во Прилеп ме поканија да им се обратам на моите сограѓани. Иако своевремено сум бил поборник на една друга идеологија, решив да ја прифатам поканата. За мене беше предизвик и привилегија да зборувам пред повеќе од 5.000 луѓе. Никогаш не сум можел да претпоставам дека заедно со една Радмила Шеќеринска, која оставила силен печат во политичкиот живот на нашата држава, ќе се обраќаме кон иста целна група. Но, како што и претходно реков, на оваа влада ѝ успеа против себе да обедини луѓе од различна политичка провиниенција.

ФОКУС Не се плашите ли дека во согласност со практиката на владејачката гарнитура можат да организираат контрапротест пред станот во кој живеете, каде што ќе мавтаат со Вашата членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ? 

РИСТЕСКИ Пред извесно време, кога на контрапротести излегоа наводните земјоделци, тие беа собрани пред влезот во зградата во која живеам. За волја на вистината, тогаш не видов земјоделци, туку видов мои поранешни сопартијци кои сега се раководители во јавни претпријатија и професори во училишта. Истото се случи и кога власта преку „Изгор приватизација” проба да организира контрапротести на протестите од „Аман”. Се виде дека луѓето кои беа таму, се донесени по партиска директива, абер немаа ниту каде се, ниту, пак, знаеја што бараат таму.

Да одговорам конкретно на Вашето прашање. Не, не се плашам од сценариото за кое зборувате. Јас мојата вмровска книшка ја носам со себе. ВМРО е секој човек што ја сака оваа држава, секој Македонец, но секој Македонец не е ДПМНЕ!

ФОКУС Што ако утре, во пресрет на локалните избори, Ви биде испорачан „непристоен предлог” во форма на понуда за носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ?

РИСТЕСКИ Никогаш нема да прифатам таква понуда! Свесни се и тие за тоа, а јас еве и сега давам збор дека и покрај тоа што добив директна порака дека сѐ има точка на топење, не постои цена со која можат да ме купат.

ФОКУС Работите и на нов проект наречен „ОДРАЗ”. За што точно станува збор?

РИСТЕСКИ Кон крајот на овој месец ќе биде промовирана Организацијата за демократска реакција и асоцијација на здруженија („ОДРАЗ”). „ОДРАЗ” ќе биде рамка на граѓанскиот сектор, на граѓанскиот живот воопшто. Тоа ќе биде еден вид на комора која ќе ги застапува интересите на граѓаните пред државата, односно која ќе ги штити граѓаните од нивната сопствена држава!

Цане КОСТАДИНОСКИ
МАРЈАН ГО ЗАБОРАВИ ВРЕМЕТО КОГА ВОЗЕШЕ ПОЛОВНА „БУБА”!

Цане Костадиноски пред 7-8 години се вратил од Австралија со желба неговите деца да живеат и работат во Македонија. Им поверувал на сегашните власти дека се создаваат услови за инвестирање во родната земја. Направил куќа, отворил бизнис, но преголемите давачки и казни го натерале да крене раце од него. Егзистенцијата на неговото семејство не е доведена во прашање бидејќи живее од примањата кои ги има од странство. Зошто, тогаш, им се приклучил на протестите?

- Уште од дете сум присутен во старата прилепска чаршија. Никогаш како сега толку многу дуќани не останале затворени и празни. Ако порано некој дуќан се затворел, преку ноќ истиот бил земен под кирија од друг дуќанџија. Старата чаршија беше душата на Прилеп. Денес е жално да се гледа како таа зјае полупразна и како дуќанџиите се борат со инспектори, со давачки, како се обидуваат да врзат крај со крај. Никогаш не било вака. Им се приклучив на протестите со намера да го дадам својот придонес во обезбедувањето услови за подобар и подостоинствен живот на граѓаните на нашата држава.

Слично како и неговиот пријател Влатко Ристески, и тој порано верувал дека ВМРО-ДПМНЕ има капацитет да ја водат државата.

- Разочаран сум од лагите на власта. Се вративме од странство, го донесовме капиталот, но и покрај тоа не гледам никаква перспектива за моите деца. Мора да се промени климата и да се создадат услови за отворање нови работни места, но тоа е можно само под услов да се вратат демократијата и слободата. Сум живеел во странство и знам што е демократија. Ако власта можеше на онаков силеџиски начин да се однесува со пратениците, тогаш се прашувам што може да ни се случи нам, на обичните граѓани?

Костадиноски е огорчен и на односот на прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

- Пред неполн месец присуствував на една средба која со граѓаните на урбаната единица во која живеам ја имаше градоначалникот Ристески. Откако заврши со презентацијата, тој праша дали некој сака да му постави прашање. Бидејќи никој не се јавуваше, решив јас да го скршам мразот. Кренав рака со намера да добијам збор, но на општо изненадување градоначалникот ми се обрати со зборовите: „Тебе Цане не ти давам збор оти замина од нашата партија. Ти сега да му поставиш прашање на Бранко Црвенковски”. Му реков дека како граѓанин на Прилеп, кој патем речено двапати својот глас го давал за него, имам право да поставувам прашања и дека сѐ додека е градоначалник на градот, треба подеднакво да се грижи за сите граѓани. Тогаш дојдоа луѓето од неговото обезбедување и насилно ме исфрлија од салата.

Марјан Ристески ги заборави деновите кога со чантичето шеташе низ прилепските улици, кога го туркав неговиот половен фолксваген „буба” кога ја водеше кампањата за градоначалник. Тој заборави дека овој народ го направи да биде тоа што е, а тој се однесува како да е роден во фотелја. Прилепчани треба да знаат дека за градоначалник немаат личност која се грижи за сите граѓани, туку само за поединци кои се богатат на нивниот грб, порачува Костадиновски.

Предметите што ги оставив не ги процесуираа, но затоа тие фирми станаа блиски до власта!

$
0
0

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на осми март 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 923

Колку се (зло)употребуваат државните ресурси за партиски кампањи, е тема актуелна за сите изборни циклуси во сите демократски држави. Кога за такви шеми ќе проговори екс-директор на Дирекцијата за спречување перење пари, тоа секаде би било првокласна вест. Но, настапот на Ване Цветанов на трибина на невладината организација Цивил беше целосно игнориран од провладините медиуми, наспроти првокласниот третман што му го дадоа на ѕвездата на балканското подземје Љубомир Магаш.

Тоа беше повод да побараме повеќе одговори од Цветанов за неговите искуства од обработката на теренот за изборните кампањи на владејачката партија до 2009 година. Некогашниот член на ВМРО-ДПМНЕ, а сега на ВМРО-Народна партија, за „Фокус” изнесува шокантни проценки за милионски суми црни пари кои „одработувале” на изборите во 2011 година!

ФОКУС На трибината на невладината Цивил раскажавте како ВМРО-ДПМНЕ во 2009 година користела недозволени, или од законски аспект спорни методи за мотивација на гласачите? Зарем пред тоа немаше такви појави?

ЦВЕТАНОВ Морам да се вратам на 2006 година и преку мала ретроспектива да доловам како кршењата на законите се зголемуваат од кампања во кампања. Во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција и немаше некој маневарски простор да го крши законот. Тогаш мотивацијата беше на идеолошка база. Во 2008 година, исто така, можам да кажам дека сѐ уште имаше нешто идеолошко на мотивациски план. Кршењето на законите почна, ама не беше на висок степен, од причина што претходно беше обработен теренот со тезата дека ВМРО-ДПМНЕ не може да ги исполни ветените реформи затоа што е во коалиција во НСДП. Се потенцираше дека доколку добие апсолутно мнозинство, апсолутно ќе ги исполни сите ветувања дадени во Преродбата во 100 чекори.

ФОКУС Да, но во 2008 година беше фиксиран и патриотскиот имиџ издигнат особено по нашето фијаско на НАТО самитот во Букурешт.

ЦВЕТАНОВ Апсолутно се согласувам, тој период врвот на ВМРО-ДПМНЕ го искористи многу добро за да поентира на терен, односно да го крене својот рејтинг до максимум. И тогаш е нивниот најдобар резултат. Но, од 2008 година наваму, ВМРО-ДПМНЕ скрши голем дел од принципите за кои што говореше претходно, меѓу кои и коалицирањето со ДУИ. Да потсетам, тоа беше напаѓано во колумни од страна на Никола Груевски – како може владата на СДСМ да поставува министри и заменик-министри од УЧК, па до ветувањето дека никогаш нема да коалицира со ДУИ. Тоа го говореше и во кампањата во 2008 година, но потоа направи коалиција со нив. Токму по 2008 година, по изборите се случи драстичен пад на рејтингот, бидејќи откако ВМРО-ДПМНЕ доби апсолутно мнозинство во парламентот, се виде дека идеолошка матрица е искривена, односно тогаш се назначија голем број на функционери кои имаат минат труд од 2004 до 2005 година во СДСМ, од оној нивен славен втор и трет ешалон како и од ДА.

ОЛИГАРСИТЕ ВЕЌЕ СЕ ПОД КОНТРОЛА НА ВМРО-ДПМНЕ

ФОКУС Но, токму Груевски постојано нагласува дека си држи до зборот?

ЦВЕТАНОВ Тој сега зборува едно, а по 2 години ќе направи сосема нешто спротивно, но тоа ќе го спинуваат во јавноста, во смисла дека за тоа е виновна опозицијата. Би ги споменал и олигарсите против кој плукаше, а постепено, од 2006 година, па наваму, гледаме како тие се претопуваат еден по еден во ,стадото, на ВМРО-ДПМНЕ. Односно, повеќето од олигарсите веќе се ставени под контрола на ВМРО-ДПМНЕ преку најразлични методи, а со злоупотреба на власта, се разбира.

ФОКУС Но, и денес зборуваат дека криминалната приватизација е дело на Бранко Црвенковски и на СДСМ, во спотовите тоа доминира.

ЦВЕТАНОВ Околу криминалната приватизација можам да кажам неколку работи. Прво, дека Никола Груевски беше министер за финансии од 1999-2002 година. Под негови директни ингеренции беа Царинската управа и УЈП, односно ги имаше главните инструменти за целосна ревизија на приватизацијата. И доколку сакаше да го направи тоа, тој имаше одврзани раце. Тој не може да се амнестира никогаш од тоа. Второ, пред неколку години доби јавна понуда за откривање на сите дела кои се поврзани со приватизацијата преку уставни промени, кои тој ладно го одби, бидејќи очигледна е намерата која што веќе излегува на виделина. Целта била превземање на најголемиот дел од компаниите во Македонија, и нивно ставање под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, ако во 2006 година 90 отсто од компаниите беа под контрола на СДСМ, сега е обратна ситуација, 90-95 отсто од компаниите веќе се под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. И тој тренд продолжува, до експанзија на неколку фирми блиски до власта, кои купуваат сѐ што ќе стигнат низ државава.

ФОКУС Не би ги именувале фирмите?

ЦВЕТАНОВ Знае јавноста на кои фирми алудирам. Јасно е дека бизнисот е клучен фактор за секои избори, бидејќи стопанството е тоа кое што вработува најголем дел од граѓаните, а е важно и од аспект на донации. Веќе е видливо, ретроспективно од денес наназад, дека таа операција не била случајна и дека свесно ги зеле фирмите под своја контрола.

ФОКУС Се работело плански?

ЦВЕТАНОВ Сакам да потенцирам дека она што било обработувано од моја страна како директор на Управата за спречување на перење пари, потоа тие предмети не ги процесуираа, но затоа пак видов како тие фирми стануваат блиски на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека станува збор за злоупотреба на одредени материјали за компромитација на одредени личности, за потоа тие бизнис структури да се придобијат во таборот на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Тоа значи дека институциите се користат за партиски цели, кои немаат врска со интересите на државата?

ЦВЕТАНОВ Најстрашно е тоа што РМ се наоѓа во длабока и сериозна криза, не само демократска, туку и институционална и морална, бидејќи институциите од највисоките до подрачните единици низ градовите се злоупотребуваат за партиските цели. Како што споменав, ВМРО-ДПМНЕ има идеолошка криза и нема што повеќе да понуди на граѓаните, оти едно исто го верглаат со години. Сите функционери добиваат агенда каде што треба да се појават, на кого треба да се јават и што треба да направат со цел добивање поголем број гласови во контото на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Ве разбирам, но тоа не е спорно. Секоја партија се ангажира  максимум на терен, да убедува, да придобива…

ЦВЕТАНОВ Само проблемот е во тоа што функционерите не се јавуваат со име и презиме, како личност, туку како функционери на одредена институција, при што користат суптилни или директни закани дека доколку не постапи граѓанинот по наредбата, ќе следуваат проблеми во иднина!

ТРОЈАНСКИТЕ КОЊИ ЗАМИНАА, ТВРДОКОРНИТЕ ОСТАНАА

ФОКУС Да, но како тоа да се документира? Луѓето се исплашени, за тоа се говори, овие сцени сум ги слушала на повеќе места, но стравот што постои кај луѓето е многу посилен, отколку желбата тоа да се надмине?

ЦВЕТАНОВ Сакам да напоменам една ситуација, за каков морал говориме, кога првиот човек на државата – премиерот, на конвенцијата спомена дека Стојанче Ангелов се продал за ситни пари кај Бранко Црвеновски! Како да го сфатиме тоа: како директна понуда до нас?

ФОКУС Стојанче Ангелов веќе реагираше дека има и докази, СМС-пораки дека него му е нудено да премине на другата страна.

ЦВЕТАНОВ Од кои причини преминаа Филип Петровски, Марјан Додовски, Наталија и другите во ВМРО- ДПМНЕ? Да не мислите дека преминале за идеологија или за бонбони? Сакам да кажам дека Груевски веројатно сакаше да алудира дека ценовникот на СДСМ е многу понизок од нивниот. Јас тоа го подразбирам како директен или индиректен повик до најголемиот дел на членови од опозицијата: повелете кај нас, Бранко ве купува за ситно, а ние ќе ве купиме многу поскапо. Но, тој не може да сфати дека времето на квази идеологијата водена од ВМРО-ДПМНЕ заврши. И не постојат пари со кои може да биде купен овој дел од опозицијата што остана, бидејќи остана најтврдокорното членство. Поминаа тројанските коњи, се помина.

ФОКУС Во 2011 година, ВМРО-ДПМНЕ маестрално ја обработи десницата. А и самиот Филип Петровски тврдеше пред изборите дека има барем два тројански коњи меѓу четирите партии од десницата.

ЦВЕТАНОВ Очигледно е дека Филип Петровски бил информиран, бидејќи  се видоа тие два тројански коња, преминаа тој и Маријан Додовски.

ФОКУС Тврдите дека веќе нема тројански коњи во десницата?

ЦВЕТАНОВ И да има, ќе излезат на површина и ќе изгорат. Сменето е целосно расположението на теренот. Граѓаните дури и само да гледаат провладини телевизии, веќе научија да разликуваат што е пропаганда, што е реалност. Не може да помине кај граѓаните една лага петпати. Поминала еднаш, двапати, третиот пат лагата се филува со малку пресија, четвртиот пат и со пресија и со пари, но овојпат нема да им помине ниту лажење, ниту пресија, ниту притисоци, бидејќи на најголем дел од граѓаните им е преку глава. Верувајте, комуницирам и со членови на ВМРО-ДПМНЕ од пониските ешалони на кои им е преку глава да ги слушаат наредбите за да се појавуваат на одредени трибини, да ракоплескаат на Груевски, да ги задоволат неговите хирови, поврзани со онаа негова фамозна изјава од владината говорница каде што се фалеше со митинзи, народ и слични работи. Таква изјава се дава од партиска говорница, а не од говорница на влада.

ФОКУС Такви забелешки имаше ОБСЕ/ОДИХР во 2011 година, конкретно за премиерот и за министерката Јанкуловска, каде што се мешаат партиската и државната функција. Но, тој тренд продолжува, убедени се дека тоа нема да доведе до силни критики од набљудувачите?

ЦВЕТАНОВ Мене ми е жал дека ваквите трендови во ВМРО-ДПМНЕ можат да нанесат сериозни штети на РМ, ништо повеќе. Нема да им помогнат овој пат да победат на изборите. Ваквите методи можат само да придонесат за продлабочување на политичката криза.

25 МИЛИОНИ ЕВРА ЦРНИ ПАРИ ВО 2011-ТА?!

ФОКУС Во 2009 година, Вие како дел од ВМРО-ДПМНЕ, бевте ангажиран во третата изборна единица, каде што главен беше Влатко Ѓорчев. Како ги мотивиравте гласачите тогаш?

ЦВЕТАНОВ Во 2009 година постоеше одреден револт кај комитетите, постоеше низок степен на мотивираност и беа направени сите оние операции за мотивирање на самите активисти, разговарање со сите…

ФОКУС Дали се користеа црни пари за поткупување на гласачите?

ЦВЕТАНОВ Можам да кажам дека не постои кампања до сега, со исклучок на онаа од 2006 година, каде што црните пари не биле петкратно повеќе од прикажаните. Дури 2011 година, моите извори говорат дека се потрошени повеќе од 30 милиони евра! Значи, ако ВМРО-ДПМНЕ има прикажано околу 5 милиони евра, односно признаени и потрошени пари, информациите говорат дека повеќе од 25 милиони евра се потрошени на рака, како црни пари. Во 2011 година, кога ги слушнав тие информации ми стана јасно зошто имаше и толку противење околу моите заложби за ставање и средување на финансискиот систем на РМ, односно за високиот коефициент и проток на кеш низ државата.

ФОКУС Ама зарем немаше во 2009 година такви пари?

ЦВЕТАНОВ Ваквиот тип операции се координираат од самиот врв, од еден центар и морам да признам дека во тој дел се многу организирани. Протокот на информации е стеснет на минимум и директно се делат задачи секому од врвот. Едни ги прават анализите за состојбите на терен, други ги лоцираат потребите и ги одредуваат сумите што им се потребни, а на трети, веројатно непознати луѓе, им се делат и им се даваат торби со пари. И тие одат на самото место, им се даваат адреси.

ФОКУС За оваа работа сум слушнала и конкретни изјави. Но, не верувам дека некоја институција тоа ќе го провери, ќе го истражи и санкционира. Неодамна, Соња Мираковска од НСДП на трибината на Транспаренси го кажа истото за 2011-та, дека се давале по 150 евра од гласач во Тројката.

ЦВЕТАНОВ Ова само потврдува дека Македонија е во длабока институционална криза. Погледнете го само буџетот. Од 2 милијарди и 700 милиони евра, 1 милијарда и 200 милиони евра се предвидени за социјалните трансфери. Тоа е 2 спрема 1. Ваков сооднос немам видено во друга држава. И од другиот дел од средствата кои се предвидени во буџетот, повторно се наменуваат за задоволување посебни целни групи, де за пензионери, де за измислени нефункционални мерки за субвенционирање на земјоделието, кое е посебна тема. Проблемот е што се фрлаат пари само за стимулација на одредени целни групи, а не за ефекти во стопанството и во економијата. Од тие причини, ние имаме проблем и со сериозна буџетска криза во државава, затоа што по доаѓањето на власт, опозицијата ќе наиде на сериозен проблем, како да ги вратиме работите во нормален колосек!

ИМ ТРЕБААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ ЗА ПРИКРИВАЊЕ НА КРИМИНАЛОТ

ФОКУС Колку тие целни групи на кои власта не штеди, се свесни дека со таквите политики на крајот заглибуваме сите?

ЦВЕТАНОВ За среќа, се освестија. Ќе наведам еден мал пример, јас секој ден се возам со градски автобус. И во вторници и во петоци, денови кога пензионерите се возат бесплатно, слушам како ја критикуваат владата, бидејќи нив ги интересира иднината на нивните внуци. Засегнати се што внуците им размислуваат или веќе заминуваат во најголемиот дел во странство. Не смее да се потценува македонскиот народ. Истото важи и за земјоделците. Без разлика колку и да фрлаат субвенции, ако не се ефективни, тогаш бадијала им е. Проста математика, ние имаме зголемен увоз на земјоделски производи сега во 2013 година споредено со 2006 година, а отишле 500 милиони евра во субвенции. Каде се ефектите?

ФОКУС Дали верувате дека меѓународните набљудувачи ќе бидат построги кон изборните манипулации?

ЦВЕТАНОВ Жално е што во најтешките и во најдлабоките кризи, секогаш оставаме да одлучува меѓународниот фактор, бидејќи до сега изгледа не сме покажале доволна политичка зрелост сами да си ги решаваме проблемите. Истото важи и за овој проблем. Во 2011 година, меѓународниот фактор некако намигна и му даде простор на Груевски, односно го верификуваше изборниот фалсификат направен во 2011 година. Но, по обединувањето на опозицијата против политиките на ВМРО-ДПМНЕ, по црниот 24 декември, без разлика дали меѓународниот фактор ќе се апстрахира од целата таа состојба или ќе се инволвира максимално, ние како опозиција ќе одиме до крај и нема да дозволиме ниту еден глас да биде купен, злоупотребен или уценет. До моментов ги следиме сите активности, знаеме што се случува на терен. Понатаму очекувајте конкретни дејствија од нас, од страна на опозицијата.

ФОКУС Зошто власта не прифати предвремени парламентарни избори?

ЦВЕТАНОВ Познавајќи го менталитет на врвот во ВМРО-ДПМНЕ, ќе распишеа парламентарни предвремени избори ама многу добро ги знаат бројките од терен. Ги знаат анкетите и знаат дека граѓаните овојпат нема да им простат. Знаат дека овојпат ќе бидат сурово казнети, како што знаат да казнат одвреме навреме граѓаните на РМ. Тие се обидуваат да си купат уште 2 години и поради тоа ги одлагаат парламентарните избори. Сакаат да го истераат мандатот на владата до крај, со цел, според мене, да изведат операција за прикривање на трагите за сите криминали што се направени до денеска.

ФОКУС Медиумски и финансиски опозицијата стои многу послабо од владејачката структура, а, сепак, верувате во победа?

ЦВЕТАНОВ Не би сакал сега да зборувам за пиар-стратегијата, но сакам да констатирам една работа – празните фрижидери, невработеноста, гладот, иселувањето на најмилите чеда, на децата, се најсилниот медиум што не може да го победи ниту Сител, ниту Канал 5, ниту цела армија медиуми што ги ставија под контрола ВМРО-ДПМНЕ. Нашата предност е тоа што граѓаните почнаа да препознаваат веќе што е политичка манипулација, што е пропаганда и веќе им станува одвратно да гледаат како некој на телевизија им објаснува како тече мед и млеко по улиците, а дома е глад и се соочува со неплатени сметки.

Контрапротестанти
СО ПЛАТА ОД 9.000 ИЛИ ДНЕВНИЦА ОД 500 ДЕНАРИ

ФОКУС Секогаш има доволно контрапротестанти?

ЦВЕТАНОВ  Гледаме дека таа цифра е околу 2 до 3 илјади луѓе, кои што, од она што го имам слушнато, најголемиот дел одат за дневници. Имавме една трик проба каде што пуштивме наш човек од партијата да им се придружи на тие контрапротестанти. Кога прашал еден од оние таканаречени диригенти, повозрасен човек, дали имаат намера да дадат пари, диригентот му рекол дека тој бил на редовна плата од 9.000 денари и дека има други кои се на дневница од 500 денари, и дека таму ќе треба да се пријави, за да му платат. Така што најголемиот дел од контрапротестанти се луѓе од пониските социјални ешалони во општеството кои што ги злоупотребуваат за нивни партиски цели!

Сега е јасно дека Мијалков не бил случајно сменет во 2000-та година!

$
0
0

Кога некој многу години работел во МВР, при што бил и директор на УБК (од 1999 до 2001 г.), а за време на широката коалиција, пак, (мај 2001 до ноември 2002 г.) ја извршувал функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, тогаш може да смета за вистински соговорник за контроверзиите со акцијата „Пуч“ и „бомбите“ на Заев.

Во разговорот за „Фокус“, Горан Митевски тврди дека е невозможно странска служба да прислушува над 20.000 лица повеќе од 4 години. Верзијата со комбето, пак, ја смета и апсурдна. Иако обвинителството и судството ги оценува како контролирани од власта, сепак верува дека во процесот по кривичните пријави на опозицијата ќе се откријат интересни работи. Особено зошто Сашо Мијалков бил сменет од функцијата помошник на министерот за безбедност и разузнавање во ресорот Одбрана во владата на Георгиевски!

Инаку, Митевски заминува од МВР со доаѓањето на Хари Костов за министер

ФОКУС: Може ли странска служба да нарача прислушување во Македонија, кое ќе опфати над 20.000 лица, а во период од најмалку 4 години? И притоа, ниту премиерот, ниту министерот за внатрешни работи, ниту шефот на УБК да не знаат што им се случува во дворот?

МИТЕВСКИ: Масовно прислушување со опфат од над 20.000 лица во период од најмалку 4 години е невозможно да изврши која било странска служба во Македонија. Управата за оперативна техника (т.н. Петта управа) во Министерството за внатрешни работи единствено поседува опрема, која има капацитет да ги следи комуникациите на толкав број граѓани во нашата држава. За прислушувањето, доколку се спроведува согласно законот, мораат да бидат информирани директорот на УБК и министерот за внатрешни работи. Премиерот, по правило, не треба да биде информиран за прислушувањето, освен во случаи кога преку таа посебна истражна мерка се добиваат сознанија со одреден политички, воен или економски сензибилитет, за кои премиерот и претседателот на државата треба да бидат информирани. Тоа е во случај кога така добиените информации можат да помогнат при донесувањето одредени владини или државни одлуки поврзани со стратегиските прашања за Република Македонија.

ВЕРЗИЈАТА ЗА КОМБЕТО Е НЕСЕРИОЗНА

ФОКУС: Како ја коментирате верзијата на премиерот за комбето со прислушна опрема, кое шетало низ градот? И така цели 4 години?

МИТЕВСКИ: Тоа е толку несериозно што воопшто не би сакал да го коментирам. Но, еве накусо да појаснам. Верзијата со комбето паѓа во вода со самиот факт дека можноста за таков вид следење на комуникациите е ограничена со опсег од околу 2 километри, а разговорите на лидерот на опозицијата, г-дин Зоран Заев, со своите најблиски соработници, главно, се одвивале на релација Струмица – Скопје, со оддалеченост од околу 100 километри воздушна линија. На прес-конференцијата беше кажано дека комбето снимало во периодот од 12 до 18 часот, а од прислушуваните разговори слушаме „да не те разбудив“ и слични работи, кои потврдуваат дека добар дел од разговорите се одвивале или во раните утрински часови или доцна навечер. Исто така, со поставувањето камери на сите раскрсници во Скопје, таквото комбе многу лесно ќе беше лоцирано и идентификувано, а досега ќе излезеа и снимки од него. Навистина ова прашање не е потребно дополнително да се коментира.

ФОКУС: Кој, според Вас, стои зад масовното прислушување? Чија замисла е, но особено чија е реализацијата?

МИТЕВСКИ: За да одговорам на ова прашање, ќе мора да почекаме да отпочне судскиот процес по поднесените кривични пријави против г-дин Мијалков и НН лица од МВР, вработени во Управата за оперативна техника, кои ги поднесе опозицијата. Јас сум сигурен дека со сведочењето на лицата што учествуваа во одредени настани во периодот 1999-2000 година и од крајот на 2006-2014 година, кои во првиот период работеа во Министерството за одбрана, поточно во Секторот за безбедност и разузнавање, а во вториот период во МВР, ќе се расветлат многу од сегашните често поставувани прашања поврзани со овој настан.

ФОКУС: Го познавате ли Сашо Мијалков? Дали сте имале професионални контакти додека работевте во УБК, а тој беше во Одбрана?

МИТЕВСКИ: Во мојата професионална кариера во Управата за безбедност и контраразузнавање никогаш се немам сретнато со г-дин Мијалков, иако до нас во периодот 1999-2000 година пристигнуваа одредени информации поради кои беше сменет од функцијата помошник на министерот за безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана, но, како што кажав на почетокот, очекувам за тие работи јавно да се проговори во судскиот процес против него.

ФОКУС: Колку луѓе било неопходно да бидат ангажирани во ова мега-прислушување?

МИТЕВСКИ: За актуелната бројка би требало да шпекулирам, но секако во целата операција биле вклучени поголем број лица. Само би напоменал дека е невозможно лица вработени во Управата за оперативна техника неовластено да прислушуваат и да снимаат разговори подолго од 4 години, а за тоа да не знаат нивните претпоставени. Системот на хиерархија и контрола не го дозволува тоа, бидејќи таму има началник на Управата, негов заменик, началник на сектор, началник на одделение и невозможно е некои вработени толкав период да доаѓаат на работа, да ја злоупотребуваат опремата за прислушување за потребите на странски служби, а тоа да не го забележат нивните претпоставени. Тоа е апсурд.

НЕОПХОДНА НИ Е ПРЕОДНА ВЛАДА

ФОКУС: Можна ли е опцијата што ја заговара опозицијата, дека целата операција била смислена од Груевски и од Мијалков? Особено, како што наведуваат, зашто немало снимки од директна комуникација само меѓу нив двајца?

МИТЕВСКИ: По мое лично мислење, можно е прислушувањата да се нарачани од Груевски и од Мијалков. Верувам дека овие моменти ќе мора да се расветлат во судскиот процес. Поточно, убеден сум дека ќе биде така. Не би сакал да откривам повеќе детали.

ФОКУС: А можно ли е министерката за внатрешни да не знае за тоа?

МИТЕВСКИ: Мислам дека одговорив оти доколку прислушувањето е законски, мора да бидат информирани министерот за внатрешни работи и директорот на УБК. Најверојатно, станува збор за усна наредба на директорот на УБК, и бидејќи е избегната правната процедура, можно е министерката да не била информирана за примена на мерка.

ФОКУС: Каква е разликата меѓу аферата „Големото уво“ од 2000 година и оваа актуелнава со „бомбите“ на Заев?

МИТЕВСКИ: Разликата меѓу овие две афери е во опфатот на прислушуваните граѓани. Тогаш беа прислушувани не повеќе од 100 граѓани, а во поновава афера, бројката, како што слушаме, е поголема од 20.000 граѓани. Сличноста е дека и тогаш и сега имаше прислушувани државни функционери, политичари, новинари и други категории на граѓани.

ФОКУС: Верувате ли во судска разврска на случајот „Пуч“, во услови кога обвинителството и судството се под капата на фамилијата на власт?

МИТЕВСКИ: За жал, повеќето од прислушуваните разговори потврдија претходни јавно објавени информации што беа содржани и во неколку извештаи на Европската комисија дека обвинителството и судството се под директна контрола на владејачката партија и дека се нарачуваат одредени судски одлуки. Кога слушнавме дека еден главен уредник на провладин медиум се жали кај претседателката на Апелациониот суд во Скопје, веќе не постоеја дилеми за ваквите долгогодишни индиции кои беа присутни во повеќето средства за информирање, односно за големиот притисок врз судството, но и за кокетирањето на првите луѓе на судовите и обвинителството со власта.

ФОКУС: Каде го гледате излезот од оваа политичка криза?

МИТЕВСКИ: Како излез од оваа криза е неопходно формирање преодна влада, која ќе ги отстрани сите нотирани злоупотреби од сегашнава власт, а за тоа ќе бидат потребни 12-18 месеци, по што ќе мора да се распишат парламентарни избори. Но, претходно ќе мора да се коригира избирачкиот список, да се донесат нови закони со кои ќе се оневозможат условувањата со меници и хипотеки со кои се држат под контрола сите пратеници, министри, но и останатите избрани државни функционери. Исто така, ќе мора да се допрецизира начинот на перманентна  контрола од страна на парламентарната комисија за контрола на УБК и Агенцијата за разузнавање над безбедносните служби. Ќе биде неопходно да се извршат промени во повеќе закони поврзани со издавање на личните документи на граѓаните, како и прецизна регулатива за гласањето во странство.

СОФИСТИЦИРАНА ОПРЕМА ОД ИЗРАЕЛ

ФОКУС: Какви апаратури за прислушување поседува УБК? Дали, евентуално, за опрема за прислушување биле потрошени фантастичните 25 милиони евра (или 40 пати повеќе од планираното) со ребалансот на буџетот во 2008 година?

МИТЕВСКИ: Самиот факт дека министерката за внатрешни работи и директорот на УБК на 3 јуни 2008 година во Тел Авив потпишаа договор за продлабочување на соработката во областа на безбедноста, размената на информации и технологија со израелскиот министер за одбрана, г-дин Ехуд Барак, само се потврдуваат сознанијата дека била договорена набавка на софистицирана опрема за следење на комуникациите со многу голем опфат.

ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ

ФОКУС: Каде се гледате лично повеќе: во Форумот за одбрана на државата од предавници и странски служби или во Форумот на слободоумни патриоти?

МИТЕВСКИ: Од самиот почеток на формирањето на Форумот на слободоумни патриоти се приклучив во неговата работа и се залагам за доследно спроведување на неговите програмски определби. Како најважна би ja споменал нашата сè поголема загриженост за правецот во кој се движи Република Македонија и барањето на излез од тој ќор-сокак. Форумот најенергично се спротивставува на идејата за колективно жртвување во името на некакви „повисоки“ државни интереси, а во принцип, во заднината се личните интереси на поединци.  Во своето дејствување, Форумот, исто така, ќе настојува да се ослободат сите политички затвореници, затворени во монтирани политички процеси, како на пример Љубе Бошкоски, Александар Диневски и други, но и максимална одговорност за креаторите и извршителите на овие процеси и дејствија.

Viewing all 798 articles
Browse latest View live